МАКЕДОНСКА ВИСТИНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА СИНАКСАР ЈАНУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР,ГО ЧЕСТВУВА

ДЕНЕСКА, 1 ЈАНУАРИ, ОБРЕЗАНИЕ ГОСПОДОВО
Осмиот ден по своето раѓање, нашиот Господ Исус Христос бил однесен во храмот за да го исполни законот на обрезување уште од времето на Авраам. Тогаш Тој го доби името Исус кое уште пред Неговото зачнување Архангел гаврил и го јави на Пресвета Дева Марија. Ова Старозаветно обрезување претходи на Новозаветното Крштевање, а самиот тој чин на обрезување на нашиот Господ, ни укажува дека Тој навистина на себе го земал човечкото тело, а не привидно. Всушност Тој сакал да го исполни и својот закон кој го даде преку пророците и праотците, зошто Тој кажува: „Не дојдов да го укинам законот, туку да го исполнам“ (Мат. 5, 17). Како таков беше обрезан и Неговата крв потече и почувствувал болка и плачел како што доликува на секој човек. Симболиката се гледа во тоа што бил обрезан по тело за нас да ни воспостави духовно обрезување, зошто со Неговото обрезување се завршува Стариот Завет кој се врзува само за телото и се зачнува Новиот духовен Завет. Ете заради тоа човекот е должен покрај своето тело да го обрезува духовните страсти, а тоа се: гнев, завист, гордост, нечистотија и гревовни желби. Обрезанието во Стариот Завет е воспоставено како Крштевање и очистување од прародителските гревови, иако овој грев не може да се очисти така се до Господовото доброволно пролевање на крвта за нас, и Ноговото страдање. Тој беше човек, но без човечки гревови и натприродно роден од безгрешна мајка и Нему не Му беше потребно да го трпи она што било пропишано со Закон, но бидејќи дошол за да ги земе на себе гревовите на светот, го претрпе и Тој Обрезанието како и секој грешник. Така започнува Неговото страдање за нас и почна да пие од чашата кој морал да ја испие се до дното. При Обрезувањето ја проли Тој својата Крв од еден дел од своето тело, а на крај од целото тело и тоа во потоци. Уште како дете бил навикнат на страдања и болка и почнал многу рано да страда.
Неговото име Исус во превод значи Спасение и неговата сила е очигледна бидејќи тоа ги одушеви ангелите и ги уплаши ѓаволите. Тоа име е силно оружје, како што кажува и Св. Јован Лествичник: „Секогаш со Исусовото име удри ги противниците зошто појако оружје нема да најдеш ни на небото ни на земјата“.
Зошто Господ Исус Христос за оној кој се приближува до Негое просветлување на умот, убавина на душата, оздравување на телото, помошник во неволја, радост во жалост.
Поради сето ова е многу важно Обрезанието Господово, со кое Тој го исполни Законот, а после го замени со Крштевање во Својата Црква.
Тропар (глас 1)
Исусе кој седиш на престолот со светло како оган, меѓу ангелите, со беспочетниот Твој Отец и со Твојот Боженствен Дух, си благоизволил да се родич на земјата од немажена девојка, Твојата мајка. Заради тоа и си бил обрезан како осумдневно дете. Слава на Твојата добра одлука, слава на Твојата промисла, слава на Твоето снисходување, Единствен Човекољубец!
Нека Господ Бог Благослови, на многаја лјета!

img_ftp_large_sv_Vasilij
ДЕНЕСКА, 1 ЈАНУАРИ,СВЕТИ ВАСИЛИЈ ВЕЛИКИ
Свети Василиј Велики бил влијателен теолог и епископ на Кесарија во Кападокија (во Мала Азија). Се смета за основач на општежителната монашка традиција во источното христијанство.
Набрзо по својата смрт е прогласен за светител: Православната Црква го слави на 1 јануари. Св. Василиј Велики, неговиот брат Григориј Ниски и пријателот Григориј Богослов се нарекуваат кападокиски црковни отци. Нивната мајка се слави како Света Емелија.
Роден е околу 330 година во угледно семејство во Кесарија, главниот град на Кападокија, од татко Василиј и мајка Емелија. Неговото семејтво имало христијанска традиција – еден дедо му бил маченик од времето на прогоните, а вујко му бил епископ. Како млад го напуштил родниот град одејќи да се школува во Атина во периодот меѓу 351 и 356 година, каде учел филозофија, граматика, реторика, астрологија, физика и останати науки од тоа време, кај познатиот учител Евула. Покрај него имал и други учители: Химериј и Преоресиј. Негови школски другари му биле Гријориј Богослов, Јулијан, подоцна цар отпадник и Ливаниј софист.
Откако се вратил дома околу 356 година, започнал кариера на правник и ретор, но една година подоцна, средбата со големиот аскет и епископ Евстатиј Савестиски од корен му го изменил животот. Тој наскоро ја напушта својата правничка професија за да го посвети својот живот на Бога. Вака тој го опишува своето духовно будење:
“Залудно поминав многу време на глупости и ја поминав речиси целата своја младост во бесплодна работа приврзан за учење на мудрости кои се за Бог лудост. Одеднаш, се разбудив од длабок сон. Го забележав прекрасното светло на евангелската вистина и ја препознав ништотијата на мудроста на владарите од овој свет.“
Откако го примил крштевањето во 357 година посетил манастири во Палестина, Египет, Сирија и Месопотамија, учејќи се на подвижништво и монаштво. Во Египет кај архимандритот Порфириј поминал една година во аскетизам, хранејќи се само с зеленчук и овошје. После тоа отишол на аџилак во Ерусалим. Набрзо и самиот станал аскет собирајќи околу себе група монаси вклучувајќи го својот брат Петар, на семејниот имот близу градчето Анесија на црноморскиот брег.
Свети Василиј бил вознемирен од општото прифаќање на аријанскиот симбол на верата на соборот во Риминија кој бил одржан во 359 година, а особено тоа што неговиот архиепископ, Дијаниј, од Кесарија, го поддржал аријанството. Тој се враќа во град каде епископот на Кесарија, Ермоген, околу 364 година го ракоположил за свештеник. Во градот Кесарија гради добротворни установи за општа помош: азили, болници и народни кујни, познати под името „Василијади“. По смртта на Ермоген, за епископ бил поставен Евсевиј кој бил наклонет кон Василиј. Поради тоа Василиј повторно се повлекува во Анеса каде го привлекол и Григориј Низијанзин. Тука заеднички собрале монаштво и напишал устав на монашкиот живот. Во тој живот им помагала и Емелија, мајката на Василиј, која живеела во близина и се грижела за нивната храна.
Меѓутоа епископот Евсевиј се обрати на Василиј со писмо на помирување, да се врати и да помогне на црквата против аријанците. После смртта на епископот Евсевиј (370 год) е избран за епископ на Кесарија и таа служба ја вршел наредните десет години, до својата смрт, 1 јануари, 379 година. Во тоа врме цар бил Валенс (364-378), кој го прифатил аријанството и со кој Св. Василиј имал проблеми заради своето застапување на Никејскиот Символ на верата. Кога Валенс во 371 година поминал низ Кесарија, Василиј драматично се спротивставил на барањето на царот да му се покори. Св. Василиј Велики се упокоил набрзо по загинувањето на царот Валенс во битката кај Хадријанполе, по што бил отворен патот на победата на Василиевата теологија. Неговата смрт била нашироко оплакувана, а тој набрзо бил прогласен за светец.
Тропар, глас 1:
Во всју землју изиде вјешчаније твоје, јако пријемшују слово твоје, имже богољепно научил јеси, јестество сушчих ујаснил јеси, человјеческија обичаји украсил јеси, царскоје свјашченије, отче преподобне Василије, моли Христа Бога спастисја душам нашим.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

ДЕНЕСКА, 4 ЈАНУАРИ, СОБОР НА СВЕТИТЕ СЕДУМДЕСЕТ АПОСТОЛИ
Покрај Дванаесеттемина големи апостоли, Господ избра уште седумдесетмина други, помали апостоли и ги испратил на проповед на Евангелието, и тоа сѐ двајца по двајца пред лицето Свое во секој град и место, говорејќи: „Еве, Јас ве испраќам како јагниња меѓу волци” (Лука 10, 1 – 5). Но како што еден од Дванаесеттемина, Јуда Искариот, отпадна од Господ така и некои од овие Седумдесетмина отстапија од Бога, но не со намера за предавство туку поради човечка немоќ и маловерност (Јован 6, 66). И како што местото на Јуда беше пополнето со друг апостол така и овие места биле пополнети со други избраници. Овие апостоли се труделе да го извршат истото дело како и Дванаесетте големи апостоли и им биле помошници на Дванаесеттемина во ширењето и утврдувањето на Божјата Црква во светот. Тие претрпеле многу маки и пакости од луѓето и од демоните, но нивната тврда вера и ревносна љубов кон воскреснатиот Господ Исус Христос ги направија победници на светот и наследници на Царството Небесно.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

ДЕНЕСКА, 5 ЈАНУАРИ, ВОДОКРСТ (КРСТОВДЕН)
Кога царот Диоклецијан го објави гонењето на христијаните, никомидискиот епископ Теопемт бил првиот кој пострадал за Христа. Тој бил изведен пред царот и царот му се заканил со смртна казна ако не се одрече од Христа. На таа закана храбриот епископ одговорил: „Стои запишано: не се плашете од оние кои ви го убиваат телото, а душата не можат да ви ја убијат. Ти, цару, имаш власт над моето тело, прави со него што ти е мило“. По ова тој бил ставен на разни мачења. Царот повикал некој магионичар, Теон, со своите магии да влијае врз Божјиот човек. Теон растворил во вода најјак отров и му дал на Теопемт да ја испие. Тој ја прекрстил чашата и го испил отровот. Откако видел дека неговиот отров ништо не му наштетил на Теопемт, Теон се завртел кон царот и извикал: „И јас сум христијанин и му се поклонувам на Распнатиот“. Двајцата биле осудени на смрт. Теопемт го убиле со меч, а Теон жив го закопале во 298 година. Тие често пострадале за Христа и постанаа жители на Царството Небесно.
Тропар (глас 4):
Маченици Твои Господи, во страдањето свое примиле непропадлив венец, од Тебе нашиот Бог, зошто имајќи ја Твојата помош мачителите ги победија, и ја разорија немоќната дрскост на демонот. Со нивните молитви спаси ги душите наши.
Нека Господ Бог Благослови и на многаја лјета!

ДЕНЕСКА, 6 ЈАНУАРИ, БОГОЈАВЛЕНИЕ
БОГ СЕ ЈАВИ, ВАИСТИНУ СЕ ЈАВИ! На овој ден се празнува споменот на Христовото Крштевање на реката Јордан и јавувањето на Бога во вид на гулаб и гласот: „Ова е мојот Син и Него слушајте го“.
До својата 30-та година, нашиот Господ Исус Христос од луѓето ја криел својата сила и својата Боженствена семудрост, зошто во тоа време кај Евреите било забрането до 30-та година било кој да има свештеничко или учителско достоинство. Заради тоа, Господ, според Евангелието Божјо, се јавил кога дошло времето. Му се јави Бог на Св. Јован Претеча дека е време да оди во пустината и таму да крштева со вода и уште му рече да го крсти и оној на кого ќе види дека му се симнува Светиот Дух. Св. Јован Претеча беше оној кој го подготви патот на нашиот Господ. И тој го позна Оној Кого требаше да го крсти, Оној Кој беше испратен од Бога, зошто Исус му дојде, кој ги исполни сите Божји заповеди, и му остана уште оваа последната да се крсти.
Колку има симболика во тоа што Господ се крсти во 30-та година. Господ почекал до оваа возраст за да ги исполни сите Заповеди Божји и да ја освети нашата природа и да ни подари сила да ги победуваме сите страсти и да се чуваме од смртните гревои. Но тоа не значи дека и за нас важи истото и да чекаме зрело доба за да се крстиме, напротив, ние треба тоа да го направиме многу порано заради наше спасение и очистување на нашите души.
Бидејќи Тој немаше никаков грев, излезе веднаш од водата и му се отвори небото и Духот Божји во вид на гулаб слезе на Него. Голубот е симбол на чистотата и човекољубието и затоа во него се јавил Светиот Дух.
Празнувајќи го Господовото Богојавление треба да се потсетиме дека Господ никогаш не се јавувал без причина на тоа место. Овој празник ни го покажува Бога во вид на Троица едносуштна и неразделна. Така и секој од нас се крштева во вода и станува осиновен од Отецот на Светлината, со заслуга на Синот и со силата на Светиот Дух.
На овој ден во сите цркви и храмови се осветува вода која народот ја зема и ја носи во своите домови. Таа има духовно и лековито својство. Нејзината особина се гледа во тоа што во текот на целата година останува свежа и осветена. Се чува во посебни садови и се користи со искрена вера во болест или во било какав друга несреќа. На Богојавление може секој дел од домот да се попрска, но во останатите денови во годината не смее ништо да се попрскува. Здравите можат да ја пијат само ако претходно неколку дена постеле и се напиваат од светата вода наутро без претходно ништо да не ставаат во уста, исто како за Светото Причестување.
Тропар, глас 1:
Додека ти Господи си се крштевал, се покажа Светата Троица, зошто Отецот со глас сведочеше за тебе нарекувајќи те возљубен Син, а Духот во облик на голуб, ги потврди зборовите, Христе Боже, кој се јави и светот го просвети, слава на Тебе!
Кондак, глас 4:
Си се јавил денеска на Вселената Господи и светлината Твоја не засвети нас кои Ти пееме: Дојде и се јави, Светлино Непристапна.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!
sveti-jovan-300x200

ДЕНЕСКА, 7 ЈАНУАРИ, СОБОР НА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ
Бидејќи главната улога на Свети Јован се оствари на денот на Богојавление, древната Црква денот по Богојавление му го посвети на неговиот спомен. За овој ден се врзува и настанот со раката на Светиот Предвесник. Евангелистот Лука, кој посакал да го пренесе Јовановото тело од Севастија, во каде големиот Пророк бил убиен од царот Ирод во Антиохија, родното место на Св. Лука, успеал да ја пренесе само едната рака на Свети Јован, која во Антиохија ја чувале се до 10 век. Потоа била пренесена во Цариград, но во времето на Турците исчезнала оттаму. Свети Јован Крстител се прославува неколку пати во годината, но народот најмногу го празнува овој ден, на 7 јануари. Меѓу евангелските личности кои го опкружувале нашиот Спасител, тој има посебно место: и според начинот на доаѓањето во светот, и според улогата на Крстител на луѓето за покајание, и како Крстител на Месијата, најпосле и според трагичното заминување од овој живот. Се одликувал со толкава морална чистота што навистина можел попрво да биде нарекуван ангел одошто смртен човек. Меѓу сите Пророци Свети Јован е единствениот кој можел и со рака да Го покаже Оној за Кого пророкувал. За раката на Светиот Предвесник се раскажува дека секоја година на денот на неговиот спомен архиерејот Антиохиски ја изнесувал пред народот. Понекогаш таа рака се јавувала раширена, а понекогаш згрчена. Во првиот случај означувала родна и богата година, а во вториот неродна и гладна.
Тропар глас 2:
Памјат праведнаго с похвалами, тебје же довљет свидјетељство Господње, Претече, показал бо сја јеси воистину и пророков честњејшиј, јако и струјах крестити сподобилсја јеси проповједанаго, тјемже за истину пострадав радујасја благовјестил јеси и сушчим во адје Бога јавлшагосја плотију, в земљушчаго грјех мира, и подајушчаго нам велију милост.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

ДЕНЕСКА, 15 ЈАНУАРИ, ПРЕПОДОБЕН ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ
Преподобен Гаврил Лесновски живеел и се подвизувал во 10 век на Лесновската Гора кај Кратово, каде што му изградил црква на Св. Архангел Михаил. Направил многу чуда за време на животот и по смртта. Тој бил другар на Св. Прохор Пчински и Св. Јован Рилски. Свети Гаврил се упокоил во Господ кон крајот на 10 век.
Тропар глас 8:
Засакувајќи го Христа повеќе од се и украсувајќи се со кроткост, смирение и трпение, целиот свој земски живот си Му го предал. Затоа си се населил во Небесното семејство, удостојувајќи се со слава на праведник: Со нив моли се да се спасат душите наши.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

ДЕНЕСКА, 17 ЈАНУАРИ, БОГОНОСЕН ОТЕЦ АНТОНИЈ ВЕЛИКИ
Преподобен Антониј бил Мисирец, роден околу 250 година во некое село Кома близу Хераклеја. По смртта на неговите благородни и богати родители си го поделил наследството со својата малолетна сестра, ја згрижил кај некои роднини, својот дел им го раздал на сиромасите, а самиот во дваесеттата година од животот се посветил на подвижнички живот, како што тежнеел од детството. Најпрво се подвизувал во близина на своето село, но за да го избегне онеспокојувањето од луѓето, се оддалечи во пустина, на брегот на Црвеното Море, каде што како затворник поминал дваесет години не дружејќи се со никого освен со Бога преку непрестајна молитва, богомислие и созерцание, поднесувајќи ги неискажливо трпеливо демонските искушенија. Неговата слава се пронела по целиот свет и околу него се собрале многубројни ученици коиш ги поучувал со пример и со слово на патот кон спасението. За осумдесет и петте години од неговиот подвижнички живот само двапати отишол во Александрија, и тоа првиот пат да барал мачеништво во времето на гонењето на Црквата, а вториот на повик на Св. Атанасиј за да ја собори клеветата на Ариевците дека божем и тој ја прифатил Ариевата ерес. Се упокоил во сто и петтата година од животот, а зад себе оставил цела војска следбеници и ученици. Иако не бил наобразуван, им бил советник и учител на најучените луѓе на неговото време, каков што бил Св. Атанасиј Велики. Кога некои елински филозофи го искушувале со книжевна мудрост, Антониј ги засрамил со прашањето: „Што е постаро: разумот или книгата? И кое од тие двете е причина за другото?“ Засрамени филозофите се разотишле, зашто виделе дека самите имаат книжевно памтење без разум, наспроти разумот што го имал Антониј. Тој е човек кој го достигнал совршенството кое воопшто може да биде достигнато на земјата. Тој бил воспитувач на воспитувачите и учител на учителите; цели осумдесет и пет години се преобразувал себеси, па само така имал сила да ги преобразува и другите. Исполнет со многубројни години и добродетели, Свети Антониј се упокои во Господ во 335 година.
Тропар, глас 4:
Со природата си го подражавал ревнителот Илија, си ги следел патеките на Јован Крстител, оче Антоние, пустински си бил жител и вселената си ја утврдил со твоите молитви: Затоа моли го Христа Бога да ги спаси душите наши.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

ДЕНЕСКА, 18 ЈАНУАРИ, СВЕТИ КИРИЛ АРХИЕПИСКОП АЛЕКСАНДРИСКИ
По потекло благородник и близок роднина на Теофил, патријархот Александриски, по чијашто смрт самиот бИЛ посветен за патријарх. За време на својот живот водел три лути борби: со еретиците новацијани, со еретикот Несториј и со Евреите во Александрија. Новацијаните настанаа во Рим, а така се наречени по презвитерот Новацијан, нивниот ересоначалник. Се гордееја со својата добродетел, одеа облечени во бела облека, им забрануваа на другите брак и сметаа дека никој не треба да се моли за оние што извршиле смртен грев ниту да се прими назад во Црквата оној којшто еднаш отпаднал, колку и горко да се кае. Кирил нив ги победи и ги протера од Александрија, нив и нивниот епископ. Борбата со Евреите беше многу потешка и покрвава. Евреите се имаа засилено во Александрија уште од времето кога Александар Велики го основа тој град. Нивната омраза кон христијаните беше бесна и подмолна. Тие ги убиваа христијаните безмилосно и подло, ги труеја, ги распнуваа на крст. По долга и тешка борба Кирил издејствува кај Царот Теодосиј Помладиот да се протераат Евреите од Александрија. Неговата борба против Несториј, патријархот Цариградски, ја реши Третиот Вселенски Собор во Ефес. Со тој Собор претседаваше самиот Кирил, истовремено застапувајќи го и Римскиот папа Целестин, на негова молба, бидејќи тој од старост не можеше да дојде на Соборот. Несториј беше осуден, анатемисан и од царот прогонет на источната граница на царството, каде што и умре со ужасна смрт (зашто црви му го разјадуваа јазикот со којшто Ја хулеше Пресвета Богородица, нарекувајќи Ја Христородица). Откако заврши борбата, Кирил поживеа во мир и ревносно го пасеше стадото Христово. Се престави кај Господ во 444 година. Се вели дека тој ја составил „Богородице Дево, радувај се! “
Тропар,глас 3:
Засветливте со делата православни, погазувајќи ги сите зли учења, постанувајќи победници над нив, и сите со побожност ги збогативте и Црквата многу ја украсивте: Достојно го пронајдовте Христа Бога, кој ни дарува голема милост.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

ДЕНЕСКА, 18 ЈАНУАРИ, СВЕТИ АТАНАСИЈ ВЕЛИКИ АРХИЕПИСКОП АЛЕКСАНДРИСКИ
Свети Атанасиј Велики бил роден во Александрија во 296 година. Од детството бил наклонет кон духовниот призив. Бил ѓакон кај архиепископот Александар и го придружувал својот архиепископ на Првиот Вселенски Собор во Никеја. На овој Собор многу се прослави со неговата ученост, благочестие и ревност за Православието. Многу придонесе за побивањето на Ариевата ерес и за утврдувањето на Православието. Го напиша Симболот на Верата кој на Соборот беше усвоен. По смртта на Александар, Св. Атанасиј бил избран за архиепископ Александриски. Во архиепископскиот чин остана над четириесет години, иако не бил цело време на архиепископскиот престол. Речиси целиот свој живот бил прогонуван од еретиците. Од царевите најмногу го гонеле: Констанциј, Јулијан и Валент; од епископите Евсевиј Никомидиски со уште мнозина други; а од еретиците Ариј и неговите следбеници. Свети Атанасиј Велики бил принуден да се крие од гонителите дури и во бунар, во гроб, во приватни куќи, во пустини. На двапати бегал во Рим. Дури пред смртта едно време проживеал мирно како добар пастир сред своето стадо, кое вистински го љубело. Мал е бројот на светителите што се толку клеветени и толку злосторнички гонети како Свети Атанасиј, но неговата голема душа најпосле излгла победоносна од целата таа долготрајна и страшна борба. За совет, утеха и морална потпора често одел кај Свети Антониј, кого го почитувал како свој духовен отец. Човекот кој ја формулирал најголемата вистина мораше и да пострада за таа вистина, додека Господ не го упокои во Своето Царство во 373 година.
Кондак, глас 2:
Го рашири православното учење, исекувајќи ги трњата на ереста, умножувајќи го семето на верата со благодатта на Светиот Дух: Затоа со песни те славиме, Свети Атанасиј.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

ДЕНСЕСКА, 25 ЈАНУАРИ, СВЕТИ ГРИГОРИЈ БОГОСЛОВ, АРХИЕПИСКОП ЦАРИГРАДСКИ
Свети Григориј бил роден во Назијанз од татко Елин и мајка христијанка. Пред да се крсти учел во Атина заедно со Св. Василиј Велики и со Јулијан Отстапник. Често пати му пророкувал на Јулијан дека ќе биде отстапник од верата и гонител на Црквата, и навистина тоа се случило. Врз Григориј особено влијаела неговата мајка Нона. Кога го завршил школувањето го прими Светото Крштение. Свети Василиј бил ракоположен за епископ Сасимски, а царот Теодосиј Велики наскоро го повикал на испразнетиот престол на Цариградскиот архиепископ. Напишал многубројни дела од кои најславни му се богословските и заради што е и наречен Богослов. Особено значајно е неговото дело „Беседа за Света Троица”. Пишувал против еретикот Македониј, кој учел искривено за Светиот Дух (како Духот да е Божјо создание) и против Аполинариј, кој учел искривено за Христос дека немал човечка душа, туку дека Неговото Божество му било наместо душа. Пишувал и против царот Јулијан Отстапник, неговиот некогашен школски другар. Во 381 година, кога во Соборот настана расправија околу неговиот избор за архиепископ, тој се повлекол самиот, откако рекол: „Не можат да нѐ лишат од Бога оние што нѐ лишуваат од престолот”. Потоа го напуштил Цариград, отишол во Назијанз и таму до смртта поживеал во повлеченост, во молитва и во пишување корисни книги. Иако бил со слабо здравје цел живот, сепак доживеал осумдесет години. Моштите подоцна му ги пренеле во Рим, а главата му се наоѓа во Успенскиот Собор во Москва. Свети григориј Богослов бил и остана прекрасно светило на Православната Црква, како по кротоста и чистотата на карактерот така и по ненадминливо длабокиот ум. Се упокоил во Господ во 390 година.
Тропар глас 1:
Пастирските кавали на богословието твое, говорнички ги победи трубите, зошто како од длабочината на душата да е барана, се придодава на добрината на твојот глас: Затоа моли Го Христа Бога, оче Григориј, да ги спаси душите наши.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!

ДЕНЕСКА, 30 ЈАНУАРИ, ТРОЈЦАТА СВЕТИ АРХИЕРЕИ
Свети Василиј Велики, Свети Григориј Богослов и Свети Јован Златоуст, секој од нив има свој посебен ден на празнување во месецот јануари. Но овој заеднички празник бил востановен во XI век за време на царот Алексиј Комнен. Во една прилика настанало расправа меѓу народот околу тоа кој од овие тројца светители е најголем. Едни го воздигнувале Св. Василиј заради неговата чистота и храброст, други Св. Григориј за недостижната длабочина и висина на умот во богословието; трети го воздивнувале Свети Јован Златоуст со неговата чудесна благоглаголливост и јасност во изложувањето на верата. И така едни се нарекувале василијани, други григоријани, а трети јованити. По Божја Промисла овој спор бил решен во полза на Црквата и на уште поголема слава на овие тројца светители. Евхаитскиот епископ Јован имал видение во сон, имено: прво му се јавил секој од овие светители во голема слава и неискажлива чудесност, а потоа сите тројца заедно. Тогаш тие му рекле: „Ние сме едно во Бога, како што гледаш, и кај нас нема ништо противречно, … ниту има меѓу нас некој кој е прв или втор”. Светителите го посоветувале епископот да им напише една заедничка служба и да им се одреди еден заеднички ден за празнување. Со ова прекрасно видение спорот се реши на тој начин што 30 јануари се одреди како заеднички празник за тројцата Свети Архиереи.
Тропар, глас 4:
Вие кои сте со Апостолите еднакви и учители на Вселената, Владиката на сите молете Го: Да дарува мир на Вселената и на душите наши голема милост.
Кондак, глас 2:
Си ги примил, Господи, на местото на наслада и одмор Твоите угодници, свештени и богоносни проповедници и големи учители, зошто Ти си Единствен кој ги прославуваш Своите светители: Си ги примил нивните подвизи и смрт повеќе од секое изобилие.
Пост и вера – Василиј,
Богословие – Григориј,
Милосрдие – Златоусти,
Златоусти, Медоусти!
Работници на едно дело;
Тројцата особени – три ангели,
Тројцата заедно како Бог еден,
Никој главен или спореден.
Во вечноста сите се сложуваат,
Еден повикуваш – сите тројца помагаат.
На еден му пееш, сите тројца слушаат,
Еден славиш, тројца се радуваат.
Тројца мажи – едно цело,
Тројца Архиереи – едно дело,
Три имиња – една слава,
На сите тројца – Христос им е глава.
Нека Господ Бог благослови, на многаја љета, а на сите оние на кои денеска им е слава нека им е среќна слава, на здравје и спасение!

This entry was posted in Синаксар. Bookmark the permalink.

Comments are closed.