МАКЕДОНСКА ВИСТИНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА СИНАКСАР НОЕМВРИ,СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР ГО ЧЕСТВУВА

ДЕНЕСКА, 1 НОЕМВРИ, СВЕТИТЕ БЕСРЕБРЕНИЦИ КОЗМА И ДАМЈАН – СВЕТИ ВРАЧИ
Светите Козма и Дамјан биле браќа по тело и дух, родени некаде во Азија, од татко ненабожец и мајка христијанка. По смртта на таткото, нивната мајка Теодотија го посветила целото свое време и труд своите синови да ги воспита и одгледа како вистински христијани. Господ и помогна во тоа зошто нејзините синови израснале како два светилника на светот. Ја научиле лекарската вештина и бесплатно им помагале на болните не толку со лекови колку со името на Господ Исус Христос и тие така ја исполниле заповедта Христова: „бесплатно добивте, бесплатно и давајте“ (Мат. 10, 8). Толку биле внимателни во своето бесплатно лечење што Козма навистина му се налутил на својот брат Дамјан затоа што тој зел три јајца од некоја жена Паладија и наредил после неговата смрт да не го закопаат до својот брат Дамјан. Всушност тој ги зел јајцата затоа што жената го заколнала во Светата Троица да ги земе затоа што ја исцелил од болеста.Тоа биле браќа чудовторци големи и за време на своите животи и после смртта. И така Господ ги прослави со чудотворство за секогаш оние кои Него го прославија на земјата со својата вера, чистота и милосрдност.
Тропар (глас 8):
Свјатии бесребреници и чудотворци, Козмо и Дамјане, посјетите немошчи нашја: туне пријасте, туне дадите нам.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 3 НОЕМВРИ, ПРЕНОС НА МОШТИТЕ НА СВЕТИ ГЕОРГИЈ
На овој ден се празнува преносот на моштите на Свети Георгиј од Никомидија во градот Лида, во Палестина, каде што пострадал во времето на царот Диоклецијан. Страдањето на овој прекрасен светител е опишано на 23 април. Пред смртта Свети Георгиј го замолил својот слуга да го земе неговото мртво тело и да го пренесе во Палестина, од каде што бил роден и каде што била родена неговата мајка, која имала голем имот и им го раздала на сиромасите. Слугата го послушал и така и направил. Во времето на царот Константин во Лида побожните христијани му изградиле на Свети Георгиј прекрасен храм и при осветувањето на храмот во него ги пренеле моштите на светителот и таму го закопале. Од чудотворните мошти на Светиот великомаченик Георгиј се случиле големи чуда.
Тропар,глас 4:
Јако плених свободитељ и нишчих зашчититељ немошствојушчих врач, цареј поборниче, побједоношче, великомучениче Георгије, моли Христа Бога, спастисја душам нашим.
ЧУДО НА СВЕТИ ГЕОРГИЈ
Меѓу многобројните чуда на свети Георгиј се раскажува и ова: на острвот Митилени имало црква на свети Георгиј великомаченик и победоносец. Жителите на целото тоа острво се собирале во таа црква за годишниот празник на светителот. Дознавајќи за ова Сарацените од Крит го нападнале оството за време на празникот, го заплениле и поробиле и се вратиле на Крит. Во таа прилика било заробено и едно убаво момче, кого пиратите го подариле на својот кнез на Крит. Кнезот го примил и го поставил за свој трпезар. Родителите на момчето биле во голема тага по својот син. Кога поминало една година, и повторно дошол денот на празнувањето на свети Георгиј, тогаш тажните родители, според стариот обичај, поставиле трпеза и се гоштевале многу гости.Сеќавајќи се на својот син мајката расжалостена отишла пред иконата на светителот, паднала на земја и почнала да го моли свети Георгиј, да го спаси нејзиниот син од ропство. Потоа мајката се вратила кај госитите крај трпезата. Тогаш домаќинот ја кренал чашата и се напил во слава на свети Георгиј. Во тој момент ним им се обратил нивниот син држејќи во раката еден сад со вино. Кога сите го прашале со изненадување и страв како се нашол таму, момчето им одговорило дека кога сакал да го послужи со вино својот господар на Крит, пред него се појавил некој витез на коњ, го зел со себе на коњот и го пренел моментално во домот на родителите негови. Сите се воодушевиле и Го прославиле Бога и прекрасниот светител Негов, Георгиј, војвода и победоносец.
Нека Господ Бог благослови на многаја љета.

ДЕНЕСКА, 8 НОЕМВРИ,СОБОР НА СВЕТИ АРХАНГЕЛ МИХАИЛ
Уште во Стариот Завет пишува дека луѓето ги празнувале ангелите, но кога тие отстапиле од Бога, почнале да им се поклонуваат на суштествата Божји претставувајќи си ги какo богови и им принесувале жртви. Еретиците ги нарекле богови и создавачи на се видливо и невидливо. Тоа било многу распространето во времето на светите апостоли.
Околу пет години пред Првиот Вселенски собор, на Лаодикискиот помесен собор на светите отци било проколнато почитувањето на ангелите како богови и било предадено на анатема, така што по 35 Правило воведено какао благочестиво и правилно почитување и празнување на сите ангели како служители Божји и хранители на човечкиот род.
Било одредено тоа да биде во ноември бидејќи е девети месец после март, кога е создаден светот, заради девете ангелски чинови кои претходно биле создадени. Овие девет ангелски чинови ги опишал ученикот на Светиот Апостол Павле, Свети Дионисиј Аеропагит во својата книга „За небесната хиерархија“ и тие се следните: шестокрили серафими, многуоки херувими, богоносни престоли, господства, сили и власти, начела, архангели и ангели. Во таа строга ангелска хиерархија, каде владее совршена едодушност во послушноста на ниските чинови на повисоките, за војвода бил избран архистратигот михаил зошто со своето делување спасил многу ангели отпаднати од Бога кој Луцифер ги повлекол со себе во пропаст. Секој народ има свој ангел хранител, всушност, секој христијанин има свој ангел хранител и чувар и затоа треба да имаме на ум дека без разлика што правиме или мислиме, јавно или тајно, тоа го правиме во присуство на својот ангел. А на денот на Страшниот суд ќе се собере огромнен број на ангели небесни околу Христовиот престол и на секого од нас ќе се објават делата, а тогаш нека Бог не помилува и нека не спаси со своите молитви светиот Архангел Михаил и бестелесните небесни сили.
Претставен е како во својата десна рака држи копје со кое го држи Луцифер, а во левата има палмово гранче. Тој се смета за чувар на верата православна и за борец против ересите.
Тропар, глас 4:
Небесних војинстав Архистратизи, молим вас присно ми недостојнији, да вашими молитвами оградите нас, кровом крил невештественија вашеја слави, сохранујушче ни припадајушчија, прижељно и вопијушчија: от бед избавите ни, јако чиноначалници вишних сил.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 12 НОЕМВРИ, СВЕТИ ЈОВАН МИЛОСТИВИ
Патријарх Александриски. Роден на островот Кипар во кнежевско семејство. Татко му бил кнез на Епифанија. Од детството бил воспитуван како вистински христијанин. Неговите родители го натерале да се ожени и имал деца, но по Божја Промисла неговата жена и деца се преселиле од овој во оној свет. Познат по своето милосрдие и благочестивост, св. Јован бил избран за патријарх Александриски во времето на царот Ираклиј. Десет години управувал со Александриската цеква како вистински пастир чувајќи ја од незнабожши и еретици. Бил пример на кроткост, милосрдност и човекољубие. „Ако сакаш благодарства, не барај го во крвта, туку во добродетелта, зошто тоа е благодарството„ велел тој. Еден ден за време на литургија се сетил на Христовите зборови: „Ако принесуваш дар на својот жртвеник, и таму се сетиш дека братот твој има нешто против тебе, остави го дарот свој пред жртвеникот и прво помири се со својот брат, па потоа дојди и принеси го својот дар“ (Мт. 5, 23-24), и тогаш тој се сетил дека еден клирик во црквата имал лоша волја кон него и Св. Јован заминал од светите двери, му пришол на клирикот, му паднал пред нозе и го замолил за простување. И кога се измирил со него, се вратил кај жртвеникот. Еднаш исто така одејќи кон црквата Свети Кир и Јован, го сретнала некоја сиромашна вдовица и почнала да му зборува за својата сиромаштија. Оние кои биле со него почнале да се досадуваат од жалбите на жената и му рекле на владиката да побрза на служба, но светителот им одговорил: „Како мене Господ ќе не послуша, ако јас неа не ја послушам?“ И не сакал да се помести се додека не ја ислушал до крај жалбата на жената.
Кога Персијците го нападнале Египет , патријархот Јован седнал на брод и се одалечил од таа напаст. По пат се разболел и кога стасал на Кипар се упокоил во своето родно место во 620 година и прејде во царстворо Господово. Неговите мошти се чудотворни и прво биле пренесени во Цариград, потоа во Будимпешта и на крај во Пресбург.
Тропар:
В терпјенији твојем стјажал јеси мзду твоју, отче преподобне, в молитвах непрестано терпјевиј, нишчија возлјубивиј и сија удовлјивиј; помолисја Христу Богу, Јоване милостиве, блажене, спастисја дужам нашим.
Нека Господ Бог благослови на многаја лјета

ДЕНЕСКА, 13 НОЕМВРИ, СВЕТИ ЈОВАН ЗЛАТОУСТ
Свети Јован Златоуст бил Патријарх Цариградски. Бил роден во Антиохија во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчакта философија Јован се згнасил од грчкото незнабоштво и ја усвоил христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение примил од Мелетиј, Патријархот Антиохиски, а потоа примиле крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонашил и почнал строго да се подвизува. Тогаш ја напишал книгата „За свештенството” и тогаш му се јавиле Светите апостоли Петар и Јован и му прорекле голема служба, голема благодат, но и големо страдање. Кога требало да биде посветен за свештеник се јавил ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагал, сите виделе светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, бил избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управувал со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испратил незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотрел симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја раширил милосрдната дејност на Црквата; напишал посебен чин на Светата Литургија; ги посрамил еретиците; ја изобличил царицата Евдоксија; Светото Писмо го растолкувал со својот златен ум и јазик, на Црквата и оставил многу драгоцени книги со неговите беседи. Народот го прославил, завидливците го замразиле, а царицата двапати го испратила во прогонство. Во прогонство поминал три години и се упокоил на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта повторно му се јавиле апостолите Јован и Петар, а и Светиот маченик Василиск (под 22 мај), во чијашто црква ја примил Светата Причест. „Слава Му на Бога за сѐ!”, биле неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Царството Небесно. Од моштите на Св. Јован Златоуст главата почива во Успенскиот храм во Москва, а телото во Ватикан во Рим.
Тропар,глас 8:
Благодат од твоите усти засвети како светлина од оган и ја просветли Вселената, стекна света ризница на несреброљубие и нам ни ја покажа висината на смиреноумието. Затоа учејќи не со твоите зборови, оче Јоване Златоусти, моли го Христа Бога Логосот да ги спаси душите наши.
Нека Господ Бог благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 14 НОЕМВРИ, СВЕТИ АПОСТОЛ ФИЛИП
Свети апостол Филип бил роден во Витсаида крај Галилејското езеро, како и Петар и Андреј. Од малечок научен на Светото Писмо, Филип веднаш се одѕвал на повикот на Господ Исус и тргнал по Него (Јован 1, 43). После слегувањето на Светиот Дух Филип ревносно го проповедал Евангелието во многу краишта на Азија и Грција. Во Грција Евреите сакале да го убијат, но со Своите моќни чуда Господ го спасил. Така еврејскиот архиереј којшто се устремил да го бие одеднаш ослепел и сиот поцрнел. И имало силен земјотрес и земјата се отворила и ги проголтала злобните гонители на Филип. И многу други чуда се извршиле, особено исцеленија на болни, заради што мнозина незнабожци поверувале во Христа. Во Фригискиот град Јерапол Св. Филип се нашол на заедничка работа со Св. Јован Богослов, со својата сестра Маријамна и апостолот Вартоломеј. Таму имало некоја опасна змија, којашто незнабожците грижливо ја хранеле и ѝ се поклонувале како на Бог. Божјите апостоли со молитва ја умртвиле оваа змија. Со тоа врз себе го навлекле гневот на помрачените луѓе. Озлобените незнабожци го фатиле Филип и го распнале на дрво главечки, потоа го распнале и Вартоломеј. Тогаш земјата се отворила и го проголтала судијата и мнозина други со него. Во голем страв луѓето притрчале да ги симнат апостолите. Но успеале да го симнат жив само Вартоломеј, Филип веќе издивнал. На крстените Вартоломеј им го поставил за епископ Стахиј, когошто претходно тој и Филип го исцелиле од слепило и го крстиле. Стахиј бил слеп четириесет години. Подоцна моштите на Св. Филип биле пренесени во Рим. Овој прекрасен апостол пострадал во 86 година, во времето на царот Дометијан.
Тропар, глас 3:
Вселената светло се украсува, Етиопија се радува и како со венец украсена, со тебе е прославена сјајно, славејќи го споменот твој, богозборлив Филипе. Сите си ги научил да веруваат во Господа Христа и животот си го завршил достојно на Евангелието. Затоа светло и со слобода, раката епископска се подигна кон Бога, молејќи Го да ни даде голема милост.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 14 НОЕМВРИ, УПОКОЈУВАЊЕ НА СВЕТИ ГРИГОРИЈ ПАЛАМА
Таткото на Свети Григориј бил висок чиновник на дворецот на царот Андроник II Палеолог. Откако надарениот Григориј ги изучиl светските науки, тој не сакал да се зафати со служба на дворецот, туку заминал на Света Гора и се замонашил. Се подвизувал во Ватопед и во Лаврата. Водел борба со еретикот Варлам и најпосле го победил. Бил поставен за митрополит Солунски во 1347 година. Се прославил и како подвижник и како богослов, и како јерарх и како чудотворец. Му се јавувале наизменично: Пресвета Богородица, Св. Јован Богослов, Св. Димитриј, Св. Антониј Велики, Св. Јован Златоуст, ангелите Божји. Со солунската Црква управувал тринаесет години, од кои една година бел во ропство кај Сарацените во Азија. Се упокоил мирно во 1360 година. Моштите му почиваат во Солун, во прекрасната црква што нему му е посветена.
Тропар, глас 8:
На Православието учителу, на светителите украсу, на богословите поборнику непобедлив, Григорие чудотворецу, на Солун голема пофалбо, проповеднику на благодатта, моли го Христа Бога да бидат спасени нашите души.
Кондак, глас 8:
На Премудроста свештен и Божествен органу, на Богословието светла согласна труба, те воспеваме, Григорие Богоговорнику, но, бидејќи со умот стоиш пред Првиот Ум, кон Него нашиот ум, отче, води го, да повикуваме: радувај се, проповеднику на благодатта.
Нека Господ Бог благослови

ДЕНЕСКА, 16 НОЕМВРИ, СВЕТИ АПОСТОЛ И ЕВАНГЕЛИСТ МАТЕЈ
Матеј бил син на Алфеј, најпрво цариник (т.е. закупец и порезник или митар) и како таков него го видел Господ во Капернаум и го повикал: „Врви по Мене.” И откако станал, тргнал по Него (Матеј 9, 9). Потоа Матеј Му приредил дочек на Господ во својот дом и Му дал повод Господ да изрече неколку големи вистини за Своето доаѓање на земјата. Откако Го примил Светиот Дух, Св. Матеј го проповедал Евангелието во Партија, во Мидија и во Етиопија, земјата црнечка. Во Етиопија го поставил за епископ некој Платон, свој следбеник, а самиот се повлекол во молитвена осама во гората каде што му се јавил Господ. Ги крстил жената и синот на кнезот на таа земја, заради што кнезот се разгневил и испратил стража да го доведат Матеј пред него на суд. Војниците отидишле и се вратиле кај кнезот говорејќи дека го слушнале гласот Матејев, но никако со очите не можеле да го видат Светиот апостол. Тогаш кнезот испратил друга стража. Кога и оваа стража му се приближила на апостолот, него го огреала небесна светлина толку силна, што војниците не можеа да гледаат во него, но исполнети со страв го фрлиле оружјето и се вратиле. Тогаш кнезот сам отишол. Кога му се приближил на Св. Матеј, овој заблескал со таков блесок, што кнезот одеднаш ослепел. Но Светиот апостол имал милостиво срце, Му се помолил на Бога и кнезот прогледал – за жал прогледал само со телесните очи, не и со духовните. Тој го фатил Св. Матеј и го подложил на лути маки. Имено, на двапати ложел голем оган на неговите гради. Но силата Господова го сочувала жив и неповреден. Тогаш апостолот Му се помолил на Бога и Му го предал својот дух. Кнезот наредил и телото на маченикот го положиле во оловен ковчег, па го фрлиле во морето. Светителот му се јавил на епископот Платон и му кажал за своето тело и за сандакот каде се наоѓал. Епископот отишол и го донесе ковчегот со телото на Св. апостол Матеј. Кога го видел ова ново чудо, кнезот се крстил и го примил името Матеј. Потоа овој кнез ја оставил сета светска суета и примил презвитерски чин, па богоугодно ѝ послужил на Црквата. Кога умрел Платон, му се јави на овој Матеј самиот апостол Матеј и го посоветувал да го прими епископството. Тој бил многу години добар пастир, додека Господ не го повикал во Своето бесмртно Царство. Светиот апостол Матеј го напишал Евангелието на еврејски јазик, коешто набрзо било преведено на грчки и до нас дојде на грчки, додека она на еврејски се изгубило. За овој евангелист се вели дека никогаш не јадел месо, а се хранел со овошје и зеленчук.
Тропар, глас 3:
Апостоле свети и евангелисту Матеј, моли го Милосрдниот Бог, да подари на нашите души простување на гревовите.
Тропар втор, глас 3:
Усрдно си заминал со Владиката Христа, кој се појави на земјата како човек од љубов, кога те повика од царинарницата и стана избран Апостол и гласен благовесник на Евангелието во Вселената. Затоа ја почитуваме славата во твој спомен, Матеј богослове: моли го Милосрдниот Бог да ни подари простување на гревовите на душите наши.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 21 НОЕМВРИ, ВОВЕДЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
Кога Марија наполнил три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја однеле од Назарет во Ерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Ерусалим имало три дена пат, но тие оделе на богоугодно дело и патот не им бил тежок. Се собрале и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествувале и ангелите Божји. Напред оделе девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Била украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив оделе многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи. Пред храмот имало петнаесет скалила. Родителите Ја кренале Дева на првото скалило, а Таа тогаш сама брзо се искачила на врвот, кај што Ја дочекал првосвештеникот Захарија, таткото на Св. Јован Предвесник. Кога првосвештеникот Ја земал за рака, Ја вовел не само во храмот туку и во Светињата на светињите, каде што никој никогаш не влегувал, освен Захарија кој бил „надвор од себеси и обземен од Бога” кога Ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принеле жртви на Бога, примиле благослов од свештеникот и се вратиле дома, а Пресветата Дева останала во храмот. Таа пребивала во храмот цели девет години. Родителите Ја посетувалае често додека биле живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители биле повикани да се престават кај Бога, Пресветата Дева останала сираче и не сакала до нејзината смрт да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа било спротивно на Законот и на обичајот во Израил, кога навршила дванаесет години му ја дале на Св. Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, како свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот. Зашто во тоа време не се знаело во Израел девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија била прва која доживотно останала девојка и Нејзе потоа Ја следеа голем број на девственици и девственички.
Тропар, глас 4:
Днес благовољенија Божија предображение и человјеком спасенија проповједание ви храмје Божии јасно Дјева јављајетсја и Христа всјем предвозвјешчајет. Тој и ми велегласно возопиим: Радујсја смотренија Зиждитељева исполненије.
Нека Господ Бог Bлагослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 24 НОЕМВРИ, СВЕТА ВЕЛИКОМАЧЕНИКЧА ЕКАТЕРИНА
Ќерка на царот Конста. По смртта на татко ѝ живеела со својата мајка во Александрија. Мајка ѝ беше потајна христијанка, којашто преку својот духовен отец ја привел кон Христовата вера и Екатерина. Во едно видение Света Екатерина примила прстен од Самиот Господ Исус, во знак на веридба со Него. Тој прстен до денес стои на нејзината рака. Екатерина била многу надарена и добро школувана во грчката философија, медицината, реториката и логиката, а притоа била и необично убава. Кога злобниот цар Максенциј им принесувал самиот жртви на идолите и им наредувал на другите да го вршат истото, Света Екатерина смело излегла пред царот и ја изобличила неговата идолопоклоничка заблуда. Кога видел царот дека е посилна од него во мудроста и во знаењето, повикал педесетмина најмудри луѓе за да се препираат со неа за верата и да ја посрамат. Но Екатерина ги надмудрила нив и ги посрамила сите нив. Разлутен царот наредил сите педесетмина мудреци да се изгорат во оган. По молитвите на Света Екатерина овие мудреци сите пред смртта го исповедале името Христово и се објавиле себеси за христијани. Кога оваа маченичка била во затворот, го привела кон верата војводата Порфириј со двесте војници, а ја обратила кон Христа и самата царица (Августа-Василиса). Сите пострадале за Христа. При мачењето на Света Екатерина ѝ се јави ангел Божји, го запрел и го искршил тркалото на коешто била мачена; а потоа ѝ се јави Самиот Господ Христос и ја утешил. После многу мачења ја убиле со меч во нејзината осумнаесетта година, на 24 ноември 310 година. Од нејзиното тело истекло млеко наместо крв. Чудотворните мошти на Света Екатерина почиваат на Синај.
Тропар,глас 4:
Со доблестите како сончева светлина си ги просветлила неверните мудреци, и како пресветла Масечина на ноќните патници си ја отргнала темнината на неверието, и царицата си ја уверила, и заедно со неа и мачителот си го изобличила, богоповикана невесто на Женикот Христос и од Него си овенчана со царски венец; Нему со Ангелите моли се за нас, кои го славиме преславниот спомен на тебе.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 25 НОЕМВРИ, СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ
Се претпоставува дека се родил во периодот од 830 до 840 година. Во Пространото Климентово житие пишува: „тој го познавал неговиот (Методиевиот) живот како никој друг, бидејќи пошол по него од најмлади години и со свои очи ги видел сите дела на својот учител”. Поради оваа блискост со свети Методиј, најверодостојна и најподдржана е тезата дека тој потекнувал од Македонија, или од Струмичко-брегалничката област каде со словенското кнежество управувал свети Методиј пред да замине во Мала Азија, или од Охрид, или пак, со помала веројатност од Солун. По заминувањето на свети Методиј од светот, со цел „целиот свој живот на Христа Бога да Му го посвети” во манастирот на Олимп, со него заминале и свети Климент и свети Наум. Се смета дека двајцата таму биле замонашени. Дури и се мисли дека пред Моравската мисија, свети Климент учествувал и во Хазарската мисија. Во Моравија тој им помагал на своите духовни отци и учители светите Методиј и Кирил во мисијата. Уште пред тоа, тој учествувал во подготовките за мисијата, односно во преводите на библиските и литургиските текстови, каде што се здобил со огромно знаење кое ќе биде темел на неговото подоцнежно големо животно дело. Подоцна, заедно со рамноапостолните браќа светите Методиј и Кирил во 868-869 од Моравија пристигнал во Рим, каде што бил сведок на Божјиот благослов и потврда на делото на неговите учители и бил ракоположен во свештенички чин. Таму тие со себе ги понеле и моштите на римскиот папа и маченик свети Климент, кои ги пронашол свети Кирил, и се претпоставува дека при ракополагањето на свети Климент во свештенички чин можно е да го добил името во спомен на светиот папа Климент. По упокојувањето на свети Кирил во 869 година, свети Климент и другите негови собраќа заедно со свети Методиј повторно се вратиле во Моравија. Тука продолжиле да ја извршуваат мисијата под раководство на сега веќе архиепископот Методиј сè до неговата смрт. На теренот на оваа словенска земја се изодени првите чекори на словенската богослужба и писменост, откако пред тоа свети Кирил ја создал словенската азбука – глаголица. Иако и претходно не биле мирни во своето дело поради непријателите на словенскиот јазик, по смртта на свети Методиј во 885 година за неговите ученици започнале деновите на прогон и мачеништво. Слава на Бога и по примерот на апостолите и сите Свети Отци, свети Климент „го учел клирот на работи што се однесувале до црковниот ред, за псалмопението и за молитвите”. Народот и учениците ги „хранел” со поуки и им „станал татко на сиромасите и заштитник на вдовиците”. Тој, преземајќи ја паствата, богослужбата и просветата во свои раце, успеал да изгради силен свештенички и учителски кадар. Ракополагал со чтеци, ѓакони, свештеници и епископи и подготвил многуброен млад црковен кадар. Со тоа тој ја организирал нашата Црква на цврсти основи. Ова оди во прилог на тоа дека тие, пред сè, ја ширеле Христијанската вера и проповедале за Вистината, ја вовеле словенската богослужба, а заедно со тоа и писменоста. Богатството на ранохристијански споменици ни кажува дека таму христијанството живеело, но свети Климент со својата организација и дело му дал нова цврста форма, која трае и до денес. Свети Климент и свети Наум во духот на христијанството го продолжиле делото на сите кои делувале и се подвизувале на ова тло, од светиот апостол Павле, преку свети Еразмо Охридски и сите останати знајни и незнајни исповедници на Христовата вера. Тие го организирале монашкиот живот, столбот на Православната Црква, граделе цркви и манастири со впечатливи и високо-уметнички живописи. Според тоа, може да заклучиме дека таму се изучувало иконографија, фрескопис и мозаик, бидејќи веќе знаеме дека црквата на свети Климент е урнек на нови црковни градби. Ова кажува дека во Охрид свети Климент успешно го организирал црковниот живот и развил плодна дејност. Како епископ, вистински „пастир кој ја полага својата душа за својата паства”, свети Климент„ им станал на сите сè”. За таа потреба тој и ги пишувал своите дела. На јазикот кој штотуку ја доживеал својата писмена пројава, Климент создавал прекрасни дела. Ги создавал првите дела на литературниот словенски јазик, откако неговите учители го поставиле темелот со глаголицата. Преку неговите дела ги гледаме стилските и емоционалните можности на старословенскиот јазик, кој штотуку почнал да се оформува како литературен. Затоа се вели дека Охридската книжевна школа станала расадник на црковна писменост. Свети Климент, освен што работел на преводите на потребните богослужбени книги и друга богословска литература, бил и автор на оригинални дела: слова, поуки, пофални слова, пофалби, канони и житија. Со од Бога даруван книжевен дар тој им се приближил преку своите дела на најголемите Отци на Православната Црква, како што се: свети Јован Златоуст, свети Василиј Велики, свети Григориј Богослов и многу други. Затоа често бил, и денес е споредуван со нив, а во црковните зборници и книги неговите дела се секогаш заедно со нивните. Силното влијание на Охридската книжевна школа се чувствувало со векови не само во Македонија и кај другите јужнословенски народи туку и во Русија. Неговото дело се раширило и надвор од македонските граници и добило сесловенски карактер. Големиот број на преписи од неговите дела, преку 1000, кажуваат колку тие биле омилени и барани од црковните кругови. Делата на овој светител биле прифатени во целиот православен словенски свет и ги поставиле основите на црковно-манастирските библиотеки. Благодарение на делото на свети Климент и свети Наум, во православните словенски земји црковно-словенскиот јазик останал како заеднички јазик, сè до создавањето на современите словенски јазици. Свети Климент и свети Наум биле просветители и учители. Но, денешното значење на зборот просвета не се совпаѓа со она старословенското „просвештение”, односно просветлување кое значи апостолство, мисионерство. Освен просвештението со крштение – преку црковни обреди и служби, просвештението со братољубие – преку живот според евангелскиот принцип и љубов, свети Климент се залагал за просвештение со букви – преку описменување и книги. Тој уште во 886 година ја започнал својата просветна дејност. Настан со општословенско значење, важен пресврт во духовниот живот на нашиот народ и почеток на нов период во нашата историја. Така Охрид станал најважен центар на словенската култура. Свети Климент заедно со свети Наум несомнено се духовни заштитници на нашиот народ, наследници и спасители на големото дело на нивните и наши првоучители светите Методиј и Кирил. Очигледно е дека преку црковно-пастирската дејност тие изоделе трнлив пат, налик на Христовиот. Затоа на овие двајца светители голема чест им оддава и старата охридска црковна уметност: фрескописот и иконографијата. Свети Климент бил богослов, беседник, пастир, мисионер… давал пример со својот живот, со добродетелите, службата, подвизите, творештвото… личност скроена според Евангелието, подобна на Христа, охристовена, вистински проповедник на Христовата вера. Со добивањето на епископскиот чин примил апостолска служба на свештенослужење и проповед, им го покажувал на луѓето патот на богопознанието и ја водел паствата на патот на спасението. Како што вели апостолот: „На сите им станал сè”. Бил сострадалник на своите луѓе. Пример како „целиот свој живот да Му се посвети на Христа”. Терминот учител во христијанството значи: поучувач (наставник) во верата, мисионер, проповедник. Бил трудољубив, голем молитвеник и подвижник. Вистински Просветлител – тоа значи полнота на човековиот живот во Бога, каде што човекот во заедништво со Бога, преку Светиот Дух се просветлува. Во 916 година, шест години по упокојувањето на свети Наум, и тој ја предал својата душа во Божји раце. И да не заборавиме, сето ова ни е оставено во наследство кое треба достојно да го чуваме. Свети Климент е светител од општословенско значење, кој многу брзо по неговата смрт бил канонизиран. Неговата големина прекрасно ни ја доловува еден од неговите непознати ученици во Службата составена веднаш по неговата смрт, во негов спомен: „Очистувајќи си ги душата и телото и умот, блажен… имајќи на земјата ангелски живот, ти, блажен, придоби чест рамна на ангелите. Заедно со нив сега стоиш пред Владетелот. Помоли се, блажен, за своето стадо”.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 28 НОЕМВРИ, СВЕТИТЕ ПЕТНАЕСЕТ ТИВЕРОПОЛСКИ СВЕШТЕНОМАЧЕНИЦИ
Во времето на владеењето на царот Јулијан Отстапник, кога христијаните биле прогонувани, Тимотеј, Комасиј, Евсевиј и Теодор ја напуштиле Никеја и се населиле во Солун. Потоа го оставиле Солун и се преселиле во Тивериопол, денешна Струмица. Тимотеј станал епископ на тивериополската Црква. Комасиј се откажал од војничкиот чин и се замонашил проповедајќи го словото на Вистината во тивериополските села. Евсевиј исто така бил монах којшто луѓето најмногу ги привлекувал со своите добри дела. Теодор, епископ, бил еден од триста и осумнаесете богоносни Отци кои учествувале на Соборот во Никеја. На овие четворица им се придружиле и Петар, Јован, Сергиј, Теодор, Никифор кои биле презвитери, Василиј и Тома кои биле ѓакони, Еротеј, Даниил и Харитон кои биле монаси и Сократ кој порано бил војник, но се откажал од сѐ и станал дел од овој добар лик на Отците. И тие, кога се собрале сите заедно, воделе вистински ангелски живот просветлувајќи ги жителите на Тивериопол со светлината на познанието. Кога за ова дознал царот Јулијан испратил луѓе во Тивериопол со заповед тамошните жители да се откажат од Христа и да им се поклонат на идолите. Најпрвин пред царските пратеници биле повикани овие петнаесет свети мажи. Но, бидејќи тие не сакале да им принесат жртва на демоните и на нивните идоли веднаш биле осудени на смрт и посечени со меч. Кога Светиите го завршиле својот благочестив живот нивните чесни тела многу денови стоеле зафрлени бесчесно за да бидат изедени од кучиња, ѕверови и птици. Но, Господ ги запазил недопрени и неповредени така што оние што ги гледале го прославувале Христа Бога. Подоцна некои христијани се собрале и ги подигнале со почести чесните тела на Мачениците, ги завиткале во чисти плаштаници и откако ги извршиле сите служби, ги положиле во Тивериопол, секого во посебен ковчег, на којшто било напишано името на секого од нив, каков живот водел и каков чин имал во Христа. И по смртта, Мачениците чинеле големи чудеса не само на месните жители туку и надвор од границите на Тивериопол, така што мнозина од Елините познавајќи ја Вистината пристапувале кон верата Христова и се крштевале. На тој начин ниту во Тивериопол, ниту во околината не останал ниту еден безбожник. А верата се беше распространила и во останатите западни краишта така што Тивериопол станал како некоја кула од секаде видлива, којашто ја раздавала и на другите градови светлината на верата и ги враќала од мракот на заблудата оние што се наоѓале во длабокото море на неверието.
Светите Петнаесет Тивериополски свшетеномаченици и денес се почитуваат како покровители и заштитници на градот Струмица.
Нека Господ Бог благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 30 НОЕМВРИ, СВЕТИ АПОСТОЛ АНДРЕЈ ПРВОПОВИКАН
Свети апостол Андреј бил син на Јона и брат на Петар, и се родил во Витсаида, а бил рибар по занимање. Најпрво му бил ученик на Св. Јован Крстител, но кога Св. Јован покажал со прст на Господ Исус Христос велејќи: „Еве го Јагнето Божјо!” (Јован 1, 36), тогаш Св. Андреј го оставил својот прв учител и тргнал по Исуса. Потоа го привел кон Господа и својот брат Петар. По слегувањето на Светиот Дух на овој прв апостол Христов му паднал делот да го проповеда Евангелието во Византија и Тракија, потоа во Дунавските земји, па во Русија и околу Црното Море и најпосле во Епир, Грција и Пелопонез, каде што и пострадал. Во Византија поставил прв епископ во лицето на Св. Стахиј; во Киев ставил крст на високо и прорекол блескава христијанска иднина за рускиот народ; во Тракија, Епир, Грција и Пелопонез превел во верата голем број народ и им поставил епископи и свештеници. Во градот Патрас направил многу чуда со името на Христа и придобил многумина за Господ, меѓу кои биле и братот и жената на царскиот намесник Егеат. Разлутен заради ова, Егеат го ставил Свети Андреј на маки, а потоа го распнал на крст. Додека бил жив на крстот, апостолот им кажувал на христијаните што се собрале околу неговиот крст корисни поуки. Народот сакал да го симне од крстот, но тој се спротивставил на тоа. Најпосле апостолот почна да Му се моли на Бога и притоа некоја необична светлина го заблеснала целиот. Тоа осветлување траело околу половина час, а кога исчезнало, апостолот Му ја предал својата душа на Господ. Така го завршил својот земен век првоповиканиот апостол, којшто прв од Дванаесетте големи апостоли Го познал Господа и тргнал по Него. Пострадал за својот Господ во 62 година. Неговите мошти биле пренесени во Цариград. Подоцна главата му ја пренеле во Рим, а едната рака во Москва.
Тропар, глас 4:
Како првоповикан Апостол и Петров брат, Владиката на сите моли Го, Свети Андреј, мир на Вселената да и дарува и на душите наши голема милост.
Кондак, глас 2:
Да го пофалиме одважниот истоимен проповедник и следбеник на врховниот ученик на Црквата, Петровиот брат, зошто како некогаш него и нас сега не повикува: Дојдете, Го пронајдовме Оној кого го чекавме.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

This entry was posted in Синаксар. Bookmark the permalink.

Comments are closed.