ОБЈАСНУВАЊЕ НА ПОИМОТ МИТАРСТВА

МИТАРСТВА
Православната Црква учи дека секоја крстена душа после смртта мора да помине преку 20 митарства за да стаса во Царството Небесно. На секое од тие митарства се истражува одреден вид на грев и на секое од нив се суди на душата за тие гревови. Откако ќе помине едно митарство, душата преоѓа на следното и ако успешно ги помине сите, душата може да го продолжи патот кон Небото. На секое митарство се мери дали душата има повеќе гревови, кои се однесуваат на тоа митарство, или добри дела кои се спроти гревовите кои се однесуваат на тоа митарство. Ако има повеќе добри дела, душата со помалку маки преоѓа на следното митарство, но ако има повеќе лоши дела, се задржува и се одлучува дали оди во пеколот или се мачи на тоа митарство одредено време додека со молитвите на Црквата или ближните не се избави. Кога душата, водена од ангели, доаѓа на некое митарство, демоните ги прикажуваат на душата и на ангелите сите гревови, ја обвинуваат и напаѓаат и ако душата нема доволно добри дела: постови, молитви и покајнички солзи за да се оправда со нив, ја земаат и ја фрлаат во пеколот. Секоја душа има еден ангел чувар и еден демон, при што ангелот ги запишува нејзините добри дела, а демонот лошите и се тоа, по смртта, се изнесува на секое митарство. Гревовите од „списокот“ на ѓаволот се „бришат“ со исповест и тогаш ѓаволите немаат право душата да ја обвинат за гревовите кои ги исповедала и за кои се покајала.
СВЕТИТЕ ОТЦИ ЗА МИТАРСТВАТА „Чудесниот суд Божји над душите, по нивното разделување од телото, започнува, по учењето на Православната Црква, со мачење на места наречени митарства низ кои тие се искачуваат од земјата во придружба на Ангел, го преоѓаат воздушниот простор, каде лошите духови ги задржуваат и им ги покажуваат гревовите кои ги направиле во животот.„

„Догматско богословие на Православната Католичанска Источна Црква“

„Постојаното, секојдневно и сеопшто учење за митарствата прифатено во Црквата, а особено меѓу Учителите од четвртиот век, неоспорно сведочи дека тоа е предадено на нив од Учителите од претходните векови и се заснова на апостолско предание.“
--Православно-догматско богословие на преосвештениот Макариј--
„За мачењето на душите кое претходи на вошдушниот простор, утврдени се судови и стражи во беспрекорен поредок. По слоевите на поднебјето, од земјата до небото, стојат стражари на паднати духови. Секој одсек е определен за посебен вид на грев и во него ја мачи душата кога таа ќе дојде во тој одсек. Воздушните демонски стражи и судови во пишувањата на Отците се нарекуваат митарства, а духовите кои во нив служат – митари.“
„Тогаш ни се потребни многу молитви, многу помошници, многу добри дела, големо застапување на Ангелите на патот низ воздушниот простор. Ако патувајќи во странска земја или непознат град бараме водич: колку ни се повеќе потребни патеводители и помошници да не поминат покрај невидливите старешини и власти кои владеат со тие воздушни простори, кои се нарекуваат и гонители и митарства и собирачи на даноци!“
Свети Јован Златоуст—
„Дали нашата душа ќе ја помине разбрануваната вода на воздушните духови?“
Свети Јован Лествичник—
„При разделување на душата од телото, ќе застане пред нас, од едната страна, војската и Силата Небесна, а од другата страна власта на темнината, старешините на воздушните митарства, изобличителите на нашите дела. Здогледувајќи ги, душата ќе затрепери и во таа збунетост и ужас, таа ќе бара заштита од Ангелите Божји. Но, иако примена од Ангелите и под нивна заштита, проаѓајќи го воздушниот простор и одејќи кон висините, таа ќе наиде на разни митарства кои ќе и го попречат патот во Царството, ќе ја застануваат и задржуваат нејзиното стремење кон Царството. На секое од овие митарства ќе се бара сметка за посебни гревови…Секоја страст, секој грев ќе има свој митник. На тоа ќе бидат присутни и Боженствени Сили и собир на нечисти духови; и додека Боженствените Сили ќе ги изнесуваат доблестите на душата, нечистите духови ќе ги изобличуваат гревовите нејзини…И ако душата заради својот побожен и богоугоден живот се покаже дека е достојна за награда, ќе ја земат Ангелите и таа храбро ќе полета кон Царството… Но, ако се покаже дека таа имала живот во неред и невоздржување, тогаш таа ќе го слушне оној страшен глас: „Нека се земе безбожникот и нека не ја види славата Господова“ (Ис. 26, 10); тогаш ќе ја остават Ангелите Божји и ќе ја земат страшните демони и душата, врзана со јажиња, паѓа во темнината на пеколот.“
Свети Кирил Александриски
„ Помисли, колку е голема радоста на душата на оној кој се предал себеси на служење на Бога и кој ја врши таа служба! При неговиот исход од овој свет, неговите дела ќе се трудат за него; Ангелите, гледајќи ја душата избавена од власта на темнината, ќе се израдува заради неа. Кога душата ќе излезе од телото, неа ја следат Ангели, а во средба и доаѓаат темни сили, сакајќи да ја задржат и ја мачат, за да најдат нешто свое во неа. Тогаш Ангелите не се борат против непријателите, но делата кои душата ги остварила, ја оградуваат и чуваат од демоните не допуштајќи им да и се приближат. Ако победат нејзините дела, тогаш Ангелите и упатуваат пофални песни и ја водат со радост пред лицето Божјо. Во тој час таа заборава се што припаѓа на земскиот живот и сите маки кои ги поднела. Да се погрижиме во текот на овој краток век на секој начин да правиме добро и да го сочуваме неповреден од зло за да можеме да успееме да се спасиме од рацете на кнезовите на темнината кои не очекуваат: тие се лукави и немилосрдни. Блажен е оној во кого нема да се најде нешто што би им припаднало на нив; радоста, мирот, веселбата и венецот се над секоја мерка“
„Кај нечувствителноста на душата полезно е често читање на Боженственото Писмо и умилните зборови на богоносните Отци, сеќавање на Страшниот суд Божји, на исходот на душата од телото, на страшните сили кои треба да ја сретнат, со чие соучесништво таа правела зло во овој краткотраен и беден живот“
Преподобен Исаија Отшелник
„Волјата Божја нека биде: како благоизволи за мене, така и нека направи. Но, Те молам, Владико мој, Исусе Христе, биди милостив кон душата моја, да не ја пресретне лукавството на спротивните духови, туку да ја прифатат Ангелите Твои, и поминувајќи ја преку темните митарства, ја доведат кон светлината на Твоето милосрдие“
Преподобен Теогност
„Слушајте како по небесата се наоѓаат реки од змии, уста на лавови, власта на темнината, оган што гори кој ги збунува сите битија, не знаеш дали овие, ако не го примиш залогот на Светиот Дух, при твојот исход ќе ја грабнат твојата душа и ќе те спречат да се вивнеш во небесата.“
Преподобен Макариј Велики –

„Митарствата сенекој вид царинарници на кои наидуваат души на умрени луѓе одејќи кон Престолот на Небесниот Судија. На митарствата стојат духови на злото и бараат од секоја душа царина или откуп за гревовите кои ги направила. Таа царина, тој откуп се состои во добри дела, спротивни на нејзиниот грев. Името митарства и митари е позајмено од еврејската историја. Кај Евреите митари се нарекувале лица кои биле одредени од Римјаните за да собираат данок. При таа работа митарите ги употребувале сите можни средства со единствена цел да соберат што повеќе давачки. Митарите стоеле покрај одредени царинарници и наплатувале за потрошувачката на пренесената стока. Тие станици се нарекувале митници, митарства. Ова име христијанските писатели го употребиле и ги нарекле митарства местата во воздушниот простор меѓу Земјата и Небото, на кои лошите духови ја задржуваат душата на покојникот при неговото упатување кон Господовиот Престол, ги истражуваат нејзините гревови гледајќи да ја обвинат за сите можни гревови и на тој начин да ја фрлат во пеколот.“
Св. Ава Јустин Ќелиски
„Многу, па дури и некои православни теолози изразуваат сомнеж околу прашањето за митарствата. Меѓутоа, секој кој е запознат со православното учење не може да каже дека митарствата не се нешто реално, нема да каже дека тоа не е вистинско искуство по смртта. Но, мора на ум да се има следното: ова искуство не се случува во нашиот груб материјален свет – време и простор, иако очигледно постојат, сосема се различни од нашите земски претстави за времето и просторот, земскиот јазик не може да ја опише оваа реалност. Оној кој добро ја проучил православната литература сигурно знае и да прави разлика меѓу духовната реалност во описите од небитните поединости кои понекогаш може да бидат дадени во вид на симболи или сликовите претстави. Така на пример, во воздухот не постојат никакви видливи „згради“ или „царинарници“ каде би се „наплатувала царина“. Исто така, кога се спомнува свиток или прибор за пишување со кои се „бележат гревовите“ или „вага“ на која се мерат човечките доблести, или „златото“ со кое се „отплаќаат долговите“ – во сите тие случаи ќе постапиме правилно ако тоа го сфатиме како фигуративни изрази, сретства со кои може да се долови духовната реалност со која се соочува душата. Без разлика дали душата навистина ги гледа сите овие претстави во тие моменти (по долготрајните навики духовната реалност да се согледува само преку телесни облици) или подоцна е во состојба на тоа искуство да се сети само со посредство на тие слики, или пак едноставно не може на друг начин да го изрази своето искуство – се тоа е споредно и неважно за Светите Отци и писателите на житијата на Светите кои овие искуства ги забележале. Она што е сигурно е дека постојат испитувања кои ги спроведуваат демони. Тие се појавуваат во гаден, но човечки облик, го обвинуваат новопретставениот за направените гревови и буквално се обидуваат да го зграпчат малото тело на душата која цврсто ја држат Ангели. А се тоа се случува во воздушен простор над нас и е видливо само на оние на кои им се отворени очите за гледање на духовната реалност.“
Свети Серафим Роуз

Митарствата на блажена Теодора
Додека патувавме од земјата кон небото, прво не сретнаа воздушните духови на првото митарство. На првото митарство се истражуваат гревовите напревени со човечки зборови, празни зборови, бесмислени, грди, непремислени. И ние веднаш застанавме таму. И ѓаволите изнесоа книги во кои беа запишани сите мои зборови кои сум ги изговорила од младост, се што непотребно сум проговорила и глупаво, а особено се она што лошо сум зборувала, и шалите од младоста, и смешки, она што е вообичаено кај младите. Ги видов запишани сите мои луди зборови, непристојни разговори, световни безобразни песни, неумесни восклици, смеење и кикотење. И ѓаволите ме обвинуваа заради тоа, укажувајќи на времето, местата и луѓето со кои сум го водела разговорот, и со своите зборови сум го гневела Бога, а тоа не сум го сметала за грев, ниту пак сум го исповедала на духовниот отец, ниту сум се покајала. Откако го видов тоа, молчев како нема немајќи што да им одговорам на лошите духови, зошто со право ме обвинуваа. Само се чудев во себе како тоа тие не заборавиле, а поминало толку години, а јас тоа многу одамна го заборавив и подоцна на ум не ми доаѓало. А тие се детално ми излагаа како тоа да сум го изговорила денеска. И јас се присетив дека се беше така. И додека засрамена молчев, а воедно се тресев од страв, светите Ангели кои ме водеа, наспроти тие мои гревови изнесоа мои добри дела кои подоцна сум ги направила, недостатоток го дополнија од дарот на преподобниот Василиј, мојот отец, и ме откупија и ние тргневме нагоре.
И се приближивме на второто митарство, кое е на лагата. На него се истражува секој лажен збор, а особено кривоклетства, напразно повикување на името Господово, лажни сведочења, неисполнување на заветите дадени на Бога, неточно исповедување на своите гревови и други слични лаги. Духовите на ова митарство се лути, свирепи, упорни и ситничави. Штом не сопреа, веднаш почнаа детално да ме испитуваат. Ме обвинија за две работи: прво, понекогаш сум излажала во ситници, а тоа не сум си го припишувала за грев, и второ, многу пати од срам, точно не сум се исповедала пред својот духовен отец. И заради тоа лошите духови ликуваа и сакаа да ме земат од рацете на моите водичи. Но, светите Ангели истакнаа против тие гревови нешто од моите добри дела, а останатото беше надополнето од дарот на мојот отец и така ме откупија. Потоа непречено тргнавме нагоре.
Потоа стасавме до третото митарство за осудување и клевета. Кога не застанаа таму, увидов колку е тежок гревот да осудуваш ближни и колку е големо злото кога друг клеветиш, осудуваш, го посрамуваш, го караш и исмеваш, и на туѓиот грев да се потсмеваш, а своите гревови не ги гледаш. Зошто такви нечестиви иследници испитуваат кои на себе ја зеле улогата на Христа и се прогласиле себеси за судии на своите ближни, додека самите заслужиле безбројни осуди. Но, со благодатта Христова, кај мене најдоа малку зошто цел живот будно внимавав никого да не осудам, ниту да наклеветам, ниту некоу да се потсмевам, ниту пак некого да искарам. Навистина, понекогаш слушајќи ги другите како осудуватт, или клеветат, или на некого се потсмеваат, сум обрнала одредено внимание или од невнимание сум додала по некој безначаен збор, а потоа сум се повлекла. Но и тоа од иследниците ми беше оценето како осудување и клевета. Но и тука светите Ангели ме откупија со дарот на преподобниот Василиј и тргнавме понатаму.
Дојдовме до четвртото митарство, наречено митарство на стомакоугодување. И веднаш излегоа пред нас тие погани духови, радувајќи ни се како на некоја добивка. Лицата на овие духови беа одвртани, зошто тие изразуваа сластољубиви чревоугодници и одвратни пијаници. Едни од нив носеа послужавници со јадења, а други чаши и бокали со пијалоци. Всушност тие јадења и пиења беа смрдлив гној и одвратни повраќаници. И се преправаа дека се пресити и пијани и играа на музика и правеа се за да ги исмеваат грешните души кои доаѓаа на нивното митарство. Овие духови не опколија како кучиња и не запреа. Веднаш пред мене ги изнесоа сите мои прејадувања и кога сум јадела тајно и преку мерка непотребно, и кога без молитва сум јадела без да се прекрстам, и како свиња, и кога на постови сум јадела пред пропишаното црковно правило, и кога сум пробувала без воздржување сум пробувала, и кога преку мерка сум јадела. Исто така тие ми ги покажаа сите мои пијани состојби, изнесувајќи ми ги чашите и бокалите од кои сум пиела и бројот на испиените чаши и ми кажуваа се каде и колку сум пиела и испијанила. Ми ги покажаа и оние чаши кои сум ги пиела за време на пост заради гости или болежливост, а не сум го сметала тоа за грев, ниту сум се каела. Ми покажуваа и она што во неделните и празничните денови случајно сум испила пред светата литургија. Се тоа и многу мои стомакоугодувања ми изнесоа и истражуваа и се радуваа како веќе да ме имаа во свои раце сакајќи да ме однесат во пеколот. Јас се тресев гледајќи се себеси така обвинета и немајчи со што да себранам. Но, светите Ангели, земајќи колку треба од дарот на преподобниот Василиј и ме откупија. Потоа тргнавме безбедно понатаму.
Патувајќи, светите Ангели зборуваа меѓу себе: Навистина голема помош има оваа душа од угодникот Божји Василиј. Да не и помагаа неговите молитви и подвизи, таа многу би страдала проаѓајќи низ воздушните митарства. А јас се осудив да им кажам на светите Ангели: Господа мои, ми се чини дека од оние кои живеат на земјата никој не знае што се случува тука и што ја чека грешната душа по смртта. Светите Ангели ми одговорија: Зарем за ова не сведочи Светото Писмо кое постојано се чита во црквите? И зарем за ова не проповедуваат свештенослужителите Божји?
Но луѓето, занесени со ситници, не се грижат за тоа и сметајќи го за уживање секојдневното најадување и пиење, секој ден јадат ненаситво и пијат без страв од Бога. За нив стомакот им е Бог и не помислуваат на идниот живот, ниту пак се сеќаваат на Светото Писмо кое зборува: Горко вам, кои сте сити сега, зошто ќе гладувате; горко вам кои се напивате сега, зошто ќе бидете жедни! (Лк. 6, 25). И тие сметаат дека Светото Писмо е бајка и живеат безгрижно и раскалашено, се прејадуваат и пијат секој ден, како оној евангелски богат човек. Но тие меѓу нив, кои се милосрдни и им прават добрини на луѓето во неволја, тие лесно добиваат од Бога простување на гревовите и ги поминуваат митарствата без мака, заради своето милосрдие, зошто Светото Писмо вели: Милосрдието избавува од смртта и го очистува секој грев; оние кои прават милосрдни дела и правдина, ќе се исполнат со живот (Товит. 12, 9). Оние пак, кои не се грижат со милосрдност да ги исчистат гревовите, не можат да ги избегнат овие испитувања. Нив ги зграпчуваат темноликите кнезови на митарствата, кои веќе ги виде, и мачејќи ги ги водат во пеколот, каде во ланци ќе ги држат се до Страшниот Суд Христов. Но и ти не ќе можеше да ги поминеш митарствата да не те откупува дарот на преподобниот Василиј.
Разговарајќи така, стасавме до петтото митарство на мрзливоста. На него се истражуваат сите денови и часови поминати во неработење и се задржуваат оние кои од туѓ труд живееле, и оние работници кои примале плата, а не работеле како требало. Тука се испитуваат и оние кои не се грижеле за славењето на Бога и ги мрзело во неделни и празнични денови да одат на утрински и свети литургии и на други богослужби. Таму се испитуваат и здодевноста и негрижата и детално се истражува секоја мрзливот и негрижа за душата своја. И мнгумина од таму паѓаат во бездна. И мене таму многу ме испитуваа, и не ќе можев да се ослободам од тој грев ако мојот недостаток не беше дополнет со дарот на преподобниот Василиј. Така откупена, ме одведоа од таму.
Потоа дојдовме на шестото митарство, митарство за кражба. На него кратко не задржаа. И бидејќи нешто малку додадовме, продолживме зошто не ми најдоа никакво крадење, освен некои ситни кои во детството сум ги направила од незнаење.
Отаму дојдовме на седмото митарство за среброљубие и скржавост. Но и тоа брзо го поминавме зошто Господ цел живот ме штитеше: не се трудев да стекнам многу, ниту пак бев среброљубива; бев задоволна од она што Господ ми испраќаше; не бев скржава, туку со радост им давав од она што имав на оние кои беа во неволја.
Одејќи нагоре, дојдовме до осмото митарство, митарството за земање камата. Тука ги испрашуваа оние кои давале пари со камата и оние кои на нечесен начин заработувале, и оние кои туѓото го присвојувале. Тамошните иследници многу грижливо ме испитаа и откако ништо не најдоа, крцкаа кон мене со забите, а ние тргнавме понатаму, благодарејќи на Бога.
Потоа стасавме до деветото митарство, митарството за неправдата. На него се испитуваат сите неправедни судии, подмитливи судии и судии кои виновните ги ослободуваат, а невините ги осудуваат. Таму се истражува скратување на платата на работниците и лажното мерење при тргување. Воопшто, таму се истражуваат секакви неправди кои се направени. Но ние, со благодат Христова, го поминавме ова митарство без маки, давајќи нешто малку.
Исто така и следното десето митарство, митарството за завист, го поминавме не давајќи ништо, зошто никому никогаш не позавидев. Иако таму се истражуваше и нељубов, омраза, недружељубивост, сепак со Христовото милосрдие, излегов невина во сите тие испитувања. Вистина, ѓаволите бесно крцкаа со забите, но јас не се плашев. Така ние продолживме со патот радувајќи се.
На сличен нашин го поминавме и единаесетото митарство за гордост, на кое надмените духови на гордите одговараа за фалење, високо мислење за себе, злоба, величење. Таму грижливо се испитува и тоа дали човекот покажувал должно почитување кон родителите и властите поставени од Бога; дали сме згрешиле тука, колку пати и во што. Воопшто се испитуваат и сите останати горди дела и суетни зборови. Ние го поминавме тоа митарство, откако многу малку одговаравме, и јас бев слободна.
Потоа стасавме на дванаесетото митарство, митарството за гнев и бес. Таму воздушните иследници беа сурови. Но од нас не добија многу, а ние отидовме понатаму радувајќи се во Господа кој ја заштитува мојата грешна душа со молитвите на преподобниот мој отец свети Василиј.
Дојдовме на тринаесетото митарство, митарство на злопамтење. Тука немилосрдно ги испитуваа оние кои во срцето држат злоба кон ближните и оние кои враќаат зло за зло. Нив, лошите духови со голем бес ги одведуваат во тартарот. Но милосрдието Господово и таму ме заштити, зошто не бев злобна кон никого, ниту пак сум ги запомнала лошите работи кои ми биле направени, туку дури и кон своите непријатели сум била добра колку што сум можела, победувајќи ги злото со добро. И на тоа митарство се најде дека ништо не должам, и јас отидов слободна од нечестивите раце на ѓаволите.
А ние продолживме понатаму радувајќи се во Господ. И јас ги запрашав моите водичи, светите Ангели: Ве молам, мои господа, кажете ми, од каде овие страшни воздушни власти ги знаат сите лоши дела на сите луѓе кои живеат по целиот свет, како и моите, не само јавните, туку и оние кои биле направени тајно? На тоа светиот Ангел ми одговори: На секој христијанин на светото крштевање Бог му доделува ангел чувар, кои невидливо го чуваат човекот, го упатува на секое добро дело, дење и ноќе, во сите денови од животот, се до смртниот час и се запишуваат сите добри дела на човекот што ќе ги направи во текот на животот, за дотичниот човек од Господ да добие милост и вечна награда во царството небесно. Исто така и кнезот на темнината, сакајќи целиот човечки род да го однесе во погибел, одредува по еден лош дух на секој човек, кој постојано го следи, ги набљудува сите негови лоши дела на кои со свои лукавства го бодри, и го собира целото зло што човекот го направил. Потоа сите тие човекови гревови ги носи во соодветните митарства каде секој грев се запишува и така на сите воздушни кнезови им се познати сите гревови на сите луѓе на целиот свет. И кога душата се дели од телото и брза да се издигне на небото кон својот Творец, тогаш нечестивите ја спречуваат покажувајќи и ги нејзините гревови. И ако душата има повеќе добри дела отколку гревови, тие не можат да ја задржат. Но ако кај неа пронајдат повеќе гревови отколку добри дела, тие ја задржуваат за одредено време и ја затвораат во темница на негледање на Бога и ја мачат, ако силата Божја им дозволи да ја мачат, се додека таа душа преку молитви и милосрдност на своите блиски не биде откупена. Ако некоја душа е многу грешна и одвратна на Бога, така што нема надеж за неа за спасение, туку ја очекува вечна погибел, тие веднаш ја носат во бездна каде во нив е спремено место за вечни маки и таму ја држат до второто доаѓање на Господ, по кое тие заедно со своите тела ќе се мачат во огнениот пекол. Знај го уште и ова: по овој пат доаѓаат и се испитуваат само оние кои со вера и свето крштение се просветени, додека неверниците, незнабожните идолопоклоници и Сарацените, и сите туѓи на Бога тука не доаѓаат. Зошто во текот на животот во телото тие со својата душа се погребени во адот и кога умираат, ѓаволите веднаш, без никакво испитување им ја земаат душата како свој сопствен удел и ги носат кон бездната на пеколот.
Потоа дојдовме до четрнаесетото митарство за убиства. На него не се истражуваат само разбојништва, туку и секоја рана, секој удар со било што и било каде по телото на некој друг. Се тоа детално се испитува и се става на вага. Но ние оставивме таму малку, и добро го поминавме митарството.
Стасавме на петнаесетото мотарство, митарството за баења, труења и повикување на ѓаволи. Духовите на ова митарство беа во облик на рептили, шкорпии, змии, аспиди и жаби, така што беше страшно и одвратно да ги гледаш. Но и таму, со благодатта на Господ, кај мене не се најде ништо и ние поминавме веднаш без да дадеме нешто. А духовите се лутеа на мене и викаа: Ќе дојдеш на местото каде се истражува за блуд, ќе видиме дали и таму ќе се извлечеш!
Додека од таму одевме нагоре, ги запрашав светите Ангели кои ме водеа: Господа мои, дали сите христијани ги поминуваат овие митарства? И дали е можно човек да помине без истражување и стравот кој се чувствува на митарствата? Светите Ангели ми одговорија: Нема друг пат за душите на верните што влегуваат во небото; сите тие поминуваат тука, но сите не се исто испрашувани како ти, туку оние кои имаат слични гревови како тебе, кои непотполно ги исповедувале своите гревови, срамејќи се и криејќи ги пред духовниот отец своите срамни дела. А оние кои навистина ги исповедуваат своите лоши дела и жалат и се каат за нив, нив со милосрдието Божјо гревовите им се бришат на невидлив начин. И кога таква душа доаѓа ваму, воздушните иследници ги отвораат книгите но не наоѓаат ништо запишано против неа и не можат ништо да и направат на таа душа, никаква злоба, ниту да ја уплашат, и душата, радувајќи се, влегува во престолот на благодатта. И ако ти си ги исповедала своите гревови целосно и вистински, и си добила разрешение, немаше да бидеш вака страшно испрашувана на митарствата. Но тебе ти помага тоа што одамна си престанала смртно да грешиш и што останатите години си ги поминала во доблести, но особено ти помагаат молитвите на преподобниот отец Василиј на кого со целото срце си му служела.
Така разговарајќи дојдовме до шеснаесетото митарство, митарството за блуд. На него се истражува секој блуд, и мислите на блуд и насладување со блудни помисли, и похотливи прашања и страсни допири. Кнезот на ова митарство седеше на овој престол, облечен во одвратна и смрдлива облека, намокрена со крвава пена со која тој се гордееше како со царски порфир. И голем број на ѓаволи стоеја пред него. Кога ме видоа дека сум стасал до нив, многу се заѓудија. Тогаш ги изнесоа запишаните мои блудни дела и ме изобличуваа, покажувајќи ми ги лицата со кои сум грешела во својата младост, и времето кога сум грешела и местата каде сум го направила овој грев. Не можев ништо да им одговорам, само се тресев од страв и почувствувам голем срам. Тогаш светите Ангели рекоа во моја одбрана: Оставете ги тие дамнешни блудни дела, таа останатото време од својот живот го помина подвижнички во чистота и воздржување. Ѓаволите одговорија: Знаеме и ние дека одамна престанала со гревот, но не се исповедала како треба пред својот духовен отец, ниту пак од него добила пропишани заповеди за откајување на гревовите. Затоа е наша. А вие, или оставете ни ја или откупете ја со добри дела. И отакако Ангелите положија многу од моите дела, но исто така голем дар од преподобниот василиј, одвај се избавив од страшната беда. Потоа го продолживме патот.
Потоа стасавме на седумнаесетото митарство за прељуба. Тука се истражуваат гревовите на сопружниците кои не биле верни во бракот и не ја зачувале брачната постела нескверна. Исто така тука се испитуваат киднапирања заради блуд и силување. Тука грозно ги испрашуваат и оние луѓе кои биле посветени на Бога, кои својата чистота ја заветиле на Христа, па потоа паднале во блуд. На ова митарство и јас се покажав како голем должник и бев изобличена како прељубник и гнасните духови и немилосрдните иследници веќе беа готови да ме отргнат од рацете на Ангелите и да ме фрлат во пеколот. Но светите Ангели се расправаа со нив и ги изнесоа сите мои трудови и подвизи и одвај ме откупија, не толку со моите добри дела колку со дарот на мојот отец Василиј. Од неговиот дар земаа многу и ставија на вага и така моите безаконија беа надмерени. Потоа ме земаа и го продолживме патот.
Се приближивме на осумнаесетото митарство за содомија. На него се истражуваат противприродни гревови на мажи и жени и блуд со ѓаволи и со бесловесни животни и родосквернавење и други гадни дела кои е срамно и да се спомнат. Кнезот на ова митарство е најодвратен од сите одвратни и гадни демони, целиот излепен со смрдлив гној, а такви се и неговите слуги. Нивната реа беше неподнослива и нивната лутина не може да се искаже. Тие брзе не опколија но со милоста Господова кај мене ништо такво не најдоа и засрамени побегнаа, а ние радувајќи се го продолживме патот. И светите Ангели ми рекоа: Ги виде ли Теодора, страшните митарства за блуд. Знај дека мал број души ги поминуваат без мака, бидејќи целиот свет лежи во зло, соблазни и гнасотии, и сите луѓе се сластољубиви и човечката мисла од младост е наклонета кон злото и ретко кој се чува себеси од блудни нечистотии. Мал е бројот на оние кои ги умртвуваат своите телесни страсти, затоа е и мал бројот на оние кои ги поминуваат овие митарства слободно. Поголемиот дел кои доаѓаат до тука, тука паѓаат. Но ти Теодора, заблагодари на Бога што со молитвите на твојот отец Василиј ги помина тие митарства и од сега веќе нема да видиш зло ниту страв.
Потоа стасавме на деветнаесетото митарство на ерес. Тука се истражуваат неправилните учења за верата, отстапување од Православното вероисповедување, маловерието, сомнежот во верата, хулата на светињи и слични дела. Тоа митарство го поминавме без никакво испрашување и веќе бевме близу до небесната врата.
Но не сретнаа злобните духови на последното дваесето митарство, митарството на немилосрдие и тврдост на срцето. Овие иследници беа свирепи; нивниот кнез беше лут, изгледаше многу слаб и мрзлив, но од бес дишеше со оган на немилосрдност. И ако некој кој правел големи подвизи и постови и молитви и ја сочувал својата девственост и си го изложил своето тело на воздржување, но ако се најде дека бил немилосрден и немилостив, него од ова митарство веднаш го одвлекуваат доле и го затвораат во бездната на пеколот каде никогаш нема да доживее милост. Но ние, со благоста На Христос, го поминавме и тоа митарство без мака, со помош на молитвите на преподобен Василиј кој од своите добри дела ми подари многу за моето откупување.
Избавувајќи се од горчливите и тешки митарства, потоа ние со радост се приближивме на вратата на небесата. А таа беше како најсветлиот кристал, нејзиниот блесок не може да се опише и пред неа стоеја младичи кои личеа на сонце. Кога видоа дека ме водат Ангелите тие силно се израдуваа што, заштитена од милосрдието Божјо, сум се избавила од воздушните митарства и со љубов не дочекаа и не внесоа внатре.
А таму што видов и што слушнав, тоа не се опишува! Зошто видов што човечко око не гледа, слушнав што човечко уво не слуша и што на ниту еден човек на земјата не му доаѓа во срцето – такви богатства, толку убавина! И ме однесоа пред престолот Божји околу кого стоеја Херувими, Серафими и безброј небесни Војници, кои постојано го слават Бога со неискажливи песни. И јас паднав на колена и се поклонив на невидливото и непознато Божество, и Небесните Сили запеаја преслатка песна, прославувајќи го Божјото милосрдие кое човечките гревови не можат да го победат. Потоа дојде глас од Прекрасната Слава која им наредуваше на Ангелите што ме водеа, да ме однесат да ги видам сите семејства на Светите, но и сите маки на грешните, а потоа да ме упокојат во семејството на блажениот Василиј. И светите Ангели ме однесоа насекаде и видов многу прекрасни населби и семејства преполни со слава и благодат, кои Бог ги спремил за оние кои Го љубат. И моите водичи ми ги покажуваа посебно семејствата апостолски, а посебно пророчки, посебно маченички, посебно светителски и посебно за секој чин на Светителите. А секое семејство беше преубаво, огромно во ширина и должина, со многу пресветли палати неракотворени. И насекаде по тие семејства се слушаше глас на радост и духовна веселба. И тие лица задоволни, кога ме видоа се радуваа на моето спасение, ме прегрнуваа, славејќи го Господ кој ме избави од замките на ѓаволот.
Откако ги видовме тие семејства, моите свети водичи ме симнаа под земјата и видов страшни, неподносливи маки во адот, спремени за грешниците. Покажувајќи ми ги, светите Ангели ми зборуваа: Погледни Теодора, од колку маки те избави Господ со молитвите на угодникот Св. Василиј. – И слушав лелекање и плач од оние што беа во маки. Но, немаше никој да се смилува на нив.
Потоа ме изведоа од таму и ме одведоа во семејството на нашиот преподобен отец Василиј кој ми рекоа: Сега преподобниот Василиј прави помен на тебе. И мене ми стана јасно дека на ова место сум дошла по четириесет дена по раздвојувањето на мојата душа од телото.
МВПЦ-+++јован хаџи

This entry was posted in Написи. Bookmark the permalink.

Comments are closed.