ТОЛКУВАЊЕ НА ПСАЛМ 1 И 2

ZAPSALMOT
Свети Атанасиј Велики
ПСАЛМ 1

1 Блажен е човекот кој не оди на советот на нечесните, и не стои на патот на грешниците, и не седи во седиштето на погубниците;

2 туку волјата му е во Господовиот Закон и за Неговиот Закон размислува дење и ноќе:

3 Тој е како дрво засадено покрај водни потоци, што донесува плод во свое време; неговите лисја никогаш не венат; сè што прави, во сè успева.

4 Нечесните не се такви, тие се како плева што ветерот ја разнесува.

5 Затоа нечесните нема да се одржат на суд, ниту грешниците во собранието на праведните.

6 Зашто Господ го знае патот на праведните; а патот на нечесните ќе пропадне.

Давид поставува почеток на прорекувањата за Христа Кој требало да се роди од него. Заради тоа прво блажените ги нарекува оние кои се потпираат на Него. Блажени ги нарекува оние кои не биле во собранието на безбожниците, ниту пак стапиле на патот на грешниците и не седнале на седиштето на потсмевачите. Имено, кај Евреите имало три вида на луѓе против Спасителот: книжници, фарисеи и законодавци и тие праведно се наречени безбожници, грешници и погубници. Животот е наречен пат зошто родените ги води кон крајот.
1)„Блажен е човекот кој не оди на советот на безбожните“. Со зборовите „советот на безбожните“ би можел да се нарече состанокот или собирот ма лукави луѓе. Бидејќи е штетно да се општи со собир на безбожници, Псалмопејачот го величи оној кој во ништо не се согласува со нив. Таков бил Јосиф од Ариметеја кој го закопа телото на Господа Бог, зошто за него е речено дека „не се согласил на нивната одлука“ да Го предадат Исус (Лк. 23, 51). “И не седи во седиштето на погубниците“. Под седиште се подразбира учењето кон она што е кажано: „На Мојсеевиот стол (седиште)…(Мт. 23, 2). Според тоа, седиштето на погубниците е учењето на лукавите.
2)„Туку волјата му е во Господовиот Закон и за Неговиот Закон размислува дење и ноќе“. Се разбира, во законот ангелски. Изразува и неослбната ревност зошто во Законот Божји не треба да се проучува немарно, ниту пак така што понекогаш ќе се поучува, а понекогаш не, туку секогаш и непрестајно треба да се биде приврзан за зборовите Божји. Тоа го истакнал со зборовите „дење и ноќе“. Наградата за добро дело е прекрасна, зошто оној кој го практукува изучувањето на Божјиот Закон, се напојува со неговите потоци. И Христос своето учење го нарекува вода, велејќи: „Кој е жеден, нека дојде при Мене и нека пие“ (Јн. 7, 37). Оној кој се поучува од Законот е еднаков на дрво засадено покрај извор на вода кое постојано цвета и обилува со навремени плодови. Иако плодовите на својот труд ќе бидат донесени во иднина, подвижниците на доблестите уште тука, како некои лисја, ањ осенуваат со добра надеж и тежината на трудот ја прикриваат со душевно насладување. Таквиот успева во се што работи зошто прави се што е според Законот Божји и својата волја ја сообразува на Божјата волја. И Псалмопејачот заради тоа, забранувајќи ги прво сите видови на пороци и покажувајќи совршенство на божествените закони, додаде: „се што прави во се успева“.
3) „Тој е како дрво засадено покрај водни потоци“. Христос во боговдахновеното писмо се изобразува со дрвото на исповедување, како што е речено: „Дрвото е живот на оние кои се фаќаат за него“ (Пос. Сол. 3, 18). Заради тоа Псалмопејачот вели дека тие, кои ќе поверуваат во Христа, ќе бидат Неговото тело, зошто „ќе го преобрзи нашето тело да биде сообразно на телото на Неговата слава“ (Фипип. 3, 21). Со извор на вода ги нарекува Божествените Писма во кои секаде можеме да најдеме проповедување на Христа. Христос е дрво на животот, а апостолите се гранките. Крвта и ребрата Христови се плод, крвта за изобразување на страдањата, а водата за изобразување на крштевањето, зборовите се лисјата. „Плодот свој го носат во свое време“. Под зборовите „плод на дрвото“ се подарзбира вистинската вера, а неговите лисја е исполнување на заповедите. Плодот се оние кои се спасуваат, коренот е крштевањето, аземјоделецот е Отецот. „неговите лисја никогаш не венат, сè што прави, во сè успева“, зошто делото, кое се извршува според Бога, не може да биде неполезно. Времето за давање зависи од оној кој прима.
5) „Затоа нечесните нема да се одржат на суд“,зошто немаат корен, туку се како прав кој го носи ветерот. Под зборот ветер се подразбира страшното Божје претскажување: „Одете од мене, проклети, во огнот вечен“ (Мт. 25, 41). Оние кои ќе го слушнат овој глас нема да стојат, туку ќе паднат, зошто не се утврдени во Христа, Кој е потпора и темел на оние кои веруваат. Речено е: „на суд“, а не на испитување. И Псалмопејачот додава:„Во соборот на праведните“, зошто праведните се одвојуваат од грешните.
6) „Затоа што Господ го знае патот на праведните“. Речено е: „Знае“, наместо „почитува“, како што Бог му говори на Мојсеј: „Те знам по името“ (2Мој. 33, 12), наместо: „те почитувам“, и ти ја доби Мојата благодат.

Толкување на псалм 2
Свети Атанасиј Велики
Псалм 2

1 Зошто се бунат народите, зошто племињата замислуваат суети?

2 Земските цареви стануваат и кнезовите се собираат против Господа и против Неговиот Помазаник:

3 „Да ги скинеме нивните окови и да го отфрлиме нивниот јарем.”

4 Оној, што живее на небесата, им се смее, Господ им се потсмевнува.

5 Тогаш ќе им рече во Својот гнев, и со Својата јарост ќе ги збуни:

6 „Јас го поставив Мојот Цар над Сион, на Мојата Света Гора.”

7 „Ја објавувам Господовата одлука: Тој ми рече: ‚Ти си Мој Син, Јас те родив денес‘.

8 Побарај од Мене, и ќе ти ги дадам народите во наследство и земските краишта во сопственост.

9 Ќе владееш со нив со железен жезал и ќе ги скршиш како грнчарски сад.”

10 Вразумете се сега, вие цареви; научете се земски судии!

11 Служете Му на Господа со страв, радувајте Му се со трепет.

12 Целувајте Го Синот, за да не се разгневи и да не загинете патем, зашто скоро ќе пламне Неговиот гнев. Блажени се сите кои се засолнуваат при Него!

Откако во првиот псалм ги прогласи старешините на еврејскиот народ за безбожници, грешници и погубници, во овој псалм исто така ги покажува нивните дела и тоа под оние имиња какви заслужиле. завршувајќи го првиот псалм спомнувајќи ги безбожниците, со тоа го започнува вториот псалм, поучувајќи дека гореспомнатите ќе ги прифатат безбожниците и ќе се разгневат на Спасителот.
1) „Зошто се бунат народите, зошто племињата замислуваат суети?“ Со зборот бунт ја нарекува неразумната гордост. Зборот „зошто“ се однесува на сите останати зборови, т.е. заради што „племињата замислуваат суети“. И навистина, зарем не беше залуден нивниот обид да не Го примат Спасителот во својот род? Што е причината за толку големата омраза, народите и племињата да се собираат заедно? Тоа што тие се бунат, а тоа значи дека тие се погордеале во таа мерка што надмено и со развратност се бунеле и вознемириле. Таа аличност е преземена од неразумен коњ кој не може да се заузда. Тоа им се случи на Евреите кои се побунија против Христа. Од каква причина „племињата и народите се собрале заедно“! Со зборовите „народи и племиња“ се подразбира или Израелци или зборот „народи“ го употребил за Ирод и Пилат, како за незнабожци, а зборот „племиња“ за Израелците.
2)„Земските цареви се собираат“, т.е. Ирод и Понтиј Пилат самите себе се одредиле за тоа. Така ова го протолкувале и самите Апостоли во Апостолски Дела (4, 26-27). „И кнезовите се собраа заедно“, – т.е. гореспомнатите книжници, фарисеи и законодавци. „Против Господ и Неговиот Помазаник (Христос), зошто злонамерноста против Христа е злонамерност против Самиот Бог Отец. И кога Отецот е во Синот и Синот е во Отецот, зарем со таа злонамерност кон Нив не се нанаесува подеднаква навреда?
3) „Да ги скинеме нивните окови“. Тука недостасува зборот „говорејќи“, за да се добие следната смисла: „се собираат против Господ и Неговиот Помазаник“, говорејќи: „да ги скинеме нивните окови“, зошто не сакале да бидат во освештената мрежа за која е напишано: „Царството небесно е како мрежа која се фрла во морето“ (Мт. 13, 47). „И да го отфрли,е нивниот јарем“, т.е. тежината на Законот за кој Господ рече: „Мојот јарем е благ, и бремето Мое е лесно“ (Мт. 11, 30).
4) „Оној, што живее на небесата, им се смее“, на оние кои се советуваат за неразумно дело. Оној Кого Го заковаат на крст и Го предале на смрт, Суштен на небесата и Седржител, ги прави нивните замисли залудни и празни. Неговиот Отец и заедничкиот Севладика ќе им даде заслужена казна. „Господ им се потсмевнува“, т.е. ќе ги понижи, замрази. „Им се потсмевнува“ е речено наместо „ќе ги замрази и ќе се одврати од нив“. Оној, вели Псалмопејачот, кој е над тие што прават сплетки, им се потсмевнува бидејќи нивните замисли се смешни, бидејќи тие преземаат нешто неразумно. Смеењето е дишење кое се испушта низ ноздрите за да се понижат оние кои имаат високо мислење за себе. Тоа се говори со посебна упорност за послино да се изрази оправданоста на потсмевот.
5) „Тогаш ќе им рече во Својот гнев, и со Својата јарост ќе ги потресе“. Зарем тоа не е она исто време кога тие рекле: „Да ги раскинеме нивните окови!“ И што им е кажано во гнев? Зарем не е токму ова? „Тешко вам, книжници и фарисеи“ (Мт. 23, 13), „од вас ќе се одземе Царството Божје“ (Мт. 21, 43) и „тешко вам законодавци“ (Лк. 11, 52), затоа што ги покорила римската војска. Јароста и гневот меѓусебно се разликуваат по тоа што јароста е гнев кој се разпламтува и се уште пламти, додека гневот е желба на навредата да се возврати со навреда. заради тоа јароста е гнев кој се уште не ја достигнал својата полнота. а гневот – самата полнота. Со таквото толкување на тие зборови поучува самиот крај на настаните. Римската војска во својот напад го урнала градот, го изгорела храмот и усмртила поголем број на Евреи, додека тие, кои го избегнале мечот, биле покорени и заробени. Би требало верникот да знае дека едно за друго се спомнуваат две лица. како прво, Господ Христос, зошто е речено: „на Господ и на Неговиот Помазаник“, а потоа: „Оној Кој живее на Небесата им се потсмева и Господ им се потсмевнува“. Тој ист начин на кажување Псалмопејачот го задржал и во она што следи.
6) „Јас го поставив Мојот Цар над Сион, на Мојата Света Гора.” Зборува и за онаа вера која, откако ќе ја отфрли Израелевиот народ, ќе ја имаат незнабошците, а Сион ја означува Црквата.
7) „Ја објавувам Господовата одлука: Тој ми рече: ‚Ти си Мој Син, Јас те родив денес‘. Природата на Отецот потврдува дека Јас сум Син. Тоа не е извршено со заповед, туку самата суштина покажува дека Јас сум – „одраз на Неговото битие (Евр. 1, 3). Додадено е: „Јас Те родив денес“ за да се означи раѓањето по тело, затоа што зборот „денес“ означува време и е употребен за да означи раѓање во време. Според тоа, на човечкото раѓање се однесуваат и следниве зборови: „Јас Те родив“. Гледаш дека Отецот го присвојува раѓањето на Единородниот Христос по тело.
8) „Ќе ти ги дадам народите во наследство и земските краишта во сопственост, (9) Ќе владееш со нив со железен жезал“, т.е. со крстот зошто иако во него е дрво како материја, во него е силата како на железо.
10) „Вразумете се сега, вие цареви; научете се земски судии“, т.е. размислете и обратете се на покајание. „Научете се земски судии“. Со зборовите „научете се“ се изразува напредок, а со зборовите „целувајте го Сион“ се мисли на постигнување на совршенство.
12) „12 Целувајте Го Синот“, т.е. целувајте го Евангелието, „за да не се разгневи и да не загинете патем“, всушност се мисли на зборовите кои Господ ги кажа: „Јас сум патот“ (Јн. 14, 6), „зашто скоро ќе пламне Неговиот гнев. Блажени се сите кои се засолнуваат при Него!“

This entry was posted in Псалми. Bookmark the permalink.

Comments are closed.