ВЕЛИГДЕНСКИОТ ПОСТ ИЛИ ВЕЛИКА ЧЕТИРИЕСЕТНИЦА

29027816_1705820806130266_5838849315317036740_n
Великата Четириесетница трае од Чист Понеделник до Лазарева Сабота, а начинот на постот е: сувојадење, освен сабота и недела кога се дозволува масло. Овој пост не е од апостолско потекло, а најстарото сведоштво за овој пост потекнува од крајот на вториот век. Свети Ирениј Лионски (+202год.), во своето писмо до папата Викториј (189-198 год.), по повод споровите околу времето за празнувањето на Пасхата, напишал дека пасхалниот пост некаде траел еден а некаде два дена, а некаде овој пост опфаќал 40 саати. За Велигденскиот пост од 40 дена, во ова писмо не се спомнува, освен дека од ова сведоштво се гледа дека тој насекаде постои. Понатамошни податоци за овој пост дава Тертулијан (+ 220 год.), според праксата на Римската и Африканската црква. Тој зборува за пасхалниот пост во спомен на Христовата смрт, кој исто така трае два дена (петок и сабота) кои самиот Спасител ги одредил, и со ова може да се заклучи дека пасхалниот пост потекнува од наредувањето на Господ Исус Христос. Од Сирската дидаскалија (втората половина на териот век) се гледа дека пасхалниот пост е продолжен на една седмица, а сигурно сведоштво за Велигденскиот пост кој трае 40 дена потекнува од четвртиот век, од Евсевиј Кесариски, како и од т.н. Пасхални посланија на Свети Атанасиј Александриски. Денешниот облик на Велигденскиот пост се развил во петтиот век.
Велигденскиот пост секогаш почнува со понеделник, кој се нарекува Чист Понеделник, како и целата таа седмица на овој пост, во која сите јадења се готват на вода.
Втората седмица се нарекува Пачиста или Хрома, третата е Крстопоклона, четвртата е Средопосна, петата се нарекува Глува, шестата е Цветна и седмата седмица е Страсна и Велика, а најзначаен ден во неа е Велики Петок, кој го одбележуваме како спомен на страдањето на Господ Исус Христос на крст.
Постот го основал Господ Исус Христос кој постел 40 дена во пустина. Целта на постот е, пред се, прославување на Бога и почитување на Неговите светители, потоа очистување на телото, јакнење на волјата, а со тоа и воздигнување на душата над телото.
Вистина, постот подразбира воздржување од мрсна храна, но самиот тој подвиг не е доволен ако не е проследен со возрджување од лоши помисли, желби, дела, простување на сите кои нешто ни згрешиле, зголемување на молитвите и правењето на добри дела, покајание за се лошо што сме направиле со мисла или дело.
Нашата Црква пропишува повеќедневни и еднодневни постови. Покрај Велигденскиот, повеќедневен пост е и Божиќниот, кој трае шест недели, Апостолскиот, кој е со различна должина, и Богородичниот пост кој трае две седмици. Еднодневните постови се секоја среда и петок преку годината, освен Божиќната седмица, седмицата на митарот и фарисејот, пред Воскресниот пост, Велигденската седмица и седмицата на Духови. Посни денови се и Крстовден пред Богојавление, Отсекување на главата на Св. Јован Крстител и Воздвижение на Чесниот Крст.
Недела на митарот и фарисејот е на десет недели, т.е. седумдесет дена пред Велигден. Тоа е првата и почетната недела на подготовка за Воскресението Христово. Оваа седмицата е разрешена од пост (трапава), значи не се пости во среда и петок. Неделата е наречена според познатата Христова парабола за гордиот фарисеј и смирениот цариник.
Недела на блудниот син е девета недела пред Велигден. Потсетување на познатата Христова парабола за блудниот син.
Недела месопусна е осма недела пред Велигден. Оваа недела е посветена на Страшниот суд. Во оваа недела паѓаат месните поклади. Се вика месопусна зошто е последна недела пред Велигден кога се јаде месо.
Недела сиропусна е седма недела пред Велигден. Во оваа недела паѓаат бели поклади и не се јаде месо, туку само сирење, кајмак и зејтин. Затоа се вика и сирна или бела недела.
Прва недела на постот – Чиста недела – Недела на Православието- Шеста недела пред Велигден со која почнува Чесниот пост. Оваа недела се пости на вода. Не се јаде ни месо, ни риба, ни масло, зошто верниците се спремаат за света причест. Се нарекува недела на Православието зошто се празнува победата на Православието над ересите во 842 година.
Втора недела на постот – Петта недела пред Велигден, наречена Пачиста зошто доаѓа од чиста недела. Оваа недела е посветена и на Свети Григориј Палама, архиепископ солунски и чудотворец (+1368 год.), водач на исихастите.
Недела трета на постот – Крстопоклона – Четврта недела пред Велигден. Оваа недела е посветена на Чесниот крст Господов. Во текот на неделата е строг пост.
Недела четврта на постот – Средопосна – трета недела пред Велигден. Посветена е на Свети Јован Лествичник (525 г. -600г.), авторот на значајното дело „Лествица“. Се нарекува и Средопосна зошто паѓа во средината на постот.
Недела петта на постот – Глувана – Втора недела пред Велигден, посветена на Света Марија Египетска, голема грешница која со покајание станала голема светителка.
Недела шеста на постот – Цветна – Недела пред Велигден, посветена на свеченото влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим. Во петок од оваа недела (петок пред Цветници) се завршува Чесниот пост – светата четириесетница. Останатите денови до Воскресението се исто посни – Лазарева сабота, Цветници и деновите на Великата недела.
Страсна седмица – Велика недела- Седмица пред Воскресение. Деновите на оваа седмица се посветени на страдањето Христово.
Велики Понеделник – Сеќавање на Христовиот пат во Ерусалим кога ја проколнал неплодната смоква; и на Јосиф кого браќата го продале во Египет.
Велики Вторник – Христос проповеда во Ерусалимскиот храм. Еврејските старешни бараат начин да го фатат и убијат. Овој ден Црквата ги потсетува верниците на приказната за „десетте војници“ од Евангелието.
Велика Среда – сеќавање на жената која со миро го помазала Христа и така го спремила за погреб и на Јуда предавникот кој одлучил да го предаде својот учител за 30 сребреници.
Велики Четврток – спомен на Христовата тајна вечера со учениците, кога е вопсоставена светата Тајна на причеста. Овој ден Христос е фатен и предаден на страдање и смрт.
Велики Петок – ден на Христовото страдање и смрт.
Велика Сабота – ден на Христовиот погреб. Во сите денови на оваа седмица се пости строг пост. На Велики Петок не се јаде ништо, освен малку сува посна храна и вода.
На сите наши им посакувам со мир да го започнат Велигденскиот пост, да се завртат кон Бога со повеќе читање молитви и правење добри дела, а пред се со помирување и простување со сите ваши роднини, пријатели и соработници и нека ви биде за здравје и спасение. Нека ви е со Благослов целиот овој Велигденски пост.
Патријарх на Македонската Вистинска Православна Црква
††† Јован-Хаџи

This entry was posted in Толкувања и Беседи. Bookmark the permalink.

Comments are closed.