УМНОЖИТЕЛ НА ЛЕБОТ ВО ПУСТИНАТА

d_8_dR
Севишниот Бог се што твори, твори целисходно. Ништо во Неговите дела нема бесцелно, непотребно и излишно. Зошто некои луѓе така бесцелно одат и работат толку бесцелни нешта? Затоа што не ја знаат целта на својот живот, ниту метата на своето патување.
Зошто некои луѓе се преоптоваруваат со непотребни грижи и одвај се движат под купот од излишни работи? Затоа што не го знаат она што е единствено потребно.
За да го собере расеаниот човечки ум, за да го исцели разделеното човечко срце и за да ја обедини растроената човечка снага – затоа Господ Исус му укажуваше на човештвото, од почетокот до крајот, на една и единствена цел: царството Божје. Како разрокиот човек гледајќи одеднаш во две страни, не ја гледа ниту едната! Колку е бесцелен животот на многуцелниот ум! Колку е нечувствително поделеното срце! Колку безнажно е расфрлена силата на волјата!
Само едно ни е потребно – царството Божје! Во таа една точка тежнееше Христос Чудотворец да ги упати погледите на целото човештво. Кој гледа во таа една точка, тој има една мисла – Бог; едно чувство – љубов; едно тежнеење – приближување кон Бога. Блазе си му на оној кој себе така се собрал – тој станал сличен на стаклена леќа која ги собира мноштвото на сончевите зраци, така да може да произведе оган.
Зборовите кои Господ и ги кажа на Марта: „Марто, Марто, се грижиш и се трудиш за многу, а само едно е потребно“ (Лк. 10,41-42), се изречени всушност како прекор и како опомена на целото човештво. А тоа едно што е потребно е царството Божје (Мт. 6, 33). Се што Господ рече и се што направи е насочено кон таа една точка и кон таа една цел. Во таа една точка е собран целиот пламен кој им свети на патниците заскитани по вртлозите на времениот живот.
Се е целисходно кај Господ – т.е. се е насочено кон оваа највисока, една и единствена цел – се е умесно и се неопходно потребно, и зборови изречени и дела направени. Ниту еден збор не е излишен; ниту едно дело не е нецелисходно! И колку се плодотворни и зборовите и делата Негови! По милион пати секој збор и секое дело Негово донесува до ден денес многукратен плод. И тоа колку сладок и мирисен и животворен плод!
Зошто Господ не ги претвори камењата во леб тогаш кога сатаната од Него побара, но затоа подоцна, на двапати, кога народот околу Него беше гладен, Он од малку леб создаде огромни количини, така да имало многу повеќе отколку што требало? Затоа што првото чудо би било нецелисходно, непотребно и излишно, а второто беше целисходно, потребно и умесно.
Зошто Господ Исус не сакаше да им покаже знак од небото на фарисеите кога тие го бараа тоа од Него, туку Он во безброј прилики ги покажува тие знаци од небото, тие невидени чуда над болните, лудите, лепрозните, мртвите? Повторно затоа што секој знак од небото пред завидливите и суетни фарисеи би бил нецелисходен, непотребен и излишен, додека во останатите случаи беше целисходен, потребен и умесен.
Зашто Господ Исус не ја претворил земјата во злато и гавраните во голуби? Кога можел водата да ја претвори во вино, без сомнение можел да го направи и тоа. Но, зошто? Никогаш немало потреба да ја претвора земјата во злато и гавраните во голуби. Но, имало голема потреба еднаш, на една свадба да се најде вино за гостите. И за да ја задоволи таа потреба и за да го спаси домаќинот од срам, Господ ја претвори водата во вино.
Само ѓаволите и грешниците бараа бесцелни, непотребни и излишни чуда од Христа. Погледнете само какви глупости бара сатаната од Христа: во пустината да ги претвори камењата во леб и да скокне од врвот на црквата на земја! И погледнете како грешниците, фарисеите и книжниците, кои беа очевидци на многу корисни Христови чуда, бараат од Него уште некаков знак, некакво бесцелно и излишно чудо, како што би било: фрлање на гората во морето, претворање на земјата во злато и гавраните во голуби! Затоа Господ ги одби барањата од ѓаволот и грешниците. Он никогаш не одбивал на создаде чудо кога чудото било целисходно и потребно заради спасение на луѓето.
И во ова евангелие се опишува едно такво целисходно и потребно чудо, умножување на леб во пустината, но не во пустина без луѓе или во пустина каде е само ѓаволот, но во пустина каде имало можеби преку десет илјади гладни човечки битија (зошто се кажува дека имало пет илјади души, освен жените и децата (Мт. 14, 21)).
Исус виде многу народ и врз нив се сожали и ги исцели болните. Тоа беше во она време кога Јован Крстител беше погубен од царот Ирод. Кога го слушна ова Господ Исус седна во кораб и сам отиде на пусто место. Сите четири евангелисти го опишуваат овој настан, некој со повеќе поединости, а некои со помалку. Според Јован, Господ влегол во коработ кај Тиверијада и го прешол Галилејското море, а според Лука Он излегол на северозападниот брег на морето и се качил на ридот во пустината кон градот кој се вика Витсаида.
Господ често имал обичај да се сокрие во самотија и тоа на пусти места и на ридови. Он тоа го правел од три причини: прво, за да направи куса пауза од своето постојано делување, за да можат луѓето да ја сфатат сета наука која Он им ја откривал и сите оние чуда кои Он им ги покажува. Второ, за да им даде пример на апостолите и нам, дека е неопходно потребно човек да се повлече во самотија, во својата скришна соба (Мт. 6,6) и да остане со својата душа молитвено единствено во друштво со Бога, зошто самотијата и молчењето човекот го чистат, укротуваат, разведруваат и оснажуваат. И трето, да ни покаже, дека добриот и потребен човек не може никаде да се сокрие – не може да се сокрие град кога стои на врв на планина (Мт. 5, 14) – и со тоа да го оправда и поттикне пустиножителството и монаштвото. Историјата на Црквата покажала илјадници пати дека ниту еден велик пустиник, молитвеник и чудотворец, не можел да се сокрие од народот. Многумина, без причина, се прашуваат: зошто е монахот во пустина? Зарем не е подобро да биде меѓу народот и да биде од полза на народот? Но, како може да свети незапалена свеќа? Монахот ја носи својата душа како незапалена свеќа во пустината, во самотијата, за со пост, молитвено размислување и труд да ја запали. Ако успее да ја запали, неговата светлина ќе се види од целиот свет и светот ќе тргне кај него и ќе го најде, макар тој да се крие во песочна пустина, во непроодна планина или во непристапна пештера. Не, монахот не е бескорисен, но може да биде најкорисен човек за народот од сите други луѓе. Тоа јасно го покажува и овој настан со Господ Исус. Залудно Он се криел од народот во пустината кога огромен број одел при Него.
Он погледна и му се сожали на народот зошто луѓето беа како овци без пастир. Долу по градовите синагогите биле полни со самонаречени пастири кои всушност биле волци во овчи кожи. Народот тоа го знаел и чувствувал, како што ја знаел и чувствувал неизмерната милост и љубов Христова кон себе. Народот видел и почувствувал дека Христос е единствениот добар пастир кој искрено се грижи за него. Затоа и побрза кон Него во пустината. И Господ ги исцели болните. Народот чувствува потреба во Христа и не бара од Него чуда од чисто љубопитство, туку заради голема потреба и мака. И почна да ги учи многу, вели Свети Марко.
И кога дојде вечер кон Него пристапија Неговите ученици и рекоа: местото е пусто и веќе е доцна: пушти го народот да оди по селата да си купи за себе храна. Евангелистот Матеј не говори што Господ правел толку долго со народот. Тој само вели дека Он исцелил болни. Затоа пак евангелистот Марко ја дополнува таа празнина кога вели: и почна да ги учи многу. Гледате колку евангелистите прекрасно се дополнуваат! Значи Господ до ноќта го учел народот. Тоа сигурно траело повеќе саати. А за тоа време вие можете да прочитате цело евангелие. Во таа една прилика Господ искажал од Својата божествена наука колку би застанало во едно цело евангелие. Зарем тогаш не е во право евангелистот Јован кога вели дека кога се би се напишало што Господ рекол и направил, одвај сите книги би можеле да се сместат во целиот свет?
Колку се милосрдни учениците! Местото е пусто и веќе е доцна. Народот огладнел; веќе е крајно време да си заминат. Но, нивните домови се далеку, а тие се многу гладни. Ете има и многу жени и деца. Треба што побргу да дојдат до храна. Нека одат во околните села и нека си набават храна.
Но, зарем Христос не е помилосрден и посожалив од Своите ученици? Зарем Он не можеше да се сети пред учениците дека народот е гладен и дека веќе е ноќ? Секако дека Христос е помилосрден и посожалив од Своите ученици и дека Он пред нив се сетил што му треба на народот. Уште во самиот почеток, како што пишува евангелистот Јован, кога Исус ги крена очите и го видел мноштвото народ како доаѓа при Него, му рече на Филип: каде ќе купиме леб за тие да јадат? Но, разговорот со Филип помина, народот се собра околу Господ со болните. Господ прво ги излечил болните, па потоа продолжил да го поучува народот. И тоа траело до ноќ. И дури сега им паѓа на ум на апостолите дека народот е гладен и дека му е потребна храна. Значи Господ во самиот почеток предвидел, а потоа за тоа намерно не сакал да зборува, туку чекал тоа прашање да го покренат самите апостоли и тоа од две причини: прво, за да го зголеми нивното сожалување и милосрдие, и второ, за да се покаже нивната немоќ без Него. Зошто Христос им рече: не треба да одат, дајте им вие нека јадат. Он знае дека тие не може да им дадат, но Он тоа го зборува за тие целосно да ја дознаат и исповедаат својата немоќ. А тие Му рекоа: имаме тука само пет леба и две риби. Според описот на евангелистот Јован и тоа малку храна што имале не била нивна, туку на некое момче кое тука се нашло. Тука има едно момче кое има пет леба и две риби; но што е тоа за толку народ? Лебовите беа од јачмен, што исто така не е случајно. Од тоа треба да се поучиме, како што вели премудриот Јован Златоуст, да бидеме задоволни со проста храна и да не пребираме, зошто „сластољубието е мајка на сите болести и страдања“.
Донесете Ми ги тука, им нареди Господ на учениците. Сега е ред на Него. Народот е немоќен да си најде себеси храна; апостолите исто така ја исповедале својата немоќ да му помогнат на народот. Сега дојде Неговото време; сега работата е зрела за чудо.
И му заповеда на народот да седне врз тревата и откако ги зема оние пет леба и две риби, погледна кон небото и благослови, ги прекрши лебовите и им ги даде на своите ученици, а тие на народот. Зошто Господ прво погледна кон небото? Он тоа не го правел при толкуте моќни чуда како што беа: отворање на очите на слепи, очистување на лепрозни, изгонување на зли духови, укротување на морето и ветриштата, претворањето на водата во вино, па дури и при воскреснување на мртви. Зошто токму во овој случај погледна кон небото кон Својот Отец Небесен?
Прво за пред толкав народ да го покаже единството на Неговата и волјата на Отецот и со тоа да ги побие лошите тврдења на фарисеите дека Он сите чуда ги прави со помош на демонски сили. Второ, за како човек да даде на светот пример за смиреност пред Бога и благодарност за сите добра кои од Бога доаѓаат. Сличен пример Он ни даде при Тајната Вечера – благослови и заблагодари (Мт. 26, 26; Лк. 22, 17). Заблагодари на Својот Отец Небесен и го благослови лебот како дар Божји. И ние така треба да правиме при секој оброк, без разлика колку тој е скромен, да дадеме благодарност на Бога и пофалба за истото и да го благословиме Неговиот дар. Трето, за Он, како Бог, при умножување на лебовите, кое е сосема слично на новото создавање, го изрази единството на моќта на Троицата која само како таква создава. Отецот, Синот и Светиот Дух – Троица едносуштна и неразделна – Творец на се што постои.
Сам Господ Исус со Своите раце го прекрши лебот. Зошто? Зошто не им нареди на учениците тие да го прекршат? За да ја покаже Својата добра волја да го угости народот и Својата преголема љубов кон луѓето. И со тоа да не научи кога правиме некакво милосрдие и даваме дарови, тоа да го правиме со внимание и љубов, како што и Он правел.
И сите јадеа и се наситија; и ги собраа парчињата одвишок во дванаесет полни кошници. А тие што јадеа беа околу пет илјади мажи, освен жени и деца. Еве чудо над чудата и слава над славите! Пет илјади мажи – освен жени и деца – да зеле само по еден залак, колку што се зема нафора во црква, сепак пет леба не би биле доволно. А видете тука: и јаделе сите и се наситиле и остана одвишок полни дванаесет кошници. Да беше тоа некаков привид не би се рекло дека луѓето се наситиле. Ако тоа било некаков привид, како тогаш се наполниле уште дванаесет кошници? Не, тоа само закоравени луѓе во грев може да го наречат привид. Меѓутоа, тоа било реалност како што живиот Бог е реалност. Забележете го уште и тоа дека при ова чудо никој не се осудува да каже нешто против, или да го протолкува со некое глупаво објаснување, како што фарисеите правеле при другите чуда. Не само што никој не говори ништо против Него, туку откако го видоа чудото што го направи Исус говореа: ова навистина е оној пророк кој треба да дојде во светот (Јов). Не само тоа, тие сакаа да Го фатат и да Го направат цар. Толку голем впечаток предизвикало ова, вистина, моќно Христово дело врз народот! Кога некогаш некој привид го направел некого цар? А ова е реалност и вистина и народот, воодушевен од таа реалност и вистина, посака со сила да Го принуди Христа да биде цар. И тоа би се случило доколку Христос не се извлече и за да не ја осуети оваа намера на воодушевениот народ.
И веднаш Исус ги натера своите ученици да влезат во коработ и да одат напред на другата страна додека Он не го отпушти народот. Зарем не е чудно што Христос ги натера Своите ученици да влезат во коработ и да одат напред, без Него? Зошто Он го прави тоа? Прво, заради она што се случило и второ, заради она што ќе се случи. Нека што побрзо се одвојат од народот и насамо нека размислуваат и разговараат за големото чудо на умножување на лебовите. И нека излезат на море каде Господ Исус наскоро ќе им се јави со ново чудо; имено – да оди по вода како по суво. Господ предвиде однапред што ќе се случи и што Он ќе направи. Учениците ништо не предвидуваат и секој чудејќи се зошто Господ ги гони да заминат, го оставија Него со народот, се спуштија низ ридот кон морето и излегоа со коработ во морето. Несомнено причина за ова гонење на учениците од собраниот народ е таа што Господ сака да ги сочува од гордост пред народот и со тоа самофалење дека тие се следбеници на таков невиден Чудотворец! Како што сакал да ги научи на смирение велејќи им: подајте им вие нека јадат, така сега гонејќи ги сака да ги сочува од гордост и превознесување со Него, својот Учител. И на крај, Он сака тие да ја познаат Неговата бескрајна кроткост и смиреност пред Бога на тој начин што после такво величествено чудо се повлекува во самотија на молитва. Он не морал тоа посебно да им го кажува, зошто тие веќе доволно биле запознати со Неговиот начин и обичај на повлекување во самотија за да се моли. Всушност, нели Он тој ден особено се оддалечи во пустината да биде насамо по вестите за страшното погубување на Јован Крстител? Нека видат учениците дека Он не заборавил зошто отишол во пустината, а особено нека видат и познаат дека големото дело, кое Он ненадејно го направи и сите пофалби и величења од страна на воодушвениот народ воопшто не го поколебаа Неговиот душевен мир и Неговата кроткост, ниту пак можеа да го одвратат од намерата да биде во самотија на молитва.
Оваа цела случка за давање на народот леб и риби, како и бројот на лебовите и рибите и бројот на кошниците од престанатата храна – има уште и своја таинствена, внатрешна смисла. Пред Својата смрт Господ го нарекува благословениот леб Свое тело. Тука Он тоа не го прави со зборови, туку со број на лебови. Бројот пет означува пет телесни сетила, а петте сетила го претставуваат целото тело. Рибата го означува животот. Во првите векови на Црквата Христос е сликан во вид на риба, нешто што и ден денес може да се види по старите христијански катакомби. Христос, значи, ќе го даде на жртва Своето тело и Својот земски живот и се дава во Црквата по Воскресението до ден денес. Што значи тоа што Он лично го прекршува лебот? Значи дека Он по своја волја се дава како жртва за спасение на луѓето. Зошто им даде на апостолите тие да го делат лебот и рибите на народот? Бидејќи тие навистина ќе го разнесуваат Христа по целиот свет и ќе го делат на народите како животворна храна. Што значи тоа што останале дванаесет кошници со вишок леб? Тоа е обилноста на жетвата од трудот на апостолите. Жетвата на секој апостол ќе биде неспоредливо поголема од семето на посеаното како што секоја кошница содржела повеќе леб од она што гладниот народ изел и се наситил.
Но, сите овие тајни се предлабоки и неисцрпни. Кој смее премногу да се навали над нивната судбина? Кој ли ќе се осуди во овој смртен век да се спушти на своето дно? Нека она што го навестуваме биде доволно за оние на кои им е слатко да го читаат и слушаат Евангелието. Со сладоста на Евангелието се опиваат и ангелите. Колку човекот повеќе чита и повеќе молитвено за тоа размислува и повеќе по него се управува во животот, толку повеќе се отвораат неговите длабочини и мирисаат неговите сласти. За ова нека е на Господ Исус Христос слава и благодаронст, заедно со беспочетниот Отец и Светиот Дух – Троица едносушна и неразделна, сега и секогаш низ сите векови. Амин.

МВПЦ +++ Јован Хаџи

This entry was posted in Почетна. Bookmark the permalink.

Comments are closed.