СВЕТОТО ЕВАНГЕЛИЕ И СВЕТИТЕ ОТЦИ ЗА СВЕТОТО ПОСЛУШАНИЕ

kul-tajneAkvarel-V.-Bursaa_620x0
Бог е наш извор на живот и Творец на се видливо и невидливо. Он е единствениот извор на блаженство, вечни добра и радост. Од овој свет извор може да пие само човек кој Го љуби Бога. Љубовта кон Бога е движечка сила на нашето послушание кон Бога, послушнанието кон заповедите на Неговото Евангелие, според зборовите на Господ: „Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди“ (Јован 14, 15). И: „Кој ги има Моите заповеди и ги пази, тоа е оној што Ме љуби; и кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од Мојот Отец; и Јас ќе го возљубам и Јас ќе му се јавам сам“ (Јован 14, 21). Послушнието кон Бога прави човекот да расте од сила во сила до степен на развој на совршен совршен, до степен на раст на Христовата висина (Еф. 4, 13). „Тоа го покажува совршениот човек во Христа Исуса“ (Кол. 1, 28). Светото послушание го прави човекот да биде сличен на ангелите. Ангелска радост, љубов, чистота, единство со Бога, имаа нашите прародители во Рајот пред падот.
Вистинскиот човек е само евангелски послушен човек. Секој друг човек е нечовек, подчовек, ѓаволчовек. Единствената сила што човек може да го оддели од Бога е гревот. Гревот е единствениот преграден ѕид помеѓу Бога и човекот. Поради високите ѕидови на гревот, човекот не Го гледа Бога. Поради громот на страста во душата, човекот не го слуша Бога. Нема мал и голем грев. Секој грев е непослушност кон Бога, секој грев е убиец на душата, секој грев уништува нешто боголико во нашата душа. Нашите прародители само поради еден грев на непослушност во рајот, најпрво умреле со душата, а потоа и со телото. „Смртта е плата за гревот“ (Рим. 6, 23). Гревот е единствениот уништувач на единството на човекот со Бога. Зад секој грев е ѓаволот. Тој, за непослушност кон Бога, заради гордоста е исфрлен од Небото. Непослушните луѓе се само негови добри ученици и тие одат по него. Непослушните луѓе градат единство со ѓаволот.
images
Единството на човекот со Бога (= живот вечен), по гревот на непослушанието во рајот, е дар на нашиот Спасител, Богочовекот Господ Исус Христос. Ова единство се остварува само во Светата Православна Црква со помош на светите тајни и светите доблести. Надвор од Светата Православна Црква нема единство со Бога, нема спасение. Ова значи дека Божјите деца, Божјите синови по благодат, можат да бидат само православните христијани. Со светото послушание во Црквата Божја, човекот повторно го воспоставува своето единство со Бога, враќајќи го на себе изгубениот рај, според вистинитите зборови на Господ: „Царството Божјо е внатре во вас“ (Лука 17:21). Со други зборови, рајот е внатре во православниот, послушниот, смирениот и чистиот во срцето. Ова се потврдува и со зборовите на Господ: „Блажени се бедните по дух, зошто нивно е царството небесно“ (Мт. 5, 3). И: „Блажени се чистите по срце, зошто тие ќе го видат Бога“ (Мт. 5, 8).
Првиот Адам преку непослушност го воведе гревот и смртта во човечкиот род, а вториот Адам – Господ Христос преку послушанието го обесмрти човечкиот род. Вистинските послушници од “Оној, Кој страдаше се научија на послушност” (Евр. 5, 8), и затоа “Он стана на сите кои Го почитуваат пример за вечно спасение” (Евр. 5, 9). Преку светата послушност човекот се труди да наликува на Богочовекот Христос, преоѓа во групата на своите постари браќа – бесмртните ангели, ја враќа првобитната убавина на своето битие, живее во заедница со Бога. Вистинскиот послушник достигнува љубов, покорност, незлоба и непристрасност на мало дете. Затоа, и послушникот е најголем во царството небесно (сп. Матеј 18, 4). Тој е поголем и од оној кој живее во пустината по своја волја. Најголемиот меѓу луѓето е оној кој најмногу личи на Христос. А најмногу на Него личи оној кој има Богочовечка послушност.
Целото Евангелие е испреплетено со послушноста на Синот кон Отецот. Господ „бил послушен пред Отецот Свој до смртта и тоа смрт на крст“ (Фил. 2, 8). Со тоа ни даде пример на послушност. Светата послушност, како мајка со сите доблести, не е ништо друго освен исполнување на Христовото Евангелие. Таа од човекот бара потполно самоодрекување. Самиот Исус благовести: „Ако некој сака да тргне по Мене, нека се одрече од себе и го земе својот крст и нека тргне по Мене“ (Мт. 16, 24). „Да се одрекнеш од себе – значи да се одречеш од својата грешна природа, своето расудување, да се одречеш од својата грешна волја, да се одречеш од стариот човек кој припаѓа во лажливите желби“ (Еф. 4, 22). „Да го земеш својот крст – значи да ја трпиш тешкотијата на отсекувањето на својата волја и сите животни неволји.“ „Да се тргне по Христа – значи да се биде послушен пред Бога (=Светото Евангелие) во се. Послушноста кон духовниот отец, при тоа, е основно училиште на послушноста кон Бога. Кој не го слуша духовниот отец кого го гледа, како ќе Го слуша Бога Кого не Го гледа? Кој не го заврши „основното училиште“ на послушноста не може да се запише во средното училиште за борба против страстите, а со самото тоа, не може да дојде до факултетот на бестрастието. Без дипломата на ова „основно училиште“, човекот е „духовен повторувач“ и заради тоа не може да влезе во Царството на послушниот Господ Христос.
ejomologhsh
Вистинскиот послушник во се е сличен на Господ Христос Кој слезе „од небото не за да ја твори Својата волја, туку волјата на Отецот Кој Го испрати“(Јн. 5, 30) и „не дојде за да Му служат, туку да служи“ (Мт. 20, 28). Господ Исус бил послушен не само кон Отецот Небесен, туку ги слушал и им служел и на луѓето. Он прво бил послушен кон Својата Пресвета Мајка и својот привиден татко Јосиф (види Лк. 2, 51). Он го послушал лепрозниот и го исцелил (Мт. 8, 3), го послушал капетанот и го исцелил неговиот слуга (Мт. 8, 5-13), го послушал старешината на синагогата Јаир, отишол во неговиот дом и ја воскреснал неговата ќерка (Лк. 8, 41). Господ прв дал пример на послушност и смирение кога ги измил нозете на Своите ученици велејќи им: „Ако пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте должни еден на друг да ги миете нозете. Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас“ (Јн. 13, 14-15). Ако самиот Богочовек Христос се потчинил на човекот заради Бога, зарем ние луѓето не можеме да се потчиниме на духовниот отец заради Бога?
Целта на нашите подвизи е чистотата на срцата. Срцето се чисти со извршување на заповедите Господови. Во подвигот на чистење на срцето неизбежна е борбата со страстите на стариот човек. Таа борба не може успешно да се води без совети, поддрѓка и молитви од духовниот отец кој во тоа има знаење и Божји благослов. Затоа духовникот е Божји соработник во лечење на душите. Од послушникот се бара да биде послушен кон својот духовен отец зошто, според зборовите на Свети Василиј Велики „Христос ги избрал учениците и го одредил токму овој начин на живот; затоа што учителот (старешината), како човек кој со себе Го претставува Самиот Спасител, станал посредник меѓу Бога и луѓето и свештенодејствува пред Бога за спасение на оние кои му се потчинуваат. Ние самите не можеме да се лечиме заради вроденото самољубие кое преку пристрасноста го извртува правилниот суд за себе. При донесување суд за други самољубието не пречи, заради тоа други можат подобро да не познаваат и полесно да не лечат. Послушноста кон духовниот отец, надворешно и внатрешно, е услов за напредок во христијанскиот живот, услов за нашето спасение.
Преподобните отци Калист и Игнатиј во својата книга за безмолвието и молитвата пишуваат: Послушникот пред се мора да има чиста и нелажна вера кон својот учител во таква мерка што во него го гледа Самиот Христос, и да го слуша како што Господ Христос вели: „Кој вас ве слуша, Мене Ме слуша; и кој се одрекува од вас, од Мене се одрекува; а кој се одрекува од Мене, се одрекува од Оној Кој Ме испрати“ (Лк. 10, 16). И: „Се што не е од вера, грев е“ (Рим. 14, 23). Дека Господ поставил пастири во Својата Црква гледаме од Господовите зборови кон Светиот Апостол Петар: „Петре, ме љубиш ли повеќе отколку овие? Паси ги моите овци“ (Јн. 21, 15-16). Истата власт Господ им ја дава на следните пастири и учители што се гледа кај сите подеднакво даденото право, како на Петар, да се сврзува или разврзуваат (види Мт. 18, 18). Заради тоа овците Христови треба да се покоруваат на духовните пастири како на Христа се додека тие самите се православни (Христови) и нивните наредби се чисти од грев. Ако духовниот пастир падне во ерес, тој веќе не е Христов пастир, туку волк. Од волкот треба на секој начин да се тргнеш.
Големата светлина во вселената, Преподобниот Антониј Велики не учи: „Совршенството на твојот подвиг е послушноста; и добро е за човекот ако од младоста го носи јаремот Господов – служи и слуша“. И Светото Писмо вели: „Кој нема советување, паѓа како лисје“ (Изреки 11, 14) и „Ништо не прави без совет“ (Мудрост Сирахова 32, 21). Од непослушниот човек отстапува Божјата благодат и непријателот на човечкиот род-ѓаволот лесно ја освојува душата и ја опустошува како што непријателите опустошуваат незаштитен град.
Светата послушност доведува до совршенство, го учи човекот да разликува добро од зло. Само добриот послушник може да биде добар епископ, добар свештеник, добар монах, добар старец, добар родител.
При надворешната потчинетост потребно е и отсекување на своите сфаќања. Заради тоа светите отци говорат: Најсигурниот пат кон спасението е: да се откриваат своите помисли пред најмудрите отци и нив да се имаат за раководители кон доблеста, а не да се оди по своите помисли и расудувања. Како што Господ говори преку пророците: „Прашај го татка си – и тој ќе ти каже, старците свои – и тие ќе ти речат“ (5 Мојс. 32, 7). За значењето на исповедувањето на помислите пред старец, Преподобниот Јован Касијан говори: „И како што змијата, извлечена од темната дупка на светлина, сака да побегне и да се сокрие, тако и злите помисли, откриени со отворено признавање и исповедување, сакаат да побегнат од човекот“. Оној што открива пред духовникот не само она што прави туку и она што мисли и во ништо не се потпира на своето мислење, во свое време се здобива со вистинско смирение.
Светиот пророк Давид говори: „Гревот свој го кажав пред Тебе и вината своја не ја сокрив; реков: ги исповедувам пред Господа престапите свои; и Ти ја тргна од мене вината на гревот мој (Пс. 31, 2). И Преподобниот Јован Лествичник благовестува: Раните покажани не се влошуваат туку се исцелуваат (Лествица, слово 4, пар. 10). При исповедување на помислите пред старец, послушникот мора да води сметка неговото исповедување да не биде немарно или испитувачко, туку старецот да го моли со смирен труд и тага од целото срце, како што Го моли Бога, па потоа и ќе добие. На смирениот молитвеник самиот Бог говори преку старецот. На немарниот Бог не само што го лишува од полезност, туку и му дава осуда.
За плодовите на светата послушност Преподобниот Јован Лествичник пишува: „Од послушноста се раѓа смирение, а од смирението – дар за духовно расудување, од расудувањето – дар за набљудување, а од ова – прозорливост. И кој не би посакал да оди по добриот пат на послушност, гледајќи дека од неа произлегуваат такви добра? За оваа голема доблест и во една од псалмите се вели: „Во Својата добрина, Боже, Ти се погрижи и за сиромавиот (Пс. 67, 10) послушник и неговото доаѓање во срцето Негово“ (Лествица, сл. 4, пар. 105).
Вистинскиот послушник е далеку од гордоста зошто за секој добар дар и секој совршен подарок од Отецот на Светлината сесрдно Му благодари на Бога и се припишува на делотворноста на молитвите на својот духовен отец.
Старецот Јосиф Исихаста говорел: „Ниту свештенството, ниту Божествената Причест, ниту умните молитви, ниту постот, ниту бдението – не спасуваат без послушание. Она што се случува по сопствена волја, без послушание, го однесува ѓаволот“. А старецот Ефрем, негов ученик, не учи: „Послушанието прави чуда: Послушанието е смирение; Послушанието ги донесува сите дарови. Преку послушанието Христос дава молитва. Молитвата не спасува, послушанието спасува“.
За непослушноста, пак, Свети Теофан затвореник вели дека е: „Отворена непокорност и расправање! Тоа веќе е несокриен сатанизам“. А Преподобниот Амвросиј Оптински предупредува: „Непослушноста е таков грев што дури ниту со мачеништво не се искупува“.
Поради сето горе кажано, нека секоја богољубива душа ревнува во светото послушание. Кој пие од неговиот извор го поддржува Христа и станува Негов сонаследник. Затоа, послушникот нема да ожедне во векови, туку водата која му ја дава светото послушание (=Христос) станува во него извор на вода која тече во животот вечен (спореди Јн. 4, 14), со кој да се здобиеме сите, со молитвите на Пресвета Богородица и сите светии. Амин.
Администрација МВПЦ Витлеем

This entry was posted in Библиотека. Bookmark the permalink.

Comments are closed.