ПРАВОСЛАВЕН КАЛЕНДАР ЗА ЈАНУАРИ 2018 ГОДИНА ГОСПОДОВА

PRAVOSLAVEN_KALENDAR-JANUARI_2018
1 ЈАНУАРИ (19 ДЕКЕМВРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТИОТ МАЧЕНИК БОНИФИЦИЈ
Мачеништвото за Христа од грешникот прави светител. Тоа го покажува примерот на Свети Бонифатиј. Тој најпрво ѝ бил слуга на некоја богата и развратна жена во Рим, Аглаида, со која имал нечиста и незаконска врска. Обајцата биле незнабожци. Еднаш Аглаида посакала да има во куќата маченички мошти и да ги чува како амајлија што штити од зло. Затоа го пратила својот слуга во Азија, за да најде и да ѝ купи мошти. Бонифатиј зел со себе неколкумина робови и доста богатство, а при разделбата ѝ рекол на својата господарка: „А ако не можам да најдам никаков маченик и ако ти го донесат моето тело, госпоѓо, пострадано за Христа, ќе го примиш ли со чест?“ Аглаида се насмеала и го нарекла пијаница и грешник. Така тие се разделиле.
Кога дошол во градот Тарс Бонифатиј видел мнозина христијани на маки: едни со отсечени нозе, други без раце, трети избодени, четврти на бесилки и т.н. Нему му се изменило срцето, се покајал за својот грешен живот и заплакал. И сред христијанските маченици возвикнал: „И јас сум христијанин!“ Судијата го подложил на маки, наредил да го бијат, потоа му истуриле врело олово во устата и бидејќи тоа не го повредило – му ја отсекле главата со меч. Робовите го зеле неговото тело и го однеле во Рим. Ангел Божји ѝ се јавил на Аглаида и велејќи ѝ: „Прими го оној што некогаш ти беше слуга, а сега ни е брат и сослужител; тој ти е чувар на душата и заштитник на животот“. Ужасната, Аглаида излегла во пресрет, го примила телото на Бонифатиј, му изградила црква и во неа ги положила моштите на маченикот. Таа потоа се покајала, им го разделила сиот свој имот на бедните, а самата се повлекла од светот и поживеала уште петнаесет години во горко покајание. Свети Бонифатиј пострада во 290 година.
-СВЕТИ ГРИГОРИЈ (ГРИГЕНТИЈ) ЕПИСКОП ОМИРИТСКИ
Најпрво бил ѓакон на медиоланската Црква и имал многубројни виденија. По Божја Промисла бил одведен во Александрија, каде што патријархот Протериј според едно небесно откровение го ракоположил за епископ на Омиритската земја, во јужна Арабија, која Свети Елезвој (под 24 октомври) штотуку ја ослободил од тиранинот Дунаан Евреинот. Свети Григориј се памети како добар пастир и голем чудотворец. Со помош на христољубивиот цар Аврамиј ја уредил омиритската Црква, подигнал многу храмови и крстил голем број Евреи. Вршешел големи и страшни чуда со молитва; на неговата молитва пред неверните Евреи се јавил и Самиот Господ Христос, а тоа било пресудно за да се крстат. Управувал со Црквата триесет години. Се упокои мирно во 552 година.

2 ЈАНУАРИ (20 ДЕКЕМВРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)

-СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ИГНАТИЈ БОГОНОСЕЦ

Овој свет маж е наречен Богоносец затоа што постојано во срцето и на јазикот го носел името на живиот Бог. Преданието уште вели дека е наречен Богоносец и зашто него го зел на раце воплотениот Бог Исус Христос. Во времето кога Господ ги учел своите ученици на духовен живот според евангелските заповеди, зел едно дете, го поставил меѓу нив и им рекол: „Оној кој ќе се смири и ќе стане како ова дете, тој е најголем во царството небесно“ (Матеј 18, 4). Тоа дете бил Игнатиј. Подоцна Игнатиј му бил ученик на Свети Јован Богослов, заедно со Поликарп, епископот Смирненски. Како Антиохиски епископ управувал со Божјата Црква како добар пастир. Го вовел антифонскиот начин на пеење во Црквата, т.е. наизменично пеење на две певници. Овој начин на пеење му се открил на Свети Игнатиј меѓу ангелите на небесата. Кога царот Трајан минувал низ Антиохија одејќи во војна против Персијците, дознал за Игнатиј, го повикал кај себе и почнал да го советува да им принесе жртва на идолите за да биде од него поставен за сенатор. Бидејќи советите и заканите на царот останале залудни, Свети Игнатиј го оковале во железо и во придружба на десетмина најнемилосрдни војници го испратиле во Рим, за да биде фрлен пред ѕверовите. Игнатиј му се радувал на страдањето заради Господа и постојано Му се молел на Бога ѕверовите да станат гроб за неговото тело и никој да не го попречи во таа смрт. По долго и тешко патување од Азија преку Тракија, Македонија и Епир, Игнатиј пристигнал во Рим, каде што го фрлиле пред лавовите во циркусот. Лавовите го растргнале и го изеле, оставиле само неколку коски и срцето. Овој славен вљубеник во Господ Исус Христос пострада во 106 година во Рим, за време на христоборниот цар Трајан. Се има јавувано повеќепати, притекнувајќи им на помош на сите што го повикуваат со вера.

-СВЕТИ ДАНИЛО II, АРХИЕПИСКОП СРБСКИ

Син на богати и богољубиви родители. Во младоста бил добро воспитан. Кралот Милутин го зел на својот дворец, но тој од голема љубов кон Бога побегнал и се замонашил во Кончулскиот манастир покрај Ибар. Подоцна бил игумен на Хилендар и многу претрпел од латинските крстоносци. Бил епископ Бањски, потоа Хумски и најпосле архиепископ Српски. Бил строг подвижник за време на целиот монашки живот. Имал особен дар на солзи. Крепко се борел против Латините и богомилите. Под негов надѕор се изградени манастирите Бања и Дечани. Обновил и изградил многубројни цркви. Се упокои мирно во времето на цар Душан, ноќта меѓу 19 и 20 декември во 1338 година.

-СВЕТИ ЈОВАН КРОНШТАТСКИ

На 19 октомври 1829 година е родено детето Јован, син на Илја Сергиев и неговата сопруга Теодора, во најсеверната област на Архангелск, недалеку од Белото море, во сиромашната населба Сура, оскудната и мрачна околија Пинеги. Новороденчето изгледало толку слабо, што родителите се исплашиле за неговиот живот. Поради тоа веднаш, ноќта, го повикале свештеникот да го крсти. На детето му дале име Јован, во спомен на свети Јован Рилски. По крштевањето, неговата состојба брзо се поправила. Јован порасна во традиционално руско патријахално семејство. Повеќе од триста години неговите предци служеле како свештеници во поларната населба. Неговата мајка, длабоко побожна жена, својот син трпеливо го опсипуваше со љубов. Неговиот татко со својата мала плата требаше да ги издржува, покрај Јован и неговите две помлади сестри, и големото семејство. Од мали нозе Јован вредно им помагаше на родителите, посебно во полските работи. Во него од мал се развиваше сочувството со туѓото страдање. Тој порасна како сериозно, молчаливо момче. Ништо не го влечеше кон детските игри, а природата му беше многу блиска. Уште поблиски му беа Господ, Црквата и молитвата. Секојдневно влегуваше во домот Господов. Кога тргна на училиште, му се отвори непознат свет. И покрај сета трудољубивост, на Јован му недостигаше способност да сфаќа и памети. Со години не успеваше да го совлада барем читањето. На десетгодишна возраст Јован, при најтешки жртви од неговите родители стапи во единственото основно училиште во епархијата, во Архангелск. Како секое селско дете, тој живееше кај сиромашни луѓе, препуштен самиот на себе. Храната беше недоволна, но тој беше навикнат на гладување. Поради слабиот ум имаше големи маки. Ограниченоста во учењето му беше голем товар. Страдаше заради тоа што неговиот татко напразно го троши и својот последен грош за него. По цели денови залудно се трудеше, но неговиот ум остануваше запечатен. Немаше никој да му помогне. Молчаливото, просјачки сиромашно момче, покрај тоа и најлошиот ученик во училиштето, во тој град не наоѓаше никаква радост.

Во својата неволја Јован сè повеќе прибегнуваше кон молитвата која му беше блиска. „Ноќе со задоволство се молев. Сите спијат, тишина е, никој не ми пречи. Најчесто се молев Господ, за утеха на моите родители, да ми го просветли разумот. И Господ ме послуша. Неговата светлина ме осветли. Еднаш, паметам како денес да се случило, сите во собата беа заспале. Само јас не можев. Сè уште едвај успевав по нешто да разберам од наставата и нешто да запамтам, тешко читајќи ги слоговите. Ме опфати голема жал. Клекнувам покрај својата постела на колена и почнувам најусрдно да се молам. Не знам колку долго траеше тоа. Одеднаш мојата внатрешност се потресе, и ми се стори како некое перде да падна од моите очи и умот да ми го отвори. Учителот, неговото предавање, сè што зборуваше наеднаш, јасно стоеше пред мене. Ведрина и радост ми ја исполнија душата. По таа молитва заспав мирно, како никогаш порано. Утрото скокнав од постелата, ја зедов книгата и о, среќа, можев да читам многу подобро, сè да разберам и дури на друг да пренесам. Од тоа време, мојот напредок во училиштето беше за сите очигледен. На крајот од годината, како еден од најдобрите ученици, бев упатен во Богословија.“ Следните десет години Јован ја посетуваше Богословијата и трудољубиво учеше. Јован Илич Сергиев во 1855 година ја заврши Академијата како кандидат за богословие. Малку пред тоа, што беше исклучок, тој учествуваше на еден општествен собир и ја запозна Елисавета Константинова, ќерка на свештеникот Несвицки од Кронштат. Со согласност на таткото, тие се венчаа веднаш по неговото завршување на Академијата. Со тоа беше исполнет и предусловот да стане православен парохиски свештеник. Јован Сергиев за свештеник го ракоположи Владиката Христофор, на 12 декември 1855 година, во Петроград. Потоа, тој премина кај својот дедо во Кронштат, да му помага во соборниот храм на свети Андреј, а подоцна од својот болен дедо ја презема и службата како најмлад свештеник. Од првиот ден во својата служба тој стапи во близок однос со својата паства. Отец Јован не пропушташе ниту една прилика да помогне. Во сиромашните куќи тој ги посетуваше болните, пропаднатите родители, гладните деца. Тој одеше по продавниците, купуваше храна, доведуваше лекар, набавуваше лекови. Со еден збор, тој се грижеше за несреќните семејства со топла присност и ја раздаваше до последен грош својата скромна плата. Секако, отец Јован не се ограничуваше само на економска помош. Пред сè, тој се трудеше околу духовно паднатите и бараше начин во нивниот живот да внесе светлина. Тој не им судеше, туку ги разбираше луѓето. Внатрешно неутврдениот човек, кого што го снаоѓа неволја, лесно прави компромиси со својата совест, лесно паѓа во порок, се оддава на алкохол да ја заборави својата неволја, достигнувајќи до пијанство. Отец Јован се грижеше и за децата на сиромашните и тие секогаш радосно го очекуваа. Им зборуваше за Бог, за Синот Божји и за Неговата добрина. Со време, успеа да отвори неделно училиште, основно училиште, дневен дом и читална, дом за сиромаси и работилница за чираци, каде што децата и младите можеа бесплатно да учат. Во 1857 година, со радост прифати да ја води верската настава во градското основно училиште, а веднаш потоа и во новооснованата гимназија. Отец Јован своите часови ги сфаќаше многу сериозно. Тој знаеше дека вероучителот ја носи главната одговорност за природниот развој на ученикот. Тој знаеше дека својата задача ја исполнил само ако ги загрее срцата на младите луѓе за Бог. Децата ги подучува и на молитвата: „Учете да се молите. Принудувајте се себеси на молитва. Во почетокот е тешко. Меѓутоа, колку повеќе ја засилувате, толку повеќе молитвата станува сè полесна. Што е молитвата? Тоа е свртеност на срцето и умот кон Бог. Молитвата е разговор на созданието со Творецот, со целосна стравопочит, а при најболната свест за сопствената слабост и ништожност, при најдлабоко покајание на срцето и цврста одлука да се измениме, со доверување во семоќната Божја помош. Оној што не се моли од сето срце, воопшто не се моли. Срцето мора да го почувствува она што го изговара, мора огнено да копнее по она за што се моли. Внимателната искрена молитва ве соединува со Бог и ве исполнува со неговите дарови: вистина, мир и радост, смирение и љубов.“ Односите се прошируваа и надвор од гимназијата. Многу ученици доброволно, пред часовите ги посетуваа неговите Свети Литургии. Неговите раскажувања за силата на молитвата навлегуваа длабоко во нивните срца и оставаа печат на нивното гледање на животот и светот. Повеќе од триесет години отец Јован предаваше во Кронштатската гимназија, во август 1889 година тој ја напушти таа должност. Отец Јоваш живееше за својот свештенички повик. Тој ги следеше заповедите Божји, секој ден доброволно вршеше богослужение, држеше веронаука и постојано им помагаше на оние што се во неволја. Но, секако имаше и искушенија. Многумина немаа разбирање за неговото дело па го исмејуваа или осудуваа. Градската управа, дури и другите свештенослужители (неговите собраќа) покажуваа и непријателство кон него. Кога отец Јован одеше да ги посетува сиромашните и болните, тие го обвинуваа дека своеволно ја напушта парохијата и ги занемарува своите редовни должности. Дури се приговараше и на неговиот начин на живот и му се префрлаше што контактира со пропаднати луѓе. Тој со болка се соочуваше со пишаните и усни клевети. Повремено се плашеше за своето дело, за довребата кон неговиот свештенички повик. Но, не си допушташе во себе да почувствува непријателство кон некого. Уште на почетокот на нивниот заеднички живот отец Јован ѝ рекол на сопругата Елисавета: „Лиса, среќни бракови има доволно и без нас. Прифати заеднички да Му служиме на Бог“. Отец Јован го одобруваше бракот, но за себе прифати слободно одрекување, така што тие живееја како брат и сестра. „Јас сум свештеник; тоа сè кажува. Не припаѓам на себеси, туку на другите.“ Елисавета самопрегорно му помагаше во исполнувањето на тој повик. Во 1874 година отец Јован основа друштво „Братството на свети Андреј“ за згрижување и помош на сиромасите. Отец Јован стануваше сѐ попознат во цела Русија и многумина со тешки болести и своите внатрешни кризи му се обраќаа со целосна доверба. За малку години Кронштат стана поклоничко место, каде што дневно доаѓаа на стотици, па и илјадници луѓе од цела Русија. Тој имаше голем углед во Русија заради многуте чуда, главно лечења и пророштва коишто безбројните сведоци им ги припишувале исклучиво на неговите молитви. Свети Јован Кронштатски очигледно беше поврзан со исихастичката традиција. На прво место, тој лично ја практикуваше Исусовата молитва, а потоа им ја препорачуваше и на другите: „Силна помош во духовната борба ни дава Исусовата молитва, која од почетокот на христијанството ги следи оние што Го бараат Бог. Оној што се моли непрестајно и од срце Му се обраќа на Христос: ‘Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот и подари ми ја Твојата милост која го преобразува битието’. Тој живее во постојано Божјо присуство, пред Него ја отвора својата внатрешност и ја осознава Божјата сесилна помош… Сите мои неволји се појавуваат во мојот невидлив разум и срце. Поради тоа ми е неопходен и еден невидлив Спасител, Кој го познава моето срце. Ако те мачи каква било наметлива фантазија или некое страсно движење (злоба, гнев, завист, омраза, малодушност, самољубие, самоволие или сетилни барања), бргу, во најболно самопознание обрати се кон Христос. Ако те покрива темнина, сомнеж или очај, од сесрце повикај го Неговото Име. Во Него ќе најдеш спознание, доверба и мир. А ако не сакаш да ги поднесуваш постојаните неспокојства од непријателот, секогаш во своето срце повторувај ја Исусовата молитва: ‘Господи Исусе Хрсте, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот’. При мојата искрена молитва Господ секогаш го прогонува искушувачот, кој само преку мојата сопствена изопаченост е силен. Против невидливиот непријател се подига невидливиот Бог, против силниот – Сесилниот. Затоа, секој момент обраќај се кон Христос и постојано мисли на Него; и ќе се спасиш и себеси и другите. Без Неговата благодатна помош ти не можеш да победиш ни една единствена страст, ни еден порок. Повикувај Го постојано. Тој дојде во светот за да нè засили во Светиот Дух, за да нè очисти и ослободи. Не губи надеж и прими го Божјиот збор во срцето: ‘Оној што доаѓа нема да го изгонам надвор’. Моли се без прекин, за душата твоја неочекувано да не падне во искушение. Вежбај се во постојаната молитва на срцето, сè додека таа не почне да работи во него дури и во сон.“ Отец Јован во деведестите години основа четири женски манастири. Царот Николај II стекна особена доверба во него. Архиереите на Црквата му ја признаа благодатната сила на духот. Безброј луѓе ја помагаа неговата општествена дејност, која се протегаше низ цела Русија. До 75-тата година отец Јован непрекинато ја извршуваше свештеничката служба. Света Литургија служеше речиси секој ден, секого го примаше, посетуваше болни, се грижеше за своите општествени установи, спроведуваше добротворни акции, пишуваше беседи и дневник. Децении спиеше еден до два часа на ден. Најпосле неговите телесни сили ослабнаа и тој се разболе. Наредните три години страдаше од постојани болки и треска. Се упокои мирно на 20 декември 1908 година после Светата Литургија, откако се причести со Светите Тело и Крв Христови. Отец Јован уште додека беше жив важеше за Божји човек. За ова сведочеше неговиот чист живот и неговата силна молитва, во стотици потврдени исцеленија. По неговата смрт се умножуваа сведоштвата за неговото благодатно дејствување. Врвните пастири на Руската Православна Црква беа согласни дека отец Јован е Божји праведник. Но, неговата канонизација не можеше да се изврши поради богоборниот режим во Русија. Единствено Архиепископот Андреј Ухтомски во деведесетите години кришум составил Акатист за неговото прославување. Сепак, Руската Задгранична Црква во 1964 година ја објави неговата канонизација.

3 ЈАНУАРИ (21 ДЕКЕМВРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ЈУЛИЈАНА И ШЕСТОТИНИ И ТРИЕСЕТТЕ МАЧЕНИЦИ СО НЕА
Оваа славна девица и маченичка била родена во Никомидија од родители незнабожци. Слушнала од некого проповед на Евангелието и со сето срце се обратила кон Христа, па почнала да живее совршено според заповедите Господови. Свршеник ѝ бил некој сенатор Елевсиј. За да го одврати од себе Јулијанија му рекла дека нема да може да појде за него ако тој не стане епарх на градот. Му го предложила тоа мислејќи дека тој млад човек никогаш нема да може да го достигне таквиот висок чин. Но Елевсиј се потрудил, па со ласкање и мито го придобил чинот никомидиски епарх. Тогаш Јулијанија му открила дека е христијанка и дека не може со него да стапи во брак додека и тој не ја прими христијанската вера, велејќи му: „Што ни вреди да бидеме телесно соединети, кога духовно би биле разединети?“ На ова Елевсиј се огорчил и ја обвинил кај татко ѝ. Јаросен татко ѝ ја исмеал и ја изнатепал, а потоа му ја предал на мачење на епархот. Епархот наредил и многу ја тепале, па потоа ранета и искрвавена ја фрлиле во затвор. Но Господ во затворот ја исцелил и таа се јавила пред епархот сосема здрава. Овој потоа ја врзал и ја фрлил во вжарена печка, но огнот не ја докоснал. Кога го виделе тоа чудо мнозина поверувале во Господ Исус Христос. Такви обратени имало петстотини од машкиот и сто и триесет од женскиот пол. Сите нив епархот ги осудил на смрт и нив ги убиле со меч. Нивните души се преселиле во Рајот. Тогаш злобниот судија ја осудил на убиство со меч и Света Јулијана. Таа излегла на губилиштето радосна со духот. Му се помолила на Бога и ја положила главата за отсекување. На денот на тоа убиство душата на светителката отишла во Царството на вечната Христова светлина, во 304 година. Набрзо Елевсиј го стигнала Божја казна. Кога пловел по морето му се разбил коработ, а тој паднал во водата. Но не нашол смрт во водата туку допливал до некој остров, каде што го растргнале и го изеле кучиња.
-СВЕТИ ПЕТАР ЧУДОТВОРЕЦ, МИТРОПОЛИТ РУСКИ

Бил роден во Волинската област и монашки чин примил во дванаесеттата година од животот. Бил прекрасен подвижник и иконописец. Основал манастир на реката Рата каде бил игумен. Наспроти неговата волја го поставиле за митрополит Киевски. За митрополит бил посветен во Цариград од патријархот Атанасиј. Претрпел неволји од завидливците и од еретиците. Со Црквата управувал осумнаесет години. Се памети како добар и ревносен пастир. Додека бил жив си направил гробница во Успенскиот храм, каде што до денес почиваат неговите Свети и чудотворни мошти. Се упокои во 1326 година.
4 ЈАНУАРИ (22 ДЕКЕМВРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТА ВЕЛИКОМАЧЕНИЧКА АНАСТАСИЈА ОДВРЗИТЕЛКА И ДРУГИТЕ СО НЕА
Оваа славна ревнителка на Христовата вера се родила во Рим во дом богат и сенаторски, од татко паганин и мајка христијанка. Уште како млада се приврзала со љубов кон Господ Исус, а во Христовата наука ја раководел благочестивиот учител Хрисогон. Принудена од татко ѝ стапила во брак со некој незнабожечки велепоседник Публиј. Под изговор на женски болести никако не сакала да влезе со него во телесна врска. За ова мажот ѝ горчливо ја мачел со затвор и глад. А уште поголеми маки ѝ наложил кога дознал дека таа тајно ги посетува христијанските маченици по затворите, им носела понадици, ги служела, им ги миела раните, им ги одврзувала јажињата. По Божја Промисла била ослободена од свирепиот маж. Царот го испратил Публиј во Персија, а тој патувајќи по морето потонал. Тогаш Света Анастасија почнала слбодно да им служи на мачените христијани и своето големо наследство да го троши делејќи им милостиња на сиромасите. Еднаш царот Диоклецијан бил во градот Аквилеја и наредил да му го доведат Христовиот исповедник Хрисогон. Него по патот го придружувал Света Анастасија. На заповед од царот на светиот Хрисогон му ја отсекле главата. Тогаш пострадале и трите сестри Агапија, Хионија и Ирина (под 16 април): првите две биле фрлени во оган, а третата прострелана со стрела. Нивните тела ги зела Света Анастасија, ги завиткала во бело платно и откако ги обложила со многу аромати чесно ги погребала. Потоа отишла во Македонија и таму им помагала на Христовите страдалници. Овде ја препознале како христијанка и за ова ја фатиле и ја воделе на сослушување и мачење кај разни судии. Сакајќи да умре за возљубениот Христос, Анастасија непрестајно во срцето ревнувала кон Него. Еден началник на жреците Улпијан сакал сладострасно да ја оскверни, но одеднаш ослепел и издивнал. Осудена на смрт со глад Света Анастасија прележала во затворот триесет дена без храна, хранејќи се единствено со солзи и молитва. Потоа ја ставиле на кораб со уште неколкумина христијани за сите да ги потопат, но Бог ја сочувал и од таа смрт. Најпосле ја положиле над оган да виси приврзана со рацете и нозете со четири јазли и ја предаде својата света душа на Бога. Пострада и премина во Христовото Царство во 304 година.

-СВЕТА МАЧЕНИЧКА ТЕОДОТИЈА СО ТРИТЕ ДЕЦА
Кога останала млада вдовица со три деца Теодотија целосно се предала на служба на Бога. Децата ги воспитала благочестиво. Кај неа живеела Света Анастасија кога била во Македонија и заедно со неа ги обиколувала Христовите заробеници по затворите. Кога ја извеле пред суд Света Теодотија неустрашливо Го исповедала Господ Исус Христос. Тогаш ја испратиле кај антипатот витиниски Никитиј. Еден бесрамен незнабожец сакал да ѝ го допре телото, но одеднаш здогледал пред неа ангел Божји, кој го удрил и не му дозволил. Света Теодотија била осудена на смрт и фрлена во вжарена печка заедно со нејзините три деца. Чесно го завршија животот на земјата и отидоа во Царството на вечната слава.

5 ЈАНУАРИ (23 ДЕКЕМВРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТИТЕ ДЕСЕТ МАЧЕНИЦИ НА КРИТ

Пoстрадалe за Христа Гoспoда вo врeмeтo на гoнeњeтo на Дeкиј вo 250 гoдина. Нивнитe имиња сe: Тeoдул, Сатурнин, Eвпoр, Гeласиј, Eвникијан, Зoтик, Пoмпиј, Авгатoпус, Василил и Eварeст. Ситe билe углeдни и чeсни граѓани, најдoбри пoмeѓу најдoбритe. Кoга ги извeлe на губилиштeтo, тиe билe мнoгу радoсни и сe расправалe кoј oд нив прв ќe бидe пoгубeн, заштo сeкoј сакал прв да пoјдe кoн љубeниoт Христoс. Пoтoа сe пoмoлилe: “Oпрoсти им, Гoспoди, на Твoитe слуги и прими ја нашата излиeна крв за нас, за нашитe рoднини и пријатeлитe, и за сeта таткoвина, ситe да сe oслoбoдат oд тeмнината на нeзнаeњeтo и Тeбe да Тe пoзнаат, вистинската свeтлина, o Цару вeчeн!” Билe убиeни и вo царствoтo на славата прeминалe да сe радуваат вeчнo.

СВЕТИ НИФОНТ ЧУДОТВОРЕЦ

Бил роден во Пафлагонија, воспитан во Цариград на дворецот на еден војвода. Како млад западнал во лошо друштво и се расипал, се предал на мноштво гревови и порорци. Заради гревовите не можел да Го моли ни Бога. По милоста на Пресвета Богородица се вратил на патот на правдата и се замонашил. Имал безброј виденија од небесниот свет. Четири години водел тешка борба со демонот кој постојано му шепотел: „Не постои Бог! Не постои Бог!“ Но кога му се јавил Самиот Господ Исус како жив на иконата, Нифонт стекнал голема сила над злите духови и се ослободил од тешките искушенија. Бил толку проѕорлив што ги гледал ангелите и демоните околу луѓето исто како што ги гледал луѓето и ги распознавал човечките помисли. Со ангелите разговарал често, а со демоните се препирал. Ѝ подигнал црква на Пресвета Богородица во Цариград, собрал монаси и мнозина ги спасувал. Александрискиот архиепископ Александар по откровение од небото го посветил за епископ на градот Констанциј на Кипар. Во тоа време Свети Нифонт бил веќе стар. Добро управувал со Црквата некое време, па се преселил во Царството Христово. Пред смртта го посетил Свети Атанасиј Велики, архиѓаконот на александриската Црква и му го видел лицето после смртта осветлено како сонце.
6 ЈАНУАРИ (24 ДЕКЕМВРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)

-ПРЕПОДОБНА МАЧЕНИЧКА ЕВГЕНИЈА И ДРУГИТЕ СО НЕА
Ќерка на Филип, кој бИЛ епарх на целиот Мисир. Била родена во Рим. Во тоа време христијаните биле прогонувани од Александрија и живееле надвор од градот. Девицата Евгенија ги посетувала и со сето срце ја примила нивната вера. Побегнала од родителите и со двајца свои верни евнуси се крстила од епископот Елиј, па преоблечена во машка облека стапила во еден машки манастир и таму примила монашки чин. Толку го очистила своето срце со доброволен подвиг, што од Бога примила благодат на исцелување на болните. Така исцелила една богата жена Мелантија. Но потоа истата жена сакала, мислејќи дека е машко, да ја навлече на телесен грев. Па бидејќи Евгенија одлучно ја одбила, оваа зла жена за одмазда отишла кај епархот и ја наклеветила Евгенија исто онака како што некогаш Петефриевата жена го обвинила целомудрениот Јосиф. Епархот наредил и сите монаси ги оковале и ги фрлиле во затвор заедно со Евгенија. Но кога ја извеле пред суд, Света Евгенија му се покажала на татко ѝ како негова ќерка. Израдуван, Филип се крстил заедно со сиот негов дом. По ова бил избран за епископ на Александрија. Кога слушнал за ова римскиот цар, испратил еден свиреп војвода Теренциј, кој дошол во Александрија и тајно го убил Филип. Тогаш Света Евгенија заедно со мајка ѝ и со браќата се преселиле во Рим. Таму храбро и ревносно ги обраќала незнабожците во вистинската вера, особено девојките. Така обратила и некоја прекрасна девојка Василија. Наскоро оваа била убиена за Христа, како што ѝ прорече Света Евгенија. Тогаш ги убиле и оние двајца евнуси, Прот и Јакинт. Најпосле дојде и маченичкиот крај на Света Евгенија. Од нејзиното присуство паднал идолскиот храм на Дијана и се разурнал. Мачителите најпрво ја фрлиле во вода, а потоа во оган, но Бог ја спасил. Во затворот ѝ се јавил Самиот Господ Исус и ѝ рекол дека ќе пострада на денот на Неговото Рождество. Така и стана. Ја убиле со меч на 25 декември 262 година во Рим. После својата смрт Света Евгенија ѝ се јави на својата мајка во голема слава и ја утеши.

-ПРЕПОДОБЕН НИКОЛА ВОЈВОДА
Некои мислат дека овој голем светител по потекло бил од балканските Словени. Во времето на царот Никифор, Никола бил војвода и заповедал над еден дел од војската која тргнала во војна против Бугарите. Патем Никола ноќевал во една крчма во која имало големо искушение и сонував чуден сон. Во војната, во која Грците биле сосем поразени од Бугарите во 811 година, тој сон наполно се исполнил. Никола се спасил, па од благодарност кон Божјата Промисла го оставил војничкиот чин и се замонашил. Се подвизувал долго време и толку се восовршил со подвигот, што станал голем Божји угодник и проѕорливец. Се упокои мирно и се пресели во блаженото Царство на Господ Христос во 11 век.

7 ЈАНУАРИ (25 ДЕКЕМВРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)

-РОЖЕНСТВО НА НАШИОТ ГОСПОД И СПАСИТЕЛ ИСУС ХРИСТОС – БОЖИК
„Нo кoга сe испoлни врeмeтo, Бoг Гo испрати Свoјoт Син, Кoј сe рoди oд жeна и сe пoтчини на закoнoт“ (Гал. 4:4) за да гo спаси чoвeчкиoт рoд. И кoга миналe дeвeт мeсeци oд благата вeст штo ѝ ја јавил архангeлoт Гаврил на Прeсвeтата Дeва вo Назарeт, вeлeјќи: Радувај сe благoдатна… eвe ќe зачнeш и ќe рoдиш син, вo тoа врeмe излeгла oд кeсарoт Август запoвeд да сe изврши пoпис на сиoт нарoд вo Римскoтo Царствo. Спoрeд таа запoвeд сeкoј трeбалo да си пoјдe вo свoјoт град и таму да сe запишe. Затoа правeдниoт Јoсиф дoшoл сo Прeсвeта Дeва вo Витлeeм, градoт Давидoв, бидeјќи билe и двајцата oд царскoтo кoлeнo на Давида. Бидeјќи вo тoј мал град сe насoбралo мнoгу нарoд заради пoписoт, Јoсиф и Марија нe мoжeлe вo ниeдна куќа да најдат кoнак, заради штo сe засoлналe вo eдна oвчарска пeштeра, вoп кoја штo пастиритe ги затвoралe свoитe oвци. Вo таа пeштeра, вo нoќта пoмeѓу сабoтата и нeдeлата, на 25 дeкeмври, Гo рoдила Прeсвeта Дeва Спаситeлoт на свeтoт, Гoспoд Исус Христoс. И oткакo гo рoдила бeзбoлнo, какo штo и гo зачнала бeзгрeшнo, oд Свeтиoт Дух а нe oд чoвeк, таа самата гo пoвила вo лeнeни пeлeни, Му сe пoклoнила какo на Бoг и Гo пoлoжила вo јаслитe. Пoтoа пришoл и правeдниoт Јoсиф, и тoј Му сe пoклoнил какo на Бoжeствeн плoд oд дeвoјчинска утрoба. Тoгаш дoшлe и пастиритe oд пoлeтo, упатeни oд ангeлoт Бoжји и Му сe пoклoнилe какo на Мeсија и на Спаситeл. И пастиритe слушналe мнoгу ангeли Бoжји кадe штo пeат: „Слава на Бoга вo висинитe, а на зeмјата мир и мeѓу луѓeтo дoбра вoлја“ (Лк. 2). „Вo тoа врeмe стигналe и трoјцата мудрeци oд Истoк, вoдeни oд чудната ѕвeзда, сo свoи дарoви: златo, ливан и смирна, и Му сe пoклoнилe какo на Цар над царeвитe и Гo дарувалe сo свoитe дарoви“ (Мт. 2). Така дoшoл на свeтoт Oнoј, чиe штo дoаѓањe билo прoрeчeнo oд прoрoцитe, сe рoдил oнака какo штo билo прoрeчeнo: oд Прeчиста Дeва, вo градoт Витлeeм, oд кoлeнoтo Давидoвo пo тeлo, вo врeмeтo кoга пoвeќe вo Eрусалим нeмалo цар oд рoдoт Јудин, туку царувал Ирoд, туѓинeц. Пoслe мнoгу Свoи праoбрази и вeтувања, пратeници и вeсници, прoрoци и правeдници, мудрeци и царeви, најпoслe сe пoјавил Oн, Гoспoдарoт на свeтoт и Царoт над царeвитe да гo изврши дeлoтo на спасeниeтo на луѓeтo, штo нe мoжeлe да гo извршат нeгoвитe слуги. Нeму нeка Му e вeчна славата и пoфалбата. Амин.
8 ЈАНУАРИ (26 ДЕКЕМВРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР

-СОБОР НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
На вториот ден од Божик христијанската Црква ѝ оддава слава на Пресветата Божја Мајка, Која Го роди Господ и Сапсителот наш Исус Христос. Ова празнување се нарекува Нејзин собор затоа што на тој ден се собираат сите верни за да Ја прослават Неа, Која е Богородица. Тогаш се служи торжествено, соборно, во Нејзина чест. Во Охрид од древноста беше устроено спроти вториот ден на Божик вечерната да се служи само во црквата на Пресвета Богородица, наречена Челница. Целото свештенство со народот овде соборно Ја прославуваше Пречистата Божја Мајка.

-СПОМЕН НА БЕГСТВОТО ВО МИСИР
Источните мудреци, ѕвездогледци, што Му се поклонија на Господ во Витлеем, на заповед од ангел се упатија на пат кон својата татковина. А свирепиот цар Ирод намисли да ги убие сите деца во Витлеем. Бог ја виде оваа намера на Ирод, па испрати Свој ангел кај Јосиф. Божествениот ангел му се јави на Јосиф во сон и му нареди да го земе Младенецот и Неговата Мајка и да бегаат во Мисир. Јосиф така и постапи. Ги зеде Младенецот и Мајка Му и се упатија прво во Назарет (Лука 2, 39), овде ги уреди сите свои домашни работи, го зеде со себе својот син Јаков, а потоа тргнаа за Мисир (Исаија 19, 1). Во стар Каиро до денес се покажува пештерата во којашто живееше Светото семејство, а во селото Матареа, близу Каиро, укажуваат на дрвото под кое се одмарала Пресвета Богородица со Богомладенецот. Таму има и чудотворен извор со вода под она дрво. Откако поживеаја неколку години во Мисир, по заповед на ангел Божји се вратија повторно во Палестина. И така се исполни второто пророштво: „Од Мисир го повикав Синот Свој“ (Осија 11, 1). Ирод беше умрен, а на неговиот крвав престол седна достојниот нему во злото син Архелај. Кога слушна Јосиф дека Архелај царува во Ерусалим, се упати во Галилеја, во својот град Назарет, каде што се насели во својот дом. Со Галилеја тогаш владееше вториот син Иродов, Ирод помладиот, којшто беше малку поблаг во злото од својот брат Архелај.

9 ЈАНУАРИ (27 ДЕКЕМВРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)

-СВЕТИ ПРВОМАЧЕНИК И АРХИЃАКОН СТЕФАН
Бил роднина на апостолот Павле, Евреин од Евреите што живееле по елинските области. Бил прв од Седумте ѓакони кои Светите апостоли ги ракоположиле и ги поставиле во служба на грижа за сиромасите во Ерусалим. Затоа и го нарекле архиѓакон. Со силата на својата вера вршел големи чуда меѓу луѓето. Злобните Евреи се препирале со него, но биле секогаш победувани од неговата мудрост и од силата на Светиот Дух Кој дејствувал преку него. Тогаш посрамени Евреите, свикнати на измами и клевети, го побуниле народот и народните старешини против невиниот. Клеветата против Стефан велела дека хулел на Бога и на Светиот пророк Мојсеј. Брзо нашле лажни сведоци кои тоа и го потврдиле. Тогаш Стефан застанал пред народот и сите виделе дека лицето негово е како лице на ангел, т.е. озарено од благодатна светлина како што некогаш бил Мојсеј кога говорел со Бога. Стефан ги отворил своите усни и ги поредил многубројните доброчинства и чуда Божји извршени од Бога во минатото над народот израилски, но и многубројните злосторства и противења кон Бога од страна на тој народ. Особено ги изобличил за убиството на Господ Христос, нарекувајќи ги предавници и крвници. И додека тие чкртале со забите, Стефан погледнал и го видел небото отворено и славата Божја. Тоа што го видел тој им го објавил на Евреите: „Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки кај седи од десната страна на Бога“ (Дела 7). Тогаш пакосниците го извеле надвор од градот и го убиле со камења. Меѓу неговите мачители бил и неговиот роднина Савле, подоцна апостол Павле. Во тоа време на некој камен во далечината стоела Пресвета Богородица со Свети Јован Богослов и го гледале мачеништвото на првиот маченик за вистината на нејзиниот Син и Бог, молејќи Го Бога за Стефана. Ова се случи една година по слегувањето на Светиот Дух врз апостолите. Телото на Свети Стефан тајно го зел и го погребал на својот имот Гамалиил, кнез еврејски, а потаен христијанин. Така заврши во слава првенецот меѓу христијанските маченици и се пресели во Царството на Господ Исус Христос.

-ПРЕПОДОБНИ МАЧЕНИЦИ ТЕОДОР И ТЕОФАН
Браќа по тело, родум од Палестина, многу образовани во светската мудрост и во духовната. Биле монаси во обителта на Свети Сава Осветен, потоа и презвитери. Пострадале многу за иконите во времето на тројцата цареви: Лав Ерменин, Михаил Валвос и Теофил. Безумниот Теофил ги тепал со свои раце и наредил по лицата со железо да им нацртаат шегобијни стихови, заради што и ги нарекле Начертани. Ги фрлиле во затвор во градот Агапија Витиниска. Овде Теодор умрел во маки и во рани. Теофан го ослободиле во времето на Теодор и Михаил, а патријархот Методиј го поставил за митрополит Никејски. Свети Теодор се упокоил во 833 година. Овие прекрасни браќа пострадаа за Христа од Кого го добија според љубовта бесмртното Царство Негово.

10 ЈАНУАРИ (28 ДЕКЕМВРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТИ ДВАЕСЕТ ИЛЈАДИ НИКОМИДИСКИ МАЧЕНИЦИ
Во времето на царот Максимијан Херкул, во Никомидија цветала христијанската вера и се зголемувала од ден на ден. Еден ден царот дознал дека во тој град имало голем број на христијани и дека христијански цркви многу напредувале, така што многу се огорчил и смислувал план како сите да ги погуби. Се приближувал празникот Рожденство на Господ Исус Христос и царот откако дознал дека сите христијани за тој празник се собираат во црква, наредил тој ден црквата да се опколи со војска и ја запалил. Кога сите христијани се собрале во црквата, по полноќ, и почнало торжеството на празнувањето, војниците ја опколиле црквата за да не пуштат никој надвор и царевиот наследник влегол во црквата и на христијаните им ја објавил царевата заповед или веднаш да принесат жртва на идолите или сите ќе бидат запалени. Тогаш архиѓаконот, јуначки Христов војник, се распалил со ревност божја и почнал да го храбри народот потсетувајќи ги верниците на трите деца во вавилонската печка. „Погледнете браќа“, рекол тој, „на жртвеникот во Господовиот олтар разберете дека врз него за нас се жртвувал Господ и Бог наш вистинит, па зарем ние да не ги положиме нашите души за Него на ова свето место!“ Народот се одушевил да умре за Христа и сите кои биле огласени, биле крстени и миропомазани. Тогаш војниците почнале да ја палата црквата од сите страни и христијаните, дваесет илјади на број, изгореа во огнот пеејќи во слава Божја. Потоа пет дена горела црквата и некаков дим се кревал од неа со опоен и прекрасен мирис и некоја чудна златна светлина се покажувала на тоа место. Така славно се упокоија голем број на мажи и жени, девојки и деца и го примија венецот на вечната сала во Царството Христово. Сите пострадаа и се прославија во 302 година.

-ПРЕПОДОБЕН СИМЕОН МИРОТОЧИВ
Основач на светогорскиот манастир Симоно-Петра. Прославен низ подвизи, виденија и чуда. Се упокои мирно и премина кај Господ во 1257 година.

11 ЈАНУАРИ (29 ДЕКЕМВРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)

-СВЕТИТЕ ЧЕТИРИНАЕСЕТ ИЛЈАДИ МЛАДЕНЦИ ВО ВИТЛЕЕМ
Бидејќи мудреците од Исток не се вратиле од Витлеем во Ерусалим за да му јават на Ирод за новородениот Цар, туку на заповед од ангел по друг пат заминале за својата татковина, царот Ирод се разјарил како лута ѕверка и наредил да се убијат сите деца на возраст до две години во Витлеем и во сета витлеемска околина. Оваа страшна царска заповед била извршена буквално. Неговите војници некои деца ги убиле со меч, други ги разбивале врз камења, трети ги гмечеле со нозе, четврти со рацете ги задавиле. И се кренал плач и лелек на мајките до небесата; пискот и горко плачење, „Рахила плаче за своите деца и не сака да се утеши за нив, зашто ги нема“ , како што е и пророкувано (Еремија 31, 15; Матеј 2, 18). Ова злосторство над многубројните невини деца се извршил една година по раѓањето на Исус Христос, на 29 декември. За ова време Ирод трагал за да Го пронајде Божествениот Малденец. Го барал од Захарија син му Јован, се разбира за да го убие, зашто мислел дека Јован е тој нов Цар. Па бидејќи Захарија не го дал Јована, по наредба на Ирод самиот Захарија го убиле во храмот. Ќе го убиеле и Свети Симеон Богопримец, ако после Сретение не се упокоил во Господа. Откако ги убил витлеемските деца Ирод се навртел на еврејските старешини кои му толкувале каде треба да се роди Месијата. Го убил првосвештеникот Иркан и други седумдесет старци од Синедрионот. Такво зло завршиле и оние кои се согласувале со Ирод дека новиот Цар Младенец треба да биде убиен. Потоа ги убил своите – брат му, сестра му и жена му и тројцата свои синови. Најпосле и него го постигна Божја казна: почнал сиот да се тресе, нозете му потекле, долниот дел од телото му загноил, а од гнојот потекле црви, носот му се затворил и од него се ширела неподнослива смрдеа. Пред да издивне се сетил дека во затворот има многумина Евреи кои би се израдувале на неговата смрт, па заради тоа наредил сите да ги убијат. Така ја испуштил својата нечовечна душа овој грозен владетел и им ја предал во вечна сопственост на демоните.

12 ЈАНУАРИ (30 ДЕКЕМВРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТА МАЧЕНИЧКА АНИСИЈА
Била родена во Солун од угледни и богати родители, воспитана во Христовата вера. Рано останала сираче и целата се предала на богомислие и на молитва во својот дом. Побудувана од Христовата љубов често велел: „О лажен животу на младите, зашто или соблазнуваш или се соблазнуваш. Подобра е староста, но тага ме обзема заради должината на времето кое ме дели од небесите“. Потоа сиот свој имот го продала и им го разделила на сиромашните, а самата живеела од трудот на своите раце. Држела строг пост, спиела многу малку и непрестајно леела солзи на молитва. Кога ќе ја совладало сон, си велела себеси: „Опасно е да се спие кога мојот непријател бдее“. Во тоа време свирепиот цар Максимијан издал проглас дека секој може да убие христијанин кога ќе го сретне, без суд и осуда. Еднаш оваа света девојка излегла за да оди в црква. Тој ден бил некој незнабожечки празник на сонцето. Некој војник ја видел убава во лицето, па ѝ пришол со нечиста желба и ја прашал за името. Таа се прекрстила и му рекла: „Јас сум слугинка Христова и одам в црква“. Кога дрскиот војник ѝ пришол поблиску и почнал да ѝ зборува безумни нешта, таа го оттурнала и му плукнала во лицето. Војникот ја удрил со меч под ребрата и ја прободел. Оваа Света девица пострада во 298 година. Христијаните ја погребале чесно, а Бог ја овенча со маченички венец во Своето Царство. Над нејзиниот гроб е подигната црква.

-СВЕТИОТ АПОСТОЛ ТИМОН
Бил еден од Седумдесеттемина апостоли. Го поставиле за Батрски епископ во Арабија. Проповедајќи го Евангелието претрпел многу маки од незнабожците. Го фрлиле во оган, но останал неповреден. Најпосле издивнал распнат на крст и се пресели во Христовото Царство.

13 ЈАНУАРИ (31 ДЕКЕМВРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-ПРЕПОДОБНА МЕЛАНИЈА РИМЈАНКА
Била родена во Рим од благочестиви и многу имотни родители. Родителите ја присилиле да стапи во брак со некој угледен млад човек Апинијан. Кога го родила второто дете таа се разболела и му рекла на мажот ѝ дека ќе може да оздрави само ако тој се заколне пред Бога дека во иднина ќе живее со неа како брат со сестра. Мажот ѝ се заколнал, а таа од духовна радост и телесно оздравела. Потоа Му била угодно на Бога па им ги зел двете деца, а тие се решиле да го распродадат сиот свој имот и да им го раздадат на сиромасите, на црквите и на манастирите. Многу патувале по странските земји и градови вршејќи добри дела од своето богатство. Ги посетиле прочуените духовници во Горен и Долен Мисир и од нив многу се научиле и се вдахновиле. За сето време Меланија се подвзиувала во строг пост, срдечна молитва и читање на Светото Писмо. Имала обичај секоја година трипати да го прочита целото Свето Писмо, Стариот и Новиот Завет. Со мажот живеела како со свој брат и соподвижник. Кога дошле во Александрија, зеле благослов од Светио патријарх Кирил. Потоа заминале за Ерусалим и се населиле на гората Елеонска. Овде Меланија се затворила и целата се предала на богомислие, пост и молитва. И така проживеала четиринаесет години. Потоа излегла да им послужи на другите на патот кон спасението. Основала машки и женски манастир. На покана од својот роднина сенаторот Волусијан, незнабожец, отишла во Цариград и го обратила во верата Христова (иако претходно блажениот Августин не успеал во тоа). Потоа повторно се вратила на Елеонската Гора и таму се упокоила во Господа во 439 година, во педесет и седмата година од нејзиниот живот.

14 ЈАНУАРИ (1 ЈАНУАРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-ОБРЕЗАНИЕ НА ГОСПОД И СПАСИТЕЛ НАШ ИСУС ХРИСТОС
Во осмиот ден по раѓањето Божествениот Младенец бил донесен во храм и обрезан согласно постоечкиот закон во Израел уште од времето на Авраам. При таа прилика Му го дадоа името Исус, како што и благовестил архангел Гаврил на Пресвета Дева. Старозаветното обрезание е праобраз на новозаветното крштевање. Обрезанието на Господа покажува дека Он на себе примил вистинско човечко тело, а не привидно, како што подоцна еретиците учеле за Него. Господ бил исто така обрезан и затоа што сакал го исполни секој закон кој Он самиот го дал преку пророците и праотците. Исполнувајќи го тој пропис законски, Он го заменил со крштевање во својата Црква. „Зашто во Исуса Христа не помага ниту обрезанието, ниту необрезанието, туку новото создание (твар) (Гал. 6, 15), објавува апостолот. (Во црковната служба, овој празник нема ни претпразненство, ниту попразненство).
-СВЕТИ ВАСИЛИЈ ВЕЛИКИ
Бил роден за време на владеењето на царот Константин. Уште како некрстен учел 15 години во Атина филозофија, реторика, астрономија и сите останати светски науки од тоа време. Школски другари му биле: Григориј Богослов и Јулијан, подоцна цар отстапник. Во зрели години се крстил во реката Јордан заедно со својот поранешен учител Евул. Бил епископ на Кесарија Кападокиска речиси 10 години, а својот земен живот го завршил на 50 години. Бил голем поборник за Православието, голем зрак на морална чистота и ревност за верата, голем богословски ум, голем строител и столб на црквата Божја – Василиј со големо право бил наречен Велик. Во црковната служба се нарекува пчела на Христовата црква, која им носи мед на верниците и осило за еретиците. Сочувани се многубројни дела од овој Отец на Црквата, богословски, апологетски, подвижнички и канонски; исто така и Литургија наречена по неговото име. Оваа Литургија се служи 10 пати во годината: на 1 јануари, воочи Божиќ, воочи Богојавление, во сите недели на Велигденскиот пост, освен во Цветната, на Велики Четврток и на Велика Сабота. Свети Василиј Велики се упокоил мирно на 1 јануари 379 година и се пресели во царството Христово.
15 ЈАНУАРИ (2 ЈАНУАРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТИ СИЛВЕСТЕР, ЕПИСКОП РИМСКИ
Бил роден во Рим и уште од младоста ја изучувал мудроста и верата Христова. Својот живот секогаш го управувал кон евангелсите заповеди. Многу се користел со поуките на свештеникот Тимотеј на чие погубување за верата и самиот тој присуствувал и гледајќи го примерот на херојската пожртвуваност на својот учител, тој самиот се напоил со таков дух за целиот свој живот. Во својата триесета година станал римски епископ. Ги поправал обичаите на христијаните, така на пример го укинал постот секоја сабота, како што до тогаш се постело кај некои христијани и одредил да се пости само во Велика Сабота и оние саботи који паѓаат во постовите. Со своите молитви и чуда помагал царот Константин и неговата мајка Елена да се обратат во правата вера и да се крстат. Содејствувал со царицата Елена да го најде Чесниот Крст. Управувал со Божјата Црква дваесет години и чесно го завршил својот земен живот преселувајќи се во царството небесно.
-СВЕТИ СЕРАФИМ САРОВСКИ
Преподобен Серафим се родил во градот Курск во Русија од благочестиви и богати родители, Исидора и Агатиј. Татко му бил трговец. Се родил на 19 јули 1759 година и на крштевањето го добил името Прохор. Неговиот татко имал големо почитување кон Божјите храмови, а неговата мајка била почитувана заради својата побожност и добротворство. Во својата трета година Прохор останал без татко и како единствена воспитувашка му останала неговата побожна мајка Агатија. Под нејзино раковотство тој израсна во христијанска побожност и љубов кон молитвата во Божјиот храм.
Тој стана еден од најголемите руски подвижници, прозорливци и чудотворци. Се одликувал со голема понизност. Кога целиот свет го славел, тој себе се нарекувал „сирот Серафим“. Својот земен живот го заврши во 1833 година и се претстави на Бога.
-ПРЕПОДОБЕН АМОН
Голем подвижник во петтиот век. Бил настојател на манастирот Тавенискиотски во горен Египет. Под негово раководство се подвизувале околу три илјади монаси. Имал благодатна дарба на чудотворства и прозорливост. Кога еден монах го прашал за совет, тој му одговорил: „Биди сличен на престапник во темница кој постојано прашува: кога ќе дојде судијата. Така и ти прашај со страв“
16 ЈАНУАРИ (3 ЈАНУАРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТИОТ ПРОРОК МАЛАХИЈА
Светиот Пророк Малахија се родил во Софа, во Завулоновото племе, по враќањето на Евреите од Вавилонското ропство. Уште од младоста водел чист и непорочен живот. Пророкувал за доаѓањето на Господ Исус Христос, за Страшниот суд, за промената на прописите и законите Мојсееви на подобро и за новата жртва. Неговото име Малахија значи ангел. Народот го нарекувал ангел затоа што имал многу убаво лице како на ангел и затоа што живеел ангелски чисто и свето и се дружел со ангелите. Често разговарал со ангелот кој му ги откривал Божјите тајни и идните настани. Светиот пророк Малахија викал по неблагодарниот Израел и безаконите свештеници. Петсто години пред Христа ја пророкувал јасната појава и служба на Свети Јован Крстител. Тој, воглавно, е пророкот на денот на Страшниот суд. Се претставил пред Бога во својата младост и после него немало пророци се до Свети Јован Крстител.
-СВЕТИ МАЧЕНИК ГОРДИЈ
Бил роден во Кесарија Кападокиска, бил офицер во римската војска во времето на царот Ликиниј. Но кога се појавил страшниот прогон на христијаните, тој ја напуштил војската и својот чин и отишол во Синајската пустина. Осамен на планината Хорив, Гордиј го поминувал времето во молитва и размислувања за тајните на небото и земјата. Особено размислувал за суетата и ништожноста на се она околу кое луѓето толку се мачат и борат на земјата и посакал да умре и да се пресели во неминлив и нераспадлив живот. Со таа желба се симнал во градот во времето на незнабожечките трки и игри. Се пријавил кај градоначалникот како христијанин. Овој залудно го одвраќал од верата со секакви закани. Гордиј останал непоколеблив и цврст како дијамант и велел: „Зарем не е очигледно безумство да се купува со овој кратковековен живот вечни маки и душевна погибел?“ Бил осуден на смрт и тој радосно итал кон губилиштето и на џелатите им говорел за прекрасната и слатка Христова наука. И со името Христово на усните тој го предал своето младо тело на мечот, а својата праведна душа на Бога во 320 година.
За светиот маченик Гордиј напишал пофално писмо Свети Василиј Велики како архиепископ на Кесарија Кападикиска каде се родил и пострадал овој светител.
17 ЈАНУАРИ (4 ЈАНУАРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СОБОР НА СВЕТИТЕ СЕДУМДЕСЕТ АПОСТОЛИ
Освен великите дванаесет апостоли, Господ избра уште седумдесет други апостоли и ги испрати на проповедање на Евангелието, „И ги испрати двајца по двајца пред своето лице во секој град и место каде намераваше да оди сам…Одете, еве јас ве испраќам како јагниња меѓу волци“ (Лк. 10, 1 и 5). Но како што еден од Дванаесетмината, Јуда, отпадна од Господ, така и некои од овие седумдесетмина се откажале од Господа не со намера за предавство, туку поради човечката немоќ и маловерност (Јн. 6, 66). И како што Јудиното место било потполнето со друг апостол, така и местата на овие апостоли биле потполнети со други. Овие апостоли се труделе на истата работа како и дванаесетте велики апостоли, биле помошници на Дванаесетмината во ширењето и утврдувањето на Божјата Црква во светот. Претрпеле многу маки од луѓе и демони, но нивната цврста вера и огнената љубов кон воскреснатиот Господ ги направи победници на светот и наследници на Царството небесно.
-СВЕТИ ЕВСТАТИЈ, АРХИЕПИСКОП СРПСКИ
Бил роден во Будимјанската жупа од богобојажливи родители. Како момче се замонашил во Зета, а потоа преминал на поголем подвиг во манастирот Хиландар на Света Гора. Со време постанува игумен на Хиландар и како игумен бил избран за епископ зетски, а по одредено време и за архиепископ српски. Бил високодобродетелен маж и управувал со стадото Христово со ревност и љубов. Се упокоил мирно во 1279 година во старост, а пред смрт извикал: „Во Твоите раце, Господи, го предавам мојот дух“. Моштите му почиваат во храмот на Пеќката Патријаршија.
-ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ОНУФРИЈ ХИЛАНДАРЕЦ
Во младоста им се налутил на родителите и пред Турците изјавил дека ќе се потурчи. Веднаш после тоа се покајал за тие зборови, отишол во Хиландар и се замонашил. Измачуван од совеста, тој се решил на мачеништво, затоа, со благослов од својот духовник, отишол во Трново каде им се јавил на Турците, се објавил себеси за христијанин, му се потсмевал на Мухамед, за што му била отсечена главата на 4 јануари 1818 година во својата триесет и втора година од животот. Телото на овој духовен витез не било сочувано, зошто Турците го фрлиле во море.
18 ЈАНУАРИ (5 ЈАНУАРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ТЕОПЕМТ И ТЕОНА
Кога Диоклецијан објавил прогон на христијаните, епископот никомидиски Теопемт бил првиот кој пострадал за Христа. Овој свештеномаченик бил изведен пред царот и царот му се заканил со смртна казна ако не се одрече од Христа. На таа закана храбриот епископ му одговорил на царот: „Стои напишано: не се плашете од оние кои ви го убиваат телото, а душата не можат да ви ја убијат. Ти, цару, имаш власт над моето тело, прави со него што ти е мило“. Тој бил многу тепан, со глад мачен и истегнуван на разни начини. Најпосле царот повикал некој магионичар , Теона, да на Божјиот човек му делува со своите маѓии. Теона растворил во вода најсилен отров и му даl на Теопемт да го испие. Теопемт ја прекрстил чашата и го испил отровот. Кога Теона видел дека неговиот отров ништо не му наштетил на Теопемт, тој се завртел кон царот и извикал: „И јас сум христијанин и се поклонувам пред Распнатиот“. И двајцата биле осудени на смрт: Теопемт го пресекле со меч, а Теона го закопале жив во земја во 298 година. И двајцата чесно пострадаа и станаа жители на царството Христово.
-ПРЕПОДОБНА СИНКЛИТИЈА
По потекло од Македонија. Била воспитана во Александрија. Како богата и угледна девојка многу момчиња сакале да се омажат за неа, но таа сите ги одбивала и побегнала од родителскиот дом во манастир. Во најголема воздржаност, бдеење и молитви живеела се до својата осумдесета година. Нејзините поуки за монахињите отсекогаш биле сметани за вистински духовни бисери зошто оваа праведничка не дошла до висока мудрост преку книги, туку преку страдање, мака, деноноќно размислување и духовно општење со божествениот свет. Се преселила со својата душа во тој боженствен свет во 350 година. Света Синклитикија меѓу останатото говорела: „Ако е време на пост, немој да се откажуваш од постот божем заради болест, зошто и тие кои не постат паѓаат во истите болести“. Исто така говорела: „како што откриеното богатство брзо се разграбува, така и добродетелта, кога ќе се разгласи, се помрачува и се губи“.
-ПРЕПОДОБНА АПОЛИНАРИЈА
Била ќерка на Антимиј, наместник на малолетниот цар Теодосиј Помладиот. Тоа му била постарата ќерка, додека помладата била луда. Аполинарија не сакала да се мажи, туку во срцето се верила за Христа и се оддалечила во египетската пустина. Во машка облека и под машко име Доротеј, таа стапила во машки манастир каде се подвизувала вознесувајќи го својот дух непрестајно кон Бога горејќи со љубов кон својот Творец. Некој на царскиот намесник Антимиј му советувал да ја испрати својата луда ќерка при пустиниците за да и читаат молитви. И по промислата Божја се случило својата луда сестра да ја излечи постарата сестра со силна молитва. Дури кога Аполинарија се упокоила, се објавила тајната дека таа не била машко, туку женско. Мажествената храброст на оваа света девица станала пример и поттик на многумина низ вековите, на сите оние кои мислат на своето спасение. Се упоколила во 470 година.
19 ЈАНУАРИ (6 ЈАНУАРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-БОГОЈАВЛЕНИЕ
Кога Господ Исус Христос наврши триесет години од Своето телесно раѓање, Он ја започна Својата учителска и спасоносна работа. И самиот почеток го означува со крштевање во реката Јордан. Свети Кирил Ерусалимски вели: „Почетокот на светот, водата, почетокот на Евангелието, Јордан“. При крштевањето на Господ во реката Јордан на светот се објавила онаа тајна која во Стариот Завет се навестувала, за која во стариот Египет и Индија само се раскажувало, т.е. тајната за Светата Троица. Отецот се јавил преку сетилото за слух, Светиот Дух се јавил преку сетилото за вид, а Синот се јавил преку тие две сетила и уште преку сетилото на допир. Отецот го кажал Своето сведоштво за Синот. Синот се крстил во водата, а Светиот Дух во вид на гулаб лебдел над водата. А кога Свети Јован Крстител посведочи и рече за Христа: „Ете Го Јагнето Божје кое ги зема на Себе гревовите на светот“ (Јн. 1, 29) и кога тој го крсти Господа во Јордан, со тоа се покажа и Христовата мисија во светот и патот на нашето спасение. Имено: Господ ги зема на Себе гревовите на човечкиот род и под нив умре (потопувањето во вода) и оживеа (излегувањето од вода); и ние мора да умреме како стар гревовен човек и да оживееме како очистени, обновени и препородени. Ова е Спасителот и ова е патот кон спасението. Празникот Богојавление (Теоганија на грчки) просветува покажувајќи ни Го Бога како Троица едносуштна и неразделна. Тоа е едно. И второ: зошто секој од нас со крштевањето во вода се просветува со тоа што станува всиновен од Отецот на Светлината, со заслуга на Синот и силата на Светиот Дух.
20 ЈАНУАРИ (7 ЈАНУАРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СОБОР НА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ
Бидејќи Јовановата главна улога во животот била одиграна на денот на Богојавлението, Црквата од дамнина го посветила денот по Богојавление на неговиот спомен. За овој ден се врзува уште и настанот со раката на Предвесникот. Евангелистот Лука посакал да го пренесе телото на Свети Јован од Севастија, каде големиот пророк бил посечен од Ирод, во Антиохија, своето родно место. Но успеал да добие и пренесе само една рака која во Антиохија ја чувале се до десетиот век, а потоа била пренесена во Цариград, од каде ја снемало за време на Турците. Свети Јован се прославува неколку пати во годината, но најмногу се прославува на овој ден, 7 јануари. Меѓу евангелските личности, кои го опкружуваат Спасителот, личноста на Свети Јован Крстител завзема сосема посебно место, како по начинот на своето доаѓање на свет, така и по начинот на животот во свет и по улогата на крштевање на луѓе за покајување и крштевање на Месијата и на крај по своето трагично заминување од овој живот. Тој бил со таква морална чистота што повеќе може да се нарече ангел, како што го нарекува Светото Писмо, отколку смртен човек. Од сите останати пророци, Свети Јован се разликува особено по тоа што ја имал таа среќа што можел и со рака да му Го покаже на светот Оној кого Го прорекувал. За раката на Свети Јован се зборува дека секоја година на денот на светителот, архиерејот ја изнесувал пред народот. Понекогаш раката била раширена, а понекогаш згрчена. Во првиот случај означувала родна и обилна година, а во вториот неродна и гладна.
-СВЕТИ МАЧЕНИК АТАНАСИЈ
Овој Христов маченик бил прост и сиромашен човек, но богат со вера и мудар со Божјиот Дух. Еднаш случајно стапил во расправија за верата со некој Турчин. Турчинот бил образуван и вешт на зборови, но Атанасиј се трудел со сите сили да ја истакне и утврди вистинистоста и предимството на христијанската вера над мухамеданството. Другиот ден Атанасиј бил повикан пред суд. Овој Турчин стоел таму како негов тужител. Кога судијата го повикал Атанасиј да се одрече од Христовата вера и да се потурчи, како што божем и изјавил претходниот ден, Атанасиј извикал: „Попрво би избрал илјада смрти отколку да се откажам од Христовата вера!“ Заради тоа бил осуден на смрт и обезглавен во 1700 година во Смирна. Телото му е закопано во црквата Света Параскева во истиот град.
21 ЈАНУАРИ (8 ЈАНУАРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТИ МАЧЕНИЦИ ЈУЛИЈАН И ВАСИЛИСА
И двајцата потекнувале од благородни и богати родители. Иако биле венчани, тие се заветиле дека ќе живеат девствено како брат и сестра. Го раздале целиот свој имот на сиромашните, а тие се замонашиле и тоа Јулијан основал машки, а Василиса женски манастир. Јулијан имал околу 10 илјади монаси, а Василиса околу илјада монахињи. Кога христијаните биле многу мачени во времето на царот Диоклецијан, Василиса Го молела Бога ниедна од нејзините монахињи да не се уплаши од маките и да не отстапи од православната вера. Господ ја услишал молитвата на својата достојна слугинка и во следните шест месеци при Себе ги земал сите монахињи, а на крај и нивната игуманија Василиса. Пред смртта Василиса имала видение на своите сестри од оној свет: сите и се јавиле светли и радосни како ангели Божји и ја повикувале својата духовна мајка што побрзо да им дојде. Манастирот на Јулијан бил нападнат од мачителите, а Јулијан нечовечки мачен со најтешки маки. Во маките Господ го крепел и се јуначки издржал, верата ја оддржал и Христовото име го прославил. Заедно со Свети Јулијан биле убиени синот и жената на мачителот Маркијан; Келасиј Марионила, кои кога ја виделе храброста на Јулијан во трпењето на маките, самите се обратиле во Христовата вера; дванаесет римски војници; седум браќа од тоа место; презвитер Антониј и некој Атанасиј, кого Јулијан во времето на мачењето со молитва го воскресна од мртвите. Сите чесно за Христа пострадаа и постанаа жители на царството небесно во 313 година.
-СВЕТА ДОМИНИКА
Во времето на царот Теодосиј дошла како некрстена од Картагина во Цариград со уште четири девојки незнабошки. Патријарх Макариј ги крстил и благословил да живеат како инокињи. Света Доминика се предала на подвиг со голема ревност и во таа ревност не попуштала се до својата смрт во длабока старост. Се упокоила во Господа околу 474 година. Просветлена од Светиот Дух таа можела да ги предвиди настаните во иднината и со молитва да твори чуда.
-СВЕТИ ГРИГОРИЈ, ЕПИСКОП ОХРИДСКИ
Бил благочестив учител и пастир на Христовото стадо. Се упокоил во 1012 година. Во еден натпис во црквата Света Софија во Охрид се нарекува „Григориј премудар“.
22 ЈАНУАРИ (9 ЈАНУАРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТИ МАЧЕНИК ПОЛИЕВКТ
Ерменскиот град Мелитина бил целиот наквасен со христијанска крв, како и целата Ерменија. Но првата крв за Христа во овој град беше крвта на Свети Полиевкт пролеана околу 259 година за време на владеењето на царот Валеријан. Во градот биле двајца пријатели офицери: Неарх и Полиевкт. Неарх бил крстен, а Полиевкт не бил крстен. Кога излегла од цареот заповетта за гонењето на христијаните, Неарх се подготвувал за смрт, но бил во голема тага што не успеал својот другар Полиевкт да го приведе кон правата вера. Кога Полиевкт ја дознал причината за тагата на својот пријател Неарх, тој му ветил дека ќе прејде во верата. Утредента тој му го раскажал сонот на Неарх: му се јавил Господ во светлина. Го соблекол ја соблекол од него старата облека и го облекол во нова, блескава облека, и го ставил во седлото на крилат коњ. Потоа Поливкт отишол во град, ја искинал царевата заповед за мачењето на христијаните и искршил многу идолски кипови. Потоа тој бил мачен и осуден на смрт. Кога бил изведен на губилиштето, тој го видел Неарх меѓу насобраниот народ и радосно му викнал: „Спасувај се мој пријателе! Сети се на заветот на љубовта меѓу нас утврдените во верата!“ И Неарх подоцна го заврши својот маченички живот за Христа во оган.
Свети Полиевкт бил првиот маченик во ерменскиот град Мелитина на умножување на земската, а на потполнување на небесната Црква, а во чест и слава на Христа Бога, Кој е глава небоземната Црква, на Кого со Отецот и Светиот Дух му прилега секоја чест и слава низ сите векови, амин.
-ПРЕПОДОБЕН ЕВСТРАТИЈ
Потекнува од Тарс. Тој бил голем испосник и молитвеник. Бил син на побожни и богати родители, Георгиј и Мегета, кои живееле во почетокот на деветиот век.Тој бил добро воспитан од своите родители. Кога наполнил 20 години, исполнет со боженствена љубов, тој ги оставил родителите и побегнал во гората Олимп. Таму отишол во Агаврискиот манастир каде заблескал со подвижништво и доблести. Стриковите на неговата мајка, Василиј и Григориј, од кои Григориј бил игумен, го примиле во манастирот и му дале монашки потстриг. За 75 години кои ги поминал во манастир, тој не легнал на левата страна да спие, туку секогаш на десната. За време на целата Божја во себе си говорел: Господи помилуј! Кога игуменот Григориј се упокоил, братството во манастирот го умолиле да дојде на неговото место и да стане игумен. По цел ден заедно со собраќата ги работел телесните работи, а цела ноќ поминувал во молитви и поклони.
Кога дошло времето да оди кај Господа, овој светител ги повикал сите монаси и им рекол: „Браќа и отци, времето на мојот живот дојде до својот крај. Ве молам, деца мои мили, да ги чувате преданијата кои ги примивте знаејќи дека сите работи на овој свет се времени и ништожни, а на оној свет се вечни и неминливи. Затоа трудете се, деца мои, да се удостоите во делот на спасените“. Откако го кажал тоа, се помолил, се прекрстил, ги кренал очите кон небото и рекол: „Господ, во твоите раце го предавам својот дух“. Се упокоил во својата деведесет и петта година.
-СВЕТИ ПЕТАР, ЕПИСКОП СЕВАСТИСКИ
Свети Петар бил брат на Свети Василиј Велики. Околу неговото воспитување особено се погрижила неговата сестра Макрина. Како последица на тоа, тој се воздигна на голема висина на доблеста. Откако станал архиепископ на Кесарија, Свети Василиј го посветил Петар прво за презвитер, а потоа за епископ во Севастија. Како епископ, Свети Петар учествувал на Вториот Вселенски Собор во Цариград во 381 година. Се упокоил кон крајот на четвртиот век.
23 ЈАНУАРИ (10 ЈАНУАРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТИ ГРИГОРИЈ, ЕПИСКОП НИСКИ
Овој светител бил помлад брат на Свети Василиј Велики. Се родил околу 335 година во градот Неокесарија во Понт во она исто благочестиво семејство од кое излегле уште многу други Божји светители. Првата наука ја учел кај својот постар брат Василиј, а потоа ги поминал сите светски и духовни науки. Се оженил со побожна девојка Теосевија и бил посветен за чтец на божествените книги во Божјата Црква. Подоцна му дошло мисла да се посвети на позивот светски ритор, но по совет на Свети Григориј Богослов, другар на Свети Василиј и негов, ја отфрлил таа мисла и дури се замонашил кај својот брат Василиј на реката Ирис во Понт, а неговата блажена сопруга Теосевија станала ѓаконица. Оваа блажена Теосевија, која наскоро се упокоила, со многу пофалби ја овенча Свети Грегориј Богослов (во писмото упатено до Григориј), нарекувајќи ја „сестра“ на Григориј и негова, пофалба на Црквата и Христов украс.
По изборот на Свети Василиј за архиепископ на Кесарија, свети Григориј бил избран за епископ во малиот кападокиски град Ниса во 371 година, воедно и да го поддржи својот брат во одбрана на Православната вера и Црква. Свети Григориј мудро управувал со Црквата Христова, а особено бил славен беседник и прекрасен христијански филозоф. Ревнувајќи за Православната вера, тој предизвикал против себе прогон од страна на аријанците кои во времето на царот Валент повторно се засилиле. Овие еретици успеале да го симнат Свети Григориј од епископскиот стол во 375 година, на која светителот повторно се вратил по смртта на царот Валент во 378 година. По смртта на неговиот брат Василиј, големиот поборник за Православието, Свети Григориј ја превзел врз себе богословската догматска борба против еретиците на Евномиј, краен аријанец, и затоа пишувал богословски книги во одбрана на Православната вера во Светата Троица. Потоа учествувал на соборот во Антиохија во 379 година со Свети Мелетиј Антиохиски. Од православните бил избран за архиепископ на Севастија во 380 година, и управувал и со таа Црква неколку месеци до изборот на новиот православен епископ. Кога за време на царувањето на Теодосиј Велики, бил свикан Вториот Вселенски собор во Цариград во 381 година, против аријанците и духоборската ерес на Македониј, во него зема активно учество и Свети Григориј. Со останатите свети Отци, поборници на Православието, го изложи никејско-цариградскиот Символ на верата и бил сврстен во „избраните отци“ на Црквата, знак и доказ на Православноста. Кога на истиот Собор се упокои претседавачот – Свети Мелетиј Антиохиски, Свети Григориј бил одреден од Соборот да му оддржи надгробно пофално слово. После Вториот Вселенски собор земал учества уште на неколку државни собори во Цариград. Зад себе остави многу богословски и подвижнички книги, полезни за светата Црква и верниците. Се упокоил околу 395 година. По изглед личел на својот брат Василиј, само бил со понизок раст и просед.
-СВЕТИ МАРКИЈАН
Бил роден во Рим, но како презвитер го проживеал својот животен век во Цариград, поголемиот дел во времето на царувањето на Маркијан и Пулхериј. Наследувајќи големо богатство од родителите, тој го потрошил на две цели: на ѕидање или обновување на храмови и на милосрдие кон сиромавите. Изградил две нови цркви во Цариград, познати по својата убавина: Света Атанасија и Света Ирина. Кога го прашале зошто толку многу троши на цркви, тој одговорил: „Кога јас би имал ќерка и би сакал да ја омажам за некој благородник, зарем не би потрошил многу злато да ја украсам како достојна невеста? А тука јас ја украсувам Црквата, Христовата невеста“. Колку овој прекрасен маж бил великодушен кон црквите и сиромасите, толку бил суров кон себе, следејќи го апостолскиот совет: „Кога имаме храна и облека, да бидеме со ова задоволни“(1 Тим 6, 8). За него се пишува: „Целиот беше во Бога и Бог во него, и се претстави пред Бога исполнет со години и добри дела“ во 471 година.
24 ЈАНУАРИ (11 ЈАНУАРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-ПРЕПОДОБЕН ТЕОДОСИЈ ВЕЛИКИ
Основач на монашкото општежителство. Овој светител бил роден во областа Кападокија, во селото Магариси, од благочестиви родители: татко Проересиј и мајка Евлогија. Бил воспитан во добрина и изучил школи. Кога станал полнолетен и откако добро го изучил Светото Писмо, бил одреден во црквата да им чита на луѓето од Светите книги зошто бил слаткогласен и искусен читател. Читајќи им поучни зборови на слушателите, тој прво самиот себе се поучувал, зошто слушајќи како некогаш Господ му наредил на Авраам да оди од својата земја и од својот род и како во Евангелието Господ советува заради вечниот живот да ги остави својот татко, мајка и браќа, тој горел со срцето и духот се да остави и да тргне за Христа по тесен и мачен пат. Постојано размислувајќи за тоа, тој се молел говорејќи: „Покажи ми го, Господи, својот пат и ќе одам во вистината твоја (Пс. 85, 11). Потоа, потпирајќи се на Бога, тој тргнал за Ерусалим за време на царувањето на Маркијан, кога веќе се собирале светите Отци за Четвртиот Вселенски собор во Халкидон против Диоскор и Евтихиј. Поминувајќи низ Антиохија, блажениот Теодосиј посакал да го види преподобниот Симеон кој се подвизувал на столб и од него да испроси благослов и молитви. Затоа тргнал кон него и кога се приближил до столбот, Го слушнал преподобниот како му довикува: Добредојде човеку Божји Теодосиј! –Кога слушнал како човекот кој никогаш не го видел, ниту го познавал го повикува неговото име, Теодосиј се воодушевил и паѓајќи на колена, се поклонил пред прозорливиот отец. Светителот го повикал да дојде и тој се качил на столбот и се поклонил пред неговите нозе. Преподобниот Симеон го прегрнал и го целивал боговдахновеното момче и му прорекол дека ќе биде пастир на словесни овци и дека многумина ќе спаси од духовните волци. И му прорекол и некои други работи и откако го благослови, го отпуштил.
Закрепен со благословот на преподобниот и имајќи ги неговите свети молитви како свои патеводителски и хранителки, Теодосиј го продолжил патот и стигнал во светиот град Ерусалим. Откако ги постел сите места и се поклонил на светините, тој размислувал во себе што да одбере: осаменички живот или во заедница со други да се спасува? Увидел дека е опасно да биде во самотија бидејќи се уште не се научил како да се бори со духовите на злото. И во земските војни никој не е толку глуп, уште необучен во воените вештини и неискусен, да учествува уште во првата борба. На себе си говорел: како јас, сеуште необучен во војувањето и неопашан со вишата сила, да се осудам во осаменост да војувам со поглаварите и властите и управителите на темнината на овој свет, со духовите на злото во поднебесјето. Јас треба прво да се придружам на светите подвижници и од искусните отци да се научам како да се борам со невидливите непријатели. Потоа со време, ќе се соберат плодови кои се раѓаат од осаменоста и безмолвието.
Преподобен Теодосиј со кадилница, во која ставил ладен јаглен и темјан, го барал местото каде ќе се насели и основа својот манастир и застанал таму каде јагленот се разгорел сам од себе. Тука се населил и почнал да се подвизува. Наскоро околу него се собрале многу монаси кои зборувале различни јазици. Затоа тој изградил по една црква за секој јазик и така истовремено се служела и пеела славата Божја на грчки, ерменски, грузиски и други јазици. Но во денот на причестувањето, сите браќа се собирале во големата црква каде се служело на грчки јазик. Трпезата била заедничка за сите, заеднички бил и целиот имот, заеднички бил трудот, трпението, а не ретко и гладувањето. Преподобен Теодосиј бил возвишен пример за живот на сите монаси, пример за труд, молитва, пост, бдеење и во сите христијански добродетели. И Бог го дарува со чудотворство и можел болни да исцелува, ѕверови да скротува, да ја прорече иднината, лебот и пченицата да ги умножи. Молитвата му била на усните дење и ниќе. Се упокоил мирно во Господ кога имал сто и пет години, во 529 година.
-БЛАЖЕН МИХАИЛ
Блажен Михаил бил јуродив ради Христа. Роден во Русија од кнежевско семејство. Тој се правел дека бил луд за на таков начин да ги сокрие од светот своите доблести и за да не прима пофалби од луѓето. На таков начин тој припремил пофалби пред Бога. Својот земен живот го завршил во 1453 година во манастирот Клопски, во близина на Новгород, каде му почиваат моштите.
25 ЈАНУАРИ (12 ЈАНУАРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТА МАЧЕНИЧКА ТАТИЈАНА
Била родена во Рим од високородни родители. Нејзиниот татко бил трипати проконзул и бил побожен христијанин кој тајно ја држел својата света вера. Тој и својата ќерка, Света Татијана, ја воспитал во побожност и страв Божји и ја научил на Светото Писмо. Кога Татијана пораснала, таа не сакала да се мажи и својот живот го поминала во целомудреност, зошто стана Христова невеста, ранета од Неговата љубов. На Христа Му служела ден и ноќ со пост и молитва умртвувајќи го своето тело. Заради својот доблестен живот, таа била удостоена да служи во црквата зошто била поставена за ѓаконица и Му служела на Бога ангелски во тело.
После смртта на царот Хелиогабала во Рим владеел цар Александар, чија мајка Мамеја била христијанка. Самиот цар бил колеблив и неодлучен во верата заради што и во својот двор чувал кип од Христа и Аполон, од Авраам и Орфеј. Неговите приврзаници ги гонеа христијаните и без наредба од царот. Кога ја извеле Татијана девица на мачење, таа се молела на Бога за своите мачители по што нивните очи се отвориле и тие виделе четири ангели околу маченичката. Кога го виделе тоа, осуммина од нив поверуваа во Христа заради што и тие биле мачени и убиени. Света Татијана продолжиле да ја мачат, да ја камшикуваат, да ја стругаат со железо и така целата во рани и крвава ја фрлале вечерта во темница за утрешниот ден повторно да ја стават на мачење. Но Бог ги испратил своите ангели и тие ја храбреле и раните и ги исцелувале, така да Света Татијана секое утро пред мачителите се појавувала целосно здрава. Ја фрлиле пред лав, но лавот почнал да се умилкува околу неа и не ја нападнал. Потоа и ја истрижале косата мислејќи, според својот незнабожечки ум, дека во косата и е сокриена некоја магија, некоја волшебна сила. На крај ја извеле заедно со нејзиниот татко и двајцата ги посекле со меч. Така го завршила својот земен живот Света Татијана околу 225 година и беше овенчана со бесмртен венец на слава, оваа силна девица, која имаше слабо женско тело, но дух машки и војводски.
-СВЕТИ МАЧЕНИК ПЕТАР АВЕСАЛАМИТ
Бил роден во Елевтеропол во Палестина. Уште во младите години пострадал за Христа во времето на царот Максимин во 311 година. После многу маки, тој бил осуден на смрт и откако ја слушнал смртната пресуда, радосно извикал: „Тоа е единствената моја желба, да умрам за мојот Бог!“ Бил распнат на крст како и Господ, и на крстот издивнал.
-СВЕТИ МАЧЕНИК МЕРТИЈ
Овој светител бил војник и за време на царот Диоклецијан, во 298 година, бил обвинет дека бил христијанин. Кога го извеле пред царот, тој го приморувал да принесе жртва на идолите. Но, бидејќи светиот маченик не сакал тоа да го направи, му го одзеле ременот кој бил знак на неговото војничко звање. Потоа бил подложен на мачење, а светителот со толку големо јунаштво ги поднел сите маки што не се слушнало ни лелек од неговата уста. Откако на неговото тело не останало дел без рана, мачителот наредил да го фрлат во темница. Светиот маченик поминал осум дена во темница и од раните му истекло многу крв и исцрпен од страдањата, овој Христов јунак ја предал својата душа во рацете Божји и така доби бесмртен венец на мачеништво.
26 ЈАНУРИ (13 ЈАНУАРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТИ МАЧЕНИЦИ ЕРМИЛ И СТРАТОНИК
Царот Ликиниј покренал голем прогон кон христијаните, Свети Ермил, христијанин и ѓакон во една црква, бил фатен и изведен пред суд. Кога му рекле дека го водат на мачење, тој многу се израдувал. Царот залудно му се заканувал зошто Ермил слободно ја исповедал својата вера во Христа и му одговорил на царот на сите негови закани: „Господ ми е помошник, не се плашам од она што човек може да ми направи“ (Пс. 117, 6). После тешки мачења, Ермил бил фрлен во темница. Чувар во темницата бил Стратоник, таен христијанин, кој со сето срце сочувствувал со страдањата на Ермил. Кога и Стратоник го доставиле на царот како христијанин, тој пресудил двајцата да се потопат во Дунав. Тогаш ги врзале Ермил и Стратоник во една мрежа и ги потопиле во реката Дунав. После три дена нивните тела водата ги исфрлила на брегот и христијаните ги нашле и ги закопале во близина на Белград. Овие славни маченици пострадаа за Христа и се прославија во 315 година.
-СВЕТИ ЈАКОВ, ЕПИСКОП НИСИБИСКИ
Како пустиник живеел преку лето на отворено поле, а преку зима во пештера. Еднаш слегол во градот Нисибија да види како христијанската вера успева и како живеат христијаните. Но во градот бил избран за епископ. Овој светител учествувал на Првиот Вселенски собор и го заштитувал Православието од Ариевата ерес. Еднаш се случило незнабожните Персијци со војска да ја нападнат Нисибија. Свети Јаков со литија излегол до градските ѕидини и самиот се искачил на ѕидините и шетал по нив неплашејќи се од непријателските стрели кои биле упатени кон него. Така шетајќи, светителот се молел на Бога да го сочува градот и верниците така што ќе им испрати на Персијанците муви и комарци и со нив да ги истера од ѕидините на градот Несибија. Тој од Бога не барал смрт за непријателите, ниту било каква погибел нивна и пораз, туку само една мала досада која би ги истерала од таму. И Бог ја послушал молитвата на Својот угодник и испратил многу муви и комарци на Персијанците и ги истерал, а градот Насибија го спасил. Свети Јаков поживеа долго и чесно и мирно се упокои во длабока старост во 350 година.
-ПРЕПОДОБЕН МАКСИМ КАПСОКАЛИВ
Во XIV век се подвизувал како монах на Света Гора на свој особен начин; имено, се правел малку јуродив и постојано го менувал своето живеалиште. А неговото живеалиште било колиба од гранки. Една по друга тој градел колиби и ги палел, за што и бил наречен Капсокалива, т.е. Паликолиба. Бил сметан за луд се додека на Света Гора не дошол Свети Григориј Синаит кој во Максим открил единствен подвижник, чудотворен молитвеник и „ангел во тело“. Преподобен Максим се претставил на Господа во 1320 година.
27 ЈАНУАРИ (14 ЈАНУАРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТИ САВА, АРХИЕПИСКОП СРПСКИ
Овој светител, кој бил син на српскиот жупан Стефан Немања, се родил во 1169 година. Како млад жеднеел за духовен живот, заради што побегнал на Света Гора, каде што се замонашил и со ретка ревност го минал сиот свој подвижнички раст. Немања тргнал по примерот на синот, па и самиот дошол на Света Гора, се замонашил и умрел како монах Симеон. Сава издејствувал кај царот и кај патријархот независност за српската Црква и стана прв архиепископ српски. Заедно со татко му го подигнале манастирот Хиландар, а потоа и многубројни манастири, цркви и училишта по српската земја. Двапати патувал на поклонение во Светата Земја. Ги измирувал своите браќа раскарани околу власта, ги измирувал Србите со соседните народи. Се упокоил во Трново, во времето на царот Асен, откако се разболел после литургијата на Богојавление, на 12 јануари 1236 година. Кралот Владислав му го пренел телото во Милешево, од каде што Синан паша го зел и го запалил на Врачара во Белград, на 27 април 1595 година.
-СВЕТА НИНА, ПРОСВЕТИТЕЛКА НА ГРУЗИЈА
Била роднина на Светиот великомаченик Георгиј и на ерусалимскиот патријарх Јувенал. Бидејќи мајка ѝ и татко ѝ , кои биле кападокиски благородници, се замонашиле, Света Нина била воспитана под надзор на патријархот Јувенал. Уште од малечка кога слушнала за грузискиот народ, Света Нина сакала да оди во Грузија и да ги покрсти Грузијците. Ѝ се јавила Пресвета Богородица и ѝ ветила дека ќе ја одведе во таа земја. Кога Господ ѝ го отворил патот, младата Нина навистина отишла во Грузија, каде што за кусо време стекнала голема љубов кај народот. Успеала да го покрсти грузискиот цар Миријан, неговата сопруга Нана и нивниот син Бекар, коишто потоа ревносно ја помагале нејзината мисионерска работа. Во текот на животот Света Нина успеала да ја изврви цела Грузија и да го преведе главно сиот народ во верата Христова, и тоа токму во времето на страшното гонење на христијаните од страна на Диоклецијан. Отпочина од своите многубројни трудови и се упокои во Господ во 335 година. Нејзиниот гроб се наоѓа во Самтаврскиот храм. Изврши многу чуда за време на животот и после смртта.
28 ЈАНУАРИ (15 ЈАНУАРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-ПРЕПОДОБЕН ПАВЛЕ ТИВЕЈСКИ
Бил роден од богати родители во Долна Тива (Теба) во Египет во времето на царот Декиј. Сиот имот на родителите Павле го наследил заедно со неговата сестра. Неговиот зет, кој бил идолопоклоник, посакал да го приграби и Павловиот дел од имотот и му се заканил на Павле дека ќе го даде на суд како христијанин ако не му го отстапи својот имот. Оваа неволја, како и самопожртвуваниот пример на христијанските маченици што ги виде со своите очи, го поттикнаа Павле да го отстапи својот дел од имотот и да се оддалечи во пустината. Таму се подвизувал до смртта. До каква духовна височина достигнал овој возвишен монах сведочи самиот Свети Антониј Велики, кој еднаш го посетил Павла и ги видел како му служат ѕверовите и птиците небесни. Кога се вратил од таа посета Антониј им рекол на своите монаси: „Тешко мене, деца мои, кој сум грешен и лажен монах, монах само по име. Го видов Илија, го видов Јован во пустината и навистина го видов Павле – во Рајот!“ Свети Павле живеел сто и тринаесет години и мирно се упокоил во Господа во 342 година.

-ПРЕПОДОБЕН ЈОВАН КУШЧНИК
Бил роден во Цариград во времето на царот Лав I од богати и угледни родители и им бил единец. Поттикнат од наклоноста кон духовниот живот, младиот Јован тајно побегнал со еден монах во некој манастир во Мала Азија. Во тој манастир тој поминал шест години во преголемо воздржание, молитва и послушност кон игуменот. Тогаш врз него навалил ѓаволот со искушение дека треба да го остави манастирот и да им се врати на своите родители и кај нив да живее како благородник. Тој навистина се вратил во домот на родителите но облечен како просјак, ги видел своите родители но, не сакал да им се јави како син, туку како просјак се населил во нивниот двор, живеејќи речиси од трошките што му ги дофрлале слугите и трпејќи многу потсмевања од сите и од секого. Така поживеал три години молејќи Го Бога да ги спаси душите на татко му и мајка му. Кога се разболел и ја почувствувал близината на смртта, им се јавил на родителите, кои го препознале по едно скапоцено Евангелие што му го подариле во детството и коешто тој го чувал кај себе како единствен свој имот. И така овој млад човек, иако многу богат, си ја спасил душата, ги спасил душите на своите родители, го победил ѓаволот и се упокоил во Господа околу 450 година.
-ПРЕПОДОБЕН ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ
Овој светител бил голем подвижник и другар на Свети Прохор Пчински и Јован Рилски. Се подвизувал во 10-от век на Лесновската Гора кај Кратово, каде што му изгради црква на Свети Архангел Михаил. Сегашниот прекрасен храм на тоа место го изградил војводата на цар Душан, Јован Оливер. Бил чудотворец и за време на својот земен живот и по смртта. Свети Гаврил се упокоил во Господа на крајот од 10 век.

-СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПАНСОФИЈ
Бил син на александрискиот проконзул Нил. Ги напуштил чинот и световното богатство и како млад се замонашил. Се подвизувал дваесет и седум години и го воздигал својот дух кон вишниот свет. Во времето на царот Декиј бил доведен пред суд и камшикуван за името Христово, се дури во големи маки не ја предал својата душа на Бога.

29 ЈАНУАРИ (16 ЈАНУАРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНКИОТ КАЛЕНДАР)

-ЧЕСНИТЕ ВЕРИГИ НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ ПЕТАР
Овој ден се споменува заради веригите во кои бил окован од беззакониот цар Ирод и кои при појавата на ангелот во затворот тие паднале од него (Дап. 12, 7). Овие вериги христијаните ги чувале колку заради споменот на великиот апостол толку и заради нивната исцелителна моќ, зашто мнозина болни се исцелувале допирајќи се до нив (како од ризата на апостолот Павле; Дап. 19, 12). Ерусалимскиот патријарх Свети Јувенал овие вериги ѝ ги дал на царицата Евдокија, прогонетата жена на царот Теодосиј Помладиот, а таа ги преполови и едната половина ѝ ја испратила на црквата на Светите апостоли во Цариград, а другата на својата ќерка, царицата Евдоксија, жената на Валентијан во Рим. Евдоксија му изградила црква на Светиот апостол Петар и во неа ги положи овие вериги заедно со оние во кои апостолот пред својата смрт бил окован од царот Нерон.
-СВЕТИ МАЧЕНИЦИ ПЕВСИП, ЕЛЕВСИП, МАЛЕВСИП И НИВНАТА БАБА ЛЕОНИЛА
Овие свети маченици пострадале за Христа во времето на царот Марко Аврелиј (161 г. – 180 г.) во Франција. Тие биле тројца браќа близнаци. Прво само Леонила била христијанка, а нејзините внуци биле незнабошци. После долги советувања од страна на благочестивата Леонила и од месниот свештеник, тројцата браќа се крстиле. Откако се крстиле, тие почнале да ревнуваат за својата вера со сиот свој младешки жар и во таа ревност тие ги испокршиле сите идоли во целата околина. Обвинети и изведени на суд тие го признале своето дело и јавно ја исповедале својата вера во Христа. Судијата ги фрлил во темница и ја повикал нивната баба Леонила и ја упатил да оди во затворот за да ги посоветува нејзините внуци да се одречат од Христа и да им се поклонат на идолите. Но, Леонила наместо да ги советува внуците да се одречат од вистинската вера, таа почнала да ги храбри да не се колебаат и да истраат до крај во маките и да умрат за Христа. Кога судијата повторно ги испитал и ја видел нивната уште и засилена непоколебливост во верата, ги осудил на срмт. Сите тројца биле прво обесени на едно дрво на кое виселе „како жици на гусла“, потоа ги биеле и најпосле ги изгореле. Некоја жена, по име Јовила, восхитена од нивната храброст повикала: „И јас сум христијанка!“ Веднаш ја фатиле и заедно со старицата Леонила ги убиле со меч.
-ПРЕПОДОБЕН МАЧЕНИК ДАМАСКИН ГАБРОВСКИ
Се подвизуваше во Хилендар, каде станал и игумен. Кога од некои Турци им го побарал манастирскиот долг, тие наговориле една жена муслиманка и таа влегла во куќата каде живеел Дамаскин. Тогаш Турците влегле и ја нашле жената, па го одвеле Дамаскин кај кадијата. Таму му било предложено или да биде обесен или да се потурчи, на што тој одлучно рекол: „Би била лудост кога со привремениот живот би си купувал вечна погибел“. Го обесиле во 1777 година во Свиштово. Така Дамаскин го жртвувал своето тело за да ја спаси својата душа. Но, неговите убијци веднаш ги стасала Божјата казна. Тие седнале во чамец да се превезат преку реката Дунав, но ненадејна бура им го превртела чамецот и се удавиле.
-ПРЕПОДОБЕН РОМИЛ
Тој бил роден во Видин. Бил ученик на Свети Григориј Синаит. Се подвизувал во неколку манастири. Во Раваница заедно со него бил и Константин Цамблак. Тука Свети Ромил се упокоил во Господа околу 1375 година.

30 ЈАНУАРИ (17 ЈАНУАРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР

-ПРЕПОДОБЕН АНТОНИЈ ВЕЛИКИ
Египќанец, роден околу 250 година во некое село Кома близу Хераклеја. По смртта на неговите благородни и богати родители тој го поделил наследството со својата малолетна сестра, ја згрижил кај некои роднини, својот дел им го раздаде на сиромасите, а самиот во дваесеттата година од животот се посветил на подвижнички живот, како што тежнеел од детството. Прво се подвизувал во близина на своето село, но за да го избегне онеспокојувањето од луѓето, се оддалечил во пустина, на брегот на Црвеното Море, каде што како затворник поминал дваесет години недружејќи се со никого освен со Бога преку непрестајна молитва, богомислие и созерцание, поднесувајќи ги неискажливо трпеливо демонските искушенија. Неговата слава се пронела по целиот свет и околу него се собрале многубројни ученици кои ги поучувал со пример и со слово на патот кон спасението. Во текот на своите осумдесет и петте години од подвижнички живот, само двапати отишол во Александрија, и тоа првиот пат да бара мачеништво во времето на прогонот на Црквата, а вториот на повик на Свети Атанасиј за да ја собори клеветата на Ариевците дека божем и тој ја прифатил Ариевата ерес. Се упокоил во сто и петтата година од животот, а зад себе оставил цела војска следбеници и ученици. Иако не бил наобразуван, тој им бил советник и учител на најучените луѓе во неговото време, каков што бил Свети Атанасиј Велики. Кога еднаш некои елински филозофи го искушувале со книжевна мудрост, Антониј ги засрамил со прашањето: „Што е постаро: разумот или книгата? И кое од тие двете е причина за другото?“ Засрамени филозофите си заминале, зашто виделе дека самите имаат книжевно памтење без разум, наспроти разумот што го имал Антониј. Тој бил човек кој го достигнал совршенството кое воопшто може да биде достигнато на земјата. Тој бил воспитувач на воспитувачите и учител на учителите; цели осумдесет и пет години се преобразувал себеси, па само така имал сила да ги преобразува и другите. Исполнет со многубројни години и добродетели, Свети Антониј се упокоил во Господ во 335 година.
-СВЕТИОТ ЦАР ТЕОДОСИЈ ВЕЛИКИ
Овој славен и во верата ревносен цар владеел од 379 до 395 година. Царот Константин Велики го забрани гонењето на христијаните, а цар Теодосиј отишол уште еден чекор понатаму: го забранил идолското принесувањето на жртви во својата држава. Многу помагал во утврдувањето и распространувањето на христијанската вера низ светот.
-СВЕТИ МАЧЕНИК ГЕОРГИЈ ЈАНИНСКИ
Бил роден во селото Чуркла во Албанија, од многу сиромашни родители земјоделци. Присилуван од Турците да се потурчи, тој останал непоколебан во христијанската вера, заради што го обесиле во Јанина, на 17 јануари 1838 година. Голем чудотворец и исцелител до ден денес.
31 ЈАНУАРИ (18 ЈАНУАРИ СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)

-СВЕТИ АТАНАСИЈ ВЕЛИКИ, АРХИЕПИСКОП АЛЕКСАНДРИСКИ
Бил роден во Александрија во 296 година и од детството покажувал наклоност кон духовниот призив. Бил ѓакон кај архиепископот Александар и го придружувал својот архиепископ на Првиот Вселенски Собор во Никеја. На овој Собор Атанасиј се прославил со својата ученост, благочестие и ревност за Православието. Многу придонел во сузбивањето на Ариевата ерес и за утврдувањето на Православието. Овој светител го напишал Симболот на Верата кој на Соборот беше усвоен. По смртта на Александар, Свети Атанасиј бил избран за архиепископ Александриски. Во архиепископскиот чин остана над четириесет години, иако не бил цело време на архиепископскиот престол. Речиси сиот живот бил гонет од еретиците. Од царевите најмногу го гонеле: Констанциј, Јулијан и Валент; од епископите Евсевиј Никомидиски со уште мнозина други; а од еретиците Ариј и неговите следбеници. Бил принуден да се крие од гонителите дури и во бунар, во гроб, по приватни куќи, по пустини. На двапати бегал во Рим. Дури пред смртта едно време проживеал мирно како добар пастир сред своето стадо, кое вистински го љубел. Мал е бројот на светителите што се толку клеветени и толку злосторнички гонети како Свети Атанасиј. Но неговата голема душа најпосле излезе победоносна од сета таа долготрајна и страшна борба. За совет, утеха и морална потпора често одел кај Свети Антониј, кого го почитувал како свој духовен отец. Човекот кој ја формулирал најголемата вистина морал и да пострада за таа вистина, додека Господ не го упокои во Своето Царство овој Свој верен раб, во 373 година.
-СВЕТИ МАКСИМ, АРХИЕПИСКОП ВЛАХОЗАПЛАНИНСКИ
Бил син на српскиот деспот Стефан и на преподобната мајка Ангелина. Замонашен во манастирот Манасија. Притеснет од Турците побегнал во Романија, каде што го посветија на испразнетиот престол на архиепископот Влахозадпланински. Ги измирил раскараните војводи Радул и Богдан и ја спречил војната меѓу нив. На постари години се вратил во Крушедол, каде што го изградил манастирот и после подолг подвиг се упокоил на 18 јануари 1546 година. Неговите нетлени и чудотоворни мошти и денес почиваат во тој манастир.

KALENDAR-FEVRUARI_2018
1 ФЕВРУАРИ (19 ЈАНУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-ПРЕПОДОБЕН МАКАРИЈ ВЕЛИКИ
Бил роден во Египет и еден од помладите современици на Антониј Велики. Татко му бил свештеник. Бидејќи бил послушнен кон родителите, тој се оженил, но жена му набрзо умрела, а тој се оддалечил во пустина, каде што поминал шеесет години во труд и во борба, внатрешна и надворешна, за Царството Небесно. Кога го прашале зошто е толку сув и кога јаде и кога не јаде, тој одговорил: „Од стравот Божји“. Толку многу успеал да си го очисти умот од злите помисли и срцето од зли желби, што Бог го дарувал со изобилен дар на чудотворство, така што и мртви воскреснувал од гробовите. Неговото смирение ги восхитувал и луѓето и демоните. Демонот еднаш му рекол: „Само во едно нешто не можам да те надвладеам; тоа не е постот, зашто јас никогаш не јадам; не е бдеењето, зашто не спијам никогаш“. „А што е?“, прашал Макариј. „Твоето смирение“, му одговорил демонот. На својот ученик Пафнутиј Макариј често му говорешел: „Не осудувај никого и ќе се спасиш“. Живеел деведесет и седум години. Девет дена пред смртта му се јавиле од оној свет Свети Антониј и Свети Пахомиј и му навестиле дека за девет дена ќе умре, што и се случило. Уште пред самата смрт му се јавил херувим, кој во видение му го открил блажениот небесен свет, ги пофалил неговиот подвиг и добродетели и му рекол дека е испратен за да ја земе неговата душа во Небесното Царство. Се упокоил во 390 година.
-ПРЕПОДОБЕН МАКАРИЈ АЛЕКСАНДРИСКИ
Бил роден во Алкесандрија и прво бил продавач на овошје. Се крстил дури во својатачетириесетта година и заминал на подвиг. Прво му бил ученик на Свети Антониј заедно со Макариј Велики, а потоа станал игумен на манастирот Келии, меѓу Нитрија и Скитот. Нешто е помлад од другиот Макариј и се упокоил после него. Живеел над сто години. Бил мачен од ѓаволските искушенија, особено од искушението на славољубието, се смирувал себеси со претешки подвизи и непрестајна молитва, постојано воздигнувајќи го умот кон Бога. Еднаш еден брат го видел како полни кош со песок и како го носел по ридот и го истурал. Братот зачуден го запрашал: „Што правиш?“ „Го мачам оној што ме мачи мене“ (т.е. ѓаволот). Се упокоил во 393 година, и бил стар повеќе од сто години.
2 ФЕВРУАРИ (20 ЈАНУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-ПРЕПОДОБЕН ЕВТИМИЈ ВЕЛИКИ
Бил роден во ерменскиот град Мелитин во близина на реката Еуфрат околу 377 година од благородни родители. Бил син единец роден по молитвите на својата мајка Дионисија која имала небесно видение за раѓањето на Евтимиј. Се подвизувал уште од младост, прво во близина на својот роден град, потоа го посетил Ерусалим во својата дваесет и девета година и потоа заминал во пустината меѓу Ерусалим и Ерихон, наречна Фаре. Деновите и ноќите ги исполнувал со молитви, внатрешно богомислење, созерцание и телесен труд. Околу него се собрале многу ученици, од кои некои биле славни светители како: Кириак Отшелник, Сава Осветениот, Теоктист и други. По Божјиот дар бил голем чудотворец: изгонувал демони, лечел тешко болни, извел вода во пустина, умножувал лебови, прорекувал. Монасите ги учел на трудољубивост велејќи им: „Ако вие без својот труд јадете леб, значи дека јадете туѓ леб“. Кога помладите собраќа сакале да постат повеќе од другите, тој тоа им го забранил и им нареди да доаѓаат на општата трпеза за да не се погордеат од својот преголем пост. Уште им зборувал дека не е добро за монахот да преоѓа од едно место на друго, зошто: „Дрвото кое често се пресадува не донесува плод.“Кој сака да прави добрина може да го прави на она место каде се наоѓа. За љубовта говорел: „што е солта за лебот, тоа е љубовта за останатите доблести.“ Првата недела од Чесниот пост тој се оддалечувал во пустината и таму останувал во молчење и богомислние се до Велигден. За време на неговиот живот се создала огромна лавра во близина на неговата пештера, која потоа со векови била преполна со монаси како кошница со пчели. Последната заповед му била во манастирот да се држи гостољубивос и капијата на манастирот никогаш да не биде затворена. Се упокоил во својата деведесет и седма година. На неговиот погреб присуствувал ерусалимскиот патријарх Анастасиј. Патријархот чекал цел ден додека насобраниот многуброен народ го целивала светителот и дури вечерта успеал да го доврши опелото. Седмиот ден по смртта се јавил Евтимиј на својот ученик Доментијан, целиот светол и радосен. Преподобен Евтимиј вистина бил син на светлината. Се упокоил во 473 година.
-СВЕТИ МАЧЕНИЦИ ЕНЕН, НИРЕН И ПЕН
Се сметаат за први словенски маченици кои се спомнуваат во историјата. Се нарекуваат Скити и ученици на светиот апостол Андреј. Пострадале за верата од своите незнабожечки соседи од десната страна на реката Дунав, близу градот Варна. Врзани врз мраз, тие се замрзнале и се упокоиле во Господа.
3 ФЕВРУАРИ (21 ЈАНУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-ПРЕПОДОБЕН МАКСИМ ИСПОВЕДНИК
Бил роден во Цариград и бил висок висок послушник во дворецот на царот Ираклиј, а потоа станал монах и игумен на еден манастир во близина на престолнината. Бил најголем бранител на Православието од таканаречената монотелитска ерес која произлегла од ереста на Евтихиј. Имено, како што Евтихиј тврдел дека во христа имало една природа, така монотелитите тврделе дека во Христа имало една волја. Максим се спортивставил на тоа тврдење и се најдсе како противник на царот и патријархот. Но, тој не се уплашил, туку истрајал до крај во докажувањето дека во Господ Исус Христос имало две волји и две природи. По негово настојување на оддржа еден собор во картагина, а друг во Рим и во двата собори било анатемисано учењето на монотелитите. Страдањето на Максим за Православието не може да се опише: бил мачен од кнезовите со истегнување, плукан од народот, тепан од војниците, прогонуван, затворан, додека конечно, со отсечен јазик и рака, не бил осуден на доживотно прогонство во Скитска земја, каде три години поминал во темница и ја предал душата на Бога во 666 година.
-СВЕТИ МАЧЕНИК НЕОФИТ
Бил роден во Никеја. Уште како дете правел големи чуда со Божја благодат. Извел вода од камен, ја воскреснал својата мртва мајка. Со бел гулаб бил одведен во Олимписката гора каде од една пештера истерал лав и тој се вселил внатре. Бил мачен за Христа уште во својата петнаесета година за времето на царот Диоклецијан и тоа во Никеја. Никако не сакал да се одрече од Христа. После тепањето и времето минато во темница, бил фрлен во оган, но Бог го зачувал жив. Тогаш го ставиле пред гладен лав, но лавот почнал да се гали околу Неофит. Светителот во тој лав го препознал оној истиот во чија пештера се подвизувал , па го помилувал и му наредил повторно да оди во својата пештера. Тогаш Неофит го прободиле со копје и тој се преселил со душата кај Господ.
-СВЕТА МАЧЕНИЦА АГНИЈА
Имала само тринаесет години кога, за верата во Христа, била фрлена во оган, а потоа била убиена со меч. Покажала голема чудотворна моќ за време на својот кус земен живот, но и после смртта. Пострадала за време на царот Диоклецијан во 305 година.
4 ФЕВРУАРИ (22 ЈАНУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТИ АПОСТОЛ ТИМОТЕЈ
Бил еден од Седумдесетте апостоли, роден во Листра Ликаонска, од татко Грк и мајка Еврејка. Мајка му и баба му биле пофалени од апостол Павле заради нивната нелицемерна вера (2 Тим. 1, 4-5). Во Листра Тимотеј се сретнал првпат со апостол Павле и самиот бил сведок кога тој го исцелил хромиот од раѓање. Подоцна Тимотеј станал речиси постојан сопатник на апостол Павле поминувајќи со него низ Ахаја, Македонија, Италија и Шпанија. Бил голем ревнител за верата, одличен беседник и сладок во душата. Тимотеј многу придонел во ширењето и утврдувањето на христијанската вера. Павле го нарекува „вистински син во верата“ (1 Тим. 1, 2). По маченичката смрт на Павле, Тимотеј го имал за свој ученик светиот Јован Евангелист. Но кога тој бил прогонет од царот Дометијан од Ефес на островот Патмос, Тимотеј останал во Ефес како епископ да ја врши својата должност. За време на некој идолски празник наречен Катагогиум, незнабошците, лути на христијаните, го нападнале Тимотеј и го убиле околу 93 година. Неговите чесни мошти подоцна биле пренесени во Цариград и закопани во црквата Свети Апостоли, до гробот на Свети Лука Евангелсит и Свети Андреј Првоповикан.
-ПРЕПОДОБЕН МАЧЕНИК АНАСТАСИЈ
Бил Персијанец по раѓање, неговото незнабожечко име било Магундат. Кога царот Ираклиј војувал со Персија, Магундат пребегнал кај христијаните, отишол во Ерусалим каде се крстил и го добил името Анастасиј. Но тој не само што се крстил, туку и се замонашил, за целосно да се предаде на служење на Господа. Покрај останатите подвизи, многу рано ги читал житијата на светите маченици и читајќи ја намокрувал книгата со солзи и самиот копнеејќи по мачеништво. Господ го овенчал со маченички венец. Долго лежел во темница и бил мачен многу, додека царот Хозрој не му изрекол смртна пресуда. После таа пресуда, Анастасиј бил удавен во вода, а потоа исфрлен од водата и џелатот му ја отсекол главата и му ја испратил на царот. Пострадал на 22 јануари 628 година во градот Бесалое, близу Нинива.
5 ФЕВРУАРИ (23 ЈАНУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕШТЕНОМАЧЕНИК КЛИМЕНТ, ЕПИСКОП АНКИРСКИ
Тој бил роден во 258 година, во градот Анкир од татко незнабожец и мајка христијанка. Неговата мајка Ефросинија му прорекла маченичка смрт на својот син и го остави овој свет кога Климент имал 12 години. Нејзината другарка Софија го зела Климент во својот дом за да го гледа како свој син и да помага во неговото воспитување во христијански дом. Толку Климент бил прочуен заради својот добродетелен живот што бил избран за епископ анкирски во дваесетата година од својот живот. Во младите години тој се стекнал со старечка мудрост и со голема воздржливост го скротил и победил своето тело. Се хранел само со леб и зелје и не јадел месо. Во времето на Диоклецијан бил мачен страшно „како никогаш никој од постоењето на светот“. Поминал 28 години на маки и по зандани и единаесет разни мачители го истегнувале и мачеле. Кога еднаш го удриле по лицето, го плукале и забите му ги скршиле, тој му рекол на мачителот Доментијан: „Ми правиш чест, о Доментијан, и не ме мачиш, зошто и на мојот Господ Исус Христос устата исто така му беше биена и образите удирани и ете, јас недостојниот, сега со тоа се удостоив!“ Кога бил доведен пред царот Диоклецијан во Рим, царот поставил на едната страна разни орудија за мачење, а на другата дарови, одликувања, облека, пари – се што може еден цар да дарува, а потоа му рекол на Климент да бира. Христовиот маченик со презир погледнал кон сите богатства на царот и ги одбра орудијата за мачење. И бил мачен неискажливо: парчњ по парче месо му било откинувано од телото, така да му се гледале коските. На крај бил убиен со меч во 312 година во црквата во Анкир, кога како архиереј служел Божја служба. Чудата ма Свети Климент се безбројни.
-ШЕСТИ ВСЕЛЕНСКИ СОБОР
Бил одржан во Цариград во 680-681 година. Овој Вселенски Собор ги осудил еретиците монотелити кои погрешно учеле дека во Христос имало само божествена волја, без човечка. Покрај тоа биле донесени и неколку правила за редот и дисциплината на свештенството.
-СВЕТИ ПАВЛИН МИЛОСТИВИ
Прво бил римски сенатор, а потоа станал епископ во Нола. Го следел примерот на својот пријател Свети Анвросиј и се крстил после што се оддалечил во Шпанија во Пиринејските планини каде се подвизувал. Но како што не може ниту еден светилник да се сокрие, така и Свети Павлин бил пронајден и избран за нолски епископ. Бил добар и милосрден пастир. Мирно се упокоил во 431 година. Моштите му почиваат во Рим во црквата Свети Вартоломеј.
6 ФЕВРУАРИ, (24 ЈАНУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-ПРЕПОДОБНА КСЕНИЈА
Таа била родена во Рим, како ќерка единица на познат сенатор. Водена од љубовта кон Христос, таа не сакала да стапи во брак, како што посакувале нејзините родители,туку, за да го избегне тоа, побегнала од дома тајно, со две свои робинки,и отипла на островот Коа,во местото Милас, каде основала девствено семејство, останувајќи таму до смртта. Иако била слаба жена,сепак имала машка издржливост во пост,цмолитва и бдеење.Честопати по цела ноќ стоелљ на молитви, била облечена победно од своите сестри,а и лебот што го јадела, често го посипувала со пепелта од огнот.Во времето на нејзината смрт (+450.година) се појавил прекрасен знак над девствениот манастир: венец од звезди со крст во средината,посјаен од сонце.Од нејзините мошти,многу болни добиле исцелување. Нејзините робинки го следеле во се примерот на својата игуманија,и кога умреле, биле погребани по своја желба,цкај нозете на блажената Ксенија.
-СВЕТИОТ МАЧЕНИК ВАВИЛА
Светиот маченик Вавила, бил свештеник во Сицилија. Тој пострадал за Христа со два свои ученика во III век.
-ПРЕПОДОБЕН МАКЕДОНИЈ
Преподобниот Македониј бил Сириски пустиник. Дури во својата старост се хранел со печен леб, а предходно јадел само зрна од јачмен омекнати во вода. Го завршил земниот живот 418 год.
-ПРЕПОДОБЕН ФИЛОН ЕПИСКОП КИПАРСКИ
Посветен за епископ од свети Епифаниј,кога бил повикан во Рим да и помогне со молитва на сестрата на царот Хонорија.Го протолкувал Петокнижието и Песна над песната. Се упокоиЛ мирно во V век.
-ПРЕПОДОБЕН ДИОНИСИЈ ОЛИМПИСКИ,ЧУДОТВОРЕЦ
Се подвизувал на планината Олимп.Се замонашил во Света Гора, каде што бил игумен на Филотеевскиот манастир.Пред крајот на својот овоземен живот,повторно се повлекол во осаменост на Олимп, каде што се упокоил во Господа во XVI век.
7 ФЕВРУАРИ (25 ЈАНУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТИ ГРИГОРИЈ БОГОСЛОВ, АРХИЕПИСКОП ЦАРИГРАДСКИ
Бил роден во Назианзу од татко Елин и мајка христијанка.Пред крштевањето, учел во Атина заедно со Василиј Велики и Јулијан Отстапник. Често тој прорекнувал дека Јулијан ќе биде отсапник од верата и гонител на Црквата, што и се случило. На Григориј особено многу му влијаела неговата добра мајка Нона. Кога го завршил своето учење, Григориј се крстил. Свети Василиј го ракоположил за епископ Сасимски, а царот Теодосиј Велики, наскоро го повикал да го наследи испразнетиот престол на цариградскиот архиепископ. Составил многу дела, од кои најпознати му се оние од Богословието, поради тоа е и наречен Богослов. Особено забележливо по длабочината на неговите дела е Беседата за Светата Троица. Уште пишувал против еретикот Македониј, кој погрешно учел за Светиот Дух (како Духот да е Божје создание), и против Аполинариј, кој погрешно учел дека Христос немал човечка душа, туку дека божеството му било наместо душа. Пишувал исто така и против царот Јулијан Отстапник, неговиот поранешен соученик. Кога на Парламентот во 381 година имало дискусии за неговиот избор за архиепископ, тој самиот се повлекол изјавувајќи: ‘‘Не можат да не лишат од Бога оние кои не лишуваат од престолот,,.Потоа го напушта Цариград ,оди во Назијанз, и живее таму до неговата смрт во изолација, молитви и пишување корисни книги. Иако цел живот бил со слабо здравје, сепак ја доживува осумдесетата година. Моштите подоцна му се пренесени во Рим, а главата му е во Успенската катедрала во Москва.Тој беше и остана големо и прекрасно светло на Православната црква, како во кроткоста и чистотата на карактерот и ненадмашната длабочина на умот. Се упокоил во 390 год.
-ПРЕПОДОБЕН ПУБЛИЈ
Прво бил сенатор, но откако ја спознал светлината Христова, ги оставил почестите, го раздал имотот на сиромашните и се предал на подвижнички живот во близината на својот град Зевгмата на Еуфрат. Основал две монашки семејства и се упокоил 380 год.
ПРЕПОДОБЕН МАР
Се одликувал со надворешна убавина и слаткопоен глас. Се повлекол од светот и останува да живее во една колиба триесет и седум години во пост, молитва и чистење на срцето од помисли. Како девеесет годишен старец се упокоил во 430 година.
-СВЕТА МАЧЕНИЦА ФЕЛИЦИТА И НЕЈЗИНИТЕ СЕДУМ СИНОВИ
Како христијанка во времето на цар Антонин во 164 година била осудена на смрт, заедно со своите седум синови. Се молела на Бога, да не ја погубат неа пред нејзините синови, за да може да ги храбри при мачењето и убивањето, за да не се одрекнат од Христа.Така и било со согласност на Бога. Со радост оваа ненадмашна мајка испраќала, еден по еден син, додека сите седум не ги испратила и видела погубени.Тогаш и таа со благодарност кон Бога ја примила маченичката смрт. Сите настрадале во Рим, каде што им се наоѓаат и моштите.
8 ФЕВРУАРИ (26 ЈАНУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-ПРЕПОДОБЕН КСЕНОФОНТ И МАРИЈА И НИВНИТЕ СИНОВИ ЈОВАН И АРКАДИЈ
Преподобните Ксенофонт и Марија живееле во Цариград богоугоден живот и сето внимание го посветувале на христијанското воспитување на своите синови. Кога синовите им пораснале ги пратиле на наука во Вирут (Бејрут) но се случило бура да го потопи бродот. Со провидението на Бога, Јован и Аркадиј биле некако спасени и со брановите исфрлени на брегот но на две различни места,така да секој од нив мислел за другиот дека е потонат.Од тага еден за друг, обајцата се замонашиле во два различни манастира. По две години нивните ожалостени родители одат во Ерусалим да се поклонат на свето место.Таму со помош на еден свештеник се среќаваат прво братот со брата си, а потоа и родителите со своите деца. Од благодарност кон Бога, Ксенофант и Марија го раздаваат целиот свој имот на сиромасите, а тие двајцата се замонашуваат.Тажната историја на овие четири свети души јасно покажува како Господ прекрасно раководи со животот на оние кои веруваат во Него, како попушта на нивната мака и жалост, за потоа уште повеќе зајакнати во верата, ги воведе во поголема радост. Живееле и се упокоиле во Господа во V век.
-ПРЕПОДОБЕН СИМЕОН ВЕХТИ
Тој бил другар и пријател на Свети Паладиј. Од раната младост па се до смртта се подвизувал во еден вертеп. Основал два манастира и се упокоил во Господа во 390 година,Ветхим или Стари, се нарекува за да се разликува од Симеон Столпник, кој малку подоцна се подвизувал.
-СВЕТИ ДАВИД, ЦАР ГРУЗИСКИ (1089 – 1130)
Ја обновил и ја зајакнал Грузија како држава. Како голем ревнител на христијанската вера изградил многу нови храмови низ Грузија, а старите ги возобновил. Се смета за препородител на православната вера во Грузија.
9 ФЕВРУАРИ (27 ЈАНУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТИ ЈОВАН ЗЛАТОУСТ (ПРЕНЕСУВАЊЕ НА НЕГОВИТЕ ЧЕСНИ МОШТИ)
Споменот на овој светилник на Црквата го славиме на 13 ноември и 30 јануари. Овој датум се празнува пренесувањето на неговите чесни мошти од ерменското село Коман, каде што починал во егзил, во Цариград каде претходно како патријарх управувал со црквата. Кога се навршиле триесет години од неговата смрт, патријархот Прокл одржал говор во спомен на својот духовен отец и наставник, и со тој говор толку ја разгорува љубовта на народот и царот Теодосиј Помладиот кон големиот светител така што сите посакале Златоустовите мошти да се пренесат во Цариград. Се зборува дека ковчегот со моштите не можел никако да се помести од место се додека царот не напишал писмо на Златоуст, молејќи го за прошка (затоа што мајката на Теодосиј, Евдоксија, била виновна за прогонството на светителот) и повикувајќи го да дојде во Цариград, во некогашната резиденција своја. Кога ово покајно писмо го положиле на ковчегот, ковчегот станал сосема лесен.При пренесувањето, многу болни кои го допреле ковчегот-оздравеле. Кога моштите стасале во престолнината, тогаш царот повторно над моштите, го молел светителот за прошка во име на својата мајка и тоа како таа сама од себе да зборува: ‘‘Додека јас живеев времен живот, ти направив пакост, а сега кога ти живееш бесмртен живот, биди корисен на мојата душа. Славата моја пројде и ништо не ми помогна, помогни ми те молам оче, помогни ми во славата твоја, помогни ми пред да бидам осудена на Судот Христов! Кога светителот бил внесен во црквата на Светите Апостоли и поставен на престолот како Патријарх, тогаш се слушнало од неговите свети усни‘‘ Мир на сите.‘‘ Преносот на моштите на Свети Јован Златоуст извршена е 438 година.
-ПРЕПОДОБЕН ТИТ ПЕЧЕРСКИ
Прво бил војник, но кога во некоја борба задобил рана на главата, тој се повлекува во Печерскиот манастир каде оздравува и се прима во монаштвото. Поминувал време во непрестајни оплакувања на своите претходни гревови.Пред смрт бил известен од некои небесни појави дека сите гревови му се простени. Моштите му почиваат во Теодосиевите пештери.
10 ФЕВРУАРИ, (28 ЈАНУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-ПРЕПОДОБЕН ЕФРЕМ СИРИН
Бил роден во Сирија од сиромашни родители во време на царот Константин Вилики. Својата рана младост ја поминал многу бурно, но наеднаш настанало прекршување во неговата душа и тој почнал целиот да пламти од љубов кон Господ Исус. Бил ученик на свети Јакоб Нисибиски (13.јануари). Од голема Божја благодат се леела мудрост од неговиот јазик, како меден поток, а од очите непрестано му течеле солзи.Трудољубив како пчела Ефрем непрестанато или пишувал книги или усно подучувал монаси во манастирот и народ во градот Едеси,или пак сам се предавал на молитва и размислување. Многубројни се неговите книги, прекрасни се неговите молитви. Најпозната му е молитвата што се чита за време на Чесниот пост: Господи и Владико на мојот живот. Кога сакале со сила да го земат за епископ, тој се направил луд и почнал да трча низ градот Едеси влечејќи ја со себе својата облека. Кога го виделе тоа луѓето го оставиле на мир. Бил современик и пријател на Свети Василиј Велики. Свети Ефрем е главно апостол на покајание. Неговите списи и ден денес омекнуваат многу срца отврднати од грев и ги враќаат на Христа. Се упокоил во длабока старост во 378.година.
-ПРЕПОДОБЕН ИСАК СИРИН
Бил роден во Нинива и во младоста се подвизувал во манастирот Мар-Матејски во близина на Нинива. Кога се прочул поради светоста на животот и многу чудеса, тој бил избран за епископ нинивски и приморам да мора да го прими тој чин. Но само после шест месеци тој го остава епископството и тајно се одалечува во пустинскиот манастир Рабан-Шабур. Составил многу дела од кои до нас дошле околу стотина беседи за духовниот живот и подвижништвото пишувани главно по сопствени доживувања. Бил неприкосновен како психолог и раководител во духовниот живот. Дури и такви светители како што бил Свети Симеон Дивногорац барале од него совет. Се упокоил во длабока старост кон крај на VII век.
-ПРЕПОДОБЕН ПАЛАДИЈ, ПУСТИНИК ВО СИРИЈА
Голем подвижник и чудотворец. Пред неговата ќелија осамнал труп на еден богат човек, кого разбојниците го убиле и ограбиле. Кога Пладиј го протеррле на суд, тој, со цел да се спаси од беда, се молел на Бога и со молитва го воскреснал мртвиот. Тој починал во четвртиот век.
11 ФЕВРУАРИ (29 ЈАНУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ИГНАТИЈ БОГОНОСЕЦ
Главното празнување на свети Игнатиј е во зима, на 20 декември. На овој датум се празнува пренесувањето на неговите мошти од Рим, каде маченички пострадал, во Антиохија каде претходно бил архиереј. Свети Игнатиј бил повикан во Рим, пред царот Трајан да одговори за својата вера, на тој долг пат го следеле неколку граѓани од Антилохија, побудени од својата огромна љубов према својот прекрасен архипастир. Светителот Божји, бидејќи никако не сакал да се откаже од верата Христова, ги презрел сите ласкања и ветувања на царот Трајан, бил осуден на смрт и фрлен во голема арена за борби пред ѕверовите. Ѕверовите го растргнале и тој ја предал својата душа на Бога.Тогаш неговите следбеници ги собрале неговите соголени коски, ги пренеле во Антиохија е чесно ги закопале.Но кога Персијанците ја заземале Антиохија во шестиот век, моштите на Свети Игнатиј повторно биле вратени од Антиохија во Рим.
-СВЕТИ МАЧЕНИЦИ РОМАН, ЈАКОВ, ФИЛОТЕЈ, ИПЕРИХИЈ, АВИВ, ЈУЛИЈАН И ПАРИГОРИЈ
Сите овие маченици настрадале за Господа Исуса Христа во времето на цар Максимијан 297година. Филотеј и Империхиј биле господари, а останатите биле од позната лоза. Ги усмртиле незнабожци со грозна смрт, ковајќи им клинци во глава на секој од нив. Чесно пострадале и во вечна радост влегле.
-ПРЕПОДОБЕН ЛАВРЕНИТЈ ПЕЧЕРСКИ
Доброволно избрал затворенички живот исто како поранешните затвореници, Исакиј и Никита, внимателно чувајќи се од ѓаволските уроци, на кои овие двајца на почетокот се подале. Со голема воздржаност, молитви и богомислие, достигнал висок степен на совршенство. Од уплашените демони дознал дека во Печерскиот манастир од сто осумнаесет монаси имало триесет од нив врз кои била дадена од Бога власт над злите духови.Тој се представил пред Господа во 1194 година.
12 ФЕВРУАРИ, (30 ЈАНУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТИ ТРИ СВЕТИТЕЛИ
Светите три Светители, Архиереи: Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст имаат свои посебни денови за прослави во јануари и тоа: Василиј Велики на 1 јануари, Григориј Богослов на 25 јануари и Јован Златоуст на 27 јануари и 13 ноември . Овој заеднички празник е основан во единаесеттиот век за време на владеењето на царот Алексиј Комнен. Во тоа време имало дискусија меѓу народот околу тоа кој од овие тројца е најголем. Едни го воздигнувале Василиј поради неговата чистота и храброст, други го воздигнувале Григориј поради неговите недостижни длабочини и висини на умот во богословието;трети го воздигнувале Златоуст поради неговите чудесни красноречија и јаснотија во излагањето на верата. И така првите се нарекле василијани, вторите григоријани, а третите јованити. Но со промисла Божја овој спор бил решен во полза на црквата и уште поголема слава на тројцата светители. Еватскиот епископ Јован (14-ти јуни) имал едно видение во сон, имено: прво, секој од овие тројца светители се појавил поединечно, особено во голема слава и неискажлив сјај, а потоа сите тројца заедно. Тогаш тие му рекле: “Ние сме едно во Бога, како што гледаш, и не постои ништо контрадикторно во нас … ниту има меѓу нас прв, ниту втор.” Уште светителите го посоветувале владиката Јован да им напише една заедничка служба и да се утврди заеднички ден на празник. По повод оваа прекрасна визија за решавање на спорот, 30 јануари е назначен како заеднички празник за сите три архиереи. Овој празник грчкиот народ го сметаат не само како црковен, туку и како свој најголем национален и училишен празник.
-СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ИПОЛИТ, ЕПИСКОП РИМСКИ
Пострадал за верата во време на царот Клавдиј. Кога во Рим, девицата Хрисија била безмилосно мачена за Христа, тогаш тој се изјаснил за неа, пред мачителите светиот Иполит и ги изобличи мачителите. Поради овој протест и тој бил ставен пред суд, суден и осуден на смрт по долго мачење. Му ги врзале рацете и нозете и го фрлиле во морето. Со него и Хрисија, настрадале уште дваесет маченици. Свети Иполит пострадал во 269 година.
-СВЕТИ МАЧЕНИК ТЕОФИЛ НОВИ
Како војвода на царот Константин и Ирина бил заробен од Агарјана и држен четири години во затвор. Па, кога ги одбил сите муслимански инсистирања да ја напушти христијанската вера, го убиле во 784 години и се преселил кај Господ.
-СВЕТИ ПЕТАР, ЦАР БУГАРСКИ
Бил син на Симеон и покажувал големо почитување кон Свети Јован Рилски. Ја направил самостојна Бугарската црква од Цариград и го сочувал Православието во Бугарија од богумилите. По неуспешна војна со Унгарците и Русите, тој починал во 976 година, во својата педесет и шестата година од животот.
13 ФЕВРУАРИ (31 ЈАНУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТИ БЕСРЕБРЕНИЦИ КИР И ЈОВАН
Овие милосрдни и прекрасни светители не биле браќа по крв, но биле браќа по дух. Кир прво живеел во Александрија и како лекар ги лечел луѓето и со моќта на Христос и со лекови. Дознавајќи дека болестите ги напаѓаат луѓето највеќе поради гревови, тој секогаш ги упатувал пациентите на покајание и молитва да ја очистат душата од гревот, со цел да се врати здравјето во телото. Кога Диоклецијан ги прогонувал христијаните, Кир се оддалечил во Арабија, каде примил монашки чин. Како што бил прочуен во Александрија, исто така станал прочуен и во Арабија, па луѓето и таму прибегнувале кон него за помош. Откако слушнал за Кир, Јован, тогаш римски офицер во Едеса, дошол во Арабија за да го види. Кога се виделе еден со друг тие се засакале како браќа и останале заедно да се подвизуваат.Во тоа време мачителите мачеле една христијанка Атана, со нејзините три ќерки во градот Канопус. За ова слушнале Кир и Јован и отишле во Каноп да ги храбрат мајката и ќерките, да не отпаднат од верата. Всушност, благодарение на советите на овие светители, Атанасија ги претрпела сите маки и со нејзините ќерки била погубена за Христа. Ќерките на Атана се викале: света Теоктиста петнаесет години,Теодотија од тринаесет години и Евдокија од единаесет години. Тогаш мачителите ги фатиле Кир и Јован, па по маки и затвор, ги пресекле со меч, во 311. Безброј чуда направиле овие свети маченици и за време на животот и по смртта. Нивните мошти биле пренесени во време на царот Аркадиј во Рим. Тие се повикуваат за помош посебно при несоница, во осветувањето на водата, и маслосвет.(в. 28 јуни)
-СВЕТА МАЧЕНИЦА ТРИФЕНА
Доброволно и храбро поднела многу маки за Христа. Бидејќи не сакала да се одрекне од верата и бил пуштен некој побеснет вол кој ја избодел и усмртил.Тоа се случило во првиот век. Неа ја повикуваат на помош мајки кои не можат да ги дојат своите деца.
-ПРЕПОДОБЕН НИКИТА ПЕЧЕРСКИ
Како монах не го послушал игуменот, се одалечил од манастирот и се затворил во една ќелија.За неговата непослушност Бог му пратил големо искушение. Еднаш кога Никита бил на молитва му се јавил ѓаволот во вид на ангел светол и му рекол: Немој веќе да се молиш туку читај книги,а јас ќе се молам за тебе! Никита послушал и престанал да се моли и почнал да чита книги. Го читал само Стариот Завет, а Новиот Завет никако не можел ни да го отвори, затоа што не му давала силата ѓаволска. Со помош на ѓаволот и пророкувал и тоа само:злосторства, грабнувања, палења и останати злодела, кои му биле познати на ѓаволот бидејќи и тој учествувал во нив. Најпосле Печерските свети Отци дека Никита паднал во ѓаволска превласт,па почнале да се молат на Бога за него. Никита се повратил, ја увидел пропаста во која бил, се покајал горко за непослушноста и гордоста и се упатил на правиот пат. После долго каење и многу солзи, Бог му простил и го дарувал со дарот чудотворски. Се упокоил во 1108 год.
14 ФЕВРУАРИ (1 ФЕВРУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
- СВЕТИ МАЧЕНИК ТРИФУН
Роден е во селото Кампсада, во Фригија од сиромашни родители. Во детството чувал гуски. Од детството врз него бил голем благословот Божји, можел да лекува болести кај луѓето и добитокот, и да истерува зли духови. Во тоа време во Римската империја царувал царот Гордијан, чијашто ќерка Гордијана, се поматила со умот и поради тоа татко и бил во голема тага. Сите лекари не биле во можност на лудата Гордијана ништо да и помогнат. Тогаш демонот од лудата девојка проговорил и рекол: никој не може да ме истера освен Трифун.После сите Трифуни што биле повикани од царствот, по Божјото предзнание, го повикале и младиот Трифун.Тој бил доведен во Рим и ја излечил ќерката на царот. Царот му подарил многу подароци, кои Трифун по враќањето ,ги поделил на сиромашните. Во селото, ова свето момче продолжил да чува гуски и да се моли на Бога. Кога почнало владеењето на христоборниот Декиј, Свети Трифун бил измачуван за Христа. Но, тој ги поднесувал сите маки со голема радост, велејќи: “О, кога би можел да се удостојм,во оган и маки да завршам во името на Исус Христос Господ и мојот Бог!” Сите мачења не му наштетиле и мачителите конечно го осудиле на сечење со меч. Пред смртта Трифун, Му се помолил на Бога и Му ја предал душата на Создателот во 250 година.
-СВЕТИ МАЧЕНИЦИ ПЕРПЕТУА, ФЕЛИЦИТАТЕ, САТИР и други
Во времето на царот Септимиј Север сите биле фрлени во затвор како христијани. Света Перпетуа била благородничка, и таа ги храбрела другите робови во занданата, да не се плашат да пострадаат за Христа. Во сонот, видела Перпетуа скала од земјата до небото, сета обложена со остри ножеви, мечеви, копја, јадици, клинци и други смртоносни оружје. А на дното лежела страшна змија. Го видела Сатир како прв истрчува по скалата до врвот неповреден, па од врвот и викнал на Перпетуа: Перпетуа те чекам, дојди, но пази се од змии! Охрабрена од тоа, Перпетуа застанала на главата од змијата и потоа брзо се качила до врвот. Па кога стасала до врвот, влегла во небесата и видела убави палати на небото, и била многу среќна. Кога го раскажала својот сон, сите робови протолкувале дека им претстои скора смрт и тоа прво на Сатир, што набрзо било и точно. Прв бил убиен Сатир, па Перпетуа и другите по ред. Како јагниња биле заклани за Христос, Јагнето Божјо. Они од Христа и добија вечна награда во царството на светлината. Сите пострадале за Христа 202-203 година.
-ПРЕПОДОБЕН ПЕТАР ГАЛИЈАТСКИ
Во својата седма година го напуштил родителскиот дом,поради Христа и се повлекол во пустина.Таму со пост и молитви,толку се усовршил,што правел многу чуда со силата на Духот Божји. Околу 429 година се преселил во вечното царство Христово, во својата деведесетидевета година.
15 ФЕВРУАРИ (2 ФЕВРУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СРЕТЕНИЕ ГОСПОДОВО
Во четириесеттиот ден по Рождество на Пресвета Дева таа го донесе нејзиниот божествен Син во ерусалимскиот храм , согласно со законот, да го посвети на Бога и себе да се очисти (Левит 12: 2-7; Исход 12: 2). Иако ниту едното ни другото не е потребно, сепак Законодавецот не сакаше да ги прекршува сопствените закони, кои Он ги дал преку Својот слуга и пророк Мојсеј. Во тоа време во храмот служел првосвештеникот Захарија, татко на Јован Крстител. Тој ја ставил Дева Марија, не на место за жените, но на место за девојки во храмот. Во оваа прилика, се појавуваат во храмот две чудни личности: старецот Симеон и Ана, ќерката Фануилова. Праведниот Старец ја зел раката на неговиот Месија и рекол: “Сега го пушташ Твојот слуга да замине во мир, Господи, според зборовите Твои …”, уште кажа Симеон за Христос младиот: “Ете, ова дете лежи за многу да собори и издигне во Израел, и да биде знак за кој ќе се зборува “(Лука 2, 29 и 34). Ана, која од младоста служела во храмот на Бога со пост и молитви, и сама Го познала Месијата, па го прославила Бога и го објавила доаѓањето во Ерусалим на Долгочеканиот. И фарисеите присутни во храмот, откако виделе и слушнале сè, се налутиле на Захарија што ја ставил Дева Марија на место за девојки и го доставија тоа на царот Ирод. Убеден дека е ова новиот цар, за кого зборуваа неговите астролози од Исток, Ирод брзо пратил да го убијат Исуса. Но, во меѓувреме божественото семејство веќе избегало од градот и отишло во Египет, по упатство од страна на ангелот Божји. Сретение е празнуван од самиот почеток, но торжественото одбележувањето на овој ден е востановено во 544 година, особено во времето на царот Јустинијан.
-СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ЈОРДАН
Потекнува од Трапезунд, бил казанџија по занимање. Бидејќи тој ја бранел верата Христова и ја разобличувал верата на Мухамед, страдал од Турците во 1650 година во Галата во Цариград. Исто така пострадал и монахот Гаврил, канонарх на големата Црква во Цариград во 1672 година.
16 ФЕВРУАРИ (3 ФЕВРУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТИ СИМЕОН БОГОПРИМЕЦ
Во времето на египетскиот цар Птоломеј Филаделфа, бил избран и Симеон како еден од прочуените Седумдесетмина, на кои била доверена работата на преведување на Библијата од еврејски на грчки јазик. Симеон ја работел својата работа совесно, но кога го преведувал пророкот Исаија, па дошол до она пророштво: „ќе дојде девица, ќе забремени и ќе роди син“, тој бил збунет, и го зел ножот за да го избрише зборот девица и да го замени со зборот “млада жена”, и така да го преведе на грчки јазик. Но, во тој момент на Симеон му се ангелот Божји, кажувајќи му дека пророштвото е вистинито и дека е точно напишано. А дека е вистинито и точно, уште му кажа гласникот Божји, ќе се убеди и тој лично, бидејќи според Божјата волја нема да умре дури не Го види Месијата роден од девојка. Се израдувал Праведниот Симеон на ваквиот глас од небото, оставајќи го непроменето пророштво, и благодарен на Бога дека го удостојува да доживее и да го види Ветениот. Кога Младиот Исус ќе го донесе Богородица во Ерусалимскиот храм, Духот Божји му јавува на Симеон, кој бил многу стар и бел како лебед. Симеон брзо отишол во храмот и таму ја препознал Девојката и Младенчето, според светлината што зрачела околу нивните глави како ореол. Радосниот Старецот го зел Христа во своите раце и го замолил Бога: “Сега отпушти го во мир твојот слуга Господи, според Твојот збор, зашто очите мои го видоа спасението Твое” (Лука 2: 29-30). Таму се нашла и Ана, пророчица, ќерката на Фануил, која и сама Го познала Месијата и Го објавила на народот. Ана тогаш имала осумдесет и четири години. Набргу потоа се претставила на Свети Симеон. Праведниот старец Симеон се смета за заштитник на малите деца.
-СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АДРИЈАН И ЕВУЛА
Овие две свети души биле дојдени во нивниот град Ванеја во Кесарија Кападокиска, да ги посетат затворените христијани во занданите, и да ги утешат и охрабрат. Но, тие биле фатени и осудени на смрт. Адријан го расекле со меч, а Евула била фрлена на ѕверовите во 309 година. И така, не жалејќи за овој живот, тие чесно и со задоволство преминале во живот вечен.
17 ФЕВРУАРИ (4 ФЕВРУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-ПРЕПОДОБЕН ИСИДОР ПЕЛУСИОТ
Бил роден во Египет и син на угледни родители и роднини на Александриските патријарси: Теофил и Кирил. Проучувајќи ги сите светски науки, тој се одрекува од богатството и светската слава и целосно се предава на духовниот живот заради љубовта кон Христа. Тој бил голем и искрен бранител и толкувач на Православната вера. По тврдењето на историчарот Никифор, Свети Исидор напишал над десет илјади писма на разни лица, во кои едните ги укорувал, други советувал, трети тешел, а четвртите ги учел: “Поважно е да се учите на добродетелен живот, отколку на красноречиви проповеди”, пишува тој во едно писмо. Во други писмо вели: “Ако некој сака да ја покаже својата голема доблест, нека ја смета за мала и таа навистина ќе се покаже голема”. Прво и основно правило за Исидор бело, прво да твориш, па потоа да научиш, по примерот на Господ Исус. За време на гонењето на Свети Јован Златоуст, кога сиот свет се поделил на два табора, едните за и другите против овој голем столб на Православието, Свети Исидор застанал на страната на Златоуст. Тој напишал на патријархот Теофил, каква голема светлост е Свети Јован Златоуст за Црквата и го молел да се откаже од зависта кон него. Живеел долго, направил многу прославувајќи го Христос Божји преку перото и се преселил во Царството Христово околу 436 години.
-ПРЕПОДОБЕН НИКОЛАЈ ИСПОВЕДНИК
Овој светител потекнува од островот Крит. Тој дошол во Истанбул да го посети својот роднина Теодор, игуменот на манастрирот Студиски и таму останал и се замонашил. Како монах Николај ги поминал сите подвизи за спасение на својата душа. Во времето на гонењето на Црквата од страна на Лав Ерменин, Николај и Теодор биле длабоко мачени, понижувани, тепани со говедски жили, и на крај фрлени во затвор, каде биле затворени три години. По смртта на Свети Теодор, Николај станал игумен студиски. Во текот на својот земен живот правел чуда со силата на Божјата благодат. Така ја излекувал од болеста Евдокија, сопругата на царот Василиј, и Елена, сопругата на патрикија Мануил. На Теофил Мелисену, угледен благородник, чии деца не преживеувале, ја благословил новородената ќерка и и прорекол дека ќе живее и ќе биде многу плодна,тоа и се случи на задоволство на родителите. На денот на смртта ги повикал монасите и ги прашал што им недостига. Жито -одговориле монасите. На умирање тој рекол: “Оној кој го исхрани Израел во пустината, ќе ви испрати изобилно пченица за три дена.”И навистина третиот ден пристигнале во манастирот бродови полни со жито, испратени од царот Василиј. Тој се пресели во царството небеско во седумдесет и петата година од својот живот, на 4 Февруари 868 година.
18 ФЕВРУАРИ (5 ФЕВРУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТА МАЧЕНИЧКА АГАТИЈА
Оваа славна девица и маченичка за Христа е роденa во Сицилија во градот Палермо од благородни и богати родители. Кога царот Декиј почнал со гонење на христијани, и света Агатија била фатена, предадена на суд и изведена пред судијата Квинтијан. Кога судијата ја видел Агасија, прекрасна во лицето, посакал да му биде сопруга. Кога тој тоа и го и предложил на Агатија, таа му рекла дека е невеста Христова и дека не може да биде неверна на својот обручник. Судијата ја ставил на големи маки: Агатија била малтретирана, навредувана и за дрво врзувана и тепана се додека не искрварила. По ова судијата повторно ја советувал, да се откаже од Христа и така да ги избегнат понатамошните проблеми, на што невестата Христова му рекла: “Овие маки мене ми се многу корисни, како што пченицата не може да има жито додека не се истреби од плевелот, така ниту мојата душа не може да влезе во Рајот, ако моето тело, најпрво не биде ставено на маки.” Тогаш мачителот наредил да и се исечат нејзините женски гради, а потоа била фрлена во затвор. Во затворот и се јавил светиот апостол Петар и и‘ ја вратил нејзината телесна целовитост и здравје. Повторно била мачена и повторно фрлена во затвор, каде што Му ја предала душата на Бога во 251 година во градот Катана во времето на царот Декиј. По смртта на Агатија, нејзиниот мачител Квинтијан отишол да го грабне нејзиниот имот. Тој тргнал со коњ, но неговиот коњ и коњите на војниците здивеле, го исфрлиле на земја и го изгазиле до смрт.Така, го стигнала Божјата казна за неговото мачење на Света Агатија.
-СВЕТА МАЧЕНИЧКА ТЕОДУЛА
Пострадала за Христа во времето на Диоклецијан, римскиот нечесен цар. При мачењето Теодула, вразумила еден од мачителите, Еладиј, и го привела во Христовата вера. Кога Еладиј јавно ја признал својата вера во Христа, бил убиен со меч. Теодула се однесувала, многу храбро во судот, поради тоа судијата ја нарекува безумна. На тоа Света Теодула му одговорила: “Безумни сте вие кои заборавате на единствениот вистински Бог и се поклонувате на мртвите камења”. Судијата ја изложил на страшни маки, кои Теодула херојски ги издржала, со нејзината храброст многумина воодушевила и ги обратила кон Христа. Меѓу нив биле и двајца истакнати граѓани, Макариј и Евагриј. Со овие двајца и многу други Теодула била фрлена во огнена печка, каде што чесно умираат сите и стануваат достојни на Христовото царство.
-СВЕТИ ПОЛИЕВКТ, ПАТРИЈАРХ ЦАРИГРАДСКИ (970 година)
Поради својот високо развиен ум, ревност и верска чесноречивост бил наречен втор Свети Јован Златоуст. Во времето на патријархот Полиевкт и царот Константин Порфирогенита, во Цариград дошла руската књегиња Олга и се крстила таму во 957 години. Патријархот ја крстил, а царот бил кум. Пророчки и рекол свети Полиевкт: “Блажени сте вие, кај жените, руски, затоа што ја засакавте светлината и ја отфрли темнината, ќе те благословуваат руските синови до последното колено.” Од едноставен монах Полиевк бил прогласен за патријарх во 946 година и останал на престолот до неговата смрт во 970 година.
19 ФЕВРУАРИ, (6 ФЕВРУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТИ ВУКОЛ, ЕПИСКОП СМИРИНСКИ
Ученик на Свети Јован Богослов, кој и го постави за епископ на градот Смирна. Во Смирна тогаш имало малку крстени. Во темнината на незнабоштвото светиот Вукола светел како јасна свеќа. Тој се одликувал со сите доблести, особено со благост и кроткост. Пред смртта Вукола за наследник го поставил славниот Поликарп во епископски чин и тој тивко го завршува својот земен живот и заминува кај Господ.
-СВЕТА МАЧЕНИЧКА ФАУСТА
Пострадала за Христа во времето на царот Максимијан (меѓу 305-311. година). Со нејзината храброст ги воодушевила и во христијани ги претворила нејзините мачители: осумдесетгодишниот жрец Евиласија и епархот Максим. Кога судијата и се заканил на Фауста со уште пострашни маки, таа му кажала да и изработи нејзина икона со образување на сите маки со кои и се заканувале. Кога иконата била завршена и и‘ била покажана, Фауста му рекла на светот: “Како што оваа икона не чувствува никакви маки, така и моето тело не чувствува мака од вашите казни, затоа што мојата душа е утврдена во Господа.” Судијата ја фрлил во котел со врела вода, каде што ова свето тринаесетгодишно девојче завршува со молитва на усните и во Рајот.
-СВЕТА МАЧЕНИЧКА ДОРОТЕА
Угледна и убава девојка од Кесарија Кападокиска. Управникот на областа Саприкиј и дал на Доротеа две пагански сестри, Христини и Калисто за да тие ја одвратат од Христа. Но, се случува обратно; Доротеа успева и ги обратила двете сестри во верата Христова. Налутен Саприкиј наредил да ги врзат двете сестри со грб една за друга и ги фрлил во казан со смола, и го запалил. Тогаш и Доротеа ја осудува на смрт. Таа со задоволство ја слушнала пресудата, и извикала: “Ти благодарам душељубец Христос, што ме повикуваш во Твојот Рај и ме воведуваш во Твоите пресвети палати!” Некои од присутните, велможот Теофил се смеел на овие зборови, па и извикал на Доротеа: “Слушни, невесто Христова, прати ми јаболки и цвеќе од шипинка од Рајот на твојот младоженец!” “Јас навистина тоа ќе го направам!” одговорила маченичката. Кога Доротеа била на губилиштето, одеднаш се појавува едно прекрасно момче, со три прекрасни јаболка и три црвени цвеќиња од шипинка. Тоа бил ангел Божји. А времето било зима. Доротеа му рекла на ангелот да ги однесе на Теофил и да му каже: “Еве, тоа што сакаше!” Кога царот Теофил ја примил пораката и го видел подарокот, се преплашил. Во него се се‘ превртело и тој прекален незнабожец, станал христијанин. И тој бил мачен и убиен за Христа, а со душата отишол во рајот кај Господ Исус, наскоро по света Доротеа.
-СВЕТИ ФОТИЈ, ПАТРИЈАРХ ЦАРИГРАДСКИ
Голем светилник на Црквата. Царски роднина и внук на славниот патријарх Тарасиј. Неодолив заштитник на Црквата од папското властољубие и останати римски изопачувања на религијата. За шест дена ги поминал сите чинови од обичен мирјанин до патријарх. Тој станал патријарх на Божик во 857 година и во 891 година се упокоил во Господ.
-ПРЕПОДОБЕН ВАРСОНУВИЈ И ЈОВАН
Големи подвижници од Газа, прозорливци и чудотворци. Тие ја оставиле познатата книга на одговорите на многу прашања во врска со духовниот живот. Овие светители живееле во шестиот век.
20 ФЕВРУАРИ, (7 ФЕВРУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТИ ПАРТЕНИЈ, ЕПИСКОП ЛАМПСАКИЈСКИ
Бил син на ѓакон од градот Мелитопол. Уште како дете добро ги помнел зборовите на Евангелието и се трудел да ги исполни. Се населил покрај едно езеро каде што ловел риба, ја продавал и им делел на сиромасите. По Божја Промисла го избрале за епископ Лампсакиски. Го очистил градот од незнабоштвото, ги затворил идолопоклоничките храмови, изградил многу цркви и го утврдил благочестието. Со молитва лечел секаква болест, а особено имал власт над злите духови. Еднаш кога сакал да изгони зол дух од некој луд човек, злиот дух го молел да не го изгонува. „Ќе ти дадам друг човек; во него влези и живеј“, му рече Партениј. „Кој е тој човек?“, праша демонот. „Јас сум“, одговори светителот. „Влези и живеј во мене!“ Кога го слушнал тоа демонот побегнал како од оган викајќи: „Кај можам да влезам во Божјиот дом?!“ Свети Партениј поживеал долго и својата обилна љубов кон Господ и кон луѓето ја покажал на дело. Во вечниот покој на Христос се пресели во шестиот век.
-ПРЕПОДОБЕН ЛУКА ЕЛАДСКИ
Родум од Касторија. Уште како дете никогаш не сакал да вкуси месо и сиот живот го минувал во чистота и молитва. Еднаш тргнал на нива со семе жито за да сее. Но патем поголемиот дел им го раздал на сиромасите, а помалиот што му преостанал го посеал. Даде Бог и од тоа малку семе да се собере поголем род одошто порано кога го сеел целото количество. Потоа Лука побегнал од својата мајка вдовица во манастир. Нажалена мајка му Го молела Бога да ѝ ја објави тајната каде ѝ се наоѓа синот. И Бог ја услиши нејзината молитва. Игуменот на оној манастир три ноќи едно по друго сонувал една жена како остро го напаѓа што ѝ го зеде синот единец. Тогаш игуменот му наредил на Лука веднаш да оди кај мајка му. Лука отишол, се видел со мајка му, но пак си заминал, овој пат бесповратно. Живеел во покајание на т.н. Јованова Гора. Ноќе Му се молел на Бога, а дење работел во градината и на нива не заради себеси, туку за сиромасите и посетителите. Се хранел само со леб од јачмен. Бог му дал дар на чудотоворство. Се упокоил мирно во Господ во 946 година. Од неговите мошти одвреме навреме течело миро.

21 ФЕВРУАРИ, (8 ФЕВРУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТИ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ТЕОДОР СТРАТИЛАТ
Постојат мачеништва кои се поскапоцени од скапоценостите. Скапоценоста на мачеништвото зависи од големината на богатството кое еден христијанин ќе го напушти, а место тоа ќе прими страдање; и уште зависи од големината на страдањето, што ќе го поднесе заради Христа. Свети Теодор, војвода од Рим, во војската на царот Ликинија и градоначалник на Ираклиј, ја презрел и младоста и убавината, и чинот на војвода и и царската корист, и место сето ова, примил ужасни маки заради Христа. Прво, Теодор бил тепан, добил шестотини удари по грбот и петстотини по стомакот; тогаш бил ставен на крст и изрешетан со стрели. На крај го убиле со меч. Зошто сето ова? Бидејќи светиот Теодор го сакаше Господ Христос над сè друго во светот; тој ја презрел идолопоклоничка суеверност на царот Ликинија, ги урнал идолите од сребро и злато, и им раздал парчиња од нив на сиромашните; и многумина обратил во верата Христова, го повикал и царот Ликија да се откаже од идолите и да верува во единствениот жив Бог. За цело време на мачењето Свети Теодор постојано велел: “Слава Ти, Боже мој, слава на Тебе!” Свети Теодор пострадал на 8 февруари 319 година во три часот попладне, и се пресели во царството на Христа. Тој се смета за заштитник на војниците што го повикуваат на помош. Чудесните негови мошти биле пренесени од Ефхаита во Цариград и погребани во црквата Влахерна (8 јуни).
-СВЕТИ ПРОРОК ЗАХАРИЈА
Единаесетиот од малите пророци. Заедно со пророкот Агеј го охрабрувал кнезот Зоровавел да го обноват ерусалимскиот храм. Предвиде свечен влез на Христос во Ерусалим на магаре, младо магаренце; (Захарија 9, 9) и гопредвидел Јудиното предавство за триесет сребреници: „и да ми измерат плата, триесет сребреници“ (Зах. 11, 12) и бегството на апостолите на Христос за време на Неговите страдања: „ќе го удрат пастирот и овците ќе се разбегаат“. (Зах. 13, 7) Пророк Захарија во визија видел срп кој доаѓа од небото да ги покоси неправедните, особено крадците и оние кои хулат на Божјето име. Се упокоил во последната година од царувањето на Дариј Хистаспа, околу 520 година пред Христа.
-СВЕТИ САВА II, АРХИЕПИСКОП СРПСКИ
Син на кралот Стефан Првовенчан, внук на Свети Сава I. Пред да стане монах се викал Предислав. Следејќи го примерот на својот голем стрико, Предислав се замонашил и ревносно се предал на подвиг. Бил избран за архиепископ српски после Свети Арсениј, под името Сава Втори, тој управувал со црквата со голема посветеност и љубов. Се упокоил во 1268. година. Неговите мошти лежат во манастирот во Пеќ.
22 ФЕВРУАРИ (9 ФЕВРУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТИОТ МАЧЕНИК НИКИФОР
Животот на овој маченик јасно покажува како Бог ја отфрла гордоста и овенчува со слава смирение и братска љубов. Во Антиохија живееле двајца блиски пријатели, учениот свештеник Саприкиј и обичниот граѓанин Никифор. Нивното пријателство некако се претворило во страшна меѓусебна омраза. Богобојазливиот Никифор се обидувал неколку пати да се смири со свештеникот, но овој не сакал. Кога имаше гонење на христијаните, свештеникот Саприкиј бил осуден на смрт и изведен на губилиште. Ожалостениот Никифор бил покрај Спаркиј, молејќи го по патот барем пред смртта да му прости и во мир да се разделат: “Те молам, Христов маченику”, викал Никифор, “прости ми ако нешто сум ти згрешил!” Саприкиј не сакал ни да го погледне неговиот ривал, туку мирно и горделиво одел кон смртта. Но, гледајќи ја тврдоста на срцето на свештеникот, Бог не сакал да го прифати неговото мачеништво и жртвата и да го овенча со венец, туку тајно му ја оддзел благодатта. И во последниот миг пред џелатите Саприкиј се одрекол од Христа и се изјаснил дека ќе се поклони на идолите. Толку бил заслепен од омраза! Никифор го преколнувал Саприкије да не се откаже од Христа. “О, брату возљубен, не го прави тоа, не се откажувај од нашиот Господ Исус Христос, не губи го небесниот венец!” Но, залудно. Саприкиј останал на тоа. Тогаш Никифор извикал на џелатите: “И јас сум христијанин, пресечете ме мене наместо Саприкиј!” Џелатите тоа го јавиле на судијата, а судијата им наредил да го ослободат Саприкиј и да го погубат Никифор. Никифор радосно ја положил главата на трупецот и џелатот му ја пресекол. Така тој се удостоил со царството небесно и бил овенчан со венец на бесмртната слава. Ова се случи во 260 година, во времето на цар Галијен.
-СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ПЕТАР ДАМАСКИН
За овој светител некои мислат дека живеел во осмиот век, а други во дванаесетиот век. Оваа различност на мислењата секако доаѓа од фактот дека има двајца со име Петар Дамаскин. Овој за кого станува збор, бил голем подвижник. Несебичен до крајност, тој немал ниту една своја книга, туку ги позајмувал и читал. А читал неуморно, собирајќи мудрост, како пчелата мед. Бил некое време епископ во Дамаск, но бидејќи зборувал против мухамедизмот и манихејската ерес, Арапите му го исекле јазикот и го пратиле во затвор длабоко во Арабија. Но Бог му ја подари моќта на говорот и во затвор го проповедал Евангелието и многумина обратил во верата Христова. Составил и оставил на потомството една скапоцена книга за духовниот живот. Тој умрел како исповедник и маченик и се преселил во Царството на Христос.
23 ФЕВРУАРИ,(10 ФЕВРУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ХАРАЛАМПИЈ
Овој прекрасен светител бил епископ во Магнезија и настрадал за Христа во својата 113-та година. Кога настанало страшното прогонување на христијаните во времето на царот Септимиј Север, старецот Харалампиј не се криел од прогонувачите, тој слободно и јавно ја проповедал Христовата вера. Сите маки ги претрпел како во телото на некој друг. И кога на него живата кожа му ја одрале, добротворниот Светец им рекол на царските војници: “Ви благодарам браќа за тоа што го истругавте моето старо тело, со тоа вие го обновивте мојот дух за вечен живот”. Направи многу бројни чуда, и многумина ги обратил во верата. Дури и ќерката на царот Галина го напуштила незнабоштвото на својот татко и станала христијанка. Осуден на смрт и изведен на губилиште, светиот Харалампиј ги кренал рацете кон небото и Му се помолил на Бога за сите луѓе, за Бог да им даде телесно здравје, душевно спасение, и да ги размножи плодовите на земјата. “Господи, ти знаеш дека луѓето се од крв и месо; прости им за гревовите и излеј ја твојата благодат на сите!” По молитвите, овој свет старец ја предал својата душа на Бога пред џелатот да го спушти мечот врз неговит врат. Настрадал во 202 година. Неговото тело го зела Галина и чесно го закопала.
-ПРЕПОДОБЕН ПРОХОР ЛОБОДНИК
Тој бил чудотворец печерски. Бил наречен Лободник бидејќи за целото време на неговото живеење во Печерскиот манастир не вкусил леб, туку се хранел со растението лобода, месејќи го на свој начин и правејќи некаков леб од него. Кога тој ќе дадел од својот леб некому со благослов од својот, лебот станувал сладок како мед; а кога некој би му украл, станувал горчлив како пелин. Едно време кога имал недостиг на сол во Русија Прохор на народот им давал пепел како сол. Пепелта која што тој ја раздавал со благослов, се пратварала во сол.Секој кој што ќе земел сам од пепелот останувал обичен пепел. Кнезот Светополк наредил во неговиот дворец да се однесе целата пепел од келијата на Прохор, без прашање и благослов на монахот. Но, кога го пренеле пепелот, оние кои го вкусиле се убедиле дека пепелта не е сол. Тогаш, на народот кој што доаѓал кај него по сол, Прохор им рекол сите да одат во Кнежевиот дворец, па кога ќе ја фрли кнезот пепелта да ја земат и однесат како сол. Народот така направил, и повторно пепелта била сол. Уверувајки се во сево ова и самиот кнез се исполни со почит и љубов кон свети Прохор, па кога светецот умрел, кнезот со свои раце го положил во гробот покрај големите руски светци Антониј и Теодосиј.
24 ФЕВРУАРИ,(11 ФЕВРУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ВЛАСИЈ
Родум од областа на Кападокија. Богобојазлив и смирен по дух од раното детство. Заради својта голема доблест бил избран за епископ на Севастија. Власиј бил голема духовна и морална светлина во тој незнабожечки град. Во време на тешките прогони на христијанските Светии, Власиј ги храбрел своите следбеници и ги посетувал мачениците за Христа во занданите, меѓу кои особено истакнат бил Евстратиј. Кога градот Севастија останал сосема без христијани – едни погубени, други побегнати – тогаш старецот се повлекол во планината Арегос, каде што се настанил во една пештера. Познавајки го стариот човек, дивите ѕверови се насобрале околу него, а тој нежно ги милувал. Но гонителите го пронашле светецот и во тоа скришно место и го однеле на суд. По пат Власиј исцелил едно момче, на кое му застанала коска во грлото; на жалба на некоја вдовица дека волк грабнал прасе, со силата на своите молитви направил волкот да и го врати прасето. Судиите на темнината жестоко го мачеле, тепале и дереле.
Со својата непоколеблива вера во Христа, Власиј обратил многу незнабожци во верници. Седум жени и две деца биле во занданата заедно со него. Најпрво жените биле погубени, а потоа прекрасниот Власиј и двете деца. Настрадале и се прославиле во 316 –тата година. Христијаните се молат на Свети Власиј за подобрување на домашната стока и за заштита на животни.
-СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЃОРЃИ КРАТОВЕЦ
По потекло бил од Кратово. Младиот Ѓорѓи бил кујунџија по занает, а богомолен христијанин по срце и по душа на само осумнаесет години кога Турците сакале да го потурчат. Но Ѓорѓи останал тврд како дијамант во верата. Тогаш Турците го мачеле и ставиле во многу тешки маки и на крај го запалиле жив. Настрадал за верата во Христа на 11. Февруари 1515 во Софија, за време на царот Селим и се прослави со несвенлива слава на небото.
-СВЕТА ТЕОДОРА
Грчката царица, сопруга на злиот цар Теофил иконоборецот. По Теофиловата смрт Теодора се зацарила со својот син Михајло трети и веднаш воспоставила почитување на иконите на саборот во Цариград во 842 година. За таа прилика е воспоставено и празнување на победа на православието, кое до ден денешен се врши во првата недела на Чесниот пост. Оваа светица, заслужна жена за црквата, ја предала својата душа на Бога на 11 февруари 867-та година. Во тоа време на целосно торжество на Православието над сите ереси, по Божија промисла се пратени светите Кирил и Методиј меѓу словените како христијнски мисионери.
25 ФЕВРУАРИ,(12 ФЕВРУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТИ МЕЛЕТИЈ, АРХИЕПИСКОП АНТИОХИСКИ
Овој голем и свет маж бил извонреден толкувач и заштитник на Православието. Целиот свој живот го посветил на борбата против ариевската ерес која не го признавала Синот Божји за Бог и со тоа хулела на Света Троица. Од страна на еретиците бил три пати симнуван од архиепископскиот престол и прогонуван во Ерменија. Борбата меѓу православните и еретиците се водела толку огорчено што еднаш, кога Свети Мелетиј им зборувал на луѓето во црква за Божествената Троица во единство, неговиот сопствен ѓакон, еретик, му пришол на својот владика и му ја затворил устата со дланката. Неможејќи да беседи со јазикот, Мелетиј беседел со знаци. Имено тој ја крева својата рака во вис, ги отворил прво трите прста и ги покажал на народот, потоа ја склопил раката и кренал еден прст. Учествувал во Вториот Вселенски собор кога царот Теодосиј му покажал особена почит. На тој собор Бог пројавил чудо преку својот свет архиереј. Имено, кога Мелетиј им ја докажувал на ариевците догмата за Света Троица, тој прво кренал три прста раздвоено, еден по еден, а потоа ги склопил заедно и во тој час пред сите присутни се покажа од неговата рака светлина како молња. На тој собор Свети Мелетиј го утврдил Свети Григориј Богослов на цариградскиот престол. Претходно тој го прогласил Свети василиј за ѓакон и го крстил Свети Јован Златоуст. По завршувањето на соборот, Свети мелетиј го завршил својот земен живот во Цариград. Неговите мошти се пренесени во Антиохија.
-СВЕТИ АЛЕКСИЈ, МИТРОПОЛИТ МОСКОВСКИ
Голем архиереј на руската црква во тешкото време на робувањето на рускиот народ под Татарите. Во детството еднаш ловел птици и потоа заспал. Во сон слушнал глас: „Алексиј, зошто залудно се трудиш? Јас тебе ќе те направам ловец на луѓе.“ Во својата дваесета година тој се замонашил и со време станал митрополит московски. Два пати одел во „златната татарска орда“; првиот пат да го ублажи гневот на хан Вердевир против рускиот народ, а вториот пат по повик на хан Амурат да му ја исцели жената од слепило. Таа жена била слепа три години, но оздравела и прогледала кога Алексиј и прочитал молитви и ја помазал со осветена водичка. После тешкиот и многуплодниот живот, се упокоил во 1378 година во својата осумдесета година и се преселил во дворецот Господов.
-ПРЕПОДОБНА МАРИЈА
Таа била девојка со машка храброст. По смртта на нејзината мајка, нејзиниот татко посакал таа да се замонаши. Но, Марија не сакала да се раздели од својот татко, па затоа двајцата се упатиле во еден машки манастир, а Марија ја исрижала косата и се облекла во машка облека, како момче. Нејзиниот татко се упокоил, а Марија се замонашила како машко и го добила името марин. Во близина на манастирот имало некоја гостилница и ќерката на гостилничарот се загледала во божемниот монах Марин и после неуспешните додворувања, таа го обвини марин за незаконски однос со неа, откако таа со некој друг зачнала и родила син. Марија не се бранела и затоа била истерана со омаловажување од манастирот. Со туѓо дете во рацете таа проживеала во близина на манастирот, три години поднесувајќи глад, студ и секоја мака и немаштија. Во меѓувреме ќерката на гостилничарот полудела, а наскоро Марија се упокоила. Дури откако се упокоила се дознало дека „монахот Марин“ бил женско. Лудата ќерка на гостилничарот штом се допрела до моштите на Света Марија оздравела и потоа го признала својот страшен грев. Света Марија се упокоила и се преселила во бесмртната радост во 508 година.
26 ФЕВРУАРИ, (13 ФЕВРУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-ПРЕПОДОБЕН СИМЕОН МИРОТОЧИВ
Стефан Немања бил голем владетел на српскиот народ, бранител на Православието, истребител на ересите. Прво бил крстен во латинската црква, но подоцна се ослободил од неа и станал член на православната Црква. Кога ја утврдил државата и православната вера во неа, тогаш по примерот на својот син Сава примил монашки чин во манастирот Студеница во 1195 година и го добил името Симеон. Неговата жена Ана исто така примила монашки чин, го добила името Анастасија и се повлекла во женски манастир. По две години монаштво во Студеница, Симеон заминал на Света Гора. Овде се населил прво во манастирот Ватопед заедно со Сава. Таткото и синот ги минувале ноќите и деновите во молитва. Изградиле таму шест параклиси: на Спасителот, на Бесребрениците, на Свети Георгиј, на Свети Теодор, на Свети Јован Предвесник и на Свети Николај. Ги купиле урнатините на Хилендар и изградиле прекрасен манастир, во кој Симеон поживеал само осум месеци па се упокоил. Кога бил на издивнување, според неговата желба, Сава го положил на рогозина. Со очите упатени кон иконата на Пресвета Богородица со Спасителот, блажениот старец ги изустил овие зборови: „Всјакое дихание да хвалит Господа!“ И се преселил кај Господ на 13 февруари 1200 година.
-ПРЕПОДОБЕН МАРТИНИЈАН
Прекрасно е житието на овој светител зошто претрпел многу само за да ги исполни заповедите Господови. Во осумнаесетата година се оддалечил во планината наречена Ковчежна во Кападокија и таму поживеал дваесет и пет години во пост, молитва и бденија и во борби со многу искушенија. Кога дошла една жена да го искушува, а тој видел дека ќе падне во грев со неа, скокнал бос во оган и стоел внатре додека болката не му наврела солзи во очите и не убила во него секаква похот. Кога доаѓале други искушенија, тој побегнал на една осамена карпа сред морето и таму живеел. Но кога при еден бродолом и на оваа карпа доплива една жена, тој скокнал во морето за да се удави, но го дочекал еден делфин и по Божја Промисла го изнел на грб на брегот. Тогаш решил повеќе никаде да не се населува трајно, туку постојано да патува. Така за две години изминал сто шеесет и четири града, исправајќи ги и советувајќи ги луѓето. Најпосле пристигнал во Атина и таму се упокоил во 422 година.
-СВЕТИТЕ ЗОА И ФОТОНИЈА
Зоа прво била развратна жена и го искушувала Свети Мартинијан, но кога го видела како испосникот скокнал во оган за да убие секакво сладострастие во себе, таа горко се покајала, отишла во еден манастир во Витлеем, каде како испосничка и затворничка јуначки се подвузивала. Кога ги покајала своите гревови таа добила од Бога дар на чудотворство. Света Фотонија морската бура ја исфрлила на островот на кој се осамил Свети Мартинијан. Тој веднаш се оддалечил од островот, а Фотонија се упокоила таму во пост и молитва.
27 ФЕВРУАРИ, (14 ФЕВРУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-ПРЕПОДОБЕН АКСЕНТИЈ
Бил многу угледен богат човек во Цариград меѓу благородниците и дворјаните на царот Теодосиј Помладиот. Горејќи со љубовта Христова, Авксентиј се замонашил и пребивал уште не долго време во Цариград. Кога почнало за него да зборуваат пофално, побегнал од човечките пофалби и се оддалечил во една гора близу Халкидон, која потоа била наречена Аксентиева Гора. Не му се остварила желбата да остане таму засекогаш сокриен од луѓето, зашто го најшле овчарите и разгласиле за него. И почнале кај него да донесуваат болни за исцеление. И тој многумина ги исцелил. На слеп му го вратил видот, очистил лепрозни, ги помазал со елеј, подигнал еден фатен и мнозина демонизирани ги ослободил од демоните. Уште поголем восхит предизвикувало неговото смирение со кое ги примал оние кои ќе одведеа кај него болни заради молитвена помош. Или ќе ги помолел присутните да застанат на заедничка молитва кон Бога за болниот, или прво ја утврдувал верата кај луѓето па ги уверувал дека ќе им биде според верата, или над главата на болниот изговарал: „Те исцелува Господ Исус Христос“. Сето ова го правел само за да не му се припишува чудотворството нему, туку на Бога Кој е семоќен. Учествувал на Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон и многу силно го штител Православието од ересите на Евтихиј и Несториј. Во длабока старост Господ ја зел неговата млада душа при Себе во 470 година, а старото негово тело останало во земјата, од кое е и создадено.
-ПРЕПОДОБЕН ИСАКИЈ, ЗАТВОРЕНИК ПЕЧЕРСКИ
Живеел во времето на Светите Антониј и Теодосиј. Во манастирот дошол како богат трговец. Оставил се‘ и им раздели на сиромасите, и се предал на најстрог подвиг во заѕидана ќелија. Самиот Свети Антониј низ прозорчето му подаваше по една просфора секој втор ден. Опрелестен од демоните кои му се јавиле во ангелска светлина тој им се поклонил ним, а потоа и на самиот сатана, уверен дека Му се поклонува на Христос. Од ова се разболел и одлежал две години, после што оздравел и станал попретпазлив и поискусен подвижник, заради што пред крајот му се дала изобилна благодат. Се упокоил во 1090 година.
28 ФЕВРУАРИ, (15 ФЕВРУАРИ, СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР)
-СВЕТИ АПОСТОЛ ОНИСИМ
Еден од Седумдесеттемината апостоли. Му бил роб на Филимон, богат и угледен човек во градот Колосај во Фригија, но нешто му згрешил на својот господар и побегнал во Рим, каде од апостолот Павле го слушнал Евангелието и се крстил. Бидејќи апостол Павле претходно го привел и Филимон кон вистинската вера, тој ги помирил двајцата, Филимон и Онисим, господарот и робот, пишувајќи му посебно послание на Филимон, еден од најтрогателните пишани состави кои воопшто постојат во Светото Писмо. „Те молам“, пишува, „за мојот син Онисим, кого го родив во оковите свои …Можеби затоа се раздели од тебе на некое време, за да го добиеш вечно, не повеќе како роб, туку повеќе од роб, како брат возљубен“. Трогнат од ова писмо Филимон навистина го примил Онисим како брат и го ослободил од робувањето. Подоцна Онисим од самите апостоли бил поставен за епископ и по смртта на апостолот Тимотеј ја примил Ефеската Столица. Тоа се гледа од посланието на Свети Игнатиј Богоносец. Во времето на Трајановото гонење, Онисим веќе бил старец. Него го уапсиле и го одвеле во Рим. Овде одговарал пред судијата Тертул, одлежал затвор и најпосле го убиле со меч. Неговото тело го зела некоја богата жена, го положи во сребрен ковчег и чесно го погребала во 109 година.
-ПРЕПОДОБЕН ЕВСЕВИЈ ПУСТИНИК
Тој бил сириски пустиник. Најпрво се подвизувал под раководство на свети мажи, а подоцна се оддалечил и се осамил во пустина. Се хранел исклучиво со билна храна. Дури ни овошје не вкусувал. Целото време го минувал под ведро небо во молитва, трпејќи секаква временска непогода. Доживеал старост од деведесет и пет години и мирно се упокоил во Господа во 440 година.

This entry was posted in Календар. Bookmark the permalink.

Comments are closed.