ПРИДОНЕС НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА ЗА ОБОЖЕНИЕТО НА ЧОВЕКОТ

296680_10151042998562129_961937347_n
Господ Исус Христос ни овозможува повторно да се соединиме со Бога и да се вратиме на првобитното значење за кое Бог и го создаде човекот. Затоа Исус Христос во Светото Писмо се нарекува Пат, Двери, Добар Пастир, Живот, Воскресение и Светлина. Христос е новиот Адам Кој го исправува Адамовиот првороден грев. Првиот Адам со својата непослушност и егоизам не одвои од Бога. Вториот Адам – Христос повторно не соединува со Бога преку Својата љубов и Својата послушност кон Отецот, преку послушноста до смртта – со смртта на Крстот Христос ја насочува нашата слободна љубов кон Бога за, преку принесувајќи ја пред Бога нашата слобода, ние повторно да се соединиме со Него.
Но, делото на Новиот Адам барало и дело на Новата Ева – Сесветата Богородица, која го исправила гревот на Старата Ева. Ева го поттикнала Адам на непослушност пред Бога. Новата Ева даде одлучувачки придонес со Овоплотувањето на Новиот Адам, Кој ќе ја води човечката раса во послушност кон Бога. Токму поради тоа нашата Пресвета Богородица, која како прво човечко битие кое, на извонреден и единствен начин – се здобила со обожение, има не само основна, туку и неопходна и незаменлива улога во нашето спасение.
Според Свети Никола Кавасила, голем богослов од четиринаесетиот век, доколку Пресвета Богородица не ја принела својата послушност и слободна волја пред Бога, доколку не одговорила со ДА на Бога, Овоплотувањето Божје немало да биде возможно, зошто Бог (во било кој друг случај) би ја нарушил слободата која ја дарувал на човекот. Бог не ќе можел да се овоплоти да не постоела таква пречиста и пренепорочна душа како што била онаа на Богородица. Таа целосно ја принела својата слобода, својата слободна волја, се принела целата на Бога за да Го понесе во себе и да ни Го донесе нам.
О, колку и должиме на Сесветата! Поради тоа Црквата и укажува толкава чест и почитување на Богородица. Свети Григориј Палама, како заклучок на богословието на Светите Отци, вели дека Сесветата завзема место веднаш после Света Троица, дека таа е бог, според благодатта Божја, веднаш после Бога, врската меѓу создаденото и несоздаденото, или „првата меѓу спасените“ како што вели еден друг богослов на нашата Црква. Свети Никодим Светогорец, еден понов просветителски учител на Црквата, богословствува дека светлината која исходува од Сесветата ги просветлува дури и Чиновите ангелски. Затоа Црквата Сесветата ја велича како „почесна од Херувимите и неспоредливо пославна од Серафимите“.
Овоплотувањето на Логосот и обожението на човекот е најголемата тајна на нашата вера и нашето богословие. И тоа е она со што нашата Православна Црква живее секојдневно низ своите Свети Тајни, својата химнологија, својата икона, т.е. во потполност со својот живот. Дури и архитектурата на православните цркви ја потврдува оваа вистина. Куполата на црквата каде се насликува Христос Седржителот го симболизира симнувањето на Небото на земјата – вистината дека Бог стана човек и дека се насели меѓу нас-како што пишува Светиот Евангелист Јован (Јн. 1, 14).
Бидејќи Бог постана човек преку Пресвета Богородица, ние ја изобразуваме Богородица на олтарската апсида за да покажеме дека Бог преку Богородица навистина слегува на земјата меѓу луѓето. Богородица е „Лествицата со која Бог се симнува“ и „Лествицата која нас не крева од земјата кон Небото“, Таа е сместилиште на Бога Кој не може да се смести, заради нашето спасение Таа е „поширока од Небесата“.
Црквата потоа го изобразува обожението на луѓето – оние кои, поради тоа што Бог постана човек, и тие постанаа богови по Благодатта Божја. Отаму во нашите православни цркви можеме да ги изобразуваме не само овоплотениот Бог Христос и Неговата пренепорочна Мајка Богородица, туку и сите Светители. На сите ѕидови во црквите ние изобразуваме дела (плодови) на Овоплотувањето Божје; свети и обожени мажи и жени.
Според тоа кога ќе влеземе во православна црква и ќе видиме прекрасни фрески и икони, ние тогаш стануваме причесници на следново искуство: го поимуваме делото Божје, направено заради човекот, како и целта на нашиот живот. Се во Црквата го потврдува Божјето Овоплотување и човековото обожение.
ЦРКВАТА – МЕСТОТО НА ЧОВЕКОВОТО ОБОЖЕНИЕ
Оние кои сакаат да се соединат со Христа, со Бог Отецот преку Христа, знаат дека тоа соединување се случува во Телото Христово, а тоа е нашата Света Православна Црква. Ова соединување, секако, не е со Божјата Суштина, туку со обожената човечка природа на Христа. Меѓутоа ова соединување со Христа не е само надворешно и морално. Ние не сме следбеници на Христа како што некои луѓе се следбеници на некој филозоф или учител, туку ние сме членови на Телото Христово – Црквата. Црквата е Телото Христово, вистинско Тело, а не „морално“, како што некои теолози погрешно пишуваат не навлегувајќи длабински во духот на Православната Црква. Христос не прифаќа нас хирстијаните и покрај нашата недостојност и гревовност и не облекува во Своето Тело. Он не прави Свои членови и ние, вистински, а не морално, стануваме членови на Неговото Тело. Светиот Апостол Павле вели: „Бидејќи ние сме членови на Неговото Тело – од Неговата плот и коските Негови“ (Ефес. 5, 30).
Секако, зависно од духовната состојба на христијанинот, човекот понекогаш битисува како жив член на Телото Христово, а понекогаш како мртов член. Но, дури и како мртов член, тој не престанува да биде член на Телото Христово.
Но и покрај тоа, штом се покае, човекот во истиот момент е исполнет со божествен живот и повторно станува жив член на Телото Христово. Тоа значи дека не му е потребно повторно крштевање. Од друга страна, оној кој не е крстен, не е член на Телото Христово иако води морален живот. Нему му е потребно да го прими Светото крштевање за да стане член на Телото Христово, за да се облече во Христа.
Како членови на Христовото Тело, нам ни се дарува животот Христов и тој живот постанува наш живот. На тој начин ни се дарува живот, стануваме спасени и обожени, што би било невозможно ако Бог не не‘ направеше членови на Своето Тело.
Според Светите Отци, нашето спасение би било невозможно без Светите Тајни на Црквата кои не облекуваат во Христа и не прават еднотелесни и еднокрвни со Христа.
О, колку е преголем благословот да се биде причесник на Светите Тајни! Христос станува наш, Неговиот живот станува наш живот, Неговата Крв станува наша крв. Затоа Свети Јован Златоуст забележува дека Бог ништо повеќе не може да му понуди на човекот од она што го нуди во Светата Причест. Ниту пак човекот може да бара нешто повеќе од Бога од она што го прима од Христа во Светата Причест.
Според тоа, откако ќе го примиме Светото Крштевање, Миропомазување и откако ќе ги исповедаме своите гревови, ние се причестуваме со Телото и Крвта Христови и стануваме богови по Благодат. Се соединуваме со Бога и веќе не сме туѓи, туку сме Негови блиски пријатели.
Во Црквата, каде се соединуваме со Бога, ние живееме со нова стварност која Христос ја донесе на светот: со стварноста на новата твар. Тоа е животот на Црквата и животот Христов, живот кој станува наш како дар на Светиот Дух. Во Црквата се води кон обожение – Светата Литургија, Светите тајни, богослужението, проповедувањето на Евангелието, постот, се‘. Црквата е единственото место на обожението.
Црквата не е социјална, културна или историска установа како што се останатите установи на овој свет. Таа е сосема различна од сите световни установи. Во светот постојат различни установи, организации, фондации и други корисни здруженија. Но, нашата Православна Црква е единствена, зошто таа е единственото место на Божјето заедништво со човекот, единственото место на човечкото обожение. Човекот може да стане бог единствено во Црквата и на никое друго место. Тој тоа не може да го постигне на ниту еден Универзитет, ниту пак во социјалните служби, ниту во било што добро и убаво кое светот може да го понуди. Без разлика колку сето тоа е добро, тоа не може да го даде она што Црквата може. Токму затоа световните установи и системи никогаш не можат да бидат замена за Црквата, без разлика колку придонесуваат за напредокот.
Возможно е заради нас, слабите и грешни луѓе, од време на време да се појават кризи и тешкотии во Црквата. Возможно е дури и во самата Црква да дојде до скандали. А тоа се случува затоа што сите во Црквата сме на патот кон обожението и сосема е природно на тој пат да се појавуваа и човечки слабости. Ние не сме богови, туку стануваме богови по Благодат. Но, колку и да се случуваат такви работи, ние никогаш нема да се завртиме од Црквата затоа што во неа ја имаме единствената можност за соединување со Бога.
На пример, одиме во црква на Света Литургија и таму среќаваме луѓе кои не се внимателни за време на Литургијата, кои зборуваат едни со други и ги вознемируваат другите и тогаш на ум ни паѓа следната „логична“ мисла која гласи: „Што воопшто добивам од доаѓањето во црква? Зрем немаше да биде подобро да останев дома каде можев да се молам во мир и собраност?“
Но, ние од таквата лоша помисла мораме трезноумно веднаш да се спротивставиме со овие зборови: “Можеби дома ќе имав поголем надворешен мир, но немаше да ја имам Божјата Благодат која ме осветува и обожува. Немаше да го имам Христа Кој е присутен во Својата Црква, ниту пак ќе го имав Неговото Свето Тело и Неговата Пречиста Крв кои се во Неговата Света Црква на Чесната Трпеза. Немаше да учествувам во Последната Вечера на Светата Литургија. Ќе бев одвоен од моите браќа во Христа кои, заедно со мене, го сочинуваат Телото Христово.“
Според тоа, што и да се случува, нема да отстапиме од Црквата зошто единствено во неа го имаме патот до обожението.
Превод МВПЦ

This entry was posted in Написи. Bookmark the permalink.

Comments are closed.