МАКЕДОНСКА ВИСТИНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА СИНАКСАР ФЕВРУАРИ,СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР ГО ЧЕСТВУВА

ДЕНЕСКА, 1 ФЕВРУАРИ, СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТРИФУН
Свети Трифун се роди од благочестиви родители во Фригија во селото Кампсада, недалеку од градот Апамеја. Уште како мало дете, преблагиот Бог благоволи во него да ја всели благодатта на Својот Свет Дух и да му подари дар на чудотворство. И светото дете Трифун исцелуваше од секакви болести и изгонуваше демони од луѓето.
Во 225 година со римското царство завладеа царот Гордијан. Иако беше идолопоклоник, тој не ги гонеше христијаните. Тој имаше убава и мудра ќерка, која се викаше Гордијана. Кога стаса за мажење, поради нејзината убавина и мудрост, многу големи славни кнезови почнаа да ја бараат како невеста за своите синови. Но, по Божјо допуштение, во девојката влезе ѓавол, и постојано ја измачуваше, фрлајќи ја во оган и во вода. Поради тоа нејзините родители многу тагуваа и горко плачеа. И ги носеа најпознатите лекари, но тие не можеа ништо да и помогнат. Потоа самиот ѓавол, по наредба Божја, повика велејќи: Никој од овде не може да ме иизгони освен момчето Трифун.
И веднаш царот прати по целиот свет да го пронајдат Трифун. И многумина со тоа име доведуваа, но ниеден не можеше да го изгони демонот од царевата ќерка. Тогаш го пронајдоа во Фригија, во селото Кампсада, седумнаесетгодишното момче Светиот Трифун, каде покрај езерото чува гуски. И го поведоа во Рим. А кога Свети Трифун се приближи кон Рим, демонот го почуствува неговото доаѓање и, немилосрдно мачејќи ја девојката, викаше: Не можам веќе овде да живеам, зашто Трифун се приближува! По три дена ќе дојде! Не можам повеќе да поднесам! – Така викајќи, лошиот дух излезе од девојката.
На третиот ден св. Трифун пристигна во градот. Доведен во царскиот двор, тој со љубов беше примен од царот. Бидејќи царот го позна според зборовите кои ги изговори демонот, излегувајќи од неговата ќерка: По три дни ќе дојде! – А за да биде посигурен дека Трифун ја исцели неговата ќерка, царот го замоли св. Трифун да им го покаже демонот, та и тие сами да го видат со свои очи. Светителот помина шест дена во пост и молитва, и доби одозгора голема и силна власт над нечистиот дух. И седмиот ден, при изгревањето на сонцето, царот со Сенатот дојдоа кај блажениот, сакајќи со телесни очи да го видат демонот.
А св. Трифун, исполнет со Светиот Дух, и гледајќи го со духовните очи невидливиот дух, рече: Тебе ти зборувам, во името на Господ мој, Исус Христос, јави им се на присутните во видлив облик, покажи им го својот наказен и бесрамен лик, и исповедај ја немоќта своја! – И во тој час пред сите се појави демонот во облик на црн пес: очите му беа како пламен, главата ја влечеше по земјата. И го праша Светителот: Кој, демону, те прати ваму, да влезеш во девојката? И како се осмели да влезеш во ова боголико творение, ти самиот, кој си безобличен и немоќен и исполнет со секаква гордост? Демонот одговори: Пратен сум од таткото мој, сатаната. Тој е поглавар на секое зло. Тој седи во адот. Тој ми нареди да ја мачам девојката. Повторно го праша Светителот: И кој ви даде власт да настапувате против Божјите творенија? А демонот, и не сакајќи, но принуден од невидливата сила Божја, ја кажа вистината гласно, велејќи: Ние немаме власт над оние кои знаат за Бога и веруваат во Неговиот единороден Син Исус Христос, за кого Петар И Павле умреа овде. Од нив ние бегаме со страв, а ги напаѓаме само тогаш кога однадвор ни е допуштено да ги нападнеме со помош на лесни искушенија. Оние, пак, кои не веруваат во Бога и во Синот Божји, а одат по сите желби свои, правејќи дела кои ни се пријатни, – над нив ние добиваме власт да ги мачиме. А дела кои нам ни се пријатни се овие: идолопоклонство, богохулство, прељуба, гатање, завист, убиства гордост. Со вакви, или слични дела, зарабени како во мрежа, луѓето се отуѓуваат од Бога, Творецот свој и доброволно стануваат наши пријатели, и со нас заедно ќе ги примат вечните маки.
Кога го слушнаа тоа, царот и оние што беа со него се исплашија и ужаснаа, и многумина тогаш се одрекоа од незнабоштвото и поверуваа во Христа. А верниците се утврдија во верата, и Го прославија Бога. Св. Трифун му нареди на демонот да оди во огнено место во адот (пеколот). И демонот исчезна. А царот му подари на светиот многу дарови, и го отпушти со мир во домот негов. Но по пат за дома, тој се што доби од царот го раздаде на сиромаси. И кога се врати дома, тој продолжи да ги извршува своите вообичаени подвизи: исцелуваше болни и Му угодуваше на Бога со својот свет и непорочен живот.
После царот Гордијан се зацари Филип. Но и тој долго не царуваше, зашто беше убиен од своите војници. По него за цар дојде Декиј мачителот. Тој почна луто гонење на христијаните: безброј верници погуби, ставајќи ги на разни маки, а плашливите ги одврати од Христа и заведе кон идолопоклонство; на сите, пак, свои епарси и намесници ширум царството им нареди немилосрдно да ја пролеваат крвта на невините христијани, кои не сакаат да се поклонат на идолите. Во тоа време на Исток беше епархот Аквилин. Кај него беше обвинет Свети Трифун: дека е христијанин, познавач на лекарскиот занает, дека патува по земјата и ги лечи болние, а воедно ги учи да веруваат во Христа, и заведува многумина, дека царските наредби не ги почитува и се потсмева на големите богови.
Веднаш беа пратени војници во Фригија да го бараат Трифун. И набрзо го пронајдоа, зашто не можеше да се сокрие светилникот, кој гори со ревност за Бога и свети со вистинска вера и добри дела. Па и самиот Свети Трифун, кога слушна дека го бараат, не побегна од нив во пустината, ниту се сокри и избега, туку се вооружи со молитва и крсно знаемение, и смело пристапи кон барателите, и им се предаде, и весело одеше кај епархот Аквилин, кој тогаш се наоѓаше во градот Никеја.
Кога Аквилин со голема гордост седна на судиската столица, окружен со вооружени управители, слуги и мноштво народ, доглавникот Помпијан му рече: Ова момче, испратено од градот Апамеја, еве стои пред светлиот суд на твојата власт. Епархот Аквилин рече: Нека го кажи своето име, и место на живеење, и судбината, па тогаш нека ја исповеда својата вера. Светителот одговори: Името ми е Трифун, живеам во селото Кампсада, блиску до градот Апамеја, а судбина ние не признаваме. Зашто веруваме дека се се случува по промисла Божја и неискажливата премудрост Негова, а не преку судбината, ниту според ѕвездите, ни случајно, како што вие верувате. Јас со животот сум слободен, само на Христа единиот Му служам. Епархот рече: Мислам дека до сега не си слушнал за царската наредба – секој човек, кој себе се нарекува христијанин и не се поклонува на боговите, да биде предаден на смрт. Вразуми се, значи, и напушти ја таа лажлива вера, да не бидеш фрлен во оган. св. Трифун одговори: О, кога би се удостоил во оган да бидам фрлен и со сите други маки да пострадам, за името на Исус Христос, Господ и Бог мој! Епархот рече: О Трифуне, ти советувам да принесеш жртва на боговите. Зашто гледам, млад си со телото, а совршен со умот, па не сакам да настрадаш! Одговори Свети Трифун: Ќе имам совршен ум, ако на мојот Бог Му принесам совршено исповедање, и како скапоцена ризница цврсто ја зачувам побожната вера во Него, и бидам жртва на Оној, Кој заради мене се принесе себеси за жртва. Епархот рече: На огнот ќе го предадам телото твое, а душата твоја ќе ја подложам на најлути казни. Светителот одговори: Ти ми се закануваш со оган кој гасне, чиј крај е пепелот. А јас вам, неверници, ви се заканувам со оган незгаслив, вечен. Отстапи од суетата, и познај го вистинскиот Бог, да не се покаеш после, кога ќе западнеш во оган вечен.
Аквилин се разлути, и нареди светиот да го обесат на дрво и да го бијат. Слушајќи го тоа, блажениот Трифун веднаш ја соблече од себе својата облека, па смело и радосно го предаде прекрасното тело свое во рацете на мачителите. Тие му ги врзаа рацете одназад, го обесија и почнаа да го удираат!
И три часа тој беше жестоко биен, и покажа машко трпение: оти не офна, ниту издивна, туку молчејќи ги прими безбројните удари. А после тоа мачење му рече епархот Аквилин: Покај се, Трифуне, и отфрли го своето безумие! Вети дека ќе се поклониш на боговите, зашто никој кој се противи на царската наредба, не може да ја избегне горката смрт. Светителот одговори: И јас тебе ти велам: Оној кој ќе се одрече од Небесниот Цар, Христа, нема да може да го наследи животот вечен, туку ќе биде пратен во оган вечен, кој никогаш не гасне. Епархот рече: Царот Небески не е друг туку Зевс, синот Сатурнов. Тој е татко и на боговите и на луѓето. Кој нему не му се поклонува, не може да биде жив. Нему треба и ти да му се поклониш, за да се покажеш достоен за овој сладок живот. Светителот одговори: Нека бидат слични на твојот бог Зевс, сите кои му се поклонуваат, и сите кои се надеваат на него! За него кажуваат дека бил прв гатач и најголем безаконик, и магионичар, татко на секое валкано дело и безбожје; после неговата погибел, луѓето кои го продолжија неговото зло дело, му направија златни и сребрени идоли, и го прогласија за бога, за да имаат заштита за својата нечистотија и безаконие, за никој да не се осмели да ги прекорува за нивните гадни дела, зашто нивниот бог беше таков. Следејќи ги лажните преданија и лажните басни, вие се клањате на мртви и неми идоли. Не се грижите за живиот Бог, Кој небото Го утврди, земјата на вода ја постави, воздухот Го распространи; И кога на секоја создадена твар и даде постоење И облик, Го постави над се господарот, човекот, кој најпосле го создаде; и бидејќи човекот беше излажан од завидливата змија, и западна во безброј зла, се сожали Бог Логосот, доброволно се овоплоти, стана човек, и на крст умре, и беше погребен, и во третиот ден воскресна, се вознесе на небото, и седи од десната страна на Бога Отецот, додека не го познае сета твар; потоа повторно ќе дојде од небото со сила и слава голема, и на секому ќе Му даде според делата негови. Он е Бог над боговите и Цар над царевите, и Судија на живите и мртвите. А оние кои вие ги сметате за богови, ќе горат во вечен оган со сите кои им се поклонуваат.
После тоа, кога еднаш епархот Аквилин отиде во лов, нареди св. Трифун да го врзат за опашката од неговиот коњ. И тоа не беше мала мака за светителот: прстите на нозете му отпаѓаа, не само затоа што имаше голем мраз а тој беше бос, туку поради тоа што коњските копита го потфаќаа и газеа, па и стапалата му се распаднаа. А маченикот, гледајќи кон Бога и загревајќи се од Неговата љубов, не обрнуваше внимание на овие патила, туку ги пееше зборовите Давидови: Утврди ги стапките мои на патиштата Твои, за да не ослабнат нозете мои. (Пс.16,5) И повторно: Утврди ги стапките мои според Твоето слово и не допуши со мене да завладее никакво безаконие. (Пс.118,133) А често ги повторуваше и зборовите од Светиот Првомаченик, велејќи: Господи, не примај им го ова за грев! (Дап.7,60)
Враќајќи се доцна од лов, епархот повторно го изведе маченикот и му рече: Верувам дека сега, беднику, најпосле донесе мудра одлука да принесеш жртва на боговите? Или уште остануваш при своето старо безумие? Светителот одговори: Ти самиот си полн со безумие и незнаење, зашто ѓаволот те ослепил, та не можеш да го познаеш Творецот на сите и да Му се поклониш. А јас сум мудар, зашто не отстапувам од вистината, која ме спасува. – И нареди епархот, па го одведоа светиот во темница, а самиот отпатува во околината, и остана таму неколку дена.
И кога се врати во Никеја, тој повторно го изведе на суд св. Трифун и го праша: Дали долгото темничење те научи да се покориш на царевата наредба да се поклониш на боговите? Светиот одговори: Бог и Господ мој, Исус Христос, Кому му служам, поучувајќи ме со чист ум, ме научи и утврди, верата во Него да ја држам непроменливо и непоколебливо. Нему, единиот вистински Цар и Бог се потчинувам и Нему се поклонувам, а гордоста твоја и гордоста на царот твој ја презирам и ги отфрлам оние кои вие ги почитувате. – Тогаш епархот им нареди на слугите: Остри клинци да му заковате во нозете па така да го носите по градот и биете. Слугите тоа веднаш го направија. И светителот беше воден, или поточно, влечен по целиот град и биен; во нозете чувствуваше силна болка, не само од закованите клинци, туку и од силниот мраз и снег. Зашто тогаш имаше голем студ. Па сепак, прекрасниот страдалник, имајќи го Христа пред себе и гледајќи на идните продобивки, сето тоа го поднесе со радост.
А кога повторно го доведоа кај епархот, се восхити мачителот на таквото трпение на светителот, и го праша: До кога, Трифуне ќе бидеш глув за маките? До кога ќе бидеш нечувствителен за лутите патила? Светителот одговори: Кога ти ќе ја познаеш силата Христова, која во мене живее? Кога ќе престанеш да го искушуваш Светиот Дух, беднику? Зарем уште не сфати, дека семоќта Христова е непобедлива? – На тоа мачителот се разгневи и нареди рацете да му ги врзат одназад. И откако го врзаа за дрво, со железо бездушно го удираа, па потоа со свеќи слабините му ги гореа. И додека слугите на мачителот со голема ревност тоа го правеа, маченикот одненадеж го осветли светло од небото, и прекрасен венец се спушти на главата негова. Кога мачителите го видоа тоа, испопаѓаа од страв. А св. Трифун, чувствувајќи помош која му дојде од небото, се исполни со радост и веселба, и говореше: Ти благодарам, Господи, што не ме остави без помош во рацете на непријателите мои, туку ја засолна главата моја во денот на борбата, и ми даде прибежиште за спасение, и ме прими десницата Твоја. И сега Ти се молам, Господе: Биди секогаш со мене, утврдувајќи ме и штитејќи ме! И удостој ме непречено да го довршам овој подвиг, за да се удостојам да го добијам венецот на правдата, заедно со сите светии, кои го засакаа светото име Твое, зашто Ти си прославен во вечни векови, амин.
Потоа мачителот повторно го изведе прад себе светителот, само без окови, и почна ласкаво да му зборува: Трифуне, принеси му жртва на големиот Зевс, и поклони се на царевиот лик, и јас ќе те отпуштам со почести и дарови. А св. Трифун насмевнувајќи се, рече: Јас самиот цар го презирам, и безумните наредби негови ги плукнав, па зар на бездушниот лик негов да се поклонам? Да не биде тоа! Што се однесува пак до Зевс и другите лажни богови твои, прашај ги меѓу вас оние кои ги сметате за мудри, какви се приказни измислуваат околу нив, трудејќи се да ги покријат нивните гнасни дела. Од тие причини и имињата им ги сменија, нарекувајќи го Зевс небото, Јунона воздухот, Церера земјата, Нептун морето, Аполон сонцето, Дијана месечината. Тие истите им дадоа имиња на богови и на вашите обичаи и страсти човечки, нарекувајќи ги гневот и војната Марс, блудната похот Венера. И така, напуштајќи го Бога и Творецот на сите, безумно ја наполнивте вселената со идоли. Па не само што вие самите, отпаѓајќи од здравиот разум и од правиот пат, стрмоглаво итате кон душегубната бездна, туку се трудите и нас со себе да не повлечете, та и ние да станеме учесници во вашата пропаст и погибел. Но, нема да успеете, лажливци! Зашто нема да можете од вистинскиот пат да ги одвратите и кон идолите ваши да ги приклоните, оние кои вистински се надеваат во Бога силниот и живиот.
Слушајќи го тоа, Аквилин се воодушеви на таквите зборови негови. Но и жестоко се разгневи, па нареди свирепо да го бијат маченикот. И светителот беше долго и немилосрдно биен по целото тело. А кога мачителот виде, дека тој непоколеблив столб не може да го помести, и од верата Христова да го одврати, донесе ваква пресуда: На Трифун Апамејски да му се отсече главата, бидејќи се противи на царската наредба, и не сака да принесе жртва на боговите, иако беше ставен на големи маки.
И веднаш го дофатија војниците, и го однесоа надвор од градот на местото за погубување. А светиот маченик, вртејќи се на Исток, се помоли на Бога велејќи: Господи, Боже на боговите и Цару над царевите, Посвет од сите свети! Ти благодарам што ме удостои без пречки да го довршам овој подвиг. И сега Ти се молам: Нека не се допре до мене нечистата граблива рака на невидливиот непријател, и нека не ме одвлече во длабочината на погибелта, туку со помош на светите ангели Твои, воведи ме во прекрасните населби, и направи ме наследник на царството Твое сакано. Прими ја во мир душата моја, и услиши ги од висината на светоста Твоја, сите кои ќе ме спомнуваат мене слугата Твој и во спомен мој Ти принесуваат свети жртви, и погледни на нив од светото обиталиште Свое, давајќи им обилни и вечни дарови, зашто си единствен добар и штедар дарител во вечни векови, амин.
Додека светителот така се молеше, уште пред да биде посечен, Господ ја прими светата душа негова во рацете Свои. Тоа беше во 250 година. Телото пак негово остана мртво на земјата. А браќата од Никеја, помазувајќи го со мириси неговото чесно тело и обвивајќи го во чиста плаштаница, сакаа да го погребаат во Никеја, да биде заштитник на нивниот град. Но светителот се јави во видение и им заповеда неговите мошти да ги пренесат во селото Кампсада, каде се роди. И тие постапија по неговата заповед.
Така Св. Трифун, од младост на Бога посветен, откако многу луѓе приведе кон Христа и безброј болни исцели, и бидејќи големи маки поднесе за Вистината, беше овенчан со вечен венец од Отецот и Синот и Светиот Дух, единиот во Троичниот Бог, на Него слава во вечни векови, амин!
По молитвите на Светиот маченик Трифун, Господи Исусе Христе, Сине Божји помилуј и спаси не. АМИН!
Тропар, глас 1:
Мученик твој Господи Трифун во страданији својем вјенец пријат нетљениј от тебе Бога нашего; имјејај бо крјепост твоју мучитељеј низложи, сокруши и демонов немошчнија дерзости; того молитвама спаси души нашја.

ДЕНЕСКА, 2 ФЕВРУАРИ, СРЕТЕНИЕ ГОСПОДОВО
Вo чeтириeсeттиoт дeн пo Рoждeствoтo Прeсвeта Дeва Гo
дoнeсла свoјoт бoжeствeн Син вo eрусалимскиoт храм, сoгласнo закoнoт да Му Гo пoсвeти на Бoга и сeбeси да сe исчисти (Лeвит 12:27; Исхoд 12:2). И иакo ни eднoтo ни другoтo нe билo пoтрeбнo, сeпак Закoнoдавeцoт нe сака никакo да сe oгрeши вo Свoјoт Закoн, кoј Oн гo бeшe дал прeку Свoјoт слуга и прoрoк Мoјсeј. Вo тoа врe мe чрeда вo храмoт држeл првoсвeштeникoт Захариј, таткoтo на св. Јoван Прeтeча. Тoј ја ставил Дeва Марија нe на мeстoтo за жeни, ами на
мeстoтo за дeвoјки вo храмoт. Вo таа прилика вo храмoт сe пoјавилe двe чудни личнoсти:старeцoт Симeoн и вдoвицата Ана, ќeрката на Фануил. Правeдниoт старeц Гo зeл вo свoитe рацe Мeсијата и рeкoл: “Сeга гo oтпушташ Свoјoт слуга сo мир, Владикo, заштo oчитe мoи
гo видoа спасeниeтo Твoe”. Симeoн уштe рeкoл за Христа Младeнeцoт: “Eвe, Oвoј лeжи за
паѓањe и пoдигнувањe на мнoзина вo Израилoт”. Ана, пак, кoја oд младoста Му служeла на
Бoга вo храмoт сo пoст и мoлитва, Гo пoзнала Мeсијата, па Гo прoславила Бoга и им oбјавила
на eрусалимцитe за дoаѓањeтo на Дoлгooчeкуваниoт. А фарисeитe, штo билe присутни вo
храмoт, кoи видeлe и слушналe сè, пoчналe да сe гнeват на Захарија штo ја ставил Дeва Марија
на мeстoтo за дeвoјки, тoа му гo кажалe на царoт Ирoд. Увeрeн дeка тoа e Нoвиoт Цар, за Кoгo
мудрeцитe oд Истoк му гoвoрeлe, Ирoд брзo испратил да Гo убијат Исуса. Нo вo мeѓуврeмe
бoжeствeнoтo сeмeјствo вeќe сe oддалeчилo oд градoт и сe упатилo вo Eгипeт пo упатствoтo на
ангeлoт Бoжји. Дeнoт на Срeтeниeтo e празнуван oд самиoт пoчeтoк, нo тoржeствeнoтo
празнувањe на oвoј дeн e вoстанoвeнo oсoбeнo вo 544 гoдина, вo врeмeтo на царoт Јустинијан.

РАСУДУВАЊE
Гoвoрeјќи за пoстeпeнoтo ширeњe и славeњe на Бoжик, св. Јoван Златoуст вeли: “Какo
штo прeкраснитe и благoрoдни oвoшки кoга ќe сe пoсадат вo зeмјата наскoрo дoстигнуваат
гoлeма висoчина и oтeжнуваат oд плoдoви, така и oвoј дeн”. Така e и сo дeнoт на Срeтeниeтo
Гoспoдoвo. Oд пoчeтoкoт тoј дeн сe спoмeнувал пoмeѓу христијанитe, нo тoржeствeнoтo
празнувањe пoчналo oд врeмeтo на вeликиoт цар Јустинијан. Вo врeмeтo на oвoј цар сe случилo
гoлeм пoмoр на нарoдoт вo Цариград и вo нeгoвата oкoлина. Днeвнo умиралe пo пeт и пoвeќe
илјади луѓe. Вo тoа врeмe сe случилo и страшeн зeмјoтрeс вo Антиoхија. Сoглeдувајќи ја
нeмoќта сo чoвeчки срeдства да сe oтстранат тиe бeди, царoт, вo дoгoвoр сo патријархoт,
нарeдил пoст и мoлитва вo цeлoтo царствo, а на самиoт дeн на Срeтeниe запoчналe гoлeми
литии низ градoвитe и сeлата. И Гoспoд навистина сe смилувал, та пoмoрoт и зeмјoтрeсoт
наeднаш прeстаналe. Тoа сe случилo вo 544 гoдина. Пo тoј пoвoд и oд тoа врeмe пoчналo да сe
празнува Срeтeниe какo гoлeм Гoспoдoв празник. Дрвoтo сo врeмe сe развилo и пoчналo да
дoнeсува oбилни плoдoви.
СOЗEРЦАНИE
Да Гo набљудувам Гoспoда Исуса какo здравјe, и тoа:
1. какo здравјe на нашиoт ум, бидeјќи сo Нeгo здравo мислимe;
2. какo здравјe на нашeтo срцe, бидeјќи сo Нeгo здравo чувствувамe;
3. какo здравјe на нашата вoлја, бидeјќи сo Нeгo здравo дeлувамe;
4. какo здравјe на сeмeјствoт, на Црквата, на училиштeтo, на нарoдoт и на сeкoја
устанoва.
БEСEДА
за ракoвoдствoтo на Духoт Бoжји
Испoлнeт сo Дух Свeти, Исус сe врати oд Јoрдан, и бeшe oдвeдeн oд Духoт вo
пустина (Лк. 4:1).
Видeтe, браќа, штo значи да бидeш испoлнeт сo Свeтиoт Дух Бoжји. Бeз Бoжјиoт Дух
чoвeкoт e испoлнeт сo грижи кадe и какo ќe oди. А сo Духoт Бoжји чoвeкoт e бeз тиe грижи.
Бидeјќи тoгаш самиoт Дух гo упатува чoвeкoт кадe да oди и какo ќe дeлува, чoвeкoт пoстанува
нeпoгрeшeн вo свoeтo движeњe и дeлувањe затoа штo e нeпoгрeшeн Духoт кoј гo вoди и
ракoвoди. Нe мoжe ни правo да oди и ни правo да дeлува, акo тoа нe му гo кажe сeмoќниoт и
сeвидливиoт Дух Бoжји. Кoјштo нe сe ракoвoди oд Свeтиoт Дух Бoжји, тoј сe ракoвoди или сo
свoјoт сoпствeн дух или сo лoшиoт дeмoнски дух заради штo пoстанува нeмoќeн, oзлoбeн,
oжалoстeн, гнeвeн и oчаeн. Ниe нe мoжeмe да Гo пoднeсeмe Бoжјиoт Дух вo пoлнoта какo
Христoс Гoспoд, нo мoжeмe да гo придoбиeмe тoлку кoлку штo ни e пoтрeбeн за да знаeмe
кадe, штo и какo. Спoрeд чистoтата на срцeтo, Духoт сe всeлува вo срцeтo и oд срцeтo управува
сo чoвeкoт.
Затoа Црквата тoлку чeстo ја пoвтoрува oваа мoлитва: “Цару нeбeсeн, Утeшитeлу,
Духу на вистината, пријди и всeли сe вo нас”. Бoжe, Дух Свeти, на Тeбe слава и вeчна
пoфалба. Амин.
Тропар, глас 1:
Радујсја благодатнија Богородице Дјево, из тебе бо возсија солнце правди, Христос Бог наш, просвјешчајај сушчија во тмје: веселисја и ти старче праведниј, пријемиј во објатија свободитеља душ наших, дарујушчаго нам воскресеније.

ДЕНЕСКА,3 ФЕВРУАРИ,СВЕТИ СИМЕОН БОГОПРИМЕЦ
Во времето на египетскиот цар Птоломеј Филаделф, Свети Симеон бил избран како еден од прочуените Седумдесетмина на коишто им била доверена работата на преведување на Библијата од еврејски на грчки јазик. Симеон ја работел својата работа совесно, но кога го преведувал Пророкот Исаија и дошол до пророштвото: „Еве девица ќе зачне и ќе роди син”, тој се збунил, зел нож за да го избрише зборот „девица” и го заменил со „млада жена” за така и да го преведе на грчки. Но во тој миг му се јавил ангел Божји и го одвратил од неговата намера, објаснувајќи му дека пророштвото е вистинито и дека запишаното е точно. А дека е вистинито и точно, му кажал Божјиот известител дека ќе се увери и самиот, зашто по Божја волја нема да умре дури не Го види Месијата роден од девојка. Праведниот Симеон му се израдувал на ваквиот глас од небото, го оставил пророштвото неизменето и Му заблагодарил на Бога што го удостојува да доживее да Го види Ветениот. Кога Исус како Младенец беше донесен во ерусалимскиот храм од Дева Марија, за ова Духот Божји му јавил на старецот Симеон, кој тогаш бил престарен и бел како лебед. Симеон брзо отишол во храмот и таму Ја препознал Дева Марија со Младенецот, според светлината што зрачела од нив како ореол. Радосен старецот Го зел Христа во своите раце и Го замолил Бога да го отпушти од овој живот: „Сега отпушти го Твојот слуга, Господи, според зборовите Твои, зашто очите мои го видоа спасението Твое”. Тука била и пророчицата Ана, ќерка Фануилова, која и самата Го познала Месијата и му Го објавила на народот. Ана тогаш имала осумдесет и четири години. Наскоро потоа Свети Симеон се преставил пред Бога. Праведниот старец Симеон се смета за заштитник на малите деца.

ДЕНЕСКА, 10 ФЕВРУАРИ, СВЕТИ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ХАРАЛАМПИЕ
Овој голем светител бил епископ во Магнезија и пострадал за Христа во својата стотринаесета година. Кога настанало големото гонење на христијаните во времето на царот Септимиј Север, старецот Харалампие не се криел од гонителите, туку слободно и јавно ја проповедал верата во Христа. Сите маки ги претрпел како во туѓо тело и кога од него му ја одрале кожата, незлобниот старец им рекол на царските војници: „Ви благодарам браќа што ми го истругавте старото тело, вие го обновивте мојот дух за нов и вечен живот“.
Свештеномаченикот Харалампиј направил многу чуда и многумина обратил во верата. Дури и царската ќерка Галина го напуштила многубоштвото на својот татко и станала христијанка. Откако бил осуден на смрт и бил изведен на губилиштето, светиот Харалампије ги кренал рацете кон небото и се помолил на Бога за сите луѓе, Бог да им даде телесно здравје и душевно спасение, и да им ги умножи земските плодови. „Господи, ти знаеш дека луѓето се крв и месо; прости им ги гревовите и излијај Твојата благодат на сите“! После молитвата овој светец ја предал својата душа на Бога пред џелатот да го спушти мечот на неговиот врат. Пострадал во 202 година. Неговото тело го зела Галина и чесно го погребала.
Тропар глас 4:
Мученик твој Господи Харалампије во страданији својем вјенец пријат нетљениј от тебе Бога нашего; имјејај бо крјепост твоју мучитељеј низложи, сокруши и демонов немошчнија дерзости; того молитвама спаси души нашја.

ДЕНЕСКА, 11 ФЕВРУАРИ, СВЕТИОТ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ГЕОРЃИЈ КРАТОВСКИ
Светиот великомаченик Георѓиј бил роден во градот Кратово. По занает бил златар, но во срцето и со сета душа бил христијанин. Имал осумнаесет години кога Турците сакале да го потурчат, но останал тврд во верата како прекрасен дијамант. Тогаш Турците го мачеле со најтешки маки и најпосле жив го запалиле. Светиот Георѓиј пострадал за Христа на 11 февруари 1515 година во Софија, во времето на царот Селим и се прославил со невенлива небесна слава.
Тропар, глас 4:
Во трпение на многу подвизи твои Георѓиј, си поднел смрт и оган, и по својот свршеток, во редот на мачениците, си примил од Христа венец кој не венее, и сега во земјата на кротките живееш, блажен. Моли Го Христа Бога, на душите наши да дарува голема милост.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

ДЕНЕСКА, 14 ФЕВРУАРИ, СПОМЕН НА СВЕТИ АКСЕНТИЈ И СВЕТИ КИРИЛ СЛОВЕНСКИ
Преподобен Аксентиј бил многу угледен властодржец во Цариград меѓу дворјаните на царот Теодосиј Помладиот. Бидејќи бил загреан со љубовта Христова, Аксентиј се замонашил и живеел уште не долго време во Цариград. Кога почнало пофално да се зборува за него, тој побегнал од човечките пофалби и се населил на една гора близу Халкидон, која подоцна се прославила како Аксентиева гора.
Нему не му се остварила желбата да остане таму за секогаш скриен од луѓето, зошто го пронашле овчари кои ја разгласиле веста. И почнале кај него да донесуваат болни на исцелување, при што тој исцелил многумина. На слепи им го вратил видот, лепрозните ги очистил мачкајќи ги со елеј, и многумина ги ослободил од демони. Сето тоа било за воодушевување, но неговата смиреност била уште повеќе за воодушевување. Секогаш кога го молеле некого да исцели, тој се бранел со зборовите дека и тој е грешен човек! Но бидејќи бил принуден од многуте молби, тој му пристапувал на исцелувањето на следниве начини: или ги повикувал сите присутни заедно со него да се помолат на Бога за болниот; или прво ја утврдувал верата во луѓето а потоа им зборувал дека Бог ќе им даде според верата; или зборувал над главата на болниот: те исцелува Господ Исус Христос! Тоа се правел само од причина чудотворството да не му се припише нему, туку на Семоќниот Бог. Преподобен Аксентиј учествувал на Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон и силно го штител Православието од ереста на Евтихиј и Несториј. Тој ја предал душата на Бога во 470 година.
Тропар, глас 1:
Како пустински жител и во тело Ангел и чудотворец, си се покажал богоносен отче нач Аксентиј. Со пост, бдеење и молитва, небесни дворови си примил, исцелувајќи ги болестите на оние кои со вера ти доаѓаат. Слава на Оној кој ти даде сила, кој те прослави и кој преку тебе на сите им дарува исцелување.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

СВЕТИ КИРИЛ СЛОВЕНСКИ
Родени браќа родум од Солун, од угледни и богати родители, Лав и Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу Македонските Словени. Потоа се оддалечи на гората Олимп и се предаде на монашки подвиг. Овде подоцна му се придружил и Кирил (Константин). Но кога хазарскиот цар Каган побара од царот Михаил проповедници на верата во Христос, тогаш на заповед на царот биле пронајдени овие двајца браќа и биле испратени меѓу Хазарите. Откако го увериле Каган во верата Христова, тие го крстиле овој цар и голем број негови доглавници и уште помногуброен народ. По извесно време се вратиле во Цариград, каде што ја составиле словенската азбука од триесет и осум букви и почнале да ги преведуваат црковните книги од грчки на словенски. На повик од царот Ростислав отишле во Моравија и таму ја распространиле и ја утврдиле православната вера, па ги умножиле книгите и им ги давале на свештениците за да ја подучуваат младината. А подоцна на повик од папата заминале за Рим, каде што Кирил се разболел и умрел, на 14 февруари 869 година. Тогаш Методиј се вратил во Моравија и до смртта се потруди на утврдувањето на Христовата вера меѓу Словените. По неговата смрт – а тој се упокоил во Господа на 6 април 885 година – неговите ученици Петочисленици, на чело со Свети Климент како епископ, го преминале Дунав и се спуштиле на југ во Македонија, каде што од Охрид продолжиле да работат меѓу Словените на истото дело што го започнале Методиј и Кирил на север.
Тропар, глас 4:
Како на Апостолите еднакви со животот и учител на словенските земји, Богомудри Кирил и Методиј, молете го Господарот на се да ги зацврсти сите словенски народи во Православието и едномислението, да подари на светот мир и на душите наши голема милост.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

ДЕНЕСКА, 17 ФЕВРУАРИ, СВЕТИ МАЧЕНИК ТЕОДОР ТИРОН
Зборот Тирон значи војник. Кога Свети Теодор стапил во војска, во мармаритски полк, во градот Амасија, отпочнало гонењето на христијаните од страна на царевите Максимијан и Максимин. Бидејќи Теодор не сакал да крие дека бил христијанин, веднаш бил фрлен во темница, а темницата заклучена и запечатена, зошто нечесниот судија сакал Теодор да го усмрти со глад. Во темницата, на Теодор му се јави Господ Исус Христос и го охрабрил маченикот велејќи му: „Не се плаши, Теодоре, Јас сум со тебе, не земај веќе земска храна и пијалок, зошто ќе бидеш во другиот живот. Вечен и неминлив, со Мене на небесата“. Тогаш се јавило мноштво на ангели во темницата и таа целата се осветлила, и стражарите ги виделе ангелите облечени во бело и многу се уплашиле. Потоа Свети Теодор бил изведен на мачење и осуден на смрт, фрлен во оган. Ја предал својата света душа на Бога во 306 година.
Тропар глас 2:
Велија вјери исправљенија, во источницје пламене, јако на водје упокојенија, свјатиј великомученик Теодор радовашесја; огњем бо всесожегсја јако хљеб сладкиј Тројице принесесја, того молитвами Христе Боже спаси души нашја.

ДЕНЕСКА, 18 ФЕВРУАРИ, СВЕТИ ЛАВ РИМСКИ
Свети Лав Римски бил роден во Италија од благочестиви родители. Прво бил архиѓакон кај папата Сикст III, a по смртта на папата, преку неговата волја, бил ставен на престолот на римски папа. Кога Атила дошол во близина на Рим со Хуните и се спремал да го разори и изгори градот, Свети Лав излегол пред него во архиерејска одежда, го укротил гневот на хунскиот водач за да ја отклони пропаста на Рим. Атила морал да се уплаши од визијата пред себе на апостолите Петар и Павле кои стоеле покрај Лав и со огнени мечеви го спречувале Атила.
Свети Лав не само што го спасил Рим, туку многу помогнал во спасувањето на Православието од ереста на Евтихиј и Диоскор. Оваа ерес се состоела во сливањето на боженствената и човечката природа Христова во едно следствено, во одрекувањето на двете волји во личноста на Господ Спасителот. Заради тоа бил свикан Четвртиот Вселенски собор во Халкидон, на кој било прочитано посланието на Свети Лав кој ја положил на гробот на свети Петар. Пред смртта поминал четириесет дена во пост и молитви на гробот на апостол Петар молејќи го да му јави дали гревовите му биле простени. Апостолот му се јавил и му рекол дека сите гревови му се простени, освен гревовите при ракоположувањето на свештеници. Светителот повторно припадна на молитва додека не бил известен дека му се простени и тие простени. Тогаш мирно ја предал душата на Господ во 461 година.
Тропар глас 8:
Наставнику на Православието, учителе на побожноста и чистотата, светилнику на вселената, боговдахновен украс на архиереите, Лаву премудар, со твоето учење сите ги просвети, кавалу духовен, моли го христа Бога, да ги спаси душите наши.

ДЕНЕСКА, 20 ФЕВРУАРИ, СВЕТИ ЛАВ ЕПИСКОП КАТАНСКИ
Свети Лав, овој угодник Божји, бил од областа Равенска, син на благородни и побожни родители. Поради чистотата на својот живот и разум, тој, според законот, ги поминал сите степени на свештенство, почнувајќи како црковен економ. Кога катанскиот епископ Савин се упокоил, по Божји избор, Лав го зазел епископскиот престол во градот Катана на Сицилија. Откако станал епископ, Свети Лав почнал да ги извршува должностите на својот чин: да се грижи за сирачињата, вдовиците, болните. Сите нив тој ги хранел и облекувал од црковниот имот, а болестите на луѓето ги лечел со своите молитви. Тој бил милостив татко на децата и нежен пастир на своето стадо, но исто така и страшен како лав кон демоните и нивните служители. Тој изградил храм на светата маченичка Лукија (се слави на 13 декември), претходно урнувајќи еден идолопоклонички храм.
Во негово време, во Катана имало некој магионичар Илиодор кој бил роден од христијански и чесни родители и просветен со свето крштевање. Но, подоцна, тој тајно се одрекол од Христа и се предал на демоните откако се научил на маѓии од некој Евреин. На изглед бил ист како христијанин, но во суштина бил служител на демоните и голем магионичар. Тој правел необични и страшни магионичарски чуда што ги терал луѓето несвесно да прават работи несекојдневни за нив и тоа пред сите луѓе. Тој дури претворал камења во злато, но на кусо време. Со своите магии благородните девојки, ќерки на угледни граѓани со висока положба, толку многу ги распалувал со похотливост и бесрамност што тие ги напуштале своите домови и родители и оделе на разни места само заради блуд. Кога за него биле известени Свети Лав и неговиот син Константин, тие наредиле да го фатат. Но тој самиот им се предал и кога бил изведен пред царот, тој бил осуден на смрт. Но овој магионичар пред очите на царот се направил невидлив и повторно се вратил во Катана. По вторпат бил доведен во Цариград и осуден на смрт: главата да му се отсече со меч. Но, кога џелатот го подигнал мечот над неговата глава и кога замавнал силно, магионичарот станал невидлив и мечот удрил во празно. И повторно Илиодор се вратил во Катана.
Христовиот светител, Лав, често пати го советувал Илиодор да го остави магионичарството и со покајување да се врати на Бога, но без успех. Магионичарот не само што не се поправил, туку тргнал да прави уште поголемо зло: се дрзнал и самиот Божји архиереј да го исмее со помош на своите магии. На еден празник, за време на богослужбата која ја служел Свети Лав со целокупното свештенство во црквата која била преполна со луѓе, Илиодор влегол во црквата божем како христијанин и почнал кришум да прави магии. И веднаш некои од луѓето почнале да копаат со нозете како мазги, други да рикаат како стока, трети да се смеат како луди, четврти да се караат. Тој им се пофалил дека можел да направи и самиот епископ заедно со сите свештеници да скокаат како да играат на некаква музика. Дознавајќи ја неговата намера, Божјиот светител се поклонил на колена пред Божјиот престол и откако усрдно се помолил, станал, излегол од олтарот и му се приближил на Илиодор, го врзал со омофорот за врат, зошто магионичарот ја изгубил својата сила, и го одвел на градскиот плоштад. Тука му наредил на народот да донесат дрва и да се запалат оган. Кога огнот се разгорил, тој застанал сред огнот и го вовлекол и Илиодор. Светителот стоел сред огнот држејќи го магионичарот и не излегол од огнот додека бедниот магионичар целиот не изгорел. Тогаш Божјиот архиереј повторно се вратил во црквата и ја довршил божествената служба.
Ова преславно чудо ги зачудило сите бидејќи не само што светителот воопшто немал траги на изгорено, туку и одеждата негова не била зафатена од огнот, бидејќи росата на Светиот Дух го обиколувала сред разгорениот оган. За ова чудо се слушнало на секаде, а кога царевите дознале за овој настан, го повикувале светителот кај нив и го дочекувале со големи почести. Тие му се поклонувале до неговите нозе и го молеле да се моли за нив. Кога светителот влегувал во царските палати, носел жар во својата одежда и таа не се запалувала.
Овој голем Божји угодник направил и други чуда: на слепи им го враќал видот, болни исцелувал, изгонувал ѓаволи од луѓе, со молитва урнал идолски храм, а идолите со збор ги разбивал.
Свети Лав во длабока старост се претставил пред Господа. Токму во тоа време во градот Катана, од сиракуската митрополија, дошла жената на некој сенатор која боледувала од течење на крв. Многу години била болна, а лекарите не можеле да и помогнат. Кога таа слушнала за Свети Лав, дека со молитва ги исцелувал луѓето од болести, дошла во Катана. Но кога стасала до градската капија, слушнала ѕвонење на ѕвона кои објавувале нечија смрт. Таа се распрашала и дознала дека тие ѕвонеле за Свети Лав. Тоа многу ја растажило и веднаш отишла кај упокоениот и кога дошла го допрела неговиот одар и во тој момент течењето на крв престанало и таа целосно оздравела. Неговото свето тело било закопано во црквата на светата маченичка Лукија. Од неговите свети мошти потекло мирисно миро кое исцелува од секаква болест, во слава на нашиот Господ Исус Христос.
Тропар, глас 4:
Вистината те објави на твоето стадо како правило на верата, образец на кроткоста и учител на воздржувањето. Заради тоа со смирение си стекнал високи почести, а со сиромаштијата богатство: Оче Лаве, моли го Христа Бога да ги спаси нашите души.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

ДЕНЕСКА, 24 ФЕВРУАРИ, ПРВО И ВТОРО НАОЃАЊЕ НА ГЛАВАТА НА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ
Кога царод Ирод наредил да му се исече главата на Свети Јован Крстител, непријателите на Претеча се уплашиле дека пророкот ќе воскресне и не дозволиле главата да му се закопа со телото. Иродијада наредила неговата глава да се фрли на куп од измет. Знаејќи каде била фрлена главата на Свети Јован Крстител, неговата мироносица ја пронашла и тајно ја погребала на Елеонската гора. Главата останала закопана таму се до IV век.
Првото наоѓање на главата се случило кога подвижникот Инокентиј ја купил земјата каде почивала главата, со цел на тоа место да изгради црква и монашка ќелија. Кога почнал да ги копа темелите, наишол на главата во глинен сад и препозна чија е. Плашејќи се да не падне во раце на безбожници, повторно ја закопал на истото место. По неговото упокојување, црквата која тој ја изградил, била напуштена и останала само урнатина.
Второто наоѓање се случило во 452 година. Во времето на царот Константин Велики (306 – 337), на двајца монаси кои биле на поклонение на ерусалимските светилишта, им се јавил на сон Св. Јован Крстител и им открил каде се наоѓа неговата глава. Монасите ја откопале, но брзо се докажало дека не биле достојни. Мрзливи да ја носат главата на Претеча, му ја дале на некој грнчар од Емес тој да ја носи, не кажувајќи му што има во вреќата. Претеча му се јавил на тој грнчар и му рекол да побегне од тие немарни монаси. Тој така и направил и главата останала кај него. Пред смрт тој ја предал на својата сестра, а потоа одела од рака во рака додека не дошла до рацете на монахот Евстратиј, кој ја сокрил во пештера. Набрзо покрај пештерата бил подигнат манастир. На игуманот на тој манастир, Маркел, во сон му се јавил Свети Јован Крстител и му ја открил тајната на местото на неговата глава. Така во 452 година, по вторпат била пронајдена главата на Св Јован Претеча и тогаш била пренесена од Емес во Халкидон, а од таму во Цриград.
Тропар, глас 4:
Главата на Претеча, засветувајќи од земјата испушта светлост вечна и на верните исцелување. На Небото свикува собир на Ангели и на Земјата го повикува човечкиот род сложно да вознесат слава на Христа Бога.

ДЕНЕСКА ТЕОДОРОВА САБОТА
Празникот Теодорова сабота, Тодорова сабота или Тодорица е посветен на настанот кој се случил во врска со Св. великомаченик Теодор Тирон и пченицата. Кога царот Јулијан Отпадник наредил целата храна на плоштадот да се испрска со крв за христијаните се осквернат, Свети теодор му се јавил на градскиот епископ Евдоксиј и му рекол на народот да му нареди да јаде само варена пченица. Во спомен на овој настан, во петок после литургијата на Претходноосветените дарови се пее молбен какнон на Свети великомаченик Теодор кој го напишал преподобниот Јован Дамаскин. Првата сабота на Велигденскиот пост во Ерусалим била посветена на Свети теодор веќе во VII век, а канонот на Св. теодор кој се пее на утринската го напишал Митрополитот Јован Евхаитски во XI век. Теодоровата сабота е првата сабота од Велигденскиот пост и заради тоа не е статичен празник кој спаѓа во Воскресниот циклус на празнувања. Денот е посветен на Светиот великомаченик Теодор Тирон, кого Црквата го слави на 17 февруари, а во Теодоровата сабота се слави споменот на неговото јавување на Епископот Евдоксиј, првата сабота од првата седмица на Постот.

This entry was posted in Синаксар. Bookmark the permalink.

Comments are closed.