МАКЕДОНСКА ВИСТИНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА СИНАКСАР ЈУНИ,СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР ГО ЧЕСТВУВА

sveti-kiril-aleksandriski-e1328004405448
ДЕНЕСКА, 9 ЈУНИ, СВЕТИ КИРИЛ АРХИЕПИСКОП АЛЕКСАНДРИСКИ
По потекло благородник и близок роднина на Теофил, патријархот Александриски, по чија смрт самиот бил посветен за патријарх. За време на својот живот водел три жестоки борби: со еретиците новацијани, со еретикот Несториј и со Евреите во Александрија. Новацијаните се појавиле во Рим, а така се наречени по презвитерот Новацијан, нивниот ересоначалник. Се гордееле со својата добродетел, оделе облечени во бела облека, им забранувале на другите брак и сметале дека никој не треба да се моли за оние што извршиле смртен грев ниту да се прими назад во Црквата оној кој еднаш отпаднал, колку и горко да се кае. Кирил нив ги победил и ги протерал од Александрија, нив и нивниот епископ. Борбата со Евреите била многу потешка и покрвава. Евреите се засилиле во Александрија уште од времето кога Александар Велики го основал тој град. Нивната омраза кон христијаните била бесна и подмолна. Тие ги убивале христијаните безмилосно и подло, ги труеја, ги распнувале на крст. По долга и тешка борба Кирил издејствувал кај Царот Теодосиј Помладиот да се протераат Евреите од Александрија. Неговата борба против Несториј, патријархот Цариградски, ја решил Третиот Вселенски Собор во Ефес. Со тој Собор претседавал самиот Кирил, истовремено застапувајќи го и Римскиот папа Целестин, на негова молба, бидејќи тој од старост не можел да дојде на Соборот. Несториј бил осуден, анатемисан и од царот прогонет на источната граница од царството, каде што и умрел со ужасна смрт (зашто црви му го разјадуваа јазикот со кој Ја хулел Пресвета Богородица, нарекувајќи Ја Христородица). Откако заврши борбата, Кирил поживеал во мир и ревносно го пасел стадото Христово. Се преставил кај Господ во 444 година. Се вели дека тој ја составил „Богородице Дево, радувај се! “
Тропар, глас 8:
Учителе на Православието, учителе на побожноста и чистотата, свечнику на вселената, боговдахновен украсу на архијереите, Кирил премудар, со твоето учење сите ги просвети, кавалу духовен, моли го Христа Бога да ги спаси душите наши.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

119024181
ДЕНЕСКА,11 ЈУНИ, СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ ВАРТОЛОМЕЈ И ВАРНАВА
Свети апостол Вартоломеј, еден од дванаесетте големи апотоли, го проповедал евангелието со светиот Јован Богослов и апостол Филип. Најпрво проповедале во Азија, а потоа во Индија и Ерменија. Во Јеропол со молитва умртвиле огромна змија која незнабожците ја обожавале и ја држеле во храмот. Не сфаќајќи го нивното дело, безбожниците ги осудиле и ги распнале на крст. Токму тогаш се случил страшен земјотрес. Луѓето, мислејќи дека Бог ги казнува, ги симнале апостолите од крст, но Филип веќе издивнал. Потоа, Вартоломеј отишол во Индија каде го проповедал евангелието по Матеј на индиски јазик. Во Албанопол во Ерменија бил убиен од царевиот брат Астијаг. Епископот Агатон го закопал во храмот, а подоцна неговите мошти биле пренесени во Бенвент, а потоа во Рим.
Свети апостол Варнава, еден од седумдесетмината, бил роден на Кипар, учел заедно со Савле кај Гамалил. Прво се викал Јосиф, а потоа Варнава – Син на Утехата. Во време на Халкидонскиот собор, се дознало за неговиот гроб. По откривањето на неговите мошти, Кипарска црква, како апостолска, била прогласена за самостојна. Затоа и случката на јавувањето на апостолот Варнава се поврзува со автокефалноста на Кипарската црква.
Тропар, глас 3:
Апостоли свети, молете го Милостивиот Бог, простување на гревовите да подари на душите наши.
Кондак на Вартоломеј, глас 4:
Се покажа како големо Сонце на вселената, светејќи со своето учење и страшните чуда, водејќи ги кон Светлината оние кои те почитуваат, Свети Вартоломеј, Господов Апостоле.
Кондак на Варнава, глас 3:
Беше вистински Господов слуга и покажувајќи се како седумдесет и прв Апостол , ја осветли проповедта твоја со помош на Апостол Павле, на сите благовестувајќи го Спасителот Христос; Заради тоа го прославуваме твојот боженствен спомен со духовни песни, Апостоле Варнава.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!
ДЕНЕСКА, 19 ЈУНИ, СВЕТИ ЈОВАН ШАНГАЈСКИ
Свети Јован Шангајски е роден на 17 јуни, 1896 година, во Адамовка, Харковска губернија, со крстено име Михаил – по светиот Архангел. Како дете често одел во блискиот манастир, каде што почиваат чудотворните мошти на овој свет архиепископ кој за време на животот бил почитуван заради своето исклучително подвижништво – често останувајќи без сон и одмор, поминувајќи ги ноќите неподвижно, во молитва. Свети Јован стана ист таков голем подвижник; не спиел во кревет од моментот кога ги дал монашките завети па сè до своето упокојување 40 години подоцна. Јадел само еднаш дневно, еден час пред полноќ. За време на првата и последната седмица од Великиот пост воопшто не земал храна, а во останатото време од Постот се крепел само со просфора од олтарот. Често одел бос дури и во најстудените денови. По Октомвриската револуција, заедно со семејството се засолниле во Белград, каде што се запишал на Богословскиот факултет. Во 1926, една година по дипломирањето, примил монашки потстриг, добивајќи име по неговиот далечен роднина свети Јован Тоболски. Во ноември истата бил ракоположен за јеромонах. Наскоро почнал да работи како професор во Православната семинарија „Свети Јован Богослов” во Битола. Тогашниот Битолски владика повеќепати рекол: „Сакате ли да видите жив светија – одете кај отец Јован”. Неговите ученици биле првите на кои им било откриено големото подвижништво на Владиката. Ноќе станувал, ги обиколувал спалните и се молел над заспаните ученици. „Најпосле се открило дека тој речиси и не спиел, и тоа никогаш во кревет, дозволувајќи си секоја ноќ само час-два неудобен одмор во седечка поза или преклонет на подот, во молитва пред иконите.” Останал во овој подвиг до крајот на својот живот, „поробувајќи си го телото” – според зборовите на Апостолот (1 Кор. 9, 27). На 38-годишна возраст бил воздигнат во епископски чин на 10 јуни, 1934 година, од митрополитот Антониј Храповицки (првиот поглавар на Руската Задгранична Црква). Во своето смирение, свети Јован сè до последниот момент бил сигурен дека по грешка го викнале, дека сигурно бараат некој друг јеромонах Јован, зашто тој имајќи говорна мана сметал дека не може да служи. „И великиот пророк Мојсеј пелтечел” – му одговориле. Бил назначен за надлежен архиереј на Шангајската епархија во Кина. Таму работел на возобновување на единството меѓу локалните верници од различна националност, како и на изградба на соборен храм и многубројни други цркви и болници. Ги посетувал болните и оние во затвор, и одел кај секој тешко болен во кое било време од ноќта и денот за да се помоли крај неговата постела – многумина посведочиле за чудотворни исцелувања. Собирал дечиња болни и во неволји од улиците на Шангај и се грижел за нив во сиропиталиштето што самиот го основал. Имал дар да проѕира во иднината, совршувајќи служби за луѓе што се навидум со одлично здравје, а за кои тој знаел дека им претстои скора смрт. Тој се појавил крај постелата на верник пред умирање кој се молел Владиката да дојде, иако болничкиот персонал одбил да го повика. Причестил со Светите Христови Тајни една жена што умирала од беснило, а таа веднаш потоа добила напад, устата ѝ се запенила и ги поврати Светите Дарови. Знаејќи дека тие не смеат да се фрлат, свети Јован веднаш ги зел и ги голтнал, иако беснилото е многу заразно и смртоносно. Рекол: „Нема ништо да се случи; ова се Свети Дарови!” – и ја кажал вистината. Секогаш носел облека од најевтин кинески материјал и често одел бос, понекогаш давајќи си ги сандалите на некој сиромашен. Владиката служел Божествена Литургија и се причестувал со Светите Тајни секојдневно, сè до крајот на својот живот. Свети Јован служел и на Филипините кога Русите морале да ја напуштат Кина. Еден Русин во разговор со Филипинци спомнал страв од тајфун, а тие му одговориле дека нема причина за загриженост, бидејќи „вашиот свет човек ви го благословува кампот од сите четири страни секоја ноќ” – а ова се однесувало на Владиката, зашто ниту еден тајфун не го погодил островот додека тој бил таму. Подоцна живеел и во Париз. Во една од католичките цркви во Париз, свештеникот вака се обидувал да ги вдахнови младите: „Барате докази, велите дека денес нема ниту чуда ниту светители. Зошто да ви давам теоретски докази, кога денес по улиците на Париз чекори еден светител – свети Јован Босиот (Саинт Јеан Нус Пиедс)”. На крај служел во Сан Франциско. Неговите последни години биле исполнети со многу страдања, судири и клевети; Владиката дури морал да сведочи на суд, но на крајот вистината победила. Ги претскажал времето и местото на својата смрт, и на 19 јуни 1966 година, крај чудотворна Икона на Богородица, тој се упокоил во Господ. Многумина известија дека им се јавил на сон или во видение, исполнет со радост и сиот во светлина. Во 1994 година црковната комисија на Руската Задгранична Црква откри дека моштите му се нетлени. Многу верници, молејќи се пред неговите мошти, добиваат исцелување и утеха. Свети Јован Шангајски се слави на 19 јуни.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

sv.naum_
ДЕНЕСКА, 20 ЈУНИ, СВЕТИ ПРЕПОДОБЕН НАУМ ОХРИДСКИ ЧУДОТВОРЕЦ
Свети Наум Охридски бил еден од петте најревносни ученици на словенските апостоли Кирил и Методиј.
Наум зборувал многу јазици. Патувал во Рим, каде, според црковните записи, се прославил со чудотворни моќи и голема ученост. При враќањето од Рим, Климент и Наум се населиле на бреговите на Охридското Езеро. Додека Климент делувал како епископ во Охрид, свети Наум основал манастир на јужниот брег на Охридското Езеро кој и ден денес се наоѓа таму. Манастирот Свети Наум многу служел како прибежиште и се сметал за извор на чудотворни сили.
Околу Наум се собрале голем број на монаси од целиот Балкан. Записите зборуваат дека Наум бил мудар учител, единствен раководител на монасите, одлучен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Особено се посветил на преведувањето на Светото Писмо и други црковни книги од грчки јазик на словенски.
За Наум се тврди дека правел многу чудеса и во текот на животот и по смртта, а на неговите мошти и денес се припишуваат чудотворни моќи, особено исцелување на тешки болести, како и лудило.
Се упокоил во првата половина на 10 век и гробот му се наоѓа во манастирската црква Свети Наум.

Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!
МВПЦ администрација

ДЕНЕСКА, 24, РАЃАЊЕ НА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ-ПРЕТЕЧА ГОСПОДОВ
Шест месеци пред своето јавување во Назарет на Пресвета Дева Марија, Архангел Гаврил му се јавил на првосвешненикот Захариј во ерусалимскиот храм. Пред да го објави чудесното зачнување на девицата, ангелот Божји го објави чудесното зачнување на бездетната старица, жената на Захариј, Елисавета. Захарија веднаш не поверува во зборовите што ги слушнал и остана нем се до осмиот ден по раѓањето на детето. Кога роднините се собрале заради обрезувањето и давањето на името на младенецот, таткото Захариј, бидејќи бил нем, го напишал на штица името Јован и во истиот момент прозборел.
Од домот на Захариј, кој се наоѓал меѓу Витлеем и Хеврон, се разгласило за оваа чудна случка по целиот Израел и гласот стасал до Ирод кој наредил да се убијат сите новородени деца во Витлеем. Наредил да се најде Јован, но неговата мајка Елисавета успеала да го сокрие детето. Разлутениот Ирод испратил џелати во храмот по Захариј и тие го убиле. Елисавета, со својот син Јован, успеала да побегне и да се сокрие во некоја пештера. Тука, таа наскоро се упокоила и детето останало само во пустината, за него се грижел Бог и ангелите Божји.
Тропар, глас 4:
Пророче и Претечо на Христовото доаѓање, ние, што со љубов те почитуваме, не знаеме како подостојно да те прославиме. Со твоето славно и чесно раѓање се разреши неплодноста на родилката и безгласноста на татко ти, а на светот му се проповеда овоплотување на синот Божји.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

ДЕНЕСКА,29 ЈУНИ,СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ ПЕТАР И ПАВЛЕ – ПЕТРОВДЕН
Апостол Петар бил син Јонин од племето Симеоново и брат на Андреј Првоповиканиот. Овој рибар од Видсаида, Господ го нарече Кифа (Петар, камен). Тој прв од апостолите јасно ја изразил верата во Христа. Неговата жестока љубов и вера во Христа знаела и за падови, три пати Петар се одрекол за време на Неговите страдања, но тој знаел и горко да се покае и затоа по симнувањето на Светиот Дух на апостолите, станал силен проповедник на верата во Христа. Мисионарел по Палестина, Мала Азија, Илирика и Италија. Правел многу чуда, водел борба со врачарот Симон Волх, кој бил слуга на сатаната. По заповедите на пријателот на Симон-царот Нерон, апостол Петар бил осуден на смрт. Откако за епископ во Рим го поставил Лин и со радост отишол на страдање и побарал да го завртат наопаку на крстот зошто сметал дека не бил достоен на крст да умре исправено како неговиот Господ. Пострадал во 67 година.
Апостол Павле (претходно Савле), бил Евреин од Тарса од племето на Венјамин, ученик на Гамалил, Фарисеј и прогонувч на христијаните. Студирал во Тарса и Ерусалим. Чудесно е обратен во христијанството пред градот Дамаск каде тргнал да ги прогонува тамошните христијани. Го крстил апостолот Ананиј и тогаш добил ново име и бил вклучен во редот на апостолите. Со невидена ревност го проповедал Евангелието на целата тогашна вселена (населен свет). Од Арабија до Шпанија, меѓу многубошците и Евреите. Целото време на своето проповедање бил во животна неизвесност. Напишал 14 посланија, писма кои влегле во канонот на свештените и свети книги на Новиот Завет.
Тоа се писма упатени до цркви до кои не успеал да стаса или цркви на кои, по неговото проповедување, имал да додаде објаснувања од науката на Евангелието.
Пострадал во Рим, по наредба на царот Нерон во 67 година (по некои извори една година порано). Неговиот спомен се одржува на 29 јуни (12 јули), потоа во неделата на мироносиците, во втората недела по духови и на 30 јуни (13 јули) заедно со дванаесетмината апостоли.
Тропар, глас 4:
Првопрестолници на Апостолите и учители на Вселената, молете го Господ на сите, да дарува мир на Вселената, а на душите наши голема милост.
Кондак, глас 2:
Цврстите и богоносни проповедници, први Твои Апостоли, си ги примил Господи во насладата на благото Твое и спокојот. Нивните страдања и смрт си ги примил повеќе од сите изобилија, Ти, кој Единствен ги познаваш човечките срца.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

ДЕНЕСКА, 30 ЈУНИ, СОБОР НА СВЕТИТЕ СЛАВНИ И СЕФАЛНИ АПОСТОЛИ -ПАВЛОВДЕН
Иако секој од Светите големи апостоли има свој посебен ден за празнување во годината, сепак овој ден Црквата го одреди како соборен празник на сите заедно, а со нив и Павле. Ова се имињата и деновите на посебното празнување на Дванаесеттемина:
Петар – 29 јуни и 16 јануари; Андреј на 30 ноември; Јаков Заведеев на 30 април; Јован Богослов на 26 септември и на 8 мај; Филип на 14 ноември; Вартоломеј на 11 јуни и на 25 август; Тома на 6 октомври; Матеј евангелистот на 16 ноември; Јаков Алфеев на 9 октомври; Тадеј на 19 јуни; Симон Зилот на 10 мај; Матиј на 9 август; Павле на 29 јуни. Да спомнеме уште за начините како секој од овие најсвети и најполезни луѓе во историјата на светот го заврши својот живот на земјата: Петар бил распнат на крст главечки; Андреј бил распнат; Јаков Заведеев го убиле со меч; Јован Богослов се упокоил чудесно; Филип бил распнат на крст; Вартоломеј – распнат, а потоа одран и заколен; Тома бил избоден со пет копја; Матеј го изгореле во оган; Јаков Алфеев – распнат на крст; Тадеј – распнат; Симон Зилот – распнат; Матиј го каменувале, па мртов го расекле со секира; Павле го убиле со меч.
Тропар, глас 4: Првопрестолници на Апостолите и учители на Вселената, молете Го Господ на сите, да и дарува мир на Вселената, а на душите наши голема милост.
Кондак, глас 2:
Карпи на Христос, светло на Православието, карпа на верата, прекрасни ученици, и со Павле цел дванаесетстоличен собор денеска: Совршувајќи го нивниот спомен верно, го прославуваме Оној кој ги прослави.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

This entry was posted in Синаксар. Bookmark the permalink.

Comments are closed.