ТОЛКУВАЊЕ НА ПСАЛМ 131

ПСАЛМ 131

Песна на воздигање. Спомни си, о Господи, за Давида и за сите негови тешкотии;
2. како Му се заколна на Господа, му се заветува на Јакововиот Бог.
3. „Не ќе влезам во шаторот на мојот дом, ниту ќе легнам во леглото на мојата постела;
4. ниту ќе им дадам сон на очите, ниту одмор на моите клепки,
5. додека не Му најдам место на Господа,
живеалиште на Јакововиот Бог.”
6. Ете, чувме за Него во Ефрат, го најдовме во Јарските Полиња.
7. Да влеземе во Неговото живеалиште,
да се поклониме пред Неговите нозе!
8. Стани, о Господи, тргни кон Своето почивалиште,
Ти и ковчегот на Твојата Сила!
9. Твоите свештеници нека се облечат во праведност,
Твоите свети нека воскликнуваат радосно!
10. Заради Давида, Твојот слуга, не свртувај го лицето од Твојот помазаник!
11. Господ му се заколна на Давида, со цврста заклетва
од која нема да отстапи:
Потомок од Твојот род ќе го положам на Твојот престол.
12. Ако твоите синови ги пазат Мојот Завет
и наредбите на кои ги учам, нивните синови,
довека, ќе седат на Твојот престол!”
13. Зашто Господ го избра Сион,
го посака него за Свое седиште.
14. „Ова ми е вечно почивалиште,
ќе престојувам тука, зашто така посакав.
15. Ќе ја благословувам нејзината врата,
ќе и ги нахранам бедните со леб.
16. Ќе ги облечам во спасение нејзините свештеници,
нејзините свети ќе воскликнуваат радосно.
17. Ќе направам таму да изникне рог за Давида,
ќе ја подготвам светилката за Мојот помазаник.
18. Ќе ги облечам неговите непријатели со срам,
а врз него ќе блеска Мојот венец.”
Во Стариот Завет, пред Христовото доаѓање, отсекогаш постоело едно предание родителите да ги учат децата и да ги потсетуваат на историјата за Бога – за величенственоста која Он ја покажувал кон човечкиот род, за слегувањата и возвишувањата Божји, за искажувањето на милоста на Отецот небесен, за Неговото благоволение кое кон праведните луѓе го покажувал, за казнувањето на грешните-за да не биде заборавен ниту еден чекор и движење Божје. Родителите имале обичај да раскажуваат со впечатливи движења и им пренесувале на своите деца како тие понатака да продолжат да им раскажуваат на своите потомци, сите пораки кои Бог ги давал и коие не се само за една генерација и еден народ, туку за целата вселена. Таков псалм, псалм за целата вселена е и 136-от.
Тој го носи натписот „песна на скалила“. Зборот „песна“ сведочи дека имаме некое кажување, некое раскажување. Можеме да Го следиме Бога како влегува во семејства, во Јудејскиот народ, како ги остава Своите траги и како тие трагови биле оживувани од страна на идните генерации.
Скалилата се најумилни псалми во Псалтирот и изразуваат копнеж по Бога: пеени се додека Јудејците се качувале на ридот на чиј врв се наоѓал Храмот. Ридот бил видлив и од голема далечина и како што се приближувале, некои од нив на колена, а други одејќи, трети носејќи товар и се што сакале да принесат во Храмот, или носејќи животни за жртва, лееле потоци солзи. Нивното тивко плачење било понекогаш толку трогателно што и другите луѓе, дури и незнабошците, кои понекогаш случајно се наоѓале меѓу нив, разбирале дека тука треба да е Вистинскиот Бог. Преовладувало одушевување и желба да се поклонат на Бога. Тогаш само на едно место можеле да се даваат пофалби и да Му се служи на Бога; т.е. на Синајскиот рид.
Приближувајќи се до скалите, ги пееле последните степени и кога стасувале до Храмот го завршувале целото пеење. Тука има оддек на копнеж на луѓе кои сакале да се поклонат пред Бога.
Зборот „песна“ ја покажува и приказната за Давид кој станал соодветно орудие за да се изгради Храмот и Бог да биде присутен во него. Бог, како што знаеме, на Давид не му дозволил самиот да го изгради Храмот, но Давид Му бил по волја на Бога и Бог му дал чест и благослов, благодат и можност од далечни земји на светот и од оние во близина, да го собере целиот материјал кој можел да се собере за неговиот син, Соломон, да го изгради Храмот.
Спомни си, о Господи, за Давида и за сите негови тешкотии;
2. како Му се заколна на Господа, му се заветува на Јакововиот Бог.
Веројатно ова е Давидов псалм со кој ја изразува заклетвата која ја дал на Бога дека ќе подготви се за градењето на Храмот. Меѓутоа, најверојатно овој псалм го составил некое друго лице, можеби и неговиот син, царот Соломон, зошто се гледа дека сеќавањето на Давид е свежо. Тоа го потврдуваат делови од Стариот Завет. Но може ова да е некој подоцнежен псалм кој настанал за време на вавилонското ропство и враќањето на Јудејците.
И Соломон вели: „ Спомни си, о Господи, за Давида и за сите негови тешкотии“ = Сети се, Господи, на Давида. Превземајќи го на себе царското, но и единственото дело со кое ќе се прослави-градењето на Храмот- цар Соломон бил пијан од љубов кон Бога и од величенственоста која Бог му ја дарувал. Но, бил исполнет и со страв и трепет заради делата кои требал да ги изврши. Така барал начини тоа дело да го потпре за да успее, зошто Давид можел сам да го изгради Храмот, но тоа Бог не го сакал. Значи Соломон имал страв случајно Бог да не му ја одземе благодатта и да ја даде на некој друг кој ќе дојде по него.
Барал нешто што ќе Го трогне Бога, што ќе Го порази, што би било поставено како потпора, темел, така да Бог после тоа да не го повлече, да не го поништи. И Соломон не наоѓал подобар темел, подобра основа, подобра диспозиција од доблестите на својот татко Давид. Заради тоа вели: „ Спомни си, о Господи, за Давида и за сите негови тешкотии“ = Сети се Боже мој, колку мојот татко бил трпелив, колкава долготрпеливост покажал, колкава благост! Како Саул го гонел, а тој трпел! Давид можел да го убие, но тоа не го направил. Значи подарил живот и на своите непријатели кои го гонеле и ги пуштал иако повторно претставувале опасност за неговиот живот. Таквата доблест е многу ретка. Сети се на трудот, на трошоците на кои се изложил и тешкотиите со кои се соочил исцрпувајќи го богатството на царската палата за да го приложи како материјал за Храмот кој требало да биде изграден.
Сиот тој труд, сета таа пот, сето тоа понижување, сето тоа послушание кое Давид го имал, сето тоа сакал да го постави како темели духовни, а не камени. Делото било духовно, затоа и требало да има духовни темели. Се сеќавате ли дека Давид ниту едно дело не го започнувал и ниту една војна не водел ако претходно не го прашувал Бога. Двапати се заборавил, згрешил и бил казнет, и тој и народот (2Сол. 11, 2-4; 12, 10-14; 18, 6-10; 24, 1-17). Тоа биле страшни настани.
Бог особено ги казнувал оние цареви кои биле повод народот да се поклонува на идоли; ги пребројувале коњите и војниците, што значи дека Бог не Го ставале како своја заштита, туку се потпирале на воената сила со која располагале и оние кои правле гревови кои се одразувале на народот, како што тоа било прељубата и убиството што ги сторил Давид, за што тој, секако, се покајал и Бог му простил, повторно го примил при Себе, го покажал чист од лукавства, го исповедал и го задржал за Свој пријател.
Заради тоа Соломон вели:„ Спомни си, о Господи, за Давида и за сите негови тешкотии; како Му се заколна на Господа, му се заветува на Јакововиот Бог.“ Потесетува на две работи: доблеста на Давид и заклетвата со која се заколнал пред Господа, заветот кој го дал на Јакововиот Бог.
Зборот „Јаков“ во себе крие и едно значење на сила Божја и назначува дека се заколнал пред Сесилниот Бог Кој може да го сотре ако не го исполни своето ветување. Но зошто Соломон се повикува на „како се заколна на Господа“? Зошто Давид не се остави слободен, туку се обврза со заклетвата која ја дал. Ја обврзал иднината своја, своето срце, своите нозе бидејќи се заколнал на Бога.
Светото Писмо, секако, кажува дека е подобро да не се заколнеме, да не се зарекуваме, да не даваме завет пред Бога. Но Давид себе се направил Божји заробеник за да не може да се одрече од она што Бог го барал. И така неговата лична потреба се претворила во лична обврска.
„Како се заколна на Господа“: даде заклетва на Господа. И ние монасите се заколнуваме. Заклетвата е всушност потстрижуањето на монахот кое го обврзува да не може да се откаже од себе. Заради тоа ние сме обврзани да до крајот на животот бидеме послушни на еден Старец, додека сум слободен да избирам било кој духовник. Тука веќе се менуваат условите: ние самите себе сме се направиле заробеници на Божјата љубов.
Давид го обврзал своето битие и тоа било потпора на сите величенствености на Сион, напредување на Господовата патека се до часот во кој се роди Христос. Која е таа заклетва? Ни ја прикажува во следните три стиха:
„ 3. Не ќе влезам во шаторот на мојот дом,
ниту ќе легнам во леглото на мојата постела;“
Иако постоеле царски палати, тој на некој начин поставувал шатор, дури ни шатор, туку лежел на земја за Бог да си спомне за него, но за својата заклетва пред Бога да ја покаже како една жртва за Бог и понатаму му ја дарува Својата милост. Лежењето на земја е мое право кое ми преостана и кое Ти го принесувам како жртва.
„ 4. ниту ќе им дадам сон на очите, ниту одмор на моите клепки,
и починок на моите образи“
Овој начин на изразување е еврејски начин за давање на заклетва која некој нема намера да ја прекрши и е слина колку и одрекувањето. Нема да им дадам сон на очите мои и нема одмор да им дадам на клепките мои. Нема да се одморам, нема да ставам потпора на мојата глава. Цела ноќ ќе бидам обземен со напнатост за Бога така да ќе спијам со отворени очи и ќе се будам. И навистина така правел: Давид тоа го спомнува во други Псалми. Нема себе да си дозволам никаков одмор, ниту удобност, ниту одмор. До кога?
„5. додека не Му најдам место на Господа,
живеалиште на Јакововиот Бог.”
Зошто го кажува тоа? Не можел да го изгради Храмот, но бил должен да бара и да најде најдобро место за градење на тој Храм. Давид навистина го назначил и го припремил местото (1Дн. 21, 18; 22, 1-9). Собрал материјал за изградба на Храмот, го избројал, го проверил, одредил што треба да се прави, каде ќе бидат кренати ѕидините, каде ќе се постават темелите за царските палати, како Храмот ќе биде изграден врз основа на скинијата на сведоштвото кои Мојсеј ги направил, и се до последен детал уредил. Заради тоа вели: „Додека не најдам место за Господа“, значи соодветно место.
Но зошто вели „живеалиште“ а не храм? Бидејќи Давид, кога го припремал местото, направил една скинија во која го пренел ковчегот на заветот, за тој тука да се насели (2Сам. 6, 17). Со смиреноумие се држел до умерен благослов кој му го дал Бог. Не се разгневил, не завидувал подмолно, не се спротивставувал на Бога и Му рекол: до тука е Твое. Ја прифатл улогата која Господ му ја дал.
Со зборовите:„ ниту ќе им дадам сон на очите, ниту одмор на моите клепки, и починок на моите образи“ сведочи дека Давид зборува и како пророк. Самиот себе се прикажува како слика на оној кој бдее и гледа. Одбивам да заспијам, иако е човечка потреба, и бдеам. Почувствувал дека само ноќе може да се справува со Бога (Бит. 32, 24), и Давид тоа го знаел и остварувал, за да Го победи, здобие и потоа да Го има во текот на денот со себе. Духовните справувања се случуваат навечер, заради што и тој самиот говори: „И до ноќта ме поучија бубрезите мои“ (Пс. 15, 7).
Давид навечер толку работел, се борел, се молел на Бога, со длабоки извици што и неговата утроба целата стенкала: срцето, бубрезите, се сведочело за неговата болка, неговата загриженост. Давид се разболел заради својата загриженост и заради љубовта кон Бога, а подоцна заради гревот свој и напнатоста со која живеел. Бубрезите негови не биле органи на страста туку точки на присуството Божје. Сите негови внатрешни органи радосно извикувале и Го сведочеле Бога. На некој начин тој имал еден внатрешен срдечен однос со својот Отец, Кој му говорел и му ја давал во рацете неговата мисија. И како што во други прилики вели: „Го испита срцето мое, ме посети ноќе“. Ноќе Го очекувал Бога. Дење се борел со видливи непријатели, а ноќе со невидливи. Не спиев кога ме посети Ти Боже мој.
Колку е во право Соломон кога своето дело го потпира на љубовта и големината на Давид. Само така се завршуваат духовни дела. Ако почетокот, коренот, е свет квас, тогаш и понатаму се ќе биде свето и ќе напредува.
И бидејќи ја даде Давидовата заклетва, Соломон продолжува:
„6. Ете, чувме за Него во Ефрат,
го најдовме во Јарските Полиња.“
Кој го говори ова? Тоа го зборувал Давид додека бил жив. Соломон оваа песна, која Евреите ја презеле и ја пренеле на своите деца, ја изразил токму онака како што Давид ја доживувал. Тука, значи, говори Израелскиот народ:
„Еве, чувме за Него (Господовиот Ковчег) во Ефрат и го најдовме во Јарските полиња. Погледнете до каква тажна состојба дошол народот Божји, Израелскиот народ. Самиот Бог му дал го Ковчегот кој бил местото на кое Бог се јавил, говорел, местото на кое се слушнал Неговиот глас, на кое давал знаци и решавал недоумици кои ги имале Мојсеј и Арон, првосвештениците (Изл. 25, 21; Лев. 16, 2; Броев. 7, 89). Евреите го изгубиле Ковчегот, величенствениот дар Божји и не знаеле ниту кај кого е ниту каде се наоѓа.
„Ете чувме за Него во Ефрат“. Се обиделе да се обавестат и слушнале дека се наоѓа во Ефрат. Ефрат е Витлеем. Но Ковчегот на Заветот никогаш не се наоѓал во Витлеем, зошто тогаш вели „Чувме за него во Ефрат“? Веројатно нивните непријатели, идолопоклониците, го сокриле на некое друго место во близина на Ефрат. Ковчегот во тие случаи им предизвикал многу неволји кои биле уште еден показател на неговата светост (1Цар. 4, 1-11; 5, 1; и т.н.). Тој повеќе пати бил губен, но овој стих се однесува на случајот кога се наоѓал во Каријат – Јарим (1 Цар. 6, 21; 7, 1-2).
Можно е навистина да постоело некое мало село со името Ефрат, но тука најзначајно е пророштвото. „Во Ефрат“ не е Соломонова грешка. Говори Ефрат за да покаже дека Христос ќе се роди „во Ефрат“ во Витлеем. Христос е Бог. Го назначува Отецот небесен и по патот на Синот го изразува Неговото присуство и го сведочи Неговото Слово.
Соломон покажува дека Ковчегот е во Витлеем за да покаже дека Христос е таму и со Ковчегот Го изразува самиот Бог. Така се решава проблемот. „Ете, чувме за Него (за Ковчегот Господов) во Ефрат“ е одек на пророците кои можеле отприлика да го спознаат пределот во кој требало да се роди Христос (Мих. 5, 1). Заради тоа Ирод, кога дошле тројцата мудреци и кога ги прашал првосвештениците и книжниците, му било кажано дека ќе се роди „во Витлеем“(Мат. 2, 4-5). Тие очигледно го зеле во предвид ова пророштво, овој дел. Не можеле да ја разјаснат тајната, но почнале да ги истражуваат тајните на Единиот Бог Кој отсекогаш постоел, но и Кој тогаш некаде се раѓал.
И додека кажува „чувме за него (за Ковчегот Господов) во Ефрат, ние го најдовме во Јарските полиња“, на пошумен предел. Ковчегот на Заветот бил напуштен во една куќа која била опколена со шума, така да повеќе никој не зборува за него. Како Го забораваме Бога! Како Го губиме Бога, а тоа да не го забележуваме! Како и ковчегот. Се чини дека тој се наоѓа во замрсена ситуација, но во суштина тоа е наша замрсена ситуација и наша драма. Давид говори, а Соломон сега на тоа не потсетува:
„7. Да влеземе во Неговото живеалиште,
да се поклониме пред Неговите нозе!“
Кога Соломон го напишал овој псалм, веќе го изградил Храмот зошто вели: „Да влеземе во неговото живеалиште“. Врз кроткоста и доблеста на Давид го засновал своето духовно дело. Успеал и го возвеличал своето дело. Направил најубава, единствена и неповтролива молитва за себе, за семејството свое и за народот Бог да ја чуе во Своето живеалиште, секоја солза, секој здив, секоја потреба, секоја молба, секоја тага и болка човечка (1Цар. 8, 23-53). И говори: „Да влеземе во Неговото живеалиште, да се поклониме пред Неговите нозе“.
Тоа било една инспирација на мудриот Соломон кој како поет се инспирирал од Бога (1Цар. 3, 12). Мудроста не била само светска, туку просветлување од Светиот Дух. Додека со своето семејство, со дворјаните, со својата војска одел кон Храмот кој го изградил, тој им говорел: „Да влеземе во Неговите живеалишта“. Употребува множина зошто се подразбираат различните делови на Храмот, од една страна, и околните помошни богослужбени простории, од друга страна (1Цар. 6, 5-10).
„Да се поклониме“: ќе паднеме на земја, ќе ги наведнеме своите глави, ќе го завртиме својот поглед таму „каде што се Неговите нозе“, таму каде Бог стои со Своите нозе. Ја навестува светоста на светилиштето, но само на првосвештениците и тоа еднаш годишно (Лев. 16, 34; Евр. 9, 7; 9, 25). Тука укажува на Ковчегот, поточно на златниот капак и Жртвеник од суво злато на кои стоеле Херувими, каде се јавувал Бог. Да, таму да паднеме на земја, да се собереме, да се збиеме пред Бога за да се насладуваме со Неговата благодат.
„Ќе се поклониме“ значи: не сум достоен да те видам Боже мој, повеќе сакам Ти да ме видиш мене. Заради тоа и Давид и останатите пророци говорат: „да се јавиш на Лицето Божје“ (Пс. 41, 3), Бог да ме види мене, а не јас Бога. Се поклонувам, паѓам на земја, така да ме види Бог и да ме благослови зошто јас не сум достоен да Го видам Бога. Соломон веднаш ги потсетува на еден друг Мојсеев израз кога го подигаат Ковчегот и го пренесуваат од едно на друго место (Броев. 10, 34-35). И Соломон сега го повторува тој израз:
„8. Стани, о Господи, тргни кон Своето почивалиште,
Ти и ковчегот на Твојата Сила!“
„Стани“ потсетува и како на платно прикажува како Израелците се движеле кога се кревал светлосниот облак или огнениот столб (Из. 40, 30-32; Броеви 9, 17-23). Свештениците и Левитите го кревале Ковчегот, а тоа значело дека се подига Бог. Така свештениците и денес, при входот (влезот) на Евангелието, пред своето лице го држат Евангелието за да не се види дека тие поминуваат, туку Евангелието, Христос.
“Стани, о Господи, тргни кон Своето почивалиште“; стани, Господи, да одиш се додека Бог не ни каже дека треба повторно да застанеме. И навистина кога Јудејците би требало да станат, се спуштал облак ако бил ден, столб ако била ноќ и тогаш веднаш се спремале Левитите, трубеле (Броеви, 10, 1-10) за да слезе Бог. Но, починката во Мојсеевото време било привремено. Починката почнала од времето на Давид, кога тој ја направил скинијата, а потоа за време на Соломон станала постојана. Бог веќе не требал да заминува од одредено место, кое било Сион, се додека Жртвеникот, ковчегот, неговите символи не бидат заменети со конечна починка, кое е човечкото тело.
Ковчегот на Божеството, според долготрпеливоста, благоста, смиреноста и унижувањето Христово, веќе не било златото, смарагдите и сите скапоцености што постоеле, туку тоа била земјата, калта која Он ја благословил. Бог никаде не почивал. Меѓутоа Го положил Духот свој во телото кое станало постојано живеалиште Негово, постојано Негово почивалиште. Ја оставил дури и татковската прегратка за да дојде тука и се насели на нашата земја, во нашето тело (Јн. 1, 14).
„Стани, о Господи, тргни кон Своето почивалиште“. Почивалиштето е постојано место кое Давид Му го дал. Но „стани Господи“ јасно укажува и на Вознесението Христово кој веќе се вознесува, исходува и со себе го вознесува и Своето почивалиште, Своето тело, телото наше во најкрајната починка, на сопрестолот на Божеството, од десната страна на Отецот. Отецот дава чест на Синот седнувајќи Го на десната страна од Себе и во Синот е почествувано почивалиштето, ковчегот кој е тело. Зошто од десната страна? Затоа што Бог на некој начин сакал да се обврзе. Кога некого го имам од десната страна и јас сум обврзан. Покажува дека Отецот се обврзал за волјата на човечката природа. Отецот небесен сега веќе по пат на Синот му служи на човечкиот род.
„Ти и Ковчегот на светоста Твоја“. Изразот се однесува на дрвениот Ковчег, а во продолжение на Ковчегот на светоста. Ковчегот е свет, но тој не сака само да го каже тоа. Прави разлика меѓу „Ти“ и „Ковчегот на светоста Твоја“: значи постои Бог и постои живеалиште. Бог не се гледа, но во живеалиштето се јавува. Заради тоа кажува дека не е само Ковчег, туку „Ти“ и “Ковчегот на светоста Твоја“. Ти си присутен во самата „завеса“ на телото. Ти, Бог во тело, постојано даваш светост и заради тоа имаме еден свет резултат. „Ковчегот на светоста Твоја“ е местото на кое се случува непрестајно зрачење на Божјата светлина – ова е израз со кој пророкот го изразува основањето на Црквата, конечниот Ковчег на спасението.
И бидејќи ни покажа слава, смирение, големина, резултат, наше обожение, Соломон слегува и пред свештениците, дворјаните и народот, обраќајки се на Бога говори:
„ Твоите свештеници нека се облечат во праведност,
Твоите свети нека воскликнуваат радосно!“
Еден свештеник не може да Му служи на еден таков Бог ако нема правда. Што значи правда? Дека е оправдан. Ова нема значење само на судска правда: свештеникот треба да е во состојба во себе да ги впива зраците на Светиот Дух, бидејќи со изразот „Ковчегот на светоста Твоја“ ја подразбира светоста на Светиот Дух. Светоста дејствува и е плодоносна. Го открива Отецот, го објавува Синот и во загатка проповеда за Светиот Дух. Вели дека свештениците треба да се во состојба во себе да ја впиваат светоста, дека навистина треба да бидат свети.
„Твоите свети нека воскликнуваат радосно“. Светите се посветени на Бога. Всушност во нашата Црква сите верни се нарекуваат свети, преподобни и свештениците по достоинство кое Бог ни го дал.
И Соломон повторно се враќа на Давид:
„Заради Давида, Твојот слуга, не свртувај го лицето од Твојот помазаник!“
Плаши се. Плаши се од самиот себе. Ја знае својата слабост, променливоста на човечката природа и заради тоа не се повикува на себе, туку на својот мртов татко, кој е жив при Бога. Заради Давид, слугата Твој, Боже мој, „Не свртувај го лицето од Твојот Помазаник“ (2Дн. 6, 42). Ти направи се што вети. И Ти сега, Боже мој, оствари го она што му вети. Меѓутоа, не вели „немој да го свртиш лицето од Твојот Помазаник“, туку повторно говори пророчки, употребува израз со кој покажува дејство, а не пасивнот, „не го свртувај лицето од Твојот Помазаник“. Давид е предизобразување, пророштво на Христа дека од Давид ќе се роди Христос. Преминува преку вековите кои доаѓаат и не вели: не го свртувај лицето од слугата твој Давид, туку: не дозволувај Христос да го сврти Своето лице од Давида. Соломон Го прикажува Христа Кој ќе дојде после речиси 1000 години и Кој ќе го прослави историскиот цар Давид.
„11. Господ му се заколна на Давида, со цврста заклетва
од која нема да отстапи:
Потомок од Твојот род ќе го положам на Твојот престол,“
И охрабруван продолжува: како што Давид се заколна, така и Господ му се заколна на Давида: се заколна Бог на Давида на вистина и верност од која нема да отстапи. Значи нема да исчезне Давидовиот царски род и тој царски род ќе се заврши со последниот цар, Исус Христос.
„ Потомок од Твојот род ќе го положам на Твојот престол“. Едноставна реченица, без тешкотии. Нема да отстапам од твојата царска лоза, вели Бог. Од утробата на Давид, Соломон и подоцнежните цареви ќе излезат цареви и на крај ќе се роди Исус Христос, конечниот Израелев цар.
„12. Ако твоите синови ги пазат Мојот Завет
и наредбите на кои ги учам,
нивните синови, довека, ќе седат на Твојот престол!”
Но, ако сакате ветувањето да се оствари, вели Бог, и вие треба да бидете доследни: вие и вашите внуци да го сочувате се она што ве научив.
„ Нивните синови, довека, ќе седат на Твојот престол!”Нема да исчезне Давидовата лоза.
„13. Зашто Господ го избра Сион,
го посака него за Свое седиште.“
Зошто Господ го одбра Сион: „го посака него“.Го оздвоил меѓу останатите градови, го избрал Ерусалим за Свое живеалиште. И Ерусалим на крај е Црква.
„14. „Ова ми е вечно почивалиште,
ќе престојувам тука, зашто така посакав“.
Сион, таа гора, тој град, таа Црква Јас ја избрав и ја засакав и во неа ќе престојувам. Додека претходно зборуваше за починка, сега вели дека тука ќе живее зошто Он го избрал тоа место, постојано ќе престојувам тука. Сион е предизобразување на Црквата која е постојаното живеалиште, телото Христово (Кол. 1, 24), она што Христос го носи со себе.
„15. Ќе ја благословувам нејзината врата,
и ќе ги нахранам бедните со леб.“
Бидејќи Соломон се наоѓал на Сион, во Ерусалим и бидејќи е негов цар и на целиот народ, Бог му говори: „Ќе ја благословувам нејзината врата и ќе ги нахранам бедните со леб“. Постои и друга пишана верзија каде зборовите: врата и лов се со иста основа на грчки. Во други ракописи има збор вдовица, бидејќи Бог во Стариот Завет на себе ја преземал заштитата за вдовиците сирачињата и придојдените (Изл. 22, 21-22; Пс. 145, 7-9).
„Ќе го благословувам нејзиниот лов“. Што ова значи? Како што знаете, Евреите со лов (Бит. 1, 29; 9, 3) ја обезбедувале својата храна. Во зборот „лов“ е вклучено и земјоделството и сточарството, работи кои Бог ги благословил. Отука и во монашкиот ред на животот, меѓу останатите работи, се наоѓа и земјоделството како особено благословен вид на работа.
Употребен е зборот „врата“ за да се нагласи смислата на Црквата како врата низ која сите влегуваме како собор. Се однесува на сиромашните, понижените, луѓето верни на Црквата. „Ќе ја благословува“ значи ја ставам Својата рака на главата и непрестајно ќе благословувам, значи го изразува благословот на Црквата. Според оптичките прикажувања на Евреите кои при аџилак влегувале во Ерусалим низ врата за да се качат до Соломоновиот Храм, сега го гледа христијанскиот народ, Израелците по дух, како сите низ едни двери, низ една врата, преку Христа – Јас сум вратата (Јн. 10, 7 и 9)- влегуваат во Црква и се раѓаат во нов живот.
“16. Ќе ги облечам во спасение нејзините свештеници,
нејзините свети ќе воскликнуваат радосно.“
Свештениците не ги држам едноставно во правда, тие нема да бидат во состојба самите во себе да ја впиваат светоста, туку сега ќе ги облечам во спасение. Самиот Спасител ќе биде облека и храна на свештениците. Навистина Бог не храни, навистина Го ловиме Бога, се облекуваме во Бога.
„ Нејзините свети ќе воскликнуваат радосно.“ И сиот народ, имајќи такви свештеници, со радост, игра и пранување ќе учествуваат во оваа трпеза.
„17. Ќе направам таму да изникне рог за Давида,
ќе ја подготвам светилката за Мојот Помазаник.“
Таму, на Сион, Давид ќе продолжи да царува во сите векови. Зборот „рог“ ја означува лозата, царската власт. (1Цар. 2, 10; Пс. 88, 25). Говори дека ќе изникне рог за Давид за јасно да Го објави самиот Христос. Тоа е едно пророштво за Христа.
„Ќе ја подготвам светилката за Мојот Помазаник“. Кој е Помазаник? Помазаник е Давид, во продолжение е Соломон, понатаму секој цар кој е роден од бедрото на Давид. И додека поголемиот дел од нив станувале идолопоклоници, и покрај тоа што Бог не ги напуштал, Он го чувал нивното помазаништво. Секој цар бил помазаник Божји. Бог не се озесчестува самопт Себе, она што рекол, тоа и го прави. Ја говори вистината: Бог е верен. Рече дека си мое дете и од тебе не се одрекувам, освен ако во последниот ден на Второто Доаѓање се одрекнеш од Христа. Он не се одрекувал од нив дури и кога царевите идолопоклоници кои се поклонувале на ваалимовите идоли (Суд. 2, 11; 1Цар. 18, 18; 22, 54), ги оддржувал во своето помазаништво. Всушност и самиот Соломон умрел во идолопоклонство (1Цар. 11, 1-13). Дали Бог го напуштил? Бог никаогаш не се одрекува од нас, само ние се одрекуваме од Него. Колку Бог е верен!
„Ќе ја подигнам светилката за Мојот Помазаник“ значи: припремив еден, Вечен цар кој навистина ќе биде Мој Помазаник, Месија-Господ Исус Христос. Да се вратиме на зборот „светилник“. Што значи тој збор? За секој цар припремив наследник. Го припремив и последниот, Христос. Тука го навестува предвечниот план, Божјата Промисла: од почетокот и пред постанокот на светот (Еф. 1, 4) припремил светилник, Христа, за нас луѓето кои ќе се одрекуваме од Бога. „Ќе ја подготвам светилката за Мојот Помазаник“ значи дека во помазаништвото, во божеството, ја ставам светлината, светлината на Божеството. „Светлина од Светлина“ (Символот на верата). Покажува вечност, бесмртност, Божество на Господ Исус христос, кој ќе биде единствен Цар.
„18. Ќе ги облечам неговите непријатели со срам,
а врз него ќе блеска Мојот венец.”
Ниеден непријател нема да може да надвладее. Врз Помазаникот „ќе блеска мојот венец“. Навестува дека Христос е цвет „од Јесеевиот корен“(Ис. 11, 1), дека потекнува од Бога: коренот е Отецот, цветот е Сион. Од Христа ќе излезе сега еден друг цвет, „светоста“, Светиот Дух. Отаму Синот Го испраќа Светиот Дух. Од Отецот исходи, но преку Синот процветува, се јавува на човечкиот род. Синот како цвет од Јесеевиот корен Го открива Отецот и цветот е посведочен од страна на новиот цвет, Светиот Дух, кој го открива Божеството на Синот. Христос претскажува Божество, а тоа е Божеството на Светиот Дух.
Кога Христос бил на земјата, Отецот говорел и Светиот Дух се јавувал, како на пример на реката Јордан (Лука, 3. 21-22). Тука пророштвото Го прикажува Синот кој дава цвет, Светиот Дух од утробата на едно Божество. Христос е Оној Кој на Црквата во Светиот Дух ќе и дава светост.
На крај да нагласам дека нашиот живот може да биде благоугоден пред Бога: тоа е Неговата Светост. Да оставиме на Бога да не обликува, да нашето срце и ум не заостанат зад ништо. Бог да не удостои манастирот да живее илјадници години, да имаме такво размилување и понатаму и Бог нема да не разочара. Никогаш нема да престанеме да говориме зборови кои ги зборувавме од кога бевме мали деца: Со што да Му возвратиме на Господа? (Воскресна стихира на „Хвалите“, глас 7). Тоа е смислата на нашите солзи ноќе. Ништо друго не можеме да направиме.
Им се заблагодаруваме на Отците кои во наследство ни ја оставиле својата умилност, својата кроткост, Светиот Дух и самиот Христос Кој вели: „Зошто Јас сум кроток и понизен по срце“ (Мат. 11, 29). Таков Бог имаме!

This entry was posted in Псалми. Bookmark the permalink.

Comments are closed.