ТОЛКУВАЊЕ НА ПСАЛМ 8

СВЕТИ АТАНАСИЈ ВЕЛИКИ
1.За крај, за точилата. Давидов псалм.
Господи, Боже наш! Колку е величествено Твоето Име по целата земја;
Ти ја подигна Твојата Слава над небесата.
2.Од устата на малите деца и на доилчињата,
Си зацврсти пофалба, заради Твоите непријатели
за да ги натераш да молкнат: врагот и одмаздникот.
3. Кога ги гледам Твоите небеса, делото на Твоите прсти;
месечината и ѕвездите што си ги поставил:
4.Што е човекот за да си спомнуваш за него,
или човечкиот син за да го посетуваш?
5.А Ти го направи само малку подолен од ангелите
и го овенча со слава и чест.
6.Го постави за господар над делата на Своите раце;
сè му потчини под неговите нозе:
7. сите овци и говеда, и полските ѕверови кон тоа;
8. небесните птици и морските риби и сè што поминува по морските патишта.
9. Господи, Боже наш! Колку е величествено Твоето Име по целата земја.
Овој псалм говори за Христа и за Црквите по Овоплотувањето бидејќи Единородниот се именува како лоза, а верниците како грозје. Ако Евреите се трудат да докажат дека псалмот говори за човештвото воопшто, тогаш и во тој случај нека се знае дека се е потчинето на човекот затоа што требало Синот Божји да се овоплоти во ликот Божји. Некогаш според законот се служело само храмовниот жртвеник, по призивот на незнабошците, има многу точила, т.е. преси за вино, а тоа се Црквите кои собираат плодови од оние кои напредувале во побожноста.
„ Господи, Боже наш! Колку е величествено Твоето Име по целата земја!“ Пророкот е воодушевен од познанието на името Божје кое е дадено на луѓето зошто Бог тогаш не бил познат само на оние кои живееле во Јудеја.
„ Од устата на малите деца и на доилчињата, Си зацврсти пофалба“, т.е. кај оние кои, според Бога, се деца во поглед на злобата. Како што е јасно запишано во Евангелијата, тоа го рекол Спасителот кога фарисеите ги замолчувале децата кои Го благословувале. „Заради Твоите непријатели за да ги натераш да молкнат: врагот и одмаздникот“. Овие зборови може да се однесуваат на сетилниот и духовниот непријател или пак на еврејскиот народ. Имено Евреите Го прогонуваа Христа како непријател и се претворале дека, правејќи го тоа, тие ревнуваат за Отецот. Заради тоа Господ, за да ги лиши од секое оправдување, рече: „Кој ме мрази Мене и Отецот Мој Го мрази“ (Јн. 15, 23). „Врагот и одмазникот“, зошто врагот ги казнува грешниците откако ги натерал да згрешат, предочувајќи им ја тежината на гревот; или пак еврејскиот народ, тој непријател на вистината и осветникот по неговата божемна ревност за Законот.
„ Кога ги гледам Твоите небеса, делото на Твоите прсти“. Тие негодуваат против децата кои Го фалат, а јас, некое мало дело во Твоето создавње, гледам кон ова големо и прексрасно дело, т.е. кон небесата.
„ Што е човекот за да си спомнуваш за него, или човечкиот син за да го посетуваш?“
“Го постави за господар над делата на Своите раце; сè му потчини под неговите нозе“. Кога Бог рекол: „Ајде да направиме човек според својот образ и подобие“, Он уште додал: „Кој ќе биде господар над морските риби“ и се останато што исцрпно го набројал (1. Мојс. 1, 26), а после тоа продолжува: „Раѓајте се и множете се и наполнете ја земјата и владејте со неа“. Бог на разумната природа, како на богоподобна, и даде власт над останатото. Примајќи сила во образот Божји, човекот исто така е поставен за господар над се што е на земјата, како што е Бог цар на целото создание. Воопшто, ако е кажано: „Го постави над делата на Своите раце“, додека на друго место е речено: „Делата на Твоите раце се небесата“ (Пс. 101, 26), очигледно е дека го поставил и над небесата и, некриејќи го тоа, укажува на живеењето на небесата на оние кои си заминале од земјата, кога по ветувањето, го наследат Царството небесно. И Апостол Павле вели: „Божји наследници, а Христови сонаследници“ (Рим. 8, 17). Така треба да се разбере и следново: „Се си потчинил под неговите нозе“. Сега му ги покори животните; но бидејќи на човекот му е приготвен рамноангелски живот на небесата, тоа значи дека човекот, кој е поставен над делата на Неговите раце, и таму ќе биде созерцател на небеста и на се што е таму. Блажениот Павле протолкувал дека за Спасителот и тоа ќе се исполни во идниот век. Заради тоа и Отецот Му вели: „Седни од Мојата десна страна, додека ги положам непријателите Твои за подножје на Твоите нозе“ (Евр. 1, 13).
„Сите овци и говеда“. Под овие зборови се подразбираат оние Израелци кои поверуваа; „ и полските ѕверови кон тоа“, додека под овие зборови се подразбираат незнабошците.
„Небесните птици“, т.е. оние кои се превознесуваат со житејските работи и најнеразумните, но надмоќни луѓе.
„ Господи, Боже наш! Колку е величествено Твоето Име по целата земја.“ Бидејќи, како што веќе рековме, преку богопознанието кое е откриено на луѓето е доведен до восхитување, пророкот ги повторува претходните зборови и со тоа двојно го зголемува своето воодушевување.

This entry was posted in Псалми. Bookmark the permalink.

Comments are closed.