ТОЛКУВАЊЕ НА ПСАЛМ 117

ПСАЛМ 117
Благодарете Му на Господа, зошто е добар,
зошто е вечна Неговата милост.
2. Нека рече Израелевиот дом, зошто е добар,
зошто е до века Неговата милост.
3. Нека каже Ароновиот дом, зошто е добар,
зошто до века е Неговата милост.
4. Нека речат сите кои се бојат од Господа, зошто е добар,
зошто до века е Неговата милост.
5. Од неволји Го повикав Господа,
и ме послуша и ме ослободи.
6. Господ мене ми е помошник,
и нема да се плашам што ќе ми направи човек.
7. Господ мене ми е помошник,
и јас смело ќе ги погледнам непријателите свои.
8. Подобро е некој да се надева на Господа,
отколку да се надева на човек;
9.Добро е да се надеваш на Господа,
отколку да се надеваш на кнезовите.
10. Сите народи ме опкружија,
и со името Господово се одбранив од нив.
11. Ме опкружија од секаде,
и со името Господово се одбранив од нив.
12.Ме опкружија како пчелите саќта,
и пламнаа како оган во трње
и со Името Господово се бранев од нив.
13. Ме турнаа силно за да паднам,
и Господ ми помогна.
14. Господ е моја сила и песна,
Он ми е спасител.
15. Радост и спасение се слуша во шаторите на праведниците:
Господовата десница се прослави.
16. Господовата десница ме подигна,
Господовата десница се прослави.
17. Не, нема да умрам, туку ќе бидам жив,
и ќе ги кажувам Господовите дела.
18. Господ ме казни со тешка казна,
но на смртта не ме предаде.
19. Отворете ми ги ширум вратите на правдата,
ќе влезам и ќе му благодарам на Господа.
20. Ова се вратите на Господа,
праведниците ќе влезат низ нив
21. Ќе ти благодарам што ме послуша,
и што стана мој спасител.
22. Каменот што го отфрлија ѕидарите,
стана крајаголен камен.
23. Тоа е од Господа,
и прекрасно е во нашите очи.
24. Ова е денот што Господ го создаде,
да Му воскликнуваме и да Му се радуваме Нему!
25. О Господи, дај ни спасение!
О Господи, дај ни среќа!
26. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово,
ве благословуваме од Господовиот Дом.
27. Бог е Господ и ни се јави;
составете празник со гранчиња
до роговите на жртвеникот.
28. Ти си мој Бог, Тебе ти благодарам Боже мој,
Ти си мој Бог, ќе Те возвишам.
ќе Ти се исповедам Тебе, зошто ме послуша,
и ми беше на спасение.
29. Благодарете Му на Господа, зошто е добар,
зошто е до века Неговата милост.
Би сакал денес да Го прославиме Бога, зошто е очигледно дека Он не води и ни помага. Нема никакво сомнение дека Бог толку години не води кон Света Гора. Гледате ли како Он ги уреди нештата и ја отстрани секоја препрека и се најдовме на Света Гора, а можеше да се случат илјада други работи. И најдобрите намери, иако биле толку големи и јаки, се распрснувале, како што се распрснува еден мал бран. И Бог на крај ни помагаше. Должни сме да Му кажеме едно големо Алилуја.
Би рекол уште дека и при оваа прва средба, по нашето вселување во градината на Пресвета Богородица, треба да кажеме едно големо Алилуја на Бога, не само заради тоа што толку ни помага, туку и заради тоа што не избра и што ни укажа чест. Нашиот монашки призив, ние кои отидовме на Света Гора, но и вие кои живеете тука и кои ќе продолжите по монашкиот пат, патеката кон небесата, навистина е познавање на Бога, предвкус на Господа. Познавањето на Бога е едно сместување, едно Негово излевање во нашите срца, во нашиот ум. Едно просветлување. Зошто толку луѓе, на десетици илјади, кои се околу нас, не чувствуваат, не разбираат, не знаат ништо, зошто да живеат во толкаво незнаење, а ние да знаеме, да Го сакаме Бога, да мислиме на Него, да чезнееме по Него? Тоа е нешто што ние самите не би можеле да направиме. Тоа само и еднинствено Бог го направил.
Заради таа прегратка и таа чест која ни ја направи, зошто мислам дека не постои поголема чест, потребно е овој ден, кој претставува пресвртница на нашиот пат, да Му кажеме едно големо Алилуја. Колку години поминаа од денот кога го започнавме својот пат! Нашиот пат беше исполнет со препреки, со желби, со неволји. Колку пати вашиот живот бил само еден плач. Но тој плач и тие потешкотии се одвиваа пред Бога, тие беа еден принос пред Бога. Толку е трогателно тоа кога некој стои пред Господ. Да Му кажеме Алилуја и да Го прославиме, зошто Он е Бог наш. Но не само наш Бог, туку и Бог на целата Црква.
На Света Гора постојат неколку работи кои на најјасен можен начин го покажуваат ова што сега ви го говорам. Во Велика Лавра никогаш не именуваат економ. Пресвета Богородица ја сметаат за економ на манастирот. Мошне впечатливо: Преблагословена Богородица Економ на манастирот! Во останатите обителства не постои оној кој се нарекува Старец или Игунам. Поклонувањето на Светителот на манастирот или благословот на манастирот покажуваат сигурност на потполно единство на видливиот елемент кој е во обителството, со невидлив духовен елемент на Светителот – основачот на манастирот или со Пресвета Богородица или со самиот Христос.
Она што над се доминира во нашата Црква и во нашиот живот е Бог. Заради тоа сметам дека денешната наша средба треба да биде едно славословие на Бога. Со таа мисла го избрав најлесниот псалм, еден од најубавите, кој отсекогаш ми се допаѓал, да го протолкуваме, а не да го преведеме, зошто мислам дека во него нема ниту еден непознат збор, ниту било какви други потешкотии. Тоа е еден од псалмите кои се нарекуваат „Алилуја“ и кои почнуваат од 110-от псалм и се протегаат се до 117-от псалм.
Го избрав 117-от псалм зошто тој е некој вид псалм покрај кој се танцува. Мислиш дека душата која го чита танцува. И се чини дека Јудејците го пееле овој псалм со танцување. Тој е една пофалба, благодарност, еден израз на благодарност, славословие на Бога. Едно ставање на душата пред Бога. Кога Јудеецот го славослови Бога, тој Него не го замислува, ниту просто верува во Него, туку Го гледа. Значи Бог се наоѓа пред него и тој стои пред Бога. Тоа е многу јасно: не можеш да славословиш некого кого не го гледаш. Тоа е непосредно обраќање на душата кон Бога Кој е присутен. Значи, за некој да може со овој псалм да Му говори на Бога, би требало неговата душа да Го види, гледа Бога.
„Алилуја“ значи „фалете Го Господа“, Господ Кој е присутен. Душата треба да Го види, да Го гледа, за кон Него да покажува и да говори „Осана“. „Алилуја“ е една пофалба која, како прво претпоставува гледање на Бога, а како второ, брак со Бога. Меѓутоа, кога Бог е Женик на Својата Црква, тогаш Он е Женик на секоја душа во Црквата. Ова е една брачна пофалба кон Бога, во часот кога Христос се соединува со Црквата, со душата, во часот кога слугата го прави Свое „битие“, кога го соединува со Себе, го усвојува, го прима во Себе во часот кога слугата и Он или Црквата и Он постануваат едно. Значи „Алилуја“ е еден израз на славословие на Бога. Тоа не е само еден збор, туку една слика на најблиска поврзаност која би можел да замисли чист ум на еден богоносен човек.
Како што „никој не може да рече: Исус е Господ, освен преку Светиот Дух“ (1Кор. 12, 3), ако неговиот живот не е еден потрес, ако патот на неговата душа не врие со живот. Само таквиот човек може до крајот да сфати „Алилуја“. Во спротивно неговата душа не врие со живот. Само таков човек може до крај да го сфати зборот „Алилуја“. Во спротивно ќе биде како да чита некој странски јазик. Можеби го знае значењето на зборот „Алилуја“, но не може да ја почувствува неговата подлабока смисла.
„Алилуја“ како збор го содржи коренот кој значи: Бог (Јах) и изразува одушевување, движење на душата кога таа се соединува со Бога, кога во неа доаѓа до едно губење на личното чувство и едно познавање на Бога. Душата излегува од тоа соединување како еден ипостас, но не ипостас на Логосот, туку на човекот кој тогаш веќе е соединет со Бога. Јасно ви е дека моментот во кој Бог слегува и се соединува со човечката природа, по историјата, е момент на зачнување и раѓање на Христа. Тоа е момент во кој Бог се повинува, се снисходува, за да го грабне применото и да го прегрне и во Себе да го внесе. Тоа е моментот на овоплотувањето на Логосот, Синот Божји.
„Алилуја“ непосредно покажува дека се работи за еден месијански псалм, кој се однесува на Христа, зошто Христос е слегување на самиот Бог и Негово соединување со човечката душа. Ова е еден величенствен псалм кој може да биде почуваствуван од душа која вика и која е потресена.. Неговата величина е скриена зад едноставните и познати зборови кои не е можно да се објаснат и разберат на друг начин освен преку внатрешно искуство.
А сега да го погледнеме псалмот:
„Благодарете Му на Господа, зошто е добар,
зошто е вечна Неговата милост.
2. Нека рече Израелевиот дом, зошто е добар,
зошто до века е Неговата милост.
3. Нека каже Ароновиот дом, зошто е добар,
зошто до века е Неговата милост.
4. Нека речат сите кои се бојат од Господа, зошто е добар,
зошто до века е Неговата милост.“
Повторувањето на вториот полустих како припев, остава впечаток дека овој псалм се пее антифоно (наизменично од два хора). Некој би го зборувал првиот полустих и во продолжение сиот народ би одговарал со вториот полустих. Би претходело поттикнување од страна на еден дел од народот, а би следел извик од целиот народ.
Значи, ова е еден антифонски псалм кои Јудејците, по вавилонското ропство, го користеле кога оделе во Ерусалим за да се поклонат на Бога (Пс. 119, 133). Кога го здогледувале Ерусалим, ги извикувале овие псалмски зборови. Тоа биле луѓе кои тргнувале од далеку и кои за своја секојдневна храна ги имале псалмите. Кога се загревале нивните срца, не можеле ништо друго да говорат освен псалмите со „Алилуја“.
Овој псалм „Алилуја“ е во особена врска со нас, како и сите останати псалми, зошто тоа е последен псалм кој Господ го испеал кога, после Такната вечера, излегол и Се предал на страдање. Господ со едно вакво славословие се предаде во рацете на Своите непријатели. Ова е, значи, литургиски псалм.
Најверојатно е напишан во времето на Неемија, кога Јудејците се враќале и го пееле чекорејќи кон Ерусалим. Верувам дека почетоците на псалмот се поврзани со обновата на храмот. Знаеме дека Јудејците, откако од вавилонското ропство се вратиле во Ерусалим, и пред градењето на своите куќи, главно се труделе да постигнат два дела: да ги обноват ѕидините на градот и да го издигнат храмот. Пред да ги направат своите колиби, се погрижиле да го издигнат Божјиот Дом и ѕидините. Но, се сретнале со многу потешкотии, имало многу непријатели кои им го уривале она што го граделе, ден и ноќ ги убивале, им го краделе матријалот, го уривале нивното дело. Се чинело дека нивниот труд ќе потоне и пропадне, но успеале.
Верувам дека псалмот е поврзан со градењето на храмот, со поставувањето на темелите или со неговото осветување. Веројатно бил пеен при осветувањето на храмот и во продолжение, можеби, на секој празник на Поставувањето на шаторот кога Јудејците оделе во природа, боравеле во шатори и тука се сеќавале на маките свои, на своите прогонства, далеку од храмот, далеку од удобствата на секојдневниот живот (Неем. 8, 14-18). Таму, за да се загреат нивните срца, го пееле овој псалм, кој е еден од наједноставните и најубавите.
„Благодарете Му на Господа, зошто е добар“. Што значи „добар“? Тоа има значење на потполн, сам по себе, но и во однос кон другите, совршен во доблест. Затоа и во Новиот Завет се вели: „Никој не е добар освен единиот Бог“ (Мк.10, 18). „Добар“ означува нешто единствено. Бог е Единствениот кој е Добар. Бог е Единствениот Кој е Совршен. На кого или на што можеш да се поклониш, што друго можеш да прославиш, освен Бога? Бог е совршено, апсолутно само по себе Добро.
Но, Он е и нешто друго: „Зошто до века е Неговата милост“. Милоста Божја е излегувањето на Бога од самиот Себе. Апсолутен Бог, Единствен Кој постои, Единствен Кој е, се излева на своите созданија. Излевањето на Божјата благодат, излегувањето на Неговата енергија е Неговата милост. Оној кој слегува е навистина тој Бог Кој не е нешто недостапно, нешто што е надвор и над се, туку нешто што непрестајно се излева и постојано влегува во секоја душа. Бог постојано навлегува во нашиот живот, како што светлината влегува низ некоја пукнатина. Бог е апсолутно Битие кое непрестајно се соединува со нас.
Бидејќи Бог е таков, ние не можеме да направиме ништо друго освен пофално да повикаме: „Благодарете Му на Господа“. Кој да Му благодари на Господа? Веднаш тоа го кажува: „Нека рече Израелевиот дом, зошто е добар,зошто до века е Неговата милост.“ Сите вие Израелци, сите кои славете Поставување на шаторите, сите кои присуствувате на осветувањето на храмот, сите вие кои сега дојдовте да се поклоните на Бога, сите славословете, сите кажете „Алилуја“, зошто Господ е добар:„Зошто е добар, зошто до века е неговата милост“. Бог е Единствениот Кој постои и Единствениот Кој не оживува влегувајќи во нас.
„3. Нека каже Ароновиот дом, зошто е добар,
зошто до века е Неговата милост.“
Ни го покажува израелскиот народ кој се искачува и влегува во Храмот. И сите штом ќе го виделе храмот, веднаш ги извикувале овие зборови. Она што најмногу ги допира е свештенството кое е во храмот, зошто тие, таму далеку, во туѓа земја, немаат свештеници. Свештениците се покрај Жртвеникот, во храмот Божји. Затоа вели: целиот народ, особено вие „Ароновиот дом“(Излез, 28, 29) – Арон бил првосвештеник и „Ароновиот дом“ значи свештениците – сите вие кои сте свештеници, прославете Го Господа „зошто е добар „зошто до века е Неговата милост“.
„ Нека речат сите кои се бојат од Господа, зошто е добар, зошто до века е Неговата милост.“ Кои се тие кои се бојат од Господа? Тоа биле незнабошците кои поверувале на Законот, на Израелевиот призив и кои ги следеле Јудејците. Значи, напред вие свештеници, ние Израелци и потоа вие странци кои сте поверувале во Бога, сите заедно да речеме „Алилуја“. Овој повик се извикувал од сите додека се искачувале кон храмот.
„5. Од неволји Го повикав Господа,
и ме послуша и ме ослободи.“
Претходно, кога го толкувавме зборот „Алилуја“ и „Неговата милост“, видовме како апсолутниот Бог слегува и се соединува со душата. Тука имаме брак од човечко гледиште. Бог го прави тоа. Што правам јас за да се соединам со Бога? Како Бог ги водеше моите чекори кон спасението? Како ја подготвуваше мојата душа? Како е спреман тој чеиз на душата? Како ме удостои да се соединам со Него? Сето тоа е едно дело на Божјата благодат.
„Од неволји Го повикав Господа, и ме послуша и ме ослободи.“ Кој тоа го зборува? Предводникот на хорот излегува и во името на народот извикува. Што значи „неволји“? Пред се тоа се грижи, маки кои ги трпел Израелевиот народ и секоја душа. Дали постои човек кој нема неволји? Страшна работа! Неволјата е секојдневна тајна на секоја душа. Секоја душа која е покрај тебе, секој ден поднесува некое страдање. Неволјата е, пак, и најпозитивниот елемент во животот. Не е можно да се најде некоја душа која нема неволји. Во што е разликата? Во тоа што јас имам своја неволја, своја тајна, а ти своја. Јас не знам што ти трпиш. Ти не знаеш што јас трпам. Секој мисли дека само тој се мачи, или дека само тој има маки, а дека сите останати се добро. Затоа толку човечки говориме: Зошто Бог мене ме заборави? Но тоа е необогословено движење на човечката душа која не сака некогаш да Го засака и запознае Бога.
Што е вистината? Дека неволјата е она што ја кваси секоја душа и ја подготвува за таен брак. Таа не отргнува од човечката историја, од личниот живот и не прави соборни луѓе. Тајниот извик на секоја душа почнува со неволјата. Човекот кој нема неволји станува себичен, неспособен да Го засака Бога.
„Од неволји Го повикав Господа, и ме послуша и ме ослободи“, во својата неволја се сетив на Господа и го повикав и Он ме послуша и ме ослободи. Не само што ме избави од неволјата, туку и ме ослободи. Наместо да каже „ми ја зеде неволјата“, псалмопејачот вели: „ме послуша и не ослободи“. Зошто? Ми ја зеде ли неволјата? Секако бидејќи ме ослободи, ми даде широко срце, да ја прифатам неволјата, за да не ме боли. Ме научи во неволја да се чувствувам смирено и во болка да се радувам. Ме научи на тајната на среќата. Ме научи дека најдобртата состојба е кога викам кон Бога да ја прифатам мојата неволја. Ме научи да живеам со ширина, со големо срце кое се може да прифати.
„Од неволји Го повикав Господа“. Тие неволји излегуваат од една душа или од еден народ кој бил болен затоа што бил далеку од храмот Божји, од Ерусалим кој бил подножје на нозете Божји. Тоа била една душа која била болна и која горела за Бога. Значи неволјата е чувство на скратеност од Бога, чувство на странствување, стенкање на душата која го бара Бога сфаќајќи дека Он и недостасува, дека се е залудност и суета и дека Бог е Единствениот Кој е Добар, Единствен Кој постои, Единствен Кој навистина е.
Што значи: „од неволји Го повикав Господа“? Дека можам да Го разберам Бога и дека можам да Го повикам кога ќе сфатам дека ми недостасува, кога ќе ја почувствувам својата самотија, кога ќе ме заболи Неговото отсуство. Овде зборот „неволја“ има едно специфично значење: неволја на душата, болка на душата која сака да се соедини со Бога. „Од неволји“: со неволји, болка, внатрешен повик на моето битие кое не можело да остане соединето зошто му недостасувало врзувачко ткиво, Бог, затоа „Го повикав Господа“. Од адот, од своето ропство зошто ми недостасуваше мојата слобода, од својата смрт, од бездната на мојот очај, од длабочината на мојата темнина, зошто недостасуваше светлина, „Го повикав Господа“ (Пс. 17, 6). Треба да го почувствувам својот мрак и да кажам: „Ти го осветлуваш моето светило“ (17, 28), Боже мој. Да ја почувствивам својата голотија и да кажам: „зошто сите вие кои се крстивте во Христа, се облековте во Христа“ (Гал. 3, 27). Како ќе се крстам во Христа ако не почувствувам дека сум гол за да се облечам во Него? Како ќе се соединам со него ако немам чувство дека сум сламка во полето, во виорот? Секоја душа која е без Бога е вистинска сламка. Се истопив и почуваствував болка барајќи Го мојот Бог и Он тогаш „ме послуша“. Така Бог ми даде една ширина, една удобност, една радост, една можност да се соединам со Него.
Бог е Оној Кој апсолутно постои. Он е Оној Кој постојано се излева и се соединува со човекот, Кој прво: го сфати своето непостоење, дека не живее, дека не е светол; второ: Го разбира Бога; трето: Го повикува Бога, Го бара; и четврто: се шири, што е резултат на посетата, на милоста Божја. Бог ме послуша, ме допре мене лично. Бог го допира Израел, соединувајќи се со секоја душа, се соединува со Израел.
Значи, кога лично не се зближувам со Бога и кога не се соединувам со Него, останувам далеку од Неговиот таен брак, далеку од повикот на Црквата: „Алилуја“. И додека душата се шири, Израел повикува:
„6. Господ мене ми е помошник,
и нема да се плашам што ќе ми направи човек.“
„Господ мене ми е помошник“, историски ја покажува Божјата помош во враќањето на Израел и повторното градење на ѕидините на градот и храмот. Во човековиот личен живот, пак, покажува непосредно внатрешно искуство. Бидејќи јас се мачам заради Бога, болувам по Бога, Бог ќе дојде лично до мене и ќе ми даде она што сакам. Господ е мој помошник. „Од кого ќе се плашам?“
„И нема да се плашам што ќе ми направи човек“. Од ништо не се плашам, па и нека сум гол. Нека сум сламка која ветерот ја дува, така денеска се поклонува на земјата, а утре ќе се поклони на Бога. Нека згрешив денеска, утре ќе се подигнам. Нека сум се подвиткал, нека денеска што се унизив, утре ќе се воздигнам. Што може да ми направат моите непријатели? Што можат да ми направат народите кога мој помошник е Бог? И толку убаво повторува:
„7. Господ мене ми е помошник,
и јас смело ќе ги погледнам непријателите свои.“
„Господ мене ми е помошник“. Повторно тоа го говорам: Господ мене ми е помошник. „И јас смело ќе ги погледнам непријателите свои“. Што значи „смело ќе ги погледнам“? Ќе видам како оние кои ме удираат мртви паѓаат на земјата. Сетете се на убавиот 44-ти псалм кој го прикажува венчавањето на Христос, каде Он, со цел да се венча со Својата Црква, стоејќи на борбена кола, со оголен меч и подигнато копје, во огромен број фрла свои мртви непријатели (Пс. 44. 4, 6). Ќе ги видам насобрани, на земјата паднати, облеани со крв. Сигурен сум дека, соединет со Бога, јас ќе бидат победник на крај.
Затоа е полезно, вистинска полза е да не се надеваш на човек, туку единствено на Бога:
„8. Подобро е некој да се надева на Господа,
отколку да се надева на човек;
9.Добро е да се надеваш на Господа,
отколку да се надеваш на кнезовите.“
Ова е повторување на истото значење, повторно изнесување, и во исто време, градација. Полезно е, како што кажува искуството, да се надеваш само на Господ, а не на човекот, ниту на кнезовите, ниту на оние од кои се чини дека ќе произлезе победа и спасение (Пс. 145, 3).
„Добро е да се надеваш на Господа“. „Се надевам“ нема толку значење на „имам доверба“, колку што покажува зависност за некој човек која произлегува од доверба, предавање себеси на некого. Бидејќи имам доверба во него, зависам од него. Бидејќи зависам од него, станувам негов роб. Што значи: „Добро е да се надеваш на Господа“? Зборовите „да се надеваш“ изразуваат потполна зависност од Господ, потполно потчинување на моето битие. „Да се надеваш’ од искуство додава уште еден елемент и се создава една скала со значење: зависам и се потчинувам во надеж.
„Се надевам“ е „основа на се што се надеваме, и убедување за нештата што не се гледаат“ (Евр. 11, 1). За мене е „основано“ она што уште не постои. Се потчинувам на Господа гледајќи ја со очите на душата сета слава моја, сета моја величенственост, сиот чеиз мој, кој е царството Божје. Зошто надежта моја е нешто што ќе дојде во иднината. Ја живеам својата надеж, својата иднина. Живеам не како оној кој денес постои, не како човек од овој живот, туку живеам на начин кој го соединува овдешниот и идниот живот. Живеам есхатолошки начин. Живеам како бесмртен. Се потчинувам на Бога, страдајќи за Него, за да живеам во Него. Просторот и времето за мене се гасат и јас влегувам во апсолутниот живот на Бога. Дали сфаќате дека „се надевам на Бога“ значи: продри и сообрази се со животот Божји, исчезни и нека пред тебе се снема, така да пред тебе да остане само Господ.
Една таква душа може да каже „Алилуја“. Тоа е нашиот брак. Што значи брак? Значи губам се , ме снемува, се предавам, се сообразувам, не постојам веќе јас, туку двајцата се едно. Мене ме снемува и останува Бог.
Кога жената се мажи, таа ја покрива својата глава и тоа значи дека таа веќе не постои како глава, туку нејзиниот маж. Заради тоа и неа и е забрането да стане свештеник, да служи во олтарот, на собори да зборува, како што кажува Свети Апостол Павле. Не и е дозволено ниту да поставува прашање – како да не постои жената и како да постои само мажот кого го ставила за своја глава. По бракот, по соединувањето, останува мажот. Заради тоа е срамно, нечесно, мажот да ја покрива својата глава. Тој Го посрамува Христа, зошто мажот од тогаш станува слика на Христа. Така Христос е се.
Псалтирот не се зборови и реченици наредени една покрај друга. Псалтирот е едно откривително Божје дело. Секој стих е како една нова слика која се прикажува на некое платно и на кое следната слика додава нешто ново.
„10. Сите народи ме опкружија,
и со името Господово се одбранив од нив.
11. Ме опкружија од секаде,
и со името Господово се одбранив од нив.“
Два стиха со иста смисла и во продолжение уште еден кој додава нешто повеќе.
„12.Ме опкружија како пчелите саќта,
и пламнаа како оган во трње
и со името Господово се бранев од нив.“
Првите полустихови говорат за оплакување од страна на народот, додека другите говорат за одбрана „ со името Господово“. Тоа е дополна и толкување на она што претходно го говоревме.
„Сите народи ме опкружија“. Кога сите народи го опкружиле Израел? Секогаш. Израелецот својот живот го гледа неодредено. Од почетокот сите народи војувале против Израел. Го опкружувале кога го напаѓале, кога го воделе во ропство, кога го убивале. Го опкружувале и сега го опкружуваат кога сака повторно да ги изгради ѕидините на градот и храмот. На крај Бог го остава Своето семе во Израел и со него напредувал и животот Божји со Израел.
„Сите народи ме опкружија“. Тука се гледа дека зборува за Самарјаните кои биле страшни, смртни непријатели на Јудејците. Меѓу нив немало општење, ниту пак разговарале едни со други: „Зошто Јудејците не се дружат со Самарјаните“ (Јн. 4, 9). Амониќаните исто така биле итри нивни непријатели. Доаѓале од Арабија за да војуваат со Израел и им стоеле на пат.
„Сите народи ме опкружија и со името Господово се бранев од нив“. Сите безумно навалуваа да ми застанат на пат во овој мој одмор, во овој мој брак. И јас се соочив со нив, ги одбив, ги истерав, зошто тие не беа мои непријатели, туку Твои непријатели. Ги победив во „Името Господово“. Тие не стоеја на мојот пат. Прашањето беше што тие беа непријатели Божји и со тоа спречуваа да се изгради храмот. Затоа вели: „ Додади им зло, Господи, додади им зло на оние кои се славни на земјата“(Ис. 26, 15). Зошто? Затоа што биле Божји непријатели, а не мои непријатели. Застанувајќи на патот на мојот дел. Тие застанувале на патот на Божјиот наредок во историјата, Божјото доаѓање во неговиот краен есхатолошки завршеток. Ме опкружија непријателите Божји и јас, повикувајќи Го Твоето Име, ги одбив.
Тука имаме најтаинствено искуство на синовите Божји. Името Господово засигурно покажува вера во Него. Тие биле единствен народ кој верувал во Вистинскиот Бог. Величенствено! Сите народи Го заборавиле Бога, дури и еленскиот и само Израел со својата вера во Господа се сеќава на Вистинскиот Бог.
Го повикувам Името Господово значи дека Господ Го имам пред себе. Го именувам – односно Го говорам, Го правам свое, ја земам неговата сила, Го прифаќам Неговото присуство, се соединувам со Него. И тоа дело е една енергија (дејство) на срцето, која си спомнува на Бога и која Го чувствува Бога. Овде имаме најтаинствено искуство на духовниот живот кое го наоѓаме и во учењето на Црквата. Среќаваме траги на светотаинствениот живот, умната молитва, соединувањето со Бога во човековото срце, таинствени бракови кои се свршуваат во срцето на секого се додека секој во себе не рече: „Ава оче“: еве Го Бога, се овоплоти во мене: „Царството Божје е внатре во вас“ (Лук. 17, 21), Царството Божје е во срцето мое. Тоа е најтаинствениот израз на искуство на духовниот човек.
„И со името Господово се бранев од нив“. Тие со оружје војуваа со нив. И Јудејците користеле оружје, но она што правело да напредуваат, било Името Господово, нивниот внатрешен живот со Бога. Тие на човечкото оружје на непријателите се спротивставиле со духовно оружје.
„Сите народи ме опкружија и со Името Господово се одбранив од нив.“Еврејскиот текст е подобро изразен: „Со Името Господово ги распарчив“. Потполното уништување на непријателот со Името Господово, совршената победа на духовниот човек, која таинствено во срцето е соединет со Бога.
Во десетиот стих вели: „Сите народи ме опкружија“, а во единаесетиот „ме опкружија од секаде“ за да покаже дека било тесно, колку непријателите ги опколиле, колку ги довеле до безизленост. Но: „од неволја Го повикав Господа“. Кога се гаси секоја човечка надеж, кога нема излез и кога ќе повикаш кон Бога, тогаш Он доаѓа и одговара. Противниците постојано го опкружуваат и го мачат се додека не стаса горе до небото. Неволјата никогаш не треба да престане: Бог дава ширина за да издржиме. „Ме опкружија од секаде“ покажува дека постојано доаѓа до опкружување, опколување, човекот постојано е во опасност, постојано го мачат, но Бог сите нив постојано ги сотрува.
Дванаесетиот стих кажува како духовниот човек доживува и како Израел постојано низ историјата го доживувал тоа страшно страдање. „Ме опколија како пчелите саќта“. Како пчелите што паѓаат на мед, со колку голема желба и ја исцицуваат саќта, така и непријателите паѓаа на мене за да завладеат со мене, за да ме исцицаат. Ме опколија со неодолива желба да ме избришат, да ме уништат, да ме направат бескорисен, да на оваа земја од мене не остане ниту коска, ни тело.
„И пламнаа како оган во трње“. Како што кога огнот зафаќа едно поле полно со трња, дури и ако ветерот по малку дува, огнот не може да се запре, зошто трњата се суви и огнот незадржливо се шири по целото поле – толку неиздржлив бил бранот на непријателите. Но зборовите „во трњето“ имаат уште едно значење: опколување на непријателот. Палиш оган на едно поле на кое си насобрал суви трња и огнот веднаш ги зафаќа трњата и огнот се шири, но и брзо се гаси зошто трњата изгоруваат во еден момент. Толку траело опколувањето на непријателот, страдањето било толку страшно што во еден момент можев да нестанам, да се запалам, од мене да не остане ни пепел. Колкава опасност и колку е страшно доживувањето на неволјата на душата која е во болка! Само оној кој вака ја сфаќа опасноста, оној кој чувствува дека во еден момент може да го снема, дека може да се згаси – „ кога го завртуваш своето лице се‘ се сматува“ – само тој може да прими помош од Бога.
„13. Ме турнаа силно за да паднам,
и Господ ми помогна.“
Овој стих исто така покажува сила и злобност на непријателите, страшно доживување на човечката душа која доживува опасност и избавување, смрт и живот, од непријателите кои се толку присутни, но и Помошникот, Кој е толку непосреден. Имаме едно друго таинствено искуство на духовниот живот кое доаѓа од животот на Израел. Токму кога мислиш дека си победил, дека си обезбеден, дека си господар, веднаш доаѓа опасноста, искушението, смртта и си во опасност да паднеш, да те снема. Колку е жива сликата: „ме турнаа силно за да паднам и Господ ми помогна“! Седиш и јас одеднаш те турнам, ти ја губиш рамнотежата, се нишаш, во опасност си да паднеш, но веднаш се фаќаш за нешто и стануваш.
Во овој живот нема никаква цврста надеж, никаква безбедност, никаква сигурност. Искушението те набљудува и кога спиеш и кога мислиш дека си победил, се до часот кога ќе влезеш во рајот и кога вратата на рајот ќе се заклучи после тебе. Само тогаш си безбеден. Толку силно, толку ненадејно, толку свирепо и толку подмукло доаѓале непријателите Израелеви. На ист начин и човекот Божји ги живее своите духовни опасности. „И Господ ми помогна“. На крај сепак чувствувам дека „ми помогна“ содржи значење – секогаш. Бог никогаш не ме остава, туку секогаш ме зграпчува и спасува. Дури и кога тоа не го разбирам и кога одеднаш ќе се сопнам и во опасност сум да паднам, Бог во тој момент ме спасува. Јас имам само волја и повик од мојата неволја. Неволјата е мој подвиг, она што го принесувам на Бога. Волјата моја во големма болка, во голема мака. Таа е мое повикување и чукање на срцето мое. Сето останато е Божје. Не се плашам бидејќи Му се принесувам себеси; јас сум за Небото.
Претходно рековме дека во овој живот нема надеж. Значи постои само безнадежност? Првото скалило некој да стаса до духовниот живот е безнадежноста во поглед на самиот себе и се останато. Останувам сам, одвоен, без зрак, без светлина од никаде. И поради тоа, за мене останува само Бог. Безнадежноста не е духовна болест, ниту патолошки или одбранбен елемент. Таа е позитивна и благотворна. Безнадежноста е надеж во Бога како што бестрасноста е силна и жива страст за Бога, во Бога и со Бога. Безнадежноста е потполно предавање на Бога. Безнадежноста е нешто силно што не соединува со Бога. Но, тоа не е онаа безнадежност на која мислиме. Таа безнадежност на која ние мислиме е најголемиот грев. Често грешиш и говориш: седум години се исповедам на духовникот и пак исто. Веќе нема да одам, останав без надеж. Тоа не е безнадежност по Бога. Тоа е ѓаволштина, страст на душата.
Безнадежноста е едно непрестајно испразнување на себе и исполнување со бога. Таа безбадежност е нешто силно, нешто што има можност за напредок, како и верата – таа не е нешто инертно, неподвижно. Безнадежноста е непрестајно спознавање на самиот себе и непрестајно разбирање на Бога. Безнадежноста е едно исчезнување. Се исчезнува пред тебе и сакаш за нешто да се фатиш. Тоа може да биде твоето јас, славата твоја, твоите пари, твојата чест, твојот збор, а може да биде и Бог. Таа безнадежност почнува од часот кога ќе се фатиш за Бога и почнеш да се надеваш на Него. Безнадежноста тогаш се јавува како дар Божји.

This entry was posted in Псалми. Bookmark the permalink.

Comments are closed.