МАКЕДОНСКА ВИСТИНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА СИНАКСАР ДЕКЕМВРИ,СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР ГО ЧЕСТВУВА

ДЕНЕСКА, 4 ДЕКЕМВРИ, СВЕТИ ЈОВАН ДАМАСКИН
Прво бил министер на калифот Абдалмелех, а потоа се замонашил во манастирот на Свети Сава Осветен. Заради ревносното застапување на иконопочитувањето во времето на иконоборниот цар Лав Исавријанин, Јован бил наклеветен од овој цар кај калифот, кој му ја отсекол десната рака. Тој и се молел на Пресвета Богородица и раката му се составила и чудесно му зараснала. Кога го видел тоа чудо калифот се покајал, но Јован повеќе не сакал да остане кај него како големец, туку се повлекол во манастир, каде што во почетокот им бил пимер на монасите во смирението, послушноста и во сите монашки подвизи. Испеал посмртни песни, го составил Октоихот, Ирмологијата, Месецословот, Пасхалниот Канон и напишал многубројни богословски дела со вдахновение и длабочина. Тој бил вистински големец како монах, и како поет, и како богослов, и како војник на Христовата вистина. Свети Јован Дамаскин се вбројува во големите отци на Сцетата Православна Црква. Се упокоил мирно во 776 година, во сто и четвртата година од својот живот.
Тропар, глас 8:
Наставнику на Православието, учителе на побожноста и чистотата, светилнику на вселената, боговдахновен украсу на архиереите, Јоване премудар, со учењето твое сите си ги просветил, кавалу духовен, моли го Христа Бога, да ги спаси душите наши.
Кондак, глас 4:
Да го прославиме во песни песнописецот и славниот говорник, учител и воспитувач на Црквата, и непријател на демоните, Свети Јован, зошто земајќи го како оружје Крстот Господов, ги истерал сите измами на ереста и како топол застапник пред Бога, на сите им подава простување на гревовите.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 4 ДЕКЕМВРИ, СВЕТА ВЕЛИКОМАЧЕНИЧКА ВАРВАРА
Таткото на оваа славна Христова следбеничка, која на млади години се вневести за Христа, се викал Диоскор и бил познат според положбата и богатството во градот Илиопол Мисирски, а во верата бил незнабожец. Својата ќерка единица, мудра во умот и убава во ликот, Диоскор ја затворил во висока кула, ја опкружил со секакви удобности, ѝ дал слугинки да ја служат, ѝ поставил идоли за поклонување, ѝ изградил бања со два прозорци. Гледајќи ги низ прозорецот земјата долу и ѕвезденото небо во висините, на Варвара ѝ се отворил умот со Божествената благодат, па Го познала единствениот вистински Бог и Создател, иако немала никого од луѓето за учител во тоа. А кога нејзиниот татко еднаш се оддалечил од градот, таа излгла од кулата и по Божја Промисла се сретна со некои христијанки кои ѝ ја јавиле вистината на Христовата вера. Срцето на Варвара пламнало со љубов кон Господ Христос. Таа наредила да се пресече и трет прозорец на бањата за да бидат трите прозорци симбол на Света Троица; на една карпа во бањата нацртала со прстот крст и крстот се вдлабил во каменот како врежан со железо; од нејзините стапала на подот од бањата избивал извор со вода која подоцна на мнозина им донела исцеление од болестите. Кога дознал Диоскор за верата на својата ќерка, сурово ја биел, ја протерал од кулата и ја гонел за да ја убие. Карпата се отворила и ја скрил Вравара од суровиот татко. Кога му се јави повторно, татко ѝ ја однел пред началникот Мартијан, на кого што му ја предаде за мачење. Невината Варвара ја расоблекле и ја биеле, додека целото тело не ѝ го прекриле во рани и крв. Во затворот ѝ се јави Самиот Господ со ангели и ја исцели. Кога го виде тоа една жена Јулијанија и самата посака мачеништво. Обете биле ужасно мачени и со исмевање ги водеа по градот. Им ги отсекле градите и од нив истекло многу крв. Најпосле ги извеле на губилиште, каде што таткото самиот си ја заклал ќерката, а војниците ја заклале Јулијанија. Истиот тој ден удрил гом во куќата на Диоскор и ги убил него и Мартијан. Света Варвара пострада во 306 година. Нејзините чудотворни мошти почиваат во Киев. Прославена во Небесното Царство, Св. Варвара многупати им се јавува на мнозина, понекогаш сама, а понекогаш со Пресвета Богородица.
Тропар, глас 8:
Ја почитуваме Света Варвара, зошто демонските замки ги урна и како птица се избави од нив, со помош на оружјето на Крстот, сеславна.
Кондак, глас 4:
Побожно пеејќи му на Светата Троица, си го седела Бога, маченичке, уништувајќи ги идолските светилишта. Страдајќи, сред подвиг, Варвара храбра, од заканите на мачителот не си се уплашила, туку постојано си викала велегласно: Ја почитувам Светата Троица, Единствено Божество!
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 5 ДЕКЕМВРИ, ПРЕПОДОБЕН НЕКТАРИЈ БИТОЛСКИ
Бил роден во Битола. Се подвизувал најпрво во манастирот Свети Врачи кај Битола, заедно со својот замонашен татко Пахомиј. Потоа преминал на Кареја, каде што го продолжил подвигот под раководство на Старците Филотеј и Дионисиј во ќелијата на Св. Архангели. Откако ги победил човечката завист, демонските напасти и тешките болести, се преселил во Царството Христово на 5 декември 1500 година. Неговите чудотворни мошти цели, нетлени и благоухани, почиваат во истата ќелија.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

ДЕНЕСКА, 5 ДЕКЕМВРИ, СВЕТИ САВА ОСВЕТЕН ЕРУСАЛИМСКИ
Свети Сава Осветен се родил во селото Муталаск во Кападокија, од татко Јован и мајка Софија. Родителскиот дом го напуштил кога имал осум години и се замонашил во блиската обител наречена Флавијанова. После десет години преминал во Палестинските манастири и таму најдолго се задржал во обителта на Светите Ефтимиј Велики (под 20 јануари) и Теоктист. Проѕорливиот Ефтимиј за него прорекол дека ќе стане славен монах и наставник на монасите и дека ќе основал лавра поголема од сите лаври на сите времиња. По смртта на Св. Ефтимиј Сава се оддалечил во пустина, каде што во една пештера, која му ја покажа ангел Божји, поминал како отшелник пет години. Потоа, кога стана совршен монах, по Божја Промисла околу него почнале да се собираат многумина ревнители за духовниот живот. Набрзо се собрале во толкав број, што Сава морал да гради и црква и многубројни келии. Дошле и некои Ерменци, на кои тој им одредил пештера за во неа да служат на ерменски јазик. Кога умрел татко му, кај него дошла неговата остарена мајка Софија, која тој ја замонашил и ѝ дал келија подалеку од неговиот манастир, па во неа таа се подвизувала до крајот на животот. Овој Свет отец претрпел многу напасти од ближните, од еретиците и од демоните. Но тој сите ги победувал, и тоа: блиските со благост и попустливост, еретиците со непоколебливо православно исповедање, а демоните со крсниот знак и повикувајќи Го на помош Бога. Особено голема борба имал со демоните на гората Кастела, каде што го основал својот втор манастир. Тој и неговиот сосед Теодосиј Велики се сметат за најголеми светила и столбови на Православието на Исток. Тие ги исправаа царевите и патријарсите во верата, а на сите им служеа како пример на светителско смирение и на чудесната Божја сила. После трудољубивиот и многуплоден живот Св. Сава се упокоил во 532 година, во деведесет и четвртата година од својот живот. Меѓу другото, тој го устрои манастирскиот типик на богослужење, којшто подоцна се раширил по целото Православие и станал познат како Ерусалимски устав.
Тропар, глас 8:
Со потоците на твоите солзи си ја обработувал неплодната пустина и со воздишките од длабочината на душата си ги умножил со тага своите таланти. Си бил светилник на светот, светејќи со своите чудеса, Саво отец наш: Моли го Христа Бога, да ги спаси душите наши.
Кондак, глас 8:
Од младост си му принел на Бога непорочна жртва во доблести, Саво блажен, и си бил мисионер на побожноста. Затоа си станал пофалба на светите и фален жител на пустината, и ти извикуваме: Радувај се, Сава Милостив!
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 6 ДЕКЕМВРИ, СВЕТИ НИКОЛА МИРЛИКИЈСКИ ЧУДОТВОРЕЦ
Овој голем Чудотворец и прекрасен посредник пред Бога, се родил во земјата Ликија во Патара. Неговите родители, таткото Теофан и мајка Нона, го имале само него единец. Тоа било благословено дете од самото раѓање зошто не можел да биде различен од благочестиви и милостиви родители кави биле неговите. Му го дале името Никола, што во превод значи победител на народот и тој навистина по благослов Божји се покажал како победител над злото во целиот свет. Овој славен светител и денеска се слави во целиот свет. Бидејчи бил даруван од Бога, го посветиле на Бога. За духовниот живот го подучувал неговиот стрико Николај епископ Патарски, и заедно се замонашиле во манастирот „Нов Сион„. По смртта на своите родители, го продал својот имот и парите ги разделил на сиромашните. Одредено време бил свештеник во своето родно место. Се одликувал со милосрдие, но бидејќи по природа бил скромен, се повлекол во самотија и безмолвие и така да ја пречека смртта, но му се јавил Господов глас: „Никола, оди меѓу народот на подвиг ако сакаш од мене да бидеш овенчан“. Тогаш тој ја напуштил самотијата и отиде меѓу народот и бил исбрам за Архиепископ во градот Мир во Ликија. Во време на царевите Диоклецијан и Максимијан во времето на гонењето и мачењето на христијаните, бил фрлен во темница, но и таму не престанал да проповеда и да го шири зборот Божји. Присуствувал на Првиот Вселенски собор во Никеја, но затоа што ја кренал раката против Ариј, бил оддалечен и му било забрането понатаму да присуствува. Дури кога преку избраните архиереји се јавил гласот на Господ исус Христос и Пресвета Богородица, дека е направена голема неправда кон Св. Никола и му го одобриле понатамошното пеисуство на Соборот.
Бил вистински борец за вистината, заштитник на правдата, спасил многумина од сигурна смрт. Истовремено милостив, правдољубив, одел меѓу луѓето како Ангел Божји и затоа уште тогаш луѓето го сметале за светител. Го повикувале за помош во болести, беди и немоќ, а тој одел кај сите и на сите им помагал. Од неговото лице светела светлина. Во староста се разболел и се упоколил во Господа на 6 декември 343 година. Многу чуда се случуваат од неговите чудотворни мошти од кои непрестано излегува миомирисно миро со кое се лечат болни луѓе. Овој угодник Божји спасувал изгубени бродови и затоа се смета за заштитник на морепловците. На оваа дата сите бродови, без разлика каде се, го фрлаат сидрото и до утредента мируваат одавајќи слава и благодарност на овој чудотворец. Голем е бројот на неговите чуда и затоа со помош на молитва на слепите им дава вид, куците проодуваат, на глувите им се враќа слухот.
Тропар (глас 4):
Правило вјери и образ кротости, воздержанија учитеља јави мја стаду твојему, јаже вешчеј истина: сего ради стјажал јеси смиренијем високаја, нишчетоју богатија, оче сјашченоначалниче Николаје, моли Христа Бога, спастисја душам нашим.
Нека Господ Бог благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 9 ДЕКЕМВРИ, ЗАЧНУВАЊЕТО НА СВЕТА АНА
Праведните Јоаким и Ана биле без деца цели педесет години од својот брачен живот. На старост им се јави архангелот Гаврил на секој од нив посебно и им рекол дека нивните молитви биле услисани од Бога и дека ќе родат ќерка со име Марија. Тогаш света Ана зачнала од својот маж и после девет месеци им се роди ќерка која била благословена од Бога и од сите човечки поколенија, Пресветата Дева Марија Богородица.
Тропар, глас 4:
Денеска бездетноста се разреши зошто Бог ги услиша Јоакима и Ана, јасно ветувајќи им дека, иако остареле, ќе ја родат Пресветата Богородица. Од Неа се роди Неопишаниот, станувајќи Човек им нареди на Ангелите да и воскликнуваат: Радувај се, благодатна, Господ е со тебе!
Нека Господ Бог благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 23 ДЕКЕМВРИ, ПРЕПОДОБЕН НАУМ ОХРИДСКИ
Светиот и Преподобен Наум Охридски потекнува од Мизија. Според воспитувањето што го доби од неговите благородни родители, просуди дека благородството и богатствата се плевел и му се присоединува на Константин Филозофот и неговиот брат Методиј, рамноапостоли.
Преподобен Наум Охридски бил еден од најблиските ученици и соподвижници на светите рамноапостолни Кирил и Методиј, чиј спомен го чествуваме на 11/24 мај. Од својата младост тој ги следел учителите во Великоморавија и Панонија, каде што во текот на многу години (863-885) подвижнички живот им го проповедал Божјото слово на словенските народи на нивниот роден јазик. Преподобен Наум ги обучувал словените во писменоста, ги распространувал богослужебните книги, кои рамноапостолните браќа ги превеле од старогрчки јазик на словенски. Во 868 г. во Рим, папата Адриан II (867-872) го ракоположил преподобниот Наум за ѓакон, а потоа тој го примил и чинот презвитер. Папата Адриан II го признал како богоугодно делото на Словенските учители, ги осветил словенските книги и благословил да се служи литургија на словенски јазик.
Најтешки искушенија поднеле Свети Наум и другите ученици на Свети Методиј по преставувањето на свети Методиј во 885 г., кога епископ Моравски станал дамнешниот непријател на словенската просвета – германот Вихинг. Проповедниците биле фрлени во темница, приковани во окови и мачени. По нивните молитви кон Господа, се јавило чудо: настанал земјотрес, ѕидовите на затворот паднале, оковите се скинале. Кога народот го видел тоа, поверувал во светоста на затворениците, но Вихинг го прогласил Божјиот знак за ѓаволско дејство и го прогонил Свети Наум со неговите соподвижници од Великоморавија.
Светите проповедници, движени од Божјата Промисла, творејќи многу чуда, стигнале до Дунав. Таму тие се разделиле на групи. Некои од нив тргнале кон Мизија, други во Дакија и Илирија, „ умножувајќи го Божјото слово насекаде стократно.”
Додека Свети Климент во Охрид ги вршел светителските и епископските трудови, преподобен Наум изградил манастир во чест на Светите Архангели, на јужниот брег на Охридското езеро, кој станал извор на благочестие и прибежиште за бедните. Околу него се собрале многу монаси, бидејќи тој бил мудар учител, строг подвижник, чудотворец и молитвеник. Во тој манастир се подвизувал десет години и го завршил својот земен пат во 910 г, примајќи пред смртта монашки постриг. Таму и досега почиваат неговите свети мошти, лекувајќи – со силата на Христовата благодат – душевни слабости и болести. Светата Црква набргу го вброила преподобен Наум во соборот на светите, а манастирот што тој го оснавал, станал познат меѓу народот како манастир на свети Наум. Заедно со светителот Климент тие биле наречени „нови Мојсеј и Арон.”
Преподобен Наум неуморно се трудел над преводот на Светото Писмо на словенски јазик. Автор е на „Канон на апостолот Андреј”. Со неговото книжевно дело се поврзуваат уште два канона: „Канон на Архангел Михаил” и„Канон на пренесување на моштите на Јован Златоуст.”
Тропар, глас 4.
Светот го остави, откако се соедини со Христа, телото го распна, живеејќи за Духот, Науме себлажен, се трудеше да се подвизуваш со апостолскиот тек и си уловил за верата неброен мизиски народ. Затоа, со твоите молитви избави нè од искушенија.
Кондак, глас 3.
Пречесниот спомен на твоите светли подвизи, како големо сонце, на сите им свети, лицата на тие што те воспеваат ги просветува, демоните и секоја болест ги изгонува,/ заради тоа, откако се собравме, со љубов верно да го восфалиме.

ДЕНЕСКА, 24 ДЕКЕМВРИ, БАДНИК, ПРЕДВЕСНИКОТ НА ГОЛЕМИОТ ПРАЗНИК БОЖИЌ
Денот пред Божиќ, 24 декември, според јулијанскиот календар, се вика Бадник. Името го добил по тоа што тој ден се сече бадниково дрво и се внесува во домот. Со овој ден веќе почнува Божиќното славење. Рано наутро се обајвува одењето во шума по бадник. Штом ќе се раздени, се пали оган жените прават колачи, торти и ја подговуваат трпезата за Божиќ.
Бадникот симболички го претставува она дрво кое овчарите го донеле и кое праведниот Јоспиф го заложил во студената пештера кога се родил Господ Исус Христос. Бадникот го навестува и Крстот Господов.
Исто така рано наутро децата одат од дом на дом во своето маало, тропаат на вратите и ја пеат Коледарската песна . Домаќините им даваат бонбони, јаболка, костени и ситни пари. На вечер семејството се собира и го сечат лебчето, во кое има ставено паричка, на онолку дела колку има членови во семејството плус за домот и Господ. На оној кому ќе му падне паричката, ќе има среќа целата година.
Тропар (глас4):
Напишано е одамна дека Дева Марија со старецот Јосиф , кој е од семето Давидово, ќе го донесат во Витлеем во утроба бесемено зачнатиот Христос. Дојде времето на раѓањето, но немаше ниедно место за тоа: Но како прекрасна палата, пештерата на царицата се покажува. Господ Исус Христос се раѓа, да го воскресне паднатиот лик човечки.
Нека Господ Бог благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 25 ДЕКЕМВРИ, РОЖДЕСТВОТО НА ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС
“А кога се наврши времето, Бог Го испрати Синот Свој Единороден“ (Гал. 4, 4) за да се спаси човечкиот род. И кога се исполнија девет месеци од благовеста којашто архангел Гаврил и ја јави на Пресветата Дева во Назарет велејќи: „Радувај се, благодатна…, еве ќе зачнеш и ќе родиш син”
Во тоа време излезе заповед од кесарот Август да се попише целиот народ во римското царство. Поради таа заповед требаше секој да отиде во својот град и таму да се запише. Праведниот Јосиф со Пресветата Дева појде во Витлеем, градот Давидов, зашто обајцата беа од царското колено Давидово. А бидејќи во тој малечок град заради пописот се насобра многу народ, па Јосиф и Марија не можеа да најдат ноќевалиште во ниедна куќа, се засолнија во една овчарска пештера, каде што пастирите ги затвараа своите овци. Во таа пештера, ноќта меѓу саботата и неделата на 25 декември, Пресветата Дева Го роди Спасителот на светот, Господ Исус Христос. Откако Го роди без болка, како што и Го зачна без грев, од Светиот Дух а не од човек, таа самата Го пови во ленени пелени, Му се поклони како на Бог и Го положи во јасли. Потоа пријде и праведниот Јосиф, и тој Му се поклони како на Божествен плод на девствена утроба. Тогаш дојдоа и пастирите од полето, упатени од Божјиот ангел и Му се поклонија како на Месија и Спасител, воскликнувајќи: „Слава на Бога во висините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја” (Лука 2). Во тоа време пристигнаа тројцата Мудреци од исток, водени со чудесна ѕвезда, со своите дарови: злато, ливан и измирна. Тие на Младенецот Му се поклонија како на Цар над царевите и Го даруваа со своите дарови (Матеј 2). Така дојде во светот Оној Чиешто доаѓање беше пророкувано од Прорците, Којшто се роди онака како што беше пророкувано: од Пречиста Дева, во градот Витлеем, од коленото Давидово по тело, во време кога немаше веќе во Ерусалим цар од родот Јудин, туку царуваше Ирод туѓинецот. После сето мнозинство на Неговите предобрази и наговестувања, на пратениците и благовесниците, Пророците и праведниците, мудреците и царевите, најпосле се јави Он, Господарот на светот и Царот над царевите, за да го изврши делото на човечкото спасение, коешто не можеа да го извршат Неговите слуги.
Рождеството Христово е најрадосниот и најзначајниот настан во животот на човештвото зошто тогаш Пречистата Дева го донесе на свет Богочовекот, Спасителот на светот, Исус Христос.
Кај нас празникот се слави три дена. Првиот ден е Божиќ, а тогаш, рано наутро, пред да се раздени ѕвонат сите ѕвона на сите православни храмови и се најавува раѓањето Христово. Народот оди во црква на Божиќна литургија и сите заедно се поздравуваат со зборовите:„Христос се роди – Ваистину се роди“!
Тропар, глас 4:
Рождество Твоје христе Боже наш, вазсија мирови разума, в њем бо звјездам служашчи звјездоју учахусја, Тебје кланјатисја солнцу правду, и Тебје вједјети с висоти востока, Господи слава Тебје
Нека Господ Бог благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 26 ДЕКЕМВРИ, Е СОБОР НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
Вториот ден од празникот Рождеството на нашиот Господ Исус Христос, Божиќ, Православната Црква го слави Соборот на Пресвета Богородица. Денеска целата Црква Христова и одава слава на Прсветата Богомајка која го родила Господ и Бог и Спас наш. Овој празник се нарекува Нејзин Собор зошто се собираат сите верници да ја прослават Богомајката, целата природа и се се поклони на Христовото раѓање.
Тропар (глас 4):
Со твоето раѓање, Христе Боже, засветли светот со светлина на богопознание, зошто во таа светлина со ѕвеѕда се учеа оние кои на ѕвездите им служат, за Ти се поклонат Тебе, Сонце на Правдата, и да Те познаат Тебе од висините на Истокот, Господи, слава Ти!
Нека Господ Бог благослови на многаја љетa

ДЕНЕСКА, 27 ДЕКЕМВРИ, СВЕТИ СТЕФАН ПРВОМАЧЕНИК
Православната Црква, третиот ден после Божиќ молитвено се сеќава на Светиот Првомаченик и Архиѓакон Стефан.
Св. Стефан бил Евреин и тоа припадник на оној дел на еврејскиот народ кој живеел во грчките области и зборувале грчки јазик. Бил во сродство со апостол Павле, кој во времето на мачеништвото на Св. Срефан се уште не ја спознал вистината за Христовото учење.
Страдањето на Св. Стефан се случило една година по симнувањето на Светиот Дух на апостолите, тој бил првиот христијанин кој страдал за Господ и затоа се вика Првомаченик. Неговото мачеништво потресно е опишано во Светото Писмо на Новиот Завет. Тој уште се нарекува и Архиѓакон зошто бил прв од седум ѓакони кои светите апостоли ги поставиле на служба околу помагањето на сиромашните во Ерусалим.
Како кажува библиското сведочење, Светиот Архиѓакон Стефан бил, како и дванаесете апостоли, вдахновен со силата на Светиот Дух. Правел многу чуда, им помагал на луѓето и сите тие негови добри дела се спомнуваат во Светото Писмо. Во првата година по страдањето и Вознесението на Господ, Св. Стефан со огромна сила на својата вера, а неговите зборови и дела потсетуваат на зборовите на законот и пророците од Стариот Завет, им докажувал на Евреите, своите сонародници, дека тие навистина го убиле Месијата, кој толку векови го очекувале. Затоа меѓу своите ближни имал многу непријатели, но секогаш ги победувал со свои јасни и вистинити зборови. Бидејќи не можеле на никаков начин да го спречат неговото проповедување со помош на лажни сведоци бил наклеветен дека хулел против Бога и Мојсеј, онака како што се случило и со Господ Исус Христос. Така народните духовни старешини го побуниле народот против Св. Стефан, го уапсиле и по апсењето бил суден.
На судењето Св. Стефан одлучно и со докази ги побил сите лажни клевети на лажните сведоци. Кога почнал да ја кажува вистината за Месијата свештениците се разгневиле, како и народните поглавари. Во тој момент Архиѓаконот Стефан погледнал во небото и она што го видел им го објавил на сите: „Еве гледам небото отворено и Синот човечки како стои од десната страна на Бога“. Тоа уште повеќе ги разгневил неговите судии, го изнеле од градот и го убиле со каменување.
А тој ден кога го каменувале Св. Стефан, подалеку на едно возвишение, стоела Пресвета Богородица со светиот Јован Богослов, гледајќи го мачеништвото на овој прв маченик за вистината на Нејзиниот Син и се молела усрдно за неговата душа.
Св. Стефан пострадал во својата 30-та година и неговите последни зборови биле: „Господи, не им го земај ова за грев“. Неговото тело го зел Гамалило кој се криел дека бил христијанин и го закопал на својот имот. Во 415 година неговите мошти се пронајдени во областа северно од Ерусалим, и пренесени во храмот подигнат во Ерусалим. Не така долго после тоа, во времето на царот Теодосиј II Помладиот (408-450) тие биле пренесени во Цариград.
Тропар, глас 4:
Подвигом добрим подвизалсја јеси, Првомучениче Христов и Апостоле и мучитељеј обличил јеси нечестије каменијем бо побијен од рук беззаконих, венец од јаже свише Десници пријал јеси и ј Богу взивал јеси вопија: Господи, не постави им грјеха сего.
Нека Господ Бог благослови

This entry was posted in Синаксар. Bookmark the permalink.

Comments are closed.