МАКЕДОНСКА ВИСТИНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА СИНАКСАР ЈУЛИ,СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР ГО ЧЕСТВУВА

ДЕНЕСКА, 1 ЈУЛИ,СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ КОЗМА И ДАМЈАН
Светите маченици Козма и Дамјан биле лекари, бесребрници и чудотворци. Овие двајца Светители биле браќа по тело, родум од Рим, уште како деца крстени и воспитани во христијански дух. Имале голема благодат од Бога да ги лечат луѓето и животните од секоја болест и мака, и тоа со полагање на рацете врз нив. За својот труд не барале никаква награда, единствено што барале од болниот било да поверува во Господ Исус Христос. Тие наследиле голем имот, но го раздале милостиво на бедните и неволните. Во тоа време во Рим владеел царот Карин. Пред него гонителите на христијанството ги довеле овие свети браќа оковани во синџири. По долго испрашување царот им наредил да се одречат од Христа, а да им принесат жртви на идолите. Но Козма и Дамјан не само што не го послушале царот туку уште и му посоветувале и самиот да отстапи од мртвите идоли и да Го признае единствениот вистински Бог. „Нашиот Бог не е создаден, туку е Создател на сe, а вашите богови се човечки измислици и дела од рацете на уметниците. И да ги немаше уметниците да ви ги направат тие богови, вие не би имале пред што да се поклонувате.“ После чудото извршено над самиот цар – бидејќи чудесно го исцелиле од една тешка мака – царот и самиот ја изјавил својата вера во Христа и ги пуштил браќата во мир. А тие продолжиле да Го слават Господа и да исцелуваат болни, а и самите биле од народот прославувани на сите страни. На нивната слава им позавидел еден лекар, кој некогаш им бил учител и под изговор заедно да појдат да берат лековити билки ги однел во планина и ги убил со камења. Чесно пострадаа за верата Христова во 284 година. Нивниот спомен остана траен во Црквата на земјата, а душите им се преселија во Царството Божјо, за да живеат вечно во слава и радост.
Тропар, глас 8:
Свети бесребреници и чудотворци, Козма и Дамјане, исцелете ги нашите немоќи, бесплатно го добивте дарот на исцелување, бесплатно дарувајте ни го.
Кондак, глас 2:
Примајќи ја благодатта на исцелување, давате здравје на оние кои се болни, чудотворци Козмо и Дамјане, лекари преславни, со вашата посета ги победивте демонските подвали, светот исцелувајќи го со чуда.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета

ДЕНЕСКА, 2 ЈУЛИ, ПОЛАГАЊЕ НА ЧЕСНАТА РИЗА НА ПРЕСВЕТА ВЛАДИЧИЦА НАША БОГОРОДИЦА ВО ВЛАХЕРНА
Во времето на царот Лав Велики (458 г. – 471 г.), на царицата Верина и патријархот Генадиј, по Светата Земја патувале двајцата цариградски благородници Галвиј и Кандид, заради поклонение на тамошните светости. Во Назарет отседнале во куќата на една вдовица Еврејка, која во тајна одаја ја чувале ризата на Пресвета Богородица. Многумина болни и неволни добивале исцеление за своите маки со молитва и со допирот на таа риза. Галвиј и Кандид ја зеле Светата риза и ја пренеле во Цариград, а тоа им го објавија на царот и на патријархот. Во царскиот град тоа предизвикало голема радост. Ризата била свечено пренесена и положена во црквата Влахерна. Оваа црква ја соѕидале царот Маркијан и царицата Пулхерија на брегот на еден залив, наречен Влахернски, според името на некој скитски војвода Влахерн, којшто на ова место бил убиен. Овој празник е востановен во спомен на полагањето на ризата на Пресвета Богородица во Влахернската црква во Цариград.
Тропар на ризата, глас 8:
Богородице приснодево, заштито на луѓето, ризата и појасот на твоето пречисто тело, си го дарила на твојот град како моќна ограда останувајќи нетлена и по твоето бессемено раѓање зашто во тебе се обновува и природата и времето. Затоа те молиме да му даруваш мир на твојот град, а на душите наши милост голема.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета

ДЕНЕСКА, 6 ЈУЛИ, ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ СИСОЈ ВЕЛИКИ
Бил родум Мисирец и ученик на Св. Антониј. После смртта на својот голем учител Св. Сисој се населил на пустинската гора наречена Антониева според местото на подвигот на великиот светител. Земајќи врз себе тешки подвизи толку се скроти самиот себеси, што станал незлоблив како јагне. Затоа Бог му дал голема благодат. Можел да исцелува болни, да изгонува демони и да воскреснува мртви. Свети Сисој се подвизувал шеесет години во пустината и бил како извор на жива мудрост за сите монаси и мирјани што му притекнуваа барајќи поука. Пред смртта лицето му заблескало како сонце. Монасите стоеле околу него и ѝ се восхитувале на оваа појава. А кога светителот ја испуштил душата, одајата се исполнила со прекрасно благоухание. Се упокои во длабока старост, во 429 година. Св. Сисој им рекол на монасите: „Какво искушение и да го снајде човекот, тој треба да ѝ се предаде на волјата Божја и да признае дека искушението се случило заради неговите гревови. Ако пак се случи нешто добро, треба да се каже дека станало по Божја Промисла“. Монах го прашал авва Сисој: „Како да Му угодам на Бога и да се спасам?“ Светителот му одговорил: „Ако сакаш да Му угодиш на Бога, излези од светот, оддалечи се од земјата, остави ја тварта, пристапи кон Создателот, соедини се со Него со молитва и со плач и ќе најдеш спокојство и во овој и во оној век“. Монах го запрашал авва Сисој: „Како да го достигнам смирението?“ Светителот му одговорил: „Кога некој ќе се извежба да го признава секој човек за подобар од себеси, ќе го стекне со тоа смирението“. Амон му се жалел на Сисој дека не може да ги запомни мудрите изреки што ги прочитал и да ги повтори кога разговара со луѓето. Му одговорил светителот: „Тоа не е нужно. Потребно е да се стекне чистота на умот и да се зборува од таа чистота, полагајќи ја надежта во Бога“.
Тропар, глас 1:
Како пустински жител и во тело ангел и чудоитворец си се покажал, богоносен отче наш Сисој, откако со пост, бдеење и молитва прими небесни дарови ги исцелуваш болните и душите на оние што со вера приоѓаат при тебе. Слава Му на Оној што ти даде крепост, слава на Оној што те овенча, слава Му на Оној што преку тебе на сите им дава исцеленија.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета

ДЕНЕСКА, 7 ЈУЛИ, СВЕТА ВЕЛИКОМАЧЕНИЧКА НЕДЕЛА
Во времето на христоборните цареви Диоклецијан и Максимијан во Анадолија живееле две побожни стари души, Доротеј и Евсевија. Тие биле побожни христијани, богати, но немале деца. Со својата постојана молитва испросиле од Бога едно чедо, Света Недела. Од детството Таа Му се посветила на Бога, воздржувајќи се од сѐ што прават разузданите деца. Кога пораснала била многу убава во телото и во душата и кај неа дошле многубројни просци, но таа сите ги одбивала, велејќи дека е вереница на Господ Исус Христос и дека ништо не сака, освен да умре како девојка. Еден од одбиените ги обвини Недела и нејзините родители дека биле христијани кај царот Диоклецијан. Царот наредил прво да ги затворат нејзините родители кои прво ги мачеле, а потоа ги протерале во градот Мелитина, каде што својот живот го завршиле во маки за Христа. Света Недела пак, му била испратена од Диоклецијан на Максимијан да ја суди. Бидејќи ја потврди својата вера во Христа пред Максимијан, тој наредил и ја тепале со воловски жили. Потоа царот им ја предал на војводите, прво на Иларион, а откако тој умрел, на Аполониј. Овие ја мачеле ѕверски на сите можни начини, но сѐ им било залудно. Додека Света Недела лежела во рани во затворот, ѝ се јавил Господ Христос, ја исцелил и ѝ рекол: „Недело, не плаши се од маките, Мојата благодат е со тебе”. Христовата благодат навистина ја спаси оваа маченичка и од оган и од ѕверови, со што нејзините судии мислеле со сигурност да ја умртват. Многумина незнабожци, гледајќи го нејзиното чудесно спасение од толку смрти, поверувале во Христа. Но сите биле убиено со меч. Света Недела му рекла на Аполониј: „На ниеден начин нема да ме одвратиш од мојата вера. Ако ме фрлиш во оган, ги имам Тројцата младенци; ако ме фрлиш на ѕверовите, го имам за пример Даниил; ако ме фрлиш во морето, пример ми е Пророкот Јона; ако ме предадеш на меч, ќе се сетам на Чесниот Претеча. За мене живот е да умрам за Христа.” Тогаш Аполониј наредил да ја убијат со меч. Недела клекнала на колена, ги подигнала рацете кон небото и Му се помолила на Бога да ја помилува и да ги спаси сите што ќе го слават нејзиниот спомен, а нејзината душа да ја упокои заедно со душите на нејзините родители. Кога ја завршила молитвата Му ја предала душата на Бога, пред да се спушти мечот врз нејзината Света глава. Света Недела чесно пострада и се пресели во Небесното Царство во 289 година, во Никомидија.
Тропар, глас 3:
Со твојата чудесна победа ги уништи демоските сили до крај, Недело преславна. Темнината на идолопоклонството си ја истерала далеку, со светлината на чесниот Крст. Дево чиста, моли се на Христа Бога, да ни дарува голема милост.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета

ДЕНЕСКА, 8 ЈУЛИ, СВЕТИОТ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ПРОКОПИЈ
Роден е во Ерусалим, од татко христијанин и незнабожна мајка. Името најпрво му било Неаниј. По смртта на таткото, мајката го воспитала сосема во духот на римското идолопоклонство. Кога Неаниј пораснал, го видел еднаш царот Диоклецијан и толку го засакал, што го зел кај себе во дворецот на војничка служба. А кога овој злочестив цар почнал да ги гони христијаните, го одредил Неаниј да оди со еден одред војска во Александрија за во неа да ги сотре христијаните. По патот на Неаниј му се случи нешто слично како на Савле. Во третиот час од ноќта станал голем земјотрес, при што му се јавил Господ и се слушнал глас: „Неаниј, каде одиш и на кого стануваш?“ Во голем страв Неаниј запраша: „Кој си ти, Господи? Не можам да те познаам.“ Во тој миг во воздухот се јавил пресветол крст, како од кристал, и од крстот дошол глас: „Јас Сум Исус, распнатиот Син Божји“. И уште Господ му рекол: „Со знакот што го виде победувај ги непријателите свои и мирот Мој ќе биде со тебе.“ Тој настан потполно го сменил и го превртел животот на војводата Неаниј. Тој дал да му се направи онаков крст и место да појде против христијаните тргнал против Агарјаните кои тогаш го напаѓале Ерусалим. Како победник влегол во Ерусалим и ѝ објавил на мајка си дека е христијанин. Изведен пред судијата ги симнал и ги фрлил од себе појасот и мечот војводски за да покаже дека е војник само на Царот Христос. После големи мачења бил фрлен во затвор, а таму повторно му се јавил Христос и го крстил и му го дал името Прокопиј. Еден ден му дошле на затворскиот прозорец дванаесет жени и му рекле: „И ние сме слугинки Христови.“ Обвинети за ова, тие биле фрлени во истиот затвор, па Свети Прокопиј ги поучувал во верата Христова, а особено за да го примат венецот на мачеништвото. Затоа во чинот на брачното венчавање, покрај боговенчаниот цар Константин и царицата Елена, се спомнува и Свети Прокопиј. Оние дванаесет жени потоа биле подложени на страшни маки. Гледајќи ја нивната храброст и маките што ги трпат, мајката на Свети Прокопиј и самата поверувала во Христа, па сите тринаесет биле погубени заедно. Кога бил изведен на губилиштето, светителот ги подигнал рацете кон исток и Му се помолил на Бога за сите бедни и неволни, сиромашни и вдовици, а особено за Светата Црква, да порасне и да се спростре насекаде и Православието да свети до кончанието на светот. И од небото му било јавено дека молитвата му е услишена. Потоа радосно ја положил главата под мечот и заминал кај својот Господ. Свети Прокопиј пострадал чесно во Кесарија Палестинска на 8 јули 303 година.
Тропар, глас 4:
Маченикот Твој Господи, Прокопиј, во страдањето свое примил непропадлив венец, од Тебе нашиот Бог, зошто имајќи Твоја помош мачителите ги победи, а ја разори и немоќната дрскост на демоните: со Неговите молитви спаси ги душите наши.
Кондак, глас 2:
Со божествената ревност разгорен кон Господа Христа и ограден со силата на Крстот, непријателските напади и одважноста си ги уништил, Свети Прокопиј, и славната Црква си ја возвошил, верата ја рашири и нас не просвети.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета

ДЕНЕСКА, 9 ЈУЛИ, СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ПАНКРАТИЈ
Свети Панкратиј бил роден во Антиохија во времето кога Господ Исус Христос одел како човек меѓу луѓето на земјата. Штом слушнале за чудата Христови, родителите на Панкратиј посакале да Го видат Господ Исус Христос. И заедно со Панкратиј дошол во Ерусалим, каде што Го виделе Исус, ги слушнале Неговите зборови и ги виделе Негови чуда. Панкратиј овде се запознал со Светиот апостол Петар. По вознесението на Господ родителите и синот се крстиле во Антиохија. Панкратиј се повлекол во некоја пештера во Понт, кај што го нашол апостолот Петар, па во договор со Светиот апостол Павле го поставил за Тавромениски епископ во Сицилија. Во овој град Свети Панкратиј извршил големи чуда, ги урнал идолите, ги крстил некрстените а ги утврдил крстените, и добро управувал со Божјата Црква. Некој незнабожен војвода Аквилин, слушнал дека целиот град Тавромен станал христијански и затоа тргнал со војска кон овој град за да го разурне. Свети Панкратиј ги охрабрил верните да не се исплашат, а самиот со клирот излезегол надвор од градот носејќи го во рацете непобедливото оружје, чесниот крст. Кога војската се приближила до градот, на неа паднала некоја темнина и ја обзело голем страв. Настанало голема врева, а напаѓачите се заввртеле еден против друг и меѓусебно се нападнеле со сабјите. Така го спасил градот и своето стадо со силата на својата молитва пред Господ Божјиот угодник Панкратиј. Најпосле бил убиен со камења од некои завидливи и злобни незнабожци и се упокоил во Господ. Неговите Свети мошти почиваат во Рим.
Тропар, глас 4:
Си бил наследник на Апостолите со престолот и заедничар со духот, боговдахнато дело си нашол во видението на духовното растење: Заради тоа си го воздигнал зборот на вистината и заради верата до крв си пострадал, свештеномачениче Панкратиј: Моли го Христа Бога да ги спаси душите наши.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета

ДЕНЕСКА, 13 ЈУЛИ, СОБОР НА СВЕТИ АРХАНГЕЛ ГАВРИЛ
На Архангел Гаврил му вознесуваме пофалби во песните, приредувајќи му празничен собор двапати во годината. Првиот негов Собор го празнуваме утредента по Благовеста на Пресвета Богородица, а вториот денеска, на 13 јули. Овој Архангел Божји го научил Мојсеј на пишувањето на книгите, му раскажа се за постанокот на светот, за создавањето на првиот човек-Адам, за потопот и за разделувањето на луѓето, му ја објасни положбата на небесните планети, го научи на аритметика, геометрија и секоја друга мудрост.
Архангел Гаврил на пророкот Данаил му го пртолкува видението за царевите и царствата кои требале подоцна да се создадат, го обавести за ослободувањето на Божјите луѓе од вавилонското ропство и за времето на доаѓањето на Христос во светот овоплотен од Пречистата Дева Марија.
Тој и се јави на праведната Ана и и рече дека ќе забремени и ќе роди ќерка која ќе се вика Марија.
На Захариј му го јавил раѓањето на Св. Јован Претеча и самиот за себе рекол: „Јас сум Гаврил кој стојам пред Бога” (Лука 1, 19). Неговото име, Гаврил, значи маж – Бог. Зборувајќи за Благовест, Светите Отци протолкувале дека бил испратен архангел со такво име бидејќи требало да се означи кој и каков ќе биде Оној што ќе се роди од Пречистата Дева. Ќе биде значи Маж – Бог, крепок, силен Бог.
Архангел Гаврил бил испратен од Бога во Назарет да и јави на Пречистата Дева Марија, ветена на праведниот Јосиф, за нејзиното зачнување на Божјиот Син преку дејството на Светиот Дух во Неа. Тој исто му се јави на Јосиф во сон уверувајќи го во девственоста на Дева Марија. А кога нашиот Господ се роди во Витлеем, овој Ангел Господов им се јави на пастирите кои чувале ноќна стража крај своето стадо и им рече: „Ви јавувам голема радост, денес ни се роди Спасител!“
Овој Ангел Господов им се јави и на жените мироносици седејќи на камен од гробот и им го објави Христовото Воскресение од Гробот. Тој, кој бил Благовесникот на зачнувањето и раѓањето Господово, се покажува како благовесник и на Неговото Воскресение.
Сеќавајќи се на неговите јавувања во Стариот и Новиот Завет и знаејќи го неговото непрестајно посредување пред Бога за христијанскиот род, светата Црква му приредува Соборно празнување за луѓето да прибегнуваат кон неговата заштита и помош од овој застапник и добротвор на човечкиот род и преку неговите молитви да се здобијат со отпуштање на гревовите од нашиот Господ и Спас Исус Христос.
Светите отци мислат дека Гаврил му принадлежи на првиот и највисок чин на небесните сили, на серафимскиот, зашто серафимите стојат најблиску до Бога. Тој е значи еден од седумте серафими најблиски до Бога. Имињата на тие седуммина се: Михаил, Гаврил, Рафаил, Урил, Селатил, Јегудил, Варахил. Секој од нив има посебна служба, а сите тие се рамночесни. Зошто Бог не го испрати Михаил? Зашто неговата служба е да ги уништува непријателите на Божјата вера. А службата на Гаврил е благовестување за човековото спасение.
Тропар, глас 4:
Војсководецу на небесните војски, непрестајно те молиме ние недостојните, со твоите молитви да не заштитиш со крилата твои на непропадлива слава. Чувај не нас кои паѓаме на колена и усрдно извикуваме: избави не од беди како поглавар на вишните сили.
Кондак, глас 8:
Ти војсководецу си славен служител и молитвеник на пресветлите и славни, сестворителни неискажливи и страшени Света Троица. Затоа сега непрестајно моли се да се избавиме од сите беди и маки, за да ти извикуваме: Радувај се заштито на слугите твои.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 17 ЈУЛИ, СВЕТА ВЕЛИКОМАЧЕНИЧКА МАРИНА-ОГНЕНА МАРИЈА
Света Марина била родена во Антиохија во незнабожечко семејство. Во својата 12-та година првпат слушнала за христијаните и со сето свое битие се посветила на верата, а поради ова нејзиниот татко целосно се откажал од неа. Намесникот на царот Диоклецијан, Олимвриј ја терал да се одрече од Господа, нудејќи и дури да се омажи за него, но Света Марина го одбила. Тогаш тој наредил да се поклони на идолите, а таа повторно одбила велејќи: „Нема да се поклонам, ниту да принесам жртви на бездушни и мртви идоли, кои ниту самите себе се познаваат, ниту пак знаат дали ние ги чествуваме или не; на нив не им ги давам оние почести кои припаѓаат само на мојот Творец“. Царскиот намесник наредил да ја мачат и потоа целата ранета и крвава ја фрлиле во темница, а таа се издржала без воопшто да се поколеба. На крајот била убиена со меч. Едната рака на Света Марина се наоѓа во манастирот Ватопед на Света Гора, а во Албанија, на планината Лонга, над Охридското езеро се наоѓа манастир посветен на неа и тука почиваат нејзините чудотворни мошти. Оваа светиња ја почитуваат и тамошните муслимани, а некое време дури и еден Турчин бил тутор на манастирот.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета
Sveti-Ilija
ДЕНЕСКА,20 ЈУЛИ, СВЕТИ ПРОРОК ИЛИЈА – ИЛИНДЕН
Тој бил родум од племето Ароново од градот Тествит и живеел во 9. век пред Христа. Кога се родил, неговиот татко Савах, видел околу него ангели како го повиваат со оган и го хранат со пламен, што било знак за негвовиот благороден карактер и сила огнена. Младоста ја поминал во длабоко размислување и молитви, честопати сам во пустина.
Во тоа време еврејското царство било поделено на два дела: едниот дел бил за престолнината во Ерусалим, а другиот дел во Самарија. Свети пророк Илија тука се сукобил со израелскиот цар Ахав и неговата зла жена Езавела. Тие им се поклонувале на идоли и го одвраќале народот од вистинската вера. Со големи чуда Свети Илија ја докажал силата и власта на Бога. Го затворил небото и дожд не паѓало три ипол години, а со оган од небото ја запалил жртвата на својот Бог. Со молитва потоа испратил дожд на земјата, чудесно го умножил брашното и маслото во куќата на вдовицата во Сарепта и и го воскреснал синот. На царот Ахав и на неговата жена им прорекол ужасна смрт, што всушност им се случило. На планината Хорив светиот пророк Илија разговарал со Бога и му го слушнал гласот. Пред да замине од земјата го зел за свој наследник Елисиј и потоа отишол на небото во огнени кочии со огнени коњи.
„Пророк Илија одел по Ханан во придружба на својот ученик и наследник Елисиј. Кога стигнаа во Ерихон, пред очите на педесет други пророци, удрил со плаштот по Јордан и видата се раздвоила на две страни. Кога прешле на другата страна, се подигнал виор, огнена кола со огнени коњи ги раздвои и во виор го однесе Илија на небото“. Според тоа, Свети Илија не умрел. Туку жив отишол на небото.
Важно е да се напомене дека на празникот на Свети Илија не се работи во поле за жетвата да не изгори од сонцето.
Тропар, глас 4:
Во плоти ангел, пророков основаније, вториј предтеча пришествија Христова, Илија славниј, свеише пославиј Јелисејевиј благодат, недуги отгоњати и прокаженија очишчати; тјемже и почитајушчим јего точит исцјеленија.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

ДЕНЕСКА, 25 ЈУЛИ, УСПЕНИЕ НА СВЕТА АНА
Света Ана била ќерка на свештеникот Матан од племето Левиево од кое е и првосвештеникот Арон. Свештеникот Матан имал три ќерки: марија, Совија и Ана. Марија се омажила во Витлеем и ја родила Саломија, Совија исто така се омажила во Витлеем и ја родила Елисавета, мајката на Свети Јован Крстител, а Ана се омажила во Назарет за Јоаким кои 50 години живееле во брак без деца. Тие биле многу имотни, но биле многу скромни и тивки луѓе кои многу давале на сиромашните и во храмот. После долги време на усрдни молитви, Бог им испратил небесен ангел да им го соопшти раѓањето на „ќерка преблагословена со која ќе се благословат сите народи на земјата и преку која ќе дојде спасението на светот“. Света Ана се упокоила на денешен ден на 79 години.
Нека Господ Бог благослови

ДЕНЕСКА,26 ЈУЛИ, СВЕТА МАЧЕНИЧКА ПРЕПОДОБНА ПАРАСКЕВА РИМЈАНКА
Света преподобна маченичка Параскева била родена во Рим од родители христијани. Од детството научена на верата во Христа, таа најусрдно ревнувала да ги делотвори сите Божји заповеди. Со сведоштвото на нејзиниот вистински благочестив живот и вера упатувала и други на патот на спасението. Кога родителите и се упокоиле, го раздала имотот на сиромасите, а самата се замонашила. Како монахиња со уште поголем жар и ревност ја проповедала верата во Христа не криејќи ја од никого, иако во тоа време римските власти крваво ја гонеа христијанската вера. Први за проповедање на забранетата вера Света Параскева ја обвиниле зли Евреи. Ја извеле на суд пред царот Антонин. Сите ласкања на царот не помогнале ни најмалку да ја поколебаат Божјата слугинка во вистинитата вера. Тогаш ја подложиле на тешки маки и ѝ ставиле вжештен шлем на главата. Но Господ чудесно ја спасил и таа се избавила и се оддалечила од Рим. Тргнала од град во град да го обраќа тогашниот незнабожечки народ кон христијанското благочестие. Уште во два града била изведувана пред кнезови и судии и мачена за Господ, но притоа вршела големи чуда со силата Божја и брзо се опоравувала од маките. Како и секогаш, незнабожците нејзините чуда ги припишувале на магии, а нејзиното опоравување на силата и милоста на нивните богови. Еднаш на кнезот мачител Света Параскева му рекла: „Не ме исцелија твоите богови кнезу, туку мојот Христос, вистинскиот Бог”. Најпосле некој кнез Тарасиј ја убил со меч и се ставил крај на многуплодниот живот на оваа светителка. Нејзините мошти подоцна биле пренесени во Цариград. Таа чесно пострада за Христа околу 140 година.
Нека Господ Бог благослови

ДЕНЕСКА, 27 ЈУЛИ, СВЕТИ ПАНТЕЛЕЈМОН
Тој бил роден во Никомидија од мајка христијанка и татко безбожник. Кога бил многу млад станал лекар, а свештеникот Ермолај го крстил и го научил на верата Христова. Пантелејмон (што значи семилостив), чудотворно излечил, со името Христово, еден слеп човек кого другите лекари залудно се обидувале да го излечат. Кога тоа се случило, лекарите, од завист, го пријавиле дека бил христијанин. Светителот излегол пред судот на царот Максимијан каде исто така излечил еден човек од долготрајна болест, дело кое многу безбожници ги привлекло кон христијанството. Го осудиле и сите маки ги поднесувал мирно и трпеливо со помош на Господ на кого искрено му се молел. Осуден е на посекување со меч заедно со свештеникот Ермолај. Пострадал на денешен ден во 304 година, под некоја маслинка кој по неговата смрт се искитила со плодови. Неговите мошти станале исцелителни, а името на Свети Пантелејмон се повикува при водоосветување и маслосвет заедно со Свети Ермолај и останатите бесребреници и чудотворци. Најубавиот храм посветен на овој светител се наоѓа на Света Гора.
Тропар, глас 3:
Страстотерпче свјатиј и цјелобниче Пантелејмоне, моли милостиваго Бога, да прегрјешениј оставлјеније подаст душам нашим.
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета

This entry was posted in Синаксар. Bookmark the permalink.

Comments are closed.