БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ СОБОР НА СВЕТИ АРХАНГЕЛ МИХАИЛ

„Гледајте да не презрете едно од овие мали; зашто ви велам, дека нивните ангели во небесата, постојано Го гледаат лицето на Мојот Татко, Кој е во небесата“(Мат. 18, 10).

На небото постојат бестелесни духови кои се нарекуваат Ангели Божји. Меѓу овие ангели постојат едни кои се постојано близу нас и тие се викаат ангели хранители за кои денес ќе стане збор.

Хранители на нашите души и тела се нарекуваат оние свети ангели, кои по заповедта божја од денот на нашето крштевање, а без да се видат, непрестајно се со нас, како искрени пријатели се радуваат на нашата среќа и тагуваат кога ќе не снајде несреќа. Тие не упатуваат на добро, тие во нашите срца поттикнуваат побожни мисли, а во нашето срце создаваат благи и праведни желби. Ангелите хранители не потпомагаат во се она што го правиме, кои се богоугодни и не чуваат од сите оние работи кои се спротивни на законот божји. Тие не чуваат од зла и од разни опасности, не чуваат од видливи непријатели, а особено од невидливи и лукави демони. На крај ангелите хранители се молат на Бога со нас заедно и за нас вознесуваат молитви пред престолот на Семоќниот за да ни ги прости гревовите наши и безаконијата наши. Ангелите хранители, без да ги гледаме, се наши водачи, помошници, заштитници и утешители за време на целиот наш живот, па затоа блазе си му на секој христијанин кој својот ангел чувар го слуша зошто додека ангелот, по строгата божја правда, не може на својот човек со сила да му наметнува и со сила да управува со него, зошто човекот со својата слободна волја треба да го слуша својот ангел чувар.

Дека секој од нас има ангел храните сведочи Господ Исус Христос кога вели: „ Гледајте да не презрете едно од овие мали; зашто ви велам, дека нивните ангели во небесата, постојано Го гледаат лицето на Мојот Татко, Кој е во небесата“.

Секој христијанин е подеднакво мил и драг на Бога, без разлика дали е болен или дете или слаб старец, маж или жена, богат или сиромав, прост војник или цар, зошто Бог се создаде и сите се искупени со пречистата крв на нашиот Господ Исус Христос. Нашиот Отец небесен не сака сите подеднакво; Он сака сите да се спасиме и на сите им дава се што е потребно. На децата им испраќа небесни водачи и чувари зошто тие се слаби и немаат доволно умни способности, но исто и возрасните, многу често како децата, не разликуваат што е полезно, што штетно и што е добро, а што лошо. Небесниот Отец им заповеда на ангелите хранители да го чуваат животот и здравјето на малите деца, зошто нивното здравје е како нежнен цвет, а детскиот живот како небесна роса. Се што не опкружува може да го упропасти нашиот живот и затоа нашиот небесен Отец ни ја дава потребната помош во сите опасности.

Нашата света Православна црква, која се заснова на зборовите на Господ Исус Христос и раководена од Светиот Дух, исто така верува и ни наложува да веруваме и исповедаме дека секој верник го следи и чува божји ангел и затоа нашиот народ вели дека на десното рамо на човекот стои ангел. Светата Црква во секојдневните молитви вели: подај ни Господи ангел на мирот, хранител на душата и телото. Светата Црква ни заповеда да се молиме на нашиот ангел чувар навечер, кога си легнуваме и наутро кога стануваме за тој да ни прости поради нашето немоќно тело и душа се со што сме го ожалостиле и во сите денови од нашиот живот да не чува од секое зло и искушение.

Бидејќи никој од нас не го гледа ангелот хранител, за тоа не треба да се сомневаме и да помисли дека тие не постојат. Никој од нас не си ја видел душата или пак никој од нас не Го видел Бога, па сепак сите добро знаеме дека имаме душа и дека постои Господ Бог. Ние не ги гледаме нашите ангели хранители зошто тие се духови без тела, а ние имаме тело и само телото можеме да го видиме. Но ние божјите ангели не ги гледаме затоа што не сме достојни да ги видиме, зошто сме грешни, а тие се чисти и свети. Кој сака да ги види ангелите божји треба да е чист и свет како нив. На вакви луѓе ангелите им се јавија како на пример на Авраам, Јаков, Мојсеј, на Апостолите и други светители. Но ние, иако не ги гледаме, можеме да ги почувствуваме зошто кога нашата душа при молитва почувствува радост и пријатност, тогаш и ангелот хранител Го моли Бога со нас заедно.

Ангелите хранители се испраќаат од небото кога човекот станува христијанин, т.е. на денот на крштевањето и тие од тој ден никогаш не го оставаат човекот сам. Но, кога ние ги тераме, тогаш и тие се оддалечуваат од нас, а тоа се случува кога грешиме и кога не сакаме да се покаеме за гревовите. Човекот го брка од себе својот ангел хранител кога зборува празни и срамни зборови, кога некого друг осудува и озборува, кога на својот ближен му нанесува зло и пакост. Ангелот хранител не го следи човекот кога тој се дружи со лоши и расипани луѓе и кога се оддава на тешки гревови и не сака да се поправи.

Затоа да се чуваме од грешењето зошто тоа ги оддалечува од нас најмилите добротвори, ангелите хранители, и не само што тоа ги оддалечува нив од нас, туку и ги натажува зошто тие неизмерно не сакаат. Затоа да им враќаме на љубовта нашите ангели храните со љубов и искрена благодарност за нивните добродетелства. Но за да можеме на тие наши добродетели да се покажеме благодарни, потребно е да ги исполнуваме светите божји заповеди и секогаш да живееме праведно и побожно.

Свети ангели Божји! Ви се молиме вам, хранителите и чуварите на нашите души и тела, да ни простите се со што во нашиот живот ве навредивме. Бидете кон нас милосрдни, свети Божји ангели и не се оддалечувајте од нас слабите и неможни, туку чувајте го мирот во нашиот живот, видете не кон царството небесно во кое вечно и благословено живеете. Амин.

ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ПРАЗНИКОТ СВЕТИ НИКОЛА

Лука, зач. 24, гл. 6 ст. 17-23

Евангелието на денешниот празник зборува за изборот на Апостолите и за блаженствата.

-„Во она време, застана Исус на рамно место и ги собра Неговите ученици и мноштво народ од цела Јудеја и од Ерусалим, и од приморјето Тирско и Сидонско.“

На ова рамно место дошол Спасителот од гората на која ги избрал и поставил своите Апостоли, а говорот му е оној истиот за кој зборува Матеј во 5-та глава во своето Евангелие. Лука, иако е пократок, сепак го наведува овој говор на Спасителот, зошто истите околности кои се кај Матеј во 5-та глава, истите се во 6-та глава кај Лука и затоа им е ист и предговорот и предметот на говорот и заклучокот, така да и двајцата претставуваат како Спасителот после оваа беседа на гората и рамното место, доаѓа во Капернаум. Тир и Сидон биле финичански богати градови познати по својата трговија. Се наоѓале на брегот на Средоземното море, а северозападно од Јудеја.

-„Некои дојдоа да го слушаат и да се исцелуваат од своите болести а некои ги мачеле нечисти духови; и се исцелуваа. И сиот народ бараше да го допре; зошто од него излегуваше сила и ги исцелуваше сите.

Собраниот народ беше во голем број и имаше многу болни и затоа Христос Спасителот дозволил да го допиаат, а тоа им помагало и ги лечело, зошто не само што со вера го допирале Господа, туку и силата Негова, која ги лечела, била божествена.

-„И Тој ги подигна Своите очи кон Своите ученици и рече: „Блажени сте вие бедните, зашто е ваше Божјото Царство!“

Сиромашни во духот се оние кои се смирени, кои признаваат дека се немоќни потполно да ги исполнуваат своите должности кон Бога и заради тоа се обраќаат кон милоста божја и од неа бараат помош. Овие може да се материјално сиромашни или богати, но тука повеќе се разбираат овие првите. За овие блаженства говори и Матеј (гл.5, 3-12), но тука оваа наука се разбира различно зошто додека таму под „сиромашни“ се подразбираат само „смирените“, тука се разбираат „сиромашните во материјална смисла“, луѓе некористољубиви.

-„Блажени сте вие, кои гладувате сега, зашто ќе се наситите! Блажени сте вие, кои плачете сега, зашто ќе се смеете!“

Кај Матеј под името „гладни и жедни“се разбираат гладните и жедните за правда, а тука просто на гладните и жедните кои заради сиромаштвото и немаштината трпеливо го носат гладот и жедта и тоа без злоба и завист кон богатите. Ним Спасителот им ветува дека ќе се наситат со небесна храна, т.е. со блаженство во рајот. Понатаму Спасителот вели: „блажени сте вие кои плачете сега“, но заради своите гревови или заради несреќи на своите ближни, и тие духовно ќе се смеат – ќе се утешат.

-„Блажени сте кога луѓето ќе ве замразат, и кога ќе ве одделат и ве похулат и го исфрлат вашето име како лошо, заради Човечкиот Син!

Блажени сте кога ова ќе ви се направи и вие претрпете, но не заради ваши лоши дела, туку заради Мене-бидејќи го почитувате Моето име. И навистина, историјата не уверува дека многу христијани страдале само заради христијанските принципи, иако тие го препородија светот. –„Одделат и прохулат“тука значи: „да ве исклучат од друштвото, да ве одвојат од заедницата како урнувачи на постоечката состојба“; но вие радувајте се, зошто Господ ќе ги забележи вашите имиња во книгите на вечноста, т.е. Тој за тоа ќе ви благодари и ќе ве награди. Сето ова се исполнило на светите Апостоли, зошто во Апостолски дела читаме дека ги повикале Апостолите, ги истепале и им се заканиле да не го кажуваат името Исусово и ги отпуштиле. „А тие отишле од соборот радувајќи се што се удостоиле да примат срамота за името на Господ Исус Христос.

-„Радувајте се во тој ден и ликувајте, зашто ете, голема е вашата награда на небото. Зашто нивните татковци им правеа исто така на пророците.“

Трпејќи телесно, радувајте се душевно зошто за сето тоа ќе ви се плати на небото со небесна и божествена плата – вечно уживање.

ПРВА БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ СВЕТИ НИКОЛА

Секој светител и секој божји угодник ни дава со својот живот убав и вистински пример на спасение. Секој светител убаво не учи со својот живот како и ние треба да живееме за да се спасиме и удостоиме за она место на кое и угодниците божји се наоѓаат. Но денешниот угодник Свети Никола, кој Му угодувал на Бога на небото и на луѓето на земјата, и кој особено се одликувал со постојана и топла вера од една и со милост и добродетелство кон сиротите од друга страна, како да со целиот свој живот ни дава најубав пример според кој можеме да се спасиме и да го наследиме на небото вечното блаженство, а на земјата мирот и спокојството, честа и почитта. Свети Никола, како владика, не само што вредно и неуморно се грижел за воспитување на младите, туку ги нагледувал и болните, затворените ги посетувал, нажалените ги тешел, а сиромасите ги помагал. Тој е наш христијански светител, но му се обраќаат со молитви и луѓе од друга вера или незнабошци, особено кога патуваат по вода, зошто тој за време на својот живот на земјата на многу патници по вода им помагал кога биле во опасност. Заради тоа Свети Никола насекаде е мил и драг светител, зошто неговите добродетелства се големи и неизмерни, и затоа во црквите во песните велат дека е: „Правило на верата, пример на кроткост и учител на воздржувањето“.

Само со топла вера, со христијанска кроткост и воздржување човек може да се одликува и со добродетелство кое ги прославува добротворите, како што се прославил Св. Никола, и заради тоа славејќи го денеска светителот Божји Никола, сети се и на неговиот живот кој го вовел во редот на светителите; сети се на неговите добродетелства и самиот прави ги, за да може и светителот да ти помогне и твоите молитви да ги прими. Кога ќе видиш некој сиромав, сети се веднаш на неговата немаштија, сожали се на него и помогни со што можеш и тогаш твоето сожалување ќе биде во љубов кон твојот сиромав брат, ќе биде доблест, милосрдие кое ќе наликува на она на Свети Никола. Вака треба да се прави милосрдност, за Господ Бог да ја прими.

Но луѓето понекогаш прават милосрдност не од љубов, туку затоа што срамот ги тера, а понекогаш бидејќи молењето на сиромавиот ги принудува, и за да го избегнат срамот или за да се ослободат од сиромавиот кој моли за корка леб, тие му даваат но без искрена братска љубов; но треба да се знае дека таквото милосрдие Бог не го прима. Зошто кога даваме милостина принудени од срам од сиромавите и присутните, тогаш правиме голема неправда, зошто тогаш повеќе ги почитуваме луѓето отколку Бог Спасителот. Кога пред нас сиромавиот доаѓа со испружена рака и Христос стои пред нас и она што го даваме на сиромавиот, сме го дале на Христос, зошто Тој кажа:„вистина ви велам дека кога им помагате на еден од овие мои најмали браќа, Мене ми правите“. Кога даваме милостина не заради Бог, туку заради тоа што ни е срам од оние што не гледаат и слушаат, тогаш ние повеќе ги почитуваме нив, отколку Бога! А кога даваме милостина за што побрзо да се отарасаме од молењата на сиромавиот, тогаш повторно тешко грешиме зошто со тоа покажуваме дека се сакаме повеќе себе отколку ближниот и милостината му ја даваме не од љубов, туку да се отарасаме од вознемирувањето.

Човекот не го исполнува делото на милостина и кога во неговото срце нема љубов кон милостината и сиромавиот. Љубовта не лежи ниту во раката ниту во дарот, туку во човечкото срце. Може ли тогаш да биде милостив оној кој давајќи милостина жали за она што го дал, или пак се лути што сиромавиот го принудува со молење, а тој се срами што не му дава и најпосле со лутина му дава помош? За ваква милостина каква надеж на благодарност може да  има човек од страна на Бога? Каков е тој дар кога наместо со благодарност е извалкан со неблагодарност и кога наместо да мириса со мирот на љубовта, тој чади со закоравеност и гордост?

Човечката милостина е дар и жртва која се принесува на Бога. Но кога човекот ја дава без љубов од срцето и не со благост и радост, туку со закоравено срце и жалост, тогаш таква милостина , како жртва на Бога, небото не прима и човекот греши. Кога човек дава милостина на таков начин, тој покажува дека не ни помислува на тоа како Бог гледа и знае со каква волја тој дава, а со тоа го навредува Бога заборавајќи дека Бог се гледа, се знае и се слуша и дека кажал дека човекот на страшниот суд ќе одговара не само за сите дела, туку и за секој лош збор и за секоја лоша помисла.

Браќа христијани, доброто дело не е добро ако не е направено на добар начин. И делата на милосрдие, кои ги надминуваат сите дела, треба да ги правиме на добар начин-онака како Бог сака. Да внимаваме кога даваме милостина прво нашето срце да биде милостиво расположено кон сиромавиот и прво да го утешиме, а потоа да му дадеме помош на нашиот брат во неволја. Кога на таков начин се дава милостината, т.е. која произлегува од милосрдие и се дава со љубов, тогаш таа е мирислив темјан и чиста жртва која се воздигнува до престолот на Бога и Отецот на секоја милостина, и затоа Светото Писмо вели: „Секој според волјата на своето срце нека даде милостина, а не со жалење и од неволја; зошто Бог го љуби оној кој доброволно дава“. За ваквата наука и заповед на Светото Писмо знаел и Свети Никола и според неа и постапувал и сите свои милостини ги давал на ваков начин и затоа се удостоил да биде во редот на големите светители кого го слават и христијаните и нехристијаните и светата Црква да му пее дека е: „правило на верата, пример на смирение и учител на воздржувањето“. Амин.

ВТОРА БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ СВЕТИ НИКОЛА

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух

Побожни браќа и сестри

Кој ли може да ни го каже бројот на домовите во нашиот народ во кои денеска го слават Свети Никола? Тоа би била тешка и мачна работа за да ни одговори на ова наше прашање, но мислам дека е потешко на еден слабомоќен човек верно и потполно да го претстави на верниците ликот на големиот угодник Божји и светител, црковниот архиепископ и чудотворец Никола Мирликиски. Но уште потешко е денешниот свет, обиколен со светски суети и приврзан за земските работи, да може да ги разбере животот и делата на Свети Никола, кого денеска го слават не само безбројни христијани во своите домови, туку и нехристијани. Да, браќа, и ние денес сме христијани и ние ја почитуваме и во нашата света вера веруваме, но светата Црква во тропарот му пее на денешниот светител дека не само што тој верувал, туку дека бил и дека се уште е правило на верата, на кого треба и ние да го подражаваме. Црквата на Свети Никола му пее дека бил и останал за секогаш пример на смиреноста на кој треба и ние да се угледаме. Светата Црква му пее на Свети Никола дека бил и останал учител на воздржувањето, нешто на што треба и ние да обрнеме внимание и ќе биде подобро и за нашето здравје и за нашите домови. Светата Црква во тропарот вели дека Свети Никола со смиреноста го стекнал она што е богато, т.е. место меѓу светителите; но на што ние нашето богатство го употребуваме? Кој е богат во ум и наука, тој треба често да го чита тропарот на Свети Никола, зошто и тој како него својот ум и својата наука ќе ја употреби не гордеејќи се, туку помагајќи му на секој на кого му треба добар совет или бартска утеха. Кој е богат со пари и имот и тој треба често да го чита житието на Свети Никола, за и тој како него своето богатство и имот, што му се дар од Бога а не негова сопственост, ги употреби помагајќи им на сиромашните. Кој има висока положба и тој треба да знае за житието на Свети Никола зошто и тој малите и слабите ќе ги прифати и ќе им помогне.И Свети Никола бил учен и со својата наука им помагал на сите и бил син на богати родители и од големо семејство и целото свое богатство го делел секој ден со сиромашните. И Свети Никола бил на висока положба, но балзе си им на сите оние сиромашни кои во неговото време живееле во негова близина. Кој сака земска слава и кој сака царство божје и рај, тој нека се угледа на животот на Свети Никола и на земјата ќе биде среќен и на небото блажен. Но, кој денес се грижи да се научи како Свети Никола  живеел, а не пак да води таков живот? Кој денес се откинува од земските окови и мисли на Свети Никола? Но она добро што човекот не го правел до денеска, може да го прави од денеска зошто Бог на човекот му го дава животот за таа цел да го направи и исполни она што го пропуштил. Оној кој не може да работи онака како што Свети Никола правел, тој може да прави според своите околности и својата состојба угледувајќи се на денешниот голем угодник зошто никогаш не е доцна да се прави добрина, а Господ го прима и најмалото добро и тоа се бележи во книгата на животот и ја отвора рајската врата на небото и вратата на среќата и спокојството на земјата.

Заради тоа браќа и сестри, славејќи го денеска големиот наш светител Никола, да се сетиме на неговиот живот и дела, да се сетиме дека Свети Никола помагал во секој ден од годината, било со својата наука или знаење, било со своето богатство или висока полжба која ја имал во Христовата Црква. Да се сеќаваме секогаш дека славата на човекот на земјата е во исполнувањето на законите и волјата на пресветиот Бог, на Кого нека Му е чест и слава во сите векови зошто Тој му помогна и на денешниот светител кој милиони  го празнуваат, и ќе ни помогне на секој од нас кој ќе се сеќава и угледа на животот на Свети Никола. Амин.

ПРВА БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ СВЕТИ НИКОЛА

Секој светител и секој божји угодник ни дава со својот живот убав и вистински пример на спасение. Секој светител убаво не учи со својот живот како и ние треба да живееме за да се спасиме и удостоиме за она место на кое и угодниците божји се наоѓаат. Но денешниот угодник Свети Никола, кој Му угодувал на Бога на небото и на луѓето на земјата, и кој особено се одликувал со постојана и топла вера од една и со милост и добродетелство кон сиротите од друга страна, како да со целиот свој живот ни дава најубав пример според кој можеме да се спасиме и да го наследиме на небото вечното блаженство, а на земјата мирот и спокојството, честа и почитта. Свети Никола, како владика, не само што вредно и неуморно се грижел за воспитување на младите, туку ги нагледувал и болните, затворените ги посетувал, нажалените ги тешел, а сиромасите ги помагал. Тој е наш христијански светител, но му се обраќаат со молитви и луѓе од друга вера или незнабошци, особено кога патуваат по вода, зошто тој за време на својот живот на земјата на многу патници по вода им помагал кога биле во опасност. Заради тоа Свети Никола насекаде е мил и драг светител, зошто неговите добродетелства се големи и неизмерни, и затоа во црквите во песните велат дека е: „Правило на верата, пример на кроткост и учител на воздржувањето“.

Само со топла вера, со христијанска кроткост и воздржување човек може да се одликува и со добродетелство кое ги прославува добротворите, како што се прославил Св. Никола, и заради тоа славејќи го денеска светителот Божји Никола, сети се и на неговиот живот кој го вовел во редот на светителите; сети се на неговите добродетелства и самиот прави ги, за да може и светителот да ти помогне и твоите молитви да ги прими. Кога ќе видиш некој сиромав, сети се веднаш на неговата немаштија, сожали се на него и помогни со што можеш и тогаш твоето сожалување ќе биде во љубов кон твојот сиромав брат, ќе биде доблест, милосрдие кое ќе наликува на она на Свети Никола. Вака треба да се прави милосрдност, за Господ Бог да ја прими.

Но луѓето понекогаш прават милосрдност не од љубов, туку затоа што срамот ги тера, а понекогаш бидејќи молењето на сиромавиот ги принудува, и за да го избегнат срамот или за да се ослободат од сиромавиот кој моли за корка леб, тие му даваат но без искрена братска љубов; но треба да се знае дека таквото милосрдие Бог не го прима. Зошто кога даваме милостина принудени од срам од сиромавите и присутните, тогаш правиме голема неправда, зошто тогаш повеќе ги почитуваме луѓето отколку Бог Спасителот. Кога пред нас сиромавиот доаѓа со испружена рака и Христос стои пред нас и она што го даваме на сиромавиот, сме го дале на Христос, зошто Тој кажа:„вистина ви велам дека кога им помагате на еден од овие мои најмали браќа, Мене ми правите“. Кога даваме милостина не заради Бог, туку заради тоа што ни е срам од оние што не гледаат и слушаат, тогаш ние повеќе ги почитуваме нив, отколку Бога! А кога даваме милостина за што побрзо да се отарасаме од молењата на сиромавиот, тогаш повторно тешко грешиме зошто со тоа покажуваме дека се сакаме повеќе себе отколку ближниот и милостината му ја даваме не од љубов, туку да се отарасаме од вознемирувањето.

Човекот не го исполнува делото на милостина и кога во неговото срце нема љубов кон милостината и сиромавиот. Љубовта не лежи ниту во раката ниту во дарот, туку во човечкото срце. Може ли тогаш да биде милостив оној кој давајќи милостина жали за она што го дал, или пак се лути што сиромавиот го принудува со молење, а тој се срами што не му дава и најпосле со лутина му дава помош? За ваква милостина каква надеж на благодарност може да  има човек од страна на Бога? Каков е тој дар кога наместо со благодарност е извалкан со неблагодарност и кога наместо да мириса со мирот на љубовта, тој чади со закоравеност и гордост?

Човечката милостина е дар и жртва која се принесува на Бога. Но кога човекот ја дава без љубов од срцето и не со благост и радост, туку со закоравено срце и жалост, тогаш таква милостина , како жртва на Бога, небото не прима и човекот греши. Кога човек дава милостина на таков начин, тој покажува дека не ни помислува на тоа како Бог гледа и знае со каква волја тој дава, а со тоа го навредува Бога заборавајќи дека Бог се гледа, се знае и се слуша и дека кажал дека човекот на страшниот суд ќе одговара не само за сите дела, туку и за секој лош збор и за секоја лоша помисла.

Браќа христијани, доброто дело не е добро ако не е направено на добар начин. И делата на милосрдие, кои ги надминуваат сите дела, треба да ги правиме на добар начин-онака како Бог сака. Да внимаваме кога даваме милостина прво нашето срце да биде милостиво расположено кон сиромавиот и прво да го утешиме, а потоа да му дадеме помош на нашиот брат во неволја. Кога на таков начин се дава милостината, т.е. која произлегува од милосрдие и се дава со љубов, тогаш таа е мирислив темјан и чиста жртва која се воздигнува до престолот на Бога и Отецот на секоја милостина, и затоа Светото Писмо вели: „Секој според волјата на своето срце нека даде милостина, а не со жалење и од неволја; зошто Бог го љуби оној кој доброволно дава“. За ваквата наука и заповед на Светото Писмо знаел и Свети Никола и според неа и постапувал и сите свои милостини ги давал на ваков начин и затоа се удостоил да биде во редот на големите светители кого го слават и христијаните и нехристијаните и светата Црква да му пее дека е: „правило на верата, пример на смирение и учител на воздржувањето“. Амин.

ВТОРА БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ СВЕТИ НИКОЛА

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух

Побожни браќа и сестри

Кој ли може да ни го каже бројот на домовите во нашиот народ во кои денеска го слават Свети Никола? Тоа би била тешка и мачна работа за да ни одговори на ова наше прашање, но мислам дека е потешко на еден слабомоќен човек верно и потполно да го претстави на верниците ликот на големиот угодник Божји и светител, црковниот архиепископ и чудотворец Никола Мирликиски. Но уште потешко е денешниот свет, обиколен со светски суети и приврзан за земските работи, да може да ги разбере животот и делата на Свети Никола, кого денеска го слават не само безбројни христијани во своите домови, туку и нехристијани. Да, браќа, и ние денес сме христијани и ние ја почитуваме и во нашата света вера веруваме, но светата Црква во тропарот му пее на денешниот светител дека не само што тој верувал, туку дека бил и дека се уште е правило на верата, на кого треба и ние да го подражаваме. Црквата на Свети Никола му пее дека бил и останал за секогаш пример на смиреноста на кој треба и ние да се угледаме. Светата Црква му пее на Свети Никола дека бил и останал учител на воздржувањето, нешто на што треба и ние да обрнеме внимание и ќе биде подобро и за нашето здравје и за нашите домови. Светата Црква во тропарот вели дека Свети Никола со смиреноста го стекнал она што е богато, т.е. место меѓу светителите; но на што ние нашето богатство го употребуваме? Кој е богат во ум и наука, тој треба често да го чита тропарот на Свети Никола, зошто и тој како него својот ум и својата наука ќе ја употреби не гордеејќи се, туку помагајќи му на секој на кого му треба добар совет или бартска утеха. Кој е богат со пари и имот и тој треба често да го чита житието на Свети Никола, за и тој како него своето богатство и имот, што му се дар од Бога а не негова сопственост, ги употреби помагајќи им на сиромашните. Кој има висока положба и тој треба да знае за житието на Свети Никола зошто и тој малите и слабите ќе ги прифати и ќе им помогне.И Свети Никола бил учен и со својата наука им помагал на сите и бил син на богати родители и од големо семејство и целото свое богатство го делел секој ден со сиромашните. И Свети Никола бил на висока положба, но балзе си им на сите оние сиромашни кои во неговото време живееле во негова близина. Кој сака земска слава и кој сака царство божје и рај, тој нека се угледа на животот на Свети Никола и на земјата ќе биде среќен и на небото блажен. Но, кој денес се грижи да се научи како Свети Никола  живеел, а не пак да води таков живот? Кој денес се откинува од земските окови и мисли на Свети Никола? Но она добро што човекот не го правел до денеска, може да го прави од денеска зошто Бог на човекот му го дава животот за таа цел да го направи и исполни она што го пропуштил. Оној кој не може да работи онака како што Свети Никола правел, тој може да прави според своите околности и својата состојба угледувајќи се на денешниот голем угодник зошто никогаш не е доцна да се прави добрина, а Господ го прима и најмалото добро и тоа се бележи во книгата на животот и ја отвора рајската врата на небото и вратата на среќата и спокојството на земјата.

Заради тоа браќа и сестри, славејќи го денеска големиот наш светител Никола, да се сетиме на неговиот живот и дела, да се сетиме дека Свети Никола помагал во секој ден од годината, било со својата наука или знаење, било со своето богатство или висока полжба која ја имал во Христовата Црква. Да се сеќаваме секогаш дека славата на човекот на земјата е во исполнувањето на законите и волјата на пресветиот Бог, на Кого нека Му е чест и слава во сите векови зошто Тој му помогна и на денешниот светител кој милиони  го празнуваат, и ќе ни помогне на секој од нас кој ќе се сеќава и угледа на животот на Свети Никола. Амин.

ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ПРАЗНИКОТ СВЕТИ СТЕФАН

(на овој празник се чита Евангелието кое се чита во 13-та недела по Духови кое веќе е протолкувано)

ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ПРАЗНИКОТ ОБРЕЗАНИЕ ГОСПОДОВО (НОВА ГОДИНА)

Лука, зач. 6, гл. 2 ст. 20-21 и 40-52

-„ И пастирите се вратија, славејќи Го и фалејќи Го Бога, за сè што чуја и видоа, онака како што им беше речено.“

Пастирите се вратиле при своето стадо и со тоа покажале прекрасен пример на ревносна верност кон своето занимање. Тие ја видоа небесната слава и ангелите, ја слушнале нивната песна и говор, видоа необичен настан и божественото младенче и сето тоа не ги одвратило од нивната обична и секојдневна работа и занимање. Кога го задоволиле чуваството на вера и побожност, тие ја продолжиле својата работа и тоа уште поревносно – славејќи Го и фалејќи Го Бога.

-„И кога навршија осум дена, за Неговото обрезание, Му го дадоа името Исус, како што Го нарече ангелот, пред да биде зачнат во утробата.“

Според Мојсеевиот закон секое еврејско младенче од машки пол морало да биде обрезан и тоа по заповедта која Бог му ја дал на Аврам. Тоа бил знак на договорот меѓу Бога и еврејскиот народ како избран народ. Според тоа необрезан Евреин би се сметал во еврејското општество како нечист, неосветен и не би бил примен како член на еврејскиот народ. Обрезанието кај Евреите од секогаш имало доста големо значење и се вршел во осмиот ден по раѓањето, а потоа се давало име на детето.

-„А детето растеше и јакнеше во дух, исполнувајќи се со премудрост, и Божјата благодат беше на Него“.

Сето ова треба да се примени на човечката природа на Исус Христос. Тој растел по годините, а духот-божеството-го чувал од гревови иако на себе примил човечко тело. „Се исполнувал со премудрост“, т.е. бил соединет со неа. Овој цитат од Евангелието може да се разбре и вака: јакнел по дух, т.е. Светиот Дух и благодатта Божја, т.е. Бог Отецот бил на Него – како на човек.

- „И секоја година Неговите родители одеа во Ерусалим на празникот Пасха. Кога му беа пак дванаесет години отидоа, според обичајот во Ерусалим, на празникот. И кога ги поминаа деновите, на враќање дома, Детето Исус остана во Ерусалим..“

Според јудејскиот закон, секој Евреин морал трипати да оди во Ерусалим преку годината и тоа на празниците: Пасха, Педесетница и Кушчеј. Ова не било задолжително за женскиот пол и тие обично оделе како сопруги и мајки. Исто така не морало да доаѓаат и женските деца и болните, но подоцна, таканаречената Хилелова школа, барала тоа да биде задолжително и за децата, машките и женските. Според овој закон и Спасителот во својата 12 година дошол во Ерусалим и тоа првпат и тоа е единствениот настан од неговото детство. Празнувањето на Пасхата заедно со празникот Опреснока траел осум дена и така кога поминал осмиот ден Јосиф и Дева Марија тргнале дома, а Христос останал во Ерусалим, но затоа:

-„ а Неговите родители не знаеја за тоа, туку, мислејќи дека е меѓу сопатниците, изминаа еден ден пат и Го бараа меѓу роднините и познатите. И кога не Го најдоа, се вратија во Ерусалим да Го бараат. И по три дни Го најдоа во Храмот како седи меѓу учителите, ги слуша и ги прашува.“

Се чини чудно како Јосиф и Дева Марија не забележале при своето заминување дека детето останало, но тоа самиот евангелист го објаснува кога вели:мислејќи дека е меѓу сопатниците“. Од овие зборови се гледа дека Јудејците доаѓале во Ерусалим за спомнатите празници во групи и обично со роднини и познаници заедно, така и Јосиф и Дева Марија, задржувајќи се заради некоја работа, тргнале на пат малку подоцна и тоа без Детето мислејќи дека Спасителот отишол со роднините и познаниците со кои дошле во Ерусалим, но кога не Го нашле, тие се вратиле и третиот ден Го нашле меѓу учителите на законот.Во притворот, околу храмот, кој се викал јудејски, се собирал народ во црквата 23 законоучители, но исто така и во притворот на незнабошците имало исто 23 лица. Спаситлот дошол на еден од ваквите собири и тука Го пронашле при што на учителите им поставувал прашања и им давал одговори.

- „А сите кои Го слушаа им се восхитуваа на Неговиот ум и на одговорите. Кога Го видоа се зачудија и мајка Му Му рече: „Чедо, што ни направи така? Гледај! Татко Ти и јас се измачивме, барајќи Те.”

Се зачудиле и неговите старатели. Дева Марија тука го нарекува Јосиф татко на Спасителот како Негов старател, а дека не му бил татко знаеме не само од многу места во Светото Писмо и од првата глава на Матеевото Евангелие, туку и од тоа што при оваа прилика на Спасителот Му говори Неговата Мајка, а не Јосиф.

-„ Тој им рече: „Зошто Ме баравте? Зарем не знаете дека Јас треба да бидам во она, кое што е на Мојот Татко?” Но тие не го разбраа зборот што им го рече.“

Со овие зборови Спасителот јасно покажува дека Татко Му е Бог, а не Јосиф, кој од овој настан повеќе и не се спомнува во Евангелието, дури ни како старател Христов.

-„ И слезе со нив и дојде во Назарет, и им беше послушен. А Неговата мајка ги чуваше сите тие зборови во своето срце“.

Спасителот бил послушен бидејќи ги исполнувал сите должности на добро дете, останувајќи под покровитлство на својата Мајка и работејќи го занаетот на Јосиф кој бил дрводелец. И така Тој, на кого целата природа Му се покорувала, Самиот се покорувал на своите старатели давајќи така пример на покорност и послушност кон нашите родители.

-„ А Исус напредуваше во премудрост, во растењето и во благодатта пред Бога и пред луѓето.“

Тука за Спасителот се зборува како за човек, зошто одземјќи го гревот и природното раѓање, имал човечка природа и затоа постепено растел. Со овие зборови евангелистот го завршува првиот дел од работата на Спасителот, т.е. Неговото зачнување, раѓање, детство и младешко доба, претставувајќи Го како совршен човек, како што после Го покажува и како совршен Бог.

БЕСЕДА НА НОВА ГОДИНА

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух

Ни помина уште една година, а со неа и дванаесет месеци отишле во вечноста од каде веќе никогаш нема да се вратат. Годините ни поминуваат и со себе не повлекуваат и нас во безгранична вечност, така и ние побрзо доаѓаме кон крајот на нашиот живот отколку што мислиме. Заради тоа да не се сопираме во иднина на предметите кои толку брзо поминуваат, да заборавиме на се што заедно со нашиот земски живот исчезнува и да се учиме да се предадеме само на Бога кој никогаш не поминува, зошто само тој е вечен.

Со изминатата година поминаа и сите наши лански уживања, забави и наслади, и од нив не останало ништо друго освен спомени, како од некој сон!

Но, таква е судбината на сите предмети на кои мерка им е времето. Тогаш зошто за нив се приврзуваме? Зошто не се уверуваме за нивната ништовност? Зошто не признаеме дека ништо не е достојно за нашата љубов и почитување освен единиот Бог и оние блага кои Он ги дава?

Со изминатата година поминаа и сите стари грижи, сите страдања и сите жалости; се тоа поминало како сенка. Да не се плашиме од ништо освен од вечното зло и вечната несреќа во која гревот го фрла секој грешник.

На крај потребно е да помислиме како сме ја поминале изминатата година. Нам Бог ни даде и минатата година, и таа пред неа, да живееме според Неговата волја, а за нашето спасение. Зарем не е вистина дека секој ден сме примале Божји дарови? Но да се запрашаме како сме ги употребиле? Со какви доблести сме се украсиле минатата година и од какви пороци сме се простиле? Која наша страст сме ја оставиле? На денешен ден треба за сето тоа да се сеќаваме зошто ќе треба да даваме сторги одговори за минатото време и за даровите на милоста Божја. Ако точно се испитаме себеси ќе најдеме дека многу божји денови од изминатата година  сме ги извалкале со гревови и ќе најдеме дека малку денови сме краселе со добри дела. Заради тоа простувајќи се со изминатата година да му благодариме на Бога за Неговите дарови и да се обрнеме кон Него со сето свое срце повикувајќи ја Неговата милост за сите гревови од минатата година. Во исто време потребно е да се решиме оваа година да ја поминеме подобро и попобожно за да заслужиме вечни години на блаженство.

На првиот ден од новата година, изминатиот живот останува зад нас како некој голем сон, а остатокот на животот ни се претставува како непрекината магла која ја покрива непознатата земја. Кој е грижлив го оптоваруваат тешки грижи, а кој е весел и задоволен, него го веселат убави надежи. Ваквиот човек го фрла својот поглед на среќата која го очекува во првите денови и кој се надева во првите месеци. Секој сака да предвиди нешто од она што го очекува и што ќе му се случи, но сето тоа се крие во темнината на иднината како што и семето преку цела зима е сокриено во прегратките на земјата.

Но, да ги отфрлиме суетните грижи и празните надежи и со уверување да ги очекуваме даровите на божјата промисла која бдее над нас и над нашите домови.

Да не се плашиме, но и да не се надеваме многу во иднината. Да не се надеваме многу, зошто несреќите многу тешко го рануваат нашето срце и можат многу силно да не ослабнат. Со прекумерните надежи човекот самиот на себе си спрема многу таги кои би можел да ги избегне. Суетните надежи секогаш создаваат тага која може да не покаже кон брќата како неправедни и како неблагодарни кон божјата промисла.

Да не се надеваме премногу зошто прекумерната надеж го прават човека неспремен за многу несреќи и тешки околности кои лесно го снаоѓаат. Кој својата душа ја храни со прекумерни надежи, тој ја покажува како многу нежна и слаба да се брани од беди и неволји, кои човека го снајдуваат ненадејно.

Да не се надеваме на поголемо богатство и поголема среќа од онаа која самите ние можеме да ја создадеме со својот праведен и доблестен живот. Оние доблести со кои се одликуваме во животот, ни даваат и среќа и благосостојба; лошите навики и обичаи и пороците од кои се одрекуваме ќе ги умилостиват сите оние луѓе кои не презираат или не мразат. Добрите особини со кои човекот ја краси својата душа, смиреноста и благоста, тежнеењето кон совршенство и напредок, но без омаловажување на другиот, добрата волја секогаш да се зборува добро и убаво со секој брат, избегнување на сите лоши дела – сите луѓе ќе ги исполни со љубов кон нас. Вистинската среќа на секој христијанин се состои во уважување на самиот себе и во уважување и честа која другите добри луѓе ја оддаваат. Кој ова го нема, кој се уште не е среќен, што му пречи за да биде среќен? Што му пречи на човека да се откаже од некои лоши навики кои неговата душа ја лишуваат од радоста и кои го оддалечуваат од Бога? Зошто човекот од друг човек да очекува среќа и благосостојба кога може подобро и полесно да ја постигне со своите сопствени раце? Кој вели дека му е тешко да се откаже од некои свои лоши навики, да победи некои свои лоши склоности, тој нека не се жали на никого зошто тој човек нема сили ниту смелост да биде среќен.

Да не се надеваме на поголемо почитување и среќа, туку на она што можеме да заслужиме со сопствен труд и работа зошто треба да се надеваме на себеси и на Божја помош. Греши секој оној кој за својата среќа се надева на други луѓе или очекува од среќни околности и од слепата судбина. Доколку човекот може повеќе да се наслони на самиот себе и доколку помалку се надева од другите, толку е послободен, посигурен, поблагороден и подобар.

Да не се надеваме дека во животот ќе најдеме повеќе радост и среќа отколку што самите себеси можеме да си спремиме зошто секој човек ја носи својата среќа во самиот себе, секој е самиот ковач на својата среќа. Бог му дал на човекот разум за се, за тој да му биде водач и помошник, па затоа нека човекот нека избегнува опасни претпријатија; нека своите домашни работи ги уредува разумно и домаќински, нека внимава добро на изборот на пријателите, нека ги користи добрите прилики кога со праведни и христијански средства може да се унапреди, така да и својот земски живот нека го направи рај кој ќе го ослободи од сите празни и ништовни надежи.

Нека човекот го замислува времето како гола и празна земја на која сама од себе не растат ниту среќа, ниту несреќа, туку дека човекот мора со сопствени раце да произведе или едното или другото, а што човекот ќе посее на земјата тоа и ќе пожнее.

Ако човекот го израдува некоја ненадејна среќа или радост на која не и се надевал, таа толку повеќе ќе го израдува колку што помалку и се надевал-зошто кој е благ колку нашиот Бог? Чија благост е толку голема како Божјата? И во оваа година која денеска настапи Бог ќе не израдува со многу и неочекувани добра.

Но и не треба многу да се плашиме зошто стравот повеќе го мачат човека отколку несреќата која ја очекува. Стравот го урива човечкото здравје и пречи на многу радости кои го очекуваат. Стравот кај многу луѓе е лоша навика, дури има и такви кои велат дека непрестајно се плашат и лутат на се, но таквите луѓе се мачат самите себе и го нарушуваат своето спокојство.

Да не се плашиме многу зошто стравот го лишува човека од храброста и смелоста и често го одвлекува на лош пат. Кога морнарот би мислел само на морските бури, тој никогаш не би тргнал на пат, но полн со надеж кон Бог Отецот, тој со мал и слаб кораб се пушта на големото и силно море и на крај стигнува онаму каде тргнал.

Да не се плашиме многу зошто ако до сега не сме биле многу среќни, да се надеваме дека од сега ќе бидеме посреќни зошто искуството не уверува дека се се менува. На земјата нема ниту вечна несреќа, ниту нпекината среќа. Зошто да очајуваме кога сонцето заоѓа? Зарем после ноќта не доаѓа ден?

Да не се плашиме од ништо освен од она што можеме самите со своја вина можеме на себе да си направиме зошто секој човек со своите мани и недостатоци самиот на себе е настрашен. Да не се плашиме од иднината, туку од самите себе, зошто Бог испраќа иднина, а човекот самиот на себе си создава несреќни денови и разни неволји. Да живееме како христијани и ќе живееме со животна среќа.

Небесен Отче, нема да не оставиш Ти кој и за најмалото црвче се грижиш. Полни со вера и убедување ние се посветуваме на Тебе без разлика што ќе ни се случи во оваа година што настапува, ништо нема да не оддалечи од верата и од Твоите свети заповеди, зошто какви несреќи може да ја совлада нашата храброст кога Ти си со нас, кои смерно и синовски Те славиме велејќи: Тебе, Боже, нека е чест и слава во сите векови. Амин.

 

 

 

ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ПРАЗНИКОТ СОБОР НА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ

Јован, зач. 3, гл. 1 ст. 29-34

Евангелието на денешниот празник го содржи сведоштвото на Свети Јован Предвесник за нашиот Спасител и Господ Исус Христос. Со своето сведоштво Јован сведочи за Господ Христос дека е вистински Син Божји.

-„ Во она време Јован Го виде Исуса како оди кон него и рече: Ене Го јагнето Божје кое ги зема на себе гревовите на светот.“

Кога Свети Јован од далеку го познал Исус Христос, тој пред неговите ученици исповеда дека Христос е вистински Месија и Го нарекува „јагне“ согласно духот и изразите на пророштвата во кои се вели дека:„ Он (Христос) ги носи нашите болести и немоќите наши ги зема врз себе“, или „Господ ги положи врз него (Христос) сите безаконија наши“ или „се истргна од земјата на живите и дека за престапите на народите бил ранет“ или „дека ја дал својата душа на смрт и дека бил ставен меѓу злосторници и дека самиот ги носи гревовите на многумина и дека се моли за злосторниците“. Јудејците како спомен за своето ослободување од Египет секоја Пасха жртвувале јагне зошто кога тргнувале од Египет, Мојсеј им заповедал секоја куќа како спомен да заколи едно јагне, да го изеде со пресен леб и горчливо зелје, но да не му скрши ниту едно ковче, а со крвта да ги намачкаат вратите за ангелот, кој таа ноќ (пред тргнувањето од Египет) дошол да ги помори египетските првенци, ги помине јудејските куќи и ги поштеди нивните првенци. Ова јагне било праобраз на Месијата, Исус Христос. Зошто како што јагнето е мирно и не се брани, така и Месијата не се бранел при своето страдање. Јагнето било заклано како спомен за ослободувањето од египетското ропство, Масијата Спасителот беше распнат за нашето ослободување од гревовите. На јагнињата ниту едно ковче не им било скршено, така и на Спасителот не му биле скршени коските кога на крстот беше распнат, а тоа по законот требало да биде, но Он веќе издивнал кога римските војници дошле да му ги скршат коските. Со јагнешка крв биле спасени јудејските првенци, така и ние сме спасени со пролеаната крв на Месијата и Спасителот Христос. Заради тоа Јудејците секое утро и вечер принесувале жртва која го претставувала спомнатото јагне – праобразот на Месијата, зошто и пророците, а особено Исаија, го нарекуваат Масијата јагне: „Беше мачен но не ја отвори својата уста; како јагне на колење беше воден и како овца нем пред оној кој стиржи, не ја отвори устата своја.“ И Свети Јован, гледајќи Го пред себе Месијата, за кого пророците толку прорекуваа, Го нарекува јагне велејќи: „ене Го јагнето Божје кое ги зема врз себе гревовите на светот.“

Месијата Спасителот ги зема врз себе гревовите на светот така што со својата крв го умилостува законот и секоја правда и така го спасува човекот престапник. Оваа жртва е направена за целото човештво и сега може да се спаси секој кој ги исполнува законите на покајанието и верата во Спасителот.

-„Ова е оној за кого реков: по мене доаѓа човек кој пред мене постана, зошто пред мене беше.“

Со овие зборови Свети Јован сведочи дека Месијата, за Кого сега говори, е постар од него и дека тој му е слуга и тоа „кој не е достоен  да му ги одврзе ремените на Неговите обувки.“

-„И јас не Го знаев; туку да се јави на Израел затоа дојдов да Го крстам со вода.“

Јован не Го познавал Спасителот како Месија, но како Негов роднина, Го познавал и пред крштевањето, но дека Исус Христос е ветениот Месија добил сведоштво од небото дури при крштевањто за да го објави на народот Израелски, на земјата од Јордан, а од небото од Отецот и Светиот Дух. Според јудејското мислење требало да дојде пророкот Илија за официјално да им го објави и претстави Месијата. Но, по сведоштвото на Спасителот, тој Илија е всушност Свети Јован Крстител кој веќе дошол и кој еве сведочи за Него: „Ви велам дека и Илија дојде и правете со него што сакате, како што е напишано за Него.“

-„И сведочи Јован говорејќи: Го видов Духот како слегува од небото како гулаб и застана врз Него.“

Јован добил за Месијата сведоштво од Светиот Дух кој во вид на гулаб се симнал врз Христос. Според сведоштвото на Григориј Назијанзин, некои тука погрешно го разбрале Светиот Дух како својтво или едноставно како Божја енергија, а не како личност. Но, ова не е предмет на испитување, туку знаење од Откровенито, зошто ние треба да се задоволиме со она што за тоа ни говори Светото Писмо во кое Светиот Дух се претставува како лице кое има својства на вистинска личност.

-„И јас не Го знаев; туку Оној Кој ме испрати да крстам со вода ми рече: на кого ќе видиш дека слегува Духот и стои врз Него, тоа е Оној Кој ќе крсти со Светиот Дух.“

Свети Јован повторува дека Спасителот како Месија не Го познавал за да сведочи како Негов роднина, туку по знаци и упатства кои ги добил од небото, како што сведочи и евангелистот Лука кога вели: „и му рече Бог на Јован, синот Захариин во пустината…“ и така неговото сведоштво не е обично, туку

-„ И јас видов и посведочив дека ова е Синот Божји.“

Свети Јован го видел она што Бог му кажал, т.е.: „на кого ќе видиш дека слегува Духот“…затоа и сега тврди дека видел врз кого Светиот Дух се симнал и за Него, т.е. Исус Христос, јавно сведочи дека Он навистина е Син Божји.

БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ СОБОР НА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ

„Покајте се, зошто се приближува Царството Небесно.“

Со овие зборови ја започна својата проповед великиот светител Јован Крстител, чиј празник го славиме денеска. Со овие зборови започна Свети Јован да ги спрема луѓето да Го дочекаат Спасителот на светот, така и оваа беседа почнува токму со воие зборови кои биле толку мили за Свети Јован што со нив ја започна, продолжи и заврши својата наука. Свети Јован ги учел луѓето со оваа наука да се покајат и крстат и така да се спремат достојно да го пречекаат небесниот гостин-Господ Спасителот. Покајанието било неопходно за сите луѓе за да бидат достојни да Го примат Спасителот на вселената, затоа во оваа беседа ќе стане збор за важноста на покајанието.

На денешниот празник Бог ни го даде она неизмерно богатство кое многу лесно се добива, тоа вечно спасение и непроценливо богатство, по пат на покајание за гревовите. Од денешниот ден отворена е вратата на покајанието и татковската прегратка е спремена за сите кои се каат, духовниот суд е отворен за сите кои бараат милост и простување на гревовите. Христовата Црква постојано е отворена и спремна да прими искрено покајување и да ни даде простување. Но, треба да знаеме дека добива простување само оној кој искрено се кае и исповеда, а оној кој не се кае и исповеда искрено, тогаш тие преоѓаат во грев. Искрено може да се покае само оној кој се спремил за тоа, а спремањето се препознава по искрената желба човекот со покајание да се очисти од гревовите и да ја препознае состојбата во која се наоѓа срцето и совеста кои треба искрено да ги отвори пред духовникот. Дали ние сакаме искрено каење? Ние, кои добро ја знаеме ползата од искреното покајание, разбираме дека каењето е средство со кое се добива простување на гревовите. Кој сака да се ослободи од непоносливиот товар на гревовите и да се удостои со милост Божја, неговата душа треба да ја почувствува својата грешна состојба; неговата совест треба да ги исповеда жалостите и тагите кои ги предизвикува нарушувањето на божјиот закон, сеќавањето на вечните маки и губењето на вечното блаженство. Кој во својата душа живо и искрено почувствува одвратност кон гревот и се што страстите предизвикуваат, тој е среќен христијанин и тој со каење ќе се прости од гревовите и ќе се спаси.

Каењето е средство со кое човекот се смирува со Бога и така ја обновува и оживува во својата душа благодатта на всиновувањето која е обдарена уште во тајната на крштевањето. Кога христијанинот почувствува потреба да биде Божји пријател, кога во својата душа почувствува спасоносна желба за царство небесно и љубов кон вечното богатство, тогаш нека се радува зошто со покајание ќе се ослободи од робувањето на гревот и ќе ја спаси својата душа и затоа Свети Јован ги повикува сите да се покајат зошто вели: „Покајте се зошто се приближува Царството Небесно.“ Кој ја презира тајната на покајанието, тој умира без простување и тој човек нема да се спаси. Но кој ја почитува и уважува, тој се украсува со божја благодат која човекот го очистува од гревовите. Кој искрено се кае, тој се осветува; таквиот човек го обновува духот, го весели своето срце, ја успокојува својата совест и на тој начин ги заснова своите надежи на милосрдост од преблагиот Бог. Тешко на грешниците кои не се каат! Од нив се одвојува Божјата благодат и нив нема што да ги радува и немаат врз што да ги засноваат своите надевања и на тој начин тие мора да пропаднат уште на земјава!

На крај не треба никој да мисли дека искреното каење не може да се покаже и при последниот час на нашиот живот, тогаш кога со страв гледаме како ни се приближува смртта. Но и покрај тоа, кој ни дава за право да ја предвидуваме несигруноста на иднината? Или пак кој не прашува кога и како и на кој начин сакаме да се упокоиме? Кој имал прилика да види како умира еден грешник, тој ќе знае и ќе верува дека за вистинско каење нема ниту време,  ниту место тогаш кога душата се наоѓа во непрекината борба кога се одвојува од телото, кога стравува сеќавајќи се на минатото и предвидувајќи ја иднината! Заради тоа, на постелата на грешникот наместо зборови на каење и исповед, слушаме само тешки воздишки! Не само што не е лесно, туку е и невозможно светата вера топло и искрено да го загрева оној човек кој цел живот никогаш во своето срце не ја хранел и негувал верата. Заради тоа мирното и спокојно свршување на животот е дар Божји и со тој дар се удостојува човек само преку чесен живот и искрено каење. Затоа да не ги заборавиме светите зборови на денешниот угодник Божји и великиот светител Јован Крстител кој постојано учел говорејќи: „Покајте се, зошто се приближи Царството Небесно.“

ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ПРАЗНИКОТ СВЕТИ ТРИ АРХИЕРЕИ

Матеј, зач. 11 гл. 5 ст. 14-19

Денешното Евангелие, како и целата 5-та, 6-та и 7-ма глава од Матеевото Евангелие говори за начелата на Новиот Завет и за особините на вистинските христијани и нивните учители. Оваа наука ја кажа Господ на гората, но не се именува на која гора, а веројатно затоа што не била некоја значајна.

-„Им рече Господ на своите ученици:Вие сте светлината на светот. Град кој лежи на рид, не може да се скрие“.

Бидејќи Спасителот прво им кажал на своите ученици дека се сол на земјата, сега вели дека тие се светлина на светот; првата особина на своите Апостоли ја споредил со сол, зошто како што солта е потребна за животот на луѓето и животните, така и побожните луѓе се потребни за светот зошто Бог заради таквите е долготрпелив кон грешниците и ги прима молитвите за милост и простување на гревовите на непобожните. Втората особина на своите ученици ја споредил со светлината, зошто како што во вселената не може да постои живот без светлината, така и луѓето не може да се спасат без неа, туку постојано ќе скитаат по темнината на гревот и незнаењето ако учителите не им светат со науката и животот. Христовите ученици се: светлината на светот на второ место, зошто прво е Спасителот светлина на светот, која просветува секој човек кој доаѓа на свет (Јов, 1, 9). Светлината ги осветлува оние кои се во темнината, па така и Апостолите, побожни праведници и христијани воопшто, се морална светлина на земјата зошто тие учејќи со своите зборови и дела го проповедаат Евангелието и ги просветуваат непросветените. – „Град кој лежи на рид, не може да се скрие“. Ова е трета особина на вистински христијанин. Како што град кој лежи на рид може од далеку да се види и да им служи на патниците како засолниште, така и вистинскиот христијанин се разликува од другите надминувајќи ги со своите доблести, заштитувајќи ги гонетите и бранејќи ги слабите. Таквиот христијанин служи како засолниште на секој страдалник и тоа не го прави од суета или за некаков интерес, туку од благодарност кон Спасителот (Мат. 25, 37-40). И учениците не можат да се сокријат, туку се на видик на секого и затоа нека внимаваат како се однесуваат за на секого и на сите им послужат за пример и со зборови и со дела.

-„Ниту се пали светило, за да се стави под житно мерило, туку на светилник, и им свети на сите кои се во куќата“.

Со овие зборови Спасителот им вели на своите ученици дека Он ги осветлил со светлината на богопознанието и не сака да ги крие, туку таа нивна светлина да ја постави во свеќник, т.е. на високо и јавно место на учителство за да светат на целиот свет. Учениците и со нив и сите христијани се должни богатството на христијанската вера (наука) да не ја кријат, туку да го исповедаат и прошират.

-„Така нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Татко, Кој е во небесата.”

Нека вашата светлина, вели Спасителот, им свети пред луѓето и да ги видат вашите добри дела и да ве поддржуваат, вашата наука сведочете ја со вашите добри дела. За Спасителот да ги убеди да живеат на таков начин, Он им вели дека тоа е потребно за луѓето гледајќи го нивниот живот и работа, да Го слават Отецот на небесата. И навистина славата Божја е најдобра побуда за ваков живот и работа на секој христијански учител и секој христијанин.

-”Не мислете дека дојдов да ги поништам Законот и Пророците! Не дојдов да ги поништам, туку да ги исполнам.“

Кога Господ и нашиот Спасител ја говорел оваа наука, тогаш Он првпат им се претстави на народот како вероисповеден учител и занаејќи дека книжниците и фарисеите ќе го нападнат, Он со зборовите од горниот текст ја покажува правата цел на своето доаѓање. Оваа цел е во тоа дека Неговата наука не се однесува на уништување, туку на точно исполнување на законот и пророците. И Спасителот точно го исполнил законот со тоа што точно му се покорувал, а ги исполнил и пророците исполнувајќи ги на Себе сите праслики, обредни форми и пророштва. Он освен тоа го објаснил, дополнил и усовршил моралниот закон ставајќи го на секого во душата и срцето и давајќи им на сите благодат како помош. Но иако Спасителот сето тоа го исполнувал, Јудејците ги нарушувале пророците, а фарисеите законот. Но спасителот го исполнувал Целиот Стар завет, кој е основа на Новиот Завет, зошто и двата се Слово Божје и една неразделна вистина.

-„Зашто вистина ви велам, додека не поминат небото и земјата, ниту најмалата буква, ни цртичка, не ќе ја снема од Законот, додека не се збидне сè.

Спасителот тука тврди дека додека се небото и земјата, додека трае светот, ниту најмалата буква или цртичка од законот нема да биде променета, т.е. нема да остане неисполнета и на најмалата заповед.

Јудејскиот закон се состоел од морален, обреден и политички закон Моралниот закон, кој не се оснивал на околностите, туку на душевните способности, говори за човечките должности воопшто, а кои се изразуваат во љубовта кон Бога и кон ближните, што и е суштината на десетте заповеди. Во ова е и всушност непроменливоста на моралниот закон, кој ниту е порушен, ниту пак ќе се сруши, зошто на пример љубовта на родителите кон децата и децата кон родителите произлегува од нивниот взаемен однос и тој е морален закон кој на сите е општ, непроменлив и вечен. Цел овој морален закон Спасителот го сконцентрирал во неограничената љубов кон Бога и во љубовта кон ближниот.

Обредниот закон, засновајќи се на околностите на некое општество, а не на целото човештво, е променлив, на пример начинот на службата божја кај Јудејците претскажувајќи го доаѓањето на Месијата бил променлив.

Политичкиот закон на Стариот Завет исто така бил привремен и променлив, зошто говорејќи за судовите јудејски постанувал според околностите и потребите на јудејскиот народ.

-„И така, кој ќе наруши една од овие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе биде наречен најмал во царството небесно; а кој ги држи и поучува, ќе биде наречен голем во царството небесно“.

Бидејќи Спасителот прво го отстранил сомневањето од Себе, сега им ја кажува најстрогата казна за секого кој не само лично, туку и некој друг го натера да ја расипе и најмалата заповед на идниот закон, оној кој Он ќе го даде. Се гледа дека фарисеите, особени учители на законот, го делеле законот на полесен и потежок, но Спасителот, осудувајќи ја ваквата поделба на моралниот закон во царството кое го основа, го нарекува оној кој тој закон го подели – најмал, т.е. последен, и кој за тоа ќе биде осуден на вечни маки.

Од сето ова дознаваме дека целото Свето Писмо е важно и дека треба на народот да се проповеда, а кој нешто од него отфрли како незначајно, ќе биде осуден.

БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ СВЕТИ ТРИ АРХИЕРЕИ

Денеска го славиме споменот на големите учители на православната Христова Црква: Свети Василиј Велики, Свети Григориј Богослов и Свети Јован Златоуст. Сите тројца Светители биле епископи и многу учени и во богословската и филозовската наука. Свети Василиј бил епископ во Кесарија Кападокиска, во мала Азија, но заради својата длабока наука и многуте добри дела и светителски живот, бил наречен – велики. Свети Василиј, освен големиот број книги, ни ја напиша и Светата Литургија која се служи во неделите на Великиот пост. Свети Григориј бил исто така епископ и освен другите дела, тој ни ја остави Литургијата која се служи во Среда и Петок за време на Великиот пост. Свети Јован Златоуст бил цароградски патријарх, се одликувал со строг и светителски живот, голема наука, а особено со беседништво, заради што и бил наречен-златоуст. Тој ни остави многу книги и ја напиша и Литургијата која се служи во обичните недели. Овие тројца големи и значајни архиереи и учители на нашата света вера светеле со својот свет живот и дела така што не може да се најде пример достоен на нив; тие биле толку голем украс и гордост на Црквата наша, а во науката големи учители што Бог и по нивната смрт ги прослави и Светата Црква и целиот христијански свет свечено ги празнува. Овие големи учители на вселената, иако направиле разни добрини на човештвото, сепак сите сили ги сконцентрирале на два главни предмети – се труделе целиот свој живот на просветување на разумот и облагородување на срцето. Првото го остварувале преку здрава наука, а второто преку чист морал. За овие предмети говорат и нивните многубројни непроценливи текстови. Како што луѓето, кои имаат слаби очи, понекогаш наместо многу, гледаат само еден предмет, а понекогаш наместо еден им се чини дека гледаат многу предмети и секогаш нештата ги распознаваат различно, но никогаш онака како што се навистина; така се случува и со разумното око на човечката душа кога боледува од незнаење или заблуда и затоа тој често оди накосо и се сомнева во вистината. И навистина, ние сите просветените со човечкиот разум сметаме дека најголемо благородство на човечката природа е цивилизацијата која ја сметаме како најскапоцено богатство кон кое човек се стреми; но колку заблуди и тука се случуваат! Колку само погрешни теории постои по природата и суштината на овој предме! Некои за просветување на разумот ја сметаат само множината на сувопарни идеи, еден голем број на разни мисли и на тоа го трошат сето време и сите свои сили! Други пак како просветување на разумот го сметаат ослободувањето од диседемонијата и разните заблуди и слободно скитаат со разумот по патот кој самовољата го одобрува! Но нашите големи учители, чиј спомен го славиме денеска, не мислеле така за просветувањето на човечкиот разум, бидејќи човекот го сметале и ценеле според неговите вистински односи кои ги има кон Бога и кон светот, и според тоа одредувале во што се состои просветувањето на човечкиот разум. Тие учат дека просветувањето на човечкиот разум се состои во ослободување од нензаењето и во постојаното и топло стремење кон правата вистина. Просветувањето на разумот е во она во што човек јасно го покажува својот однос кон Бога, кон луѓето и кон себе – кон определувањето, за кое е и создаден.

Човекот во овој свет наликува на онаа симболичка скала која во видението ја гледал прататкото Јаков и чиј долен крај бил на земјата, а горниот на небото. И човекот оди по земјата, гази по калта и се полни со прашина, но сепак има орловски крила со кои се крева кон небото, каде бара друштво со Бога и ангелите и каде ги наоѓа законите на небесните тела. Се додека видливата природа постои без разум и говор, само човекот украсен со благородство и старешинство над целата видлива природа, Му принесува на Бога молитви и за себе и за сите созданија над кои Бог го постави. Составен од два вида на чест – душа и тело- човекот во својот живот има двојни должности. Бидејќи на земјата се потпира како и онаа скала на Јаков, човекот има должности кои се однесуваат на неговиот материјален живот, а бидејќи со душата се воснесува до небото, како и онаа скала, тој така станува и небесен граѓанин. Човекот има многу важни и сериозни должности кон Бога од Кого добил живот и се останато и со Чиј лик е украсен. Врз овие непроменливи основи денешните големи архиереи учеле дека треба да се основа секое развивање и просветување на човечкиот разум. Од овие вистински наши односи кон Бога и светот проистекува и целото благородство и достоинство на човекот на земјата!

Но кога ќе ја снема оваа вероисповедна основа врз која треба да се втемелува секое умно развивање и просветување; кога ќе ја снема оваа религиозност и побожност, која облагородувајќи го човекот, го припитомува и го возвишува; кога со недостатокот на побожност се оддалечи оној горен крај на скалата кој на небото се потпира и води кон престолот на Семоќниот, тогаш човекот личи на исечена гранка од дрво кое лежи на земјата без живот и надеж! Кога човекот доаѓа во ваква состојба , тогаш не помага никакво знаење, зошто тука смртта е неизбежна. И така, без религиска основа, без вистинско знаење за Бога и без побожност, никакво вистинско просветување не е во состојба во човекот да постои. Вистина, некоја сенка на просветување може човек да чувствува, но право, потполно и вистинско просветување – никогаш, зошто Бог е животот и вистината (Јов. 14, 6). Се што нема корен во оваа вистина-лажно е; се што не црпи живот од овој извор на вистината – е мртвило.

Прво начело на нашите големи учители Архиереи е дека просветувањето и унапредувањето на разумот треба да произлезе од богопознанието и се заснова на побожност. Но, како што и птицата може да се крене во висините кога двете крила и се здрави и раширени, а паѓа доле и лета по прашината кога едното крило и е повредено; така и човекот се крева до висините на своето определување само тогаш кога со просветен ум има и облагородено срце. Просветувањето и усовршувањето  на разумот без облагородување на срцето; просветувањето кое не го завгрева целиот човек, туку само се ограничува на мозокот во главата; просветувањето кое не го просветлува целиот човек и не ја чисти моларната темнина – таквото просветување личи на онаа врата која сред силна зима се гледа далеку од куќата во која сите умираат од мраз и студ. Мудроста на разумот само тогаш ја има својата потполна важност, само тогаш го има своето вистинско влијание кога почнувајќи одозгора го загрева целиот човек и во срцето го одушеви и оживее. Само со ваква мудрост, душата произведува богати плодови  кои се украсени со цвеќињата на доблестите. Каде разумот вака се усовршува тука и кај поединците и во целото општвество се гледа и точното познавање и верното исполнување на сите должности кои човекот ги има и кон Бога и кон ближните и кон себе. Каде нема напредок на ваков начин, таму не само што нема среќа ни благосостојба, туку ни опстанок и за тоа не уверува и историјата на оние поединци кои во општеството пропаднале заради унапредување на разумот, но со необлагородено срце; така и оние општества и народи кои од истата причина ги снемало од светската сцена. Среќен човек е оној кој ќе се украси со овие две богатства , т.е. со вистинска просветеност на разумот и со морално обагородено срце. Среќно е она општество  и напреден е и благословен оној народ кој гледа во него да се охрабруваат, развиваат и исполнуваат овие две начела. Нивната важност добро ја разбраа големите учители на нашата света вера и бесмртни добротвори на човештвото: Свети Василиј, Григориј и Јован Златоуст, и затоа се труделе да ги распространат меѓу христијаните за кои живееле оставајќи ни и нам пример за да се угледаме на нив.

Овие начела, просветување на разумот заедно со облагородување на волјата, о Боже промислителе, кој се кон добро управуваш, потпомогни го и утврди го твојот народ давајќи му моќ и сила својот разум да го усоврши врз основа на знаењето за Тебе и Твојата света волја и срцето да ни се облагородува врз основа на побожноста за да може вистински и топло да Те слави Тебе и Отецот, Кому нека е чест и слава во век и векови. Амин.

 

ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ПРАЗНИКОТ СВЕТИ ГЕОРГИ

На празникот Ѓурѓоведен, посветен на Свети Георги се чита истото Евангелие кое се чита и на Митровден и кое веќе е протолкувано. Затоа тука ќе го протолкуваме второто Евангелие кое исто се чита на мачениците и на Свети Георги на утрената и тоа е

Лука зач. 63 гл. 12 ст. 2-12

Од 11 –та глава од Евангелието на Лука дознаваме дека Спасителот разговорал со фарисеите пред да ја каже науката од денешното Евангелие. Но додека Спасителот разговарал со фарисеите, се собрало голем број народ и тогаш Спасителот почна да им говори на своите ученици, учејќи ги да се чуваат од лукави и лицемерни луѓе кои однадвор изгледаат како мирни јагниња, а одвнатре се како волци грабливци.

-„Господ рече: Нема ништо сокриено, што не ќе се открие; ниту тајно, што не ќе се узнае! Затоа, тоа што сте рекле во темнина, ќе се чуе на видело; и што сте рекле на уво во собите, ќе биде разгласено од покривите.“

Со овие зборови Спасителот строго го осудува лицемерието и лукавството, а во исто време тврди дека тоа на никого не може да биде од полза, а најмалку на лицемерот, зошто тоа кога и да е, ќе излезе на виделина. „Тоа што сте рекле во темнина….што сте рекле на уво по собите“ овие зборови го претставуваат се она што е лицемерно, лукаво и што се крие против другиот и Господ вели дека сето тоа ќе излезе на видело, ќе се обелодени. Овој израз се наоѓа и кај Матеј.

-„А вам, на Моите пријатели, ви велам: не бојте се од оние, кои го убиваат телото, а потоа не можат ништо повеќе да направат!“

Поради својата голема смиреност и љубов Спасителот и тука своите ученици ги нарекува свои пријатели знаејќи дека тие Го сакаат со сета своја душа, сето свое срце и помисла. Потоа Спасителот ги храбри своите ученици во време на прогони да не се плашат, да не се плашат за својот живот, зошто само нивните тела може нешто да претрпат, но душата е бесмртна и таа не подлегнува под човечкото гонење. Оваа вистина ги воодушевувала и светите маченици за време на страдањата, а тие страдалници не потекнувале само од редовите на простите христијани, туку имало и такви кои биле образовани и на високи положаи и со големо влијание. Кој се бои од Бога, тој не се плаши од луѓето, а кој не се плаши од Бога, тој се плаши од сите (1Петр. 3, 14-15)

-„Но ќе ве предупредам од кого да се боите: бојте се од Оној, Кој – по убивањето – има власт да фрли во пеколот! Да, ви велам, бојте се од Него!“

Луѓето можат само телото да го мачат и убијат, но душата не; но Бог ќе ги казни и душите на грешниците и тие во пеколот ќе трпат вечни маки – од тоа треба секој христијанин да се плаши. Но оној кого го гонат заради Хорстос Спасителот, тој нека не се плаши од ништо зошто како награда од Бога ќе прими венец.

-„Зар не се продаваат две врапчиња за два асарија? И ниедно од нив не е заборавено пред Бога.А вам ви се изброени и сите влакна на главата! Не бојте се! Вие вредите повеќе од многу врапчиња.“

Бидејќи Спасителот прво им претскажал на своите ученици како ќе ги примат луѓето, Он ги теши и им вели дека кога Бог се грижи за врапчињата, тие мали птици и за влакната на вашата коса, тогаш колку повеќе се грижи за вас и затоа не се плашиете од ништо. И уште подобро, кога Бог се грижи за предметите кои се потребни заради нашето оддржување, тогаш колку повеќе се грижи за нас, своите синови! Затоа и Апостолот вели: „Оној, Кој не Го поштеди ни сопствениот Син, туку Го предаде за сите нас, како не ќе ни подари сè друго со Него?“ (Рим. 8, 32)

-„И ви велам: секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, и Човечкиот Син ќе го признае пред Божјите ангели.“

Кој го прими Исус Христос за свој заштитник и го признае за Спасител исповедувајќи го јавно и гордеејќи се со тоа пред луѓето, со таков христијанин и Господ ќе се пофали пред ангелите и Отецот (Мат. 10, 32). Според ова, верувањето во Христа Спасителот не се изразува само со крштевање или исповест или причест и во исполнувањето на формалностите, туку во секој дел во кој Христос заповеда на секој христијанин да прави и во кој се познава дека е негов пријател. Тука е значајно и тоа што Господ и при беседата на гората, така и во оваа прилика Се објавува Себеси за судија на вечниот живот и смртта.

-„А кој се одрече од Мене пред луѓето, ќе биде одречен пред Божјите ангели.“

Спасителот се одрекува не само од оној кој е против христијаните, кој ја презира евангелската наука и не ги исполнува Христовите заповеди било со дела или зборови, туку и секого кој е рамнодушен кон сето она што е во Евангелието, зошто на друго место Господ вели: Кој не е со Мене, против Мене е и кој со Мене не собира, тој ратура (Лук. 11, 23).  

-„На секој, што ќе рече збор против Човечкиот Син, ќе му биде простено; но на оној, кој похули против Светиот Дух, нема да му се прости.“

Според науката на нашата света вера, Спасителот со зборовите во овој стих не учи за гревовите, кои се полесни, а кои потешки; кои се простуваат и кои се смртни, така да за едни може да се добие прошка, а за други не може. Затоа и Апостолот вели: „Ако некој го види својот брат да врши грев, што не води кон смрт, нека моли, и ќе му даде живот, имено на оние, кои не вршат грев што води кон смрт. Има грев што води во смрт, за тој грев не велам да моли.  (1Јов. 5, 16) Под гревови што се простуваат се разбираат обични гревови и оние за кои човек се моли на Бога да му ги прости. Според науката за Божјото неограничено милосрдие, нема грев кој човек не може да го направи, а да е поголем од Божјата милост и затоа нема грев кој Бог не може да го прости само ако човекот се покае, замоли за простување, направи покајни дела, т.е. добри дела и ако престане да греши. Под смртен грев се разбира оној грев за кој човекот заради својот каприц и упорност или неверување, не сака да се помоли на Бога. Според науката на некои свети отци, под смртен грев се подразбираат: омаловажување на светиљите, т.е. викање на Бога, неверување во Бога, учење дека нема Бог, омаловажување на Неговите својства и гонење на христијани. Но и за овие гревови кога човек искрено ќе се покае, кога ќе Го замоли Бога за простување и кога ќе престане да ги прави, може да му се простат, зошто Бог не сака ниту еден човек да умре како грешник, туку сите да се спасат, вели Светото Писмо. На друго место Спасителот истото ова го кажа велејќи: што ќе рече збор против Човечкиот Син, ќе му биде простено; но на оној, кој похули против Светиот Дух, нема да му се прости.

-„И кога ќе ве одведат во синагогите и пред началствата, не грижете се како и со што ќе се браните или што ќе кажете, зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час, што треба да кажете!“

Од последните зборови на овој стих дознаваме дека простување на гревовите може да се добијат не само на овој свет, туку и на оној, т.е. по смртта. Вакво простување може да добијат оние кои во текот на животот на земјата не успеале да принесат и дела достојни за покајание – добри дела – но умреле во каење, вера и надеж на Бога. Но, треба да се знае дека ни тие после смртта не можат сами ништо да направат во полза на своето спасение, зошто Господ рече: „треба да се работи додека е ден , зошто ќе дојде ноќ кога никој не ќе може да работи“(Јов. 9, 4). Тука под зборот „ден“ се подразбира животот кога човекот може да работи на своето спасување , а под зборот „ноќ“ се подразбира смртта и времето после смртта до страшниот суд кога лично, сам за себе, не може никој ништо да направи за своето спасение. Но оној кој во текот на животот се покајал и умрел во вера и надеж и не успеал да придонесе со дела достојни на покајание, на него може да му помогнат Христовите заслуги, црковните молитви и правењето милосрдие од страна на родините и пријателите.

БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ СВЕТИ ГЕОРГИ

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух

На денешен ден на празникот Свети Георги ќе се зборува за моралното и материјалното богатство и уживање на овој свет. Како пример за ова е животот и делата на денешниот светител и угодник Божји, Свети Георги кој заради славата Божја и своето спасение ни даде добар пример за наша среќа и спасение, со тоа што ја жртвувал својата светска слава и старешинско достоинство и се предал на мачење, украсувајќи се себеси со вечна слава и небесно достоинство меѓу ангелите.

Свети Георги живеел 250 години по Христа, токму во она време кога идолопоклониците најжестоко ги гонеле христијаните, а тој самиот бил христијанин. Свети Георги бил војвода во војската на римскиот цар Диоклецијан, а се одликувал со особена бистрина на умот и јачина на телото. Како царски војвода, светителот навистина можел да ги ужива сите богатства на овој свет, но тој гледајќи како идолопоклониците, колку неправедно, толку и варварски ги гонат, мачат и убиваат христијаните, не можел да поднесе толкава неправда, па затоа ја оставил својата служба и почнал јавно да ги брани христијаните, а да го осудува царот Диоклецијан и неговите нечовечки послушници. Свети Георги и на самиот цар во очи му кажал за неговите безаконија и за нечовечкото однесување на неговите послушници кон христијаните кои ги мачеле и убивале, по што царот го затворил во темница каде претрпел мноу тешки маки. Но светителот не престанувал да го слави Бога Спасителот и да ги брани христијаните. Потоа го ставиле на тркало под кој имало штица со долги и остри клинци и го вртеле така што клинците сето тело му го распарале, но Свети Георгиј и понатаму остана верен на Бога, на својата вера и браќата христијани. После долги и тешки маки му ја отсекле главата, но славата на светителот не можеле да ја одземат. Свети Георгиј од тогаш па се до денес и за сите времиња се нарекува победоносец зошто со својата постојаност и издржливост на грозните маки ги победил своите мачители и отровниот змеј, т.е. непријателите на христијанството, зошто со неговиот пример следеле и други христијани кои ја оддржале победата на крстот. На иконата на Свети Георги се гледа лик на една царица, а тоа е Александра, жената на царот Диоклецијан која погинала кога и Георги бидејќи и таа го бранела него и христијаните.

По примерот на Свети Георги уште голем број на побожни христијани тешко страдале, па затоа има луѓе кои читајќи ги житијата на овие светители мислат, а некои и незадоволни од самите себе и со убавините со кои Бог ја украсил земјата заради своите синови луѓе, зборуваат дека овој божји свет е играчка, дека човекот е во светот само за да трпи и дека е најнесреќното суштество! Луѓето кои ова го зборуваат уште се повикуваат на Светото Писмо дека и тоа го нарекува светот „суета и ништожност“, кои сите смртни ги фрла во амбисот на тагата и маките! Но вистинскиот христијанин не го мисли тоа за светот кој е божје дело на мудроста и семоќта. Ваквото лошо мислење за светот е последица на оптоварената совест кои ја притиснале неограничените и прекумерни склоности за уживање и секакви наслади.

Бог во Светото Писмо и самиот вели дека овој свет е прекрасен (Бит. 1, 31), па и ние не можеме никогаш да одобриме дека премудриот и пресовршениот Творец создал свет без цел и убавина и како да е мачилиште за луѓе. Тогаш од каде толку зло и неправда во светот? Зошто страдаат толку големи мажи кои Бога вистински го слават и исповедуваат? На овие прашања ни одговара Светото Писмо кога вели дека причина за тоа е што самиот човек слободно се оддалечил од Бога и му се предал на демонот и така се извалкал со гревот, а гревот причинува разни и морални и материјални зла. И напротив и после оваа човекова постапка, Бог поради својата неограничена милост се смилува на човекот; не сакал да го остави без својата татковска љубов, туку Го испрати Својот Син, Христос Спасителот за да го ослободи светот од зло и расипаност.

Како што местото од каде се оддалечува светлината мора да биде темно, така и човекот кога од него се оддалечува божјата милост, мора да настапи несреќата. И како што местото на кое му се приближува светлината се повеќе свети, така и евангелската светлина кога му се приближува на човек неверник, таа му ја истерува темнината во која се дави и за која е божји непријател и на Неговите угодници. Оваа евангелска светлина ја принесувале на луѓе и ги осветлувале и Христос Спасителот и Неговите Апостоли, па и останатите светители меѓу кои и Свети Георги кој блеска како јасна ѕвезда. Старадаше и Спасителот, страдаа и Неговите Апостоли и маченички умре и Свети Георги зошто божјата светлина никому не му се дава со сила зошто небото го казнува насилството.

Вистина е дека многу често во Светото Писмо светот се преставува како суета и сцена на беда и невољи, но тука се подразбираат човековите неограничени желби и разни страсти и пороци како: самољубие, гордост, суетна слава, разнеженост, среброљубие и други страсти кои исчезнуваат кога човекот умира и затоа Светото Писмо не учи да не бидеме нивни робови. Но во сито време Словото Божје ни одобрува умерено и според потребата, а праведно, да уживема во земските богатства незаборавајќи никогаш на љубовта кон Бога и кон ближните. Свети Георги ги уживал земските богатства љубејќи Го Бога и ближниот, но кога видел како идолопоклониците Го омаловажуваат Бога и вистинската вера и ги гонат неговите браќа христијани, тој знаел дека тоа не е правилно и затоа како царски војвода и не сакал понатаму да ужива во привремените земски богатства, туку љубејќи Го Бога и ближниот, се одрекол од се и се удостоил со вечното небесно уживање. И така дознаваме дека кога човекот ги злоупотребува моралните и материјалните дарови кои Бог му ги дава, тој тогаш станува самољубив среброљубец, непобожен, лажго и убиец, но зарем за сето ова му е виновен Бог? Кога Бог го создал човекот го украсил со најубави особини – ум и слобода, за со умот да го познае доброто, а со слободата да го исполнува. Му дал совест за со неа да ги испитува и оценува своите дела, дали тие се согласуваат со божјиот закон. Но ако човекот овие свои прекрасни особини ги употребува за зло, зарем Бог е виновен за тоа? Како што Бог му ги дал на човекот овие душевни дарови, така му дал и телесни, разни делови на телото со кои ги набавува сите работи кои му се потребни за живот. Но не му ги дал рацете да краде и убива, ниту нозете да оди кон злото; не му дал очи да посакува туѓо, ниту нокти да гребе, но ако човекот сето ова го употребува за зло, тогаш кого друг освен себе може да обвинува?

Заради тоа и одамна е посведочена вистината дека само оној човек кој не е валкан и кој е вистински христијанин, се заснова на онакви надежи кои го покажуваат дека тој не мисли дека на оваа земја е привремен граѓан и патник на кого е должност да се приближи на Бога и тука на земјата да се стреми да стане небесен граѓанин. Но ова да се постигне, потребни се многу борби, па дури и цел живот на еден прав христијанин треба да биде борба за христијански доблести. Правиот и вистинскиот христијанин, основајќи се на науката и ветувањата на Христос Спасителот, го смета овој привремен свет само како средство преку кое се доаѓа до небесното царство. Вака мислел и правел Свети Георги. Како такви и тој ги сметал земските богатства и ги жртвувал од љубов кон Бога и кон ближните. Ваквиот негов живот го прослави и на земјата и на небото, и затоа да се угледаме и ние на жртвите и постојаноста на победоносецот Свети Георги. Денес нема нас кој да не мачи освен страстите но што вреди оној човек кој не е во состојба своите страсти да ги победи? Што вреди човекот кој земските привремени уживања не умее умерено да ги ужива за да не згреши на Бога и на ближните, и напротив што вреди оној христијанин кој привремените земни богатства не е во состојба да ги жртвува заради Бога и ближниот како што тоа го направи Свети Георги чии молитви нека се и денеска и секогаш на помош на секој брат христијанин кој го слави угледувајќи се на неговиот живот и на неговите дела. Амин.

ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ПРАЗНИКОТ СВЕТИ КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА

Јован, зач. 35 гл. 10 ст. 1-16

Во денешното Евангелие Спасителот се нарекува Себеси „добар пастир“. Причина за оваа Господова наука дале фарисеите со своето нечовечно и неправедно однесување кон „слепиот од раѓање“ на кого Спасителот му дал вид (глава 9).

-„Рече Господ откако кон него дојдоа Јудејците: Вистина, вистина ви велам, кој не влегува низ вратата во овчарникот, а прескокнува од друга страна, тој е крадец и разбојник.“

Под зборот „врата“ тука се разбираат законите, Светото Писмо, науката на Спасителот со помош на која човекот доаѓа до правото и вистинско богопознание. Под зборот „овчарник“ се подразбира грижата за овците кои тука се Израелците, избраниот народ. Кој, според науката на Светото Пимо, не се грижи за народот, тој не е народен пастир, туку крадец и разбојник. Вакви пред Христа биле Јуда и Тевда, а по него синот Псевдомесиј и останатите отстапници, но тука исто така се подразбираат и книжниците и фарисеите кои биле народини учители, а всушност го нарушиле божјиот закон (Мат. 15, 9).  

 -„А кој влегува низ вратата пастир е на овците“.

Законски пастир е оној учител кој се грижи за спасението и благосостојбата на Христовото стадо, т.е. христијаните. Од првиот до десетиот стих од денешното Евангелие, Спасителот се нарекува себе – својата наука – врата кон овците, а како пастир ги именува сите учители во својата Црква. Но во единаесетиот и дванаесетиот стих Господ себе се нарекува пастир. Прво учи каков треба да биде пастирот на неговото страдо а потоа самиот себе се покажува за пример каков треба да биде пастирот.

-„Нему вратарот му отвора, а овците го слушаат неговиот глас, и ги вика своите овци по име и ги изведува.“

Во старо време пастирите и дење и ноќе живееле покрај овците, но подоцна според грчките и римските обичаи, почнале да прават трла кои ги чувале таканаречени „вратари“ кои ја отворале вратата на трлото само на познатите пастири, после кои и стадата оделе на пасишта. Но во горниот стих некои под зборот „вратар“ го разбираат Мојсеј на кого му се доверени божјите закони; други го подразбираат Светиот Дух, а некои Исус Христос, но најверојатно тука зборот „вратар“ токму се однесува на овој збор без никакво метафорично значење. Овците го слушаат вистинскиот пастир, тој ги повикува и ги изведува. Сите овие зборови ги претставуваат овците како животни без природни средства за своја одбрана, па затоа и тие сосема се предаваат на својот пастир кој заради тоа е исполнет со молост и нежност кон своите овци, како кон некои деца за кои често и животот го жртвува бранејќи ги од крадци и ѕверови.

Со ове метафорични зборови Спасителот дава мошне значајна наука на црковните пастири, учејќи дека тие треба да се украсени со сите доблести на добар, благ и грижлив пастир. Тие треба да се полни со љубов и пожртвуваност не штедејќи го својот живот за одбрана на своето словесно стадо. Ваквите пастири и стадото ги сакаат и општеството, ги почитува Бог и ги наградува со небесна слава.

-„Кога ќе ги истера своите овци, оди пред нив и овците одат по него, зашто го познаваат неговиот глас“.

Добриот пастир секогаш оди пред овците и тоа понекогаш да им го попречи патот, а понекогаш да го чува своето стадо  од непријатели. Стадото со голема доверба во својот пастир оди по него во надеж на сигурност и среќа. Значи добриот пастир никогаш не го гони своето стадо со сила, туку чувајќи го и грижејќи се за него, тој го води насекаде каде сака. Од оваа поука дознаваме дека секој служител на Евангелието кој сака да биде достоен на својот свет позив и да ужива почит и доверба меѓу своето словесно стадо кое Бог му го дал под управа и на грижа, тој е должен своето стадо да го надминува во евангелското знаење и побожност. Неговиот позив е толку возвишен што никогаш и по никоја цена не смее да се оддалечува од правиот пат и чесниот карактер зошто во спротивен случај би се запрашале: како би можел да оди пред своето словесно стадо и зарем тоа стадо би одело по него?

-„По туѓинец никако не одат, туку ќе побегнат од него, зашто не го познаваат гласот на туѓинците.”

Под зборот „туѓинец“ Спасителот го нарекува оној кој не влегува низ вратата, непобожниот пастир, кого Бог не го повикал на служба, туку во трлото влегол како крадец и измамник за да го искористи Христовото стадо. Таквиот пастир заради своите ниски и среброљубиви цели го остава своето стадо во незнаење, од кого доаѓа недоверба и суеверие, а тоа и се најстрашните отрови за спасение на душата. Ваквиот пастир стадото го трпи според потребата, но не го сака и одвај чека тој да си замине.

 -„Исус им ја кажа оваа споредба, но тие не разбраа што беше тоа за кое им зборуваше.“

Спасителот не им ја објаснил оваа парабола за меѓу нив да поттикне поголемо внимание, а сега на друг начин себе се нарекува „и врата и пастир“

 -„Исус им рече пак: „Вистина, вистина ви велам: Јас Сум вратата на овците.“

Односно Он вели дека е Христос Месијата, кој донесува светлина и спасение. Со верата во Христа се влегува во царството божје, како што Господ и на друго место рекол:„Јас сум патот, вистината и животот“ (Јов. 14, 6). Од овие зборови дознаваме дека постои пат по кој грешниците може да влезат во царството небесно, па затоа и во Символот на верата исповедуваме „една, света, соборна и апостолска црква“ која на секого му ги нуди сите потребни средства за спасение.

 -„Сите, кои дојдоа пред Мене, се крадци и разбојници; но овците не ги послушаа“.

Пред доаѓањето на Спасителот на земјата, во Кудеја се појавиле многумина кои тврделе дека се Месијата, кои Господ ги нарекува крадци и измамници, па затоа и овците – народот – не ги послушале. Сите овие лажни месии се труделе на сите можни начини да основаат свои религиски општини, но сите овие лажни замислувања пропаднале зошто немале помош од горе, од Господа.

-„Јас Сум вратата; кој ќе влезе низ Мене, ќе биде спасен, ќе влегува и ќе излегува и ќе најде пасиште. Крадецот влегува само да украде, да заколе и да погуби. Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат изобилно. Јас Сум Добриот Пастир. Добриот пастир го дава својот живот за овците. Наемникот, кој не е овчар, кому овците не му припаѓаат, го гледа волкот како доаѓа, ги остава овците и бега; а волкот ги разграбува и ги распрснува; зашто е наемник и не се грижи за овците. Јас Сум Добриот Пастир: и ги познавам Моите и Моите Ме познаваат Мене. Како што Татко Ми Ме познава Мене, и Јас Го познавам Мојот Татко; и Јас го давам Мојот живот за овците. И други овци имам, што не се од овој овчарник; и нив треба да ги доведам, па ќе го слушаат Мојот глас и ќе биде едно стадо и еден Пастир.

Сите овие зборови на Спасителот јасно покажуваат дека спасението се остварува само преку Него како „добар пастир“. Надвор од Него е се лага и измама.

БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ СВЕТИ КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА

Нека никој не гледа само за себе, туку и за другите

Со овие зборови ја започнувам оваа беседа на денешниот празник Свети Константин и Елена бидејќи и тие не гледале само за себе, туку и за другите и е тешко да се направи разлика кој од нив повеќе добра направил за христијанството: цар Константин или неговата мајка царица Елена.

Цар Константин се родил во Ниш во 274 година по Христа. Во тоа време христијаните многу страдале, но кога божјата волја била Константин да биде поставен за римски цар, тој пред една борба на небото видел светол крст под кој пишувало: со ова ќе победиш. Тој веднаш наредил секој војник да носи крст и така тој стапил во борбата против непријателот и го победил. После овој настан цар Константин кого мајката уште од детство го учела да ги чува и сака христијаните, веднаш прогласи слобода за христијанската вера и христијаните веднаш почнаа слободно на Бога да се молат и да градат свои храмови. Константин, грижејќи се за општото добро на христијаните, свикувал и црковни собори и им помагал на христијаните да се собираат на истите и да ги уредуваат своите црковни работи. Тој им дал право на христијанските епископи да ги посетуваат затворите и да гледаат како живеат затворените луѓе, но исто и да ги посетуваат судовите и да гледаат како се суди и доколку видат некаква неправда и нечовечност, тие можеле веднаш да му јават на царот и тој веднаш ја застапувал правдата. Царот Константин и неговата мајка, царицата Елена, која отишла во Ерусалим да го најде крстот на кој Спасителот бил распнат, изградил повеќе цркви и правел многу непроценливи добра, негледајќи само за себе, туку и за другите, и затоа Господ Бог ги прослави, затоа и ние денеска ги празнуваме.

Пред царот Константин да дојде на власт, христијаните не можеле, како ние денес, да се собираат на молитва, туку тие го правеле тоа во скришни места и повеќе ноќе отколку дење. Цар Константин бил тој голем добротвор кој на христијаните прв им одобрил јавно да се собираат на молитва. Тој, заедно со својата мајка не размислувале само за себе, туку и за другите.

Но да се запрашаме дали и ние се грижиме за другите или само за себе? Дали божјото Слово, кое ни заповеда да не се грижиме само за себе, туку и за другиот, ние го исполнуваме? На ова прашање нека секој самиот на себе си одговори, но се чини дека често грешиме зошто ние повеќе се грижиме за себе, а за другиот многу ретко. Оваа вистина посведочува и тоа  што ние често слушаме како на некого му е украдена храната, на друг стоката, а на трет како бил измамен при купување на нешто. Но кога ги слушаме ваквите работи, дали ние го исполнуваме божјото Слово да не се грижиме само за себе, туку и за другиот?

Кога некој христијанин оди по својот пат и види дека некои лоши луѓе влегуваат во куќата или нивата на својот ближен да направат штета или да му направат некакво зло, дали тој само ќе помине неводејќи грижа за својот ближен како да му помогне, дали тој христијанин може да каже дека води грижа и за другиот? Кога некој христијанин слушне дека неговиот познаник има намера да направи некое зло и не отиде кај него да го отврати, зарем тогаш тој ја исполнува божјата заповед според која треба и за својот ближен да се грижи? Кога христијанин се покаже во двата случаи како вистински брат, тогаш тој на двајцата браќа во опсност им прави големо добродетелство и со тоа ја посведочува својата христијанска љубов и кога нему би му затребала помош, тогаш тие двајцата би му пружиле помош. Ние сите имаме потреба од помош од други луѓе, а кој ги чува туѓите работи и имот, тој е сигурен и за своите. Затоа да го покажеме нашиот убав пример, да им помогнеме на ближните кога имаат потреба и со дела да покажеме дека не се грижиме само за себе, туку и за својот брат, како што правеле Светиот цар Константин и Светата царица Елена. Блазе си му на секое село и град каде меѓу граѓаните владее слога со взаемно заштитување и помагање. Во таквото општество точно се исполнуваат пророчките зборови кои велат: „Ете, колку е добро и колку е мило кога браќата живеат заедно.“ (Пс. 133, 1). На овој начин сме должни да живееме зошто така ни заповеда и законот божји, а и човековата природа тоа го бара. Кој живее различно и кој не ги чува туѓите работи и имотот и кој на својот ближен не му помага, тој прави зло за себе и на другиот и си штети во своето спасение.

Господ Бог заповеда: „Кога ќе видиш дека скита вол или овца на твојот брат, не поминувај покрај нив, туку отерај ги при својот брат. Ако твојот брат не е близу, или не го знаеш, дотерај ги во својата куќа, па нека останат кај тебе додека твојот брат не дојде по нив. Тогаш врати му ги. Така прави со неговото осле, и со неговата наметка, и со сè што ќе изгуби твојот брат, а ти ќе го најдеш. Не ти е дозволено да поминуваш покрај неговото. Кога забележиш дека ослето на твојот брат или неговиот вол паднале на патот, не отстранувај се, но помогни му да ги дигне. Жената не смее да става врз себе машка облека, а мажот не смее да се облекува во женски облеки. Кој го прави тоа, одвратен Му е на Господа, својот Бог. Ако патем наидеш на птичјо гнездо, со птиченца или со јајца, на дрво или на земјата, а мајката лежи врз птиченцата или на јајцата, не земај ја мајката со пилињата: пушти ја мајката на слобода, а земи ги пилињата. Така ќе имаш среќа и долг живот“ (Второз. 22, 1-7).

Запомнувајќи ги овие божји зборови секогаш и секаде да се погрижиме за доброто на нашиот ближен како и за сопственото, за на таков начин да покажеме дека сме синови на Отецот небесен и браќа меѓу себе. Кога вака ќе се однесуваме, тогаш сите ќе живееме како едно семејство во кое еден член се грижи за другиот и сите се среќни и задоволни потпомагајќи си еден на друг и во животот на земјата и во подготовката за небесното царство. Амин.

ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ПРАЗНИКОТ ЈОВАНДЕН

Лука, зач. 2 гл. 1 ст. 5-25; 57-68 и 76-80

Денешното Евангелие говори за тоа како на свештеникот Захариј му се јавил ангел.

-„Во деновите на јудејскиот цар Ирод, беше еден свештеник, по име Захарија, од Авијановиот род; и неговата жена од Ароновите ќерки, по име Елисавета.“

Старите имале обичај времето да го пресметуваат по епохи во кои живееле некои значајни мажи, а особено старешини и затоа тука се спомнува и Ирод. Овој Ирод се викал велики, бил Идумеец и прв туѓинец владејач над Јудејците. Значајно е тука што овие хронолошки поединости на настани ја посведочуваат и нивната вистинитост, а исто така е од голема важност и тоа што евангелистот говорејќи за Захариј и неговиот дом го спомнува и името и положбата и потеклото, како неговото, така и на неговата жена и на крај вели и од кој ред бил. После првосвештеникот Арон дошле неговите синови Елеазар и Итамар и нивните потомци Давид ги поделил на 24 реда (1 Цар. 24, 1-19; 2 Цар. 8, 14) од кои секој ред по 8 дена служел во храмот. Елисавета, жената на Захариј, била исто така од родот на Арон. Лука ни изнесува дека и захариј и Елисавета биле потомци на првиот првосвештеник Арон на кого му е потомок и Свети Јован Крстител. Спасителот повторно ни го покажува од племето Јудино и Давидовиот дом – царска линија, а како вистински првосвештеник по чин Мелхиседеков (Евр. 7, 1-3).

-„Двајцата беа праведни пред Бога, одејќи без недостаток, според сите Господови заповеди и повелби.“

Со овие зборови евангелистот сведочи дека родителите на Крстителот не биле само од побожно потекло, туку дека и тие биле побожни и без недостатот, т.е. нивната побожност не се огледувала само во студено и типично извршување на нивните должности, туку таа била вистинска.

-„Немаа дете, зашто Елисавета беше неплодна, а двајцата беа во години.“

Односно веќе ги поминале годините за рагање, а Елисавета уште била и неплодна. Ова не потсетува на Авраам кој исто така во старост го доби синот Исак. Двајцата, и Исак и Јован, деца по особено божје ветување, како што биле и Сампсон и Самуил.

-„Еднаш кога тој ја вршеше свештената служба пред Бога, по редот на својот чин, според свештеничкиот обичај, му се падна со жрепка да влезе во Господовиот Храм и да покади. А за време на кадењето целото множество на народот се молеше надвор.Тогаш му се јави Господов ангел, стоејќи оддесно на кадилниот жртвеник. Кога го виде, Захарија се збуни и страв го опфати.“

Секој свештеник за време на својот ред имал особена работа во црквата. Едни биле пред кадилницата и тоа била најчесната служба бидејќи е симбол на народните молитви кон Бога (Откр. 8, 3-4), други пак ги солеле приносените лебови, а трети го надгледувале огнот во жртвеникот. (Исх. 30, 8, 7). Захариј служел пред Бога, т.е. во онаа чест на храмот што се викала света, каде биле предложените лебови, свеќниците и т.н. и токму кога својата служба во оваа чест на храмот ја вршел, му се јави ангел, како што Бог и другпат ја јавувал својата волја на луѓето преку ангели, како на Авраам. Во оваа прилика се јавил архангелот Гаврил. Веќе поминало 400 години од последниот пророк Малахија и за тоа време не се појавиле пророци зошто тоа било време во очекување на Месијата. Сега архангелот Гаврил јавува за раѓањето на предвесникот за кого Малахиј прорече дека ќе дојде во дух и сила на Илија. Јосиф вели дека вакво видување видел и првосвештеникот Иркан во време на кадењето, архангелот му се јавил на Захариј во време на кадење, кога народот стоел надвор, пред онаа чест на храмот во која тој кадел. Кога Захариј го видел архангелот, тој се уплашил зошто кај Јудејците имало мислење дека ваквото видување било знак за блиска смрт (Мат. 26, 5), но исто така како ненадејното појавување, така и славата на ангелот мора да го возбудиле и исплашиле Захариј.

-„Но, ангелот му рече: „Не бој се, Захарија! зашто е услишана твојата молитва! Твојата жена Елисавета ќе роди син, кому треба да му го дадеш името Јован.“

Захариј се уплашил, како и Дева Марија, кога ангелот и се појави, исто и жените мироносици се уплашија кога на гробот Господов го видоа ангелот, но природниот страв на ваквите праведници веднаш го прогонува утехата од небото, како што и тука ангелот го смирува Захариј. Ангелот му јавува на Захариј дека неговата молитва била примена на небото, дека тој се молел Бог да му даде пород бидејќи бездетноста кај Јудејците се сметала за срам и знак на божје неблаговоление кон таквите родители (Сам. 1, 6, 11). Името Јован е еврејско и значи „Божие благоволение, милост“. Јудејците имале обичај на своите деца да им даваат имиња која ќе изразуваат некои семејни тешкотии или родителски чуваства или воопшто настани кои се поврзани со раѓањето на детето.

-„Ќе се радуваш и ќе се веселиш, и мнозина ќе се зарадуваат на неговото раѓање.“

Раѓањето на детето ќе биде причина за радост не само за родителите, туку и на сите кои Го очекувале ветениот Месија, зошто тој ќе биде Негов предвесник и зшто тој ќе го објави на народот.

-„Зашто ќе биде голем пред Господа – нема да пие ни вино ни опојни пијалаци; и ќе се наполни со Светиот Дух уште во утробата на својата мајка.“

Оваа вистина ја посведочил и Спасителот кога за Јован рече: „ниту еден меѓу родените од жена не е поголем од Јован Крстителот“ (Мат. 11, 11). Јован не беше голем по богатство, ниту по слава иако уживал големо почитување, но не бил голем ниту како војсководец, ниту цар, ниту како политичар, туку затоа што прв Го објави Христа. Со други зборови овој прост и сиромашен пустиник им проповеда благодат на проклетите, живот на мртвите и слобода на робовите, и така бил и оној што на сите им го покажа на вистината и животот, среќата и блаженставата. Предвесникот бил голем пред Бога заради неговиот свет карактер и бил голем пред луѓето заради добрите последици, заради даровите кои Бог преку него му ги подари на светот. Јован не пиел вино, зошто Бог им го забранувал овој пијалок на луѓето кои ги одредувал на висока пророчка служба, ниту пак опојни пијалоци, кои биле посилни од виното и биле преработено вино кои биле појаки од природното вино.

-„И многу Израелеви синови ќе ги обрати кон Господа, нивниот Бог. Тој ќе врви пред Него во Илиевиот дух и сила, за да ги обрати срцата на татковците кон децата; а непокорните кон мудроста на праведниците, и да Му приготви на Господа совршени луѓе.”

Јован Јудејците ќе ги обрати кон Господа, т.е. ќе ги одврати од гревовите просветувајќи ги со својата проповед за покајанието (Мат. 3, 5; Мар. 1, 5; Лук. 3, 7). Јовановата проповед содржела во себе дух на законот кој во грешникот поттикнувал признание пред Бога, а тоа е првиот чекор кон покајанието. Израелскиот народ, иако ги имал сите средства за спасение, сепак поради тврдината и себиќноста на своите учители, паднал во крајна ладнокрвност и рамнодушност придржувајќи се само на сувопарните обреди. Заради тоа и Јовановата проповед дошла како благотворна роса. Сите проповедници на Словото Божје се должни сериозно и вредно треба да се грижат за спасението на доверените им луѓе, проповедајќи им ја неуморно волјата Божја зошто според науката на Светото Писмо, тие ќе одговараат за грешниците. Апостолите многу јасно ја опишуваат славата и честа која ги очекуваат вредните и неуморни проповедници на Божјата наука, но исто така и страшната казна за сите кои својата должност кон светот не ја вршат точно и вредно. „Јован ќе се јави во духот и силата на Илија“, вели ангелот затоа што Јован му бил сличен на Свети Илија во многу нешта. И двајцата го повикувале народот на покајание, и двајцата својата должност ја извршувале проследени со опасности во животот, двајцата ги разобликувале големците, двајцата биле пустиници. „Јован ќе ги обрати срцата на татковците кон децата“, т.е. тој со својата проповед ќе ја врати почитта, послушноста и мирот во семејствата кои се основа за облагородување на карактерот и прво школо за човековото морално образование. Каде Христос Спасителот се проповеда како главен предмет на човечката љубов и каде луѓето со дела сведочат за својата љубов кон Спасителот, тука сите живеат во слога како членови на едно семејство на кое Бог е Отецот (Рим. 12, 5)

-„А Захарија му рече на ангелот: „По што ќе го познам тоа? Јас сум стар, а и жена ми е застарена во своите дни!”

Гледајќи ја слабоста на природата, Захариј заборава на семоќта Божја и затоа веднаш не му поверувал на ангелот, туку барал знак кој, иско со казна, му бил и даден.

-„Ангелот одговори и му рече: „Јас сум Гавриел, кој стои пред Бога и испратен сум да зборувам со тебе и да ти ја известам оваа радосна вест. И ете, ќе онемиш и не ќе можеш да зборуваш до денот, кога ќе се збидне ова; зашто не им поверува на моите зборови, што ќе се исполнат во свое време.”

Ангелот прво му јавува на Захариј кој е и кое му е името: Гаврил (човек божји) (Дан. 8, 16; 9, 21), а потоа му кажува и кој го испратил и зошто. Тука исто така е важно и тоа што истиот ангел уште пред 500 години и повеќе му се јавил на пророкот Даниел зборувајќи му за Месијата, а сега повторно му се јавува на Захариј и Дева Марија говорејќи им за доаѓањето на Месијата. Од ова дознаваме дека ангелите ниту стареат, ниту пак ги снемува, туку постојано се млади. Захариј, барајќи од ангелот знак за да поверува на неговите зборови, тој онеме, но тоа не му беше дадено како доказ за вистинитоста на зборовите на ангелот, туку како казна за неверувањето, кое е тежок грев. „ А Самоил одговори: „Дали Му се на Господа помили палениците и приносите од послушноста кон Неговиот глас? Знај, послушноста е поскапоцена од најдобрата жртва, покорноста е подобра од овни“(1Сам. 15, 22).

-„А луѓето го чекаа Захарија и се чудеа зошто толку долго се задржа во Храмот.“

Свештеникот при кадењето не се задржувал многу долго, а што завршувало кадењето, тој излегувал пред народот и својот благослов го распуштал со молитви. Но Захарија при оваа прилика останал необично долго и народот чекајќи го си помослил дека нешто му се случило и затоа бил неспокоен.

-„А кога излезе, не можеше да им зборува и тие разбраа дека видел видение во Храмот. И тој им даваше знаци и остана нем.“

Кога Захариј излегол пред народот, тој се трудел со разни знаци да му објасни на народот што му се случило и народот отприлика го разбрал захарија и видел дека е нем, но сепак останал глув што сведочи 26 стих кој вели: „и му даваа знаци на неговиот татко какво име тој сакал да му даде“.

-„И кога се свршија деновите на неговата служба, се врати во својот дом.“

Односно во некое мало градче од Јудиното племе (стих 39).

-„А по тие дни, неговата жена Елисавета зачна и се криеше пет месеци и велеше: ”Ова ми стори Господ во деновите кога погледна на мене, за да го отстрани мојот срам меѓу луѓето.”

Елисавета се криела бидејќи како стара забременила и затоа останала дома, но во исто време Му благодарела на Бога што ја израдувал со раѓање на дете и и олеснал на нејзината побожна душа простувајќи ја и од срамот пред луѓето.

-„А на Елисавета и дојде време да роди, и роди син. И кога нејзините соседи и роднини чуја дека Господ и укажа голема милост, се радуваа со неа.“

Од овој 57-ми стих до 80-от стих евангелистот Лука ни ја изнесува историјата на раѓањето на Свети Јован Крстител кажувајќи ни дека сите роднини се израдувале кога слушнале дека Елисавета ќе роди и ќе посведочат дека не била лишена од божјето благоволение.

-„А на осмиот ден дојдоа да го обрежат детето, и го наречуваа Захарија, по името на татка му. Но неговата мајка рече: „Не, туку ќе се нарече Јован!” рекоа: „Нема никој во твојот род, кој се вика така.” И му дадоа знаци на татко му, како би сакал да го наречат.“

Како што веќе кажавме претходно, во осмиот ден по раѓањето, според јудејскиот закон, требало детето да се обрежи и да му се даде име (Бит. 17, 12), а истото се случува и кај нас христијаните. Роднините сакале детето да се вика Захариј зошто било обичај првенците да се нарекуваат според името на родителите, но мајката на тоа се спротивставила, а тие се зачудиле кога и таткото на мала штица напишал дека детето ќе се вика Јован.

-„А тој побара штичка и напиша: „Јован му е името.” И сите се зачудија.“

Порано луѓето пишувале на камен, и цигли. На таков начин се испишани хиероглифите на вавилонските цигли. Потоа биле измислени штиците од бакар врз кои бил лепен восок и пишувале врз него, а потоа била пронајдена и мембраната од кожа и хартија.

-„И веднаш му се отворија устата и јазикот и проговори и Го благословуваше Бога. И страв ги опфати сите нивни соседи. И се говореше за сè тоа по целиот планински крај на Јудеја“.

Штом Захариј, по зборовите на ангелот, напиша на штицата дека синот ќе се вика Јован, веднаш јазикот му се разврза, како што навести и ангелот, и тој проговори. И заради сето тоа соседите ги опфати страв и се исполнија со чудење со особено почитување кон Бога на Кого се ова го припишаа. Соседите не ги зачудило само тоа што Захариј проговорил и раскажал како се му се случило, туку и за она што и се случило на Дева марија која до тоа време била во доммот на Захариј и раскажала како и неа и се јавил истиот ангел и што и кажал.

„И сите, кои чуја, го примија тоа во своите срца, велејќи: „Што ќе биде од ова дете?” Зашто Господовата рака беше со него.“

Се што соседите слушнаа за детето и од Захариј и од Елисавета било чудесно и затоа заклучиле дека тоа дете ќе има особена задача. И навистина тие не се излажале зошто ова дете било одредено за предвестување на Месијата и затоа раката Господова била со него, т.е. врз него имало Божја благодат, го опсипувала Господовата милост и затоа напредувал и телесно и душевно.  

-„А татко му Захарија се исполни со Светиот Дух и пророкуваше, велејќи:”Благословен е Господ, Јакововиот Бог, зашто го посети и го искупи Својот народ;

Со оваа благодарност Захариј Го спомна Светиот Дух и затоа таа има и пророчки карактер. Прво Захариј Го слави и Му благодари на Бога за се што се случувало, а потоа го претскажува скорешното доаѓање на Месијата и со Него избавувањето на народите од гревот и пропаста.

-„А ти, младенче, ќе се наречеш пророк на Сèвишниот, зашто ќе одиш пред Господа, за да Му ги приготвиш Неговите патишта“.

Продолжувајќи со своите претскажувања тој кажува и за својот син Јован, за важноста на неговиот карактер и достоинството на неговата задача и вели: дека тој е од Бога одреден пророк кој волјата Божја ќе ја објави и за Месијата патот ќе го потготви, т.е. луѓето да ги приготви за дочекот на Христа. За исполнувањето на овие пророштва не уверува историјата на Свети Јован. Но и пред захариј, пророците за сето ова претскажуваа, зошто Исаија вели: Глас вика: Пригответе Му на Господа пат низ пустината. Израмнете ја патеката на нашиот Бог во степата.“ (Иса. 40, 3), а Малахиј вели: „Еве го испраќам Мојот гласник за да приготви пат пред Мене, и ќе дојде одненадеж во Својот Храм Господ“.

-„За да му дадеш на Неговиот народ, да познае спасение преку проштавањето на нивните гревови, преку милостивото срце на нашиот Бог, со кое ќе нè посети Зората од висините“.

Предвесникот ќе го научи народот да разбере како спасението се добива со простување на гревовите кои секој треба да ги почувствува и за нив да се покае и да му се простат и затоа тој проповедал крштевање со покајување. Дека Спасителот на овој начин ќе го спаси народот предскажа и ангелот кога на Јосиг му се јави. Согласно со пророците и захариј Месијата Го нарекува исток, споредувајќи Го на тој начин со сонцето кое одозгора ќе го осветли светот со својата светлина.

-„За да ги осветли оние, кои седат во темнина и во смртна сенка, и да ги упати нашите нозе по патот на мирот.”

Овој текст говори за целта на доаѓањето на Месијата Кој како сонце на правдата ќе го осветлува човештвото кое заради своите гревови се наоѓа во темнина и во сенката на смртта. Оваа слика е земена од незгодите и тешкотиите на кои се изложени источните патници зошто тие патувајќи навечер остануваат на отворени места и се изложени на опасности и од ѕверови и од ајдуци. Во тој страв источните патници со нетрпение го очекувале излезот на сонцето, тој предвесник кога светлината ќе ги насочи нивните нозе кон патот на мирот.

-„А детето растеше и јакнеше со духот, и беше во пустините до денот кога му се јави на Израел.“

Свети Јован Крстител и Предвесник растел под божјата благодат и во согласност со високото назначување за кое бил одреден. Во пустината живеел се до својата 30-та година зошто претходно не можел да излезе пред народот како учител бидејќи до 30-та година законот не дозволувал на никого да биде учител. Во својата 30-та година Јован излегол меѓу народот и по целата јорданска околина подготвувајќи го да Го дочека Месијата проповедувајќи покајание.

БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ ЈОВАНДЕН

Каде Бог говори и заповеда, таму се случуваат чуда и тајни, па затоа и таква е историјата на денешниот празник, историјата на раѓањето на Свети Јован Крстител и Предвесник, во која колку што гледаме мудрост, толку гледаме и човекољубие и божјата семоќност. Праведните Захариј и Елисавета живеат под товарот на тагата и грижата зошто немаат деца, а кога Бог преку ангелот им јавува дека ќе добијат син, свештеникот Захариј, кој целиот Стар завет го знае и кој е добро запознат со божјите јавувања, не му верува на ангелот  и затоа останува нем до раѓањето на детето. Но, сето ова се случува со цел да ни се остави добар пример како треба да веруваме во Бога и во неговите ветувања да не се сомневаме бидејќи не постои нешто што може да биде невозможно за Бога. Денеска токму за тоа ќе стане збор, за големата потреба и важноста на добриот пример кои сите постари и угледни лица треба да го даваат на помладите браќа.

Кај нас законот и природата сите ваши околности ги спојуваат во едно општество, тогаш е јасно дека секој е должен за својот ближен, за секој член на општеството да се грижи, помагајќи му, според можностите, во сите тешки околности. Ако секој член на општеството не прави вака, тогаш општествените врски ќе се искинат зошто општеството не може да постои без взаемно помагање и грижа. Кога крадец влегува во нечија куќа да краде, кој граѓанин, кога ќе го види тоа, ќе молчи или ќе биде рамнодушен; но грижејќи се доброто и сигурноста на поедини лица, зарем свеста не ни наложува да се грижиме и за доброто и сигурноста на сите, каде се наоѓа и нашата среќа.

Нашата света вера не спојува во едно друштво и со друга врска која е многу посвета од взаемната потреба и општото добро, а тоа е врската на еден и вистински живот, зошто сите ние сме едно тело на кого бесмртната глава е нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Овој општ однос го утврди и освети самиот Господ Исус Христос кога ја основа Својата Црква како едно духовно тело чии делови се сите верници и заради тоа сме должни да се љубиме еден со друг и таа љубов се посведочува кога еден со друг се упатуваме на побожност и доблест (Рим. 55, 2). Добриот пример не само што е светата должност која ни ја наложува општеството и верата, туку животот ее основа на сите должности. Врз човечкото срце ништо така силно не влијае како добриот пример. Поуката или советот без разлика колку да е убав и добар и вистински, сепак ќе остане мртов збор и без влијание ако не се потпомогне со добар пример. Оваа вистина ја посведочува и секојдневното искуство кое не уверува дека каде се добрите примери, таму и доблестите цветаа и законите се почитуваат и состојбата на секој човек се уважува. Но зарем и политичката и црковната историја не сведочат голема потреба за добар пример? Државите и општествата, како и многуте народи, за својата сила и величина должат токму на добрите примери кој е од огромно значење. И светата Православна Црква Хростова ги гледа своите деца како побожни и богобојажливи само тогаш кога тие се учат на добри примери од своите пастири и постари членови. И после сето ова, кој може да се сомнева во големата потреба и огромната важност на добриот пример? Кој научил да ги исполнува своите свети должности, кој се бои од Бога и ги чува Неговите свети заповеди, тој му должи на добриот пример на своите постари на кои се угледал и затоа треба да го благословува нивното име.

Колку повеќе се посведочува штетното влијание на лошиот пример, толку повеќе е појасна големата полза од побожното христијанско владеење. Нема сомневање дека добриот пример е причина за сите благородни чувства на срцето и сите свети склоности на душата и напротив осведочена е вистината дека сите зла се последица на лошиот пример кој и Спасителот тешко го осудува кога вели: „А кој наведува на грев едно од овие мали, кои веруваат во Мене, за него е подобро да му се обеси мелнички камен на вратот, и да потоне во морската длабочина. Тешко му на светот од соблазни! Зашто неизбежно соблазните ќе дојдат, но тешко му на оној човек, преку кого доаѓа соблазната!” (Мат. 18, 6-7). И гревот е големо и убиствено зло, но лошиот пример е уште поголемо зло зошто со помош на божјата благодат човекот може да престане да греши и со помош на покајанието може да се поправи, но човек не е во состојба да го сопре ширењето на скандалите и злото кои се предизвикани со лошите примери. Тешко на секој оној брат кој пред другите, а особено помладите, гоцори лоши зборови и прави незаконски дела кои наведуваат на грев и поттикнува валкани страсти.

Да ја разбереме потребата и ползата од добриот пример кој на секој христијанин е вистинско богатство, најубава слава и најсилен доказ за неговата вистинска вера. По добриот пример и туѓите народи од друга вера ќе не препознаат дека сме синови на небесниот Отец. Родители, татковци и мајки, дајде им на своите деца добри примери за се зошто тоа е најдобриот пат кон воспитувањето без кого мудроста и науката немаат голема важност. Нашиот живот, вели Господ Спасителот, треба да е јасна светлина и јасно сведоштво на нашата вера: „Така нека се светли вашата светлина пред луѓето за тие, гледајќи ги вашите добри дела, да Го слават Отецот Кој е на небесата“. И навистина, што би значела верата кога таа во нашето срце би се ограничувала и кога со никаков надворешен знак и со пример не се посведочува? Секој е должен јавно и велегласно да го исповеда она што внатрешно го верува, зошто Словото божје вели: „Со срцето се верува за правдата а со устата се признава за спасението“ (Рим. 10, 10). Христијанинот е должен да ги исполнува своите должности и тогаш кога расипаните луѓе му се смеат за тоа и должен е да оди по патот на правдата, без разлика дали тој пат го води во тага и жалост. Добриот и паметниот христијанин е должен секогаш да прави добро и со својот пример другите да ги воодушевува. Христијанинот треба да е светлина и патеводител на своите браќа а тоа може да се случи само тогаш кога со добар пример им претходи.

Заради тоа треба постојано да даваме пример на трпение и кроткост кога злото на лошите луѓе не доведува до лутење. Да дадеме пример на великодушност кога ќе ни се покаже прилика својот непријател да го понижиме. Да дадеме пример на благородна постојаност секогаш кога расипаноста се труди да не одврати од доблеста. Да дадеме пример на спокојна верност кон светата божја волја секогаш кога ќе почувствуваме дека среќата ни е во опасност и кога пријателите не оставаат. Кога секогаш вака ќе правиме, ние ќе бидеме спокојни и на другите ќе им правиме добро, а со тоа и Господ секогаш ќе биде со нас. Амин.

ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ПРАЗНИКОТ СВЕТИ ПЕТАР И ПАВЛЕ

Матеј, зач. 67 гл. 16 ст. 13-19

Денешното Евангелие зборува за тоа како Апостолот Петар исповедал дека Господ Спасителот е Син на живиот Бог. За оваа исповед говорат и Лука, 9, 18-21 и Марко, 8, 27-30.

-„А кога Исус дојде во околината на Кесарија Филипова, ги праша своите ученици: што велат луѓето, кој е Синот Човечки?

Кесарија Филипова се наоѓала на подножјето на Ливан, близу местото каде што извира реката Јордан.Од Сидон е оддалечена еден ден, а се викала уште и Пенеа.Ова градче тетрархот Филип, Иродовиот син, го изградил и го украсил и го нарекол Кесарија Филипова во своја чест и во чест на Тивериј. Ова градче во историјата на Спасителот е важно по што Господ во него ги објавил својата смрт и воскресение, а исто така и страдањата и искушенијата на своите ученици. Со прашањето: што велат луѓето, кој е Синот Човечки, Господ сакал да го одреди мислењето за Себе и светот и своите ученици, а се нарекува „Син Човечки“ заради исполнување на пророштвата, како и поради тоа што Он е втор човек, кого Адам после падот Го очекувал како Спасител. Значајно е што никој од луѓето не се нарекол така.

-„А тие рекоа:Едни велат дека е Јован Крстител, други Илија, а други пак, Еремија или еден од пророците.“

Ирод мислел дека Он е Јован, а Јудејците го очекувале Илија како предвесник. Под името Еремија или некој пророк разбирале некој од старите пророци, кој воскреснал од мртвите.

-„Он им рече: А вие, што велите:Кој Сум Јас? А Симон Петар одговори и рече: Ти си Христос, Син на живиот Бог.“

Петар на Спасителот не Му вели: „ние кажуваме“ или „јас кажувам“, туку „Ти си“, што и е израз на најјакото убедување дека Господ е Син Божји и тоа не создаден или всиновен, туку Единороден, а по тоа и вистински Бог.

-„Исус одговори и му рече:Блажен си Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Отец Кој е на небесата.“

Односно, ти не дозна од луѓе, туку од Бога, а по вдахновение на Светиот Дух. Природата и карактерот на Господ Спасителот не се предмет на искуства, бидејќи тоа е тајна која не можат да ја дознаат оние „кои се родија од крв и од телесна волја и од волјата на маж, туку кои се од Бога“. Заради тоа ако и другите го нарекувале Христос Син Божји, сепак не се удостоиле за оваа пофалба која Петар ја добил, зошто така не Го нарекувале по смислата која Светиот Дух ја открива.

-„И Јас ти велам дека ти си Петар и врз тој камен ќе ја изградам Мојата Црква и портите на пеколот нема да надвладеат наспроти неа.“

Господ тука го нарекува Петар „камен“ претставувајќи ја со тоа Неговата лична положба во Црквата, која ќе ја основа, и Петар навистина бил камен во темелот на оваа свештена зграда. На денот на Педесетницата Петар преку 3000 луѓе ги обратил во верата и тој прв ја проповедаше на незнабошците и Јудејците. Сеќавајќи се на ова назначување, кое Господ му го даде, тој ги нарекува вистинските христијани „живи камења“ утврдени на основата на каменот, Христос – Црквата. „Портите на пеколот“ е метафоричен израз која ја означува силата на царството на смртта. Со други зборови, целата непријателска сила, кога би се соединила против Христовата Црква, нема да ја надвладее, а за вистинитоста на ова пророштво на Спасителот многу јасно сведочи историјата на Црквата.

-„И ќе ти ги дадам клучевите на Царството небесно и што и да сврзеш на земјата, ќе се појави веќе сврзано на небото, и што и да разврзеш на земјата, ќе биде веќе разврзано на небото.“

Клучевите на царството- во Светото Писмо овој израз е симбол на доверба и сила. Бидејќи Петар бил орудие со кое за првпат беше отворена вратата на верата во светот, зошто тој прв Го проповедаше Христа на незнабошците и Јудејците, затоа и ја доби власта на клучевите. – Под врзување и разврзување се подразбира непростувањето и простувањето на гревовите и Петар првиот ја применил употребата на срзвувањето над Ананиј и Сапфира, а разврзувањето на болниот кој седел покрај црковната врата. Овие права ги имале и остатнатите ученици.

БЕСЕДА НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ ПЕТАР И ПАВЛЕ

На денешниот празник Свети Апостоли Петар и Павле треба да се поучиме на трпението зошто овие божји Апостоли наидувајќи на неопишливи тешкотии за време на својата апостолска работа, на разни омаловажувања и страдања за да ја сочуваат својата душа и да ја исполнат својата должност, се одликувале со трпеливост.

Големата важност на трпението насекаде е позната и затоа и филозофите ја препорачуваат, но филозофското трпение е погрешно, како што и филозофијата им е погрешна зошто доаѓа од ограничениот човечки ум. И навистина кој не знае за божјата мусрост и божјето трпение, како тогаш може да биде трпелив и мудар? Затоа сега ќе стане збор за трпението.

Трпението е општа доблест и на земјата и на небото, од каде и го има својот извор па затоа и ние треба да го љубиме и почитуваме она што е од Бога. Кога Господ е наш Отец и Бог тогаш и ние треба да се угледаме на Неговото татковско трпение зошто децата треба да се трудат да бидат достојни на Таткото.

Колку е големо божјото трпение се гледа не само кога во минатото луѓето се поклонувале на идоли, а Него Го презирале, вистинскиот Бог, туку и ние денес често со своето грешење Го навредуваме, но Он со Своето сонце ги осветлува и злобните и добрите и им дава дожд и на грешниците и на праведниците. Имајќи во својата власт казна за секоја навреда и нарушување на неговата света волја, Он ги чека грешниците со неограничено трпение дали еднаш ќе увидат и ќе го признаат злото кое го прават и ќе Му се обратат Нему, Кој е готов веднаш, со татковска радост, да ги прими, зошто вели: „Не ми е мило безбожникот да умре, туку да се врати од својот пат и да биде жив“ (Езек. 33, 11). Јасно е дека на Бога му е мило трпението и затоа Он нам ни го препорачува кога преку Апостолите вели: ”Сте чуле дека било речено: ‘Љуби го својот ближен и мрази го својот непријател’. А Јас ви велам: Љубете ги своите непријатели и молете се за оние, кои ве гонат; за да бидете синови на вашиот Татко, Кој е во небесата, Кој прави Неговото сонце да изгрева над злите и над добрите, и дава дожд на праведните и на неправедните. Зашто ако ги љубите оние, кои ве љубат вас, каква награда имате? Зарем и цариниците не го прават тоа исто? И ако ги поздравувате само своите браќа; што правите особено? Зарем не го прават истото и цариниците? И така, бидете совршени, како што е совршен вашиот небесен Татко.” (Мат. 5, 43-48). Спасителот ни кажува дека ќе бидеме синови Божји и совршени според примерот на Отецот, ако се угледаме на Неговото трпение. Но зарем има поголема слава од тоа да личиш на Бога? И зарем има поголема среќа од тоа да уживаш во пофалбите Божји и затоа велам зошто човекот не се угледа на Божјето трпение?

Но нашиот Спасител не учел само со зборови да бидеме трпеливи туку и со дела врз Себе покажал. Слегувајќи од небото за да ја врши Божјата волја, Он, покрај останатото, ни покажа пример на совршено трпение. Од понижна колевка во пештерата, до славното вознесение од Маслиновиот рид; зарем целиот Негов живот не е јасен пример на совршено трпение и кога го поставуваат трнливиот венец врз Неговата глава распнат на крст, Он се моли за оние кои го распнале велејќи:„Оче, прости им зошто не знаат што прават“. Но кога Спасителот претрпе толку понижувања и маченичка смрт на крстот заради нас и нашето спасение, зарем ние не треба да се угледаме на Него или пак како што евангелистот вели: „Зарем не треба да одиме онака како што Он одеше“ (1Јов. 2, 6). На крај, како во животот на светите патријарси и пророци, така и во животот на сите останати праведници, а особено на Апостолите, при секоја работа или при секоја среќа или несреќа наоѓаме непоколеблива постојаност во трпението. Зарем не е умесно да се угледаме на светите угодници кои со трпение се прославиле, а кои заради тоа се товарат себе и другите со несреќа како што и Адам направи немајќи трпение да чека и да размисли, туку на првиот повик од жената зеде од забранетиот плод и го фрли во недогледна несреќа себеси и целото потомство! Доколку Божјите Апостоли Петар и Павле немале трпение кон својата работа, навистина никогаш не би се нарекле Апостоли, а уште и врвни, ниту пак денес не би постоел денешниот празник посветен на нив, туку светот со одвратност ќе ја читаше нивната историја на нивното нетрпение. Секој од нас доаѓа на овој свет и го поздравува со плачење, зарем цел живот не страдаме и од потта на лицето не живееме, но што друго ни преостанува освен трпението и да не се малакса, па затоа и Спасителот ни вели: „Кој до крај претрпи, тој ќе биде спасен“ (Мат. 10, 22).

Верата, надежта, па и христијанската љубов, не можат да родат со плод без трпение. Христијанската љубов е врската на братството, таа е темел на мирот и основа на постојаноста и слогата, но ако и го одземете трпението, ќе ја видите без никаква сила или моќ. Божјиот Апостол вели: „Љубовта трпи долго и е малокрвна; љубовта не завидува; не се величи и не се гордее, не прави што не е добро, не го бара своето, не се лути, не мисли за злото…се поднесува, се верува, на се се надева, се трпи. Чија љубов кон ближниот ги нема овие својства, тој не се одликува со христијанска љубов, но како нашата љубов ќе биде украсена со овие својства, ако немаме трпение? Освен тоа, колкава е вредноста на човекот без трпение кога се раѓа немоќен и секој ден може да се разболи.Трпението е огромно богатство со кое се враќа се што ќе се загуби и со кое се купуваат многу нешта кои со пари не можат да се купат. Според трпението се разликуваат праведните од неправедните.

Заради тоа, запомнувајќи ги сите оние големи добра и богатства кои трпението ни ги донесува и сеќавајќи се како сите угодници и светители, според примерот на Бога, се одликувале со трпение, да внимаваме и да се трудиме и ние секогаш, насеаде и при секоја работа, да се одликуваме со доблест на трпение, на кое и нашиот народ му дава толку голема важност за да каже: трпение-спасение. Амин.

ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА СВЕТИ ПРОРОК ИЛИЈА

Лука зач. 14, гл. 4 ст. 22-30

-„Во она време сите Му посведочија и им се восхитуваа на благодатните зборови, што излегуваа од Неговата уста. И велеа: „Не е ли Овој Синот Јосифов?”

По кршетавњето во реката Јордан, демонот го искушуваше Господа, а потоа Господ дојде во градот Назарет и тука во Синагогата ја толкуваше книгата на пророкот Исаија така што сите се чудеа зошто мислеа дека навистина е син на Јосиф, а знаеја дека не учел никакво школо.

-„И им рече: „Секако ќе ми ја кажете пословицава: ‘Лекаре, излечи се сам!’ Направи и тука, во својот роден крај, сè што чувме дека си направил во Капернаум.”

Изреката: „лекаре, излечи се сам“ била позната кај Јудејците и тие намеравале при оваа прилика да ја употребат против Исус Христос, искушувајќи го, да видат што ќе одговори. Но Господ како Оној Кој се знае, разбра што тие сакаат и затоа истата изрека сам ја наведува посведочувајќи го со тоа своето божество, а од друга страна да им ја покаже причината заради која меѓу нив не може да прави чуда кој ги правел во Капернаум и на други места. Или, како што лекарот, според горната изрека, треба да ја покаже својата способност при болестите на своите блиски, така и Спасителот, како душевен лекар, треба во своето место да ја покаже моќта и силата на своето чудотворство за тоа да го видат и поверуваат неговите сонародници. Но тие не знаеле дека Господ правел чуда заради повторување на својата наука и кога овие луѓе ја одрекувале Неговата наука, тогаш и Он не можел да прави чуда меѓу нив (Мар. 6, 5).

-„Тогаш им рече: „Вистина ви велам, дека ниеден пророк не е примен во својата родина. Вистина ви велам – имаше многу вдовици во Израел, во времето на Илија, кога небото беше затворено три години и шест месеци и настана голема глад по целата земја; и при ниедна од нив не беше пратен Илија, а само при жената вдовица во Сидонската Сарепта.“

Правдајќи ја Господ својата работа, сега наведува друга изрека според која: никаков пророк не бил примен во својата родина, нешто кое за жал често се случува на сите позначајни луѓе. Така на пример пророкот Илија, страдајќи како и многуте други пророци, од злобниот цар Ахав и царицата Језавела, не бил почитуван и од своите сограѓани кои Језавела ги фрлила во амбисот на идолопоклонството. Бидејќи одредено време се хранел покрај Хоротовиот поток, тој по упатството божје, заминал од таму и нашол заштита кај една жена, сиромашна вдовица од друга вера и народност (1 Цар. 17, 8-24), но за тоа небото го казнило расипаниот цар со неговиот народ со тоа што траела голема суша три ипол години и народот бил измачен од голем глад. Сиронска Сарепта е град меѓу Тир и Сидон, покрај морето. Денеска се вика Серафенд.

-„Исто имаше многу лепрозни во Израел во времето на пророкот Елисеј, но ниеден од нив не беше очистен освен Сириецот Нааман.”

Како што пророкот Илија бил презрен во својата татковина и нашол скривалиште при еден туѓинец, така и Елисеј излечил туѓинец Нааман, лепрозен војвода на сирискиот цар, така и Спасителот, презрен во својот град, ќе прави чуда и секакво добро во туѓина. Пророкот Елисеј го исцелил овој туѓинец затоа што тој му верувал на неговите зборови а со тоа пророкот ги научил Јудејците дека Бог, ако не веруваат во Него, ќе ги остави и ќе благословува други народи, а тие ќе останат и ќе умрат во своите гревови. И навистина, кога Јудејците го отфрлија Месијата, тогаш и го слушнаа судот врз нив: домот ваш ви останува пуст, па и Апосотол Павле им вели: јас се обраќам кон незнабошците. И така Јудејците, кој некогаш биле избраниот народ, сега заради нивната упорност и неверување и скитање по земјата и по туѓини насекаде како презрени и немили гости.

-„А кога го чуја тоа, сите во синагогата се наполнија со гнев“

Гневот и лутењето обично се засолниште на фанатизмот и оружје на непријателите на вистината. Јудејците се налутиле што Христос им ја навредил народната чест спомнувајќи некои настани од животот на пророкот Илија и Елисеј и тоа што им го кажал дека ќе бидат лишени од предимството кое ќе им се даде на незнабошците.  

-„И станаа, и Го истераа од градот, и Го одведоа до стрмнината, на која беше соѕидан нивниот град, за да Го фрлат долу. Но Тој помина меѓу нив и си отиде.“

Граѓаните на Назарет налутени од Христовата беседа, Го истерале и сакале да Го фрлат од ридот на кој Назарет се наоѓал. Но злобните и расипани Назареќани не го извршиле својот план зошто само еден поглед и едно движење на Спасителот бил доволен да ги онеспособи и умртви, нешто што евангелистот Лука многу добро ни го претставува и ни кажува дека Он поминал меѓу нив и си отишол. Тука обрнуваме внимание и на тоа дека лошиот човек ретко е храбар зошто хранроста е доблест која се заснова врз морални начела, а од нив многу далеку биле сите Јудејци, а особено жителите на Назарет.

БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ СВЕТИ ИЛИЈА

На денешниот празник Свети Илија мислев на неговиот живот и за животот на неговиот народ во она време, па ми се причини дека е потребно денеска да зборуваме за љубовта кон верата во вистинскиот Бог. Во времето на пророкот Илија, Јудејскиот народ паднал во идолопоклонство и Го заборавил правиот и вистински Бог Кој им направил многу добра и Кој ги избавил од египетското ропство и ги однел во ветената земја. Тогашниот цар Ахав го потпомагал идолопоклонството, а божјите пророци ги мачел и убивал, така и пророкот Илија во тоа време многу страдал зошто тој јавно го напаѓал идолопоклонството и јавно го изобличувал народот кој не само што станал студен кон вистинската вера, туку паднал во идолопоклонство. Но многу малку луѓе го слушале Свети Илија и затоа народот го снајде многу зла и несреќи, како и триипол годишна суша и ужасна долговремена глад, се додека повторно не дојде пророкот Илија да го избави од злото и несреќата и да го врати Јудејскиот народ во верата во вистинскиот Бог.

Да се запрашаме и ние дали и ние сме станале студени кон нашата спасоносна вера? Дали и ние во многу заборавивме на нашиот Бог Отец и добротвор кој не избави од долгото и мачно ропство и ни даде ослободување од него. Во последно време сме се повеќе студени кон Светата Црква, но никој не треба да се лаже со погрешна наука и со лажно изобразување да се занесува. Зошто само оние луѓе кои површно судат за работите околу овој свет, само оние кои не ги разбираат ниту основните закони според кои живеат и се унапредуваат народите, само таквите луѓе може да бидат студени и немарни кон последиците кои ги очекува секој народ кој е студен кон христијанската вера. Само оние луѓе кои не ја знаат историјата не веруваат дека од ладнокрвност и немарност кон верата доаѓа и неверувањето, а со тоа и одрекувањето од секое духовно и морално начело, а после тоа и пропаста е неизбежна!

Но, ние не се плашиме за опстанокот на Христовата вера во овој свет. Сигурниот живот на вечните вистини и нивната бесмртна власт над човекот и човечките општества воопшто не зависи од случајните настани во времениот свет, а уште помалку од човечките заблуди. Бог е основач на нашата вера и Он рече дека ниту вратата на пеколот нема да и одолее, затоа и тврдам дека кога легионите на вселената на римското царство со оштрицата на мечот и неопишливите направи за мачење не можеа на христијанството да му застанат на пат, туку и самите му се поклонија, тогаш зошто да се плашиме за опстанокот на светата Исусова вера? Но, кога во човечката совест му потемни светлината на верата и кога во неговото срце почнуваат да исчезнуваат вероисповедните чувства, кога Бог се оддалечува од луѓето, тогаш народите горко и тешко го завршуваат своето постоење на светската сцена! Оваа вистина ни ја посведочува мошне јасно историјата на сите народи кои исчезнаа. И тие прво се оладиле кон верата, потоа паднале во неверие, потоа ги презреле сите духовни и морални вистини и на крај пропаднале. Моралните врски кои општеството и народот ги држат во целина, се кинат кога ќе почне да исчезнува моралната сила и потоа страстите се појавуваат, како и животинските нагони со сите лаги и измами, неискреноста и небратољубието ја кинат секоја врска и ја уриваат секоја основа заради кои повторно доаѓа праведна осуда од небото и тогаш општеството стои на прагот на својата пропаст. При таква несреќа залудно ќе се мачат и борат управителите на својот народ да му помогнат. Недостатокот на вера и побожност не може со ништо да се потполни, ниту со закони, казни, војска, наука. Каде во општеството се занемари верата и побожноста, таму спасот е само во оној ден кога таквото општество ќе се покае и со тоа ќе се покаже достојно за да ја прими верата повторно.

Овие зборови не се измислици, ниту фантастични опасности. Сето ова го потврдува историјата како непроменлив историски закон. Кој сериозно погледне во нашето современо општество сигурно ќе ги забележи знаците на оваа страшна болест која доаѓа од немарноста кон светата вера и црква.  Таа болест ги унижува нашите високи идеали, ги ослабува чесните карактери, ги прифаќа вините и престапите. Законодавецот, со разни закони се труди да го спаси нашето општество од понатамошна несреќа и зло, но до кога?

Против овој непријател кој смело и дрско се приближува, треба Христовата црква да се бори, се разбира не со војна против науката и цивилизацијата, вештините и вистината, туку тие да ги украсуваме со христијанска вера и така да докажеме дека само таа вера е вечна и вистинска и најсигурен водач на човекот во секое време и при секоја политичка состојба. Но Црквата не се ѕидовите, туку луѓето христијани кои се крстат и веруваат во Христа. Како Црквата ќе војува против опасниот непријател на општеството и народот, кога војниците се во самите редови на непријателската војска управувајќи го оружјето против самите себе и против своите? Потребно е свештениците и нивните претставници да ги известат војниците на Христовата Црква, но исто така е потребно војниците да го сакаат знамето и водачот кон слободата, како што правеле старите.

Потребно е и народот подобро и повредно да се потруди во спремањето на оние свои синови кои ги подготвува за служители на олтарот божји. Потребно е и во училиштата искрено и точно да се изучува христијанската наука, бидејќи кога нешто не познаваме, како ќе го сакаме. Потребно е родителите да обрнат поголема грижа во верското воспитување на своите деца и кога сите вака сложно ќе работиме, тогаш во нашето општество нема да има луѓе кои се студени кон верата и немарни кон Црквата, тогаш нема да не снаоѓаат неволји и беди кои се појавиле заради отстапувањето на Јудејците од Бога и во времето на пророкот Илија. И тогаш громовникот Илија нема гневно да грми над нашата земја, туку звукот на неговата кола и громовите за нас ќе бидат труба на пророчка благовест и љубов,небесна милост и божји благослов.

О, Господи Исусе Христе, Спасителе наш, кој заради нас луѓето се овоплоти, слушни ги нашите молитви и исполни ги нашите желби од срцето одушевувајќи не со љубов кон Твојата Света Црква во која сакаме да го славиме Твоето пресвето име во век и векови. Амин.

ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ПРАЗНИКОТ ОТСЕКУВАЊЕ НА ГЛАВАТА НА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ

Мар. Зач. 24, гл. 6. ст. 14-30

Денешното Евангелие зборува за тоа како Ирод го погубил Св. Јован Крстител. За истиот настан пишуваат и евангелистите Матеј, 14, 1-11 и Лука 9, 7-9.

-„Во она време царот Ирод чу за Исуса, зашто Неговото име беше прочуено, и зборуваше: „Јован Крстител стана од мртвите и затоа дејствуваат силите во него!” Други пак велеа, дека е Илија; а други велеа дека е пророк, или како еден од пророците.“

Тука станува збор за Ирод тетрарх, кој исто така се викал и Антипа.По татковиот тестамент тој Ирод станал тетрарх на Галилеја и Переја и бил оженет со ќерката на арапскиот цар Арета.

-„Но кога Ирод чу, рече: „Јован, кому јас му ја отсеков главата, тој стана од мртвите.” Имено, Ирод испрати и го фати Јована и го врза во темницата, заради Иродијада, жената на брата му Филипа, бидејќи се ожени со неа, зашто Јован му велеше на Ирода: „Не ти е дозволено да ја имаш жената на брата си.”

Гостејќи се во една прилика кај својот брат Филип, Ирод Антипа се загледал во својата снаа Иродијада, а исто така и таа во него и така ја зел уште додека брат му бил жив, како и додека неговата жена била жива, која веднаш отишла кај својот татко Арета штом слушнала за овој настан. И Св. Јован го изобличувал Ирод за оваа постапка и заради тоа го затворил и погубил.

-„А Иродијада беше озлобена на него и сакаше да го убие, но не можеше.

Иродијада го мразела Јована затоа што поради неа го изобличувал Ирода и се плашела дека поради тоа Ирод ќе ја отпушти. Слугата Божји го мразат заради тоа што ја говори вистината и правдата, но тој не се плаши од нив, кои само телото можат да му го убијат. Го мразеа Јудејците и Спасителот и сите грешници ги мразат праведниците, зошто делата им се праведни.

-„Зашто Ирод се плашеше од Јована, знаејќи дека е човек праведен и свет, и го пазеше; и кога го слушаше, се збунуваше многу, но сепак го слушаше со задоволство.

Ирод Антипа, иако бил верен на светот и неговите суети, сепак го почитувал Свети Јован поради неговиот свет живот и неговите совети ги служал и токму поради тоа Иродијада го мразела зошто не го одобрувал нејзиниот живот со Ирод. Слабоста на Ирод кон Иродијада му ја одзела слободата на правилното мислење и судење, а овој случај може да ни послужи како еден доказ повеќе дека наклоноста кон деморализацијата ги влече кон пропаст и смрт и оние кои се добро расположени кон вистината.

-„И кога дојде погоден ден, кога Ирод на својот роденден, им даде вечера на своите кнезови, на војводите и на галилејските прваци“

Ова бил мошне погоден ден за извршување на грозната и грешна намера на Иродијада.

-„Влезе Иродијадината ќерка и поигра и им угоди на Ирода и на прилегнатите со него, и царот и рече на девојката: „Побарај од мене што сакаш и ќе ти дадам. И и, се заколна: „Што и да побараш од мене, ќе ти дадам – до половина на моето царство.”

Ќерката на Иродијада со игра го забавувала Ирода и гостите, но тој начин на забава го сакале само Римјаните, а Јудејците го мразеле и го презирале. За таа услуга Ирод ветил и половина царство и тоа било преголемо ветување од човек кој имал само една тетрархија. Но Ирод бил прочуен и по својата расипаност и затоа ветувал и она што нема и затоа и умрел како бездомник.

-„А таа излезе и и рече на мајка си: „Што да побарам?” А таа рече: „Главата на Јована Крстител. И веднаш, откако влезе брзо кај царот, побара, велејќи: „Сакам да ми ја дадеш, сега веднаш, на послужавник главата на Јована Крстител.”

Ќерката на Иродијада, која се викала Саломија, добила од својата мајка упатство веднаш да бара од Ирод да го исполни ветувањето зошто се плашела дека ќе се предомисли кога ќе слушне што бара девојката. Саломија била ќерка на Иродијада и Филип.

-„И царот многу се натажи, но заради заклетвата и оние што седеа со него, не сакаше да ја одбие. И царот веднаш испрати стражар и му нареди да ја донесе неговата глава. И тој отиде, му ја отсече главата во темницата, и ја донесе неговата глава на послужавник и и ја даде на девојката, а девојката ја даде на мајка си.“

Разбирајќи ја положбата во која се нашол заради неочекуваното и големо барање на девојката, Ирод многу се загрижил и сосема праведно зошто не само што го почитувал Јована како праведен, туку и се плашел од народот кој Јована многу го уважувал како пророк.Еден престап бил причина за друг, и непромисленото ветување го предизвика неправедното убиство на светителот. И така се се случило според зборовите на апостолот Јаков кој вели: „зачнатата сласт раѓа грев, а сторениот грев раѓа смрт“.

-„А кога неговите ученици чуја, дојдоа и го зедоа неговото тело и го положија во гроб.“

Кога учениците на Свети Јован слушнале дека учителот им е погубен, тие дошле и го погребале. Од овој жален настан заклучуваме прво: дека заради развеселеност на човечкото срце може и една жена, една девојка, да предизвика толку неправедна смрт; второ: дека лошите и расипаните друштва создаваат незаконски желби, ветувања и дела; трето: дека страста на осветата предизвикува смрт; четврто: дека совеста иако заглушена не задоцнува да го укори и мачи престапникот додека е жив; и пето: дека христијанинот е должен до смрт да биде верен на Бога осудувајќи го секој грев.

-„И апостолите се собраа при Исуса и Го известија за сè што направиле и што поучувале.“

Веднаш по смртта на Свети Јован, некои Христови апостоли се вратиле од пат и го известиле за својата проповедничка работа меѓу народот и за успехот, а потоа Спасителот, откако слушнал за смртта на Свети Јован, заминал од Капернаум каде тогаш се наоѓал, преку Генисаретското езеро отишол во витсаидската пустина.

БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ ОТСЕКУВАЊЕ НА ГЛАВАТА НА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ

На денешниот ден Ирод Антипа, старешината на Галилеја, насилнички и неправедно го погубува Свети Јован Крстител! Ирод незаконски живеел со Иродијада, жената на својот брат Филип и Јован го прекорувал за тој грев, а Иродијада сакала да го убие, но Ирод не давал, туку наредил да го фрлат во темница. Кога еднаш Ирод го славел својот роденден, ќерката на Иродијада толку го задоволила со својот танц што тој и ветил се што ќе посака до пола од неговото царство, а таа, по наговор на нејзината мајка, ја побарала главата на Свети Јован, а Ирод, иако малку се збунил кога слушнал што таа девојка бара, сепак во веселбата со своите великани, заборавил на Бога и правдата, го презрел законот и божјиот светител и нареди на Свети Јован да му ја отсечат главата и да ја предадат на девојката. Ако Ирод живееше и работеше според законот, немаше незаконски да ја земе жената од својот брат, ниту против правдата и законот немаше да дава лекомислени ветувања, ниту толку би се заборавал да наредува и она што совеста не би му одобрила. Но Ирод, како и неговиот татко и браќата, малку внимавал на законот и правдата, малку се осврнувал што е мило на Бога, туку ги задоволувал сопствените страсти и затоа бил исфрлен од власта и умрел во прогон. Ете до што може незаконскиот живот да го доведе човака и затоа ќе говориме за потребите и важноста на животот и работата според законите.

Верувајќи и исповедувајќи ја боженствената наука на нашата мајка Света Црква, ние сме должни да живееме според таа наука за со својот живот да Го прославуваме Бога и нашиот Отец (Мат. 5, 16). Нашиот живот треба да е согласен со вистините на верата, а вистините на верата треба да управуваат со нашиот живот и да го осветлуваат. Верата без добри дела е мртва, но и добрите дела без вера се мртви и затоа е потребно и правилно да веруваме и да правиме добри дела и да се одликуваме со доблести. Светата Црква строго бара од нас да ги исполнуваме нејзините свети заповеди зошто таа е царството божје на земјата, која има своја одредена цел. На земјата нема народ кој не е должен строго да се покорува на законите. И Господ Исус Христос , кога го основа своето царство на земјата, Он го утврди врз закони заповедувајќи им на сите најточно да ги исполнуваат (Лука, 10, 9). Блажените Апостоли кои биле првите граѓани на Христовото царство, точно ја исполнувале волјата на својот законодавец и никогаш не нарушиле ниту една заповед. Како што Спасителот живеел за време на својот живот на земјата, така и тие живееле; што Он сакал и тие сакале и затоа ниту тагата, ниту гонењата, ниту мачењата не биле во состојба да ги одвојат од Христа и од Црквата.

Ширејќи го Христовото царство на земјата, Апостолите го следеле примерот на Господ Спасителот, примајќи ја управата над тоа царство, тие добиле и право на законодавство под раководство на Светиот Дух. Кој не сакал да ги служи нивните закони и да се покае и поправи, него го оддалечувале од црквата и друштвото со верните, така да истото право го имаат и денес нивните наследници во црквата, како што и сите нивни закони ја имаат истата важност и сила која ја имале и за време на нивниот живот. Според тоа секој христијанин е должен точно да се покорува на црковните заповеди, како на волја Христова, кој им рече на Апостолите: „Кој вас ве слуша, Мене ме слуша и кој од вас ќе се одрече, од Мене се одрекува; а кој се одрекува од Мене се одрекува од Оној Кој Ме испрати“.

Светата Христова Црква, примајќи не преку тајната Крштевање за свои членови, таа не обврзува до смрт да останеме верни на нејзината наука и Светите заповеди. За оваа обврска полагаат заклетва возрасните кои се крштеваат, а за малите деца се заколнуваат нивните кумови кои со тоа примаат на себе должност своите духовни синови да ги обучат според црковните заповеди и одговорност кога нема да се грижат тие заповеди да ги исполнуваат. Првиот договор меѓу Бог и човекот имал за цел да се продолжи човековото блаженство и да се усоврши неговата состојба според мерките на моралното усовршување и достигнување на вечен живот. Нашиот Господ Исус Христос, поправајќи го првиот завет кој човекот го прекрши, ја воспостави Својата Црква со нов завет, но со иста цел. За луѓето што полесно да дојдат до определување, Господ им го покажал и патот на спасението, а таа должност ја продолжува Светата Црква. Во името на Спасителот таа на верниците им ветува небесни богатства и им ги покажува христијанските доблести како сретства со помош на кои може да се постигне вечно спасение. Но, за да го заслужиме тоа спасение, потребно е да се покоруваме на волјата на Светата Црква; потребно е да се одречеме од оние грешни мисли кои ни ги наметнува гордоста на умот и да се одречеме од оние грешни мисли кои ни ги поттикнува расипаноста на срцето. Ако сето тоа го правеле Ирод и Иродијада, тие немаше да кренат крвничка рака врз најголемиот божји угодник Свети Јован и немаше да паднат во тежок грев отсекувајќи му ја главата на Предвесникот и Крстителот Господов! Кој живее по црковните заповеди, тој напредува од добро кон подобро, зошто црковните заповеди според нивната духовна важност сочинуваат скалило кое човекот го водат од земјата кон небото. На кого во мачни или среќни денови од животот му треба совет и упатства, тој треба од црквата да ги бара зошто патиштата надвор од црквата не водат кон среќа и блаженство. Црквата е онаа милосрдна мајка која за секого има љубов во изобилство, но на кого Црквата не е мајка, на тој Бог не му е Татко.

Заради тоа да не се оддалечуваме од неа зошто нема ништо посилно од неа. Човечката надеж од денот на раѓањето па се до гробот, па дури и потоа, само со помош на Црквата, е во состојба човекот да му вдахне дух на храброст и енергија кон се што создава среќа на земјата и води кон блаженството на небото. Црквата непрестајно се моли на Бога, како за простување на гревовите, така и за спасение на своите верни членови и затоа се прашуваме како е можно на толку многу добродетелства човекот да се покажува неблагодарен кон Црквата непочитувајќи ги нејзините божји заповеди? Сеќавајќи се на тешкиот престап и големиот грев кој на денешен ден го направи Ирод пресекувајќи му ја главата на Свети Јован кој го укоруваше да се покори на божјите заповеди, да се погрижиме да не станеме следбеници на злобниот Ирод, туку да бидеме следбеници на Свети Јован и светите Апостоли кои исполнувајќи ги божјите заповеди се удостоија со вечно спасение во рајот со небесниот законодавец Христос Спасителот на Кого нека е чест и слава, сега и секогаш и во век и векови. Амин.

header-monastvo13

СВЕТА ВИСТИНСКА ПРАВОСЛАВНА ПАТРИЈАРШИЈА НА МАКЕДОНИЈА, НОРВЕШКА, СКАНДИНАВИЈА, ПАЛЕСТИНА И ЦЕЛ СВЕТ

GRBNACRKVATA

Makedonska Vistinska Pravoslavna Crkva

Post Box 6678, Rodelokka, 0502

Oslo, Norway

 

 

This entry was posted in Толкувања и Беседи. Bookmark the permalink.

Comments are closed.