ИСЦЕЛЕНИЕ

ovcata-porta-e1375733067923
Во денешното евангелско четиво (Мат. 9 гл.) слушнавме за чудото кое Господ го извршил со раслабениот. Ближните на болниот го донеле пред Господ, и заради нивниот труд и неговата вера, Господ напрво го разрешил од неговите гревови, па потоа го исцелил од болеста. Во овој случај е очигледно дека болеста кај овој човек била дадена како последица од некој грев, и затоа Господ најпрво му ги простил гревовите, го ослободил од ропството на гревот, па потоа го ослободил и од болеста.
Некои болести доаѓаат поради личните гревови, или поради гревовите на блиските, на пример, заради грешниот живот на родителите, понекогаш се разболуваат децата, за да можат родителите на тој начин да се освестат, да се покајат и да дојдат до Бога.
Но има и болести кои Бог ги допушта за наше освестување, еден вид мачеништво. Ако човек трпи тешка болест и притоа не паѓа во очај, туку сè уште има сила да се моли и на Бога да Му благодари, тогаш таквата болест ќе му биде за спасение – како претрпено мачеништво.
Во евангелието чувме дека болниот „бил донесен од ближните“, што значи дека блиските на болните се должни да го приведат таквиот кон Вистинскиот Лекар на душите и телата – Христос, да се молат за него, но најмногу за спасението на неговата душа, па потоа за исцеление од болеста.
Старецот Никон Светогорец сведочи за еден интересен настан што се случил пред неколку децении во Грција. Во еден манастир каде што имало чудотворна икона од Пресвета Богородица дошла некоја мајка и со солзи и ридања се молела за исцеление на нејзиното синче, кое тогаш имало десетина години, а боледувало од рак. Бог ги послушал молитвите на оваа несреќна мајка, и навистина детето целосно оздравело. Но што се случило потоа? Кога детето пораснало и имало околу 20 години, еден ден, со пиштол ја застрелало својата девојка, па таткото, па и неговата мајка која толку плачела и се молела за негово исцеление, и на крајот се самоубил и тој самиот. Некој ќе рече, зарем не било подобро тоа дете да умре уште порано, кога се молела мајка му, отколку вака, заради него да настрадаат толку луѓе? И тогаш да умрело, луѓето ќе го обвинувале Бог, дека Он е виновен за смртта на детето, затоа што тие не ги гледаат настаните толку далеку, како што Бог ги знае и нашите срца, и нашите мисли, и нашата иднина.
Но, дали овој случај значи дека ние не треба да се молиме за ближните? Не, воопшто. Не значи дека секој што ќе се исцели од некоја болест, автоматски ќе стане убиец. Кога се молиме за ближниот, најпрво да се молиме за неговото покајание, Бог да го привлече кон себе, да му даде покајание и простување на гревовите, па дури потоа за исцеление од болеста. Ако му се простат гревовите, и ако човекот го насочи својот живот кон заедница со Бога, тогаш и да не се исцели од телесната болест, пак ќе си ја спаси душата, и ќе добие од Бога маченички венец заради неговото трпение. Затоа современите светители и духовници велат: „Ракот го наполни рајот“. Но не сите што боледуваат од рак се спасуваат, туку само оние кои болеста ги насочила кон Бога, кои се покајале и Му благодареле на Бога.
Бог да ни даде освестување и покајание, за да се исцелиме од најголемата болест – гревот, а дури потоа трпение или исцеление во душевните и телесните болести и страдања. Амин.
Мнозина ќе ми речат во оној ден: »Господи, Господи, не во Твое ли име пророкувавме? И зар во Твое име бесови не изгонувавме? И не во Твое ли име многу чуда правевме? И тогаш Јас ќе им кажам: »Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите беззаконија!« (Матеј 7, 22-23)
Христос дојде за да нe спаси од власта на ѓаволот и ропството на гревот. „Вистина, вистина ви велам: секој што прави грев, роб му е на гревот. А робот не останува вечно дома; Синот останува вечно. И ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете избавени.“ (Јован 8, 34-36)
Во Тајната на Крштението човекот ги раскинува синџирите на порокот и добива сила од Христа, да започне војна против своите зли склоности. Не постои страст, ниту порок, кој не може да биде победен со Божја помош.
Единствено е неопходно одлучно да се влезе во борба против гревот, и да се започне со водење на духовен живот, да се моли, да се кае, да се причестува и Бога да се моли за помош. Запомнете дека во текот на надминувањето на своите слабости, човекот расте и станува посилен. Овој тек на внатрешниот раст ја содржи целта на нашиот овоземен живот.
Наместо христијанско исцеление на душата со помош на благодатта, бројни современи источни култови (Кришнаити и др.), заедно со многубројните, независни окултни „исцелители“ и гатачи, ги нудат своите услуги на „лечење“. Ветуваат потполна терапија за мошне сериозни болести како алкохолизмот, пушењето, наркоманијата, дебелината, изразениот сексуален нагон итн.
Иако постојат некакви разлики во нивните методи, овие исцелители користат психичко „програмирање“ во кое концентрираната енергија на исцелителот има окултен ефект на умот на пациентот. Ова програмирање, слично на другите окултни експерименти, побарува целосна отвореност, пасивно внимание и безусловна доверба во „исцелителите“.
Постојат случаи кога оние кои се приклучиле на некој источен култ и ги извршуваат своите окултни дејанија, или пак оние кои се обраќаат за помош на некој гатач, добиваат потполно олеснување на своите страданија.
Она што мора да се разбере е дека таквото „исцеление“ може да биде многу полошо од болеста за чијшто лек се трагало. Со своите окултни методи, гатачите и хипнотизерите ја тргаат одбраната на човечката душа која ја штити душата од мрачниот свет на демоните. Ова се случува преку сконцентрираното внимание на пациентот на личноста на „исцелителот“ кој, слично на медиумот, станува проводник на демонското дејство. Со своите ефекти овој вид на „исцелување“, или гатачко лечење е слично на хируршка лоботомија при која се отстранува фронталниот дел на мозочната обвивка.
И, додека овој хируршки зафат го отстранува делот од мозокот кој го контролира насилното однесување на психијатриските пациенти, таа исто така, неповратно ги отстранува и повисоките функции, како острината на
умот, чувствата, способноста за создавање и особено способноста да се верува во Бога, да се моли, да се води христијански живот (иако, во случај пациентот да не водел духовен живот пред операцијата, нема да ја забележи загубата на некои од своите духовни способности).
На еден или на друг начин, личноста плаќа за своето окултно „лечење“ со своето духовно здравје, зашто некои видови од духовната природа стануваат засекогаш атрофирани.
Особено штетни се сеансите на „програмирање“ на Јуриј Кривогонов, кој го измислил методот на „психотропна“ хипноза,преку која над стотици членови на своето „Бело Братство“ ги претвори во вистински зомбија.
Психичките оштетувања предизвикани со неговите методи биле до толку длабоки, што голем број на лекари и хипнотизери од поранешниот СССР не можеле да ги „репрограмираат“ несреќните жртви на Кривогонов, колку и да се труделе. Оваа несреќна епизода беше објавувана во рускиот и украински печат во периодот од 1993-та до 1995-та година.
wassilij_maximowitsch_maximow_002b
Забелешка:
Многу од нашите современици се загрижени од проблемите на „магии“ и „уроци“. Токму оваа нивна загриженост станува извор на заработка за професионалните гатачи и бајачи, затоа што едниот од нив ќе „фрли клетва“, а другиот ќе „ја отстрани“, па на тој начин си помагаат еден на друг во бизнисот. Иако сигурно постојат шансите за измама во ова поле, секогаш постои и опасноста за вмешување и на невидливите духови. Како единствена заштита од овие духови и сите видови на „магии“ и „уроци“, се јавува Благодатта на Светиот Дух, која верниот христијанин бесплатно ја добива во Црква. Верниот христијанин треба да престане да се плаши од овие „магии“ и „уроци“, и со сето срце да се обрати кон Бога, просејќи помош и заштита, молејќи се, внимателно читајќи го Светото Писмо, каејќи се, причестувајќи се со Светите Тајни (барем еднаш месечно!), чинејќи добри дела за луѓето. Ако го прави сето ова, тогаш никаков напад од злите духови нема да има ни најмало влијание врз него.
Администрација на МВПЦ

This entry was posted in Написи. Bookmark the permalink.

Comments are closed.