ТОЛКУВАЊЕ НА ПСАЛМИТЕ

СВЕТИ АТАНАСИЈ ВЕЛИКИ – ТОЛКУВАЊЕ НА ПСАЛМИ
ПСАЛМ 12
1. На пејачкиот началник. Давидов псалм. До кога, Господи, ќе ме забораваш сосем? До кога ќе го криеш Своето лице од мене?
2. До кога ќе слагам совети во мојата душа, тага во срцето секој ден? До кога ќе се издига мојот непријател над мене?
3. Погледни, послушај ме, Господи, Боже мој! Просветли ги моите очи за да не заспијам во смрт;
4. За да не рече мојот непријател: „Го надвив!” Да не се радуваат моите противници, кога ќе се поколебам.
5. Јас се надевам на Твојата милост; моето срце ќе се радува во Твоето спасение.
6. Ќе Му пеам на Господа, Кој ме награди.
Содржина:
Давид овој псалм го испеал каејќи се за некој грев и истовремено благовестувајќи за нашето спасение. Во тој псалм ни е даден образецот по кој, живеејќи во грев, сме должни да притекнуваме кон Бога.
-„ До кога, Господи, ќе ме забораваш сосем?“ Како да долготрајниот грев, со посретство на покајување за него направил пат кон Бога. „ До кога ќе го криеш Своето лице од мене?“ Тоа лице непрестајно Го гледаат ангели.
-„ До кога ќе слагам совети во мојата душа?“ Тагувам, помислувајќи во душата дека ќе умрам во грев, и тоа, повеќе од се, ми создава душевна болка. „Тага во срцето секој ден“ – тоа е секојдневна грижа во срцето.
„До кога ќе се издига мојот непријател над мене?“ Ако нашиот непријател, ѓаволот, се унижува кога сме побожни, јасно е дека тој се превознесува кога грешиме, бидејќи човековото унижување значи воздигнување на сатаната. Како што и за Бога се вели дека Он се вознесува со нашето спасение, така и за ѓаволот се кажува дека се возвишува со нашата пропаст.
-„ Просветли ги моите очи“. Тука мисли на очите на умот, зошто е кажано: „Се просветлија со светлината на знаењето“.
-„Јас се надевам на Твојата милост“. Цврсто се надевам дека ќе добијам простување за гревот, вознесувајќи ја мислата кон милосрдието Твое по кое на сите луѓе им подари спасение. Тоа спасение го радува моето срце кое одамна боледува заради гревот.
ПСАЛМ 13
1. Безумникот рече во своето срце: „Нема Бог!” Се расипаа; нивните дела се гнасни нема кој да прави добро.
2. Господ гледа од небесата на човечките синови за да види дали има некој разумен: кој да Го бара Бога.
3. Сите свртија заедно, сите се расипаа; нема кој да прави добро, нема ниеден.
4. Зар нема да се вразумат сите, кои беззаконуваат, кои ги голтаат Моите луѓе како да јадат леб? И не Го повикуваат Господа?
5. Таму ќе затреперат од голем страв, зашто Бог е во праведно поколение.
6. Ги засрамивте намерите на бедниот; но Господ е негово прибежиште.
7. О, нека дојде од Сион, спасението на Израел! Кога Господ ќе ги врати заробениците од Својот народ, тогаш ќе се зарадува Јаков и ќе се развесели Израел.
Содржина:
Во овој псалм Давид сосема јасно укажува на безбожништвото и беззаконието на луѓето во сите нивни потфати, и со тоа проповеда за неопходноста од доаѓањето на Христос.
-„Безумникот рече во своето срце: Нема Бог“. Бидејќи не ни помислувале дека постои Бог Кој се гледа и Кој им суди на човечките дела со праведен суд, луѓето го извршиле секое неправедно дело. Со самото тоа „Господ гледа од небесата“, а тоа јасно укажува на доаѓањето на Господа меѓу луѓето.
-„ Нема кој да прави добро, нема ниеден“. Кога дошол, Господ не нашол никого кој правел добро, туку секој се покажал како виновен во секое подло дело.
-„Ги голтаат моите луѓе како да јадат леб“. И демоните го голтале човекот како храна, не помислувајќи дека Бог не може да го заборави Своето создание.
„Зар нема да се вразумат сите кои беззаконуваат?“Сите отстапиле и тие не го познаваат Бога. Тие го јадат Неговиот народ, зошто го убедуваат да се поклонува на тварите, а не на Создателот (Творецот). Токму оние кои на другите им станале советници за зло, не сакаат да го призиваат Господа. Така, наместо минато време, треба да се чита идно време.
-„ Таму ќе затреперат од голем страв“. Мојсеевиот закон казнувал. Додека Христовиот страв е непорочен (чист) бидејќи не учи да се плашиме онака, како што синовите се плашат од таткото. Од тоа време, т.е. од времето на доаѓањето Христово, затрепереле од страв тами каде нема страв, но не затоа што законот се заканува, туку заради богобојазливоста (стравопочитувањето), каква повеке доликува на слободните.
„Зошто Бог е во праведното поколение“, оправдани со Неговото доаѓање.
-“Ги засрамивте намерите на бедниот“. Тоа е кажано на оние кои ќе истраат во неверието и ќе ги прогонуваат оние кои поверуваа во Христа.
-„ О, нека дојде од Сион, спасението на Израел“. Во овие зборови се состои двојно пророштво зошто не само што се објавува самото спасение кое во тоа време било ограничено, туку и спасоносното јавување на нашиот Спасител од Сион, до кое ќе дојде по долго поминато време.
-„Тогаш ќе се зарадува Јаков“. Се мисли на светите патријарси и пророци кои се радуваат што Христос ги исполни оние ветувања кои беа предвидувања; во тие ветувања се предвидувало за спасението на сите незнабожци.

This entry was posted in Псалми. Bookmark the permalink.

Comments are closed.