БЕСЕДА ВО НЕДЕЛАТА НА ПЕДЕСЕТНИЦАТА – СИМНУВАЊЕТО НА СВЕТИОТ ДУХ

СВЕТА ТОРИЦА – ДУХОВИ
Било каде и да погледнеме и на било што да обрнеме внимание, насекаде го забележуваме Божјиот прст на семоќта. Ако погледнеме во небото и со внимание гледаме во оние големи и безбројни светлосни тела кои како да пливаат по оние безгранични предели, па се запрашаме како сонцето, месечината и останатите планети во сите векови од нивното создавање па до денес се движат како една бездушна машина под раката на вештакот и како во своето движење никогаш не погрешат – ние на тоа се чудиме и се воодушевуваме и покрај сета наука и мудрост, ние во тоа јасно го гледаме прстот Божји на семоќта.
Но ако од тој непознат свет се симнеме на нашата позната планета земја, зарем смееме да се запрашаме во кое село или градче живее оној кој управува со ветриштата? Зарем можеме да го најдеме оној брат кој плови по безграничните бранови морски? Зарем постои рудник кој управува со сите оние промени на разни метали и руди во средината на земјата? Зарем и тука на земјата не го гледаме прстот Божји на семоќта во се што се случува?
Но мене ми се чини дека прстот на семоќниот Бог најјасно го гледаме во ширењето и утврдувањето на христијанската вера во светот. Христијанството е спротивно на идолопоклонството, спротивно е на старите филозофски идеи и системи и сосема е спротивно на моралната расипаност која во тоа време ја покривала целата земја. Затоа и против светата христијанска вера се крена целото римско царство и сите негови легиони кои ги покорувале сите народи, а со нив заедно станаа и сите јудејски синагоги, сите јудејски свештеници и сите идолопоклонички жреци, како и сите нивни филозофи; со еден збор, против христијанството се кренаа сите сили во целиот свет! Но нашата света вера, против сите овие сили, имала само 12 луѓе и тоа рибари и неписмени, сиромашни и слаби, наоружани со презрениот дрвен крст! И покрај сето тоа и за многу кратко време и силните римски легиони, јудејските фарисеи, моќните филозофи идолопоклонски, паднаа пред презрениот крст, му се поклонија и во негова одбрана ги ставија својот имот и живот! И зарем во ова чудесно дело, секој човек јасно не го гледа прстот Божји на семоќта?
Вистината во овие зборови е потврдена не само од историјата на христијанската вера и нејзиното ширење по целиот свет, туку и светската историја. Во овој дел јас гледам чудо и затоа одбрав на денешен ден, на денот на Светата Троица, кога целата христијанска Црква свечено го слави не само симнувањето на Светиот Дух врз светите Апостоли, туку, така да кажеме, денот на своето раѓање и почеток, да ви говорам за тоа како при ширењето на христијанството јасно се гледа семоќниот прст на семоќниот Бог.
Токму кога човештвото ги пиело последните отровни остатоци од смртта, тешко стенкајќи под товарот на грубото и срамно многубоштво, Господ Спасителот ја отвори небесната завеса и од висините на својата божествена слава ја поклонил својата глава за со нас заедно ја испие горката чаша на гревот и се симна од небото на земјата да и нас од земјата не искачи на небото. Господ Спасителот се симна од небото за со Својата божествена наука, со својот живот и страдање да го обнови светот исполнет со гревови и расипаност, да го препороди и така човекот да го направи достоен жител не само на земјата, туку и на небото. Откако прво го сотре идолопоклонството и ги тргна сите зла и грубости, сите валканици не само од жртвениците и храмовите, туку и од срцата на луѓето, ја изнесе науката за доблестите кое до тогаш биле непознати и сосема спротивни на она што во тоа време се признавало. Он учел за сиромаштвото и смиреноста, за благоста и човекољубието, за милоста и љубовта кон непријателите, за простување на навредите и за пожртвувањето, за верата, надежта и љубовта која ја поставил како темел и основа на целото верување и работа во христијанството.
Спасувајќи го светот кој веќе почнал да се дави во страсниот живот, расипаноста и гордоста, Спаителот употребува средства сосема спротивни на болеста. Затоа Он, Бог, постанува човек, ги зема на себе гревовите на светот и исмејуван и осрамотен, со венец од трња на главата, со трска во раката, исплукан и тепан, исмејуван како Јудејски цар, на крај како роб распнат на крст меѓу разбојници! И издивна Спасот на човештвото на крстот и беше погребен, а непријателите веќе мислеле дека Неговото тело е погребано! Но ете како тие се прелажаа! Спасителот ги раскина прангите на смртта и воскресна славно, се вознесе на небото за и нам да ни го отвори патот за царството небесно, а потоа на своите ученици да им Го испрати пресветиот Дух Кој ќе ги просвети во секоја вистина и ќе ги утврди во секое дело со кои луѓето ќе ги обратат кон вистинската вера, Христос Спасителот.
Но, кои биле учениците на Спасителот? Прости рибари и обични луѓе. Тие требало да ги учат мудреците, да ги урнат киповите на идолопоклоничките богови, да ги искршат царските скиптрови и морално да го препородат целото човештво! Апостолите, луѓе сиромашни и слаби рибари, станаа препородувачи на сите народи! А какви упатства за таа идна огромна работа им дава небесниот учител? Ете што кажува светото Евангелие:„Овие дванаесет ги испрати Исус и им заповеда велејќи…одете и проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно. Болните исцелете ги, лепрозните очистете ги, мртвите воскреснувајте ги, демоните изгонувајте ги. Бесплатно добивте, бесплатно и давајте. Немојте да носите злато, ниту сребро, ниту бакара во своите кеси. Ниту торби на пат, ниту две облеки, ниту обувки, ниту стап; зошто работникот ја заслужува својата прехрана….Ете јас ве испраќам како овце меѓу волци…чувајте се, зошто ќе ве предаваат на судовите, ќе ве бичуваат во своите синагоги. Ќе ве изведуваат пред управителите и царевите заради Мене, за сведоштво на нив и на незнабошците…А кога ќе ве предадат, не грижете се што ќе зборувате…“ (Матеј, 10, 7-20). Вакви упатства дава победителот на целиот свет на својата силна и непобедлива војска – дванаесетмина Свои ученици, и во исто време им претскажува и прогони, кои ќе ги претрпат, а тоа го прави за да ги охрабри! И навистина нивната задача е извонредна, а војниците се чудесни! Против нив ќе излезат идолопоклонички свештеници со сите видови на оружја; кнезови и цареви со целата војска на политичките сили и на крај целиот расипан стар свет. И нив ќе ги покријат со камења, ќе ги распнуваат на крст, ќе ги фрлаат пред диви ѕверови и најгрозно ќе ги мачат!
Сепак, оние дванаесет неуки, сиромашни и слаби рибари после денешниот празник Света троица, кога Светиот Дух се симнал врз нив, почнуваат да ја остваруваат својата голема задача во првиот ден и при првата проповед во Ерусалим кога околу 8000 души ја примаат христијанската вера и за кратко време тие им проповедаат на сите, крштеваат мнгумина, подигаат цркви насекаде по Јудеја, Самарија, Феникија, Кипар и Антиохија! Со тоа нивниот семоќен глас се слуша и нивните ученици се множат насекаде во тогашниот познат свет. Евангелистот Јован проповедува Евангелие и основа цркви во Азија; Тома во Индија; Андреј во Тракија, Ахаија и денешна Русија; Вартоломеј во Ерменија; Матеј во Етиопија; Јаков во Шпанија; Јуда, братот Јаковов, во Египет; Петар во Месопотамија и со Павле заедно во Италија; Павле уште и во Грција! Пред кратко време, сиромашните и непознати рибари, жители на некое ерусалимско предградие, сега стануваат господари на светот и пишуваат писма на цели народи: Римјани, Евреи, Галатјани, Ефесци, Колосјани, Филипјани, Солунјани и Коринтјани. И веќе се појавуваат Апостолски ученици: Јустин, Ерма и Иринеј пишуваат „дека целата Франција, Шпанија, Германија, Англија, Африка и целиот исток е полн со христијани. Идолопоклоничките кнезови и цареви веќе отворено знаат дека нивните советници се најверни служители и телохранители и тајни христијани. И во ова време, во овој голем и светол триумф на нашата света вера, кој јасно не гледа доказ на нејзината божественост!Кој во целосната победа на нашата вера не го гледа семоќниот прст на семоќниот Бог!
Нашата света вера победи цели легиони и силни цареви, а имаше грозни како Нерон, Максимилијан, Диоклецијан, Андријан, Трајан и други тирани чии имиња се запишани со црни букви во историјата на светот. И на крај, копјата на тие тирани се скршија пред божјата светиња, пред Чесниот крст на небесното христијанство!
Ваква е нашата вера! И сега кој од нас не чувствува особена љубов кон таа светиња која толку е божествена? Кој од нас не чувствува желба целиот свој живот да го жртвува за вера која со целата своја историја од почетокот до денес не уверува дека е дело на семоќниот Бог! Затоа да бидеме топло и искрено верни на нашата света вера, да ги исполнуваме нејзините свети заповеди и да ги слушаме нејзините евангелски поуки, од ништо да не се плашиме ниту во овој земен живот, ниту во идниот зад гробот зошто Светото Писмо вели дека верата наша е онаа која го победила светот. Амин.
ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО ВО ВТОР ДЕН ДУХОВИ – СВЕТА ТОРИЦА
Матеј, зач. 85, гл. 18 ст. 10-20
Со науката на денешното Евангелие Господ не учи да се трудиме и за спасението на другите, без разлика колку тие се сиромашни и презрени. За овој свет труд Спасителот се става себеси како пример и кога добро ги разгледаме Неговите свети заповеди, ќе видиме дека кога ќе каже: „никој нема да влезе во Царството небесно, ако не биде како мало дете“, тогаш ни заповеда добро да се чуваме од секое лукавство, лага и измама. Кога повторно на друго место вели: „разни соблазни по потреба ќе се појавуваат“, тогаш не учи секој да се грижи да не биде причина за соблазна за другите, никого да не лаже и измамува, зошто понатаму вели: „тешко на оној со кого се соблазните“.
-„Господ рече: гледајте да не презрете еден од овие мали, зошто ви велам дека ангелите нивни на небесата еднакво Го гледаат лицето на Мојот Отец Кој е на небесата.“
Внимавајте и чувајте се да не презрете ниту еден од оние кои се неуки, сиромашни или непознати, но кои Господ ги избрал зошто нивно е Царството небесно бидејќи тие се одликуваат со доблести. И навистина врз таква основа е создадена Божјата црква „зошто нема тука многу мудри по човечко сфаќање, нема многу силни, ниту многу од благороден род, туку Бог го избра она што е безумно пред светот, за да ги посрами мудрите, што е слабо пред светот, Бог го избра, за да ги посрами силните, и што е неблагородно и што е презрено во светот – и она што се смета за ништо – Бог го избра за да го уништи она што е нешто за да не може ниедно тело да се пофали пред Бога“. Но овие мали често пати страдале од злите луѓе, па бил презрен и Самиот Спасител, а Неговите Апостоли и ученици, како и сите побожни, биле презрени од непобожните, но нив Бог ги прославува на разни начини заповедувајќи им и на Ангелите да ги штитат и да ги застапуваат и да им служат. Од последните зборови на горниот цитат се уверуваме и за вистинитоста на христијанската наука за ангелите чувари, што и нашиот народ исповеда кога вели:„дека на десното рамо на човекот стои ангел да го чува од зло и да го упатува кон доброто“.
-„Зошто Синот човечки дојде да го спаси она што е изгубено“.
Со овие зборови Спасителот кажува дека и Самиот дошол, т.е. дека се овоплотил за да ги земе сите понижувања и мачења единствено заради спасение на изгубените и кога Он толку многу за нив се грижи, тогаш како ние нив да ги презреме? Ова особено се однесува на проповедниците на Евангелието, кои сите, а особено изгубените, треба да ги сакаат како браќа и со сите сили да се трудат за нивното спасение.
-„Како ви се гледа? Ако некој човек има сто овци, и едната од нив залута, нема ли да ги остави деведесет и девете по планините и да појде да ја бара залутаната? И ако се случи да ја најде, вистина ви велам дека тој се радува за неа повеќе од деведесет и девете што не залутале. Таква е и волјата на вашиот Отец, Кој е во небесата, да не загине едно од овие маливе“.
Спасителот ни претставува голема татковска љубов и кон најмалите Христови следбеници. Со тоа ни ја покажува и големата радост која се појавува кога тие се спасуваат од пропаста и тагата кога остануваат при грешењето и смртта. Оваа радост Спасителот ја споредува со добар пастир кој има нежно срце, кој после долго барање, многу труд и опасности, на крај ги наоѓа и спасува изгубените. – Пастирот тука е Исус Христос, а изгубената овца е целиот човечки род, а оние деведесет и девет што не се изгубиле се Ангелите. Значи Ангелите се деведесет и девет пати повеќе од луѓето, т.е. помногубројни од луѓето. Оваа божја љубов кон човекот, Христос јасно ја искажува кога вели; „На Бога толку му омиле светот што (заради неговото спасение) Го даде и Својот единороден Син да секој кој верува во Него не погине, туку да наследи вечен живот“.
-„Ако згреши братот твој против тебе, оди и укори го насамо, меѓу тебе и него; ако те послуша, си го придобил брата си.“
Откако Спасителот го изрече Својот строг суд над оние кои се причина за скандали, сега ги поучува оние кои се навредени, што треба тие да прават. Прашањето за скандалот-соблазната-Господ ни го претставува во два вида: 1) кога некој погреши против другиот, и 2) кога нашиот брат погреши против нас. Во првиот случај секој е должен да ја избегнува причината за соблазна, а во вториот ние треба да сме снисходливи пред оние кои не навредиле и да не престануваме да ги љубиме, но ако тие и тогаш не се поправат, тогаш сме должни да прибегнуваме кон црквата. Но, во секој случај треба да се изобличи грешникот за на тој начин да се даде можност за објаснување и договор. – Во горниот текст, под зборот брат се подразбира христијанин, зошто сите кои веруваат во Христа се нарекуваат браќа.
-„Но ако не послуша, земи со себе уште еден или двајца и од устата на двајца или тројца сведоци да се потврди секој збор. А ако не ги послуша нив, кажи и на црквата, па ако не ја послуша ни црквата, нека ти биде како народите и како цариникот.“
Бидејќи при секоја расправа и омраза и навредениот е во нешто виновен, заради тоа, но и заради христијанската љубов и братољубието, Спасителот и со утврден закон бара измирување со оној кој го навредил, па вели:„ земи со себе уште еден или двајца“ за оној што те навредил, заради вишок на сведоци, не се навреди и со тоа уште повеќе се осрамоти, па заради тоа може да стане уште полош. Под зборот црква тука се подразбираат црковните старешини, како и соборот на верниците во Христа Спасителот кој има право да суди недоразбирања меѓу поединци. Цариници се нарекувале сите незнабошци, воопшто секој расипан и грешен човек. Со други зборови: ако оној кој те навредил и покрај сите твои завземања околу смирувањето, не го послуша ниту гласот на црквата, не го сметај за брат и нека се огласи за недостоен на секое вероисповедно единство со верниците. Врз основа на ова, нашиот народ вели: „Кој луѓето не ги слуша, тој не е човек“.
-„Вистина ви велам, што и да сврзете на земјата, ќе се појави веќе сврзано на небото, и што и да разврзете на земјата ќе биде веќе разврзано на небото“.
Откако Спасителот кажа навредениот на крај да се обрати на црквата, т.е. свештениците, тогаш и нив им се обраќа со овие зборови, давајќи им право на простување и непростување на гревовите. Овде се подразбира она право кое Спасителот им го дал на своите ученици, а преку нив и на нивните наследници – свештеници и според кое тие можат на луѓето да им ги простуваат или непростуваат гревовите. Вакво право Бог не им дал ниту на Ангелите, а свештениците го вршат при тајната на каењето и исповедувањето. Правото на непростување, врзување, прв го употребил Апостол Петар над Ананиј и Сепфира, а исто така на простување на страдалникот кој седел крај црковната врата. Но и ова право не смееме да го разбереме без ограничување, зошто само Бог може да прости секој грев на секој грешник. Заради тоа и катахизисот вели: Спасителот им дал на црковните пастири право да врзуваат и разврзуваат, т.е. во Христово име да одлучуваат од општење со христијанската црква и да го објавуваат како незнабожец секој оној христијанин кој не верува или е крајно расипан и јавен грешник, но и тоа откако прво не го посоветува и укори – тоа значи сврзува. Но таквиот кога со помош на божјата благодат се поправи и покаже знаци на вистинско каење, тие можат повторно да го вратат во прегратката на црквата – тоа значи разврзува.
-„„Пак ви велам: ако двајца од вас се согласат на земјата околу било која работа каква и да посакаат, ќе им биде дадено од Мојот Отец, Кој е на небесата.Зошто каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму Сум и Јас посреде нив.“
Со овие божествени зборови Спасителот го покажува своето особено грижење за љубовта меѓу христијаните. Откако прво тешко и строго ги укори оние што се инаетеа, злобните, пакосните и сите оние кои се причина за соблазна и не сакаат да се поправат и покајат, сега многу им ветува на оние кои ќе бидат во љубов и слога, зошто Бог на таквите ќе им ја исполни секоја добра молба и дека Он ќе биде со таквите, оној со кого е Бог од што има да се плаши? Ова е општата смисла на овие зборови на Спасителот, а засебната смисла е дека организацијата на Црквата е ставена под грижа на богоугодните Апостоли чии дела Господ ќе им ги благослови со Своето присуство. Бог вети дека ќе го благослови секое дело на своите Апостоли, за кое само двајца од нив ќе го замолат. Ова сведочи дека Апостолите – општо свештениците – добиле особени права и предимство од Бога за својата положба и својата работа.
БЕСЕДА ВО ВТОР ДЕН ДУХОВИ – СВЕТА ТРОИЦА
„Верувам во една света, соборна и апостолска Црква“
Верувајќи во еден Господ наш Исус Христос, ние веруваме во Неговата света Црква, т.е. ние веруваме во свештеното општество кое Господ го воспостави од духовни пастири и учители од сите православни христијани. Ова од Бога уредено општество се вика Црква, а се вика уште и тело на кое бесмртна глава е самиот Господ Спасител. На ова благословено општество нека е слава од Бога, да се приклучиме и ние браќа христијани, како делови на телото Христово, како синови на семејството и како жители на царството, на кого Отец и Цар и Спасител е нашиот Господ Исус Христос. Заради тоа е потребно да ја знаеме важноста на светата Христова Црква и нашиот однос кон неа.
Црквата се појавила на земјата тогаш кога постанал човекот. Господ Бог прво го создал првиот пар луѓе за на земјата да го умножи и прошири човечкото општество кое ќе Го слави и со својот живот и работа да посведочи дека е достојно за единство со Него. Иако оваа прва црква заради гревот на првите луѓе беше урната уште во рајот, сепак, по неограниченото Божје милосрдие, токму во истиот рај е обновена и утврдена врз верата во Искупителот и Спасителот на човештвото, и од тоа време е чувана меѓу вистинските поклоници и сочувана во текот на сите векови. Но колку страшни опасности ја вознемируваа вистинската и спасоносна црква! Колку имало непријатели и гонители на Божјата црква! Па сепак, сред бурните бранови на расипаниот свет, сред грозните и ѕверски прогони и мачења, Црквата, тоа свето општество на верници, како Ноевиот кораб сред вода, се спасува со Божјата десница и безопасно доаѓа во небесното пристаниште!
Во почетокот, Божјата Црква била ограничена само на еврејскиот народ и откако тој се покажа неверен и неблагодарен кон Бога, сепак сосема не пропаднал, зошто често пати доаѓаше под туѓа власт и управа. Но, во свое време, токму кога на Црквата и се заканувала најголемата опасност, дојде Семоќниот Господ на Црквата и не само што ја сочува од опасности, туку уште подобро ја утврди и ја осигура и тоа на каков чудесен начин! И пред тоа постоела спасоносна наука на верата, зошто, како што кажува Божјиот Апостол: „Бог претходно многу пати и на различен начин им говорел на татковците преку пророците, но во последното време ни говори и нам преку Својот Син“. И заради исполнувањето на сите пророштва, Самиот единороден Син Божји дојде да биде наш учител и да ни ја покаже светата волја Божја. За да се утврди вистинската вера меѓу луѓето, семоќниот Бог уште од најстарите времиња покажува разни чуда и знаци, но никогаш не направил толку колку Синот Божји кога дојде на земјата за да ја основа и утврди Црквата со благодат. Пред доаѓањето на Спасителот, верниците го умилостувале Бога со жтрви, кое било само слика на онаа жртва која Господ Спасителот ја принесе на Гослгота за живот и спасение на целиот свет. Во Новиот Завет Господ ни ја дарува вистинската жртва – Неговото пречисто тело и пресветата крв заради простување на гревовите и вечен живот. Чудесен бил изливот на Божјата благодат и врз старите божји угодници и врз праотците и пророците; нивната вера била прекрасна, како и нивните доблести, но сето ова е неспоредливо подобро кај Апостолите, безбројните маченици и други светители и божји угодници на светата христијанска црква! После симнувањето на Светиот Дух, после овој голем настан кој ние денес го славиме, можеме да кажеме дека целата животворна благајна на Божјата благодат е отворена за сите народи и за целиот човечки род и „сега сите божествени сили кои се потребни за живот и побожност ни се дарувани преку познавањето на Оној (Спасителот) кој не повика (на спасение) со слава и доблест. Овие божествени сили за живот и побожност во изобилие се дарувани на секоја добра душа и секое чисто срце.
Ваква е Црквата во која ние веруваме, од која добивме нов живот и во која ги наоѓаме сите средства за вечно спасение. Нашата света Црква е нашата вистинска духовна мајка. Таа е нашиот најверен и најдоверлив водач во вечниот живот. Нашата света Црква е: „Црква на живиот Бог, столб и тврдина на вистината“, благајна на божествената благодат и чувар на сите дарови на Христос Спасителот кои на сите верни ги раздава. Затоа нека се блажени оние кои пребиваат во свештената врска со Црквата и кои и‘ се покоруваат, а тешко на оние кои се оддалечени од неа и кои не ја слушаат, зошто на „кого Црквата не е мајка, на тој Бог не е Отец“.
За уште подобро да ги знаеме нашите должнисти кон нашата света Црква потребно е да се запознаеме со нејзините особини кои и ги припишува Символот на нашата вера.
Во Символот на верата се вели дека Црквата е една зошто таа од сите верници сочинува едно тело кое е оживувано од еден Свети Дух и кое се соединува со една глава, Господ Спасителот, и затоа Апостол Павле вели: Едно тело, еден дух…еден Господ, една вера, едно крштение, еден Бог и Отец на сите. И навистина постојат православни и вистински цркви во повеќе земји, но секаде се проповеда: една наука, насекаде се едни закони, едни црковни служби; насекаде е еден Господ и една благодат, затоа и на сите овие народи им се препорачува единство како што и Божјиот Апостол советува говорејќи вака: „ве молам браќа да живеете достојно според звањето во кое сте повикани, со секаква понизност и кроткост, со трпеливост, поднесувајќи се едни со други во љубов. Настојувајте да го запазите единството на Духот во врската на мирот“. Сите ние сме повикани во едно царство на христова благодат, затоа сме и должни да сме во единство, да исполнуваме еден евангелски закон, да сме браќа и синови на една мајка црква, како жители на едно небесно царство на нашиот Спасител Христос.
Црквата уште е света, чиста и непорочна. Нејзе ја освети Великиот Архиереј со својата голема жртва и таа секогаш се осветува со Неговите божествени тајни, зошто за тоа и Светото Писмо вели: „…Христос ја возљуби црквата и се предаде Самиот Себе за неа да ја освети, очистувајќи ја со водно капење во словото и да ја претстави пред Себе славната Црква која нема дамка, ниту брчка или нешто слично, за да биде света и непорочна“. Црквата уште е света затоа што во неа се извршуваат светите тајни и проповеда света наука, таа се управува според светите закони, во неа има свети членови и неа ја оживува светата благодат Божја. Заради тоа и ние како членови на светата Црква треба да сме пријатели на светлината и да се одликуваме со чист и свет живот. Ние сме должни да го избегнуваме секој грев и ако некогаш погрешиме, треба истиот час да се покаеме и од гревот да се очистиме. Секогаш треба да се плашиме од неисправен живот, живот без поправки и каење, зошто таков христијанин не е достоен да се нарече член и син на светата Христова Црква.
Нашата Црква е и соборна, т.е. општа, вселенска. Тоа значи дека таа не постои само во една држава и во еден народ, туку во целата земја, каде и да се наоѓаат православни христијани, зошто Спасителот им рече на своите ученици: „одете во цел свет и проповедајте го Евангелието на секого“, затоа сме и ние должни да се молиме на Бога не само за браќата кои ги познаваме и кои ни се блиску, туку и за сите едноверни и непознати кои се далеку. Заради тоа во првата ектенија на нашето богомолење велиме: „Ти се молите Боже за оние кои патуваат по вода и на суво, кои се болни или страдаат или робуваат, за цел свет, за сите свети Божји цркви и за обединување на сите“. Нашата црква е соборна и затоа што со неа управуваат собори и затоа што во неа богослужбите се вршат соборно.
На крај нашата Црква е Апостолска зошто од светите Апостоли беше распространета и од нив има своја хиерархија – свештенство. Според ова нејзино својство можеме да знаеме која црква е права Христова, а која не е. Зошто само онаа црква која ја чува светата наука и свештените Апостолски преданија, која во ништо не ги изменила Апостолските установи, ниту Символот на верата, кој ни остана од Апостолите и вселенските собори – само таа Црква е права Христова Црква. Затоа да бидеме верни и послушни на нашата Црква, постојано да ги чуваме нејзините свети заповеди и божествената наука, зошто така ќе бидеме сигурни дека одиме по патот на вистината и душевното спасение заради кое и живееме на земјата и доаѓаме во свет храм на Господ Бог на Кого нека Му е чест и слава во векови. Амин.
ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО ВО ТРЕТ ДЕН ДУХОВИ – СВЕТА ТРОИЦА
Матеј, зач. 10 гл.4 ст. 25 до гл. 5 ст. 13
Кога Спасителот ги повика своите први ученици да тргнат по Него и кога тие тргнале по Господа, Он одел по Галилеја и проповедал и им помагал на сите страдалници. Заради тоа за Него се разнесе глас на секаде.
-„И го следеше големо мноштво од Галилеја и од десет градови, од Ерусалим и Јудеја и отаде Јордан.“
На источната страна на Јордан, а во пределите на племето Манасија, имало 10 градчиња за кои многумина велат дека биле: Хипо, Гадара, Дион, Пела, Гергеса, Филаделфија и Равана, а за останатите две се мисли дека биле или Канота и Капитолија, или Дамаск и Отонос, а престолнина на сите бил Скитопол. Заради нивниот број 10 овие градчиња биле наречени Декапол. Според Јосиф декаполските жители во поголем број биле незнабошци.
-„Кога виде многу народ, се искачи на гората и откако седна Му пристапија Неговите ученици.“
Од овој стих почнува петтата глава на Матеевото Евангелие, која, како и шестата и седмата глава, ја содржи науката за начелата на Новиот Завет. Оваа наука на Спасителот ја содржи беседата на гората и науката за блаженствата, законот, умилостувањето, осудувањето, христијанското достоинство, местото на молитвата и заклучок. За се ова Спасителот говорел на гората, ридот, кој не се именува затоа што не бил некој познат.
Според Матеј, Спасителот се искачил на ридот кога и учениците дошле, а според Лука (6, 17) Господ излегол со учениците и застанал на рамно место. Матеј беседата на Спасителот ја излага опширно, а Лука накратко, па затоа и ние заклучуваме дека Спасителот својата беседа, според Матеј, прво ја кажал на ридот пред учениците, а потоа се симнал доле на рамно место и ја повторил пред народот накратко како што кажува Лука.
Се мисли дека гората која се спомнува во овој текст се наоѓа близу Капернаум.
-„И кога ја отвори Својата уста, ги поучуваше велејќи:Блажени се бедните по дух, зошто е нивно Царството небесно.“
И кога ја отвори устата – овој израз евангелистот особено го наведува да ни покаже дека следната наука Спасителот ја говорел гласно, зошто Он учел и неговорејќи, т.е. со својот живот и дела. Со изразот „бедните по дух“, не треба да се разберат оние кои се сиромашни по разум, туку оние кои се смирени, кои не се горди заради своите одлични духовни особини. „Ќе погледнам на оној“, вели Исаија, „кој има смирен дух“, т.е. кој го чувствува и признава своето лично сиромаштво, било умно или материјално, зошто се што човек има, не е негово, туку го добил од Бога за тоа да го користи за себе и другите и затоа за се ќе одговара. Јов вели:„Гол излегов од утробата на мојата мајка, гол и ќе заминам“, и затоа нека секој жали кој Божјите дарови ги упропастил заради задоволување на своите страсти и не ги употребил во општа полза. Некој можеби е надворешно сиромав (да нема пари, ни имот), или пак богат, а внатрешно сака сите да ги осиромаши за самиот себе да се збогати; а исто така некој може да биде богат (да има многу пари и имот), а душевно не дава никаква важност на своето богатство и затоа е спремен се да жртвува за оние кои страдаат. Душевното сиромаштво, вели Платоновиот Катихизис, е кога човекот се смирува пред Бога и признава дека е одговорен пред Неговиот суд. На ваквото душевно сиромаштво спротивна е фарисејската гордост која се одликувала со себе фалење и вознесување со своите дела како тие да се свои и кога другите се сметаат за ништожни. Кога Спасителот вели „дека Царството небесно е на оние кои се сиромашни по дух“, тогаш под „Небесно царство“ ги подразбира сите оние блага кои се добиваат во новото Христово царство (христијанството), за идниот живот.
-„Блажени се оние кои тагуваат, зошто тие ќе бидат утешени.“
Овде Господ мисли на оние кои плачат за своите гревови, како што Петар горко заплака кога три пати се одрече од Господ во дворот на Кајафа, зошто плачењето по земски работи не е достојно за еден добар христијанин, затоа и Апостол Павле вели: “Жалоста по Бога донесува покајание за спасение – за кое не се кае, а жалоста на светов донесува смрт.“ Со тоа сме грешни и лишени од славата Божја, и затоа на сите ни се заканува опасност од страшниот суд, но жалат за своите гревови само оние кои ја разбираат и сознаваат својата состојба и затоа се каат зошто на светот му причиниле штета, а кон Бога се покажале неблагодарни. Блажени се оние кои се такви зошто со тој начин се враќаат во живот кој се одликува со доблести и така ги дополнуваат своите должности и кон Бога и кон ближните. Утешете се сите кои навистина плачете за своите гревови.
-„Блажени се кротките, зошто тие ќе ја наследат земјата“
Под зборот „кротки“ се разбираат оние кои не враќаат зло за зло, туку трпеливо ги поднесуваат навредите кои другите им ги нанесуваат. Ваквото однесување не треба да се разбере како слабост на карактерот, туку како особина која е спротивна на: лутењето, злобата и осветата. Кротките наликуваат на Спасителот Кој е кроток и смирен во срцето, и затоа тие ќе најдат душевен мир. Особините на кротките христијани кај евангелистот Лука опширно се опишуваат, зошто тука Спасителот вели:„Љубете ги своите непријатели; правете им добро на оние кои ве мразат. Благословувајте ги оние кои ве колнат; молете се за оние кои ве навредуваат. На оној кој ќе те плесне по едниот образ заврти му го и другиот; и на тој кој ти ја зема наметката, не му ја откажувај и кошулата. Дај му на секој кој бара од тебе. И не барај го назад твоето од оној кој зема од тебе. И како што сакате да ви прават луѓето вам, така правете им вие ним. И ако ги љубите оние кои ве љубат вас, каква ви е благодарноста? И грешниците ги љубат оние кои ги љубат нив. И ако им правите добро на оние кои вам ви прават добро, каква ви е благодарноста? И грешниците го прават истото. И ако им позајмувате на оние од кои се надевате дека ќе добиете каква ви е благодарноста? И грешниците им позајмуваат на грешниците, за да примат исто толку. Туку љубете ги своите непријатели, правете им добро и позајмувајте им без да чекате ништо. И вашата награда ќе биде голема и ќе бидете синови на Севишниот, зошто Он е благ кон неблагодарните и злите. Бидете милостиви, како што и вашиот Отец е милостив“. (Лука, 6, 27-36).
-„Блажени се гладните и жедните за правда, зошто тие ќе се наситат.“
Овде со зборовите „гладни и жедни“ се разбираат оние кои имаат постојана желба и непроменлива волја во својот живот што попотполно и подобро ги применат сите Божји заповеди кои се најчистата правда за која тие копнеат. Со таа правда тие ќе се наситат така што Бог на земјата ќе им даде се што им е потребно за побожен и праведен живот поради кој после смртта ќе бидат со Бога и Неговите угодници.
-„Блажени се милостивите, зошто тие ќе бидат помилувани.“
Овие зборови се однесуваат на сите кои во христијанската вера се препородени со Светиот Дух и се трудат одрекувајќи се од се заради спасение на својот ближен. Милосрдноста е она добро дело кое произлегува од благородно срце кое не гледа за своите интереси, туку на славата Божја и доброто на ближниот. Од ова следува дека оној човек кој не е препороден со Светиот Дух може на земјата да прави нешто полезно, но тоа нема особина на христијанска благост и добрина. Милосрдноста може да се прави со пари, но и со зборови, зошто начинот на милосрдноста е многу различен. Милосрдните на земјата ги наградуваат и луѓето, а на небото ќе ги награди Бог. Но како што е света должноста на секој христијанин да прави милосрдност кон оние кои ја заслужуваат, исто така е должност таа милосрдност да не се дава на оние кои се претвораат дека се болни или имаат било каква потреба, а всушност не се или немаат. При давањето на милосрдност, христијанинот мора да внимава и на тоа милосрдност да не дава заради суета и светот да види, зошто Спасителот рече: „Кога даваш милосрдност, нека левата рака не види што дава твојата десна рака“. И така, кој дава милосрдност не од искрени чувства кон оној на кого му треба, туку заради суета и светот да види и да те фали колку си милосрден, тогаш таа милосрдност нема важност пред Бога.
-„Блажени се чистите во срце, зошто тие ќе Го видат Бога.“
Овие зборови се однесуваат на оние кои ништо лукаво и подло не размислуваат и замислуваат и кои своето срце го чуваат од страсти. Оваа доблест Спасителот ја ставил после милосрдието затоа што многумина се праведни и прават милосрдие, но не се чисти од злоба и завист, од омраза и освета и желба за страсни наслади, и со тоа покажува дека не е доволно само да се биде милосрден, туку треба да се има чисто срце.
-„Блажени се миротворците, зошто тие ќе бидат наречени синови Божји.“
Тоа се оние кои вистински живеат во мир со својата совест, Бога и ближните, зошто само таквите се во состојба успешно да работат и да остваруваат мир и слога меѓу луѓето. Со својата совест во мир е секој оној кого совеста не го мачи за никакво лошо дело, желба и мисли. Со Бога е во мир оној кој ги исполнува волјата Божја и светите заповеди точно и од се срце. Со ближните е во мир оној кој секого го сака како самиот себе и затоа никогаш не прави она што не сака нему да му се прави. Ваквите луѓе ќе се наречат синови Божји зошто живеат како Синот Божји, Господ Исус Христос.
-„Блажени се оние кои се гонети заради правда, зошто е нивно Царството небесно.“
Односно, блажени се оние кои заради вистината страдаат во светот. И Апостолите заради Евангелието страдале, затоа и Петар вели: „Но, ако страдате заради правда, блажени сте. Не бојте се и не плашете се, зошто е подобро, ако сака Божјата волја, да страдате добро правејќи, отколку зло правејќи“
-„Блажени сте кога ќе ве навредуваат и гонат и говорат лажно провит вас, секакви лоши зборови, заради Мене“.
Побожните христијани навистина трпат секакви потсмеви и озборувања од оние кои се непобожни и кои се одликуваат само со зло, но таквите страдалници не треба да омалаксуваат и да се откажат од побожноста и доблестите зошто и Спасителот ништо подобро не поминал од расипаниот свет, па затоа за нивните страдања и вели: „Блажени сте“, т.е. среќни сте зошто ќе го наследите вечното царство.
-„Радувајте се и веселете се зошто голема е вашата награда на небесата, зошто така ги гонеа пророците кои беа пред вас.“
Господ и Спасителот наш, знаејќи за прогоните и страдањата кои заради Него ќе ги трпат Неговите верни поклоници, Он ги храбри со ветување кое само небото е во состојба да дарува. И тука под зборвите „награда на небесата“ се подразбираат небесните блага и рајските уживања кои ги наследиле и пророците страдајќи заради правдата и името Божје.
БЕСЕДА ВО ТРЕТ ДЕН ДУХОВИ – СВЕТА ТРОИЦА
„Верувам…и во Светиот Дух, Господ Животворец, Кој од Отецот исходи и заедно со Отецот и Синот Му се поклонуваме и Го славиме, Кој говорел преку пророците…“
Ова е третиот ден како го празнуваме големиот празник Света Троица, кој се нарекува и Духови зошто на овој празник Светиот Дух слезе врз Апостолите, како што Господ Спасителот им вети пред Своето возенсение на небото. Кога Светиот Дух слегол врз Апостолите, Он ги исполнил со својата Божествена благодат со која тие биле во состојба да работат во целиот свет, да покажат толкава мудрост, светост, постојаност и храброст. Светиот Дух слегол врз Апостолите во вид на пламени јазици и од тоа дознаваме дека како што огнот најсовршено го прочистува златото и секој метал, така и Светиот Дух слегувајќи врз Апостолите во вид на пламени јазици, ги очистил совршено од секое незнаење, грев и страв. Во страиот Завет ниту самите Божји избраници потполно и јасно не знаеле за Светата Троица Кој првпат ни се покажа јасно при Христовото крштевање и за Кој Господ Спасителот многу често учел.
Според науката на Спасителот, Светиот Дух е третото Лице на Светата Троица и целата Православна Црква верува и исповеда дека Светиот Дух е Господ Кој се оживотворува, Кој исходи од Бог Отецот од пред сите векови, на Кого треба да се поклонуваме и да Го славиме како Отецот и Синот, Кој е извор на благодатта и Кој на луѓето им зборувал преку пророците.
Светиот Дух е Господ, т.е. Он, како трето Лице од Светата Троица, е вистински Бог. Семоќта и премудроста, благодатта и правдата, светоста, сеприсутноста и вечноста – сите овие Божествени својства, кои ги имаат и Отецот и Синот, исто така ги има и Светиот Дух. Затоа Светиот Дух е утешител и Творец на се, зошто и Светото Писмо вели: „Со Словото Господово небесата се утврдија и Духот устата Негова, сета сила нивна“. Во оваа смисла Црквата Го нарекува Светиот Дух животворец, зошто Он го оживува срцето зошто Он е извор на животот, особено на духовниот, кој се оживува во Светите тајни. Заради тоа и Господ Спасителот вели: „Кој не се роди со вода и со Духот не може да влезе во царството Божје.“
Светиот Дух исходи од Бог Отецот и тоа надприродно и вечно, како што Синот се раѓа од Отецот натприродно и вечно. Ваквата наука за натприродното и вечно исходување на Светиот Дух од Отецот ни го кажа Господ Спасителот зошто кога на своите ученици им вети дека ќе им го испрати Утешителот Светиот Дух, Он им рече: „А кога ќе дојде Утешителот, Кого ќе ви го испратам од Отецот, Духот на вистината Кој од Отецот исходи, Он ќе сведочи за Мене“. Од овие зборови гледаме дека Господ на своите свети Апостоли им ветува дека ќе им испрати такво Божествено Лице Кое е во состојба да Го замени Него – Синот Божји, значи Кој е рамен на Него. За Апостолите да не посомневаат во било што, Спасителот ги уверува дека како што Он од Отецот натприродно и вечно се раѓа, така и Светиот Дух од Отецот натрпиродно и вечно исходи.
Ние сме должни да Му се поклонуваме, да Го славиме и обожаваме Светиот Дух, исто како Отецот и Синот, зошто Он е третото Лице на Светата Троица и триипостасното Божество. Затоа како што секоја слава и чест и на небото и на земјата им приликува на Отецот и Синот, исто така Му приликува и на Светиот Дух и да Го славиме и обожаваме, зошто со Негова помош се препородуваме во тајната на крштевањето, се крепиме и оснажуваме со Неговата Божествена благодат во тајната на миропомазанието и се осветуваме во останатите тајни. Светиот Дух ги усповршува нашите молитви зошто светиот Апостол вели: „Светиот Дух ни помага во нашите слабости и посредува за нас со неискажливи воздишки“. Христијаните се нарекуваат и се: храм на Светиот Дух, но како тие ќе бидат тој храм ако не Го слават Оној на кој припаѓа?
На крај ние, во Символот на верата исповедуваме и веруваме дека Светиот Дух говорел преку пророците, но на што од тоа се учиме? Се учиме дека пророците и Апостолите, кога ги пишувале своите божествени книги и ја проповедале својата спасоносна наука, биле вдахнати од Светиот Дух, а Апостолот Петар вели: „Никогаш пророштвото не било од човечка волја, туку научени од Светиот Дух говореа светите луѓе Божји“. Значи, светителите Божји биле само, така да речеме, уста, а оној Кој говорел бил Светиот Дух. Тие биле само орган, а Оној Кој дејствувал бил Утешителот Кој се довршува и потполнува. Пророците биле обични и прости, но просветени со божествената мудрост и сила тие ги победувале мудреците и силните во овој свет. Исто така и божествените проповедници, светите Апостоли, како луѓе биле сиромашни и прости, но кога Светиот Дух, во вид на пламени јазици, слегол врз нив, тие веднаш ја започнале својата богословска и проповедничка работа говорејќи на разни јазици кои до тогаш не ги знаеле, а со својата моќна проповед обратиле во Христовата вера цели народи и силни царства. Толку ги научил и просветил Светиот Дух! Според ова и ние верувајќи во науката на Светото Писмо веруваме не во човечка наука, туку во божествена која ја напишале пророци и Апостоли. И ние веруваме само во таа наука, зошто само таа е вистинското Слово Божје и затоа кога читаме или го слушаме Светото Писмо, потребно е да обрнеме особено внимание зошто во него се зборовите на Светиот Дух и потребно е да се помолиме на Преблагиот Утешител, Светиот Дух, како што ги просвети божјите пророци и Апостолите, така да ги просвети и нашите души за светото Слово Божје и во нас да се вроди со спасоносен плод.
Цару небесен, Утешителу, Духу на вистината, закрили не и заштити не од секое зло и искушение; всели се во нас и очисти не од секоја нечистотија и спаси ги, Благи, душите наши. Амин.
ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ПРЕОБРАЖЕНИЕ
Мат. зач. 70.гл. 17. ст. 1-9
Спасителот се преобрази пред своите ученици за тие да видат и да се уверат во Неговата божествена семоќ и слава, за да не се посомневаат во Неговото божество кога после ќе го видат на крстот. За овој настан – преображение – не може да има никакво сомневање зошто стои во многу тесна врска со настаните кои биле пред и после преображението, така да евангелистите потполно се согласуваат во нивното опишување на овој настан. За преображението на Спасителот пишуваат и евангелистите Марко, глава 9, стих 2-13, и Лука, глава 9. Стих 28-36.
-„Во она време, Исус ги зеде со Себе: Петра, и Јакова и брата му Јована, и ги изведе на висока гора насамо.“
Евангелистот Лука вели дека Спасителот ги земал споменатите ученици и дека отишле на гората „да се помолат на Бога“. Што се однесува на самата гора, не се знае која била гората. Според преданието Господ се преобразил на Тавор во Галилеја, јужно од Назарет, а според други на Ермон.
„И беше преобразен пред нив, лицето Му светна како сонцето, а Неговата облека стана бела како светлината“
Спасителот се преобразил пред нив, пред учениците, за тие да не помислат дека преображениот е некој друг и да се уверат дека тој навистина е семоќниот Господ. При преображението лицето на Спасителот почнало „да свети како сонце“, т.е. така им се причинило на учениците зошто оваа светлина на Господовото лице била почиста и поголема од сончевата зошто била божествена и не можела да се опише. А облеката му била „бела како светлина“, значи Неговата внатрешна слава се покажала и на Неговата облека. Кога и ние би го љубеле Господ, потикнати од топлата вера, како Петар, или кога Господ би не засакал заради нашите лични доблести, како Јован, или кога би биле тешки за непријателите Негови како Јаков, Спасителот би не воздигнал на гора висока, на висината на знаењето и љубовта, од која би можеле даја видиме онаа слава како што ја виделе тројцата ученици.
-„И ете, им се јавија Мојсеј и Илија и разговараа со Него“.
Зборовите: „ и ете“покажуваат изненадување, неочекувана појава на претставникот на законот Мојсеј, и претставникот на пророците Илија, кои со своето прируство посведочија дека на Господ Спасителот му служат законите и пророците. Мојсеј и Илија при преображението зборувале со Господ за Неговите страдања и смртта, зошто Господ Исус Христос е исполнивање на законот и пророците. Со Своето преобразување Господ јасно ни покажа какви ќе бидат нашите тела по воскресението во другиот живот. Но, сигурно е дека телата на грешниците нема да бидат слични на прославеното Тело на Спасителот на Тавор, туку ќе одговараат на нивните гревови и вечни маки кои ги очекуваат.
Кога Спасителот се преобрази, учениците, совладани од сонот заспале, и кога необичната светлина на Спасителот ги разбудила, тие се воодушевиле.
-„ А Петар одговори и Му рече на Исуса: „Господи, добро е за нас да сме тука; ако сакаш ќе направиме тука три шатори: еден за Тебе, еден за Мојсеја и еден за Илија.”
Евангелистот Марко за Петар овде вели дека ги кажал овие зборови на Спасителот затоа „што не знаел што зборува“, а истото го вели и евангелистот Лука. Но, вквото Петрово прашање Лука го оправдува со тоа што Петар и останатите двајца ученици биле сонливи и многу уморни и заспале во длабок сон и сигурно онаа прекрасна слика на божественото преображение на Спасителот ги разбудила и изненадила, а Петар Му го поставил споменатото прашање на Господ. Петровото прашање сигурно било потикнато од неговиот страв и чудење, од изненадување и уживање и за да ја продолжи сликата на прекрасното преображение, тој Му предлага на Господ да направи три шатори. Целта му била јасна иако идејата му била доста чудна зошто каква потреба имаат небесни светители како Мојсеј и Илија за човечки шатори? Важно е што Петар ништо не им рекол на Мојсеј и Илија, ниту пак се забележило дека овие Божји угодници обрнале внимание на присутните ученици. Нивното доаѓање и говор бил само со Спасителот, зошто каде е Тој, се останато земско станува сосема обично. Но, можно е дека Петар Му поставил вакво прашање на Спасителот со цел да го спаси од страдањата за кои Господ јасно говорел. Можно е на Петар да му паднало на памет, бидејќи гората е засолнета од пакостите на непријателот, небесните посетители се сигурна одбрана, зошто Мојсеј многу народи победил, а Илија симнал оган од небото, па затоа Петар, потикнат од голема љубов кон Господ и Го советува да остане на тоа место. Но сепак, штом го кажал тоа веднаш и разбрал дека предлогот не му бил добар и затоа понатаму вели „ако сакаш“… Но:
-„Додека уште зборуваше тој, ете, ги засени светол облак, и ете, глас од облакот велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого Ми е милината; слушајте Го Него!”
Зборот „ете“, како што и на други места кажавме, значи изненадување. – Облакот кој тука се покажал е симбол на Божјето присуство (види: Излез 14, 19-20 и 24; Марко 13, 26; Лука 21, 27; Јован, 12, 28). – Се слушнал глас од облаците за да се уверат учениците дека тоа бил Божји глас со кој Бог, по вторпат свечено Го признава својот Син и преку Кого Господ Бог ни заповеда да се покориме на Синот. „Слушајте Го“, вели Господ Саваот, од сега Христос и Евангелието.
Апостол Петар, говорејќи за Синот, во своето Второ послание, вели: „Христос ја прими од Бог Отецот честа и славата кога дојде при Него таков глас: ‘Ова е Мојот возљубен Син, во Кого ми е милоста‘. И овој глас ние го слушнавме кога се симна од небото кога бевме со Него на Светата Гора“.
Важно е што овој глас се слушнал токму при разговорот за смртта на Спасителот, а од таму дознаваме дека страдањето на „праведникот за неправедните“ не е спортивно на Отецот, на вистината и вистинската љубов, на Бога.
-„И кога учениците го чуја тоа, паднаа на своите лица и многу се уплашија. А Исус се приближи до нив, ги допре и рече: ‘Станете и не бојте се!‘ И кога тие ги подигнаа своите очи, не видоа никого, освен Исуса Самиот.“
И по вторпат се слушна овој глас и никој не се уплаши, но сега учениците се уплашија зошто висината на ридот била доста голема, тишината била длабока, пустото место било доста пространо, преображението чудесно и светлината неопишлива, и сето тоа било голем причинител уморните и поспани ученици да се уплашат и да паднат на своите лица, т.е. да се поклонат на се што чуле и виделе. Но Спасителот веднаш дошол да им помогне, да ја излечи нивната слабост и со тоа да го истера нивниот страв, а за да ги увери дека гласот од небото се слушнал заради Него и за Него, Тој самиот им се јавува и учениците никого друг не гледаат освен Исуса.
-„И кога слегнуваа од гората, Исус им заповеда, велејќи: ‘Никому не кажувајте за ова привидение, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите‘.”
Спасителот им наредува на учениците на никого да не зборуваат за чудото кое го виделе зошто тоа било заради нив, зарди нивната топла и постојана вера дека Господ Христос е поголем од пророците, дека е Син Божји и дека во часот на Неговото страдање нивната вера не се намали и се посомневат во Неговото божество, туку да бидат убедени дека Тој страда доброволно.
БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ ПРЕОБРАЖЕНИЕ
„И беше преобразен пред нив, лицето Му светна како сонцето, а Неговата облека стана бела како светлината“
Денеска го празнуваме овој празник на Спасителот. Синот Божји и Бог вистински, нашиот Господ Исус Христос со цел на своите ученици и Апостоли да им го покажа своето вистинско божество, Он ги зема со себе своите три ученици: Петар, Јаков и Јован, ги изведува на гората Тавор и се преобразува пред нив. Со своето преобразување Господ им се покажа пред учениците само како Бог зошто неописливата светлина на Неговото Божество ја прикрила Неговата човечка природа. Пророците Мојсеј и Илија разговараат со Царот на славата и благословените Апостоли, неможејќи со своите смртни очи да Го гледаат бесмртниот Господ, паѓаат на земја со страв и побожност. И ние христијаните, како вистински ученици на нашиот Господ и Спасител, длабоко да се поклониме со страв и вера пред Неговата боженствена слава и да се запрашаме што бара од нас човекољубивиот Господ, а особено во оние свети денови, како денешниот, кога пристапуваме пред Светата тајна Причест.
Нашиот Бог е голем и големо е неговото милосрдие и сила! Кога како Творец се создаде, Он ни даде разумна и бесмртна душа, не украси со својот образ, ја создаде целата вселена заради нас и на крај постана и човек и тешко страдал заради нашите гревови. Но, сето ова не било доволно за неговото човекољубие и затоа благоволил да не храни и со духовна храна, да не храни со своето пречисто тело и на тој начин да се соединиме со Него. Но, како треба да пристапиме кон оваа божествена трпеза? Светата Црква не учи за тоа и таа вели: со страв божји, вера и љубов е потребно да пристапиме кон Светата тајна Причест. Кој од нас нема и не чувствува страв божји, тој не е достоен да пристапи кон Светата тајна и таквиот наместо простување на гревовите на себе навлекува гнев божји и проклетство. Кога излегуваме пред земски цар, ние посебно се спремаме и се плашиме, но какво треба да е нашето спремање кога излегуваме пред небесниот цар, пред Бога? Кога одиме на некоја свеченост, ние и за тоа посебно се спремаме и украсуваме, но зарем тоа може да биде поголема свеченост од соединувањето со Христос Спасителот и зарем на секого не му е јасно дека треба особено да се спремиме со пост и молитви и да се украсиме со добри дела, па дури тогаш да пристапиме кон божествената трпеза и небесната свеченост во која се соединуваме со Бога? Праведно е да очекуваме вечна осуда за секого кој без посебно спремање и пристапува на Светата тајна Причест: кој не постел, не правел добри дела и не им простил на другите, па и самиот не барал простување од сите, кој навредувал. Но, некој ќе рече дека во себе чувствува страв божји кога ја прима причеста, се плашам и се чудам како се удостојувам за оваа голема милост; но секој треба да знае дека тоа не е доволно, туку е потребно човекот да има топла и постојана вера, т.е. од сета душа да верува дека преку лебот и виното го зема пречистото тело и пресветата крв Хирстова за да се очисти од гревови и да се удостои за вечен живот. Но уште е потребна и љубовта кон Бога и ближниот, зошто стравот божји и вера, без љубов, не го прават човекот достоен за Пичест зошто не ја исполнуваат заповедта на Спасителот која ни налага да простуваме не само на оние познати и пријатели кои со нешто не навредиле, туку ни заповеда и своите непријатели да ги љубиме. На крај, за потполна подготвеност за светата Причест уште е потребно христијанинот да се исповеди кај својот духовник, зошто без исповест не се дозволува причестувањето и Бог го забранува. После светата Причест исто така е потребно христијанинот да продолжи да живее побожно одликувајќи се со доблести, зошто ако не прави така, тој ќе покаже дека не ја почитува Светата тајна Причест и заради тоа тешко ќе одговара на денот на страшниот суд.
Ваква поука сте слушале повеќе пати, но сепак е потребно повторно да се каже. Но пред се треба да се ослободиме од суетата и светските ништожности, зошто нашата вистинска татковина е небото, а земјата е само наше привремено и несигурно живеалиште. За нас нема ништо посигурно од смртта; нашиот живот поминува брзо и ние секој час се повеќе се приближуваме кон гробот и затоа е потребно никогаш да не заборавиме на гробот, небото, Евангелието, крстот и добрите дела за Господ да не милува и да не љубат нашите браќа.
А Ти, Господи и Боже Спасителу, кој на Тавор се преобрази и Кого ние денеска Го славиме и фалиме, услиши ја нашата смирена и побожна молитва. Благослови не сите и дарувај ни љубов и побожност, управувајќи со нашите дела и водејќи не во Твоето вечно царство. Амин.
ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ПРАЗНИКОТ КРСТОВДЕН
Јован зач. 60 гл. 19 ст. 6-35
Денешното Евангелие зборува за судењето на Спасителот пред Пилат, за распнувањето и смртта.
Но, кога првосвештениците и нивните службеници Го видоа, извикаа, велејќи: „Распни! Распни!”
Еве една ужасна и тажна појава! Највисоките народни старешини, избраници на народот го понижувуваат своето достоинство и исполнети со злоба итаат кон идолопоклоничкиот суд само за да ја задоволат својата страст и своето злобно и осветољубиво срце и тоа против невиниот Спасител кој е вистински добротвор на нивниот народ и спас на човештвото! Но ова нечовечко постапување на Јудејците и самиот идолопоклоник Пилат го огорчија, зошто со лутење и презир им се обраќа.
-„Пилат им рече: „Земете Го вие и распнете Го, зашто јас не наоѓам вина во Него.”
Тој сака да им каже тие самите да извршат таква неправедна осуда зошто тој не нашол дека Христос е виновен. Од овие зборови се гледа дека Пилат се надевал дека со закана ќе го постигне она што кај злобните јудејски старешини не можел да го постигне со попуштање и ласкање. Но веќе било доцна бидејќи народот веќе бил обземен од некакава манија поради слабоста и непостојаноста на Пилат и поради тоа што старешините постојано го надразнувале народот и го подгревале против Христа.
-„Јудејците Му одговорија: „Ние имаме Закон и според Законот Тој треба да умре, зашто Сам се направи Божји Син.”
Со овие зборови Евреите му велат на Пилат: ако ти наоѓаш дека Христос не е виновен, т.е. дека не направил никаква политичка вина, ние тврдиме дека е виновен зошто вели дека е вистински Син Божји, а со тоа, според нашиот закон, направил религиска вина за која треба да умре. Заради тоа и нашиот Синедрион му потпишал таква пресуда која ти треба да ја одобриш. Ако тебе не ти е виновен затоа што се прави цар, за нас тој е виновен што себе се прогласува за Син Божи и затоа:
-„А кога Пилат го чу тој збор, уште повеќе се уплаши.“
Кога Пилат слушнал дека Исус Христос вели за себе дека е Син Божји и Бог, тогаш уште повеќе се уплашил како таков да не му направи некакво зло. Оваа мисла на Пилат ја поттикнал Христовото однесување за време на страдањето, советот на неговата жена која му говорела да не се меша во случајот на тој праведник и на крај затоа што знаел дека Спасителот Го обвинуваат Јудејците заради злоба. Сето ова кај пилат предизвикало страв и затоа тој повторно го зема Христа на суд надевајќи се дека ќе пронајде некој начин да го спаси.
-„И пак влезе во преторијата и Му рече на Исуса: „Од каде си Ти?” Но Исус не му одговори.“
Пилат знаел дека Спасителот е од Галилеја, но бидејќи слушна дека се прогласува за Син Божји, тој сега Го прашува од каде е т.е. од небото или земјата? Бидејќи Спасителот пред малку му објасни дека Неговото царство не е од овој свет, овојпат Он не сметал дека е потребно да објаснува од каде е. Но ова уште повеќе го задучило Пилата и во исто време уште посилна желба се појавила кај него да Го спаси.
-“Затоа Пилат Му рече: „Мене ли не ми зборуваш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам и дека имам власт да Те ослободам?
Со овие зборови Пилат самиот себеси се осудува зошто кога кај Христа не наоѓа вина и кога веќе е убеден дека е невин, а има власт да го ослободи, тогаш зошто не го ослободува, туку останува роб на својот егоизам, страв и слабост? Тој се фали со власт, но власта е дадена заради точно и непристрасно задоволување на правдата и законот и затоа кој ја има е должен невините да ги ослободува, а виновните да ги канува.
-„Исус одговори: „Ти не би имал никаква власт над Мене, ако не ти беше дадено одозгора; затоа поголем грев има оној, кој Ме предаде на тебе.”
Со овие зборови Спасителот го укорува Пилата што се фали со својата власт зошто тој не може ништо против Него да направи ако тоа не е Божја волја Искупителот да страда за спасение на луѓето.
-„Оттогаш Пилат настојуваше да Го ослободи; но Јудејците викаа, велејќи: „Ако Го ослободиш Овој, не си му пријател на ќесарот; секој кој се прави цар, противник му е на ќесарот!”
Пилат се уплаши од зборовите на Спасителот и затоа повторно помисли да Го ослободи. Но кога Евреите му кажаа дека е непријател на ќесарот ако Го ослободи Спасителот, тој уште повеќе се уплаши и во интерес на својата положба, како и Јуда заради пари, веднаш се откажа од својата намера да Го ослободи.
-„Штом Пилат ги чу тие зборови, Го изведе Исуса надвор и седна на судскиот стол, на местото што се вика Плочник, а на еврејски Гавата.“
Бидејќи се уплаши од заканите на евреите, Пилат Го изведува Исуса надвор од судницата зошто било обичај судската пресуда да се изрекува јавно пред тужителите кои биле многу и можеби затоа не биле повикани во судницата. Возвишеното и камено место кое стоело пред домот на царскиот намесник се викало Литостротон.
-„А беше ден на подготовката за Пасха, околу шестиот час, и им рече на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!”
Евангелистот го наведува и денот – пред Пасха – и часот – кога денот завршува – во намера да ја покаже големата злоба на Евреите кои не се срамеле ни пред самиот најголем нивни празник злобно да бараат смртна пресуда и тоа од идолопоклоничка власт и тоа над еден кој е од нивното племе! Шестиот час според источното сметање на времето е по сегашно- дванаесет. Од зборовите: „еве Го вашиот цар“, се гледа дека Јудејците со својата закана многу го налутиле Пилата, зошто тој потсмевајќи се им вели „еве Го вашиот цар“, а малку подоле им вели „зарем вашиот цар да го распнам?“ Заради тоа Пилат на натписот ставил „цар Јудејски“, но Евреите не го разбрале и затоа му велат: Ние немаме цар, освен ќесарот“, а малку подоле: „не пишувај: цар Јудејски, туку нека самиот рече дека е цар Јудејски. И овие зборови ја посведочуваат ужасната расипаност на Евреите, а особено неговите старешини од тоа време. До тогаш тие на секокав начин гледале да се спасат од јаремот на римското ропство, а сега јавно викаат пред Пилата дека тие немаат друг цар освен ќесарот. Тие се откажуваат од божјиот помазаник кој им правел многу добордетелства и подло и лукаво оддаваат чест и слава на омразениот ќесар кој по кусо време ги растури по целиот свет. Но за казнување на вакво злосторство и заради задоволување на правдтата, подобро средство од ќесарот неможело да има зошто тој, како што сведочи Јосиф, ги исполнил ерусалимските полиња со крстови на кои ги распнал тужителите на Спасителот и бидејќи снемало доволно дрвја за крстови, тогаш тој останатите ги распнувал по градските ѕидови, а тогаш се исполнија зборовите Христови: „ќе има голема неволја, каква што немало од постоењето на светот до сега, ниту ќе има. И тие денови да не се скратат, никој нема да остане, но заради избраните, тие ќе бидат скратени“.
-„Но тие викаа: „Земи, земи! Распни Го!” Пилат им рече: „Да Го распнам ли вашиот Цар?” Првосвештениците одговорија: „Ние немаме цар, освен ќесарот!” Тогаш им го предаде за да биде распнат. Тогаш Го зедоа Исуса. А Тој, носејќи го Својот крст, излезе на местото наречено Лобно, а на еврејски Голгота;каде Го распнаа, и со Него други двајца, од едната и од другата страна, а Исуса во средина. А Пилат напиша и натпис и го стави на крстот; а беше напишано: „Исус Назареец, Јудејски Цар.”
Бидејќи евангелистот Јован последен го напишал своето Евангелие, тој знаел што претходните евангелисти напишале и за да не го повторува истото, тој тука изостава што се случило со Спасителот откако Пилат го предал на Јудејците и војниците да Го распнат, се до кога Го распнаа, но евангелистот Матеј се опишува и вели: „А Пилат штом виде дека ништо не помага, туку викотницата станува сè поголема, зеде вода и ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Праведник! Вие гледајте!” И целиот народ одговори и рече: „Неговата крв на нас и на нашите деца!” Тогаш им го пушти Варава, а Исуса Го бичува и Го предаде да Го распнат. Тогаш војниците на управителот Го одведоа Исуса во преторијата и ја собраа целата чета околу Него. Го соблекоа и Го наметнаа со црвена наметка; исплетоа трнов венец и Му го положија на главата и трска во Неговата десница; па коленичеа пред Него и Му се потсмеваа, велејќи: „Здраво, јудејски Царе!” И плукаа на Него, ја зедоа трската и Го удираа по главата. Откако Го исмеаја, ја соблекоа од Него црвената наметка и Го облекоа во Неговата облека и Го одведоа да Го распнат.“(Мат. 27, 24-31)
-„Натписот го прочитаа мнозина Јудејци, зашто местото, каде беше распнат Исус, беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, латински и грчки“.
Натписот кој по обичај се ставал на крстот на распнатиот ја означувал причината за осудата, вината. Натписот над Спасителот бил напишан на еврејски затоа што тоа бил Негов јазик, т.е. Неговата народност, на грчки затоа што тоа бил општ јазик во Сирија и Палестина и на него зборувале многу расеани Јудејци и кои на празници доаѓале во Ерусалим и на латински јазик бидејќи тоа бил официјален јазик.
-„Тогаш јудејските главни свештеници му рекоа на Пилата: „Не пишувај: ‘Јудејски Цар,’ туку дека Тој рекол: ‘Јудејски Цар Сум.’Пилат одговори: „Што напишав, напишав!”
Овој дел веќе е претходно протолкуван.
-„А војниците, откако Го распнаа Исуса, ги зедоа Неговите облеки и ги разделија на четири дела, по еден дел на секој војник, и долната облека. А долната облека не беше шиена, туку целата исткаена одозгора додолу; си рекоа меѓу себе: „Да не ја кинеме, туку да фрлиме жрепка за неа, кому ќе му падне!” за да се исполни Писмото: ‘Ги разделија меѓу себе Моите облеки, и фрлија жрепка за Мојата облека.’ Така постапија војниците.“
При распнување, биле одредувани четири војници кои меѓу себе ја делеле облеката на распнатиот. Така и во оваа прилика војниците ја делеле облеката на Христа, само што за доламата фрлиле коцки и така се исполнило пророштвото кое се наоѓа во псалм 22, 18.
-„А при Исусовиот крст стоеја мајка Му и сестрата на Неговата мајка, Марија Клопина, и Марија Магдалена.“
Некои жени од Галилеја , кои Го следеле Исуса Христа и ја слушале Неговата спасоносна проповед, беа покрај Него и кога страдаше. Тие жени биле: Дева Марија, Марија Магдалена, Марија-жената Клеопова или Алфеова и мајка на Јаков и Јосиј и Саломија, мајката на евангелистот Јован (Мат. 27, 56).
-„А Исус, штом ја виде мајка си, и покрај неа, ученикот, кого го љубеше, и рече на мајка си: „Жено, ете ти син!” Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!” И од тој час ученикот ја зеде при себе.“
Овој ученик бил евангелистот Јован кој во тоа време стоел близу Дева марија и ја тешел. Со зборовите: ете ти син и ете ти мајка, Спасителот остава многу важен пример на должност на децата кон родителите зошто Он распнат на крст сепак не заборава на својата последна должност кон својата мајка, туку ја остава на чување при својот ученик Јован. Нека оваа постапка на нашиот Господ биде пример за синовска љубов кон родителите, а постапката на Јован нека биде пример за пријателска љубов, зошто тој од тој час ја земал мајката на својот учител и до смртта и бил верен и послушен син.
-„По ова Исус, знаејќи дека е свршено сè, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден Сум!” Таму имаше сад, полн со оцет; тогаш закачија на трска сунѓер наквасен во оцетот и Му поднесоа до Неговата уста. Штом Исус го прими оцетот, рече: „Се сврши!” па ја наведна главата и го предаде духот.“
Уште цар Давид прорече дека Месијата ќе биде напоен со оцет, зошто вели: „во мојата жед ме напоија со киселина“ (Пс. 69, 21). Спасителот страдал како човек и затоа раните од камшикувањето и клинците на рацете и нозете, распнувањето на телото на крстот со што се спречувало текот на крвта, и на крај душевната борба, предизвикале кај Него силна жед, затоа и Спасителот рекол дека е жеден и со оцет Го напоиле, а потоа Он рече: се сврши; т.е. се заврши исполнувањето на пророштвата и делото на човековото спасение, Синот Божји Го предаде Својот дух на крстот! Се завршија страдањата Негови и завршено е царството на гревот и власта на сатаната во светот, а сега настапува радост на небото и на земјата мир, а меѓу луѓето добра волја. Со други зборови, сега настапува исполнување на оние ветувања кои Бог ги даде на Адам кога погреши и кои се однесуваат на препородувањето на човечкиот род. Смртта на Спасителот ја уништи демонската власт и сега нема препреки сите да се приближат кон Бог Отецот и со помош на Светиот Дух да станат Негови чеда.
-„Бидејќи беше ден на Подготовка, Јудејците, за да не останат телата на крстот во сабота – зашто таа сабота беше голем ден – го замолија Пилата да им ги скршат колената и да ги симнат. Затоа војниците дојдоа и им ги скршија нозете на првиот и на вториот, кои беа распнати со Него;“
Кај Евреите имало закон според кој требало умрените на крстот да се закопаат тој ден, а овој закон особено сега требало да се изврши зошто Христос, заедно со двајцата разбојници, беше распнат токму пред пасха, т.е. најголемиот празник. Како што погребувањето на Христос било потребно како доказ дека Он навистина умрел, така и запечатувањето на гробот и војничката стража послужила како доказ за вистинското воскресение на Спасителот. На распнатите им ги кршеле колената за да умрат побрзо зошто распнати само приковани за дланките и стапалата за крст, а останатиот дел од телото било неповредено, тие можеле да живеат подолго.
-„И кога дојдоа до Исуса и видоа дека е веќе умрен, не Му ги скршија нозете, туку еден од војниците го прободе со копје меѓу ребрата, и веднаш потече крв и вода.“
Војниците дошле и на Христос да Му ги скршат колената и со цел уште повеќе да Го исмеат и Јудејците повеќе да ги задоволат, но таа желба не им се исполни и тоа било претскажано (Ис. 12, 46). Но злобните војници Го прободеа Спасителот со копје, божем за да се уверат дека умрел. Тогаш потекла крв и вода, прво како знак за мачеништво, авторо како знак на препородување.
-„И очевидецот посведочи, и неговото сведоштво е веродостојно, и тој знае дека зборува вистина – за да верувате и вие.“
Од овие зборови дознаваме дека сите овие настани со Христа оставиле голем впечаток врз евангелистот Јован кој сега тврди дека се што пишува, го пишува како очевидец, а не дека го слушнал од некој друг.
БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ КРСТОВДЕН
Апостол Павле, учејќи ги Галатјаните со што треба да се фалат, вели за себе: Нека не ми даде Господ со друго да се фалам, освен со крстот на нашиот Спасител Исус Христос. И навистина од крстот на Голгота светнала светлина која го осветлила целиот свет, со пролеаната крв на Спасителот на крстот вселената ги измила човечките гревови и ги очистила луѓето од проклетството и така Чесниот крст му дал на светот нов живот кој води кон Бога и блаженство, па затоа и нашата света Црква пее. Зошто крстот е хранител на целата вселена, крстот е украс на црквата, крстот за верниците е одбрана од секое зло, крстот за ангелите е слава и на сите нас е симбол на секоја среќа и напредок и затоа ние треба пред секоја работа да се прекрстиме. Кога навечер легнуваме, треба да се прекрстиме за утредента да се разбудиме живи и здрави, а кога ќе станеме, треба да се прекрстиме со вера дека тој ден ќе го поминеме среќно. Праведно е христијанинот секогаш и пред се да се пофали со крстот како што тоа го правел и божјиот апостол Павле.
Но има луѓе кои се фалат со својата мудрост или убавина, со своето јунаштво или богатство, со своето исоко образование или благородство, но таквото фалење е погрешно и тоа го лути Бога. Исто така се фалел Навукодоносор со својата царска сила и власт, но Господ го истера од редот на луѓето и го сместил во редот на животните! Така се фалел и царот Ирод, но затоа пак тој ја испуштил душата во најголеми маки. И навистина, со што има човек да се фали, кога е од земја направен и се враќа во земја? Зошто би се фалел со јунаштво или валст или висока положба кога без сето тоа е роден и без сето тоа ќе си замине од овој свет? Ништо не е наше, зошто Бог во нас остварува се она што е добро и затоа вели дека без Него не можеме ништо да правиме. Но ако сакаме да одиме по Него, т.е. да го правиме она што Он правел и да се спасиме, тогаш треба да се одречеме од себе и да го земеме својот крст и да Го следиме, значи да се одречеме од својата суета, понизно и со благодарност да уживаме во во сите радости и трпеливо да ги поднесеме тагите кои не снаоѓаат и да се воздржиме и да ги ограничуваме нашите телесни желби и склоности. Цпасителот не се фалел туку бил толку смирен што не само исмевањата и гонењата ги претрпел, туку и најгрозната смрт на крст и молејќи се на Бога да им прости на луѓето зошто не знаат што прават.
Но некој ќе рече дека е невозможна толкава понизност зошто каде и човек да застане, секаде наидува на искушенија кои му ја поттикнуваат желбата и страстите. Човек е благ, но го налутува некое озборување или хулење од страна на некој пријател или лош збор од некој роднина. Човек се решава да ги презре светските суети, но богатството и славата му пречат и затоа многу често човекот не знае што сака и го прави она што не го сака. Но скротувањето на телесните желби и воздржувањето од светските суети е всушност патот кој води кон Бога и спасението, а тоа значат и зборовите на Спасителот да го земеме својот крст и да се откажеме од себе. Кој не знае дека во овој свет постои и друг извор на животот освен лебот и богатите јадења, тој не го зел својот крст незнаејќи дека човекот живее и од секој Божји збор. Кој не знае дека во овој свет има и друга среќа освен богатството и суетното уживање, тој не го зел својот крст, тој не се фали со крстот заборавајќи дека праведникот кај Бога може се да трпи. Треба да го земеме својот крст и трпеливо и понизно да го носиме своето страдање и нашето земско уживање да го жртвуваме заради нашето спасение, како што и Спасителот за нас се жртвува. Голем број светители живееле во тело, но како да биле без тело и иако луѓе го живееле овој земски живот како ангели небесни докажувајќи дека човекот може да ги скроти своите страсти. Тие во тешки прилики биле трпеливи, при прогони биле издржливи, своите гонители не ги мразеле, биле пријатели и на непријателите, а секогаш спремни за смрт. На секого му е одредено со нешто да се бори и тоа да го совлада иако борбата е тешка зошто Спасителот вика дека патот е тесен кој води до царството Божје. Да бидеме упорно во својата борба и од по тесниот Христов пат до спасението. Амин.
ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА БОГОРОДИЧНИ ПРАЗНИЦИ
ТОЛКУВАЊЕ НА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА – МАЛА БОГОРОДИЦА
Лука, зач. 54. гл.10; ст. 38-42 и гл.11. ст. 27-28
Денешното Евангелие говори за гостопримството кое го покажале сестрите на Лазар, Марта и Марија, во неговиот дом кон Спасителот. Тука ништо не се спомнува за Лазар сигурно поради тоа што во таа прилика не бил дома или бидејќи евангелистот сакал само да ни го опише она што се однесува на Марта и Марија.
-„Во она време, кога одеа, Исус влезе во едно село, некоја жена, по име Марта, Го прими во својот дом.“
Селото во кое Спасителот во оваа прилика влегол било Витанија, зошто евангелистот Јован ова село го нарекува село на Марта и Марија.
-„А таа имаше сестра, по име Марија, која седна при нозете на Господа и го слушаше Неговото слово.“
Кај Јудејците било обичај оној кој слуша наука да седне покрај нозете на учителот и тоа било во чест на знаењето на учителот, како и знак на длабока почит на неговата положба и карактер воопшто. Кога, значи, Марија седнала покрај нозете на Спасителот, таа со тоа зазела положба на Негов ученик и така ја слушала спасоносната наука на Господа.
-„А Марта се трудеше многу да Му служи што подобро. Таа пристапи и рече: „Господи! Зар не Ти е грижа дека мојата сестра ме остави да служам сама? Кажи и да ми помогне!”
За целосно да ја разбереме оваа случка, потребно е да се запознаеме со тогашниот распоред на куќната работа, со обичаите и блиското пријателство меѓу Спасителот и домот на Лазар. Од првиот стих на денешното Евангелие дознаваме дека Марта била постара сестра и дека во домот го заземала местото на домаќинка. Кога Спасителот со учениците дошол во Лазаревиот дом, ним како на уморни патници, а и според обичајот, им било донесена вода и крпа за бришење, а потоа да се одморат. Во тоа време Марта ја оставила својата помлада сестра Марија со гостите, а таа отишла да спрема нешто за јадење. Кога ја видела Марија како седи покрај Господовите нозе, таа почнува да негодува заради невниманието на сестра и што на уморниот учител и пријател, на Кого му е потребен одмор, му задава работа. Заради тоа и му го поставила прашањето во намера да ја оддалечи Марија од уморниот учител и гостин. Но, Спасителот и одговара бранејќи ја Марија зошто:
-„ А Господ и одговори и рече: „Марта! Марта! Ти се грижиш и се вознемируваш за многу нешта; а потребно е едно. Марија го избра добриот дел, што нема да и се одземе.”
Односно: Марта, ти се трудиш и да не угостиш, си даваш работа повеќе отколку што треба, но јас ти кажувам да не се трудиш толку зошто мојата храна и одмор не се во јадењето и спиењето, туку во тоа „да ја извршувам волјата на Оној кој ме прати“ и заради тоа не само што Марија не ми досадува, туку ме радува што гледам дека е исполнета со добра волја да ја слуша мојата наука. Да, повеќе се радувам на слушателите на мојата наука отколку на оние кои се трудат за моите телесни потреби. Заради тоа и Марија го одбрала подобриот дел зошто за мене најмило гостопримство е слушањето на мојата наука. Но, со овие зборови Спасителот не кажува дека Марта го одбрала лошиот дел, туку само дека Марија го одбрала подобриот дел, зошто при две добра, едното е подобро. Гостопримството е добро дело, но да се седне покрај Бога е уште подобро – првото е телесно, а второто е духовно.
-„А кога го зборуваше тоа, една жена од множеството извика: „Блажена е утробата, која Те носела; и градите од кои си се хранел.”
Ова е 27-от стих од 11-та глава каде Спасителот во почетокот ги учи своите ученици како да се молат на Бога и им ја кажува молитвата: „Оче наш…“ Потоа кога му кажале дека демоните ги изгонува со помош на Велзевул, кнезот на демоните, Тој тоа го отфрла и после тоа се јавува жената која, како што се гледа од наведениот текст, се одушевила од мудроста на Спасителот, и ја благословува мајката која го родила и која, постои можност, да била присутна.
-„А Тој рече: „Уште повеќе се блажени оние, кои го слушаат Божјото слово и го пазат.”
Спасителот се врти кон таа непозната жена и вели: да, блажена е мојата мајка, но блажени се и оние кои веруваат и ги чуваат моите заповеди. Оваа вистина ја кажал Спасителот и во друга прилика кога рекол:„моја мајка и браќа се оние кои го слушаат Словото Божјо и го чуваат и исполнуваат“.
БЕСЕДА НА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА – МАЛА БОГОРОДИЦА
Со раѓањето на Пресвета Богородица
се објави радост во целата вселена
И навистина голема и неопислива радост се јавува на целиот свет со раѓањето на Пресвета Мајка на нашиот Господ и Спасител. Радувај се и весели се земјо; радувајте се и веселете се сите луѓе божји зошто во нашата средина израсна цвет на невиноста и чистотата, цвет кого до тогаш природата на луѓето не го давала и чиј плод е плод на животот и спасение на сите! Но, радувајте се и вие небеса и сите ангели божји зошто за наша слава и достоинство се појави животворно сонце на правдата од благословената Дева Марија, која е почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите! Затоа и небо и земјо, славете ја Царицата на ангелите и луѓето!
Но, нека денеска се радува и црквата на старите закони и пророци – старозаветната Црква зошто благословената личност на пророците се појави; се слави новиот и свет благодатен живот кој е преукрасен! Нека денеска, на денот на раѓањето на Богомајката, уште повеќе се радува едната света, соборна и апостолска Црква гледајќи ја својата слава и својот непобедлив водач – Дева Марија која ќе ја одведе во победа, слава и царство небесно. На крај, на денешниот голем ден се радува и секоја христијанска душа славејќи ја преблагата мајка на секој брат христијанин, зошто таа со својата милост не штити и брани сите нас, а со своето посредување, таа не застапува нас и нашите молитви, помага пред престолот на семоќниот Творец.
Но, на овој ден на нашата радост, да се сетиме и на радоста на Богородица, која откако ја прими од божјиот Архангел благата вест и славејќи го Бога, рече: „Нека душата моја го велича Господа и нека мојот дух се радува на мојот Бог Спасител“, и затоа треба секоја христијанска душа да се радува на Спасителот зошто кога нашата душа е полна со ваква радост и пофалба, тогаш навистина е достојна за љубовта и милоста на Божјата Мајка.
Но, што значат зборовите: „нека нашиот дух се радува на нашиот Бог Спасител“? Тие значат дека ние веруваме и исповедуваме дека Спасителот е овоплотен Бог и дека сите ние кои во Него веруваме сме сограѓани и браќа на Неговото царство на благодат; дека сме ученици на еден Божествен учител и стадо на еден небесен Пастир. Затоа, радувајќи се на едниот Господ Спасител, да бидеме сигурни дека Исус Христос царува во нашите души и дека Тој е светлина на нашиот ум и живот на нашето срце и затоа е потребно да ја слушаме Неговата наука зошто таа е вистинската храна за човечкиот ум, да ги исполнуваме Неговите заповеди зошто тие се живот за христијанското срце. Христовата наука и исполнувањето на Неговите заповеди му носи на човекот спасение. Но дали сите знаеме како треба да се грижиме за нашето спасение? Дали често се прашуваме дали и колку нашиот ум е обновен со живата вера во Синот Божји и постојаната надеж на вечен живот? Или, дали меѓу нас се уште се наоѓаат браќа кои уште скитаат по темнината на незнаењето на својата света вера; кои се топат во брановите на сомневањето и празноверците, гатањето и баењето, или кои се водат според секој неразумен дух на непобожни мисли и извртени науки? Дали нашето срце е обновено со вистината и силната љубов кон Бога Спасителот и кон ближниот, нашиот брат или тажно се дави во самољубие, итрина, омраза и злоба? Дали нашата душа е обновена така што нашата вера и побожност светат пред луѓето за тие, гледајќи ги нашите добри дела, милосрдност и добродетелства, го славата Бога Отецот, кој е на небесата? На сите овие прашања нека секој на себе си одговори, а потоа нека се радува на денешниот голем празник – рождеството на Богомајката зошто Пресветата Богородица вистина нека се моли за нас и нека не застапува пред престолот на правдата, но кога грешиме ние со тоа покажуваме дека ја презираме нејзината мајчинска љубов и милосрдност, а кога тоа го правиме, тогаш како можеме да се радуваме на нејзиниот денешен светол празник?
Но зарем може да се верува дека постои некој кој ја презира љубовта и милоста на својата мајка, а камоли на Мајката Божја? Затоа, да се помолиме на Богомајката и од сета душа да кажеме во својата молитва: Богородице Дево, исполни ги со радост нашите срца кои денеска го славиме светиот ден на Твоето раѓање. Чувај не, пресвета Мајко, со својата милост и застапувај не пред престолот на Севишниот, за поминувајќи го животот праведно и побожно се удостоиме со небесните вечни блага меѓу ангелите кои заедно со нас ти пеат: Достојно е навистина да Те именуваме Блажена, Богородице, секогаш Блажена и Пречиста Мајко на нашиот Бог. Почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите, нетлено си го родила Бога – Словото, навистина си Богородица, ние Те величаме. Амин.
ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ПРАЗНИКОТ ВОВЕДЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
(се чита истото Евангелие за празникот Рождество на Пресвета Богородица, кое веќе е протолкувано)
БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ ВОВЕДЕНИЕ
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух
Денеска целиот православен свет слави голем празник. Со благоволение на преблагиот Бог на денешен ден отпочна откупувањето на целиот човечки род. Денеска во Божјиот храм е доведена Дева Марија и со тоа е предназначено и скорешното доаѓање на Спасителот на светот, и затоа денеска нека се радува небото и земјата, зошто ете Господ го помилува својот народ. Царицата на ангелите и луѓето, светата Владичица, славата на мачениците и Апостолите, денеска е воведена во светината над светините и е посветена на служба на Бога.
Чудесно е зачнувањето на Дева Марија, нејзиното раѓање е свето, но од се најчудесно и неспоредливо најсвето е нејзиното спасоносно влегување во светината над светините на ерусалимскиот храм. Тригодишната Дева како чист брилијант, доброволно се принесува на Бога кој ја повикал уште пред создавањето на светот и ова била најголемата жртва која до тогаш била принесена на Бога. Соломоновиот храм, во кој Пречистата Дева била посветена на Бога, бил најубавиот храм во светот, но каква била неговата убавина и величина и богатство во споредба со славата и достоинството на Дева Марија која се удостоила да биде храм на Спасителот на светот, Синот Божји, овоплотениот Бог?
Во Соломоновиот храм имало девет работи кои биле најсвети. Прво седумкракиот свеќник со седум осветлувања; второ трпезата на осветените лебови, трето златното кадилиште каде се палел темјанот; четврто златниот сад во кој се наоѓала маната, петти двете табли кои Мојсеј ги добил на Синај на кои биле испишани десетте заповеди; шести Ароновиот жезол кој чудесно процветал; седми ќивотот во кои се наоѓале таблите; осми Херувимите со кои се осенувало местото каде се принесувале жртвите на умилостение; и деветиот најсвет дел од храмот кој се нарекувал светина над светината. Сите овие предмети биле праслика на Богомајката зошто седмокракиот свеќник се седумте дарови на Светиот Дух со кои од раната младост светела. Таа е животодавната трпеза, лебот на животот. Таа е златно кадилиште кое во себе го хранела огнот на божеството. Таа е златниот сад од мана во која била небесната мана – Христос Спасителот. Таа е таблата на законот, која го носела овоплотениот закон, Словото Божјо. Таа е чудеснопроцветаниот жезол кој цветал со цвет на бесмртност. Таа е ќивотот, Богомајка, светина над светините во која живеел Господ над сите светини!
Според тоа Дева Марија е жив храм на живиот Бог. Како дете од три години Таа имала толкава светлина што веќе била достојна да влезе во светината над светините во кој влегувал Архиерејот и тоа само еднаш во годината! Во тие години Таа со својата светлина ги надвисила сите праведници и пророци, а подоцна ги надвисила не само Апостолите и мачениците, туку и Херувимите и Серафимите, затоа и Црквата и пее.
Кога Пресветата Богомајка во својата трета година се удостоила да влезе во светината над светините на ерусалимскиот храм, сега навистина е во светината на рајот, т.е. на престолот на Божествената слава, она што и пророкот го предвиде.
Богомајката била исполнета со благодат на земјата и затоа сега е исполнета со слава на небото!
Нека и е слава и благодарност на Богомајката која денеска како жив храм Божји влегла во Господовата Црква со голем спровод од невини девојчиња кои носеле запалени свеќи и пееле побожни песни. Со топли срца, а одушевени од побожност, да го прославиме и ние Воведението на Пресвета Богомајка. Амин.
ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ПРАЗНИКОТ БЛАГОВЕСТ
Лука, зач. 3 гл. 1 ст. 24-38
Денешното Евангелие говори како ангелот Гаврил се јавил на Дева Марија во Назарет и и′ благовестил дека таа ќе Го роди Спасителот на светот.
-„А по тие дни, неговата жена Елисавета зачна и се криеше пет месеци и велеше: ”Ова ми стори Господ во деновите кога погледна на мене, за да го отстрани мојот срам меѓу луѓето.”
По тие денови Елисавета зачнала и се криела веројатно срамејќи се што како жена во поодминати години зачнала. Елисавета ова го криела пет месеци, а во шестиот ангелот и се јави на дева Марија, која веднаш после тој настан заминува кај Елисавета, кај која останува три месеци (ст. 56), а потоа се враќа дома и Елисавета го раѓа Свети Јован (ст. 57). На крај, шест месеци подоцна се раѓа се и Месијата во јудејскиот Витлеем. Господ ја избавил Елисавета од укорите меѓу луѓето затоа што луѓето кои немале деца се сметале за големи грешници заради што и Бог не им давал деца.
-„А во шестиот месец, Бог го испрати ангелот Гавриел во галилејскиот град, по име Назарет, при девица свршена за маж, по име Јосиф, од Давидовиот дом. А името на девицата беше Марија. И кога ангелот дојде при неа и рече: „Радувај се благодатна! Господ е со тебе, благословена си ти меѓу жените!”
А во шестиот месец, значи од зачнувањето на Свети Јован.
Од Давидовиот дом, т.е. од семејството на цар Давид биле и Јосиф и дева Марија.
Поздравот: радувај се-бил општопознат и најмил кај Јудејците, и така ангелот ја поздравува Богомајката која исто ја нарекува и благодатна затоа што Бог ја надарил со особена и извонредна милост, удостојувајќи се да биде мајка на Спасителот.
-„Таа се уплаши од тој збор и размислуваше: каков поздрав ќе биде тоа?“
Ненадејната и неочекуваната појава на ангелот, начинот на неговиот поздрав и величината на она што и го јавува-сето тоа ја уплашило смирената дева, затоа и се помислила за тој неочекуван поздрав.
-„Тогаш ангелот и рече: „Не бој се Марија, зашто си нашла милост пред Бога. И ете, ќе зачнеш и ќе родиш Син, и ќе Му го дадеш името Исус. Тој ќе биде голем и ќе се нарече Син на Сèвишниот. И Господ Бог ќе Му го даде престолот на Неговиот татко Давид. И ќе царува над Јакововиот дом довека, и Неговото Царство не ќе има крај.”
Ангелот ја разбрал состојбата на девата и сега ја охрабрува и ослободува говорејќи и „не бој се, Марија“, зошто ти се јавувам како пријател кој е испратен од божја страна за да ти каже дека денеска се исполнуваат зборовите на пророкот Исаија кој кажал: „Ете девојка ќе зачне и ќе роди син и ќе му даде име Емануел (со нас Бог, Бог во тело) и Он ќе биде голем, т.е. славен како што и пророците предскажувале и како што ни посведочи и неговата историја. Дури во 30-та година, од сиромашно семејство од домот на еден дрводелец, нешколуван, без политичко влијание, меѓу презрените назаретски граѓани, Он почнува да проповеда и имал свои следбеници кои заради Него ги оставиле своите родители и семејства и татковина и се. Обвинет пред Синедрионот како богохулител, а пред државата како бунтовник, бил осуден на најпрезрената смрт, на распнување на крст! Сепак учел наука која го победила јудејскиот фанатизам и римската сила и грчката себичност и на крај осудениот, презрениот и распнатиот на крст за кусо време сите Го обожаваат, Му се поклонуваат и Го признаваат за Бог. Со Неговата наука варварите станаа цивилизирани, личното понижување е уништено, човекот од амбисот на расипаноста и деморализацијата е возвишен на степен на достоинство на чедо Божје. Овие народи ги сметаат своите историски настани од денот на Неговото раѓање, а оние кои се нарекуваат со Неговото име се гордеат. Царевите помагаат и служат во зголемувањето на Христовото царство, а науките зборуваат во Негова полза. Богатите и сиромашните, едни со материјално богатство, а други со духовно, со жртвување на својот живот, служат во проширувањето на Христовата наука. Навистина Синот на дева Марија е најголем. Он не е само на Давидовиот престол, туку на Неговото царство и нема крај. Он е наш Цар, Првосвештеник и Пророк. Он е Цар затоа што со своето семоќство управува со Црквата и ја брани од непријателите, Свештеник е затоа што со својата смрт на крст не помири со Бога и е Пророк затоа што ни ја објави Божјата волја.
-„А Марија му рече на ангелот: „Како ќе биде тоа, кога не знам за маж?”
Ова прашање посведочува дека пресветата дева не се сомневала во зборовите на ангелот, но не разбрала како тоа ќе се случи. Захариј напротив се посомнева во зборовите на ангелот. Едноставната и млада дева верува, а научениот и практичниот свештеник Захариј се сомнева во Божјите ветувања! Но и Светото Писмо вели дека: „она што е просто пред светот, тоа го избира Бог да ги засрами премудрите; и што е слабо пред светот тоа Бог го избира за да ги засрами силните“.
-„Ангелот одговори и и рече: „Светиот Дух ќе дојде на тебе и силата на Сèвишниот ќе те осени; затоа Светото кое ќе биде родено од тебе – ќе се нарече Божји Син.
Како што при создавањето на светот, Светиот Дух се носел над водите и ги осенувал, така Он и сега ја осенува и дева Марија. Како што светот не станал Свети Дух, туку Слово Божје, така и сега се раѓа Син од Отецот при осенувањето на Светиот Дух. Нашата света вера не учи дека Бог е еден по битие, но троичин по лица: Бог Отец, Бог Син и Бог Свети Дух. Отецот е нероден, Синот вечно и натприродно се раѓа од Отецот, а Светиот Дух вечно и натриродно исходува од Отецот.
-„И ете твојата роднина Елисавета, и таа зачна син во својата старост. И тоа е веќе шестиот месец за неа, која ја наречуваат неплодна. Зашто ниеден збор од Бога нема да остане без сила.”
Бог, наградувајќи ја пречистата и побожна дева Марија, и јавува дека е бремена и старата и неплодна Елисавета. Ова и го јавува и заради тоа што двата настани се однесуваат на една работа – доаѓањето на Месијата.
Дева Марија сега не само што верува, туку и се согласува и прифаќа да и биде како што кажува Божјиот ангел и затоа од тој час се удостојува да биде Божја Мајка.
-„Марија му рече: „Еве ја Господовата слугинка, нека ми биде според твојот збор!” И ангелот си отиде од неа.“
БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ БЛАГОВЕСТ
Цар Соломон, кој од Бога ја добил сета светлина на мудроста за испитување на тајните во природата, кога прегледал се што како човек можел да види и на небото и на земјата и се што пропаднало, што е и што ќе биде-пронашол дека се што е на светот под сонцето не е ништо ново. Но на денешен ден еве Бог направи нешто ново што никогаш не било, ниту пак ќе биде некогаш! Тоа ново дело го направи семоќниот Господ на благовеста на благодатна дева Марија, која на денешен ден останувајќи дева ќе стане мајка, но мајка Божја. Ово навистина е двојно чудо зошто е најголемата тајна на нашата Православна вера.
Кога дошло време Бог Отецот да го испрати својот единороден Син на земјата да се овоплоти, прво го испартил својот Архангел Гаврил во Назарет, галилејски град, при дева Марија, за да ја поздрави со зборовите: „радувај се благодатна, Господ е со тебе, благословена си ти меѓу жените“ – и да и каже дека Бог ја избрал да биде мајка на Неговиот Син, да го роди Спасителот на вселената. И ете, сите околности кои на денешен ден се случиле потполно одговараат на божествена благовест. Прво требало да се јави благовесникот Архангел Гаврил зошто тајната на денешниот празник и не е ништо друго освен натприродна врска на две природи: божествена и човечка и тоа во едното лице на Синот Божји, кој е совршен Бог и совршен човек, а и Гаврил значи-човек и Бог.
Требало оваа тајна да биде во Назарет зошто со неа се осветува човечкиот род при спојувањето на човечката природа со божествената, а и Назарет значи: осветување. Требало да биде месец март зошто во тоа време се случувало создавањето на светот и во исто време требало да се случи и препородувањето на светот. Тогаш земјата првпат без семе израснала од себе разни растенија, така и сега првпат дева зачнува без маж. Слично е и со раѓањето на Свети Јован Крстител. Тој бил зачнат шест месеци пред Спасителот – тогаш кога светлината на денот почнува да опаѓа, а ноќта да расте, а Спасителот шест месеци подоцна, т.е. кога ноќта се намалува, а светлината на денот се зголемувала зошто дошло време да престане законската- старозаветната – светлина, како што беше светлината на Свети Јован Крстител, и да настапи благодатната, христијанската светлина која од Спасителот започнува!
Сите околности на денешниот ден се чудесни, но најголемото чудо е дева во исто време да биде и мајка. Но и тоа најголемо чудо совршено одговара на големата тајна на денешниот празник зошто Спасителот Исус Христос, станувајќи човек и останувајќи Бог, станал она што не бил и останал она што бил; па дури и дева Марија, станувајќи мајка и останувајќи дева, станала она што не била и останала она што била! Спасителот е Син, роден без татко; а и дева Марија е мајка раѓајќи без маж. И навистина многу е голема разликата меѓу Бога и човекот, но Спасителот Бог станувајќи човек не престанал да биде Бог, но исто така е голема разликата меѓу дева и мајка и девата станувајќи мајка не престанала да биде дева! Но таквиот Син и требало да има таква Мајка за која и Светото Писмо вели дека: „целата е чиста, кај неа нема порок, светла е како сонце и избрана како месечина (Песна над песните, 4), и затоа и Архангелот и вели: „радувај се благодатна, Господ е со тебе; благословена си ти меѓу жените“. Но, тоа и пророкот Исаија 800 години пред раѓањето на Спасителот прорекол кажувајќи му на царот Ахаз дека: „дева ќе зачне и дева ќе роди син и името ќе му биде Емануел“, што значи: Бог во нас, Бог во тело – Богочовек.
И оваа голема тајна на денешниот празник ја направи преблагиот Господ за спасение на светот, зошто најблагородното Божје суштество, човекот, лелекал повеќе од 5000 години под товарот на гревот и ропството човекоубиецот сатаната. После падот на човекот во рајот и после искинатиот завет меѓу Бога и човекот, се отвори огромна провалија меѓу создаденото и Творецот. Бог се оддалечи од човекот и човекот беше оддалечен од Рајот. Пламениот меч ги истера нашите прародители од местото на среќата и блаженството и ги истера во светот на ништожноста и суетата. Од тој час целиот човечки род почна да трпи лоши последици од гревот и до дното на чашата да ја испива горчливоста на бедата и неволјите. И така човекот излегувајќи од рацете на Творецот: свет чист и среќен, гледајќи го Бога и слушајќи го како учител, како синот Отецот; човек сопственик на голема мудрост и господар на сите животни; човек, слика божја, суштвество нешто помало од Ангелите, овенчан со слава и чест на царството земно – таквиот човек стана жртва на гревот и смртта, роб на нечестивиот и жител на Адот!
Од тоа време вселената стана место на беда и неволја, место на несреќа и суета, а човекот толку се понизи и помрачи што наместо вечниот Бог почнал да го обожава смртниот човек, птиците и четириножните животни. Луѓето почнале да им служат на идоли, своите синови и ќерки да ги принесуваат како жртва и како што пророк Давид кажува, целата земја се осквернавила со човечки дела.
При толку голема несреќа и заблуда на паднатиот човек, на денешен ден Бог погледнал кон луѓето и Господ се симна од небото на земјата за да може човекот да се качи од земја на небото, а за ова големо дело ја избрал пресветата дева Марија која била избрана од сите земски родови за да го позајми телото на Спасителот на вселената. Но при ова препородување на светот се случува и најголемото чудо. При создавањето на светот Адам го позајмува телото за Ева бидејќи таа е создадена од неговото ребро; а при препородувањето на светот, ќерката на Ева – Богородица – го позајмува телото за новиот Адам и така на денешен ден го оддолжува долгот кој Ева го должела! Таму Адам без жена и дева произведува жена, а тука дева без маж раѓа богочовек. Како што Адам после одземеното ребро останува цел и неповреден, така и дева Марија после раѓањето на Синот останува непорочна и неповредена. Бог станува човек и човекот станува Бог, а се заради спасението на светот.Толку голема добивка ни донесува денешниот празник на божествената Благовест!
Но, лелекал човекот до искупувањето под товарот на лошите последици од својот доброволен грев, па зарем и денеска не лелека целиот свет под товарот на бедата и неволјата и се заради своите гревови? Зарем денес не лелекаат народите под товарот на несреќите и неприликите? Зарем денес не лелекаат поединци под товарот на несреќите заради своите гревови? Но светот ќе трпи и луѓето ќе трпат се додека не се поправат и својот живот не го насочат да наликува на животот на Пресветата Богомајка.
Бог слезе од небото за да може човекот да се искачи на небото и како што симнувањето на Бога на земјата го објави како блага и пријатна вест Архангелот Гаврил, велејќи и на пресветата дева: „радувај се, Господ е со тебе“, така Господ секому му го дал Ангелот Хранител да го чува и да го спасува од товарот на гревот, од товарот на бедата и неволјите. Но бидејќи човекот како слободно и разумно битие, како слика Божја, треба своето спасение и самиот лично да го заслужи, затоа сме должни својот живот да го поминеме чесно и богоугодно, а кога грешиме да се покаеме, зошто Бог го прима грешникот кој се покајал; Бог се симна од небото и се роди од пречистата дева за да го спаси човекот и заради тоа пострада на земјата за грешникот да не загине.
Но да се вратиме на славата на Богомајката чија Благавест ја празнуваме денеска. Таа е мајка на Спасителот на светот, мајка на Синот Божји и затоа со чест и божество се возвишува над сите мајки од овој свет и ја слават сите земски родови. Таа со слава и светост се воздугнува не само над сите светители, туку и над ангелите, зошто да се биде Божја мајка значи да се удостои со таква чест која е рамна на Божјата чест.
Затоа кога сме болни и бараме лек, кога сме сиромашни и бараме леб, кога сме туѓинц и бараме засолниште, кога сме среќни и бараме во среќа да останеме, кога сме сирачиња и бараме заштита – да не очајуваме туку со искрена христијанска молитва да се обратиме на дева Марија, мајката Божја и таа ќе ни помогне. Вистина е дека Бог по милоста го прима и посредувањето на светителите кога ним им се обраќаме, но кога ја молиме пресветата дева Марија таа да посредува за нас, тогаш преблагиот Спасител повеќе ќе ни помогне зошто Он е Син на дева Марија и кога нам ни го даде законот секој син да ја почитува и слуша својата мајка, Он, како нејзин Син го сака тој закон. Затоа да не го изоставуваме во нашите молитви името на дева Марија, Божјата мајка, која е благословена меѓу жените зошто Господ е со неа.
ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ПРАЗНИКОТ УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА – ГОЛЕМА БОГОРОДИЦА
(се чита истото Евангелие како за Мала Богородица кое веќе е протолкувано)
БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
Кога Пресвета Богородица, чие Успение го славиме денеска, ја прими благата вест за воплотувањето на Бога од Архангелот Гаврил, таа отишла да ја посети праведната Елисавета, мајката на Свети Јован Крстител. И кога Елисавета, со пророчки дух, ја познала Пречистата Дева како Божја Мајка и како таква ја поздравила, тогаш Богородица била исполнета со пророчки дух. И навистина ова пророштво на Богомајката се исполнило зошто од тој ден откако спасоносната светлина на Евангелието засветлила преку Апоатолите, сите родови земски ја слават и величаат преблагословената Дева и го благословуваат нејзиното пресвето име. Нашата света православна црква слави спомени на многу чудесни настани од нејзиниот живот и тоа од нејзиното зачнување и раѓање, до нејзиното славно упокојување. Сите христијански цркви се украсени со нејзините свети икони, а сите христијани кои со жива и топла вера и се обраќаат се удостојуваат со нејзината голема помош и затоа ја слават сите земски родови.
Но да се запрашаме зошто сите човечки родови ја слават и величат Преситата Дева? Затоа што е праведно и достојно да ја слават.
На прво место на Божјата мајка и прилега слава и величење заради нејзините богоподобни доблести. Без сомнение Богомајката е најубавиот украс, најголемата чест и слава на целопт човечки род, зошто со неа човечката природа е возвишена на највисок степен на морално совршенство. Таа е во се добра, како што кажа Светиот Дух, во неа нема порок бидејќи неа ја очисти Божјата благодат. Основа на сите доблести е побожноста и топлата вера во Бога, а Пресвета Дева марија била потполно украсена со овие две доблести. Родена преку молитва и посветена на Бога, таа благовремено го познала своето високо означување и определување и како чиста и невина жртва таа совршено се препуштила на Божјата волја. Како дете од три години Пречиста Дева го остава родителскиот дом и оди во храмот Господов да таму посветена на Бога, ја помине своја младост во мир, тишина и молитва. Како што првата желба на нејзиниот живот на земјата била сите денови од својот земски живот да го помине во храмот Господов, така и нејзината последна желба била што поскоро да прејде на небото во домот на Семоќниот, како што и се случило.
Но освен побожност и топла и постојана љубов кон Бога, Богомајката ја красела и ретката доблест на понизност и затоа таа живеела далеку од светот и неговата суета. Оваа нејзина неизмерна смиреност јасно се гледа во зборовите кои ги кажала на Архангелот: „Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според зборовите твои“. Освен тоа, таа ја покажала и својата преславна величина кога рекла: „И мојот дух се зарадува во Бога, мојот Спасител, зашто ја погледна смиреноста на Својата слугинка. И ете! Отсега сите родови ќе ме наречуваат блажена“, нешто што е сосема праведно зошто таа достојно послужила на големата тајна на Божјото овоплотување заради спасение на човекот.
Но голема тага и страдања претрпе Преблагословена Дева Марија, но нејзиното трпение било големо, беспримерно, неискажливо. По чудесните настани кои се случиле по раѓањето на Богочовекот, нејзиниот Син и по кои знаела дека преку неа се извршила желбата на израелците и очекувањето на народот, нејзиното срце било рането со зборовите на богопримецот Симеон кога за Богомладенецот кажал: „Гледај! Овој е поставен за паѓање и подигање на мнозина во Израел, и знак на кој ќе му се противат“ (Лука, 2, 34), и ова пророштво се исполнувало во текот на целиот нејзин земен живот. Многу други доблести ја украсувале Дева Марија и затоа таа била благословена меѓу жените.
Достојно е да ја славиме и величаме Пресвета Богородица заради толку големиот број на доблести и совршенства, но праведно е сите народи да ја слават поради тоа што како мајка на нашиот Бог и спас Исус Христос прва послужила на делото на човековото спасение и искупување. Првата жена, Ева, секогаш за нас ќе остане исполнета со чест и достоинство зошто е мајка на сите нас и затоа Адам ја нарекол „живот“. Но каков е животот на кого Ева му е мајка? Тој живот и исполнет со гревови и ништожности проследен со тага и несреќи. Тој живот секогаш е затруен со отровот на болестите и секогаш завршува со смрт и тоа вечна, зошто ние раѓајќи се во светот сам со телесно раѓање, се раѓаме само по сликата на паднатиот Адам; се раќаме грешни и потчинети на судот и гневот на праведното небо! Но Дева Марија е мајка на вистинскиот живот и вечното спасение кое ни го подари нејзиниот семоќен Син, Господ Исус Христос, кој не искупи од гревот и смртта со својот божествен живот, крсната смрт и животодавното воскресение.
Мајката на Христа Бога е силен помошник во делот на нашето спасение и моќен посредник кај небесната правда. Вистина е дека и божјите светители и угодници посредуваат за нас пред Бога и многу ни помагаат, но иако посредувањето на светителите ни помага многу, тогаш колку е големо посредувањето на Пресвета Богородица пред нејзиниот Син и Бог? Таа е посвета од сите светители, таа е царица на светот и неа ја слушаат и светите ангели и затоа таа има моќ и сите средства да ни помогне кога сме во неволја. Додека Пресвета Дева Марија живеела на земјата, таа, како вистинска мајка, била радост, утеха и спас на сите кои и приоѓале, но кога била славно земена на небото, таа телесно им се јавила на светите Апостоли и им дала значајно ветување дека со нив ќе биде секогаш.
Како најдостојно да ја славиме и величаме мајката на нашиот Бог? Најдобро е да ја славиме со архангелскиот поздрав: „Радувај се благодатна марие, Господ е со тебе.“ да ја славиме Пресвета Богородица со својата вера и надеж на нејзина помош/ да ги исповедаме пред неа сите таги на нашето срце и сите потреби на нашето тело и дух зошто нејзината радост и слава е во тоа да не исполнува со милост и добродетелство, сите нас кои искрено и се обраќаме и молиме. Но најдостојно можеме да ја славиме кога ќе се угледаме на нејзините доблести. Да се трудиме да бидеме украсени со онаа побожност со која била украсена Пресвета Богородица, да се угледаме на нејзината смиреност и трпение, да се одликуваме со чистота на телото и душата како неа, за да се удостоиме да бидеме живи станови и храмови на Господ Бог и Спасител кој рече: „Кој ме љуби и верува во Мене, тој и Моите заповеди ги исполнува, а кој Ме љуби Мене, него ќе го љуби и Мојот Отец; и при Него ќе дојдеме и при Него ќе се населиме“.
О, Преблагословена Дево, со твојата света заштита чувај ги сите кои денеска го празнуваат твоето преславно успение, а со своите молитви воведи не во царството на твојот Син и наш Спасител на Кого нека е чест и слава во век и векови. Амин.
ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ПРАЗНИЦИ НА СВЕТИТЕЛИ
СВЕТА ПРЕПОДОБНА ПАРАСКЕВА – ПЕТКОВДЕН
Матеј, зач. 104 гл. 25 ст. 1-13
Денешното Евангелие зборува за споредувањето на десете девици од кои пет биле мудри, а пет непремислени. Цела оваа 25-та глава од Евангелието по Матеј се однесува на Христовото доаѓање во време на Страшниот Суд и е продолжување на глава 24. Бидејќи моралните дела на нашиот живот на земјата ја одредува и нашата состојба зад гробот, Господ уште при смртта ја одредува состојбата на нашата душа која јавно ќе се суди и после воскресението, на денот на Страшниот Суд. Споредувањето на десетте девици и петте таланти можат практично да се применат и во времето на нашата смрт и иако воглавно се однесуваат на доаѓањето на Господ во времето на Страшниот Суд. Целта на оваа Христова парабола за девиците е следбениците добро да ја запамтат својата должност според која треба секогаш да бидат спремни за последното Христово доаѓање. Ова е изложено од 41-от до 45-от стих на 24-та глава, но оваа подготовка е толку значајна што Господ за неа зборува повеќе пати и на разни начини.
-„ Тогаш Небесното царство ќе биде како десет девици, кои ги зедоа своите светилници и му излегоа во пресрет на младоженецот“.
Царството небесно овде ја претставува состојбата на Христовата црква во времето на последното Христово доаѓање. Во ова Царство на Спасителот постојат многу повикани, но малкумина се избрани. Од два реда верници кои постојат во Христовата црква-еден ред се побожни, а другиот се непобожни.
-„Петте од нив беа неразумни, а петте мудри. Зашто неразумните зедоа со себе светилки, но не зедоа масло; а мудрите зедоа масло, во садовите, со своите светилници.“
Пет од девиците се нарекуваат мудри бидејќи со себе зеле масло, а другите се нарекуваат неразумни затоа што не зеле. Во групата на првите пет мудри девојки спаѓаат сите побожни христијани, а во другата група спаѓаат сите непобожни и кои само викаат: Господи, Господи, кои се држат до прости формалности, но не живеат според духот на заповедите; што значи кај нив верата е мртва немајќи ни добри дела што во оваа парабола се подразбира под името масло.
-„Бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа. А на полноќ се чу викање: ‘Еве го младоженецот, излезете му во пресрет!’ Тогаш сите оние девици станаа и ги приготвија своите светилки. А неразумните им рекоа на мудрите: ‘Дајте ни од вашето масло, зашто нашите светилници ни гаснат.’ Но мудрите им одговорија и рекоа: ‘За да не биде малку и за нас и за вас, отидете кај трговците и купете си!’“
Свадбената прослава кај Јудејците траела седум дена за девиците, а три дена за вдовиците. Така Лаван му кажува на Јаков за Лија: „нека поминат седум дена со неа, а потоа ќе ти ја дадеме и Рахила“. И свадбата на Сампсон траела седум дена. Слаевњето било во куќата на таткото на невестата, а потоа невестата заминувала во куќата на мажот.
Сватовите, кои ја следеле невестата од татковата куќа до куќата на мажот, обично биле спроведувани со некоја парада и свеченост која одговарала на положбата и состојбата на младенците и затоа спроведувањето обично било ноќе и заради тоа во оваа парабола се вели дека девиците му излегле на младоженецот на средба ноќе.
-„Кога отидоа да купат, младоженецот дојде и спремните влегоа со него на свадбата, и вратата се затвори. А потоа дојдоа и другите девици и рекоа: ‘Господаре, господаре, отвори ни!’ Но тој им одговори и рече: ‘Вистина ви велам – не ве познавам!’“
Со овие зборови Господ не учи дека за спасување мораме на време да се подговтуваме и тоа на таков начин што секогаш да бидеме спремни, зошто смртта може да дојде ненадејно, а и одредениот час на Страшниот Суд е неизвесен, но после смртта и на денот на судот не е можно никој било што да направи во своја полза. Тогаш молбите и каењето нема никому да му помогнат, но затоа пак Спасителот непрестајно преку Црквата им говори на сите: „кој доаѓа при Мене, нема да го истерам надвор, и кој е жеден нека дојде и кој сака нека земе од водата на животот бесплатно“. Вратата на спасението е отворена за секого, па и за грешникот, само ако се покае. Така таа беше отворена за Арон кога падна во идолопоклонство; за Давид кога грешел и за Петар кога се одрече од Господа, но така е за оние кои на време се покајат и се поправат, а кои ќе задоцнат, како неразумните девојки од денешното Евангелие, нив Господ ќе ги казни: „не ве познавам“.
-„И така – бдејте, зашто не го знаете ни денот ни часот!”
Господ и со овие зборови ни препорачува постојано сериозно внимание и со тоа сака да укаже секој добро да запамети дека часот на милосрдието поминува и дека вратата на спасението еднаш ќе се затвори, а тогаш престанува и секоја надеж и секоја помош. Денот на Страшниот Суд Господ ниту на учениците не сакал да им го каже кога тие го прашале со намера ние секогаш да бидеме спремни да излеземе пред Него и да дадеме одговор за својата вера и добрите дела.
БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ СВЕТА ПРЕПОДОБНА ПАРАСКЕВА-ПЕТКОВДЕН
Умешна жена вреди повеќе од бесценети камења…Својата уста ја отвора мудро и на јазикот има блага наука. Таа внимава на однесувањето на своите деца. Таквата жена се бои од Господа и заслужува пофалба.
Со ови зборови премудриот Соломон ја опишува верната жена, добрата домаќинка и нежната мајка и бидејќи Света Петка, чиј празник го славиме денеска, се одликувала со толку доблести што тие ја воздигнале на степен на светост, затоа и оваа беседа ќе биде за христијанската мајка.
Првата и светата должност на секој народ и секое христијанско општество е со навремено добро воспитување да спреми чесни граѓани зошто само од такви членови државата може да очекува среќа и напредок. Без разлика какви се установите и законите, само ако не ги потпомага морал и пожртвување, тогаш не е воопшто можно еден народ да напредува и да биде среќен. Кога во општеството нема морал тогаш колку повеќе живее на послободен начин, толку повеќе паѓа во расипаност. За да не дојде до ова зло, на општеството, покрај останатото, се потребни вистински христијански мајки кои во секое општество се јасна светлина која го чува општеството да не скита по темнината на злото и расипаноста. Вистинските христијански мајки и учители треба да се живи примери на моралот и неуморни нежни учители на детското воспитување. Мајките треба да знаат дека нивниот живот и однесување имаат мошне големо влијание врз детскиот карактер и воспитување и ако нивните зборови не се сопвпаѓаат со нивните дела, тогаш и нивната наука со која ги учат своите деца, останува мртва. Затоа вистинската и најголемата грижа на секој народ е својот подмладок уште од раната младост добро и паметно да го воспитува за од него да добие добри и валидни граѓани. Но за ова дело многу се значајни мајките. Оваа вистина ја посведочуваат примери на многу познати луѓе кои за својата слава и величина им должат на своите мајки. Детската иднина и среќа, рекол еден мудрец, зависат од неговата мајка. Познатиот научник Русо вели: ако сакате луѓето да ви се големи и славни треба да ги научите мајките на величина и слава.
Добрата домаќинка обично се прилагодува на карактерот на својот маж и затоа е потребно и мажот да биде чесен и добар за да има среќа во домот. Добрата домаќинка е верна на својот маж и затоа со сите сили му помага во сите потребни моменти, таа се труди и го смирува кога е неспокоен или оптоварен со грижи, секогаш го прашува за совет и за се се договара со мажот. Таквата домаќинка со својот маж ги дели и славата и понижувањето, и среќата и несреќата, и грижата и радоста, а во своите обврски ја наоѓа среќата на своето семејство. Таквата домаќинка, според зборовите на апостол Павле, е чесна, блага, полна со вера, љубов и трпение и покорна на својот маж.
Онаа жена која е верна на светот и неговите суети, води мала грижа за својот дом и децата. Таа станува доцна чекајки слугинките да ја служат задоволувајќи и го секое нејзино движење. Потоа таа се према за посети и се распрашува за забави и мода, мажот го прима како гостин, а своите родени деца ги остава на изнајмени луѓе да се грижат за нив. Добрата домаќинка и вистинската мајка е чиста од сите овие зла. Таа станува рано и ја средува и чисти својата куќа. Со мажот се договара за домашните работи, а децата и се главна грижа секој ден во животот. Грижите на добрата домаќинка се затворени во нејзиниот дом и нејзиното семејство. Таквата домаќинка е исполнета со човекољубие кон секој и со љубов кон Бога, таа е спремна секого да утеши и секому да му помогне. Ваквата мајка ги буди своите деца со мајчинска љубов и им помага да се облечат, секогаш ги слуша ситните детски разговори и ги учи за Бога кој изминатата ноќ им го сочувал здравјето зошто Бог ги љуби добрите деца. Таа им раскажува дека сонцето без Бога не можело да се појави, дека дрвјата би ги изгубиле своите лисја и би угинале ако Бог за нив не се погрижи и дека децата не би имале ни куќа, ни кревет, ниту татко и мајка ако добриот Бог, кој е милостив Отец на сите, не се погрижил за сите и за се. Потоа добрата мајка ги учи своите деца дека треба да бидат благодарни на Бога за се и дека својата благодарност ќе ја покажат со тоа што ќе бидат добри, дека ќе ги почитуваат и слушаат своите родители и учители, дека ќе ги сакаат сите, дека ќе им помагаат на сиромашните, дека ќе учат добро и дека за се ќе бараат совет од своите родители. Добрата мајка им вели на своите деца да се молат на Бога и во молитвата да Му благодарат за животот и здравјето на таткото, мајката, роднините, пријателите и учителите, и Господ да им помогне да бидат добри деца како радост на своите родители и роднини, да бидат гордост на Светата Црква и да бидат од полза за татковината. Со ваквото воспитување на малите деца, добрата мајка ќе направи нејзините невини деца да бидат како ангели и продолжувајќи со таквото воспитување, таа ќе доживее радост и среќа од својот пород.
Доблестите го приближуваат човека до Бога, но кое дете може да биде навикнато на доблест ако не од својата добра мајка? Кој може да го научи момчето за важноста на трудот и да се биде работлив, за искреноста и братољубието, за милосрдието и пожртвувањето, достојноста и патриотизмот? Кој е во состојба во момчето да вдахне љубов кон Бога, кон Црквата и нејзините свети заповеди колку добрата и нежна мајка? Ако добрите мајки не прават така со своите деца, тогаш што може да очекуваат учителите во училиштата од деца со болна душа и закоравено срце? Ако мајките своите деца не ги научат кон секого да се однесуваат онака како што треба, чесно и човекољубиво, ако мајките не ги научат да ги почитуваат постарите, човечки да се однесуваат кон оние од иста возраст, ако не ги научат кон помладите да се однесуваат благо и пријатно, тогаш од своите деца немаат право да очекуваат никаква радост и среќа. Момчето треба да се научи секогаш да доаѓа на време на работа, а на добриот пример не треба само да се упатува, туку и со пример да се покаже.
Злото иако има голема сила меѓу луѓето, сепак е со слаба моќ, зошто доблеста, иако често се презира, сепак од се е помоќна и како што младоста тежнее кон славата и величината, на мајките нема да им биде тешко да ги научат своите синови и ќерки да се одликуваат со добри примери. Но момчето може да згреши, но мајката не треба на очајува. Светата Црква и во оваа прилика помага учејќи ги сите свои синови да се каат за своите гревови. По примерот на Црквата и мајката треба да го научи своето дете искрено да се покае за секој свој грев кој го направило. Апостол Петар трипати се откажа од Спасителот, но се покајал и заплакал за својот грев. Бог му простил и тој после станал врховен Апостол на Христос Спасителот, и денес е овенчан со толкава слава што е славен и пред Бога и пред луѓето.
Ако мајките сакаат нивните деца да се спасат, ако сакаат нивните деца да бидат прочуени на радост на родителите и да бидат гордост на Црквата и од полза на татковината, нека се трудат целиот свој живот да посведочат дека се навистина христијански мајки и дека ќе ја исполнат мудрата изрека на Соломон: „Умешната жена вреди повеќе од бесценетите камења… …Својата уста ја отвора мудро и на јазикот има блага наука. Таа внимава на однесувањето на своите деца. Таквата жена се бои од Господа и заслужува пофалба“. Амин.
ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ПРАЗНИКОТ СВЕТИ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈА
Јован, зач. 52 гл. 15 ст. 17-27 и г. 16 ст. 1-2
Евангелието кое се чита на денешниот празник говори за љубовта меѓу учениците Христови и за нивната полжба и состојба во светот.
-„Им рече Господ на своите ученици: Ова ви заповедам: да се љубите еден со друг!”
Пред Спасителот да им ја каже на своите ученици оваа своја заповед за љубовта која се должни да ја имаат меѓу себе, Он им објасни многу нешта и им ги протолкува заради утеха во опасностите и прогоните кои ги очекуваа, така и сега им заповеда да се љубат взаемно заради смиреноста и храброста која им е потребна за идната апостолска работа.
-”Ако светот ве мрази, знајте дека Мене Ме мразеше пред вас!“
На учениците им претстоеше во светот многумина да ги замразат, но не заради тоа што тие омразата ја заслужуваат, туку заради Христовото име. И навистина непобожните ги мразат побожните зошто тие не се согласуваат со нив и не ги одобруваат нивните дела. Кога таквите го мразеа Учителот, тогаш е многу разбирливо што ги мразеа и Неговите ученици. Оваа вистина ја посведочува историјата: Каин го мразел Авела, Јудејците-пророците, Атињаните-Аристида, Сократ – Фокијон и т.н. Спасителот ова им го напоменува на своите ученици и ги теши со тоа што прво Него Го замразиле (Мат. 10, 24-25).
-„Ако бевте од овој свет, светот би ги љубел своите; но бидејќи не сте од светов – туку Јас ве избрав од светот – затоа светот ве мрази.“
Светот има свој егоизам и особено се труди за своите интереси и затоа ги презира побожните кои прават сосема спротивно и за него се опасни. Но зарем не е вистина дека токму овој ист егоизам ги раскарува и мрази самите тие непобожни?
-„Помнете го зборот што ви го реков: ‘Слугата не е поголем од својот господар!’ Ако Ме гонеа Мене, ќе ве гонат и вас; ако го пазеа Моето Слово, ќе го пазат и вашето.“
Овие зборови Спасителот повеќе пати ги повтори на разни начини и со нив ги учи своите ученици, тие и сите останати евангелски проповедници да не очекуваат на земјата поголема слава на земјата од онаа која земјата Му ја покажала Нему, туку да се благодарни ако не поминат полошо. Но ако поминат и полошо, нека им е доволна божјата благодат. Од овие зборови на Спасителот дознаваме дека постои блиска врска меѓу Него и Неговите следбеници, како на пример меѓу учител и ученици, домаќин и домашните.
-„Туку, сè ова ќе ви го прават заради Моето име, зашто не Го познават Оној, Кој Ме пратил“.
„Ќе ве гонат и вашите зборови нема да ги слушаат зошто тие се моја наука која е противна на нивниот живот“. Овие јудејски, римски и останати идолопоклонички прогони против христијаните се случиле затоа што евангелската наука е против лагите, измамите, страсното уживање, себичноста и т.н. Но сето ова нивните вери го одобруваат зошто не знаеле за правиот и вистински Бог, за Оној кој Го испрати Спасителот и Неговата наука и нејзините проповедници ги мрази и гони, а со тоа Го мразат и Учителот и Оној Кој Го испратил Него. Но со тоа ги теши Спасителот своите ученици и им вели да се тешат и радуваат што се презрени и омразени заедно со Него и Отецот. Сите овие укори Господ особено ги упатува на Јудејците и затоа за нив вели:
-„Да не дојдев и да не им зборував, немаше да имаат грев; но сега немаат изговор за својот грев.“
Односно, да не ги учев Јудејците не би биле учесници на престап според кој Го отфрлија Месијата иако на Него го видоа исполнувањето на своите пророштва. Но тие не само што ги видоа делата и животот на Христа, туку ја слушнаа и Неговата наука и наместо да Го примат и да поверуваат, тие не само што Го отфрлија, мразеа и гонеа, туку и Го убија со срамна и маченичка смрт! Од овие зборови на Спасителот треба секој христијанин да донесе значајна морална поука зошто ние слушајќи ја евангелската проповед и знаејќи ја целата Христова историја нема да имаме оправдување и ќе бидеме тешко осудени ако и Неговите свети заповеди не ги исполнуваме. Како што Јудејците претрпеа и трпат многу тешки страдања и неволји бидејќи Го отфрлија Христа Спасителот иако Го знаеја, исто така секој од нас ќе помине кој во Христа не верува.
-„Кој Ме мрази Мене, Го мрази и Мојот Татко“.
Омразата на Јудејците против Христа е омраза против Отецот Негов кој во повеќе прилики сведочи за Синот и заповеда да Го слушаат. Но, освен тоа Спасителот и со овие зборови не учи за двете личности на Светата Троица препорачувајќи ни дека и Отецот и Синот се еднакви и исто треба да Ги почитуваме и веруваме и дека секоја навреда која Му се прави на Синот, се однесува и на Отецот.
-„Да не направев, меѓу нив дела какви никој друг не направил, немаше да имаат грев; но сега видоа и пак нè замразија Мене и Мојот Татко. Туку, треба да се исполни словото, запишано во нивниот Закон: ‘Ме замразија без причина!’
Тука под зборот „дела“ Спасителот ја разбира својата наука, чуда и целиот свој живот, а особено својата голема благост кон човекот. И навистина Неговите чуда биле поголеми од сите претходни зошто на слепите од раѓање им давал вид, на немите говор, на глувите слух, на одземените здравје, на лепрозните очистување и на мртвите живот и сето тоа го правел со еден збор, со својата сила и волја, но и покрај сето тоа Јудејците Го мразеле и Него и Отецот и затоа немаат оправдување, но за сето тоа е претскажано во книгите на Стариот Завет. Но, од друга страна оваа омраза на Јудејците кон Спасителот подоцна била доказ дека Он од пророците бил претскажаниот Месија.
-”А кога ќе дојде Утешителот, Кого Јас ќе ви Го испратам од Таткото, Духот на Вистината, Кој излегува од Таткото, Тој ќе сведочи за Мене“
За учениците да не Му кажат: кога заради Твојата наука Те замразија Тебе и Твојот Отец, тогаш зошто ни заповедаш истата таа наука да ја проповедаме и зошто не испраќаш меѓу нив? – Господ сега ги теши ветувајќи им дека ќе имаат помош од Светиот Дух, Tретото лице на Света Троица.
-„А и вие ќе сведочите, зашто сте со Мене од почетокот.”
Тука Спасителот се повикува и на сведоштво на самите Апостоли кои со Него биле од почетокот и сите се виделе и се знаат. Апостолите го виделе и приватниот и јавниот живот на Спасителот, ја слушнаа целата Негова наука и се сведоци на сите Негови дела, и затоа се во состојба да сведочат најверно.
-„Ова ви го кажав, за да не се соблазните.Ќе ве истеруваат од синагогите; а ќе дојде час, кога секој, што ќе ве убие, ќе мисли дека Му служи на Бога.“
„Ова ви го кажав“, т.е. за страдањата кои ги очекуваа и однапред да знаат за во тешките моменти да знаат како да се однесуваат. Дека тие страдања ги очекуваат за да не омалаксаат гледајќи ги Неговите страдања и смрт при своите страдања и мачења. Им претскажува дека ќе бидат истерани од синагогите и од списокот на верниците. Сите Апостоли, освен евангелистот Јован, умираат со маченичка смрт, а и нивниот живот бил исполнет со мачеништва и прогони.
БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ СВЕТИ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈА
Денеска светата Црква го слави празникот на угодникот божји, светиот великомаченик Димитрија, кој го сотре тиранинот и го победи демонот; кој стана света жртва за пресветото име Христово, затоа Господ Бог го прослави и во целото православие неговото име го направи големо и свето. Но Свети Димитрија Го славел Бога од своето раѓање па се до своето упокојување.
Преблагиот Господ го прославува, љуби и му помага на оној човек кој не само се нарекува христијанин, туку кој и со дела ја посведочува вистината, зошто каква е ползата од човека кој само се нарекува христијанин, а не ги чува светите Христови заповеди, ниту пак пресветото Божје име од оние кои го фалат. Таквиот христијанин не е христијанин, таквиот не верува вистински во Христа, туку Го мами Бога и луѓето, незнаејќи дека Бог се гледа и се знае. За да разбереме кој е вистински христијанин, да ги слушнеме делата и животот на Свети Димитрија кој ни дава верна слика на вистински христијанин и кого Бог и на земја и на небо го прослави и го прославува. Во она време кога живеел Свети Димитрија, христијаните тешко страдале од идолопоклониците и секој кој предавал еден христијанин бил многу уважуван и му било даван како награда целиот имот на оној христијанин кого го предал. По сите држави од она време, по сите окрузи, градови и села не можело ништо друго да се слушне освен за апсење, мачење и убивање на невини христијани чија крв ја напојувала земјата во големи количини! Но колку повеќе ги гонеле христијаните, толку повеќе тие станувале храбри, зошто христијанството го основал Христос Бог Кој им помагал на христијанските благословени маченици. И токму во тоа време се јавува храбриот Христов војник Свети Димитрија како вистински христијанин кој јавно признава и исповеда дека е и дека бил роден како христијанин. Неговите познатици и пријатели го советуваат тоа да не го говори јавно за управителот на градот не дознае и да не го убие, но тој од ништо не се плаши и со радост ја исповеда својата христијанска вера. Тој точно ги исполнува светите Христови заповеди и им е учител на христијанската вера на оние кои сакале да се крстат. Ваков е правиот христијанин и ваквиот христијанин Бог го прославува како што го прославил и Свети Димитрија со многу големи чуда од кои само неколку ќе бидат спомнати тука.
Во татковината на нашиот омилен светител, во градот Солун, дошол римскиот афтократор Максимилијан, страшен непријател на христијаните. Царот веднаш дознал дека Димитрија бил христијанин и заповедал веднаш да го фрлат во темница. Него го водат разуздани војници, го мачат, а тој веќе ја гледа својата блиска и маченичка смрт, но светителот наместо да се уплаши, тој се радува и Го слави Христа Бога, што го удостоил да се овенча со бесмртен маченички венец.
Еден ден нечовечниот Максимилијан посакал да ја прегледа својата крвожедна војска. Кога царот излегол пред војската, голем број на љубопитни луѓе излегле, а од средината излегол еден необуздан и грд човек по име Лија кој се фалел со величината и силата на своето огромно тело повикувајќи ги на мегдан преплашените граѓани од кои многумина неправедно ги погубил, а варварскиот цар особено уживал и го фалел Лија. Но оваа несреќа не можел да ја трпи едно момче по име Нестор кој бил христијанин и познаник на Свети Димитрија. Кога Нестор ги видел многуте невино убиени тела на своите сограѓани, неговото срце од тага заплакало и веднаш истрчал во темницата каде бил Свети Димитрија велејќи му: Слуго Божји, сакам да се борам со крвожедниот Лија; благослови ме со твоите молитви, помогни ми во борбата против душманот. Свети Димитрија ги склопува трите прста и го прекрстува младиот Нестор на челото и му вели: не бој се, ќе го победиш Лија и за Христа ќе умреш маченички! И младиот победоносец Нестор, исполнет со сила и слобода, излегува на мегдан и повикувајќи го Бога, го напаѓа својот непријател кој уште од првиот удар паѓа мртов на земјата, а преплашените граѓани се веселат и чудат, а Нестор му благодари на затворениот Димитрија и неговите свети молитви.
Ете како Бог го прослави Свети Димитрија и преку него ја сотрел Лиевата сила и ја поразил гордоста на Максимилијан. Но безбожникот не сака да дознае за непобедливата христијанска сила, туку веднаш заповеда да го фатат Нестор и кога дознал дека со помош на молитвите на Свети Димитрија го победил Лија, веднаш заповедал да му ја отсечат главата на Нестор, а Димитрија да го убијат со копја. Но светата душа на мироточивиот светител ангелите ја возвишија на небото и од тогаш тој почна да се слави и се слави до ден денес и ќе се слави се додека е свет и век. Некои побожни христијани тајно го зеле неговото тело и побожно го закопуваат. Служителот на светителот, по име Луп, го зема прстенот на својот свет господар кој бил исквасен со крвта на светителот и со него прави многу чуда во Солун. Но кога антихристот Максимилијан слушнал за ова чудо, тој веднаш наредил да го убијат добриот слуга, но не можел да ги уништи чудата на Свети Димитрија. Овој светител Го прославил Христа Бога, но и Спасителот го прославил него, а градот Солун е сведок на оваа историска голема слава. Црквата Свети Димитрија во Солун е најдобар доказ за многу чуда кои светителот ги направил во полза на побожните христијани и затоа да го празнуваме и славиме денешниот празник со радост во душата, со чистота во срцето и спокој во совеста како што доликува на вистински христијанин, а да го избегнуваме штетното задоволување на телесните желби. Прославата на празникот не се состои во богати трпези, ниту во задоволување на необуздани желби и раскалашено смеење и во останати непобожни забави, туку во побожни дела и во помагање на нашите сиромашни браќа. Денот на празникот се вика и свет ден и затоа ние кои денешниот ден го празнуваме, треба да сме свети,очистувајќи го нашиот ум од секоја лоша помисла и чувајќи го срцето од секоја лоша желба. Кога би правеле така и божјиот закон го чуваме, тогаш треба да бидеме сигурни дека со тоа го прославуваме Бога и дека Он ќе не прослави нас, како што го прославил нашиот денешен светител Димитрија.
Бог нема никаква потреба луѓето да Го слават, но кога човекот Го признава семоќниот Творец, кога искрено го обожава и кога ги велича Неговите дела тогаш велиме дека човекот Го слави Бога и кога христијанинот сака да Го слави Бога, тогаш нека топло и искрено верува во светите догми на верата, нека овој времен живот го помине согласно Божјата волја, нека верно ги чува светите Господови заповеди и нека искрено го љуби ближниот и со тоа нека знае дека навистина го слави Бога. Родителите на денешниот светител го научиле искрено и постојано да Го слави Бога и тој навистина така Го славел и ете Господ го прослави него. Ако сакате Бог и вашите деца да ги прослави, тогаш вие уште од најраната младост учете ги тие да Го слават Бога. Учете ги почесто да го читаат Светото Писмо, редовно да одат во црква и побожно да се молат на Бога и дома, според законот да се подготвуваат за светата причест и уредно да се причестат. Учете ги своите деца да ги почитуваат постарите, на добротворните да бидат благодарни, а секој брат да го љубат и на сиромавите да им помагаат. Но сето ова треба прво да го прават родителите за сето тоа да го видат децата зошто вистина е дека секоја поука најубаво се учи со соодветен пример. Кога во недела или празник се вратите од црква дома, прашајте ги вашите синови што слушнале во црква, на што се научиле, учете ги со родителски совети со каква цел се оди во црква и така ќе ги подготвите вашите деца да Го слават Бога и нив преблагиот Отец ќе ги прослави, како што го прослави свети Димитрија, чии молитви ги повикуваме и денеска да се на помош на секој брат и секоја побожна душа. Амин.
ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА СОБОР НА СВЕТИ АРХАНГЕЛ МИХАИЛ
Лука, зач. 51 гл. 10 стих 16-21
Денешното Евангелие зборува за враќањето на седумдесетмината ученици во Ерусалим.
-„Им рече Господ на своите ученици:„Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша; и кој ве отфрла вас, Мене Ме отфрла; а кој Ме отфрла Мене, Го отфрла Оној, Кој Ме пратил.”
Кој вашата проповед за спасението ја слуша и верува, тој Мене Ме слуша и верува; зошто вие зборувате и учите и за она што Јас ви говорев и ве учев. Но кој се одрекува од вас, не ве слуша или ве срамоти, тој се одрекува од Мене и Мене не Ме слуша, а кој Мене не Ме слуша, тој ниту Отецот небесен, Кој Ме прати, не Го слуша. Како што оној кој ве слуша и почитува, Ме почитува Мене и Отецот; така и оној кој вас не ве слуша и не ве почитува, тој ниту Мене, ниту Отецот не Го слуша и почитува. Овие зборови ги кажал Спасителот на своите ученици за да ги охрабри и утеши при нивната проповедничка работа, при која многумина не ќе сакаат да ги слушаат и достојно почитуваат.
-„А седумдесетте се вратија со радост и рекоа: „Господи, и нечистите духови ни се покоруваат во Твое име.”
Евангелистот Лука во почетокот на 10-та глава од своето Евангелие говори за испраќањето на седумдесетмина да проповедаат по градовите, а во 17-от стих од истата глава говори за нивното враќање, но не наведува и поединости кои им се случиле на тој пат и колку време се задржале на истиот. Но затоа пак резултатот на тоа патување го опишува со зборовите: „се вратија со радост“, што значи дека испратените биле задоволни со успехот на својата работа. Седумдесетмината се радосни не само што ги излекувале неизлечивите болести, туку и затоа што со Христовото име и на нечестивите духови (демоните) им заповедале и тие им се покорувале.
-„А Тој им рече: „Го видов сатаната како падна од небото, како молња!“
Со овие зборови Спасителот им ја прикажува на своите ученици причината заради која демоните им се покорувале, зошто нивниот водач паднал и затоа и тие ја изгубиле својата моќ. Зошто и Спасителот по ветувањето кое Бог му го дал на Адам, дека дошол: „да ја сотре главата на змијата“. Сатаната одамна, уште пред гревот на нашите прародители, паднал од небото, и заради тоа тука треба да се разбере дека со доаѓањето на Спасителот, паднал и од височините на својата моќ и сила. Под името небо тука некои разбираат воздух, зошто и на друго место се кажува: и птиците небесни кои во воздухот живеат. Станата паднал како молња: брзо и сосема, а за тоа и пророкот Исаија прорекува кога вели: „Како падна од небото ѕвездо Деницо ќерко на зората? Како падна на земјата (ти) кој народи газеше?“ И навистина сатаната падна од сите висини на своите сили и моќи, почнувајќи од напредокот на христијанството кое е пад на демонските сили и власта во светот. Кога христијанството го осветли светот над кој владееше сатаната, тој го подигнал своето царство во полна слава и величина искитено со небесна благодат. И доколку повеќе напредува христијанството, тоа се повеќе се губи влијанието на демоните, човештвото се возвишува, насилството се губи, ропството се уништува, идолопоклонството пропаѓа, себичноста исчезнува, а се крева пожртвуваноста и љубовта воопшто. Значи, од почетокот на Христовото царство сатаната изгубил не ја само моралната, туку и материјалната сила. На крај тој со сите свои приврзаници не само што ќе биде покорен, туку ќе биде и тешко казнет како за непочитување на Бога, така и за направената штета и несреќа на целиот човечки род. Заради тоа и Спасителот на учениците им вели:
-„Ете, ви давам власт да газите на змии и на скорпии и над секоја непријателска сила, и ништо нема да ви напакости.“
И змиите и шкорпиите се познати по нивната отровна природа и заради тоа и Спасителот спомнувајќи ги нив мисли на разните демони и нивните приврзаници. Но тие кои ќе ја уништат нивната сила, иако ќе бидат изложени на многу опасности, сепак ништо од нив нема да претрпат, а за тоа јасно сведочи и историјата на апостолите, и на мачениците и сите верни кои се трудат да влезат во Христовото царство.
-„Но не радувајте се на тоа, дека духовите ви се покоруваат, туку радувајте се, дека вашите имиња се запишани на небесата!”
Спасителот сега ги учи учениците дека славата, почестите и уживањата во светот се времени и суетни богатства и затоа за нив не треба многу да се радуваат. Туку тие треба да се радуваат затоа што Отецот ги присвоил, што ќе се спасат и вечно ќе се радуваат и уживаат во вечното царство небесно.
-„Во истиот час се зарадува во Светиот Дух и рече: „Ти благодарам Татко! Господи на небото и на земјата, зашто си го сокрил ова од мудрите и умните, а им го откри на младенците. Да, Татко, таква беше Твојата волја.“
Спасителот тука душевно се израдувал како човек, а заради спасението на оние кои го користеле проповедуваното на неговите ученици. Под името мудри и разумни тука се подразбираат оние кои мислат дека се такви, а всушност не се, туку се воображени и измамници и не признаваат дека црковната наука ги просветува, правејќи се помудри и од учителот на таа наука! Такви биле фарисеите, а такви заблудени ги има секоја епоха. Под името прости кои тука Спасителот ги именува се благите и искрени души, како што биле апостолите. И Господ Спасителот, признавајќи ја волјата на Отецот, при оваа прилика се задоволува само да каже:„да, Татко, таква беше Твојата волја“.

This entry was posted in Толкувања и Беседи. Bookmark the permalink.

Comments are closed.