ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО ВО ЧЕТВРТА НЕДЕЛА НА ВЕЛИКИОТ ПОСТ

Марко, зач.40 гл. 9 ст. 17-31

Историјата за исцелувањето на месечарот за кого говори денешното Евангелие, се наоѓа уште и кај Матеј, 17, 14-21 и кај Лука, 9, 37-43. Но, додека кај вторите двајца евангелисти е искажана само суштината на овој настан, кај Марко се изложени сите поединости. Месечарот, за кого зборува денешното Евангелие, спасителот го излечил веднаш после своето симнување од Тавор каде се преобрази и затоа за овој настан кај Марко треба да се чита уште од 14-стих.

При толкувањето на ова Евангелие нема да зборуваме за месечарите, зошто веќе за нив, одземените (парализираните) и бесните, или воопшто за лошите духови, опширно беше изложено во толкувањето на Евангелието во Дваесет и третата недела по Духови.

-„Во она време, еден од народот му пријде и рече:‘Учителе, Ти го доведов сина си, во кого е нем дух, и кога го фаќа го кутнува, а тој се пени, чкрта со забите и се здрвува.Им реков на Твоите ученици да го истераат, но не можеа.“

Таткото на болното дете го нарекува овој дух нем затоа што неговиот син го спречувал не само слухот, туку и говорот.Овој сирот татко го довел својот син кај Спасителот, но бидејќи Господ во тоа време бил на Тавор, тој го покажал на учениците и ги замолил неговиот син да го простат од тешките страдања.

Како што се гледа од неговите зборови, Христовите ученици не можеле да му помогнат и тоа заради неговата слаба вера, како што тоа ќе го видиме и од одговорот на Спасителот, но заради тоа се роди жива препирка маѓу учениците и книжниците кои говореле дека учениците не можеле да го излекуваат болниот заради нивната слаба моќ и со тоа ја порекнувале и Неговата семоќност. Но, во тоа време доаѓа Спасителот и откако го слушна таткото:

-„Он одговори и рече: ‘О неверен роде, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете го при Мене!‘ И го доведоа при Него и штом духот Го виде, веднаш се стресе и тој падна на земјата, се тркалаше и се пенеше.“

Спасителот под зборот „роде“укорува многумина, зошто имало многу Јудејци кои, како и овој татко, не верувале во Неговата семоќност иако виделе толку многу Христови чуда. Со цел сите оние кои биле присутни да не помислат за Него, како што помислиле за Неговите ученици, дека Он не може да му помогне на болниот, Спасителот заповеда да го донесат болниот за и излекувањето и Неговата семоќност да бидат јавни и пред сите. Меѓутоа Спасителот му дозволува на духот во оваа прилика да го мачи болниот за сите присутни да видат од какви тешки маки тој ќе се спаси.

-„Тогаш го праша татко му:‘ Колку време има откако му се случува ова?‘ А тој рече: ‘Од детството, а често го фрла во оган и во вода за да го погуби. Но ако можеш нешто, смилувај ни се и помогни ни.“

Спасителот го поставил ова прашање не затоа што не знаел од кога болниот страда, туку присутните да можат да се уверат дека „немиот дух“можел страдалникот да го погуби само ако не го чувал Бог. А зборовите на таткото „ако можеш нешто“јасно ја покажува неговата слаба вера во моќта на Христос, но таа слаба всушност била причина заради што и учениците не можеле болниот да го излечат и затоа:

-„Исус пак му рече: ‘Ако можеш да веруваш, се е можно на оној кој верува!‘ Таткото на детето веднаш извика и рече: ‘Верувам, помогни му на моето неверие.‘А Исус штом виде дека придојдува народ, му се закани на нечистиот дух и му рече: ‘Нем и глув душе, Јас ти заповедам, излези од него и повеќе не влегувај во него.‘ И извика и го стресе силно детето и излезе. И беше како мртво така што мнозина велеа дека умрело. А Исус го фати за рака, го поткрена и тоа стана.“

Со зборовите: „ако можеш да веруваш“, Спасителот ја зајакнал слабата вера на несреќниот татко кој, чувствувајќи ја и својата слабост, со солзи заплака: „Господи, помогни му на моето неверие“. Но, токму во тоа време се собрал голем број на народ да види што ќе се случи, а Спасителот, за да ги избегне пофалбите од народот, Он веднаш го истера духот и така го спасува болниот. Во исто време му се заканува на духот повеќе да не се врати во болниот зошто знаел дека заради слабата вера и на таткото и на синот, може повторно да се врати и со тоа и таткото и присутните можеле да помислат дека болниот не бил сосема излечен.

-„А кога дојде во една куќа, Неговите ученици Го прашаа на само: ‘Зошто ние не можевме да го истераме?‘ И им одговори: ‘Овој род со ништо не може да се истера освен со молитва и пост.“

Учениците се обраќаат кон Спасителот со ова прашање затоа што се плашеле, откако не можеле да го излечат болниот, дека може ја изгубиле власта која Господ им ја дал против нечистите духови. И Спасителот пред мноштвото народ кажал дека за тоа е причина слабата вера на страдалниците, но како што и тогаш не ги укорил само страдалниците, туку многумина, така и сега им вели на учениците дека и тие се виновни бидејќи останувајќи сами за време на Неговото боравење на Тавор, тоа време тие не го поминале во пост и молитва, туку во расправии со книжниците и фарисеите. Меѓутоа не сакал јавно да ги укори зошто тие биле идните учители на вселената. И така, секој проповедник, за остварување на својата цел потребно е не само да се збогатува со знаење, туку со посредство на пост и молитва своето срце да го обогатува зошто само така ќе може да ги совлада сите препреки на својот пат на висок повик и грешниот да го заврти кон Христа и на патот на спасението.

-„И кога замина оттаму, минуваа низ Галилеја и не сакаше некој да научи за тоа, имено ги подушуваше своите ученици и велеше: ‘Човечкиот Син ќе биде предаден во човечки раце и ќе Го убијат и откако ќе го убијат, Он ќе воскресе во третиот ден.“

Спасителот проаѓајќи низ Галилеја сакал никој да не знае за овој негов пат зошто во таа прилика им говорел на учениците за своето страдање. Он не сакал други, освен своите ученици, да знаат за Неговите страдања затоа што тоа не се сложувало со тогашното мислење за Месијата. Дури и самите ученици разбирајќи ја смртта на Спасителот не го разбирале Неговото воскресение и затоа евангелистот вели: „дека учениците се прашувале еден со друг: што значи да се стане од мртвите, а после Христовото воскресение тоа го разбрале зошто Лука вели: „И им рече Исус на учениците: ова се зборовите кои ви ги говорев додека бев со вас, дека се треба да се исполни што е за Мене запишано во Мојсеевиот закон и кај Пророците и Псалмите. И тогаш им го отвори умот да го разбератСветото Писмо и им рече: така е запишано и така треба требало Христос да пострада и да стане од мртвите во третиот ден“.

БЕСЕДА ВО ЧЕТВРТАТА НЕДЕЛА НА ВЕЛИКИОТ ПОСТ

„Може ли да веруваш, зошто се е можно за оној кој верува“ (Марко, 9,23)

Овие зборови на нашиот Спасител и Бог Исус Христос треба да го разбудат секој грешник кој длабоко спие на смртната постела на душевната негрижа, т.е. кој слабо се грижи за спасение на својата душа и да го поттикне на покајание. Зошто навистина дали е поважно да се угодува на телесните желби отколку да се грижиме за спасение на својата бесмртна душа? Зарем е поважно да се тежнее кон временски и суетни земски уживања, отколку да се трудиме да се здобиеме со вечено блаженство на небото? Зарем земјата и луѓето можат на човекот да му дадат повеќе отколку небото и преблагиот Бог? Еве Спасителот не повикува при Себе говорејќи: „Дојдете при Мене сите кои сте уморни и обременети од тежината на гревот и Јас ќе ве одморам“. Но, како е можно да се приближиме до Бога, да бидеме Негови пријатели и наследници на неговото вечно царство? Можно е но со посредство на покајание зошто само преку покајанието е можно да се вратиме во нашата вистинска блажена состојба и да ја измие од нас секоја нечистотија на гревот. Но за да можеме вистински да се покаеме, потребно е да ја знаеме силата и моќта на покајувањето и кои се делата што се потребни за вистинско христијанско каење.

За целосно да ја разбереме силата и моќта на покајувањето, потребно е прво да ја знаеме тежината на гревот која каењето може да ја поништи. Гревот е големо и ужасно зло кое ги потресло небото и земјата, кое создало вечни маки и го унесреќило целото човештво толку многу што преблагиот Бог, од преголема љубов кон човечкиот род, слегол на земјата и на себе примил човечко тело само за да го спаси и избави човекот од гревот! Гревот е страшен ѕвер кој Свети Јован го опишува во својата книга „Откровение“ и вели: „дека има седум глави и десет рогови и дека тие седум глави ги претставуваат седумте смртни гревови и десете рогови се борат против десете Божји заповеди! И понатаму гревот е толку зол што човекот не можел никој да го спаси од гревови, ниту од светителите, од ангелите, туку само единиот Бог. Кога гревот е толку големо и страшно зло, тогаш кога грешиме да не мислиме дека тоа е мала и обична работа, како што често правиме, зошто грешејќи ние го навредуваме Бога, нашиот Татко и добротовор; не ги исполнуваме нашите должности кон Него; ја разлутуваме Неговата милост и добрина; ја губиме Божјата благодат и Бог го завртува своето лице од нас, а сето тоа, вели Свети Јован Златоуст, за нас е пекол пред пеколот и дека е уште полошо од пеколот! Но, како луѓе, ако некогаш погрешиме, да не заборавиме дека покајанието може да не очисти од гревот и затоа не треба да доцниме со искреното каење зошто Бог повеќе се радува на еден грешник кој искрено се кае, отколку на стотина праведници и затоа слезе од небото, беше распнат на крст и ја пролеа својата света крв само за грешникот да го спаси од гревот.

Каењето е во состојба човекот да го очисти од секој грев. Каењето го воведе во рајот разбојникот кој со Христа беше распнат, каењето го направи Петар врховен Апостол; каењето го направи Павле избран сад; каењето го оправда Давид кој ги направи двата најтешки смртни гревови и на крај каењето многу грешници ги направи праведници. Нека грешникот не очајува, но ни со каењето за своите гревови да не задоцнува и ќе се спаси како што после каењето се спаси и оној „блуден син“ за кого Спасителот ни говори во Евангелието.

Ние веруваме и исповедаме дека Исус Христос е Син Божји и вистински Бог, дека дошол на земјата да ги повика грешниците на покајание и ние гледаме дека сите оние кои искрено се покајале ја спасиле својата душа од вечните маки. Но кога ќе почнеме да ги исповедаме нашите гревови зарем не гледаме дека делата на искреното и вистинското каење многу се разликуваат од делата на нашето неискрено каење со кое наместо да го умилостивиме Бога, ние уште повеќе ја товариме со грев нашата грешна душа зошто некаејќи се искрено ние со тоа сакаме да го измамиме Бога; но зарем може да го измамиме Бога? Нас ни е потребно искрено каење, но какво е тоа и кои се особините на искреното каење?

Искреното и вистинското каење е сознавање на својата грешна состојба и свесно исповедување на своите гревови со тврдење и постојано решение повторно да не грешиме. Кој се кае на ваков начин, тој во вистина добива простување на гревовите. Делата на ваквото христијанско каење се човекот да го оддалечува од претходната состојба на грешно однесување, да пости, да се моли на Бога, да дава милостина и да прави се останато што човекот го оддалечува од гревот и го зацврстува во доблеста. Но ако христијаните каејќи се не го прават сето ова, тогаш нивното каење не е вистинско, туку лажно и залудно и затоа Свети Јован Крстител им вели на оние кои се каат: принесете плодови достојни на каењето.

Христијанското каење без добри дела е мртво и неполезно. Каква е ползата за човекот ако пред свештеникот се исповеда и се причести ветувајќи дека веќе нема да прави грешни дела, а потоа оди и прави уште полоши од претходните? Каква е ползата кога со тоа уште повеќе се предизвикува гневот Божји! На таквиот човек би му било подобро да не се исповеда и да не се приближува на светата тајна на причеста зошто нема да се покаже како измамник пред Бога. Лажно се каел и Јуда и затоа не се спасил. Лажно се каел и немилосрдниот фараон и затоа го проголта Црвеното море со неговата војска. Но се покаја и Давид за своите гревови и е вклучен во редот на светителите. Но тој се каел искрено и правел дела достојни на искрено и вистинско каење, правел добри дела и затоа неговото каење и може да послужи како пример за вистинско каење.

Да се каеме и ние за нашите гревови и да веруваме зошто се е можно за оној кој верува, вели Господ Спасителот. И Он секогаш го прима нашето каење; Он е секогаш спремен да ни ги прости нашите гревови, но сепак деновите на Великиот пост се најпогодни за каење. Да се покаеме зошто нема грев од кого вистинското каење не може да не очисти. Да се покаеме зошто не го знаеме часот, ниту денот кога Господ ќе дојде да му суди на светот, а тој суд не му е далечен на ниту еден од нас зошто човекот е како ништо и деновите негови се како сенка која поминува. Амин.

ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО ВО ПЕТТА НЕДЕЛА НА ВЕЛИКИОТ ПОСТ

Марко зач. 47 гл. 10 ст. 32-46

Денешното Евангелие содржи: прво – претскажувањето на Спасителот (ова е по третпат) за Неговото страдање и смрт; второ – барање на првенство од страна на Заведеевите синови и трето – советувањето на Спасителот по негодувањето на останатите десет Апостоли.

Претскажувањата на Спасителот јасно ги покажуваат сите Негови страдања, смрт, тридневното лежење во гробот и воскреснувањето. Ова трето и најјасно претскажување Марко го опишува речиси еднакво како и ебангелистот Матеј (20, 17), освен што на некои места е малку поопширно. За ова претскажување говори и евангелистот Лука (18, 31). Со својот одговор на барањето на Јаков и Јован, Спасителот не учи кој е достоен за небесното царство. А со својот совет, кој предизвикал негодување кај останатите ученици, ни покажува начин со кој секој христијанин треба да се возвишува до висината на вистинска слава и светост.

-„И пак ги собра Дванаесетмината и почна да им кажува што ќе Му се случи.“

Кога Спасителот отиде во Ерусалим да страда, Он по третпат им говори на своите ученици за своите страдања. Он за тоа им говори и претходно, но овојпат им говори појасно. За тоа им говори само на своите ученици бидејќи само тие биле спремни да слушаат толку возвишени и големи тајни кои јасно им ги открива за да ги убеди дека Он е вистински Бог и дека самиот доброволно се предава на маки и страдања. Меѓутоа Спасителот и на народот му претскажал за сето ова говорејќи: „како што Јона бил три дена и три ноќи во стомакот на китот, така ќе биде и Синот човечки во срцето на земјата три дена и три ноќи“ (Мат. 12, 14)

-”Ете, одиме горе во Ерусалим и Човечкиот Син ќе биде предаден на главните свештеници и на книжниците и ќе Го осудат на смрт, и ќе Го предадат на многубошците. И ќе Го исмеат, ќе Го плукаат, ќе Го бичуваат и ќе Го убијат, а Тој по три дни ќе воскресне.”

Ова пророштво се исполнило кога првосвештениците, старешините и целиот синедрион одговарајќи рече: заслужи смрт(Мат. 26, 65-66) и потоа Го предадоа на многубошците, т.е. на Понтиј Пилат и на неговите војници кои Му плукаа во лице и го биеја, а еден и Му удираше шлаканици, потоа Го соблекоа и Му облекоа црвена наметка (место царска наметка) и откако исплетоа венец од трња, го ставија на Неговбата глава (место царска круна) и Му дадоа трска во десната рака (место жезал) и клекнаа на колена пред Него и Му се исмеваа говорејќи: здраво царе Јудејски! И откако Го исплукаа, му ја земаа трската и почнаа да Го удираат по главата… и Го распнаа меѓу двајца разбојници. Но, после три дена ангелот на гробот им рече на мироносиците: не се бојте зошто знам дека Исус распнатиот Го барате. Не е тука зошто стана како што кажа. Одете да го видите местото каде лежеше Господ.

Кога Господ Спасителот на учениците им ги претскажувал тажните настани кои требале да се случат, потоа Он ги тешел со своето претскажување за своето воскресение. Но учениците ова последното не го разбирале зошто до тогаш не слушнале, ниту виделе дека некој самиот се воскреснува. Гледајќи ги човечките дела на Исус Христос, учениците верувале во Неговите страдања и Го жалеле, но кога се присетувале на Неговите боженствени дела, тогаш тие се сомневале дека Он ќе страда, па затоа и ова Негово претскажување за последните денови на неговиот живот на земјата го сметале како и останатите параболи и затоа тие „ништо не разбраа од тоа што им говори“.

-„И Му пристапија Јаков и Јован, Зеведеевите синови, и Му рекоа: „Учителе, сакаме да ни сториш, што ќе побараме од Тебе.”Тој ги праша: „Што сакате да ви направам?”Тие пак Му рекоа: „Дај ни да седнеме еден оддесно, а еден одлево, до Тебе во Твојата слава!”

Според Матеј ова првенство Заведеевите синови го барале од Спасителот преку нивната мајка, а според Марко-сами. Ова привидно несогласување се израмнува со тоа што учениците несмеејќи со вакво прашање да се обаратат на Спасителот, ја замолиле мајката таа да Го праша за нив. Но евангелистот Марко, кој насекаде се одликува со пократки описи, не ја спомнува мајката за да биде пократок и бидејќи знаел дека оваа желба била на Јаков и Јован и нивната мајка зборувала она што синовите и кажале да говори. Причина за ова прашање било тоа што Спасителот на своите ученици им ветил дека тие, кога Синот човечки ќе седне на престолот на Својата слава, ќе седнат на дванаесет престоли и ќе судат на дванаесетте израелски колена (Мат. 19, 28) и како што и Лука (Лук. 19, 11) сведочи, сите мислеле дека Христовото царство ќе биде земско. Но, колку горко спомнување на ова славољубиво барање го почувствува ученикот Јован кога стоејќи под крстот на Спасителот ги виде двајцата распнати разбојници од левата и десната страна на јудејскиот цар.

- „А Исус им рече: „Не знаете што барате! Можете ли да ја пиете чашата што Јас ја пијам или да се крстите со крштавањето со кое Јас се крштавам?”

Спасителот им вели дека тие не знаат што бараат зошто тие во ова царство очекувале одмор и уживање разбирајќи дека сето тоа се донесува на некакво земско царство. Тука зборот „чаша“ го означува страдањето, а зборот „крштевање“ – смртта на Спасителот. Но со овие зборови Христос кажа и тоа дека кој нема да биде учесник во неговите страдања, т.е. кој нема да го живее Неговиот живот, тој не може да биде учесник во Неговото царство, т.е. вечното блаженство.

-„Тие Му одговорија: „Можеме!” Но Исус им рече: „Ќе ја пиете чашата што Јас ја пијам и ќе бидете крстени со крштавањето со кое Јас се крштавам; но да се седне оддесно или одлево до Мене, тоа не го давам Јас, а ќе им се даде на оние, за кои е приготвено.”

Силно сакајќи да им се исполни тоа што го бараа, учениците се ветуваат иако не го разбираат прашањето на Спасителот. Но вистина е дека и Христовиот одговор се исполнил врз нив, зошто Јаков ја испил чашата на тешки страдања и се крстил со крштевањето на крвта за Христа со тоа што во она време царот Ирод ја подигна својата рака да мачи некои од црквата и со меч го погуби Јакова, братот на Јован (Дел. Ап. 12, 1-2), а и Јован својот живот го поминал во маки и тешки страдања (Откр. 1, 9). Меѓутоа Спасителот не им ги ветува бараните места и им вели дека истите не може да им ги даде, но не заради тоа што Он не може да ги награди како свои следбеници, зошто тоа би било противно на јасната наука на Светото Писмо (Мат. 25, 31-40; Јов. 5, 22-30), ниту тука Себе се изнесува како понизок од Отецот, како што мислеле Аријанците, зошто на друго место рекол: „Јас и Отецот едно сме“ (Јов. 10, 30). Туку тука говори како човек, а како Бог ќе им каже на праведните на страшниот суд: „промете го царството кое ви е подготвено од постоењето на светот“ (Мат. 25, 34).

- „А Десетмината кога чуја,почнаа да негодуваат против Јакова и Јована.“

Навистина оваа појава тука изгледа чудна зошто се гледа неразбирање, славољубие и негодување меѓу Апостолите, тие „избрани садови“ кои Бог ги издвоил од целиот свет (Јов. 15, 19). Но тоа не треба никого да го зачуди зошто и Апостолите биле луѓе, прости рибари и неписмени (Дел. Ап. 4, 13), па сепак Бог нив ги одбрал за проповедници на Евангелието (1Кор. 1, 29). Значи во тоа време Апостолите биле такви, но по Христовото воскресение и кога Спасителот им го отворил умот да го разбираат Светото Писмо (Лук. 14, 45) и кога Светиот Дух се симнал врз нив на педесетиот ден , тогаш тие почнаа да говорат на разни јазици, да пророкуваат и исполнувајќи се со Божјата благодат, станаа премудри и совршени, исполнети со доблести. И Спасителот Исус Христос знаејќи дека Јаков и Јован првенство за тоа, за да бидат постари од останатите ученици, ја одбива таа нивна намера како идолопоклоничка и потоа учи како во христијанството се добива првенство.

-„Но Исус ги повика при Себе и им рече: „Знаете дека оние, кои се сметаат за владетели на народите – господарат над нив; и дека нивните големци имаат власт над нив. Но меѓу вас не е така; а кој сака да биде голем меѓу вас нека ви биде слуга! А кој сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде слуга на сите, зашто и Човечкиот Син не дојде да Му служат, туку да служи и да ја даде Својата душа за откуп на мнозина!”

Во христијанството првенството се добива преку понизност, послушност и пожртвуваност и за тоа Спасителот Себе си се наведува како пример.

БЕСЕДА ВО ПЕТТА НЕДЕЛА НА ВЕЛИКИОТ ПОСТ

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух

Советот кој Господ во денешното Евангелие го даде на своите ученици ја имаа таа цел да ги научи на понизност и за пример не ја наведува само Својата понизност, туку и Својата неограничена љубов кон нас и затоа кажува: „ И Човечкиот Син не дојде да Му служат, туку да служи и да ја даде Својата душа за откуп на мнозина!” Понизноста е неразделна од љубовта кон ближниот, зошто кога гледаме како Царот над царевите, Творецот на небото и земјата, семоќниот Бог, на Кого ангелите се поклонуваат, им служи на луѓето и им ги мие нозете на своите служители, тогаш зарем можеме да имаме појасен пример за понизност? Дали може да имаме посилен и појасен пример за понизност? И може ли нешто повеќе од овој пример да не убеди дека треба да избегнуваме гордост и да се одликуваме со понизност?

Кога Јован и Јаков, како што видовме од денешното Евангелие, побарале од Спасителот првенство и старешинство, тие со тоа покажале и знаци на гордост, а кога останатите десет Апостоли се налутиле на ваквото нивно барање, тие со своето лутење и негодување покажале знаци на завист, а зависта е недостаток на љубов и заради тоа Спасителот во науката на понизноста ја споил и науката за љубовта, за не само двајцата браќа, туку и останатите Апостоли да ги поучи.

Но зборовите на Спасителот не се однесуваат само на поправање на Неговите ученици, туку на сите христијани кои сакаат да се спасат. Заради тоа и Господ во својата наука спои два примера: за понизноста и љубовта, за целиот свет да го научи дека овие две доблести се неразделни како сонцето од светлината и огнот од топлината, како телото од тежината.

Љубовта кон Бога го опфаќа целиот човек, зошто сме должни да Го љубиме Бога со сето свое срце, сета сила и сета помисла, а за љубовта кон ближниот, Бог ја одредил мерката еднаквост, зошто ни вели да го љубиме ближниот како самите себе. Љубовта кон ближниот е споена со понизноста зошто ако во човечкото срце ја снема љубовта, веднаш во човековата памет ја снемува и понизноста, а каде нема понизност, тука нема ни љубов.

Кога по Божја заповед го љубиме ближниот, сето она што го работиме за себе сакаме да го направиме и за нашиот ближен Исто така кога ближните ги сакаме како себе, тогаш е невозможно да посакаме од ближниот да го превземеме првенството, заради наша чест да го посакаме неговото понижување. А кога бараме првенство над ближниот, кога се лутиме на оној кој тоа не ни го дава, кога негодуваме против оној кој не сака да ни се клања и кога сакаме другите да мислат дека ние сме повредни од нив, тогаш ние не ги љубиме ближните околу себе, туку себе се љубиме повеќе од ближните. Кога во нашето срце нема доволно љубов кон ближниот, тогаш и во нашиот разум нема понизност.

Понизниот човек ako e и благороден и ако е богат или на висока положба и ако другите ги надминува во мудрост и по се друго, тој сепак никогаш не заборава дека е земја и прав, како и останатите луѓе, и не само што не бара првенство, туку секогаш другите ги почестува како свои ближни, ги љуби како самиот себе и од се срце им го сака она што и самиот себе си го посакува. Но кога со човекот завладее гордоста, тогаш тој многу слабо помислува дека на секого смртта на праг и дека после смртта се земско поминува како сон.

Заради тоа да се угледаме на нашиот Господ и Спасител, зошто Он иако можел да ја изнесе за пример својата величенствена и боженствена карактеристика, но Он покажа само понизност, говорејќи: „Научете се од Мене, зошто Јас сум кроток и смирен во срцето“ (Мат. 11, 29). И навистина Он го зема обликот на своето создание и станува човек! Он како дете плаче во витлеемските јасли; Он како пријател пролева солзи на гробот на Лазар; Он како страдалник го оплакува Ерусалим; како уморен и жеден седи покрај самарјанскиот извор и како поспан спие во коработ! Он, исполнет со милосрдие се дружи со грешници; Он, најсветиот, застанува пред суд како виновник и како злосторник се распнува на крст меѓу разбојници и на крај умира и е закопан како да е смртник! Оваа неизмерна понизност на нашиот небесен учител произлезе од љубовта Негова и таа вистина ја посведочува самиот Бог кога вели дека светот толку му се смилил што и Својот Син Единороден Го даде за секој кој верува во Него да не погине, туку да има вечен живот (Јов. 3, 16) и оваа љубов Спасителот најмногу ја посведочи кога Себе се предаде на смрт за спасение на светот (Дел. Ап. 10, 38), зошто и самиот кажа дека кога некој својата душа ја положи за пријателите свои, тогаш од таа љубов никој нема поголема (Јов. 15, 13).

Од сето ова јасно се гледа дека многу е тесна врската меѓу љубовта и понизноста, зошто колку е поголема љубовта, толку е поголема и понизноста и нема љубов без понизност и понизност без љубов.

Кога љубовта и понизноста секогаш би се наоѓале во срцата на сите луѓе, тогаш не би имало омраза, ниту озборувања, не би имало лаги ниту лукавства, тиранија, кражби и убиства. Тогаш луѓето со радост би ги слушале своите старешини и би им се покорувале, а старешините и властите воопшто би се грижеле за луѓето како добри родители кон своите деца. Тогаш во градовите и селата би имало мир, во општеството би имало искреност, во продавниците правда, а во црквите побожност – да, тогаш земјата би била како рај, светот би бил како небото, а луѓето би биле ангели на земјата!

Но, кој од нас не сака ваква состојба? Но сето ова зависи од нас зошто секој човек може да има доволно љубов и понизност и угледувајќи се на нашиот Господ и Спасител, да го поддржуваме Неговиот живот и да ја слушаме Неговата наука и само така ќе бидеме далеку од гордоста како најголем грев и на земјата ќе бидеме блажени и благословени, а на небото спасени и меѓу избраните во век и векови. Амин.

ШЕСТА НЕДЕЛА ОД ВЕЛИГДЕНСКИОТ ПОСТ – ЦВЕТНИЦИ

Јован, зач.41, гл. 12 ст. 1-18

Денешното Евангелие зборува за вечерта во Витанија и за свеченото влегување на Спасителот во Ерусалим.

-„На шест дни пред Пасхата, Исус дојде во Витанија, каде беше Лазар, кого го воскресна од мртвите. Таму Му приготвија вечера, и Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние кои со Него седеа покрај трпезата.“

Кога Спасителот го воскреснал Лазар во Витанија, тргнал на пат и дошол во градче кое се викало Ефраим, а шест дена пред Јудејската Пасха повторно дошол во Витанија, каде бил и Лазар кого го воскреснал од мртвите и тука во куќата на лепрозниот Симон Му спремале вечера, при која служела Марта, а Лазар бил меѓу останатите гости. Јудејската Пасха почнувала во петок навечер и затоа доаѓањето на Христос во Витанија, на шест дена пред Пасхата, паѓа во сабота пред спомнатата Пасха.

-„Тогаш Марија зеде литар миро, од чист и скапоцен нард, ги помаза Исусовите нозе и Му ги избриша нозете со својата коса; и куќата се наполни со мирис од мирото.“

Нард е дрво кое расте во источна Индија. Од неговиот корен се добива мирислив сок, како и од кората и плодот. Чистиот мирис од нард особено е скап, па затоа евангелистот вели дека е скапоцен. Марија не ги избришала нозете на Сасителот со крпа, туку со косата и со тоа покажала особена и извонредна почест и величина на вера кон Спасителот.

-„А Јуда Искариотски, еден од Неговите ученици, кој сакаше да Го предаде, рече: ”Зошто мирово не е продадено за триста динарии, за да бидат раздадени на сиромасите?” Тоа не го рече дека се грижеше за бедните, туку зашто беше крадец; кај него беше ковчежето и земаше од она, што пуштаа во него.

Матеј вели: „А кога го видоа тоа Неговите ученици се налутија (26, 8), а Марко вели: „А некои се налутија ….и викаа по неа –Марија- (14, 4-5). Меѓутоа Јован вели дека Јуда негодувал заради скапоценото миро за кое можело да се земе убави пари. Ова привидно несогласување меѓу Евангелистите се израмнува со тоа што сите тројца се во право, зошто кога учениците слушнале дека на Исус Христос милостињата Му е помила од жртвата, сега се лутеле на Марија мислејќи дека таа истурајќи го мирото, на Спасителот не Му направила според Неговата волја. Од тој пример некои од присутните негодувале против оваа постапка на Марија велејќи дека мирото можело да се продаде за 300 динарии и дека таа сума можела да се раздели на сиромашните. Но, Јуда повторно негодувал, не затоа што се грижел за сиромашните, туку затоа што бил крадец и спомнатата сума можела да биде во касата која тој ја носел и чувал и со тие пари можел да постапи според својата лоша навика. Евангелистот Јован го нарекува Јуда Искариотски затоа што бил од градот Кариота, кој се наоѓал во племето Јудино. Лука го нарекува Јуда Зилот (грчки: зидотис)=ревнител затоа што претходно му припаѓал на мала јудејска секта на ревнители кои многу биле верни на Мојсеевиот закон. Јуда се нарекува уште и кананит, но не затоа што бил од Кана Галилејска, туку затоа што бил особен ревнител на Мојсеевиот закон бидејќи и еврејскиот збор канани-значи ревнител.

Но, тука мораме да обрнеме внимание и на големата разлика која постои меѓу благодарната Марија и незадоволниот Јуда, зошто додека таа купува посебно миро за 300 динарии со него на Спасителот да Му одаде особена чест, Јуда го предава својот Учител за 30 сребреници! Додека Марија носела сад со скапоцено миро, тој носел ковчеже со пари – каса – во која и неговото срце било затворено, додека постапката на Марија целата куќа ја исполнила со миризбата. Јудината предавничка постапка целата вселена ја исполнил со негодување и одвратност.

-„А Исус рече:остави ја, зошто таа го сочувала тоа за денот на моето погребување, зошто сиромашните ги имате секогаш со себе, а Мене ме немате секогаш.“

Евангелистот Јуда тука го упатува одговорот на Спасителот само кон Јуда, а го премолчел кон останатите, зошто за нив Матеј и Марко веќе опишале напишале. Со својот одговор Господ сведочи дека постапката на Марија била според Божјата волја заради Неговата скорешна смрт. И тука смислата на зборовите на Спасителот, кои ги кажал при второто помазување од страна на друга жена: дека таа однапред го помазала Неговото тело пред закоп. И така, Богочовекот, оправдувајќи ја постапката на Марија и сведочејќи ја нејзината доблест како и тоа дека таа го сторила тоа по Божје упаство – благодат – во исто време ја открива и наградата со која Марија за ова свое дело ќе биде наградена, зошто вели: „Вистина ви велам: каде ќе се проповеда ова Евангелие по целиот свет ќе се каже и ова како спомен за неа“, а вистината на овие Христови зборови сите ние можеме да ги посведочиме.  Последните зборови на Спасителот кон Јуда прикриено ја покажуваат Неговата скорешна смрт, зошто Господ вистина секогаш ќе биде со своите верници, но бидејќи помазувањето со миро се однесува на телото, а Спасителот со тело нема уште долго да биде на земјата, затоа и почеста која оваа жена Му ја укажала е соодветна. После ова, евангелистот Јован преоѓа на друг предмет, зошто вели:

-„Многу Јудејци научија дека е таму, па дојдоа не само заради Исуса, туку да го видат и Лазара, кого го воскресна од мртвите. Главните свештеници пак одлучија да го убијат и Лазара, зашто многу Јудејци заминуваа заради него и веруваа во Исуса.“

Лазаревото вокресение било разгласено насекаде и Јудејците, доаѓајќи во ерусалимскиот храм, поминуваа преку Витанија за да ја слушнат науката на Спасителот, но и да го видат воскреснатиот Лазар. Заради тоа архиереите и фарисеите сакале да го убијат и Лазара. Вистина, тие тоа одамна го намеравале со Исус Христос, зошто, како што велеле, ја нарушувал Саботата, се прави дека бил рамен на Бога и многумина веруваат во Него и Го признаваат за Месија и Бог. Но зошто да го убијат и Лазара? Затоа што воскреснал од мртвите? Но, тоа не е никаков престап. Значи, јасно се гледа дека архиереите и фарисеите за своите зли намери како причина ја имале само својата злоба и завист. Заради тоа завидувале не само на Добротворот, туку и на оние на кои Он им направил добро, па затоа и на слепиот од раѓање, на кого Христос му дал вид, го истерале надвор, и затоа намеравале Лазара да го убијат и затоа пророкот за ваквите завидници вели: дека нивните раце се полни со крв.

-„На другиот ден, множество народ, што беше дошол на празникот, кога чу дека Исус доаѓа во Ерусалим, зеде палмини гранки и Му излезе во пресрет и викаше: „Осана! Благословен Кој доаѓа во Господовото име, Израелевиот Цар!”

Зборот: „Осана“ значи: спаси не Господи, или како што Му пееме: Господи помилуј.  Јудејците само на Бога му се обраќале со Осана, како на Еден кој може да спаси. И така, народот поздравувајќи Го Спасителот со Осана, дал јасен доказ дека Го признава за Месија, Спасител, зошто останатите зборови значат: нека е благословен кој доаѓа од Господа, во славата Господова, во редот на царевите. Сето ова се случило бидејќи многу народ се собрал во Ерусалим за тука да ја поминат Пасхата, зошто законот наредувал тој празник да се оддржува само во Ерусалим и како што Витанија не е далеку од Ерусалим, а сите разбрале дека Исус го воскреснал и Лазара, а мислејќи дека Он доаѓа во Ерусалим да седне на Давидовиот престол за да царува над Израелевиот народ, тие Му излегле во пресрет со таков поздрав. Но, нивниот поздрав – и делата и зборовите – бил по Божје упатство и е сведоштво за Божеството на Спасителот. Палмините гранчиња означувале победа, а и Христос е победител на демоните и смртта, и еврејското Осана значи спаси ме, меѓутоа само Бог може да спасува.

-„А Исус најде осле, и седна на него, како што е напишано: ”Не бој се, Сионова Ќерко! Еве, твојот Цар иде, седејќи на осле.”

Спасителот испратил двајца ученици за да Му донесат магаре од Витфанија (значи: дом на смокви зошто таму се раѓале многу смокви). Кога учениците го довеле магарето, ги ставиле своите облеки врз него и тогаш Спасителот седнал врз него. Но, сето ова евангелистот Јован го премолчел бидејќи другите евангелисти опширно го опишале. Исто така и Захариното пророштво Јован го скусува земајќи ја од него само смислата, а целото пророштво е вака: „Радувај се многу, ќерко Сионска, ликувај ќерко Ерусалимска; еве царот твој оди кон тебе, праведен е и спасува, кроток е и јава на осле“. На местото на: радувај се, Јован вели: не бој се, зошто кога новиот цар доаѓа на престолот, народот се боел сеќавајќи се на злото на претходните цареви кои обично биле неправедни и користољубиви, а царот за кого пророкот претскажува ќе биде кроток и смирен кој спасува. – Магарето на кое Спасителот јавал го претставува новиот христијански свет различен од оној на идолопоклониците, зошто како што ослето, на кое јавал Спасителот, не знаел за товар, така и идолопоклониците до стапувањето во христијанството не знаеле за никаков товар на вистински божествен закон. Меѓутоа магарицата која одела со своето осле, го претставува јудејскиот народ кој веќе бил под товарот на законот, како што и магарицата знаела за самарот и товарот.

-„Неговите ученици не го разбраа тоа отпрвин, но кога Исус се прослави, тогаш се сетија, дека тоа беше напишано за Него, и дека тоа Му Го сторија.“

Ова пророштво на Захариј учениците го разбрале дека се однесува на Христос дури откако Он воскреснал од мртвите и кога им го отворил умот да го разберат Светото Писмо кога после вознесението на небото им го испратил Светиот Дух.

-„А народот, кој беше со Него, сведочеше дека Тој го повика Лазара од гробот и го воскресна од мртвите. Заради тоа народот и Му излезе во пресрет, зашто чуја дека Тој го направи тоа чудо.“

Народот кој бил со Спасителот во Витанија, го видел Лазар и така се уверил дека Христос навистина го воскреснал од мртвите и сведочел за тоа и во Ерусалим, каде дошле многумина следејќи го Исуса, додека други пак, кога слушнале за ова чуда, Му излегле во пресрет со палмини гранчиња.

 

 

БЕСЕДА ВО ШЕСТА НЕДЕЛА ОД ВЕЛИГДЕНСКИОТ ПОСТ (ЦВЕТНИЦИ)

„Осана, нека е благословен кој доаѓа во името Господово“(Јн. 12, 13)

Денеска го славиме општиот Христијански празник Цветници кој се однесува на целото христијанство и неговото спасение од општиот грев, целото човештво долго и тешко страдало од оковите на првородниот грев. Но, нека е слава на Бога во висините! Светот е спасен од тешките окови на првородниот грев.

Спасителот, Кој цел свет го спасил од оковите на гревот е Спасение на вселената, Исус Христос, Син Божји и Бог, Кој кога тргнува да изврши дело за спасението на човештвото, народот Го дочекал во Ерусалим пеејќи Му божествена песна: Осана, нека е благословен кој доаѓа во името Господово.

Од царското Христово влегување во Ерусалим до Откупителот на човечкиот род од ропството на гревот поминало шест дена и во тие денови треба живо да се сеќаваме што Спасителот доброволно претрпел и колку страдал и сеќавајќи се што Синот Божји заради нашето спасение поднел, треба да се сетиме што ние Нему за тоа Му должиме и како благодарни синови со таква спремност и со толкава пожртвуваност да се оддолжиме за бескрајното жртвување со кое Спасителот не задолжил. И ете, ние сме задолжени како што Бог може да задолжи, а ние долгуваме само онолку колку што луѓето може да вратат! Од нас се бараат само две работи: Бога да го љубивме со сето свое срце, сета душа и со сета сила и помисла; значи потполно совршено, а тоа лесно можеме да го постигнеме ако точно ги исполнуваме само Неговите свети заповеди, ако точно ја вршиме светата Божја волја; и второ: ако го љубиме ближниот како самите себеси, а и тоа лесно можеме да го постигнеме ако само на ниту еден брат не му го посакаме она што не сакаме и нам другите да ни го посакаат.

Од падот на нашите прародители Адам и Ева, целиот побожен свет 5000 години  Го чекал својот Спасител и Избавител. Животот на целото човештво од 5000 години историјата го забележила како мачен и сиромашен живот зошто и најголемите мудреци се поклонувале на мртви идоли, а не го знаеле патот, а ни начинот луѓето да ги избават од злото и расипаноста! Историјата го забележала тој живот како наизменично политичко ропство и како постојано духовно ропство зошто старите народи наизменично робувале еден на друг, а сите заедно биле робови на своите тешки страсти!

После царското влегување на Спасителот во Ерусалим настапило време на најголемото жртвување за спасение на човечкиот род. Но, после ова жртвување паднаа незнабожечките идоли, а беше подигнат престолот на живиот Бог на вистината, мудроста и правдата. Проповедана е науката за братство и еднаквост, слобода и љубов меѓу луѓето која е осветлена со светлината на вистинското знаење за Бога и човекот, за земскиот и задгробниот живот.

Затоа нека е слава на Бога во висините, да бидеме благодарни на Бога за Неговата Божествена милост со која не удостои. Да му принесеме на преблагиот Бог топли молитви за нас и за нашето спасение. Амин.

НЕДЕЛИ ПО ВОСКРЕСЕНИЕТО ХРИСТОВО

ТОМИНА НЕДЕЛА

Јован, гл. 20 ст. 19-31

Целата 20-та глава на Јован се од Јудејците. За ова раскажуваат и останатите евангелисти: Матеј, Мавото Евангелие говори за Христовото воскресение и за тоа како Он им се јавил на учениците кога собрани во една затворена куќа седеле плашејќи рко и Лука.

-„А вечерта, на истиот прв ден на седмицата, додека вратата, каде беа собрани учениците, беше затворена поради страв од Јудејците, Исус дојде, застана насреде и им рече: Мир вам!“

Поради тоа што Јудејците и после распнувањето на Спасителот на крстот имале намера да ги гонат Неговите ученици, тие само навечер се собирале, па затоа и Спасителот им се јавил навечер кога сите биле собрани. Но, освен тоа постои и друга тајна причина за ова. Целото човештво пред Христовото воскресение лежело во мрак од гревови и седело во сенката на смртта, па затоа и Давид, прорекувајќи за светлината која ќе го осветли човештвото, вели: „Во темнината сјае светлината на праведниците, а Исаија вели: „Народот кој оди во темнина ќе види светлина голема и на оние кои седат во земја каде има смртна сенка, ќе им засветли светлина“, и понатаму: Тогаш ќе засвети во теминината твојата светлина“. Захариј вели: „со кое ќе не посети Исток од висините за да ги осветли оние кои седат во темнина и во смртна сенка“ (Лука, 1, 78).По овие пророштва и Христос воскресна ноќе и на своите ученици им се јави во почетокот на ноќта за да ги исполни сосема точно сите прорштва, дека се јавил на оние кои седеле во темнината на гревот и ноќта на незнаењето.

Спасителот им дошол на учениците преку затворена врата, прво: за да не ги уплаши и второ: за да го видат и тоа чудо и да поверуваат дека воскреснал од мртвите. Но како Господ во човечко тело можел да влезе во куќата на која и била затворена вратата? Исто онака како што се зачнал и Богомајката и по раѓањето останала девица; како што одејќи по морето не потонал во водата, како што мртвите ги подигал од гробовите- како што и толку други чуда направил и се со помош на својата божествена семоќ.

Застанал Господ на средина за да може сите да го видат и да се уверат дека сите подеднакво ги сака, за сите мисли и на сите им посакува спасение, па им вели: Мир вам, зошто го постигнал тој мир доаѓајќи во светот, откако ја урнал оградата која ги разделувала луѓето, ги споил разделените и ги смирил со Бога, па затоа и Апостолот вели: „Он е наш мир“. И така, како што ангелите пееле кога дошол во светот: „Слава на висините на Бога, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“, и повторно кога од светот заминувал, рекол: „мирот Мој ви го оставам“, така и кога мртвите ги воскреснувал, рекол: „мир вам“.

-„Откако го рече тоа им ги покажа рацете и ребрата, и учениците се зарадуваа кога Го видоа Господа.“

Лука уште додава дека во оваа пригода учениците се изненадиле, се уплашиле мислејќи дека гледаат сениште, а исто така се уплашиле кога Спасителот одел по вода и им приоѓал. Но, кога ги виделе Неговите раце и ребра тие се повратиле и стравот се претворил во голема радост. Толку голема радост била и природна последица зошто учениците после Христовата смрт, после се што се случило со Учителот, многу се плашеле дека по завршувањето на празникот Пасха, Христовите гонители и нив ќе ги гонат и мачат. Значи, кога го виделе својот драг Учител како утешител и победник и тоа не само на телото, туку и над смртта, тогаш природно многу се израдувале.

Спасителот им ги покажал на учениците своите раце за на нив да ги видат дупките од клинците и ребрата за да го видат местото кое било прободено со копје и така сосема се увериле дека Он навистина воскреснал. Освен тоа, им ги покажал рацете како орудие за создавање и ребрата како извор на спасение. Како да сакал да им каже дека со тие раце бил создаден човекот, а од тие ребра потекла крв и вода кои се спасоносен лек за човештвото. Адам ги подигнал рацете и го земал плодот од забранетото дрво, а рацете на Спасителот се подигнати на крсното дрво на осуда. Од Адамовото ребро е создадена жената која змијата ја прелажа и таа згреши, а прободените раце и ребрата на Спасителот го израмниле овој грев, па затоа и учениците се израдувале, а тоа Спасителот им го претскажал велејќи им: „така и вие сега имате тага и Јас повторно ќе ве видам и ќе се радува вашето срце и вашата радост никој нема да ви ја земе“.

-„Тогаш Исус пак им рече:Мир вам! Како што Ме прати Отецот и Јас вас ве праќам“.

Спасителот пред своето страдање им дал на своите ученици мир велејќи им: Мојот мир ви го оставам, Мојот мир ви го давам“, а тоа истото го прави и после воскресението и тоа двапати. Ова Господ го прави затоа што човекот се состои од душа и тело, па затоа дава мир и на душата и на телото.Освен тоа човекот може да биде во мир со другите луѓе, но не и со самиот себе, со своите страсти. Господ го умножил предавањето на мирот за сите кои веруваат да бидат во мир и со другите луѓе и со својата душа и тело.

И кога Господ своите ученици со оружјето на мирот ги наоружал, тогаш ги испратил во светот како што и Него Го испратил Отецот заради спасение на светот. Од ова лесно можеме да се увериме дека апостолскиот повик е славен и божествен-зошто како што Отецот Го испратил Синот во светот заради спасение на човечкиот род, така и Синот сега заради истата цел ги испраќа своите ученици.Но како Отецот Го испратил Синот?„Во секоја власт и сила“, а така се испратени и богоносните Апостоли. Отецот Го испрати Синот „да јавува добри гласови на кротките, да ги лечи ранетите во срцето, да им огласи на заробениците слобода и на затворениците ќе им се отвори темницата. Да огласи година на милост Господова и ден осветен од нашиот Бог, да ги утеши сите нажалени“, а Синот ги испраќа своите Апостоли да го проповедаат Евангелието на спасението, светот да го вратат од заблудата во вистината и да им се простуваат на луѓето гревовите. Но бидејќи само силата на Светиот Дух може да разврзува од гревови, затоа:

-„Кога им го кажа ова, дувна во нив и им рече: ‘Примете Свети Дух. На кои ќе им ги простите гревовите – простени им се; на кои ќе им ги задржите – задржани им се.“

Овде Господ благодатта и силата на Светиот Дух ги нарекува Свет дух, како што и на друго место вели:„Зборовите кои ви ги говорам се Дух“, т.е. имаат благодат и духовна сила. Сега Апостолите добиле сила и власт на простување и непростување на гревовите на луѓето. Оваа власт Спасителот прво му ја дал на Петар кога му рекол: „Ти ги давам клучевите од царството небесно“, и т.н., а потоа таа иста власт им ја дал и на останатите Апостоли. Спасителот оваа власт им ја дал на Апостолите дувнувајќи им во лице, зошто како што на тој начин првиот човек станал жив, така и сега тоа е доказ дека Христовото воскресение е почеток на ново создавање и дека неговиот здив после воскресението е симбол на новиот живот и сигурност за идното блаженство. Ова дување на Спасителот е симболично и ја претставува енергијата на Светиот Дух која на мртвите заради гревовите им вдишува нов живот, но исто така тоа значи и спремање на Апостолите вистински да Го примат Светиот Дух на денот на Педесетницата.

-„А Тома, наречен близнак, еден од Дванаесетте, не беше со нив кога дојде Исус.“

Тома е халдејско име од еврејскиот збор „теом“ што значи роден, а на грчки се преведува со „дидим“-близнак. Тома не бил заедно со останатите ученици, за потоа да послужи за уште посилен доказ на Христовото воскресение, а бидејќи во времето на Христовите страдања сите ученици од страв се разбегале, Тома постојано бил на местото каде се сокрил од Јудејците гонители. Не треба да се мисли дека Тома не ја добил власта од Господа за простување и непростување на гревовите затоа што не бил со останатите ученици кога Спасителот им ја предал таа власт, зошто како што Елдад и Мадад се исполниле со пророчка благодат иако не биле во Скинијата со останатите старци, сепак Мојсеј ги сместил во редот на оние 70 старци; така и на Тома му е дадена благодатта на Светиот Дух за простување и непростување на гревовите зошто него Спасителот го сместил во редот на 12-те Апостоли.

-„Затоа другите ученици Му рекоа: ‘Го видеовме Господа!‘ А тој им рече:‘Додека не ги видам раните од клинците на Неговите раце и не го ставам мојот прст во раните од клинците и не ја ставам мојата рака во Неговите ребра, нема да поверувам.“

Но зошто Тома, кој го видел воскресението на Јаировата ќерка, синот на вдовицата и четиридневниот Лазар, се сомнева во воскресението на Спасителот? Сигурно многу жалел што не бил со останатите ученици и да Го види Господ и затоа и сакал да види за да не остане понедостоен од останатите Апостоли. А сигурно е и дека сакал да Го види Господ и заради идните проповеди за да може да посведочи дека тој не само што слушнал, туку и Го видел и допрел воскреснатиот Господ. На крај ова барање на Тома лично да се увери ни служи и нам денес како силен доказ на Христовото воскресение. Значи Томиното неверување е лошо, но неговата цел е добра. Затоа и Господ, кој ги знае срцата и мислите на луѓето, на Тома му покажува и го уверува дека Он вистина воскреснал:

-„А по осум дни, Неговите ученици пак беа внатре и Тома со нив.Додека вратата беше затворена, Исус дојде, застана на средина и им рече: ‘Мир вам!“

Спасителот се јавил после 8 дена за и ова второ јавување да биде слично на она првото при кое Тома не бил присутен. И сега вратата е затворена и учениците собрани, Христос и сега застанува во средина и ги поздравува учениците со: мир вам-како и првиот пат, во Недела; а сето ова го тргнал секој сомнеж за Христовото воскресение.

-„Потоа му рече на Тома: ‘Испружи го твојот прст ваму и види ги Моите раце; и испружи ја твојата рака и стави ја во Моите ребра и не биди неверен-туку верен.“

Апостол Тома кога видел дека Исус Христ не само што стои во средина како и останатите ученици, туку и му дозволува да ги допре раните Негови и така да се увери дека Он навистина е неговиот Учител, тој веднаш поверувал и го исповедал божеството на својот Господ.

-„Тома одговори и Му рече: Мој Господ и мој Бог.“

Тома, кој се покажал спор во верувањето на Христовото воскресение, сега е брз во исповедувањето и признавањето, а Господ кој благоволил да се потруди и Тома да го увери во Своето воскресение, не ги заборава ни оние кои не Го виделе, ниту допреле, но поверувале во Неговото воскресение, па заради нив вели:

-„Исус му рече: ‘Поверува зошто ме виде. Блажени се оние кои не виделе, а поверуваа.“

Блажен е Тома, вели Господ, што го видел и поверувал, но уште се поблажени оние, вели Спасителот, кои нема да видат, но ќе поверуваат во Него. Во овие Христови зборови ја наоѓаме речиси целата суштина на верата која не се состои само во просто примање на настаните, туку бара примање и усвојување и на она што ги надминува човечките чувства, а за тоа сведочи и Апостол Павле кога вели: „Верата е постојано чекање на она на што се надеваме и докажување на она што не гледаме“.

-„И многу други чуда направи Исус пред учениците, кои не се запишани во книгава; а овие се запишани за да верувате дека Исус е Христос, Божји Син и верувајќи да имате живот во Негово име.“

Тука евангелистот не мисли само на чудата кои се однесуваат на воскресението, туку и на сите останати кои Спасителот ги направи и кои јасно докажуваат дека Он е Месијата, Синот Божји и второто Лице на Светата Троица, кој го откупил човечкиот род.

Целта на евангелистот Јован е да ни докаже 1) дека Исус е Месија, Син Божји и Бог и 2) дека со помош на верата во Него секој може да го наследи вечниот живот.

БЕСЕДА НА ТОМИНА НЕДЕЛА

„Верувај во Господ Христос па ќе се спасиш ти и целиот твој дом“(Дел.Ап. 16, 30)

Вака го учи Божјата наука секој оној кој сака да се спаси и вака треба да прави секој оној христијанин кој сака да го наследи вечното блаженство. Верата во Исус Христос има таква сила и последиците на таа вера се толку богати што на човекот му даваат неизмерна полза зошто верата во Господ Спасителот дава на верните бесмртност и вечно царство на небото. „Верувајте дека имате вечен живот“-вели Светото Писмо; а на друго место тоа вели: „Кој поверува и се крсти, тој ќе се спаси“. Но, истата наука Божја и на друго место учи вака: „Ќе дојде Синот човечки во славата на Отецот Свој со ангелите свои и тогаш ќе се обрати кон секого според делата негови и тогаш тие кои правеле добро ќе наследат вечен живот, а кои правеле лошо ќе одат во вечни маки“. И така ние од овие зборови на Светото Писмо гледаме дека тоа некаде кажува дека верата спасува, а некаде пак дека добрите дела спасуваат. Но затоа никој не треба да мисли дека Божјата наука не се сложува и дека противречи самата на себе зошто ниту само верата може да не спаси, ниту само добрите дела може да не одведат во вечното блаженство, туку верата со добрите дела заедно го спасуваат човекот.

Спасувачката вера можеме да ја поделиме на два дела. Првиот дел е кога со помош на умот го усвојуваме и веруваме во она во што верата не учи, но во исто време не правиме добри дела; но треба да се знае дека ваквата вера, дека само верувањето е мртво и дека човекот не може да се спаси. „Верата“ велиАпостол Јаков, “без добри дела е мртва“. А другиот дел е кога веруваме во она што верата не учи, во исто време правиме и добри дела која верата ни наложува да ги правиме. Тие добри дела ги објави Спасителот наш Господ Исус Христос велејќи: „гладниот треба да се нахрани, жедниот да се напои, голиот да се облече, странецот во својот дом да се покани, болниот и затворениот во темница да се посети“. И така оние зборови во Светото Писмо кои пред малку ги слушнавме треба да се разберат така што тие за човечкото спасение бараат од човекот во верата да има и добри дела бидејќи добрите дела и не се ништо друго туку вера применета во дела. Така Апостолот Павле, пофалувајќи ја верата на Авел, тој ги прославува и неговите добри дела заради кои Бог му ја примил жртвата, а фалејќи ја и Еноховата вера, тој ги прославува и неговите добри дела. Апостолот ја пофалува и Ноевата вера, но во исто време и неговото добро дело, што коработ го направил и толку животи спасил од потопот. Прославувајќи ја Аврамовата вера, Апостолот ја возвишува неговата послушност кон Бога како добро дело, а исто така славејќи ја верата на многу светители, тој ги прославува и нивните јуначки дела, нивните чудесни мачења кои како плод на својата вера издржале и со тоа на другите им дале пример за пожртвуваност. Тако Апостол Павле вели: „Жени примија свои воскреснати жртви, а други беа мачени и не се избавија, за да добијат подобро воскресение. Други доживеаја подигрувања и удари, а покрај тоа и окови и темница. Беа каменувани, со пила резани на две, на искушенија подложувани, умираа од меч, скитаа во овчи кожи и во козји кожи, во оскудност, во неволји, во лоши постапувања, оние за кои светот не беше достоен скитаа по пустините и по горите и по пештерите и по земните јами“. Од сето ова се гледа дека спасоносна е онаа вера која е со добри дела соединета, а верата без добри дела е мртва, како што телото без душата е мртво.

Затоа нека не се фали оној христијанин кој само верува, а не прави добри дела зошто каква е ползата од добрата вера кога делата се лоши – истото го прават и демоните. Каква е ползата за човекот ако верува во се што верата учи и редовно оди во црква, се крсти и прави метании, се моли на Бога и пали свеќи, а кога ќе излезе од црква тој лаже и својот ближен го озборува, се колне и сиромашните или ги презира или е рамнодушен кон нив или во секоја прилика гледа својот брат да го измами? Таквата вера не може да спасува зошто таквата вера Бог не ја прима. Спасителот кажа: „угледајте се на Мене зошто Јас сум кроток и смирен во срцето“, а на кого ние се угледуваме кога исполнети со гордост и пакост секој час на својот познаник, пријател или сосед му се лутиме и за најмала работа, па дури и на суд трчаме иако во молитвата „Отче наш“велиме: „Боже, прости ни ги долговите наши како што ние им ги простуваме на нашите должници“. Да се научиме и да запамтиме дека верата без добри дела не може да спасува зошто верата не потпомага во добри дела, а добрите дела даваат цена и важост на нашата вера.

Ние не го видовме Господ Исус Христос како Апостолите, ниту пак како Апостол Тома не ги допревме Неговите рани и ребра, ние слушајќи ја само Неговата наука веруваме дека Он е Син Божји, Бог и Спасител на светот. И Господ навистина кажал: „блажени се оние кои не виделе, но поверувале“, но дали сме ние достојни на тоа блаженство, дали тие зборови можат на нас да се применат, дали и ние сме блажени, дали веруваме со сета душа и сето срце иако не сме Го виделе Господ Спасителот. Ако веруваме цврсто и постојано и ако нашата вера е соединета со добри дела, тогаш навистина и ние сме од оние блажените кои не видоа, а поверуваа. Но за на тој побожен пат секогаш да останеме и постојано да напредуваме како во верата, така и во добрите дела, секогаш на ум да ја имаме поуката на Апостолот Божји кој вели: „браќа мои, се што е вистинито, се што е чисто, што е праведно, што е славно и ако има добродетел и доблест, во тоа напредувајте, па мирот Божји ќе ги сочува вашите срца и вашите мисли и Бог на мирот ќе биде со вас“. Амин.

ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО ВО НЕДЕЛА НА ЖЕНИТЕ МИРОНОСИЦИ

Марко, зач. 69, гл. 15 ст. 43 до гл. 16 ст. 9

Евангелието кое се чита во неделата на Мироносиците зборува: 1) како Јосиф добил дозвола од Пилат да го погреба Спасителот, 2) како го закопал и 3) како рано во Недела дошле жените мироносици да го помажат Христовото тело, но не го нашле зошто веќе Он воскреснал. За денешното Евангелие говорат и Матеј (27, 58-61), Лука (23, 50-56) и Јован (19, 38-42).

Положувањето на Спасителот во гроб и Неговото воскресение од мртвите го прорекле многу пророци, како и Јона. Големата риба – кит-која го проголтала Јона, ја претставува смртта, а утробата на китот го изобралила гробот, а длабочината на морето- симнувањето на Христос во адот. Јона после три дена излегол од утробата на китот и со тоа претскажал дека и Месијата, Исус Христос, после три дена ќе воскресе од мртвите. Оваа праслика Исус Христос и самиот на себе ја претставува кога вели: „Зошто како што Јона беше три дена и три ноќи во утробата на китот, така ќе биде и со синот човечки во срцето на земјата, три дена и три ноќи“.

-„Дојде Јосиф од Ариметеја, почитуван советник, кој и самиот го чекаше Божјото царство, се осмели и влезе при Пилата и го побара Исусовото тело.“

Јосиф бил таен Христов ученик и член на Синедрионот, т.е. највисокиот еврејски суд. Јосиф се разликувал од останатите членови на Синедрионот по тоа што имал особено влијание во општеството и што умеел да ползува со својата положба. Евангелистот Матеј спомнува дека Јосиф бил и богат, а е можно зошто и Исаија за Спасителот на едно место вели: „и му одредија гроб со злосторниците, но на смртта беше со богатите“, – Јосиф бил од Ариматеја, а ова градче во Стариот Завет се вика и Арматем, Сифа и Рама. Градчето се наоѓало северно од Ерусалим, на едено ридче. Во Ариматеја бил роден и пророкот Самуил, а во него и Саул бил помазан за цар. На Ариматеја се однесува и пророштвото на Еремија: „Гласот во Рама беше слушнат“ и т.н. Јосиф бил чесен, како што вели и Евангелистот, т.е. чесен и праведен член на Синедрионот, па затоа и царството Божје и доаѓањето на Месијата ги очекувал не само како вистински Авраамов потомок, туку и како Христов ученик кого сигурно Го сметал за ветениот Месија, зошто инаку не би се осудил од Пилат да бара тело на некој кој е распнат меѓу разбојници за да го погреба во богата гробница и тоа со сите почести.

-„А Пилат се зачуди дека веќе починал (Исус) и го повика стотникот и го праша дали починал одамна.“

Пилат се зачудил дека Спасителот умрел толку брзо – после три саати, зошто еден млад и здрав човек распнат на крст обично можел да издржи многу подолго. Значи Пилат се посомневал и затоа сакал и од стотникот да се увери и кога се уверил, веднаш дозволил Исус да се погреби зошто и самиот бил добро расположен кон „невиниот страдалник“ како што и самиот го нарекол. За часот на Христовото распетие се чини како евангелистите меѓу себе да не се согласуваат, зошто Јован вели дека бил шестиот час, Лука деветиот, а Марко третиот, меѓутоа сите тројца се во право зошто Пилат решил Исус Христос да се однесе на местото на распнувањето во три часот, во шест бил распнат, а во девет издивнал.

-„А што дозна од стотникот, му го даде на Јосифа мртвото тело. Тој купи ленено платно, Го симна, Го завитка во платното и Го положи во гроб кој беше издлабен во карпа и навали камен пред вратата на гробот.“

Овој дел Јован многу поопширно го опишува (19, 38).

-„А Марија Магдалена и Марија Јосиева гледаа каде е положен.“

Марија Магдалена е онаа од која Господ истерал седум бесови, а се нарекува и Магдалена затоа што била од селото Магдале. – Марија Јосиева според некои е Пресвета Дева Марија која Марко ја нерекува и Марија Јаковлина, зошто свршеникот Јосиф од првата жена имал два сина: Јосиј и Јаков. И така Пресвета Дева како што се нарекува и Јосифова жена заради свршувачката, така се нарекува и мајка на неговите деца. Се гледа дека Јосиј и Јаков биле добро познати и уважени во општеството кога и Престветата Дева била позната под нивните имиња, поради што и Марко и Матеј ја нарекуваат така. Други сметаат дека под името Марија Јосиева се мисли на сестрата на Света Богородица, која била жена Клеопова, зошто Јован вели: „И стоеја при Исусовиот крст мајка Му и сестрата на Неговата мајка, Марија Клеопина и Марија Магдалена“. Значи овие две Марии со уште неколку жени, зошто Лука вели: „А жените кои беа дојдени со Исуса од Галилеја“ го гледаа местото каде бил положен Господ, а потоа отишле да го спремат мирото за помажување.

-„И бидејќи помина саботата, Марија Магдалена и Марија Јаковова и Салома купија мириси за да дојдат и да го помажат Исуса.“

Салома била мајка на Заведеевите синови, Јован и Јаков, Христови Апостоли. Овие жени биле Христовите мироносици, а така се викаат затоа што носеле миро (миризливи масла) и според јудејскиот закон, да Го помажат телото на Спасителот. Нивното миро, според сведочењето на Јован, било од смирна и алој. Смирната е миризлива течност од некоја арапска билка, а алојот е миризливо дрвце од кое се правел прашок. Кога алојот со смирната се измешаат, тогаш со таа смеса се мачкало платното во кое мртвиот бил завиткан. Понекогаш со оваа миризлива смеса го каделе и гробот, но тогаш било потребно повеќе мирис. Но, како што кај Јован се спомнува, дека Никодим донел сто литри од овој мирис, тоа значи дека и гробот го каделе.

-„И многу рано, во првиот ден на седмицата, дојдоа на гробот кога изгреваше сонцето“.

Односно, во недела, при раѓањето на тој ден.

-„И си зборуваа меѓу себе: Кој ќе ни го одмести каменот од вратата на гробот? И кога погледнаа, видоа дека каменот е одместен, а беше многу голем.“

Евангелистот Матеј опишува и на кој начин каменот бил одместен, но од горниот текст се гледа дека миросносиците не знаеле за стражите и за запечатувањето на гробот, нешто што Пилат наредил по барање на фарисеите. Каменот бил одместен не за да може Христос да воскресне, туку за учениците да можат да влезат во гробот и да се уверат дека Господ воскреснал.

-„А кога влегоа во гробот, видоа младич во долна облека како седи оддесно и се уплашија.“

Мироносиците се уплашиле затоа што виделе ангел и го слушнале како им вели:

-„Но тој им рече: Не бојте се! Вие го барате распнатиот Исус Назареецот. Воскресна! Не е тука. Еве го местото каде што го положија.“

Да не си помислат мироносиците дека тоа е привидение, ангелот им го покажува и местото каде Господ лежел и од каде воскреснал. Но важно е што ангелот и после славното Христово воскресение не го премолчува Неговото понижување, туку го нарекува „Назареец„ и „распнат“.

-„Туку одете и кажете им на Неговите ученици и на Петра дека Он отиде пред вас во Галилеја: таму ќе го видите, како што ви рече.“

Сега мироносиците стануваат и весници на Христовото воскресение, а тоа што тука Петар особено се спомнува е затоа што тој претходно трипати се одрече од Спасителот. Ова е јасен доказ за особената благост и милосрдие кон покајаниот грешник зошто Петар веднаш по одрекувањето искрено се покајал и горко заплакал. Петровото трикратно одрекување Спасителот го поправил со трикратно поставеното прашање до Петар: Дали ме љубиш? Но Спасителот им се јавил на учениците во Ерусалим истиот ден кога воскреснал, а и после 8 дена. Тогаш зошто и Господ и ангелот им кажал дека ќе Го видат во Галилеја? Затоа што Неговото јавување во Галилеја е поважно и посвечено од сите останати. Таму им се јавил не во куќа и при затворена врата, туку на рид и јавно им кажал: „дадена ви е сета валст и на небото и на земјата“. Понатаму од Галилеја ги испратил учениците во свет за на секого го проповедаат Евангелието и од тогаш им се јавувал четириесет дена и им зборувал за Царството Божје. Меѓутоа во Ерусалим им се јавил за да ги развесели и да ги увери во своето воскресение.

-„А тие излегоа и побегнаа од гробот, зошто ги опфати трепет и страв и никому ништо не рекоа зошто се боеја.“

Мироносиците побрзале кон градот да им јават на учениците и на Петар за Христовото воскресение и на никого што сретнале по патот не рекле ништо зошто се плашеле од се што слушнале и виделе. Но кога дошле во градчето, им јавиле на сите единаесетмина Апостоли и останатите Христови ученици.

 

 

 

БЕСЕДА ВО НЕДЕЛАТА НА МИРОНОСИЦИТЕ

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух

Денешното Евангелие ни ги кажа сите околности околу погребувањето на Спасителот и воскресението. Слушнавме и за смелоста на Јосиф и видовме дека жените мироносици биле првите весници на Господовото воскресение. На ред е да видиме заради каква доблест овие личности се удостоиле за толку голема слава и чест?

Но, зарем на прв поглед не гледаме дека храброста и смелоста при ова дело била толку потребна што тие без нив не би можеле да се прослават. И навистина, храброста и смелоста се мајка на многу големи дела кои се прославуваат. Но, тука не станува збор за телесна храброст, туку за душевна која се нарекува и великодушност и со која се одликуваат и Јосиф и мироносиците. Речиси сите Јудејци биле против Исус Христос, а во тоа најмногу се истакнувале книжниците, фарисеите, архиереите на целиот Синедрион. Тие го сметале Господ како бунтовник и хулник заради што и го предале на смрт викајќи пред Пилата: „земи, земи, распни го„, а од истата омраза тие сакале и Христовите ученици да ги убијат. Заради тоа речиси сите ученици се разбегале и Го оставиле Учителот сам, Кого Го следеле само Јован и Петар. Но, Петар се одрекол од Господа трипати. И покрај се праведниот Јосиф, за да добие дозвола за да го погреба Спасителот, се јавува пред Пилат, каде секогаш имало многу Јудејци, а со тоа и себе се огласил како Христов ученик кој го сака својот учител. Исто така и се останато што Јосиф спремил за закоп била тешка рана за злобните Евреи и заради тоа можел да го предизвика Нивниот грев и освета против себе. Но смелоста која настанала од љубов кон учителот, победила се. И така Јосиф прави добрина на Оној кој го помилува целиот човечки род; дарувал гробница на Оној кој мртвите од гроб ги крева и Го погребал оној кој го погребал гревот на целиот свет!

Исто така и мироносиците се одликуваат со доблести. Жените се по природа слаби и плашливи и поради тоа често се плашат и таму каде на стравот и плашењето им нема место. Но жените мироносици ја надминуваат својата женска природа покажувајќи се похрабри и од мажите! Тие не се плашат од Јудејските прогони, ниту од самоволноста од римските војници! Нив не ги плаши мртовечка костурница. Учениците, како луѓе се плашат, а мироносиците, иако се жени, се слободни! Учениците бегаат, а тие доаѓаат, учениците се растураат, а тие се собираат; учениците се кријат, а тие одат на пазар, во продавници, купуваат мириси да го помажат учителот! И затоа тие не само што денес се прославуваат, туку ги виделе и светите ангели и со нив разговарале; тие се првите кои слушнаа за Христовото воскресение и први го виделе воскресението на Господа, а исто така се и првите весници на Неговото воскресение.

Сето ова не уверува дека душевната храброст создава многу доблести, додека напротив, душевното плашење и малодушноста воопшто многу пречи во остварување на големи дела и на доблестите воопшто. Заради тоа и Мојсеј му кажува на својот наследник Исус Навин: „биди слободен и храбар“. Давид, на својот син Соломон, му вели: „биди слободен и храбар и работи; не се бој и не се плаши“. Исто така и Спасителот на учениците им препорачува велејќи им: „не плашете се од оние кои го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат“; и на крај Божјиот Апостол на Коринтјаните им вели:„ машки држете се и утврдувајте се“.

Храброста е толку важна што Мојсеј неплашејќи се од Фараонот, успеал да го ослободи целиот Израелски народ од ропство. Пророкот Илија не се плаши од злобниот цар Ахав и јавно го изобличува неговото идолопоклонство, а народот израелев од нензабоштво го враќа во единиот и вистински Бог. На крај и Христовите Апостоли не плашејќи се од темница, окови, мачење, па дури ни од маченичка смрт, го пренесоа Христовото име по целиот свет обраќајќи ги народите од идолопоклонство кон една света и вистинска христијанска вера. Но, апостол Павле, разбирајќи ја добро големата полза која ја донесува душевната храброст, тој на сите христијани им вели: дека се Христови војници и дека за тоа треба да се одликуваат со храброст. Така тој на Тимотеј му вели: „Трпи зло како добар војник на Исуса Христа“, а на Ефесјаните им вели: „Застанете храбро опашувајќи ги своите бедра со вистина и облекувајќи се во оклопот на правдата“.

Да ги примениме и ние овие зборови на себе па да се бориме против непријателите на нашето спасение, т.е. против телесните желби, светската суети и искушувањето на нечистиот; но да знаеме дека како што никој без храброст и јунаштво не може да победи во светските војни, исто така ни во духовната борба не може да победи, за вечно спасение на душата не може да победи оној кој не се одликува со храброст против лошите навики, против пријатните но недозволени дела, против примамливото, но и незаконско богатство; против убавата, но и неправедна слава и почест, па затоа и живее вечно онаа вистина која вели: кој може себе да се победи, тој е најголем јунак. Амин.

ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО ВО НЕДЕЛА НА РАСЛАБЕНИОТ

Јован, зач. 14 гл. 5 ст. 1-16

Денешното Евангелие говори како Господ Спасителот, одејќи од Галилеја за време на празник отишол во Овчјата бања (Витезда) и таму излечил еден човек кој38 гидини бил болен. Но, бидејќи чудесното исцелување се случило во сабота, заради тоа се појавила препирка меѓу фарисеите и Исус Христос. И воопшто целата 5-та глава од Јовановото Евангелие ја содржи една од оние важни препирки меѓу Спасителот и Неговите противници во која живо е прикажана разликата меѓу светлиот и небесен карактер на Синот Божји од една страна и пакоста и омразата на јудејските старешини од друга кои на крај се задоволија со невината крв на божествениот маченик!

-„Потоа беше јудејски празник и Исус се искачи во Ерусалим. А во Ерусалим, при Овчата Врата, има бања со пет тремови, на еврејски наречена Витезда. Во нив лежеа мнозина болни: слепи, хроми и суви, кои чекаа да се раздвижи водата.“

Спасителот бил во Кана Галилејска каде го излечил синот на царевиот службеник и како се приближил јудејскиот празник, според некои Педесетница, а според други Пасха, затоа и Он дошол во Ерусалим. Христос во време на празниците доаѓал во Ерусалим затоа што тогаш се собирале многу народ, особено побожни луѓе, па проповедајќи и правејќи чуда, многумина ги привел кон Себе. Овчата Бања се наоѓала на Овчата Врата за која го добила името најверојатно поради тоа што тука се переле овците кои биле наменети за жртвување или затоа што тука се продавале. Бањата исто така била позната заради својата лековита вода, а денес се нарекува Богородична благајница. Оваа бања била праобраз на новозаветното крштевање, зошто како што таа лечела телесни болести, христијанската бања на крштевање ги лечи душевните болести и она што првата лечела еднаш во годината, втората лечи за секогаш, првата лечела при симнувањето на ангел, а втората лечи при симнувањето на Светиот Дух. Овчата бања имала околу пет тремови под стреата кои ги држеле два реда столбови и во тие тремови чекале болни луѓе водата да се раздвижи, зошто само тогаш лечела.

-„Зошто ангел Господов од време на време, слегуваше во бањата и ја раздвижуваше водата и кој прв ќе влезеше-откако ќе се разбрануваше водата-оздравуваше од каква и да е било болест да страдаше.“

Бањата лечела само еднаш во годината и тоа не се знаело кога, но иако силата Божја е неограничена и Неговата благодат бескрајна, еднаш во годината лечела само еден зошто и законот бил даден само на еден јудејски народ, а бањата на христијанското крштевање лечи секогаш и сите зошто Евангелието е дадено на целиот свет. „Одете по светот и проповедувајте го Евангелието на секого, па кој ќе поверува и се крсти, ќе се спаси, а кој нема да поверува, ќе се осуди“им рекол Господ Спасителот на своите ученици.

-„Таму имаше еден човек кој лежеше болен триесет и осум години“.

Евангелистот не кажува од каде бил и кој бил болниот човек! Напоменува само дека е сиромав и дека 38 години боледувал сакајќи со тоа да ни ги претстави и величината и тежината на болеста, како и натприродната сила која го излечила.

-„Кога Исус го виде како лежи и кога узна дека веќе долго боледува му рече: ‘Сакаш ли да оздравиш?‘

Болниот, кој чекал 38 години водата да се разбранува со тоа покажал поголема постојаност и трпение од другите, затоа и Спасителот нему му се обраќа учејќи не со тоа дека Бог на таквите им помага-на оние кои имаат постојана надеж во небото, а постои и народна изрека: „трпение-спасение“. Спасителот не го прашува: сакаш ли да те излечам?-зошто знаел дека болниот не го познавал, туку го прашува: сакаш ли да оздравиш? Не затоа што не знаел каков одговор ќе добие, туку за и другите да ја видат неговата постојаност и издржливост.

-„Болниот му одговори: ‘Господине, немам човек да ме спушти во бањата кога ќе се разбранува водата, а додека дојдам јас, друг слегува пред мене.“

Од овие зборови се гледа дека овој болен човек бил сиромав и без роднини. Меѓутоа иако за тоа долго време не можел да дојде до ред на време да влезе во бањата, сепак бил не само постојан во надежта дека и за него ќе дојде редот, туку заради тоа што не се жалел на Бога, ниту на ближниот и не се осудил ни од Спасителот да побара помош. Триесетиседумгодишното лежење на овој болен човек во бањата, каде секогаш има голем број на луѓе кои никогаш не сакале да се смилуваат за да го спуштат во водата, не уверува дека Јудејците во тоа време биле премногу немилосрдни.

-„И Исус му рече: ‘Стани, подигни ја својата постела и оди!“И човекот оздраве веднаш, ја зеде својата постела и почна да оди.А тој ден беше сабота“.

Спасителот, заповедувајќи му на болниот да ја земе со себе и постелата, сакал со тоа да ги увери своите непријатели дека Он навистина е семоќниот Господар на целата природа. Ова чудо го воодушевил народот, но кај старешините предизвикал негодување затоа што болниот бил излечен во сабота, но всушност поради тоа чудо кое исто предизвикало гнев во нивното фарисејско срце.

-„Затоа Јудејците му рекоа на оздравениот човек: ‘Сабота е и не смееш да ја носиш постелата.“

Злобните фарисеи не смеејќи ништо да му кажат на Спасителот, кој според нивното мислење го нарушил законот за саботата, го укоруваат излечениот болен човек! Според Светото Писмо, законот за празнувањето на старозаветната сабота, која сега е заменета со недела, воопшто не забранува грижење за поважни потреби, како телесни така и душевни, ниту грижа за животните, а особено за човекот. И така на овој ден се дозволува вршење на потребни работи, а особено правење на добри дела, што Спасителот во оваа прилика и направил покажувајќи ја љубовта на дело.

-„Но тој им одговори: ‘Оној Кој ме излечи ми рече: подигни ја својата постела и оди! Тогаш го прашаа: ‘Кој е човекот кој ти рече: подигни ја својата постела и оди? А исцелениот не знаеше кој е зошто Исус се отстрани бидејќи имаше многу народ на тоа место“.

Сиромавиот не противрекувајќи им на Фарисеите, сепак го уважува и слуша оној кој само со еден збор го исцелил иако не го знаел својот добротвор. Спасителот се отстранил за да избегне пофалби од страна на народот, а со тоа го избегнал и негодувањето на неблагодарните и злобни фарисеи.

-„Потоа Исус го најде во храмот и му рече: ‘Ете оздраве, не греши повеќе за да не те снајде нешто полошо.“

Овие зборови на Спасителот уверуваат дека дека Он не е само Месија, туку и дека долгогодишната болест на исцелениот била последица на неговите гревови, па затоа и Спасителот му налага во иднина да се чува од грешење, зошто може да биде и полошо, т.е. може да биде осуден на вечни маки зошто само адот може да биде полоша казна од 38-годишно боледување. Болниот, заради краткотрајно задоволување на некои свои старсти го изгубил најважниот дел од својот живот, но зарем истото и денеска не се случува на алкохоличарите, сластољубците, развратниците и други?

-„А човекот отиде и им кажа на Јудејците дека Исус го излекува“.

Благодарниот и исцелен човек им јавува на Јудејците кој го исцелил, но не со намера да го издаде, туку да го прослави со длабока благодарност.

БЕСЕДА ВО НЕДЕЛАТА НА РАСЛАБЕНИОТ

„Сега си здрав, повеќе не греши за да не ти биде полошо“(Јован, 5; 14)

Според науката на Светото Писмо, секој грев е некое безаконие. И навистина, секој грев нарушува некој закон и според тоа ако нема закони ќе нема и гревови. Законот, пак, околу тоа праведно вели „дека гревот ја омаловажува и ја нарушува Божјата волја“. И така при секој грев, човекот, наместо законот, ја почитува својата слепа желба и наместо волјата Божја, тој ја слуша својата лоша волја и своето погрешно мислење и затоа кога човек греши тој станува непријател Божји и станува недостоен за Неговата Божествена милост и небесни дарови. Гледате колкаво зло е гревот, па затоа и болниот за кого денешното Евангелие ни говори, заради гревови лежел тешко болен цели 38 години.

Се што законот бара се сведува на две нешта: да правиме она што е добро и праведно и да не го правиме она што е лошо и неправедно, па заради тоа гревот, кој е нарушување на законот, се состои: прво – во неисполнување на она што законот го налага и второ – во правењето на она што законот го забранува. Така греши секој оној кој туѓата работа ја упропастува, но исто така греши и кога своите добра не ги употребува во полза за другите луѓе, зошто Божјиот закон ни заповеда, не само на нашиот ближен да не му правиме штета, туку и да го помагаме. Исто така греши и оној кој лаже и другите ги мами, но исто така греши и оној кој ја знае вистината, но молчи и не сака да ја каже, а тоа е на штета за другите. Гревот не се случува само кога човекот прави зло, туку и тогаш кога човекот не прави добро, а може да го направи.

Секоја слободна човечка работа се изразува и се случува на три начини: прво-преку разумот и желбата; второ- преку зборовите и говорот; и трето-преку работата и делата, па затоа и гревот е трикратен. Исто може да се изрази преку нечисти мисли, лоши желби, замисли и намери. И така, кога некој има во умот и срцето такви мисли, тој греши зошто освен тоа што се од лоши мисли се раѓаат лоши зборови, па и лоши дела, тие ја валкаат човечката душа и таа станува нечиста и непобожна.

Друг вид на грев се состои во лоши зборови кои јасно се забележуваат во лага и измама, во непобожност и кривоклетство, во осудување и озборување на некој друг и во соблазни и срамни разговори. Но, исто така грев е и кога имаме прилика да кажеме нешто добро, ние не сакаме да кажеме и премолчуваме.

Третиот вид на грев се состои во забранети дела како што се: убиство, кражба, пијанство, и воопшто, лошо однесување.

Без сомнение дека сите гревови не се наоѓаат кај еден човек, но е вистина дека секој грешник носи во себе семе на сите гревови, како што и праведникот носи во себе семе на сите доблести.

Исто така е вистина дека сите грешници не се наоѓаат на еден ист степен на морален пад и расипаност. Првиот степен на гревот е кога човекот почнува да прави едно или повеќе дела кои законот ги забранува, но тој се уште не го сакаат гревот и уште не забораваат да се покае иако и неговото каење не раѓа со добар плод. Вториот степен на гревот е кога лошите дела прејдат во навика и страст и така стануваат закон на животот, но се уште не престанала желбата за поправање и одвратност кон гревот. А третиот степен е кога човекот толку напредува во злото и расипаноста што мисли дека е невозможно да греши и така заборава и на законот и на стравот од Бога и греши без никакво каење!

Исто така и грешната состојба е различна и има повеќе видови. Така некогаш човекот греши од незнаење слепо следејќи ја својата лоша природа и лоши примери и прави многу нешта немислејќи дека тоа се противи на законот и природата. Во ваква состојба обично се наоѓаат оние кои не ги осветлила светлината на христијанската вера. Но, постои и состојба на душевна негрижа и во таква состојба се наоѓаат оние луѓе кои воопшто не мислат што човекот е должен да работи – што заповеда Божјиот закон. Таквите луѓе живеат како им се случуваат нештата, а грешат неплашејќи се од ништо! За ваков вид на луѓе сите канони и закони се наоѓаат во примери и околности, во навики и страсти. Уште постои и состојба на духовен затвор, а тоа е кога човекот добро знае што од него бараат должноста и совеста и се труди во јавноста да се покаже како чесен, меѓутоа тајно го прави она што законот го забранува. За ваквото однсеување Господ Спасителот гроко ги укорува фарисеите и книжниците. Но, постои уште и состојба на морална неисправност, а тоа е кога грешникот воопшто не се плаши од гревот и јавно греши и упорно ги одбива сите совети од пријателите, па уште и се фали со своите гревови. А најтешка состојба е кога грешникот е веќе во очајување и иако чувствува големо нетрпение кон себе и своите престапи, сепак мисли дека гревовите не можат да му се простат, па затоа се спрема да го направи и она што е најстрашно, како против себе, така и против другите. Примерот за ваквата состојба го дава несреќниот предавник на Спасителот, Јуда, а последицата на ваквата лоша состојба е самоубиството.

Откако се запознавме со сите родови на гревови, сега е на ред да дознаеме дека казната за гревот е неизбежна, иако таа може веднаш да не дојде, но е сигурно дека ќе го снајде грешникот без разлика кога, но и тоа дека ако не го стаса времена казна, ќе следува вечна. Затоа Спасителот во денешното Евангелие му вели на исцелениот: „ете сега си здрав, повеќе не греши да не ти биде полошо„. Но кога човек 38 години тешко боледува во осаменост, тогаш што може да му биде полошо освен вечните маки? Но гревот не среќава на секој чекор. Каде човекот да застане и каде да се заврти наидува на искушенија и замки, секаде му се заканува опасноста од грев, а според науката на Светото Писмо и „мислата на човечкото срце е злобна од мал“. Заради тоа да бидеме храбри, а во очајување да не паднеме никогаш знаејќи добро дека небесниот Отец е полн со милост кон оние кои се каат. Во нашата Црква, Господ Спасителот ја воспостави тајната на каењето и ние со помош на искрена исповест и каење можеме не само да се ослободиме од казната за гревовите, туку сме сигурни дека можеме да добиеме и совршено простување. „Гревот свој го познав и вината своја“, вели пророк Давид, „ не затаив, ги исповедав пред Господ престапите свои и Он ја симна од мене вината на гревовите мои“. Амин.

ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО ВО НЕДЕЛА НА САМАРЈАНКАТА

Јован, зач. 12 гл.4 ст.5-43

Историјата на денешното Евангелие за Самарјанката ни дава повеќе различни поуки зошто Спасителот Исус Христос јасно Го покажува и како Бог и како човек, потоа ни го претставува Неговото особено човекољубие и снисходување, а во исто време и верата и верноста на жената Самарјанка така што и нејзините сограѓани поверуваа во Господ. Уште не учи колкава е силата на Божјата благодат, какво треба да биде вистинското поклонување пред преблагиот Творец и каква сила и моќ има спасоносниот збор на Спасителот.

-“Во она време дојде Исус во градот Самарјански кој се вика Сихир, близу селото кое Јаков го даде на Јосиф, својот син.“

Кога Асирскиот цар Салманасар ги покорил Израелцит за време на нивните цареви Ахаз и Озиј, потоа сите одбрани Израелци ги преселил во Вавилон и Мидија како робови, а од својата земја собрал разни народности и ги испратил во Самарија во која Израелците живееле. Потоа Салманасар во Самарија испратил и еден од заробените израелски свештеници со цел сиромашните да ги учи на верата, и така тие поверувале во вистинскиот Бог, но во исто време им се поклонувале и на идоли и со посредство на бракови се сродиле и со асирските идолопоклонички дојденци, па подоцна сите заедно се нарекле Самарјани по ридот Сомор. Овие Самарјани ги признавале само петте Мојсееви книги и себе се сметале за потомци на Авраам и Јаков. Спасителот Исус Христос им наредил на своите ученици „да не одат во самарјански градови, туку при изгубените овци на домот Израелев“, но Он самиот за да покаже дека дошол да го спаси целиот свет, го посетил и Самарјанскиот град Сихар. Овој град се наоѓал близу местата кои Јакововите синови ги наследиле убивајќи ги неговите жители бидејќи нивната сестра Дипа ја посрамотиле, а потоа Јаков ја поклонил на својот син Јосиф.

Сихар уште се викал Сихем и Сикима, а после Исус Христос бил наречен Неапол (Ново градче). Сихар бил најстарото Хананско градче, а при поделбата на земјата на 12 племиња бил даден на Левитите. Ова градче е важно во историјата 1) затоа што Бог за првпат таму му се јавил на Авраам; 2) во него Јаков го ископал познатиот бунар, го поставил својот шатор и соѕидал жртвеник; 3) во Сихар е закопан Јосиф и останатите патријарси; 4) тука Исус Навин го собрал народот и му ги прочитал законските благослови и клетви и 5) кога Авимелех го освоил Сихар, ги погубил неговите жители и градчето го урнал, но Еровоам  повторно го изградил. После разорувањето на Ерусалим, ова градче било подигнато од Флавиј Веспасијан и тој го нарекол Неапол. Денеска таму живеат 5000 жители и тоа: христијани, Самарјани и мал број Јудејци и Мухамеданци.

-„И тука беше Јакововиот извор и Исус изморен од патот седна до изворот, а беше околу шестиот час.“

Овој извор се вика Јаковов затоа што тој го ископал и изградил, а Спасителот патувајќи дојде околу пладне кај тој извор уморен и седна да се одмори од долгиот пат и да ја згасне жедта од жештината. Уморен од патот беше Оној кој е нашиот пат кон небесата, кој е извор на животот и кој на другите им дава живот!. Но, Он бил и гладен и иако илјадници можел да нахрани со 5 леба, бил и невесел и тажен иако со радост го развеселил цел свет, а сето тоа е доказ за Неговото вистинско жртвување за човештвото.

-„И дојде жена Самарјанка да наполни вода и Исус и рече: дај ми да се напијам вода; зошто Неговите ученици отидоа во град да купат јадење.“

Самарија е област која се наоѓа меѓу Јудеја и Галилеја. Јудејците многу ги мразеле Самарјанците и ги сметале за еретици зошто не само што се сродиле со незнабошци, кои Салманасир ги населил во Самарија, туку и сите книги од Стариот Завет не ги признавале, туку само петте книги на Мојсеј. Оваа омраза била толку голема што Јудејците не сакале ниту да поминуваат покрај Самарјанските места, а жедни не сакале ниту да земат вода од Самарјаните! Жената, за која тука станува збор, била од Сихар и Господ со неа почнал да зборува не толку поради Неговата жед (како човек) колку заради тоа што (како Бог) знаел дека таа ќе поверува па сакал да и ја каже својата наука и да ја упати на патот на спасението.

-„И жената Самарјанка рече: како тоа ти, Евреин, можеш да побараш вода да пиеш од мене, жена Самарјанка? Зошто Евреите не се мешаат со Самарјаните.“

Вака жената одговорила заради горенаведените причини.

Кога Еровоам при поделбата на Јудејското царство станал Израелски цар, 1000 години пред Христа, тој со тоа прв ја положил основата на Самарјанската држава. Но со цел Давидовото и Соломоновото царство да биде што постабилно, ненаситното славословие на Еровоам барало Јудејскиот народ сосема да го расцепи и тоа не само геогравски, туку и вероисповедно и со тоа го уништил и оној закон кој на сите Јудејци им налагал да го посетуваат светиот град Ерусалим, та затоа и го воспоставил идолопоклонството за својот народ. Но оваа веросиповедно изопачување имало влијание врз политичката состојба на народите и се завршила со тоа што народот сосема се расипал и потпаднал под ропство за време на Салманасар, Асирскиот цар. Салманасар, со цел сосема да го уништи израелското царство, откако поголемиот дел од народот го одвел во ропство, веднаш во опустошената земја испратил многу населеници идолопоклоници од Вавилон кои, мешајќи се со оставените Израелци, образуваат свој самарјански народ за кој станува збор во денешното Евангелие. Но, кога Јудејците, за време на Кир и Артаксеракс се вратиле од ропство и започнале обновување на урнатиот Соломонов храм, тогаш Самарјаните не дозволиле во тоа да учествуваат и заради тоа имало меѓусебна војна и крвно непријателство. Самарјаните градат свој посебен храм на ридот Гаразин, но и него Иркан го уништил во 108 година пред Христа.

-„Одговори Исус и рече: да го знаеш дарот Божји и кој е тој што ти говори: дај ми да пијам, ти би побарала од Него и тој би ти дал жива вода“.

Со зборовите „дар Божји“ се подразбира овоплотувањето на Синот Божји и спасението преку верата во Него, а со зборовите „жива вода“, за која и пророк Исаија прорекува, Спасителот мисли на Божјата благодат.

-„Жената му одговори: нема со што да нацрпиш, господине, а кладенецот е длабок. Тогаш од каде имаш жива вода? Зар си ти поголем од нашиот татко Јаков кој ни го даде кладенецов? И тој самиот пиеше од него и неговите синови и неговиот добиток?“

Самарјанката Го нарекува Спасителот „Господин“сметајќи дека Он мора да бил некој од позначајните луѓе, а од другите зборови се гледа дека таа не разбрала што значи жива вода зошто помислува на онаа вода што е во кладенецот. Но истото било и со Никодим кога ги слушнал зборовите на Спасителот: „кој не се роди повторно, не може да влезе во царството небесно“, а исто така и со Апостолите.

-„Исус во одговор и рече: Секој кој пие од водава, пак ќе ожедни, а кој пие од водата што Јас ќе му ја дадам нема да ожедни до века, туку водата што ќе му ја дадам ќе стане во него извор на вода извирајќи во вечен живот.“

Иако Самарјанката неразбирајќи Го Спасителот, го завртела разговорот на нејзините славни предци, Христос сепак ни најмалку не се оддалечува од она за што почнал и да говори, па затоа и вели„ и ако водата е жива – течна – таа сепак како природна ја нема таа сила да ја угаси и духовната жед на душата“. Тука Спасителот со зборовите „жива вода“мисли на благодатта на Светиот Дух, која очистува, освежува и ги спасува сите кои ја примаат. Овие зборови се однесуваат и на Евангелието на Божјето царство, проповедта, науката на Месијата зошто кој Го слуша Него кај него престанува духовната жед бидејќи слушањето и примањето на таа наука раѓа вера во Исус Христос како Искупител на вселената, а таа вера е источник на живата вода, вечниот живот кој ги задоволува сите душевни потреби за секогаш. Оваа слика е јасна и значајна за секој источник, а особено во пределите кои оскудеваат со вода. Христовата наука ја гаси жедта на бесмртната душа бидејќи со верата во Христа човекот добива блаженство, т.е. вечен живот.

-„Жената Му рече: Господине, дај ми од водата за да не ожеднувам и да не доаѓам тука да нацрпувам!“

Жената сега мислела дека водата за која Господ говорел не е оваа од Јакововиот извор, туку некоја друга, од друго место. Таа повторно мисли на некоја материјална вода на земјата. Со својот разум таа не можела да се воздигне па затоа Спасителот почнува на друг начин да ја обраќа кон вистината.

-„Исус и рече: Оди повикај го мажа си и врати се тука. Жената му одговори и му рече: Јас немам маж. Исус и рече: Право кажа дека немаш маж зошто си имала петмина мажи и тој кого го имаш сега не ти е маж“.

За да може Спасителот да и ја покаже на Самарјанката духовната природа на живата вода, Он прво и ја открива својата моќ на прорекување, а потоа ја доведува да таму каде таа мора да ги признае своите гревови. И навистина, како што страсниот алкохоличар не ја цени трезвеноста, ниту заложувањето на своите роднини и пријатели за неговото поправање се додека не ја разбере страшната и тажната состојба во кое се наоѓа, исто така и оној кој поголемиот дел од својот живот го поминал во непобожност и грев, не може да ја разбере силата на божествената благодат, ниту жртвата на Спасителот заради неговото спасение, додека прво живо не почуствува и не ја разбере тажната состојба во која разните гревови го довеле. Исто така и Самарјанката, за да ја добие живата вода, т.е. благодатта на Светиот Дух и вечен живот, требало прво да види од длабочината на својата душа пропаста во која се наоѓала заради своите гревови, и затоа Спасителот и ја спомнува нејзината грешна состојба.

Одговарајќи дека нема маж, Самарјанката со тоа ја признала незаконитоста на својата постапка во прељубата. А Спасителотвите зборови: „право кажа“ сведочат дека оваа сирота и грешна жена веднаш добила дар Божји зошто нејзиното признание, дека нема законски маж, е последица на вознемирена совест, чувство на грешна состојба и постапки и тоа пред Оној Кого Го признала за Божји пратеник.

-„Жената му рече: Господине, гледам дека си пророк. Нашите татковци му се поклонуваа на Бога на оваа планина, а вие велите дека Ерусалим е местото каде што треба да се поклонуваме.“

На источната страна на Ерихон постојат два рида: Гаразин и Гевал. На Гаразин Јудејците благословувале, а на Гевал проколнувале, па заради тоа Самарјаните се молеле на Гаразин. Но и Јудејците сосема умесно тврделе дека во Ерусалим треба да се моли зошто тоа им го налагал законот. Откако видела дека Исус Христос е Јудеец и пророк, Самарјанката го поставува горенаведеното прашање на кое Спасителот и одговара:

-„Исус и рече: Верувај ми жено дека иде часот кога не ќе Му се поклонувате на Таткото, ниту на оваа планина, ниту во Ерусалим. Вие не знаете на што му се поклонувате; а ние знаеме на што се поклонуваме, зошто спасението доаѓа од Јудејците. Но доаѓа час – и веќе е тука – кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Таткото во дух и вистина, зошто Таткото сака такви поклоници. Бог е дух и кои Му се поклонуваат треба да Му се поклонуваат во дух и вистина.

Од прашањето на Самарјанката и одговорот на Спасителот се гледа дека оваа жена била просветена и исполнета со религиско одушевување се воздигнува над земските уживања и престанувајќи да зборува за земски работи, почнува да говори за вероисповедни предмети кои се однесуваат на спасението. И Спасителот Исус Христос, мислејќи на нејзиното спасение, веднаш и сосема јасно прави разлика меѓу Јудејците и Самарјаните и откако ја известил за местото за молитва, веднаш ја учи за начинот според кој човекот треба да се моли на Бога секаде и на секое место зошто Бог е секаде присутен. Со зборовите „спасението е од Јудејците“не учи дека треба и Стариот Завет да го почитуваме, зошто Новиот е продолжение на истиот доколку се заснова на вера во Искупителот кој веќе дошол. Стариот Завет содржи пророштва за Искупителот, а Новиот завет е исполнување на истите. Стариот е подготвителна вера за христијанската вера, а Новиот Завет е совршена вера, па затоа во христијанството престануваат формалностите. Дури и местото на молитвите не е веќе Јудејскиот Ерусалим, ниту Самарјанскиот Гаразин, туку секое место бидејќи и Бог е на секое место. Побожноста веќе не се состои во жртви, како што верувале Јудејците, зошто Бог е дух и затоа треба да Му се поклонуваме со дух и вистина, треба да ги исполнуваме евангелските доблести кои се состојат во чиста вера и надеж, а врз основа на љубов по примерот на Христовата љубов зошто Бог е бестелесен и не сака материјално обожување, туку душевно. Начинот на секоја молитва кон Бога царот Давид ја прорекува говорејќи: „Избави ме од крвта, Боже спасителу мој, зошто жртви не посакуваш. Жртва на Бога е дух скрушен и срце смирено.“

-„Жената Му одговори: Знам дека ќе дојде Месија, Кој се вика Христос; кога ќе дојде Тој ќе ни објасни се.“

Како што веќе е кажано дека Самарјаните својата вера ја основале на Мојсеевото петокнижие, а во нив се говори за Месијата, така и Самарјанката праведно го очекувала Месијата и дека ќе ги реши сите овие тешки прашања за кои таа сега слуша и говори со јудејскиот патник. Но божествениот патник не губи време туку користејќи го убедувањето на жената и јавува дека Он е Месијата, а со тоа ја прави и свој Апостол меѓу Самарјаните.

-„Исус и рече: Јас Сум Кој зборувам со тебе.“

Вака отворено Спасителот не им кажал на Јудејците дека Он е Месијата, а на Самарјаните им кажува зошто таа не го знаела Светото Писмо како Јудејците.

-“Тогаш дојдоа Неговите ученици и се чудеа дека разговара со жена, но ниеден не рече: Што сакаш? Или: Зошто разговараш со неа?

Апостолите, како и останатите Јудејци, биле воспитани во духот на рабинската наука која учела: „жената треба да се презира зошто не ја знаат вистината на верата“. Но, исто така и се гледа дека тие не се изненадиле зошто нивниот учител бил пријател на цариниците и грешниците и дека дошол да ги спаси грешниците, а не праведниците.

-„Тогаш жената ја остави својата стомна и отиде во градот, па им рече на луѓето: Дојдете да го видите Човекот Кој ми кажа се што сум направила; Да не е Тој Христос? Тие излегоа од градот и тргнаа кон Него.“

Самарјанката, верувајќи дека Он е Христос, Месијата, веднаш добороволно станува Негов Апостол и јавува за Него на своите сограѓани. Таа покажала дека иако била Самарјанка и проста, таа била повисока од просветениот Јудеец Никодим кој такво нешто не смеел да направи меѓу своите земјаци и другари.

-„Во меѓувреме учениците Го молеа Исуса: Рави, јади.“

Додека Самарјанката биле на пат, учениците Го молеле да јаде зошто знаеле дека е гладен.

-„Но Он им рече: Јас имам храна за јадење што вие не ја знаете. Тогаш учениците зборуваа меѓу себе: Да не Му донел некој да јаде?“

Кога Спасителот дошол да го спаси човечкиот род, Он сосема ги остава телесните потреби, па во оваа прилика сака и учениците да ги вдахне со самопрекорување и жртвување за евангелската проповед и затоа:

-„Исус им рече: Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној Кој ме прати и да го завршам Неговото дело.“

Односно да го исполнам она за што самиот дојдов во светот кое е поважно од телесниот живот, зошто сум спремен моето човечко тело да го жртвувам за духот човечки да го воздигнам кон Бога.

-„Зарем вие не велите: уште четири месеци и жетвата ќе дојде? Еве ви велам подигнете ги своите очи и видете ги нивите како пожолтеле за жетва.“

Учениците зборувале за обична жетва, а Спасителот тука говори за духовна. Со зборот „ниви“ ги нарекува Самарјаните кои Му доаѓаат во пресрет, а ги нарекува „жолти“ – зрели- зошто се спремни за вера исто како пожолтената пченица за жетва. Он ги споредува со жетва бидејќи како што при жетва се одвојува пченицата од коровот, така и со стапувањето во христијанството човекот се пречистува од неверие и се соединува со Христа.

-„Жетварот веќе добива плата и собира плод за вечен живот; да се радуваат заедно и сејачот и жетварот, зошто во ова е вистинската пословица: Еден сее, а друг жнее.“

И тука Спасителот прави разлика меѓу материјалната и духовната жетва зошто кој жнее земска нива, тој собира плодови за времен живот, но кој жнее духовни ниви, т.е. кој луѓе ги вади од заблудата и ги обараќа кон вистинската вера, тој собира плодови за вечен живот. Сејачите се Мојсеј и пророците кои го спремале народот за дочек на Спасителот, а жетварите се Апостолите.

-„Јас ве испратив да жнеете каде што не сте се труделе; други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд.“

Пророците го учеле народот за вистинскиот Бог и го спремале за дочек на Месијата, а Апостолите му проповеда на веќе спремниот народ, не изоставувајќи ни идолопоклониците зошто и тие биле спремни да го дочекаат Месијата затоа што Јудејците, како робови меѓу идолопоклониците ја пренеле пророчката наука за Месијата, како и тоа дека уште Птоломеј Филозоф наредил Стариот Завет да се преведе на грчки јазик кој тогаш бил општо познат, па така и идолопоклониците знаеле за доаѓањето на Месијата.

-„И мнозина Самарјани од градот поверуваа во Него по зборовите на жената, која сведочеше: Он ми кажа се што сум направила.“

Верувањето на Самарјаните во Христа сведочи дека примањето и напредокот на Господовата наука не зависат од длабокото знаење на проповедникот, туку од побожноста и верноста кон Бога. А тоа дека Самарјаните искрено верувале во Господ сведочат и следниве зборови:

-„Па кога Самарјаните дојдоа при Него, Го замолија да остане кај нив; и останаат таму два дена. И уште повеќе од нив поверуваа заради Неговото слово, а на жената и велеа: Сега не веруваме заради твоето кажување, зошто самите чувме и знаеме дека Он е навистина Христос, Спасителот на светот.“

Важно е што тука не се спомнува дека Спасителот меѓу Самарјаните правел чуда, па сепак многумина во Него поверувале, а тоа било многу важно зошто чуда од Спасителот барале и во Јудеја и во Галилеја. Меѓутоа Самарјаните, откако ја слушнале само Христовата наука, поверувале дека он е Спасителот на светот. И како што се гледа од денешното Евангелие, Самарјаните кон Христа се покажале поблагодарни од Јудејците зошто излегле пред Него, Го молеле да остане кај нив и поверувале во него не барајќи да им покажува чуда.

БЕСЕДА ВО НЕДЕЛА НА САМАРЈАНКАТА

Денешното Евангелие ни кажа важна, но и загонетна историја на една жена Самарјанка зошто таа доаѓа на Јакововиот извор да нацрпи вода, така да ниту предвидувала, ниту помислувала дека на изворот ќе го сретне Спасителот на светот, а всушност таа го наоѓа, а со тоа и спасението на својата душа. Значи, барала едно, а нашла друго и така според зборовите на Светото Писмо: Бог кого сака милува, а кого не го сака, го кара. Бог сакал Самарјанката да дојде на изворот токму тогаш кога таму ќе биде Спасителот и поверувајќи, таа добива спасение. Апостол Павле вели:„Бог кои одреди тие ги повикува, кои ги повикува и ги оправдува, а кои ги оправдува тие ги прославува“. Но, според овие зборови, ако е вистина дека Бог ги спасува само оние кои ги сака и самиот одредува оние кои ќе бидат осудени, тогаш зошто ги осудува, зошто и тие да бидат виновни кога Он самиот за осуда ги одредил, а на Неговата волја зарем може човек да се спротивстави?

Но, божјиот апостол Павле, поради чии зборови горенаведени доаѓа човек до вакви помисли, строго го осудува оној кој се осуди такво нешто да помисли. Па такво нешто да не се помисли, Апостолот веднаш ги толкува своите зборови наведувајќи ги како пример идолопоклониците и Израелците и вели: Идолопоклониците не страдале за своето спасение и со помош на верата се спасени, а Израелците се грижеле за своето спасение, па не го добиле зошто сакале да се спасат не со помош на вера, туку само со делата на законот, со голи формалности, како што, за жал, и ние често истото го правиме. И зарем не е вистина дека и ние многу често нашите религиски должности ги исполнуваме само по навика, како што често доаѓаме во црква, не со смирено срце и искрено да се помолиме на Отецот небесен, туку да видиме кој е подобро облечен, кој е накитен и да гледаме парада и церемонија? Бог милува кого сака, но тоа не е без причина, зошто ги милува оние кои се достојни за милост, а ги кара оние кои заслужуваат казна.

Вистина е дека Бог сакал да ја спаси и Самарјанката, но затоа што таа била достојна за спасение, зошто кога видела дека Господ, кој барал од неа вода, бил Јудеец, таа не била исполнета со предрасуди за да не Му даде вода и веднаш не си заминала за да го остави Спасителот со презир, зошто Јудејците и Самарјаните се мразеле толку многу што не сакале ни да се поздрават. Но таа била далеку од таа омраза, не направила ништо од тоа, туку го продолжила својот разговор и внимателно ги слушнала Господовите зборови и поверувајќи дека Он ја зборува вистината, веднаш од Него побарала жива вода, а кога Он и ги кажал и нејзините тајни дела, таа веднаш исповедала дека Го признава за пророк,а на крај брза при своите сограѓани и како Христов Апостол им проповеда дека Го нашла Месијата и многумина поверуваа во Господ. Кога во нашето срце постои добра волја за правење на добри дела, тогаш и Бог по своето неограничено човекољубие му ја испраќа на човекот својата благодатна помош, а кога во срцето има зла волја и зла наклоност, тогаш и Божјата благодат го остава зошто Бог не може да биде заедно со она што е зло. Бог однапред знае што човекот ќе направи, но тоа не може да биде причина за добро или зло. Исто како што лекарот не може на човекот да му даде ниту здравје ниту смрт; тој може да предвиди дека болниот ќе остане жив или дека ќе умре, но бидејќи тој го предвидел тоа, тој не е причина за здравјето или смртта, туку затоа што болеста е лесна и болниот ќе оздрави или ако болеста е тешка тој ќе умре. Исто така човекот не се спасува или не оди на вечни маки затоа што Бог однапред знаел дека тој ќе се спаси или нема да се спаси, туку затоа што човекот според својата слободна волја ќе верува и ќе прави добри дела и тој ќе се спаси. Исто така, како што знаењето на лекарот однапред дека болниот ќе живее или ќе умре не донесува ниту здравје ниту смрт, така и Божјето знаење однапред нема човекот да го доведе во рајот или пак ќе во фрли во пеколот. Разликата е само во тоа што лекарот некогаш може да погреши околу своето мислење, но Бог никогаш. Божјето знаење не ја ограничува човечката слободна волја, зошто човекот ако денес е лош, утре со помош на каење може да биде добар. Како што лекарот се до последниот час не го напушта болниот, туку му дава лекови за да го подигне, така и Бог се до последниот час му дава на човекот можност да се поправи и да се спаси зошто Бог не сака смрт за грешникот, вели Светото Писмо, а Својот Син го испрати во светот за да ги повика грешниците на покајание, но според својата небесна правда Бог човекот не може на сила да го спаси бидејќи тоа би било спротивно на правдата.

Ако кажеме дека Фараонот бил одреден за вечни маки зошто Бог знаел дека тој нема да се спаси, тогаш зошто Бог направил толку чуда пред Фараонот? Затоа што и Фараонот имал слободна волја и да сакал можел своето немилосрдие да го претвори во милосрдие и тогаш не би бил виновен. И предавникот Јуда отишол во пеколот и тоа Бог го знаел, но и Јуда имал слободна волја, како и секој човек, па можел да се спаси и затоа Господ го земал за свој Апостол, го удостоил со својата дружба, па дури и нозете му ги измил. Исто така и на градчето Ниневија му била одредена пропаст зошто Светото Писмо вели: Уште четириесет дена па Нинивеја ќе пропадне“, но неговите жители се покајале и затоа се спасиле од пропаста. И после сето ова, каков ли треба да биде оној христијанин кој не се грижи за поправање на својот живот и на своето спасение, туку како неверник се оддава на слепа судбина!

Заради тоа секој кој прави добро нека се држи до својот пат, нека напредува во доблестите и Бог ќе му помогне и ќе го спаси, но не затоа што однапред знае дека тој човек ќе се спаси, туку затоа што човекот  се грижел за своето спасение. А кој не прави добро, туку греши, тој нека не доцни со каењето и со поправањето и тој ќе се спаси зошто кој сака може да се спаси, а Бог грешникот кој се кае го прима, па затоа и на небото е поголема радоста кога еден грешник се покае и дојде во рајот, отколку кога сто праведници дојдат во царството небесно. Амин

ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО ВО НЕДЕЛА НА СЛЕПИОТ

Јован, зач. 34 гл. 9 ст. 1-38

Денешното Евангелие говори за тоа како Спасителот му дарувал вид на слепиот од раѓање и како заради тоа фарисеите многу се разлутиле на Спасителот.Да се даде вид на еден слеп од раѓање е мошне големо и извонредно чудо кое ги надминува сите природни сили. Тоа чудо беше извршено од семоќната сила на Богочовекот, а злобата и зависта на фарисеите јавно ја покажала разлутеноста против човекољубивиот Спасител и нивното завидување поради милосрдието кое Он го покажал кон слепиот. Богочовекот на слепиот му даде вид, но затоа пак зависта ги ослепи оние со вид.

-„Во она време, поминувајќи Исус виде човек слеп од раѓање.“

Како што се гледа од 14-от стих на ова Евангелие, Господ на овој слеп од раѓање, му дал вид во сабота и тоа откако го нашол пред вратата на храмот во кој пред овој настан јасно им кажал на фарисеите дека Он е Бог и затоа сакале да го каменуваат. Слепиот седел пред вратата на храмот и сам кажал дека бил слеп од раѓање и затоа:

-„И Го запрашаа учениците Негови говорејќи: Рави, кој згреши, дали овој или неговите родители, та се роди слеп?“

Јудејците мислеле дека несреќите на секој човек се последица на неговите лични гревови, па затоа и Апостолите кога слушнале дека тој бил слеп од раѓање, се зачудиле знаејќи дека пред раѓањето не е можно да се погреши. Меѓутоа дека заради гревовите на родителите се родил слеп не се сложувало со општото мислење, па затоа со чудење Го прашале Учителот за причините на слепоста. Но, фарисеите, кои верувале во селење на душите после смртта, верувале дека овој човек првиот пат се родил со вид и заради гревовите, а после смртта, повторно се родил но слеп и тоа му го сметале како казна за гревовите во неговиот прв живот. Но, спасителот со својот одговор кажува дека двете наведени мислења биле неумесни и погрешни зошто:

-„Исус одговори: ниту тој погреши, ниту неговите родители, туку за да се јават делата Божји на него.“

Гревот е непосредна причина за сите несреќи на светот, а личните гревови донесуваат со себе, како природна последица несреќа на самиот грешник. Но и ваквите несреќи не треба да се сметаат само како казна, туку и како поуки кои имаат цел да го поправат грешникот како што и Апостолот вели: „кого Господ го сака, тој и го кара, а го бие секој син кого го прима“. Значи и во овој случај слепоста не е последица на личен грев, ниту на родителите на слепиот, туку на гревот воопшто заради што е одредено во време на човечкото искупување да се јават делата Божји врз овој слеп човек. При овие Божји дела се покажува семоќта на Спасителот кој слепоста ја претворил во вид, како и творечката Христова сила која од земја и плунка прави здрави очи. Но при ова чудо се посведочуваат Божјите дела и со тоа што Спасителот и сега од земја создава вид на слепиот – тој најубав дел од човечкото тело, а Светото Писмо не учи дека човекот е создаден од земја.

-„Јас правам дела од Оној Кој Ме испрати додека е ден; ќе дојде ноќ кога никој не ќе може да работи.“

Отецот Го испратил Спасителот и Он кажува дека треба да ги оствари делата на Отецот, т.е. онакви дела кои ќе Го покажат дека е рамен на Отецот. А тие дела Спасителот ги прави додека е ден, т.е. за време на својот живот на земјата и тоа секој ден, неизоставувајќи ја и саботата зошто Отецот вистина во сабота престанал со создавањето на светот, но не престанал со правење на добри дела. Под зборот „ноќ“мисли на својата телесна смрт и одењето од светот, и воопшто се подарзбира состојбата кај човекот после смртта за која не може никој лично да направи за спасение зошто после смртта престанува верата и нема каење. Важно е што Спасителот не вели „ќе дојде ноќ кога Јас не ќе можам да работам“, туку „кога никој не ќе може да работи“, т.е. Он и после вознесението и до ден денес и во иднина ќе работи како Бог и Спасител на човештвото. И така, под зборот „ден“се подразбира и нашиот живот кога треба да работиме за своето спасение, а под ноќ нашата состојба после смртта кога не ќе можеме ништо да направиме што би било во полза на своето спасение.

-„Додека сум во светот, светилина сум на светот.“

Не само како Бог Кој на светот му даде сонце и ѕвезди, Кој на луѓето и животните им даде очи, туку и како човек Кој оди по земјата е светлина на светот зошто во Него се сосредоточени сите доблести. Оваа вистина Он ја посведочува со својот живот и дела, како и со зборови кога вели: „Кој од вас може да Ме прекори за било каков грев?“

-„Откако го кажа ова, плукна на земја и направи кал од плунката и ги премачка очите на слепиот. И му рече: оди и измиј се во бањата Силоамска. Тој отиде и се изми и дојде гледајќи.“

За исцеление на слепиот од раѓање Господ употребил три материјални стихии: плунка, кал и силоамската вода, но ниту една од нив не можела да даде вид на слепиот зошто не требало да се лечат очите, туку да се отворат очните органи на човекот кој се родил слеп – значи требало да се изврши дело кое е можно само на Бога. Но, не треба да се мисли дека Спасителот ги употребил трите материи поради потреба, туку како што можел претходно со зборови да излечи така и сега можел на слепиот да му даде вид, туку со тоа покажал дека Он е творецот на човекот.  Како што при создавањето земал земја и од неа го создал човечкото тело, така и сега од земја создава вид за човекот. Потоа дувнал во земјата и на човекот му дал живот, а сега со плунката на човекот му дал вид. Но, го испраќа слепиот и во бањата за со тоа да се покаже неговата цврста вера и послушност.

Силоамскиот извор бил на подножјето на Сион, а околу него некогаш имало царска градина во која имало и една кула заради сигурност на местото и изворот. Од овој извор, кој бил сладок и голем, се полнеле таканаречените горна и долна силоамска бања, која во оваа прилика претставува бања на крштевањето; зошто како што слепиот од раѓање, откако ги изми очите, отиде од неа здрав и со вид, така и крстените излегувајќи од крстилницата тие се чисти од гревовите и се облечени во светлината на божјата благодат.

-„А соседите и оние кои го видоа дека претходно беше слеп говореа: не е ли ова оној кој седеше и просеше? Едни говореа: тој е; а други: наликува на него. А тој говореше: јас сум.“

Бидејќи овој слеп човек бил познат на сите како слеп од раѓање, природно е што неговото исцелување побудил големо чудење кај сите. Но, од друга страна, тоа општо чудење ги донел Христовите непријатели во многу тешка положба зошто сега со ништо не можеле да ја порекнуваат вистинитоста на натприродното исцелување. Меѓутоа и евангелистот особено спомнува дека слепиот седел и просел сакајќи со тоа да каже дека бил премногу сиромав и Спасителот го помилувал давајќи му вид, а со тоа нас не учи дека кон сиромасите треба да бидеме особено милосрдни.

-„Тогаш му рекоа: како ти се отворија очите?“

Од овие зборови се гледа дека на слепиот и трепките му биле затворени.

-„Тој одговори и рече: човекот по име Исус направи кал и ги намачка моите очи и ми рече: оди во Силоамската бања и измиј се. А кога отидов и се измив, прогледав. Тогаш му рекоа: каде е Он? Рече: не знам. “

Слепиот одговара кратко и јасно, самостојно и вистинито кој му бил лекар и каков бил лекот; но од прашањето „каде е Он“се гледа дека соседите не прашале за лекарот од побожност, туку  исполнети со злоба зошто не велат: каде е Исус, или: каде е Оној што ти ги отвори очите? Туку само: каде е Он; за да го предадат на суд како прекршител на саботата. Оваа вистина ја потврдуваат и следните зборови:

-„Тогаш го поведоа при фарисеите, т.е. оној кој некогаш беше слеп. А беше сабота кога Исус му ги отвори очите. Тогаш повторно го прашаа и фарисеите како прогледа? А тој им рече: ми стави кал на очите, се измив и сега гледам.“

Слепиот и сега одговори сосема слободно, а злобните фарисеи заради тоа што Спасителот во сабота дал вид, го прашуваат лукаво и злонамерно „како му се отвориле очите“, т.е. на кој начин, со кое средство, зошто не велат како си прогледал, зошто тоа и можеше да се случи и само со еден збор. Тоа го прашуваат слепиот само да го обвинат Христа и затоа исцелениот веднаш го одведуваат во Синедрионот.

-„Тогаш зборуваа некои од фарисеите: не е овој човек од Бога зошто не ја слави саботата. Други пак говореа: како може грешен човек да прави такви чуда? И настана расправија меѓу нив.“

Некои од фарисеите, т.е. оние кои биле злобни и фанатици говореа дека Христос не е Божји пратеник, а други, т.е. поумерените и попаметните го бранеа Спасителот и така настана распарава меѓу нив. Во состојбата во која биле фарисеите ги довела злобата, фанатизмот и нивната заблуда околу саботата заради што и исцелувањето на слепиот од раѓање, т.е делото кое е можно само на Бога, го припишаа на сатаната само затоа што чудото било направено во сабота. Тие понатаму го прашуваат исцелениот, неук и просјак, што тој мисли кој е Христос? Зошто некои од нив рекоа дека не е од Бога. Но, кој не е од Бога, тој е од сатаната, а кој е од сатаната тој е грешен и кој е грешен не може да прави дела кои само Бог може да ги прави, па затоа и се појави расправа за која Спасителот претходно кажа: не мислете дека дојдов да донесам мир, туку меч. Под името меч тука се подразбира љубовта кон Него која ќе ги одвојува верниците од неверниците.

-„Повторно му рекоа на слепиот: што велиш ти за тој што ти ги отвори очите? А тој рече: пророк е.“

Пророците биле оние мажи вдахнати од Бога кои ги испраќал меѓу луѓето за да им ја јавата Неговата волја, така да и излечениот одговарајќи дека Спасителот е пророк, рекол спортивно на фарисеите, т.е. рекол дека Христос е од Бога, а не од сатаната како што тие кажаа.

-„Тогаш Јудејците не поверуваа дека тој бил слеп и прогледал додека не ги повикаа родителите на оној што прогледа.“

Родителите ги повикаа за со својата власт да ги исплашат та тие чудото да го премолчат.

-„И ги запрашаа говорејќи: дали ова е ваш син за кого вие говорите дека се родил слеп? Како тоа сега гледа?“

Вие велите но ние или било кој друг не вели, ниту пак верува дека овој ваш син се родил слеп. Од овие зборови јасно се гледа дека сакале да ги заплашат родителите.

-„А родителите негови им рекоа: знаеме дека ова е наш син и дека се роди слеп, а како сега гледа не знаеме, или кој му ги отвори очите не знаеме; тој е голем и затоа прашајте го него нека самиот каже за себе.“

Родителите знаеле за се, но не сакале да кажат се плашејќи се од Јудејците, како што ќе видиме понатаму. Но заради тоа тие тука покажуваат слаб карактер зошто заради стравот ги угушуваат најблагородните чувства, т.е. благодарноста, правдата и самостојноста. Ваквите луѓе се спремни да се одречат не само од Спасителот, туку да жртвуваат се, само за да ја избегнат опасноста од оние кои им се закануваат. Така тие го изложуваат својот син на опасност говорејќи дека е голем и самиот да каже за себе. Но,

-„Ова го рекоа неговите родители зошто се плашеа од Јудејците зошто Јудејците се договорија да биде оддалечен од Синагогата секој оној кој Го признае Христа. Затоа родителите рекоа: Тој е голем, прашајте го него.“

Јудејците веќе се согласиле секој кој Го признае Исус Христос за Месија, да биде оддалечен од Синагогата. Со оддалечувањето од Синагогата и Синедрионот го прекинувал секој политички и вероисповеден однос кој оддалечениот би можел да го има со народот и Бога. Овааа одлука имала три степени: 1) оддалечување од Синагогата и семејството на 30 дена; 2) истото оддалечување проследено со анатема или „Маранати“ и 3) афоризам или целосно оддалечување од секој човек и во тој случај оддалечениот се сметал за идолопоклоник и цариник.

-„Тогаш по вторпат беше повикан човекот, кој беше слеп, и му рекоа: подај слава на Бога, ние знаеме дека овој човек (Христос) е грешен.“

Од овие зборови се гледа дека родителите не биле испрашувани во присуство на Исус и нивниот син и неможејќи да постигнат со нив ништо, повторно го повикуваат исцелениот и наместо отворено да му кажат „порекни дека Христос те исцелил“, тие лукаво и под маската на побожноста заколнуваат со зборовите „подај слава на Бога“ зошто тоа било заклетва кај Јудејците. Христа Го нарекуваат грешен затоа што, според нивното мислење, го нарушил законот за саботата.

-„А тој одговори и рече: дали е грешен не знам, само знам дека бев слеп, а сега гледам.“

Односно: дали гешник може да прави чуда, јас, како прост и неук, не знам, тоа вие испитајте го како учители на законот, но дека сум роден слеп и дека се до денес бев слеп и сега гледам, тоа го знам зошто за тоа не ми треба никаква мудрост, ниту познавање на законот. Од овој одговор се гледа дека фарисеите не биле во состојба да го уплашат исцелениот и дека тој имал многу подобар и посилен карактер од своите родители.

-„Тогаш повотрно му рекоа: што ти направи? Како ги отвори твоите очи?“

Разлутените фарисеи со ваквиот одговор кон исцелениот сега се трудат со повторното испитување да постигнат некаков друг одговор од него кој не би бил ист како првиот одговор, за така да го фатат во лага и заради тоа да го осудат за кривоклетник, а со тоа и самото чудо да се омаловажи. Но ваквото подло однесување предизвикало лутина кај простиот слепец и затоа тој им рече:

-„Тој им одговори: јас веќе ви реков и не слушавте и не поверувавте, што сакте пак да слушнете? Освен ако и вие сакате Негови ученици да бидете?“

Прашувајќи ги дали и тие сакаат да бидат Христови ученици исцелениот признава дека тој веќе е Христов ученик и тоа слободно го исповеда не плашејќи се од нивниот гнев и пакост.

-„А тие го прекорија и му рекоа: ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици. Ние знаеме дека Бог му говорел на Мојсеј, а овој не знаеме од каде е.“

Разлутените фарисеи веќе налутено го напаѓаат исцелениот слеп човек. Тие му велат: ти си грешен, па затоа и си ученик на грешеник, а ние сме праведни, па затоа и сме Мојсееви ученици. Но и тоа не е вистина зошто Сасителот на друго место им вели: „да му верувавте на Мојсеј, ќе ми верувате и Мене, зошто тој напиша за Мене“. Кажувајќи дека не знаат од каде е Христос, тие сакале да покажат колку го презираат како селанец, неблагородник и неписмен човек, но благодарниот слепец и на ова убаво им одговори:

-„Тоа е навистина чудно што вие не знаете од каде е Он, а Он ги отвори моите очи. А знаеме дека Бог не ги слуша грешниците, туку кој го почитува Бога и ја твори Неговата волја, него го слуша. Откако е светот не е слушнато некој да отвори очи на слепо роден. Кога Он не бил бил од Бога, не би можел ништо да прави“.

Тука навистина може да се забележат зборовите на Давид: „Господ ги прави слепите мудри“, зошто ете овој прост човек силно ги изобличува мудрите фарисеи и со тоа ја докажува светоста и божествената сила и моќ на Христа. Навистина е чудно што учителите на зконот не знаат од каде е и кој е оној што на слепиот од раѓање му даде вид! Заради излечениот сиромав човек им вели дека Христос, правејќи такво чудо, е навистина голем и славен иако тие не знаат од каде е. Од овие зборови се гледа дека не му биле отворени само надворешните очи, туку и внатрешните, духовните, т.е. разумот. А тоа што вели дека Бог грешниците не ги слуша, значи дека не им дава моќ вакви чуда да прават зошто и други со помош на лечење им го враќале видот на слепите, но на роден слеп човек и на ваков начин никој и никогаш не можел да даде вид. И така величината на чудото сведочи дека чудотворецот навистина е божествен зошто кој прави дела неспоредливо поголеми и од делата на најголемите луѓе, тој е поголем од нив – тој е Бог. Но, ова уште повеќе ги разлути фарисеите и затоа:

-„Одговорија и му рекоа: Ти си се родил целиот во гревови, па зарем ти да не учиш? И го истераа надвор.“

Неможејќи да го издржат страшниот укор и силната победа на исцелениот, фарисеите почнуваат да го караат својот противник говорејќи дека е целиот во гревови роден, т.е. дека заради тоа е слеп. Но и да е грешен, зарем не требаше да ги испитаат добро неговите зборови да видат дали тие се вистинити? Но, се разбира дека ова било последица на пакост и злоба. Но, вистина е и тоа дека искреноста на исцелениот не можеле со ништо други да ја казнат освен со истерување, пцовки и карање.

-„Слушна Исус дека го истераа надвор и кога го најде му рече: Веруваш ли ти во Синот Божји?“

Излечениот луѓето го засрамиле, но еве Бог го уважува. Истеран е од храмот, но еве сега е со Владиката на храмот. Одвоен е од луѓето, но еве го сега се соединил со Бога. Евангелистот вели:„ Слушна Исус“, што значи дека Бог слуша и гледа кога од љубов кон Него страдаме, па затоа и ни излегува во средба кога страдаме да не утеши. Спасителот го прашува исцелениот дали верува, но не затоа што Он не знаел, туку со тоа сакал на човекот да му каже дека Он е Месијата за Кого пророците прорекувале и од Кого може да добие излекување и на душата.

-„Он одговори и рече: А Кој е Господ да Му верувам?“

Овие зборови покажуваат дека човекот не знаел дека Христос е Син Божји, туку Го сметал само за пророк и свет човек. Но, одушевен од зборовите на Спасителот, тој, како потполно спремен за вера, само прашува кој е: „Синот Божји да Му верувам?“

-„Исус му рече: И Го виде и Кој говори со тебе, Он е.“

Спасителот не одговори непосредно: Јас сум Синот Божји; туку: „Го виде и Кој говори со тебе, Он е“, сакајќи со тоа на исцелениот да го потсети на чудото, т.е. Го виде пред малку кога прогледа и ја виде Неговата сила и моќ.

-„А тој рече: Верувам Господи! И Му се поклони.“

Тој не само што исповеда дека верува дека Исус Христос е Син Божји, туку во исто време паднал на земјата и Му се поклонува оддавајќи Му со тоа божествена чест. Нека преблагиот наш Господ ни даде секогаш да се угледаме на овој сиромав човек.

БЕСЕДА ВО НЕДЕЛА НА СЛЕПИОТ

„Во она време, минувајќи Исус виде човек слеп од раѓање и Го запрашаа Неговите ученици велејќи: учителе, кој согреши дали овој или неговите родители та се родил слеп?“

Кога никој не можел да знае зошто таков се родил слепиот, за кого денешното Евангелие ни зборува и на кого Спасителот му даде вид, тогаш Господ одговари:„затоа да се јават на него Божјите дела.“ И денес непобожните луѓе, гледајќи многумина несреќни од нивното постоење, не ја разбираат причината за нивната несреќа и во својата лутина викаат дури и на Бога! Но човекот кој е просветен со науката на својата вера ги знае причините за казните со кои Бог ги казнува одредени луѓе.

И не само од Светото Писмо, туку и од нашиот живот знаеме дека Бог некои грешници ги казнува, а други ги остава без казни. Бог го казни и Каин и немилосрдниот фараон и расипаниот и непослушниот Саул, но Бог не го казни отстапникот Ровоам и други кои ни се познати како виновни и пред Бога и пред луѓето. Така и денес се случува и така Бог работи затоа што кога сите грешници би ги казнил, со тоа сите луѓе би ги натерал да бидат добри зошто доблеста треба да се случи по слободна волја. Бог по правда може да награди, но не по потреба и со сила зошто кога со сила некого би натерал да биде добар, тој не смее да се пофали со таа доблест на која бил натеран на сила. Кога Бог сите грешници би ги казнил уште тука на земјата, тогаш идниот општ суд би бил непотребен. Кога луѓето би можеле тука на земјата да ја видат наградата за сите нивни дела, тогаш тие би мислеле дека не се бесмртни и дека тука на земјата се завршува. Но, ние веруваме дека Бог е најправедното битие и гледајќи тука на земјата многу грешници неказнети, ние се уверуваме дека постои и друг живот и дека ќе дојде ден кога Бог по својата правда ќе ги казни и оние грешницци кои тука на земјата не ги казнил. А некои пак уште тука на земјата ги казнува за да не увери дека Он внимава на човечките дела за злото да не преовлада и за луѓето да не помислат дека нема никој кој го казнува злото, а добрите ги наградува.

Некои мислат дека Бог уште тука на земјата ги казнува оние грешници кои многу грешеле, а ги собира оние кои малку грешеле. Но од Светото Писмо ние го дознавеме сосема спротивното, зошто тоа вели: „Бог кого сака и тој го кара и бие синот кого го прима“. Некои од праведниците ги гледаме дека уште тука на земјата се наградени, гледаме дека се среќни и напредни, а други пак страдаат и трпат неправди. Така гледаме дека Јосиф се прославил, а праведниот Јов страдал, Давид седи на престол, а пророкот Исаија бил пресечен со дрвена пила. Навукодоносор го наградува пророкот Даниел, а Седекија го мачи пророкот Михеј. Но ваквите примери не треба да не зачудуваат, зошто Бог некои праведници уште тука на земјата ги прославува за другите луѓе да се угледаат на нив и самите да тргнат по тој пат. А некои од праведниците страдаат за нивната душевна храброст да се зголеми и во доброто да се утврдат.

Но нам исто така ни е познато дека Бог во Стариот Завет казнувал строго и за само еден грев, а денес не казнува ни за повеќе гревови. Колку луѓе има денес кои на празнични денови наместо да одат во црква и на Бога да се молат, тие се излежуваат и го поминуваат времето во кафеани и на секакви забави, и пак остануваат неказнувани! Мојсеевата сестра Маријам само еднаш го озборувала својот брат Мојсеј и Бог веднаш ја казнил со тешка болест, а колку денес ги озборуваат своите роднини и пријатели, колкумина ги раскаруваат дури и родените браќа, родителите, децата, па сепак остануваат неказнети! Колкумина се колнат и непрестајно изнесуваат лажни гласини пред своите пријатели и соседи и пак ништо не им се случува! Иако Бог многу грешници денес ги остава неказнети, Он тоа го прави затоа што му покажал на човекот се што треба да прави и од што треба да се чува, и сега не сака да ја ограничува човечката слободна волја, туку го остава човекот самиот да си го избере патот на животот или смртта, наградата или казната. Не сака да казнува и затоа што сака да ни покаже дека овој времен живот не е она време кога сите луѓе биле наградувани или казнувани за своите дела, туку ќе дојде време кога на секого според правдата ќе му се суди. Бог го казнува грешникот како милостив Отец за да го обрати на патот на каењето и поправањето и Бог наградува по правда и праведници за да ги одржи во доброто, повеќе пати праведниците ги остава без награди за тие да се покажат постојани во доброто и да заслужи уште поголема награда.

Зата ако сме среќни или болни или од било што страдаме, да бидеме трпеливи и да Го славиме семожниот Отец зошто ако сме грешни, казната за нас е лек кој ќе ги излечи раните на гревовите наши. А ако сме праведни, Божјето искушение ни спрема поголема награда. Да плачеме кога знаеме дека сме грешни и кога гледаме дека секој ден грешиме, а живееме во богатство и благосостојба, што значи дека казната и осудата ни е оставена за денот на Страшниот суд „кога мртвите ќе го слушнат гласот на Синот Божји и ќе оживеат секој да прими награда според делата свои“. Амин.

ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО ВО НЕДЕЛА НА СВЕТИТЕ ОТЦИ

Јован, зач. 56 гл. 17 ст. 1-14

Ова Евангелие ја содржи првосвештеничката молитва на Господ и Спасителот наш Исус Христос и тоа: 1) за себе; 2) за своите ученици и 3) за сите верници. Оваа молитва на Спасителот е поопширна од сите молитви кои Господ ги сотворил на земјата. Таа ни ја покажува силната и голема љубов на Спасителот како кон учениците, така и кон сите верници, како и особеното завземање и грижа за спасение на сите разумни суштвества.

Оваа молитва Господ ја сотворил после својата последна проштална беседа која им ја говорел на учениците и која ја почнал во домот каде ја држел тајната вечера, ја продолжил на патот кон Гетсиманија и ја завршил веројатно пред преминот на потокот Кедрон доаѓајќи по патот во Гетсиманската градина.

-„Во она време, Исус ги подигна своите очи кон небото и рече: Оче, дојде часот; прослави Го Твојот Син за и Синот Твој да Те прослави Тебе“.

Тука Спасителот, како човек, ги подига своите очи кон небото за со тоа да ни покаже: прво – каде треба да се обраќаме при молитва; и второ – дека треба секогаш да се молиме на Бога за сите потреби. Откупителот дојде не само да ни се покаже нам и да го заврши делото на откупување, туку и да не научи на доблести и тоа не само со зборови, туку и со дела. Во оваа молитва Спасителот повеќе пати го повторува зборот Оче, а еднаш со придавката праведен. Бидејќи Отецот кон Синот стои во сосема друг однос, а не како кон верниците, затоа и Христос кога Го нарекува Отец, исклучително Го подразбира како свој Отец и затоа во текот на оваа молитва, ниту еднаш не вели: Оче наш-како што им заповеда на учениците да говорат кога се молат на Бога. Бидејќи дојде часот, т.е. времето на Неговото страдање и смрт, Он Го моли Отецот да Го прослави тука на земјата со Неговото страдање за спасение на светот и тоа: 1) примајќи жртва која Он на крстот ја принесува како умилостивна и оправдлива, како доволна за спасение на светот и 2) давајќи знаци од небото кои ќе посведочат дека распанатиот на крстот навистина е единородниот Син Божји кој повторно доаѓа на десната страна на Отецот каде и бил пред воплотувањето. Вака Спасителот се моли за верниците да не ослабнат во верата гледајќи како луѓе го мачат и распнуваат Спасителот на вселената за Кого и апостол Павле вели: „Ние го проповедаме Христа распнатиот, на Јудејците соблазна, а на Грците лудост“. Молитвата на Спасителот ја исполни Отецот зошто токму кога на крстот страдал, „црковната завеса се расцепи на две, сонцето се замрачи, земјата се потресе, камењата распукаа, а гробовите се отворија и многу мртви воскреснаа. Заради тоа народот кога виде што се случи се врати удирајќи се во своите гради“, и говорејќи: „Навистина овој беше Син Божји“. Во оваа молитва важно е уште и тоа што само Синот, како рамен на Отецот, можел да каже: „Прослави Го Синот Твој за и Синот Твој Те прослави Тебе“, т.е. со својата слава. Со прославата на Синот со помош на Отецот и на Отецот со помош на Синот се подразбира нивната слава воопшто која се јавува во откупувањето на човечкиот род преку смртта на Синот и татковската љубов кон Синот и кон човештвото.

-„Како што Му даде власт над секое тело, така на се што Му даде живот вечен да им даде“.

Отецот Му ја даде на Синот секоја власт и тука на земјата како што ја имал и горе на небото, т.е. пред воплотувањето имал таква власт „што се постана со Него – Синот –и без Него ништо не постана што тогаш постана“. На земјата Отецот Му дал на Синот над сите народи таква власт за сите да Го слават како што и пророкот вели: „и ќе ти дадам народи во наследство и кроевите земски на Тебе“. Бидејќи Синот е Творец исто како и Отецот, Он е рамен на Отецот во се и над целата вселена, а особено врз човечкиот род Отецот Му дал особена власт на Синот како Откупител на човештвото. Но таа власт особено се однесува на оние кои веруваат во Синот а кои Спасителот се моли на Отецот и на кои ќе им даде вечен живот, зошто сите ќе ползуваат од науката на Богочовекот. Оваа власт Спасителот по воскресението ја разбира како своја иако истата ја имал и како овоплотен на земјата.

-„А ова е вечен живот, да Те познаваат тебе единиот вистински Бог Кого Го испрати Исуса Христа.“

Овие зборови јавно покажуваат дека вечниот живот и спасението зависат од познавањето на единиот и вистински Бог и верата во Исуса Христа. Ова познавање пак се состои во искреното и срдечно признавање на истиот и во вечното исполнување на Божјата волја која е искажана во Неговите Свети Заповеди. Овде уште станува збор и за познавање на Бога преку Исус Христос, а бидејќи спасението зависи од признавањето на двете лица, и Отецот и Синот, следува дека и Синот е рамен на Отецот во се, како што евангелистот на друго место многу јасно сведочи говорејќи: „Он е (т.е. Исус Христос) вистински Бог и живот вечен.“

-„Јас Те прославив на земјата и ја завршив работата која ми ја даде.“

Синот Го прослави Отецот на земјата со тоа ја објави Неговата величина меѓу луѓето зошто сета слава на своите чуда и своите божествени поуки Он секогаш Му ги давал на својот небесен Отец. Неговото, пак, дело на земјата било луѓето да ги запознае со вистинскиот Бог, да им покаже на луѓето како треба да се однесуваат кон Бога, кон себе самите и кон ближните и да принесат откупувачка жетва за спасение на човечкиот род. И ова свое дело Спасителот, како што се гледа од оваа молитва, се смета за исполнето зошто веќе се наоѓа пред својата смрт и затоа вели:

-„И сега прослави Ме Ти Оче, во Тебе самиот со слава која ја имав при Тебе пред да настане светот.“

И сега, т.е. бидејќи го завршувам своето дело на земјата. Овие зборови Спасителот ги изговара во оваа своја молитва пред Отецот па бара и како човек да Го прослави со божествена слава со која се славел пред своето овоплодување и пред создавањето на светот, од вечноста. И така, Господ Исус Христос и во оваа прилика јасно кажува дека е еднобитен, рамносилен, вечен и во се рамен на Отецот, а оваа свечена и сериозна исповест на Христа треба секој искрен човек да го увери за божеството на Спасителот.

-„Им го јавив името Твое на луѓето кои ми ги даде од светот.Беа Твои па Мене Ми ги даде и зборот Твој го одржаа.“

Освен Јудејците и Идолопоклониците – од светот – ги запознав со Тебе, со Твоите својства и дела и тоа потполно и совршено, за да Те знаат како еден и вистински Бог. Но, тука Спасителот особено мисли на своите Апостоли кои според Божјето упатство се одделиле од светот и се соединиле со Христа како Негови ученици, па верувајќи во Него ја исполниле и волјата на Отецот и зборот го оддржале зошто и со слава и дела ја примиле науката на учителот, која е и на Отецот.

-„Сега разбраа дека се што од Мене слушнале е Твое. Зошто зборовите кои Ми ги даде, Јас им ги дадов; и тие примија и вистински познаа дека од Тебе излегов и поверуваа дека Ти Ме испрати.“

Односно, за се дознаа од науката која од Мене ја слушнаа и ја научија и Јас јасно ги учев дека се што им зборувам е Твое и тие тоа искрено го примија и го усвоија, па заради таквата нивна вера:

-„Се молам за нив, не се молам за светот, туку за оние кои ми ги даде зошто се Твои.“

Спасителот се моли за учениците на Отецот како човек, а оваа молитва за нив е сосема умесна зошто строгите искушенија и страшните прогони на Христовите ученици почнаа јавно уште од оној момент кога нивниот учител се одвои од нив, па за тоа многу била потребна Божјата помош, но за тоа Спасителот особено се моли за нив. Но со тоа не треба да се мисли дека Господ го презира останатиот свет зошто во други прилики и за светот долго се молел, а тоа го прави и сега знаејќи дека многумина во светот ќе поверуваат во Него. Освен тоа овој свет никогаш нема да Го заборави Оној Кој му обрна толку големо внимание, Кој и самиот се жртвува заради спасение на светот и Кој издивнувајќи на крстот се молеше на Отецот и за своите убијци.

-„И се Мое е Твое, и се Твое е мое; и Јас се прославив во нив.“

И овие зборови јасно покажуваат дека Синот е рамен на Отецот во се. Велејќи „се е Твое“Христос кажува дека учениците биле на Отецот и тогаш кога Нему Му ги дал. Но за да не се помисли дека Отецот има поголема сила и власт од Синот, Спасителот додава: „Твоето е Мое“, сведочејќи повторно дека учениците биле и Негови и пред Отецот да Му ги даде, и дека и после тоа, како и пред тоа, биле и на Отецот. Самиот редослед на оваа молитва јасно покажува дека горниот текст се однесува на учениците за кого Господ се моли, а може и да се однесува и на науката, но не на личните Божји својства, како што католиците го користат овој дел при своето докажување дека Светиот Дух исходува и од Синот.

-„И веќе не сум во светот, а тие се во светот и Јас одам при Тебе. Свети Оче, сочувај ги во своето име нив кои Ми ги даде да бидат едно како и ние.

Кога Спасителот вака се моли на својот Отец, делото на откупувањето веќе се исполнило, часот на Неговата смрт веќе настапил и така Он телесно веќе се оддалечил од светот. Но бидејќи Неговата наука треба да се рашири по светот од страна на Неговите ученици и тоа се до таму додека сите не се просветат и додка не биде „едно стадо и еден пастир“, на учениците им била потребна заштита, утеха и Божја помош, нешто што добија при слегувањето на Светиот Дух. А бидејќи Спасителот во друга прилика кажа дека своите ученици ги испраќа во светот како овце меѓу волци, затоа сега Го моли Отецот Он со својата благодат да ги штити и храбри при големите искушенија, опасности и страдања на кои ќе наидуваат при проповедувањето на Неговата наука. Затоа е и потребно Отецот да ги земе под своја татковска закрила, за преку верата во Христа да бидат соединети и со љубов меѓу себе, затоа што народите само по тоа ќе ги познаат дека се Негови ученици, како што се кажува на друго место, па затоа и да бидат едно како што Отецот и Синот се едно.

-„Додека бев со нив во светот, Јас ги чував во името Твое, оние кои ми ги даде ги сочував и никој од нив не загина освен несреќниот син, за да се исполни она што е напишано.“

Односно предавникот Јуда. Тој погрешил според својата слободна волја, но после стореното предавство искрено да се покајал, како Петар, тој можеше да добие простување, како што и Петар доби. А тоа што парите ги врати и се обеси, не е доказ на искрено каење, туку на вознемирена совест, која може да се случи и без каење.

-„А сега при Тебе доаѓам и еве говорам во светот да ја имаат радоста Моја исполнета во себе.“

Овие последни зборови ги покажуваат крајот и целта на молитвата, дека учениците се радуваат заради својот учител знаејќи дека и после Неговото заминување од светот, ќе ги чува и брани Бог и Отецот небесен.

БЕСЕДА ВО НЕДЕЛАТА НА СВЕТИТЕ ОТЦИ

„Посакајте и ќе ви се даде, барајте и ќе најдете, тропнете и ќе ви се отвори.“

Се што правел Господ Исус Христос додека бил на земјата, правел за нам да ни го остави примерот на своите дела на кои треба да се угледаме. Така и молитвата на Спасителот која ја слушнавме во денешното Евангелие е пример на соврешна и света молитва за нас. Во оваа молитва наоѓаме: 1) прославување, 2) заблагодарување и 3) молитва кон Отецот небесен за учениците и за целиот свет.

Прославувањето, заблагодарувањето и молитвата се многу потребни зошто со нивно посредство ние добиваме спасение и се останато што е потребно за нашата душа и тело.

Бог ги создал небото и земјата и морето и се што е во нив; Он ги даде сонцето, месечината и ѕвездите; Он го дава воздухот и дождот; Он ни го даде животот; Он ни ги дава и земските призводи. Бог не создаде нас и нашата душа; ни даде очи да гледаме, уши да слушаме, јазик и уста да зборуваме, раце да работиме и нозе да одиме. На крај Бог стана и човек за човекот да се соедини со Бога. Он страдаше на земјата за човекот да го искачи на небото и страдаше на крстот за човекот да го воведе во вечното царство – и зарем човекот не може за сето тоа својот Бог и Отец, најголемиот добротвор, да го слави и прославува? За оваа должност знаеја сите праведници и пред нас. Така и Авел го славеше Бога и Му принесе благодарствена жртва. Енох и Ное, Авраам и Исак, Јаков и Јосиф исполнети со надеж на Бога го правеле истото. Но подоцна луѓето станале мошне небрежни кон оваа нивна света должност и заради тоа Бог, на Синај, даде закон со кој воспостави принесување жртви за простување на гревовите на луѓето и кога човекот, заради својата слабост, ја заборавал оваа должност, законот го опоменувал. Но сега престанаа жртвите зошто е воспоставена бескрвна жртва, т.е. тајната на причестувањето и жртвата на прославувањето, заблагодарувањето и молитвата за која Спасителот со овој пример ни укажува. Така Он ни го кажа начинот на молитвата кога рече: „Кога се молиш влези во својата соба и затвори ја вратата, па се моли на Отецот свој кој е во тајност; и Отецот твој, кој гледа тајно, ќе те награди јавно“(Матеј, 6,6). Потоа ни покажа и пример оставајќи ни ја молитвата Оче наш. А за да не увери уште подобро дека треба на Бога да се молиме, Спасителот самиот повеќе пати се молеше на Бога, иако како Бог за тоа немал потреба. Заради тоа молитвата и е најважна и најсвета должност на секој христијанин.

Но, зарем и денес многумина не ја занемаруваат таа должност со која тесно е поврзана секоја појава во нашиот живот. Во секоја несреќа или жалост зарем не ги креваме рацете кон Бога? Кога сме во неволја и опасност зарем не велиме: Боже спаси и помогни? Дури и при секое добро дело, зарем ние не се обраќаме кон Бога наоѓајќи само при Него сигурна помош и заштита зошто при Бога може да пристапи и богат и сиромав човек, и господар и слуга, учен и прост и секој човек воопшто, па затоа Спасителот и вели: „Посакајте и ќе ви се даде, барајте и ќе најдете, тропнете и ќе ви се отвори.“ И навистина ние знаеме дека сите ја добиле помошта која од Бога ја барале и тоа не само праведниците, туку и грешниците, па дури и разбојникот на крстот велејќи само: „Господи, спомни си за мене кога ќе бидеш во царството небесно.“

Но некој може да рече дека повеќе пати се молел на Бога за нешто и молитвата не му била примена – она што барал не добил. Но кој знае дали таа молитва била онаква каква што требала да биде? Дали молителот се одликувал со смиреност и побожност и дали точно одговорил со своите христијански должности кон Бога и кон ближниот? Еве да претпоставиме дека сето тоа го исполнува, но сепак Бог не му дал она што барал. Но дали тоа барање за молителот било на штета наместо од полза, зошто ние го гледаме само она што е пред нас, а што може да биде во иднина, тоа не знаеме. И детето повеќе пати бара нож за да си игра со него, често и плаче зошто не му се дава и не ја исполнуваме неговата желба зошто ножот може да го убие. Исто така и Бог прави зошто Он знае што ќе биде во иднина и кога нашето барење е на штета за нашата душа и нашиот живот, Он не го исполнува барањето, а често ја искушува нашата постојаност и вера во Него. Затоа не треба никогаш да се заборава молитвата, но треба да се знае и тоа дека молитвата не смее само да се изговара со устата, а душата да не ја слуша. Апостолот вели: „Ќе се молам на Бога со душата, а ќе се молам и со умот; ќе Го фалам Бога со духот, а ќе Го фалам и со умот.“ (1.Кор. 14, 15)

Но колку пати нашата молитва многу се разликува, па често и не наликува на вистинска молитва. Доаѓајќи во црква, колку пати на молитва не донесува само телото, а душата и срцето се во нашиот дом, или на пазар, во дуќан или пак при светски забави. Други пак се молат на Бога велејќи: „…и прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги простуваме на нашите должници…“, а штом ќе излезат од црква, тие бараат пат и начин како да се осветат на своите браќа кои за нешто ги навредиле! Некои пак велат: „…и избави не од лукавиот…“, а штом излезат од црква, тие веднаш замислуваат дела на лукавиот демон и брзаат или да излажат или да озборуваат или пак лажно да се заколнат. Но ваквата молитва не е молитва која помага, туку која одмага, како што пророкот вели: „И молитвата негова нека биде грев.“ (Пс. 109, 7).Затоа кога човек се моли на Бога, тој треба да обрне особено внимание, неговото уво да го слуша она што неговата уста го говори, неговата душа да чувствува што неговиот јазик изговара и неговиот разум да мисли за она што тој во молитвата го упатува кон Бога и тогаш навистина човекот влегол во својата соба и ја затворил вратата, т.е. дека во молитвата е со срцето и душата, со устата и разумот е упатен кон Бога, оддалечувајќи ги од себе сите светски и земски грижи. Таквата молитва на човекот му донесува простување на гревовите и благодат и милост од човекољубивиот Бог на Кого нека е слава во вечни векови. Амин.

This entry was posted in Толкувања и Беседи. Bookmark the permalink.

Comments are closed.