ЖИТИЈА НА СВЕТИТЕЛИ,СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР,ВО МЕСЕЦ ЈАНУАРИ

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 1 ЈАНУАРИ
ОБРЕЗАНИЕ НА ГОСПОД И СПАСИТЕЛ НАШ ИСУС ХРИСТОС

Во осмиот ден по раѓањето Божествениот Младенец бил донесен во храм и обрезан согласно постоечкиот закон во Израел уште од времето на Авраам. При таа прилика Му го дадоа името Исус, како што и благовестил архангел Гаврил на Пресвета Дева. Старозаветното обрезание е праобраз на новозаветното крштевање. Обрезанието на Господа покажува дека Он на себе примил вистинско човечко тело, а не привидно, како што подоцна еретиците учеле за Него. Господ бил исто така обрезан и затоа што сакал го исполни секој закон кој Он самиот го дал преку пророците и праотците. Исполнувајќи го тој пропис законски, Он го заменил со крштевање во својата Црква. „Зашто во Исуса Христа не помага ниту обрезанието, ниту необрезанието, туку новото создание (твар) (Гал. 6, 15), објавува апостолот. (Во црковната служба, овој празник нема ни претпразненство, ниту попразненство).
СВЕТИ ВАСИЛИЈ ВЕЛИКИ
Бил роден за време на владеењето на царот Константин. Уште како некрстен учел 15 години во Атина филозофија, реторика, астрономија и сите останати светски науки од тоа време. Школски другари му биле: Григориј Богослов и Јулијан, подоцна цар отстапник. Во зрели години се крстил во реката Јордан заедно со својот поранешен учител Евул. Бил епископ на Кесарија Кападокиска речиси 10 години, а својот земен живот го завршил на 50 години. Бил голем поборник за Православието, голем зрак на морална чистота и ревност за верата, голем богословски ум, голем строител и столб на црквата Божја – Василиј со големо право бил наречен Велик. Во црковната служба се нарекува пчела на Христовата црква, која им носи мед на верниците и осило за еретиците. Сочувани се многубројни дела од овој Отец на Црквата, богословски, апологетски, подвижнички и канонски; исто така и Литургија наречена по неговото име. Оваа Литургија се служи 10 пати во годината: на 1 јануари, воочи Божиќ, воочи Богојавление, во сите недели на Велигденскиот пост, освен во Цветната, на Велики Четврток и на Велика Сабота. Свети Василиј Велики се упокоил мирно на 1 јануари 379 година и се пресели во царството Христово.
РАСУДУВАЊЕ
Зошто треба да се слуша Црквата, а не еден човек кој мисли против Црквата, макар и да се работи за најголемиот мислител?Затоа што Црквата ја основал Господ Исус Христос и затоа што вдахнувајќи ја Црквата ја води Светиот Дух Божји. Уште и затоа што Црквата означува држава на свети, градина на питоми овошки. Ако еден станува против државата на светите, значи дека тој не е свет, тогаш зошто тој да се слуша? „Црквата е ограда“, говори премудриот Јован Златоуст; „ако си внатре, волкот не влегува; но ако излезеш, ѕверовите ќе те фатат…Не се оддалечувај од Црквата: ништо посилно од Црквата нема. Црквата е надеж, Црквата е спасение. Од небесата е повисоко, од каменот е потврда, од земјата поширока; никогаш не старее, секогаш се подмладува.
СОЗЕРЦАНИЕ
Да го созерцувам обрезанието на Господ Исус Христос и тоа:
1.Неговата слава во небесното царство каде херувимите Му служат со страв и трепет,
2.Неговото понижување и смирение во чинот на обрезанието, наменет за грешниците,
3.да го созерцувам своето срце: колку сум го обрезал од грешни помисли, пороци и страсти.
БЕСЕДА
За тоа како треба да бегаш од злото и да правиш добро
Нека бега од злото и нека прави добро (Пс. 33, 15)
Со овие зборови е искажан целиот наш труд со кој треба да се трудиме тука на земјата, на оваа материјална земја и на ова тло материјално. Што треба да биде нашиот труд? Да стекнеме две навики: една – да бегаме од злото; и друга: да правиме добро. А за тоа што е добро, а што зло, ни кажува нашата совест непотполно и нејасно зошто со грев е потемнета, а Христовата наука е потполна и јасна.
Што бара од нас Господ? Бара како што нашите олтари се завртени кон исток, така и нашите души да бидат секогаш завртени кон доброто. Да го оставаме злото зад грб, во сенка, во провалијата на заборавот, во темнината на поранешното, а ние од година во година, од ден во ден, се повеќе да се приклонуваме кон доброто, да мислиме на доброто, да копнееме по доброто, да зборуваме за доброто, да правиме добро. Господ бара ѕидари, а не уништувачи. Зошто оној кој ѕида добро, со самото тоа го урива злото. Кој се заврти да го урива злото, брзо заборава да ѕида добро и се претвора во злосторник.
Мразејќи го злото, држете се до доброто (Рим. 12, 9), не учи Христовиот апостол. Мрази го злото, но не го мрази човекот кој прави зло, зошто доброто е од Бога и затоа што Бог е ризница на сите добра.
О Господи, Кој си добар, научи не да бегаме од злото и да правиме добро заради славата Твоја и заради спасението наше. Тебе слава и пофалба за навек. Амин

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 2 ЈАНУАРИ СВЕТИ СИЛВЕСТЕР, ЕПИСКОП РИМСКИ
Бил роден во Рим и уште од младоста ја изучувал мудроста и верата Христова. Својот живот секогаш го управувал кон евангелсите заповеди. Многу се користел со поуките на свештеникот Тимотеј на чие погубување за верата и самиот тој присуствувал и гледајќи го примерот на херојската пожртвуваност на својот учител, тој самиот се напоил со таков дух за целиот свој живот. Во својата триесета година станал римски епископ. Ги поправал обичаите на христијаните, така на пример го укинал постот секоја сабота, како што до тогаш се постело кај некои христијани и одредил да се пости само во Велика Сабота и оние саботи који паѓаат во постовите. Со своите молитви и чуда помагал царот Константин и неговата мајка Елена да се обратат во правата вера и да се крстат. Содејствувал со царицата Елена да го најде Чесниот Крст. Управувал со Божјата Црква дваесет години и чесно го завршил својот земен живот преселувајќи се во царството небесно.
СВЕТИ СЕРАФИМ САРОВСКИ
Преподобен Серафим се родил во градот Курск во Русија од благочестиви и богати родители, Исидора и Агатиј. Татко му бил трговец. Се родил на 19 јули 1759 година и на крштевањето го добил името Прохор. Неговиот татко имал големо почитување кон Божјите храмови, а неговата мајка била почитувана заради својата побожност и добротворство. Во својата трета година Прохор останал без татко и како единствена воспитувашка му останала неговата побожна мајка Агатија. Под нејзино раковотство тој израсна во христијанска побожност и љубов кон молитвата во Божјиот храм.
Тој стана еден од најголемите руски подвижници, прозорливци и чудотворци. Се одликувал со голема понизност. Кога целиот свет го славел, тој себе се нарекувал „сирот Серафим“. Својот земен живот го заврши во 1833 година и се претстави на Бога.
ПРЕПОДОБЕН АМОН
Голем подвижник во петтиот век. Бил настојател на манастирот Тавенискиотски во горен Египет. Под негово раководство се подвизувале околу три илјади монаси. Имал благодатна дарба на чудотворства и прозорливост. Кога еден монах го прашал за совет, тој му одговорил: „Биди сличен на престапник во темница кој постојано прашува: кога ќе дојде судијата. Така и ти прашај со страв“
РАСУДУВАЊЕ
Како да одговориш на оние кои говорат: не може Христос Чудотворец да застане во нашата логика. Одоговорете едноставно: застанете вие во неговата. Во Неговата логика застанува целата вечност и сето благородство на времето и, ако сакате, ќе се најде места и за вас. Ако не може буре во напрсток, тогаш може напрсток во буре. Блажениот Климент Александриски вели: „Филозофите се деца се додека не постанат луѓе преку Христа…зошто вистината никогаш не е само мислење“. Христос дојде да ги поправи луѓето, а со тоа и човечката логика. Он е наш Логос и наша Логика. Затоа ние мораме да го управуваме нашиот разум кон Него, а не Него кон нашиот разум. Он го поправа нашиот разум. Не може да се прилагоди сонцето според нашиот саат, туку нашиот саат според сонцето.
СОЗЕРЦАНИЕ
Да Го созерцувам Господ Исус Христос како божествено Слово (Логос) и тоа:
1.како да троединиот Бог се создал со Своето Слово, т.е. со Господ исус Христос,
2.како да е бесловесен секој човек кој се оддалечува од Христа, Словото Божје и во кого Го нема Христа.
БЕСЕДА
Гордоста врви пред гибелта, и високоумноста пред паѓањето (Пословици, 16, 18).
Од се што постои на четирите страни на светот, што нас, луѓето смртни, може да не направи горди, освен глупавоста и демонската измама? Зарем не дојдовме голи на овој свет и зарем нема такви од него да си заминеме? Се што имаме, зарем не го позајмивме и зарем нема со смртта се тоа да го вратиме? Колку пати ова е кажано? Ништо не донесовме во овој свет, значи не можеме ништо и да однесеме (1 Тим. 6, 7), говори премудриот апостол. И кога на Бога принесуваме жртва, обичен леб и вино, ние говориме: Твое од Твето Тебе Ти принесуваме, зошто ништо во светот немаме свое; ниту трошка леб, ниту капка вино – ништо што не е од Бога. Вистина, гордоста е ќерка на глупавоста, ќерка на помрачен ум, родена од зла врска со демоните. Господста е широк прозор низ кој брзо изветруваат сите наши заслуги и сите добри дела. Ништо пред луѓето не не прави толку празни, ниту пред Бога така недостојни како гордоста. Кога Господ не е горд, како ние може да бидеме? Кој има повеќе право да биде горд од Господ, Кој го создаде светот и кој со својата сила го држи? И ете, Он се понизи до слуга, слуга на целиот свет; до смрт, смрт на крст! О Господи смирен, согори го во срцето наше она што го посеа ѓаволот со огнот на Твојот Свет Дух и всади во него благородно семе на смиреност и кроткост. Тебе слава и пофалба за навек. Амин

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 3 ЈАНУАРИ,ПРОРОК МАЛАХИЈА
Светиот Пророк Малахија се родил во Софа, во Завулоновото племе, по враќањето на Евреите од Вавилонското ропство. Уште од младоста водел чист и непорочен живот. Пророкувал за доаѓањето на Господ Исус Христос, за Страшниот суд, за промената на прописите и законите Мојсееви на подобро и за новата жртва. Неговото име Малахија значи ангел. Народот го нарекувал ангел затоа што имал многу убаво лице како на ангел и затоа што живеел ангелски чисто и свето и се дружел со ангелите. Често разговарал со ангелот кој му ги откривал Божјите тајни и идните настани. Светиот пророк Малахија викал по неблагодарниот Израел и безаконите свештеници. Петсто години пред Христа ја пророкувал јасната појава и служба на Свети Јован Крстител. Тој, воглавно, е пророкот на денот на Страшниот суд. Се претставил пред Бога во својата младост и после него немало пророци се до Свети Јован Крстител.
СВЕТИ МАЧЕНИК ГОРДИЈ – Бил роден во Кесарија Кападокиска, бил офицер во римската војска во времето на царот Ликиниј. Но кога се појавил страшниот прогон на христијаните, тој ја напуштил војската и својот чин и отишол во Синајската пустина. Осамен на планината Хорив, Гордиј го поминувал времето во молитва и размислувања за тајните на небото и земјата. Особено размислувал за суетата и ништожноста на се она околу кое луѓето толку се мачат и борат на земјата и посакал да умре и да се пресели во неминлив и нераспадлив живот. Со таа желба се симнал во градот во времето на незнабожечките трки и игри. Се пријавил кај градоначалникот како христијанин. Овој залудно го одвраќал од верата со секакви закани. Гордиј останал непоколеблив и цврст како дијамант и велел: „Зарем не е очигледно безумство да се купува со овој кратковековен живот вечни маки и душевна погибел?“ Бил осуден на смрт и тој радосно итал кон губилиштето и на џелатите им говорел за прекрасната и слатка Христова наука. И со името Христово на усните тој го предал своето младо тело на мечот, а својата праведна душа на Бога во 320 година.
За светиот маченик Гордиј напишал пофално писмо Свети Василиј Велики како архиепископ на Кесарија Кападикиска каде се родил и пострадал овој светител.
РАСУДУВАЊЕ
Бог дава понижување и пропаст на зол човек кога овој мисли дека неговата сила е осигурана за навек. Кога злобниот римски епарх Тарквиниј наредил да му се отсече главата на блажениот Тимотиј, го повикува светиот Силвестер и му се заканил со смрт ако тој не се откаже од наслетството на Тимотеј и ако веднаш не принесе жртва на идолите. Без никаков страв овој светител му одговорил со евангелските зборови: безумен, уште оваа ноќ ќе ја земам твојата душа, а со она што се фалиш дека ќе ми направиш, ќе ти се случи тебе. Злобниот епарх го оковал светиот Силвестер и го врзал во темница со намера наскоро да го погуби. Откако го направил тоа, тој седнал да руча. Но коска од риба му застанала во грлото. Од попладнето до полноќ лекарите се мачеле да му го спасат животот, но се било залудно. На полноќ Тарквиниј ја испуштил својата злобна душа во најголеми маки. И така се оствари она што го прорече Свети Силвестер, и зборовите библиски: „Гордоста врви пред гибелта, и високоумноста пред паѓањето(Послов.16 18)
СОЗЕРЦАНИЕ
Да го созерцувам ангелот хранител и тоа:
1.како тој ми стои од десната страна поддржувајќи ме се додека јас не го оставам Божјиот закон,
2.како многу пати сум го навредил и себе го отргнав, грешјќи го Божјиот закон.
БЕСЕДА
За тоа како со срцето се здобива Царството Божје, а не со јазикот
Нема секој кој ми говори: Господи, Господи, да влезе во царството небесно (Мат. 7, 21)
Со јазикот, браќа, не се освојува царството Божје, туку со срцето. Срцето е ризница на богатство со кое се купува царството, срцето, а не јазикот. Ако ризницата е полна со Божјо богатство, т.е. со силна вера, добра надеж, светла љубов и добри дела, тогаш и весникот на тоа богатство, јазикот, е верен и мил; ако ризницата е празна од сето тоа богатство, тогаш и весникот е лажен и дрзок. Какво срце, такви зборови. Какво срце, такви дела. Се зависи од срцето. Претворањето е немоќно и пред луѓето, а уште понемоќно пред Бога. Ако јас сум татко, говори Господ преку пророкот Малахија, ако јас сум татко, каде е мојата чест? И ако сум господар, каде е мојот страв? Односно: слушам дека ме викате татко, но не гледам дека ме чувствувате со срцето. Слушам дека ме нарекувате господар, но не гледам страв кон мене во вашите срца.
Нашата молитва: Господи! Господи! е прекрасна и е корисна само тогаш кога извира од молитвено срце. Самиот Господ нареди непрестајно да се молиме, но не со јазикот, за да не слушнат луѓето, туку затворени во срцето за да не слушне и види Господ.
Господи величенствен и прекрасен, избави не од лицемерие и влеј ни го Твојот страв во нашите срца за нашите срца да стојат непрестајно исправено на молитвата пред Тебе. Тебе слава и благодарност навек. Амин

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 4 ЈАНУАРИ,СОБОР НА СВЕТИТЕ СЕДУМДЕСЕТ АПОСТОЛИ
Освен великите дванаесет апостоли, Господ избра уште седумдесет други апостоли и ги испрати на проповедање на Евангелието, „И ги испрати двајца по двајца пред своето лице во секој град и место каде намераваше да оди сам…Одете, еве јас ве испраќам како јагниња меѓу волци“ (Лк. 10, 1 и 5). Но како што еден од Дванаесетмината, Јуда, отпадна од Господ, така и некои од овие седумдесетмина се откажале од Господа не со намера за предавство, туку поради човечката немоќ и маловерност (Јн. 6, 66). И како што Јудиното место било потполнето со друг апостол, така и местата на овие апостоли биле потполнети со други. Овие апостоли се труделе на истата работа како и дванаесетте велики апостоли, биле помошници на Дванаесетмината во ширењето и утврдувањето на Божјата Црква во светот. Претрпеле многу маки од луѓе и демони, но нивната цврста вера и огнената љубов кон воскреснатиот Господ ги направи победници на светот и наследници на Царството небесно.
СВЕТИ ЕВСТАТИЈ, АРХИЕПИСКОП СРПСКИ
Бил роден во Будимјанската жупа од богобојажливи родители. Како момче се замонашил во Зета, а потоа преминал на поголем подвиг во манастирот Хиландар на Света Гора. Со време постанува игумен на Хиландар и како игумен бил избран за епископ зетски, а по одредено време и за архиепископ српски. Бил високодобродетелен маж и управувал со стадото Христово со ревност и љубов. Се упокоил мирно во 1279 година во старост, а пред смрт извикал: „Во Твоите раце, Господи, го предавам мојот дух“. Моштите му почиваат во храмот на Пеќката Патријаршија.
ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ОНУФРИЈ ХИЛАНДАРЕЦ
– Во младоста им се налутил на родителите и пред Турците изјавил дека ќе се потурчи. Веднаш после тоа се покајал за тие зборови, отишол во Хиландар и се замонашил. Измачуван од совеста, тој се решил на мачеништво, затоа, со благослов од својот духовник, отишол во Трново каде им се јавил на Турците, се објавил себеси за христијанин, му се потсмевал на Мухамед, за што му била отсечена главата на 4 јануари 1818 година во својата триесет и втора година од животот. Телото на овој духовен витез не било сочувано, зошто Турците го фрлиле во море.
РАСУДУВАЊЕ
Бог ги слуша молитвите на праведниците. Тоа јасно се гледа од животот на Мојсеј и Илија и останатите старозаветни праведници и пророци, како и од животите на апостолите и светителите. Кога Света Геновева како калуѓерка се подвизувала во Париз, се случило Атила со своите диви Хуни да го опколи Париз. Сите жители на Париз биле обземени со страв и ужас и секој час очекувале дека градот ќе биде заземен од непријателите. Тогаш Света Геновева го повикал народот да пости и на Бога да се моли и несреќата да се отргне. Поголемиот дел од мажите и жените се отповикале на нејзиниот повик и почнале да постат и да се молат. Самата Геновева најмногу постела и најусрдно се молела на Бога. После кратко време непријателот се откажал да го нападне Париз без видливи причини и отишол на друга страна. Она што не може да го направи мечот на многу грешници, може молитвата на еден праведник.
СОЗЕРЦАНИЕ
Да го созерцувам богатството на Божјата сила, мудрост и љубов и тоа:
1.богатството на таа сила, мудрост и љубов, покажано во создадената природа,
2. богатството на таа сила, мудрост и љубов, откриено на светот преку Господ Исус Христос.
БЕСЕДА
За жителите на оној свет
Тие не се од светот, како што ни Јас не Сум од светот (Јн. 17, 16)
Христос Господ не е од овој свет туку само во телото на овој свет. Тоа е војвода преоблечен во облека на затвореник за да ги спаси затворениците заробени од гревот, материјалното и сатаната. Затоа каков е војводата, такви се неговите војници. И тие по духот не се од овој свет: не се затвореници, туку слободни, не се робови туку господари, не се распадливи туку бесмртни, не се пропаднати туку спасени. Такви се сите оние кои Христос ги регрутира и кои, вкусувајќи бесмртниот живот, доброволно се одрекуваат од светот и застануваат покрај Него и Му остануваат верни до крајот на овој живот на земјата. Авва Мојсеј рекол: „Никој не може да стапи во Христовата војска ако не е целиот оган и ако не ги презрел почестите и ако не се откажал од сите телесни желби и не ги чува сите заповеди Божји“. Регрутиран беше и Јуда, но тој отпадна и ја засака темнината повеќе од царскиот двор, и ропството повеќе од слободата, и распадливоста повеќе од бесмртноста, и пропаста повеќе од спасението. Но останатите апостолски регрути, велики или мали, Му останаа верни до крај и извојуваа победа која ги прослави на земјата меѓу луѓето и на земјата меѓу ангелите. Затоа се слават и благословуваат и на земјата и на небото. Сите кои се прославија со светот, со светот и пропаднаа, а оние кои се прославија со Христа, со Христа се спасија. Славата на светот е смрт, а славата Христова е живот, вечен живот.
Господи бесмртен, иако сме и ние од светот по тело и грев, регрутирај не во Твојата војска која не е од светот по дух, по сила, по мудрост и љубов. Да и ние, кога ќе умреме во светот, да живееме во бесмртното Твое царство, со ангелите, апостолите и светителите, заради љубовта и молитвата на Твоите свети апостоли. Тебе слава и благодарност за навек. Амин

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 5 ЈАНУАРИ,СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ТЕОПЕМТ И ТЕОНА
– Кога Диоклецијан објавил прогон на христијаните, епископот никомидиски Теопемт бил првиот кој пострадал за Христа. Овој свештеномаченик бил изведен пред царот и царот му се заканил со смртна казна ако не се одрече од Христа. На таа закана храбриот епископ му одговорил на царот: „Стои напишано: не се плашете од оние кои ви го убиваат телото, а душата не можат да ви ја убијат. Ти, цару, имаш власт над моето тело, прави со него што ти е мило“. Тој бил многу тепан, со глад мачен и истегнуван на разни начини. Најпосле царот повикал некој магионичар , Теона, да на Божјиот човек му делува со своите маѓии. Теона растворил во вода најсилен отров и му даl на Теопемт да го испие. Теопемт ја прекрстил чашата и го испил отровот. Кога Теона видел дека неговиот отров ништо не му наштетил на Теопемт, тој се завртел кон царот и извикал: „И јас сум христијанин и се поклонувам пред Распнатиот“. И двајцата биле осудени на смрт: Теопемт го пресекле со меч, а Теона го закопале жив во земја во 298 година. И двајцата чесно пострадаа и станаа жители на царството Христово.
ПРЕПОДОБНА СИНКЛИТИЈА – По потекло од Македонија. Била воспитана во Александрија. Како богата и угледна девојка многу момчиња сакале да се омажат за неа, но таа сите ги одбивала и побегнала од родителскиот дом во манастир. Во најголема воздржаност, бдеење и молитви живеела се до својата осумдесета година. Нејзините поуки за монахињите отсекогаш биле сметани за вистински духовни бисери зошто оваа праведничка не дошла до висока мудрост преку книги, туку преку страдање, мака, деноноќно размислување и духовно општење со божествениот свет. Се преселила со својата душа во тој боженствен свет во 350 година. Света Синклитикија меѓу останатото говорела: „Ако е време на пост, немој да се откажуваш од постот божем заради болест, зошто и тие кои не постат паѓаат во истите болести“. Исто така говорела: „како што откриеното богатство брзо се разграбува, така и добродетелта, кога ќе се разгласи, се помрачува и се губи“.
ПРЕПОДОБНА АПОЛИНАРИЈА – Била ќерка на Антимиј, наместник на малолетниот цар Теодосиј Помладиот. Тоа му била постарата ќерка, додека помладата била луда. Аполинарија не сакала да се мажи, туку во срцето се верила за Христа и се оддалечила во египетската пустина. Во машка облека и под машко име Доротеј, таа стапила во машки манастир каде се подвизувала вознесувајќи го својот дух непрестајно кон Бога горејќи со љубов кон својот Творец. Некој на царскиот намесник Антимиј му советувал да ја испрати својата луда ќерка при пустиниците за да и читаат молитви. И по промислата Божја се случило својата луда сестра да ја излечи постарата сестра со силна молитва. Дури кога Аполинарија се упокоила, се објавила тајната дека таа не била машко, туку женско. Мажествената храброст на оваа света девица станала пример и поттик на многумина низ вековите, на сите оние кои мислат на своето спасение. Се упоколила во 470 година.
РАСУДУВАЊЕ
Плод, плод и само плод бара Господ од секое живо дрво што се вика човек. Добар плод е богољубиво срце, а зол плод е самољубиво срце. Се останато што човекот го ума и ужива, како: положба, власт, чест, здравје, пари, ученост – сето тоа се само лисја на дрвото. „Секое дрво кое не раѓа добар род, се сече и во оган се фрла“ (Мат. 3, 10). Дури и нехристијанските народи ги ценеле добрите дела повеќе отколку убавите зборови. Колку повеќе тоа треба да биде правило за Христовите следбеници. На еден собир на жителите на Атина, на кој биле и спартански пратеници, некој старец одел од клупа до клупа барајќи место да седне. Атињаните му се потсмевале и не му отстапиле место. Кога старецот им пришол на Спартанците, сите скокнале на нозе и му понудиле место. Кога го виделе тоа Атињаните ги пофалиле Спасртанците со убави зборови. На тоа Спартанците им одговориле: „Атињаните знаат што е добро, но не го творат доброто“. Кој твори добро, тој личи на дрво кое донесува добар плод на својот домаќин. А изворот на доброто во човекот е добро и богољубиво срце.
СОЗЕРЦАНИЕ
Да го созерцувам совршенството на првиот човек Адам и тоа:
1.неговата близина до Бога,
2.неговата сила, мудрост и убавина од Бога,
3.доброволното покорување на целата природа под власта на безгрешниот Адам.
БЕСЕДА
За немоќта наша без Господ Христос
Без Мене не можете да правите ништо (Јн. 15, 5)
Нашиот Господ немал обичај да говори претерано. Никој во светот не зборува и зборувал поодменерено од Него. Затоа кога Он вели дека ние без Него не можеме да правиме ништо, тогаш тоа така треба буквално да се разбере и прими. Он говори тука за доброто, а не за злото; никакво добро ние не можеме да правиме без Христа, без Христа и спроти Христа. Он е сопственикот кој дава и вдахнува секакво добро. Никакво добро не стои надвор од Него, како што никакво зло не стои во Него. Јас сум коренот, а вие лозата, рекол Он. Што може лозата без коренот? Може ли да растат и плод да донесат? Не.
Може ли човек да мисли колку сака, но не може никогаш да замисли едно вистинско добро кое не е во Христа и кое произлегува од Христа. Ако некој рече дека тој прави добра и човечни дела без Христа, знајте дека тие негови дела се расипани во основата и разјадени, било од суета, било од сокриена себичност. Зошто човекот без Христа е исто што и лоза без корен. Тоа Он самиот ни кажа. Коренот е сокриен и не се гледа, а лозата се гледа. Сепак и грозјето на лозата и самата лоза зависат од коренот. Коренот од разновидното добро расте од срцето на Бог Отецот и се налева со сласта од Светиот Дух.
Господи Боже, помилуј не и спаси! Тебе слава и благодарност за навек. Амин.
6 januari - slika
НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 6 ЈАНУАРИ,БОГОЈАВЛЕНИЕ
– Кога Господ Исус Христос наврши триесет години од Своето телесно раѓање, Он ја започна Својата учителска и спасоносна работа. И самиот почеток го означува со крштевање во реката Јордан. Свети Кирил Ерусалимски вели: „Почетокот на светот, водата, почетокот на Евангелието, Јордан“. При крштевањето на Господ во реката Јордан на светот се објавила онаа тајна која во Стариот Завет се навестувала, за која во стариот Египет и Индија само се раскажувало, т.е. тајната за Светата Троица. Отецот се јавил преку сетилото за слух, Светиот Дух се јавил преку сетилото за вид, а Синот се јавил преку тие две сетила и уште преку сетилото на допир. Отецот го кажал Своето сведоштво за Синот. Синот се крстил во водата, а Светиот Дух во вид на гулаб лебдел над водата. А кога Свети Јован Крстител посведочи и рече за Христа: „Ете Го Јагнето Божје кое ги зема на Себе гревовите на светот“ (Јн. 1, 29) и кога тој го крсти Господа во Јордан, со тоа се покажа и Христовата мисија во светот и патот на нашето спасение. Имено: Господ ги зема на Себе гревовите на човечкиот род и под нив умре (потопувањето во вода) и оживеа (излегувањето од вода); и ние мора да умреме како стар гревовен човек и да оживееме како очистени, обновени и препородени. Ова е Спасителот и ова е патот кон спасението. Празникот Богојавление (Теоганија на грчки) просветува покажувајќи ни Го Бога како Троица едносуштна и неразделна. Тоа е едно. И второ: зошто секој од нас со крштевањето во вода се просветува со тоа што станува всиновен од Отецот на Светлината, со заслуга на Синот и силата на Светиот Дух.
РАСУДУВАЊЕ
Некогаш басните на еретиците и досаѓале на Божјата Црква, а сега и досаѓаат богоотстапничките басни. Преку истрајност во верата, со усрдна молитва, исповест, па дури и со мачеништво, победена е таа досада. Само преку тие начини ќе биде победена и оваа досада.И Црквата Божја, сад на божјата Вистина, на крај ќе триумфира, зошто на крајот на ѓаволот ќе му снема оружје (Пс. 9, 7). Блажениот Климент Александриски рекол за еретиците кои ја напуштиле Црквата: „Оној кој паднал во ерес, патува низ сува пустина, напуштајќи го единиот вистински Бог; одвоен од Бога тој бара безводна вода, со раце собира бесплодност, влегува во ненаселена и жедна земја“. Истото тоа може да се каже за многу научни хипотетичари и теоретичари кои се раководат по својата фантазија, а по Божјата вистина.
СОЗЕРЦАНИЕ
Да го созерцувам настанот на крштевањето на Господ и тоа:
1.Неговото скромно доаѓање на реката Јордан, непознат за сите, освен за Јован,
2.Неговото потопување во вода; летањето на голубот над Него и гласот од висините.
БЕСЕДА
За таинственото боженствено Троиство
Зошто се троица што сведочат на небото; Отецот, Словото и Светиот Дух; и овие троица е едно. И троица се што сведочат на земјата: дух и вода и крв; и тројцата се заедно.
Кога го читаме Светото Писмо треба будно да го набљудуваме секој збор. На брзиот читател, на пр. нема да ја забележи разликата која Евангелистот ја повлекува меѓу небесното троиство и земното троиство. За небесното троиство тој вели: и овие троица се едно, а за земското: и троицата се заедно. Огромна е разликата да се биде едно и да се биде заедно. Отецот, Синот и Светиот Дух се едно, додека духот и водата и крвта се заедно, а не едно. Зошто и непријателите може да бидат заедно, но не и едно. Сите луѓе на земјата се заедно, но не се едно. Водата и крвта го сочинуваат телото, а духот е дух. Телото копнее против духот, духот против телото (Гал. 5, 17); не се едно, но се заедно. И кога човекот умира, заедницата се кине и престанува: крвта и водата одат на една страна, а духот на друга. Додека боженственото троиство на небесата не само ѓто е заедно, туку е и едно.
Но има едно тројство во внатрешното небо на човекот, кое не треба да биде заедница, туку единство, за човек да биде блажен на овој и оној свет. Тоа е единството на умот, срцето и волјата. Додека овие три нешта се само во заедница, се до тогаш човекот е во војна со самиот себе и со небесното Тројство. Кога пак овие три нешта ќе станат едно, така да ниедно да не владее и ниедно да не робува, тогаш човекот е исполнет со еден мир кој го надминува секој ум (Фил. 4, 7), секој збор, секое објаснување, секој страв и секоја тага. Тогаш малото небо во човекот почнува да наликува на големото Божје небо и образот и подобието Божје тогаш станува јасно во човекот.
Господи тричен, помогни ни да личиме барем на оние кои личат на Тебе. Тебе слава и благодарност за навек. Амин

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 7 ЈАНУАРИ,СОБОР НА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ
– Бидејќи Јовановата главна улога во животот била одиграна на денот на Богојавлението, Црквата од дамнина го посветила денот по Богојавление на неговиот спомен. За овој ден се врзува уште и настанот со раката на Предвесникот. Евангелистот Лука посакал да го пренесе телото на Свети Јован од Севастија, каде големиот пророк бил посечен од Ирод, во Антиохија, своето родно место. Но успеал да добие и пренесе само една рака која во Антиохија ја чувале се до десетиот век, а потоа била пренесена во Цариград, од каде ја снемало за време на Турците. Свети Јован се прославува неколку пати во годината, но најмногу се прославува на овој ден, 7 јануари. Меѓу евангелските личности, кои го опкружуваат Спасителот, личноста на Свети Јован Крстител завзема сосема посебно место, како по начинот на своето доаѓање на свет, така и по начинот на животот во свет и по улогата на крштевање на луѓе за покајување и крштевање на Месијата и на крај по своето трагично заминување од овој живот. Тој бил со таква морална чистота што повеќе може да се нарече ангел, како што го нарекува Светото Писмо, отколку смртен човек. Од сите останати пророци, Свети Јован се разликува особено по тоа што ја имал таа среќа што можел и со рака да му Го покаже на светот Оној кого Го прорекувал. За раката на Свети Јован се зборува дека секоја година на денот на светителот, архиерејот ја изнесувал пред народот. Понекогаш раката била раширена, а понекогаш згрчена. Во првиот случај означувала родна и обилна година, а во вториот неродна и гладна.
СВЕТИ МАЧЕНИК АТАНАСИЈ
Овој Христов маченик бил прост и сиромашен човек, но богат со вера и мудар со Божјиот Дух. Еднаш случајно стапил во расправија за верата со некој Турчин. Турчинот бил образуван и вешт на зборови, но Атанасиј се трудел со сите сили да ја истакне и утврди вистинистоста и предимството на христијанската вера над мухамеданството. Другиот ден Атанасиј бил повикан пред суд. Овој Турчин стоел таму како негов тужител. Кога судијата го повикал Атанасиј да се одрече од Христовата вера и да се потурчи, како што божем и изјавил претходниот ден, Атанасиј извикал: „Попрво би избрал илјада смрти отколку да се откажам од Христовата вера!“ Заради тоа бил осуден на смрт и обезглавен во 1700 година во Смирна. Телото му е закопано во црквата Света Параскева во истиот град.
РАСУДУВАЊЕ
„Човекот не е нешто видливо“, рекол Свети Василиј Велики. Како што куќата личи на друга куќа, така и човекот надворешно личи на друг човек. Но на куќата и се оддава чест според оној кој живее во неа, така и на човекот според духот кој живее во него. И на телсниот вид му е јасно дека куќата не е домаќинот, туку само куќата во која живее домаќинот; но само на духовниот вид му е јасно дека телото не е човекот, туку само куќа во која живее човек.
СОЗЕРЦАНИЕ
Да го созерцувам одењето на Господ во гората на искушенијата и тоа:
1.како Он веднаш по крштевањето се упатува на пост и молитва,
2.како на крстен човек ѓаволот му прави разни интриги особено во време на пост и молитва,
3.како Он кротко како јагне, но одлучно како господар, ги одби сите ѓаволски искушенија.
БЕСЕДА
За покорувањето пред Божјата волја
Нека биде волјата Твоја како на небото така и на земјата (Мат. 6, 10)
Блажен е Свети Јован Крстител зошто го исполни Евангелието пред Евангелието! Откако отиде во пустината, тој сосема се предал на Божјата волја и со телото и со душата. И Божјата волја се вршела и на земјата преку неговото тело и на небото преку неговата душа. Ниту гладот ни ѕверовите не му го повредија телото во пустината во текот на многуте години, ниту душата му ја повреди очајувањето заради самотијата, ниту гордоста заради небесните виденија. Тој не побарал ниту леб, ниту знаење од луѓето. Се Бог му даде што му било од потреба, зошто целосно се предал на волјата Божја.
Ниту тој ги управувал своите чекори во пустината, ниту од пустината. Невидливо кормило од горе управувало со неговиот живот. Зошто кога требаше да излезе од пустината и да тргне во средба со Господ, се вели: „Божјото Слово дојде до Јована“ (Лк. 3, 2). Како невин младенец, така едноставно говори Јован за своето општење со небесните сили: и јас не Го знаев (т.е. Христа); туку Оној Кој ме испрати да крстам со вода, Он ми рече: врз кого ќе видиш дека слегува Духот и стои врз Него, тое е Оној Кој ќе крсти со Светиот Дух. И јас видов и засведочив дека е ова Синот Божји (Јн. 1, 33-34). Колку нежно и просто говори Свети Јован за небесните предмети! А колку е страшен, како лав, кога говори против неправдата на луѓето, против Ирод и Иродијада! Јагнето и лавот во него живеат заедно. Нему небото му е блиско како на детето мајката. И волјата Божја нему му е толку достапна и јасна како и на ангелите на небото.
Господи премудри, насочи го кон Твојата волја животот на нас грешните во пустината на овој живот како што го насочи животот на Свети Јован Крстител. Тебе слава и благодарност за навек. Амин
НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 8 ЈАНУАРИ,СВЕТИ МАЧЕНИЦИ ЈУЛИЈАН И ВАСИЛИСА
– И двајцата потекнувале од благородни и богати родители. Иако биле венчани, тие се заветиле дека ќе живеат девствено како брат и сестра. Го раздале целиот свој имот на сиромашните, а тие се замонашиле и тоа Јулијан основал машки, а Василиса женски манастир. Јулијан имал околу 10 илјади монаси, а Василиса околу илјада монахињи. Кога христијаните биле многу мачени во времето на царот Диоклецијан, Василиса Го молела Бога ниедна од нејзините монахињи да не се уплаши од маките и да не отстапи од православната вера. Господ ја услишал молитвата на својата достојна слугинка и во следните шест месеци при Себе ги земал сите монахињи, а на крај и нивната игуманија Василиса. Пред смртта Василиса имала видение на своите сестри од оној свет: сите и се јавиле светли и радосни како ангели Божји и ја повикувале својата духовна мајка што побрзо да им дојде. Манастирот на Јулијан бил нападнат од мачителите, а Јулијан нечовечки мачен со најтешки маки. Во маките Господ го крепел и се јуначки издржал, верата ја оддржал и Христовото име го прославил. Заедно со Свети Јулијан биле убиени синот и жената на мачителот Маркијан; Келасиј Марионила, кои кога ја виделе храброста на Јулијан во трпењето на маките, самите се обратиле во Христовата вера; дванаесет римски војници; седум браќа од тоа место; презвитер Антониј и некој Атанасиј, кого Јулијан во времето на мачењето со молитва го воскресна од мртвите. Сите чесно за Христа пострадаа и постанаа жители на царството небесно во 313 година.
СВЕТА ДОМИНИКА – Во времето на царот Теодосиј дошла како некрстена од Картагина во Цариград со уште четири девојки незнабошки. Патријарх Макариј ги крстил и благословил да живеат како инокињи. Света Доминика се предала на подвиг со голема ревност и во таа ревност не попуштала се до својата смрт во длабока старост. Се упокоила во Господа околу 474 година. Просветлена од Светиот Дух таа можела да ги предвиди настаните во иднината и со молитва да твори чуда.
СВЕТИ ГРИГОРИЈ, ЕПИСКОП ОХРИДСКИ – Бил благочестив учител и пастир на Христовото стадо. Се упокоил во 1012 година. Во еден натпис во црквата Света Софија во Охрид се нарекува „Григориј премудар“.
РАСУДУВАЊЕ
На една плоча во црквата Света Софија биле врежани овие зборови: „Измиј ги гревовите свои, а не само лицето“. Секој кој влегувал во таа славна црква, го читал овој натпис и се сеќавал дека христијанската вера бара од него морална чистота: чистота на душата, срцето и умот. Но бидејќи во срцето е сосредоточен целиот духовен човек, затоа и Господ рекол: Блажени и чисти во срцето. Целата надворешна чистота не помага во здобивањето на Царството небесно. Кога ние би вложувале толкав труд во мињето на самите себе од гревови колку што труд вложуваме во миењето на своето лице! Во нашето срце тогаш, навистина, би се видел Бог како во огледало.
СОЗЕРЦАНИЕ
Да ги созерцува трите искушенија со кои сатаната го искушувал Господ Исус Христос и тоа:
1.сластољубие (искушението со лебовите),
2.славољубие (воздигнувањето над храмот),
3.среброљубие (нудење на имотот на целиот свет).
БЕСЕДА
За потребната внимателност на оние кои мислат дека се сигурни
Кој мисли дека стои, нека се чува да не падне (1 Кор. 10, 12).
Апостолот, кој дава ваков совет, прво ја знаел природата на луѓето и целата нивна немоќ. Секој ден го потврдува тоа искуство дека штом човек се исправи од гревовната кал, веќе повторно се витка и паѓа. Штотуку се излечил од порокот на среброљубие, а веќе паѓа во порок на славољубие. Или штотуку ја отворил раката да му помогне на некој сиромав човек, гордоста го кутнува на другата страна. Или штотуку малку се навикнал на молитва, тој ја отвора ширум својата уста да ги грди оние кои уште не се навикнале на молитва. Или штотуку почувствувал дека Духот Божји го раководи на патот на спасението, а тој веќе се наметнува како учител на целиот свет додека со тоа сосема не го истера Духот во себе.
Кога Господ им претскажуваше на учениците дека сите од Него ќе се откажат и дека ќе се разбегаат, тогаш Петар, самоуверен во својата постојаност, извикал: „Ако сите се соблазнат, јас нема. Гледајќи во неговото срце дека тоа паднало во самоумност и гордост, Господ му одговори: Ноќва, додека петелот испее ти ќе се одречеш од Мене трипати! И кога ваков пад можел да се случи на апостол, во непосредна близина на Господ, тогаш може и со сите други. Затоа браќа, кога ќе се кренеме и се повратиме од некој грев и застанеме исправено, треба тоа да го припишеме на силата и милоста Божја, а не на себе; и треба добро да се чуваме и на Бога да се молиме за повторно да не паднеме, било на едната или на другата страна, туку да одиме право по патот на Господа.
Господи Кој се гледаш, помогни ни да се исправиме со Духот кон Тебе, и поддржи не повеќе да не паднеме. Тебе слава и благодарност за навек. Амин.

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 9 ЈАНУАРИ,СВЕТИ МАЧЕНИК ПОЛИЕВКТ –
Ерменскиот град Мелитина бил целиот наквасен со христијанска крв, како и целата Ерменија. Но првата крв за Христа во овој град беше крвта на Свети Полиевкт пролеана околу 259 година за време на владеењето на царот Валеријан. Во градот биле двајца пријатели офицери: Неарх и Полиевкт. Неарх бил крстен, а Полиевкт не бил крстен. Кога излегла од цареот заповетта за гонењето на христијаните, Неарх се подготвувал за смрт, но бил во голема тага што не успеал својот другар Полиевкт да го приведе кон правата вера. Кога Полиевкт ја дознал причината за тагата на својот пријател Неарх, тој му ветил дека ќе прејде во верата. Утредента тој му го раскажал сонот на Неарх: му се јавил Господ во светлина. Го соблекол ја соблекол од него старата облека и го облекол во нова, блескава облека, и го ставил во седлото на крилат коњ. Потоа Поливкт отишол во град, ја искинал царевата заповед за мачењето на христијаните и искршил многу идолски кипови. Потоа тој бил мачен и осуден на смрт. Кога бил изведен на губилиштето, тој го видел Неарх меѓу насобраниот народ и радосно му викнал: „Спасувај се мој пријателе! Сети се на заветот на љубовта меѓу нас утврдените во верата!“ И Неарх подоцна го заврши својот маченички живот за Христа во оган.
Свети Полиевкт бил првиот маченик во ерменскиот град Мелитина на умножување на земската, а на потполнување на небесната Црква, а во чест и слава на Христа Бога, Кој е глава небоземната Црква, на Кого со Отецот и Светиот Дух му прилега секоја чест и слава низ сите векови, амин.
ПРЕПОДОБЕН ЕВСТРАТИЈ
– Потекнува од Тарс. Тој бил голем испосник и молитвеник. Бил син на побожни и богати родители, Георгиј и Мегета, кои живееле во почетокот на деветиот век.Тој бил добро воспитан од своите родители. Кога наполнил 20 години, исполнет со боженствена љубов, тој ги оставил родителите и побегнал во гората Олимп. Таму отишол во Агаврискиот манастир каде заблескал со подвижништво и доблести. Стриковите на неговата мајка, Василиј и Григориј, од кои Григориј бил игумен, го примиле во манастирот и му дале монашки потстриг. За 75 години кои ги поминал во манастир, тој не легнал на левата страна да спие, туку секогаш на десната. За време на целата Божја во себе си говорел: Господи помилуј! Кога игуменот Григориј се упокоил, братството во манастирот го умолиле да дојде на неговото место и да стане игумен. По цел ден заедно со собраќата ги работел телесните работи, а цела ноќ поминувал во молитви и поклони.
Кога дошло времето да оди кај Господа, овој светител ги повикал сите монаси и им рекол: „Браќа и отци, времето на мојот живот дојде до својот крај. Ве молам, деца мои мили, да ги чувате преданијата кои ги примивте знаејќи дека сите работи на овој свет се времени и ништожни, а на оној свет се вечни и неминливи. Затоа трудете се, деца мои, да се удостоите во делот на спасените“. Откако го кажал тоа, се помолил, се прекрстил, ги кренал очите кон небото и рекол: „Господ, во твоите раце го предавам својот дух“. Се упокоил во својата деведесет и петта година.
СВЕТИ ПЕТАР, ЕПИСКОП СЕВАСТИСКИ
– Свети Петар бил брат на Свети Василиј Велики. Околу неговото воспитување особено се погрижила неговата сестра Макрина. Како последица на тоа, тој се воздигна на голема висина на доблеста. Откако станал архиепископ на Кесарија, Свети Василиј го посветил Петар прво за презвитер, а потоа за епископ во Севастија. Како епископ, Свети Петар учествувал на Вториот Вселенски Собор во Цариград во 381 година. Се упокоил кон крајот на четвртиот век.
РАСУДУВАЊЕ-
Православна Црква, учејќи ги лугето на совршена љубов, во исто време ги учи и на совршена послушност од која произлегува ред и благост меѓу верниците. Епископите се должни да бидат послушни кон Господа, свештениците кон епископите, а верниците еден кон друг. За тоа пишува Св. Игнатиј: „Вие сте должни да се повинувате без лицемерие: оној кој го мами својот епископ, тој се смее на Невидливиот…Ве молиме да се погрижите се да извршите во Божјата едносушност под раководство на епископите кои го завземаат местото на Бога, како и на презвитерите кои го сочинуваат соборот на апостолите…не милсејќи било што да направите сами“.
СОЗЕРЦАНИЕ
– Да ги созерцувам сите добродетели во личноста на Господ Исус Христос и тоа:
1. Дека секоја добродетел во Него е потполна и совршена како во никој друг во историјата на светот,
2. Дека се убаво се дополнува, застапувајќи се едното со другото и едното правејќи го блескаво другото.
БЕСЕДА-ЗА ГРИЖАТА ЗА СПАСЕНИЕ НА НАШИТЕ БЛИЖНИ
„Никој да не гледа што е негово, туку секој да гледа што е кај другиот (1 Кор. 10, 28). Тоа е начело на светителите Божји и сега и некогаш, отсекогаш и до века. Врз тоа правило може да се основа најсовршеното, најбогоудното и најсреќното човечко општество. Спасоносен принцип за секој вид на тешкотија со која современите луѓе се борат без победа и без надеж. Светата душа се грижи за своите соседи, ближните и далечните; се грижи каде ќе преноќеваат бездомните, како гладните ќе се нахранат, како ќе се облечат голите. Се грижи и се моли на Бога соседите да се спасат, своето срце да го исполнат со љубов кон Бога, својот ум да го насочат кон Бога, колебливите во верата да се утврдат, утврдените да се оддржат, упокоените да го видат лицето Божје, живите да бидат упишани во Книгата на Живите во царството на светлината.
Но внимавајте браќа, зошто истиот принцип може да биде и ѓаволскиот принцип, уништувачки и неопштествен: никој да не го гледа своето тело како да го сочува во чистота од гревот, туку секој да го гледа туѓото тело како да го оскверни и уништи. Никој да не ја гледа својата душа како да ја спаси, туку секој да гледа на туѓата душа како да ја оцрни, оклевети, осиромаши и уништи. Никој да не гледа својот дом како да го изгради и обнови, туку секој да гледа во туѓиот дом како да го запали и сруши. Никој да не ги гледа своите житници како да ги наполни, туку секој да ги гледа туѓите житници како да ги украде и испразни.
Гледате ли како овој принцип може да биде принцип на доброто или лошото: меч остар од двете страни: ангел или сатана. Погледнете како овој принцип, во сатански дух и облик, денес зело замав на сите страни!
О Господи, Свети Духу, Кој овие свети зборови си ги пуштил во светот преку јазикот на Божјите апостоли, како светли сончеви зраци нека не осветлат, но не да не изгорат, помогни ни да ги исполниме во правата небесна смисла, на слава на Троичниот Бог, а на спасение на нашите души. На Тебе слава и благодарност навек. Амин.

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 10 ЈАНУАРИ,СВЕТИ ГРИГОРИЈ, ЕПИСКОП НИСКИ
– Овој светител бил помлад брат на Свети Василиј Велики. Се родил околу 335 година во градот Неокесарија во Понт во она исто благочестиво семејство од кое излегле уште многу други Божји светители. Првата наука ја учел кај својот постар брат Василиј, а потоа ги поминал сите светски и духовни науки. Се оженил со побожна девојка Теосевија и бил посветен за чтец на божествените книги во Божјата Црква. Подоцна му дошло мисла да се посвети на позивот светски ритор, но по совет на Свети Григориј Богослов, другар на Свети Василиј и негов, ја отфрлил таа мисла и дури се замонашил кај својот брат Василиј на реката Ирис во Понт, а неговата блажена сопруга Теосевија станала ѓаконица. Оваа блажена Теосевија, која наскоро се упокоила, со многу пофалби ја овенча Свети Грегориј Богослов (во писмото упатено до Григориј), нарекувајќи ја „сестра“ на Григориј и негова, пофалба на Црквата и Христов украс.
По изборот на Свети Василиј за архиепископ на Кесарија, свети Григориј бил избран за епископ во малиот кападокиски град Ниса во 371 година, воедно и да го поддржи својот брат во одбрана на Православната вера и Црква. Свети Григориј мудро управувал со Црквата Христова, а особено бил славен беседник и прекрасен христијански филозоф. Ревнувајќи за Православната вера, тој предизвикал против себе прогон од страна на аријанците кои во времето на царот Валент повторно се засилиле. Овие еретици успеале да го симнат Свети Григориј од епископскиот стол во 375 година, на која светителот повторно се вратил по смртта на царот Валент во 378 година. По смртта на неговиот брат Василиј, големиот поборник за Православието, Свети Григориј ја превзел врз себе богословската догматска борба против еретиците на Евномиј, краен аријанец, и затоа пишувал богословски книги во одбрана на Православната вера во Светата Троица. Потоа учествувал на соборот во Антиохија во 379 година со Свети Мелетиј Антиохиски. Од православните бил избран за архиепископ на Севастија во 380 година, и управувал и со таа Црква неколку месеци до изборот на новиот православен епископ. Кога за време на царувањето на Теодосиј Велики, бил свикан Вториот Вселенски собор во Цариград во 381 година, против аријанците и духоборската ерес на Македониј, во него зема активно учество и Свети Григориј. Со останатите свети Отци, поборници на Православието, го изложи никејско-цариградскиот Символ на верата и бил сврстен во „избраните отци“ на Црквата, знак и доказ на Православноста. Кога на истиот Собор се упокои претседавачот – Свети Мелетиј Антиохиски, Свети Григориј бил одреден од Соборот да му оддржи надгробно пофално слово. После Вториот Вселенски собор земал учества уште на неколку државни собори во Цариград. Зад себе остави многу богословски и подвижнички книги, полезни за светата Црква и верниците. Се упокоил околу 395 година. По изглед личел на својот брат Василиј, само бил со понизок раст и просед.
СВЕТИ МАРКИЈАН –Бил роден во Рим, но како презвитер го проживеал својот животен век во Цариград, поголемиот дел во времето на царувањето на Маркијан и Пулхериј. Наследувајќи големо богатство од родителите, тој го потрошил на две цели: на ѕидање или обновување на храмови и на милосрдие кон сиромавите. Изградил две нови цркви во Цариград, познати по својата убавина: Света Атанасија и Света Ирина. Кога го прашале зошто толку многу троши на цркви, тој одговорил: „Кога јас би имал ќерка и би сакал да ја омажам за некој благородник, зарем не би потрошил многу злато да ја украсам како достојна невеста? А тука јас ја украсувам Црквата, Христовата невеста“. Колку овој прекрасен маж бил великодушен кон црквите и сиромасите, толку бил суров кон себе, следејќи го апостолскиот совет: „Кога имаме храна и облека, да бидеме со ова задоволни“(1 Тим 6, 8). За него се пишува: „Целиот беше во Бога и Бог во него, и се претстави пред Бога исполнет со години и добри дела“ во 471 година.
РАСУДУВАЊЕ
Суетата заради облеката особено зема замав во наше време. Ако некој нема со што да се гордее, тој се гордее со облеката. А оној кој има нешто друго, поскапоцено од облеката, тој не се гордее. Како што златото кое не излегува на површината на земјата, така и духовните вредности на еден човек не се покажуваат од надвор. Некој познат филозоф видел едно момче како се гордее со својата облека и му се доближил и му шепнал на увото: „Истата таа волна пред тебе ја носел овен, па сепак бил само овен!“ – Да се биде христијанин и да се гордееш со облека е уште полудо отколку да се биде цар и да се гордееш со прашината под своите нозе. Додека Свети Арсениј носел златоткаена облека во царскиот двор, никој не го нарекувал Велики, но така бил наречен тогаш кога целосно се предал на службата во Бога и се облекол во партали.
СОЗЕРЦАНИЕ
Да созерцувам на сиромаштијата на Господ Исус Христос и тоа:
1.на сиромаштијата на царот кој се роди во пештера,
2.на сиромаштијата на најбогатиот кој гладуваше и беше жеден,
3.на сиромаштијата на Семоќниот во општење со сиромашните на земјата.
БЕСЕДА –ЗА ЗАДОВОЛУВАЊЕТО СО ОНА ШТО НИ Е НАЈПОТРЕБНО
„А кога имаме храна и облека, со тоа да бидеме задоволни“ (1Тим. 6, 8)
Божјите апостоли ги учеле другите со она што тие самите со животот го исполниле. Кога имале храна и облека, тие биле задоволни. Дури и кога се случувало да немаат храна, ниту облека, тие биле задоволни, зошто нивното задоволство не произлегувало од надвор, туку извирало од внатре. Нивното задоволство не било така евтино како животинското задоволство, туку поскапо, многу поскапо и поретко. Задоволството внатрешно, задоволството од мирот и љубовта Божја во срцето, тоа е задоволство на поголеми луѓе, тоа било апостолско задоволство. Во големите борби, генералите се облекуваат и хранат како и обичните војници и не бараат задоволство во храната и облеката, туку во победата. Победата е главно задоволство на оние кои се борат. А христијаните се во постојана борба за победа на духот над материјалното, во борба за преовладување на повисокото над пониското, на човекот над животното. Зарем не е повеќе од смешно да се води борба, а да не се грижиш за победата, туку за надворешните украси и накит? Зарем не е глупаво да се дава знаци на распознавање на својот непријател? Нашиот невидлив непријател се радува на нашата суета и не поддржува во секоја суетна помисла и не занесува со сите можни непромислени ситуации и денгубења, само за да го нападне нашиот ум со заборав. Тој непријател ни го претставува ништожното како многу важно, и споредното како главно, и погубното како полезно, само за да понесе победа над нас и да не урне засекогаш.
Господи Свети, Крепки и Бесмртни, кој не создаде од кал и ни вдахна душа, не давај, Господи, калта да надвладее! Помигни му на нашиот дух секогаш да биде посилен од земјата. Тебе слава и пофалба за навек. Амин.

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 11 ЈАНУАРИ ПРЕПОДОБЕН ТЕОДОСИЈ ВЕЛИКИ
– Основач на монашкото општежителство. Овој светител бил роден во областа Кападокија, во селото Магариси, од благочестиви родители: татко Проересиј и мајка Евлогија. Бил воспитан во добрина и изучил школи. Кога станал полнолетен и откако добро го изучил Светото Писмо, бил одреден во црквата да им чита на луѓето од Светите книги зошто бил слаткогласен и искусен читател. Читајќи им поучни зборови на слушателите, тој прво самиот себе се поучувал, зошто слушајќи како некогаш Господ му наредил на Авраам да оди од својата земја и од својот род и како во Евангелието Господ советува заради вечниот живот да ги остави својот татко, мајка и браќа, тој горел со срцето и духот се да остави и да тргне за Христа по тесен и мачен пат. Постојано размислувајќи за тоа, тој се молел говорејќи: „Покажи ми го, Господи, својот пат и ќе одам во вистината твоја (Пс. 85, 11). Потоа, потпирајќи се на Бога, тој тргнал за Ерусалим за време на царувањето на Маркијан, кога веќе се собирале светите Отци за Четвртиот Вселенски собор во Халкидон против Диоскор и Евтихиј. Поминувајќи низ Антиохија, блажениот Теодосиј посакал да го види преподобниот Симеон кој се подвизувал на столб и од него да испроси благослов и молитви. Затоа тргнал кон него и кога се приближил до столбот, Го слушнал преподобниот како му довикува: Добредојде човеку Божји Теодосиј! –Кога слушнал како човекот кој никогаш не го видел, ниту го познавал го повикува неговото име, Теодосиј се воодушевил и паѓајќи на колена, се поклонил пред прозорливиот отец. Светителот го повикал да дојде и тој се качил на столбот и се поклонил пред неговите нозе. Преподобниот Симеон го прегрнал и го целивал боговдахновеното момче и му прорекол дека ќе биде пастир на словесни овци и дека многумина ќе спаси од духовните волци. И му прорекол и некои други работи и откако го благослови, го отпуштил.
Закрепен со благословот на преподобниот и имајќи ги неговите свети молитви како свои патеводителски и хранителки, Теодосиј го продолжил патот и стигнал во светиот град Ерусалим. Откако ги постел сите места и се поклонил на светините, тој размислувал во себе што да одбере: осаменички живот или во заедница со други да се спасува? Увидел дека е опасно да биде во самотија бидејќи се уште не се научил како да се бори со духовите на злото. И во земските војни никој не е толку глуп, уште необучен во воените вештини и неискусен, да учествува уште во првата борба. На себе си говорел: како јас, сеуште необучен во војувањето и неопашан со вишата сила, да се осудам во осаменост да војувам со поглаварите и властите и управителите на темнината на овој свет, со духовите на злото во поднебесјето. Јас треба прво да се придружам на светите подвижници и од искусните отци да се научам како да се борам со невидливите непријатели. Потоа со време, ќе се соберат плодови кои се раѓаат од осаменоста и безмолвието.
Преподобен Теодосиј со кадилница, во која ставил ладен јаглен и темјан, го барал местото каде ќе се насели и основа својот манастир и застанал таму каде јагленот се разгорел сам од себе. Тука се населил и почнал да се подвизува. Наскоро околу него се собрале многу монаси кои зборувале различни јазици. Затоа тој изградил по една црква за секој јазик и така истовремено се служела и пеела славата Божја на грчки, ерменски, грузиски и други јазици. Но во денот на причестувањето, сите браќа се собирале во големата црква каде се служело на грчки јазик. Трпезата била заедничка за сите, заеднички бил и целиот имот, заеднички бил трудот, трпението, а не ретко и гладувањето. Преподобен Теодосиј бил возвишен пример за живот на сите монаси, пример за труд, молитва, пост, бдеење и во сите христијански добродетели. И Бог го дарува со чудотворство и можел болни да исцелува, ѕверови да скротува, да ја прорече иднината, лебот и пченицата да ги умножи. Молитвата му била на усните дење и ниќе. Се упокоил мирно во Господ кога имал сто и пет години, во 529 година.
БЛАЖЕН МИХАИЛ
– Блажен Михаил бил јуродив ради Христа. Роден во Русија од кнежевско семејство. Тој се правел дека бил луд за на таков начин да ги сокрие од светот своите доблести и за да не прима пофалби од луѓето. На таков начин тој припремил пофалби пред Бога. Својот земен живот го завршил во 1453 година во манастирот Клопски, во близина на Новгород, каде му почиваат моштите.
РАСУДУВАЊЕ
Да се биде поткуплив значи да не се биде христијанин. Православните Отци на Црквата никогаш не се давале да бидат поткупени, ниту заплашувани. Поткупувањето на верата се рамни со Јудиното предавство на Христа за пари; таквото поткупување било својствено само за некои еретици. Кога цар Анастасиј паднал во ереста на Евтихиј, тој се кренал против определувањето на Четвртиот Вселенски собор во Халкидон. За да придобие позначајни претставници на црквата за себе, тој почнал да им испраќа разни подароци. Свети Теодосиј по значајност бил прв во своја Палестина. Нему царот му испратил 30 литри злато како подарок, божем за потребите на манастирот. Преподобен Теодосиј веднаш разбрал дека царот со тоа сакал само да го поткупи. И како мудро постапил овој светител Божји! Не сакал да ги задржи парите за манастирот, иако бил во голема потреба, ниту пак сакал да му ги врати на царот за да не го разлути уште повеќе царот против Православието, туку тој веднаш го раздал златото на сиромашните во име на царот и со таа милосрдност да ја поткрепи својата молитва кон Бога за поправање на царот и негово враќање на правиот пат.
СОЗЕРЦАНИЕ
Да го созерцувам плачот кон Исуса Христа и тоа:
1.плачот и тагата над мртвиот Лазар, како и над судбината на Ерусалим,
2.плачот и тагата во Гетсиманската градина заради човечкото робување на гревот, демонот и смртта.
БЕСЕДА-ЗА ПОСТЕПЕНОСТА ВО ДУХОВНИОТ РАЗВОЈ
„Зашто секој, кој се храни со млеко, неискусен е во словото на правдата, зашто е младенец. А тврдата храна е за полнолетните, кои преку навика, ги извежбале сетилата да разликуваат добро и зло.“ (Евр. 5, 13-14)
Оние кои се хранат со млечната храна на телесното расудување не можат лесно да го разликуваат доброто од злото. Тие обично доаѓаат до заклучок дека сите вери се од еднаква важност; дека гревот е неопходна сенка на доблеста; дека злото е неизбежен следбеник на доброто. До вакви погрешни заклучоци не може да дојде правиот христијанин, зошто тој е зрел човек кој не се храни со млечна храна, кој е недоверлив кон сетилата, кој многу подобро расудува и прави подобри разлики меѓу вредностите на се она што е и што ќе биде. На христијанинот му се дадени јасни упатства од Божјето Откровение за разликување на доброто од злото, но нему сепак му е потребно долго и тешко учење, за како свовршен да може во секој случај да знае што е добро, а што зло. Тоа негово знаење треба да прејде во чувствување за да биде сигурно и непогрешливо. И доброто и злото сакаат да го допрат срцето на човекот. Затоа човекот треба да биде извежбан со чувствувањето во срцето веднаш да познае што се приближува, исто онака како што со јазикот веднаш може да почувствува солено и несолено, слатко или горко.
Да се трудиме, браќа, секој ден и секој час, да го изостриме своето срце за да може секогаш да го разликува доброто од злото. Сето она што ни се случува ни поставува прашање: што е добро, а што е зло? Токму се што ни се случува, ни се случува со цел да можеме да воочиме што е добро и да се определиме за доброто. И по сто пати на ден се ставаме на такви искушенија. Кој има очи да види, нека види.
О, Господи човекољубив, загреј ги срцата наши со добрината која е од Тебе. И направи не мудри, Господи, да можеме да го разликуваме доброто од злото. И укрепи не, Владико, секогаш да можеме да го прегрнеме доброто, а да го отфрлиме злото, заради славата Твоја, човекољупче, и заради нашето спасение. Тебе слава и пофалба за навек. Амин.

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 12 ЈАНУАРИ СВЕТА МАЧЕНИЧКА ТАТИЈАНА
– Била родена во Рим од високородни родители. Нејзиниот татко бил трипати проконзул и бил побожен христијанин кој тајно ја држел својата света вера. Тој и својата ќерка, Света Татијана, ја воспитал во побожност и страв Божји и ја научил на Светото Писмо. Кога Татијана пораснала, таа не сакала да се мажи и својот живот го поминала во целомудреност, зошто стана Христова невеста, ранета од Неговата љубов. На Христа Му служела ден и ноќ со пост и молитва умртвувајќи го своето тело. Заради својот доблестен живот, таа била удостоена да служи во црквата зошто била поставена за ѓаконица и Му служела на Бога ангелски во тело.
После смртта на царот Хелиогабала во Рим владеел цар Александар, чија мајка Мамеја била христијанка. Самиот цар бил колеблив и неодлучен во верата заради што и во својот двор чувал кип од Христа и Аполон, од Авраам и Орфеј. Неговите приврзаници ги гонеа христијаните и без наредба од царот. Кога ја извеле Татијана девица на мачење, таа се молела на Бога за своите мачители по што нивните очи се отвориле и тие виделе четири ангели околу маченичката. Кога го виделе тоа, осуммина од нив поверуваа во Христа заради што и тие биле мачени и убиени. Света Татијана продолжиле да ја мачат, да ја камшикуваат, да ја стругаат со железо и така целата во рани и крвава ја фрлале вечерта во темница за утрешниот ден повторно да ја стават на мачење. Но Бог ги испратил своите ангели и тие ја храбреле и раните и ги исцелувале, така да Света Татијана секое утро пред мачителите се појавувала целосно здрава. Ја фрлиле пред лав, но лавот почнал да се умилкува околу неа и не ја нападнал. Потоа и ја истрижале косата мислејќи, според својот незнабожечки ум, дека во косата и е сокриена некоја магија, некоја волшебна сила. На крај ја извеле заедно со нејзиниот татко и двајцата ги посекле со меч. Така го завршила својот земен живот Света Татијана околу 225 година и беше овенчана со бесмртен венец на слава, оваа силна девица, која имаше слабо женско тело, но дух машки и војводски.

СВЕТИ МАЧЕНИК ПЕТАР АВЕСАЛАМИТ
– Бил роден во Елевтеропол во Палестина. Уште во младите години пострадал за Христа во времето на царот Максимин во 311 година. После многу маки, тој бил осуден на смрт и откако ја слушнал смртната пресуда, радосно извикал: „Тоа е единствената моја желба, да умрам за мојот Бог!“ Бил распнат на крст како и Господ, и на крстот издивнал.
СВЕТИ МАЧЕНИК МЕРТИЈ – Овој светител бил војник и за време на царот Диоклецијан, во 298 година, бил обвинет дека бил христијанин. Кога го извеле пред царот, тој го приморувал да принесе жртва на идолите. Но, бидејќи светиот маченик не сакал тоа да го направи, му го одзеле ременот кој бил знак на неговото војничко звање. Потоа бил подложен на мачење, а светителот со толку големо јунаштво ги поднел сите маки што не се слушнало ни лелек од неговата уста. Откако на неговото тело не останало дел без рана, мачителот наредил да го фрлат во темница. Светиот маченик поминал осум дена во темница и од раните му истекло многу крв и исцрпен од страдањата, овој Христов јунак ја предал својата душа во рацете Божји и така доби бесмртен венец на мачеништво.
РАСУДУВАЊЕ
На земјата нема поголема чест ниту поголемо звање отколку да се биде христијанин. Кога судијата мачител Севир го прашал младиот Петар Авесаламит: „Од кој род си“, Петар одговорил: „Јас сум христијанин“. Понатаму судијата го прашал: „Во каков чин си?“ На тоа Петар му рекол: „Нема ни поголем, ниту подобар чин од тоа да се биде христијанин“. А отец Јован Кронштатски пишува: „Целиот свет е пајажина спореден со душата на човек христијанин“. Христијанинот е зејмен сад во која се излеала божествена сила и светлина. Дали тој сад ќе се стави на златен престол или ќе се спушти во темнина, неговата вредност ниту ќе се зголеми ниту пак ќе се намали. Зарем златото ја нема истата вредност и кога е завиткано во свилена марама или пак во лист од зелка?
СОЗЕРЦАНИЕ
Да ја созерцуцам кроткоста на Господ Исус и тоа:
1.кроткоста Негова во нечујниот живот во Назарет се до 30 година,
2.кроткоста Негова во однесувањето со болните и грешниците,
3.кроткоста Негова во однесувањето со Јуда предавникот и со неправедните судии.
БЕСЕДА
За тоа како на Бога најмил е човекот и на човекот Бог
Не барам што е ваше, туку вас (2 Кор. 12, 14)
Со овие зборови, кои можеле да бидат изговорени само од пламена апостолска љубов кон ближниот, е искажана суштината на односот на христијаните кон Бога и Бог кон христијаните. Божјата љубов би можела да каже:
Ти христијанине, постоиш заради мене; заради мене делиш милосрдност, заради мене воздигаш усрдни молитви; заради мене ѕидаш цркви; заради мене принесуваш жртви и многу други добри дела правиш. Сето тоа е добро, и сето тоа за мене е угоднбо, но ти си ми помил од сето тоа; на крајот на краиштата, јас не барам ништо од се тоа, туку тебе те барам, само тебе.
Љубовта на христијанинот би можела да каже:
Ти, Господи, ми даваш здравје и мудрост и многулетност и пород и безброј други добрини. Ти обилно поставуваш на трпезата на овој живот. И се е тоа добро и предобро. И сето тоа го правам со благодарност. Но на крајот на краиштата тоа е само раб од скутот Твој, на крајот на краиштата јас не барам ништо од сето тоа, но Тебе, Господи, Тебе единствениот, Те барам.
О, браќа мои, не е она Бог што се гледа со телесни очи, нити човек е она што се гледа со телесни очи. Она што се гледа во целата природа е само нешто од Бога; и она што се гледа во телесната риза е само нешто на човекот. Бог е љубов, браќа, што небото спушта на земјата; и човекот е љубов, браќа, што земјата ја крева кон небото.
О, Господи човекољубив, Творецу и Седржителе, всели се повисоко и уште повисоко во нас со Духот Твој животворен, за да бидеме живи, да бидеме живи во царството без смрт. Тебе слава и пофалба за навек. Амин

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 13 ЈАНУАРИ,СВЕТИ МАЧЕНИЦИ ЕРМИЛ И СТРАТОНИК –
Царот Ликиниј покренал голем прогон кон христијаните, Свети Ермил, христијанин и ѓакон во една црква, бил фатен и изведен пред суд. Кога му рекле дека го водат на мачење, тој многу се израдувал. Царот залудно му се заканувал зошто Ермил слободно ја исповедал својата вера во Христа и му одговорил на царот на сите негови закани: „Господ ми е помошник, не се плашам од она што човек може да ми направи“ (Пс. 117, 6). После тешки мачења, Ермил бил фрлен во темница. Чувар во темницата бил Стратоник, таен христијанин, кој со сето срце сочувствувал со страдањата на Ермил. Кога и Стратоник го доставиле на царот како христијанин, тој пресудил двајцата да се потопат во Дунав. Тогаш ги врзале Ермил и Стратоник во една мрежа и ги потопиле во реката Дунав. После три дена нивните тела водата ги исфрлила на брегот и христијаните ги нашле и ги закопале во близина на Белград. Овие славни маченици пострадаа за Христа и се прославија во 315 година.
СВЕТИ ЈАКОВ, ЕПИСКОП НИСИБИСКИ –
Како пустиник живеел преку лето на отворено поле, а преку зима во пештера. Еднаш слегол во градот Нисибија да види како христијанската вера успева и како живеат христијаните. Но во градот бил избран за епископ. Овој светител учествувал на Првиот Вселенски собор и го заштитувал Православието од Ариевата ерес. Еднаш се случило незнабожните Персијци со војска да ја нападнат Нисибија. Свети Јаков со литија излегол до градските ѕидини и самиот се искачил на ѕидините и шетал по нив неплашејќи се од непријателските стрели кои биле упатени кон него. Така шетајќи, светителот се молел на Бога да го сочува градот и верниците така што ќе им испрати на Персијанците муви и комарци и со нив да ги истера од ѕидините на градот Несибија. Тој од Бога не барал смрт за непријателите, ниту било каква погибел нивна и пораз, туку само една мала досада која би ги истерала од таму. И Бог ја послушал молитвата на Својот угодник и испратил многу муви и комарци на Персијанците и ги истерал, а градот Насибија го спасил. Свети Јаков поживеа долго и чесно и мирно се упокои во длабока старост во 350 година.
ПРЕПОДОБЕН МАКСИМ КАПСОКАЛИВ –
Во XIV век се подвизувал како монах на Света Гора на свој особен начин; имено, се правел малку јуродив и постојано го менувал своето живеалиште. А неговото живеалиште било колиба од гранки. Една по друга тој градел колиби и ги палел, за што и бил наречен Капсокалива, т.е. Паликолиба. Бил сметан за луд се додека на Света Гора не дошол Свети Григориј Синаит кој во Максим открил единствен подвижник, чудотворен молитвеник и „ангел во тело“. Преподобен Максим се претставил на Господа во 1320 година.
РАСУДУВАЊЕ
Добро дело со молчење вреди повеќе отколку добро дело со објаснување и неспоредливо повеќе од најдуховно објаснување без добри дела. Од светиот Николај Мирликиски не останале никакви зборови, но останаа дела. Без никакви објаснувања тој во три наврати доаѓал ноќе во куќата на еден сиромав и уфрлал тајно преку прозорот по една кеса злато. Некој старец во Скита Египетска тешко се разболел и посакал да јаде малку свеж леб (зошто лебот кој тогаш монасите го јаделе бил сушен на сонце и траел со месеци). Кога го слушнал тоа еден од монасите не рекол ништо, туку излегол и отишол далеку во некој град од каде донел свеж леб на болниот старец. Кога старецот дознал за трудот на тој монах, не сакал да јаде велејќи: тоа е крв на братот! (т.е. тоа братот со мака го набавил). Тогаш останатите монаси го молеле старецот да јаде велејќи му да не ја презре жртвата на својот брат. Какви објаснувања и какви зборови за братољубието може да го замени ова просто и молчаливо дело на братољубие?
СОЗЕРЦАНИЕ
Да ги созерцавам гладта и жедта на Господ Исус Христос за правдата и тоа:
1.како Он доаѓа во свет да ја врати погазената правда,
2.како Он ја објавува Божјата правда и ја изобличува неправдата,
3.како Он чини безбројни дела на правда, за нам да ни остави пример.
БЕСЕДА
За Царството Божје, кое е внатре
Царството Божје е внатре во вас (Лк. 17, 21)
Се што е Божје носи печат на бесмртност. И царството Божје е царство бесмртно. Ако сакаме да дишиме воздух на бесмртност, мора да влеземе внатре во себе, во своето срце, во Царството Божје. Надвор од нас е воздухот на времето, воздухот на минливоста и распадливоста во кој душата тешко дише. Царството природно е царство сетилно и затоа е туѓина со нашата душа, која го претставува нашето внатрешно царство. Зошто луѓето сакаат долго да работат во туѓина? Зошто ретко и неволно влегуваат во својата куќа? Кога мислиме на се, ние мислиме на туѓината. Кога разговараме за сетилниот свет, ние разговараме за туѓината. Живеејќи според сетилата, ние личиме на човек кој цел ден трча по туѓи куќи, а само навечер се враќа во својата куќа на спиење. И така својата будност ја посветуваме на смртта, а спиењето на бесмртноста! Ние доаѓаме при себе, се враќаме во себе само во сон! Но и нашиот сон го сонува нашето јаве, т.е. и кога сме во својата куќа во бесвесна состојба, ние сонуваме туѓи куќи: нашите соништа се сетилни зошто нашето јаве е чулно. И така ние сме во туѓина, и туѓи и на јаве и во сон. Непрестајно ние сме надвор од себе. А Господ сака да не врати во нас самите, во својот дом, во својата татковина. За нас цраството Божје е внатре во нас: надвор од нас е туѓината. За да избегаме од туѓината и за да го најдеме нашиот вистински дом, во кој се среќаваме непосредно со Бога, ние мораме да влеземе во себе, во своето срце. Тука е Царот и тука е царството.
О Господ и Цару на ангелите и светителите, покажи ни го богатството и сјајот на Твоето царство внатре во нас, за да го засакаме Твоето царство повеќе отколку што ја сакаме сетилната туѓина, царство кое е променливо и минливо. Тебе слава и благодарност за навек. Амин

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 14 ЈАНУАРИ,СВЕТИ САВА, АРХИЕПИСКОП СРПСКИ
Овој светител, кој бил син на српскиот жупан Стефан Немања, се родил во 1169 година. Како млад жеднеел за духовен живот, заради што побегнал на Света Гора, каде што се замонашил и со ретка ревност го минал сиот свој подвижнички раст. Немања тргнал по примерот на синот, па и самиот дошол на Света Гора, се замонашил и умрел како монах Симеон. Сава издејствувал кај царот и кај патријархот независност за српската Црква и стана прв архиепископ српски. Заедно со татко му го подигнале манастирот Хиландар, а потоа и многубројни манастири, цркви и училишта по српската земја. Двапати патувал на поклонение во Светата Земја. Ги измирувал своите браќа раскарани околу власта, ги измирувал Србите со соседните народи. Се упокоил во Трново, во времето на царот Асен, откако се разболел после литургијата на Богојавление, на 12 јануари 1236 година. Кралот Владислав му го пренел телото во Милешево, од каде што Синан паша го зел и го запалил на Врачара во Белград, на 27 април 1595 година.
СВЕТА НИНА, ПРОСВЕТИТЕЛКА НА ГРУЗИЈА
Била роднина на Светиот великомаченик Георгиј и на ерусалимскиот патријарх Јувенал. Бидејќи мајка ѝ и татко ѝ , кои биле кападокиски благородници, се замонашиле, Света Нина била воспитана под надзор на патријархот Јувенал. Уште од малечка кога слушнала за грузискиот народ, Света Нина сакала да оди во Грузија и да ги покрсти Грузијците. Ѝ се јавила Пресвета Богородица и ѝ ветила дека ќе ја одведе во таа земја. Кога Господ ѝ го отворил патот, младата Нина навистина отишла во Грузија, каде што за кусо време стекнала голема љубов кај народот. Успеала да го покрсти грузискиот цар Миријан, неговата сопруга Нана и нивниот син Бекар, коишто потоа ревносно ја помагале нејзината мисионерска работа. Во текот на животот Света Нина успеала да ја изврви цела Грузија и да го преведе главно сиот народ во верата Христова, и тоа токму во времето на страшното гонење на христијаните од страна на Диоклецијан. Отпочина од своите многубројни трудови и се упокои во Господ во 335 година. Нејзиниот гроб се наоѓа во Самтаврскиот храм. Изврши многу чуда за време на животот и после смртта.
РАСУДУВАЊЕ
Ако понекогаш догматите на верата ти се гледаат како тврда храна, погрижи се прво да ги исполниш догматите на христијанскиот морал, па ќе ти се отвори разбирањето на догматите на верата. Љубопитното испитување на високите нешта, без труд околу поправање на својот живот, не донесува никаква полза. Некогаш египетските монаси расудувале за Мелхиседек и неможејќи да дојдат до никаква јасност за таинствената личност на овој древен цар и првосвештеник, го повикале Авва Коприја и го запрашале за Малхиседек. Коприја, откако го слушна прашањето, трипати се удрил по устата и рекол: „Тешко тебе, Корпије! Го напушти она што Бог ти наредил да работиш, а го испитуваш она што Бог не го бара од тебе.“ Кога го слушнаа ова монасите, се засрамиле и си заминале. Свети Јован Златоуст пишува: „И правите догмати да ги држиме, а за своето однесување да не се грижиме, нема да имаме никаква полза; исто така и ако се грижиме за однесувањето, а правите догмати ги игнорираме, ништо полезно нема да добиеме за нашето спасение. Ако сакаме да се избавиме од геената и да го добиеме царството небесно, треба да сме украсени од двете страни: и со правите догмати и со чесното живеење“.
СОЗЕРЦАНИЕ
Да го созерцувам милосрдието на Господ Исус Христос и тоа:
1.кон грешниците и болните,
2.кон народот кој беше збунет како стадо без пастир,
3.кон човечкиот род воопшто заради кого се распна.
БЕСЕДА
За визијата на невидливиот свет
Ние не гледаме на ова што се гледа, туку на она што не се гледа (2Кор.4, 18)
Mожеме да го видиме овој свет материјален и минлив, но ние гледаме кон оној свет духовен и бесмртен.
Можеме да ја видиме земската веселба, често испрекинато со плач и воздишки, и на крај секогаш завршуваме со смрт, но ние гледаме кон духовната радост, меѓу ангелите и светителите Божји на небесата, на радоста непрестајна и вечна.
Можеме да ги видиме страдањата и неуспесите на праведниците во овој живот, но ги гледаме нивната слава и торжество во оној свет.
Можеме да видиме многу успеси и слава и чест на неправедниците во овој живот, но ние го гледаме нивниот пораз, осуда и неискажлива мака во вечноста.
Можеме да ја видиме Божјата Црква често понижувана во oвoј живот, но ја гледаме нејзината крајна победа над сите противници видливи и невидливи.
Ние можеме да видиме, браќа, насилници и грабливци често како луѓе кои се на власт и богати во овој век, а светителите заборавени, но ние гледаме едно друго царство во кое светителите ќе царуваат без ниту еден насилник и грабливец, Царство Божје, вечно безгрешно и бесмртно.
О Господи многутрпелив и многумилостив, отвори ни го духовниот вид за да видиме она што не чека после овој кратковремен живот за да се потрудиме да го исполнеме Твојот закон. Тебе слава и пофалба за навек. Амин.

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 15 ЈАНУАРИ,ПРЕПОДОБЕН ПАВЛЕ ТИВЕЈСКИ
Бил роден од богати родители во Долна Тива (Теба) во Египет во времето на царот Декиј. Сиот имот на родителите Павле го наследил заедно со неговата сестра. Неговиот зет, кој бил идолопоклоник, посакал да го приграби и Павловиот дел од имотот и му се заканил на Павле дека ќе го даде на суд како христијанин ако не му го отстапи својот имот. Оваа неволја, како и самопожртвуваниот пример на христијанските маченици што ги виде со своите очи, го поттикнаа Павле да го отстапи својот дел од имотот и да се оддалечи во пустината. Таму се подвизувал до смртта. До каква духовна височина достигнал овој возвишен монах сведочи самиот Свети Антониј Велики, кој еднаш го посетил Павла и ги видел како му служат ѕверовите и птиците небесни. Кога се вратил од таа посета Антониј им рекол на своите монаси: „Тешко мене, деца мои, кој сум грешен и лажен монах, монах само по име. Го видов Илија, го видов Јован во пустината и навистина го видов Павле – во Рајот!“ Свети Павле живеел сто и тринаесет години и мирно се упокоил во Господа во 342 година.

ПРЕПОДОБЕН ЈОВАН КУШЧНИК
Бил роден во Цариград во времето на царот Лав I од богати и угледни родители и им бил единец. Поттикнат од наклоноста кон духовниот живот, младиот Јован тајно побегнал со еден монах во некој манастир во Мала Азија. Во тој манастир тој поминал шест години во преголемо воздржание, молитва и послушност кон игуменот. Тогаш врз него навалил ѓаволот со искушение дека треба да го остави манастирот и да им се врати на своите родители и кај нив да живее како благородник. Тој навистина се вратил во домот на родителите но облечен како просјак, ги видел своите родители но, не сакал да им се јави како син, туку како просјак се населил во нивниот двор, живеејќи речиси од трошките што му ги дофрлале слугите и трпејќи многу потсмевања од сите и од секого. Така поживеал три години молејќи Го Бога да ги спаси душите на татко му и мајка му. Кога се разболел и ја почувствувал близината на смртта, им се јавил на родителите, кои го препознале по едно скапоцено Евангелие што му го подариле во детството и коешто тој го чувал кај себе како единствен свој имот. И така овој млад човек, иако многу богат, си ја спасил душата, ги спасил душите на своите родители, го победил ѓаволот и се упокоил во Господа околу 450 година.
ПРЕПОДОБЕН ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ
Овој светител бил голем подвижник и другар на Свети Прохор Пчински и Јован Рилски. Се подвизувал во 10-от век на Лесновската Гора кај Кратово, каде што му изгради црква на Свети Архангел Михаил. Сегашниот прекрасен храм на тоа место го изградил војводата на цар Душан, Јован Оливер. Бил чудотворец и за време на својот земен живот и по смртта. Свети Гаврил се упокоил во Господа на крајот од 10 век.

СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПАНСОФИЈ
Бил син на александрискиот проконзул Нил. Ги напуштил чинот и световното богатство и како млад се замонашил. Се подвизувал дваесет и седум години и го воздигал својот дух кон вишниот свет. Во времето на царот Декиј бил доведен пред суд и камшикуван за името Христово, се дури во големи маки не ја предал својата душа на Бога.
РАСУДУВАЊЕ
Немој никогаш да помислиш дека Бог не те слуша кога Му се молиш. Он ги слуша нашите мисли како што ние ги слушаме гласовите и зборовите од еден на друг. Ако не ти ја исполни молитвата веднаш, тоа е затоа што не Му се молиш достојно или затоа што бараш нешто што ќе биде погубно за тебе или пак затоа што Он по Својата мудрост и домострој го одложува исполнувањето на твојата молба до погодниот момент. Свети Јован Кронштатски пишува: „Како што ние преку електричниот телеграф брзо општиме со луѓето кои се оддалечени со нас, така преку живата вера, како некој телеграф, ние брзо општиме со Бога, со ангелите и светителите. Пушти ја преку телеграфот на верата својата молба до Бога или некој светител и веднаш ќе добиеш одговор“. А на друго место пишува: „Бог и создадените духови и душите на живите луѓе – тоа се мисловни битија, а мислата е брза и секадеприсутна. Помисли на нив од целото свое срце и тие ќе бидат присутни и тоа Бог секогаш неопходно, а останатите по дар и власт Божја“.
СОЗЕРЦАНИЕ
Да ја созерцувам чистотата на Господ Исус Христос и тоа:
1.чистотата на Неговиот ум,
2.чистотата на Неговото срце,
3.чистотата на Неогата волја,
4.чистотата на Неговиот јазик,
5.чистотата на Неговиот поглед и сите чувства.
БЕСЕДА
За верата победоносна
И ова е победата која го победи светот: нашата вера (1 Јов. 5,4)
Христос Господ го победи светот; таа победа е и наша победа. Апостолите го победија светот и тоа е наша победа. Светителите, девствениците и мачениците го победија светот, и таа е наша победа. Нема ништо посилно од верата христијанска. Мечевите, кои ја сечеле оваа вера, станале тапи и се искршиле, а верата остана; царевите кои се бореа против оваа вера, се угушија под анатемата на злосторот; царствата кои војувале против оваа вера, се разорени; градовите кои ја отфрлаа оваа вера, се наоѓаат во урнатини; еретиците кои ја расипувале оваа вера пропаднаа со душата и телото и под анатема си заминале од овој свет, а оваа вера остана.
Кога светот не напаѓа со своите прелести на надворешна убавина, на богатства, на сласти, на минлива слава, со што ќе се одбраниме и со што ќе победиме ако не со оваа вера.Вистина, со ништо освен со оваа вера непобедлива, која знае за нешто подобро од сите богатства на овој свет.
Кога сите прелести на овој свет ја покажат својата позадина, кога убавината се претвори во грдост, здравјето во болест, богатството во беда, власта во понижување и целиот расцветан телесен живот во смрдеа – со што ќе го поминеме тој јад, оваа распадливост и како ќе се сочуваме од очајување, ако не со верата? Вистина, со ништо освен со оваа непобедлива вера, која не учи на трајни и непроменливи вредности во царството Христово.
Кога смртта ја покажува својата уништувачка сила врз нашите соседи, роднини и пријатели, врз нашето цвеќе, нашите посеви, врз делата на нашите раце и кога ќе ги заврти своите заби и врз нас – со што ќе го победиме стравот од смртта и со што ќе ја отклучиме вратата на животот ако не со оваа вера? Вистина, со ништо освен со оваа непобедлива вера која знае воскресение и живот без смрт.
О Господи Исусе Христе, победнику на светот, помогни ни и нам да го победиме светот со верата во Тебе. Тебе слава и благодарност за навек. Амин
16 januari-slika
НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 16 ЈАНУАРИ,ЧЕСНИТЕ ВЕРИГИ НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ ПЕТАР
Овој ден се споменува заради веригите во кои бил окован од беззакониот цар Ирод и кои при појавата на ангелот во затворот тие паднале од него (Дап. 12, 7). Овие вериги христијаните ги чувале колку заради споменот на великиот апостол толку и заради нивната исцелителна моќ, зашто мнозина болни се исцелувале допирајќи се до нив (како од ризата на апостолот Павле; Дап. 19, 12). Ерусалимскиот патријарх Свети Јувенал овие вериги ѝ ги дал на царицата Евдокија, прогонетата жена на царот Теодосиј Помладиот, а таа ги преполови и едната половина ѝ ја испратила на црквата на Светите апостоли во Цариград, а другата на својата ќерка, царицата Евдоксија, жената на Валентијан во Рим. Евдоксија му изградила црква на Светиот апостол Петар и во неа ги положи овие вериги заедно со оние во кои апостолот пред својата смрт бил окован од царот Нерон.
СВЕТИ МАЧЕНИЦИ ПЕВСИП, ЕЛЕВСИП, МАЛЕВСИП И НИВНАТА БАБА ЛЕОНИЛА
Овие свети маченици пострадале за Христа во времето на царот Марко Аврелиј (161 г. – 180 г.) во Франција. Тие биле тројца браќа близнаци. Прво само Леонила била христијанка, а нејзините внуци биле незнабошци. После долги советувања од страна на благочестивата Леонила и од месниот свештеник, тројцата браќа се крстиле. Откако се крстиле, тие почнале да ревнуваат за својата вера со сиот свој младешки жар и во таа ревност тие ги испокршиле сите идоли во целата околина. Обвинети и изведени на суд тие го признале своето дело и јавно ја исповедале својата вера во Христа. Судијата ги фрлил во темница и ја повикал нивната баба Леонила и ја упатил да оди во затворот за да ги посоветува нејзините внуци да се одречат од Христа и да им се поклонат на идолите. Но, Леонила наместо да ги советува внуците да се одречат од вистинската вера, таа почнала да ги храбри да не се колебаат и да истраат до крај во маките и да умрат за Христа. Кога судијата повторно ги испитал и ја видел нивната уште и засилена непоколебливост во верата, ги осудил на срмт. Сите тројца биле прво обесени на едно дрво на кое виселе „како жици на гусла“, потоа ги биеле и најпосле ги изгореле. Некоја жена, по име Јовила, восхитена од нивната храброст повикала: „И јас сум христијанка!“ Веднаш ја фатиле и заедно со старицата Леонила ги убиле со меч.
ПРЕПОДОБЕН МАЧЕНИК ДАМАСКИН ГАБРОВСКИ
Се подвизуваше во Хилендар, каде станал и игумен. Кога од некои Турци им го побарал манастирскиот долг, тие наговориле една жена муслиманка и таа влегла во куќата каде живеел Дамаскин. Тогаш Турците влегле и ја нашле жената, па го одвеле Дамаскин кај кадијата. Таму му било предложено или да биде обесен или да се потурчи, на што тој одлучно рекол: „Би била лудост кога со привремениот живот би си купувал вечна погибел“. Го обесиле во 1777 година во Свиштово. Така Дамаскин го жртвувал своето тело за да ја спаси својата душа. Но, неговите убијци веднаш ги стасала Божјата казна. Тие седнале во чамец да се превезат преку реката Дунав, но ненадејна бура им го превртела чамецот и се удавиле.
ПРЕПОДОБЕН РОМИЛ
Тој бил роден во Видин. Бил ученик на Свети Григориј Синаит. Се подвизувал во неколку манастири. Во Раваница заедно со него бил и Константин Цамблак. Тука Свети Ромил се упокоил во Господа околу 1375 година.
РАСУДУВАЊЕ
Ништо толку не ја крши човечката гордост како навикнатата послушност кон постарите. Во стара Спарта, послушноста се сметала за голема доблест. Се раскажува дека еден спартански војник во борба го стасал непријателот и кога замавнал со мечот да го убие, трубата се огласила за престанок на борбата и тој го ставил мечот во корицата. Кога еден кој го видел, го прашал зошто не го убил непријателот, тој одговорил: „Подобро е да се послуша војводата, отколку да се убие непријателот!“
Христијанската послушност се разликува од оваа спартанска послушност по тоа што таа е доброволна и што има за цел да се спасат човечките души, т.е. не е заради зачувување на некое земско царство, туку заради добивање на царство небесно. Свети Јован Колов го почнал својот подвиг кај некој старец Тивејски. Старецот, за да го научи ученикот на послушност, посадил суво дрво во земја и му наредил на ученикот секој ден да го полева. Три години Јован го полевал дрвото со вода без негодување се додека ова не почнало да се зеленее и да донесува плод. Тоа било плод на послушност без негодување.”И Господ Исус Христос бил послушен до смрт, дури и до смрт на крст” (Филипјаните 2, 8).
СОЗЕРЦАНИЕ
Да го созерцувам мирот во Господ Исус Христос и тоа:
1.мирот кој Он го носеше во Својата душа – единствениот совршен Мироносец,
2.мирот кој Он го создаваше меѓу луѓето – единствениот совршен Миротворец,
3.мирот кој Он им го даде на Своите ученици – единствениот совршен Миродавател.
БЕСЕДА
За тоа како сите сме слободни само како Христови робови
„Зашто оној, кој е повикан како роб во Господа, слободен е во Господа; исто така и оној, кој е повикан како слободен, роб е на Христа (1Кор. 7. 22).
Големата новост која Христијанството секој ден ја јавува на светот е дека ништо не се цени со вистинската цена според изгледот, туку според суштината. Дека не се ценат работите според бојата и обликот, туку според значењето. Дека не се цени човекот според положбата и имотот, туку според срцето – според срцето во кое се соединува чувството, умот и волјата. Според таа, за светот секогаш нова наука, не е роб оној кој од надвор е заробен, ниту е слободен оној кој има надворешна, телесна слобода. Според световното сфаќање, роб е оној кој помалку ужива во светот, а слободен е оној кој повеќе ужива во светот. Според христијанското сфаќање, роб е оној кој помалку ужива во живиот, а слободен е оној кој повеќе ужива во живиот и слаткиот Христос. Уште според световното сфаќање, роб е оној кој помалку ја твори својата волја, а повеќе туѓата, а слободен е оној кој повеќе ја твори својата волја, а помалку туѓата. Според христијанското сфаќање, роб е оној кој повеќе ја твори својата волја , а помалју Божјата волја, а слободен е оној кој повеќе ја твори Божјата волја, а помалку својата. Да се робува на Господ е единствената вистинска и човечка достојна слобода, а да се робува на светот и на себе, на гревот и порокот, е единственото смртоносно робување. Царевите на престолот – човек би помислил: дали има послободни луѓе од нив? Сепак многумина од царевите биле најниски и најнедостојни робови на земјата. Окованите христијани во затворите – човек би помислил: дали има понесреќни робови на земјата? Сепак христијанските маченици во затворите се чуваствувале слободни луѓе исполнети со духовна радост. Пееле псалми и упатувале благодарни молитви кон Бога. Слободата исполнета со тага и жалост, не е слобода, туку ропство. Само слободата во Христа е исполнета со неискажлива радост. А трајната радост е знак на вистинска слобода.
О Господи Исусе Христе, единствен благ Господар, кој ни даваш слобода кога уште посилно не врзуваш за Себе, направи не што побрзо Твои робови за да престанеме да бидеме робови на лути и немилосрдни господари. Тебе слава и благодарност за навек. Амин

НА ДЕНЕШЕН ДЕН 17 ЈАНУАРИ ПРЕПОДОБЕН АНТОНИЈ ВЕЛИКИ
Египќанец, роден околу 250 година во некое село Кома близу Хераклеја. По смртта на неговите благородни и богати родители тој го поделил наследството со својата малолетна сестра, ја згрижил кај некои роднини, својот дел им го раздаде на сиромасите, а самиот во дваесеттата година од животот се посветил на подвижнички живот, како што тежнеел од детството. Прво се подвизувал во близина на своето село, но за да го избегне онеспокојувањето од луѓето, се оддалечил во пустина, на брегот на Црвеното Море, каде што како затворник поминал дваесет години недружејќи се со никого освен со Бога преку непрестајна молитва, богомислие и созерцание, поднесувајќи ги неискажливо трпеливо демонските искушенија. Неговата слава се пронела по целиот свет и околу него се собрале многубројни ученици кои ги поучувал со пример и со слово на патот кон спасението. Во текот на своите осумдесет и петте години од подвижнички живот, само двапати отишол во Александрија, и тоа првиот пат да бара мачеништво во времето на прогонот на Црквата, а вториот на повик на Свети Атанасиј за да ја собори клеветата на Ариевците дека божем и тој ја прифатил Ариевата ерес. Се упокоил во сто и петтата година од животот, а зад себе оставил цела војска следбеници и ученици. Иако не бил наобразуван, тој им бил советник и учител на најучените луѓе во неговото време, каков што бил Свети Атанасиј Велики. Кога еднаш некои елински филозофи го искушувале со книжевна мудрост, Антониј ги засрамил со прашањето: „Што е постаро: разумот или книгата? И кое од тие двете е причина за другото?“ Засрамени филозофите си заминале, зашто виделе дека самите имаат книжевно памтење без разум, наспроти разумот што го имал Антониј. Тој бил човек кој го достигнал совршенството кое воопшто може да биде достигнато на земјата. Тој бил воспитувач на воспитувачите и учител на учителите; цели осумдесет и пет години се преобразувал себеси, па само така имал сила да ги преобразува и другите. Исполнет со многубројни години и добродетели, Свети Антониј се упокоил во Господ во 335 година.
СВЕТИОТ ЦАР ТЕОДОСИЈ ВЕЛИКИ
Овој славен и во верата ревносен цар владеел од 379 до 395 година. Царот Константин Велики го забрани гонењето на христијаните, а цар Теодосиј отишол уште еден чекор понатаму: го забранил идолското принесувањето на жртви во својата држава. Многу помагал во утврдувањето и распространувањето на христијанската вера низ светот.
СВЕТИ МАЧЕНИК ГЕОРГИЈ ЈАНИНСКИ
Бил роден во селото Чуркла во Албанија, од многу сиромашни родители земјоделци. Присилуван од Турците да се потурчи, тој останал непоколебан во христијанската вера, заради што го обесиле во Јанина, на 17 јануари 1838 година. Голем чудотворец и исцелител до ден денес.
РАСУДУВАЊЕ
Свети Антониј учи: „Засакај го смирението, тоа ќе ги покрие сите твои гревови. Сите гревови се одвратни пред Бога, но најодвратен од сите е гордоста во срцето…Не се сметај себе учен, зошто ќе пропадне твојот труд и твојот кораб ќе доплива празен до брегот…Ако имаш голема власт, не му се заканувај на никого со смрт: знај дека по природата и ти си подложен на смрт и дека секоја душа како последна облека од себе го соблекува своето тело“.
Во Византија потоел еден чуден и поучен обичај при крунисувањето на царевите во Света Софија. Имено, кога патријархот ја ставал круната на главата на царот, истовремено му предавал во рацете една свилена торба исполнета со земја од гроб, со цел и царевите да се сеќаваат на смртта, да ја избегнуваат секоја гордост и да бидат смирени.
СОЗЕРЦАНИЕ
Да го созерцувам прогонот на Господ Исус Христос заради правда и тоа:
1.Неговиот прогон како дете од страна на Ирод,
2.како човек и Месија од страна на еврејските книжници и старешини,
3.како Бог од многуте современи книжевници и старешини и еврејски и христијански.
БЕСЕДА
За две различни мудрости
„Премудроста на овој свет е лудост пред Бога“ (1 Кор. 3, 19)
И ова е една голема новост која христијаните ја јавуваат на светот. Едно е мудрост споре Бога и од Бога, а друго е мудрост според светот и од светот. Мудроста по Бога е од Светиот Дух; со таква мудрост биле исполнети апостолите, кога врз нив слегол Светиот Дух. Мудроста според светот е сетилна и материјална и таа претставува права лудост пред Бога, ако не е посолена и вдахната од Светиот Дух Божји.
Целата мудрост за светот, која се раководи само според телесните сетила без разлика на Духот Божји, е лудост пред Бога и ангелите Божји, зошто таквата мудрост не ја гледа ни духот, ниту смислата на овој свет, туку го знае овој свет само како пепел од надвор и како пепел од внатре, како пепел кој пепелот на случајноста го собира или растерува. Целата мудрост за човекот, која се води само со сетилните и телесните манипулации и фантазии, е лудост пред Бога и ангелите и Божјите светители, зошто таа не го познава човека како човек, т.е. духовно битие, сродно на Бога, туку го знае само како тело однадвор и како тело одвнатре, како тело по облик и како тело по суштина. Исто кога мајмун гледајќи објаснува железничка локомотива и рече: тоа е железо однадвор, и железо одвнатре, железо кое грее, железо кое вози, железо кое дава правец и железо кое запира!
Кој може да се наполни со мудроста Божја ако не оној кој прво се испразни од лудоста на светот. А со Божја помош, ова секој од нас го може. Кон нашето сакање и труд секогаш доаѓа Божјата помош, зошто Бог е благост, мудрост и светост.
Господи благ, мудар и свет, исполни не со животворната мудрост Твоја. Тебе слава и благодарност за навек. Амин

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 18 ЈАНУАРИ,СВЕТИ АТАНАСИЈ ВЕЛИКИ, АРХИЕПИСКОП АЛЕКСАНДРИСКИ
Бил роден во Александрија во 296 година и од детството покажувал наклоност кон духовниот призив. Бил ѓакон кај архиепископот Александар и го придружувал својот архиепископ на Првиот Вселенски Собор во Никеја. На овој Собор Атанасиј се прославил со својата ученост, благочестие и ревност за Православието. Многу придонел во сузбивањето на Ариевата ерес и за утврдувањето на Православието. Овој светител го напишал Симболот на Верата кој на Соборот беше усвоен. По смртта на Александар, Свети Атанасиј бил избран за архиепископ Александриски. Во архиепископскиот чин остана над четириесет години, иако не бил цело време на архиепископскиот престол. Речиси сиот живот бил гонет од еретиците. Од царевите најмногу го гонеле: Констанциј, Јулијан и Валент; од епископите Евсевиј Никомидиски со уште мнозина други; а од еретиците Ариј и неговите следбеници. Бил принуден да се крие од гонителите дури и во бунар, во гроб, по приватни куќи, по пустини. На двапати бегал во Рим. Дури пред смртта едно време проживеал мирно како добар пастир сред своето стадо, кое вистински го љубел. Мал е бројот на светителите што се толку клеветени и толку злосторнички гонети како Свети Атанасиј. Но неговата голема душа најпосле излезе победоносна од сета таа долготрајна и страшна борба. За совет, утеха и морална потпора често одел кај Свети Антониј, кого го почитувал како свој духовен отец. Човекот кој ја формулирал најголемата вистина морал и да пострада за таа вистина, додека Господ не го упокои во Своето Царство овој Свој верен раб, во 373 година.
СВЕТИ МАКСИМ, АРХИЕПИСКОП ВЛАХОЗАПЛАНИНСКИ
Бил син на српскиот деспот Стефан и на преподобната мајка Ангелина. Замонашен во манастирот Манасија. Притеснет од Турците побегнал во Романија, каде што го посветија на испразнетиот престол на архиепископот Влахозадпланински. Ги измирил раскараните војводи Радул и Богдан и ја спречил војната меѓу нив. На постари години се вратил во Крушедол, каде што го изградил манастирот и после подолг подвиг се упокоил на 18 јануари 1546 година. Неговите нетлени и чудотоворни мошти и денес почиваат во тој манастир.
РАСУДУВАЊЕ
На прашањето зошто Бог Синот се јави на светот во човечко тело, а не во облик на некоја друга твар, умниот светител Атанасиј вака одговара: „Ако прашаат зошто Он не се јави во вид на некоја подобра твар, на пр. Како сонце или месечина или ѕвезди или оган или етер, туку токму како човек, нека знаат дека Господ не дојде да се покаже себеси, туку да ги излечи и научи страдалниците. Зошто само да се јави и да ги зачуди гледачите би значело дека дошол само за да се покаже. На Исцелителот и учителот му било потребно не само да дојде, туку и да биде од полза на оние кои се во невоља и да се јави за тоа јавување да биде подносливо за луѓето…Ниедна твар не била во заблуда во поглед на Бога освен човекот: ниту сонцето, ниту месечината, ниту ѕвездите, ниту водата, ниту етерот го изневерија својот чин, туку напротив, знаејќи го савојот Творец и царот-Словото, тие сите пребиваа онака како што биле создадени; само луѓето се оддалечувале од доброто и вистината ја заменувале со измамата и честа, припаѓајќи на Бога, како и знаењето за Него, ја пренеле на ѓаволот и луѓето, извајани од камен…Што има неверојатно во тоа што Словото (Синот Божји) се јавило како човек да го спаси човештвото?„ Навистина, и ние ги прашуваме неверниците на нашите денови: во каков облик вие би сакале да се јавел Бог, ако не како човек?
СОЗЕРЦАНИЕ
Да го созерцувам Господ Исус Христос под клевета и срам заради нашето спасение и тоа:
1.под клевета и срам од страна на јудејските книжници и старешини,
2.под клевета и срам од многуте денешни книжници и старешини,
3.под клевета и срам на секој од нас кој во Негово име се крсти, а Неговиот закон не го исполни.
БЕСЕДА
За опасноста
Нека ви биде препашан крстот, а светилките запалени! (Лк. 12, 35)
Тоа е заповед на Оној Кој ги знае слабостите на нашето битие и Кој ни сака добро повеќе и од нашите родители. Тоа е заповед на нашиот човекољубив Господ. Кога човекот е отпашан, зарем не се отпушта целото тело надолу? А ако се препаша и стегне, зарем не се исправува целото тело како свеќа? Како свеќа треба нашата душа да стои исправено пред Бога. Како душата ќе стои исправено пред Бога ако телесното го отежни со невоздржливи земски страсти и похоти? Да се препашаш значи да се воздржуваш и да не дадеш да преовладува волјата на страстите. Препашувањето не е цел, туку сретство со кое се служиме за полесно да го подготвиме својот ум и своето срце и својата волја. Телесната воздржливост е првата школа на нашиот христијански карактер; после неа доаѓа повисока школа во која се учиме во издржливост на умот и издржливост на срцето и издржливост на волјата. Да го подготвиме нашиот ум и тогаш во неговата тесност не можеме да најдеме место за похотни мисли. Ако го подготвиме нашето срце, тогаш во него нема да има место за похотни желби и ако ја подготвиме нашата волја, тогаш во неа нема да има место за лоши ѕверски и демоски потреби.
Преку тесен пат, браќа, се влегува во Царството Божје. Во теснотијата на умот и срцето и волјата единствено може да пламнат свеќите на сите доблести чиј пламен се воздига се до Бога. При палењето на свеќите треба да се разберат христијанските доблести.
О Господи чист и безгрешен, огниште на сите доблести, помогни ни да се подготвиме со воздржливост и по тесниот пат да одиме кон Тебе со запалени свеќи кои Ти си ги донел во светот. Тебе слава и благодарност за навек. Амин

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 19 ЈАНУАРИ,ПРЕПОДОБЕН МАКАРИЈ ВЕЛИКИ
Бил роден во Египет и еден од помладите современици на Антониј Велики. Татко му бил свештеник. Бидејќи бил послушнен кон родителите, тој се оженил, но жена му набрзо умрела, а тој се оддалечил во пустина, каде што поминал шеесет години во труд и во борба, внатрешна и надворешна, за Царството Небесно. Кога го прашале зошто е толку сув и кога јаде и кога не јаде, тој одговорил: „Од стравот Божји“. Толку многу успеал да си го очисти умот од злите помисли и срцето од зли желби, што Бог го дарувал со изобилен дар на чудотворство, така што и мртви воскреснувал од гробовите. Неговото смирение ги восхитувал и луѓето и демоните. Демонот еднаш му рекол: „Само во едно нешто не можам да те надвладеам; тоа не е постот, зашто јас никогаш не јадам; не е бдеењето, зашто не спијам никогаш“. „А што е?“, прашал Макариј. „Твоето смирение“, му одговорил демонот. На својот ученик Пафнутиј Макариј често му говорешел: „Не осудувај никого и ќе се спасиш“. Живеел деведесет и седум години. Девет дена пред смртта му се јавиле од оној свет Свети Антониј и Свети Пахомиј и му навестиле дека за девет дена ќе умре, што и се случило. Уште пред самата смрт му се јавил херувим, кој во видение му го открил блажениот небесен свет, ги пофалил неговиот подвиг и добродетели и му рекол дека е испратен за да ја земе неговата душа во Небесното Царство. Се упокоил во 390 година.

ПРЕПОДОБЕН МАКАРИЈ АЛЕКСАНДРИСКИ
Бил роден во Алкесандрија и прво бил продавач на овошје. Се крстил дури во својатачетириесетта година и заминал на подвиг. Прво му бил ученик на Свети Антониј заедно со Макариј Велики, а потоа станал игумен на манастирот Келии, меѓу Нитрија и Скитот. Нешто е помлад од другиот Макариј и се упокоил после него. Живеел над сто години. Бил мачен од ѓаволските искушенија, особено од искушението на славољубието, се смирувал себеси со претешки подвизи и непрестајна молитва, постојано воздигнувајќи го умот кон Бога. Еднаш еден брат го видел како полни кош со песок и како го носел по ридот и го истурал. Братот зачуден го запрашал: „Што правиш?“ „Го мачам оној што ме мачи мене“ (т.е. ѓаволот). Се упокоил во 393 година, и бил стар повеќе од сто години.
РАСУДУВАЊЕ
Примери на кротко однесување кон насилството, какви што наоѓаме кај Светите Отци, едноставно се за воодушевување. Еднаш кога од пат се вратил во својата ќелија Макариј Велики, видел некој крадец како ги изнесува неговите предмети од ќелијата и како ги товари на магаре. Макариј не му кажал ништо, туку уште и почнал да му помага за удобно да ги натовари сите предмети на магарето велејќи си самиот на себе: „ништо не донесовме на овој свет“ (1Тим. 6,7). Друг старец, кога разбојници му зеле се од неговата ќелија, се завртел и видел дека не му зеле едно купче со пари што се наоѓало сокриено и веднаш го зел купчето, викнал по разбојниците и им го дал. Трет пак, затекнал крадци како ја крадат неговата ќелија и им викнал: „Побрзајте, побрзајте, да не дојдат браќата и да не ме спречат да ја исполнам заповедта Христова: кој го зема твоето, не го барај (Лк. 6, 30).
СОЗЕРЦАНИЕ
Да Го созерцувам Господ Исус Христос како солта земјата и тоа:
1.како сол која дава вкус воопшто на овој живот,
2.како сол која го чува од распадливост човечкиот род, кој инаку би се распаднал,
3.како сол на мојот сопствен живот.
БЕСЕДА
За победата над светот
„Ќе имате неволја во светот; но бидете храбри – Јас го победив светот.”(Јов. 16, 33)
Победителот на светот, еден и единствен, со овие зборови ги учи своите следбеници да не се плашат од светот. Навистина светот се чини многу силен, но зарем Оној Кој го создаде, не е посилен од светот?
Светот е многу страшен за оној кој не знае дека Бог владее со светот и дека Он има власт да го држи во битие додека Он сака и да го врати во небитие кога Он сака. Но кој тоа го знае, за тој светот не е страшен.
Спореден со Христос Господ, овој свет е како ткиво од слабости, додека во Христос Господ нема ниту една слабост. Кој тоа не го знае, за него светот е страшен, а кој тоа го знае, тој нема страв од светот.
Светот е преполн со неволји, маки, гробови и мирис на распаднато – кој сето тоа може да го поднесе? Само оној кој има силно срце. А силно срце има само оној на кого во срцето му е Христос.
Светот ни го позајми телото, но за тоа сака да ни ја земе душата. Но како ќе може светот да стане посилен од нас ако ние стоиме како војници победители на светот?
Победителот на светот ни дава оружје за борба. Со својот пример не учи во борбата, ни го покажува скриениот непријател, ни укажува на патот на напади и отстапки, не придржува со Својата Рака, не закрилува со Своето Крило, не храни со Своето животворно Тело и не пои со Својата животворна Крв и уште не храбри довикнувајќи ни: не плашете се! Што може светот да ни направи кога неговиот пораз е запечатен со Христовата победа?
О Господи, Победителу на светот и победоносен Војводо наш, биди секогаш близу до нас за да не се уплашиме и упати не и ние со срцето, умот и душата секогаш да бидеме близу до Тебе. Тебе слава и благодарност за навек. Амин
20 januari

НА ДЕНЕШЕН ДЕН 20 ЈАНУАРИ ПРЕПОДОБЕН ЕВТИМИЈ ВЕЛИКИ
Бил роден во ерменскиот град Мелитин во близина на реката Еуфрат околу 377 година од благородни родители. Бил син единец роден по молитвите на својата мајка Дионисија која имала небесно видение за раѓањето на Евтимиј. Се подвизувал уште од младост, прво во близина на својот роден град, потоа го посетил Ерусалим во својата дваесет и девета година и потоа заминал во пустината меѓу Ерусалим и Ерихон, наречна Фаре. Деновите и ноќите ги исполнувал со молитви, внатрешно богомислење, созерцание и телесен труд. Околу него се собрале многу ученици, од кои некои биле славни светители како: Кириак Отшелник, Сава Осветениот, Теоктист и други. По Божјиот дар бил голем чудотворец: изгонувал демони, лечел тешко болни, извел вода во пустина, умножувал лебови, прорекувал. Монасите ги учел на трудољубивост велејќи им: „Ако вие без својот труд јадете леб, значи дека јадете туѓ леб“. Кога помладите собраќа сакале да постат повеќе од другите, тој тоа им го забранил и им нареди да доаѓаат на општата трпеза за да не се погордеат од својот преголем пост. Уште им зборувал дека не е добро за монахот да преоѓа од едно место на друго, зошто: „Дрвото кое често се пресадува не донесува плод.“Кој сака да прави добрина може да го прави на она место каде се наоѓа. За љубовта говорел: „што е солта за лебот, тоа е љубовта за останатите доблести.“ Првата недела од Чесниот пост тој се оддалечувал во пустината и таму останувал во молчење и богомислние се до Велигден. За време на неговиот живот се создала огромна лавра во близина на неговата пештера, која потоа со векови била преполна со монаси како кошница со пчели. Последната заповед му била во манастирот да се држи гостољубивос и капијата на манастирот никогаш да не биде затворена. Се упокоил во својата деведесет и седма година. На неговиот погреб присуствувал ерусалимскиот патријарх Анастасиј. Патријархот чекал цел ден додека насобраниот многуброен народ го целивала светителот и дури вечерта успеал да го доврши опелото. Седмиот ден по смртта се јавил Евтимиј на својот ученик Доментијан, целиот светол и радосен. Преподобен Евтимиј вистина бил син на светлината. Се упокоил во 473 година.
СВЕТИ МАЧЕНИЦИ ЕНЕН, НИРЕН И ПЕН
Се сметаат за први словенски маченици кои се спомнуваат во историјата. Се нарекуваат Скити и ученици на светиот апостол Андреј. Пострадале за верата од своите незнабожечки соседи од десната страна на реката Дунав, близу градот Варна. Врзани врз мраз, тие се замрзнале и се упокоиле во Господа.
РАСУДУВАЊЕ
Светителите на Црквата колку што биле милосрдни и снисходливи кон човечките слабости, толку биле непопустливи во поглед на исповедувањето на вистинските догмати на верата. Така Свети Николај Мирликиски го удрил Ариј со рака на Првиот Вселенски собор. Свети Антониј ја оставил својата пустина и дошол во Александија јавно да го изобличи Ариј. Свети Евтимиј, бидејќи бил многу притеснуван од царицата Евдокија и лажниот патријарх Теодосиј и неможејќи повеќе да се бори со причина, го напуштил манастирот и се сокрил во пустината. Неговиот пример го следеле и останатите монаси. Евтимиј останува во пустината се додека лажниот патријарх не бил исфрлен и не се утврдило Православието. А кога во Ерусалим одела најголемата агитација во името на царот против Четвртиот собор кој се одржа во Халкидон, и кога целиот народ бил уплашен од еретиците, тогаш Свети теодосиј Велики, веќе оптоварен со староста, како храбар Христов војник дошол во Ерусалим, влегол во големата црква, се качил на скалите и давајќи им знак на народот со раката рекол: „Ако некој не ги почитува четирите Вселенски собори како и четирите Евангелија, нека биде анатема!“ (До тогаш биле оддржани само четири Вселенски собори). Сите слушатели биле уажснати од овие зборови и никој од еретиците не смеел да каже ништо против тие зборови.
СОЗЕРЦАНИЕ
Да го созерцувам Господ Исус како светлина и тоа:
1.како светлина на мојот живот; како светлина на човечкиот род; како светлина на секоја твар.
2.како светлина особено во темнината на стравот и страдањата.
3.како светлина во часот смртен и по смртта – во вечноста.
БЕСЕДА
За единствената светлина во темнината
Јас сум светлина на светот (Јов. 8, 12)
Откако е светот и времето, никој од родените не се осудил да ги изрече овие зборови. Било и се уште има луѓе кои говорат: јас донесувам светлина, но никој не се осмелил да каже: јас сум светлина!. Единствено Господ Исус Христос можел да ги каже тие зборови смело и уверливо. Неговиот кус живот на земјата и Неговата долга историја од повеќе од 2000 години потполно ги оправдале овие зборови. Он е светлина на вистината, правдата и животот.
Он е светлина на вистината, зошто со Себе ја јавил вистината за вистинската природа на Бога, и за вистинската природа на човекот и за односот на човекот кон човекот и во односот на човекот кон Бога и во односот на Бога кон човекот. Небото и земјата ќе поминат, но Неговите зборови нема да поминат зошто и небото и земјата постанале со Неговото слово, а Неговото слово е од Него и со Него засекогаш и нема да помине.
Он е светлина на правдата зошто ја покажал силината на правдата и немоќта на неправдата. Он тоа го јавил во силна светлина со она што го рекол, со она што направил и со она што доживеал и преживеал меѓу неправедниците. Он тоа го јавил и преку Својата Црква и во текот на досегашните 20 векови, преку безбројни светители на правдата и маченици за правдата. Правдата е од Бога и на долгата линија во историјата таа никогаш не може да биде победена; неправдата е од немоќните битија, таа брзо истрчува со своето триумфално знаме на ѕидот, но исто така многу брзо се урива во гроб.
Он е светлина на животот. Неговите зборови го осветлуваат животот; Неговите дела го осветлуваат животот; Неговата победа го осветлуваат животот особено Неговото воскресение, како најсјајно сонце, со силна светлина го осветлува животот и ја брка смртта како слаба сенка.
О, Господи Исусе Христе, светлино најсветла, Сонце на вистината, Сонце на правдата и Сонце на животот, осветли не нас грешните и недостојните! На Тебе слава и благодарност за навек. Амин

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 21 ЈАНУАРИ ПРЕПОДОБЕН МАКСИМ ИСПОВЕДНИК
Бил роден во Цариград и бил висок висок послушник во дворецот на царот Ираклиј, а потоа станал монах и игумен на еден манастир во близина на престолнината. Бил најголем бранител на Православието од таканаречената монотелитска ерес која произлегла од ереста на Евтихиј. Имено, како што Евтихиј тврдел дека во христа имало една природа, така монотелитите тврделе дека во Христа имало една волја. Максим се спортивставил на тоа тврдење и се најдсе како противник на царот и патријархот. Но, тој не се уплашил, туку истрајал до крај во докажувањето дека во Господ Исус Христос имало две волји и две природи. По негово настојување на оддржа еден собор во картагина, а друг во Рим и во двата собори било анатемисано учењето на монотелитите. Страдањето на Максим за Православието не може да се опише: бил мачен од кнезовите со истегнување, плукан од народот, тепан од војниците, прогонуван, затворан, додека конечно, со отсечен јазик и рака, не бил осуден на доживотно прогонство во Скитска земја, каде три години поминал во темница и ја предал душата на Бога во 666 година.
СВЕТИ МАЧЕНИК НЕОФИТ
Бил роден во Никеја. Уште како дете правел големи чуда со Божја благодат. Извел вода од камен, ја воскреснал својата мртва мајка. Со бел гулаб бил одведен во Олимписката гора каде од една пештера истерал лав и тој се вселил внатре. Бил мачен за Христа уште во својата петнаесета година за времето на царот Диоклецијан и тоа во Никеја. Никако не сакал да се одрече од Христа. После тепањето и времето минато во темница, бил фрлен во оган, но Бог го зачувал жив. Тогаш го ставиле пред гладен лав, но лавот почнал да се гали околу Неофит. Светителот во тој лав го препознал оној истиот во чија пештера се подвизувал , па го помилувал и му наредил повторно да оди во својата пештера. Тогаш Неофит го прободиле со копје и тој се преселил со душата кај Господ.
СВЕТА МАЧЕНИЦА АГНИЈА
Имала само тринаесет години кога, за верата во Христа, била фрлена во оган, а потоа била убиена со меч. Покажала голема чудотворна моќ за време на својот кус земен живот, но и после смртта. Пострадала за време на царот Диоклецијан во 305 година.
РАСУДУВАЊЕ
Христијнаската вера единствена во светот има едно определено и никогаш непорменето мерило за вредноста. Како таа мери и ги класифицира вредностите, за тоа јасно говори Свети Јован Златоуст: „Постојат три вида на предмети: едни се добро и не можат да бидат зло како: целомудреност, милосрдност и слично; вториот вид се зло и никогаш не можат да бидат добро како: разврат, нечовечност, суровоост; третите се час ова, час она, зависно од настроенијата на оние кои се користат со нив.“ И потоа овој боженствен учител објаснува како и богатството и сиромаштијата и слободата и ропството и власта и болеста и самата смрт спаѓаат во овие средни предмети кои сами по себе не се ни добро, ни зло, но се ова или она, според расположението на луѓето и според нивната употребата кај луѓето. Зошто ако, на пример, богатството би било добро, а сиромашното зло, тогаш сите богати луѓе би биле добри. А сите сиромашни лоши: меѓутоа ние се уверуваме дека како што има добри и лоши богати луѓе, така има добри и лоши сиромашни луѓе. Истото може да се примени и на здравите и болните, слободните и заробените, ситите и гладните, на оние кои се во власт и на потчинетите. Дури и смртта не е зло зошто „мачениците со смрт станале посреќни од сите“.
СОЗЕРЦАНИЕ
Да Го созерцувам Господ Исус како град на гората и тоа:
1.како град на гората на вишниот Сион, т.е. над стварниот свет, во царството на вечноста,
2.како град на гората на човечката историја,
3.како град на гората на мојот сопствен живот, т.е. на врвот на моите идеали, на зенитот на молите мисли и копнежи.
БЕСЕДА
За разбирањето преку творењето
Кој сака да ја твори Неговата волја, ќе разбере дали оваа наука е од Бога (Јов. 7, 17)
Мала е ползата од докажување преку логиката и зборовите човечки дека науката Христова е од Бога. Најбрзниот и најсигурниот начин да се дознае нејзината вистинитост е во творењето на волјата Божја онака како Христос ја објавил и искажал. Кој твори, тој и ќе познае.
Ако плачеш заради Бога, ќе познаеш каква утеха е Бог. Ако си милосрден, ќе ја препознаеш Божјата милосрдност. Ако градиш мир, ќе познаеш како ти доликува да се наречеш син Божји. Ако им проштеваш на луѓето, ќе познаеш како Бог ти простува тебе.
Никој никогаш не може да сознае дека Христовата наука е од Бога освен оној кој ја твори волјата Божја. Зошто самото творење на волјата Божја, извршувањето на заповедите Божји, тоа е клучот за отклучувањето на рајот во кој се гледа Бог. Тоа е клучот за разбирање на Светото Писмо и сите тајни на Откровението.
Свети Василиј пишува: „Потребна е чистота на животот за да се распознае она што е прикриено во Светото Писмо“.
Она што Господ исто така го бара од нас е преку творењето на Неговата волја, да дојдеме до познание на боженственоста на Неговата наука. Простиот го сака тоа, ние да се увериме со дела во божественоста на Неговата наука. Он не сака ние на лесен начин да се увериме, туку на потешкиот, не само слушајќи, туку и творејќи затоа што кој се увери на лесен начин, полесно и ќе се поколеба и разувери, а кој ќе се увери на потежок начин, тој тешко се колеба и разуверува. Затоа браќа, да се потрудиме да ја твориме волјата Божа за да Го познаеме Бога и да ја спасиме својата душа.
О, Господ семудар, помогни ни со силата на Твојот Свет Дух да ја твориме Твојата света волја. Тебе слава и благодарност за навек. Амин

НА ДЕНЕШЕН ДЕН 22 ЈАНУАРИ СВЕТИ АПОСТОЛ ТИМОТЕЈ
Бил еден од Седумдесетте апостоли, роден во Листра Ликаонска, од татко Грк и мајка Еврејка. Мајка му и баба му биле пофалени од апостол Павле заради нивната нелицемерна вера (2 Тим. 1, 4-5). Во Листра Тимотеј се сретнал првпат со апостол Павле и самиот бил сведок кога тој го исцелил хромиот од раѓање. Подоцна Тимотеј станал речиси постојан сопатник на апостол Павле поминувајќи со него низ Ахаја, Македонија, Италија и Шпанија. Бил голем ревнител за верата, одличен беседник и сладок во душата. Тимотеј многу придонел во ширењето и утврдувањето на христијанската вера. Павле го нарекува „вистински син во верата“ (1 Тим. 1, 2). По маченичката смрт на Павле, Тимотеј го имал за свој ученик светиот Јован Евангелист. Но кога тој бил прогонет од царот Дометијан од Ефес на островот Патмос, Тимотеј останал во Ефес како епископ да ја врши својата должност. За време на некој идолски празник наречен Катагогиум, незнабошците, лути на христијаните, го нападнале Тимотеј и го убиле околу 93 година. Неговите чесни мошти подоцна биле пренесени во Цариград и закопани во црквата Свети Апостоли, до гробот на Свети Лука Евангелсит и Свети Андреј Првоповикан.
ПРЕПОДОБЕН МАЧЕНИК АНАСТАСИЈ
Бил Персијанец по раѓање, неговото незнабожечко име било Магундат. Кога царот Ираклиј војувал со Персија, Магундат пребегнал кај христијаните, отишол во Ерусалим каде се крстил и го добил името Анастасиј. Но тој не само што се крстил, туку и се замонашил, за целосно да се предаде на служење на Господа. Покрај останатите подвизи, многу рано ги читал житијата на светите маченици и читајќи ја намокрувал книгата со солзи и самиот копнеејќи по мачеништво. Господ го овенчал со маченички венец. Долго лежел во темница и бил мачен многу, додека царот Хозрој не му изрекол смртна пресуда. После таа пресуда, Анастасиј бил удавен во вода, а потоа исфрлен од водата и џелатот му ја отсекол главата и му ја испратил на царот. Пострадал на 22 јануари 628 година во градот Бесалое, близу Нинива.
РАСУДУВАЊЕ
Православната Црква поседува неисцрпно богатство во докази на живот после смртта. Да наведеме тука еден од безбројните, еден пример кој во исто време сведочи дека човечките души живеат после смртта и дека доброволната послушност води кон блажена бесмртност. Кога Свети Теодосиј Велики основал манастир, во почетокот имал само седум монаси. За нив добро да ги утврди во сеќавањето на смртта, наредил да се ископа еден гроб. Кога гробот бил ископан, Теодосиј застанал до гробот, опколен од седумнимата монаси, и рекол: „Еве деца гробот е готов. Дали има некој меѓу вас готов за смрт, за да биде закопан во овој гроб?“ Еден од нив, Василиј му било името и бил свештеник по чин, паднал на колена и побарал од Теодосиј благослов да умре. Теодосиј наредил на Василиј да му се држат помени како било обичај за мртвите. Кога се завршил четриеседневниот помен, Василиј, потполно здрав, легнал и умрел и бил закопан во новиот гроб. Во четириесетиот ден после неговиот погреб, Василиј се јавил едно утро меѓу браќата во црквата. Прво го видел само Теодосиј, па се помолил на Бога за да им ги отвори очите и на останатите. И сите браќа погледнале и го виделе Василиј меѓу нив. Еден брат, Летиј, од радост ги раширил рацете и сакал да го прегрне, но Василиј исчезнал. Но се слушнал гласот на Василиј: „Спасувајте се отци и браќа, спасувајте се“.
СОЗЕРЦУВАЊЕ
Да ја созерцувам безгрижноста на Господ Исус во поглед на јадењето и облеката и тоа:
1.Неговата безгрижност за Себе која Он на дело ја покажува,
2.безгрижноста за јадењето и облеката која Он и на другите им ја проповеда (Мат. 6, 31).
БЕСЕДА
За Божјото сезнаење и промисла
А вам и влакната на главата ви се избројани (Мат. 10, 30)
И влакната на косата ви се избројани, браќа, а да не зборуваме за деновите на животот! Не бојте се дека ќе умрете пред одреденото време, ниту пак се надевајте дека ќе можете да го продолжите животот и за еден ден надвор од волјата на Оној Кој брои и мери. Ова сознание нека ве научи на кроткост и страв од Бога.
И влакната на косата ви се изброени, како и вашите страдања на земјата! Не бојте се, дека ќе страдате повеќе од мерката. Уште помалку бојте се дека вашите страдања ќе бидат заборавени и непресметани од Оној Кој се гледа. Ова сознание ќе ве научи на трпение и поверение кон вашиот Творец Промислител.
И влакната на косата ви се избројани, а да не зборуваме за вашите пријатели и нерпијатели на земјата!. Не бојте се дека ќе имате премногу пријатели и непријатели; ниту бојте се дека вашите непријатели ќе ве совладаат, ниту надевајте се дека вашите пријатели ќе ве одбранат. Само погрижете се да го имате Бога за пријател и не се плашете од ништо. Ете, Он е единствениот ваш пријател Кој непроменето ве сака.
О Господи благ, Промислителу мудар, кој го знаеш бројот на се, мерката и времето, отфрли го од нас секој страв, освен стравот од Тебе, за преку стравот од Тебе да дојдеме до чиста и света љубов кон Тебе, Творецот и Добротворот наш. Тебе слава и благодарност за навек. Амин
Sv.Klimet Ankirski-23  januari
НА ДЕНЕШЕН ДЕН 23 ЈАНУАРИ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК КЛИМЕНТ, ЕПИСКОП АНКИРСКИ
Тој бил роден во 258 година, во градот Анкир од татко незнабожец и мајка христијанка. Неговата мајка Ефросинија му прорекла маченичка смрт на својот син и го остави овој свет кога Климент имал 12 години. Нејзината другарка Софија го зела Климент во својот дом за да го гледа како свој син и да помага во неговото воспитување во христијански дом. Толку Климент бил прочуен заради својот добродетелен живот што бил избран за епископ анкирски во дваесетата година од својот живот. Во младите години тој се стекнал со старечка мудрост и со голема воздржливост го скротил и победил своето тело. Се хранел само со леб и зелје и не јадел месо. Во времето на Диоклецијан бил мачен страшно „како никогаш никој од постоењето на светот“. Поминал 28 години на маки и по зандани и единаесет разни мачители го истегнувале и мачеле. Кога еднаш го удриле по лицето, го плукале и забите му ги скршиле, тој му рекол на мачителот Доментијан: „Ми правиш чест, о Доментијан, и не ме мачиш, зошто и на мојот Господ Исус Христос устата исто така му беше биена и образите удирани и ете, јас недостојниот, сега со тоа се удостоив!“ Кога бил доведен пред царот Диоклецијан во Рим, царот поставил на едната страна разни орудија за мачење, а на другата дарови, одликувања, облека, пари – се што може еден цар да дарува, а потоа му рекол на Климент да бира. Христовиот маченик со презир погледнал кон сите богатства на царот и ги одбра орудијата за мачење. И бил мачен неискажливо: парчњ по парче месо му било откинувано од телото, така да му се гледале коските. На крај бил убиен со меч во 312 година во црквата во Анкир, кога како архиереј служел Божја служба. Чудата ма Свети Климент се безбројни.
ШЕСТИ ВСЕЛЕНСКИ СОБОР
Бил одржан во Цариград во 680-681 година. Овој Вселенски Собор ги осудил еретиците монотелити кои погрешно учеле дека во Христос имало само божествена волја, без човечка. Покрај тоа биле донесени и неколку правила за редот и дисциплината на свештенството.
СВЕТИ ПАВЛИН МИЛОСТИВИ
Прво бил римски сенатор, а потоа станал епископ во Нола. Го следел примерот на својот пријател Свети Анвросиј и се крстил после што се оддалечил во Шпанија во Пиринејските планини каде се подвизувал. Но како што не може ниту еден светилник да се сокрие, така и Свети Павлин бил пронајден и избран за нолски епископ. Бил добар и милосрден пастир. Мирно се упокоил во 431 година. Моштите му почиваат во Рим во црквата Свети Вартоломеј.
РАСУДУВАЊЕ
Милосрдието секогаш било својство на вистинските пастири на стадото Христово. Свети Јовам Златоуст, во своите славни беседи ништо толку силно не нагласувал и фалел како милосрдието. Свети Јован Милостив, александриски патријарх, плачел во секој оној ден кога не му се укажувала прилика да даде некому милосрдие. Свети Павлин заслужно бил наречен Милостив, зошто навистина бил милосрден во целосна христијанска смисла на тој збор. Еднаш кога вандали го ограбиле Нол, повеле и многу луѓе во ропство. Некоја вдовица чиј единец вандалскиот кнез Рига го земал во ропство, дошла кај својот епископ и плачејќи побарала од него пари да го плати откупот за својот син. Немајќи ништо епископот се облекол во облека на прост човек и и рекол на водвицата да го води кај кнезот и да го даде како замена за својот син. Кнезот го пуштил синот на вдовицата, а го земал Павлин и го одвел во Африка каде Павлин служел како градинар на кнезот, се додека со Промислата Божја не бил ослободен и вратен со останатите робови назад во Нол.
СОЗЕРЦАНИЕ
Да Го созерцувам Господ Исус како исцелител и тоа:
1. како исцелител на телесни болести,
2. како изгонител на зли духови,
3. како исцелител на духот и човечкиот ум со светлината на божествената наука,
4. како мој сопствен исцелител од сите маки и зла.
БЕСЕДА
За ангелската состојба на светителот
„А кои ќе се удостојат да го добијат оној свет…веќе не можат да умрат, зошто се како ангели“ (Лк. 20, 35-36)
Така говори Оној Кој знае, кој видел и Кој не може да се прелаже. Што уште имаме да се сомневаме, браќа? Ова сведоштво е појасно од летното пладне, од тврдината на дијамантот и е поскапо од сите богатства на овој свет; а тоа е сведоштво дека тие кои ќе се удостојат со оној свет и воскресението повеќе не можат да умрат, туку се бесмртни како Божји ангели.
А какви се ангелите? Тие исти ангели кои се јавувале во времето на Авраам и им помагале на луѓето, истите тие и денеска се појавуваат и помагаат. Не умреле, туку се живви и не остареле, туку се млади. Истите тие го гледале Авраам во рајот и ќе го гледаат последното воскресение, Судот и царството на светителите.
Ангелите се слични на праведниците. Апостолите и пророците, светителите и мачениците, живеат и денеска и ќе живеат за секогаш и повеќе не можат да умрат. Стотици и илјадници години поминуваат, но тие ниту стареат, ниту умираат, туку се како ангели.
Дека праведниците ќе бидат венчани со бесмртност, тоа Господ ни го посведочи и со Своето воскресение ни покажа и преку прославувањето на светителите ни докажа.
О, браќа мои, да се потрудиме, да се потрудиме само да се удостоиме да го добиеме тој блажен свет!
О, Господи, воскреснат и бесмртен, помогни ни да се удостоиме на Твоето бесмртно царство во кое Ти царуваш со ангелите и светителите Твои за век и векови! Тебе слава и благодарност за навек. Амин

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 24 ЈАНУАРИ ПРЕПОДОБНА КСЕНИЈА
Таа била родена во Рим, како ќерка единица на познат сенатор. Водена од љубовта кон Христос, таа не сакала да стапи во брак, како што посакувале нејзините родители,туку, за да го избегне тоа, побегнала од дома тајно, со две свои робинки,и отипла на островот Коа,во местото Милас, каде основала девствено семејство, останувајќи таму до смртта. Иако била слаба жена,сепак имала машка издржливост во пост,цмолитва и бдеење.Честопати по цела ноќ стоелљ на молитви, била облечена победно од своите сестри,а и лебот што го јадела, често го посипувала со пепелта од огнот.Во времето на нејзината смрт (+450.година) се појавил прекрасен знак над девствениот манастир: венец од звезди со крст во средината,посјаен од сонце.Од нејзините мошти,многу болни добиле исцелување. Нејзините робинки го следеле во се примерот на својата игуманија,и кога умреле, биле погребани по своја желба,цкај нозете на блажената Ксенија.
СВЕТИОТ МАЧЕНИК ВАВИЛА
Светиот маченик Вавила, бил свештеник во Сицилија. Тој пострадал за Христа со два свои ученика во III век.
ПРЕПОДОБЕН МАКЕДОНИЈ
Преподобниот Македониј бил Сириски пустиник. Дури во својата старост се хранел со печен леб, а предходно јадел само зрна од јачмен омекнати во вода. Го завршил земниот живот 418 год.
ПРЕПОДОБЕН ФИЛОН ЕПИСКОП КИПАРСКИ
Посветен за епископ од свети Епифаниј,кога бил повикан во Рим да и помогне со молитва на сестрата на царот Хонорија.Го протолкувал Петокнижието и Песна над песната. Се упокоиЛ мирно во V век.
ПРЕПОДОБЕН ДИОНИСИЈ ОЛИМПИСКИ,ЧУДОТВОРЕЦ
Се подвизувал на планината Олимп.Се замонашил во Света Гора, каде што бил игумен на Филотеевскиот манастир.Пред крајот на својот овоземен живот,повторно се повлекол во осаменост на Олимп, каде што се упокоил во Господа во XVI век.
РАСУДУВАЊЕ
Во нашите денови често ги слушаме зборовите од родителите :Сакаме да го осигураме животот на своето дете! Затоа се обидуваат со премногу труд, натрупуваат богатство,често и неправедно, го школуваат своето дете за она занимање кое носи највеќе телесни сигурности и матерјална корист. И тоа го прават наречени христијани! Тие тоа го прават затоа што нивниот поим за вистински живот и за вистинско осигурување на животот е-погрешен. А еве како една права христијанка го подготвува својот син за прав живот: На умирање блажена Ефросинија му зборуваше на својот син, Климент Анкирски: „Направи ми чест,о сине мој,и мажествено застани за Христа, и исповедај Го храбро и непоколебливо! Јас се надевам, о срце мое, дека на тебе скоро ќе процвета венец на мачеништво, и во моја чест и за спасение на многумина…Не плаши се ниту од закани, ниту од меч, ниту од рани, ниту од оган. Ништо да не те одвои од Христос, но гледај кон небото ,и од таму очекувај голема и вечна и богата награда од Бога.Плаши се од Божјата големина, плаши се од Неговиот суд, трепери од неговото севидливо око, затоа што оние кои ќе се одрекнат од Него, ќе добијат неугасив оган и црв неуспиен. Ова нека ми биде награда од тебе,сине мој сладок,за моите породилни маки и трудот за твоето воспитување-да се наречам мајка на маченик……Крвта, примена од мене, не ја штеди, пролиј ја, од тоа и јас да примам почест. Подај го телото на мака, да се израдувам и јас од тоа пред Господ наш, како и сама да сум постарадала за Него.
СОЗЕРЦАНИЕ
Да се размислува за Господ Исус како учител и тоа :
1.Како учител кој учи како човек треба да мисли, да би се спасил,
2.Како учител кој учи како човек треба да зборува, да би се спасил,
3.Како учител кој учи како човек треба да делува, да би се спасил.
БЕСЕДА
За највидовитиот Пророк
Зошто зло мислите во срцата свои (Мат. 9, 4)
Кога Господ посакал да упати укор на фарисеите и книжевниците, овие во тој час никого и немале убиено, ниту измамено, ниту ограбено. И не само тоа, во тој час, тие немале никого ни со збор навредено. Зошто, тогаш, Господ ги укорил, кога тие немале направено никаков грев, ни со дело, ниту со збор? Затоа што помислувале на зло. И помислата на зло е грев.Тоа е голема новост,која што Христос ја донесе во светот. Само помислата на зло е изворен грев, на секој грев, затоа што пред човек да каже и направи нешто грешно,тој помислува грешно. Помислата е причина за гревот, останатите гревови се само следствени гревови. Кој сака да ги уништи оние другите, мора да ги искорени, оние првите. Кој сака да ги сопре теченијата на водите, мора прво да ги исуши изворите. Никој нека не се правда: јас не сум грешен, затоа што никого не сум убил, ниту опљачкал, осквернавил, ниту излажал. Видете, ние сме полни со убиствени мисли, разбојнички, сквернавечки и измамнички! Ако со дело не сме го направиле гревот,тоа е само работа на милоста Божја и надворешните прилики.Ако Бог попуштил и ако ситуацијата била соодветна,ние би ги направиле сите оние гревови на кои сме помислиле. Змијата не е отровна само кога ќе укаса, туку и кога нема да укаса, затоа што го носи отровот во себе.
Не само дека помислата е грев, но и изворот на гревот, почетокот на гревот, семето и коренот на гревот. Ете зошто Господ, Кој се гледа и се знае, ги укорува оние кои помислуваат зло.
Зошто зло мислите во срцата свои ?
О Господи, Кој се гледа и се знае, помогни ни да ги исчистиме срцата и умот наш од злите мисли,така и зборовите и нашите дела, би биле чисти. Слава кон тебе и пофалба занавек.Амин.

НА ДЕНЕШЕН ДЕН,25 ЈАНУАРИ СВЕТИ ГРИГОРИЈ БОГОСЛОВ,АРХИЕПИСКОП ЦАРИГРАДСКИ
Бил роден во Назианзу од татко Елин и мајка христијанка.Пред крштевањето, учел во Атина заедно со Василиј Велики и Јулијан Отстапник. Често тој прорекнувал дека Јулијан ќе биде отсапник од верата и гонител на Црквата, што и се случило. На Григориј особено многу му влијаела неговата добра мајка Нона. Кога го завршил своето учење, Григориј се крстил. Свети Василиј го ракоположил за епископ Сасимски, а царот Теодосиј Велики, наскоро го повикал да го наследи испразнетиот престол на цариградскиот архиепископ. Составил многу дела, од кои најпознати му се оние од Богословието, поради тоа е и наречен Богослов. Особено забележливо по длабочината на неговите дела е Беседата за Светата Троица. Уште пишувал против еретикот Македониј, кој погрешно учел за Светиот Дух (како Духот да е Божје создание), и против Аполинариј, кој погрешно учел дека Христос немал човечка душа, туку дека божеството му било наместо душа. Пишувал исто така и против царот Јулијан Отстапник, неговиот поранешен соученик. Кога на Парламентот во 381 година имало дискусии за неговиот избор за архиепископ, тој самиот се повлекол изјавувајќи: ‘‘Не можат да не лишат од Бога оние кои не лишуваат од престолот,,.Потоа го напушта Цариград ,оди во Назијанз, и живее таму до неговата смрт во изолација, молитви и пишување корисни книги. Иако цел живот бил со слабо здравје, сепак ја доживува осумдесетата година. Моштите подоцна му се пренесени во Рим, а главата му е во Успенската катедрала во Москва.Тој беше и остана големо и прекрасно светло на Православната црква, како во кроткоста и чистотата на карактерот и ненадмашната длабочина на умот. Се упокоил во 390 год.
ПРЕПОДОБЕН ПУБЛИЈ
Прво бил сенатор, но откако ја спознал светлината Христова, ги оставил почестите, го раздал имотот на сиромашните и се предал на подвижнички живот во близината на својот град Зевгмата на Еуфрат. Основал две монашки семејства и се упокоил 380 год.
ПРЕПОДОБЕН МАР
Се одликувал со надворешна убавина и слаткопоен глас. Се повлекол од светот и останува да живее во една колиба триесет и седум години во пост, молитва и чистење на срцето од помисли. Како девеесет годишен старец се упокоил во 430 година.
СВЕТА МАЧЕНИЦА ФЕЛИЦИТА И НЕЈЗИНИТЕ СЕДУМ СИНОВИ
Како христијанка во времето на цар Антонин во 164 година била осудена на смрт, заедно со своите седум синови. Се молела на Бога, да не ја погубат неа пред нејзините синови, за да може да ги храбри при мачењето и убивањето, за да не се одрекнат од Христа.Така и било со согласност на Бога. Со радост оваа ненадмашна мајка испраќала, еден по еден син, додека сите седум не ги испратила и видела погубени.Тогаш и таа со благодарност кон Бога ја примила маченичката смрт. Сите настрадале во Рим, каде што им се наоѓаат и моштите.
РАСУДУВАЊЕ
Се лажат сами себе, оние кои самоуверено зборуваат дека добро ги познаваат луѓето и дека не може никој да ги измами. Кој може да знае каков е духот во секој човек, освен единствениот Бог, кој ја знае тајната на срцето?Дури и големите светители се измамувале во луѓето.Така на пример Свети Василиј долго го сметал за свој човек некој лицемерен еретик и го бранел од многу кои го напаѓале, додека сам не се уверил во неговата лажност и горко се разочарал. Свети Григориј Богослов, покрстил некој филозоф по име Максим, толку го засакал што го чувал во својот дом и на својата трпеза. А тој Максим бил опак и лукав како змија и после некое време, со сплетки и поткупивања, издејствувал кај некои од Цариград да биде признат за патријарх на местото на Свети Григориј. Кога ова искушение било одстренето, некои го укорувале Григориј како можел да го држи кај себе својот најголем противник? „Ние не сме виновни,“ одговорил светителот:„Ако не можеме да откриеме нечија злоба. Единствено Бог ја знае внатрешната тајна на човекот. Нам ни е заповедано со закон да со татковска љубов го отвориме своето срце на секој кој ни доаѓа.‘‘ Незлобен човек не може лесно да ја препознае злобата на злобниот.
СОЗЕРЦАНИЕ
Да се размислува за Господ Исус како цар,и тоа :
1.како господар над природата, која тој ја скротува и ја става во своја служба,
2.како господар над демоните и болестите и над смртта,
3.како господар над бесмртното царство на ангелите и светците
БЕСЕДА
За тоа кој е Христос
Кој зборуваат луѓето дека сум јас? (Мк.8, 27)
Еве браќа повеќе од 2000 години од оној ден кога Господ Исус Христос го постави ова прашање на своите ученици. Од тогаш до денес ова прашање е поставено на секое човечко поколение,секој бел ден и темна ноќ и секое човечко поколение и секој бел ден и секоја темна ноќ морале да дадат одговор на ова прашање. Ова прашање е прашање на живот или смрт и одговорот на него е живоносен или смртоносен.Ти си Христос Синот на живиот Бог, одговорил апостол Петар. И тој одговор бил одобрен и пофален од Господ Исус. Кој зборуваат луѓето денес дека е Христос?Едни велат,со Евреите, дека тој е нарушител на Законот и самонаречен Месија. Други велат,со Пилат, дека тие воопшто не можат да дојдат до вистината за овој човек.Трети велат, со апостолите, дека е тој Христос Син на живиот Бог,Спасителот и Искупителот на човештвото од гревот и смртта, Воскреснат и Воскресител, Жив и Животодавец. И сите ние, крстени во името на Света Тројца се согласуваме со апостолите и светата Црква апостолска, која со соборниот глас свој така го исповеда Христа Господа.
О Господи, Единороден Сине Божји, помогни ни секој ден во животот со нашето срце да веруваме, со усните да Те исоповедаме, како Бог и наше спасение, како Божја сила и Божја мудрост.
Тебе слава и пофалба занавек.Амин

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 26 ЈАНУАРИ ПРЕПОДОБЕН КСЕНОФОНТ И МАРИЈА И НИВНИТЕ СИНОВИ ЈОВАН И АРКАДИЈ
Преподобните Ксенофонт и Марија живееле во Цариград богоугоден живот и сето внимание го посветувале на христијанското воспитување на своите синови. Кога синовите им пораснале ги пратиле на наука во Вирут (Бејрут) но се случило бура да го потопи бродот. Со провидението на Бога, Јован и Аркадиј биле некако спасени и со брановите исфрлени на брегот но на две различни места,така да секој од нив мислел за другиот дека е потонат.Од тага еден за друг, обајцата се замонашиле во два различни манастира. По две години нивните ожалостени родители одат во Ерусалим да се поклонат на свето место.Таму со помош на еден свештеник се среќаваат прво братот со брата си, а потоа и родителите со своите деца. Од благодарност кон Бога, Ксенофант и Марија го раздаваат целиот свој имот на сиромасите, а тие двајцата се замонашуваат.Тажната историја на овие четири свети души јасно покажува како Господ прекрасно раководи со животот на оние кои веруваат во Него, како попушта на нивната мака и жалост, за потоа уште повеќе зајакнати во верата, ги воведе во поголема радост. Живееле и се упокоиле во Господа во V век.
ПРЕПОДОБЕН СИМЕОН ВЕХТИ
Тој бил другар и пријател на Свети Паладиј. Од раната младост па се до смртта се подвизувал во еден вертеп. Основал два манастира и се упокоил во Господа во 390 година,Ветхим или Стари, се нарекува за да се разликува од Симеон Столпник, кој малку подоцна се подвизувал.
СВЕТИ ДАВИД, ЦАР ГРУЗИСКИ (1089 – 1130)
Ја обновил и ја зајакнал Грузија како држава. Како голем ревнител на христијанската вера изградил многу нови храмови низ Грузија, а старите ги возобновил. Се смета за препородител на православната вера во Грузија.
РАСУДУВАЊЕ
Најголемо богатство на една држава се светите и добри луѓе кои живеат во неа .Споредено со тоа богатство секое друго богатство е како ништо. Благочестивите цареви христијански ги сметале светите луѓе во своите држави како најголем благослов од Бога. Светиот цар Константин Велики зборувал ‘‘Му благодарам на Господ Исус Христос што во моите денови постојат три боженствени светила: Блажен авва Антониј, авва Елениј и авва Евхин“. Пред Куликовската битка, судбоносна за Русија, благочестивиот кнез Димитриј Донски со доглавниците и војводите, отишол во шумата Радонежску, да го побара преподобниот Сергеј и да го замоли за молитви на неговиот Бог. Иако кнезот собрал војска за ослободувачка војна против Татарите, некако поголема надеж полагал во молитвата на еден свет човек,отколку во многубројната војска и оружје.
СОЗЕРЦАНИЕ
Да се размислува за Господ Исус Христос како пророк и тоа:
1.Како пророк кој јасно им претскажал на поединци (како на: Петар, Јован, Јуда и останатите апостоли) она што ќе им се случи во иднината
2.Како пророк кој јасно ја претскажал иднината на Ерусалим и некои други градови, на народот Еврејски и Црквата Божја,
3.Како пророк кој јасно го претскажал крајот на светот и Своето повторно доаѓање.
БЕСЕДА
За сомнежот од гревот помрачени
Кој е Овој што и гревови простува? (Лк. 7, 49)
Така прашувале непокаените грешници: Кој е овој ?Тоа е Оној Кој го чувствува осилото на човечкиот грев, на Кого и паѓаат сите човечки гревови, како шамари.Тоа е Оној Кој некогаш во Рајот гледал човек безгрешен. Оној Кој го создал човекот безгрешен, а Кој е и самиот безгрешен отсекогаш и засекогаш.
Да прости може само оној кој може да одмазди. Моќниот човек се свети преку одмазда, немоќниот преку омраза. Ако ти можеш да вратиш, да нанесеш удар и не вратиш тоа не значи дека си простил, се додека коренот на гневот не го откорнеш од своето срце. Голем е единствено Господ Кој може и да одмазди и да прости, голем е во правда, затоа што ќе го одмазди непокајаниот грешник, голем е во милоста, затоа што ќе му прости на покајаниот.
О, кога луѓето би ја знаеле силата на простување на гревовите! Види, кога на слеп му се простуваат гревовите-тој прогледува, на глувиот-тој почнува да слуша, на грбавиот-и тој се исправува, болниот-и тој оздравува, лудиот-и тој се опаметува, на опседнатиот со ѓаволи-тој се ослободува, на блудницата-таа се чисти, на мртвиот-и он оживува!
Но, како е ужасен синџирот на гревот! Какви тешки синџири-многу гревови! Тие синџири не се кинат со грешни раце. А кога раката на пречистиот Господ ги допре, тие сами од себе се одврзуваат и распаѓаат. Кога гласот на Чистиот допре до нив, тие се распаѓаат. Да,дури и од помислата на Чистиот тие се распаѓаат-тие грди синџири на гревот.
Кој е овој што и грев простува? Тоа е, грешници, Господ пречист и поради чистистотата семоќен.
Господи пречист и семоќен, ослободи не од оковите на гревот.Тебе слава и пофалба за навек.Амин.

НЕ ДЕНЕШЕН ДЕН, 27 ЈАНУАРИСВЕТИ ЈОВАН ЗЛАТОУСТ (ПРЕНЕСУВАЊЕ НА НЕГОВИТЕ ЧЕСНИ МОШТИ)
Споменот на овој светилник на Црквата го славиме на 13 ноември и 30 јануари. Овој датум се празнува пренесувањето на неговите чесни мошти од ерменското село Коман, каде што починал во егзил, во Цариград каде претходно како патријарх управувал со црквата. Кога се навршиле триесет години од неговата смрт, патријархот Прокл одржал говор во спомен на својот духовен отец и наставник, и со тој говор толку ја разгорува љубовта на народот и царот Теодосиј Помладиот кон големиот светител така што сите посакале Златоустовите мошти да се пренесат во Цариград. Се зборува дека ковчегот со моштите не можел никако да се помести од место се додека царот не напишал писмо на Златоуст, молејќи го за прошка (затоа што мајката на Теодосиј, Евдоксија, била виновна за прогонството на светителот) и повикувајќи го да дојде во Цариград, во некогашната резиденција своја. Кога ово покајно писмо го положиле на ковчегот, ковчегот станал сосема лесен.При пренесувањето, многу болни кои го допреле ковчегот-оздравеле. Кога моштите стасале во престолнината, тогаш царот повторно над моштите, го молел светителот за прошка во име на својата мајка и тоа како таа сама од себе да зборува: ‘‘Додека јас живеев времен живот, ти направив пакост, а сега кога ти живееш бесмртен живот, биди корисен на мојата душа. Славата моја пројде и ништо не ми помогна, помогни ми те молам оче, помогни ми во славата твоја, помогни ми пред да бидам осудена на Судот Христов! Кога светителот бил внесен во црквата на Светите Апостоли и поставен на престолот како Патријарх, тогаш се слушнало од неговите свети усни‘‘ Мир на сите.‘‘ Преносот на моштите на Свети Јован Златоуст извршена е 438 година.
ПРЕПОДОБЕН ТИТ ПЕЧЕРСКИ
Прво бил војник, но кога во некоја борба задобил рана на главата, тој се повлекува во Печерскиот манастир каде оздравува и се прима во монаштвото. Поминувал време во непрестајни оплакувања на своите претходни гревови.Пред смрт бил известен од некои небесни појави дека сите гревови му се простени. Моштите му почиваат во Теодосиевите пештери.
РАСУДУВАЊЕ
Голема работа е постот, но љубовта е уште поголема. Ако со постот се прогонуваат демоните, се скротуваат страстите, телото смирува, духот се средува, љубовта се Боговселува во човекот. Самиот Господ го нагласил постот како неопходен, но љубовта ја истакна како главна заповед. Во првата половина на минатиот век, со Охрид владеел Џеладин –бег одметник од султанот и самостоен господар, а со црквата во тоа време управувал митрополит Калиник. Џеладин-бег и Калиник, иако од различна вера, биле многу добри пријатели и често меѓусебно се посетувале. Се случило Џеладин-бег да осуди 25 христијани на бесење. На Велики Петок требало да бидат обесени. Митрополитот вознемирен поради тој случај отишол кај Џеладин-бег и почнал да го моли да ја ублажи казната. Додека тие разговарале, дошло време за ручек и бегот го повикал митрополитот да руча. За ручек било спремено јагнешко месо. Митрополитот се извинил и му рекол дека поради постот не смее да руча. Му било жал на бегот па му рекол на митрополитот: ‘‘Бирај, или ќе јадеш со мене и 25 луѓе ќе спасиш од бесилка, или нема да јадеш и нив ќе ги пуштиш на бесилка‘‘.
Митрополитот се прекрстил и седнал да руча, а бегот ги ослободил осудените од смртна казна.
СОЗЕРЦАНИЕ
Да се размислува за Господ Исус како првосвештеник:
1.Кој го принесува на Бога на жртва сето Свое време на земјата,
2.Кој го принесува на Бога на жртва секој збор Свој, секое чувство, секоја помисла, секој труд и секоја солза,
3.Кој за луѓето се принесува на Бога на крај самиот Себе како човек.
БЕСЕДА
За недоумицата на маловерните
Кој е овој Кој го слушаат и ветровите и морето? (Мат. 8, 27)
Така се прашувале апостолите не познавајќи го се уште Господ Исус, а гледајќи Го како го смирува бурното море и ветровите. Кој е овој Кој го слушаат ветровите и морето?Тоа е Оној Кој и ги создаде ветровите и морето. Какво чудо е, значи, Неговите сопствени творби да го слушаат? Не е ли секирата послушно оружје во рацете на оние кои ја создале? Господ се‘ создал со збор, затоа и се‘ се покорува на Неговиот збор.
Кој е овој браќа?Тое е Оној истиот Кој и претходно ги подигал ветровите и ги смирувал, и кој го разбранувал морето и го смирувал.Тоа е Оној истиот Кој и денес го прави тоа. Како човек Он застанал пред луѓето и се заканил на разиграниот ветар и разбранетото море, да ја уништи заблудата кај луѓето, како ветровите и морето да се движат и смируваат, или случајно или од некоја зла сила и засекогаш да ја открие вистината, дека умната и добра сила на Создателот управува и заповеда со сите стихии по Своја промисла.
Ко је овој?-прашувале апостолите.Тоа е безгрешниот Син Божји, о свети апостоли, чие име ќе го пренесете вие по целиот свет и за чие име ќе бидете мачени и заклани како јагниња од волкот. Кои се волци? Оние кои мислат дека ветерот сам од себе се движи, а морето само од себе се разбранува и стишува или само од себе или од ѓаволот.О свети апостоли, кои прашавте и одговор вистинит добивте и вистината на цел свет ја објавивте, молете се за нас, за и сите ние да се просветлиме со таа вистина.
О Господи, сеумен и сесилен, смири ги ветровите на гревот и стишај ја бурата на страстите наши нечисти и недостојни.Тебе слава и благодарност за навек.Амин.

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 28 ЈАНУАРИ ПРЕПОДОБЕН ЕФРЕМ СИРИН
Бил роден во Сирија од сиромашни родители во време на царот Константин Вилики. Својата рана младост ја поминал многу бурно, но наеднаш настанало прекршување во неговата душа и тој почнал целиот да пламти од љубов кон Господ Исус. Бил ученик на свети Јакоб Нисибиски (13.јануари). Од голема Божја благодат се леела мудрост од неговиот јазик, како меден поток, а од очите непрестано му течеле солзи.Трудољубив како пчела Ефрем непрестанато или пишувал книги или усно подучувал монаси во манастирот и народ во градот Едеси,или пак сам се предавал на молитва и размислување. Многубројни се неговите книги, прекрасни се неговите молитви. Најпозната му е молитвата што се чита за време на Чесниот пост: Господи и Владико на мојот живот. Кога сакале со сила да го земат за епископ, тој се направил луд и почнал да трча низ градот Едеси влечејќи ја со себе својата облека. Кога го виделе тоа луѓето го оставиле на мир. Бил современик и пријател на Свети Василиј Велики. Свети Ефрем е главно апостол на покајание. Неговите списи и ден денес омекнуваат многу срца отврднати од грев и ги враќаат на Христа. Се упокоил во длабока старост во 378.година.
ПРЕПОДОБЕН ИСАК СИРИН
Бил роден во Нинива и во младоста се подвизувал во манастирот Мар-Матејски во близина на Нинива. Кога се прочул поради светоста на животот и многу чудеса, тој бил избран за епископ нинивски и приморам да мора да го прими тој чин. Но само после шест месеци тој го остава епископството и тајно се одалечува во пустинскиот манастир Рабан-Шабур. Составил многу дела од кои до нас дошле околу стотина беседи за духовниот живот и подвижништвото пишувани главно по сопствени доживувања. Бил неприкосновен како психолог и раководител во духовниот живот. Дури и такви светители како што бил Свети Симеон Дивногорац барале од него совет. Се упокоил во длабока старост кон крај на VII век.
ПРЕПОДОБЕН ПАЛАДИЈ, ПУСТИНИК ВО СИРИЈА
Голем подвижник и чудотворец. Пред неговата ќелија осамнал труп на еден богат човек, кого разбојниците го убиле и ограбиле. Кога Пладиј го протеррле на суд, тој, со цел да се спаси од беда, се молел на Бога и со молитва го воскреснал мртвиот. Тој починал во четвртиот век.
РАСУДУВАЊЕ
Отсуството на зависта кај светителите е еднакво поразувачка и прекрасна појава. Не само што светителите не дозволиле зависта да ги заплени нивните срца, туку и се труделе своите другари да ги возвишат, а себе да се смалат. Кога еднаш Свети Иларион Палестински го посетил Свети Антониј во Мисир, Свети Антониј извикал :‘‘Добредојде, Деницо ѕвездо утринска!‘‘На што Свети Иларион му возвратил.‘‘Здраво да си и ти,свет столбу што ја подржуваш вселената‘‘! Кога Свети Макариј го фалеле како монах, светителот одговарал:‘‘Прости брате, јас не сум монах, ама сум видел монаси !Кога некои му говореле на Свети Сисое дека тој го достигнал Свети Антониј во совршенство, Сисое одговорил:‘‘Кога би имал само една мисла како Антониј, јас би бил како оган‘‘!
СОЗЕРЦАНИЕ
Да се размислува за Господ Исус како слуга, како што следува:
1. Како Тој доброволно слезе меѓу луѓето, да биде слуга на сите,
2. За тоа какоТој никогаш не откажува добра услуга која се бара од Него,
3. Како Тој невидливо и тивко и денес, служи на целиот свет.
БЕСЕДА
За Човекот кој никој не го знае
Кој си ти? И им рече Исус: почеток (Јов. 8, 25)
Господ Исус е почеток на создавањето, почеток на обновувањето, почеток на спасението, почеток на воскреснувањето и слава на бесмртните.
Каде и да е во светот, секаде каде што се сака да се искорени некое зло. Он е почеток. Без Него не се може. Каде и да се сака некое добро да се направи, Он е почеток, без Него не се може. Он е почеток.
Зошто без Христа не може да се искорени зло и да се насади добро? Затоа што секое зло е од грев, а гревовите единствено Он може да ги прости. Кога Он и само Он ќе прости грев, тогаш гревот е откорнат од корен. А никакво добро не може без Него да се насади,затоа што е кај Него сета ризница на доброто, сето семе на доброто. Единствено Он е сејач на добро, по светата земја.
Апостол Павле, кој сето ова го појмил подобро од нас, вели:
„Се можам во Исус Христос кој ме крепи“ (Филип.4,13) а без Исус Христос, кој може да почне себеси да се лечи од зло, да ги лечи другите од зло и да засадува добро во себе и да засадува добро во другите? Никој, навистина никој.
Затоа браќа, ако сме решени злото да го искорениме од себе и од другите,и место зло да насадиме добро во себе и во другите, да почнеме од почеток, т.е да почнеме со победителот на злото и сејачот на добро-со Господ Исус Христос.
О, Господи Исусе Христе, биди ни Ти почеток во секоја борба против злото, и во секое добро дело.Тебе слава и благодарност за навек.Амин

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 29 ЈАНУАРИ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ИГНАТИЈ
Главното празнување на свети Игнатиј е во зима, на 20 декември. На овој датум се празнува пренесувањето на неговите мошти од Рим, каде маченички пострадал, во Антиохија каде претходно бил архиереј. Свети Игнатиј бил повикан во Рим, пред царот Трајан да одговори за својата вера, на тој долг пат го следеле неколку граѓани од Антилохија, побудени од својата огромна љубов према својот прекрасен архипастир. Светителот Божји, бидејќи никако не сакал да се откаже од верата Христова, ги презрел сите ласкања и ветувања на царот Трајан, бил осуден на смрт и фрлен во голема арена за борби пред ѕверовите. Ѕверовите го растргнале и тој ја предал својата душа на Бога.Тогаш неговите следбеници ги собрале неговите соголени коски, ги пренеле во Антиохија е чесно ги закопале.Но кога Персијанците ја заземале Антиохија во шестиот век, моштите на Свети Игнатиј повторно биле вратени од Антиохија во Рим.

СВЕТИ МАЧЕНИЦИ РОМАН, ЈАКОВ, ФИЛОТЕЈ, ИПЕРИХИЈ, АВИВ, ЈУЛИЈАН И ПАРИГОРИЈ
Сите овие маченици настрадале за Господа Исуса Христа во времето на цар Максимијан 297година. Филотеј и Империхиј биле господари, а останатите биле од позната лоза. Ги усмртиле незнабожци со грозна смрт, ковајќи им клинци во глава на секој од нив. Чесно пострадале и во вечна радост влегле.
ПРЕПОДОБЕН ЛАВРЕНИТЈ ПЕЧЕРСКИ
Доброволно избрал затворенички живот исто како поранешните затвореници, Исакиј и Никита, внимателно чувајќи се од ѓаволските уроци, на кои овие двајца на почетокот се подале. Со голема воздржаност, молитви и богомислие, достигнал висок степен на совршенство. Од уплашените демони дознал дека во Печерскиот манастир од сто осумнаесет монаси имало триесет од нив врз кои била дадена од Бога власт над злите духови.Тој се представил пред Господа во 1194 година.
РАСУДУВАЊE
Колку повеќе човекот напредува во духовното сознание и чистење на срцето, тоа му изгледа низината, во која се наоѓа, се пониска, а висината, која ја гради, се повисока. Кога еден духовен великан лежел на смртна постела, па слушајќи како другарите го фалат поради неговите големи подвизи,тој се расплакал и рекол: ‘‘Деца, јас не сум го направил ни почетокот на духовниот живот‘‘. Кога Свети Игнатиј Богоносец лежел окован во зандана, тој им пишал на Ефесјаните: ‘‘Не заповедам како јас нешто да значам. Иако сум во окови за името на Исус Христос, сепак се уште не сум се усовршил во Него. Сега почнувам да бидам ученик и зборувам со вас, како со колегиум на мои наставници‘‘.
СОЗЕРАЦИЕ
Да размислуваш за Господа Исуса во едноставноста на однесувањето и тоа:
1.како Он едноставно се однесува како со рибарите, така и со книжниците и кнезовите,
2.како Он одговара на секој и влегува во куќата на секој кој Го повикува
3.како низ едноставноста на Неговото однесување,зрачи јасна царска отменост.
БЕСЕДА
за совршенството преку остварување на Божјата воља
Моја храна е да ја извршам волјата на оној кој ме пратил, и да го завршам неговото дело (Јов. 4, 34)
Еве спасоносен пример кој ни го дава Спасителот наш! Оној кој имаше толку сила и власт и мудрост ни кажува дека тој дојде на светот, не да ја извршува волјата Своја туку волјата на Отецот Свој и не да ја заврши Својата работа туку Неговата, а ние, иако немоќни како пајажина, непрестајно ја истакнуваме својата волја и некоја своја работа! Иако Синот е равен на Отецот, како што и се кажува на друго место: Јас и Отецот едно сме, сепак Господ Исус вели дека Он дошол на овој свет да ја изврши волјата на Отецот и да ја заврши Неговата работа. Он ова го кажува не за да ја покаже маленкоста на Своето битие во споредба со битието на Отецот бидејќи што Тие се едно, туку за да ја покаже величината на љубовта Своја кон Отецот и да не‘ поттикне, од љубов кон Бога, да ја усвоиме целосно волјата Негова.
Сета наша беда во овој живот доаѓа од таму што ние не ја спроведуваме волјата на Оној Кој и не создаде во светот. А Неговата волја ние не ја спроведуваме бидејќи немаме љубов кон Него. Бидејќи кога некој некого сака, му ја исполнува волјата. Самиот Господ рекол: Ако имате љубов кон Мене, исполнувајте ги моите заповеди (Јов14,15). Со што Господ Исус можел да покаже љубов кон Својот Отец, ако не со исполнување на волјата на Отецот?И со што можеме ние да покажеме љубов кон Господ Исус, распнат поради нас на крст, ако не со извршување на Неговата волја?
О, браќа мои нашата волја е лажна како сенка; да не ја следиме неа за да не погинеме. Да ја следиме волјата на човекољубивиот Господ, Кој единствено знае, што е најдобро за нас.
О, Господи човекољубив, научи не да ја твориме волјата Твоја.Тебе слава и благодарност за навек.Амин.

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 30 ЈАНУАРИ СВЕТИ ТРИ СВЕТИТЕЛИ
Светите три Светители, Архиереи: Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст имаат свои посебни денови за прослави во јануари и тоа: Василиј Велики на 1 јануари, Григориј Богослов на 25 јануари и Јован Златоуст на 27 јануари и 13 ноември . Овој заеднички празник е основан во единаесеттиот век за време на владеењето на царот Алексиј Комнен. Во тоа време имало дискусија меѓу народот околу тоа кој од овие тројца е најголем. Едни го воздигнувале Василиј поради неговата чистота и храброст, други го воздигнувале Григориј поради неговите недостижни длабочини и висини на умот во богословието;трети го воздигнувале Златоуст поради неговите чудесни красноречија и јаснотија во излагањето на верата. И така првите се нарекле василијани, вторите григоријани, а третите јованити. Но со промисла Божја овој спор бил решен во полза на црквата и уште поголема слава на тројцата светители. Еватскиот епископ Јован (14-ти јуни) имал едно видение во сон, имено: прво, секој од овие тројца светители се појавил поединечно, особено во голема слава и неискажлив сјај, а потоа сите тројца заедно. Тогаш тие му рекле: “Ние сме едно во Бога, како што гледаш, и не постои ништо контрадикторно во нас … ниту има меѓу нас прв, ниту втор.” Уште светителите го посоветувале владиката Јован да им напише една заедничка служба и да се утврди заеднички ден на празник. По повод оваа прекрасна визија за решавање на спорот, 30 јануари е назначен како заеднички празник за сите три архиереи. Овој празник грчкиот народ го сметаат не само како црковен, туку и како свој најголем национален и училишен празник.
СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ИПОЛИТ, ЕПИСКОП РИМСКИ
Пострадал за верата во време на царот Клавдиј. Кога во Рим, девицата Хрисија била безмилосно мачена за Христа, тогаш тој се изјаснил за неа, пред мачителите светиот Иполит и ги изобличи мачителите. Поради овој протест и тој бил ставен пред суд, суден и осуден на смрт по долго мачење. Му ги врзале рацете и нозете и го фрлиле во морето. Со него и Хрисија, настрадале уште дваесет маченици. Свети Иполит пострадал во 269 година.
СВЕТИ МАЧЕНИК ТЕОФИЛ НОВИ
Како војвода на царот Константин и Ирина бил заробен од Агарјана и држен четири години во затвор. Па, кога ги одбил сите муслимански инсистирања да ја напушти христијанската вера, го убиле во 784 години и се преселил кај Господ.
СВЕТИ ПЕТАР, ЦАР БУГАРСКИ
Бил син на Симеон и покажувал големо почитување кон Свети Јован Рилски. Ја направил самостојна Бугарската црква од Цариград и го сочувал Православието во Бугарија од богумилите. По неуспешна војна со Унгарците и Русите, тој починал во 976 година, во својата педесет и шестата година од животот.
РАСУДУВАЊЕ
Еве еден пример за тоа како императорите бараат совети од светители, како светците ја избегнуваат суетата и богатството и ги советуваат царевите. Православниот цар Петар Бугарски отишол со неговата придружба во планината Рила, управуван од една неодолива желба да се види со Свети Јован Рилски и да се користи со неговата поука. Царот испратил луѓе напред да му кажат на светецот. Но светецот не се согласил да се сретне со царот. Ожалостениот цар повторно пратил луѓе со разни јадења и доволно злато, барајќи од него да напише некои совети. Јован земал од јадењата, а златото дури и не го допрел; и одговорил на царот: “Ако сакаш небеско царство, биди милостив како Отецот на небесата. Не се потпирај на неправдата, и не биди користољубив, биди кроток, мирен, достапен за секого. Не примај пофалба од своите благородници. Порфирот твој нека сјае со доблести. Сеќавањето на смртта да не ја остава твојата душа. Смирувај се пред стапките на мајката црква, поклонувај се пред нејзините првопрестолници за Царот на Царевите, гледајќи ја твојата усрдност, те обдари со таакво богатство какво што никогаш на срцето на човекот не се наоѓа.” Кога го добил ова писмо, царот го бакнал, а потоа често го препрочитувал.
СОЗЕРЦАНИЕ
Да се размислува на Господ Исус како пријател на децата, како што следува:
1. како пријател на ангелите небески,кои се како невини деца, послушни и непристрасни,
2. како пријател на малите деца на земјата , кои едноставно и лесно веруваат во Бога,
3. како пријател на светците кои со напорна работа и благодатта се исчистиле од гревот и станале невини како деца.
БЕСЕДА
За тоа како луѓето треба да бидат како деца,за да бидат деца Божји
Вистина ви велам: ако не се преобратите и не станете како деца, нема да влезете во царството небесно (Матеј, 18, 3)
Така вели Господ, и Неговото Слово е свето и вистинито. Каква предност имаат децата над возрасните? Тие имаат три предности: во верата, во послушноста и во незлобивоста. Детето го прашува родителот за сè, и без разлика што родителот ќе одговори, тоа верува на неговиот родител. Детето е послушно на својот родител и лесно ја потчинува волјата своја на волјата на родителот. Детето е незлобно и иако брзо се лути, брзо и простува. Тие три работи ги бара Господ од сите луѓе, и тоа: верата, послушанието и незлобивоста. Он бара луѓето да му веруваат безусловно како што детето верува на неговиот родител; да бидат безусловно послушни кон Него, како послушни деца кон својот родител; и да се незлобиви во однос еден кон друг, да не паметат зло и не враќаат зло за зло.
Верата, послушанието и незлобивоста се главните карактеристики на детските души. Со нив уште доаѓа : бестрашноста и радоста. А детето не е среброљубиво; детето не е лакомо; детето не е славољубиво; тоа има око непоматено од пороци и радост непоматена од грижа.
О браќа мои, кој може повторно да не направи деца? Никој освен нашиот единствен Христос. Он може повторно да не направи деца со помош на нашето повторно раѓање и тоа со Својот пример, со Својата и со силата на Својот Свет Дух.
О Господи Исусе, совршен во послушноста и незлобивоста, вечно младенче на Отецот небесен, помогни ни да бидеме како младенци со верба во Тебе, со послушност кон Тебе и незлобивост еден кон друг.Тебе слава и благодарност за навек.Амин.

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 31 ЈАНУАРИ, СВЕТИ КИР И ЈОВАН
Овие милосрдни и прекрасни светители не биле браќа по крв, но биле браќа по дух. Кир прво живеел во Александрија и како лекар ги лечел луѓето и со моќта на Христос и со лекови. Дознавајќи дека болестите ги напаѓаат луѓето највеќе поради гревови, тој секогаш ги упатувал пациентите на покајание и молитва да ја очистат душата од гревот, со цел да се врати здравјето во телото. Кога Диоклецијан ги прогонувал христијаните, Кир се оддалечил во Арабија, каде примил монашки чин. Како што бил прочуен во Александрија, исто така станал прочуен и во Арабија, па луѓето и таму прибегнувале кон него за помош. Откако слушнал за Кир, Јован, тогаш римски офицер во Едеса, дошол во Арабија за да го види. Кога се виделе еден со друг тие се засакале како браќа и останале заедно да се подвизуваат.Во тоа време мачителите мачеле една христијанка Атана, со нејзините три ќерки во градот Канопус. За ова слушнале Кир и Јован и отишле во Каноп да ги храбрат мајката и ќерките, да не отпаднат од верата. Всушност, благодарение на советите на овие светители, Атанасија ги претрпела сите маки и со нејзините ќерки била погубена за Христа. Ќерките на Атана се викале: света Теоктиста петнаесет години,Теодотија од тринаесет години и Евдокија од единаесет години. Тогаш мачителите ги фатиле Кир и Јован, па по маки и затвор, ги пресекле со меч, во 311. Безброј чуда направиле овие свети маченици и за време на животот и по смртта. Нивните мошти биле пренесени во време на царот Аркадиј во Рим. Тие се повикуваат за помош посебно при несоница, во осветувањето на водата, и маслосвет.(в. 28 јуни)
СВЕТА МАЧЕНИЦА ТРИФЕНА
Доброволно и храбро поднела многу маки за Христа. Бидејќи не сакала да се одрекне од верата и бил пуштен некој побеснет вол кој ја избодел и усмртил.Тоа се случило во првиот век. Неа ја повикуваат на помош мајки кои не можат да ги дојат своите деца.
ПРЕПОДОБЕН НИКИТА ПЕЧЕРСКИ
Како монах не го послушал игуменот, се одалечил од манастирот и се затворил во една ќелија.За неговата непослушност Бог му пратил големо искушение. Еднаш кога Никита бил на молитва му се јавил ѓаволот во вид на ангел светол и му рекол: Немој веќе да се молиш туку читај книги,а јас ќе се молам за тебе! Никита послушал и престанал да се моли и почнал да чита книги. Го читал само Стариот Завет, а Новиот Завет никако не можел ни да го отвори, затоа што не му давала силата ѓаволска. Со помош на ѓаволот и пророкувал и тоа само:злосторства, грабнувања, палења и останати злодела, кои му биле познати на ѓаволот бидејќи и тој учествувал во нив. Најпосле Печерските свети Отци дека Никита паднал во ѓаволска превласт,па почнале да се молат на Бога за него. Никита се повратил, ја увидел пропаста во која бил, се покајал горко за непослушноста и гордоста и се упатил на правиот пат. После долго каење и многу солзи, Бог му простил и го дарувал со дарот чудотворски. Се упокоил во 1108 год.
РАСУДУВАЊЕ
Иако Светите Отци го фалат монаштвото како ангелски чин; иако многу од најголемите светци живееле еден век за да дојдат до совршенство во длабочина и безводна пустина, сепак, Православната Црква не препорачува монаштво за сите верници. “Ниту сите се спасиле во пустината , ниту во светот, сите загинале”, рече еден светец. Еден граѓанин кој без наклоност на монаштвото сакал да оди во манастир, вели Свети Нигонт му рекол “Чедо, местото ниту спасува ниту го губи човекот, но делата спасуваат или губат. Нема корист ниту од свето места, ниту пак од свето дело на еден човек кој не ги исполнува заповедите на Господа. Саул живеел во средината на царски сјај – и не успеал. Давид во таков ист луксуз – доби венец Лот живеел меѓу Содомци – и се спасил;… Јуда бил меѓу апостолите, и тој отиде – во пеколот. Кој вели дека е невозможно да се спои со неговата сопруга и децата, тој се лаже. Авраам имаше жена и деца, и 318 робови и робинки, и многу злато и сребро, и – пак е наречен другар Божји. Колку се спасени слуги на црквата и љубителите на пустината! Колку благородници и војници! Колку занаетчии и работници … Бидете побожни и човекољубиви и ќе бидете спасени. ”
СОЗЕРЦАНИЕ
Да се размислува на Господ Исус како свој домаќин како што следува:
1. како Он оди на овој свет ,како оној кој има власт да и заповеда на природата и ги гони демоните,
2. како Он внимателно се труди на секој човек, со кого се сретне, како домаќин на нивните души,
3. како Он се однесува во храмот како домаќин во домот, чистејќи го храмот од трговци
БЕСЕДА
против полутанство и извршувањето на сите закони на Бог
Ова требаше да се направи и тоа не се остава (Лука, 11, 42)
Ова се однесува на законот и милостиња. Во душите на фарисеите не стојат овие две нешта, односно тие не можат да ги вршат законите и прописите и да прават милостиња, но расправајќи се за тоа што е поважно од овие две работи едно испуштаат, а друго држат. Фарисеите строго формално ги почитуваат законските прописи, но сосема ја напуштиле милосрдноста и човекољубието. Тие си ласкаат себеси дека ја држат Божјата правда, но ги отфрлаат одредбите од законот на црквата.
Православието претставува полнота на верата. Тоа заповеда да се направи ова и да не се остави тоа. Тоа е внимателно према надворешните прописи на верата, како човек кога оди помеѓу садови, и ги чува да не ги скрши. Но, она што е уште поблиску до правдата и милоста Божја, е како човек кога оди со земјени садови и ги цени и чува не за земјата, од која се направени, туку затоа што е вредна содржината, што е во нив. Празни садови, кои никогаш не се полнат со пијалок, без вредност се, како и правната форма на фарисеите. Пијалокот кој се истури во ветер, растура и губи, затоа што не се сипа во одредени за него садови.
Значи во Православието нема едностраност, како што не беше во Господ Исус. Господ му вели на Јован Крстител, кој ги дише правдата и милоста Божја, ние треба да ги исполнуваме со закон; а на фарисеите, празни параграфлии без правда и милост од Бога, им говори: милост сакам, а не жртва! Очигледно е дека е поважно она што треба да се прави, од она што не треба да се остави. Но, во никој случај не е дека она што е помалку важно е непотребно. Во човечкиот организам има многу поважни и многу неважни органи, но сите тие заедно прават човечки организам.
Господи, сеопфатен, не дозволувај да бидеме еднострани, но помогни ни да ја исполниме сите волјата Твоја. Тебе слава и благодарност за навек. Амин.

This entry was posted in Житија. Bookmark the permalink.

Comments are closed.