МАСАКРОТ ВРЗ НЕРОДЕНИТЕ ДЕЦА

hristovplac
Во овој суров свет во кој живееме, кога речиси се е завртено кон сетилните уживања, кога е уништено традиционалниот семеен поредок, кога со светската политика и економија владеат глобалисти кои ги промовираат своите идеи и идеали, се прават милиони абортуси, а ние стоиме како неми набљудувачи и заради индиферентната состојба на душата во која сме се нашле, не се обидуваме и не правиме ништо да го спречиме тоа.
Многу е тешко да се зборува и пишува за абортусот бидејќи потсетува на факт полош и поголем од најлошите холокаусти што се случиле во светот и сите масовни убиства направени во наше време затоа што потсетува и зборува за кревање на раката против себе и против светоста на животот кои, во духот на православното воспитување и научните сознанија, сме должни да ги браниме.
И покрај тоа што е тешко да се зборува на оваа тема, за неа треба да се расправа зошто трендот на извршени абортуси кај нас и во светот расте брзо, особено по популаризацијата на ефикасните контрацептивни средства со цел да се контролира раѓањето и промоцијата на програми за планирање на семејството. Навистина тоа се сурови програми, но се многу прифатливи за нас, раслабени, кои секој момент се трудиме својот живот да го направиме поубав и поугоден не грижејќи се дека таквиот живот го градиме врз убиството на своите уште неродени деца. Навистина тажно. Толку е тажно што предизвикува болка која не може да се опише.
Според сочуваните податоци, абортусот, во текот на историјата, се спомува на многу места, а најрано се спомнува во еден египетски папирус стар 4000 години, потоа во еден кинески текст, напишан некаде меѓу 2737 и 2696 година пред Христа, во времето на владеењето на Схен Нунга. Во пишаните документи исто така се спомнува и во античка Грција, за време на владеењето на Римското царство и други.
Намерното прекинување на бременоста преку убиството на плодот во утробата на мајката долго време не се дозволувало од правно и морално гледиште. Во време на Југославија пред Втората светска војна, прекинот на бременоста се третирал како криминален акт за кој следела казна, како за жената, така и за оној кој го извршил абортусот. Со доаѓањето на комунистите на власт во 1945 година, жените со закон стекнуваат право на абортус, така што со легализацијата за абортус, првиот бил извршен во 1952 година со донесување на регулатива за постапка за вршење на дозволен абортус. Законот за дозволено прекинување на бременоста е донесен во 1960 година, а во Уставот на СФРЈ од 1974 година се утврдува: „Правото на човекот слободно да одлучува за раѓање на деца“.
Од моментот на законската легализација, трендот на абортусот кај нас брзо расте и покрај останатото претставува фактор кој придонесе и кој и понатаму придонесува за развој на белата чума. Бројките на годишно извршените абортуси се поразителни и од година во година се повеќе растат.
Абортусот, во секој случај, е постапка која е насочена против човечкиот живот како најголема вредност на земјата и ги урива темелите на човечноста и највредните човечки идеали. Покрај тоа што доведува до смрт на плодот, арбортусот остава последици кои се однесуваат и на самиот поединец и општеството. На ниво на последиците на поединецот, има здравствени последици, психолошки и социјални, а на ниво на општеството, абортусот влијае на намалување на плодноста и репродуктивниот потенцијал на жителството.
Ова се оправдувањата за извршување на абортусот, потпирајќи се на болна логика која здраворазумните ја воочуваат во секоја нејзина изјава или чин.
СЛОБОДА НА ИЗБОР – како еден од најстрашните и најперфидните оправдувања кои ја заговараат слободата на жената да одлучи дали ќе го роди детето или не, и жената има право слободно да одлучи за прекинот на бременоста. Како може воопшто да се зборува за правото на жената, а при тоа воопшто да не се спомне правото на нероденото дете и да се постави прашањето КАДЕ Е ПРАВОТО НА ДЕТЕТО ДА СЕ РОДИ? Тоа не може со свои зборови да ни каже дека сака да живее, но тоа ни го покажува на начин на кој тоа во матката се развива и се бори за живот, зошто неговиот развој и секоја негова функција која од попроста станува посложена оди во правец на животот. Само слепите ова не можат или не сакаат да го видат. Законодавците кои ова право на жената го вовеле во законот, очигледно паднале во стапицата. Имено, со закон и се дава право на избор на жената да одлучи дали ќе го убие своето дете или не, и при тоа се урива основното право за живот, зошто науката јасно кажува дека никој од нас не дошол на свет со раѓањето, туку со зачнувањето. Кога таа иста слобода на избор, која се дава на жените, не се скратува на убијците во желбата да убиваат, на силувачите да силуваат, на крадците да крадат, тогаш овој свет би бил во уште поголем хаос од овој во кој се наоѓа.
СОЦИЈАЛНО – ЕКОНОМСКИ ПРИЧИНИ
Навистина е трогателна грижата на „родителите“ кои го убиваат своето се уште неродено дете, наводно, поради сиромаштвото и неможноста да му се обезбеди живот достоен за човекот. Толку трогателна што во душата предизвикува огромна болка. Со примањето на комунизмот како идеологија, во луѓето почнаа да се будат најсебични страсти и инстикти. Моралот, чие ниво почна да опаѓа уште пред Втората светска војна, во тој период почна вртоглаво да оди во амбис и веќе во денешно време покажува знаци на тотален морален пад. Заборавени се сопствените модели на однесување и живеење, а се поставија основи за полесно и повосхитувачко прифаќање на странски и туѓи однесувања. Браковите, кои во поголемиот број на случаи се од Бога благословени заедници, паднаа на ниво на општествено и економски зависни заедници кои создадоа основа за полесно прифаќање на разни програми почнувајќи од програмата за планирање на семејството. Под ова и разни други влијанија, бракот со текот на времето се трансформира во заеденица во која, поради економски причини, родителите, без никакво чувство на вина, одлучуваат да ги убијат своите се уште неродени деца. Доколку нашите предци биле толку раслабени и ја имале оваа логика, колку ли само научници, лекари, инженери, професори…кои биле родени во сиромашни семејства, ќе беа убиени? Стотици илјади! Пред само помалку од 100 години, во семејствата се раѓале по пет или шест деца. Тогаш луѓето, иако неуки или неписмени, за разлика од нас, го познавале вистинското значење на тајната на родителството и тие исти деца, кои биле воспитувани во духот на верата, почитувањето, чесноста и трпењето, израснале во добри и чесни луѓе. Дали сега во нашето време, водејќи се со таа погрешна логика, можеме да ги убиеме сите оние деца кои живеат во семејства со лош економски статус? Дали можеме да ги убиеме сите оние сиромашни деца кои заедно со родителите живеат во центри бидејќи поради разни причини го загубиле покривот над главата? Секако дека не можеме зошто здравиот разум не може економските причини да ги прифати како објаснување за убиство. Затоа оваа формула да ја примениме и на нашите се уште неродени чеда и да го заштитиме нивниот живот!
НОВОСОЗДАДЕНИОТ живот НЕ Е ЛИЧНОСТ
Еден од честите аргументи на поборниците за аборус е тој дека ако прекинот на бременоста се изврши во првите недели, тогаш не се убива човечка личност или личност која во целост е човечка. Аргументите на поборниците за абортус дека новосоздадениот живот не претставува личност, оние кои се против абортусот ги означуваат како деперсонализација на плодот.
НАУЧНО-МЕДИЦИНСКИ ФАКТИ
Во овој дел ќе бидат изнесени медицински и научни факти кои се во прилог на зачувувањето и заштитата на светоста на животот. Во овој дел ќе прочитате што научниците од целиот свет мислат за почетокот на животот од моментот на зачнувањето и адаптацијата на детето и мајката кои го одбележуваат периодот на детето во матката.
Професорите на катедрата за ембриологија на Биолошкиот факултет при Московскиот државен универзитет, професорите В.А. Голиченков и професор доктор Д.В. Попов велат: „Од гледна точка на современата биологија (генетиката и ембриологијата), животот на човекот започнува од моментот на спојувањето на машката и женската полна ќелија и одбазувањето на единственото јадро кое содржи неповторлив генетски материјал. Текот на целиот развој во матката, новиот човечки организам не може да се смета за дел од телото на мајката. Тој не може да се спореди ниту со дел од органот на организмот на мајката. Затоа е очигледно дека абортусот во било кој стадиум на бременоста е намерно прекинување на еден човечки живот како биолошка индивидуа.“
Ова се сведоштва на медицински експерти кои во 1981 година ги доставиле до Правниот подкомитет на Американскиот Сенат (Subcommittee on Separation of Powers to Senate Judiciary committee S-158, Report, 97th Congress, 1st Session, 1981):
Професор Мишелин Метјуз Рот од медицинскиот факултет при Харвард Универзитетот: „Не е точно да се каже дека биолошките податоци не може да бидат прецизни…Научно е точно да се каже дека индивидуалниот човечки живот почнува од зачнувањето.„
Доктор Алфред М. Боњиани, професор по педијатрија и акушерство, при Универзитетот во Пенсилванија: „Уште во почетокот на своето медицинско образование научив дека човечкиот живот почнува од зачнувањето.“
Доктор Џером Леџуен, професор по генетика, на Декаровиот Универзитет: „По извршеното оплодување се создава ново човечко битие. Тоа веќе не е предмет на избор или мислење. Тоа е чист експериментален доказ. Секоја индивидуа има јасен почеток, а тоа е зачнувањето.“
Професор Хајми Гордон, Клиника Мејо: „Според сите критериуми на модерната молекуларна биологија, животот постои од моментот на зачнувањето.“
Доктор Вотсон А. Боуес, Медицински факултет при Универзитетот во Колорадо: „Почетокот на човечкиот живот, од биолошко гледиште, е сосема јасен – од зачнувањето.“
ДА ГО СОЧУВАМЕ ЖИВОТОТ
Токму науката, која во својот прогресивен развој и со новите сознанија, застанува против оние кои се поборници на абортусот, кои во својата парола тврдат дека животот не почнува со зачнувањето. Но тоа е голема заблуда! Науката го покажува токму спротивното и новите сознанија сосема се поистоветуваат со повеќевековните ставови на Православната вера дека животот започнува со зачнувањето.
Ние немаме никакво право да ги уништуваме животите на неродените деца и треба да се бориме за нив. Фактот што тие се уште не се родени не значи дека се потчинети и помалку вредни во однос на нас. Да им дадеме можност да се родат, да пораснат, да не наречат мамо или тато, да им дадеме можност со своето присуство да го потполнат и разубават нашиот живот, да придонесат во човештвото и во Светата Православна вера.
Ова е само уште еден докаж дека се она што Бог создал, ние, како негови созданија, немаме никакво право да уништуваме, а со тоа правиме огромен грев. Нека вашата совест биде разбудена за да се дојде до сознанието дека абортусот има исто значење како и чедоморството.
Изберете го животот и вечноста.
Превод:сестра Луиза

This entry was posted in Написи. Bookmark the permalink.

Comments are closed.