МОЛИТВИ КОН СВЕТИТЕ БОЖЈИ АРХАНГЕЛИ ЗА СЕКОЈ ДЕН ВО НЕДЕЛАТА

6117615577_9774cc3be0_b
ПОНЕДЕЛНИК: КОН СВЕТИОТ АРХАНГЕЛ МИХАИЛ
Свети Архангеле Божји Михаиле, отстрани го од мене со твојот молскавичен меч лукавиот дух кој ме искушува. О, велики архистратиже Божји Михаиле – поразителу на демоните! Порази ги и уништи ги сите мои непријатели, видливи и невидливи, и помоли Го Господа Седржителот да ме спаси и заштити од таги и секакви болести, од смртоносни рани и ненадејна смрт, сега, секогаш и во вечни векови. Амин.
ВТОРНИК: КОН СВЕТИОТ АРХАНГЕЛ ГАВРИЛ
Свети Архангеле Божји Гавриле, кој неизречена радост од Небесата на Пречистата Дева И донесе, исполни го со радост и веселба срцето мое со гордост исполнето. О, велики Архангеле Божји Гавриле, ти си И благовестил на Пречистата Дева Марија за зачнувањето на Божјиот Син. Објави ми и мене, грешниот, за денот на страшната смрт и помоли Го Господ Бог за мојата грешна душа, да ми ги прости сите мои гревови и да не дозволи злото да ме задржи на страшните митарства. О, велики Архангеле Гавриле! Сочувј ме од секакви неволји и тешки болести, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.
СРЕДА: КОН СВЕТИОТ АРХАНГЕЛ РАФАИЛ
О, велики Архангеле Божји Рафаиле, кој од Бога прими дар да исцелуваш болести, исцели ги неизлечивите рани на моето срце и многуте мои телесни болести. О, велики Архангеле Божји Рафаиле, ти си патеводител, лекар и исцелител; раководи ме кон спасение и исцели ги сите мои болести, душевни и телесни; поведи ме кај Престолот Божји и помоли ја добрината Негова за мојата грешна душа, Господ да ми ги прости гревовите мои и да ме заштити од сите мои непријатели и зли луѓе, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.
ЧЕТВРТОК: СВЕТИ АРХАНГЕЛ УРИИЛ
Свети Архангеле Божји Урииле, со Божествената Светлина осветлен и преобилно исполнет со оган на пламена љубов; запали искра на пламен оган во моето студено срце и осветли ја мојата темна душа со твојата светлина. О, велики Архангеле Божји Урииле, ти си блесок на Божествениот оган и просветител на помрачените од гревови; просвети го мојот ум, моето срце и мојата волја со силата на Светиот Дух, постави ме на патот на покајанието и помоли Го Господ Бог да ме избави од адот и од сите видливи и невидливи непријатели, сега и секогаш и во сите векови. Амин.
ПЕТОК: КОН СВЕТИОТ АРХАНГЕЛ СЕЛАФИИЛ
Свети Архангеле Божји Селафииле, дарувај ми молитва и мене кој ти се молам, научи ме на молитва смирена, скрушена, усрдна и умилна. О, велики Архангеле Божји Селафииле, ти се молиш на Бога за верните луѓе; помоли ја Неговата добрина и за мене, грешниот, да ме избави од сите неволји и искушенија, од болести, ненадејна смрт и од вечните маки, и да ме удостои со Царството Небесно, заедно со сите светители во вечните векови. Амин.
САБОТА: КОН СВЕТИОТ АРХАНГЕЛ ЈЕГУДИИЛ
Свети Архангеле Божји Јегудииле, секогашен помошнику на сите кои се подвизуваат на Христовиот пат, разбуди ме и мене од тешката мрзливост и укрепи ме со добар подвиг. О, велики Архангеле Божји Јегудииле, ти си ревносен заштитник на Славата Божја: ти будиш прославување на Светата Троица; разбуди ме и мене, мрзливиот, да Ги славам Отецот и Синот и Светиот Дух, и помоли Го Господа Седржителот да создаде во мене чисто срце и обнови прав дух во утробата моја за да ме утврди во Духот на Владиката за да се поклонувам со дух и вистина пред единиот вистински Бог – Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.
НЕДЕЛА: КОН СВЕТИОТ АРХАНГЕЛ ВАРАХИИЛ
Свети Архангеле Божји Варахииле, кој ни носиш благослови од Господа, благослови ме да поставам добар почеток и да го исправам мојот грешен живот за во се да Му угодувам на Господа и мојот Спасител во вечни векови. Амин.
МВПЦ +++ Јован Хаџи

This entry was posted in Почетна. Bookmark the permalink.

Comments are closed.