МАКЕДОНСКА ВИСТИНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА СИНАКСАР СЕПТЕМВРИ,СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР ГО ЧЕСТВУВА

ДЕНЕСКА, 1 СЕПТЕМВРИ, ПОЧЕТОК НА ЦРКОВНАТА НОВА ГОДИНА
На Првиот Вселенски Собор било одредено црковната година да почнува на 1 септември. Месецот септември кај Евреите бил почеток на граѓанската година (Исх. 23, 16), месец на собирање на плодовите и принесување жртви на благодарност кон Бога. Во времето на ова празнување Господ Исус влегол во синагогата во Назарет и ја отворил книгата на Пророкот Исаија и ги прочитал зборовите: „Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза за да им благовестам на бедните, Ме испрати да лекувам скрушени по срце, да им проповедам на заробените отпуштање и на слепите прогледување; да ја проповедам благопријатната Господова година и денот за одмазда на нашиот Бог” (Исаија 1 – 2). Овој месец е исто така значаен во историјата на христијанството по тоа што во него царот Константин Велики ја однел победата над Максенциј, непријателот на Христовата вера, а на таа слобода ѝ уследила слободата на христијанската вероисповед во целото римско царство. Долго време во христијанскиот свет и граѓанската година била сметана од 1 септември; на 1 јануари се премести најпрво во Западна Европа, а потоа во Русија, во времето на Петар Велики.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 5 СЕПТЕМВРИ, СВЕТИ ПРОРОК ЗАХАРИЈА
Таткото на Свети Јован Претеча, син Варахиин, од родот на Авиј, кој ја држеше осмата чреда на богослужење во храмот ерусалимски. Жена му била Елисавета, ќерка на Совија, сестрата на Света Ана, мајката на Пресвета Богородица. Во времето на царот Ирод, еден ден Захарија служел според својата чреда во ерусалимскиот храм. И во олтарот му се јавил ангел Божји, од когошто Захарија се уплашил. А ангелот му рекол: „Не плаши се, Захарија” (Лука 1). И му објавил ангелот дека неговата жена Елисавета ќе роди син, според нивните молитви. А беа обајцата стари, и Захарија и Елисавета. Кога Захарија се посомневал во зборовите на небесниот известител, ангелот му рекол: „Јас сум Гавриил кој стојам пред Бога.” И Захарија од тој миг онемел и не проговорил се додека не му се родил синот и додека не напишал на табличка: „Јован му е името.” Тогаш му се отворила устата и Го величал Бога. Подоцна, кога се роди Господ Исус и кога Ирод почнал да ги убива децата во Витлеем, Ирод испратил да го најдат и синот на Захарија и да го убијат. Бидејќи Ирод имал чуено за сѐ што му се случило на Захарија и како се роди Јован. Кога ги виде војниците Елисавета го зела Јован на раце – тогаш имал една и пол година – и побегнала со него од дома, и бегала по каменливи и пусти места. Гледајќи ги војниците како ја гонат, таа повикала кон гората: „Горо Божја, прими ја мајката со дете!” И се отворила карпата и ги скокрила во себе. Ирод, разлутен затоа што не го убиле Јован, наредил да го убијат Захарија пред олтарот. Крвта на Захарија се истурира врз меремрот и се стврднала како камен и останала така како сведоштво за злосторството на Ирод. А таму каде што се сокрила Елисавета со Јован, се отворила пештера и потекла вода и со Божја сила израснала плодородна палма. Четириесет дена по смртта на Захарија се упокоила и блажената Елисавета. И останал младенецот Јован во пустината, хранет од ангел и чуван од Божјата Промисла до оној ден кога требаше да се јави на Јордан.
Тропар, глас 4:
Облечен во свештенички одежди, премудар, по законот Божји жртви паленици благоугодно си принесувал, пророку Захарија, и си бил свечник и светок на тајни. Знаци на благодат во тебе си носел, семудри, и со меч беше убиен во храмот Божји, Христов пророку, со Претеча моли нашите души да се спасат.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 6 СЕПТЕМВРИ, СПОМЕН НА ЧУДАТА НА СВЕТИ АРХАНГЕЛ МИХАИЛ
Во Фригија имало едно место наречено Хони („нурнување”) недалеку од Ерапол, а на тоа место имало извор со чудотворна вода. Кога Светиот апостол Јован Богослов со Филип го проповедал Евангелието во Ерапол, тој погледнал на она место и прорекол дека таму ќе се отвори извор на чудотворна вода од која многумина ќе добијат исцеление и дека тоа место ќе го посети великиот Божји Архистратиг Михаил. Наскоро потоа ова пророштво се исполнило, се отворил извор кој заради својата чудесна сила се прочул на сите страни. Еден незнабожец во Лаодикија имал нема ќерка и заради ова бил во голема тага. Но во сон му се јавил Архангел Михаил и го упатил да ја води својата нема ќерка на изворот, каде ќе оздрави. Таткото веднаш послушал, ја одвел ќерката и кај водата имало многуброен народ, кој на изворот си барал спасение од разни маки. Тие сите биле христијани. Тогаш човекот ги прашал како треба да бара исцеление, а христијаните му рекле: „Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух треба да го молиш Светиот Архангел Михаил.” Оној човек така и се помолил и ја напоил ќерка си од водата, а потоа девојката почнала да зборува. Тогаш тој човек незнабожец се крстил заедно со сиот свој дом, а крај изворот му изградил црква на Свети Архангел Михаил. Подоцна на тоа место се населило едно момченце по име Архип и таму се подвизувал во голем подвиг на пост и молитва. Незнабожците многу му пакостеле, зашто не им било по волја тоа што од хриситјанската светост исходи толкава сила и привлекува многуброен народ. Па во својата злоба тие ја завртеле блиската река за да ги потопи црквата и изворот. Но откако Архип му се помолил, повторно се јави Светиот Архангел и во карпата покрај црквата отвори расцеп којшто ја прими сета навртена река. Така она место се спаси и се нарече Хони („нурнување”) зашто реката се нурна во отворената бездна. Свети Архип се подвизувал тука седумдесет години и се упокоил мирно во Господа.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА,8 СЕПТЕМВРИ, РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА – МАЛА БОГОРОДИЦА
Рождество на Пресвета Богородица е еден од големите празници на Светата Православна Црква. Иако овој празник се смета за почеток на сите празници сепак тој почнал да се празнува многу подоцна. Дури откако ослабнало паганството, христијаните покрај на нашиот Господ Исус Христос можеле да и одадат заслужено признание и на Неговата мајка.
Народот верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони.
Православниот народ со големо внимание ги празнува повеќето празници на Пресвета Богородица, мајката на Спасителот наш Исус Христос. Нејзините празници покрај со црковни свечености народот ги празнува и со народни собири, панаѓури и сл. што во минатото траеле и по неколку денови. Така православниот народ, со повеќе или помалку свечености, но секогаш со достојно внимание прославува неколку празници поврзани со името на Пресвета Богородица: Мала и Голема Богородица, Воведение на Пресвета Богородица, (празник познат уште и под името Света Пречиста), Благовештение, Богородичин појас, Покров на Пресвета Богородица, Собор на Пресвета Богородица и др.
Народот верува дека Богородица е мајка на сите мајки, дека е заштитничка на жените особено на леунките поради што кога жените раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да поминат.
Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони.
Раѓањето на Богородица не било ни случајно ни обично, затоа што идната мајка на Спасителот наш Исус Христос требало да се роди од родители свети, чисти и праведни. Тие, исто така требало да бидат од двете еврејски лози од Давидовата и Ароновата, бидејќи од првата произлегувале еврејските цареви, а од втората старозаветните првосвештеници. Во тоа време меѓу малкуте праведни луѓе во градот Назарет биле и родителите на Богородица Јоаким и Ана. Јоаким бил токму од царскиот род Давидов, а Ана од родот на првосвештениците. И двајцата биле многу скромни, побожни и добри, ги помагале сиромасите и болните, а ги советувале младите. Од приходите што ги имале една третина задржувале за себеси, една давале на храмот, а една третина раздавале на сиромасите. Но биле многу несреќни затоа што немале деца. Во тоа време немањето пород се сметало за последица на божја казна за некој голем грев па и за нив многумина се сомневале дека во себе кријат токму таков голем грев. Јоаким и Ана постојано искрено и со солзи го молеле Бога да им даде рожба и да го симне срамот од нивниот образ, ветувајќи дека ќе ја воспитуваат во вистински благочестив дух и дека ќе ја дадат да му служи во храмот.
Луѓето без деца се соочувале и со повеќе забрани, па така не им било дозволено и меѓу првите да принесуваат жртва во храмовите. Еднаш кога на некој голем празник Јоаким сакал меѓу првите да принесе жртва во храмот во Ерусалим, од првосвештеникот бил прекорен дека тоа не смее да го прави зашто поради гревовите Бог не го дарувал со деца. Јоаким отстапил длабоко навреден и жртвата ја принесол последен. Оттука наместо дома отишол во пустината кај своите стада каде што поминал 40 дена во строг пост и молитви. Го молел Бога да го дарува со рожба. Во тоа време и Ана дома се молела за истата цел. Неа не само што другарките ја прекорувале, туку и слугинките и се потсмевале затоа што немала деца. Еднаш додека била во градината видела како некоја птица си ги рани своите пилиња. На тоа уште повеќе се нажалила и го молела Бога да и даде рожба, за да не биде подолу дури и од сите животни и од пилињата.
Јоаким и Ана биле убедени дека со молитви ќе го смилостиват Бога да ги дарува со рожба иако биле во поодминати години. Впрочем и Аврам и Сара, иако исто така биле во постари години со волјата Божја добиле дете. И навистина Бог ги слушнал молитвите на праведните Јоаким и Ана и по Архангел Гаврил пратил вест дека ќе добијат женско чедо кое ќе се прослави. Додека Ана искрено се молела пред неа застанал ангел Господов и и рекол:
-Ано, Ано, твојата молитва е слушната. Твоите воздишки ги надвишија облаците. Твоите солзи капнаа пред Господа. Ти ќе родиш благословена ќерка поради која ќе бидат благословени сите овоземни родови. Преку неа ќе биде дадено спасението на целиот свет. Ќе ја викате Марија.
Во истото време ангелот Господов му се јавил и на Јоакима во пустината и му ја соопштил истата вест. Му кажал уште дека Ана веќе е известена со радосната вест и се наоѓа во храмот во Ерусалим за да принесе жртва. Јоаким веднаш пристигнал во Ерусалим каде што заедно со својата жена принесле жртва во храмот. Потоа им се родила ќерка која што поради тоа што била измолена со многу солзи и ставиле име Марија што значело горчлива вода или солза. Според други пак Марија значи висока или владетелка (владичица). Зачатието на Св. Ана црквата го празнува на 22/9 декември, токму девет месеци пред Мала Богородица.
Во чест на денот на раѓањето на Марија, идната мајка на Господ Исус Христос Светата Православна црква го востановила празникот Рождество на Пресвета Богородица, празник во народот попознат како Мала Богородица што секоја година се празнува на 21 септември според новиот, односно на 8 септември според стариот календар.
Култот на Пресвета Богородица има значајно место во православниот народ. Многу цркви што го носат нејзиното име, а има и голем број преданија за чудотворни икони со ликот на мајката божја.
Марко К. Цепенков забележал повеќе преданија за чудотворни икони со ликот на Пресвета Богородица. Според едно од овие преданија „Во селото Коњче има црква што ја имаат кончани и друзите села од околијата као за манастир, чунки во таа црква се наоѓа една икона чудотворна. Иконата је од мушама и је со лицето на Св. Богородица; таа икона била најдена горе на планина од една фамилија од селото Коњче. На ден Св. Цареи (Елена и Костадин) било кога ја нашол чоеко некоаш таа икона и од тоа време до ден денеска излегуаат селаните на истото место кај што се нашла иконата, на ден Св. Цареи. Не само Кончани одат тамо, ами и од друзите села што се дојдени тамо одат и тамо свеќаваат вода за здравје и за бериќето што је по поле Богоројца да го чуа“. Цепенков уште забележува дека таа икона кога ќе ја оставеле на местото каде што била најдена „ќе се испотела и со тоа веруаат оти била животворна и чудесна“.
Тропар
Рождество на Пресвета Богородица
Твоето раѓање Богородице Дево, радост му јави на целиот свет, зашто од тебе изгреа Сонцето на правдата – Христос, Бог наш; уривајќи ја клетвата, ни даде благослов; уништувајќи ја смртта, ни дарува живот вечен.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

ДЕНЕСКА, 9 СЕПТЕМВРИ, СПОМЕН НА ТРЕТИОТ ВСЕЛЕНСКИ СОБОР
Третиот Вселенски Собор се одржал во 431 година во Ефес, во времето на царот Теодосиј Помладиот. На Соборот присуствувале двеста отци. Отците на овој Собор го осудиле Несториј, Цариградскиот патријарх, заради еретичкото учење за Пресвета Дева Марија и за раѓањето на Господ. Имено, Несториј не сакале да Ја нарекува Пресветата Дева Богородица, туку Христородица. Со осудата на Несториј, Светите отци утврдиле Пресветата Дева да се именува Богородица. Освен тоа, ги потврдиле одлуките на Првиот и Вториот Вселенски Собор, особено Никејо-Цариградскиот Символ на Верата и заповедале никој да не смее од овој символ ниту нешто да одзема ниту да додава.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА,9 СЕПТЕМВРИ, СВЕТИ ЈОАКИМ И АНА
Свети Јоаким бил син на Варпафир, од Јудиното колено, и потомок на царот Давид. Ана била ќерка на свештеникот Матан, од коленото Левиево, како и првосвештеникот Арон. Тој Матан имал три ќерки: Марија, Совија и Ана. Марија се омажила во Витлеем и ја родила Саломија; Совија се омажила исто така во Витлеем и ја родила Елисавета, мајката на Свети Јован Претеча; а Ана се омажила во Назарет за Јоаким и во својата старост Ја родила Пресвета Богородица. Јоаким и Ана живеела во брак педесет години и биле бесплодни. Живеле богоугодно и тивко и од сите свои приходи само една третина употребуваа за себе, другата им ја раздавале на сиромасите, а третата ја жртвувале во храмот. А биле доволно имотни. Еднаш на старост, кога оделе да Му принесат жртва на Бога во храмот, првосвештеникот Исахар го укорил Јоаким: „Не си достоен од твојата рака да се прими дар, бидејќи си бездетен.” Така и другите што имале деца го туркале Јоаким зад себе како недостоен. Тоа многу ги нажалило овие две стари души, па дома се вратиле во голема тага. Тогаш обајцата почнале да се молат кон Бога за и ним да им направи чудо како некогаш на Авраам и Сара и да им подари едно дете за утеха во староста. Бог им го испратил Својот ангел, кој им го објавил раѓањето на нивната преблагословена ќерка, со Која ќе се благословат сите народи на земјата и преку Која ќе дојде спасението на светот. И Ана зачна веднаш и во деветтиот месец Ја роди Пресветата Дева Марија. Свети Јоаким поживеа на земјата осумдесет, а Ана седумдесет и девет години и се преставија кај Господ.
Тропар, глас 2:
Денеска го празнуваме споменот на Твоите праведници Господови: со Нивните молитви, Те молиме, да ги спасиш душите наши.
Кондак, глас 2:
Сега се радува Ана, зошто се разрешува од врската на неплодноста и ја храни пречистата Богородица: Повикувајќи ги сите со песни да ја слават онаа која од утробата своја го родила Бога како Човек, како единствена мајка и немажена.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 14 СЕПТЕМВРИ, ВОЗДВИЖЕНИЕ НА ЧЕСНИОТ КРСТ – КРСТОВДЕН
Римскиор цар Максенциј му правел многу зла на народот, ги гонел и мачел христијаните, и затоа Римјаните му испратиле писмо на царот Константин да ги избави и спаси од тие маки. Царот Константин, почнал пријателски да го убедува Максенциј да престане со злоделата, но тој не го послушал и затоа цар Константин бил принуден да тргне во поход на Рим каде го победи царот Максенциј, со дејство на Чениот Крст, кој претходно му се покажал на небото и му било кажано дека со тоа ќе победува. Великиот цар Константин, победоносно влегол во Рим каде народот го дочекал со голема радост и сите почести. А царот му вознесе голема благодарност на Бога кој, со силата на Чесниот и Животворен Крст му дарува победа. По овој повод на висок столб сред Рим тој постави Крст и на него напиша: „Со овој спасоносен знак е ослободен овој град од насилничкиот јарем“.
Првите три века не се знаело каде се наоѓа крстот на кој бил распнат Исус Христос. Се претпоставувало дека е закопан во близината на неговиот гроб, бидејќи според тогашните еврејски обичаи крстовите биле закопувани во близината на гробовите. По многуте напади на Ерусалим, по повеќето борби и разурнувања на градот била изменета и конфигурацијата на земјиштето. Од друга страна пак неверниците и Евреите намерно ги обезличувале христијанските светилишта, или врз нив подигнувале пагански храмови. Царицата Елена при обиколката на светите места се интересирала и за крстот врз кој бил распнат Исус. По совет на патријархот Макариј биле прашани најстарите луѓе, но само еден по име Јуда, знаел дека крстот е во темелите на подоцна подигнатиот идолски храм на божицата Венера. При копањето нашле три крста, зашто на тоа место биле и крстовите од двајцата разбојници што биле распнати заедно со Исус. Тогаш се појавил проблем зашто не можеле да дознаат кој од трите е Исусовиот крст. Пак по совет на патријархот Макариј со трите крстови допреле една болна жена и таа од допирот со едниот од нив оздравела. Во тоа време минувала и погребна поворка, а царицата Елена наредила врз мртовецот да ги ставаат крстовите еден по еден. И се случило чудо. Во допир со истиот оној крст од кој оздравела болната жена сега и мртовецот воскреснал. Тоа било знак дека тој е бараниот крст врз кој бил распнат Исус Христос. Кога за тоа разбрале жителите на Ерусалим потрчале да го видат тој Крст. Тогаш мноштво народ дотрчал да го види Животворниот Крст, но од големата турканица што се создала тоа не можеле да го сторат. Тогаш владиката ерусалимски Макариј неколку пати го кревал и спуштал Крстот вртејќи се на сите четири страни. Во тоа време народот се крстел и пеел „Господи помилуј.“ Тоа се случило околу Велигден 326 година. Царицата Елена изградила повеќе цркви меѓу кои и една на гробот на Исус посветена на Воскресението во која се чувал и Чесниот Крст.
Во почетокот празникот бил празнуван локално во Ерусалим каде што се случил настанот и каде што се чувале деловите од Крстот. По нападот на персискиот цар на Византија, кога биле заземени Сирија, Месопотамија и Мала Азија и подоцна во 614 година кога бил заземен Ерусалим, била направена вистинска пустош во градот, а бил ограбен и храмот посветен на Воскресението заедно со Светиот Крст. Четиринаесет години Крстот бил во рацете на Персијанците и многумина од нив за тоа време го примиле Христијанството гледајќи ја силата на Крстот. По победата на царот Ираклиј над Персија и Светиот Крст бил вратен во Цариград во 628 година, а следната 629 година заедно со Крстот презел поход на Сирија, потоа во Ерусалим на 3 мај му го предал на свештеникот Захариј. Според светото предание царот Ираклиј самиот го носел Крстот од Елеонската Гора до Голгота, а тука некоја таинствена сила го запрела и не можел да продолжи. Тогаш патријархот Захариј му укажал дека на тоа место Исус го носел крстот во понижувачка состојба, а не така облечен во царска облека. Тогаш царот ги собул чевлите, ја сменил и облеката и го однесол Крстот во храмот на Воскресението каде што било извршено подигнување и поклонување пред Чесниот Крст. Оттука во 638 година Крстот бил пренесен во Цариград бидејќи арапите ја нападнале Сирија. Во црквата Света Софија бил извршен обредот Воздвижение на чесниот крст.
Тропар,глас 1:
Спаси ги, Господи, Твоите луѓе и благослови го Твоето наследство. Дарувај им победа над непријателите на сите наши православни христијани и со крстот Свој заштити го Твоето наследство.
td7guil0_original
ДЕНЕСКА, 17 СЕПТЕМВРИ, СВЕТИТЕ МАЧЕНИЧКИ ВЕРА, НАДЕЖ И ЉУБОВ И НИВНАТА МАЈКА СОФИЈА
Овие маченички живееле и пострадале во Рим, во времето на царот Адријан. Мудрата Софија, како што ја одликува и името што го носи (софија – мудрост), останала вдовица, а како добра христијанка се утврдила себеси и своите ќерки добро во верата Христова. Во времето кога мачителската рака на Адријан се протегнала и врз добордетелниот дом на Софија, Вера имала само дванаесет, Надеж десет, а Љубов девет години. Тие биле изведени пред царот и сите четири, држејќи се за раце, смирено и одлучно ја исповедале верата во Господ Исус Христос и одбиле да принесат идолски жртви на Артемида. Пред страдањето мајката ги крепела ќерките со совети да истраат до крај. „Вашиот небесен љубител Исус Христос е вечно здравје, неискажлива убавина и бесмртен живот. И кога вашите тела ќе бидат убиени во маки, Тој ќе ве облече во нераспадливост и раните на вашите тела ќе светнат на небото како ѕвезди.“ Мачителот ги мачел со лути маки сите една по една: најпрво Вера, па Надеж, а потоа Љубов. Ги тепале, ги сечеле, ги фрлиле во оган и во врела смола и најпосле една по една ги убиле со меч. Софија ги зела мртвите тела на своите ќерки, ги однела надвор од градот и таму чесно ги погребала. Таа останала на нивниот гроб три дена и три ноќи молејќи Го Бога и така Му го предала својот дух итајќи во рајските населби, каде што ја чекаа душите на нејзините блажени ќерки.
Тропар, глас 4:
Се радува Црквата на првородните и со веселба ги прима мајката со чедата кои се веселат, која истоимената со Мудроста, како со троични богословски доблести подобно ги родила. Затоа нив ги гледаме како со мудрите девојки станале невести на Женикот, на Господ Христос. Со нив и ние се веселиме, прославувајќи го споменот на нив и говориме: Исповеднички на Света Троица, Вера, Надеж и Љубов, во вера и надеж и љубов утврдете не сите нас.
Нека Господ Бог благослови на многаја љета.
Света Софија и нејзините ќерки, маченичките Вера, Надеж и Љубов
ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!

Животите на светителите се духовна лектира која за нас, кои се нарекуваме православни христијани, претставуваат насушна храна со која ја нахрануваме сопствената душа, која, пак, е гладна за нивните подвизи и натчовечки достигнувања. Светителските восхитувачки подвизи честопати нe оставаат без здив, па со денови размислуваме за големината и чистотата на нивната вера, која тие ја поседувале, како и за бескрајната храброст која ја имале во предсмртните мигови. Денешните славенички, светите маченички Вера, Надеж, Љубов и нивната мајка Софија, олицетворение се на сето досега кажано, зашто нивното житие е доказ, како и колку треба да се љуби вистината и за неа да се пострада, без разлика какви нечовечки понижувања нè затекнуваат во животот.
Историските податоци ни говорат дека, овие свети маченички живееле и пострадале во градот Рим, за време на нечестивиот цар Адријан. Мудрата Софија ушта во младоста останала вдовица, но како прекрасна христијанка ги воспитала своите три ќерки во Христовата вера. Кога започнале гонењата на христијаните и кога мачителите дошле во домот на Софија, Вера имала 12 години, Надеж 10, а Љубов само 9 години. Откако сите четири бестрашни маченички биле изведени пред царот, смирено и одлучно ја исповедале верата во Христа Господа и одбиле да принесат жртва пред идолската божица Артемида. Пред страдањата, Софија со богомудри совети ги охрабрувала своите ќерки за да издржат до крај. Таа им говорела дека небесниот љубител – Господ Исус Христос е вечно здравје, неискажлива убавина и бесмртен живот. Но, безумниот мачител ги зел една по една и ги мачел со страшни маки: најпрво Вера, па Надеж, па Љубов. Ги тепале, ги сечеле со остри ножеви, ги фрлиле во оган и во врела смола, и на крај, една по една, ги посекле со меч. Мртвите тела на своите ќерки Софија ги зела, ги однесла надвор од градот и таму чесно ги погребала. Таму, над нивниот граб останала три дена и три ноќи, молејќи се на Бога, и тука ја предала својата душа во рацете на Бога, брзајќи да стигне во рајските населби, каде што блажените души на нејзините славни ќерки ја чекале.
Овој настан од свештената историја на нашата страдална Црква, денес нe потсетува какви треба да бидат основните добродетели, кои, како православни христијани, треба да ги поседуваме. Светата и праведна Софија ни е образец со каква мудрост треба и ние треба да ги воспитуваме сопствените чеда, зашто таа родила такви деца, кои постанаа Христови невести и кои пострадаа за Христос Бог, во Кого бескрајно веруваа како во свој Спасител. Навистина, света Софија е мајка достојна за восхит и за убаво спомнување! Таа, гледајќи ги страшните и лути маки на своите премили чеда, не само што не тагувала, што е својствено за секоја мајка, туку постојано ги утешувала со Божјата благодат, ги радувала, ги учела и ги молела да не го жалат својот времен живот, туку беспоштедно да ја пролеат својата крв за својот Господ Исус Христос. Навистина, света Софија е олицетворение на мудроста и наш вистински пример како и колку треба и ние да бидеме мудри во животот.
Светата маченичка Вера, која била најстара од трите сестри, денес нe потстетува на основната христијанска добродетел – верата, каква и колку чиста треба да биде истата. Ако апостол Павле ни сведочи дека, „верата е жива претстава за она, на кое се надеваме, и докажување на она, што не се гледа“ (Евр. 11: 1), тогаш, зарем самото страдање на светата маченичка Вера не е ли сигурно преточување во живот на овие зборови? Иако имала само 12 години, таа била сосема убедена дека нејзините страдања не се залудни, зашто имала жива претстава за она, во кое се надевала, а тоа бил вечниот живот во рајските населби. Пред нејзините детски очи постојано стоел преслаткиот Христов лик, кој бескрајно и помагал во најтешките мигови, па затоа мачењата кои, таа ги претрпела, постанувале слатки и безболни, зашто имале длабока и конкретна смисла. И навистина, света Вера преку страдањата го докажала она што не се гледа, а тоа е вечниот задгробен живот, кој за вистинските православни христијани е реалност. Тоа го докажале и денешните славенички, зашто нивниот спомен трае со векови и ќе трае до крајот на светот и векот.
Светата маченичка Надеж, средната од трите сестри, ни покажува каква треба да биде и нашата надеж во овој живот. За православниот христијанин надежта треба да претставува вистинско надевање на Бога, кое е дадено во човечкото срце, со вдахновување и просветување од Бога, со цел човекот да не очајува во Божјата благодат. Затоа апостол Павле говори: „Со надеж се спасивме. А надеж за она, што се гледа, не е надеж, оти, како ќе се надева некој на нешто, што се гледа? Кога се надеваме, пак, на она, што не го гледаме, со трпение го очекуваме“ (Рим. 8: 24-25). Сета наша надеж треба да биде нашиот Господ Исус Христос, оти преку Него се добивме. По тоа се познава и божествената благодат, зашто преку Христос ни се даде благодат и вистина, според зборовите на Светото Писмо: „Зашто Законот беше даден преку Мојсеј, а благодатта и вистината произлегоа од Исуса Христа“ (Јован 1: 17). Токму врз оваа благодат се темели сета наша надеж, но се темелела и надежта на светата маченичка Надеж, која, заштитена од Божјата благодат, се удостоила за маченички венец и за влез во рајските населби.
Преку страдањето на најмалата сестра, светата маченичка Љубов, треба да се потсетиме дека основната христијанска добродетел – љубовта, претставува Божји дар, преку кој што се чувствуваме поттикнати да Го љубиме Бога како наше врвно добро и да го исполниме сето она, што Он го заповеда за спасение и блаженство наше, но и на ближниот. Вистинската и нелицемерна љубов се покажува и докажува преку добрите дела и самата ги дополнува верата и надежта, усовршувајќи го нашето лично спасение. Од нас се бара да имаме љубов кон Бога како неопходен долг, зашто ако ја немаме во нашите души, веднаш оставаме простор во нас да се всели духот на злото и гревот. А, зарем може да има мерка и граници нашата љубов кон Бога? Ако се потсетиме дека светата маченичка Љубов имаше само 9 години, кога во страшни и ужасни маки пострада за Христа, тогаш веднаш ќе си дадеме одговор на тоа прашање. Во никакви мерки и во никакви граници не смее да биде ограничена нашата љубов кон Оној, Кој заради нас прими човечко тело, претрпе страшна смрт на Крстот и воскресна во третиот ден заради нас и нашето спасение. Таква љубов имале сите три сестри, но и нивната мајка, зашто преку страдањата ја посведочиле љубовта и умреле за неа, зашто за возљубената Вистина достојни се сите маки да се претрпат.
Во Беседата на гората, Господ Исус Христос напомена кои се блажени во овој свет. Сите тие блаженства се посведочија низ животот и страдањето на денешните славенички. Светите Софија, Вера, Надеж и Љубов се блажени заради нивното чисто срце, зашто нивното срце било вистинско око, со кое ја гледале духовната реалност, а пред се, живиот Бог. Блажени се, зашто биле гонети и мачени заради правдата, па затоа биле слични на Христос и на апостолите, кои преку страдање се прославија на небесата. Блажени се, зашто биле посрамотени пред луѓето од нивно време, но тие се претрпеле преку цврстата вера и надеж во Бога, Кој во свое време ќе дојде како последен Победник и праведен Судија. Затоа, светите маченички денес се радуваат и се веселат на небесата, зашто голема е нивната награда. Се радуваат во плачот, се радуваат во страдањата, се радуваат во умирањето, зашто сите најдобри во човечкиот род, кои го поминале истиот трновит пат, кој го поминале и тие, пречекани се во оној свет, каде што владее Христос Господ, каде што нема воздишки, ни таги, ни страдања, туку живот и радост вечна. Амин!
+++Јован-Хаџи МВПЦ Елада
svete-04-620x350-79270

ДЕНЕСКА,26 СЕПТЕМВРИ, СВЕТИ АПОСТОЛ И ЕВАНГЕЛИСТ ЈОВАН БОГОСЛОВ
Свети Апостол и Евангелист Јован е роден во Витсаида Галилејска од татко Заведеј и мајка Саломија. По занимање бил рибар, а потоа најмладиот по години ученик на Господ Исус Христос. Тој го напишал Евангелието, три посланија и последната книга на Новиот Завет – Откровението јованово или Апокалипсата.
Основач е на Азиската црква и затоа се смета како најзаслужен апостол во Мала Азија. Бил сведок на сите чуда Христови, сведок на преображението, смртта Христова и нему Господ му ја доверил својата мајка, Пресвета Богородица на чување и како таков бил еден од најревносните ученици во ширењето на Евангелието и утврдувањето на христијанската љубов меѓу христијаните. Поучувал со зборови и дела, покажал со сопствениот пример како треба да се биде Христијанин. Ги обиколувал селата и градовите, основал црковни општини, поставувал епископи, свештеници и ѓакони. Предизвикал сите да го следат неговиот пример.
Римскиот император Диоклицијан кога дознал за големите успеси на новата вера во Мала Азија, заповедал да го доведат апостолот во Рим и кога царот го видел пред себе си, почнал да го мачи жестоко, му дале да испие чаша полна со отров, го фрлиле во казан каде имало врело масло. Но свети Јован Богослов останал здрав и неповреден. Се исполниле врз него зборовите на Господа:”Ако оние што веруваат во Него и да испијат нешто смртоносно нема да им наштети”. Оние кои присуствувале на мачењето почнале да извикуваат:”Голем е христијанскиот Бог”. Императорот кога го видел тоа решил повеќе да не го мачи и го испратил на заточение на островот Патмос. Престојот на тој остров послужил за спасение во Господа на тамошните жители.
Апостолот и тука го проповедал Светото Евангелие, исцелувал болни и вршел многу чудеса. На сите им бил пример на кротост, незлобие и покажувал љубов кон Бога и ближните. Кога умрел императорот Диоклицијан гонењето против Христијаните стивнало. Тоа му дало можност на Свети Јован да се врати во Ефес. Христијаните од тој град го пресретнале со голема радост и велеле:”Благословен е оној кој иде во името Господово”. Светиот Апостол Јован до крајот на животот останал во Мала Азија и го продолжил Спасителното дело.
Умрел во 120 година а бил положен во гробот кој самиот го подготвил. На своите ученици им дал последни напаствија, ги благословил и ја предал душата на Господа. И секоја година на 8 мај(21) од гробот излегувал ситен прав кој исцелувал разни болести. Поради тоа споменот на Свети Јован Богослов се празнува на овој ден.
Тропар:
Апостоле Христов, возљубен од Бога, побрзај да ги избавиш луѓето беспомошни; Оној што те прими на своите гради, ќе те прими и кога за нас ќе Го помоли; Него моли Го, Богослове, да ја растера маглата на паганството, просејќи мир за нас и милост голема.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

This entry was posted in Синаксар. Bookmark the permalink.

Comments are closed.