ТОЛКУВАЊЕ НА ПСАЛМИТЕ

СВЕТИ АТАНАСИЈ ВЕЛИКИ
ТОЛКУВАЊЕ НА ПСАЛМ 11
1 За началник на пејачи. На свирка со осум жици. Давидов псалм. Помогни, Господи, зашто ги снема побожните, нема повеќе верност меѓу луѓето.
2 Секој го лаже својот ближен, зборуваат со лажливи усни и со дволично срце.
3 Ќе ги истреби Господ сите лажливи усни, и јазикот што зборува горделиви нешта,
4 тие, кои велат: „Јазикот е наша сила, нашите усни се наши; кој е господар над нас?”
5 Господ говори: „Сега ќе станам, заради страдањата на угнетуваните и заради воздишките на бедните; ќе се поставам во нивно спасение, ќе се осмелам во него.”
6 Господовите слова се чисти зборови, како сребро очистено од земја, пречистено седумпати.
7 Господи, Ти ќе не заштитуваш, ќе чуваш секого од нив, од овој род довека.
8 Нечесните одат наоколу, кога расипаните се издигаат меѓу синовите човечки.
Тука Давид се моли за избавување од лукавиот род. Тој род постоел во времето на нашиот Спасител, Исус Христос. Самиот Спасител за него рече: „Ниневијските мажи ќе станат на суд со ова поколение и ќе Го осудат“ (Мт. 12, 41).
-„Помогни, Господи, зашто ги снема побожните, нема повеќе верност меѓу луѓето.“ Тоа го говори мислејќи на сите злосторства против нашиот Спасител, зошто Евреите, напуштајќи ја вистината, изнесуваа само лага против Христа.
-„Лажливи усни и со дволично срце“, зошто Го нарекоа учител и благ, а друго договараа за Него.„ Ќе ги истреби Господ сите лажливи усни, и јазикот што зборува горделиви нешта“. Зарем не е горделив јазикот кој се дрзнал да му каже на Спасителот: „Со каква власт го правиш тоа, или кој Ти ја даде таа власт ова да правиш“ (Мк. 11, 28)?
-„ Тие, кои велат: „Јазикот е наша сила, нашите усни се наши; кој е господар над нас?” Тие си замислиле дека имаат валст да зборуваат против Спасителот се што ќе посакаат. А ова: „кој е господар над нас“ е слично на она што е речено: „Овој не знаеме од каде е “ (Јн. 9, 29).
-„Заради страдањата на угнетуваните“. Со ова мисли на сиромашните и бедните по дух; бидејќи ги слушнав нивните воздишки, вели Он, „ќе станам и ќе се поставам во спасение (нивно), ќе се осмелам во него“, т.е. на сите ќе им го откријам спасоносното учење и ќе устројам така тоа да се слушне насекаде.
-„ Господовите слова се чисти зборови, како сребро претопено во земјана печка“. Вистинитите зборови, објавени за спасението се слични на среброто кое многу пати е претопено во оган. Зборот „седумпати“ е употребен наместо зборовите многу пати“ зошто таквиот начин на изразување е вообичаен во боженственото Писмо.
-„ Господи, Ти ќе не заштитуваш“. Ќе не заштитуваш бидејќи не опколуваат безбожници и смислуваат зло против нашето спасение; тоа се противничките и лукави сили.
-„По Својата висина ги умножи синовите човечки“. Ова значи: Ти со Својата сила ни даде долговечност и вечен живот зошто по Твоето спасоносно воскресение нашиот живот ќе се распространи во бесконечните векови. Со зборот „висини“ се мисли дека не направил подобни на Себе онолку колку што таа подобност е возможна за човекот. Или пак уште ова: не удостои со Својата голема грижа.
ТОЛКУВАЊЕ НА ЈЕФИМИЈ ЗИГАБЕН
Псалмот прорекува за воскресението Христово и за осветата за навредувањето на христијаните. Пророкот се моли да дојде осмиот ден, т.е. денот на воскресението Христово и да почне освета за оние кои ги мачи ѓаволот, како и за луѓето кои робуваат на идолопоклонството.
-„ Помогни, Господи, зашто ги снема побожните“. Праведен е оној кој во однос со луѓето се придржува на правдата. Побожен е оној кој верува во Бога, а свет е оној кој се обоготворил преку совршенството во доблестите. Овие имиња претставуваат еден вид на скала која, оние кои по неа чекорат, ги крева кон Бога. Претходно спомнавме дека Светото Писмо ги нарекува праведни и оние кои се совршени во доблестите. Но, тука не се говори за таков праведник. Тука пророкот се моли да ја избегне надмоќта на злите луѓе. Оваа молитва и прозба излегува од устата на оние кои ќе ја прифатат евангелската проповед, зошто во тоа време, кога дојде Господ, имало најмалку побожни.
-„Зошто се намалија вистините од синовите човечки“. Побожните сосема исчезнале; меѓутоа, некои вистини останале во човечките синови, зошто тогаш луѓето за големото и важното зборувале лага, а за малото и ништожното зборувале вистина.
-„Секој го лаже својот ближен“. Секој изговарал празни зборови, т.е. измама и лага. Во тоа време луѓето не мамеле и се потсмевале само на туѓинци, туку и на своите пријатели (ближни, соседи), а Давид на ова место со ближен не го нарекува само оној кој е близок по место (сосед), туку по особините на природата и волјата.
-„ Лажливи усни и со дволично срце, а во срцето говореа зло“. Со зборовите „лажливи усти“ Давид го нарекува лажливиот човек, именувајќи еден тој мисли на делата на една целина. Подмолниот човек со лажливо срце и лажливи мисли говори она што е зло и штетно. Во себе крие една мисла, а надвор од себе покажува друга.
-„ Ќе ги истреби Господ сите лажливи усни, и јазикот што зборува горделиви нешта“. Често се случува оние зборови во Светото Писмо, кои содржат желба, да изразуваат идно време. Така е направено и на ова место, зошто Давид конечно да биде искоренета подмолноста, заедно со оние кои се превознесуваат над ништожните (малите) и за себе говорат нешто големо. Или, можеби, Давид со овие зборови пророкува за пропаста на подмолните, а за оние кои ги нарече лажливи, ќе говориме во продолжение:
-„ Тие, кои велат: „Јазикот е наша сила, нашите усни се наши“. Вели дека Бог ќе ги истреби оние кои така говорат за себе, т.е. кои размислуваат вака: ќе го употребиме својот јазик за големи и горди зборови.
„Нашите усни се наши, кој ни е Господар?“ Бог ќе ги истреби и оние кои велат: ние сме господари на своите усти и јазик. Кој ќе ни забрани да изговараме горди зборови? Кој може да не спречи?
-„Сега ќе станам, заради страдањата на угнетуваните и заради воздишките на бедните, говори Господ“. Зборот „сега“ треба да се разбере како „тогаш“, т.е. во погодното време. Мислата која се изразува со овие зборови е следната: „Тогаш“ вели Христос, „ќе станам од гробот заради несреќата на оние кои сред незнаење и робуваат на заблудата“, зошто во тоа се состои нивното сиромаштво. Некои велат дека за сиромашни се нарекуваат оние кои со своите раце заработуваат за потребната храна. Таквите сиромашни требало да поверуваат во Христа, зошто се лишиле од своето богатство, а со работата и трудот на своите раце го добиваат она што им е неопходно за телото. Овие зборови може да се сфатат и на друг начин, како Бог да вели: „Сега, т.е. наскоро ќе станам и ќе се осветам за страдањата и воздишките на бедните“. Иако Давид зборовите „ќе станам“ и „ќе се осветам“ ги навел онака како што му прилега на еден човек, тие мора да се сфатат онака како што Му доликуваат на Бог.
„ Ќе се поставам во нивно спасение, ќе се осмелам во него.” Претходно спомнувајќи го Христовото воскресение, Давид после тие зборови го спомнува Неговото погребување, изменувајќи го поредокот и враќајќи се на Христовата крсна смрт. „Ќе се поставам“ вели Господ, т.е. ќе бидам закован на крст, нешто кој Он тука го нарекува спасение. Поразувајќи го мачителот – ѓаволот со копје и со крстот, Господ ни подари спасение и потполна слобода од нашата заблуда. Нас, кои некогаш бевме слаби, Он не укрепи против демоните. „Ќе се осмелам во него“, т.е. јавно ќе се покажам и на целиот свет на крст ќе ја откријам боженствената сила која се криеше во Мене. Имено, кога Господ Го кренале на крстот, тогаш се искинала завесата во храмот, сонцето се помрачило, земјата се потресла, камењата се распаднале, а се случиле и други чуда. Или пак може да се разбере вака: „Ќе ги поставам сиромашните и несреќните во спасение, т.е. ќе ги удостојам со спасение, а потоа смело ќе го објавам нивното спасение и ќе ја откријам својата сила“.
-„ Господовите слова се чисти зборови“. Бидејќи претходно изнесувал само она што говори Господ, Давид сега уверува во вистинитоста на зборовите Господови говорејќи дека тие се чисти и дека им е туѓа секоја лага.
-„Како сребро очистено од земја“. Тој вели дека Божјите зборови се толку чисти и непомешани со измама и лага, што се слични на претопено сребро, очистено од ’рѓа и земја. За да ја возвиши чистота и светоста на Господовите зборови, Давид во продолжение вели:
„Пречистено седумпати“. Тука зборот „седумпати“ значи „повеќе пати“. Она сребро, кое повеќе пати е претопено, станува совршено чисто. Така се зборовите на вистината Божја.
-„Господи, Ти ќе не заштитуваш, ќе чуваш секого од нив, од овој род довека.“ Зборовите „Ти ќе не заштитуваш“ се ставени наместо: „Господи, сочувај не од оние кои од надвор се наоружуваат против нас“, а зборовите „ќе чуваш секого“ се наместо: „чувај не од оние кои не напаѓаат одвнатре.“ Со други зборови пророкот тука се моли Бог да не сочува од видливи и да не одбрани од невидливи непријатели. Или, пак, зборовите: „ќе не чуваш“ се однесува на сегашното колено, а зборовите „ќе не одбраниш“ на идните колена на зли луѓе. Овие зборови се оправдале зошто верата на оние, кои ја прифатиле евангелската проповед, останала непобедена од тогашните гонители, како што и во вековите ќе остане непобедена. Неа не можеле да ја победат ниту Елените, кои отворено војувале против верата, ниту еретиците кои постојано смислувале лукавства против неа.
-„ Нечесните одат наоколу“. Од сите страни не опколуваат безбожници, обидувајќи се да ја потиснат и победат верата во Христа. Така постапуваат незнабошците и царевит – гонители. Еретиците исто одат наоколу зошто боженственото Писмо не го разбираат во вистинската смисла, туку во извртена со лажни умувања и толкувања.
Ти Господ, издигнувајќи се на крст, си покажал голема грижа за човечкиот род, за кој си пострадал. Ова може да се разбере и вака: Ти, Господи, откако се вознесе на небото во денот на Вознесението, си бил милосрден кон луѓето зошто ни го испрати Светиот Дух Кој ги просветлува и раководи со евангелските проповеди.

This entry was posted in Псалми. Bookmark the permalink.

Comments are closed.