АРХИЕПИСКОП ЈОВАН ХАЏИ

IMG_20190427_145757
МИЛИ БРАЌА И СЕСТРИ ВО ХРИСТА,ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ
Секое утро кога излегувам во дворот слушам како славеите пеат, а нивната прексрасна песна се слуша надалеку, толку далеку што верувам дека достига до Небесните висини. Колку овие мали птици Бог ги дарувал со таква дарба да кога пеат се слуша прекрасна мелодија која ми се чини дека наликува на онаа која постојано Серафимите и Херувимите ја пеат пред Бога величајќи ја Неговата слава во век и векови. Тие мали птици постојано Му се заблагодаруваат на Бога за светлината која Он ни ја дава, за сонцето кое ги грее и праведните и грешните, за дождот кој ја натопува земјата и ја оплодува почвата за на неа да израснат нови плодови кои се добри за сите жители на овој свет, птици, животни и луѓе. Таа светлина ја препознаваат птиците и се радуваат и Го слават Бога во целото нивно постоење на земјата од нивното создавање. Тие треба да ни бидат потсетници дека ние луѓето, од преголеми грижи и проблеми кои си ги создаваме самите, или пак некои други ни ги создаваат, забораваме на Бога, забораваме дека треба секое утро, како и птиците, да се радуваме на денот, на светлината која Он ни ја дава, да Му пееме благодарствени песни и да ја славиме Неговата моќ во век и векови. Во евангелието на светиот апостол Јован вели:
„Оти Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него. Кој верува во Него – нема да биде суден, а кој не верува, тој е веќе осуден, оти не поверувал во името на Единородниот Син Божји. А овој суд е затоа што Светлината дојде на светот, но на луѓето им омиле повеќе темнината отколку светлината, оти нивните дела беа лоши. Зашто секој, што прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат осудени неговите дела, оти се лукави. А оној што твори вистина, оди кон светлината, за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бога извршени.”(глава 3, 17-21)
Овие птици не прават зли дела зошто тие одат по светлината која Бог ни ја дал, тие нема што да кријат, нивните дела се добри. Но, зошто некои луѓе ја засакаа темнината, дали нивните дела се толку лоши па се кријат од луѓето, но Бог се гледа, Он се знае, Он ја знае секоја наша помисла и дело. Па како тогаш може да се засака темнината и да правиме лоши дела во неа, за да ги скриеме од другите луѓе. Затоа што тие се оддалечиле од Бога и Неговите заповеди или едноставно го негираат Неговото постоење, постоењето на нашиот Творец, создателот на се она што можеме или не можеме да видиме.
Но нашата мајка Црквата, Онаа која оди и ги спроведува Божјите закони и заповеди не учи дека не треба да се оддалечуваме од нашиот Творец, преку воспоставување на празници преку кои не потсетува на настани кои се случиле во минатото. Така и сега, во изминативе неколку недели, се подготвувавме за најголемиот православен празник Христово Воскресение кое во суштина е и најсветлиот празник од сите празници зошто Господ Христос ни ја објави веста за нашето спасение, вознесение и вечен живот.
Мили браќа и сестри во Христа, бидете како славеите и славете ја светлината која Господ Христос ни ја донесе на земјата, славете Го името Негово, верувајте во Неговото Воскресение и нашето вечно спасение.
И на крај сите вас да ве поздравам, величајќи го Господа, а и вие меѓу себе поздравувајте се, со зборовите:
ВАИСТИНУ ВОСКРЕСЕ
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!!!
ВИСТИНА ВОСКРЕСЕ!!!
Архиепископ
††† Јован-Хаџи

This entry was posted in Архиепископ. Bookmark the permalink.

Comments are closed.