ПРОТИВ ОНИЕ КОИ ПРВЕНСТВО ДАВААТ НА ОТЕЦОТ

Да се говори или зборува за Бога, да се изрази она што се однесува на Него, да се изрази она што тешко може да се изрази и да се наведе на мисла за да се сфати она што на сите им е несфатливо – е дрско и знак на своеволна душа. На ваков начин грешат не само оние кои се осудуваат сами од себе нешто да говорат за Бога, туку и оние кои напамет учат и внимателно го изучуваат она што во дамнешни времиња боговдахновените богослови го изговориле против еретиците и што припаѓа на писменото предание, но не со цел од тоа да стекнат некоја духовна корист, туку за да им се воодушевуваат слушателите на пијанки и собори и за да ги нарекуваат богослови. Тоа особено ме ожалостува и вознемирува – да помислам на тоа колку е страшно да се постапува така и каков суд ги чека оние кои на тоа се осудуваат. Колку само дрско тие говорат за божествените работи! „По самото тоа“, вели еден од нив, „Отецот е поголем од Синот, бидејќи Тој е причинител на постоењето на Синот“. Кога ние му приговориме: „Како тоа кажуваш дека Отецот е поголем од Синот?“ тој одговара: „Кажувам дека Отецот е поголем од Синот – а место да кажам дека е прв, кажувам дека е поголем – зошто Синот е од Отецот“.
Така изгледа нивното ново празнословие и неразумно богословие, зошто тие не ја знаат причината од која богословите онака им зборувале на еретиците. Не можејќи да ја сфатат смислата на тоа што е напишано, тие одлучно тврдат дека тоа што го говорат е несомнено точно и вистинито. На таквите јас им го велам следното – се разбира, не умувајќи сам од себе, туку посветен на тајните на Оној Кој човекот го поучува на знаење и слушајќи го Духот Кој одекнува од височините.
Ако, браќа, Сесвета Троица бил и е и секогаш ќе биде неразделив – Тој Кој создал од небитие – кој покажал и кој во Него смислил мерки и степени, прв и втор, поголем или помал? Кој тоа го објавил во врска со она што е невидливо и непознато и во целост непротолкувано и непоимливо? Зошто она што било од секогаш соединето и што е постојано такво какво е, не може да има првенство на едно во однос на друго. А ако кажеш дека Отецот е прв во однос на Синот, како Оној Кој од Него е роден, и дека по тоа е поголем, јас тебе исто ти кажувам дека Синот има првенство во однос на Отецот, зошто ако Тој не се родил, Отецот не би се викал Отец. Но ако Отецот воопшто го ставаш пред Синот и го нарекуваш прв причинител на раѓањето на Синот, јас го отфрлам тоа дека Тој е причинител за Синот, зошто скриената смисла на тоа што го кажуваш е таа дека Синот не бил, не постоел, пред да се роди, и дека се родил сакал Тој или не, без разлика дали тоа го сакал Отецот или не, и дека забележал дека се родил и како, сето тоа воопшто не е вистина.
Дали гледаш на какви противречности, т.е. хули, не водат таквите расудувања? Затоа или престани да зборуваш дека Отецот е прв во однос на Синот, па ќе ти дозволам Отецот да го нарекуваш причинител или, ако така кажуваш, да го устроиме зборот пред суд и јас во тој случај и тоа ќе го одречам (т.е. дека Отецот е причинител за Синот). Имено, како е кажано, она што за секогаш е соединето и што е токму такво не може да биде причинител едно на друго. Немој затоа да помислиш дека Отецот некогаш предпостоел во однос на Синот, ниту да го нарекуваш прв или поголем од Синот. Зошто она што предпостоело би можело да се нарече прво во однос на она што од него е родено или произлегло или е создадено, а Оној Кој ниту предпостои, ниту некогаш станал или станува прв во однос на совечниот и собеспочетниот Син, туку е целиот во рамночесност на Синот, како што е Синот едносуштен на Отецот, како може да се нарече прв во однос на совечниот? А ако Отецот го нарекуваш причинител на Синот, тоа го кажувам и јас, освен ако со тоа не наведуваш на скриената мисла дека некогаш Бог постоел сам, кога немало Син, и дека Него го родил подоцна станувајќи причинител на Неговото постоење, што те оддалечува од Бога и од вистината како хулник зошто и самото помислување на такво нешто е знак на секоја безбожност и нечестивост.
Ние, имено, велиме дека таткото е причинител за раѓањето на синот кога станува збор за телесното раѓање. Но во врска со божественото и на непостоечкиот постоење, и на неродениот раѓање, и на неипостасниот ипостасија и на надсуштествениот суштественост, или не знам како на друг начин тоа да го наречам – оној кој го спомнува првиот мора да го именува и втроиот и третиот-што за Сесветата Троица воопшто не може да се каже. Зошто да се мери она што не може да се мери и да се говори за она што не може да се изговори е несигурно и опасно. Заради тоа ние во врска со неискажливото и божествено раѓање на Бог Логосот од една страна, велиме дека причинителот на Синот е Отецот, како што умот е причинител на зборот, изворот на реката, коренот на гранката, но во никој случај не го нарекуваме прв, за да не го умножиме бројот, разделувајќи го на три бога неразделивото и едно Божество. Зошто во случај на неразделива и неизмешана Троица не треба да мислиме и говориме ниту за прв, втор или трет, ниту за поголем или помал, зошто она што припаѓа на божествената и надсуштната природа е совршено и неискажливо и на човечкиот ум непоимливо. Ако сакаш на друг начин да ја поставиш работата и да сознаеш колку е непоимлив Богот Кој од небитие се создал, и ако пред Синот и Отецот, го поставиш Духот, во Него ќе ја најдеш целата соприродност на совечните како едносуштни. И обрни внимание колку на луѓето им е непоимливо она што се однесува на божествената природа. Бог е Дух, кажано е, и повторно: А Духот е Господ. Ако е „Бог Дух“, тогаш и „Духот е Господ“, и каде тука има татковство и синовство, за да ти, новобогослову, би можел да ми спомнуваш и нарекуваш и набројуваш во божествената и непоимливата природа прв и поголем?
Свети Јован Богослов напиша: „На почетокот беше Логос“, а не Отецот. А ти, зарем мислиш дека си подлабоко од него посветен во тајните во кои него го упати суштествената премудрост Исусова, и пред нас и светот првенството го припишуваш на Отецот, за Синот да го прикажеш втор во однос на Него, а со самото тоа Светиот Дух трет, проповедувајќи ни како некој друг богослов кој е подлабок и поблизок со Синот Божји од стариот евангелист? Коква хула! Кажи ми, ти кој лукаво ја објавуваш догмата за тројството, како тоа богословскиот глас, близок пријател Христов, не напишал: „на почетокот беше Отецот“, туку „На почетокот беше Логосот“!!! И зошто не рекол „Син“ туку „Логос“, ако не затоа да не поучи дека ниту Бог Логосот некој го знаел како Син пред Тој да се симне и се овоплоти, ниту Бога како Отец??? Тој тоа не го рекол не зошто не постоело триипостасно Божество Кое се привело во битие, туку затоа што не била позната тајната на домостројот. Зошто по очовечувањето на Бог Логосот и ние верните сме го познале Бог Отецот како Отец, и Бог Логосот Кој се овоплотил заради нас како Син Божји, согласно на она што Отецот од висините рекол. Зошто Тој кажува: „Ова е Мојот Син возљубен, него слушајте го“. А Синот вели: „Оче праведен, светот не Те позна, а Јас Те познав“, и веднаш потоа: „Им го јавив Твоето Име на луѓето“. Понатаму: „Оче, прослави Го Својот Син, за и Синот Твој Те прослави Тебе“, и „Јас и Отецот сме едно“. Значи ако и по овоплотувањето на Бог Логосот Син и Отец е едно, тоа и биле пред овоплотувањето.
Размисли добро за смислата на овие зборови. Зошто Тој вели: „Јас и Отецот сме едно“ ставајќи се Себе пред Отецот. Зошто така? За да покаже дека Тој со Отецот има иста чест и слава, дека ниту Отецот е прв, иако е причинител на Синот, ниту дека Светиот Дух е трет, иако исходи од Отецот. Зошто ако Света Троица од искон е едно, тоа значи дека тоа едно не може да биде прво ниту во однос на себе, ниту во однос на своите ипостаси, зошто ниту едното не предпостоело на другото за да биде прво во однос на она што произлегло од него. Зошто едната Троица е едно Божество, а така се вика поради трите лица и ипостаси; и кога неразделното се разделува, а неслиеното се соединува, Бог се нарекува една Троица, а ниту еден од нив на никаков начин не претпостоел – ниту Отецот во однос на самиот Син, ниту Синот во однос на самиот Отец, ниту пак двете лица се пред Духот, за едниот да биде прв во однос на другиот. Зошто нивниот почеток е заеднички, беспочетен и совечен.
Значи, Света Троица е еден Бог, неискажлив, безпочетен, несоздаден, непоимлив, неразделив, таков да ние не можеме ниту да го замислиме, ниту да го искажеме. За да не се разболиме од долготрајно молчење, од заборав на Бога и да не проживееме како „без Бога во светот“, направено ни е снисходување во мерка во која тоа човечката природа го прима, да зборуваме за Бога и за божествените работи како што сме научени од божествените Апостоли и боговдахновените Отци наши, за постојано да се сеќаваме на Него, постојано да ја прославуваме Неговата благост и човекољубивиот домострој Негов за нас. Меѓутоа, ние, кои сме земја и пепел, како да не сме се запознале самите себе и не обзема ужас од тоа да истражуваме она што е неискажливо и непоимливо на ангелите и сите небесни сили и тоа поподробно да го испитаме, за тоа да мислиме , туку како некои неверници и како оние кои сосема се непосветени на тајните Христови, ние умуваме и без страв зборуваме за Бога.
Кажи ми затоа човеку, ти кој без страв го истражуваш она што припаѓа на божествената природа. Дали веруваш дека Бог е триипостасен, беспочетен, несоздаден, непоимлив, неистражлив, невидлив, и дека ниту со ум може да се разбере, ниту со зборови да се искаже, како и тоа дека Тој бил секогаш Тој сам, дека никогаш немал ни почеток на денот, ниту годината и векот, туку дека од секогаш бил? „Да“ ќе каже тој. А, ако веруваш во тоа дека бил, како што и навистина бил, единствен Бог Света Троица и дека, кога тоа посакал, небото и земјата и се што е на нив ги создал од небитие во битие и ги создал сите небесни сили, и дека како последно го создал човекот, и дека не постои ништо ниту од она што е на небото, ниту на земјата, ни под земјата што не е создадено од небитие, и дека само нивниот Творец и создател Бог е несоздаден, беспочетно и постоело скогаш и пред се-зошто и ти како и сите небесни сили, не се поклонуваш на Неговата непоимлива природа со својата дрскост и своеволна душа? Зарем не се плашиш дека некоја молња нема да те запече и претвори во прав и пепел? Како може она што е создадено да познае каков е и колкав и како настанал Оној Кој го создал? Никако, освен ако, се разбира, самиот Творец на исто така човекољубиво не дарува и знаење за Себе, во мерка во која е тоа корисно.
Како, всушност, би можел да кажеш дека создаденото од Бога го познал својот Творец? Тоа на друг начин не може да се случи и сосема е неостварливо. Но, Тој на нас кои веруваме во Него, ни дал мерка на знаење по мерката на нашета вера, така да знаењето ја потврдува верата која постоела и без знаењето, но со знаењето се утврдува оној кој е поучен со зборови и кој поверувал дека постои Бог и во Кого поверувал врз основа на зборовите на поука. Значи, верните знаењето го примаат преку различни и многуобразни знаци, преку загатки, преку таинствени и неискажливи дејства, преку божествени откровенија, преку созерцување на начелата на создаденото и преку многу други знаци. И не само тоа, туку Бог, како Апостолите, дава целосна увереност со испраќање и присуство на Светиот Дух и тие посовршено се просветлуваат и со светлината се учат дека Бог е неискажлив, несоздаден и вечен, бескраен и непоимен. Зошто единствено со Духот се учат на секое знаење и познавање, секој збор на мудрост и таинствено знаење, покрај тоа и дејството на чудата и дарот на пророштвата, и достигнувањето до Царството Небесно, и самото облекување во Христа и знаењето на тајните Христови, и познавањето на Неговиот домострој и воопшто се она што неверните не знаат.
Со нашето исповедување на сето тоа, ние веруваме и им сведочиме на сите други кои не сметаат дека е дрскост да зборуваат и да ги истражуваат Божествените работ, како Бог е триипостасен, Отец, Син и Свет Дух,- Света Троица, во Кои се крстевме, во што сме се утврдиле по дејството и даровите на Духот, кои сме ги доживеале и на основа на самите свештени установи и Евангелието.
Кажи ми што е понечисто од оној кој со надменост и гордост се обидува без Духот да поучува за она што припаѓа на Духот? Што е погнасно од оној кој не се покајал и претходно не се очистил, туку тоа го оставил, а сака со помош на лажно наречено знаење и надворешна мудрост да богословствува и зборува за она што постои и што секогаш постои како еднакво? Зошто и во ништо друго да не згрешил, што не е можно, само тоа го прави виновен пред вечниот суд, зошто нечист е секој пред Господ кој има високо срце. Некои од нив паднале во такво безумие, да ниту говорат, ниту мислат дека згрешиле. Само какво лудило! „Никој не е безгрешен, освен Бог, сите грешат,“ вели апостолот, „и се лишија од славата Божја, оправдувајќи се со дарот, благодатта Негова“. Ако никој, според светите зборови, не е безгрешен освен единиот Бог „и сите согрешија и се лишија од славата Божја“, оној кој вели дека не согрешил, не свесен, себе се прави еднаков на Бога и сличен е на оној кој рекол: „Ќе поставам престол свој на облаците и ќе наликува на Вишниот. А ако признаеш дека си згрешил, покажи ми вистинско исповедување на грешењето, искрена вера во духовниот отец кој ги примил твоите помисли, покорност, послушување во недостојни работи, служење на помалите браќа, опслужување на болните, а со тоа и смирението од сета душа и верно, неусилено и нелицемерно однесување. И ако себе се сметаш за полош од сите со увереност во внатрешноста на својата душа, од каде се раѓа постојана скрушеност и солзи кои донесуваат радост и од кои и преку кои на оној кој е ревносен му доаѓа очитистување на душата и познание на Божјите тајни, тогаш зборувај за божествени и човечки работи, а јас ќе признам дека тие зборови имаат сила.
Имено сето тоа е плод на покајанието и тоа го истерува незнаењето, а го прибира знаењето. А знаење го нарекова пред се она знаење на она што е околу нас и што е наше, а потоа на она што е над нас и на божествените тајни кои на непокајаните се невидливи и непознати. Значи зборувам за нашата вера која никој не може да ја стекне пред да го исполни реченото, без разлика што е стекнато филозофско образование. Иако божествените работи се отворени за сите и може сите да ги читаат, тие сепак се откриваат само на оние кои се топло се покајале и кои со искреното покајување се очистиле. На таквите им се открива длабочината на Духот и од нив се излева Божјото слово на премудрост и знаење кои како многуструјна река ги потопува противничките умувања. А на сите останатите тоа останува непознато и скриено и Оној Кој им го отвора умот на верните да го разберат Писмото, воопшто тоа не им го открива. Тоа е разбирливо: „Мојата тајна, вели, е за Мене и за Моите.“ Значи таквите мислат дека гледаат, а не гледаат, и дека слушаат а всушност ништо не слушаат и не разбираат. Тие мислејќи дека се мудри- навистина полуделе, поминувајќи ги своите денови како оние кои го изгубиле разумот не знаејќи ништо за Христовите тајни како треба. И нека од нивната надменост и гордост не избави Израелевиот Бог, удостојувајќи не да се угледаме на Неговото смирение.
Иако Господ можел и Свети Илија да го пренесе, како Енох, од земјата на небото без кочии, и иако самиот Владика можел да се вознесе на небото без облаци и ангелска придружба, Тој тоа не го прави. Зошто? За да не поучи дека на нашиот ум му е потребно нешто да го вознесе на небото и да му прикажува и открива Божји тајни. Зошто како што птицата не може без крила да се вивне во небото, така ни човечкиот ум не може да се издигне кон она од каде паднал, ако нема некој да го води и издигне. Освен тоа, тоа се случува со цел Владиката со самите дела да го потврди сопственото вознесувањето и на слугата и влегување на небото и за да не поучи дека не треба да се лажеме само со зборови верувајќи во секој човек кој себе така се нарекува, туку прво да се увериме во него преку неговиот живот и дела, а особено да видиме дали неговите зборови и дела се согласни на Господовите и апостолските и светоотечките поуки, а дури потоа да ги примиме и да слушаме неговите зборови како Христови зборови. Ако не е така, може и мртви да воскреснува и да прави чуда, ние сме должни од него да се одалечиме како од демон.
Така посветени од висините од Апостолите Христови и божествените Отци свои во боговдахновената наука, ние се одвраќаме од пустите празнословија на оние кои за ништо друго не се интересираат, освен за тоа да умуваат и подробно да го испитуваат она што и на ангелите им е недостижно. Ние го држиме чисто, недопрено и непоколебливо исповедувањето на верата кое од нив го примивме од висините, верата во Отецот и Синот и Светиот Дух, едно Божество и неизмешана и неразделна Света Троица во Која сме се крстиле, со Која живееме и знаеме и мислиме од Која сме и ќе бидеме во вечните векови, како оние кои од Светата Троица добиле битие и благобитие. Нека со Светата Троица да прејдеме од тука во мирни води на чист живот, каде е живеалиште на сите кои се радуваат и место на оние кои празнуваат во Духот, и на Светата Троица и приличи секоја слава, чест и поклонување, сега и секогаш и во сите векови. Амин.
МВПЦ-+++јован хаџи

This entry was posted in Написи. Bookmark the permalink.

Comments are closed.