А ШТО АКО БОГ ЈА КАЖА ВИСТИНАТА

vasneztov102-800x436
Одговор на текст од Сергеј Худиев “Дали Христос ги отфрла римокатолиците?“
I дел. Нешто за текстот
Се сеќавам на поранешните текстови на Сергеј Љвович Худиев, особено ме импонираше што авторот во нив секогаш наведуваше сериозна аргументација под секоја своја изјава. Очигледно дека нешто се променило во минатите години и сега кај истиот автор наместо аргументи гледаме манипулативна реторика и повикување на емоции. Во значителна мерка неговиот текст е направен како “текст за откривање“ – авторот просто објавува со тон кој не дозволува приговор, ги исфрла тврдењата едно по друго, дури без обид било како да ги образложи.
Прва теза “откривања од Худиев“: “Секоја заблуда е жална, но не се сите заблуди еднакво катастрофални“. Зошто? Кој така решил? Врз основа на што? Додека обесхрабрениот читател чека дека сега ќе следи образложение на оваа теза, авторот веднаш му ја фрла следната цигла во глава: “Незабележувањето на овие разлики и кумулација на сите кои не го делат Православието во својата полнота во мртви еретици, води очигледно до разурнувачки последици“. Навистина? А зошто? Кој ја изведе и ја докажа оваа врска? И пак, наместо било какво образложение, кон читателот лета следниот камен: “Суровиот конфесионализам, верба во тоа дека надвор од границите на нашето вероисповедување настапува пекол води во раскол. Тој не ја засилува приврзаноста кон Православната Црква туку, напротив, ја поткопува“. И повторно, ни трага од било какво докажување со некои аргументи. Просто: јас, Сергеј Худиев реков дека е така и тоа е се.
Понатаму авторот го наведува тоа што го нарекува “појаснување“. Си дозволувам себеси да наведам подолг цитат – тој пишува дека познат лекар од деветнаесетиот век, римокатолик Фридрих Газ “верувал во Христос како во Бог и Спасител, ја предавал на Него својата надеж на спасение, ја покажал својата посветеност на Него и со искрени дела на милосрдие. Сега јас читам дека тој заедно со останатите римокатолици треба да биде лишен од спасение – бидејќи за тоа постојат соодветен збир на цитати на Светите Отци. Т.е. јас треба себеси да си претставам како Фридрих Гас застанува пред Христос, а Он му зборува: ‘Бев гладен и ти си Ми дал да јадам; бев гол и ти си Ме облекол; бев болен и во затвор – и ти си Ми дошол, но бидејќи си имал неправилно мислење за приматот на римскиот епископ, оди од Мене проклет, во оган вечен, подготвен за ѓаволот и ангелите негови’. Во Евангелието е речено дека е потребно да се верува, да се држат заповедите, да се пристапи на Тајните. Но, излегува дека на Христовите ветувања се додава некој помал фонт во фуснота: дури ако човекот сето тоа го работел со сета своја можна усрдност, но има погрешно мислење за некои прашања за црковното уредување и припаѓа покрај тоа на неправилната заедница, тој се едно оди кај ѓаволот и неговите ангели“.
Мислата на авторот е разбирлива: ако човек верувал во Христос како во Бог и правел добри дела, Христос е должен да го спаси и да го воведе во рајот, без разлика на било какви ереси кои ги исповедал тој човек и дури на тоа што тој свесно не сакал да влезе во Неговата Црква. И ако на тоа му противречи некаква “збирка на цитати на СветитеОтци“, тогаш тоа е полошо за тие Свети Отци. Затоа, мислата е разбирлива и за многу наши современици е многу симпатична.
Сепак, кога ќе го отвориме Евангелието и ги читаме зборовите на Самиот Христос, неочекувано наидуваме на следното: “Нема секој кој Ми зборува: Господи, Господи, да влезе во Царството небесно…Многумина ќе ми речат во оној ден: Господи, Господи, нели во Твое име сме пророкувале, и со Твоето име демоните ги бркавме, и со Твоето име чуда разни правевме? И тогаш јавно ќе им кажам: Никогаш не ве познавав“. (Мт. 7:21-23)
Т.е. “Откривање Худијево“ учи: тој кој го признава Христос за Господ и прави добри дела, Христос нема да го отфрли. А Самиот Христос во Евангелието всушност ја опишува сцената кога Он ги отфрла тие кои и Го признаваат за Господ и кои што правеле добри дела за време на животот – бидејќи да се ослободи опседнатиот од власта на демонот е несомнено добро дело.
Зарем овие зборови во издание на Библијата со која се користи Сергеј Љвович напишани се со помал фонт? Толку мал да не можел да ги прочита?
А после во Новиот Завет и другите зборови: “Но ако и ние или ангелот од небото ви раскажува за Евангелието поинаку отколку што ви го раскажувавме, анатема да биде! Како што веќе сме рекле и сека пак велам: ако вам некој ви го раскажува Евангелието поинаку отколку што примивте, анатема да биде!“ (Гал. 1:8-9)
Зарем така не постапуваа Светите Отци во врска со римокатолиците? Кога претстојателите на римската Црква почнале да благовестат не тоа што го благовестеле Апостолите –всушност заблуда за Троицата (filioque), заблуда за Телото Христово – Црквата ( дека таа, божем, не го има за глава Христос, туку смртниот човек – римскиот папа) и други заблуди, тогаш ги отсекле од општење, како еретици. За да не останеме само на зборови, ќе наведам само еден цитат како потврда.
Се работи за окружната послание на Источните патријаршии од 1848. година: “Една, Света, Соборна и Апостолска Црква… сега повторно објавува соборно дека мислењето оти божем Светиот Дух исходи од Отецот и Синот е сушта ерест, а нејзините следбеници, без разлика кои се тие, се еретици“.
Апостол Павле јасно пишува: “ересите… нема да го наследат Царството Божје“ (Гал. 5:20-21). Зарем и тоа во Библијата Худиева е отпечатено со мал фонт? И колку изданија на Новиот Завет јас да гледам, секогаш горенаведените зборови се отпечатени со иста големина на фонтот како и сите останати.
Сергеј Љвович, како што видовме, се обидува да не убеди дека “секоја заблуда е жалосна, но дека не се сите заблуди еднакво катастрофални. Има разлика во тоа дали човекот е во заблуда во врска со личноста и делата на Спасителот или е во заблуда во врска со полномоштието на римскиот папа“.
Поради манипулативни ефекти, авторот свесно ја искривил суштината на разликата помеѓу Православието и римокатолицизмот во ова прашање. Римокатолиците не се во заблуда “во врска со полномоштието на римскиот папа“, туку во врска со учењето за Црквата дека е Тело Христово. И уште во учењето за Троицата. Не е јасно како тој решил дека божемските заблуди на овие точки на црковното учење не се катастрофални?
Тоа е исто како кога на капетан на брод – на почетник, пред да заплови, некој му рече: “Само ако бродот одстапи од курсот 50% треба да се загрижиш, а ако е 5% тоа е ситница. Тоа нема да влијае да дојдеш до целта“. Секако дека ќе влијае, дури скршнување од 1% од курсот како последица ќе го одведе бродот далеку од местото каде што тргнал. Исто е и ако човек ги измеша во шифрата за сефот сите броеви или само еден – во секој случај нема да може да го отвори сефот.
Ако дури во земските прашања за спасение толку е важна точноста, како тогаш господинот Худиев решил дека во прашањата за веронаука таа не е важна?
На Седмиот Вселенски Собор еден од учесниците прашал: “Ереста која се појави повторно сега, дали е помала или поголема од поранешните?“ Свети Тарасиј, патријарх Константинополски одговорил: “Злото затоа е и зло, посебно во црковните дела; што се однесува до догматите, да се погреши во мало или во големо е исто; бидејќи и во едниот и во другиот случај се нарушува законот Божји“. (Дела на Вселенските Собори, Казан, 1873. т. 7, стр. 104).
II дел. Како настануваат фундаменталистите
На овој начин сакав да го разгледам целиот текст на господинот Худиев, но потоа сватив дека такво нешто е бесмислено. Ќе се потрудам да објаснам и зошто.
Кога зборувам за тоа дека сите кои за време на животот не припаѓале на Православната Црква немаат надеж во спасение, потполно сум свесен колку непопуларна мисла изнесувам. Во нашите денови, не само меѓу модернистите и либералите, туку и меѓу тие кои себеси се вбројуваат во равнители на верата и го осудуваат екуменизмот, не мал бројот на тие, кога ќе ја чујат оваа мисла, почнуваат да се муртат и зборуваат: “А, тоа е веќе премногу!“
Во очите на современиот човек мислата за тоа дека надвор од Црквата нема спасение изгледа како опасен остаток од мрачниот среден век, нешто што е во ист ред со спалувањето на вештерки и набивањето еретици на колец. Да речеш нешто такво – значи автоматски да навлечеш на себе етикета на “горделивец“, “човекомрзец“, “фанатик“, па дури и “екстремист“.
И затоа, без разлика на тоа колку убедливи аргументи јас да наведам, мојата позиција на медискиот план е осудена на пораз, бидејќи директно изнесувам многу озлогласена и за современиците незгодна идеа. А моите противници, на пример, Сергеј Худиев, осудени се да победат на медиумскиот план, дури и без било какви аргументи, само ако просто го објавуваат тоа што гарантирано на современиот човек повеќе му се допаѓа.
Но, ако веќе не ми е судено да го сменам мислењето на читателите, во крајна мерка ќе пробам да објасам “како сум стасал до таков живот“. Можеби на некои многу современи православни ќе им стане разбирливо што ги потикнува луѓето кои зборуваат дека неправославните нема да се спасат.
Ако некој пред дваесет години, на почеток на моето оцрковување, ме прашал: “Дали ќе се спасат римокатолиците?“, јас би одговорил исто како што сега одговара господин Худиев. Сепак, моето оцрковување поминувало низ читање на древните Свети Отци. Ги сакав и им верував. Од нив се учев за тоа што е христијанство, како правилно да се верува, како да се моли, како да се живее.
Се сеќавам, по определено време во раце ми дојде книгичка на некој руски баптист. И таму како случајно го пишуваше следното: за време на Апостолите постоела вистинска Црква, а веќе во следното поколение, Климент, Игнатиј, Поликарп и други го искривиле чистото библиско учење и внеле многу лажни учења. Бев шокиран, не можеше да ми влезе во глава – како можеш да мислиш дека божем ти, седејќи во кабинетот во еден од многубројните облакодери на метрополата од дваесетиот век подобро го разбираш Новиот Завет од луѓето кои биле ученици на Апостолите, лично ги виделе и слушале, зборувале и мислеле на тој ист јазик, живееле во таа иста средина, страдале и умирале за Христа?
Сигурно на многу современи православни ќе им се стори наивно, но јас навистина со целосна доверба се однесував кон тоа што го читав кај Светителите. И ете, видев дека ученикот на Апостол Јован, Свештеномаченикот Игнатиј Богоносец, одејќи на извршување на смртната казна, смета за важно да предупреди: “Не се залажувајте, браќа мои! Тие кои го рушат домот Божји нема да го наследат Царството Божје. Бидејќи ако умреле тие кои тоа го правеле по тело, колку ли повеќе ќе умрат кога некој со злбна наука ја расипува верата Божја, поради која Исус Христос беше распнат? Таков, станувајќи нечист ќе отиде во оган незгаслив, како и тој кој го слуша“.
Наидувајќи на тоа, јас сум заклучил: “Значи, јас не сум бил во право кога сум мислел дека инославните можат да се спасат, бидејќи ученик на Апостолите пишува дека не само ересијархот, туку и тие кои го слушаат, одат во пеколот“. На тој начин, верувајќи им на Светителите, јас го менував своето мислење по ова и по други прашања.
Продолжувајќи го читањето, се убедив дека и Светителите во наредните векови ја учеле таа иста вистина. Кога дојдов до Отците од третиот век, кај свештеномаченикот Кипријан Картагински прочитав: “Надвор од Црквата нема живот: домот Божји е еден и никој не може да се спаси било каде на друго место освен во Црквата“. А подоцна го најдов тоа исто учење кај Свети Јован Златоуст: “Нам ни е познато дека спасението е удел само на Единствената Црква и дека никој надвор од Соборната Црква и вера не може да има учество во Христос или да се спаси… на ересите не им дозволуваме надеж на спасение, туку ги ставаме целосно надвор од оваа надеж, бидејќи тие немаат ниту најмало општење со Христос“.
Ова учење сум го пронаоѓал кај многу Светители се до Свети Јован Кронштатски кој пишувал: “Нечестивите нема да ја видат Славата твоја, Христе, т.е. неверните, тие кои се спротивставуваат, римокатолиците, лутераните… и реформистите, Евреите, муслиманите, сите будисти, сите незнабожци“.
Тоа што е најсмешно е дека јас долго време мислев дека единствено јас сум бил таква будала, сметајќи дека божем еретиците можат да се спасат – а сите останати православни, секако, веруваат исто како и Светите Отци и таква заблуда не дозволувале. Бидејќи тие ги читале истите тие Свети и многумина пред мене почнале да ги читаат.
Моето отварање на очите настапило неочекувано.
Тоа се случило при следните околности. Ме повикаа на еден семинар да одржам предавање на студенти кои наскоро требаше да одат на кратко мисионерско патување некаде на север. Зборував за мисијата со практични совети. На крај оставив време за прашања и одговарајќи на едно од прашањата споменав дека само по себе се подразбира, оти надвор од Црквата нема спасение. Одеднаш еден студент ми се спротивстави. Почнавме за тоа да разговараме, се приклучија и други учесници на семинарот и одненадеш сфатив дека голем дел од нив, ако не и сите, се убедени дека е можно да се спасат и без христијанството. Седев како гром да ме удри. “Зошто тогаш се подготвувате да одите во мисија?“, ги прашав јас, “Зошто ќе го проповедате Православието, ако сметате дека и без него е можно да се спасите? Оставете ги тогаш луѓето на мир, нека живеат како сакаат и нека се спасуваат со добри дела, ако вие сметате дека всушност тие добри дела, а не Христос, го спасуваат човекот“.
Учесниците на семинарот на тоа ништо не ми одговорија, веројатно ни тие самите не се посебно грабале за мисијата – во прашање била иницијатива на управата. Сфатив дека целото свое предавање го зборував залудно. На почетокот било потребно да се објасни прашањето за единственото спасение во Црквата па потоа да се зборува за мисијата. После тоа се трудев на предавањата да го допирам ова прашање. И по реакциите на слушателите видов колку во главите на современите православни е распространето учењето за тоа дека надвор од Црквата постои спасение. Не само во врска со римокатолиците – треба да се спасат и некрстените – “добри муслимани“, “добри идолопоклоници“ и дури “добри атеисти“. Главно е дека човекот правел добри дела, а дали верува во Бога, дали бил крстен – тоа се ситници кои не влијаат на спасението.
Кога се обидев да се повикам на тоа дека Светите Отци учат сосема поинаку, со запрепастување во очите на тие многу современи православни видов студен презир кон светоотечкото сведоштво. Како и кај Худиев – и што мислиш, некој таму “збир на цитати од Светите Отци“ и поради нив сега треба да се откажам од СВОЕТО мислење?
Признавам, наидувајќи на оваа реакција јас до сега ја чувствувам истата вознемиреност и збунетост која ја почувствував и при читањето на гореспоменатиот баптист.
Како е можно да не се верува на сведоштвото на Светителите? Нашите вероучителни книги ги напишале Светите Отци. Нашите богослуженија ги напишале Светите Отци. Нашите молитви ги напишале тие. Моралното, аскетско учење, на кратко речено, се што сме добиле во Црквата е дар од Бога, дар кој Он ни го подарил низ Своите Светители.
И ако јас не треба да им верувам на Светите Отци кои што направиле еретиците да гинат, на кого тогаш да верувам? Зошто на пример, на Худиев и Осипов треба да им верувам повеќе отколку на Свештеномаченикот Игнатиј Богоносец и на Светиот Јован Златоуст? Барам причина и не ја пронаоѓам, освен една: ако првите го зборуваат тоа што повеќе им се допаѓа. Сепак, Бог е таков каков што е, а не таков каков што јас би сакал да биде. Он воопшто не е во обврска да се прилагодува на вкусовите и фатазиите на грешните луѓе. И Бог дејствува така како што решил, а не така како мене ми се чини дека е подобро да Он дејствува. Јас можам колку што сакам да сметам дека зелено небо ќе изгледа поубаво, сепак, небото поради тоа нема да стане зелено.
Мене секогаш ми било поинтересно како сѐ навистина е во стварноста, отколку тоа што јас можам сам да си измислам. И затоа не ги сфаќам тие луѓе на кои сопствените фантазии им се поинтерсни од вистината.
Јас имам неправославни пријатели кои ги сакам и поради кои се грижам затоа што се надвор од Коработ на спасението. Но тоа е нивни избор. Имам блиски роднини кои умреле надвор од Црквата. Тагувам поради нивниот дел, но во прашање е нивен избор. Со лажните фантазии за тоа дека тие сепак ќе бидат во рајот,нема да им се помогне.
Се сеќавам на приказната на една православна христијанка. Нејзиниот син извршил самоубиство. Мислам дека ништо полошо не може да постои за верникот родител и можат да се разберат нејзините чувства кога почнала да се убедува себеси дека сепак за него е можно спасение. Наскоро сретнала друга жена која ја убедувала дека сето тоа е бесмислица дека божем самоубицијте одат во пеколот, во стварноста Бог сите ги сака и затоа, секако, треба да ги спаси и самоубиците. Ете, оваа мајка како да го слушнала тоа што толку силно сакала да го слушне, потврда на својата надеж. Сепак, таа решила да се помоли, Господ да и открие каде е сега нејзиниот син. Таа иста ноќ во сон го видела својот син во пеколот и тоа било толку страшо што кога се разбудила почнала да го моли Господ никогаш повеќе да не и го покажува тоа.
III дел. Проблеми
Ако треба да поверувам во идејата дека и без Црква е можно да се спасиме, тоа создава проблем не само во мојот однос кон Светите Отци, туку пред се во односот кон Бога. Тогаш сум должен, читајќи ги Христовите зборови за тоа дека “ако некој не се роди со вода и Дух, не може да влезе во Царството Божјо “(Јн. 3:5), мислено да Го исправам: “Господи, Ти си заборавил дека постојат добри идолопоклоници и добри атеисти, нив Ти исто така си должен да ги воведеш во Своето Царство“. А читајќи ги горенаведените зборови од апостолското послание, должен сум да мислено прозборам: “Што зборуваш ти Павле? Каква анатема, кога меѓу инославните постојат многу добри луѓе! Па што и ако тие не благовестат тоа што вие таму пред две илјади години сте благовестиле? Главно е дека човекот е добар!“
Искрено зборувајќи, мене би ми било чудно да се наоѓам во таква “шизофренична“ состојба, истовремено сметајќи се себеси верник во Бога и не верувајќи му на Бога за тоа што Он зборува.
Треба да ги споменеме и аргументите на противниците. Ако Сергеј Љвович не ги наведува, тоа не значи дека ги нема. Минатите години сум успеал да ги проучам добро, исто така да ги измерам и да пронајдам дека се неосновани. Голем дел од нив е разгледан во мојата книга “Надвор од Црквата нема спасение“.
Ќе го разгледам овде уште еднаш. Кај подржувачите на овој поглед на светот, најомилен словесен пендрак со него да ги удираат “фанатиците“ во спорот е следен – “вие не ги сакате луѓето!“ Тоа меѓу редови се гледа и кај Худиев – ете, каков исклучителен човек бил Фридрих Газ, а вие се подготвувате да го испратите во пекол! Колку немилосрдно! Зарем тоа е љубов? Често директно изјавуваат дека кај човекот кој верува дека неправославните ќе погинат е лоша ситуација со сфаќањето на љубовта.
Сепак, кога ќе слушам такво нешто, се сеќавам на тој ист Свети Јован Кронштатски и поставувам прашање: значи, тој не ги сакал луѓето? Но зошто тогаш кај нашите противници кои зборуваат за љубовта не гледам ни дел од таа пожртвуваност поради ближниот која Свети Јован ја покажал со својот живот? Или можеби кај Свети Јован Златоуст била лоша состојбата со разбирањето на љубовта? Кај другите Светители исто така?
Читателите можат да упатат прекор: ти пак зборуваш за Светите Отци! Зарем не може да се каже ништо без нивно повикување? Па добро, ќе се обидам да дадам пример од животот. Или поточно, приказна за двајца доктори.
Првиот доктор ги прима пациентите на кои им се дијагностицирани рак или туберкулоза во почетен стадиум, им се смешка, им дава бомбони и зборува: “Се е во ред, здрави сте! Добро, постојат некои отстапувања од нормалата, но не е ништо страшно, за вашиот понатамошен живот тоа никако нема да влијае“. Задоволни пациентите си заминуваат, одушевени со така внимателен и пријатен доктор. Без лечење нивната болест напредува и тие умираат.
Другиот лекар, примајќи такви пациенти, без насмевка им зборува: “Имате опасна болест, ако веднаш не превземете мерки, ќе умрете!“ Тој инсистира на лекување и пациентите кои ќе завземат сериозен однос кон својата состојба, почнуваат да се лекуваат и оздравуваат.
Како ви се чини: кој од овие двајца доктори вистински ги сака своите пациенти? И дали на крај на првиот доктор ќе му бидат благодарни неговите пациенти и нивните најблиски?
Ако ереста навистина ја убива душата за вечност, тогаш станува јасно зошто Светите Отци за тоа пишувале, а и зошто делувале толку непомирливо во борбата со ересите. Нив ги придвижувала љубовта кон тие што гинат. За нас станува разбирлива целата историја на Црквата и обратно, ако сметаме дека ереста не го лишува човекот од можноста за спасение, историјата на Црквата станува неразбирлива. Ако ереста лишува од спасение, тогаш станува јасно дека всушност со љубовта кон ближниот се раководел, на пример, Преподобен Максим Исповедник кој непомирливо ја изобличувал ереста. Затоа, ако ереста не го лишува човекот од спасение, тогаш сѐ се сведува просто на привремени разлики во формулацијата и тогаш сме должни да се сложиме со тие кои го пресекле јазикот и раката на Преподобен Максим за да престане и усмено и писмено да ја изобличува власта и со тоа да внесува конфузија меѓу народот поради прашање кое не влијае на спасението.
Ќе наведам пример и тука. Да замислиме дека на некоја жена сопругот и се разборел од туберкулоза, но тој тоа не го смета за опасна болест и дека своите симптоми ги вбројува во индивидуални карактеристики на човекот. Тој се движи по станот, си игра со децата, кашла тука и таму и при тоа одбива да се лекува. Жената ги зема децата и заминува од него зборувајќи дека тие можат да бидат заедно дури откако ќе се излечи.
Нашето сфаќање на постапката на оваа жена зависи од тоа дали ние признаваме дека туберкулозата е смртоносна болест. Ако да, тогаш однесувањето на жената за нас станува разбирливо како покажување на нејзината љубов и кон децата и кон сопругот кого таа преку тоа сака да го потикне да се освести поради сериозноста на состојбата и да почне со лекување. Ако таа смета дека нема никаква туберкулоза, или дека таа воопшто не му штети на здравјето, тогаш однесувањето на жената ни се чини несоодветно, дури се граничи со умствено пореметување.
Истото е и со историјата на Црквата.
И не само со неа. Ако веруваме дека е можно да се спасиме надвор од Православната Црква, се лишува смислата и она со што Сергеј Худиев се обидува да ги заплаши читателите. Тој тврди дека, божем, верата во исклучителна спасителност на својата Црква ja води во расколи. Но ако поверуваме во основната мисла на Сергеј Љвович, станува неразбирливо што е страшното во тоа. Ако спасението е можно надвор од Црквата, тогаш значи дека е можно и во раскол.
На авторот може да му се упати неговото сопствено патетично прашање: дали Христос ги отфрла расколниците? Бидејќи во догматиката кај нив ги нема дури тие заблуди кои тој ги признава дека римокатолиците ги имаат, а добри дела тие исто така прават. Расколниците не помалку од римокатолиците “веруваат, ги почитуваат заповедите, пристапуваат кон Тајните“, што, по мислењето на Худиев, значи дека треба да одат право во рајот во друштво на доктор Газ. А ако расколот не му се заканува на спасението, зошто тогаш да не се отиде во раскол? Ако тоа не му прети на спасението, тогаш во таков случај во прашање е просто административна поделба, кое не е повеќе но ситно бранување на површина на историјата. На крајот на краиштата, сите ќе се најдеме во рајот. Како што гледаме, на раскол потикнуваат всушност такви идеи кои ги проповеда господин Худиев, а не тие со кои тој се обидува да спори.
IV дел. Заклучок
Идеологијата која ја разгледуваме фактички и не претставува христијанство – во прашање е хуманизам со мала православна обвивка.
Се сеќавам кога ги изучував древните незнабожачки религии, во очи ми падна тоа што луѓето што живееле пред Христос сфатиле дека после смртта не ги чека ништо добро. И древногрчкиот Ад не бил некое радосно места. И тоа е нешто што било определено за сите кои умреле. Нешто повозвишено и подобро ако и можело да падне од барските столови на боговите, по мислење на незнабожците, било само исклучок за многу ретките, понекогаш дури поединци. Древните луѓе сфатиле дека вишите сили ништо не им долгуваат и дека немаат обврска да ги спасуваат. Во таква средина евангелската проповед за блаженото Царство Небесно кое е отворено за тие кои му приоѓаат на Христос звучела како навистина радосна вест, која слушателите ги преисполнувала со чувство на длабока благодарност за таков бесценет дар.
Сепак, во наше време, благодарение на владеењето на хуманизмот кој го поставил човекот во центар на светот, веста за спасението кое Христос го стекнал на крстот, потполно е обесценета. Современите луѓе, меѓу останатото и многу современи православни, го доживуваат тоа како нешто што се подразбира. Владее скриено убедување дека Бог е во обврска да го спаси човекот само затоа што “човек – звучи гордо“. Дури и ако прават исклучоци за некои изроди како Хитлер или Чикатила, тоа е затоа што тие со своите злочини “се лишиле себеси со правото да се нарекуваат луѓе“. А инаку, Бог воопшто и обврзан е да го воведува човекот во рајот веќе просто затоа што е тоа човек. Од типот: таква Му е работата.
На сите кои размислуваат на сличен начин, им предлагам себеси да си постават едно просто прашање: “А што ако сепак не е така? А што ако Бог сепак не се шегувал и ја рекол вистината кога предупредил дека некрстените и еретиците нема да влезат во Неговото Царство, дека тој кој нема да поверува во Евангелието ‘ќе биде осуден’ (Мк. 16:16), дека делот на тие кои не веруваат е во огненото езеро?“ (Отк. 21:8)
Сретнував луѓе кои зборуваа: “Ако е така, тогаш јас во таков Бог не сакам да верувам! Таков Христос не ми е потребен!“
Затоа, на пример прашањата на господинот Худиев од насловот “Дали Христос ги отфрла римокатолиците?“, би сакал да прашам: а дали господинот Худиев ќе го отфрли Христос ако се потврди дека Он нема дирекно да ги пушти римокатолиците во рај, вклучувајќи го и Фридрих Газ?
Се надевам дека сепак нема да Го отфрли и искрено му посакувам на Сергеј Љвович да се откаже од лажните фантазии поради вечната вистина. Затоа што со лажни фантазии ние на Фридрих Газ сеедно нема да му помогнеме, а себеси ќе се повредиме.
Кај современите луѓе е многу важно непопуларната мисла за огромната одговорност за направениот избор. Затоа едни фантазираат за реинкарнација како за неограничена количина “на други прилики за поправка“ во иднина, а други фантазираат за сеопштиот или пак за сеопштото спасение. Се само да избегаат од признанието на огромната сериозност и одговорност на изборот.
Но погледнете на земјата, на тоа како е величествена нашата планета и тоа што е на неа. Погледнете на ѕвезденото небо над главата. Дури и краткото гледање ќе ве увери: Оној Кој го создал сето тоа, се однесува кон тоа што го работи исклучително сериозно. И особено сериозно Он се однесува кон нашиот избор: “Ви сведочам денес со небото и земјата, дека ставив пред вас живот и смрт… Одбери живот“. (5 Мојс. 30:19)
Христос рекол: “Јас сум пат и вистина и живот: никој не оди кај Отецот освен преку Мене“ (Јн. 14:6) и “ако не го јадеме телото на Синот Човекчки и не ја пиеме крвта Негова, немаме живот во себе“ (Јн.6:53). Затоа, човек кој не верува во Христос и тој кој не се причествува во Неговата вистинска Црква, прави избор кој не води во вечен живот. И Спасителот предупредил: “Кој во Мене нема да остане, ќе се фрли надвор како лоза, и ќе се исуши, и ќе ја соберат, и во оган ќе ја фрлат, и ќе ја запалат“. (Јн. 15:6)
Така рекол вечениот Бог, Творецот на вселената. “Што кажа нема ли да го направи, и што рече нема ли да го изврши?“ (4 Мојс. 23:19)

НАПОМЕНИ:
(1).Напомена на редакцијата на сајтот “Руска народна линија“: Во пропратното писмо авторот напишал: “Ви предлагам текст со напомена дека е напишан поради негирање на еден текст објавен на сајтот ‘Правмир’. Го испратив својот текст на тој сајт со молба да го објават и мојот одговор, сепак, текстот не ја помина цензурата што е особено зачајно ако се земе во предвид дека на сајтот официјално пишува дека божем се дава можност на сите да го изнесат мислењето. Сепак, мислам дека текстот треба да дојде до читателот. Затоа молам за можност да се разгледа неговото објавување на сајтот ‘Руска народна линија’ “.
Превод за МВПЦ сестра Слободанка
Свештеник Георгиј Максимов
index3

This entry was posted in Написи. Bookmark the permalink.

Comments are closed.