КАДЕ ДА БАРАМЕ ПОМОШ

ОЧЕ НАШ
Постои еден прекрасен збор, кој го бранува срцето на секој човек, било да е стар или млад, образован или необразован, сиромав или богат… а тоа е зборот – мајка. Единствено таа може да го утеши своето родно чедо, па неговото срце да се исполни со тишина и радост. Единствено во нејзините прегратки, синот или ќерката, можат да најдат спокој и утеха, а таа може да ги поднесе сите преживувања, сите грижи, сите растревожувања од срцето на своето возљубено чедо. Дури и тогаш, кога синот или ќерката имаа свои семејства, свои деца, за старата мајка своите чеда и понатаму се деца, врз кои сака да ја излие целата љубов од своето мајчинско срце.
Освен нашата телесна мајка, православните христијани за своја мајка ја имаат и светата Црква, кон која сите ние, како нејзини деца, припаѓаме. Таа наша мајка, која нè спасува за вечноста, ги охрабрува и вразумува своите деца. Мајката – светата Црква, ги загрева нашите верни срца со своите молитви, богослужби, свети Тајни… Со сите тие средства, таа го засладува нашето срце, нè учи како треба да живееме, за да бидеме достојни деца на Спасителот Господ, Главата на нашата Црква, Началникот на нашата вера.
Да се потсетиме на едно евангелско сведоштво, кое честопати сме го слушале на светите Литургии, кое со своите свети зборови, на нашите слаби и грешни срца им дава голем извор на духовна сила.
Една ноќ, апостолите пловеле со чамецот по водите на Генисаретското Езеро. Одеднаш фатила силна бура, па апостолите се исплашиле за својот живот. Во мугрите, кога Христовите ученици веќе биле во ужас, и кога со тажни чувства биле носени од високите бранови, тие Го виделе Христа како оди по водата. Во почетокот тие не Го познале, па помислиле дека тоа е привидение, кое им го навестува брзиот крај, па затоа почнале да
викаат на силен глас. Тогаш Спасителот им се обратил: „Не бојте се! Јас сум, не плашете се!“. Учениците толку многу се охрабриле, така што апостол Петар извикал: „Господи, ако си Ти, позволи да дојдам при Тебе по водата!“. На овие простодушни зборови, Господ одговорил: „Дојди!“. Преку овој настан, Спасителот сакал да покаже колку сеуште била немоќна и слаба верата кај апостол Петар, онаа иста вера, која подоцна успевала да ги покорува срцата на луѓето и која го поттикнала на маченичка смрт за својот Спасител. Апостол Петар го послушал повикот од Спасителот, излегол од чамецот, направил неколку чекори по водата, но се исплашил од брановите и повикал: „Господи, спаси ме!“.
Ете, токму овие зборови најчесто ги повторуваат нашите срца и усти, кога нашите животни дни се разбранувани од секојдневните грижи, обврски, задолженија и искушенија.
Господ му одговрил: „Маловернику, зошто се посомнева?“, па го фатил за рака, го вратил во чамецот и настапила тишина.
Овој евангелски расказ, кој отсекогаш го возбудува нашето срце, нè потсетува дека нашиот Господ Исус Христос е вистински Син Божји, Господар на небото и земјата, Кој само со еден збор наредил да престане бурата и да се смири морето.
Но, овој евангелски расказ ни говори и за нешто друго: за тоа, колку Господ е блиску до нас! И дење, и ноќе, Он на нашето срце му се обраќа: „Не бојте се! Јас сум, не плашете се!“, „Јас сум со вас!“. Како одговор на повиците од нашата слаба душа, Бог ја пружа Својата сесилна и милостива рака на помош, како Татко, Кој ги милува своите чеда.
Не случајно земниот живот се споредува со разбранувано животно море. Мноштво на севозможни несреќи, грижи и беспокојства сретнуваме кај секој човек на неговиот земен пат. Господ не нè создал да бидеме исти во овој живот. Но, Он не нè оставил беспомошни пред лицето на човечките потреби и несреќи. Бог секому од нас му дал разум, кој е способен да сфаќа што е корисно, а што штетно, кој гледа сè и може да бира што е добро за нас, за да имаме мирен и спокоен живот. Бог во секого од нас всадил и совест, која ни говори за тоа, што е лошо и недостојно за човечкото достоинство, а што е добро и угодно пред Господа. Бог вдахнал во нас да имаме стремеж кон Него. Он ни го подал Своето свето Слово, кое постојано нè учи како да живееме со христијански живот, како да се соочуваме со земните несреќи и како, во името на љубовта кон Господа, треба да ја повикуваме Божјата помош, па со трпение да ги поднесуваме сите тешкотии, притоа цврсто верувајќи дека семожниот Бог може да направи сè, зашто за Него нема ништо невозможно, зашто Он е чедољубив Бог и не може да нè отфрли нас, заради Неговата љубов.
И покрај сето тоа, испраќајќи нè во овој живот, Господ благоволил ние постојано да бидеме во окружување на подобни луѓе. Кога сме биле младенчиња, сме биле доверени во грижа на нашите родители. За жал, се случило многу младенчиња да ги загубат своите родители, но Господ промислил и за нив, па тие биле дадени во грижа на нивните старатели. Кога, пак, постануваме старци, за нас се должни да се грижат оние, за кои ние сме се грижеле кога сме можеле, па затоа нивна должност е тие да бидат наша потпора во старите години.
Така, нашиот земен живот е создаден за ние да се трудиме и работиме за себе и другите, но и да ги користиме трудовите на другите. Облеката, која ја носиме, изработена е од мајстори; лебот, кој секојдневно го јадеме, посеан е, измелен и испечен од рацете на други луѓе. Домот, во кој живееме, изграден е од вештите раце на искусните мајстори. За нас се грижат други луѓе, а ние, секој според своите умешности, според својата животна положба, се трудиме за другите; секој наоѓа поткрепа и помош кај луѓето, како што и самиот е должен да им помага на другите.
Но, има и чести моменти, кога и разумот, кој ни е даден од Господа, не може да му поткаже на човекот, како да се избави од тешките мигови и како да го најде излезот од тешките ситуации. И совеста во тие моменти затајува, и светлината на словото Божјо не свети толку силно, како што свети како тогаш, кога ние живееме според Божјите заповеди. И во тие тешки часови од нашиот живот, кога мислиме дека никој не може да ни помогне, кога мислиме дена нашиот грб е немоќен да го понесе тешкото бреме на искушенија, тогаш секој нека погледне околу себе, нека се загледа во темнината, нека се соочи со несреќите и искушенијата, кои го навјасале, па тогаш со своето верно срце со сигурност ќе Го види Оној, Кој секогаш е присутен околу нас со Својата божествена подготвеност да ни помогне во тагите и несреќите. Тогаш секој од нас нека се потсети на зборовите на апостол Петар: „Господи, спаси ме!“. Овој повик да биде исполнет со вера дека Господ е севидлив и сесилен, дека го слуша секое движење на нашата душа и секој повик од нашето обраќање кон Него.
Секој страдалник, натажен и очаен треба да биде подготвен да го слушне одговорот на Господа Исуса Христа, зашто, Он, според зборовите на апостолот „е ист вчера, и денес, и во веки“ (Евр. 13, 8). „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11, 28).
Гревовното бреме одамна ја измачува нашата немоќна душа. Кога ќе помислиме на својата смрт, во исто време се потсетуваме колку многу гревови лежат на нашата совест, кои малку се оплакани, или воопшто не се ни покајани, а има и такви кои се затрупани под дебелиот слој на ситни непокајани гревови. Но, да не забораваме колку се тешки маките на грешникот, кој успеал да ја сознае целата бездна на своите прегрешенија!
Но, да не очајуваме! Господ ни говори дека не ја сака смртта на грешникот, но сака да се оттргне од лошиот пат и да биде жив. Да одиме и ние, грешниците, со мноштвото на свои гревови кон Христа, со единствена молба – да не спаси! Он, Кој дојде на земјава за да ги спаси луѓето, за да ги поттикне грешниците кон покајание, за да ја основа на земјата светата Црква, нашата Мајка, а преку неа ни ги подал светите Тајни Покајание и Причест, – Он ќе не слушни, ќе ги види солзите на нашето покајание и ќе ни подаде рака, за да го симне тешкиот товар од нашите гревови и беззаконија, кои лежат на нашата совест .
Колку многу несреќи и да нè снајдат, колку многу таги и да навлезат во нашите срца, никогаш да не ги забораваме Божјите зборови: „Повикај Ме во тежок ден; Јас ќе те избавам“ (Псал. 49, 15). Да не го забораваме ова ветување од Господа, па затоа секогаш да се обраќаме кон Него во сите тешкотии, зашто лесно сфаќаме дека во тие мигови никој околу нас не е во можност да ни помогне, освен семожниот Бог.
Оној, кој живее со својот Господ, кој живее духовен и христијански живот, кој наутро и навечер беседи со Бога преку молитвата, кој ја знае сладоста од светото покајание и блаженството од пристапувањето кон светата Чаша, кој знае дека за спасението се потребни добрите дела, трпението, милосрдноста, молитвата, неосудувањето, негневливост, чистотата и целомудреноста, и кој тежнее тие заповеди да го оделотвори во својот кус земен живот, ете тој во себе секогаш го чувствува својот Господ – Преслаткиот Спасител. И во сите свои животни неприлики и искушенија, во сите тешки и несреќни мигови, таквиот човек знае и умее со молитва секогаш да се обраќа кон Господа.
Секогаш да веруваме дека Господ никогаш нема да го затвори Својот слух и никогаш нема да го отфрли оној, кој бара помош од Него. Токму во тоа се состои и нашето блаженство, зашто ние, кои се нарекуваме православни христијани, треба да знаеме дека својот земен пат не го завршуваме сами и осамени. Напротив, со нас секогаш е Небесниот Отец, нашиот Пресладок Спасител. Било да сме натажени или расплакани, да го подигнеме својот поглед кон небото и преку молитва да ги избришеме солзите во нашите очи. Да запамтиме: врз нас вечно гледаат живите очи на нашиот Небесен Отец!
Администрација на МВПЦ

This entry was posted in Поуки. Bookmark the permalink.

Comments are closed.