МАКЕДОНСКА ВИСТИНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА СИНАКСАР МАРТ,СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР ГО ЧЕСТВУВА

ДЕНЕСКА, 1 МАРТ, ПРЕПОДОБНА МАЧЕНИЧКА ЕВДОКОЈА
Преподобна маченичка Евдокија живеела во феникискиот град Илиопол во времето на царот Трајан. Прво била голема развратница, а потоа се покајала и станала голема испосничка и најпосле маченичка. Од развратниот живот што го водела собрала големо богатство, но по Божја Промисла пресврт во нејзиниот живот направил некој стар монах Герман кој дошол по работа во градот, отседнал кај некој христијанин чија куќа се граничела со куќата на Евдокија. Кога една ноќ тој според својот обичај почнал да чита од Псалтирот и од една книга за Страшниот Суд, Евдокија го слушнала и ја обзел таков ужас што останала будна до утрото, а штом се зазорило, испратила слуги да го измолат тој монах да дојде кај неа. Герман дошол и меѓу нив започнал долг разговор за она што старецот го читал ноќта и се за верата и спасението. Како плод на тие разговори Евдокија го замолила месниот епископ да ја крсти. По Крштението сиот свој имот ѝ го предала на Црквата за да им се раздаде на сиромасите, ги отпуштила своите слуги и робови, а самата се повлекла во еден женски манастир. И толку одлучно се посветила на монашкиот живот во послушание, трпеливост, бдеење, молитва и пост, што после тринаесет месеци ја избрале за игуманија. Во манастирот проживела педесет и шест години и се удостоила пред Бога да ѝ даде толкава благодат што и мртви воскреснувала. Кога извесен кнез Викентиј почнал да ги гони христијаните, и Света Евдокија била пресечена со меч. Таа е прекрасен пример како еден сад на нечистотијата може да се очисти и да се освети, да се исполни со скапоцен небесен мирис, што е благодатта на Светиот Дух.
Тропар, глас 8:
Со вистинска духовност ја врза својата душа за љубовта Божја, а пропадливоста, красотата и минливата убавина со заборав си ги претекла како ученичка Христова. Прво со пост страстите си ги умирила, потоа со страдање ѓаволот си го посрамила. Затоа Христос те удостои со двоен венец, славна Евдокио, света маченичке: Моли го Христа Бога да ги спаси душите наши.
Кондак, глас 4:
Во страдањето твое добро се покажа и по смртта не осветуваш со излевање на чуда, сефална, кои со вера ти прибегуваме во божествената Црква твоја и прославувајќи те молиме, преподобнамаченичке Евдокија, да се избавиме од болестите дишевни и да се напоиме со благодатта на твоите чуда.

ДЕНЕСКА, 7 МАРТ, СВЕТИТЕ СЕДУМ ХЕРСОНСКИ СВЕШТЕНОМАЧЕНИЦИ
Свети Василиј, Ефрем, Евгениј, Елпидиј, Агатодор, Етериј и Капитон биле епископи во Херсон во разни времиња и сите, освен Етериј кој умрел мирно, пострадале од неверниците, било од Евреите било од Грците или од Скитите. Овие епископи проповедале во овие диви краишта како мисионери за да ја пренесат евангелската светлина. Сите биле мачени и пострадале за својот Господ: Василиј го воскреснал синот на еден кнез во Херсон, што ги огорчило Евреите, па го обвиниле, го врзале за нозете и го влечеле по херсонските улици дури не ја испуштил душата. Ефрем го убиле со меч, а Евгениј, Елпидиј и Агатодор ги биеле со стапови и со камења сѐ дури не Му ги предадоа своите души на Бога. Етериј поживеал во времето на Константин Велики, па во мир и слобода управувал со Црквата, изградил голем храм во Херсон и се мирно се упокоил. Кога последниот од нив, свети Капитон, го испратиле за епископ во Херсон, дивите Скити од него побарале знак за да поверуваат, и му предложиле да влезе во огнена печка, па ако не изгори тие сите ќе поверуваат во Христа. Со топла молитва и со надеж во Бога, свети Капитон го положил архиерејскиот омофор на себе, се прекрстил и влегол во вжарената печка држејќи го умот во срцето воздигнат кон Бога. И во пламенот постоја околу еден час без никаква повреда на телото и на облеката, па излегол здрав и жив. Тогаш сите повикале: „ Еден е Бог, Бог на христијаните, велик и силен, Кој го сочува слугата Свој во огнената печка!” И се крстил сиот град и околината. За ова чудо многу се зборувало на Никејскиот Собор. И сите Го прославиле Бога и ја пофалиле цврстата вера на Св. Капитон. А на нему му се случи по патот да го фатат на реката Дњепар незнабожечки Скити и во реката да го удават. Овие епископи пострадаа во почетокот на 4 век.
Тропар, глас 4:
Боже на отците наши, прави секогаш со нас по Твојата кротост, не не напуштај со Твојата милост, но со нивните молитви во мир уреди го нашиот живот.
Кондак, глас 2:
Дојде светлиот ден на пастирите кои епископувале светлина во Херсон. Да го прославиме со песни нивниот празник, зошто пострадаа за Христовите овци. Свештеномаченици, молете Го Пастироначалникот Христос, да не удостои со стоење на десната страна Негова и да извикуваме: Радувајте се свештени отци, кои за Господ христос крвта своја ја излеавте!

ДЕНЕСКА, 9 МАРТ, СВЕТИТЕ ЧЕТИРИЕСЕТ МАЧЕНИЦИ ВО СЕВАСТИЈА
Сите четириесет маченици биле војници во римската војска, но со голема и тврда вера во Господ Исус Христос. Кога настана гонење во времето на Ликиниј, ги извеле на суд пред војводата, а тој им се заканил дека ќе им ја одземе војничката чест. На ова еден од нив, Свети Кандид, одговорил: „Не само војничката чест туку и телата земи ни ги; нам не ни е ништо помило и почесно од нашиот Бог Христос”. По ова војводата им наредил на слугите да ги каменуваат овие светители. Но кога слугите фрлале по нив камења, камењата се враќале самите и паѓале врз тие што ги фрлале и ги изудирале. Еден камен му паднал на војводата в лице и му ги скршил забите. Мачителите, разлутени како ѕверови, ги врзале светителите и ги фрлиле во тамошното езеро и поставија наоколу стражари за ниеден да не излезе од вода. Имало силен мраз, езерото се замрзнувало околу телата на мачениците. За да бидат маките посилни, мачителите загреале и осветлиле бања покрај езерото близу до страдалците, за тие гледајќи некако да се подлажат и да се одречат од Христа и да ги признаат римските идоли. И навистина, еден се опрелестил, излезегол од водата и влегол во топлата бања. Но ноќта паднала една необична светлина од небото и ја загрела водата во езерото и телата на мачениците, а со оваа светлина од небото се спуштиле триесет и девет венци врз нивните глави. Ова го виде еден од стражарите на брегот, па се соблекол, го исповеда името на Господ Исус Христос и влегол во езерото за самиот да се удостои со четириесеттиот венец на предавникот. Врз него навистина слегол тој последен венец. Утредента сиот град се изненадил кога ги видел мачениците живи. Тогаш злобните судии наредиле да ги претепаат, а телата им ги фрлиле во водата за да не ги земат христијаните. На третиот ден Светите маченици му се јавиле на тамошниот епископ Петар и го повикале да ги собере од водата и да ги извади нивните мошти. Епископот излегол ноќе заедно со својот клир и по водата виделе како светат моштите на мачениците. И секоја коска што била одвоена од нивните тела испливала на површината и светела како свеќа. Сите ги погребале чесно. Нивните души отидоа кај Господ Исус Христос и чесно пострадаа и стекнаа непропадлива слава во 320 година.
Тропар, глас 4: Мачениците Твои Господи, во страдањето свое примиле непропадлив венец, од Тебе нашиот Бог, зошто имајќи Твоја помош ги победија мачителите, а ја разорија и немоќната дрскост на демоните: Со нивните молитви спаси ги нашите души.
Тропар втор, глас 1:
Со страдањата на светителите кои пострадаа за Тебе, биди измолен Господи и сите наши болести исцели ги, Те молиме, Човекољупче.
Кондак, глас 6:
Војничката служба во светот сте ја оставиле и на Владиката на небесата сте му пришле, блажени, и достојно сте ја примиле славата од небесата, четириесет победнички венци.
превод на македонски сестра Ана

ДЕНЕСКА, 17 МАРТ, СВЕТИ АЛЕКСИЈ ЧОВЕК БОЖЈИ
Во времето на царот Хонориј во Рим живеел висок царски достоинственик по име Ефтимијан, многу угледен и многу богат. И тој и жена му Аглаида животот го минувале богоугодно. Иако бил богат, Ефтимијан само еднаш дневно седнувал на трпеза, и тоа по залезот на сонцето. Тие имале син единец, Алексиј, кој кога пораснал го принудиле да се ожени. Но ноќта по свадбата тој не само што ги оставил жената и домот на својот татко, туку седнал на кораб и отишол во градот Едеса во Месопотамија, каде бил прочуениот неракотворен лик на Господ Исус Христос, испратен од Него Самиот до царот Авгар. Откако му се поклонил на овој лик, Алексиј се облекол во руво на просјак и како таков живеел во тој град полни седумнаесет години, непрестано молејќи Го Бога во припратата на црквата на Пресвета Богородица. Кога таму се прочуло како богоугодник, се уплашил од човечката слава и заминал оттаму, седнал на кораб што одел за Лаодикија, но по Божја Промисла коработ бил носен и допловил дури до Рим. Сметајќи го ова за прст Божји, Алексиј решил да оди во домот на својот татко и таму како непознат да го продолжи својот подвиг. Татко му не го препознал, а од милосрдие му дозволил да живее во една визба во неговиот двор. Овде Алексиј поминал уште седумнаесет години, живеејќи само на леб и вода. Слугите го малтретирале на разни начини, но тој претрпел се. А кога му се приближил крајот, напишал една хартија, ја стегнал во рацете, легнал и издивнал, на 17 март 411 година. Тогаш во црквата на Светите апостоли, во присуство на царот и на патријархот, се случило откровение во вид на глас кој рекол: „Побарајте го човекот Божји”. Малку по ова се открило дека тој човек Божји е во куќата на Ефтимијан и по долго распрашување дознале дека станува збор за оној просјак. Кога влегле го најшле мртов во неговата визба, а лицето му блескало како сонце. Од онаа хартија неговите родители дознале дека е тоа нивниот син Алексиј, а невестата којашто триесет и четири години живеела без него го видела нејзиниот маж, па сите ги обзело неизмерна тага. По ова сепак се утешиле, гледајќи дека Бог го прослави Својот угодник. Од допирот на неговото тело се лечеле многубројни болни и од него потекло благоухано миро. Го погребале во ковчег од мермер и смарагди. Главата се наоѓа во Светата Лавра на Пелопонез.
Тропар, глас 4:
Си се возвишил во доблести и очистувајќи го умот, кон Саканиот и Возвижениот си достигнал. Со бестрастието си го украсил својот живот и исклучителниот пост си го примил со чиста совест. Во молитвите си бил како бестелесен, и си засветил како Сонце во светот, преблажен Алексиј.
Кондак, глас 2:
Во домот родителски си бил како странец, вселувајќи се во него како сиромашен, и по претставувањето си примил венец на слава, покажувајќи се прекрасен на Земјата, Алексиј, Божји човеку, радување на Ангелите и луѓето.

ДЕНЕСКА, 18 МАРТ, СВЕТИ КИРИЛ АРХИЕПИСКОП ЕРУСАЛЕМСКИ
Свети Кирил бил роден во Ерусалим во времето на царот Константин Велики, а се упокоил во времето на царот Теодосиј Велики (315 г. – 386 г.). Во 346 година бил поставен за свештеник, а во 350 год. го наследил блажениот ерусалимски патријарх Максим. Трипати го симнувале од престолот и го испраќале во прогонство, се додека на крајот, во времето на царот Теодосиј, не го вратиле, по што проживеал мирно уште осум години и ја предал душата на Господ. Тој имал две тешки борби: едната била со аријанците кои се засилиле во времето на Константиновиот син Констанциј, а другата во времето на Јулијан Отстапник, со самиот цар отпадник од верата и со Евреите. Во времето на силата на аријанците на денот на Педесетница се јавил знакот на Крстот кој бил посветол и од сонцето, се простирал над Ерусалим и над Елеонската Гора. Ова траело неколку часа, а крстот се појавил во девет наутро. За оваа појава што ја виделе сите жители на Ерусалим му пишале и на царот Констанциј и тоа на мнозина им послужи за утврдување во Православието, а против ереста. Во времето на Јулијан Отстапник се случил друг знак. За да го понижи христијанството, царот Јулијан ги наговорил Евреите да го обноват Соломоновиот храм. Св. Кирил се молел на Бога тоа да не се случи. Имало страшен земјотрес кој урнал се што било обновено на храмот. Тогаш Евреите почнале одново да градат. Но повторно имало земјотрес и го урнал не само новоизграденото туку и старите камења кои уште се држеле под земјата. Така се обвистини зборот Господов: „ни камен на камен овде нема да остане”. Од многубројните списи на овој Свет отец зачувана е само неговата „Катихетика”, дело кое ја потврдува верата и праксата на Православието до денешен ден. Овој светител бил необичен архипастир и голем подвижник. Се одликувал со смирение и кротост, и бил испостен и блед во ликот. По многуплодниот живот во подвиг и витештво за верата во Христа, мирно се упокоил во Господ.
Тропар, глас 4:
Вистината на работите те објави на стадото твое како правило на верата, образец на кротоста и учетел на воздржувањето. Заради тоа со смирение си стекнал високи почести, а со сиромаштијата богатства: Оче Кирил, моли го Христа Бога да ги спаси душите наши.
Кондак, глас1:
Со јазикот твој, мудар, боженствен и духовен, го просвети народот твој да го почитуваат единиот Света Троица, со природа неразделива, но разделива во Лица. Затоа со радост го празнуваме сесветиот спомен твој и те предлагаме како молитвеник пред Бога.

ДЕНЕСКА, 25 МАРТ, БЛАГОВЕСТ
Откако Пресветата Дева помина 12 години во пребивање и служење во ерусалимскиот храм, каде целото свое време го поминала во читање на Боженствени книги од кои се учела на Законот Господов, кога стапи во петнаесеттата година од животот – свештениците ѝ соопштиле дека според Законот повеќе не може да остане во храмот, туку треба да пристапи кон веридба и брак. Одговорот на Пресветата Дева било големо изненадување за тамошните свештеници. Таа им рекла дека себеси се посветила на Бога и не сакала да стапува во брак со никого. По Божја Промисла и вдахновение тогаш првосвештеникот Захарија, татко на Св. Јован Крстител, се договорил со другите свештеници, па собрале дванаесет безжени луѓе од Давидовото племе за да пронајдат еден на кого што би му ја довериле Пресветата Дева Марија како на оној кој ќе ја чува Нејзината девственост и ќе се грижи за Неа. Тие решиле и ја довериле на стариот Јосиф од Назарет, кој и бил роднина. Во домот Јосифов, Пресветата Дева продолжила да живее исто како во Соломоновиот храм, минувајќи го времето во читање на Светото Писмо, во богомислие и ракоделие. Од дома не излегувала речиси никогаш ниту се интересирала за светските работи и настани. Малку зборувала со луѓето и тоа никогаш без особена потреба. Најчесто општела со ќерките на Јосиф. Но кога се исполнило времето означено со пророштвото на Даниил и кога Бог благоволи да го исполни ветувањето што му го даде на прогонетиот Адам и на Пророците, на Пресветата Дева ѝ се јави во одајата великиот архангел Гавриил, а некои свештеници пишуваа дека во оној миг Таа го имала пред себе отворено пророштвото на Исаија кој вели: „Ете, девојка ќе зачне и ќе роди син!” Гавриил ѝ се јави во архангелска светлина и ѝ рекол: „Радувај се, благодатна! Господ е со Тебе!” И сѐ друго, како што пишува во Евангелието на Божествениот Лука. И веднаш после тие зборови, во нејзината света утроба, со дејството на Светиот Дух, се извршило зачнувањето без никакви телесни наслади и се зачна Синот Божји и Словото постана Тело и се всели во нас преку очовечување.
Со оваа архангелска благовест и со слегувањето на Светиот Дух врз Пречистата Дева, започна спасението на луѓето и обновата на созданието. А историјата на Новиот Завет значи радост за човештвото и за сета твар.
Тропар, глас 4:
Денеска е почетокот на нашето спасение и објавата на вечната Тајна: Синот Божји постанува Син на Девата, а Гаврил ја јавува радосната благодатна вест. Заради тоа, заедно со него, и извикуваме на Богородица: Радувај се благодатна, Господ е со тебе!
Кондак, глас 8:
На Тебе, војвотка, поборник наш, ние слугите твои, Богородице, ти вознесуваме победни песни и благодарност за избавување од злата. А, ти, бидејќи имаш непобедлива моќ, ослободи не од сите опасности, за да ти извикуваме: Радувај се, невесто неневесна!

ДЕНЕСКА, 26 МАРТ, СОБОР НА СВЕТИ АРХАНГЕЛ ГАВРИЛ
На Архангел Гаврил му вознесуваме пофалби во песните, приредувајќи му собор двапати во годината. Првиот негов Собор го празнуваме утредента по Благовеста на Пресвета Богородица. Тој е благовесникот на воплотувањето на Синот Божји. Еден од големите седум ангели што претстојат пред престолот Божји. На Захариј му го јавил раѓањето на Св. Јован Претеча и самиот за себе рекол: „Јас сум Гавриил кој стојам пред Бога” (Лука 1, 19). Неговото име, Гавриил, значи маж – Бог. Зборувајќи за Благовест, Светите отци протолкувале дека бил испратен архангел со такво име бидејќи требало да се означи кој и каков ќе биде Оној што ќе се роди од Пречистата Дева. Ќе биде значи Маж – Бог, крепок, силен Бог. Некои дознале дека архангел Гаврил им го јавил на Јоаким и Ана раѓањето на Дева Марија и дека тој го поучувал Мојсеј во пустината како да ја напише книгата Битие. Светите отци мислат дека Гавриил му принадлежи на првиот и највисок чин на небесните сили, на серафимскиот, зашто серафимите стојат најблиску до Бога. Тој е значи еден од седумте серафими најблиски до Бога. Имињата на тие седуммина се: Михаил, Гавриил, Рафаил, Уриил, Селатиил, Јегудил, Варахиил. Секој од нив има посебна служба, а сите тие се рамночесни. Зошто Бог не го испрати Михаил? Зашто неговата служба е да ги уништува непријателите на Божјата вера. А службата на Гавриил е благовестување за човековото спасение.
Тропар, глас 4:
Војсководецу на небесните војски, непрестано те молиме ние недостојните, со твоите молитви да не заштитиш со крилата твои на непропадлива слава. Чувај не нас кои паѓаме на колена и усрдно извикуваме: избави не од беди како поглавар на вишните сили.
Кондак, глас 8:
Ти восководецу си славен служител и молитвеник на пресветлите и славни, сестворителни неискажливи и страшени Света Троица. Затоа сега непрестано моли се да се избавиме од сите беди и маки, за да ти извикуваме: Радувај се заштито на слугите твои.

ДЕНЕСКА, 30 МАРТ, ПРЕПОДОБЕН ЈОВАН ЛЕСТВИЧНИК
Преподобен Јован Лествичник е авторот на прочуеното дело Лествица. Како шеснаесетгодишно момче дошол на Синајската гора и останал таму, прво како послушник, а потоа како отшелник и на крајот како синајски игумен до осумдесеттата година од животот, кога се упокоил, околу 563 година. Неговиот животописец, монахот Даниил, за него напишал: „Со телото се вознесе на Синајската Гора, а со духот на Гората Небесна”. Кај својот духовен отец, Мартириј, Свети Јован поминал во послушание деветнаесет години. Кога Анастасиј Синајски еднаш го видел младиот Јован, за него прорекол дека ќе биде синајски игумен. По смртта на својот духовник, преподобен Јован се повлекол во една пештера, во која во тешки подвизи проживеал дваесет години. Неговиот ученик Мојсеј еден ден заспал под сенката на еден голем камен. Додека во тој миг стоел на молитва, Св. Јован видел дека ученикот му е во опасност и почнал за него да се моли на Бога. Подоцна кога дошол, Мојсеј паднал на колена пред својот духовен отец и му заблагодарил зашто го спасил од сигурна смрт. Му раскажа како во сон го слушнал гласот на Св. Јован кој го викнал, па скокнал од сонот. Во тој миг оној голем камен паднал, а ученикот се спасил неповреден. На навалување на браќата светителот прифатил да им биде игумен и со љубов и ревност се трудел за спасението на човечките души. Еднаш слушнал прекор од некои дека билмногуглаголлив, но не се разгневил ни малку, но по ова замолча и цела година не изговори ни збор додека браќата не го измолиле да им зборува и да продолжи да ги поучува со неговата Божествена мудрост. Еднаш во Синајскиот манастир дошле шестотини поклоници. На трпезата сите виделе едно вешто момче во еврејска облека како им служи, а и на останатите слуги им заповедал и ги распоредувал. Одеднаш момчето исчезнало. И кога сите почнале да се распрашуваат, Свети Јован им рекол: „Не го барајте, тоа беше Пророкот Мојсеј, кој ни послужи на своето место”. За време на своето молчалништво во пештерата Св. Јован напиша многу духополезни книги, од кои најславна и до ден денес многу читана е „Лествица”. Во неа се опишува методот на вознесувањето на душата кон Бога како постапна лествица. Пред смртта Свети Јован го одредил својот брат по тело Георгиј за наследник во игуменството на манстирот. Но тој многу тагувал заради разделбата со неговиот Свет брат и игумен. Тогаш Јован му рекол дека ако се удостои со близината Божја на оној свет ќе се моли и тој, Георгиј, да биде земен. Така и станало. По десет месеци се упокоил и Георгиј и станал небесен сограѓанин на својот свет брат Св. Јован Лествичник.
Тропар, глас 8:
Со потоците на твоите солзи бесплодната пустина си ја обработувал и со воздишките од длабочината на душата, си ги умножил со голем труг своите таленти. Си бил свечник на светот, светејќи со своите чуда, Јоване оче наш: Моли го Христа Бога, да ги спаси душите наши.
Кондак, глас 1:
Учењето од твоите книги ни донесува нераспадливи плодови, премудар, кои ги засладуваат срцата на оние кои со трезвеност ги прифаќаат, блажен: Тоа е лествица на душите која ги води од Земјата кон Небесна и блажена слава, оние кои со вера те почитуваат, Свети Јоване.

This entry was posted in Синаксар. Bookmark the permalink.

Comments are closed.