МАКЕДОНСКА ВИСТИНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА СИНАКСАР АПРИЛ,СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР ГО ЧЕСТВУВА

ДЕНЕСКА,1 АПРИЛ,СВЕТА МАРИЈА ЕГИПЕТСКА
Житието на оваа светителка го напиша ерусалимскиот патријарх Св. Софрониј. Еден свештеномонах, старецот Зосим, се оддалечи еднаш за време на Чесниот Пост во Задјорданската пустина на растојание од дванаесет дена одење. Одеднаш здогледа едно човечко суштество, суво, голо во телото, со коса бела како снег, кое веднаш почна да бега од погледот на Зосим. Старецот долго трчаше додека онаа човечка прилика не прилегна во потокот и не викна: „Авво Зосиме, прости ми заради Господ, не можам да ти се обратам, зашто сум гола жена!“ Тогаш Зосим ѝ ја дофрли својата горна наметка и таа му се јави. Старецот беше застрашен од звукот на своето име што го изговорија усните на таа непозната жена. На негово долго настојување жената му го раскажа своето житие. Таа била родена во Мисир и од својата дванаесетта година почнала да живее развратно во Александрија и во разврат поминала цели седумнаесет години. Гонета од блудниот телесен оган еден ден седнала на кораб што пловел за Ерусалим. Кога пристигнала во Светиот Град, посакала и таа да влезе в црква и да му се поклони на Чесниот Крст, но некоја невидлива сила ја задржувала и не ѝ допуштала да влезе. Во голем страв погледнала во иконата на Пресвета Богородица во припратата на црквата, молејќи се кон Пречистата да ѝ дозволи да влезе и да го целива Чесниот Крст, исповедајќи ја својата грешност и нечистотија, а ветувајќи дека по ова ќе појде таму каде што ќе ја упати Богородица. Тогаш ѝ било дозволено да влезе в црква. Откако го целивала Чесниот Крст повторно излегла во припратата пред иконата и Ѝ се заблагодарила на Пресвета Богородица, но во тој миг чула глас: „Ако го преминеш Јордан, ќе најдеш мир!“ Таа веднаш купила три леба и тргнала кон Јордан, каде што стигнала истата вечер. Утредента се причестила во манастирот на Св. Јован и ја преминала реката. Во пустината поживеала цели четириесет и осум години, во преголеми маки, во страв, во борба со страсните помисли како со диви ѕверови. Се хранела со зелје. Сега таа го замоли Свети Зосим идната година да дојде на брегот на Јордан и да ѝ донесе Причест, ветувајќи му дека ќе дојде да се причести. Следната година авва Зосим дојде на брегот носејќи ѝ Света Причест, а се чудеше како светителката ќе го премине Јордан. Во тој миг виде на блесокот од месечината дека таа дојде до реката, ја прекрсти и појде по водата како по суво. Кога ја причести, го замоли идната година да дојде кај истиот оној поток каде што се видоа првпат. Авва Зосим појде и на она место го најде нејзиното мртво тело, а над главата натпис: „Погребај го, авво Зосиме, на ова место телото на смирената Марија, предај му го правот на правот, се преставив на први април, во ноќта на спасоносното Христово страдање, по причестувањето со Божествените Тајни“. Од овој натпис авва Зосим го дозна прво нејзиното име, а второ страшното чудо дека таа претходната година, истата онаа ноќ кога се причести, стасала до овој поток до којшто тој мораше да патува дваесет дена. Вака Зосим го погреба телото на чудесната Светителка Марија Египетска. А кога се врати во манастирот, ја раскажа целата историја на нејзиниот живот и чудото коешто самиот го виде од неа. Така ја прослави Господ покајаната грешница. Света Марија се споменува и во петтата недела на Чесниот Пост. Во тие денови Црквата им ја предочува на верните како пример за покајание. Се упокои во Господ околу 530 година.

ДЕНЕСКА, 6 АПРИЛ, УПОКОЈУВАЊЕ НА СВЕТИ МЕТОДИЈ СОЛУНСКИ РАМНОАПОСТОЛЕН
Св. Кирил и Св. Методиј биле родени браќа од Солун,од угледно и богато византиско семејство, татко Лав и мајка Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил на гората Олимп и се предал на монашки подвиг.
За Свети Mетодиј, постојат мошне оскудни извори, според кои тој се здобил со световно образование и се посветил на државната и воена служба. Бил надарен со христијански добродетелен живот и државнички и воени способности. Подолго време управувал со брегалничката област и придонесол христијанството длабоко да се всади меѓу населението. За овој успех бил особено заслужен и неговиот брат Константин.
Извесно време пред својата мисионерска дејност, светите браќа се повлекле во манастирот Полихрон на планината Олимп, каде всушност конечно се подготвиле за своето епохално мисионерско дело. Манастирското осамување го прекинале двапати кога биле испраќани од византиската власт од цариградскиот патријарх во мисии меѓу Сарацените и Хазарите. Овие мисии ги извршиле со голем успех.
Ростислав, кнезот на Велика Моравија, испратил молба до византискиот император Михаил III овој да испрати, епископ и учител, кој ќе им објаснува на нивни јазик вистинската христијанска вера. Изборот паднал на светите браќа. Тие биле речиси подготвени и за оваа мисија, зашто голем број од светите книги веќе ги превеле на словенски јазик. Тие избрале достојни ученици и помошници и тргнале во Моравија. Таму биле пречекани со голема радост и со големи почести. Набргу потоа отвориле училиште, во кое ги подготвувале идните свештенослужители и учители за западните словенски народи. Тука наишле на голем отпор од германски свештеници: обвинувани за ерес. Биле принудени да појдат во Рим и да го докажат своето правоверие. Во Рим биле примени со големи почасти од папата Адријан II. Тој ги одобрил словенските богослужбени книги и наредил да бидат поставени во олтарот на црквата Санта Марија Маџоре и богослужби да се вршат на словенски јазик во три римски цркви. Кирил во Рим тешко се разболел и починал на 27 февруари 869 година. Методиј епохалното мисионерско дело меѓу западните Словени го продолжува сам со помош на своите ученици, кои во Рим биле ракоположени во свештенички чин. Непријателството од германските свештеници не престанувало. Истоштен од напори и измачувања, Свети Методиј се упокоил во Нитра, на 6 април 885 година. Неговите ученици биле подложени на измачувања и прогони. Некои од нив распродадени како робови.
Делото на светите браќа по смртта на Свети Методиј паднало во голема криза, но благодарение на нивните најдаровити ученици – Свети Климент и Свети Наум, охридските светители и чудотворци, учители и просветители, ползувајќи се со својата мисионерска мисија, што за цел имала да им ја објави божјата вистина на новите народи, останал жив образец за Светата Црква и за мисионерите на сите времиња.
Нека Господ Бог Благослови!

ДЕНЕСКА, 23 АПРИЛ, СВЕТИ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ГЕОРГИЈ ПОБЕДОНОСЕЦ
Свети великомаченик Георгиј бил роден во Кападокија од богати и благочестиви родители. Татко му пострадал за Христа, а мајка му се преселила во Палестина. Кога пораснал, Георгиј отишол во војска и во својата дваесетта година го стекнал чинот трибун и како таков служел при царот Диоклецијан. Кога овој цар го започнал страшното гонење на христијаните, Георгиј истапил пред него и одважно исповедал дека е христијанин. Царот го фрлил во затвор, па наредил нозете да му ги стават во клади, а на градите да му положат тежок камен. Потоа наредил да го врзат на тркало под кое имало штици со големи клинци и така го вртеле додека целото тело не му се направило една голема рана. По ова го закопал во ров, така што надвор од земјата му била само главата и го оставил во ровот три дена и три ноќи. Потоа со помош на некој магионичар му дал да испие смртоносен отров. Но при сите овие маки Георгиј непрестајно Го молел Бога Кој веднаш го исцелувал и на големо одушевување на народот, го спасувал Својот маченик од смртта. Кога Св. Георгиј воскреснал и еден мртовец, тогаш многумина ја примиле верата во Христа. Меѓу овие бил и царевата жена Александра и главниот жрец Атанасиј, земјоделецот Гликериј, и Балериј, Донат и Терин. Најпосле царот ги осудил Свети Георгиј и својата жена Александра на смрт со меч. Блажената Александра издивнала на губилиштето пред да ја убијат, а Свети Георгиј го убиле во 303 година. Безбројни се чудата што се јавија на неговиот гроб. Многубројни се и неговите јавувања во сон и на јаве на многумина кои го спомнуваат и ја бараат неговата помош до денешен ден. Сиот разгорен од љубов кон Господ Исус Христос, Свети Георгиј без тешкотии оставил сѐ заради својата љубов: чин, богатство, царски почести, пријатели и сиот свет. За оваа љубов Господ го награди со венец на вечна слава на небото и на земјата и со живот вечен во Своето Царство. И го дарува со сила и власт да им помага на оние што го слават и призиваат неговото име во бедите и неволјите.
Тропар, глас 4:
Како ослободетел на заробените, заштитник на сиромашните и лекар на болните, поборнику против царевите, победнику, великомаченику Георгиј, моли го Христа Бога да ги спаси нашите души.
Тропар втор, глас 4:
Добар бој си војувал маченику Христов за верата, изоблучувајќи ја безбожноста на мачителите и како благопријатна шртва си се принел на Бога. Затоа си го примил венецот на победата, и со твоите молитви Свети Георгиеј, на сите им подаваш простување на гревовите.
Кондак. Глас 4:
Поучен од Бога, си се покажал како славен делувач на побожноста, собирајќи себеси грст доблести. Сеејќи со солзи, со веселба жнееш, и пострадувајќи во крв, Христа го прими и со твоите молитви, свети, на сите им даруваш простување на гревовите.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

ДЕНЕСКА, 25 АПРИЛ, СВЕТИ АПОСТОЛ И ЕВАНГЕЛИСТ МАРКО
Светиот Апостол Марко му бил сопатник и помошник на апостолот Петар, кој во своето Прво послание го нарекува свој син, не син по тело туку по дух. Кога Марко бил во Рим со Петар, верните го замолиле да им ја запише спасоносната наука на Господ Исус, Неговите чуда и Неговиот живот. Така го напишал Светото Евангелие, кое го прочитал и го посведочил за вистинито и самиот апостол Петар. Тој го поставил Марко за епископ и го испратил на проповед во Египет. Така тој бил првиот проповедник на Евангелието и првиот епископ во Египет. Египет бил сиот притиснат од густиот мрак на незнабоштвото, гатањето и злобата. Со Божја помош Свети Марко успеал да го посее семето на Христовата наука низ Ливија, Амоникија и Пентапол. Од Пентапол, воден од Духот Божји, дошол во Александрија. Таму успеал да ја заснова Црквата Божја, да постави епископ, свештеници и ѓакони и сѐ добро да утврди во благочестивата вера. Својата проповед ја потврдувал со големи и многубројни чуда. Кога незнабожците подигнале обвиненија против него, како против разорувач на нивната идолопоклоничка вера, а градоначалникот почнал да трага по него, тој побегнал повторно во Пентапол и таму продолжил да го утврдува своето поранешно дело. После две години Свети Марко, на голема радост на верните чиј број во меѓувреме се умножил, се вратил во Александрија. Тогаш го фатиле незнабожците, цврсто го врзале и почнале да го влечат по калдрмите викајќи: „Да го повлечеме волот во оборот!” Сиот ранет и искрвавен го фрлиле во затвор. Таму прво му се јавил ангел небесен и го храбрел и го крепел. Потоа му се јавил и Самиот Господ Исус Христос и му рекол: „Мир на тебе, евангелисту Мој!” А Марко Му одговори: „И на тебе, Господи мој, Исусе Христе!” Утредента злобните луѓе го извлекле од затворот и повторно го влечеле по улиците, извикувајќи го истото: „Да го повлечеме волот во оборот!” Сиот измачен и истоштен Свети Марко изустил: „Во Твоите раце, Господи, го предавам мојот дух!” и издивнал. Неговите свети мошти биле чесно погребани од христијаните. Со векови им даваат исцеленија на луѓето од маките и од болестите.
Тропар, глас 3:
Свети Апостоле и Евангелисто Марко, моли го Милостивиот Бог, да подари простување на гревовите на душите наши.
Тропар,глас 3:
Од врховниот Апостол Петар научувајќи се, ти си бил Апостол Христов и како сонце на сите страни си засветил. На Александрија си бил украс, блажен, со тебе Египет од лагата демонска се ослободи и со твоето евангелско учење ги просвети сите, како светол столб на Црквата. Затоа твојот спомен почитувајќи го, светло го славиме, Марко богоносен: моли го Бога кого преку Евангелието го благовести, да подари простување на гревовите на душите наши.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

ДЕНЕСКА, 27 АПРИЛ, СВЕТИ АПОСТОЛ СИМЕОН
Еден од Седумдесеттемина апостоли. Син на Клеопа, кој му бил брат на праведниот Јосиф, целомудрениот сопруг на Пресвета Богородица. Кога ги видел чудата на Господ Исус, Симеон поверувал во Него како во Господ и Спасител и бил вбројан во Седумдесеттемина апостоли. Со голема ревност и храброст го проповедал Христовото Евангелие насекаде по Јудеја. Кога злобните Евреи го убиле Јаков, братот Господов и првиот епископ на ерусалимската Црква, тогаш овој Симеон, кој му бил роднина, го поставиле за епископ во Ерусалим. Како втор епископ во Светиот Град со голема мудрост и сила управувал со Божјата Црква до длабока старост. Кога пострадал имал над сто години. Неговото страдање се случило вака: во времето на царот Трајан бил покренато двојно гонење во Палестина – на потомците Давидови и на христијаните. Злобните луѓе го обвиниле Симеон како оној кој им припаѓал и на едните и на другите. Свети Симеон претрпел големи маки и најпосле го распнале на крст, како неговиот Господ Кому верно Му послужил на земјата.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

ДЕНЕСКА, 30 АПРИЛ, СВЕТИ АПОСТОЛ ЈАКОВ ЗАВЕДЕЕВ
Свети Апостол Јаков бил син на Заведеј и брат на Јован Богослов, еден од Дванаесеттемина. Кога Господ Исус ги повика, тој и брат му Јован ги оставија рибарските мрежи и својот татко и веднаш тргнаа по Него. Спаѓа меѓу оние тројца апостоли на коишто Господ им ги откриваше најголемите тајни, пред кои се преобрази на гората Тавор и пред кои тагуваше во Гетсиманската градина пред да пострада. Откако Го прими Светиот Дух, Св. Јаков по разни краишта го проповедаше Евангелието и отиде дури до Шпанија, кога се вратил од таму Евреите почнале со него да се препираат за Светото Писмо. Бидејќи никако не можеле да му одолеат, најмиле еден маѓесник Хермоген. Но Хермоген и неговиот ученик Филип обајцата биле победени од силата на Вистината што ја проповедал Апостолот и откако биле поразени, се крстиле. Тогаш Евреите го обвиниле кај Ирод и наговориле некој Јосија да клевети против апостолот. Овој Јосија го видел мажественото држење на Светиот апостол и штом ја слушнал јасната проповед за Вистината, се покајал и поверувал во Христа. Кога го осудиле Јаков на смрт, го осудиле и Јосија. Тој го молел апостолот да му го прости гревот на клевета. А Јаков го прегрнал, го целивал и му рекол: „Мир на тебе и прошка!” И обајцата ги наведнале главите под мечот и биле убиени за Господ Кого Го возљубија. Свети Јаков пострада во 45 година во Ерусалим. Неговото тело било однесено во Шпанија, а на неговиот гроб и денес се случуваат чудесни исцеленија.
Тропар, глас 3:
Апостоле Свети Јакове, моли го Милостивиот Бог, простување на гревовите да подари на нашите души.
Тропар втор, глас 3:
Си бил избран Христов Апостол и на Јован Богослов, возљубен ученику Христов, роден брат, сефален Јакове. Нам кои те славиме испроси простување на гревовите, и на душите голема милост.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

This entry was posted in Синаксар. Bookmark the permalink.

Comments are closed.