КАКО ДА СЕ ИЗБОРИШ ОД ТЕШКОТИИ И ПРОБЛЕМИ

beseda-4 nedela V.post
Православни совети во тешки моменти и во време на болка.
Сите болести произлегуваат од грижи и нервирање. Оној кој се плаши дека ќе падне, цело време се влече. Свети Порфириј вели: „Сите ние многу се грижиме.“ Да и јас се грижам. Неверојатно како тоа станало глобална епидемија, сите се наоѓаме во таа состојба. На крајот на краиштата, што е тоа? Во прашање е страв која ја исполнува душата, некоја несигурност, некое чувство дека наидува некоја неволја, или мачно сеќавање на она што веќе се случило. Така и ние живееме, или се грижиме што може да се случи, или мислиме на она што веќе се случило, не не пушта, не вознемирува и не притиска одвнатре и ниту на миг не ја остава нашата душа на мира. Ние постојано некаде брзаме, не умееме да уживаме во животот кој ни го подарил Господ. Постојано се наоѓаме во трка. Се поставува прашањето: А кога ќе се радуваме на денешниот ден? Зошто она што е сега и тука во твоите раце, толку брзо исчезнува, времето лета и поминува. Сегашноста постојано ни исчезнува, ние постојано живееме во друг свет, меѓу минатото и иднината и не ја забележуваме сегашноста. Ѕиркаме во иднината, но не креативно и со промисла, туку со чувство на загриженост, непрестајното очекување на нешто и размислувањето за тоа не чинат болни и ние ја губиме способноста да се радуваме. Не успеваме да проникнеме во она што се случува сега и да кажеме Слава на Бога. Ако умееш да живееш во она што се случува сега, тогаш забележуваш дека кај тебе се е добро и дека всушност немаш толку проблеми како што ти претставуваат твоите фантазии. Проблем е во тоа што кај тебе се е во ред, но ти тоа не го сфаќаш, не се радуваш на тоа и самиот бараш повод за грижа. Размислуваш што ќе се случи на испитот, што ќе биде со тебе за неколку години, кој ќе се грижи за тебе кога ќе остариш, што ќе се случи по твојата смрт, како твоите деца ќе живеат. Но кажи ми: дали тоа се случува сега?
Кога би можел секоја секунда да почувствуваш дека животот е дар кој сега ти го дава Господ, тогаш би се грижел за секој проблем само еднаш дури тогаш кога проблемот навстина ќе се појави. А што правиш сега? Постојано се грижиш за ситуација која може и да не се случи. Сфати дека се грижиш многу повеќе отколку што тоа Господ би го сакал. Бог дозволува да се сретнеме со болка, но загриженоста претставува наша сопствена глупост, наше безумие. Загриженоста е лага која смите ја создаваме, со која живееме и која не уништува. Болката е спасоносна. Во животот е потребно да поминеме низ страдања, тешки моменти, болести и тоа е она што ќе не одведе во рај. А кој е најдобриот ритам на животот? Како да се престане со брзањето. Господ дозволува болка, за да ти даде радост, онаа вистинска радост која сме ја изгубиле заради болни уживања, задоволувања на сопствените егоизми и сега единствено преку страдање и болка можеме да се приближиме кон Бога. Господ грижата не ја создал. Загриженоста не ја претставува онаа болка која не избавува, која Господ ни ја испраќа и дозволува да ја преживееме. Загриженоста е мачна состојба која самите себе сме си ја смислиле со која пред време старееме, се уништуваме себеси и другите. Пробај-натерај го својот ум да работи, задржи ги своите фантазии, тие се виновни за сите сценарија кои ги измислуваш, сликајќи во својата глава настани кои се уште не се случиле. Се ова ни се случува бидејќи немаме вистинска вера. Ако имаме вистинска вера, ако навистина веруваш во Бога, тогаш нема да те мачи грижата за она што може да се случи утре или задутре. Господ ни дава само она што можеме да поднесеме и не сака во нас да создава загриженост.
Ако секој ден што го проживуваш те приближува кон Бога, тогаш било што да се случува, нека се случува. Ако нашата душа стане толку гипка за да можеме без вознемирување да ги менуваме своите планови, своите одлуки, тогаш ќе научиме дека што и да се случува треба го да прифатиме спокојно велејќи си: одлично, тоа Господ ми го испрати, сакав едно, но Господ ми даде друго. Значи дека така Му било угодно на Бога.
Кога е потребно, ти побрзај, а потоа биди спокоен. Не е работата во тоа дали се брзаш или не, но важно е да се погрижиш тоа брзање да не стане дел од двојата душа. И во манастир, на Света Гора, кога доаѓаат официјални гости, или е некој празник и се очекуваат многу луѓе, монасите многу работат, тие се постојано во некое движење, брзаат, но нивната душа е спокојна, таа никаде не брза, таа стои пред Господ. Тие постојано се молат: Господи Исусе Христе, помилуј ме. На пример, некои луѓе излегуваат од храм пред крајот на литургијата за да можат да направат се што испланирале да направат за тој ден. Тоа не е правилно. Живеејќи заеднички живот со Црквата ќе научиш да успееш во се, Господ ќе ти даде ритам на твојот живот и тогаш се ќе се случува во свое време, а ти ќе успееш во се, ќе се чуваствуваш спокојно и Божјиот благослов ќе биде на сите твои дела.
Навистина постојат луѓе кои особено силно го преживуваат она што се случува околу нив и себе се чувствуваат одговорни за тоа. Кај нив многу е развиено чувството на вина и многу им е тешко да го сочуваат мирот во душата. Што и да се случува, нив ги фаќа паника, сакајќи го тоа или не. Оваа карактеристика за себе личноста треба да ја знае зошто тогаш може да научи да управува со загриженоста, да ја контролира за да не се мачи ниту себе ниту другите.
Господ се грижи за нас бидејќи ние сме Негово создание, создание на Неговата љубов, Неговото срце. А ние живееме како да Го немаме Бога, како да Го немаме Небесниот Отец, како Христос да не постои, како да не е во секој од нас. Секој момент ние забораваме на заклетвата со која Он нам ни се заколна. Господ вели: Може да дојде време мајката да заборави на своите деца, но Јас никогаш нема да заборавам, никогаш нема да те оставам во време на болест, на болничка постела, во инвалидска количка, ќе бидам со тебе во она што те загрижува, во сите твои неволји, во сиромаштво и во тага ќе бидам со тебе, ти ветувам. Он тоа го рекол на крстот и го потпишал тоа со Својата крв.
Значи, твојот живот не е случајност, не си препуштен на милост или немилост на судбината, Бог внимава на тебе и ти говори: Ти дадов живот, зарем нема да ти дадам се што ти е неопходно за живот и да те оставам. Ти дадов тело-зарем нема да се погрижам за него, за храна, вода, облека, твој дом, за се што е неопходно. Зошто тогаш ти го дадов телото? Зошто ти ја дадов душата? Зарем те ставив на оваа планета за да те мачам? Секако не. Погледни во Голгота, погледни во моето лице, погледни во моите очи, за да разбереш дека Јас те љубам. А ти цело време од нешто се плашиш, постојано си вознемирен. Ти дадов толку многу докази за мојата љубов, а ти си слеп. Твоите очи не гледаат ништо.
Тоа е така бидејќи теоретски ние веруваме дека Бог постои, нешто знаеме и говориме за тоа, но не ја доживуваме верата како доверба. Да се довериш себеси значи да се дадеш целиот, без страв, потполно. Треба да научиме да живееме со чувство на Божјата присутност во својот живот, односно постепено ова чувство ќе ја истера болната загриженост од душата. Ако успееме да ја почувствуваме Божјата љубов, ќе видиме дека сите проблеми ќе исчезнат, ќе се смириме, нашата душа ќе се избави од бесконечниот стрес, напнатоста, тешкотиите кои всушност и не постојат. Ние сме угушени со својата логика, со својот национализам, се потпираме само на своите сили и интелектот на своите способности, парите и пријателствата, а многу малку веруваме во Бога.
Администрација на МВПЦ

This entry was posted in Поуки. Bookmark the permalink.

Comments are closed.