ЗАКОН БОЖЈИ

sv-isaak-sirin
Љуби го Словото Божјо, т.е. Писмото кое ни е предадено од страна на Пророците и Апостолите, како од Самиот Бог, зошто Словото Божјо е Слово на устата Негова. Ако го љубиш Бога, тогаш без сомнение ќе го љубиш и Неговото Слово, зошто зборот Божји е Божје послание или писмо до нас недостојните и Негов највисок дар за нас, за нашето спасение. Ако го љубиш Оној Кој го испратил, тогаш сакај го и писмото од Него испратено. Зошто зборот Божји е предаден од Бога до мене, тебе и до секој кој сака да се спаси.
Сакаш кога земскиот цар ќе ти напише писмо и го читаш со љубов и радост. Колку ние мора повеќе со љубов и радост да го читаме писмото од Небесниот Цар.
Зборот Божји не ти е предаден само ти да го положиш на хартија, туку да го користиш духовно, за да можеме да бидеме просветлени и водени на вистинскиот пат и спасение, да може нашиот морал да биде исправен, за да можеме да живееме според неговите правила во светот и да можеме да Му угодиме на Бога. Според тоа, ако сакаш да бидеш вистински Христијанин, тогаш мора да живееш според неговите правила, зошто зборот Божји е небесно семе. Мора да дадеме род во нас, т.е. да живееме небесен живот инаку ќе бидеме обвинети на денот на Христовиот Страшен Суд. Затоа живеј како што учи зборот Божји и исправувај се. Залудно не ѕиркај во тајните.
За Тајната на Пресветата Троицa, за Најсветата Евхаристија и другите слични работи кои не ни се откриени во светиот збор Божји, не се распрашувај залудно за да не упаднеш во ѓаволска замка и да се заплеткаш во неа, за да не бидеш неспособен да побегнеш од таму и така да загинеш. Зошто она што бара само вера го надминува нашето расудување и многу е опасно да се ѕирка во таквите работи. Затоа чувај се од љубопитното испитување на работите кои се над тебе.
Верувај во сите работи кои ги учи Светото Писмо како што Светата Црква верува и како го воспоставила поредокот според Светото Писмо.
ЗА СОВЕСТА
Кога Бог го создаде човекот ја постави и совеста во неговата душа за да биде раководен од неа и за да биде управуван од неа што да прави, а што да избегнува. Совеста не е ништо друго освен природен или вроден закон и затоа се сложува со Словото Божје, зошто без разлика што Словото Божје да учи, истото го учи и совеста.
Законот Божји ни заповеда да знаеме за еден Бог; совеста го учи истото, поради што дури и нензабошците, убедени од совеста, признаваат еден Бог.
Законот Божји ни заповеда да покажуваме покорност, подреденост и послушност кон Бога како кон врховен авторитет-совеста го учи истото. Законот Божји ни заповеда да се боиме од Бога како најправеден Судија – ние го слушаме истото од совеста. Законот Божји ни заповеда да ги казниме оние кои го хулат Името Божје- нашата совест исто така тоа не може да го издржи. Законот бара од нас да Го љубиме Бога најмногу од се-совеста го заповеда истото, зошто Бог е највозвишеното и врховното добро и изворот на сите добра, па според тоа мора да Го сакаме повеќе од сите создадени добри работи.
Законот не учи да Му благодариме на Бога за се – совеста не учи истото зошто самата совест не убедува да бидеме благодарни на нашиот Добротвор.
Законот Божји ни заповеда да ја поставиме целата наша надеж на Бога – совеста ни го заповеда истото, зошто Самиот Бог е во состојба да направи се како Семоќен. Секоја создадена работа е немоќна без Бога и надвор од Бога, според тоа надежта во нив е непостојана и слаба. Законот Божји ни заповеда да се покориме и да ги почитуваме нашите родители – истата работа ја слушаме од нашата совест.
Законот ни забранува да повредуваме човек и да го лишиме од живот – совеста исто така. Законот ни заповеда да му помогнеме на човек во несреќа и потреба – совеста го налага истото. Законот забранува прељуба и блудство – човекот го слуша истото од својата совест која грми во неговата внатрешност за да не се валка со нечистотија.
Законот ни забранува да поскауваме нешто што припаѓа на друг без согласност на сопственикот – совеста ни го кажува истото. Божјиот закон забранува лажење и ласкање – совеста исто така. Христовиот Закон ни заповеда да не посакуваме ништо што не е наше – совеста истото го заповеда.
На тој начин Божјиот Закон и совеста меѓусебно се сложуваат и се насочени кон истата цел, т.е. кон нашето блаженство од каде дури и паганите, просветлени од философските учења, напишале многу корисни совети. Тоа потекнува од совеста или природниот закон осветлен од многу совети и трудови.
Според тоа секој кој греши против совеста, исто така греши и против Божјиот Закон и против Самиот Законодавец – Бога. Кој не ја слуша својата совест, не го слуша ни Божјиот Закон, ниту Бога. Кој не се покорува на својата совест, не се покорува ниту на Законот, ниту на Бога. Кој ја навредува својата совест го навредува и Бога.
Оние Христијани кои грешат против својата совест, вистински не го обожаваат Бога, туку се лицемери, зошто е невозможно да се обожава Бога без да се има чиста совест. Вистинскиот Христијанин не го сака тоа и се чува од грешење против својата совест зошто така го прекршува Божјиот Закон. Тој ќе го избере страдањето отколку да греши. Верата почива во таква совест и го прави човека радосен, зошто таму каде е чистата совест, таму е и верата и радоста. Како што Божјиот Закон го обвинува човека за грев, слично го обвинува и совеста. Кога се употребува зборови на прекор, тогаш грешниците биваат ранети во совеста и мачени.
Така расипникот е повреден кога се зборува за расипништво; крадецот и разбојниците се вознемирени кога се зборува за кражби и разбојништва; лажговците кога се зборува за измами и лаги; тие се вознемирени и дури покажуваат некои надворешни знаци. Во нив самите совеста ги обвинува.
Како што Законот Божји го става стравот од Судот Божји во верниците, така и совеста го фрла во страв и извикува во него: „Човеку, ти ќе завршиш лошо“. Бидејќи последицата од Божјиот Закон и совеста е иста, така тие ќе бидат исто и на Христовиот Суд. Таму Божјиот Закон ќе го обвини грешникот кој го прекршил; совеста оптоварена со гревови исто ќе го обвини.
Затоа совеста и Божјиот Закон ќе бидат сведоци и судии против секој грешник. Се случува лошата совест да биде како успиена, но кога ќе се разбуди, тогаш почнува да го обвинува грешникот, тогаш доаѓа сурово мачење на врз човекот преку совеста-што доаѓа до самоубиства не поднесувајќи ги жигосувањето и маките од совеста.
Зошто како што нема подобар спокој од чистата совест, така нема ни поголема вознемиреност и мачење од порочна совест. Ако тука совеста толку го мачи човека, колку ли ќе го мачи грешникот во векот кој доаѓа, кога сите негови гревови ќе застанат пред него и ќе го обвинуваат и мачат?
О, грешни, зошто спиеме? Да се разбудиме и да се покаеме и да се очистиме од нашите гревови со покајание и скрушеност на срцето и да се исправиме и да бегаме од грешењето и повредувањето на својата совест, за да не се појавиме пред Христовиот Суд со лоша совест помрачена од гревови, кога книгата на совеста ќе се отвори и кога секој ќе добие според своите дела.
Немој да го правиш она што совеста ти го забранува зошто непогрешливата совест ти го забранува она што и Божјиот Закон. Зошто добрата совест е во согласност со Божјиот Закон. Тој говори: „Не убивај, не кради“ (2. Мојс. 20, 13-15) и друго. Исто така од совеста ја слушаш истата работа.
Затоа избегнувај да го правиш она што совеста ти забранува, зошто ако ја повредиш својата совест ќе ја повредиш својата душа.
ОГЛАСУВАЊЕТО И ОЦРКОВУВАЊЕТО ГО ПРАВИ ГОСПОД
Во оваа беседа ќе се обидам да го опишам оној пат на огласување и оцрковување по кој поминува секој од нас кога стапнува во црковната ограда и го започнува односот со Господ. Секој пат ќе се задржувам на две прашања. Прво – со што на тој пат мораме да се сретнеме и второ – на што е неопходно да работиме.
Живееме во свет кој Бог го уреди по одреден поредок и редослед, што значи дека во нашиот духовен развој секој од нас може да претпостави дека постојат одредени законитости.
Голема среќа е да се родиш во семејство, во лоза во која духовното наследство се чувало непрекинато. Нема ништо повредно од живото вдишување на Божјиот Дух, кое се случува во семејството, во постапките на верникот. А оние кои од детството не биле воспитувани во спасоносната ограда на Православната Црква, кои немале среќа да се родат во семејство кое непрекинато ја чувале христијанската вера, веројатно се сеќаваат на оној момент од својот живот кога кога првпат се обратиле кон Бога.
Сега читаме многу. По милост Божја денес се издава голем број на книги. Заради тоа кај човекот кој чита се отвора можност да сознае за искуството на Црквата, од наједноставни работи, па се до најдлабоките места на скриениот црковен живот. Но да се дознае за тоа искуство и самиот да го доживееш тоа искуство се две различни работи. Секој Христијанин, па дури и оној кој кратко време се наоѓа во Црквата, знае дека искуството не се стекнува со читање. Освен тоа во одредени случаи може да се заклучи дека читањето не полезно.
Да се стане вистински црковен човек значи да се стане човек кој во себе го носи Христа, Неговиот карактер. Заради тоа во животот и работењето по Христа неопходно е да се има и нешто повеќе освен книги. А што е тоа? Неопходно е живо учество на Бога, она делување на благодатта со кое Господ го повикува при Себе секое срце кое се разбудило за верата и непосредно Самиот го поучува. Но, покрај непосредното благодатно искуство, не се помалку важни ни средбите со живи луѓе кои живеат со ова дишење на духот. Понекогаш без нив е невозможно да се сознае што е милосрдие или што е трпение или што е великодушност. Сето ова може да се открие само преку средба со луѓе кои многу години се наоѓаат во црквата, кои многу се трудат во молитвите и стекнувањето на Христовиот карактер.
Многу ќе добие оној кого Господ ќе го удостои да сретне човек со смирение и кроткост во својот карактер. Како тој ќе одговори, што при тоа во него ќе се отповика, како во него ќе се случи доблеста, човек може да види и почувствува само со своето срце. Во тој момент човек веднаш ќе сфати дека сите претходни претстави за кроткоста или смиреноста стекнати од книгите, не се ништо во споредба со она што тој сега, во овој момент, го почуваствува од животот на човекот кој стои покрај него, кој носи во себе благодатно Божје присуство. И нема ништо помило во нашето меѓусебно дружење од тие откритија, од тие кратки моменти на неочекувани средби кои ни ги дарува Господ.
На патот на огласувањето и оцрковувањето секој човек доаѓа до такви средби. Зошто ако Господ го призна човекот и го поведе по тешките патеки на Својата Љубов и Милост, тогаш Тој ќе му подари и средби преку кои ќе му се открие која е неговата Црква. Кога ние ги запишуваме своите деца во едно или друго училиште и ги смислуваме сите можни средства за појасно или поточно да им објасниме било кој училишен предмет, Господ уште повеќе се грижи за нас и му дава на секој човек, кој почнува да живее црковен живот, се што е неопходно за растење во црковниот живот.
Сите ние сме Христови ученици и на сите ни претстои да учиме и живееме по Евангелието. Без разлика колку човекот е во Црквата, никогаш нема да застане на својата обука и никогаш не може да каже дека времето на неговата обука завршило и дека сега може да добие „диплома за црковен човек“.
Господовата Милост е бескрајна како и секоја доблест во која Господ сака да ја облече секоја душа која е повикана кон Него. Зарем е можно да се увиди целата оваа бескрајност на Неговото Божествено учество во нашиот живот? И какво мора да биде расположението на срцето на ученикот кој го одликува во текот на целиот пат на учењето, како на почетокот, така и на крајот?
Севкупното искуство на Црквата, искуството на Светите Отци кои стекнале висок степен на доблести и кои преку нив сакаат да го добијат Светиот Дух, покажува дека подвижникот кој се трудел многу и се подвизувал заради здобивање на Христа и заедно со Него и Неговиот карактер, дури и на смртна постела продолжува со извик на покајување да го моли и преколнува Бога: „Боже, биди милостив кон мене, грешниот!“ „Боже, безброј пати согрешив, прости ми!“ Овие молитви не се само за оние кои го започнуваат својот црковен пат. Божјите угоднци ги изговараат и после многу децении поминати во аскетски подвизи. Ова значи дека обучувањето, како прво, има едно заедничко место на поаѓање, а како второ, дека тоа никогаш не застанува. Никоја од нас никогаш не може да каже дека неговото учење за Христа завршило. Човекот се учи до својата смрт.
превод на македонски сестра ана

This entry was posted in Архива. Bookmark the permalink.

Comments are closed.