МАКЕДОНСКА ВИСТИНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА СИНАКСАР ОКТОМВРИ,СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР ГО ЧЕСТВУВА

ДЕНЕСКА, 1 ОКТОМВРИ, ПОКРОВ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
Православната Црква отсекогаш ја прославувала Пресвета Богородица како Покровителка и заштитничка на христијаните, која со своите молитви го умилостивила Бога да ни прости нам грешните луѓе. Многу пати им помагала на поединци и народи во мир и војна, секогаш во разни неволји.
Настанот кој се празнува со денешниот празник се случил на 1 октомври 911 година, во времето на цар Лав Мудриот (Философ). Било сеноќно бдение во Богородичната црква во Влахерна во Цариград. Во црквата имало огромен број на луѓе, а некаде во позадината стоел светиот Андреј со својот ученик Епифаниј. Во четири саатот по полноќ, Свети Андреј ја видел Пресвета Богородица со распространет омофор над народот, како со таа одежда да го покрива целиот народ. Таа била облечена во златна порфира и светела опколена со апостолите, светители, маченици и девственици. Свети Андреј со рака му покажал на Епифаниј и го прашал дали и тој ја гледа „Царицата небесна како се моли за целиот свет“, а Епифаниј, целиот зачуден, го потврдил тоа. Тој настан е воведен за празнување, за да не потсети на постојаното покровителство на Пресвета Богородица без разлика кога тоа преку молитви го бараме од Неа.
Тропар, глас 4
Днес благовјернији лјудије свјетло празднујем, осјенјајеми твојим,Богомати, пришествијем, и к твојему взирајушче о образу, умилно глаголјем:Покриј нас честним твојим покровом и избави нас от всјакога зла, молјвашчи Сина твојего, Христа Бога нашего, Спаси души нашја.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 6 ОКТОМВРИ, СВЕТИ АПОСТОЛ ТОМА
Свети Апостол Тома бил роден во Панеида, мало градче во Галилеја. Бил еден од дванаесете големи апостоли. Постојано одејќи со Исус за време на неговите порповеди, Тома бил очевидец на се Што Господ правел и говорел. Бил верен Христов ученик, иако некои мислат дека бил трим во верувањето, но секогаш сакал верата да ја потчини на разумот, и затоа неправедно му е придодаден епитетот „неверен“. Но сепак преку неговото сомневање во воскресението на Господ Исус Христос, се доби ново потврдување на тој чудесен настан. Воскресениот Господ повторно им се јави на своите ученици за да го увери Тома во неговото сомневање. Господ му рече: Пружи ја својата рака и стави ја во ребрата мои и не биди неверен, туку верен“, Тома возвикнал: „Господ мој и Бог мој“. По симнувањето на Светиот Дух, апостолите со коцка одлучувале кој каде ќе оди на проповед и Свети Тома ја добил далечната Индија. Охрабрен од Господа, многу голем број на луѓе ги обратил во нристијанската вера, воспоставил црква и поставил свештеници и епископи. Меѓу останатите, обратил и две сестри тертијана и Мигдонија, жени на двајца кнезови. Кнезот Муздиј, мажот на Тертијана, на кого Апостолот му ја крстил жената и синот Азан, го осудил Светителот на смрт. Така светителот го окончал својот земен живот. Но иако Свети Тома својот живот го завршил маченички, неговото семе на наука не угиначо. Царот Миздиј почнало да го мачи совеста што така нечовечно постапил со апостолот, но стореното не можело да се врати. После неколку години, еден царски син тешко се разболел и таткото не можел да му најде лек. Тогаш царот се сетил на светиот апостол и отишол до неговиот гроб, земал малку земја од гробот и ја ставил на вратот на својот син говорејќи: „Господи Исусе Христе, ако молитвата на твојот апостол Тома го излечи мојот син, ќе верувам дека ти си вистинскиот Бог“. Откако тоа го изговорил, царевиот син оздравел и царот го одржал својот збор и со голем број големци се покрсти. Црквата во Индија и ден денес се вика Томина Црква.
Пред смртта, како и останатите апостоли, бил чудесно пренесен во Ерусалим, на погребот на Пресвета Богородица. Бидејќи стасал доцна, замолил да и го отворат гробот на Богородица, но Нејзиното тело не било таму. Господ веќе ја зел својата мајка во Царството Небесно. Така Свети Тома со своето неверие, ја утрдил верата во Воскресението Господово, а со своето доцнење го открил чудесното прославување на Божјата Мајка.
Тропар:
Апостоле свјатиј Томо, моли милостиваго Бога да прегрјешениј оставлјеније подаст душам нашим.
Нека Господ Бог благослови на многаја лјета

ДЕНЕСКА, 9 ОКТОМВРИ, СВЕТИ АПОСТОЛ ЈАКОВ АЛФЕЕВ
Свeти Апостол Јаков е еден од дванаесетте Христови апостоли, син Алфеев и брат на Св. Апостол и евангелист Матеј.Тој е верен и голем Христов апостол, вистински сведок за животот, делата, чудата, страдањата пред смртта, воскресението и вознесението на Господ Исуе Христос. Го проповедал Христа во Елевтеропол и неговата околина. Господ дејствувал преку него и вршел разни чуда и лечења. Ги разрушил гнилите темели на идолопоклонството. Ширејќи ја Христовата наука, спасил илјадници и илјадници души. Со неговата силна дарба за проповед, многу незнабошци поверувале во Христа. Го проповедал евангелието и во Египет. Го завршил земниот живот маченички, Распнат на крст од незнабожците, во Египет, во градот Острацин. Истиот ден се прославуваат и преп. Андроник и преп. Поплија.
Нека Господ Бог Благодлови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 13 ОКТОМВРИ, СВЕТА ВЕЛИКОМАЧЕНИЧКА ЗЛАТА МЕГЛЕНСКА
Светата великомаченичка Злата Мегленска е родена во селото Слатина, во Мегленскиот крај, од сиромашни селски родители, кои имале уште три ќерки. Света Злата била кротка и побожна девојка, мудра со Христовата мудрост и златна не само по име туку и по богобојазливото срце. Еднаш кога излегла по вода, ја фатиле некои бесрамни Турци и ја одвлекле во својата куќа. Кога еден од нив ѝ понудил да се потурчи и да му биде жена, таа храбро му одговорила: „Јас во Христа верувам, само за Него знам и Он ми е Женик. Од Него нема да се откажам никогаш, макар и на илјада маки да ме ставите и на парчиња да ме исечете.” Тогаш дошле нејзините родители и ѝ рекле: „Смилувај се на себе и на нас, откажи се привидно од Христа и ќе бидеш среќна и ти и ние, а Господ е милостив, ќе ти прости за гревот ако го правиш по цена на животот.” И плачеле горко родителите, сестрите и роднините. Но витешката душа на Св. Злата не и дала да биде победена од ѓаволските стапици. На своите родители им одговорила: „Штом ми советувате да се одречам од Христа Кој е вистински Бог, не сте ми повеќе родители ни сестри; татко ми е Господ Исус Христос, мајка Богородица, а браќа и сестри – светителите и светителките.” Тогаш Турците ја фрлиле во затвор, каде што лежела три месеци и секој ден ја биеле додека нејзината крв не ја натопила земјата. Најпосле ја обесиле главечки и ја подложиле на оган за да се загуши од чадот. Но Господ бил со неа и ѝ давал сила во страдањето. На крајот ја обесиле на дрво и целата ја исекле на парчиња. Така оваа мажествена девица Му го предала својот дух на Бога и се преселила во Царството небесно, во 1796 година. Парчиња од нејзините мошти христијаните ги разнеле за благослов по своите домови.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 14 ОКТОМВРИ, СВЕТА ПАРАСКЕВА – ПЕТКА
Света Параскева или Петка била христијанска подвижничка од 11 век. Се родила во градот Епиват (Пиват – на турски Бојадис), кој се наоѓал на брегот на Мраморното Море, меѓу Силимврија и Цариград, во тракија во половината на 10 век, од имотно и многу побожно семејство. Имала брат кој се викал Евтимиј и кој се замонашил многу млад, а подоцна бил избран за епископ Мадитски (989-996).
Уште како млада девојка, додека со мајка и одела во врквата и ги слушнала зборовите на Божественото Евангелие: „Кој сака да оди по мене, нека се одрече од себе и го земе својот крст и по Мене нака оди“ (Мк. 8, 34), таа со сето срце му припадна на Господ и кога пораснала им се придружи на плејадата на благочестиви угодници Божји. По смртта на своите родители, таа го напуштила родителскиот дом и заминала за Цариград, а потоа се запатила во пустината Јорданска, живеејќи строг отшелнички живот, каде заради Христос се подвизувала се до својата старост. Во времето на својата старост, го послушала гласот на Ангелот Божји, ја оставила пустината и се вратила во својот роден град Епиват. Тука таа поживеала уште две години во постојан пост и молитви, и се претстави пред Бога во 11 век. Верниците го закопале нејзиното тело по христијанските обичаи, но не на градските гробишта, туку одвоено од другите.
Бгоугодните христијани од тоа место по јавувањето на светителката во сон на некој Георгиј и Јефимија го прнашле местото каде биле закопани нејзините мошти, ги извадиле од земја и ги положиле во храмот на Светите Петар и павле во Епиват. Нејзините чудотворни мошти се пренесувани во текот на времето повеќе пати-прво во Цариград, па од таму бугарскиот цар Јован Асен во 1238 годна ги пренел воТрново, потоа биле пренесени во Влашка по паѓањето на Бугарија под Турција. Кога и Влашка веќе била угрозена од турските упади, а на молба на српската кнегиња Милица, моштите биле пренесени во Белград. Кога во 1521 година султанот Сулејман го освоил Белград, покрај останати богатства, ги пренел и моштите на св. Петка во Цариград. На молбите на Молдавскиот господар Василиј во 1641 година, нејзините мошти биле пренесени во градот Јаша каде и денес се наоѓаат (освен два прста од раката, кои се наоѓаат во капелата на Света Петка во Белград).
Црквата ја слави на 14 октомври по стариот Јулијански календар.
Тропар, глас 4:
Пустиноје и безмолвније житије возлјубивши, и во след Христа жениха твојего усредно потекши и того благоје иго во јуности твојеј вземши, кресним знаменијем и милесним врагом мужески во орижившија: постническими подвиги, постом и молитвами и слезними каплјами, углије страстеј угасила јеси достославнаја параскео и нинје в небеснем чертозје с мудрими дјвами предстијашчи христу моли о нас почитујушчих честнују памјат твоју.
Нека Господ Бог благослови на многаја лјета

ДЕНЕСКА,18 ОКТОМВРИ, СВЕТИ АПОСТОЛ И ЕВАНГЕЛИСТ ЛУКА
Апостол и евангелист Лука бил роден во Антиохија. Во младоста добро ја изучил грчката философија, медицината и иконописот. Во времето на делото на Господ Исус Христос на земјата Свети Лука дошол во Ерусалим и таму Го видел Спасителот лице в лице, ја слушнал Неговата спасоносна наука и станал сведок на Неговите чудесни дела. Откако поверувал во Господ, Св. Лука бил вбројан меѓу Седумдесеттемина апостоли и пратен на проповед. Заедно со Клеопа Го видел воскреснат Господ на патот за Емаус (Лука 24). По слегувањето на Светиот Дух на апостолите, Лука се вратил во Антиохија и таму му станал сотрудник на Св. апостол Павле со кого патувал во Рим, обраќајќи ги во Христовата вера Евреите и незнабожците. „Ве поздравува Лука, лекарот љубезен”, им пишувал на Колосјаните Св. апостол Павле (Колосјани 4, 14). На молба на христијаните го напишал Евангелието, околу 60-та година. После мачениката смрт на Св. апостол Павле, Свети Лука го проповедал Евангелието во Италија, Далмација, Македонија и на други места. Ја иконописал Пресвета Богородица – и тоа не една туку три икони – а исто така Светите апостоли Петар и Павле. Оттука Свети Лука се смета за основач на христијанскиот иконопис. На старост го посетил и Горен Египет. Од Египет се враќа во Грција, каде што со голема ревност продолжил да проповеда и да ги обраќа луѓето кон Христа, не обѕирајќи се на својата длабока старост. Свети Лука ги напишал Евангелието и Делата Апостолски, обете посветувајќи му ги на Теофил, кнезот на Ахаја. Имал осумдесет и четири години кога злобните идолопоклоници го подложиле на маки заради Христа и го обесиле на една маслина во градот Тива (Теба) Беотиска. Чудотворните мошти на овој прекрасен светител во времето на Константиновиот син, царот Констанциј, биле пренесени во Цариград.
Тропар, глас 3:
Свет Апостоле и Евангелист Лука, моли го Милосрдниот Бог да подари простување на гревовите на душите наши.
Тропар втор, глас 5:
Да го пофалиме со песни, светиот Апостол, сеславниот Лука, како проповедник на Делата Апостолски и прекрасен писател на Евангелието Христово, неопишана вистина на Христовата Црква и како вистински лекар на човечката немоќ, природни болести и исцелител на душевните маки, кој непрестано се моли за нашите души.
Нека Господ Бог благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 19 ОКТОМВРИ, ПРЕНОС НА МОШТИТЕ НА ПРЕПОДОБЕН ЈОВАН РИЛСКИ
Преподобен Јован Рилски бил голем подвижник и светилник на Православната Црква. Тој се родил близу Софија во местото Скрина, во времето на царот Борис, од бедни и благочестиви родители. По смртта на родителите се замонашил и се оддалечил во една дива гора и таму во една пештера почнал да се подвизува. Овде претрпел многу напади од демоните и од луѓето, од разбојници и од своите роднини. Потоа се преселил на Рилската Планина и се населил во едно шупливо дрво. Се хранел само со трева и со грав, којшто по Божја Промисла почнал да расте во близина. Долги години не видел човечко лице, додека, повторно по Божја Промисла, не го откриле овчари кои трагале по своите изгубени овци. Така светителот се прочул меѓу луѓето и тие почнале да му доаѓаат барајќи помош во болестите и во маките. Го посетувал и самиот бугарски цар Петар и барал совети од него. Мнозина ревнители во духовниот живот се населиле близу Јован и таму наскоро се изградиле храм и манастир. Свети Јован се упокоил во Господ мирно на 18 август 946 година, во седумдесеттата година од неговиот живот. По смртта им се јавил на своите ученици. Неговите мошти се пренесени најнапред во Софија, па во Унгарија, па во Трново и најпосле во Рилскиот манастир, каде што и денес почиваат. Рилскиот манастир со векови бил светилник и место на чудотворна сила и духовна утеха за христијанскиот народ во Бугарија, особено во тешките времиња на турското ропство.
Тропар, глас 1:
Темелу на покајанието, законите на смерноста, слико на утехата и духовното совршенство, твојот живот бил сличен на англески, зошто во молитвите, постот и солзите си пребивал, отче Јоване: Затоа моли Го Христа Бога за нашите души.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 19 ОКТОМВРИ, СВЕТИ ПРЕПОДОБЕН ПРОХОР ПЧИНСКИ
Преподобен Прохор бил роден во првата половина на XI век од побожни родители, Јован и Ана во околината на Овче Поле. Тој рано ја изучил книжевната мудрост и во се бил подобар од своите врсници. Поради духовно визвишување, Прохор оди во Нагоричинската пештера, во близина на денешниот манастие Старо Нагоричане, каде го среќава ловецот Диоген на кого Прохор му прорекол дека ќе постане цар и му рекол да се сети на него кога тоа ќе стане. Тоа и се случило – Диоген станува византиски цар Роман IV Диоген (1067-1071). Прохор инаку се подвизувал 30 години на планината Козјак во една мала пештера. После 30 години преподобниот Прохор на сон му се јавил на царот Диоген и го опоменал со зборовите: „Зошто, Диогене, ја заборави својата поранешна облека и мене? Погрижи се да ми изградиш барем мал храм“. Цар го обзело страв и со патријархот и следбеници отишол во Жеглиговскиот крај во Нагоричане да го бара старесот прохор. Бидејќи не го нашол, отишол на планината Козјак и после повеќе денови поминати во барање ја пронашол пештерата и вонеа моштите на преподобниот Прохор. На тоа место царот изградил црква во слава на Светиот Апостол Лука, а десно од реката Пчиња изградил храм посветен на преподобниот Прохор. Во тој храм, од десната страна на олтарот ги положил светите мошти на Преподобниот; од нив потекло свето миро. Дел од моштите царот однел цо Цариград, а дел се наоѓа во манастирот Прохор Пчински кај планината Козјак.Преподобен Прохор Пчински се претставил пред Бога после 62 години испоснички живот.
Тропар, глас 1:
Како пустински жител и во тело Ангел и чудотворец, си се покажал богоносни отче наш Прохоре. Со пост, бдеење и молитва, небесни дарови си примил, исцелувајќи ги болестите на оние кои со вера ти доаѓаат. Слава на Оној кој ти даде сила, кој те прослави и кој преку тебе дарува на сите исцелување.
Нека Господ Бог благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 21 ОКТОМВРИ, СВЕТИ ИЛАРИОН ЕПИСКОП МЕГЛЕНСКИ
Свети Иларион бил роден од угледни и побожни родители. Неговата бездетна мајка долго Му се молела на Бога да ѝ даде едно дете и по нејзините молитви ѝ се јавила Пресвета Богородица и ја утешила со зборовите: „Не тагувај, ќе родиш син и тој многумина ќе обрати кон светлоста на вистината.“ Кога Иларион имал три години, од неговите усни непрестајно се слушала песната: „Свјат, Свјат, Свјат Господ Саваот!“ Бил добро школуван,а потоа тој се замонашил во својата осумнаесетта година и основал манастир со типикот на Св. Пахомиј. Трновскиот архиепископ Евстатиј во 1134 година го ракоположил за епископ Мегленски. Св. Иларион речиси сиот живот водел голема борба против богомилите и против ерменските еретици. Но со својата духовна ученост и со својата светост неспоредливо ги посрамил сите и мнозина од нив ги привел кон Православието. Се упокоил мирно во Господ во 1164 година.
Тропар, глас 4:
Се покажа како чудесна потврда, зошто засвети во делата на доблестите Божји, раководејќи со монашкиот збор. Ги очисти архиерејските тронови, не плашејќи се од еретичките напади, воздигнувајќи ја Црквата Христова, Свети Иларионе. И умре како да си заспал, зошто телото твое е сочувано и нераспадливо и подава лек на болните од разни болести и прогони на демони: затоа те молиме, моли да се спасат душите наши.
Нека Господ Бог Благослви на многаја љета

ДЕНЕСКА, 23 ОКТОМВРИ, СВЕТИ АПОСТОЛ ЈАКОВ, БРАТ ГОСПОДОВ
Свети Апостол Јаков се нарекува брат Господов затоа што му бил син на праведниот Јосиф, свршеникот на Пресвета Богородица. Кога праведниот Јосиф бил на умирање, па сакал да Му остави еден дел на Исус, синот на Пресветата Дева Марија, сите браќа се спротивставиле на ова, не сметајќи Го за свој брат. Јаков многу Го љубел Исуса и изјавил дека тој ќе го подели својот дел со Него. И затоа се нарекува брат Господов. Од почетокот Му бил приврзан. Според преданието тој и во Египед одел со Пресветата Дева и со Јосиф кога Ирод барал да Го убие новородениот Цар. Штом ја чул Христовата наука Јаков почнал да живее според неа. За него се вели дека целиот живот не јадел маст ниту зејтин, туку дека живеел само на леб и вода, и дека бил девственик до крајот на животот. Многу бдеел ноќе и Му се молел на Бога. Господ го вбројал во Своите Седумдесетмина апостоли. По воскресението Христос нему му се јавил посебно, како што сведочи Св. апостол Павле (1 Кор. 15). Бил првиот епископ во Ерусалим, триесет години, и ревносно управувал со Божјата Црква. По указ на Господ ја составил првата литургија, која за подоцните христијани била премногу долга, па затоа ја скратиле Св. Василиј Велики и Св. Јован Златоуст. Многумина Евреи и Елини Св. Јаков ги обратил во верата Христова. И самите неверни Евреи ѝ се восхитувале на неговата праведност и го нарекувале Јаков Праведниот. Но кога дошол за првосвештеник Анан, тој со другите еврејски старешини намислил да го убие апостолот Јаков, како проповедник Христов. Еднаш на празникот Пасха, кога многу народ се собрал во Ерусалим, му рекле старешините да се качи на покривот од храмот и оттаму да говори против Христа. Свети Јаков се качил и почнал да му зборува на народот за Христа како за Син Божји и вистински Месија, за Неговото воскресение и за Неговата вечна слава на небесата. Разлутени свештениците и старешините го турнале од покривот и тој паднал и се повредил многу, но сѐ уште бил жив. Тогаш притрчал еден човек и го удрил по главата толку силно, што му го истурил мозокот. И така заврши со маченичка смрт овој преславен Христов апостол и се преселил во царството на својот Господ. Јаков имал шеесет и три години кога пострадал за Христа.
Тропар,глас 2:
Како Господов ученик, го прими Евангелието, праведен, и како маченик си ја имал Неговата неопишлива храброст. Како брат Божји, Нему Му се молеше, и како архиереј моли Го Христа Бога да ги спаси душите наши.
Кондак, глас 4:
Единородниот Бог Син дојде кај нас во последните денови, Јакове боженствен, и те покажа како вистински пастир и учител ерусалимски, верен служител на тајните духовни: Затоа сите те почитуваме, Свети Апостоле.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 26 ОКТОМВРИ,СВЕТИ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈА – МИТРОВДЕН
Овој славен и чудотворен светител се родил во третиот век во градот Солун од благородни и благочестиви родители. Татко му бил војвода и градиначалник во времето на царот Максимијан кога христијаните поминувале низ тешки искушенија и мачења. Измолен од Бога од бездетни родители Димитрија бил син единец, заради што бил воспитан и однегуван со големо внимание. Бидејќи татко му бил војвода солунски, па кога умрел, го поставиле Димитрија за војвода наместо неговиот татко. Кога го поставиле за војвода, христоборниот цар Максимијан особено му препорачал да ги гони и истребува христијаните што биле во Солун. Но Димитрија не само што не го послушал царот туку напротив, јавно Го исповедал и Го проповедал Христа во градот Солун. Кога слушнал за тоа царот Максимијан многу се огорчил на него, па еднаш враќајќи се од војна, царот отишол во Солун самиот да ја испита оваа работа. Го повикал војводата Димитрија и го испитувал за верата. Димитрија јавно пред царот признал дека е христијанин и го изобличил идолопоклонството на Максимијан. Разлутен, царот го фрлил Димитрија во затвор. Знаејќи што го чека, Димитрија му го врачил сиот свој имот на својот верен ученик Луп за да го раздаде на сиромасите и отишол во затворот весел, зашто му претстоело страдање за Господа. Во затворот му се јавил ангел Божји и му рекол: „Мир на тебе, страдалецу Христов. Биди храбар!” По неколку дена царот испратил војници во затворот за да го убијат.
Војниците го нашле Божјиот Светител на молитва и го избодиле со копја. Неговото тело тајно го зеле христијаните и чесно го погребале. Тоа се случило на 26 октомври 306 година. Од телото на Христовиот страдалник потекло исцелително миро, со кое мнозина болни се излечиле. Наскоро над моштите била подигната малечка црква. Еден илирски војник, Леонтиј, бил болен од неизлечлива болест. Се поклонил на моштите на Св. Димитрија со молитва и станал наполно здрав. Од благодарност му подигнал на Св. Димитрија црква многу поголема од старата. Светителот му се јавил двапати. Кога царот Јулијан сакал да ги пренесе моштите од Солун во Цариград, од гробот излегле пламени искри и се чуло глас: „Застанете и не гибајте!” Телото на Св. Димитрија е целосно, нераспадливо и долго време бил на Запад, однесено од крстоносците, но дури во 1979 година пронајдено во Јужна Италија и положено во црквата-базилика Свети Димитрија. И така моштите на Св. Димитрија останале засекогаш во Солун. Како заштитник на Солун Св. Димитрија се јавувал многупати и многупати го спасил градот од големи неволји. Неговите чуда се навистина безбројни. Русите го сметаат и за покровител на Сибир, којшто го освоија и го присоединија кон Русија во 1581 година.
Тропар, глас 3:
Во неволјите Вселената најде голем заштитник, тебе мачениче, кој ги победуваш многубошците. Како што ја уништи Лиевата гордост и за борба си го оснажил Нестор, така моли се, Свети Димитрија, на Христа Бога, да ни дарува голема милост.
Нека Господ Бог Благослави на многаја љета

АКАТИСТ КОН СВЕТИОТ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈА
Кондак 1
Чудесен Војводо на градот Солун, голем угоднику Христов и славен, подвижнику, Свети Димитрие, тебе, кој на светот му точиш миро на милост, ние те почитуваме и ти пишуваме пофалба, а ти имајќи слобода пред Господа, од секоја беда избави не, верно да ти воскликнуваме:Радувај се, Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
Икос 1
Творецот на Ангелите и Господ на Силите те прослави тебе, достоен за восхитување, како Ангел во тело, цврст и непобедлив во мачењето и силен заштитник на верните, затоа прибегнуваме кон Твоето застапништво принесувајќи Ти ги овие радосни песни:
Радувај се, ѕвездо која блескаш над цврстата Црква!
Радувај се, светилник, кој со чудеса го осветлуваш светот!
Радувај се, непоколеблив столб на верата!
Радувај се, нескршлив штит на православните!
Радувај се, сјаен украс на Тесалија!
Радувај се, преславна пофалбо на Солун!
Радувај се, сограѓанин на Апостолите!
Радувај се, заедно со мачениците си во небесните живеалишта!
Радувај се ти, кој ги примаш молењата на оние кои те повикуваат!
Радувај се, за сите нас на Бога се молиш!
Радувај се, свети Димитрије, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 2
Гледајќи се себеси како бездетни, побожните твои мајка и татко постојано Го молеа Господа да им дарува пород. А Севишниот, примајќи ја нивната молитва, се сети на милосрдноста кои тие им ја правеа на сиромасите и тебе им те дарува, Блажени. Радосни поради тоа тие со радост Му воскликнуваа: Алилуја!
Икос 2
Имајќи боженствен ум како чедо од Бога дарувано, ја замрази измамата на идолопоклониците, мудри: побожноста на родителите ја засака и со добродетелствата од сила во сила како по лествица кревајќи се, ја здоби Божјата благодат. Моли да ја добиеме и ние кои те почитуваме со ова воскликнување:
Радувај се, молитвен наследнику на своите побожни родители!
Радувај се, наследнику на нивнвата побожност!
Радувај се, зошто многумина развесели раѓајќи се! Радувај се, зошто од утробата на мајката со благодат од висините беше осенет! Радувај се, миризлив крину на девственоста и чистотата! Радувај се, осветен во душата и телото! Радувај се, ризницо на Божјите дарови!
Радувај се, зошто од младост го презре служењето на идолите! Радувај се, зошто вистинското Богопочитување го засака до самата смрт! Радувај се, зошто со своето благочестие на својот Христос Му угоди! Радувај се, зошто со Неговата благодат многу плодови донесе! Радувај се, Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 3
Силата на Вишниот те направи, Димитрие, во бојот храбар, за непријателите страшен, а на сите луѓе познат. Затоа злочестивиот цар Максимијан ти го врачи градот Солун наредувајќи ти како безумник да ги гониш христијаните, кои Му пеат на Бога: Алилуја!
Икос 3
Имајќи благопријатна ревност за вистинско Богопочитување, јавно, префални, пред незнабошците го исповеда Христа и уште нив ги научи Нему да Му се поклонуваат и во Него да веруваат, така станувајќи за Солунјаните втор Павле (апостол), па и ние со нив ти пееме:
Радувај се, на Црквата Христова, многуценет бисеру! Радувај се, најголем украсу на твојот град! Радувај се, зошто боженствената ревност си ја носел во срцето свое! Радувај се, зашто расипаноста на мачителите ја победи!
Радувај се, затоа ја изобличи одвратната лага на идолослужењето!
Радувај се, просветителе на помрачените!
Радувај се, зошто злочестието како плева го гориш!
Радувај се, зошто трњето идолско го сосекуваш!
Радувај се, зошто учиш на побожност!
Радувај се, зошто на патиштата на спасението продолжуваш!
Радувај се, зошто непријателите видливи и невидливи не смеат да ти пристапат!
Радувај се, непобедлив војнику на Исуса Христа!
Радувај се, Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 4
Зафатен со бура од злобни мисли, нечесниот цар се збуни гледајќи дека ти си, сечесен, верен слуга Христов и дека ги уриваш идолите и во верата во Христа Солунјаните ги приведуваш, учејќи го слават Трисветото име Божје, пеејќи Му: Алилуја!
Икос 4
Откако слушна дека Максимијан, исполнет со бес, по тебе доаѓа во Солун, ти Димитрие, со пост и молитва се подготви за мачеништво, наредувајќи му на Лупа, твојот верен слуга, твоето привремено богатство да го раздаде на сиромашните. А ние ти пееме и со љубов те фалиме:
Радувај се, зошто не се исплаши на заканите на мачителот! Радувај се, зошто се раздаде за да Го добиеш Христа! Радувај се, зошто празната слава од овој свет ја сметаше за ѓубре! Радувај се, зошто небесната слава од Христа Бога ја доби! Радувај се, зошто сострадуваш со сите кои за помош те молат! Радувај се, на сите кои се во невоља ти си брз помошмик! Радувај се, зошто ништожните ги збогатуваш! Радувај се, зошто се завземаш за несреќните и сиромашните! Радувај се, зошто им помагаш на бедните! Радувај се, зошто ги храниш гладните! Радувај се, Свети Димитрие, славни Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 5
Стана сличен на Витлеемската ѕвезда, Димитрие, зошто, како што таа патот кон Богомладенецот го покажа, така и ти го откри вистинското Сонце на со темнина обземениот цар. Затворен од него во темница, во неа, како во раскошна палата, си го величел нашиот Христос Бог, во радост пеејќи Му: Алилуја!
Икос 5
Гледајќи дека ти, за блаженство достоен, ќе го окончаш својот подвиг, мразителот на доброто, ѓаволот, разјаден од завист, те нападна во облик на шкорпија. Ти го згазна и во голема светлина го виде Ангелот Господов, кој дојде да ти даде сила, донесувајќи ти рајски венец. А од нас земните ти прими мал венец на овие пофалби:
Радувај се, трубо, која на неверниците Христа Бога Го огласуваш! Радувај се, кавалу, кого верниците со радост го слушаат! Радувај се, зошто со машкоста ги развесели небесните жители! Радувај се, зошто во темницата исполнета со мрак и смрдеа ангелот те утеши! Радувај се, зошто на небото како маченик прими прекрасни станови! Радувај се, зошто во тело го победи ѓаволот кој тело нема! Радувај се, зошто мрежата негова како пајажина ја раскина! Радувај се, зошто светол венец на победата прими! Радувај се, зошто венецот ти го даде Царот на славата! Радувај се, зошто од Него се удостои со многукратна благодат! Радувај се, зошто голема слобода пред Него стекна! Радувај се, Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 6
Злобниот Максимијан се радуваше кога неговиот силен борач Лиј ги убиваше христијаните. Нетрпејќи го тоа, блажениот Нестор, Мачениче, од тебе измоли благослов и одејќи во борба со него го собори на копје пеејќи Му на Христа: Алилуја!
Икос 6
Запалувајќи ја во Солун светлината на вистината, ти, Свети, пред себе кон Христа преку мачеништво го испрати Нестор, кого царот го обезглави разжалостен што му ја уништи надежта во Лиј, а потоа и самиот по наредба на истиот цар за Христа со копја беше избоден. Те молиме и нас пред Него да не спомнеш, зошто со почитување се сеќаваме на твоите страдања и ти воскликнуваме:
Радувај се, зошто Лиј, закрепнувајќи го Нестор против него со своите молитви го обори! Радувај се, зошто му измоли победа како борец кој се борел слично како Давид соГолијат! Радувај се, зошто после погибелта на Лиј со Нестор си примил иста маченичка смрт! Радувај се, зошто си избоден со копја за името на Оној Кого на Крст Го прободеа со копје!
Радувај се, зошто после смртта Ангелите на небо те испратија! Радувај се, зошто со душата пребиваш во незалезна светлина! Радувај се, зошто со мачениците и сите светители непрестајно ликуваш! Радувај се, заштито и покрове на оние кои те прославуваат! Радувај се, зошто се молиш за оние кои го признаваат твојот спомен, Свети! Радувај се, Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 7
Сакајќи после твоето страдање да прими од тебе благослов, Луп го зеде прстенот и ризата натопена со твојата крв. Откако со неа направи многу чуда и исцелувања, нему му ја отсекоа главата и така го удостоија со тебе и Нестор да го пее во Троица славениот Бог: Алилуја!
Икос 7
Ѕидајќи ти нова црква, достоен за восхит, Леонтиј, кого го исцели, ги најде во земја светите твои мошти кои точеа миро, од чиј мирис целиот град замириса исцелувајќи многу болни. Те молиме да не замирисаш и исцелиш и нас, кои ти воскликнуваме:
Радувај се, зошто мирисот на добродетелта од младоста го засака! Радувај се, зошто од младост ангелска природа стекна! Радувај се, саду на благодатта! Радувај се, храму на непорочноста и чистотата! Радувај се, зошто Господ во тебе се всели со Отецот и Светиот Дух! Радувај се, зошто Он ги прослави моштите твои со благодатта на нераспадливоста! Радувај се, зошто од нив мирисно миро се точи!
Радувај се, зошто со него се раздаваат осветувања и исцеленија! Радувај се, зошто твоето миро е порисно од смирната и нардот! Радувај се, зошто со твојата миризба смрдеата на страстите ги истеруваш
Радувај се, зошто со својата крв облеката и местото го освети
Радувај се, зошто заради своите рани, нашите душевни и телесни рани ги исцелуваш! Радувај се, Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 8
Невидено и прекрасно чудо направи кога на ѕидарот на твојот храм, кој ја понесе со себе плаштаницата со моштите твои, му помогна со неа да ја премине брзата и голема река како по суво; а тој на Бога, кој се прослави во тебе, со срцето и усните пееше: Алилуја!
Икос 8
Леонтиј, кој целиот гореше со љубов и усрдност кон тебе, Свети, ти го соѕида и другиот храм во својата земја Илирија. Но, и таму се случуваа мноу исцелувања, како и во Солун, зошто со твоите молитви многу болни и од ѓавол поседнати ги ослободи од слабостите, и уште многу други и славни чуда се случија. Восхитувајќи се на тоа, тебе ти извикуваме:
Радувај се, моќна заштито на оние кои те прославуваат!
Радувај се, чудесен покровителу на оние кои ти соѕидаат храмови! Радувај се, дарителу наздравје! Радувај се, исцелителу на болести!
Радувај се, зошто си го запирал течењето на крвта кај болните! Радувај се, зошто епархот Марин од рани и гној го избави! Радувај се, зошто со облеката своја, како Павле со марамите, чудеса правиш!
Радувај се, зошто со неа и на Леонтиј му помогна преку реката! Радувај се, зошто реката ти се потчини! Радувај се, зошто духовите на темнината и злобата бегаат од оние кои те повикуваат! Радувај се, зошто се надеваме дека со твоето застапништво и нас од ѓаволските напади ќе не сочуваш! Радувај се, зошто веруваме дека ќе не избавиш од поплави и други неволји! Радувај се, Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 9
Се восхитија војските Ангелски на големата слобода која ја покажа кога Господ. Сакајќи да го предаде градот на непријателите, го испрати Ангелот да ти нареди да го напуштиш Солун, а ти не сакаше да го напуштиш, Славен. Тогаш Илустриј, кој сето тоа со ужас го гледаше и слушаше удостоен да види, со трперење говореше: Алилуја!
Икос 9
Мудреците не можеа да разберат, ниту говорниците да раскажат како девојките, кои ,одведени во ропство по наредба на кнезот кој ги зароби, го врзаа твојот лик, одеднаш ги зема и ги постави крај својот гроб во црквата каде се вршеше бдение на твојот празник. Ние, благословувајќи го Господа во тебе, со умиление ти говориме:
Радувај се, зошто на земјата за вистината се до крв пострада! Радувај се, зошто на небото со чест и слобода пред Престолот Божји стоиш!
Радувај се, зошто ги избавуваш оние кои Те повикуваат во неволја! Радувај се, зошто брзо им помагаш на оние кои се погодени од несреќа! Радувај се, зошто Господ молитвите твои милосрдно ги прима! Радувај се, непресушен извору на чуда! Радувај се, источнику на неоскудни чудесни знаци! Радувај се, ослободителу на заробените! Радувај се, зошто ја укротуваш дрскоста на непријателите наши! Радувај се, зошто на тажните им испраќаш утеха! Радувај се, зошто даруваш радост на ожалостените! Радувај се, Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 10
Сакајќи да го спасиш градот свој од глад, ти, Свети Димитрие, на оние кои имаа пченица во големите морски пристаништа и на островите, им јавуваше за да им наредиш со неа да пловат за Солун. А народот, со твојата грижа од смрт избавен, благодарно заради тебе на Бога Му пееше: Алилуја!
Икос 10
Како ѕид несоборлив се покажа на својот град, Богомудар, и непобедлив заштитник на сите оние кои те повикуваат, зошто така благоволи за тебе Творецот на небото и земјата. Научи не, затоа, да и ние ти пееме:
Радувај се, зошто сомилосно за сиромашните се грижиш! Радувај се, зошто ги избавуваш верните од глад! Радувај се, зошто ги сокриваш пред наездата на непријателите! Радувај се,зошто многу пати Солун од оковите на горкото ропство го избави!
Радувај се, зошто смртните рани и другите повреди од нас ги оддалечи! Радувај се, војводо, зошто на тебе по машкост равен никој не е! Радувај се, воину, кој никогаш во сила не оскудеваш! Радувај се, зошто сите зла кои се креваат врз градот твој како Мојсеј Амалик го оборуваш! Радувај се, Самсон, нападите на другите народи ги одбиваш!
Радувај се, зошто на верните им даваш победа врз непријателите! Радувај се, зошто на христољубивите војски во бој им помагаш! Радувај се, Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 11
Секоја песна е немоќна да го искаже блескањето на твојата слава и твоите големи чуда, зошто кога царот Јустинијан посака во Софискиот храм во престолнината честица од твоите мошти да има, од гробот излезе оган недавајќи им на царевите пратеници ниту да пријдат на твојата гробница. Воодушевувајќи се тие со страв извикаа кон Бога: Алилуја!
Икос 11
Ние, кои сме во темнината на незнаењето, те гледаме како ѕвезда со светли зраци. Така на Онисифор, помрачен од темнината, кој служеше крај гробот, со двократно јавување му забрани да краде свеќи кои верните палеле крај гробот. Затоа со вера ти извикуваме:
Радувај се, зошто до мачеништвото свето живееше! Радувај се, зошто после по чудеста се прослави!
Радувај се, затоа жив преку моштите во градот живееш !
Радувај се, зошто како вечно жив безброј чуда и сега правиш !
Радувај се, зошто правдата ја ублажуваш со милосрдие!
Радувај се , зошто гориш со оган на ревност за славата на Бога !
Радувај се , зошто твоите моштите се недофатни за насилниците и тираните!
Радувај се, зошто таквите со оган како молеа ги гориш!
Радувај се, зошто ги вразумуваш оние кои грешат!
Радувај се, зошто ги казнуваш разбојниците!
Радувај се, зошто им даваш осветување на оние кои искрено и со верба ти прибегнуваат!
Радувај се, зашто со мирото ги замирисуваш сите кои верно те почитуваат!
Радувај се ,Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 12

Прими благодат, Димитрие, да ја лекуваш секоја рана и секоја слабост кај луѓето. Дади ни и нам исцелување на телото и душата со цел на Бога, Кој ни те даде тебе како помошник и исцелител, благодарно да Му викнеме Алилуја!
Икос 12
Славејќи ги твоите чуда, Блажен, достоен за почит, затоа што пред нечистите смело го призна Христа Бога, ја прославуваме твојата маченичка смрт, го почитуваме твојот спомен и во радост оба ти го принесуваме:
Радувај се, зашто за Христос Спасителот ревносно следуваше!
Радувај се, храбар подражател на Неговото страдање!
Радувај се, зошто го прославуваш Бога со силите на небото!
Радувај се, зашто за светот со Царицата на небото и земјата се молиш!
Радувај се, зошто верните со скапоцен мир ги удостојуваш!
Радувај се, зошто ги исцелуваш душевно и теленораслабените!
Радувај се, Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 13

О, Свети мачениче и верен угоднику на Христос, Димитрие мироточив, прими ја оваа мала песна од нас и моли Го Христа Бога да се всели и да замирисаат во срцата наши православните светители, нашата вера вистинска, да се множи во животите наши елејот на добрите дела, да не се изгаснат нашите светла во полноќниот час кога ќе се сретнеме со небесниот Младоженец, и да станеме достојни за во вечност, заедно со тебе и сите светии, да Му пееме во царството на Христос, на Вечното Слово Божјо, со Отецот и со прославениот Дух: Алилуја! (три пати)
Икос 1
Творецот на Ангелите и Господ на Силите те прослави тебе, достоен за восхитување, како Ангел во тело, цврст и непобедлив во мачењето и силен заштитник на верните, затоа прибегнуваме кон Твоето застапништво принесувајќи Ти ги овие радосни песни:
Радувај се, ѕвездо која блескаш над цврстата Црква!
Радувај се, светилник, кој со чудеса го осветлуваш светот!
Радувај се, непоколеблив столб на верата!
Радувај се, нескршлив штит на православните!
Радувај се, сјаен украс на Тесалија!
Радувај се, преславна пофалбо на Солун!
Радувај се, сограѓанин на Апостолите!
Радувај се, заедно со мачениците си во небесните живеалишта!
Радувај се ти, кој ги примаш молењата на оние кои те повикуваат!
Радувај се, за сите нас на Бога се молиш!
Радувај се, свети Димитрије, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 1
Чудесен Војводо на градот Солун, голем угоднику Христов и славен, подвижнику, Свети Димитрие, тебе, кој на светот му точиш миро на милост, ние те почитуваме и ти пишуваме пофалба, а ти имајќи слобода пред Господа, од секоја беда избави не, верно да ти воскликнуваме:Радувај се, Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
На многаја љета

This entry was posted in Синаксар. Bookmark the permalink.

Comments are closed.