ЕПИСКОПСКА ОДГОВОРНОСТ

bannerThracian_ch-3
„Нека власта не ви биде како кај незнабошците, зошто тиранијата и дрскоста на умот не се Мое учество. Затоа оној кој сака меѓу вас да биде најголем, нека биде последен од сите“ (Тропар 8 песна на утринската на Велики Понеделник).
Не се само Свештените канони тие кои и помагаат на Црквата за спасение на душата и во регулирањето на црковниот живот тука на земјата. При посветувањето на нов епископ, кандидатот во Третиот завет кој го дава пред народот, го изјавува следново:
„ Во ова свое исповедување на светата Вера ветувам дека ќе ги следам Каноните на светите Апостоли и седумте Вселенски собори, и светите Помесни собори, како и преданијата на Црквата, и одлуките, заповедите и упатствата на Светите Отци. Се што тие прифатиле прифаќам и јас, и се што тие отфрлиле отфрлам и јас“.
Во тие извори на нашата света Вера пронаоѓаме, меѓу другото, дека епископот е подложен на осуди, казни, оддалечување па дури и соборување не само ако проповеда еретичко учење, или ако е неморален во своето однесување, туку и ако е немарен во своето пастирско расудување.
Така на пример 58-то Апостолско правило говори за немарноста на епископот. Тоа вели: „Ако епископот или презвитерот е безгрижен кон клирот и народот и пропушта да ги учи на побожност, нека биде оддалечен; но ако истрајува во својата безгрижност и мрзливост, нека биде соборен од својата служба“.
Обрнете внимание на тоа дека нема спомнување за ерес или неморал, туку само безгрижност – чисто пастирски проблем. Епископот поради тоа може да биде оддалечен или соборен!
Во толкувањето на 32-то Апостолско правило се вели дека ако епископот некого неправедно или неканонско го оддалечи, тоа оддалечување, по разгледувањето од страна на Светиот Синод, може да биде укинато и може да биде одредено за самиот епископ (според правниот принцип lex talionis – кое е исто така спомнато во толкувањето на 6-то правило на Вториот Вселенски собор и на 4-то правило на Седмиот Вселенски собор). Значи без разлика која казна епископот сака да му одреди на друга личност, доколку не може да докаже дека таа казна е оправдана или канонска, истата казна ќе го снајде него – а може да биде дури и симнат од позицијата. Повторно тука не се работи за ерес или околу моралот, туку само за нечие неправедно оддалечување, кое спаѓа во доменот на пастирските прашања.
Еве еден историски пример:
Во дванаесетиот век за Кипарскиот архиепископ Јоаким било утврдено дека предизвилак духовна штета, дека бил неспособен и мрзлив во пастирските работи, дека бил мрзлив во посетите на своето стадо, нечовечен, недоволно духовен и невешт како администратор во таа мерка што кипарскиот народ ја побарал неговата оставка. Како резултат на ова, тој бил приморан поради горенаведените причини да ја напушти службата. Управувал од 1821 до 1824 година. Неговата единствена „позитивна карактеристика“ очигледно била таа што тој знаел да зборува турски!
Тука нема збор за ерес или неморал, се работело само за пастирски прашања („Официјални црковни ракописи сочувани во Патријаршиската архива во врска со односите на Вселенската патријаршија и црквата на Александрија, Антиохија, Ерусалим и Кипар меѓу 1574 и 1863 година – архимандрит Калиник, Константинопол 1904 година, стр. 608-615, на грчки).
Архимандрит Адријан од Скитата на Светото Вознесение во Кејп Недик во државата Мејн (долгогодишен секретар на епископот Григориј Грабе, РПЗЦ) сведочи дека имало неколку (најмалку шест) случаи во Руската Загранична Црква во време на блажениот спомен на Митрополитот Анастасиј и Отец наш меѓу светите Филарет Нов Исповедник, кога од чисто пастирски причини на парохијата во различни епархии биле ставени под непосреден надзор на спомнатите архиереи како ставропигијални институции или како метоси. Така на надлежниот архиереј, Архиепископот Антониј Лос-Анџелески, кој во суштина бил добар човек и православен во своето исповедување на верата, му била оставена само една парохија – соборната црква на Свето Преображение во Холивуд. До ова дошло заради неговата гордост (бил исклучително плашлив и склон на разлутување), како и заради неговата ненаклоност и непријателство кон светителот Јован Максимович Сан –Франциски. Тој дури тврдел дека сите чуда на светителот Јован биле ѓаволско дело!
Архиепископот Антониј не бил казнет од страна на Синодот на Руската Загранична Црква, ниту бил суспендиран, а не бил ни обвинет за неморал или ерес. Единствено верниот народ не можел да ја трпи неговата раздразливост и омраза кон светителот Јован, па не сакале тој да служи во нивните цркви, ниту сакале да го спомнуваат. Од таа причина, за да ја сочуваат оваа парохија и да ги спасат душите на верните, Синодот на РПЗЦ ги прогласил за ставропигијални установи под директна епископска грижа на Њујоршкиот Митрополит.
Исто било и со манастирот на игуманијата Јулијана во Чиле. Заради расправа околу административни работи со локалниот архиереј, Синодот на РПЗЦ манастирот го ставил под директвна грижа на Митрополитот Њујоршки, заради мир и спасение на сестринството.
И навистина тоа е оној вид на пастирско размислување со кој се воделе Светите Отци на помесниот Антиохиски собор во 341 година кога го формулирале 18-от канон:
„ Ако еден епископ, откако бил поставен, не отиде во онаа област на која бил поставен и тоа не по своја вина туку заради тоа што народот не сака да го прими или заради некоја друга причина која не потекнува од него, како таков нека ја ужива честа и службата, но нека не се меша во работите на онаа црква во која живее, а ќе прифати само она што ќе го установи епархискиот собор“.
Соборските Отци предвиделе дека може да настане ситуација кога епископот без своја вина може да не биде прифатен од страна на народот и затоа пропишале што треба да се прави во таков случај за да се изравни работата.
Од друга страна, како што видевме, имало случаи кога вистинската причина за одбивање на епископот од страна на верниците било тоа што тој ја злоупотребувал својата власт, и затоа на сличен начин било потребно да се постигне договор заради спасение и на едните и на другите.
Така гледаме, од светите Канони, и „преданијата на Црквата, одлуките, заповедите и упатствата на Светите Отци“, дека епископот е одговорен не само за прашањата за учењето или моралот, туку дека важно место имаат и прашањата за пастирскиот карактер. Како резултат на тоа, епископот не е „крајна власт“. Тој е одговорен пред Бога и пред Светиот Синод кој има широк спектар на средства во надгледување на епископските постапки во сите области – во областа на учењето, моралот и пастирската грижа.
Првата грижа на Црквата секако е израснување и спасение на душата, а не правата на епископот, кој треба да биде прв и најочигледен пример на кроткост и служење на другите. Навистина, како што Христос не дошол за да му се служи, така и епископите се „слуги на слугите Христови„.
Епископите се одговорни пред Бога и луѓето. Затоа им се потребни молитвите на сите верници!
МВПЦ-администрација

This entry was posted in Архиепископ. Bookmark the permalink.

Comments are closed.