МАКЕДОНСКА ВИСТИНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА СИНАКСАР АВГУСТ,СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР ГО ЧЕСТВУВА

Денеска,први август,црквата го слави споменот на два настани од историјата на Црквата. Еден од нив е страдањето на мачениците на Стариот Завет,Макавејев, вториот настан е прикажувањето на Чесниот Крст.
Седуммина браќа Макавејев, заедно со нивната мајка,настрадаа 180 година п.н.е. за време на владеењето на царот Антиох. Со нив загинал,и свештеникот Елеазар. Тие добиле венец на маченици, затоа што тие не се откажале од својата вера и не се поклониле на еленските богови,како што царот наредил.
Изнесувањето на Чесниот Крст на овој ден, верните го одбележуваат во спомен на двојното претставување на крстот, во Грција во знак на благодарност за победата над Сарацените, Бугарите над Русија, во 12-ти век.
Денешниот празник уште се празнува како заштита од ментална болест.Не се капе во реките. Во храмовите во пресрет на овој ден осветуваат вода, а крстот се украсува со босилек.
Денеска е првиот ден на Богородицниот пост, кој е посветен на Мајката Божја и трае во следните две недели, се до празникот Успение,Голема Богородица. Овој пост е строг, без зејтин, освен во сабота и недела, само оваа година на празникот Преображение, кој се паѓа во недела, се јаде риба.Богородичниот пост обично го постат жени и мајки.

Preobrazhenie
ДЕНЕСКА,6 АВГУСТ, ПРЕОБРАЖЕНИЕ ГОСПОДОВО
Празникот Преображение Господово во црковниот календар и меѓу народот има особено значење. Овој празник, кој секогаш се слави на 6 август по Јулијанскиот календар, е одбележен со црвени букви, што го сместува маѓу таканаречените заповедни празници.
Христовото Преображение покажува точно што е и која е Црквата, но и која е нејзината цел. Во Црквата припаѓаат Пророците и Апостолите и оние кои што ја примаат нејзината откровенска Теологија и кои што се борат да се наоѓаат во истата перспектива. Секако, постојат многу степени на учество, но човекот барем треба да се наоѓа на степенот на очистување.
И уште се гледа и која е најдлабоката и најсуштинската цел на Црквата. А таа цел е да го одведе човекот во обожување, кое што е гледањето на несоздадената светлина. Целото дело на пастирите стреми кон таа возвишена цел. Значи, обожувањето не е луксуз за христијанскиот живот, туку е неговата најдлабока цел. Како светите Тајни така и аскезата стремат кон таа состојба. Кога ќе се оддалечат од неа, тогаш се идолатризираат.
Несоздадената светлина е доживување на Царството Божјо. Меѓутоа, паралелно е претвкус на идните блага. Преображението покажува што е Царството Божјо и што е идната состојба. Богочовекот ќе се наоѓа во средина на обожените луѓе, кои што ќе се веселат од присуството и од славата Божја, според различни степени и според разновидно учество во несоздадената благодат. На тој начин ќе се примени Давидовиот псалм: “Бог застана во собранието на боговите; меѓу боговите изрече суд” (Псалм 81, 1). Христос, и воопшто Триедниот Бог, ќе биде Бог по природа, а светителите ќе бидат богови по учество и по благодат. Според тоа, идното Царство, како и нашето присуство во Црквата, не е еден збир на побожни луѓе, туку е едно собрание, едно црквување на богови по благодат, “на обожени луѓе од Оној Кој по природа е Бог” (св. Симеон Солунски).
Како што сите Господови празници не се само апсолутно Христолошки, туку се антрополошки и сотириолошки, така истото важи и за Христовото Преображение. Христос со Своето Преображение го покажа обожувањето на човечката природа, но и славата на оние кои што ќе се соединат со Него. Затоа, впрочем, настанот на Преображението е централна точка на сотириолошкото учење на Црквата, бидејќи покажува која е целта на постоењето на човекот.
Меѓутоа за да стаса некој до доживување на славата на своето обожување, т.е. во учество на обожителната енергија Божја, треба да мине низ очистувањето на срцето. А тоа е така затоа што Христос го просветлува човекот аналогно на чистотата на неговото срце. Со духовната светлина се случува истото што и со сетилната светлина. Како што сетилната светлина ги осветлува здравите очи на телото, така и несоздадената светлина го просветлува чистиот ум и заблесканото срце (св. Никодим Агиорит).
Светите Отци, говорејќи за Христовото Преображение и за учеството во Божествената слава, кажуваат за лично искачување на гората на Боговидението. Непрестан е викот на Црквата: “нека ни засветли и нам грешните Твојата беспочетна светлина”. А во една молитва на Првиот Час ја чувствуваме потребата да Го молиме Христа: “Христе, вистинска светлино, што го просветлуваш и осветуваш секој човек што доаѓа во светот да се покаже и на нас светлината на Твоето лице, та во неа да ја видиме непристапната светлина”. Потребно е непрестано искачување и еволуција. Во Црквата зборуваме за еволуција на човекот не од мајмун во човек, туку од човекот кон Бога. А оваа црковна теорија за еволуцијата дава смисла за живот и ги задоволува сите внатрешни проблеми и егзистенцијалните немири на човекот.
Св. Максим Исповедник учи дека Христос не им се јавува на сите на ист начин, туку на почетниците им се јавува во обличје на слуга, а на оние кои што се искачуваат на гората на Боговидението “во обличје на Бог”.
Тројцата Ученици на Тавор, штом ја видоа славата на Христовото лице, исповедаа: “Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш, да направиме овде три сеници, една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија” (Мат. 17, 4). Толкувајќи ја оваа желба на Учениците, св. Максим Исповедник вели дека трите сеници се сениците на праксата, на созерцанието и на Богословието. На првата сеница (на праксата) образец беше Илија како храбар и разумен, на втората (на созерцанието) беше Мојсеј како законоположител и правдодавец, на третата (на Богословието) образец беше Владиката Христос, бидејќи беше совршен во се.
Во оваа ерминевтичка анализа се гледаат трите степени на духовниот живот, кои што го сочинуваат духовното издигнување на човекот на гората Тавор, а тоа се очистувањето, просветлувањето и обожувањето. Така, не се работи за некое просторно искачување, туку за една еволуција на начинот. Ако го видиме внимателно целиот црковен живот и сотириолошкото учење на светите Отци ќе се увериме дека постојано станува збор за овие три степени на духовниот живот, кои што претставуваат различно учество на човекот во Божјата благодат. Ако духовниот живот ги нема оваа насоченост и еволуција, тогаш или се идолатризира или се морализира.
Христовото Преображение ни покажува што точно е православната Теологија. Од учењето на Црквата знаеме дека Теологијата не е рационализам и интелектуални знаења, туку е учество во обожителната енергија, созерцание на несоздадената Светлина и секако, обожување на човекот. Кога зборуваме за Теологија подразбираме опит и боговидение.
Како заклучок треба да кажеме дека Христовото Преображение претставува централен настан во Христовиот живот, но и основен момент во животот на човекот. Затоа не може да се проанализира со етички мисли и сентиментални возбудувања, туку во рамките на православната Теологија. Впрочем, живееме во Црквата и не се стремиме само да бидеме добри луѓе, туку да бидеме богови по благодат. На таа висина не кани црковниот живот и православната Теологија.
На Христовото Преображение му претходеше исповедањето на апостолот Петар. Христос ги праша Своите Ученици какво мислење имаат луѓето за Него. Тие Му одговорија ека едни Го сметаат за Илија, други за Еремија, за Јован Крстител, или за еден од Пророците. Тогаш Христос ги праша што тие мислат за Него. Од името на Учениците апостолот Петар Му одговори: “Ти Си Христос Синот на Живиот Бог” (Мат. 16, 16). Христос со Своето Преображение го потврди ова исповедање. Значајното е тоа што претходи исповедањето дека Христос не е некој човек или некој Пророк, туку е Синот на Живиот Бог. Кога се слуша гласот на Отецот “Овој е Мојот Возљубен Син”, тоа е најголемиот момент на Откровението на Тавор.
По исповедањето следи молчење. По зборовите: “овде стојат некои што нема да вкусат смрт дури не го видат Царството Божјо дојдено во сила”, веднаш Евангелистите додаваат “и по шест дена Исус ги зеде Петар, Јаков и Јован и ги одведе на висока гора”. Помеѓу овие зборови и Преображението е вметната една седмица на молчење. Ги подготвува со молчењето, бидејќи не се вместнува ниту еден друг настан.
Преображението Христово, т.е. објавувањето на славата Божја, се случува за време на молитвата. Анализирајќи го текстот можеме да констатираме дека Господовата молитва на Тавор е слична со Неговата молитва во Гетсиманската градина. Евангелистот Лука забележува: “и ете, двајца луѓе разговараа со Него; а тие беа Мојсеј и Илија. Па, кога се јавија во слава, тие зборуваа за Неговата смрт, со која требаше да заврши во Ерусалим” (Лука 9. 30 – 31). Тоа дека зборувале за завршувањето Христово, за Неговите страдања, покажува дека молитвата е поврзана со молитвата во Гетсиманија. И нормално, тоа е молитва за целиот свет. Господ тогаш со Својата љубов го прегрнува целиот свет и Своите Ученици за да се утврдат во верата кон Него и во меѓусебното единство.
Овие нешта ни го покажуваат патот на обожувањето. Потребно е исповедање на Христа, сигурност и исповедање дека Он е единствениот Спасител и единствениот Искупител. Во непоколебливата вера во Христа се создаваат предиспозициите на созерцанието. Следи молчењето, трудот за пазење на Божјата воља, аскетскиот живот преку кој се чисти срцето на човекот од страстите и од помислите. Во основа тоа е борбата за очистување која се врши со трпение, упорност и надеж во Бога. Во таа состојба не е потребна човечка дијалектика. Тоа молжење всушност е православното тихување (исихија) со сето значење на зборот, тихување телесно и тихување духовно. И нормално е човекот да заврши во созерцание на Бога наоѓајќи се во атмосфера на молитва, а особено на една молитва која се моли за целиот свет. Само една таква интегрална и сесветска молитва го привлекува умот кон созерцание на Бога.
На овој пат укажува и свети Григориј Палама во неговите анализи на Христовото Преображение. Несоздадената Светлина е тајната на идниот век, односно таа е Царството Божјо. За да достигнеме таму потребни се исповедањето дека Христос е вистинскиот Бог, постојаноста на верата, пребивањето во Црквата и послушноста кон зборовите на обожените и Богоносните свети Отци.
Гледањето на несоздадената Светлина не е луксуз за нашиот живот, туку тоа е смислата на нашето постоење. Нашето исрпување во пониските степени на духовниот живот се нарекува морализам. Свети Григориј Палама вака ја завршува една своја беседа на Христовото Преображение: “Од вечниот оган на пеколот да се ибавиме сите преку озарувањето и познанието на нематеријалната и беспочетна светлина на Господовото Преображение, во слава Негова и на Неговиот беспочетен Отец и на животворниот Дух, Кои се едно и исто озарение и Божество и слава и Царство и сила, сега и секогаш и во вековите на вековите. Амин”.
Значајно е тоа што свети Григориј Палама ова не го зборува на монашко собрание, туку му го зборува на своето стадо во Солун, на брачни и безбрачни, и покажува дека заеднички е патот што треба да го следиме сите за да достигнеме до гледањето на несоздадената Светлина, што е убавината на идниот век и е Царството Небесно.
Православната Црква и нејзините верници на светите литургии на овој ден го прославуваат споменот на настанот кој се случи на гората Тавор, третата година од почетокот на проповедта на Исус Христос. Тогаш Тој, како кажува евангелското предание, за првпат пред избраните ученици Петар, Јаков и Јован, ја покажува својата боженствена природа препорачувајќи им да ја чуваат преображенската тајна до Воскресението и да не попуштат во духот во деновите на Неговите страдања.
За христијанскиот свет смислата на животот е во воскресението, а тајната на своето воскресение Христос првпат ја објави на своите ученици на Тавор, и од таму е значењето на празникот Преображение за православното христијанство.
Како што бележи Библиската историја, Господ пред своите тројца избрани ученици се преобрази на гората Тавор: „И беше преобразен пред нив, лицето Му светна како сонце, а Неговата облека стана бела како светлина“ (Мт. 17, 2). Светлината на Христовото лице ги осветли лицата на апостолите, а душата им се исполни со мир и радост. Според теолошките објаснувања, она што се случило на гората Тавор укажува дека Господ на своите ученици така ја покажал својата боженствена природа, невидлива природа сокриена во човечката. Во исто време од облаците се слушнал глас: „Ова е Мојот возљубен Син, во Кого Ми е милината; слушајте Го Него!“ (Мт. 17, 5). Значи не само што Исус Христос се преобразил пред очите на своите ученици, туку и самиот Отец се јавил кажувајќи ги зборовите кои за верниците и денес се поука за однесување.
Господ Исус Христос им проштевал на луѓето и ги учел и тие да им проштеваат на другите, да не враќаат лошо за лошо, да им проштеваат дури и на непријателите. Бил милосрден и на тоа ги учел своите следбеници. Затоа говорел: „Така свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Татко, Кој е во небесата.“ (Мт. 5, 16). Со овие зборови Христос им порачува на христијаните дека и тие би требало да се трудат во животот за да светат, или уште попрецизно, да бидат видливи со своите добри дела и живот. Кон тоа тежнееле прво апостолите, а потоа останатите христијани, на таков начин човекот доживува преображение.
На овој празник во православните храмови се изнесува грозје и тоа се осветува со посебни молитви, а потоа верниците го носат дома за корист и напредок на својот дом.

Тропар, глас 7:
Преобразилсја јеси на горе, Христе Боже, показавај учеником Твоим славу Твоју, јакоже можаху: да возсијает и нам грешним свет Твој присносуштниј, молитвами Богородици, Светодавче, слава Тебе.
Христе Боже, си се преобразил на планината, покажувајќи им ја на Твоите ученици славата Твоја, колку што можеа (да видат). По молитвите на Богородица и нас грешните да не осветли Твојата вечна Светлина. Слава Тебе, Дарителу на Светлината.
preo
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета
Администрација на МВПЦ во Витлеем Палестина

ДЕНЕСКА, 9 АВГУСТ, СВЕТИОТ АПОСТОЛ МАТИЈ
Свети Апостол Мариј бил роден во Витлеем, од племето Јудино. Му бил ученик на Свети Симеон Богопримец во Ерусалим. Кога Господ излегол да проповеда за Царството Божјо, тогаш и Матиј им се придружил на оние што Го љубеа Господа, зашто и самиот од сесрце Го љубел, со сладост ги слушал Неговите зборови и ги гледал Неговите дела. Во почетокот Матиј бил прибројан кон Седумдесеттемина помали Христови ученици, но по воскресението на Господ, бидејќи местото на Јуда кој Го предаде беше испразнето, апостолите со жрепка го избрале Матиј за еден од Дванаесеттемина големи апостоли (Дела 1, 23). Откако Го примил Светиот Дух на Педесетница, Матиј, како и останатите апостоли, тргнал на проповед на Евангелието и проповедал најнапред во Јудеја, потоа во Етиопија, каде претрпел големи маки за Христа. Се смета дека проповедал и во Македонија, каде сакале да го ослепат, но тој станал невидлив за своите мачители и така ја избегнал опасноста. Кога го затвориле, му се јавил Господ, го укрепил и го ослободил. Најпосле повторно се вратил на работа во Јудеја. Овде бил обвинет и изведен на суд пред првосвештеникот Анан, пред кого неустрашливо сведочел за Христа. Анан, оној истиот кој претходно го уби апостолот Јаков, го осуди и Матиј на смрт. Тогаш Светиот апостол Матиј го извеле и го убиле со камења, а отпосле му ја отсекле главата со секира. Ова бил римски начин на погубување на осуденици, а Евреите го применувале врз мртов човек за да претстават пред Римјаните како убиениот бил и римски противник. Така завршил овој голем Христов апостол и се всели во вечноста на својот Господ.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 13 АВГУСТ, ПРЕПОДОБЕН МАКСИМ ИСПОВЕДНИК
Преподобниот Максим бил роден во Цариград и најнапред бил висок дворјанин во дворецот на царот Ираклиј, а потоа монах и игумен на еден манастир недалеку од престолнината. Тој бил ајголем бранител на Православието од т.н. монотелитска ерес, која се изроди од ереста Евтихиева. Имено: како што тврдел Евтихиј дека Христос има една природа така монотелитите тврделе дека Он има една волја. Свети Максим се спротивставил на тоа тврдење и се станал противник на царот и на патријархот. Но тој не се исплашил поради тоа, туку до крај истрајал во докажувањето дека Господ Исус Христос има две волји соодветно на двете природи. На негово настојување се одржале еден собор во Картагена, а друг во Рим. И двата собори го анатемисале учењето на монотелитите. Страдањето на Свети Максим за Православието е неописливо: малтретиран од кнезовите, измамуван од судиите, плукан од народните маси, тепан од војниците, прогонуван, затворан, а најпосле му ги отсекле јазикот и раката и го осудиле на доживотно прогонство во земјата Скитска, каде што три години поминал во затвор, и својата света душа Му ја предал на Бога во 666 година.
Нека Господ Бог благослови

ДЕНЕСКА, 14 АВГУСТ, СВЕТИОТ ПРОРОК МИХЕЈ
Светиот пророк Михеј бил од племето Јудино и од селото Мориси, заради што го нарекувале Морисиќанец. Тој бил современик на пророците Исаија, Амос и Осија и на јудејските цареви Јоатам, Ахаз и Езекија. Ги изобличувал пороците на својот народ и лажните пророци коишто пророкувале „за вино и жесток пијалок“. Ја претскажал пропаста на Самарија, ја претскажал и пропаста на Ерусалим, која ќе дојде зашто поглаварите негови ќе земаат мито, свештениците ќе учат за плата, а неговите пророци ќе гатаат за пари. „Затоа, заради вас, Сион ќе се преора како нива и Ерусалим ќе стане како купиште.“ Но од сите негови пророштва најважно е пророштвото за Месијата, особено за местото на Неговото раѓање. Тој го именувал Витлеем како место на раѓање на Месијата, на Кого исходот му е од почетокот, од вечните времиња. Не се знае точно дали и овој пророк бил убиен од Евреите или умрел со мирна смрт (Еремија 26, 18-19). Но се знае дека бил погребан во неговото родно село и дека моштите му ги пронашле заедно со моштите на Пророкот Авакум, во времето на царот Теодосиј Велики, според некое таинствено откровение што го имал Елевтерополскиот епископ Зевин.
Тропар, глас 2:
На пророкот Твој, Михеј, споменот Господи го славиме, затоа Те молиме, спаси ги душите наши.
Кондак, глас 4:
Просветено е со Духот твоето чисто срце, си бил светло пристаниште на пророштвото, зошто како сегашност си ги гледал далечните вистини: Заради тоа те почитуваме, славен пророку Михеју.
Нека Господ Бог благослови на многаја љета

ikona_uspenie_bozhiey_materi
ДЕНЕСКА, 15 АВГУСТ, УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА – ГОЛЕМА БОГОРОДИЦА
Празникот Голема Богоодица, празникот Успение на Пресвета Богородица, празникот на Нејзиното заминување од овој свет во небесните двери кај Синот Свој Љубен, нашиот Господ Исус Христос, Синот Божји, тоа е голем празник и неговата содржина не побудува и поучува за најважните прашања од нашиот живот…
…За Пресвета Богородица пишувале старозаветните пророци во разни прилики како и за символот за се она што ќе дојде. Девојчето Марија било испросено од Бога преку молитвите на нејзините родители Јоаким и Ана кои се заветиле на Бога дека ако Бог им подари дете ќе го посветат на Бога и како тригодишно девојче на Воведение служела во храмот и го прославувала нашиот Бог Отец Небесен.
Целата старозаветна историја како да се повторува и всушност извршува се она што пророците зборувале за неа. На свеченото бдение во читањата кои се одредени од Светото Писмо се зборува од Стариот Завет дека кога Јаков заспал на каменот во сон видел отворено небо и скали по кои ангели Божји се симнувале од небото и се качувале на небото, а ова црковните луѓе го протолкувале дека се однесува на Пресвета Богородица, зошто Таа е Онаа која преку таа скала не поврзала со небото. Ангелите се симнуваат на земјата да не поучат на волјата Божја и Таа од земјата да не пренесе на небото.
Во црковните песни толку многу е опишано за Пресвета Богородица како Храм на Духот Свети. Премудриот Соломон вели дека Премудроста себеси си соѕидува дом и се зацврстува на 7 столбови и така зборува на еден мистериозен начин за Црквата, за Светите Тајни каде Пресвета Богородица има толку важна улога. Таа, по зборовите на светиот пророк Езекиел претставува и врата на Ерусалимскиот храм низ која никој не смеел да помине освен кнезот, зошто само Тој поминал низ таа врата и тие останале затворени, а тоа зборува за улогата на Пресвета Богородица која ја здобила раѓајќи го Господ Исус Христос, Синот Божји, Спасител наш и за Нејзиното Приснодевство и Нејзината Девственост непрестана, за Нејзината Богородичност и дека не било обично раѓање, туку во планот на Божјото спасение на човечкиот род. Има многу примери каде е спомната, и свети пророк Исаија вели: „Ете, девојка ќе забремени и ќе роди син и ќе му даде име Емануел…“ што значи дека Бог е со нас. Така послужила на големата тајна и на човечкиот род кога во Назарет ја примила Благовеста од Архангелот Гаврил дека ќе го роди Синот Божји, и прашала: „Како е тоа можно кога не знам за маж?“, а Архангелот и рекол: „Духот Свети ќе дојде на тебе и Силата на Вишниот ќе те осени и она што ќе се роди ќе биде Најголем, ќе биде Син Божји, ќе биде наш Господ, Исус Христос, Избавител и Спасител наш.“
Цело време ја следела работата на Господ Исус Христос, Неговата Евангелска проповед и тагувала и боледувала за Него кога страдал на Голгота и учествувала со жените Мирносици во Воскресението Христово, Неговото Вознесение од Маслиновата Гора и на Денот на Светата Педесетница кога се симнал Светиот Дух на Апостолите. Кога Апостолите ја фрлиле коцката кој каде ќе оди да проповеда, на Пресвета Богородица и паднал делот да оди во Света Гора Атонска таму да го проповедува Светото Евангелие и Светата Гора Атонска е под покровителство на Пресвета Богородица, и од тогаш на никоја друга жена не и е дозволено да дојде на Света Гора. Таа ги посетувала светите места кои се поврзани со важните настани на Господ Исус Христос.
oliva
Често одела на Маслиновата Гора каде Господ се вознел на небото, одела во Гетсиманија, таму каде Господ се молел на Отецот Небесен пред своето страдање: „Оче, ако е можно да ме пројде оваа чаша, но нека не биде волјата моја, туку волјата Твоја, Оче небесен“. И се вели дека во тоа тагување, Пресвета Богородица добила блага вест која Архангелот Гаврил и ја соопштил дека за три дена ќе се пресели од овој живот во небесниот и и донел палмино гранче кое ќе се носи за време на нејзиниот погреб како знак на нешто што се завршува важно во нејзониот живот.
Таа посакала уште еднаш да се види со Светите Апостоли и да се прости и на чудесен начин гледаме, на фреските и иконите, дека сите Апостоли биле донесени на облаци во Ерусалим за да се поздрават со Пресвета Богородица по што Таа заспала и била погребена со сите почести, но тука не бил Апостол Тома, кој бил во Индија на проповедување на Евангелието. Кога дошол, посакал да го види гробот и да го види телото на Пресвета Богородица да и се поклони и заблагодари за нејзината ревносна улога која ја имала во текот на целиот нејзин живот. Кога го отвориле гробот, не го најшле нејзиното тело, зошто Господ ја вознел од овој свет на небото. Затоа уште пред многу векови цар Давид во својот псалм зборува за небесните градини: „Врати! Возвишете ги врвовите свои, возвишете се врати вечни!“ да се отворат небесните врати, ангелите да ја дочекаат Пресвета Богородица, да ја примат како Храм на Духот Свети која ревносно и послужила на Црквата и на целиот човечки род. Затоа ја прославуваме и почитуваме како Мајка на целиот човечки род. Со таа голема улога која Бог и ја доделил на Пресвета Богородица, го возвишил женското битие до небото, до апотеозата, до обожување како што цар Давид зборува во своите химни за сите луѓе ако живеат по волјата Божја: „Зарем не знаете дека сите сте богови и синови на Севишниот?“ Толку големо назначување Бог им дал на луѓето, дал на секое човечко битие!
Така читаме на почетокот на Божјата книга дека Бог го создал човекот од прав од земјата и му дувнал во носот дух на животот и стануваме тогаш слични на Бога и подобни извршувајќи го законот Божји и да бидеме во својот христијански живот во служењето на Бога и на ближните, слични на службата на Пресвета Богородица. Женскиот род треба посебно да биде радосен и на Бога благодарен за ваквата улога која Пресвета Богородица ја добила, која го родила Гспод Исус Христос, Синот Божји, која станала Мајка Божја. Голема е содржината на тој збор која човечкиот разум не е во состојба во целост да ја сфати, зошто човечката моќ на осознавање е мала и ограничена, но подигнат е голем број на храмови во слава Божја и Нејзин спомен, толку икони се насликани, живопишано како првобитно Светиот Евангелист Лука го насликал Нејзиниот лик кој е меѓу нас и чудотворно делува на сите оние кои со вера приоѓаат. Затоа постојано ја повторуваме молитвата до Пресвета Богородица: „Пресвета Богородице, спаси не! Пресвета Богородице, наша Застапничке, Застапничке на човечкиот род христијански!“ Пресвета Богородица е толку мило име кое Бог толку високо го возвишил. Браќа и сестри, на денешниот празник имаме многу причини да се поучиме за тајната на животот и тајната на нашето заминување од овој свет и заминување во непознатото, во Царквата Божја на небото. Затоа да не очајуваме и смирено да ја примиме Божјата волја. Кога сме во опасност да ја престапиме заповедта Божја, црковните учители советуваат да се сетиме на смртниот ден за да не згрешиме, да се чуваме лукавиот сатана да не не прелаже, да не не отстрани од љубовта Божја. Затоа се молиме и постиме, затоа се исповедуваме кај своите духовници да не разрешат од нашите грешки и гревови. Затоа се причестуваме со Светите Тајни, со Светото Причестување тој духовен оган да не очисти и како злато кое во оган се кали и се повеќе се покажува во својата вредност и светлина, така и нашата душа се чисти преку Светото Причестување. Затоа Црквата воспоставила посебен Богородичен пост во слава Божја и во спомен на Пресвета Богородица се воздржуваме од она што нашето тело го сака како знак на љубов кон Бога и Неговите Свети Угодници. Особено во денешно време кога христијанскиот морал е во голема криза, кога има војни, непријателства, кога има желба за збогатување, кога филозофијата на капиталот е најважната во животот, кога на политичарите им е се дозволено иако не е се на корист и се не е на спасение. Лажна демократија. Свети Апостол Павле вели дека се ни е дозволено, но дека се не е во полза. Демократијата ќе биде според Бога, ако сме послушни кон заповедите Божји и кон своите ближни. Ако го извршуваме законот Божји, ќе има мир во нашата душа, ќе има мир меѓу нашите ближни, ќе има повеќе мир во овој свет и секој од нас ќе биде миротворец. Ако сме миротворци, тогаш сме Божји деца, тогаш сме Божји народ. Тоа е она што најкратко и најљубезно би можеле да кажеме за овој голем празник, Успение на Пресвета Богородица. Секогаш кога во молитва се обраќате на Пресвета Богородица, Таа ќе биде ваша молитвеничка пред престолот Божји, ќе биде ревносна застапничка наша, исто онака како ја величи црковната песна.
jerusalim-14
Таа е повозвишена од Херувимите и Серафимите. Таа е на прво место во човечкиот род, прва пред лицето Божје која се моли за нас. Затоа и пееме химни и ја повикуваме во нашите молитви. „Пресвјатаја Богородице, спаси нас!“ Нека е среќен и благословен празникот Успение на Пресвета Богородица или Голема Богородица на сите вас кои сте се спремале за Светата Тајна на Исповедта, покајанието и Причестувањето и нека Бог со молитвите Нејзини ви помогне да се почувствувате духовно препородени и оснажени и радосни, Пресвета Богородица да ве покрие со омофорот на Нејзините свети и моќни молитви за секогаш да бидете среќни и благословени од сега па до вечност.
Нека Господ Бог благослови
5_red_roses

ДЕНЕСКА, 16 АВГУСТ, СПОМЕНОТ НА НЕРАКОТВОРЕНАТА ИКОНА НА ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС
Во она време кога Господ го проповедаше Евангелието и исцелуваше секакви болести и маки кај луѓето, во градот Едеса, на брегот на реката Еуфрат живеел кнезот Авгар, кој бил болен од лепра. Тој слушнал за Христос, исцелителот од сите болести и неволји, и испратил некој иконописец Ананија во Палестина да му предаде писмо на Господ Исус Христос, во кое го молел Господ да дојде во Едеса и да го исцели. Во случај Господ да не може да дојде, му нареди кнезот на Ананија да го иконописа Неговиот лик и да му го донесе, верувајќи дека тој лик ќе му го поврати здравјето. Господ одговорил дека не може да дојде, зашто се приближувало времето на Неговото страдање. Но Самиот зел крпа, го избришал Своето лице од неа и врз крпата совршено се впишал Неговиот пречист лик. Господ му ја дал крпата на Ананија, со порака дека од неа кнезот ќе се исцели, но не сосем, заради што Он нему ќе му испрати подоцна пратеник кој ќе го избрише и остатокот од неговтата болест. Кога кнезот Авгар ја примил крпата, ја целивал и лепрата паднала од неговото тело, но му остана малку на лицето. Подоцна проповедајќи го Евангелието кај Авгар отишол апостолот Тадеј, тајно го исцелил и го крстил. Тогаш кнезот ги искршил идолите што стоеле на градската порта и над портата ја ставил онаа крпа со Хрисотвиот лик, откако претходно ја залепил на дрво и ја врамил во златна рамка накитена со бисери. Уште кнезот под иконата на портата го напишал и ова: „Христе Боже, никој кој се надева на Тебе нема да се посрами.” Подоцна еден од правнуците на Авгар го обновил идолопоклонството. И епископот на тој град дошол ноќе и ја заѕидал иконата над портата. Оттогаш поминале векови. Во времето на царот Јустинијан, Едеса била нападната од персискиот цар Хозрој и градот бил во голема неволја. Тогаш епископот Евлавиј имал видение на Пресвета Богородица, Којашто му ја јавила тајната за заѕиданата и заборавена икона. Ја пронашле иконата и со нејзината сила персиската војска била победена.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 27 АВГУСТ, ПРЕПОДОБЕН ПИМЕН ВЕЛИКИ

Тој бил роден од Мисир (Египет) и голем мисирски подвижник. Како момче ги посетувал прочуените подвижници и собирал од нив опитно знаење како трудољубива пчела. Еднаш Пимен измолил од Старецот Павел да го однесе кај Свети Пајсиј. Кога го видел, Пајсиј му рекол на Павле: „Ова дете ќе пасе многумина, со него е раката Божја.“ Со време Пимен се замонашил и кон монаштво привлекол уште двајца од своите браќа. Еднаш дошла мајка им да ги види своите синови, но Пимен не ја пуштил внатре, а ја прашал: „Сакаш повеќе да нѐ видиш овде или во вечноста?“ Мајка му се оддалечила со радост, говорејќи: „Штом сигурно ќе ве видам таму, тогаш не сакам да ве видам овде.“ Во манастирот на овие тројца браќа, со којшто управувале најстариот брат, Анувиј, типикот бил ваков: ноќе четири часа минувале во ракоделие, а четири во псалмопеење. Дење од утрото до пладнето времето го минувале наизменично во работа и во молитва; од пладнето до Вечерната читале, а после Вечерната си подготвувале вечера: тоа им бил единствениот оброк во деноноќието, и тоа обично од некакво зелје. За нивниот живот самиот авва Пимен рекол: „Јадевме тоа што ни се предлагаше, никој никогаш не рече: дај ми нешто друго или јас тоа не го сакам. На тој начин ние го поминавме сиот живот во безмолвие и во мир.“ Авва Пимен се подвизувал во 5 век и мирно се упокоил во длабока старост.
Тропар, глас 8:
Со пролевањето на твоите солзи, бесплодната пустина си ја направил да процвета и, со твоите длабоки воздишки, твоите подвизи си ги умножил по стопати, и си бил светилник на вселената, сјаејќи со чудеса, отче наш Пимене. Моли го Христа Бога да ги спаси душите наши.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

ДЕНЕСКА, 27 АВГУСТ, СВЕТИОТ МАЧЕНИК ФАНУРИЈ

Потеклото и времето во кое живеел светиот Фануриј, прекрасeн Господов подвижник и непобедлив маченик, не се знае, а не може ни точно да се определи во време на кој владетел пострадал. Неговото житие се изгубило.
Единствено што се знае е тоа, дека кога Агарјаните го освоиле познатиот остров Родос, заземајќи го поради нашите гревови, новиот владетел на островот посакал да ги обнови бедемите на градот, кои биле разурнати од претходните опсади. Во близина на тврдината постоеле неколку руинирани живеалишта, кои биле напуштени, бидејќи биле блиску до старата тврдина. Агарјаните собирале камења од урнатините за сопствените градби. Додека го ископувале и зајакнувале местото, откриле една прекрасна црква, која била делумно затрупана во урнатините. Копајќи до подот на храмот, наишле на многу свети икони, сите распаднати и истрошени, но иконата на свети Фануриј била целосна и неоштетена; и уште повеќе, изгледала како да е зографисана многу скоро. И кога овој сечесен храм бил откриен, заедно со овие свети икони, архијерејот на тоа место, Нил, човек свет и учен, дошол и го прочитал натписот на иконата, кој гласел, ,,Свети Фануриј’’.
Во 1500 година им се јавил на некои на островот Родос и таму покажал чуда и исцеленија. Таму е пронајдена и една негова стара икона. На неа Фануриј е изобразен како млад војник, којшто во десната рака држи крст, а во левата запалена свеќа. Свети Фануриј многу се слави и во Египет. Таму постои предание дека неговата мајка била голема и непоправлива грешничка. Но синовската љубов на Свети Фануриј кон неа била преголема. Тој повеќе Му се молел на Бога за спасението на својата мајка, отколку за своето спасение. При неговото убиство, додека незнабожците го трупале со камења, светителот се молел: „Заради овие мои маки, помогни им Господи на сите што ќе се помолат за спасението на мојата грешна мајка.“ Во Египет, а и кај нас, многумина така и се молат: „Спаси ја, Господи, грешната мајка на Свети Фануриј, а и мене, грешниот, помогни ми.“ И заради оваа молитва мнозина добиваат помош.
Тропар, глас 4
Небесна песна од пофалби се пее на Земјата, ангелските сили го слават земниот празник со радост од висините со химни ги фалат твојата борба и страдање, а долу црквата ја возгласува небесната слава што ја најде со твоите страдања и маки, о славен Фанурие.
Кондак,глас 3
Од безбожно заточение ги избави Господовите свештеници, и ти Богоумен, со божествена сила ги скина нивните окови, храбро ја посрами дрскоста на мачителите, радувајќи ги ангелите, великомаченику, Фануриe сеславен, те почитуваме како вистински воин Божји.

ДЕНЕСКА, 29 АВГУСТ,ОТСЕКУВАЊЕ НА ГЛАВАТА НА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ И ПРЕТЕЧА
Usekovanije-2013_1000x0
Во текот на годината на Св. Јован Крстител му се посветени шест празници, а споменот на смртта на пророкор, претеча и крстител Св. Јован православните христијани го одбележуваат на овој ден. Во христијанскиот свет се одбележува и како ден кога е осветена црквата која ја подигнале цар Константин и царица Елена на гробот на Св. Јован Кртител.
Св. Јован бил и претеча затоа што итал пред Господа за да ја објави веста за Неговото доаѓање и целиот свој живот, од зачнувањето па до смртта, претставувал постојано сведочење дека Исус навистина бил Бог и Син Божји.
На овој ден се потсетуваме на страдањето на Св. Јован на кого, по наредба на царот Ирод Антип, му била отсечена главата и била донесена на послужавник пред Иродијада.
„3.Зашто Ирод го фати Јована, го врза и го стави во затвор, заради Иродијада, жената на брата си Филипа; 4 бидејќи Јован му велеше: „Не ти е дозволено да ја имаш.” 5 И сакајќи да го убие, се боеше од народот, зашто го држеше за пророк. 6 А кога се празнуваше Иродовиот роденден, Иродијадината ќерка играше среде и му угоди на Ирода, 7 затоа, тој со клетва и вети да и даде, што и да му побара. 8 А таа, наговорена од својата мајка, рече: „Дај ми ја тука на послужавник главата на Јован Крстител.” 9 И царот се ожалости, но заради клетвите и заради оние што седеа со него, заповеда да и ја дадат, 10 и испрати, па го обезглавија Јована во затворот. 11 И неговата глава беше донесена на послужавник и дадена на девојката, а таа ја однесе на мајка си. 12 И неговите ученици дојдоа, го зедоа телото и го погребаа, и отидоа и Му јавија на Исуса.“ (Мт. 14, 3-12).
Св. Јован Крсител е пример на цврста и непоколеблива вера, кој е неприкосновено чесен и ја сака и кажува вистината. Тоа била и неговата причина за страдањето зошто јавно говорел за неморалот на тогашниот цар Ирод кој живеел во грев со својата снаа Иродијада, мајката на Салома.
За време на прославата на роденденот на Ирод, Салома го одиграла т.н. танц „седум велови“, после кој Ирод и понудил да бара од него што таа ќе посака. Таа, по барање на нејзината мајка, ја побарала главата на Св. Јован.
Иродијада барала на светителот да се отсече главата и да се закопа на одвоено место од телото, во страв Св. Јован да не воскресне.
Како и секој голем празник, Отсекување на главата на Св. Јован Крстител и Претеча во православниот календар е запишан со црвени букви.
Нека Господ Бог благослови
БЕСЕДА
На денешен ден Ирод Антипа, Галилејски главатар, насилнички и неправедно го погубил Свети Јован Крстител. Ирод незаконски ја држел Иродијада, жената на својот брат Филип и Свети Јован го карал заради тој грев, а Иродијада сакала да го убие, но Ирод не давал, туку само да го затворат во темница. Кога Ирод го славел денот на своето раѓање, ќерката на Иродијада толку го задоволила со својата игра што и ветил се што ќе посака, и таа по наговарање на својата мајка ја побарала главата на Св. Јован, а Ирод, иако малку се загрижил кога слушнал што бара девојката, сепак во веселба со своите господари, заборави на Бога и правдата, го презре законот и Божјиот светител и нареди да му се отсече главата на Св. Јован и да се даде на девојката. Доколку Ирод живеел и работел според законот, незаконски не би ја зел жената на својот брат, ниту пак против правдата и законот не би давал избезумени ветувања, ниту толку би се заборавал за да наредува она што веднаш ни правдата и совеста не му одобрувале. Но, Ирод, како и неговите браќа и татко, малку внимавал на законот и правдата, малку се вртел кон она што е мило и угодно за Бога, туку ги задоволувал своите страсти и затоа бил исфрлен од власта и умрел во прогонство. Ете до што човека може да го доведе незаконскиот живот.
Верувајќи и спроведувајќи ја божествената наука на нашата мајка, Светата Црква, ние сме должни да живееме според таа наука за со својот живот да го прославуваме Бога и Отецот наш. Нашиот живот треба да се усогласи со вистината на верата, а вистината на верата треба да управува со нашиот живот и да го осветлува. Верата без добри дела е мртва, а исто така и добрите дела без вера се мртви; потребно е и правилно да веруваме и да се одликуваме со добри дела и со доблести. Светата Црква строго бара од нас да ги исполнуваме нејзините свети заповеди зошто таа е царство Божје на земјата кое има своја одредена цел. На земјата нема народ кој не е должен сторого да се покорува на законите. И нашиот Господ Исус Христос кога го основал своето царство на земјата, Тој го утврдил на закони заповедувајќи им на сите да ги исполнуваат најточно. Блажените Апостоли кои биле првите граѓани на Христовото царство, точно ја исполнувале волјата на својот Законодавец и никогаш не нарушиле ниту една Негова заповед. Како што Спасителот живеел на земјата, така и тие живееле; што Тој сакал и тие сакале и затоа ни тага, ни жалост, ни гонења, ниту пак мачењата не биле во состојба да ги одвојат од Христа и од Црквата.
Распространувајќи го Христовото царство на земјата, Апостолите го следеле примерот на Спасителот. Откако ја примиле управата над тоа царство, тие го добиле и правото на законодавство под раководство на Светиот Дух. Кој нивните закони не сакал да ги служи и да се покае и поправи, тој го оддалечувале од црквата и дружењето со верниците, така да истото тоа право го имаат и денеска нивните наследници во црквата, како што и сите нивни закони ја имаат истата важност и сила која ја имале и за време на нивниот живот. Според тоа секој христијанин е должен да се покорува на црковните заповеди, како на волја на Христос Спасителот, Кој им кажал на Апостолите: „Кој вас ве слуша, Мене Ме слуша, и кој од вас се одрекнува, од Мене се одрекува, а кој од Мене се одрекува, се одрекува од Оној Кој Мене Ме испрати.“
Светата Христова Црква примајќи не преку тајната на крштевањето за свои членови, не обврзува до смртта да останеме верни на нејзината наука и светите заповеди. На оваа обврска возрасните членови полагаат и заклетва, а за малите деца се заколнуваат нивните кумови кои со тоа врз себе примаат света должност своите духовни синови да ги научат на црковните заповеди и одговорност кога не се грижат тие закони да ги исполнат. Првиот договор меѓу Бога и човекот имаше за цел продолжување и човеково блаженство и усовршување на неговата состојба според мерката на неговото морално усовршување и на крај човековиот вечен живот: нашиот Господ Исус Христос поправувајќи го првиот завет, кој човекот го наруши, воспостави своја црква со нов завет, но за иста цел. За луѓето што полесно да дојдат до определување, Господ им го покажа и патот на спасението, а таа должност ја продолжува и Светата Црква. Во името на Христос Спасителот, таа на верниците им ветува небесни богатства и им покажува христијански доблести како средства со помош на кои може да се постигне вечно спасение. Но, за да го заслужиме ова спасение, потребно е да се покоруваме на волјата на Светата Црква, потребно е да се одрекуваме од оние гревовни мисли кои ни ги наметнува гордоста на умот и да се одрекуваме од оние грешни желби кои ни ја раздвижува расипаноста на срцето. Вака да правеле Ирод и Иродијада не би ја кренале својата крничка рака против најголемиот Божји угодник Свети Јован Крстител и не би паднале во тежок грев отсекувајќи ја главата на Господовиот Крстител! Кој живее според заповедите црковни, тој напредува од добро на подобро, зошто црковните заповеди според нивната духовна важност сочинуваат скали кои човека го водат од земјата до небото. На кого во мачни или среќни денови на животот му треба совет или упатство, тој треба да го бара во Црква, зошто патиштата надвор од црквата не водат кон среќа и блаженство. Црквата е онаа милосрдна мајка која за секого има љубов во изобилство, но на оние на кои Црквата не е мајка, на тие и Бог не им е Татко, кажал еден голем црковен учител.
Заради тоа да не се оддалечуваме од неа. Човековата надеж од денот на раѓањето па се до гроб и по гроб, само со помош на црквата е во состојба човекот да го исполни со духот на храброста и енергијата кон се што создава среќа на земјата и води кон блаженството на небото. Црквата непрестајно се моли на Бога, за простување на гревовите и за спасение на своите верни членови и затоа како е можно на толку црковни добродетелства човекот да се покажува неблагодарен кон црквата нарушувајќи ги нејзините Божествени закони? Ако човек не сака да ги слуша црковните заповеди, кои се од Христос Спасителот, тогаш кои други смета дека се подобри или поспасоносни? Затоа сеќавајќи се на тешкиот престап и големиот грев кој на денешен ден ги направил Ирод погубувајќи го Свети Јован затоа што го поучувал да се покорува на Божјите закони, да се погрижиме да не се покажеме како следбеници на злобниот Ирод, туку како верни следбеници на Свети Јован и светите Апостоли кои, исполнувајќи ги божјите заповеди се удостоиле со вечно спасение во рајот со небесниот Законодавец Христос Спасителот, Кому нека е чест и слава и сега и секогаш и во сите векови. Амин.
admin-ajax.php

Тежок празник, отсекување на главата на Св. Јован Крстител
Празникот посветен на погубувањето на св. Јован Крстител што секоја година се празнува на 11 септември (н.с.) во народниот говор се среќава под различни имиња: Св. Јован Сечиглав, Св. Јован Отсечен, Св. Јован Опсечен итн. Поради значењето на овој светец црквата овој ден го прогласила за строг пост.
Последниот старозаветен пророк Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исус Христос во реката Јордан. Тој е наречен и Претеча што значи претходник, зашто со своето учење навистина му претходел на Исус, одел пред него, го повикувал народот на покајание и го најавувал доаѓањето на Спасителот. „Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети“, говорел Свети Јован додека го покрстувал народот. Многумина Јудејци доаѓале кај него за да бидат крстени, а многумина го почитувале како вистинскиот Спасител.
Јован сведочел дека Исус е синот Божји. „Он треба да расте, а јас да се смалувам! Кој доаѓа одозгора, тој е над сите, а кој доаѓа од земјата, земен е и како земен зборува. Кој доаѓа од небото над сите е“. (Јован, 3/30-31)
Почитувајќи го како најголем пророк, Црквата му посветила неколку празници во годината. Во христијанскиот календар се празнува денот на неговото раѓање (Иванден, 7.VII/24.VI) денот на неговото погубување наречен Отсечение главата на Свети Јован, потоа за голем празник се смета и денот кога Св. Јован го крстил Исуса во реката Јордан, Собор на св. Јован Крстител (денот по Богојавление 20/7.I.) на 24 февруари (с.с.) се празнува Првото и Второто, а на 15 мај (с.с.) и Третото наоѓање главата на Св. Јован кога таа е пренесена во Цариград итн. Така во христијанската вера Св. Јован е една од ретките личности покрај Исус и Пресвета Богородица кому Светата црква му посветила повеќе празници. Празникот Отсечение главата на Св. Јован Крстител е еден од петнаесетте големи христијански празници, а за подостоинствено празнување и за сочувство со страдањата на Св. Јован од страна на Светата црква одреден е строг пост. Во народниот говор, согласно некои дијалекти празникот се среќава со имињата Свети Јован Сечиглав, (како што го пишува М. Цепенков), Свети Јован Отсечен, Свети Јован Опсечен, некаде едноставно само Отсечение или Опсечение.
Оттука може да се види и значењето на овој лик во христијанската вера и воопшто во верувањата на нашиот човек. Во народниот живот и во народното верување Свети Јован е значаен и по тоа што тој го има кумството и побратимството, зашто како што се кажува во преданијата и како што се пее во песните, кога светците ги делеле функциите свети Јован ги добил кумството и побратимството. „Свети Јован – кумство, побратимство“, се пее во една песна од Дебарско.
Според светото предание Св. Јован и Исус биле блиски роднини, зашто мајката на Св. Јован Елисавета и била тетка на Марија, мајката на Исус.
Јован постојано ги проповедал позитивните животни принципи и жестоко го критикувал неморалот, лагите и развратот, кои во тоа време во Римската империја го достигнале својот врв. Посебно на удар на неговите критики бил управникот на Галилеја Ирод Антипа. Тоа е синот на стариот Ирод оној што наредил да се заколат сите деца во Витлеем, во времето кога требало да се роди Исус Христос, за со нив да биде погубен и Спасителот. Ирод Антипа бил оженет со ќерката на еден арапски кнез по име Арета. Но тој, таков поган каков што бил и од погано семејство, ја истерал својата законита жена и се оженил со својата снаа Иродијада, жената на својот брат Филип кој бил жив. Иродијада со себе ја довела и својата ќерка од првиот брак Саломија. Тоа не го дозволувале ниту законите на Мојсеј, а Јован жестоко го критикувал. „Не ти личи да ја земеш жената на брат ти“, му велел на царот. Затоа Ирод решил да му се освети. Се плашел да го убие зашто целиот народ го почитувал за пророк, но го ставил во затвор за да го заплаши.
Особено лута и осветољубива била Иродијада. И таа чекала прилика да му се освети. Еднаш кога Ирод организирал прослава на својот роденден со присуство на мноштво народ, меѓу кои и највидните државни првенци, кога обилно се пиело вино, кога се играло и пеело, одеднаш се појавила Саломија, ќерката на Иродијада, која што со својата игра толку го занесла Ирод што тој и ветил дека во тој момент ќе и исполни секаква желба, ќе и даде се што ќе посака, дури да се работи за половината од царството. Саломија не знаела што да посака, па отишла да се посоветува со својата мајка. Пакосната мајка што долго го чекала овој час веднаш и рекла да ја побара главата на Свети Јован. Кога Саломија тоа му го соопштила на Ирод тој се изненадил, но ветувањето дадено пред многу народ го обврзувало и морал да го исполни.
За кусо време девојката ја имала на послужавник глава на Свети Јован која ја предала на својата мајка, а оваа пак не задоволувајќи се со тоа, му го бодела со игла јазикот што зборувал за нејзиниот неморал. Телото на светителот го зеле неговите ученици и го погребале, а главата пакосната Иродијада ја закопала на некое нечисто место, во дворецот на Ирод. Се плашела дека ако главата и телото бидат на едно место можело да се служи пророкот да воскресне. Меѓутоа една благочестива жена на дворот на Ирод не можела да трпи главата на пророкот да биде закопана на нечисто место, па ја откопала тајно, ја однесла во Ерусалим и ја погребала на Елеонската Гора. Царот Ирод кога разбрал дека Исус лекува болни воскреснува мртви и прави чуда, мачен од сопствената совест, си помислил дека пророкот Јован воскреснал. Некои мислеле дека тоа е пророкот Илија други дека е некој друг пророк, а царот Ирод бил убеден дека е токму Јован кому што тој наредил да му ја пресечат главата. Народот бил сведок дека сите што биле заслужни за погубувањето на пророкот ги стигнала заслужената казна. Ирод ја загубил битката со арапскиот цар Арета, таткото на неговата прва жена кој сакал да ја измие навредата и да ја поврати честа на својата ќерка. Бил испратен на заточение заедно со Иродијада, каде што во навреди и понижувања двајцата ги завршиле животите. И Саломија не останала неказнета. Таа се удавила во реката.
МВПЦ-+++јован хаџи
ДЕНЕСКА, 31 АВГУСТ, ПОЛАГАЊЕ НА ЧЕСНИОТ ПОЈАС НА БОГОРОДИЦА
После своето успение, Пресвета Богородица му го дала својот појас на апостолот Тома. Тој појас подоцна бил пренесен во Цариград и чуван во запечатен ковчег во црквата на Пресвета Богородица во Влахерна, што ја изградила царицата Пулхерија. Овој ковчег никогаш не се отварал, сѐ до времето на царот Лав Мудриот (886 г. – 912 г.). Сопругата на Лав, царицата Зоа, душевно се разболела, и според некое таинствено видение посакала врз неа да го положат појасот на Пресвета Богородица. Царот го помолил патријархот, по што го отвориле ковчегот, го извадиле појасот и го положиле врз болната царица, по што таа веднаш оздравела. Во спомен на тоа чудо се востанови овој празник. Дел од тој појас се наоѓа во Грузија, во Зугдид. Имено, ќерката на царот Роман се исцелила со помош на овој појас и подоцна, кога се омажила за царот Абухаз Грузиски, таа понела дел од појасот со себе. На заповед на рускиот цар Александар I изградена е посебна црква во Мингрелија во Зугдид, каде што се чува тој дел од чудотворната облека на Пресветата Божја Мајка.
Тропар, глас 8:
Богородице Приснодево, заштито на луѓето, ризата и појасот на твоето пречисто тело, си го дарила на твојот град како моќна ограда останувајќи нетлена и по твоето бессемено раѓање зашто во тебе се обновува и природата и времето. Затоа те молиме да му даруваш мир на твојот град, а на душите наши милост голема.
Кондак, глас 4:
Денес го празнува полагањето на славниот твој појас, твојот храм, сеславна, усрдно извикувајќи ти: Радувај се, Дево, пофалбо на Христијаните!
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

This entry was posted in Синаксар. Bookmark the permalink.

Comments are closed.