ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ГОСПОДОВИ ПРАЗНИЦИ

РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО – БОЖИЌ
Матеј, зач. 3 гл. 2 ст.1-12
Поопширната историја на Христовото рождество се наоѓа во евангелието според Лука (2, 1-20).
-„А кога Исус се роди во јудејскиот Витлеем во времето на царот Ирод, ете дојдоа мудреци од исток во Ерусалим говорејќи: каде е јудејскиот цар што се роди? Ние ја видовме неговата ѕвезда на исток и дојдовме за да му се поклониме.“
Евангелистот тука го спомнува и местото и времето на раѓањето на Спасителот, како и достоинството на Ирод. Местото на раѓањето го спомнува за да покаже дека се исполнило пророштвото на пророкот Михеј, кој вели: „И ти Витлееме земјо јудејска со ништо не си помала меѓу кнезовите јудејски. Од тебе ќе излезе господар кој ќе управува со мојот народ израелски“ (5,2). Времето го наведува за да посведочи дека се исполнило и Јакововото пророштво кое вели: „Ќе снема кнез од Јуда и водач од неговите потомци додека не дојде оној на кого му припаѓа и пред него ќе се покоруваат народи“, а пред Христовото раѓање престанало владеењето од Јудиното племе и со Јудејците владеел Ирод Идумеец, странец. Иродовото достоинство го спомнува затоа што имало друг Ирод, тетрах, кој го погубил Свети Јован Крстител.
Дева Марија живеела во Галилејскиот Назарет, и кога римскиот цар Август наредил да се направи попис на сите Јудејци во неговата држава, тогаш и таа со својот старател дошла да роди во Витлеем јудејски како во свое место бидејќи таа била од Јудиното племе и Давидовиот дом и тука го родила Христа Спасителот, како што било и претскажано. Зборот Витлеем значи: дом на лебот- бидејќи целата околина му била многу плодна. Витлеем уште се нарекувал и Ефрат град Давидов, зошто во него се родил Давид, и на крај Витлеем Јудејски. Ова градче се наоѓа на 96 км источно од Ерусалим. Витлеем денеска е мало место и во него живее мнозинство на христијани и Мухамедамци. Во Новиот Завет се спомнуваат четири Ироди и тие владееле или со едниот дел или со цела Јудеја. Ирод, кој се спомнува во денешното Евангелие, се викал и велик заради својата добра среќа во војните против Андигоните и другите, заради тоа што присвоил некои земји, го обновил храмот и друго. Тој бил син на Андипатир Идумеецот, а за Јудејски владар го поставил Антониј на кого му бил потчинет иако се нарекувал цар зошто Јудеја во тоа време била римска провинција. Ирод имал четири сина: Антипа, Филип, Архелај и Аристовул, таткото на Агрипа. Тој се трудел својот престол да го зацврсти и осигура со цела низа на разни злосторства, и на крај ја убил и својата жена Маријамна и синот Аристовул. Зарди злите дела кои Ирод ги направил и заради тоа што многу ги поддржувал идолопоклоничите обичаи, предизвикал толку голема омраза кај Јудејците против себе што ни богатото обновувањето на храмот, ни сериозното грижење за народот во време на чумата, не можеле да ја ублажат омразата кај народот. Ирод умрел во страшни маки во 70-та година од својот живот, во 38-та година од своето владеење, а во 750 година од основањето на Рим.
Во времето на Христовото доаѓање, политичките водачи во Јудеја биле: Ирод Идумеецот, кој управувал со јудејската земја која била потчинета под Римјаните околу 404 година пред Христа. Него го наследиле неговите три сина: Архелај како етнарх во Јудеја, Самарија и Идумеја; Филип како тетрарх во Витанија, Итуреја и Трахонитид и Ирод Антипа како тетрах во Галилеја и Переја. По протерувањето на Архелај, неговите земји станале римска губернија со која управувал господар од Сирија, Антипат, Понтиј Пилат и тој бил петти по ред управител од 27 до 37 година по Христа. После смртта на Филип во 34 година после Христа, неговата земја била преку три години римска губернија, а потоа му била дадена на Ирод Агрипа која ја соединил со тетрахијата на Ирод Антипа, кој бил прогонет 30 година по Христа и кого во 41 година по Христа автократорот Клавдиј го поставил за крал на цела Палестина. По неговата смрт во 44 година по Христа, целото негово кралевство станало повторно римска губернија со која управувале кнезови. Со смртта на синот Агрипа II, кој во 52 година по Христа ја добил Филиповата тетрархија, престанало и Иродовото потомство во 100 година по Христа.
Во Персија, Вавилон, Египет и Арабија мудреци се нарекувале сите филозофи, астрономи или астролози, лекари и воопшто сите научници. Преданието вели дека се викале: Мелхијор, Гаспар и Валтасар. Од каде биле точно не се знае. Тие дошле од исток, а источно од Ерусалим се наоѓале: Арапска, Персија и Халдеја или Партија. Јустин Тертулијан и други под зборот –од исток – разбираат Арапска, а Свети Јован Златоуст, Теофилакт и други-Персија, а трети Халдеја, Вавилон, Египет или Етиопија. Исто така не се знае сигурно колкав бил бојот на мудреците ниту за положбата која ја завземале во општеството, но сигурно е дека биле повеќемина и дека биле богати и од повисока положба и дошле со голема придружба во Ерусалим каде предизвикале љубопитство. Сигурно е дека биле идолопоклоници, а не Јудејци, а тоа јасно се гледа од нивното прашање: „каде е јудејскиот цар кој се родил“? И веројатно биле од Персија, каде имало обичај да се оди на поклонување на новородените цареви.
Идолопоклониците можеле да знаат за Христовото доаѓање од преводот на Стариот Завет кој по заповедта на Птоломеј Филаделф бил направен две стотини години пред Христа. Отаму сигурно дознале и за Јакововото пророштво кое вели: „ќе излезе ѕвезда од Јаков и ќе стане човек од Израел“, и од тука очекувале цар од Јудеја кој ќе биде поголем и посветол од ѕвездите, а од тоа време особено посветиле големо внимание на ѕвездите. И штом виделе необична ѕвезда, веднаш тргнале да го најдат новородениот цар, да му се поклонат и од рана младост на царот да се спријателат со него зошто и тие мислеле дека тој ќе биде земски цар. Ѕвездата ги водела до Палестина, а кога се приближиле до Ерусалим, неа ја снемало. Ова се случило за да ги прашаат Јудејците за упатство за и ним да им биде познато дека се родил Христос за после да не можат да кажат дека не знаеле дека се родил. Ѕвездата го означувала Христовото раѓање за да се исполни и Валамовото пророштво. Пророците доволно го претскажувале на Јудејците Христовото раѓање, и затоа сега на идолопоклониците им се јавува ѕвезда, а не пророк или ангел, за да не се рече дека тие ги маѓепсале и занеле. Не може да се каже дека оваа ѕвезда била обична – природна, туку таа била некоја божествена сила но само во облик на ѕвезда. Прво ова може да се заклучи и според самото патување, зошто таа оди полека – онака како што оделе и нејзините патници. Второ таа имала огромна светлина. Заради големата сончева светлина преку ден ниту една ѕвезда не може да се види, а оваа се гледала. Трето ѕвездата во одредено време се гледала, а потоа не. Мудреците се до Палестина ја гледале, а кога се приближиле на Ерусалим, не ја гледале, а потоа кога излегле од Ерусалим, повторно можеле да ја видат и таа ги довела до местото каде бил новородениот цар. Четврто таа не се наоѓала високо од земјата зошто инаку не би можела да го покаже домот во кој се наоѓал Спасителот.
-„Кога тоа го слушна царот Ирод, се уплаши и целиот Ерусалим со него.“
Ирод се уплашил Месијата да не му го одземе престолот, зошто исто како Јудејците мислел дека Месијата ќе биде земски цар. – Ерусалим е еврејски збор и значи-темел на мирот-, а постои во јужниот дел на Палестина, а според старата поделба на границата меѓу Јудиното и Венјаминовото племе. Кога со Ерусалим управувал царот и свештеникот Мелхиседек, тогаш се викал Салим, а потоа Евус. Кога Давид го освоил ова утврдено градче, го нарекол според своето име Давидов град. Ерусалим постоел на четири рида; источно од него е ридот Морија на кој Авраам го принел својот син Исак на жртва, западно е Акра, северно Везита, а јужно е ридот Сион. За време на царот Соломон, Ерусалим бил во својата наголема слава, а потоа почнал да опаѓа претрпувајќи многу несреќи, а особено кога по заповедта на вавилонскиот цар Навукодоносор бил урнат. Во оваа тажна состојба се наоѓала Давидовата престолнина за цело време на 70-годишното вавилонско ропство и дури кога некои Јудејци по Кирово одобрение се вратиле од Вавилон под Зоровавел и Исус Јаседеков, околу 332 година пред Христа, а потоа го покорил Птоломеј и тоа токму кога Јудејците една Сабота заради празнување, не сакале да стапат во битка. Околу 170 година пред Христа, Антиох го освоил Ерусалим и го уништил во него речиси секој знак на Јудаизам принудувајќи го народот да се поклонува на статуата на Јупитер која тој самиот ја поставил во храмот.
За време на Макавеите, а околу 136 година пред Христа, Јудејците повторно владееле со Ерусалим, но после 100 години паѓа под ропство на Римјаните. После кратко време дошол и Господ Спасителот наоѓајќи храм потполно спремен и украсен за неговиот дочек. Ова добро дело го направил Ирод, зошто тој го украсил храмот за народот да го прифати, но ниту тоа, ниту некои негови други добри дела не му помогнале, зошто неговите лоши дела му биле помногубројни.
За време на Нерон, 65 година пред Христа, Јудејците се кренале против Римјаните кои заради верата многу ги мразеле, а политички многу се сомнвале во нив зошто автократските статуи не сакале да ги почитуваат и заради тоа биле многу мачени. На крај војсководачот Веспасијан го опкружил Ерусалим, го освоил и кон храмот покажал огромен гнев и освета. Кога Веспасијан во 70 година по Христа дошол на римскиот престол, неговиот син Тит го освоил Ерусалим и при таа прилика го разурнал градот и храмот, при што загинале 100.000 Јудејци, а останатите се растуриле по светот. После толку катастрофи Ерусалим повторно бил обновен за време на Адријан во 135 година по Христа, но не како јудејски или христијански град, туку како идолопоклонички и бил наречен Елија Капитолина. Во близина на стариот храм Адријан изградил храм на Капитол Јупитер, а пред капиите, кои биле на патот за Витлеем, изградил камена дива свиња, над светиот гроб изградил Јупитерова статуа, а на Голгота статуа на Афродита и на тој начин повторно предизвика бунт меѓу Јудејците од кои многумина се вратиле во Палестина. Но и во оваа прилика Јудејците претрпеле огромна катастрофа и загинале околу 600.000 од нив.
За време на цар Константин Велики на Ерусалим повторно му било вратено неговото старо име, Света Елена, неговата мајка, откако ги уништила сите знаци на идолопоклонство, во 316 година го изградила храмот на Светиот гроб. Но Јулијан Отстапник, во својата манија против христијанството, се обидел да го обнови јудејскиот храм во намера да ги омаловажи Христовите пророштва за Ерусалим, но не успеал зошто постојаните земјотреси не им дале на ѕидарите да работат. Околу 613 година по Христа, Ерусалим го освојуваат Персијците кои убиле илјадници луѓе трудејќи се да ги уништат и последните знаци на христијанството во Светиот град. Но христијаните повторно го обновиле градот за време на царот Ираклиј во 627 година по Христа. Од тоа време Ерусалим имал многу гоподари, западни и источни, христијани и неверници се додека Султанот Селим не го одзел од Египќаните во 1517 година, па така и денес стои под Мухамедамците.
Ерусалим, кој убиваше пророци и ги закопуваше Божјите пратеници, бил уриван и уништувам 17 пати закопувајќи под своите ѕидини милиони луѓе!
Кога мудреците дошле во Ерусалим, освен злобниот Ирод се уплашиле и граѓаните кога дознале за раѓањето на Месијата. Овие уплашени граѓани сигурно биле приврзаници на Ирод или пак се уплашиле дека Ирод, како познат тиранин, ќе започне нови прогони.
-„И ги собра сите главни свештеници и народните книжници и ги распрашуваше каде треба да се роди Христос.“
Според сведоштвото на Флавиј, во тоа време имало повеќе архиереи-првосвештеници зошто се менувале и потоа станувале членови на Синедрионот, врховниот јудејски суд од 72 члена. Архиереи се нарекувале и правите свештеници секоја среда, кои на број биле 34 според Давидовата поделба на свештенството. Книжевници се нарекувале народните учители и толкувачите за Божјиот закон.
Тука под имињата архиереи и книжевници се подразбира целиот Синедрион, но кога мудреците не прашуваат за Христа, туку за новородениот цар јудејски, од каде тогаш Ирод ги прашува закониците за Христа? Отаму што одамна слушнал дека ќе се роди Христос цар јудејски и кога сега слушнал дека веќе се родил цар во Јудеја и дека ѕвездата им го означила на мудреците неговото раѓање, веднаш заклучил дека тоа е претскажаниот Христос од кого тој се плашел да не му го одземе царството.
-„ А тие му рекоа: „Во Витлеем Јудејски, зашто пророкот напиша така: ’И ти, Витлееме, земјо Јудина, никако не си помал меѓу Јудините првенци, зашто од тебе ќе излезе Владетел, Кој ќе го пасе Мојот народ израелски.’“
Синедрионот му одговара на Ирод без никакви потешкотии зошто за она што прашува ирод веќе пророкот Михеј го претскажал (5,2) 700 години пред Христовото раѓање.
-„Тогаш Ирод ги повика тајно мудреците и внимателно го научи од нив времето, кога се појавила ѕвездата,“
Она што Ирод тајно ги повикал мудреците, го покажува неговиот сомнеж и зли намери. Кога на итар начин дознал за времето кога ќе се роди Христос и каде, тој сега уште на поитар начин ги испраќа мудреците плашејќи се дека Јудејците кои го очекувале Христа, не ги осуетат лошите намери на Ирод и не го сочуваат детето за свој цар. Се гледа дека пакоста го заслепила Ирода и прогонет од силниот егоизам, тој се труди да ги расипе божјите планови! Во ваква борба никој и никогаш не се упуштал, а да не го достигнале лоши последици. Светото Писмо вели: „не лажете се, Бог не дозволува да биде исмеван зошто што човек ќе посее, тоа и ќе пожнее“. Ирод прашува кога се појавила ѕвездата сметајќи дека токму тогаш се родил Христос и ако мудреците не се вратат барем да има некаков знак според кој би можел да го побара детето за да ја постигне својата злобна намера.
-„ И испраќајќи ги во Витлеем им рече: „Отидете и распрашајте се точно за Детето, и кога ќе Го најдете, јавете ми, за да дојдам и јас да Му се поклонам“.
Од овие зборови се гледа дека злобата и налутеноста толку го збуниле Ирод што веќе не знаел што зборува и прави, зошто ако навистина сакал да му се поклони на детето, зошто тогаш мудреците ги повикал тајно? А ако му мисли лошо на детето, тогаш како не му паднало на ум дека повикувајќи ги мудреците тајно со тоа ќе предизвика сомнеж кај нив? Под маската на побожноста Ирод се труди да го измами Бога, но се прелажал зошто човек може себеси да се прелаже, но Бога никогаш!
-„Тие, откако го ислушаа царот, тргнаа, и ете, ѕвездата, што ја видоа на исток, одеше пред нив додека не дојде и не застана над местото каде беше Детето.“
Кога мудреците дознале дека Месијата ќе се роди во Витлеем, тогаш ѕвездата одела пред нив за да им го покаже и самото место на раѓање. Свети Јован Златоуст вели дека во еден момент ги снемало ѕвездите од небото за мудреците да се обратат за совет кај Јудејците и на тој начин на сите да им стане познато дека Месијата се родил.
-„И кога ја видоа ѕвездата, се зарадуваа со многу голема радост. И кога влегоа во куќата, го видоа Детето со Неговата мајка Марија, и паднаа ничкум и Му се поклонија; ги отворија своите сокровишта и Му принесоа дарови: злато, темјан и смирна.“
Како што месечината, која ја осветлува земјата, ги радува и весели чесните луѓе, а лошите ги натажува, тако и појавата на ѕвездата, повторно како небесен знак, го растажил Ирода и го вознемирил, а мудреците ги израдувал. Така и Адам пред направениот грев се радувал на божјото прируство, а кога погрешил, тогаш се криел од Бога.
Мудреците го посетиле Христа во куќата, а Тој е роден во пештера и положен во јасли, но според јудејскиот закон машките деца ги обрезувале во 8-от ден, а породилката до 40-от ден била сметана за нечиста и требала да оди во храм заради очистување, затоа мораме да претпоставиме дека: 1) или мудреците дошле во Витлеем пред 40-от ден по раѓањето на Христос, 2) или Дева Марија веќе се очистила и се вратила од Ерусалим во Витлеем кога мудреците дошле и се поклониле не во пештерата, туку во куќата. Првата претпоставка е сомнителна зошто 1) мудреците не можеле да дојдат за 40 дена од исток во Ерусалим. Ездра доаѓајќи од исток во Ерусалим пропатувал повеќе од четири месеци зошто во тоа време се патувало многу бавно; 2) во тој случај Ирод не би би наредил да се убијат сите деца до 2 години, туку само оние до 40 дена. Значи втората претпоставка е поверојатна. Што се однесува до даровите забележуваме дека во старо време, како и сега, посетителите ги донесувале од почест кон оној кај кого доаѓале во посета. Според даровите се препознава и важноста на оној кој се дарува и според нив дознаваме дека мудреците во лицето на Исус Христос признале не само цар на Јудејците, туку и небесен господар на земјата, Спасител на светот.
Со златото се претставува дека она што е најскапо меѓу луѓето припаѓа на Исус Христос, како господар на светот. За овој дар прорекол и цар Давид зошто тој вели: „И ќе му донесат злато од Арабија“. Темјанот е миризлива материја која се употребува при принесување на жртви. Смирната се употребувала за балсамирање на мртвите, а помешана со вино се употребувала како напивка за наводно умртвување, како што денес се употребува опиумот. Симрната била арабиски производ. Ориген вели: „дека мудреците Му принеле на Христа злато како на цар, темјан како на Бог и смирна како на свештеник и учител.“
-„И откако беа предупредени од Бога во сон, да не се враќаат при Ирода, заминаа по друг пат за својата земја.“
На Дева Марија архангелот Гаврил и се јавил на јаве, но на Јосиф во сон бидејќи не било потребно да му се изнесуваат силни докази за убедување дека е од Бога она што му се јавува. На овој начин Бог многу често ја јавувал својата волја на пророците и патријарсите. Освен архангелот Гаврил за вакви служби се спомнуваат во Светото Писмо уште и Михаил како застапник на јудејскиот народ, Рафаил и Урил. Кога мудреците се вратиле по друг пат во својата земја сигурно отишле јужно од Витлеем, преку Хеврон, а потоа по јужната страна на Мртвото море.
БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО
„Ви јавувам голема радост која ќе го израдува сиот народ; денеска ви се роди Спасител кој е Христос Господ“!
Густо затемнување ја покривала земјата – било полноќ; насекаде владеела мртва тишина, а на витлеемските полиња пастирите ги чувале своите стада. И ете, ним им се јави ангел и Господовата слава ги осветли! Пастирите се исплашиле и ангелот им рече: „Не плашете се, ете ви јавувам голема радост која ќе ги израдува сите народи; денеска ви се роди Спасител кој е Христос Господ, во градот Давидов. И ова ви е знак: ќе најдете повиено дете каде лежи во јасли“. Потоа се јавиле повеќе ангели кои го славеле Бога пеејќи: „Слава на Бога во висините и на земјата мир, во луѓето добра волја“. По оваа божествена слава која го осветлила целото човештво, можеме со сигурност да кажеме дека денеска е оној ден кога смееме да кажеме: престанете стари патријарси кои со воздишки и солзи прорекувавте за доаѓањето на Искупителот; радувајте се праведници, вашите молитви допреле до Господовиот трон и нашите вековни желби денеска се исполнети. Милоста и вистината се сретнаа, правдата и мирот се прегрнаа. Ветениот Месија, законодавецот и очекувањето на сите народи, Спасот на вселената, Таткото на идниот век и Бог им дојде на луѓето на помош и светот е спасен. Денеска небесните сили се јавија на земјата за земските немоќи да ги кренат на небото!
„Денеска ни се роди Спасителот“. На денешен ден се роди вечниот Син на пресветиот Бог, Оној кој бил пред создавањето на светот, од вечноста; се роди, но не само за еден народ или за само еден ред на луѓе, туку се родил за сите народи и за сите редови на луѓе. За царевите и поданиците, за богатите и сиромавите, за научниците и за простите. Се роди да го спаси човештвото од првородниот грев, да го уништи неговото зло, да ги скине неговите тешки синџири, да ја растера темнината негова, да ја уништи силата на смртта, да ја отвори вратата на небесното царство, да го осветли светот со својата божествена наука, да го освети човештвото со најсветлите примеси на својот живот и да го спаси со својата бесценета крв. Се роди Спасителот на светот и затоа земјата се наоѓа во одушевувачко чудо, а небото во неискажлива радост! Ангелите јавуваат на светот за Неговото натприродно раѓање и пеат: „Слава на Бога во висините и на земјата мир, а во луѓето добра волја“.
Без сомнение дека од сите науки најважна е онаа наука која е во состојба човекот да го научи како да го препознае Бога како највисока причина на сите созданија. Од оваа наука за паметен човек не може да има нешто што е повозвишно, нешто што е покорисно. Но и покрај сето тоа, оваа наука пред христовото раѓање била најмалку позната! Идолопоклониците го мешале Бога со Неговит созданија. Тие ги обожавале небото и земјата, морето и ѕвездите, ридовите и долините, дури и грешните луѓе, и животните ги обожавале и ним им се поклонувале! Од мртвите предмети родителите барале утеха, децата помош, а народите среќа и напредок. Залудни биле чудата на природата и залудна била и најпрекрасната харомија на вселената која ја откривала мудроста и семоќта на највозивешното битие и Неговата вечност. Целата земја не била ништо друго освен еден храм на идоли, а со човечкиот род владееле суеверието и грозните празноверија. Во оваа несреќа и во ова понижување за разумниот човек ниту старите мудреци не стоеле повисоко од обичните луѓе. Само јудејскиот народ во тоа време знаел за еден Бог, Творец на се; само на тој народ еднаш му биле доверени вистините на чување, вистини кои го спремале светот за дочекот на Искупителот кој требал да го просвети и спаси целиот човечки род. Но и таа светлина која го осветлувала јудејскиот народ била толку слаба што одвај се распознавала во густата и длабока темнина. И кога ќе се земе воопшто, тогаш и еден обичен идолопоклоник и филозоф и Јудеец имале свои заблуди, свои суеверии и дисидемонии.
Кој тогаш оваа бедна состојба ќе ја поправи? Од каде ќе дојде светлината која ќе го осветли и идолопоклонството? Кој ќе го препороди и спаси човекот и човештвото? На овие прашања на денешен ден пред повеќе од 2000 години одговориле ангелите на витлеемските пастири пеејќи: „Слава на висините на Бога, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“. Витлеемските јасли стануваат најславно светилиште на Господ! Тие му ги јавуваат на светот особините на Вишниот. Витлеемските јасли стануваат нов рај во кој е родено дрвото на животот, кое препораѓа се и од чиј плод можат да јадат сите кои сакаат да се спасат. Овоплотениот син Божји воспоставува совршено богопочитување кое прилега на еден и вистински Бог. Тој самиот станува свештеник принесувајќи прв света жртва чија цена е божествена. Тој ја воспоставува верата на земјата која е најчесна по своите догми, која е нискажлива по своите Свети тајни, која е најубава по своите церемонии – вера божествена, која учи и води кон добар живот исполнет со доблести. Оваа вера, нашата света вера ја соединува сегашноста со иднината, временото со вечното и човекот со Бога. На денешен ден, роден во јасли, Спасителот основа царство на кое ќе нема крај. Од тоа време се станува ново, се се менува и во човекот и во верата. Човекот веќе не е онаков каков што бил до тогаш зошто Синот Божји стана човек за човекот да го возвиши до Бога; стана човек за човекот да го препороди и возвиши на степен многу повисок, многу поблагороден и неспоредливо почесен од претходниот, за луѓето на тој начин да станат граѓани на небото, светители, синови Божји и браќа Божји.
Затоа да го љубиме нашиот Господ и Спасител исполнувајќи ги Неговите заповеди и подражавајќи го Неговиот живот и Тој на земјата и меѓу луѓето ќе биде во онаа состојба како што ангелите пееле: „Слава на Бога во висините, и на земјата мир, а во луѓето добра волја“. Кој Го љуби Господ Спасителот, тој не ги следи лошите примери, тој не слуша лоши совети, тој не го веселат среќата ниту го вознемируваат несреќите. Кој Го љуби Господ Христос целиот живот тежнее кон небесните венци и небесната слава. Срцето на таквиот христијанин е Господово светилиште во кое има само чисти и невини желби кои ги радуваат родителите, ги усреќуваат децата, ја унапредуваат татковината, даваат полет на секоја чесна работа, братска љубов, взаемно помагање, кои постојано ја чествуваат светата Црква која денес мајчински не поздравува со: ХРИСТОС СЕ РОДИ! Амин.
ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО ВО ВТОР ДЕН НА ПРАЗНИКОТ РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО
Матеј, зач. 4 гл. 2 ст. 13-23
Кога се исполниле четириесет дена на очистување, како што кажува евангелистот Лука, Спасителот го однеле во Ерусалим за да го претстават пред Господа, како што законот наредувал. Кога направиле се според законот, тие се вартиле во Галилеја, во својот град Назарет.
-„Откако мудреците заминаа, ете ангел Господов се јави на Јосиф во сон и му рече: Стани, земи го Детето и Мајката Негова и бегај во Египет и остани таму се додека не ти кажам; зошто Ирод ќе го бара детето за да го погуби.“
Зошто ангелот му се јавил на Јосиф во сон, а не на јаве е објаснето во претходното Евангелие. Од зборовите: „земи Го Детето и Мајката Негова“, исто така се уверуваме за натпиродното зачнување и раѓање на Христа и дека Јосиф навистина не му е природен татко. – Египет во она време исто така бил римска област, но не под власт на Ирод. Од Јудеја бил оддалечен преку 96 километри, а во него, во тоа време, живееле многу Јудејци кај кои Јосиф и нашил засолниште.
-„И тој стана и Го зема Детето и Неговата Мајка и отиде во Египет.“
Јосиф тргнал на пат ноќе затоа што било многу тешко да се патува дење поради жешкото време, особено за малото Дете, и за што посигурно да избегаат на прогонот.
-„И беше така се до смртта на Ирод; да се изврши она што Господ рекол преку пророкот кој говори: од Египет Го повикав Мојот Син.“
Ова пророштво е на пророкот Осиј и непосредно се однесува на ослободувањето на Израел, а посредно на овој настан со Христа.
-„Тогаш Ирод кога виде дека мудреците го измамиле, се разгневи многу и испрати да ги убијат децата во Витлеем и неговата околина до две години според времето кое го дознал од мудреците.“
Ирод многу се разлутил мислејќи дека мудреците го исмеале, но ние веќе знаеме дека тие не ни мислеле на тоа, туку постапиле според Божјата наредба. Бог го посрамил Ирод преку мудреците како и фараонот преку Мојсеј, зошто и двајцата биле убијци на невини деца. Фараонот ги убивал израелските машки деца во Египет, а Ирод ги убил витлеемските младенци! Какви само последици го достигнале Ирод при неговата грозна смрт.
-„Тогаш се случи она што кажа пророкот Еремија говорејќи: Глас во Рама се слушна, плач и лелекање големо, Рахила плаче по своите деца и не може да се утеши зошто ги нема.“
-„А по смртта на Ирод ете ангел Господов во сон му се јави на Јосиф во Египет и рече: Стани и земи Го Детето и Неговата Мајка и оди во земјата Израелева: зошто изумреа оние кои ја бараа душата на Детето.“
Ирод на најгрозен начин умрел во 750 година од основањето на Рим и третата година по Христовото раѓање. Во последните зборови на овој текст Ирод се разбира со неговите приврзаници, особено неговиот зол син Антипатор кого Ирод го убил пет дена пред неговата смрт.
-„И тој стана, Го зема Детето и Неговата Мајка и дојде во земјата израелева. Но кога слушна дека во Јудеја владее царот Архелај, наместо Ирод, се уплаши да оди таму; прими во сон заповед и отиде во краевите Галилејски.“
Архелај бил тиранин како и неговиот татко. Еден ден, за празникот Пасха, заповедал да се убијат 3000 луѓе од кои едни биле во храмот, а други во градот. Заради многуте зла Август Ќесар го лишил од власта и Архелај побегнал во Франција.
-„ И откако дојде се насели во градот кој се вика Назарет за да се збидне она што го кажале пророците дека ќе се нарече Назареќанин.“
Назарет е градче во племето Завулоново, западно од Кана, а кон Тавор и преку 80 километри од Ерусалим. Лежи на еден рид на убава и богата рамнина. Тука Јосиф се населил кога се вратил од Египт, а тука Дева Марија поминала со Спасителот речиси 30 години, и затоа Назарет е наречен и Христово место. Спасителот често доаѓал во Назарет, но тука не правел многу чуда заради лошата вера на самите граѓани.
БЕСЕДА НА ВТОРИОТ ДЕН ОД ПРАЗНИКОТ РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух
Кога нашиот прататко Адам погреши во рајот, тогаш тој го изгуби рајот, морал да излезе надвор од тоа место на блаженство и уживање и со тежок труд и мака да ја обработува земјата, а Господ постави ангел со пламен мач пред рајската врата и така никој повеќе не можел да се врати назад. Од тогаш рајот беше затворен за луѓето се до раѓањето на Спасителот и Господ Исус Христос кој повторно ја отвори вратата на рајот на целиот свет искупувајќи го човечкиот род од гревовите заради кои и рајот бил затворен. Денес на никого не му е тешко да влезе во рајот зошто вратата е отворена зошто првиот кој влезе во рајот беше еден од оние разбојници кои беа распнати со Христа бидејќи тој разбојник верувајќи во Господ Исус Христос го замоли да се сети на него во Неговото царство и Господ му рече: „Уште денеска ќе бидеш со Мене во рајот“. На што треба ние да внимаваме за да бидеме со Господ во рајот?
Доблеста и светоста, верата и побожниста, правдата и добрите дела ги воведуваат луѓето во рај и Господ ни вели дека „тесен е и тежок патот кој води во рајот“. Тој пат е тесен зошто по него не можат да одат оние луѓе кои само за своето тело и телесните уживања се грижат и кои само се приврзани за времените богатства на овој свет, зошто кој оди по овој пат, тој треба да трпи и да ги издржи големите потешкотии од овој живот. Рајот е пресветол стан на пресветиот Бог, ангелите и светителите, и затоа во него не можат да бидат грешниците кои со своите лоши дела го извалкале своето тело, душа и совест, затоа за нив е спремено страшно место – ад. Што треба да правиме за да влеземе во рајот? На ова прашање одговори Спасителот кога кажа: „Ако сакаш да влезеш во животот – во рајот – тогаш исполнувај ги заповедите.“Кога еден законик Го запрашал: „Учителе благ, што треба да направам за да наследам вечен живот?“ Спасителот му одговорил: „Заповедите ги знаеш, не убивај, не кради, не сведочи лажно, почитувај го својот татко и својата мајка.“
Еве ги средствата и начините со чија помош можеме да влеземе во рајот. Од зборовите на Христа јасно се гледа дека за влезот во рај не може да ни помогнат богатството и славата земска, ниту почестите и гордоста, како и пофалбите, ниту царствата, ниту власта и силата, туку само исполнувањето на божјите заповеди. На оние кои не ги исполнуваат божјите заповеди апостол Павле вели: „Не лажете се, ниту идолопоклоници,прељубници, крадци, ниту лакоми и пијаници, ниту оние кои се караат и ајдуци, нема да го наследат царството Божје“. И навистина , состојбата на грешникот мора да е премногу тешка и тажна зошто не само што после направениот грев совеста ги мачи и гризе, што образот им црвенее пред луѓето, што никому право во очи не смеат да им погледнат, што се плашат од сопствената сенка, тие за само еден моментален грев, вечно го губат рајот, а наместо таму одат во место каде има вечен плач и чкртање на забите! Затоа да ја почитуваме нашата Света вера и да ги исполнувме Божјите заповди за со ангелите и божјите угодници да бидеме во рајот за кој Бог не создаде. Точно да ги исполнуваме заповедите божји зошто тие не се тешки; тие од нас бараат гладниот да го нахраниме, жедниот да го напоиме, голиот да го облечеме, странецот во својот дом да го примиме, а болниот затворениот да го посетиме.
Ние православните христијани кои сме повикани да го наследиме вечниот живот, да се трудиме со сите сили да се покажеме достојни за рај и во него за вечен блажен живот. Во тој живот нашите тела ќе бидат преобразени на подобието на телото на Спасителот кога се преобрази на Тавор и тогаш нема да знаеме за глад и жед, за труд и умор, за тага и жалост, за грижи и проблеми, туку ќе живееме ангелски живот кој е исполнет со уживања кои само Бог ги дава на своите добри синови. Ако сакаме да се спасиме, тогаш и можеме да се спасиме и богатите и сиромашните; мажите и жените; младите и старите. Вистина е дека овој свет и нашето тело со неговите страсти непрестајно ги спречуваат нашите добри трудови, но зарем исто така не е вистина дека ние со божја помош се можеме да совладаме исто како и големиот број на светители кои биле обични луѓе како и ние и ги совладале сите препреки и се удостоиле со вечна среќа на небото, а на земјата со почитување и слава која никогаш не се заборава.
Да се чуваме од лукави дела кои не прават божји непријатели. Нека богатите им помагаат и ги почитуваат своите сиромашни браќа; нека сиромашните трпеливо ја поднесат својата сиромаштија и нека очекуваат небесно богатство, нека бидат послушни, вредни и искрени кон своите богати браќа; нека жените не се украсуваат само со златен и сребрен накит, туку и својата душа нека ја украсат со доблести и смерност како добри мајки и чесни домаќинки. Нека младите не се предаваат на земските суети кои само прават штета и на здравјето и на убавото име и благосостојба, туку нека живеат живот кој ќе биде гордост на своите родители, роднини и пријатели, од полза за татковината и на радост на светата Црква која не престанува да се моли на Бога за спасение на своите деца, која мајчински сака и се труди по нивната смрт да го наследат царството Божје и во него вечно да уживаат како што Господ Спасителот вели: „окото човечко не видело и увото не слушнало.“ Амин.
ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ПРАЗНИКОТ ОБРЕЗАНИЕ ГОСПОДОВО
Лука, зач. 6, гл. 2 ст. 20-21 и 40-52
-„ И пастирите се вратија, славејќи Го и фалејќи Го Бога, за сè што чуја и видоа, онака како што им беше речено.“
Пастирите се вратиле при своето стадо и со тоа покажале прекрасен пример на ревносна верност кон своето занимање. Тие ја видоа небесната слава и ангелите, ја слушнале нивната песна и говор, видоа необичен настан и божественото младенче и сето тоа не ги одвратило од нивната обична и секојдневна работа и занимање. Кога го задоволиле чуваството на вера и побожност, тие ја продолжиле својата работа и тоа уште поревносно – славејќи Го и фалејќи Го Бога.
-„И кога навршија осум дена, за Неговото обрезание, Му го дадоа името Исус, како што Го нарече ангелот, пред да биде зачнат во утробата.“
Според Мојсеевиот закон секое еврејско младенче од машки пол морало да биде обрезан и тоа по заповедта која Бог му ја дал на Аврам. Тоа бил знак на договорот меѓу Бога и еврејскиот народ како избран народ. Според тоа необрезан Евреин би се сметал во еврејското општество како нечист, неосветен и не би бил примен како член на еврејскиот народ. Обрезанието кај Евреите од секогаш имало доста големо значење и се вршел во осмиот ден по раѓањето, а потоа се давало име на детето.
-„А детето растеше и јакнеше во дух, исполнувајќи се со премудрост, и Божјата благодат беше на Него“.
Сето ова треба да се примени на човечката природа на Исус Христос. Тој растел по годините, а духот-божеството-го чувал од гревови иако на себе примил човечко тело. „Се исполнувал со премудрост“, т.е. бил соединет со неа. Овој цитат од Евангелието може да се разбре и вака: јакнел по дух, т.е. Светиот Дух и благодатта Божја, т.е. Бог Отецот бил на Него – како на човек.
- „И секоја година Неговите родители одеа во Ерусалим на празникот Пасха. Кога му беа пак дванаесет години отидоа, според обичајот во Ерусалим, на празникот. И кога ги поминаа деновите, на враќање дома, Детето Исус остана во Ерусалим..“
Според јудејскиот закон, секој Евреин морал трипати да оди во Ерусалим преку годината и тоа на празниците: Пасха, Педесетница и Кушчеј. Ова не било задолжително за женскиот пол и тие обично оделе како сопруги и мајки. Исто така не морало да доаѓаат и женските деца и болните, но подоцна, таканаречената Хилелова школа, барала тоа да биде задолжително и за децата, машките и женските. Според овој закон и Спасителот во својата 12 година дошол во Ерусалим и тоа првпат и тоа е единствениот настан од неговото детство. Празнувањето на Пасхата заедно со празникот Опреснока траел осум дена и така кога поминал осмиот ден Јосиф и Дева Марија тргнале дома, а Христос останал во Ерусалим, но затоа:
-„ а Неговите родители не знаеја за тоа, туку, мислејќи дека е меѓу сопатниците, изминаа еден ден пат и Го бараа меѓу роднините и познатите. И кога не Го најдоа, се вратија во Ерусалим да Го бараат. И по три дни Го најдоа во Храмот како седи меѓу учителите, ги слуша и ги прашува.“
Се чини чудно како Јосиф и Дева Марија не забележале при своето заминување дека детето останало, но тоа самиот евангелист го објаснува кога вели: „мислејќи дека е меѓу сопатниците“. Од овие зборови се гледа дека Јудејците доаѓале во Ерусалим за спомнатите празници во групи и обично со роднини и познаници заедно, така и Јосиф и Дева Марија, задржувајќи се заради некоја работа, тргнале на пат малку подоцна и тоа без Детето мислејќи дека Спасителот отишол со роднините и познаниците со кои дошле во Ерусалим, но кога не Го нашле, тие се вратиле и третиот ден Го нашле меѓу учителите на законот.Во притворот, околу храмот, кој се викал јудејски, се собирал народ во црквата 23 законоучители, но исто така и во притворот на незнабошците имало исто 23 лица. Спаситлот дошол на еден од ваквите собири и тука Го пронашле при што на учителите им поставувал прашања и им давал одговори.
- „А сите кои Го слушаа им се восхитуваа на Неговиот ум и на одговорите. Кога Го видоа се зачудија и мајка Му Му рече: „Чедо, што ни направи така? Гледај! Татко Ти и јас се измачивме, барајќи Те.”
Се зачудиле и неговите старатели. Дева Марија тука го нарекува Јосиф татко на Спасителот како Негов старател, а дека не му бил татко знаеме не само од многу места во Светото Писмо и од првата глава на Матеевото Евангелие, туку и од тоа што при оваа прилика на Спасителот Му говори Неговата Мајка, а не Јосиф.
-„ Тој им рече: „Зошто Ме баравте? Зарем не знаете дека Јас треба да бидам во она, кое што е на Мојот Татко?” Но тие не го разбраа зборот што им го рече.“
Со овие зборови Спасителот јасно покажува дека Татко Му е Бог, а не Јосиф, кој од овој настан повеќе и не се спомнува во Евангелието, дури ни како старател Христов.
-„ И слезе со нив и дојде во Назарет, и им беше послушен. А Неговата мајка ги чуваше сите тие зборови во своето срце“.
Спасителот бил послушен бидејќи ги исполнувал сите должности на добро дете, останувајќи под покровитлство на својата Мајка и работејќи го занаетот на Јосиф кој бил дрводелец. И така Тој, на кого целата природа Му се покорувала, Самиот се покорувал на своите старатели давајќи така пример на покорност и послушност кон нашите родители.
-„ А Исус напредуваше во премудрост, во растењето и во благодатта пред Бога и пред луѓето.“
Тука за Спасителот се зборува како за човек, зошто одземјќи го гревот и природното раѓање, имал човечка природа и затоа постепено растел. Со овие зборови евангелистот го завршува првиот дел од работата на Спасителот, т.е. Неговото зачнување, раѓање, детство и младешко доба, претставувајќи Го како совршен човек, како што после Го покажува и како совршен Бог.
БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ ОБРЕЗАНИЕ ГОСПОДОВО
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух
Денешното Евангелие ни кажа дека Пресвета Дева Марија осмиот ден по раѓањето Го донела својот Божествен Младенец во ерусалимскиот храм за според законот го исполни обредот на обрезување и така „да Го претстави пред Господа“. Поради својата неограничена љубов кон паднатата природа на човештвото, Господ Спасителот не само што се понижува примајќи на себе човечко тело, туку Тој, најчистиот кој дошол да го очисти човечкиот род од гревови, се согласува во храмот врз Него да се изврши обредот на обрезание ипотоа самиот да се очисти! Ова е навистина прекрасен пример на безгранична љубов и пожртвување за спасение на ближниот! На оваа постапка, дај Боже, секој христијански брат да се угледа зошто и Спасителот сите свои дела ги правел во таа своја намера нам да ни остави пример на работа и живот според кој би се познавале дека сме навистина синови на Отецот небесен и браќа меѓу себе.
Но, во денешното Евангелие го слушнавме и тоа како дванаесетгодишниот Христос со својата мудрост ги посрамил учителите на законот и затоа евангелистот и вели: „дека сите кои Го слушале Му се воодушевувале на Неговиот разум и одговори“.
Значи Тој на 12-годишна возраст со својата наука ги победил јудејските учители-фалбаџии, така да Неговата вера уште во самиот почеток го победила светот, нешто што о Апостолот го сведочи кога вели: „верата наша е победа која го победи светот.“
Кога Господ Спасителот ја проповедал евангелската вистина на земјата, целиот свет бил поделен на две различни вери. Едни луѓе го обожавале едниот и вистински Бог, а други се поклонувале на многу лажни богови. Првите биле Јудејците кои заради тоа и биле избраниот народ, кои видел многу добра од Бога, а другите биле идолопоклоници кои ги жртвувале своите деца со своите лажни богови и биле далеку од вистинскиот Бог.Но ниту Јудејците ниту идолопоклониците не би можеле да се спасат да не поверувале во Христос Спасителот како Бог, кои соединувајќи ги едните со другите ги спасува и двете групи како добриот вештак кој од старо и речиси неупотребливо злато или сребро прави чисти и нови накити. Така и Спасителот, примајќи ја во своето божество човечката природа од остарените во диседемонијата Јудејци и огрубените во идолопоклонството незнабожци, ги препородил и ги создал во ангели на светлината, научувајќи ги и едните и другите како треба да веруваат и да живеат. За ова добор дело грешните луѓе се пошегувале со својот Спасител, го мачеа, го исмеаја и на крај го распнаа, но Спасителот после три дена воскресна, веднаш им се јавил на своите Апостоли и им заповедал тие да го продолжат Неговото дело. На овој пат Апостолите ги очекувало, исто како и Христос Спасителот, прогони, мачења и многу страдања, и затоа Господ им рече:„ Ете Јас ве испраѓам како овци меѓу волци, зошто сите ќе ве намразат, но кој ќе претрпи до крај ќе биде блажен.„
И малиот број на Христовите Апостоли се облекуваат веднаш со силата на својот Божествен учител и како што крвта се разлева од човечкото срце со необична брзина по целото тело и со тоа го зајакнува и оживува целиот човек, така и науката на Христовите Апостоли необично брзо поминала низ сите човечки редови вродувајќи со добар плод иако наидувала на многу препреки. Без човечка мудрост, без богатство и сила, а единствено со помош од небото, учениците на денот на Светата Троица се покажаа првпат пред народот и тоа како премудри и семоќни проповедувајќи го распнатиот Христос и учејќи дека Он е Бог и Творец на небото и земјата, дека е вистина и љубов, правда и човекољубие. Но, против овие неколкумина Христови војници се кренале и страшните автократори на Рим кои тогаш беа господари на светот. Тие веднаш почнаа да наредуваат најразлични мачења и најстрашни начини на смрт за секој од нив кој го проповедал Исуса Христа. Читајќи ги разните мачења кои ги трпеле верните христијани, човек мора да падне во сомневање дали сето тоа било вистина какви се мачења издржале! Читајќи ја историјата за христијаните во првите векови, човек мора да се запрепасти кога гледа дека не поединци, туку цело мноштво на побожни старци, невини девојки и деца, како цели градчиња и села умирале во најгрозни маки за христијанската вера! Без разлика какво зло да се случило, веднаш биле обвинувани христијаните и веднаш ги носеле на мачилишта! Кога се случувале земјотреси, повторно ги обвинувале христијаните и повторно нив ги мачеле. Римскиот тиранин Нерон, сакајќи да види како изгледал запалениот град Троја, наредил да се запали еден дел од неговата престолнина Рим, кој веднаш се запалил и се претворил во пепел, а за тоа веднаш објавил дека христијаните го запалиле Рим. По ова може да се види какви прогони издржувале нашите браќа маченици! Овие страдања траеле цели три века и кај сите народисе видела ужасна слика на прогони и мачења, но и слика на јунаштво, пожртвување и трпење за верата. Нашата вера е сила која го просветува умот и го исполнува човекот со надеж, потоа умот влијае на срцето, тоа на разумот и волјата, зошто разумот го просветува со небесна светлина, а волјата упатува на добри и корисни дела без кои верата нема вашност. И така кој само верува, а не прави добри дела, тој само по името е христијанин и тој не смее да се надева на вечен живот.
Да обрнеме внимание на времето во кое живееме и да се запрашаме дали ние денес ја чуваме и почитуваме Светата вера како што тоа го правеле нашите татковци и дедовци? Дали нашата вера е споена со љубов и пожртвување за добро на нашиот ближен? Светата вера се повеќе ја снемува во нашето општество! Зарем нема да признаеме дека меѓу нас се развиваат разни страсти и пороци заради кои само малкумина сме во црква, а повеќемина во кафеана: малкумина сме во правење добри дела , но затоа не има повеќе во озборувања; малкумина го читаат Светото Писмо, а повеќемина се во политиката и лажните забави!
А сакаме достојно да се наречеме Православни христијани, но од нас не се бара да ги трпиме оние мачења кои ги трпеле нашите стари браќа, нас нема кој да не прогонува, но ние сме должни да покрај топлата вера да правиме и добри дела избегнувајќи омраза, завист, лага, озборување и расправии, зошто тие не се делата според кои ќе се препознаеме дека сме Синови Божји, кои се должни да се одликуваат со доблести и пожртвуваност угледувајќи се на својот Господ и Спасител на кого нека е чест и слава во вечните векови. Амин.
ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ПРАЗНИКОТ БОГОЈАВЛЕНИЕ
Матеј, зач. 6, гл. 3, ст. 13-17
Нашиот Господ Исус Христос објавувајќи се за Месија, во 30 –та година од својот земски живот дошол кај реката Јордан, близу селото Витавара, да биде крстен од Свети Јован. Спасителот не се крстел заради личните гревови зошто ги немал, а и според левитскиот закон, Неговото лично дружење со нечистите народи не Го правеле и Него нечист; туку се крстел затоа што тоа билo Божја волја за со сведоштво од небото да биде објавен на народот како вистински Месија и со својот пример да го освети крштевањето кое понатаму станува тајна на новозаветната Црква.
-„Во она време дојде Исус од Галилеја на Јордан кај Јован да се крсти.“
Спасителот дошол кај Јован тогаш кога тој проповедал за доаѓањето на Месијата и кога го крстел народот, а дошол од Галилеја, зошто од враќањето од Египет се населил во Назарет во Галилеја.
-„А Јован му бранеше велејќи: Ти треба мене да ме крстиш, а Ти доаѓаш кај мене?“
Јован му бранел на Спасителот да се крсти затоа што како пророк, вдахнат со Светиот Дух, знаел дека Он е Месијата и Бог, како што и заигра во мајчината утроба кога ја поздрави Дева Марија неговата мајка Елисавета. Оваа вистина е посведочена и кога Јован гледајќи го Христа како му приоѓа, рекол: „Погледнете го јагнето Божје кое ги зема на себе гревовите на светот. Ова е Оној за кого реков: по мене доаѓа човек кој постана пред мене, зошто пред мене беше.“ Заради тоа понатаму и му вели на Христос дека Он треба да го крсти зошто тој е подложен на грев и има за што да се кае, а Јовановото крштевање е всушност крштевање на покајание, т.е. кој се крстил од Јован значи дека со тоа покажува каење за своите гревови, но за да добие простување за нив било потребно да се крсти и со Христовото крштевање.
-„А Исус му одговори: остави сега зошто така треба да се исполни секоја правда. Тогаш Јован Го остави.“
Спасителот вака му одговара на Јован за Јудејците, кои биле под законот, да не помислат дека Он не сака да се покорува на законот. Он заради луѓето постана човеколик, за како човек да го победи човечкиот непријател – демонот; така и сега заради луѓето, а како човек, се крштева во водата во која ја погребува целата нечистотија на оние кои подоцна ќе се препородат со вода и дух. Своето крштевање Спасителот го нарекува исполнување на секоја правда, т.е. на сите божји заповеди од кои една е и таа да се крсти и затоа Јован повеќе не се спротивставува, туку пристапува на дело.
-„А кога Исус се крсти излезе веднаш од водата и ете се отвори небото и го виде Духот Божји каде слегува како гулаб и дојде над Него. И ете се слушна глас од небото кој говори: ова е Мојот возљубен Син кој ми е по волја.
Веднаш по крштевањето кога Спасителот излегувал од водата се појави Светиот Дух во вид на гулаб и се симнал врз Него да го покаже и означи дека Он е Тој за Кого гласот од небото говори за народот да не помисли дека сведоштвото се однесува на Јован. Голубот не бил само омилена птица кај Јудејците, која била симбол на мир уште од потопот, туку и на останатите народи им била мила бидејќи голубот не е само невина птицата, туку таа ги сака луѓето. Сведоштвото за Месијата, за кого во оваа прилика од небото се слушнало потврдување, се повторува и при преображението Христово на Тавор, како и пред страдањето на Спасителот.
БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ БОГОЈАВЛЕНИЕ
„Ова е Мојот возљубен Син кој е по Моја волја“
На денешниот светол празник Богојавление, кога Свети Јован го крштевал Господ Спасителот во реката Јордан и Светиот Дух се симнал врз Него во вид на гулаб, гласот на Бог Отецот од небото го слушнал целиот народ кој стоел околу: „ова е Мојот возљубен Син кој е по Моја волја“. Тоа го кажал Господ Саваот сведочејќи со тие зборови јасно и гласно дека нашиот Господ Исус Христос навистина е очекуваниот Спасител на светот, Син Божји и Бог. Но кога Бог Отецот ни сведочи вака за својот вечен Син, зарем со тоа не ни заповда да Го слушаме Господ Исус Христос, т.е. да ги исполнуваме Неговите свети заповеди? Значи кој не ги исполнува Христовите заповеди, тој не Го слуша ниту Бог Саваот, а кој не го слуша Бог Саваот, како ли мисли на денот на страшниот суд да излезе пред судот и да одговара за својата непослушност кон заповедите на Семоќниот Бог! Послушноста е доблест која Бог од нас ја бара.
И блажениот свршеник на Дева Марија, Јосиф, меѓу останатите доблести особено се одликувал со послушност. Како што видовме во Евангелијата од минатите празници, нему во сон му се јавува ангел и му наредува да бега во Египет и му јавува за опасни и тешки работи за кои тој треба да ја остави својата таковина и да оди во туѓа земја, да бега со страв и опасност, а прогонуван од царот Ирод кој бара Божествениот младенец да биде убиен. Тука обичен човек би се посомневал во видението во сон, но Јосиф бил послушен и затоа меѓу сите луѓе и бил избран да биде чувар на Пречистата Дева Марија и да послужи при големата тајна на воплотувањето Христово.
Многу луѓе мислат дека послушноста е помала доблест, дека за спасение на човекот не е потребна и дека не заслужува особени награди. Но, треба да се знае дека послушноста е доблест со извонредна цена, зошто само таа Го умилостивила Бога и човечката природа ја возвишила на степен на нејзино вистинско достоинство. Особен пример на послушност ни покажа и Христос Спасителот покорувајќи се не само на волјата Божја, како што сведочи денешното Евангелие, туку и на човечката зошто и кон Дева Марија и кон Јосиф покажал особена покорност и послушност. „И се симна со нив и дојде во Назарет и им беше послушен“, вели евангелистот Лука. Исто така Евангелијата не уверуваат дека треба да се покоруваме и на човечките закони, зошто плаќал данок и за себе и за своите ученици. Тогаш дали и ние го слушаме советот на постарите и попаметните и дали се покоруваме на наредбите на нашите власти и претпоставени? Не треба никогаш да се заборави на лошите последици на непослушноста на кои ние сите добро знаеме добро да ги оцениме зошто знаеме колку штета може да предизвика непослушност во еден дом. Да се сетиме во каква состојба се наоѓаат оние лоши ангели кои поради непослушност отпаднале од Бога! Да се сетиме какви последици постигнале и нашите праотци во рајот заради нивната непослушност! Непослушноста направила да се наоѓаме во жалост и да умираме. Едната доблест-послушност- му ја донела на човекот секоја среќа и сите добра; а гревот – непослушноста- натовари на човекот несреќа и зло!
Големата важност на послушноста ќе ја разбереме кога ќе обрнеме внимание на домот каде владее послушноста. Зошто ако донаќинот на куќата се покорува на Божјите заповеди и ако членовите на семејството и слугите се покоруваат на домаќинот, тогаш во таа куќа владее љубов и слога меѓу мажот и жената; тука децата добро и примерно се воспитуваат; тука служителите се вредни и во тој дом владее ред и мир, спокојство и благосостојба. Но ако во домот домаќинот не ги исполнува Божјите заповеди, а домашните не го слушаат него, тука мажот и жената не се сложуваат и постојано се во расправии; децата немаат домашно воспитување и затоа се неуредни; служителите се непослушни и затоа повеќе се штетни отколку полезни и целата домашна работа оди наопаку. Овој ист пример можеме да го примениме како во нашиот живот во црквата, така и во општеството и државата, а сето тоа не уверува дека послушноста е многу голема и важна доблест. Каде што владее послушноста, таму државите и народите се среќни, таму градовите цветаат и напредуваат, таму семејствата и домовите личат на рај, а нивните членови на ангели, таму и црквата ги остварува кај своите членови сите доблести зошто луѓето ја чуваат својата света вера, ги почитуваат Божјите закони, се пријатели и синови Божји и така со послушноста се враќаат на онаа слава од која непослушноста ги оддалечила. Непослушноста на Адам сите луѓе ги направи грешни, а послушноста Христова сите луѓе ги оправда.
Но во светот има многу непослушност и затоа има многу несреќи. Причина на непослушноста е гордоста, а мајка на послушноста е смиреноста. Гордоста и лошите ангели, демоните, ги навела на непослушност; гордоста првите луѓе во рајот ги наведе на грев, а гордоста и денес прави многу луѓе да се осудат да бидат судии и на Бога, осудувајќи некои од Неговите заповеди за тешки. Но кроткиот и смирен човек далеку е од ваквите лоши мисли и затоа се одликува со послушност зошто знае дека Словото Божје вели: „Господ им се противи на гордите, а на смирените им дава благост“.
На крај треба да се знае дека послушноста може да биде двојна. Таа може да бид изнудена и доброволна. Но изнудената послушност не е доблест зошто не се случила со волја и добрина на срцето, туку од страв и затоа таа не е плод на благост и смиреност, туку на сила и потреба. Доброволната послушност, од друга страна, како дело на слободна волја е доблест зошто е плод на благост и смиреност и таквата послушност му приличи на христијанинот; таквата послушност ја наградува и небото и земјата. Кој сака спасение на својата душа на небото, а среќа на земјата, тој нека добро се чува од гордоста од која доаѓа непослушноста. Некои жени ги слушаат своите мажи, децата своите родители, младите ги слушаат старите, слугите своите господари, поданиците ги слушаат владетелите и властите, а сите заедно ја слушаат светата Божја волја. Почитувајте го секого, вели Светото Писмо: „љубете ги браќата, од Бога бојте се, царот почитувајте го“имајќи на ум дека Христос Спасителот се ова најточно го исполнувал, па дури и „пострада за нас и ни остави пример на Него да се угледаме“. Амин.
ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ПРАЗНИКОТ СРЕТЕНИЕ
Лука зач. 7, гл. 2, ст. 22-40
Кога Бог го испрати Мојсеј со Арон да го изведат народот Израелски од Египет, фараонот не сакал да го пушти народот и затоа Мојсеј правел разни чуда со кои Бог го казнувал фараонот за неговото спротивставување и упорност. Но кога на крај ангелот ги поморил сите египетски првенци за една ноќ, тогаш фараонот го пуштил народот, но бидејќи од тој помор биле поштедени сите израелски првенци, законот наложувал како спомен на тоа сите израелски првенци да се посветуваат на Бога на служба, т.е. одреден период да служат во храмот. Но подоцна кога за таа служба било избрано Левиевото племе, тогаш за првенците бил одреден откуп од пет сикали сребро (Исх. 13, 1-12). Според овој закон и Спасителот требало да биде посветен на Бога и ова посветување го извршил на денот на Сретението заедно со обредот на мајчиното очистување, кое се вршело на 40-от ден од раѓањето на детето, а на овој ден во храмот го сретнале Господа богопримецот Симеон и пророчицата Ана.
„И кога се навршија деновите на нејзиното очистување, според Мојсеевиот Закон, Го донесоа во Ерусалим, за да Го претстават пред Господа,како што е напишано во Господовиот Закон: „Секое машко, кое се раѓа прво, да Му биде посветено на Господа!”,и да принесат жртва, како што е речено во Господовиот Закон – две грлици или две гулапчиња.
Според Мојсеевиот закон при посветувањето на првенецот на Господа, требало како жртва да се принесе едногодишно јагне и млад голуб или грлица како жртва за грев (Лев. 12, 6, 8), но на сиромашните законот им одобрувал наместо јагне да принесат два голуба или две грлици. Дева Марија ја принела оваа сиромашна жртва. Овие жртви на Спасителот, како Бог, не му биле потребни, па ниту на Дева Марија, зошто таа со осенувањето на Светиот Дух била очистена од секој грев и нечистотија. Тие принеле жртва за да ја исполнат секоја правда и да покажат пример на покорност кон законот и волјата Божја; заради идната Христова служба зошто инаку не би можел да има влијание меѓу народот, а уште помалку да биде учител. Дева Марија исто така морала да исполни се што било пропишано за очистување инаку не би ја сметале за вистинска Излаилка. Тајната на зачнувањето и раѓањето на народот му била непозната и затоа требало да се исполнат законските формалности.
-„И ете, во Ерусалим живееше човек по име Симеон, и тоа човек праведен и благочестив, кој ја чекаше Израелевата утеха; и Светиот Дух беше над него.“
Читајќи ги пророчките книги праведниот Симеон знаел за доаѓањето на ветениот Месија кој на израелскиот народ бил утеха, бидејќи врз Него ќе се исполнат сите пророштва. Освен тоа, Симеон во себе Го имал и пророчкиот Дух.
-„Нему Светиот Дух му прорече дека нема да види смрт, додека не Го види Христа Господов.“
Според Преданието, Симеон бил еден од 79-те толкувачи кои според желбата на Птоломеј Филаделф на островото Фарос, близу Александрија, го превеле Стариот Завет на грчки јазик речиси 280 години пред Христа. Нему му дошло да ја преведе книгата на пророкот Исаија и кога дошол на она место каде вели дека „дева ќе зачне и ќе го роди Емануил“ –богочовек – (7, 14), тој се посомневал, но тогаш му се јавил ангел и му рекол дека нема да умре се додека не го види тој настан.
-„И вдахновен од Светиот Дух дојде во Храмот; и кога родителите Го внесоа Детенцето Исус, за да го извршат врз Него обичајот на Законот, Го зеде на своите раце, Го благослови Бога и рече:”Сега, Господару, отпушти го Својот служител со мир, според Твојот збор,зашто моите очи го видоа Твоето спасение,кое го приготви пред лицето на сите луѓе, светлина за осветлување на народите и слава на Твојот народ Израел.”
Кога Христа Го донеле во храмот заради посветување и принесување на жртва заради очистување, тогаш и Симеон, поттикнат од некоја виша сила, доаѓа во храмот и тука просветен од Светиот Дух веднаш во лицето Исусово Го препознава ветениот Месија и благодарејќи на Бога што дочекал да Го види, тој Го зема Детето во своите раце и вели: Сега Господи ме отпушташ, простуваш од овој живот со мир, со душевно спокојство кое јас не би го имал ако умрев претходно зошто сега моите очи го видоа спасението кое Ти го вети на вселената – го видоа виделото, светлината која ќе ги осветли, просвети незнабошците и кое е слава на Израелевиот народ. Важно е што тука Симеон прво го спомнува просветувањето на незнабошците, а потоа славата Израелева затоа што просветен од Светиот Дух предвидел дека Јудејците ќе го отфрлат Христа, а идолопоклониците ќе Го примат и потоа Јудејците ќе се потрудат да се обратат во верата (Рим. 11, 25-26).
-„А Јосиф и мајка Му се чудеа на она, што зборуваше за Него“.
Се чуделе не затоа што од Симеон слушнале нешто особено, ново и непознато, туку затоа што сега се увериле дека Бог на многу луѓе им ја открил тајната за младенецот и Неговото необично назначување.
-„И Симеон ги благослови и и рече на Неговата мајка Марија: „Гледај! Овој е поставен за паѓање и подигање на мнозина во Израел, и знак на кој ќе му се противат.“
Симеон ги благословил Јосиф и Марија како старатели на Детето и се помолил на Бога за нив, а потоа и се обраќа на Богомајката и и‘ вели: овој е поставен за паѓање и подигање на мнозина. Според пророштвата, Господ се нарекува „камен на сопнување и карпа на соблазни“ (Ис. 28; Рим. 9, 38), a самиот Спасител за себе вели: „Не дојдов да донесам мир, туку меч“ (Мат. 10, 34-35), а сето ова било за фарисеите и целиот Јудејски народ. Спасителот, според Теофилакт, е пад за оние кои неверуваат и воскресение за оние кои веруваат, зошто како што многумина не веруваа во Него, паднаа и пропаднаа, а многумина од оние кои веруваа во него се возвисија и спасија. Но многумина говореа против Христос, т.е. против Неговото боженство и така тие беа причина за соблзни и пропасти на многумина, како што за сето тоа е претскажано (Исај. 50, 18; Дел. Ап. 27, 22).
-„А на самата Тебе мечот ќе ти ја прободе душата – за да се откријат мислите на многу срца.“
Под зборот „меч“ тука се подразбира онаа ужасна тага и болка која Богомајката ќе ја претрпи гледајќи Го својот Син распнат на крст. И навистина, кога од евангелската историја знаеме дека страдањата на Спасителот ја поттикнаа целата природа на тага: сонцето се затемнило, земјата се затресла, камењата распукале, па дури и студените гробови се отворија на мноу мртви и немилосрдните војници се вознемириле, тогаш може да се знае како можело да и биде на чистата душа на нежната мајка! Според пророштвото на Симеон, Спасителот требало да страда и со цел јасно да се покаже односот кои луѓето ќе го заземат кон Него, зошто тоа значат и последните зборови на овој стих.
-„Беше и пророчицата Ана, Фануилова ќерка, од Асировото племе; таа беше во многу напредната возраст; од своето моминство проживеала со мажот седум години, а како вдовица до осумдесет и четвртата година, не го напушташе Храмот, служејќи Му на Бога со пост и молитва ноќе и дење.И во истиот час таа дојде и Го славеше Бога и им зборуваше за Него на сите во Ерусалим, кои го очекуваа спасението.“
Евангелистот говори вака опширно за пророчицата Ана за да го отстрани секое сомневање за вистинитоста на зборовите. Тој не го спомнува името на мажот на Ана, туку нејзиниот татко затоа што таа била вдовица и второ, заради самото значење на името Фануил, што значи „видување божје“, како што и името на Асировото племе значи благослов. Христа уште како дете Го поздравуваат и за Него сведочат разни личности и по положба и години, зошто во таа работа гледаме и пророци и пастири и старци и старици и деца. Дева Марија зачнува, неротката Елисавета раѓа, немиот захариј прозборува, неговата жена пророкува, Свети Јован уште во утробата се радува, мудреците доаѓаат на поклонување, Ана го разгласува раѓањето и Симеон Го слави Бога и пророкува! За пророчицата Ана важно е и тоа што таа не се молела на Богакако и останатите Јудејци, т.е. двапати дневно, околу 3-от и 9-от час и не постела како останатите, двапати во неделата, во понеделник и четврток, туку постојано се молела на Бога и постела целиот свој живот во храмот на кого му служела постојано по смртта на нејзиниот сопруг.
Од последните зборови на овој стих се гледа дека Ана влегла во храмот токму во оној момент кога Симеон Го зел младенецот во раце и Го славел Бога и од тогаш на секого непрестајно му зборувала за родениот Месија.
-„И кога свршија сè според Господовиот Закон – се вратија во Галилеја во својот град Назарет.“А детето растеше и јакнеше во дух, исполнувајќи се со мудрост, и Божјата благодат беше на Него.
БЕСЕДА НА ПРАЗНИКОТ СРЕТЕНИЕ
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух
Кога на денешен ден богопримецот Симеон во Ерусалимскиот храм ја дочекал Богомајката со нејзиниот боженствен младенец, тој го земал детето во раце и меѓу останатото го прорекол и тоа дека и Пресвета Дева Марија ќе доживее теѓка и горка тага. Тој и рекол: „А на самата Тебе мечот ќе ти ја прободе душата“ и тоа навистина се случи кога таа својот Пресвет Единец Го гледала распнат на крст. Но Дева Марија иако го слушнала тоа, таа сепак имала доволно трпение својот единец да Го чува како својата душа и откако го видела распетието, таа во Него ја видела Неговата боженствена слава на воскресение. Од оваа постапка да се научиме и ние на трпение во сите околности во нашиот живот па ако не снајдат неволји и ако се појават тешки искушенија, да бидеме трпеливи и ќе дочекаме и радост и среќа. Трпението е голема доблест и затоа нашиот народ вели: „трпение-спасение“. Како синови Божји ние треба да се угледаме на трпението на нашиот Отец Бог зошто како синови срамота е да бидеме недостојни на нашиот Отец.
Кога знаеме дека има многу луѓе кои ги скверневат божјите светињи и го грдат Неговото свето име и колку ги има оние кои Неговите свети заповеди самоволно ги омаловажуваат, а Бог и покрај сето тоа ги сјае со своето сонце и лошите и добрите и им дава дожд и на неправедните и на праведните, тогаш можеме да ја замислиме, барем отприлика, неизмерната величина на Божјето трпение! Годишните времиња одат по својот ред, природата вредно му служи на човекот, плодовите земски уредно доаѓаат и сето тоа се случува по Божја волја и сето тоа ги весели и побожните и непобожните и благодарните и неблагодарните – и зарем сето тоа не е доволно голем доказ за неограничетото трпение на Бога! Имајќи во рацете семоќна власт на казнување и сила на осветување, Бог наместо казни и освети им Го испраќа на грешниот и неблагодарен свет својот Син Единец да се понижи и да страда заради спасение на светот! Па и после тоа за да ни ја покаже неограничената мерка на своето трпение и вели: „ Сте чуле дека било речено: ‘Љуби го својот ближен и мрази го својот непријател’. А Јас ви велам: Љубете ги своите непријатели и молете се за оние, кои ве гонат; за да бидете синови на вашиот Татко, Кој е во небесата, Кој прави Неговото сонце да изгрева над злите и над добрите, и дава дожд на праведните и на неправедните.“ (Мат. 5, 43). Ова го правел и Спасителот покажувајќи го своето неограничено трпение токму кога луѓето најмногу Го понижија и Го мачеа на крст, зошто дури и тогаш Он се молел на Бога за нив говорејќи: „Оче, проти им зошто не знаат што прават“. Да се угледаме и ние на нашиот Спасител зошто Он постојано го покажувал своето неограничено трпение за да ни остави пример по кој сме должни да се однесуваме.
Трпението не само што е во состојба да ни ги сочува оние добра и блага кои ги имаме, туку победоносно ги одбива од нас сите зла кои може да ни штетат. Трпението, со помош на божјата багодат, борејќи се против страстите на нашето тело кои ја убиваат душата, создава доблести кои ни служат на полза. Така на пример измамата, кражбата, убиствата и така натаму се гревови кои ја убиваат душата на човекот, но кога во срцето постои силно и постојано трпение, тогаш човекот никогаш нема да се засрами и понижи себеси со спомнатите гревови. Вистина е дека ако од љубовта го одземете трпението, тогаш ќе видите дека таа е слаба и дека нема никаква цена! Заради тоа и Апостолот вели: „љубовта е трпелива и милокрвна, љубовта не завидува, ниту се велича и таа не прави она што не е добро, не се лути и не мисли зало, не се радува на неправда, на се се надева и трпи“. Ова значи дека на љубовта брат е трпението и со негова помош таа ја одржува врската меѓу слогата и среќата.
Силата на трепението е голема и затоа не спојува со Бога и не води во вечен живот. Трпението го ублажува гневот и лутењето, го укротува јазикот, управува со разумот, го чува мирот и поредокот, го потпомага учењето, ја уништува желбата за наглост и суровост и го смирува непријателството. Трпението го прави богатиот милосрден, а сиромавиот благ и безопасен, а во семејството ја одржува љубовта, слогата и верноста. трпението прави луѓето да се среќни, понизни и кротки, во несреќа храбри и издржливи, а при напади-благи. И така, ако сакаме да бидеме синови Божји, ние треба да се угледаме на Божјето трпение кое го видовме уште во почетокот на оваа беседа.
Сепак иако славата на Спасителот е голема, иако ангелите на небото Му се поклонуваат, сепак луѓето на земјата Го мачеа. Но, кој може да каже дека Он за тоа се светел? Никој! На ваквото трпение треба да се угледаме и ние, не барајќи никогаш на зло да вратиме со зло, а на тоа не учи и Господ Спасителот кога вели: „Кој претрпи до крај, ќе биде блажен. Во светот ќе имате неволји, но не се бојте, зошто Јас го совладав светот“! Слава на победителот Господ Исус Христос во век и векови. Амин.
ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ПРАЗНИКОТ ХРИСТОВО ВОСКРЕСЕНИЕ
Јован, зач.1 гл. 1 ст. 1-17
Во денешното Евангелие се огледува по суштината целиот дух на Јовановото Евангелие. Првиот стих е оној крајаголен камен, целата христијанска мудрост која се разликува од останатите вери, зошто во првиот стих се претставува: 1) вечноста на словото (во почeтокот беше словото); 2) личноста на словото (и словото беше во Бога) и 3) божеството на словото (и Бог беше словото).
Јован го почнува своето Евангелие од божеството на Спасителот, со кое останатите евангелисти го завршуваат своето Евангелие.
-„Во почетокот беше Словото и Словото беше во Бога и Словото беше Бог.“
Вечноста на Словото, т.е. Исус Христос. Изреката: „во почетокот“, со која Јован го почнува своето евангелие, е синоним на изреката: „во почетокот“со која Мојсеј ја почнува историјата на создавањето. Мојсеј кажува: „Во почетокот Бог го создаде небото и земјата“, или од ништо Бог ја создал основата на се што за шест дена создал, а Јован вели: „Во почетокот беше Словото“, т.е. пред Бог да почне од ништо да ја создава вселената, Словото постоело и со Него е создадено се, како што вели Христос: „И сега прослави ме Ти Мене Отче, во Тебе Самиот, со слава која ја имав кај Тебе пред да постане светот“. Изреката: „во почетокот беше“не значи друго, туку вечност, а зборот „беше“значи без почеток, секогашен и се разликува по значење од зборот: „постана“во 14-от стих зошто тој тука се однесува на предмет кој има свој почеток, т.е. на „воплотување на словото“. Со зборот „беше“ евангелистот кажува дека „словото е вечно“ и дека не е суштество, а со зборот „постана“ кажува дека „тоа е вечно Слово“ во одредено време на „себе земало тело“.
Нам ни се познати три логични битија: 1) човечкото, 2) ангелското (и двете суштества) и 3) Божје кое се создало. Но бидејќи Словото со кое е создадено се што е создадено (ст.3) е вечно и без почеток, тоа не доаѓа во првиот ред на битијата, т.е. човечки, а како во време овоплотено-тоа не доаѓа ниту во вториот ред, т.е. ангелскиот, значи дека доаѓа во третиот ред, т.е. Божји. Ова начело постои во христијанството како битна основа на сите Негови науки, а тоа го тврди и апостол Павле. Од ова следи дека оние кои го одрекуваат Христовото Божество не се христијани, а со тоа име се нарекуваат лажно и без право.
Под името Слово, Збор тука не се разбира ништо филозовско или идеја, туку личност за која во 14-от стих се говори дека „ се овоплотил“. Според евангелистот Јован, Словото не било некое Божје својство, туку личност и тоа не проста, туку Бог, зошто вели: „и Бог беше Словото“, т.е. тоа Слово за кое зборува е Бог.
Зборот Слово првпат не започнал Јован да го употребува. Тој бил и претходно познат како на пример во Стариот Завет: „Слово Господово постана небото“, но тој збор особено бил употребуван во време на евангелистот Јован затоа што тогаш владеела Филоновата филозофија. Филон живеел во Александрија околу 40-50 година по Христа, по род бил Јудеец, а по мислење бил меѓу Јудаизмот и платонизмот. Според Филон, мудроста во смислата во која ја земал Соломон и Словото во смислата во која ја земал Јован, била иста што и разумот во смислата во која го претставувал Платон., т.е. или мудрост според Соломон, или Слово според Јован, или разум според Платон, – сите три значат: собир на сите божествени сили и идеи. Филон прави разлика меѓу словото на замисленото и словото на искажаното. Под првото се подразбира „замислено бестелесно“ (уште неискажано), а под второто се подразбира „Слика“ – подобие Божје. Според него Словото е: оригинал на светлината, најстариот син на Отецот на битието, Негов првенец, најстар ангел, сенка Божја, со кое, како со некој орган и негова употреба, Бог го создал светот и на таа своја сенка и дал извонредни дарови. Оваа слика нема својство на нероденост како Бог, ниту е родена како ние, туку завзема некоја средина и т.н. Земајќи го овој збор, кој би во употреба, Јован го одредил вториот Ипостас – лице – божество и тоа како создадена личност, а не како некое божје својство. Во оваа смисла Јован го употребува овој збор “Слово“на други места во своето Евангелие и посланици. На пример: „Слово на животот“, „Слово Божје“, Словото е одблесок на славата и карактер на неговиот Божји Ипостас – Бог Го знае Синот и преку Него им се јавува на луѓето. Кога евангелистот вели: „Во почетокот беше Словото“, тој со тоа покажува дека не постоело време кога Словото не постоело. Значи Словото е вечно и тоа е Творецот на времето.
„И Словото беше во Бога“. Со овие зборови евангелистот ја покажува различноста на Ипостасите – Лицата – Словото од Бог Отецот, а во исто време и неразделноста на Отецот од Синот.
„И Бог беше Словото“. Значи „Словото“ не било некое суштество, создание, зошто се што е создадено, е создадено со Него (ст.3) и пред Него не постоело никакво суштество и тоа е Творец на се, или со други зборови – Бог. Тоа не е слово како што е нашиот, туку е на едно битие од Бога и една Божја природа и достоинство.
Светото Писмо ја содржи вистината од Откривението и говори за натрпиродните предмети, за тајните кои науката не ги знае зошто по природа не може да ја прејде својата граница. Но кога за вакви предмети постојат историски докази кои се наоѓаат за здрави основи на моралот, тогаш сме должни да ја примиме и усвоиме нивната вистинитост.
-„ Тоа беше во почетокот во Бога“.
Во првиот стих евангелистот ги претставил: 1) предмет Слово, 2) личната разлика меѓу Него и Отецот и 3) еднобитноста на Словото со Отецот. Во овој втор стих сето тоа го концентрира во едно и претставувајќи го второто лице како Бог во следниот стих, ни го покажува и како Творец.
-„Сè стана преку Него, и ништо, што стана, не стана без Него.“
Ова се што постанало – преку Словото – преку Исус Христос – и тоа што без Него ништо не постои, не добило свое битие, а апостол Павле вака објаснува: „зошто преку Него било создадено се што е на небото и што е на земјата, што се гледа и што не се гледа, дали се тоа престоли или господства или поглаварства или власти (вака се нарекуваа разни ангелкси чинови) се преку Него и за Него се создало“. Кога Апостолите со овие зборови Го покажуваат Словото – Синот како Творец на се, тие тука не го исклучуваат Отецот и Светиот Дух, туку само сведочат дека и Синот е Творец како што е Отецот и Светиот Дух. Заради тоа и Светото Писмо на едно место го припишува создавањето на светот на Отецот, на друго место на Синот, а на трето место на Светиот Дух, зошто создавањето на се е нивно заедничко дело зошто се што постанало, постанало преку волјата на Отецот, со дејството на Синот и присуството на Светиот Дух.
Човекот според својата природа уште од мал прашува и се труди да ја дознае причината на се што постои. Оваа вродена човекова склоност по која тој сака да дознае кој е Творецот на се е многу јасен доказ дека навистина постои Творец на се. Овој Творец – причина – на се, бил од секогаш и кај сите мудреци предмет на испитување и така едни како причина за се го земале огнот, други водата, трети воздухот, некои броевите, а некои материјата со која се сложуваат и голем број современици. Но нашето Откровение ни ја покажува Божјата личност, беспочетен и вечен Бог, кој од ништо, а преку силата на својата семоќ, ја создал и материјата која со својата промисла ја движи и управува. Божјето Откровение не учи дека Бог е прва причина на се и дека Он создал се.
„Без Него“…Со овие зборови евангелистот сигурно имал намера да ја собори онаа Филоноплатонска теорија која во она време постоела и учела дека материјата е вечна, дека таа е сила која дејствува противно на Бога па затоа и е причина на злото. Но Бог, според науката на Светото Писмо, создал се добро и многу добро, а кога човекот, како слободен ја престапил божјата заповед, тогаш се оддалечил од доброто, а од тоа постанало злото.
-„Во Него беше живот и животот им беше светлина на луѓето“.
Бидејќи евангелистот кажал за Словото дека е Бог и Творец на се, сега вели дека е животот на се, т.е. дека е изворот на животот и светлината за се. Оваа вистина ја претскажал и Давид кога рекол: „Во тебе е изворот на животот, со Твојата светлина ја гледаме светлината“, а и самиот Спасител вели: „Јас сум воскресението и животот“, а тој живот е светлина за луѓето, зошто Он како Бог ја имаа таа моќ да дава живот и да го осветлува секое логично битие.
- „И светлината свети во темнина, и темнината не ја опфати.“
Без светлината невозможен е животот во природата. И животните и растенијата не можат да постојат без светлината. Како што светлината и животот се неразделни и невозможно е едното без другото, така исто се неразделни се мракот, темнината и смртта. Поаѓајќи од оваа природна вистина и евангелистот ја споредува светлината и животот со Словото Божје (со Исус Христос), а темнината и смртта со гревот на паднатото човештво. Тој го прави ова затоа што имал намера малку подолу да каже (во ст. 14) дека светлината на Словото го осветлува и оживува светот кој лежи во темнина и смрт. Според тоа под името светлина се разбира науката на Спасителот. Под името темнина се подразбира заблудата, па Христовата наука ќе светли во заблудата во која светот се наоѓа и таа заблуда нема да ја покрие, помрачи.
Говорејќи до тука за божеството на второто лице на Света Троица, евангелистот сега преоѓа на Неговата појава и дела.
- „Се јави човек, испратен од Бога, по име Јован.“
Во грчкиот текст стои: „Постоел човек, испратен од Бога, по име Јован“. Голема е разликата меѓу „се јави“ и „постоел“, особено кога кога ќе се спореди со зборовите од првиот стих, каде за Спасителот се вика: „ Во почетокот беше“, зошто додека се кажува дека Словото е беспочетно и Творец, додека „постоел-се јави, кажува дека Јован е времено суштвество. Тука станува збор за Јован Крстител и Предвесник.
-„Тој дојде за сведоштво, за да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него.“
Целта на Јовановото доаѓање била да сведочи или пак да го приготви народот за Месијата и лично да покаже кој е Месијата, па да го примат и веруваат не само Јудејците, туку и сите останати народи. И Јован сведочел и својата задача ја извршил, а во Христос не верувале сите народи и тоа затоа што е се здобива со сила и насилство, туку по слободна волја.
-„Тој не беше светлина, туку да сведочи за Светлината.“
Со овие зборови евангелистот уште подобро ја објаснува причината и задачата на Јовановото доаѓање па вели дека тој не бил светлината, туку тоа е Христос за кого Јован дошол само да ги приготви луѓето.
-„Вистинската Светлина, Која го осветлува секој човек кој доаѓа во светот.“
Спасителот е вистинската светлина зошто е вечна светлина и извор на светлината која ги просветли пророците, Апостолите и сите светители. Он дава светлина и живот, Он ни откри, ни покажа се, Он ни даде живот и воскресение, вистина и правда, љубов и братство, мир и блаженство. Он самиот вели: Јас сум лебот на животот. Јас сум светлината на светот. Јас сум врата на овците. Јас сум добриот пастир. Јас сум воскресение и живот. Јас сум патот, вистината и животот. – Словото- Спасителот Исус Христос – ги просветува сите луѓе: 1) со природни сили кои им ги дал, 2) со особини на душата, 3) со својата божествена промисла и 4) со науката на Откровението.
-„Беше во светот, и светот стана преку Него, но светот не Го позна“.
Под името свет овде се подразбираат сите оние кои знаеле за Бога, но не Го славеле како Бог. Но некои од нив ја препознале оваа светлина како на пример Авраам, Давид, Мојсеј и пророците. – Во светот беше.- Бидејќи човекот заради својот грев го изгуби рајот, беше и далеку од Бога како чедо на гневот, но Бог, како секаде присутен, беше меѓу луѓето, гледал и им говорел, како што и Апостолот вели: „она штоможат да се согледаат од создавањето на светот, набљудувани преку творбите, па така немаат изговор“ а им зборувал на луѓето со гласот на нивната совест, па затоа и Светите Отци велат дека Словото Божје, Исус Христос, секогаш бил меѓу луѓето и ги просветувал. – Но, тука под зборовите „светот кој не го познал Светителот“ се однесуваат на сите оние кои се верни на светот и неговите суети, па не се грижат за ништо повозвишено, а како суштества не се потрудиле да го познаат Творецот.
-„Дојде при Своите, но Неговите не Го примија“.
На Христа Бога сите луѓе му се свои како Негови суштества и како Негова слика и образ и дојде при своите, т.е. како човек при луѓето, а како Бог Он е во целата вселена.
Но тука под зборот „свои“се подразбираат Јудејците, од кои Христос е по тело и кој, според зборовите на апостолот Павле е: „всиновување и слава и завт и закон и богомолство и ветувања од кои се тие и од кои е и Христос по тело. Но тие први не Го примија, туку напротив Го презреа, гонеа, мачеа и распнаа. Тие не Го примија зошто биле зли и по зборовите на самиот Господ, ја мразеле вистината и ги прекршиле заповедите, а секој кој зло прави, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не се видат неговите дела зошто се зли.
-„А на сите кои Го примија, им даде власт да станат Божји деца, на оние кои веруваат во Неговото име: кои не се родија ниту од крв, ниту од телесна похот, ни од волја на маж, туку од Бога.“
Оние кои веруваа во Него ја примија неговата наука и Го признаа за Месија и на нив им даде духовна сила и благодат на всиновување за да можат да бидат синови Божји. Значи веднаш не ги направил такви за да не се заборават и занемарат за така да не ја изгубат благодатта, туку и самите да се потрудат да бидат божји. Но и оваа власт не ја дал на сите, туку само на оние кои веруваа во Неговото име. Јудејците се фалеле дека само тие како потомци на Авраам се божји чеда и единствените наследници на царството божје. Но евангелистот тука го соборува тоа мислење и учи дека побожноста е лична доблест, а не наследна зошто секој човек како слободен и одговорен за своите дела е и творец на својот карактер. Бидејќи после првородниот грев светот повеќе го сака гревот отколку правдата, затоа Светиот Дух е даден преку Исуса Христа за препород, па затоа и препородениот човек, според зборовите на Апостолот, е нова твар. Значи како што човекот по пат на раѓање влегува во природниот живот, така и по пат на препород влегува во нов духовен живот. Но препородот се случува со Светиот Дух и така се препородени од Бога оние кои од Христа добиле, за своето верување, право да бидат божји синови. Но, тоа не се само Јудејците, зошто само мал број од нив поверуваа, туку сите луѓе воопшто, христијаните.
-„И Словото стана тело и се настани меѓу нас и ја видовме Неговата слава, славата што ја има како Единороден од Таткото – полн со благодат и вистина.“
Синот Божји постана човек за и луѓето да постанат синови божји. Преку Него постана се, па и Он заради сите и се постана човек. Но, станувајќи човек, не се претворил во тело, туку останувајќи непроменет Бог како што е од вечноста, го примил во своето божество и телото и така живеел со нас. Оваа слика е земена од Стариот Завет во кој се вели дека Бог живеел во Скипија, во светоста на светилиштето во Соломоновиот храм. Но Бог тука живеел невидливо, а сега овоплотениот Спасител видливо живее меѓу својот народ, во оние кои го примија и веруваа, па тие ученици и другите верници ја видоа Неговата слава во се што Он работел и говорел, а особено во Преображението, Воскресението и Вознесението. И оваа слава не е како светителска или ангелска, туку како единородна од Отца, т.е. како Син Божји, како вистински Бог.
-„Јован сведочи за Него и вика: „Еве Го Оној, за Кого реков: Оној, Кој доаѓа после мене, пред мене е, зашто беше пред мене!“
Бидејќи евангелистот не запозна со Христовото воплотување, сега за вистинитоста на своите зборови се повикува на Свети Јован Крстител чии зборови Јудејците многу ги ценеле. Јован сведочел за Спасителот, дека Он е Син Божји и затоа за своето сведочење тој вели вака: „И јас не Го знаев, туку Оној кој ме испрати да крстам со вода, Он ми рече: над кого ќе видиш дека симнува Светиот Дух и стои врз Него, тоа е Оној кој ќе крштева со Светиот Дух. И јас видов и посведочив дека Овој е Син Божји“. – Спасителот оди после Јована: 1) по своето раѓање, зошто Јован се родил шест месеци претходно и 2) по должност, зошто Јован како предвесник на Спасителот претходно ја почнал својата работа, но иако оди по него, сепак пред него е по својата вечност како Бог.
-„И, сите ние примивме од Неговата полнота: благодат врз благодат“.
Евангелистот тука не говори само од своја страна, туку и од страната на сите Апостоли и сите верници, на тоа се однесуваат зборовите „сите ние“. Значи сите кои веруваат во Него добиле благодат врз благодат, т.е. и Новиот Завет, а потоа и други дарови: милосрдие, простување, љубов, застапништво, осветување, блаженства и т.н.
-„Зашто, Законот беше даден преку Мојсеја, а преку Исуса Христа дојдоа благодатта и вистината.“
Законот е даден за на човекот да му ги покаже неговите гревови, а благодатта Христова е полна со милост и вистина заради спасението на човекот од гревовите.
БЕСЕДА НА ВЕЛИГДЕН
Кога учениците го видоа својот учител и Господ после воскресението, тие се израдуваа со голема радост, но со нив се израдувале и сите христијански народи здогледувајќи ја божествената светлина на денешниот празник над празниците! Се радуваат на денешниот ден и небесната Сила, ангелите Божји ја пеат химната на мирот и на воскресението Господово. Се радува и адот кој целиот свети во светлина од присуството на славата на Сонцето зошто тоа дарува живот на предците. Се радува и светата мајка Црква за воскресението на Спасителот, па затоа и непрестајно ги весели своите радосни деца со песната:„ Христос воскресна од мртвите, со смрт смртта ја уништи и на оние во гробовите живот им дарува“. И Голгота го промени обликот, зошто таму каде била сцената на најтажната трагедија, сега е место на сесветската неопислива радост! Крстот, копјето и венецот од трња биле сцена на најстрашната смрт, сега божествено го украсуваат триумфот на небесниот победител! Мрачниот гроб, кој претходно беше пештера на распаѓањето, сега стана животворна сила на нераспадливото, а оние рани кои биле причина на смртта, сега се извор на бесмртниот живот! Значи учениците се израдуваа кога го видоа Господа, но имаа и зошто, па затоа се радуваме и ние, уживајќи во божествената благодат на славното Христово воскресение.
Штом се затвори рајската врата и штом човекот беше истеран од рајот, веднаш се отвори вратата на гревот преку која во целиот свет влезе смртта наметната со проклетство и гнилежност. Од тогаш смртта царувала како тиранин над човечкиот род, кој бедно го носел тој товар на гревот, кој на човештвото му донесе не само тежок труд и разни маки и страдања заради одржување на овој кус живот, туку уште и разни болести, па и самата смрт! Адам прв погрешил и затоа требало и прв да умре, но и покрај тоа прв умрел Авел кој бил убиен од неговиот брат Каин. Но зарем беше праведно гревот да почне од Адам, а смртта од Авел? Но, треба да се знае дека секоја држава и власт е силна и постојана кога се заснова на правда. Кога правдата царува, тогаш и опстанокот царува, а ако царува неправдата, тогаш и власта е несигурна! Кога власта почнува од неправдата, тогаш нејзиниот принцип е погрешен и кога се држи со сила, тогаш и нејзиното траење е кратко, зошто е природно неправдата да пропаѓа и дека насилството не може долго да се одржи.
Од овие зборови ќе го видиме и големото дело на човекољубивата божја промисла. Бог дозволил да не умре Адам, кој прв згрешил, туку умрел невиниот Авел. Овде јасно гледаме дека државата на смртта почнува со неправда и дека има погрешен правец, зошто не само што невиниот Авел умрел прв, туку и умрел со насилничка смрт, од убиство кој го извршил неговиот роден брат! И тука државата на смртта почнувајќи со неправдата, го зема во помош насилството за што побрзо дојде до својот крај, до пропаста. Во светот завладеала власта на смртта, но бидејќи била насилничка, затоа била и краткотрајна. Заради тоа Свети Атанасиј Велики вели: „Ако Адам умрел прв,смртта би била трајна и силна сила зошто прво би го зела оној кој и прв згрешил, но бидејќи неправедно го зела оној кој не погрешил, т.е. Авел и тоа преку насилен пат, затоа и власта е неправедна, но слаба и краткотрајна“. Уште веднаш од почеток се видело дека смртта над човечкиот род нема целосна власт. Од нејзината сила се спасил Енох, кој жив отишол на небото. Се спасил и пророк Илија кој на огнени кочии се вознел на небото. Илија од смртта го спасил и синот на Сарептската вдовица, па и неговиот ученик Елисеј спасил друго момче.На крај дошол воплотениот Син Божји, Господ на живите и мртвите, силен непријател на смртта, на која и ја покажал сета нејзина слабост. Од рацете на смртта Господ Спасителот само со еден збор ја спасил Јаировата ќерка која веќе умрела и ја воскреснал како од сон да ја разбудил. Господ од смрт го избавил и синот на некоја вдовица кого веќе го носеле на погреб, го избавил само со тоа што го допрел со рака! Спасителот го спасил и Лазар кој веќе четири дена лежел во гроб и на крај Спасителот спасил од смрт многу светители! На крај Он со смрт ја уништил смртта и основа свое царство кога после тридневното лежење воскресна од гробот.
Како потомци на Адам, ние сите сме биле поврзани со смртта со ланци и во овие ланци доброволно влегол и Богочовекот, Христос Спасителот; но влегувајќи во нив, Он со својата сила ги искинал и со тоа нас не спасил од смртната власт. Денес веќе не сме робови на смртта. Ние ја гледаме и не се плашиме од неа. Пред Христовото воскресение смртта била страшило за луѓето, а кога Спасителот воскресна, смртта почнале да ја презираат и неговите ученици. Во множеството на маченици, на смртта почнале да и се потсмеваат мали деца и слаби девојки! Тоа е оној небесен дар кој ни го донесе Христовото воскресение. Христос воскресна и смртта умре. Христос воскресна и вратата на рајот е повторно отворена и затоа Светото Писмо победоносно воскликнува:„Смрт, каде е твојот помор? Гробу, каде е твојата погибел? Ние лежиме како мртви, но воскреснуваме како бесмртни, ние ја очекуваме смртта, но и се надеваме и сигурно го очекуваме бесмртниот живот кој ни го вети Спасителот со своето воскресение, зошто Христос воскресна!
ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО ВО ВТОР ДЕН ВЕЛИГДЕН
Јован, зач. 2 гл. 1 ст. 18-28
Денешното Евангелие говори за сведоштвото на Свети Јован Крстител, кое тој го кажал во Витавара за Господ Исус Христос. Јован ова сведоштво го кажал на пратениците на јудејскиот Синедрион кога дошле да го прашаат дали тој е ветениот Месија. Јован вака говорел за Христа и на своите ученици. Евангелистот тука ги наведува зборовите на Крстителот како доказ на се што во предговорот на своето Евангелие го кажал: за вечноста и воплотувањето на Словото.
-„Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син Бог, Кој е во прегратката на Таткото, Тој Го објави.”
Бидејќи евангелистот Јован ја покажа претходно разликата меѓу законот и благодатта, сега доаѓа да ни ја покаже и причината на таа разлика и вели дека законот е од Мојсеј, од човекот, кој Бога не го видел зошто тврди дека Бога никој не го видел никогаш, па затоа и законот е донесен од човек, помал, понизок и послаб од благодатта. Под зборот „благодат“ тука се подразбира Евангелието кое не само што го дал Единородниот Син, туку тоа е и Негова сопственост како вистински Бог. Глаголот „да види“ често пати се употребува на местото на „точно“ или „совршено познат“ и според тоа ограничениот човечки ум не може неограничениот Бог точно и совршено да го познае. Кога тоа би било можно, тогаш божеството би било ограничено. Значи, во таа смисла Бог никој не го видел – и совршено никој не го познал, нешто што и апостол Павле сведочи. Но со ова не се кажува дека и божјите избраници немале никаков поим за Бога, туку дека знаењето за Бога, на што не учеше Господ Спасителот, е неспоредливо поголемо од секое човечко знаење за Бога, бидејќи Спасителот го знае самото божествено битие и Неговото Откривение е совршено и потполно заради нашето спасение. А дека Бога Го познавале и други не уверува Словото Божје кога вели дека Исаија Го видел Бога „како седи на висок престол“, пророкот Езекил Го видел Бога „како седи на херувими“ а Даниел вели: „Гледав: престолите беа поставени и Прадревниот седна. Облеката му беше како снег, влакната на косата како чиста волна, а Неговиот престол како огнени пламења и колцата како вжарен оган.“ На крај Господ говорел со Мојсеј лице во лице. Но сите тие праведници не го виделе Бога онаков каков што е, не го виделе по природа, туку симболички, зошто ако го виделе онаков каков што е, не би го виделе различно, туку на еден начин, па затоа во Светото Писмо се вели: „ќе говорам преку пророци и ќе ги давам параболите преку пророците“. Спасителот се нарекува „единороден“ Син затоа што само Он се раѓа од Отецот, а Неговиот Отец е само Негов Отец и не е син на никого, како што се на пример нашите татковци и само Он се раѓа од Отецот, но Он не е татко на други синови, како што сме на пример ние. Уште се вика и „единороден“ затоа што на особен начин – натприродно- се раѓа, а не како ние. Се нарекува „единороден Син“ затоа што е рамен на Отецот според битието. –„Синот е во пазувите на Отецот“, значи дека Синот е роден Син и еднобитен и неразделен од Отецот. Тука не треба да се разбира дека како Бог да има пазуви, зошто тоа е особина на телото. И така, како совечен на Отецот и неразделен од него, „им го јави на луѓето“ и по тоа неговото учење за Бога е неспоредливо подобро од сите претходни. Тој на луѓето им го соопштува знаењето за Бога во толкава мера колку што е можно за ограничениот човечки ум да го прими и за да може да се спаси.
-„А ова е Јовановото сведоштво, кога Јудејците од Ерусалим му испратија свештеници и левити, за да го прашаат: „Кој си ти?”
Овде еванегелистот ги именува Евреите за со тоа да ја покаже разликата меѓу Евреите (Јудејците), идолопоклониците и христијаните. Од ова дознаваме уште и тоа дека христијаните после катастрофата во Ерусалим сочинувале организирано и познато друштво. Другите евангелисти, кои пишувале пред спомнатата катастрофа, ретко ги нагласува Евреите како посебен народ, а Јован тоа го прави често. Така Матеј и Лука посебно ги спомнуваат Евреите по пет пати, Марко седум пати, а Јован преку седумдесет пати. По тоа знаеме дека Јован говори за Евреите како за луѓе од друга вера.Евреите му испратиле на Крстителот свештеници и левити за да го прашаат кој е тој, затоа што и Крстителот бил свештенички син, па многу повеќе го почитувале отколку Спасителот за кого зборувале: „Зарем тој не е син на дрводелецот?“ Тие знаеле дека Крстителот е син на свештеникот Захариј, но неговата наука на строг и морален начин на живот и неговата самостојност предизвикал кај нив сомнеж дека тој нема да биде очекуваниот Месија па затоа и испраќаат пратеници за да го прашаат: кој е тој?
-„И призна и не одрече, та исповеда: „Јас не сум Христос.”
Јован свечено и без никакво заобиколување призна дека тој не е очекуваниот Месија.
-„И го прашаа: „Тогаш што! Илија ли си?” „Не сум,” одговори. „Да не си пророк?” „Не,” одговори.“
Јудејците според Малахиевото пророштво, кое вели: „Еве, ќе ви го испратам Илија пророкот пред да дојде големиот и страшен ден Господов“, го очекувале Илија како предвесник на Месијата. Но, Кртителот не признава дека тој е Илија, но сведочи дека под името Илија тој е очекуваниот предвесник, т.е. новиот Илија со дух и сила како на стариот, а за тоа говори и Спасителот кога вели за предвесникот: „И ако сакате, тој е Илија кој ќе дојде“. Според некои, Јудејците не го очекувале само Илија, туку и пророкот Еремија, па затоа и крстителот го прашуваат да не е пророк. Но, кога на се им одговорил дека не е, тие, за да ја завршат својата работа, продолжуваат вака:
-„Тогаш му рекоа: „Кој си? за да можеме да им одговориме на оние, кои нè испратија! Што велиш ти за себеси?” Рече: „Јас сум глас на оној, кој вика во пустината: израмнете го Господовиот пат,” како што рече пророкот Исаија.”
Пророкот Исаија уште 759 години пред Христа претскажал дека Месијата ќе го откупи човечкиот род и дека ќе има предвесник кој ќе живее во пустина, а Јован сега вели дека е токму тој и дека неговиот глас е оној за кого Исаија прорекува кога вели: „Тешете го, тешете го, Мојот народ,” говори вашиот Бог. „Зборувајте му на срцето на Ерусалим, викајте му, за да му сврши ропството, за да му биде простена вината, зашто од Господовата рака прими двојно за сите свои гревови.” Глас вика: „Пригответе Му на Господа пат низ пустината. Израмнете ја патеката на нашиот Бог во степата. Нека се издигне секоја долина, нека се спушти секоја гора и бреже. Што е нерамно, нека се израмни, стрмнините нека станат рамни. Тогаш ќе се открие Славата Господова, и секое тело ќе ја види, зашто Господовата уста зборуваше.” (40, 1-5).
-„Испратените беа фарисеи.“
Ова евангелистот особено го истакнува за да покаже какви биле пратениците, од која секта и со тоа да ја покаже нивната љубопитност и лукавство.
-„Тие го прашаа и му рекоа: „Тогаш зошто крштеваш, кога не си Христос, ниту Илија, ни пророк?”
Крштевањето кај Јудејците било познато како божја заповед и сметано е како средство заради очистување, па затоа Јудејците ги крштевале идолопоклониците кога преоѓале во нивната вера. Но, Јован крштевајќи ги и самите Јудејци, тој воведувал со тоа некоја новина, па затоа и го прашуваат зошто крштева кога не е Месија, т.е. според кое право ја воведува таа новина. Се гледа дека Еврејските пратеници со ова прашање сакале да го заплашат Јована зошто крштева Јудјци, воведува новина, а тоа во Светото Писмо никаде не го пишува, па затоа и тоа не смее да се прави. А го заплашувале и затоа да признае дека е она што не е, бидејќи тие би скалале да е.
-”Јас крштавам со вода им одговори Јован – но меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате.“
Крстителот со својот одговор не им кажува на Јудејците според кое право крштева зошто ги смета за недостојни како пророк и пратеник Господов да го прашуваат зошто го прави тоа што му е одредено. Но, користејќи ја добрата можност им јавува дека е служител на новиот дел и Спасител кој тогаш стоел меѓу собраниот народ, но кого еврејските пратеници не го знаел, па затоа и им вели: „меѓу вас стои Кого вие не Го познавте“.
-„Тој е Оној Кој доаѓа по мене, Кој беше пред мене, Кому јас не сум достоен да му го одврзам ременот на Неговите обувки.”
Ремените на обувките во страо време обично ги врзувале и одврзувале робовите и кога Крстителот вели дека не е достоен ниту ремените на Спасителот да му ги одврзи, кажува дека Спасителот од него е неспоредливо поголем и дека спрема Него е помал и од еден роб.
-„Тоа се случи во Витавара, од онаа страна на Јордан, каде што крштаваше Јован“.
Витавара е еврејски збор и значи „град“, а всушност било село на источната страна од Јордан каде Јован крштевал.
БЕСЕДА НА ВТОР ДЕН ВЕЛИГДЕН
„И им рече Господ на своите Апостоли: Вие сега сте тажни; но повторно ќе ве видам и ќе се радува вашето срце и вашата радост никој нема да ја земе од вас.“
Овие зборови Господ Спасителот ги кажал на своите Апостоли кога дошло времето на Неговото страдање и со цел ожалостените ученици да ги утеши, Господ им вели дека повторно, после смртта, наскоро ќе ги види. И ете, одвај три дена после погребот на Спасителот и Он им се јави, учениците се израдуваа и таа радост никој и никогаш не можел да им ја одземе! Тоа била божествена радост која на учениците им влела толкава моќ и сила што тие меѓу безбројните непријатели и нивните мечеви и страшните направи за мачења, го проповедале Христа распнатиот! Таа радост биле небесна, па затоа и можела да им даде на оние прости рибари, Христови ученици, толкава моќ и сила што своите непријатели ги претворале во пријатели, дивите ги претворале во питоми луѓе, простите ги претворале во мудреци и сите да се поздравуваат со ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!
И навистина, среќни се и блажени Христовите Апостоли кои се удостоиле да Го видат Господ уште од првиот ден од Неговото славно воскресение. Тие ја виделе таа небесна светлина која се симнала во гробот и после три дена да свети уште појасно! Учениците со сопствени очи Го виделе божественото лице на Господа, лице кое пред малку било покриено со завестата на смртта! Учениците со сопствените уши го слушнале оној небесен глас кој пред малку од крстот рекол: „се сврши“, а после три дена повеќе пати повторил: „радувајте се, мир вам“. Учениците со сопствени очи го виделе и со сопствени раце го допреле пречистото тело Господово, кое пред малку било малтретирано, а сега се јавува како чист дух и преку затворена врата влегува во собата каде учениците се собрале плашејќи се од Јудејците.
И ние можеме да бидеме исто толку среќни и блажени како и учениците на Спасителот само доколку имаме топла и постојана вера во нашиот Господ кој рече: „блажени се оние кои не видоа, а поверуваа.“ А Апостол Петар истото ова го повторува кога вели: „Оној кого не сте го виделе, вие поверувавте и кога сега не го гледате вие верувајќи се радувате со радост неискажана, па затоа и ќе примите награда за својата вера, т.е. спасение.“
Затоа и ние, иако со телсни очи не Го гледаме нашиот Госпос Спасител воскреснат од мртвите, сепак сме должни да се радуваме и веселиме на овој голем и многу значаен ден кој е вселенски триумф и вечен празник на вистината на радоста и веселбата за сите времиња и сите народи кои веруваат во Господ Исус Христос. „Ова е ден кој го создал Господ, да се радуваме и веселиме“-пее денеска Црквата; но да се запрашаме што е предметот на нашата радост и како треба да се радуваме со светлиот празник на Христовото воскресение.
Причина за нашата денешна радост и голем празник е безграничната љубов на преблагиот Бог кој благоволил да го спаси човечкиот род од претешкиот јарем на гревот; ако со внимание размислиме дека сите кои веруваат во Господ Спасителот се наследници на небесното и бесмртното царство, ако сериозно ја проучиме вечната слава на Богочовекот во која влегол преку своите страдања и крст – без сомнение дека од целата душа ќе се радуваме со голема и неопишлива радост. За нашите гревови Бог Отецот принел пресвета жртва на крст и откако сме се измириле со Бога, сега сме Негови синови и ангелски другари, па затоа Светата мајка Црква пее: „Ова е ден кој го создаде Господ, да се радувам и да се веселиме“.
Но, освен оваа причина за денешната радост, постои и друга. Оваа грешна и бедна земја, на која живееме, нема да биде за секогаш место на нашиот живот; ова наше тромаво тело, кое сега со маки и товар го носиме, нема за навек да биде покривало на нашата душа, туку кога ќе благоволи Господарот на животот и смртта, ќе прејдеме од земјата на небото, зошто според науката на Словото Божје: „зашто треба ова распадливото да се облече во нераспадливо; и ова смртното да се облече во бесмртност.“(1Кор. 15, 53) Кога ова ќе се случи, ние тогаш ќе бидеме со нашиот Спасител, земјата и се што е на неа ќе се обнови, а ние ќе имаме духовни тела слично на прославеното тело на Спасителот после Неговото воскресение или слично на она Негово преобразено тело кое светело како сонце кога Господ на Тавор се преобрази.
Но за нашата денешна радост да биде во полза на нашето спасение, тоа треба да наликува на радоста на Апостолите Христови и да се покажува со дела и зборови какви што тие ја посведочија. Штом слушнаа за воскреснувањето на својот Божествен учител, Апостолите и жените мироносици, веднаш истрчале кон гробот за и лично да се уверат и со внимание да ги видат сите знаци на вистинитото воскресение на Спасителот. Но, кога и Него го виделе, тие Му се поклониле и ги допреа Неговите свети нозе. Затоа да ја покажеме и ние својата радост заради воскресението на Спасителот. За време на овие светли денови да побрзаме и радосно да отидеме во црквата божја, гледајќи ги побожно сите икони и животворниот крст Господов, и со вера и љубов да се им се поклониме и да ги целиваме. Со внимание да ги слушаме радосните песни, да ги гледаме со љубов служителите на божјиот олтар кои како некои ангели во светли одежди го јавуваат Господовото воскресение и ни ги истакнуваат овие зборови кои ангелите ги кажале на мироносиците: „Зошто го барате живиот меѓу мртвите, не е тука туку стана како што рече; дојдете и видете го местото каде лежел Господ“.
Светата мајка Црква, сакајќи сите да не спои со вркста на љубовта, не учи дека за време на празникот Воскресение, да се поздравуваме еден со друг со радосниот поздрав: Христос Воскресе, Вистина воскресе! Со овој поздрав да се поздравуваме од се срце и душа, а не само со устата, својот поздрав да го посведочиме со нашите христијански дела и живот, за на тој начин да посведочиме дека навистина веруваме дека Христос нашиот Спасител воскреснал, дека и ние сме воскреснале закопувајќи ги лошите дела и непобожниот живот и со тоа да посведочиме дека од Христовото воскресение живееме служејќи Му само на Бога. А Бог на мирот и љубовта ќе не чува и ќе ни помага во секое добро дело за да го работиме и правиме она што е угодно на Бога на кого нека е чест и слава во сите векови. Амин.
ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО ВО ТРЕТ ДЕН ВЕЛИГДЕН
Лука, зач. 113 гл. 24 ст. 12-35
Денешното Евангелие говори за тоа како Господ Спасителот после своето воскресение им се јавил на двајца свои ученици кога тие оделе за Емаус. Овој настан го спомнува и евангелистот Марко во глава 16, 12-13.
-„А Петар стана и отрча до гробот се наведна и ги виде само ленените завои, и отиде назад, чудејќи се за она што се случило.“
Во недела рано жените мироносици побрзаа кон гробот за да го помазаат телото на Спасителот, но кога дошле таму, Господ веќе воскреснал и тие виделе ангели, а некои и самиот Господ, па потоа побрзале да им јават на учениците дека Господ воскреснал. Но, учениците веднаш не им поверувале, а Петар, кој постојано се одликувал со живост и енергија, веднаш потрчал кон гробот за да се увери самиот. Кога дошол до гробот тој ги видел само платната во кои Господ бил завиткан при погребувањето. Петар дошол до гробот трипати: еднаш сам, потоа со Јован, за што и Јован сведочи, и по третпат повторно сам. Петар истрчал кон гробот за да го види учителот пред останатите ученици и за да добие простување за тројното одрекување. Одел до гробот три пати зошто три пати се одрекол од Спасителот.
-„И ете, во истиот ден, двајца од нив одеа во едно село, наречено Емаус, оддалечено шеесет стадии од Ерусалим, и разговараа меѓу себе за сите овие настани.“
Овие двајца биле Христови ученици. Еден од нив бил Клеопа, а другиот не се именува, но некои мислат дека бил евангелистот Лука. Под зборовите „оној ден“ се разбира денот на воскресението на Спасителот, т.е. недела. Емаус бил оддалечен од Ерусалим 11 километри (60 стадии). Познати се две места со име Емаус. Првото место е она кое подоцна било наречено Никопол и бил 35 километри оддалечен од Ерусалим и во него Јуда Макавеј го победил Горгиј, Сирскиот војсководец. Другото место, според сведочењето на Јосиф, било пред Тиверијада и во него имало топли бањи. Спомнатите двајца ученици, патувајќи кон Емаус зборувале меѓу себе за се што тие денови се случило со Спасителот, т.е. за Неговото страдање, распнувањето, погребувањето и воскресението за кое мироносиците јавиле.
-„И додека тие разговараа и се запрашуваа, Сам Исус им се приближи и одеше со нив.“
Според сведоштвото на Јован кое вели дека учениците сеуште не знаеле, т.е. ни на денот на воскресението дека Он-Христос, како што е претскажано во Светото Писмо, ќе стане од мртвите во третиот ден, и овие двајца ученици се прашувале еден со друг и се објаснувале како е тоа можно Христос како вистински Месија да страда и како може да воскресне кога умрел. И токму кога зборувале за тоа, Христос им се приближи и направи тие да не Го познаат и им се покажа како патник.
-„Но на нивните очи не им беше дадено да Го препознаат. И им рече: „Какви се тие зборови што ги водите патем меѓу себе и зошто сте нажалени?”
Господ како сезнаен знаел за што тие зборувале, но бара и тие самите да кажат за да може Неговата наука да има поголемо влијание врз нив. Прашањето: „зошто сте налажени“ сведочи дека учениците сеуште се сомневале во Христовото воскресение и дека сеуште не го разбирале се она што со Него се случувало и затоа биле нажалени.
-„И едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: „Дали си Ти единствениот странец во Ерусалим, Кој не знаеш, што се случило во него овие дни?”
Прашањето на Спасителот многу ги зачудило учениците кои не можеле да замислат дека во Ерусалим имало некој кој не слушнал што се случило со Спасителот и затоа Клеопа му се обраќа со такво прашање на новиот сопатник.
-„И им рече: „Што?” А тие Му рекоа: „Она што стана со Исуса Назареецот, Кој беше пророк силен на дело и во словото, пред Бога и пред целиот народ: како нашите свештенички главатари и старешини Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа, А ние се надевавме дека е Тој Оној, Кој ќе го избави Израел. И покрај сето тоа, веќе е трет ден откако стана ова. А нè збунија и некои жени од нашите, кои биле многу рано на гробот, и не го нашле Неговото тело; дојдоа и кажаа дека виделе и појава на ангели, кои им рекле дека Тој е жив. Некои од нашите отидоа до гробот и најдоа како што рекоа жените, но Него не Го виделе.”
Спасителот ги запрашал: „што?“ за тие да ги кажат сите детали кои не можеле да ги разберат за после да им објасни и докаже дека се што Нему Му се случило било предвидено во СветотоПисмо и според тоа тие биле должни без никакво сомневање да поверуваат дека распнатиот Исус Христос бил вистинскиот Месија.
Во горните стихови, евангелистот Лука опширно го опишува се она што двата ученика кажале. Тој наведува дека тие го признаваат за пророк и силен на дело и зборови и пред Бога и пред народот и понатаму дека архиереите и началниците го осудиле на крсна смрт; дека тие се надевале дека Он дошол да го спаси Израил, но дека во сето тоа се излагале бидејќи веќе бил трети ден како Он е погребан. Вистина, велат учениците, дека се јавиле ангели и дека жените ги виделе и дека по нивното сведоштво некои ученици отишле на гробот и го нашле празен, исто како и жените, но Христа не Го виделе. Но после сите овие зборови, кој може да тврди дека учениците и без силни и вистински докази биле спремни да го признаат воскресението на Спасителот.
-„ И Тој им рече: „О неразумни и спори во срце, за да верувате во сè што рекле пророците! Не требаше ли Христос да го претрпи тоа, и да влезе во Својата Слава?” И кога почна од Мојсеја и од сите пророци, им протолкува што е пишано за Него во целото Писмо.“
Новиот сопатник сега одеднаш се покажува како учител кој силно ги укорува со зборот „безумни“, т.е. вие кои неправедно судите за настаните на страдањето Христово, како и со зборовите: „спори во срцето“, т.е. кои тешко верувате во се она што пророците го предскажале за страдањата, смртта и воскресението на Месијата и што историски сведочи дека Он е Месијата. Заради тоа Христос и во оваа прилика им ги наведува сите пророштва за Себе за да разберат „дека Христос требало да пострада и да претрпи се што претрпел па дури тогаш да влезе во својата слава“.
-„ И кога се приближија до селото, во кое одеа, Тој се направи како да сака да оди натаму.“
И кога се приближија до Емаус, сигурно Спасителот почнал да се простува со своите сопатници покажувајќи им дека Он намерава да го продолжи патот понатаму.
-„Но, тие Го задржуваа, велејќи: „Остани со нас, зашто вечерта е близу, а денот веќе превали!” И влезе да остане со нив.“
Учениците својот сопатник Го понудиле таа ноќ да остане со нив и на тоа ги натерало душевното расположение и доверба кон Него, но тие тоа го премолчеле, а како причина кажале дека се приближувала ноќта и како што се знае од Стариот Завет, било опасно по тој пат да се патува преку ноќ да се патува. Но, Спасителот ги знаел нивните чувства и затоа им ја исполнил молитвата и останал со нив, а постои можност еден од учениците да имал своја куќа во Емаус, па и во таа куќа останал да вечера.
-„ И додека беше прилегнат со нив покрај трпезата, зеде леб, благослови, го раскрши и им го даде. Тогаш им се отворија очите и Го препознаа; но Тој стана невидлив за нив“.
Кога Спасителот го благословил лебот и им го подавал, тие по тоа го препознале зошто благословувањето им било познато. Но, Он веднаш нестанал пред учениците затоа и тие за да не се задржуваат, туку веднаш да се упатат кон останатите ученици и нив да им јават дека го веделе воскреснатиот Господ и дека зборувале со Него.
-„ И си рекоа еден на друг: „Не гореше ли срцето во нас, кога ни зборуваше патем и ни ги толкуваше Писмата?”
А кога учениците при благословувањето на лебот Го познале својот божествен учител, кој веднаш исчезнал, тие живо си спомнале на она пријатно душевно расположение кое го почуваствувале на патот кога Господ им го толкувал Светото Писмо, па сега со чудење се прашуваат како тогаш не го познале. Бидејќи учениците се чуделе на се што со Христос се случило и бидејќи не разбрале како било можно Он да страда, Спасителот им протолкувал како се тоа требало да се случи и како доказ им наведувал и пророштва од Стариот Завет за Месијата докажувајќи дека сите тие врз Него се исполниле.
-„ И во истиот час станаа и се вратија во Ерусалим, каде ги најдоа собрани Единаесетмината, и тие кои беа со нив, кои зборуваа: „Господ навистина воскресна; му се јавил на Симона!”
Учениците штом го препознаа Господ и штом Него го снемало, веднаш ја оставиле вечерата и веднаш поитале во Ерусалим да ги израдуваат и останатите другари кои биле единаесетмина, зошто Јуда веќе се обесил. Но, тука не бил ни Тома, значи од каде единаесетмина? Единаесетиот бил Матија кој бил избран на местото на Јуда. Кога патниците ги нашле единаесетмината и тие кои беа со нив, сигурно се однесува на некои од 70-те избрани апостоли или може и сите 70-мина. Дека Спасителот се јавил и на Симон Петар зборува и Апостол Петар во 1 Коринтјаните, 15, 5, како и Марко во глава 16, стих 12.
-„А тие пак раскажаа што се случило патем и како Го препознаа при раскршувањето на лебот.“
Кога единаесетмината со другите разговарале за Христовото воскресение и за тоа како Господ им се јавил не само на мироносиците, туку и на Петар, токму во тоа време доаѓаат патниците од Емаус раскажувајќи што со нив се случило, дека и тие Го виделе воскреснатиот Господ и ова уште повеќе ги уверило учениците дека Господ навистина воскреснал. Секое сомневање веднаш престанало зошто токму кога ова го зборувале и Господ лично им се јавува поздравувајќи ги со: „мир вам“.

БЕСЕДА НА ТРЕТ ДЕН ВЕЛИГДЕН
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух
Кога Господ Спасителот после своето славно воскресение им се јавил на своите ученици, кои, плашејќи се од Јудејците, биле сите заедно скриени во една куќа, тогаш Господ ги поздравил со зборовите: „мир вам“, т.е. не плашете се и не се сомневајте веќе; еве Јас сум со вас. И учениците се израдувале со голема радост кога Го виделе Господа кој им го пренесува својот небесен мир. Овој поздрав е толку важен во човечкиот живот и толку е потребен, што човекот на змјата не може да живее, а уште помалку да биде среќен без овој мир, па затоа во оваа беседа ќе стане збор за мирот.
Каде владеат страстите, таму го нема овој блажен мир. Луѓето врз кои владеат страстите како: злоба, завист, омраза, освета, прекумерно тежнеење кон богатство и кон телесни наслади, таквите луѓе не можат да имаат мир, тие не може да имаат душевно спокојство, ниту весела и спокојна совест. Но, вистина е и тоа дека само единиот Бог има совршен мир, мир на кој нема граници, но кој преблагиот Бог го дава на луѓето според ниваната заслуга. Господ Спасителот кога слегол на земјата, тој блажен мир го разеал по неа, зошто со своето распнување на крстот ја смирил грешната земја со праведното небо, затоа и ние велиме дека Исус Христос е нашиот мир.
Светот вели дека сиромашните имаат свои незгоди, потреби, тешкотии и разни непријатности и дека сето тоа ги натажува и срцето и душата и така човекот го лишува од душевниот мир. Потоа светот вели дека богатството е среќата зошто богатиот човек прави она што сака, па затоа на богатиот му се мирни и спокојни и срцето и душата и дека тој ужива во мирот. Оваа светска наука на многу луѓе им е пријатна па затоа тие мислат дека мирот и спокојството се во богатството! Но, Господ Спасителот, за да ни покаже колку оваа наука е погрешна, Он во своето Евангелие ни ја покажа состојбата на еден богат и вели: „На еден богат човек му родиле нивите“. Овој човек бил богат и бидејќи нивите богато му родиле, тој станал уште побогат. Но дали богатството му донел душевен мир? Не, зошто му предизвикало многу грижи, па затоа кога тој видел дека нивите му донеле богат род, рекол: „Што ќе правам сега, немам во што да го соберам родот“. Богатиот се грижи заради изобилството, а сиромавиот заради немањето! Богатиот го мачат грижи што богатството му се зголемува, а сиромавиот го мачат грижи зошто сиромаштвото му се зголемува. Но, богатиот се простил од своите грижи и вели: „Еве што ќе направам: ќе ги урнам своите житници и ќе изградам поголеми и таму ќе го соберам сето жито“. Но зарем уривањето на старите и градењето на нови житници не е нова грижа и ново страдање? Зарем тоа не е неспокојство? На крај овој богат човек наоѓа мир и спокојство не во имотот, туку во својата фантазија, не во овој свет кој е речиси под негова власт, туку во иднината која му е непозната и врз која нема власт, зошто вели: „и ќе и кажам на својата душа:‘душо имаш многу имот за многу години, почини, јади, пиј и весели се“. Но кога ова спокојство ќе настапи? Но дали богатиот го дочекал времето на уривањето на старите житници и градењето на нови за да ги собере сите плодови? Не, зошто Бог му рече: „безумнику, оваа ноќ ќе ја земам твојата душа; а она што си поправил, чие ќе биде.“ И така овој богат човек никогаш не уживал во мирот и спокојството кое го очекувал од своето богатство, туку целото време од својот живот го поминал во грижи и работа, во немир и неспокојство и на крај го снашла ненадејна смрт. Ваквите ненадејни умирања, вели Господ Спасителот, се случуваат на оние кои бараат мир и спокојство во земското богатство, а не во небесното, т.е. во доблестите. Заради тоа и Светото Писмо вели: „тоа се случува на оној кој за себе стекнува богатство, а не се богати во Бога“, т.е. кој не се збогатува со топла вера и добри дела. заради тоа и апостолот Павле вели: „А кои сакаат да се збогатат тие запаѓаат во замки и многу луѓе во штетни желби кои го потопуваат човекот во пропаст и погибел, па затоа и гледаме дека среброљубците се постојано во расправии зошто се служат со лукавства, измами, лаги, неправди и кривоклетства, а сите тие се плодови на светската наука за богатството. Но, зарем од сето ова може да се има мир и спокојство?
Светот вели дека кога се воздржуваш не ги исполнуваш сопствените желби и тогаш тие се шират и растат и со тоа ти го вознемируваат спокојсвото, затоа задоволувај ги страстите за да имаш мир и спокојство! Ваквата поука е навистина пријатна за телото, па затоа и мнгумина ја слушаат, но Спасителот за да ни ја покаже погрешноста и на оваа наука, верно ни го покажа животот на блудниот син, чија историја на сите ни е добро позната. Откако блудниот син го примил својот дел од наследството, отишол во далечна земја за таму во потполна слобода да може да ги задоволи сите свои желби. И во далечниот свет многу јадења и пиења и играчи и музика ги задоволувале секој ден, но од сето тоа каков душевен мир тој добил? Кај својот татко живеел скромен живот со воздржување, тогаш бил господар, но кога не се воздржувал и станал блуден, тогаш станал слуга и свињар зошто кога го потрошил се она што го имал, тој останал и без пријатели и бидејќи било гладна година, тој бил принуден да стапи во служба и да чува свињи. Но и таму гладен сакал да се насити од онаа храна со која ги хранеле свињите и во таа состојба повикал: „во домот на својот татко многу слуги имаат леб и јадења, а јас умирам од глад.“ – Значи вакво е спокојсвото и мирот кое го донесува задоволувањето на телесните желби и кои ги дава овој земски свет.
Така душевниот мир не се постигнува со помош на богатство и задоволување на телесните желби, туку се добива преку душевни доблести и душевно богатство.
Господ покажал и друг попознат и пожив начин преку кој се добива душевен мир и го покажал преку пророкот кој вели: „Голем мир имаат оние кои го љубат законот Божји и кај нив нема сопнување“. Но, на кого не му е познато дека оној кој Го љуби Бога и го исполнува Неговиот закон, него и Бог го љуби и тогаш никој и ништо во светот не може да го поремети неговиот мир и спокојство.
И после сето ова лесно може да се разбере дека доколку сме постојани во христијанските доблести, дотолку во нас има повеќе мир божји. Но штом нашата душа ја извалка некој грев, тогаш веднаш го снемува мирот и доаѓа немирот, го снемува спокојството и настапува мачното вознемирување. Кој сака оваа вистина уште подобро да ја разбере нека го замисли животот на светите ангели на небото и ќе види дека кај нив владее царството на мирот. Нека го замислат рајот во кој нашите прародители Адам и Ева живееле во царството на мирот се додека биле чисти од гревот, но штом згрешиле, штом поверувале во демонските зборови дека ќе станат богови кога ќе го вкусат плодот од забранетото дрво и штом станале непослушни кога ја престапиле Божјата заповед, „веднаш им се отворија очите и тие разбраа дека се голи“, страв ја исполнило нивната душа и неспокојството на совеста ги мачело па затоа почнале да се кријат заборавајќи дека од Бога не можат да се сокријат. Мирот меѓу нив и Бога исчезнал и тие лишени од рајот, морале со пот на нивните лица да ја обработуваат земјата, да се хранат поминувајќи го животот во разни беди и неволји, во секакви болести и тешки маки. Но зарем ваквите тешкотии не не снаоѓаат и нас кога грешиме? Кога царот Давид, сред својата царска слава почнал да греши, зарем не го опфати неспокојство и немир за кои вели: „Нема мир во моето тело…постојано одам тажен заради моите гревови. Моите безаконија излегоа на врвот на мојата глава и како тешко бреме ми отежнаа. Истоштен сум и многу ослабен од трепетот на моето срце“.
Затоа ние многу грешиме кога бараме мир и спокојство во богатството или во телесните уживања, во високите положби во општеството или во сластите на овој свет. Господ Спасителот е господар на мирот и Он го дава само на оние кои се достојни и затоа на своите Апостоли им вели: „Во која куќа да влезете прво поздравете со: мир на оваа куќа, па ако таму биде синот на мирот, врз него ќе остане вашиот мир; но ако не биде, тогаш мирот ќе се врати кај вас“. Спасителот преку своите свештеници на сите им го дава својот божествен мир, тоа најголемо богатство кое го засладува човечкиот живот. Кој сака душевен мир нека се одликува со доблести и исполнување на светите божји заповеди, па Господ ќе му го даде својот мир во се и секогаш. Амин.
ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА ВОЗНЕСЕНИЕ ГОСПОДОВО – СПАСОВДЕН
Лука, зач. 114 гл. 25 ст. 36-53
Евангелието на денешниот празник е продолжување на она Евангелие кое се чита на третиот ден Велигден и говори за тоа како Господ Спасителот после своето славно воскресение им се јави на своите ученици и ги увери дека Он навистина воскресна и дека Неговите страдања се претскажани во Стариот Завет. Потоа ветува дека на учениците ќе им Го испрати Светиот Дух и на крај ги изведува до Витанија, ги благословува и се вознесува на небото каде бил од веноста.
После своето воскресение Спасителот им се јавува на мироносиците, на Петар, на патниците за Емаус и на крај на своите ученици, кои од страв од Јудејците сите биле собрани во некоја куќа. Спасителот влегол во собата каде учениците биле низ затворената врата, но кога застанал на сред собата сите добро да го видат, Он ги поздравил со: мир вам. Овој поздрав бил најмилиот поздрав кај Јудејците. Воскреснатиот Господ го поздравува со мир секој верен христијанин, но овој мир не е како светскиот – непотполн, привремен и непостојан, туку совршен, вечен и полн со слава и блаженство.
-„А тие се уплашија и така исплашени помислија дека гледаат дух. И им рече: зошто се плашите? И зошто такви мисли ви влегуваат во вашите срца? Ги гледате рацете Мои, Јас сум; допрете ме и видете, зошто духот на телото нема коски како што гледате дека Јас имам. И откако го кажа ова им ги покажа и рацете и нозете.“
Ненадејното доаѓање на Христа меѓу учениците, а особено кога не му се надеваа зошто токму во тоа време вечерале, ги уплашило сите. Но ова ним им се случило по вторпат, на пример кога Господ им приоѓал одејќи по вода, па и тогаш се исплашиле мислејќи дека гледаат сениште, како што сега помислија дека гледаат дух со некое призрачно тело. Но Спасителот, знаејќи ја нивната слабост, ги уверува дека е Он и тоа не во некое призрачно тело, туку во вистинско, но само прославено, па потоа ги укорува, но не затоа што се исплашиле, туку заради маловерноста. Понатаму, за да ги спаси од тоа, Он им ги покажува своите раце и нозе на кои ги имало раните од клинците и тие посведочуваат дека тоа е истото тело кое било распнато на крстот. Сигурно учениците ги допреле рацете и нозете на Господ зошто и Јован во своето послание вели: „она што беше на почетокот што слушнавме, што видовме со своите очи, што разгледавме и што нашите раце допреа…“, а Тома тоа го постави и за услов на своето верување во Христовото воскресение, што Господ самиот го одобрува кога вели: „ допрете ме и видете“, т.е. ставете ги прстите во дупките каде беа клинците.
-„А додека тие уште не поверуваа од радост и додека се чудеа, им рече; имате ли тука нешто за јадење? И тие Му дадода парче печена риба и мед и Он зеде и јадеше пред нив.“
Откако учениците ги видоа Христовите раце и нозе, одвај се прибраа од страв и паднаа во друга грешка, тие беа слаби во верувањето и се сомневале во своите чувства, а сето тоа дошло од таму што важноста и големината на вистината, т.е. дека меѓу нив навистина стои нивниот учител силно ги израдува и зачуди. Но Спасителот, за да ги избави од оваа мана веднаш преоѓа во материјални и очигледни докази и ги прашува дали имаат нешто за јадење. И тие му дадоа риба и мед и Он јадеше, но не треба да се мисли дека јадел природно, туку надприродно зошто и тоа само Нему како на семоќен му било можно.
-„И им рече: ова се зборовите кои ви ги говорев уште додека бев со вас, дека се треба да се исполни што за Мене е напишано во законот Мојсеев и кај пророците и во псалмите. Тогаш им го отвори умот за да го разберат Писмото.“ (Стариот Завет)
По овие зборови Спасителот ги потсетува на сето она што пред своите страдања им говорел за тие страдања, за и на тој начин да ги увери дека навистина е Он тој кој стои меѓу нив. Но, во исто време ги потсетува и на книгите на Стариот Завет и им ги спомнува Мојсеевиот закон, пророците и псалмите затоа што Јудејците целиот Стар Завет го делеле на овие три дела. Во Мојсеевиот закон биле ставени петте Мојсееви книги: Битие, Излез, Левит, Цареви и Второзаконие. Во Пророци биле сместени сите историски и пророчки книги. Во Псалми (агиографи – свети книги) биле сместени: поучни книги: Паримиј, Јов, Песна над песните, Рут, Плачот на Еремија, Ездра, Ноемија и двете царства. Сите овие последни книги се познати под името агиограф, но Спасителот ги именува со Псалми затоа што псалмите меѓу нив стојат на прво место или заради нивната особена пророчка важност. Потсетувајќи ги своите ученици на книгата на Стариот Завет, Спасителот со тоа им кажал дека во тие книги е претскажано сето она што со Него се случило и тие пророштва што подобро да ги разберат, Он им го отвори умот да го разберат Писмото, т.е им го просветил разумот и од Христос да не очекуваат земски цар над јудејскиот народ, туку небесен, духовен и вселенски цар, или подобро Спасител на целиот свет.
-„И им рече: така е напишано и така требаше Христос да пострада и да стане од мртвите во третиот ден. И да се пророведа покајание во името Негово и простување на гревовите по овие народи почнувајќи од Ерусалим. А вие сте сведоци на ова.“
Откако на Исус Христос се исполнило се што во Стариот Завет било претскажано, сега целата Негова работа, живот и наука треба да се порповеда преку Неговите Апостоли по сите народи почнувајќи од Ерусалим каде било исполнето делото на откупување. – „Покајание и простување на гревовите“, ги спомнува Спасителот како неопходни услови за стапување во Неговото царство на земјата, а тоа се Апостолите учејќи ги: „Покајте се и да се крсти секој од вас во името на Исус Христос за простување на гревовите.“ Апостолите биле и сведоци на Неговиот живот, наука, работа, страдања, смрт, погреб, воскресение и вознесение на Господа. Спасителот своите ученици ги одредува за сведоци на се бидејќи тие биле и очевидци на сите тие настани.
-„И ете Јас ќе ви испратам ветување на Отецот свој врз вас, а вие седете во градот Ерусалим се додека не се облечете со силата од висините.“
Сака да каже дека сега Он заминува да го исполни ветувањето кое Отецот го дал уште на вашите претци, а преку нив и на сите народи – да ви го пратам Утешителот и Духот на вистината, а потоа ќе бидете облечени со силата од висините, т.е. со силата на Светиот Дух. Ова е вистинска хиротонија на секој евангелски прорповедник. Кој е облечен со силата од висините како во некој оклоп, тој е во состојба да стапи во секоја борба и да победи секој непријател во слава на Христовото царство. Без оваа сила, залудно се труди богословот од катердрата и залудно се бори беседникот од амвонот, зошто слушателите може да се воодушевуваат на мудроста на богословот и вештината на беседникот, но срцата ќе им останат студени и без христијански украси на вистинска побожност.
-„И ги изведе надвор до Витанија и подигнувајќи ги рацете свои ги благослови.“
Пред своето вознесение на небото, Спасителот 40 дена им се јавувал на своите ученици и ги учел на нивната идна работа и основањето на црквата, а 40-от ден ги извел надвор, т.е. од Ерусалим и ги одвел во Витанија, која се наоѓала на источната страна на Маслиновата гора од каде и се вознел. (Поопширно за вознесението види во Дел.Ап. 1, 3-11).
-„И кога ги благослови, отстапи од нив и се вознесе на небото. И тие Му се поклонија и се вартија во Ерусалим со голема радост, па отидоа во црква фалејќи Го и благословувајќи Го Бога. Амин.“
Како што евангелистот Лука во денешното Евангелие изложил повеќе настани, кои се случиле во време од 40 дена – од воскресението до вознесението – и затоа не ги изнесува опширно, така во ововј стих не ги наведува и самите зборови со кои Спасителот ги благословил своите ученици кои Му се поклонија на својот учител како на Бог, кога се вознесе на небото. После овој настан учениците повеќе не се плашеа, ниту пак се сомневаа, туку се вратија во Ерусалим со голема радост бидејќи со свои очи видоа како Господ се вознесе на небото во својата слава и затоа што го очекувале симнувањето на Светиот Дух. Под името црква тука треба да се разбере истата онаа соба во која биле, а според преданието, таа соба била онаа во која се исполни тајната вечера.
БЕСЕДА НА ВОЗНЕСЕНИЕ ГОСПОДОВО
„Јас излегов од Отецот и дојдов во светот и сега го оставам светот и одам при Отецот“
Откако Господ и Спасителот наш Исус Христос ги искина прангите на смртта и воскресна од мртвите, уште 40 дена боравел на земјата учејќи ги своите Апостоли како по целиот свет да ја воспостават црквата и дури 40-от ден по своето воскресение се вознесе на небото, онака како што за време на својот земен живот кажа: „Јас излегов од Отецот и дојдов во светот и сега го оставам светот и одам при Отецот.“ Но и овие 40 дена на Христовото пребивање на земјата по воскресението не се без поголемо значење, зошто како што Пресветата Богомајка 40-от ден по раѓањето Го одвела во храм за според законот како првенец да Го посвети на Бога, така и сега 40 дена по своето воскресение, како после своето второ раѓање, се вознесе во небесниот храм за да ја претстави пред Бога и Отецот пречистената и осветената на себе човечка природа заради чие спасение и се симна на земјата и пострада.
Кога ни доаѓа добар пријател на гости, нам ни е жал кога доаѓа времето на неговото заминување и кога треба од него да се разделиме. Така и родителите плачат кога го испраќаат синот или ќерката, како и роднината кога се разделува од свој роднина. Но еве сега нашиот Господ и Спасител, кој на целиот свет е најмил, кој на таткото е помил од синот, на мајката помил од ќерката, на братот помил од братот и на пријателот помил од секој пријател, не посети доаѓајќи од небесата и не остави после простувањето во Маслиновата гора. Он е светлина која го просветува секој човек, Он е живот и радост и Он не остави! Он е нашиот учител, пријател и утешител и ете, Него облаците Го сокрија од нашите очи! Што ни вреди оваа земја и нашиот маченички живот на неа кога Спасителот Исус Христос, вистинската среќа и блаженство Го нема веќе меѓу нас како што беше меѓу Апостолите! И заради тоа денот на Христовото вознесение зарем не треба за нас да е ден на тагата и жалоста. Но сепак, наместо да сме тажни и невесели, ние сите сме со ведри лица и со радосно срце.Исто така весели биле и Христовите Апостоли кога од Маслиновата гора, каде Спасителот се вознесе, се враќаа кон својата куќа, зошто и Светото Писмо вели: „Кога Господ се вознесуваше на небото, Апостолите му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост“.
Причина за оваа радост на Христовите Апостоли произлезе од нивната жива и вистинска вера дека Господ Спасителот, одвојувајќи се од нив телесно, ќе биде секогаш со нив духовно. Потоа Апостолите се радуваа зошто знаеја дека Господ со својата смрт на крстот го завршил делото на човековото спасение на земјата, дека со своето воскресение од мртвите ја разрушил силата на гревот и смртта и ја утврдил својата света Црква, па по сето тоа како победоносен цар се вознесе на небото, но не се да остави на земјата, туку земјата да ја соедини со небото! Во овој благослов кој Спасителот го дал при своето вознесение, Апостолите видоа извршување на ветувањето на небесниот Отец и благослов врз целиот свет, а во вознесението на Спасителот на небото со човеково прославено тело, го видоа воскресението во рајот на онаа човекова природа која во лицата на нашите праотци, Адам и Ева, падна. Заради сето тоа било сосема праведно што Христовите Апостоли со голема радост се вратиле во Ерусалим за таму да го чекаат симнувањето на Светиот Дух. И од истите причини праведно е што и ние денеска се радуваме и што сме весели на денот на вознесението на Спасителот иако тоа е денот на Неговото лично разделување со нас. Праведно е затоа што Господ Исус Христос, вознесувајќи се со човечко тело, ни покажа нов пат на животот и бесмртноста, така да и ние исто така ќе се вознесеме на небото да ја примиме наградата за своите дела.
Но, нашата радост да биде вистинска и нашата надеж на живот исполнет со среќа и блаженство биде сигурна, ние сме должни, додека живееме тука на земјата, да бидеме секогаш соединети со Христос Спасителот, а како ќе го постигнеме тоа соединување, најдобро ни покажува постапката на Светите Апостоли.
Кога Апостолите се вратија во Ерусалим, тие го поминувале времето во молитва се додека врз нив не се симна Светиот Дух. И така Апостолите телесно се одвоија од Христа, но се соединија со Него духовно, така да ние треба истото да го правиме. Бидејќи ние сме одвоени од Господ Спасителот телесно, ние можеме, а и сме должни, да бидеме со Него духовно соединети, а тоа најдобро и најлесно ќе го постигнеме кога редовно ќе ја посетуваме светата црква во која е присутен и Исус Христос ососбено со својата божествена слава и благодат. Се што гледаме во црква ги воздигнува нашите мисли и срце кон Бога. Во црква го слушаме словото Божје, таму се извршуваат Светите тајни, таму најмногу личиме на ангели, затоа и нашите молитви кон Бога се најпријатни, а преку молитвата и ние духовно се соединуваме со Бога зошто молитвата и не е ништо друго освен човечката душа со нејзиниот Творец и Отец.
Но нам ни е невозможно постојано да бидеме во црква. Нашите општествени и семејни должности, разните потреби за живот, слабоста и немоќта на нашето тело-сето тоа не ни дозволува да сме секогаш во црква, но сепак сите тие препреки не го прекинуваат нашето единство со нашиот Спасител ако ние не ја забораваме молитвата, зошто каде и да е Христос, таму е и небото, таму е и црквата, а Спасителот е меѓу секој собир на луѓе во Негово име, па затоа секој собир, општвествен или семеен, ако е вдахнат со духот на христијанската љубов, тој не соединува со нашиот Спасител, особено ако ние точно и искрено ја вршиме светата божја волја и ги исполнуваме Неговите свети заповеди. Потребно е нашето срце да биде исполнето со верност кон Бога и да е сиполнето со љубов и пожртвуваност кон ближните; потребно нашата совест да е чиста од секој прекор и нашата душа да е чиста од секој порок; потребно е да се одликуваме во побожност и искрено вршење на нашите христијански должности, и така живеејќи секогаш ќе бидеме во единство со нашиот Спасител и Бог. Така живееле Светите Апостоли и Господ секогаш бил со нив, та затоа тие и можеле да ги издржат сите беди и прогони и своите непријатели да ги приведат во својата вера. Така живееле и нашите претци, нашите дедовци и татковци, и Господ Спасителот секогаш бил со нив, но тие попобожно ги слушале светите служби и поискрено ја вршеле својата христијанска должност. Меѓу нив имало поголема братска љубов и повеќе слога, повеќе искрено и взаемно помагање и поголема пожртвуваност за општо добро и за добро и среќа на секој брат. И воопшто, тие повеќе се молеле на Бога, затоа и Бог повеќе им помагал.
Да се угледаме и ние на нашите претци, почесто да одиме во црква, да бидеме повеќе побожни и повеќе да го сакаме ближниот и христијанските должности, и Господ Спасителот наш секогаш ќе биде со нас и тогаш со весело лице и исполнето срце ќе ја гледаме нашата земја како на еден цел народ, нашето семејство, нашиот дом и тогаш весело овој свет ќе го оставиме и како благословени синови на Отецот небесен лично да се соединиме со нашиот Господ и Спасител. Амин.
ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО НА СИМНУВАЊЕ НА СВЕТИОТ ДУХ – ПЕДЕСЕТНИЦА – СВЕТА ТРОИЦА
Јован, зач. 27 гл. 7 ст. 37-52 и гл. 8 ст. 12
Денешното Евангелие зборува за даровите кои ги добиле сите со симнувањето на Светиот Дух, сите кои во Христа веруваат, и за поделбата на слушателите, односно на науката за тие дарови, зошто едни верувале во оваа наука, а други не верувале, па и затоа намеравале учителот да го убијат.
-„А во последниот голем ден на празникот стоеше Исус и викаше велејќи: Кој е жеден нека дојде при Мене и нека пие.“
Кога Господ Спасителот ја кажа науката од денешното Евангелие, Јудејците го празнувале празникот Шатри осум дена, а како првиот така и последниот ден од овој празник ги сметале за големи. Осмиот ден свештениците го извршувале оној обред кога виното помешано со вода се излевало на жртвата и ова го претскажувало излевањето на благодатта на Светиот Дух. Значи на осмиот ден на празникот Шатри, и кога се исполнувал спомнатиот обред, Христос стоел и без сомнение во црква зошто народот тука се собирал и слободно и сосема јавно ги учел сите жедни да дојдат при Него и да пијат. Стоејќи кон симболичната вода кои свештениците при спомнатиот обред ја употребувале, Спасителот како да сакал да каже: Силоамските води ќе ги снема, жртвеникот ќе пропадне, па дури и самиот храм нема да постои, но човечката душа во овој свет секогаш ќе биде жедна за водата на спасението, а таа вода можам да ја дадам само Јас, зошто сум неисцрпен и вечен извор на животот – значи, пријдете со вера при Мене и украсени со побожност нема повеќе да ожеднувате, т.е. нема да бидете оскудни во ништо што е потребно за спасение.
-„Кој верува во Мене, како што Писмото рече, од неговото тело ќе потече река со жива вода“.
Гледајќи ги чудата кои Господ ги твореше, многумина веруваа дека Он е пророк и светец. Едни веруваа дека е Јован Крстител, други дека е Илија, а трети дека е Еремија или некој од пророците, но не веруваа дека Он е од дева роден Син Божји како што за Него учи Светото Писмо кога вели:“Затоа Господ сам ќе ви даде знак: ете девојка ќе забремени и ќе роди син и ќе му даде име Емануел, што значи Бог со нас“(т.е. Бог во тело, Богочовек), па затоа и Спасителот кажува: Кој верува во Мене, како што кажува Писмото, т.е. кој верува не како што мисли и сака, туку како што Светото Писмо учи, дека Јас сум Син Божји. – Под зборовите:„ тело од кое ќе истече река жива вода“ се подразбира срцето, како што на друго место вели: законот твој е во моето срце, а реката жива вода е изобилството на благодатта која секогаш делува и која никогаш нема да престане. Но тука уште се подразбира и науката на побожноста која ја оживува непобожноста на умртвената душа и ги просветува со страсти помрачените мисли.
-„А ова рече за Духот Кого после Го примија оние кои веруваат во Неговото име: зошто Светиот Дух уште не беше врз нив бидејќи Исус уште не беше прославен.“
Тука Спасителот зборува за Третото Лице на Светата Троица, Светиот Дух утешител, кое своето дело во светот го започнал по Христовото вознесение. Светиот Дух од вечноста е неодвоен од Отецот и Синот, зошто како што сонцето никогаш не било без зраци и светлина, така и Отецот никогаш не бил без Синот и Светиот Дух, па и во Стариот Завет Духот дејствувал врз божјите луѓе, како на пример: Давид и пророците. Зошто евангелистот вели:„ зошто Светиот Дух уште не беше“? Затоа што Светиот Дух никогаш до тогаш не им се давал на луѓето, ниту пак се јавувал толку јавно како на денот на Педесетницата. И навистина тој ден божествените Апостоли добиле: дарба за повеќе јазици, станале премудри, чудотворци, пророци, силни со дух и зборови и славни во целата вселена. Како што кажува евангелистот, Исус уште не беше прославен, т.е. Неговото тело не ја добило онаа слава за која Он самиот вели вака: „И сега прослави Ме Ти Мене, Оче во Тебе со слава која ја имав кај Тебе пред да постане светот“, а таа слава ја добил после страдањата и воскресението, особено е прославен кога на денот на Педесетницата Го испрати Светиот Дух, па затоа и самиот вели: „Кога ќе дојде Духот на вистината, утешителот, Он ќе Ме прослави“.
-„А многумина од народот кога ги слушнаа овие зборови говореа: Ова е навистина пророк. Други пак говореа: Ова е Христос. А трети говореа: Зарем Христос ќе дојде од Галилеја. Зарем не кажа писмото дека Христос ќе дојде од семето Давидово и од селото Витлеем од каде бил и Давид?“
Многумина од простиот народ кога ги слушнаа овие Христови зборови: „кој е жеден нека дојде при Мене и нека пие“, се сетиле на пророштвото на Мојсеј кое вели: „Пророк меѓу браќата твои како што сум јас, ќе ти подигне Господ Бог твој. Него слушајте го“, па еден на друг си збореа: „Овој навистина е пророк.“ Други, пак, од незнаење, мислеле дека Мојсеј зборува за некој друг пророк, а дека друг е Христос, говореа: „Ова е Христос“. Некои други луѓе, мислејќи дека Исус е од Галилеја, не веруваа дека Он е оној Христос кој е ветен и кого го очекуваа, па велеа: „Зарем Христос ќе дојде од Галилеја“ Од овие зборови се гледа дека многумина не знаеле дека Христос бил роден во Витлеем и Го нарекувале Галилеец, затоа што дева Марија живеела во Назарет Галилејски, а Светото Писмо кажува: „Се заколна Господ на Давид во вистината од која нема да отстапи: од твојот пород ќе посадам на престолот твој“, и на друго место: „ А ти Витлееме, и ако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе излезе Кој ќе биде господар на Израел, кој излезе од почетокот, од вечните времиња“. Спасителот и бил од семето Давидово и племето Јудино, и од Витлеем, зошто евангелистот вели: „а кога се роди Исус во Витлеем Јудин“. Но заради овие различни мислења за Спасителот:
-„Така настана расправа меѓу народот заради Него.“
Народот се расправал за тоа кој е Христос. Но доколку подобро го знаеле Светото Писмо, во ништо не би се сомневале и не би имало расправа меѓу нив, а уште помалку злосторства, зошто:
-„А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не положи рака врз Него“.
Архиереите и фарисеите откако видоа дека многумина поверуваа во Исуса Христа, тие, полни со злоба, ги испратиле своите слуги да Го фатат и да Го донесат кај нив и тие намеравале да Го убијат, како што и на крај направија. Ова го посведочуваат и следните стихови од денешното Евангелие. Но слугите не ја исполниле желбата на своите зли господари затоа што ги воодушевила небесната наука која самите ја слушнаа, па затоа и им кажаа на фарисеите: „никој човек не говорел како овој човек“.
-„Дојдоа слуги кај главните свештеници и фарисеи и им рекоа: зошто не Го донесовте?“
Кога старешините и фарисеите виделе дека слугите се вратиле без Него, ги прашуваат, сигурно, налутено зошто не Го довеле кога тоа им било заповедано.
-„Слугите одговорија: никој човек не говорел како овој човек“.
Испратените служители да Го фатат, а веројатно и да Го врзат Господа, самите се врзале со силата на Неговата наука зошто признаваат дека никогаш со таква мудрост и толкава сила не говорел човек, како овој човек, т.е. Христос. Ваквиот одговор е плод на чисто срце и јасен доказ дека Светото Писмо треба да го има секој дом за секој да може да се запознае и просвети со науката на Христос Спасителот, како овие служители кои биле просветени од Божјата благодат и направила да бидат проповедници на вистината која ја слушнале и виделе. Тука паѓа во очи што служителите, иако виновни бидејќи не ја исполниле заповедта, без никаков страв и сосема слободно, на строгото прашање одговараат:„никој човек не говорел како овој човек“.
-„Тогаш фарисеите им одговорија: да не се прелажавте и вие?“
Еве фарисејско зло! Познавајќи ја добро божествената сила на Христовата наука, тие служителите не ги прашуваат што кажал Христос и за што учел што толку ги задобил, туку ги укоруваат како некои кои ништо не знаат и почнуваат да ги разубедуваат за да ги одвратат од Господа, зошто продолжуваат со овие зборови:
-„Дали некој верува во него од кнезовите и фарисеите? Туку овој народ кој не го знае законот, е проклет.“
Пакосните старешини сега почнуваат и да лажат зошто не е вистина дека во Господ не поверувал никој од кнезовите, а тоа го сведочи и евангелистот кога вели: „ а од кнезовите многумина поверуваа во Него“, а исто така и некои од фарисеите зошто Никодим беше од нивниот ред.
-„Им рече Никодим, што доаѓа при Него ноќе, а кој беше еден од нив:дали нашиот закон го суди човекот додека прво не го сослуша и дознае што прави?“
Никодим бил праведен човек и член на Синедрионот и затоа сега ја застапува правдата и точно го применува законот на Исус Христос. Но сето ова на останатите фарисеи не им одговарало и затоа почнуваат да го напаѓаат Никодим, нарекувајќи го со презир Галилеец зошто:
-„Му одговорија и рекоа: Не си ли и ти од Галилеја? Разгледај и види дали пророк доаѓа од Галилеја.“
Никодим говори едно, а фарисеите одговараат друго! Никодим вели дека законот налага дека никој не треба да се суди додека не се испита, а тие го прашуваат дали и тој е од Галилеја. Тие многу добро го познавале Никодим зошто бил еден од нив, но претварајќи се дека не го знаат го прашуваат дали и тој е од Галилеја и со тоа го омаложуваат, а во исто време објавуваат дека и тој како Христос е од Галилеја и затоа Го брани. Но тие заборавиле дека многу пророци потекнувале токму од Галилеја, меѓу кои Илија и Осиј. Но и да ја зборувале вистината, тоа сепак не вредело ништо против Исус Христос зошто Он не бил од Галилеја, туку од Витлеем Јудејски.
-„Исус, пак, повторно им рече: јас сум виделото на светот: кој оди по мене нема да оди по темнина, туку ќе има видело на животот“.
Овие зборови од 12-от стих на 8-та глава Спасителот ги кажал вториот ден и тоа утрото во храмот и за тоа сведочи Јован кога вели дека Спасителот кога ја завршил науката од денешното Евангелие, отишол во гората маслинова, а утрото повторно дошол во храмот и учел. Бидејќи претходниот ден се појавила расправа меѓу луѓето кој е Он, вториот ден Он доаѓа и им вели: „Јас сум видело на светот“. Со овие зборови Спасителот се споредува Себе спрема духовниот свет како сонцето спрема материјалниот, т.е. како што сонцето е извор на животворната светлина за земјата, така и Он е извор на животворната морална светлина за секое логично битие во светот. Но зошто Спасителот отворено не кажал дека Он е Месијата, дека е Син Божји? Прво затоа што фарисеите уште повеќе би подивееле и уште попакосно би Му се спортивставиле, а се уште не дошол часот за Неговото страдање, како и поради тоа што така и пророците за него претскажувале. Така Исаија вели:„Светли се, светли се Ерусалиме, зошто дојде светлината твоја“ , а на друго место за Месијата вели: „ти направив видело на народите“ и на крај: „Народот кој оди во темнина ќе види видело големо и на оние кои седат во земјата, каде е смртна сенка, ќе засветли виделото“, а сите овие зборови посведочуваат дека Месијата е Христос, вистинскиот Бог. Зошто кој друг освен Бог може да биде светлина на светот! Уште Спасителот додава: „Кој оди по Мене, нема да оди по темнина, туку ќе има видело на животот“, т.е. кој верува во Мене и моите заповеди ги исполнува, тој ќе се ослободи од мракот и осудата кои ги донесува гревот и ќе дојде во светлината на вечниот живот и блаженство.

This entry was posted in Толкувања и Беседи. Bookmark the permalink.

Comments are closed.