ЗА МОЛИТВАТА ПРВ ДЕЛ

starec-nikon1
старец Никон Светогорец
Денешната наша тема е за молитвата. Бидејќи молитвата, сите знаеме, не очекуваме да ја научиме сега, овде ќе изложиме неколку нешта по еден редослед, за да запомниме подобро. Има два вида на молитва – заедничка и лична. Заедничката молитва е онаа која ја правиме сите заедно во црква, во храмовите, каде што има потреба. Личната молитва е онаа која може секој да ја извршува секогаш и секаде. Оваа молитва има одредени услови (часови) и одреден простор за извршување. Личната молитва може да се врши секогаш и секаде. Првообраз за оваа тема ќе ни биде нашиот Господ Исус Христос. Како и во сѐ ќе го имаме Него за пример. Бидејќи гледаме дека Он извршуваше и заедничка молитва, одеше во храмот, ги запазуваше часовите на собирање во храмот, но кажуваше и лична молитва.
Молитвата е една голема тајна. Врз оваа тајна се базираат сите други таинства. Како се извршува венчавката, крштевањето – нема ли да се помоли свештеникот? Нема ли свештеникот да каже некоја молитва за да се изврши крштевањето, миропомазанието, венчавката, свештенството? Сѐ, ама баш сѐ, целиот живот на Црквата се базира врз молитвата. Толку е значајна што, некој од отците на Црквата рече дека „подобро да запре дишењето, отколку молитвата“. Подобро да престанеш со дишење, отколку со молитвата. На молитва не може да нѐ научи некој друг. Зборуваме за личната молитва. Никој не може да ти каже како да се молиш. Тоа го учиш сам. Никој не може да те научи на тоа, како што никој не те учи како да гледаш. Никој не те научил како да слушаш. Самиот лично го учиш тоа. Ако ти каже некој како да се молиш, како што правиме сега, тоа е едноставно само еден поттик за да почнеме да ја живееме молитвата. И од прва рака ќе научиме како треба да се молиме.
Сите добродетели нѐ подготвуваат за да се соединиме со Бога. Тоа е целта на нашиот живот – единство со Бога или обожение, како што велат богословите. Сите добродетели. Со молитвата се случува нешто друго, страшно. Молитвата е таа што нѐ соединува. Не нѐ подготвува, бидејќи таа нѐ соединува. Затоа, пред да се сретнеме со Бога, ќе треба да бидеме подготвени. Ќе треба да научиме како да стоиме. Тоа не е нешто безначајно, молитвата не е само нешто духовно, тоа е претпоставка на душата – не. Еден многу образован човек ми велеше, какво значење има тоа, како седиме? Какво значење има, како стои душата? Она што не го знаеме, а го вели еден светител на Црквата е, дека „душата се сообразува со телото“. Душата го зема ставот на телото. Не можеме да седиме во поза на лотос, како што прават Хиндуистите, и да велиме „Господи Исусе Христе, помилуј ме“. Не. Ќе седнеме со прекрстени раце, ќе се прекрстиме, и ќе се молиме. И телото треба да научи да се моли, а не само душата. На ова да си спомнуваме за да можеме да го користиме, на пример, кога немаме расположение за молитва. Може да сме уморни, да сме западнале во недејственост (мрзливост), или влегол лукавиот кој ни внесува досада, тага, духовна суша. Што ќе правиме тогаш, кога немаме расположение за молитва? Ќе се прекрстиме, ќе кажеме „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, ќе клекнеме и ќе направиме една метанија, па ќе се исправиме. Повторно ќе се прекрстиме, ќе кажеме „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, ќе клекнеме и ќе направиме една метанија, па ќе се исправиме. И телото ќе ја поведе душата. И душата ќе почне да прави метании. И душата ќе почне да паѓа и да станува заедно со телото. Поради ова да се подготвуваме да стоиме правилно.
Тоа е прво. Но пред да почнеме да се молиме, да заборавиме сѐ што ни направиле. Ако за време на молитвата си спомнуваме на некој кој нѐ натажил, нашата молитва ќе пропадне. Да немаме злопамтење. Секој ден да сме без злопамтење, особено за време на молитвата. Знаете што вели Светото Писмо: Оној кој злопамети, се убива себеси. Затоа, да заборавиме сѐ што ни имаат направено. Еден отец на Црквата вели „семе врз камен е молитвата на злопамтивиот“. Колку што ќе никне семето врз камен, толку ќе се вкорени, и ќе порасне и ќе даде плодови и молитвата на оној кој има злопамтење. Што велиме во Отче наш: Остави ни ги нашите долгови, како што им простуваме и ние на нашите должници. Знаеме ли што велиме? Прости ни, како што проштеваме и ние. Тешко нас! Затоа е толку важно она што го рековме за нашата подготовка, прво, да се научиме како да стоиме правилно, и второ, да го заборавиме секое зло што ни го направиле, и потоа ќе започнеме со нашата молитва.
На три нешта да внимаваме. Да почнеме секогаш со благодарење. Пред сѐ да Му благодариме на Бога. Пред да направиме било што, пред да кажеме било што, најпрво да Му благодариме на Бога. Зошто да Му благодариме со сето она што се случува, со сето она што го тргаме, со сите страдања, болести, зошто, имаме ли нешто за да Му заблагодариме? Ајде размислете. Обично го гледаме она што ни недостасува и добро правиме, за да се бориме да го стекнеме. Но, сме размислиле ли, колку нешта веќе имаме за кои треба да Му благодариме на Бога? Кога бев студент, слушнав дека овде, во Солун, во училиштето за слепи, имаат потреба од студенти, за да им читаат, бидејќи се приближуваше времето за испити. Тие беа слепи и имаа потреба од помош. Си реков, ајде, јас ќе одам. Отидов, и управничката на школото ми кажа на што да внимавам со детето, на коешто требаше да му читам, тоа беше едно 17-годишно дете, препаметно, кое беше ослепело пред една година, на 16 години, и учителката ми вели, тоа не може да прифати дека никогаш во животот нема да прогледа. Отидов, се сретнав со детето, се поздравивме, позборувавме малку, и почнав да му читам, Хемија. Мене хемија и математика никогаш не ми одеа добро. Читав, и во еден миг застанав и му реков: Го разбираш ти ова што ти го читам? Да, да, горе-долу. Продолжив да читам, и по малку, бидејќи не разбирав ништо од она што го читав, му велам пак: Го разбираш ова? Тој ми вели: Да, да, не е тоа ништо. Завршив со лекцијата, се поздравивме. Едно многу талентирано дете, препаметно, и излегувам во дворот за да си одам, и таму доживеав шок, таков шок што ќе го памтам додека сум жив. Две групи слепи деца играа фудбал. Како ја гледаа топката? Слеп едниот голман, слеп и другиот голман. Како ја гледаа топката? Беа ставиле во топката едно ѕвонче. Кога ќе ја шутнеа, голманот го слушаше ѕвонењето, и знаеше дали е блиску или далеку. И така ќе ја фрлеше, сите викаа, се слушаше ѕвончето, и успеваа. Си реков: де застани малку. Зошто јас да гледам? Зошто ние да гледаме, толку ли сме ние добродетелни, што ни даде Бог очи за да гледаме? Колку добродетели имаме, ние си знаеме… Толку ли гревови имаа овие деца, та беа слепи? Се разбира, не, бидејќи голем дел од нив беа родени слепи. Зошто Бог ни даде очи, ни должеше ли Он нешто? Кажавме ли некогаш, „фала Ти, Господи, што гледам“! Зошто да гледаме, не можеше ли и ние да се родиме слепи? Зошто Бог ни го даде тој дар, не сторивме ништо. Се родивме гледајќи, не научивме. За тоа што можеме да гледаме, сме кажале ли некогаш благодарам?
Во една друга прилика отидов во школото за слепи. Таму ја најдов директорката, една жена херој, бидејќи државата ги остави училиштата, како и многу други значајни нешта, државата има пари за друго, а за ова како и секогаш нема пари, па затоа оваа жена мораше самата да чисти, да џогира, да ги брише тоалетите… Оваа жена ни објасни дека овие деца, глувонемите, не се неми, би можеле да зборуваат, но не зборуваат затоа што се глуви, не знаат дека постојат звуци кои излегуваат од нашата уста. И потоа ни објасни како успеваат да им покажат на децата дека постојат звуци кои ги испуштаме ние од устата. Повика едно малечко, шестгодишно детенце, му ја зеде раката, и му ја стави едната страна од раката под нејзиното грло. Другата рака му ја стави под неговото грло. И детето почна зачудено да ја гледа госпоѓата. Таа ја отвори устата и кажа „А“. Детето ја погледна. Таа пак повтори. Конечно детето ја сфати, бидејќи овие деца се паметни, дека таа бара од него да го повтори истото што го прави и таа, секогаш кога ја отвора устата. Госпоѓата се разочара, не беше тоа она што го бараше. Пак ја отвори устата. Детето сфати дека кога таа ја отвора устата, на нејзиното грло се чувствува треперење, и сфати дека таа бара од него, и тој да произведе такво треперење во неговото грло. Ја отвораше устата, пробуваше, пробуваше, и во еден миг кажа „А“. Првото „А“ во неговиот живот. Успеа да го постигне треперењето во грлото, како што бараше госпоѓата. Го прегрнуваше, го бакнуваше, му даваше чоколади, бонбони, а тоа трчаше со радост викајќи „а-а-а-а-а“, ја беше научило буквата „А“. Потоа требаше да ја научи „о, е“. Не можете да замислите – ни рече госпоѓата – колку е тешко да ги научиме да прават разлика меѓу „г“ и „х“, „д“ и „т“. Колку е убаво што ме слушате. Колку е убаво што слушаме музика, кога можеме да комуницираме со пријателите, да зборуваме, колку убавина и топлина во животот. Сте се запрашале ли некогаш, зошто Бог ни дал слух? Ни должеше нешто? Не можеше ли и ние да бидеме едно од овие деца? Што направивме за да се удостоиме за овој дар Божји? Му кажавме ли некогаш, „Ти благодарам, Господи, што слушам“? „Ти благодарам што зборувам“. Не! Како Он да беше должен тоа да го направи. Повторно, кога бев студент гледав еден филм, кој покажуваше колку е трагичен животот во други места на светот, покажуваше кошмарни моменти. Филмот предизвика шок, имаше голем успех, но сценаристите беа уапсени и ставени во затвор, затоа што покажаа страшни работи. Во еден момент, јас доживеав шок од филмот поради една сцена. Немаше ништо страшно. Тоа беше гранка од еден кактус. Во неа спровираа едно цевче и во него имаше 3-4 капки течност, а во длабочината гледаме дека тоа е пустина со многу кактуси. Како што го спровираа во кактусот, така се лизгаа капките во конзерва. Потоа гледаме една африканка со конзерва и сценариото вели: ете вака, капка по капка, собираат вода од секој кактус за да може семејството да пие вода. И потоа таа оди уште десетици метри, за да најде нов кактус, па и од него да извади неколку капки вода. Додека сум жив, никогаш нема да го заборавам тоа, секогаш кога пијам една чаша вода, се сеќавам на таа жена. Колку пат требаше да помине таа жена, натоварена, измачена, по жештината, за да собере не половина, туку цела една чаша вода, што јас ја имам? Зошто е тоа така? Толку е грешна таа жена што толку се мачи за да добие една чаша вода? А јас толку ли сум свет што во секое време имам една чаша вода? Кога сме кажале „благодарам“ за она што го имаме?
Видете. Апостолот Павле вели, благодарете во сѐ. Значи ни вели, благодарете и за несреќите што нѐ снаоѓаат. Во сѐ благодарете. Пропаднавме дотолку што не Му благодариме на Бога дури ни за Неговите дарови и си замислуваме дека сме христијани, и тоа добри христијани. Да гледаме што ни недостасува и да се трудиме да го добиеме, но да Му благодариме и за она што веќе го имаме. Бог, оние кои Му благодарат, благодарните, ги привлекува кон Себе, кон Својата љубов, им го дава она што го бараат. На благодарниот човек Бог веднаш му го дава она што го бара од Него. Бидејќи Бог знае, дека таквиот нема никогаш да се оддалечи од Него. На неблагодарниот, на оној кој не знае да вели „Слава Ти, Боже“, кој не научил да благодари за даровите кои ги добил, Бог бавно ги исполнува неговите молитви. Значи, неблагодарниот се моли, се моли, долго време, а Бог бавно му ги услишува молитвите. Намерно го прави тоа за да го задржи што е можно повеќе во своја близина. Сакаме ли да нѐ услиша Бог? Да започнеме со „Слава Ти, Боже“ за тоа што слушам, за тоа што гледам, што имам куќа, што имам облека, што имам кревет за спиење, што имам пријатели, што зборувам, што слушам, и потоа ќе отидеме на второто ниво на молитвата – исповедта. Да ги исповедаме нашите гревови. Бог ги знае, но да ги осознаеме и ние. Бидејќи ни се допаѓа да ги забораваме нештата што сме ги направиле. Секогаш се гледаме себеси подобри отколку што сме и затоа не ги примаме критиките од другите. Значи, после благодарењето – исповедање, па дури после молби (барања). Дури после да велиме, дај ми, Боже, ова, она… помогни ми да успеам во ова, да го стекнам тоа и тоа… Самиот Христос нѐ поттикнува на тоа, „барајте и ќе добиете“, вели, не е ништо лошо, Бог нѐ поттикнува на ова, но ни кажува и на кој начин да бараме, на кој начин да се молиме. Прво, да имаме предвид дека треба да се молиме и за другите. Да не велиме, „кој сум јас та да се молам за другите, јас имам потреба од молитвите на другите за мене“. На друго место така да викаме, со тоа лажно смирение. Да се молиме за другите, како што бараме и ние од другите да се молат за нас. Секогаш да си спомнувате на тоа, кога апостолот Петар беше во затвор, во која куќа имало долги молитви за него. Сите се молеле во своите домови. На чудесен начин апостолот Петар бил ослободен од затворот со помош на ангелот, отишол во една куќа, тропнал на вратата, излегла слугинката, прашала „кој е?“, а тој ѝ одговара „јас сум, Петар“. А таа од радост не му ни отвора, го остава пред врата и истрчува горе викајќи „Петар е, Петар е“. Еден апостол – чудотворец имал потреба од молитвите на една слугинка. Зарем немаме ние потреба од молитвите на други луѓе? И ние ќе се молиме за другите, но и од другите ќе бараме да се молат за нас.

ЗА МОЛИТВАТА ДЕЛ ВТОР
Старец Никон Светогорец

nikon
…Тоа е еден вид на милостина.Човекот не е само тело, има и душа и тело. Не постои само материјална милостина, телесна милостина. Но кога Христос вели, „блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани“, не мисли на парите кои ќе ги дадеш некому, и облеката и храната, не само тоа, не е само тоа милостина. Како тогаш многумина станаа свети, кои се подвизуваа во пештери и планини? Каква милостина даде Марија Египетска? Ќе ви кажам јас. – Молитва. Оваа духовна милостина, она што го направи семејството за апостолот Петар. И колку е повозвишена душата од телото, толку е повозвишена духовната милостина од материјалната. Зборуваш со некого, се крева тензија, се гневи, тогаш повлечи се, не му се давај на демонот на гневот, повлечи се, дури и да си во право, утре, задутре ќе му го кажеш твојот став, а сега повлечи се, направи една милостина, помилувај ја неговата душа. Од друга страна, имајте предвид колку е повозвишена душата од телото, толку и духовните гревови се потешки од телесните.
Да се молиме со доверба, со трпение и со упорност. Да знаете дека она што брзо го стекнуваме, брзо и го губиме. Она што го стекнуваме со труд, останува. Старечникот раскажува за авва Амон, дека се молел 14 години, да му ја одземе Бог страста на гневот. Многу се лутел. Четиринаесет години се молел! Не една недела, не еден месец или една година, туку цели четиринаесет години. Така да се молиме, со трпение и ќе останеме близу до Бога. Со молитвата ќе останеме близу до Бога. И како што се зближува тело со тело, и кога се зближуваат се зголемува топлината, срцето чука посилно, едното тело почнува да чувствува поголема љубов кон другото, се соединуваат и двете стануваат едно, истото се случува и со душата, така се соединува дух со дух. Колку што душата се приближува кон Бога, толку поголема радост чувствува, толку поголема среќа, што никој не може да ја опише, ако не ја доживеал. Затоа еден светител користи еден страшен збор за молитвата: општење (συνουσια), соединување на душата со Бога, стануваат една суштина душата и Бог. Затоа духовните гревови се толку тешки. Кога правиме нешто што го сака ѓаволот, тоа значи дека веќе сме се приближиле до него. Или, пак, како дух сме се приближиле до некој зол дух. И на крајот, знаете што правиме? Ова јасно го истакнува Светото Писмо. Еден пророк се молел, Бог да ги ослободи Израилците бидејќи паднале во ропство на непријателите. И Бог му вели: Ве казнив, затоа што згрешивте. А каков грев направиле? Блудствувале. Е како може цел народ да блудствува? Па се прилепиле за туѓи божества. Духовен блуд за еден христијанин е да чита хиндуистички книги, да чита будистички книги, за да најде во нив начини на спасение. Блудствува со ѓаволот. Неговата душа, неговиот дух се соединува со злиот дух. И овој духовен блуд е поголем од телесниот блуд. Многу телесни блудници се покајале и се спасиле. Но оние кои блудствуваат на таков духовен начин, знаете колку тешко се освестуваат за да разберат дека прават нешто лошо? Од љубопитство читајте и други книги, да видите во што и како веруваат, за да добиете знаење, но не за да најдете начини за спасение. Тешко на оној кој ја напушта Црквата за да оди во црквата на ѓаволот. Знае што остава и каде оди. За оние кои се родени хиндуисти и будисти Бог ќе најде начин и оправдување за да ги спаси, но за христијанинот кој вели „сакам да ме погребате без свештеник“ – нема спасение. Бидејќи тој знае што остава. За христининот кој вели „зен е патот на спасението“ – нема спасение. Бидејќи, единствениот пат кој го знаеме е Христос. Не е само Вистина, туку и Пат. Во животот имаме и вистина и пат.
Значи да научиме да се молиме. Со доверба и трпение. Бог нѐ слуша, Богородица нѐ слуша, светителите нѐ слушаат. На Света Гора има една чудотворна икона која се нарекува Богородица Брзопослушничка. Тој термин означува дека Богородица брзо нѐ услишува, а не дека ни е нам послушничка. Тебе ли ќе ти биде послушна? Што си ѝ ти, старец? Па и правило ли ќе ѝ дадеш? Кој си ти, тебе да те слуша? Да внимаваме што зборуваме. Значи, нѐ слуша брзо, ни помага брзо, сакаме и се радуваме што брзо нѐ услишува. Богородица не ни е послушна, ниту Бог, бидејќи често пати не знаеме што бараме. Опасно е за нас Богородица да ни биде Брза послушничка. А спасително е за нас да ја нарекуваме скора услишателка.
Бев надвор од државата, во еден голем град, и една гркинка, чиј што маж беше тешко болен од рак, и беше во болница, дозна дека сум таму, стапи во контакт со мене, и покрај големата болка, ми раскажа еден страшен настан. Да го бараме она што ни треба, бидејќи Христос тоа ни го дозволи, но и да го оставиме тоа во Негови раце, да го оставиме на Неговиот суд. Има еден манастир во Грција, не сум бил никогаш таму, не знам како е таму, а пред неколку години стана познат низ цела Грција, сите весници пишуваа за него, бидејќи се покажа нераспаднат еден монах, еден јеромонах отец Висарион. И жената ми вели, отец Висарион ми беше духовник, тој јеромонахот, и навистина беше свет човек. Често пати одев во манастирот, а таму имаше една икона на Пресвета Богородица чудотворна. И многумина се молеа таму на Пресвета Богородица. Добро е и ние да отидеме таму на поклонение. И еден ден – ми вели – што претрпев, колку пострадав, не можете да замислите. Гледам една жена клекната на колена пред Богородица како вели: Исцели ми го детето, исцели ми го детето. Немам друго дете, исцели ми го. Дете од 12 години имаше рак со метастази низ целото тело. А мајката клекната пред Богородица се молеше и се удираше. Исцели ми го детето, исцели ми го детето! Немам друго дете. Не успеа да се наживее. 12 години има детето, Богородице, ништо нема видено. Те преколнувам да ми го исцелиш детето. А јас плачев постојано од солзите на таа мајка. Но го гледам отец Висарион како ја ниша главата, некако незадоволен и загрижен. Помина некое време, години, па по 8 години или 9, – не се сеќавам колку ми кажа жената, – повторно отидов кај духовникот, кај отец Висарион, во манастирот Агатонос, и тој држеше еден весник во рацете. И ми вели: Се сеќаваш ли на чудото што го направи Богородица за едно семејство? Се случи чудо, ракот кој беше раширен низ целото тело, исчезна потполно. Се сеќаваш на таа жена? Па зар би можела да ја заборавам, му реков. Ќе ја паметам додека сум жива. Да, вели отец Висарион, прочитај во весникот. Момчето кое тогаш имало 20-21 година, се запознало со некоја девојка 16-17 годишна, па нешто не им одело добро, па тоа земало еден пиштол, па ја убило девојката, својот татко, и својата мајка која толку плачела и се молела за тоа да оздрави, и на крајот се самоубило. Зарем не ќе беше подобро тоа дете да умре на 12 години? Дали е добро Богородица секогаш брзо да нѐ слуша? Каде е сега тоа дете? Каде се сега тие родители? Внимавајте, не велам да не се молите за оздравување на вашите деца, или, дека, ако се исцели вашето дете дека потоа ќе ве убие. Друго сакам да ви кажам, не знаеме што е наш интерес за да го бараме тоа од Бога. Да бидеме настојчиви, упорни, да се молиме со трпение. Христос тоа ни го кажа во Евангелието, со примерот на жената која постојано тропала и барала милостина, и најпосле домаќинот рекол, аман, дајте ѝ милостина и нека престане да тропа. Треба да бидеме упорни во молитвата, но како што кажав на почетокот, пример да ни биде Христос, да се молиме како Христос. И Христос клекнуваше, течеше крв и пот, земи ја од мене оваа чаша, не сакам да ја пијам. Тоа е една молба. Да му кажуваме на Бог што сакаме, но не како јас што сакам, туку како Ти што сакаш. Бидејќи не знаеме дали е секогаш добро она што го бараме. Ние го гледаме како добро, но дали е секогаш добро? Ќе заврши ли добро? Гледаме едно девојче, сакаме да се ожениме, да се помолиме, Господи, покажи ми дали е добра девојка, Богородице, помогни ми да создадам семејство со оваа девојка, ми се чини дека е добра девојка. Но, да додадеме, „ако е по Твоја волја“. Добра е оваа девојка, побожна е и добра, помогни ми да создадам семејство со неа, но да додадеме „ако е по Твоја волја, ако е тоа за мое добро“. Мене ми се чини добра, но што ако по неколку години ме убие на спиење? Не би било ли подобро да не се женам? Слеп ли сум бил кога сум се женел? Да се молиме, но да имаме и доверба во Бога. Не можеме да се сакаме себеси толку, колку што нас нѐ љуби Бог и Богородица. Колку и да се љубиме себеси или другите. Живееме и умираме за себе, а Христос ја пролеа Својата крв за нас. Можно ли е Он да допушти нешто лошо за нас? Не знаеме што нѐ чека утре, но знаеме кој е Тој кој ќе ни го донесе утрото. Затоа, Боже мој, помогни ми, да успеам во оваа работа, добра работа е, испити, натпревари – помогни ми да успеам, но ако е по Твоја волја. Не знаеме што ќе се случи по пет години во таа работа, и ќе велиме, подобро да не се најдев тука. Затоа вели Светото Писмо: Постојат патишта кои изгледаат убави, а на крајот те очекува смрт. Подобро да не тргнеш по нив. Тоа се едноставни работи. Затоа добро е да си спомнуваме на ова.
Значи, рековме: 1. Благодарност; 2. Исповед; 3. Молби со доверба и упорност, бидејќи сѐ уште не сме научиле како да се молиме. И не само што не знаеме што зборуваме, туку и погрешно се молиме, Самиот Господ ни вели: „Барате и не добивате, зашто зло барате“ (Јаков 4, 3). Не добивате, зашто не се молите правилно. Молитвата може да биде и грешна, зарем ќе дојдеме до тој степен да грешиме со молитвата? Да, се случува и тоа. Самиот Христос тоа ни го кажува: Фарисејот, зарем не се молеше? Од неговата молитва се огреши. Не беше добродетелен? Добродетели имаше, го запазуваше законот, даваше милостина, и од толку добродетели му никнаа рогови. Бидејќи и ѓаволот си има добродетели. Ти благодарам, Боже мој. Правам добрини, помагам на луѓе, ваму, таму – еве ти гордост. Не ги осудуваше фарисејот тие што не ги гледа, ама го осуди оној што беше до него со наведната глава. А што велеше другиот? „Господи, прости ми мене грешниот“. И не ја подигаше својата глава. Едниот се огреши преку молитвата,а другиот се спаси преку молитвата. Затоа велиме, да внимаваме на овие нешта и да се молиме правилно, бидејќи ѓаволот гледа сѐ да оскверни, се труди да не направиме ништо добро. И кога ќе направиме нешто добро, гледа да нѐ извалка, да не излезе добро. И да не се збунуваме, Самиот Христос рече: „Кога се молите, не говорете многу“ (Мат. 6,7). Отците велат, малкуте зборови го испратија митникот во рајот, беше спасен. Два збора кажа разбојникот на Крстот, и отиде во рајот. „Многуте зборови се сиромаштија“ – нели и ние така велиме. Затоа отците внимаваа на нешто, дека не постои име како името на Христос. Тоа е јасно во Светото Писмо. Со името Христово прогонуваа бесови (Марко 16,17). „Во името на Исуса да ги преклони колената на сè што е небесно, земно и подземно“ (Филип. 2,10). И луѓето и ангелите и демоните ќе паднат на колена пред името на Христос. Не нѐ спасува тоа што веруваме во Бог. Што значи тоа да веруваш во Бог? Па сите веруваат. Нема да нѐ спаси верата во Бог, туку ќе нѐ спаси верата дека Христос е Бог. Христос е Бог, тоа нѐ спасува. Затоа велиме, „со Твоето име се именуваме, и друг бог не познаваме“. Не знаеме друг бог. Го знаеме само нашиот Бог Исус Христос, ниту еден друг. За ова отците имаат кажано нешто убаво: Кога Давид излезе да се бори со Голијат, му дадоа оружја, меч, штит, а тој бидејќи беше малечок, не можеше да се движи со сето тоа. „Не можам да се борам со ова“. Извадил сѐ и го фрлил настрана. И зеде пет камења од пред себе и уште со првиот го усмрти Голијата. И отците се сетија на нешто што го има кажано апостолот: „Подобро да кажам пет разбирливи зборови“ (1.Кор. 14,19), и отците велат, е ова се тие пет зборови, ова се тие пет камења кои ги зеде Давид. Можеби апостолот Павле не зборуваше за ова буквално, но држи место. Тоа се: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“. Ова се петте зборови. Го нарекуваш Исуса Господ. Она што ѓаволот го убедува целиот свет да не го прави. Го љубиш Христа? Љуби Го. Му се восхитуваш? Восхитувај се. Го почитуваш? Почитувај Го. Како еден голем мислител, философ, поет, но не како Господ. Кога се одржуваа меѓуверски собори, ни велеа да не го кажуваме името на Христос, за да не се соблазнеле другите. Колку трепери ѓаволот од тоа име? Од тоа се плаши, со тоа ќе го победиме. Од тоа се плаши? Со тоа ќе го удираме. Зошто е страшна оваа молитва, реков, затоа што го нарекуваш Христа – Господ, и потоа велиш „помилуј ме“. Значи, се смируваш (понижуваш). Кој бара милостина? Просјакот. Си станал просјак, си се смирил? Си го победил ѓаволот. Смирението е негова спротивност. Тој зошто стана ѓавол? Не направи блуд, нема тело за да блудствува, не уби никого, па и кого да убие? Но поради неговата гордост отпадна од престолот на Севишниот, со последиците кои следеа. И сега, за да ни покаже Христос, спротивниот пат кој треба да го следиме за да се спасиме, го затвори небото, и Самиот слезе и се смири и стана човек, за да ни покаже како и ние со смирението да стигнеме до Бога. Затоа еден отец вели, „смирението е одежда на божеството, облеката која ја носи Бог“. Господи Исусе Христе, помилуј ме; Господи Исусе Христе, помилуј ме – се смируваш. Затоа ѓаволот ќе те остави да ги правиш сите добрини, дури и ќе ти помогне, но никогаш нема да те остави да правиш две нешта. Сакаш да правиш милостина? Ќе ти помогне тој. Сакаш да градиш цркви? Тој ќе ти помогне. Не е лошо да даваш милостина и да градиш цркви, но тој ќе ти помогне. Зошто? Сакаш да постиш? Не што не ти забранува, туку и ти помага. Зошто? Затоа што знае дека правејќи го сето тоа, може да паднеш во гордост. Ете постам, правам милостина, имам девство – но зарем и ѓаволот не е девствен? Не само што ѓаволот не ти пречи да го правиш сето тоа, туку и ти помага, за потоа да те фрли во гордост. Затоа никогаш нема да те остави да направиш две нешта: Да велиш, „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, и да одиш да се исповедаш, бидејќи и од обете се раѓа смирението. Затоа не можеме да се спасуваме надвор од Црквата, надвор од животот на Црквата, надвор од таинствата на Црквата. Започни и оди да се исповедаш. Уште пред да ги исповедаш гревовите, уште пред да ти прочита свештеникот разрешителна молитва, веќе си му ги пресекол нозете на ѓаволот. Овој чекор покажува дека сакаш да бидеш со Христос, а не со ѓаволот. Со прости нешта ќе одиме во рајот. Со прости нешта ќе одиме во пеколот. Сакаме да се спасиме, да го покажеме тоа на дело. Да бидеме послушни на она што го вели Црквата. Знаете што вели Светото Писмо, кога зборува за малиот Христос? ѝ беше послушен. Размислете малку. Бог беше послушен. Христос кога беше мало дете беше послушен на неговата мајка и на Јосиф, неговиот татко според законот. Послушен на Богородица и на Јосиф. Бог беше послушен на човек, а ние не можеме да бидеме? Не можеме да бидеме послушни на она што го вели Црквата? Да одиме да се исповедаме? Зошто тогаш чекаме да нѐ спаси? Не знаеме ли дека Бог на смирените им дава благодат, а на горделивите им се противи? Ако го имаш Бога за противник, кој друг би те спасил? Да не ги мешаме работите. Сѐ е едноставно, едноставно рече и Христос, дека едноставен е животот христијански затоа и лесно е нашето спасение. Само нашиот егоизам и нашата гордост од нашиот живот прават немирно море. Смао од нив страдаме, од ништо друго.
Превземено од https://crkvaveles.wordpress.com
превод од Грчки свештеник Јани

This entry was posted in Написи. Bookmark the permalink.

Comments are closed.