АНТИХРИСТОТ ВЕЌЕ ВЛАДЕЕ

index
„Внимавајте, како по опасен пат одите“ (Ефес. 5, 15)
Овие зборови на Апостолот се преведени (од оригинал на словенските јазици) вака: „Па така, гледајте, добро како живеете…“ Вака наведени тие можеби не звучат толку силно и експресивно, но, веројатно, за многумина се поразбирливи.
Ги напишал, уште во првиот век од нашата ера, светиот апостол Павле на оние кои го прифатиле христијанството во древниот малоазиски град Ефес. Ова многу важно предупредување на Апостолот се однесува, секако, и на нас, како и сите останати апостолски посланија – на христијаните од сите времиња и сите народи.
Ова предупредување особено е важно да го запомниме ние, „христијаните во последните времиња“ кои живеат во целиот свет, кога секој оној, кој сака, да ја сочува верноста кон Христос Спасителот и биде вистински христијанин, од сите страни опкружен со безбројни соблазни и искушенија, од оние најотворените до оние најскриените кои тешко се препознаваат, но кои се посебно опасни и погубни.
Оваа историја на човечкиот род во последните 20 века, од јавувањето на Господ Исус Христос во светот, не е ништо друго освен тешката борба на ѓаволот преку луѓето кои волно или неволно му се предале на служба, против вистинската вера Христова и лековитите плодови на Искупителната Жртва Господова, Кој ја принесе на Крстот на Голгота за нас – борба во светот да се зацари непријателот на Христос – Антихристот.
Од оваа точка на гледиште, севкупната историја на човештвото, сите преломи на т.н. „политика“, стануваат појасни и поразбирливи. Вистина, многу нешта се замаскирани, црното се претставува како бело, а белото како црно, но и на тоа не’ предупредува Апостолот кога пишува: „зошто самиот сатана се претвора во ангел на светлината; затоа не е голема работа ако и слугите негови се претвораат дека се слуги на праведноста, но и нивниот крај ќе биде според делата нивни“ (2Кор. 11, 14-15). Сме имале прилика ова да го видиме низ целата историја, а особено често и јасно доаѓа до израз токму денес. Ако не сме духовно заслепени од тие „сатански слуги“ и ако не му служиме на сатаната свесно или несвесно, знаејќи ја суштината на светската историја, можеме релативно лесно да увидиме што се случува и да се сочуваме од таа страшна борба „на живот и смрт“, која сега толку интензивно се води против нашиот Господ Спасител и сите Нему верни слуги и искрени следбеници. Но тешко на оние кои остануваат слепи и ништо не гледаат или се заслепени од своите гревовни страсти толку многу што не сакаат ништо да видат!
А „слугите на сатаната“, како и слугите на антихристот кој треба да дојде, ја користат слепоста на мнозинството современи луѓе и со вистинска сатанска енергија упорно и истрајно ја работат својата работа. Со особено внимание и на сите можни начини, со помош на сите расположиви сретства, тие за себе ги врбуваат своите следбеници, кои свесно или несвесно, волно или неволно, соучествуваат во нивното обликување на светот и создавањето услови за доаѓањето на антихристот како светски господар и владетел на целото човештво.
НА КОЈ НАЧИН?
Еве на кој начин! Тие преку училиштата, медиумите и секој вид пропаганда ги шират либеризмот и безбожништвото меѓу луѓето, на секој начин ги одвраќаат од верата во Христа и од вистинската Црква, дури и менувајќи ја, таму каде што е потребно и корисно за нив, вистинската Црква со една црква која лаже; тие ги уриваат темелите на моралниот живот, ја исмеваат и отфрлаат совеста, свеста за доброто и злото, систематски промовираат и потикнуваат блудност, особено меѓу младите, го уништуваат семејството, лесно дозволуваат разводи и абортуси, донесуваат закони и прописи кои легализираат неприродни сексуални склоности и хомосексуализам и шират секаков вид на порнографија; се под изговор на „слободата“ и „демократијата“, ги уриваат државните власти кои почиваат на силни и здрави основи на верата, рушејќи го нивниот авторитет преку ширење на клевети и инсинуации; организираат директен или индиректен прогон на верата и Црквата, ги малтретираат и угнетуваат верниците кои неретко се подложни на страшни прогони; под нивно покровителство е и растот на криминалот, не ги осудуваат и казнуваат криминалците; тие всушност се стремат да ги уништат темелите на благосостојбата и добрината на луѓето, предизвикуваат разединување на домаќинствата, инфлации и депресии, за да ги доведат луѓето до потполн очај во состојба на сеопшта анархија и слично.
ЗОШТО ТИЕ ГО ПРАВАТ ТОА?
За луѓето, доведени во состојба на безнадежност и очај, се врзат за антихристот кој ќе се појави како спасител кој ќе ги избави од сите зла и неволји, со цел да му се приклонат и му ја дадат полнотата на власта над целото човештво, како на директор, апсолутен господар и владетел, како на оној кој располага со нивните животи и смрт и со нивните души.
ШТО ПРАВАТ СЛУГИТЕ НА АНТИХРИСТОТ ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА СВОИТЕ ЦЕЛИ?
Тие целосно ги превземаат во свои раце најважните аспекти на современиот човечки живот, насекаде го шират своето влијание и се држат под строга контрола – превземаат власт над државите, капиталот и медиумите.
Кога се увериле дека верата во Бога, во Христа, се уште е силна кај луѓето и дека не е лесно да се искорени и уништи, тие со голем успех превземаат контрола и над црковните власти, настојуваат на станат потполни и апсолутни раководители на религиозниот живот на луѓето, остро казнувајќи ги оние кои им откажуваат послушност, за се да држат под своја власт без приговор и неповратно.
Сето ова горе наведено веќе го гледаме во современиот живот. Заради тоа што сето ова се случува јавно и отворено, ни дава полно и неотуѓиво право да говориме, пишуваме и проповедаме за приближувањето на доаѓањето на антихристот. Строго говорејќи, антихристот веќе владее во современиот свет и жестоко се бори со Христа и со вистинските Негови слуги за да го прошири своето влијание и да завладее над сите луѓе.
Но, каде е тој, ме прашувате. Ние се уште не го гледаме во некоја конкретна личност, но тој сепак ја спроведува својата сатанска работа со посретство на своите многубројни следбеници. Таквите почнале да се појавуваат уште во времето на апостолите. Да се сетиме што за тоа напишал возљубениот Христов ученик, Свети Јован Богослов, во своето прво Послание: „И како што сте слушале дека ќе дојде антихрист, и сега веќе се појавија многу антихристи; од тоа разбираме дека е последниот час.“ (1Јов. 2, 18).
На кој начин е можно непогрешливо да се препознаат тие „антихристи“, кои се покажуваат како „предвесници“ на Антихристот, кој ќе се роди на крајот на векот во една одредена личност?
И на тоа прашање дава одговор Свети Јован Богослов, предупредувајќи не сите нас: „ Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку испитувајте ги духовите: дали се од Бога, бидејќи многу лажни пророци се јавија во светот. По ова познавајте Го Божјиот Дух, и духот на лагата: секој дух, што признава дека Исус Христос дошол во плот, од Бога е. А секој дух, што не признава дека во плот дошол Исус Христос, не е од Бога; тоа е духот на антихристот, за кого сте слушале дека иде, па и сега е веќе во светот.“ (1Јов. 4, 1-3). Секако, важно е да се има на ум дека под терминот „предвесник“ се подразбираат тие „многумина антихристи“ за кои зборува светиот Апостол веќе во втората глава од своето послание (ст.18).
Сега гледаме појасно од било кога пред отворањето на она за што пишувал светиот Апостол уште во првиот век! Колку до сега се појавиле „антихристи“ кои „не Го исповедувале Исус Христос, јавен во тело“, или кои лажно Го исповедувале, сакајќи луѓето да ги доведат до заблуда, а всушност се бореле со вистинската вера Христова, или кои сосема отпаднале од неа и таа вера ја извртеле и ја изобличиле. Особено многу такви „антихристи“ се појавиле во ова наше препредено време, кога тие „антихристи“, јавни или тајни, всушност целосно, или барем во голема мерка, ја превзеле власта, граѓанската и црковната, завладеале со капиталот и медиумите, одлучно потискувајќи, а не ретко и физички отклонувајќи ги оние кои им стојат на патот и ги спречуваат во остварување на нивните цели и стремежи.
Кон се уште неостварените цели одат доста упорно и енергично, не колебајќи се да употребат свирепост, измама и насилство за да го постигнат она што сакаат.
Тие „антихристи“ и нивните следбеници, со помош на власта, парите и медиумите, ги потчинуваат сите на своите цели сите кои се духовно слепи, кои им робуваат на своите гревови и мислат само на задоволување на страстите, затворајќи ги очите пред чистата и нерасипана вистина Христова, не сакаат да прочитаат и да ги слушнат опомените и предупредувањата на Словото Божје и светите богоносни отци и учителите на верата – всушност сите оние кои не се духовно слободни, туку на било кој начин се поробени од страна на „антихристите“, им слушат и им угодуваат, а како награда за тоа добиваат земски богатства: власт, почитување, пари, раскошен живот и сите телесни задоволства без никакви забрани и препреки.
СОВРЕМЕНА ДЕМОКРАТИЈА ИЛИ СОВРЕМЕНА ИЗОПАЧЕНА ДИКТАТУРА?
Сите тие луѓе не сакаат да слушаат за антихритот, се смеат, се шегуваат и плукаат на оние кои им зборуваат за него зошто во своето срце веќе го примиле антихристот како свој господар и доброчинител, а некои од нив дури имаат чинови на свештенослужители и јерарси на Црквата. Според зборовите на Апостолот, „тие се од светот, затоа и говорат од светот и светот ги слуша“ (1Јов. 4, 5).
Меѓу нив, сите вистински христијани, а пред се – вистинските служители на Црквата – како што во Својата проштална беседа со учениците на Тајната вечера рече Господ Исус Христос – „несе од светот“. Овие Негови зборови мора да ги знаат и запаметат сите оние кои сакаат да бидат вистински христијани.
„Ако ве мрази светот, знајте дека Мене ме замрази пред вас. Кога би биле од светот, светот би ги љубел своите, а зошто не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот, затоа светот ве мрази“ (Јов. 15, 18-19). Омразата на овој свет, кој лежи во зло, е главен показател дека сме на правиот пат – дека сме вистински следбеници на нашиот Господ Исус Христос. И обратно: „Не знаете дека пријателството со светот е непријателство кон Бога?“ (Јаков, 4,4).
Затоа секој наш стремеж да бидеме пријатели со „оние кои имаат власт“ во сегашно време, кога насекаде владеат „многу антихристи“, кои јавно или скришно се борат против Христа и Неговата вистинска Црква, секој обид да им се угоди и додвори во било која мерка всушност е „легализација“ на предавството на Христа и непријателството против Него, дури и тие да носат и одежда на свештенослужители.
Всушност: дали е можно да се замислат Христовите Апостоли и верниците како по распнувањето на Христа седат на иста маса со Ана и Кајафа или Јуда Искариотски?! А токму тоа често го гледаме денес! Апостол Павле предупредува обраќајќи им се на Ефесјаните: „Па така, гледајте, колку внимателно треба да постапувате: не како неразумни, туку како мудри; ползувајте го времето, зашто дните се лукави.“ (Ефес. 5, 15-16), т.е.:Постапувајте внимателно, не како неразумни, туку како мудри, користејќи го времето, зошто деновите се зли“.
Се чини дека „злите денови“ никогаш не биле толку зли како овие кои ги преживуваме. Денес се е испреплетено и преплавено со зло – неискреност, измама, лукавство, предавство од страна на оние луѓе од кои, заради положбата и звањето кои ги носат, не би требало да се очекуваат.
Но, тоа е најчудно и најтажно! Многумина, кои го знаат ова и го гледаат сето ова, постапуваат не како „мудри“, туку како „немудри“ и со тоа ги погубуваат и своите и душите на другите, влечејќи ги кон, не само временска – земска, туку и вечна пропаст!
Не треба да се плашиме од злобата на светот, туку треба да се тешиме со зборовите Христови; треба да се плашиме самите да не тргнеме по патот на злото и отпадништвото. Соблазните на современиот свет се безбројни. Многу често, речиси на секој чекор, можеме да сретнеме зли луѓе и опадници, кои со тоа сакаат да добијат земни добра, земни богатства и лесен живот.
Размислуваат ли тие луѓе за тоа каков одговор ќе дадат пред Страшниот Христов суд, а особено ако тие се на црковни и државни функции? На крајот на краиштата, фактот дека тие не сакаат да слушнат за ова или пак за тоа зборуваат со потсмев, е доказ на она последното – нивното неверие! Никаква остроумна и лукава „политика“ и „дипломатија“ нема да ги спаси пред Судот!
На сите нас ни останува длабоко да се замислиме за се ова горе наведено, а во врска со предупредувањето на светиот апостол Павле, кое, очигледно, се слушува во наше време: „Внимавајте, како по опасен пат одите!“
Архиепископ Аверкиј Џорданвилски
Администрација на МВПЦ

This entry was posted in Екуменизам. Bookmark the permalink.

Comments are closed.