ТОЛКУВАЊЕ НА ПСАЛМИТЕ

ПСАЛМ 15
1.Закрили ме, Боже, зашто се надевам на Тебе.
2. Му реков на Господа: „Ти си мој Господ; нема блаженство без Тебе.”
3. Во светите на земјата и во избраните, во нив е сета моја радост!
4. Ќе се умножат жалостите на оние, кои следат туѓи богови; нема да ги принесам нивните крвни приливи, ниту со својата уста ќе ги земам нивните имиња.
5. Господ е дел на моето наследство и мојата чаша. Ти го запазуваш моето достоинство.
6. Мојот дел зафати пријатни места; да, добив прекрасно наследство!
7. Го благословувам Господа, Кој ме вразумува; па и ноќе моето срце ме советува.
8. Господ ми е секогаш пред очите; бидејќи ми е од десната страна, нема да се сопнам.
9. Затоа ми се зарадува срцето и се развесели мојата слава, а моето тело се одмора во надеж.
10. Зашто нема да ја оставиш мојата душа во Подземјето, ниту ќе дозволиш твојот светец да види гниење.
11. Ќе ми го покажеш патот на животот, во Твоето присуство има полнота на радоста, десно од Тебе – вечно блаженство.
Содржина:
Пророштвото кое сега го држиме во раце содржи во себе повикување на незнабошците, обвинување на Израелците за непослушност, како и самата тајна на воскресението на нашиот заеднички Спасител Исус Христос. Мислам дека токму заради тоа оваа песна е наречена стилографија (запис на столб), зошто пророкот Давид како за своите потомци (т.е. за оние кои ќе дојдат после него) да ја поставил на столб. Зборовите на песната како да се пеат во името Христово зошто на такво разбирање не научил апостол Петар.
-„ Закрили ме, Боже, зашто се надевам на Тебе.“ Како на Себе да го примил заедничкиот лик на целото човештво, упатува збор кон Бога и Отецот, не за Себе, туку за нас и заради нас, како, по домостројот, и Он да е еден од нас. Заради тоа Отецот Го нарекува Господ, како оној кој на Себе примил облик на слуга. Го моли да го сочува заради Црквата, која е Негово тело. И бидејќи Црквата е Негово тело, тој всушност моли за нејзиното зачувување. Всушност тоа зачувување може правилно да се однесува и на Него Самиот.
-„ Му реков на Господа: „Ти си мој Господ“. И ова наликува на лик на слуга и истовремено укажува на оправдување со исповедување во верата. „Зошто немаш потреба од добрата мои“. Под добра се подразбираат жртвите кои се принесувале според Законот, зошто ги изговара овие зборови на верата: „Зарем Јас јадам јагнешко месо и пијам јарешка крв?“ (Пс. 49, 13).
-„ Во светите на земјата и во избраните, во нив е сета моја радост!“ Со зборот „свети“ ги нарекува осветените со Духот, со зборот „земја“ ја нарекува Христовата Црква. Смислата на целата реченица е следнава: направи тие, кои се осветени со вера, да ја познаат волјата на Отецот во нив, т.е. во оние кои се на земја Божја или во Црква, или во оние кои се на света земја затоа што светите, живеејќи на небесата, иако уште се наоѓаат на оваа земја, веќе живеат на Неговата земја. „Волјите“ Божји се сите оние поединечни доблести кои Бог ги направи чудесни во Своите свети, зошто во творењето на доблестите тие имаат некоја предност во однос на другите луѓе. Храброста на апостолите и мачениците не е идентична со храброста на оние кои се храбри во нешто друго, ниту целомудреноста на Јосиф не е слична со целомудреноста на другите луѓе. Затоа тој, воодушевен од нив, ја чувствива својата сопствена слабост, зошто многу му недостасува во споредба со боженствената сила и боженствената величина. Имено, штом во праведниците се умножат слабостите, тие итаат пред Бога да принесат покајание.
-„ Ќе се умножат жалостите на оние, кои следат туѓи богови“. Меѓутоа, иако се умножиле, тие не ја задржале таа жалост. Жалоста, или немоќта во нив останале само до тогаш додека не ги познале, зошто „се можат во Христа Кој им дава моќ“(Филип. 4, 13). Или, како се чини, тоа го говори за апостолите и за оние кои поверувале преку апостолите. Во нив се покажале Божјите чуда зошто ги исполниле сите Божји заповеди. Меѓутоа, се умножиле нивните жалости, или кажано на друг начин, се умножил нивниот труд кога против нив се побуниле мноштво незнабошци, беседници, војници и цареви, а тие, надвладувајќи ги сите нив, го завршиле својот пат. Или пак кратковременоста и привременоста на неволјите укажува на бесконечниот век. Иако биле немоќни затоа што првобитно живееле во гревови, штом ја слушнале проповедта, тие станале послушни. „Нема да ги принесам нивните крвни приливи“. Оние кои Христос ќе ги собере, мора да бидат чисти од убиства и крв. Собирајќи собори составени од незнабошци, нема да ги соберам со посредство на крв, т.е. ќе направам да не Ми пристапат чувајќи го служењето по Законот, туку преку принесување на слава и бескрвна жртва. „ Ниту со својата уста ќе ги земам нивните имиња“. Веќе нема да се нарекуваат идолослужители и безбожници, туку повикани и избрани. Некогаш добиле имиња достојни на своите дела и биле наречени идолослужители и многубошци, а сега веќе не сакаат да се сеќаваат на тие имиња, туку се наречени побожни, свети и избрани.
-„ Господ е дел на моето наследство и мојата чаша“. Со зборот „наследство“ се нарекува незнабожечкото царство и појасно изразувајќи се, како да сакал да каже: Незнабоштвото ми е како наследство и делот ми го дарува Отецот на Кого Му бев послушен се до смртта; Отецот е дел и на Мојата Црква, која е Мое наследство. Он е дел и на Мојата чаша, т.е. смртта, зошто чашата значи смрт, според она што е кажано: „Ако е можно, нека ме одмине оваа чаша“ (Мт. 26, 39). И Црквата го наследила Отецот исполнувајќи ги Неговите заповеди. И самата Моја смрт Го наследила Отецот, според зборовите на оној кој рече: „Наследници Божји и сонаследници Христови (Рим. 8, 17).
-„ Мојот дел зафати пријатни места; да, добив прекрасно наследство“. Говори за оние пријатни места со кои е соединет со Црквата. Таа е и најдобра, бидејќи е угодна.
-“ Го благословувам Господа, Кој ме вразумува“. Толкувањето на овој стих го наоѓаме во Делата апостолски. „ Па и ноќе моето срце ме советува.“ Во боговдахновеното Писмо, со зборот срце (како и бубрези) се нарекуваат скриените и длабоко пријатни помисли, додека ноќта означува она што не е видливо.
-„ Господ ми е секогаш пред очите; бидејќи ми е од десната страна, нема да се сопнам.“ Во тоа се содржи и отвореното разобличување на бесчувствителноста на Евреите, зошто и врховниот апостол Петар во Делата апостолски ова го протолкувал во врска со Христа (Дап. 2, 25). Бидејќи Христос е Бог, Он се утврдува и оддржува. Бидејќи станал човек, затоа и Му доликува да каже дека Господ Му е од десната страна за да не се сопне. Во се прилагодувајќи се според мерките на човечката природа, Он кон домосторојот не се срами од она што доликува на унижувањето, т.е. своеволното унижување на Боженството. Погледни како нашата природа се прославила во Христа. Ние, кои сме отфрлени заради Адамовиот престап, сме приведени пред лицето на Самиот Отец и Он е наш заштитник и наша потпора.
-„ Зашто нема да ја оставиш мојата душа во Подземјето“. За Него, Кој е Живот и Животодавач, според домостројот се кажува дека ќе Го оживее Отецот.
-„ Ќе ми го покажеш патот на животот“. Примајќи на Себе човечки лик и откако стана сличен на нас, изговара зборови кои многу повеќе доликуваат на нас отколку Нему, како Бог. „ Во Твоето присуство има полнота на радоста, десно од Тебе – вечно блаженство“. Тоа значи дека светите ќе се насладуваат и радуваат, откако ќе оживеат во времето на воскресението. Тоа насладување и радост, кои се непропадливоста, ние ќе ги примиме од Христа Кој е во нас и од десната страна на Отецот. Дека тој збор е вистинит покажува и следново место на кое е речено: „Кој ќе го преобрази нашето унизено тело, да се сообрази со Неговото славно тело“. (Филипј. 3, 21).

This entry was posted in Псалми. Bookmark the permalink.

Comments are closed.