ТОЛКУВАЊЕ НА ПСАЛМИ ПСАЛМ 9

СВЕТИ АТАНАСИЈ ВЕЛИКИ
1.За пејачкиот началник, според напевот: „Умри за синот!” Давидов псалм. Ќе Те славам, Господи, со целото свое срце; ќе ги раскажувам сите Твои чудесни дела!
2. Ќе се радувам и ќе се веселам во Тебе, ќе Му пеам на Твоето Име, Сèвишни!
3. Кога моите непријатели ќе се вратат назад, ќе паднат и ќе загинат пред Твоето лице.
4. Зашто Ти ги заштити моето право и моето дело, Ти седна на престолот и пресуди праведно:
5. ги изобличи народите, ги истреби нечесните, им го избриша името, за вечни векови.
6. Непријателите исчезнаа – запустени засекогаш; Ти им ги разурна градовите – и споменот им го снема.
7. Но Господ царува секогаш, го подготви Својот престол за судење.
8. И ќе му суди на целиот свет со правда, ќе ги осуди народите справедливо.
9. Господ стана засолниште на угнетуваните, тврдина на спасението во тешки денови.
10. Во Тебе се надеваат оние, кои го знаат Твоето Име, зашто не ги оставаш оние, кои Те барат Господи!
11. Пејте Му на Господа, Кој живее на Сион, разгласете ги Неговите дела меѓу народите;
12. зашто си спомнува за нив како одмаздникот за крв, и не го заборава викањето на бедните.
13. Смилуј ми се Господи: погледај на моето страдање од моите непријатели; Ти, Кој ме избавуваш од вратите на смртта;
14. за да ги навестувам сите Твои пофалби во вратите на Сионовата ќерка, за да се радувам поради Твојата спасителна помош.
15. Народите паднаа во јамата, што сами ја ископаа; стапицата што ја ставија тајно, ја фати нивната нога.
16. Го познаа Господа – Тој судеше; грешникот се заплетка во сопствените дела.
17. Безбожниците ќе се вратат во подземјето, сите народи што Го забораваат Бога.
18. Зашто бедниот нема да биде заборавен засекогаш; ниту ќе биде изгубена засекогаш надежта на оние во неволја.
19. Стани, Господи, за да не се засили човекот; народите нека бидат осудени пред Тебе!
20. Господи, пушти страв на нив, нека познаат народите дека се луѓе.
21. Зошто, Господи, стоиш далеку, зошто се криеш во време на неволја?
22. Од гордоста на нечесните се измачуваат бедните; нека се фатат во сплетките што ги замислија.
23 Безбожникот се фали со желбите на својата душа; среброљубецот се одречува од Господа и Го презира.
24. Безбожникот вели во својата гордост: не, нема истраги! Па нема ни Бог! Такво е неговото мислење.
25. Неговите патишта секогаш се опаки; на Твоите судови тој и не мисли; ги презира сите свои противници.
26. Во своето срце вели: „Нема да се расколебам! Нема да бидам несреќен – од род во род.”
27. Устата му е полна со клетви, итрини и измами, под неговиот јазик има злоба и гибел.
28. Седи во заседа со богатите, покрај оградите во селата, потајно го убива невиниот, со очите го демне бедниот.
29. Седи во засолниште, како лав во пештера, демне да го ограби сиромашниот и да го вовлече во својата мрежа.
30. Се притајува, прилегнува, и беспомошните паѓаат под неговата сила.
31. Во своето срце вели: „Бог заборави, го крие Своето лице и нема да види никого.”
32. Стани, Господи Боже, крени ја Својата рака! Не заборавај ги бедните!
33. Зошто безбожникот Го презира Бога? Тој вели во своето срце: „Нема да води истрага.”
34. Ти виде, зашто ги гледаш неправдите и маките, и ги мериш во раката. Бедниот Ти се доверува Тебе, Ти си му помошник на сирачето.
35. Сотри му ја мишката на нечестивиот, и на злотворот, казни му го лукавството, за да не биде повеќе.
36. Господ е Цар, секогаш, низ вековите, ќе ги снема народите од Неговата земја.
37. Господи, Ти ги слушаш желбите на кротките; зајакни им ги срцата; отвори го Своето уво:
38. да го заштитиш правото на сиромашниот и понижениот, така што човекот, кој е од земја, да не застрашува веќе.
Во овој псалм се претставени скриените дела на Спасителот Кој многу работи Он ги извршил во тајност. Такви се, на пример, Неговото раѓање по тело од Дева преку Светиот Дих, необична и чудотворна сила, самата смрт, симнувањето во адот и воскресението од мртвите, зошто сето тоа Он го извршил во тајност. Он тоа го сокрил од кнезовите на овој свет. Пророкот во името на целото човештво, пристапува со благодарност за сите тие сокриени дела и вели. „Ќе ти се исповедамТебе, Господи“. Последниот печат на тајните дела на Спасителот биле: Неговата смрт, се што направил во адот, Неговото воскресение и вознесение.
-„ Ќе Те славам, Господи, со целото свое срце…“
-„ Кога моите непријатели ќе се вратат назад“. Објаснува во што се состои неговото исповедување. Непријател се нарекува смртта која се враќа назад, т.е. во небитие. „Ке паднат и ќе загинат пред Твоето лице“. Кога смртта ќе се врати назад, нема повеќе да дејствува ни целата противничка сила. Имено, кога ќе се укине и последниот непријател – смртта, тогаш е очигледно дека пред тоа ќе бидат укинати сите противнички сили.
-„ Зашто Ти ги заштити моето право и моето дело“. Претставува причина за благодарност. „Ти седна на престолот“ – го објаснува Божјето надгледување на судот.
-„ Ги изобличи народите, ги истреби нечесните“. Очигледно е дека под ова ги подразбира духовните непријатели. „Им го избриша името, за вечни векови“.Говори за духовната змија или ѓаволот. Бидејќи заканата означува и исправување, би можело да се каже дека откако апостолите ги исправиле незнабошците, „ги истреби нечесните“ кога се прекинало и укинало палењето на салата на жртвениците. Отако ги изобличи народите и откако тие се обратиле кон Господа, ѓаволот кој во нив дејствувал додека биле синови на спротивставувањето, пропаднал заедно со идолските храмови. Тие храмови , слично на градовите, во себе содржеле мноштво на оние кои биле приврзани за безбожништвото и кои во таа мерка пропаднале што зад нив не останало ни трага. Ова би можело да се протолкува и во врска со последниот суд, зошто Господ тогаш ќе им се закани на грешниците и бидејќи конечно ќе пропадне ѓаволот кој е безбожник во вистинската смисла на зборот. Откако ќе се искорени безбожништвото кое во нив постоело од одамна и градовите ќе ја примат во себе поуката на побожноста (благочестивоста).
-„ Непријателите исчезнаа – запустени засекогаш;Ти им ги разурна градовите“. Градови се противничките сили кои, слично на градовите, утврдени и оградени со ѕидини, под своја власт ги држеле уловените со нивната прелест. За какви инаку градови би говорел освен за оние за кои на друго место е кажано: „Го претвори градот во куп од камења и црвстата тврдина во урнатини“ (Иса. 25, 2). Очигледно е дека тоа се, врз основа на она што претходно е протолкувано, противничките сили. „И споменот им го снема“ – под ова се подразбира или конечна пропаст или прекумерност на несреќи или пак очигледност на пропаста.
-„ Господ стана засолниште на угнетуваните“, т.е. на народот кој е сиромашен по дух. Иако бил на царскиот престол, Давид често себеси се нарекувал угнетуван и сиромашен знаејќи дека се човечко е послабо од сенка. „Тврдина на спасението во тешки денови“, како што е на друго место речено: „Во времето на милоста Јас ќе те послушам“ (Иса. 49, 8). Тешки денови се нарекува времето на неволји зошто, иако ни е секогаш, па дури и во благосостојба, потребна помош, ние таа помош посилно ја чувствуваме кога сме во неволја.
-„ Пејте Му на Господа, Кој живее на Сион“, т.е. во небесниот Ерусалим. „Разгласете ги Неговите дела меѓу народите“. Тука како да зборува за апостолите и проповедниците на Евангелието. За тоа какви се тие подвизи говори во продолжение.
-„ Зашто си спомнува за нив како одмаздникот за крв“, т.е. ќе бара крв која заради Него е пролиена со цел за неа да побара задоволување.„И не го заборава викањето на бедните“. Бедни ги нарекува оние кои заради Него осиромашиле и кои непрестајно ѐму се обраќаат во молитва, молат да им се освети на демоните за навредите кои им ги нанеле.
-„ Ти, Кој ме избавуваш од вратите на смртта“. Ме воздигнуваш од земјата на унижувањето за да славам и во небесниот Сион.
-„ За да ги навестувам сите Твои пофалби во вратите на Сионовата ќерка“, во небесниот Ерусалим. Навестувам – наместо: псалмопојам во текот на долго време.
-„ Го познаа Господа – Тој судеше“, Неговиот суд е праведен и според него ќе бидат осудени на смрт оние кои ја спремаа за човекот. Имено, во времето на судот ќе го познаат Господа и оние на кои ќе се суди.
-„ Стани, Господи, за да не се засили човекот“. Моли се Единородниот да заблеска врз оние кои се на земјата и оној надмен ѓавол, кого во овој псалм Давид го нарекува човек, повеќе да не се засилува. „Народите нека бидат осудени пред Тебе!“ Моли се за најскорешниот повик на незнабошците на спасение.
-„ Господи, пушти страв на нив“. Кој е законодавец освен Оној Кој не воведе во Законот на Новиот Завет? “Нека познаат народите дека се луѓе“. Сред големата демонска измама, тие кои се претвориле во животински ликови, заради што за нив е кажано: „Се изедначи со стоката неразумна и и стана сличен“ (Пс. 48, 13).
Во еврејската Библија тука почнува десетиот псалм.
-„ Зошто, Господи, стоиш далеку“? Моли за да се забрза призивот на незнабошците до кој ќе дојде откако ќе помине многу време. Тоа го направил ѓаволската гордост.
-„ Од гордоста на нечесните се измачуваат бедните“. Гордоста на лукавиот предизвикува имачување на Твојот сиромашен народ. „ Нека се фатат во сплетките што ги замислија“, зошто е кажано: „Он ги фаќа мудрите во нивното лукавство (1 Кор. 3, 19 и Јов 5, 13).
-„ Безбожникот се фали со желбите на својата душа“. Бидејќи безбожниците остануваат неказнети, некои од невнимателните и недолготрепливите го одобруваат нивниот живот.
-„ Безбожникот вели во својата гордост: не, нема истраги! Па нема ни Бог!“ Губејќи го стравот Божји во душата, тој постојано живее во грев. Почетокот на секое лукаво дело е да не се мисли на Бога како на судија.
-„ На Твоите судови тој и не мисли“. Не сака да знае дека Ти си праведен Судија. Оној кој не знае што е Бог, не знае ни што е Судија. „Над сите свои непријатели ќе надвладее“. Ова е слично на веќе реченото: „Целата вселена ќе ја опфатам со својата рака како Гнездо“ (Иса. 10, 14). Меѓу искушенијата едни се однесуваат на душата, а други на телото, а трети на она што го опколува телото. Искушенијата кои се однесуваат на душата се нарекуваат нечисти мисли и од нив се раѓаат гревови и лажни учења. Искушенијата кои се однесуваат на телото стануваат причина за удари, мачења, прогони, затворања и смрт. Искушенијата кои се однесуваат на она што го опкружува телото се состои од губење на пари и имот, губење на деца или жена-маж. Оттука е очигледно дека сатаната со посредство на некои од наброените искушенија, вадеел над секој праведник, зошто единствено Христос не направи грев, нити се најде лага во Неговата уста (1. Петр. 2, 22).
-„ Во своето срце вели: „Нема да се расколебам!“, т.е. нема да паднам во заблуда, од колено на колено нема да скршнам од патот зошто нема нема да претрпам нешто лошо.
-„ Устата му е полна со клетви, итрини и измами“. Сметал дека неговата благосостојба ќе биде вечно заради што устата негова е полна со „итрини и измами“ и поставува заседа на сиромашните за да ги погуби во своите замки.
-„ Седи во заседа со богатите,“ седејќи на собори и собиралишта, спрема замки за невините. Под зборот „богати“ се подразбираат оние кои се богати со зло. Имено тие му помагаат на својот татко, ѓаволот, во замките против сиромашните.
-„ Во своето срце вели: „Бог заборави, го крие Своето лице и нема да види никого.” Ѓаволот тоа не го кажува затоа што навистина е така , туку со намера да не измами, за да се сопнеме со мисла и да помислиме дека Бог не се грижи за човечките дела.
-„ Стани, Господи Боже,“ сака да го раздвижи задоцнувањето на Бога и Божјата добрина зошто безбожниците ќе се предаваат на поголема дрскост се додека Божјата рака не се крене врз нивното безумие. „Крени ја Својата рака!“ Крени ја Својата рака и поучи ги дека размислуваш за навредените и како да стануваш од сон, покажи дека казната, која Ти ќе им ја испратиш, е над нивните замисли. Нив казни ги, но поштеди ги навредените кои ги натажиле нивните дрскости и хули.
-„ Зошто безбожникот Го презира Бога? Тој вели во своето срце: „Нема да води истрага.” Еве ја причината заради која се гордее и заради која паѓа.
-„ Ти виде, зашто ги гледаш неправдите и маките“. Ти се знаеш Господи и од Тебе не е сокриено не само она што се извршува на дело, туку и она што доаѓа во умот и мислата. Сосема точно ги познаваш ио нивните болести и гневот на оние кои ги навредуваат и раздразливоста на луѓето зошто проникнуваш во помислата на секој човек, Ти, кои ги испитуваш срцата и бубрезите (Пс. 7, 10). Гледајќи го сето тоа, Ти си долготрпелив знаејќи дека се е под Твојата рака и дека човекот никаде не може да побегне. „Бедниот Ти се доверува Тебе, Ти си му помошник на сирачето“, т.е. тој од тебе очекува помош.
-„ Сотри му ја мишката на нечестивиот,“ т.е. скрши го владеењето на непријателот. Ќе се побара неговиот грев и нема да се најде сред смиот грев. Во својата целокупност оваа изрека ја има следнава смисла: ако го побараш гревот на лукавиот, нема да се најде зошто лукавиот ќе пропадне од гревот. Ќе се најдат од Бога спасени, на пример: „Го најдов Давид, слугата Свој“ (Пс. 88, 21) и најдена е „изгубената драхма“ (Лк. 15, 9), зошто ќе пропадне ако не биде најдена. Пропаднатите нема да се најдат во векови зошто постои Судијата.
-„ Господ е Цар, секогаш, низ вековите“, во идниот и нов век. „Ќе пропаднат незнабошците од Неговата земја “ зошто во неговото царување ќе бидат фрлени во вечен оган. Со незнабошци се нарекуваат неправедните луѓе, како и оние кои не живеат според законот, туку во себе ја задржуваат варварската и незнабожечката суровост. Моли да ги истреби, говорејќи: „Ќе пропаднете“ и им се заканува со конаечна пропаст, за да здивнат оние од нив страдаат, но и тие самите да севразумат.
-„ Господи, Ти ги слушаш желбите на кротките“ зошто таква била нивната желба, зошто таква била нивната ревност да се удостојат со идните добра. „Зајакни им ги срцата; отвори го Своето уво“, бидејќи подготвени на тоа, со срце се спремни се да претрпат.
-„ Да го заштитиш правото на сиромашниот и понижениот, така што човекот, кој е од земја, да не застрашува веќе“. Кога се вели да се заштити правото на сиромашниот, тогаш се мисли дека нема повеќе да се фали човекот на земјата.

This entry was posted in Псалми. Bookmark the permalink.

Comments are closed.