ПРАВОСЛАВНО УЧЕЊЕ ЗА СУДБИНАТА НА ДУШАТА ПОСЛЕ СМРТТА

smrt1-800x539
ПОГЛАВЈЕ ОД КНИГАТА „ДУШАТА ПОСЛЕ СМРТТА“ ОД ЈЕРОМОНАХ СЕРАФИМ РОУЗ
Архиепископ Јован (Максимович) „Живот после смртта“

Во првите поглавја од оваа книга се обидовме да изложиме некои основни аспекти на православното сфаќање за животот после смртта, спротивставувајќи се на широко распространените современи сфаќања кои, во многу нешта, се оддалечиле од првобитните христијански учења.
На Запад вистинското православно учење за Ангелите, за воздушното царство на паднатите духови, за природата на човечкото општење со духовите, за Небесата и адот – или се изгубило или е извртено по што денешните „посмртни“ искуства се толкуваат на потполно погрешен начин. Единствен задоволителен одговор на овие погрешни толкувања дава православното учење.
Оваа книга не е од голем обем и во целост не го излага православното учење за животот после смртта и стварноста од другата страна. Нашата задача е многу потесна – да го прикажеме ова учење само толку колку што е потребно за да можеме да одговориме на прашања кои ги покренаа современите „посмртни“ искуства и за да можеме да ги упатиме читателите на оние православни текстови во кои ова учење е содржано. Како заклучок, тука ние накусо го прикажуваме православното учење за судбината на душата после смртта.
Подлогата на овој приказ е написот кој една година пред своето упокојување го напиша архиепископ Јован Максимович, (Свети Јован Шангајски и Санфранциски-прим. прев), еден од последните големи руски богослови во нашето време. Неговите зборови се штампани во тесни колони, а објаснувањата, коментарите и цитатите од делата на светите Отци, се штампани на вообичаен начин.
ГО ЧЕКАМ ВОСКРЕСЕНИЕТО НА МРТВИТЕ И ЖИВОТОТ ВО ИДНИОТ ВЕК-НИКЕЈСКИОТ СИМВОЛ НА ВЕРАТА
Бескрајна и неутешна би била нашата тага за блиските кои се упокоиле доколку Господ не ни дал вечен живот. Нашиот живот би бил бесцелен, доколку би се окончувал со смртта.
Каква тогаш би била ползата од доблесно живеење и добрите дела? Тогаш би биле во право оние кои говорат: „Да јадеме и да пиеме зошто утре ќе умреме“. Но, човекот е создаден за бесмртност и Христос со своето воскресение ги отвори дверите на Царството Небесно, вечното блаженство за оние кои верувале во Него и живееле праведно.
Нашиот земен живот е подготовка за идниот живот, а таа подготовка се завршува со смртта. „На луѓето им претстои еднаш да умрат, а потоа суд (Божји)“ (Евр. 9, 27). Тогаш човекот ги остава сите свои земни грижи, неговото тело се распаѓа, за повторно да стане при Општото Воскресение.
Но, неговата душа продолжува да живее непрестанувајќи да постои ниту еден миг. Врз основа на многубројни јавувања на упокоени ни било дадено делумно да знаеме што се случува со душата кога ќе го напушти телото. Кога престанува гледањето со телесните очи, започнува духовното гледање.
Обраќајќи се со писмо до својата сестра пред смрт, епископот Теофан вели: „Но ти нема да умреш. Твоето тело ќе умре, а ти ќе прејдеш во друг свет, жива, свесна за себе и за се што те опколува“ (Душекорисно четиво, август, 1894 година).
По смртта душата е жива и уште посвесна од пред смртта. Свети Амвросиј Милански учи: „Бидејќи душата останува жива и после смртта, доброто останува живо и не се губи со смртта, туку се зголемува. Душата не ја задржува никаква препрека која ја поставува смртта, туку ја прави уште повредна зошто делува во „домашен“ амбиент, без никакви врски со телото кое за неа е товар отколку полза“. (Свети Амвросиј Милански: „Смртта како добро“)
Преподобен ава Доротеј (6.век) вака го резимира учењето на раните Отци во врска со ова прашање: „Бидејќи, како што ни говорат Отците, душите на упокоените памтат се што се случило – и зборовите и делата и помислите – ништо не можат да заборават. А што е кажано во псалмот: ‘Во тој ден ќе пропаднат сите негови помисли’ (Пс. 146, 4) е кажано за помислите во вој век: за куќите, за имотите, за родителите и децата, за работата и заработувачката. Сето ова пропаѓа штом душата ќе излезе од телото…А што направила во поглед на доблестите или страстите, таа се памти и ништо од тоа не пропаѓа…И, како што реков, душата не заборава ништо од она што направила во вој свет, туку по излегувањето од телото, ослободувајќи се од неговата земност, се памти уште подобро и појасно“. (Ава Доротеј, 12 поука)
Одговарајќи на еретици кои верувале дека душата после смртта не е во свесна состојба, големиот подвижник од 5.век, преподобниот Јован Касијан, јасно го иснесува ставот за активната работна состојба на душата по смртта на телото: „По разделување од телото, душите не се неактивни, ниту се без свест; ова го потврдува евангелската приказна за Лазар и богатиот човек (Лк. 16, 22-28)…Душите на упокоените не само што не се лишени од свеста, туку ги задржуваат и своите расположенија – надеж и страв, радост и тага и нешто од она што очекуваат за себе на идниот Суд…Тие стануваат уште поживи и уште поревносно Го прославуваат Бога.
И навистина, ако заклучуваме врз основа на Светото Писмо, колку тоа е во наша моќ, за природата на душата, нема ли да биде, да не кажеме-безумие, но еве да кажеме глупост – и најмалку да се сомневаме дека најскапоцениот дел од човекот (т.е. душата), во која, според блажениот Апостол, содржени се ликот и подобието Божје (1Кор. 11, 7; Кол. 3, 10), после одложувањето на телесната грубост во која таа пребива во сегашниот живот – да стане несвесна, таа која, поседувајќи ја во себе целата сила на разумот, прави со своето присуство да и несвесната и несетилната материја на телото да биде свесна и чувствена?
Оттаму следи, а и разумот тоа го налага, дека духот, оставајќи ја оваа телесна грубост која сега го раслабува, не се лишува од своите разумни сили, туку ги става во подобра состојба, правејќи ги уште почисти и попрефинети“. (стр. 178-179)
Современите „посмрти“ искуства на потресен начин им ја откриле на луѓето вистината за свесната состојба на душата по смртта, за тоа дека нејзините умствени способности тогаш се поизострени и попрефинети. Но, ова сознание не е само по себе доволно за оној кој се наоѓа во таа состојба да го заштити од измами во „вонтелесната“ сфера.
Неопходно е во детали да се познава христијанското учење за ова прашање.
ПОЧЕТОК НА ДУХОВНОТО ГЛЕДАЊЕ
Често тоа (духовно гледање) почнува кај оние кои умираат, уште пред смртта, така да тие, се уште видени од оние кои ги опкружуваат, па дури и разговараат со нив, го гледаат и она што другите не го гледаат.
За ова искуство на луѓето пред смрт се знае уште многу одамна и затоа слични случаи кои се појавуваат денес не се новост. Но сепак треба да се повтори она што е кажано порано (1Глава, 2 дел): само при благодатни посети кај праведници, кога им се појавуваат Светители или Ангели, ние навистина можеме да бидеме сигурни во тоа дека се јавиле битија од другиот свет.
Во обични случаи, кога една личност на смртна посела почне да гледа веќе умрени роднини и пријатели, тоа искуство може да биде и само едно „природно“ запознавање со невидливиот свет во кој на таа личност и претстои да влезе. Вистинската природа на ликовите на умрените кои се појавуваат му е веројатно позната само на Бога и ние немаме потреба во тоа да се впуштаме.
Јасно е дека Бог на лицето пред смрт му го дава ова искуство за на најочигледен начин да му покаже дека тамошниот свет не е сосема непознато и туѓо место, туку дека и таму животот е исполнет со љубов која човекот ја чувствува кон блиските.
Преподобниот Теофан Затвореник на чувствителен начин ја изнесува оваа мисла пишувајќи и на својата сестра:
„Таму ќе те пречекаат татко и мајка, браќата и сестрите. Поклони им се, пренеси им ги и нашите поздрави и замоли ги да се молат за нас. Ќе ти пријдат твоите деца и радосно ќе те поздрават. Таму ќе ти биде подобро отколку тука.“
СРЕДБА СО ДУХОВИ
Но, по излегувањето од телото, душата ќе се најде меѓу други духови, добри и лоши. Таа обично тежи кон оние кои и се поблиски по дух и ако таа уште во телото била под влијание на некои од нив, таа и по излегувањето од телото ќе остане зависна од нив, без разлика колку одвратни тие може да се покажат при таа средба.
Тука повторно сериозно ни укажува на тоа дека тамошниот свет, иако за нас нема да биде сосема туѓ и непознат, сепак нема да биде само пријатна средба со оние кои ги сакаме во некаква „земја на соништата“, туку ќе биде една духовна борба во која ќе се ипита состојбата на нашата душа во овој живот – тали таа, живеејќи доблесно преку исполнување на Божјите заповеди се приклонувала кон ангелите и светителите или преку мрзливост и неверие се направила себеси прикладна за општење со паднатите духови.
Преосветен Теофан Затвореник рече добро дека и испитувањето при воздушните митарства можеби ќе се покаже повеќе како искушување отколку како оптужување.
Иако фактот за судот во задгробниот живот – „посебно“ веднаш по смртта и Страшниот суд во последниот ден – е без никакво сомнение, јавно изречената Божја пресуда ќе биде само одговор на внатрешното расположение на душата кое таа во себе го изградила во односот кон Бога и духовните битија.
ПРВИТЕ ДВА ДЕНА ПОСЛЕ СМРТТА
Во текот на првите два дена душата ужива во релативна слобода и може да посетува нејзини мили места на земјата, а третиот ден оди во други сфери.
Тука архиепископ Јован само го повторува уште од 4. век познатото учење на Црквата, кое Ангелот го доверил на преподобниот Макариј Александриски кога му се јавил во пустината и му го објаснил значењето на црковното спомнување на умрените во третиот ден по нивната смрт:
„Кога во третиот ден во црквата се дава принос, душата на умрениот прима од својот Ангел Чувар утеха во жалоста која ја чувствува заради одвојувањето од телото. Таа добива утеха затоа што во Црквата Божја е даден принос и вознесено е славословие, што во неа раѓа добра надеж.
Зошто во текот на првите два дена на душата и е дозволено, во придружба на Ангели кои се покрај неа, да се движи каде сака. Затоа душата која го сакала телото понекогаш скита околу местото во кое се одвоила од телото или околу гробот во кој е положено телото и така поминува два дена како птица која за себе бара гнездо. Додека доблесната душа ги посетува оние места каде имала обичај да прави добри дела. Во третиот ден Оној Кој воскресна од мртвите и заповедува на секоја христијанска душа да се вознесе на Небесата и да се поклони пред Бога.“ (Зборови на Свети Макариј Александриски за исходот на душата на праведните и грешните“).
Во православниот обред на опелото кај мирјаните преподобниот Јован Дамаскин живо ја опишува состојбата на душата која, разделена од телото, се уште борави на земјата, но не може да општи со саканите лица кои е во состојба да ги види: „Ох, колку душата тогаш плаче, а никој не може да ја помилува! Кон ангелите ги крева очите, залудно молејќи се; кон луѓето ги пружа рацете и никој не може да и помогне. Затоа, возљубени браќа мои, памтејќи колку нашиот живот е краток, да помолиме од Христа на упокоениот и на нашите души голема милост“ (Чинот на опелото на мирјанинот, стихира самогласна, гл.2).
Теофан Затвореник, во писмото до сопругот на својата сетра, на смрттна постела, вели: „Мојата сестра нема сама да умре. Телото умира, а личноста на оној што умира останува, но преминува во друг поредок на живот. Таа не е во тело кое лежи на одарот и во гроб неа нема да ја положат.
Таа е на друго место. Таа ќе биде жива исто како што е и сега. Првите часови и денови таа ќе биде тука околу нас. Само што нема да зборува ништо и вие не ќе можете да ја видите. Но, ќе биде тука, имајте го тоа на ум.
Ние кои остануваме плачеме за оние кои се претставиле, но ним веднаш им е полесно, зошто таа состојба е поблажена, порадосна. Тие кои умреле, а потоа биле вратени во тело, го сметаат тоа за многу неудобно искуство. На сестра ми таму и е подобро, а ние се кинеме од тага како нејзе да и се случило нешто страшно!
Таа тоа ќе го гледа и ќе биде запрепастена од тоа“(Душекорисно четиво, август, 1894). Треба да се има на ум дека овој опис за првите два дена е едно општо правило кое не ги опфаќа сите случаи. Навистина, поголемиот дел наведени примери во оваа книга од православната литература не потпаѓа под ова правило и тоа од очигледна причина: Светителите, кои не се врзани за земските работи, туку живеат во постојано исчекување на преминот во оној свет, не ги привлекуваат ниту места каде твореле добри дела, туку веднаш почнуваат да се вознесуваат кон Небесата. Други пак, почнуваат, по Божја Промисла, да се вознесуваат пред крајот на вториот ден заради некоја посебна причина. Од друга страна, сите современи „посмртни“ искуства, без разлика колку тие биле фрагментарни, се вклопуваат во ова правило: „вонтелесната“ состојба е само почеток на првиот период на бестелесното „скитање“ на душата по места на земјата за кои е врзана.
Но никој од тие луѓе не бил доволно долго во состојбата на смрт, дури недоволно за да се сретне со двата ангели кои се одредени да и бидат придружници.
Некои критичари на православното учење за животот после смртта сметаат дека ваквите отстапувања од општото правило се доказ на „противречност“ во православното учење. Но, тие се сфаќаат премногу буквално. Описот за првите два дена (како и следните) во никој случај не претставува некаква догма. Тоа само „модел“ кој го покажува вообичаениот поредок на посмртното искуство на душата.
Многу случаи, како во православната литература, така и во современите „вонтелесни“ искуства, кога умрените на момент им се јавуваат на живите првиот или вториот ден после смртта (понекогаш и во сон) се примери кои докажуваат дека душата навистина останува на земјата за некое кусо време. Но третиот ден (а често и порано) овој период на боравок на земјата се окончува.
МИТАРСТВА
Во тоа време (третиот ден) душата поминува низ легион од зли духови кои и го попречуваат поминот, обвинувајќи ја за разни гревови во кои тие самите ја вовекле душата. Според различните откровенија, постојат дваесет такви препреки, таканаречени „митарства“ (царинарници) и на секоја од нив се истражува овој или оној грев; откако ќе помине едно митарство, душата стасува на следното и дури кога сите успешно ќе ги помине, таа може да го продолжи својот пат избегнувајќи веднаш да биде фрлена во ад. Колку се ужасни тие демони и митарствата може да се види по тоа што самата Божја Мајка, кога архангелот Гаврил и соопштил за скорешната смрт, Го молела Својот Син да ја избави нејзината душа од тие демони. Како одговор на нејзината молитва, Господ Исус Христос се појави на Небесата да ја прими душата на Својата Пречиста Мајка и да ја одведе на Небесата. Навистина е ушасен третиот ден за душата на упокоениот и затоа молитвите тогаш и се особено потребни.
Во шестото поглавје од оваа книга наведени се голем број на светоотечки и агиографски текстови за митарствата, така да нема потреба било што тука да додаваме. Но, можеме повторно да напоменеме дека описите за митарствата претставуваат „модел“ на она што душата доживува после смртта, а поединечни искуства можат значително да отстапат од тој „модел“.
Помалку важни детали (како што е, да речеме, бројот на митарствата) имаат второстепено значење во однос на главниот факт – дека душата е подложна на суд непосредно по смртта („посебен“ суд), суд на кој се сумираат резултатите од „невидливата војна“ која таа ја водела (или пропуштила да ја води) на земјата против паднатите духови.
Продолжувајќи го своето писмо до сопругот на својата сестра на смртна постела, епископ Теофан Затвореник пишува: „Кај упокоените наскоро настапува борба за премин низ митарствата. Неа таму и е потребна помош! Помислете тогаш на ова и ќе го слушнете нејзиниот повик упатен кон вас: ‘Помогнете!’
Ете на што би требало да го усмерите своето внимание и љубов која ја имате кон неа. Мислам дека највистинското сведоштво за вашата љубов ќе биде доколку вие, од моментот на исходувањето на нејзината душа, препуштајќи на други да се грижат за нејзиното тело, да се оддалечите некаде и да се фрлите на молитви за неа која во новата состојба има нови неочекувани потреби.
Почнувајќи така вие во наредните шест дена, па и подолго, не престанувајте со молитвите кон Бога да и помогне. Според зборовите на блажената Теодора, вреќата од која Ангелите наоѓале оправданија за да ја избават од митарствата биле молитвите на нејзиниот духовен отец. И вашите молитви ќе бидат истото. Не заборавете да направите така. Тоа е љубов!“
Критичарите на православното учење често неправилно го сфаќаат изразот „вреќа со златници“ од кои ангелите на митарствата ги „исплатиле долговте“ на блажената Теодора. Тој израз понекогаш погрешно го споредуваат со римокатоличкото сфаќање за „вишокот на заслуги“ на Светителот. И во овој случај критичарите премногу буквално ги сфаќаат православните текстови. Тука не се работи за ништо друго освен за молитвите на Црквата за упокоените, односно за молитвите на некој свет човек или духовен отец. Формата во која тоа е напишано е метафора.
Православната Црква го смета учењето за митарствата толку важно што ги спомнува во многу богослужби. Црквата ова учење на сите свои чеда на смртна постела особено го изложува во „Канонот на исходот на душата“ кој свештеникот го чита крај одарот на секој член на Црквата пред умирање. Во канонот се наоѓаат и следните тропари:
„Удостој ме, заминувајќи од земјата, да не бидам задржан од воздушниот кнез, насилник и мачител, што на страшниот пат стои и испитува“ (песна 4). Предади ме, о Владичице, во свештените и чесни раце на Светите Ангели, засолнет со нивните крила, да не ги видам бесчесните, засмрдени и мрачни лица на демоните“ (песна 6). „Ти, која Го роди Господарот Седржител, далеку од мене одгонувај ги господарите на горките митарства и владарите на овој свет, кога ќе бидам на смртна постела, за да те прославувам за навек, Света Богородице“ (песна 8).
Со такви зборови Црквата го подготвува православниот христијанин на умирање за претстојните испитувања.
ЧЕТИРИЕСЕТ ДЕНА
Потоа, успешно поминувајќи низ митарствата и поклонувајќи се пред Бога, душата во следните триесет дена ги посетува небесните живеалишта и бездните на адот, незнаејќи се уште каде ќе остане; и дури во четириесетиот ден и се одредува место каде ќе пребива до воскресението на мртвите.
Секако, нема чишто чудно во тоа што душата, поминувајќи низ митарствата и завршувајќи навек со она што е земско, треба да се запознае со стварноста на тамошниот свет, каде во еден негов дел вечно ќе пребива. Според откровението кое преподобниот Макариј Александриски го добил од Ангелот, упокоените во Црквата „се спомнуваат особено во деветиот ден по претставувањето (покрај опшата символика врзана за деветте ангелски чинови) затоа што до тогаш на душата и биле покажувани убавините на рајот, потоа, до крајот на четриесетдневниот период, на неа и се покажуваат мачењата и ужасите на адот, а на четриесетиот ден и се одредува место каде ќе го чека воскресението на мртвите и Страшниот Суд.
И тука бројот укажува на општото правило или „модел“ на посмртната реалност, но несомнено, не го завршуваат сите упокоени својот пат согласно ова правило. Ние знаеме дека Теодора, всушност, го завршила своето патување низ адот дури во четириесетиот ден (мерено според земното време).
СОСТОЈБАТА НА ДУШАТА ДО СТРАШНИОТ СУД
По четириесетиот ден некои души пребиваат во состојба на предвкусување на вечната радост и блаженство, а други – во страв од вечните маки кои целосно ќе настапат по Страшниот Суд.
До Страшниот Суд состојбата на душата уште може да се промени, особено со принесување за нив Бескрвни Жртви (нивно спомнување на Литургии) како и други молитви.
Учењето на Црквата за состојбата на душата на Небесата и во адот до Страшниот Суд подетално е изложено во зборовите на Свети Марко Ефески.
Каква е ползата за душата во адот од молитвите, било заеднички, било лични, опишана е во житијата на Светите, во подвижничките и светоотечките текстови. На пример во житието на маченичката Перпетуа (3.в), судбината на нејзиниот брат Демократ и била откриена преку претстава на резервоар полн со вода коа се наоѓал превисоко, така што нејзиниот брат, од смрдливото и неиздржливо врело место на кое бил затворен, не можел да го дофати. Благодарејќи на нејзината усрдна молитва во текот на целиот ден и ноќ, тој успеал да дојде до резервоарот и таа го здогледала на светло место. Врз основа на тоа таа сфатила дека тој бил избавен од казната (Житија на Светите, 1 февруари).
Сличен пример наоѓаме и во житието на монахињата Атанасија (Анастасија Логочова), подвижничка која се упокоила во 20.век: „Во тоа време таа земала на себе подвиг да се моли за родениот брат Павле кој се удавил во пијана состојба. Прво се упатила кај блажената Пелагија Ивановна која живеела во Дивјевскиот манастир, за со неа да се посоветува што да направи за да ја олесни задгробната судбина на својот брат кој несреќно и нечесно го завршил својот земен живот. Се договориле вака: Анастасија да се затвори во својата ќелија, да пости и да се моли за него и да ја прочита „Богородице Дево“ 150 пати. По истекот на 40 дена, таа видела длабока провалија, на нејзиното дно еден крвав камен на кој лежеле два човека со железни окови околу вратот. Еден од нив бил нејзиниот брат. Кога ова свое видение го раскажала на блажената Пелагија, таа ја посоветувала да го повтори подвигот. По истекот на вторите 40 дена таа ја здогледала истата провалија, истиот камен и истите двајца мажи со окови околу вратот. Само што овој пат нејзиниот брат станал, заобиколил околу каменот и повторно паднал врз него, а оковите повторно се нашле на неговиот врат.
Бидејќи повторно ја известила Пелагија Ивановна за ова видение, таа и рекла да го повтори подвигот и по трет пат. По уште 40 дена Анастасија ја видела истата провалија и истиот камен на кој, сега, се наоѓал само еден, на неа, непознат човек, додека нејзиниот брат отишол некаде и таа не можела да го види. Човекот кој останал на каменот рекол:
„Блазе си ти, ти имаш силни молитвеници на земјата“.
После ова, блажена Пелагија рекла:
„Твојот брат се ослободил од маките, но не се здобил со блаженство“ („Душекорисно четиво“, јуни 1902).
Слични случаи има многу во житијата на православните Светители и подвижници. На оние кои се склони ваквите видувања да ги сфатат премногу буквално би требало да им се каже дека формата во која овие видувања се појавуваат (обично во сон) не значи дека е фотографска снимка на положбата на душата во оној свет, туку пред се сликовита претстава која ја соопштува духовната вистина дека состојбата на душата се поправа со молитви од нас кои сме се уште на земјата.
МОЛИТВА ЗА УМРЕНИТЕ
Колку е важно спомнувањето на умрените на Литургија може да се види од следниот случај: уште пред прославувањето на свети Теодосиј Черниговски (1876 г.), прочуениот старец, јеромонах Алексеј од Голосеевската скита на Киево-Печерската Лавра, кој се упокои во 1916 година, преоблекувајќи ги неговите мошти, изморен, седнал покрај моштите. Задремувајќи за миг, тој пред себе го здогледал светителот кој му рекол: „Ти благодарам што се трудиш околу мене. Уште би те замолил, кога ќе служиш Литургија, да ги спомнеш моите родители“ – и му ги дал нивните имиња (јереј Никита и Марија). „Како можеш ти светителе, да бараш ги бараш моите молитви кога ти самиот стоиш пред Небесниот Престол и им ја пренесуваш на луѓето Божјата благодат?“, го запрашал јеромонахот. „Да, точно е тоа“, одговорил свети Теодосиј, „но принесувањето на молитвите на Литургија е помоќно од моите молитви“.
Значи, парастосите и домашните молитви за умрените ним им користат, како и добрите дела кои се прават во нивни спомен – милостињи и прилози за црквата.
Но особено корисно за нив е нивното спомнување на Божествената Литургија. Имало многу јавувања на упокоените и други настани кои потврдуваат колку е корисно спомнувањето на упокоените.
Многумина кои не живееле по покајание, но пред смрт се покајале, биле ослободени од маки и достигнале спокој. Во Црквата постојано се вознесуваат молитви за упокоение на умрените, додека на денот на Симнувањето на Светиот Дух (Педесетница), во коленопреклонуваната молитва на вечерна, се вознесува посебна прозба „за оние што се во адот“.
Свети Григориј Двоеслов, одговарајќи во „Разговори“ на прашањето: „Дали постои нешто што на душите после смртта би можело да им користи?“, тој учи: „Светото жртвопринесување на Христа, нашите спасителни жртви им се од голема корист на душите дури и после смртта, под услов нивните гревови да може да бидат простени во идниот живот.
Затоа душите на умрените понекогаш молат за нив да се отслужи Литургија…Секако, посигурно е ние додека сме живи на овој свет да го направиме за себе она што се надеваме дека другите ќе го направат за нас после нашата смрт. Подобро е да се направи излезот да биде слободен, отколку да се бара ослободување кога си во окови. Затоа би требало од сето свое срце да го презреме светот, чија слава е минлива и секојдневно пред Бога да ја принесуваме жртвата на нашите солзи, кога на жртва Го принесуваме Неговото свето Тело и Крв.
Само таа жртва има моќ да ја спаси душата од вечната смрт зошто таа таинствено присуствува на смртта на Единородниот Син“. („Разговори“ IV, 57, 59).
Свети Григориј наведува неколку случаи кога умрените се јавувале на живите молејќи ги да се отслужи Литургија за нивно упокоение или се заблагодарувале што тоа било направено за нив.
Еднаш се случило еден заробеник, за кого неговата жена мислела дека е мртов и во одредени денови закажувала Литургија за него, кога се вратил од заробеништо раскажал дека во одредени денови го ослободувале од оковите и тоа токму во оние денови кога за него се служела Литургија. (IV, 57, 59).
Протестантите обично сметаат дека црковните молитви за умрените се некако неповрзани со неопходноста спасението да се здобие првенствено во овој живот:
„Ако тебе Црквата може да те спаси и после смртта, зошто тогаш би се оптоварувале со борби или барање на верата во овој живот? Ајде тогаш да јадеме, пиеме и да се веселиме…“
Секако, никој од оние кои се придржувале на ваквите сфаќања никогаш не достигнале спасение со црковни молитви. Очигледно е дека ваквиот аргумент е површен и дури лицемерен – молитвите на Црквата не може да го спасат оној кој никогаш во својот живот не се потрудил за тоа.
Може да се каже дека молитвите на Црквата или поедини христијани за некој умрен, во одредена смисла, се уште еден плод на животот на тој човек: за него не би се молеле доколку тој за време на својот живот не направил нешто што би можело да поттикне молитва за него по неговата смрт.
Свети Марко Ефески исто така го разгледува прашањето за молитвите за умрените и олеснувањето кое тие им го донесуваат, и во таа смисла го наведува примерот дека свети Григориј Двоеслов се молел за римскиот император Трајан и дека таа молитва била вдахновена со некое добро дело кој тој пагански император го направил.
ШТО МОЖЕМЕ ДА НАПРАВИМЕ ЗА УМРЕНИТЕ
Ако некој сака да ја покаже својата љубов кон умрените и реално да им помогне, тоа може најдобро да го направи така што ќе се моли за нив, особено со давање на нивните имиња да се спомнуваат на Литургија кога честиците, извадени за живите и умрените, се спуштаат во Крвта Господова со зборовите: „Измиј ги, Господи, со Твојата света Крв гревовите на тука спомнатите слуги твои по молитвите на Светителите Твои“.
Ништо повеќе ни подобро не можеме да направиме за умрените од тоа да се молиме за нив, спомнувајќи ги на Литургија.
Ним тоа секогаш им е неопходно, особено во текот на првите четириесет дена, кога душата на умрениот се упатува кон вечните населби. Тогаш телото ништо не чувствува, тоа не го гледа собирот на ближните, не го мириса цвеќето, не ги слуша надгробните беседи. Но душата ги чувствува молитвите кои се вознесуваат за неа и им е благодарна на оние кои ги вознесуваат и духовно им е блиска.
О, роднини и пријатели на веќе упокоените! Правете за нив она што ним им е потребно, а е во ваша моќ.
Употребете ги вашите пари не за надворешно украсување на гробовите, туку дај те ги тие пари на сиромашни за покој на душите на умрените или пак приложете ги во црквата во која се вознесуваат молитви за нив. Бидете милосрди кон умрените, погрижете се за нивните души.
Истиот пат ве чека и вам и знајте дека сите ние ќе копнееме некој да не спомне во молитви! Затоа да бидеме и самите милосрдни кон умрените.
Штом некој умре, веднаш повикајте свештеник или кажете му за да може да прочита „Молитви при исход на душата“ кои треба да се прочитаат над секој православен христијанин после неговата смрт.
Погрижете се, колку што е можно, опелото да се отслужи во црква и над умрените, се до опелото, да се чита Псалтирот. Опелото и погребот не мора да бидат беспрекорно организирани, но е апсолутно неопходно опелото да се отслужи без скратување, во целост. Помислете тогаш на упокоениот, со кој за секогаш се разделувате, а не на тоа што вам ви е полесно. Ако во црквата има повеќе упокоени, не одбивајте да се оддржи заедничко опело, ако тоа некој го предложи. Подобро е истовремено да се отслужи опело за двајца или повеќе упокоени бидејќи молитвата на нивните блиски е поусрдна отколку да се оддржат повеќе опела посебно за секого и тие опела, поради недостаток на време и умор, да се скратат.
Бидејќи секој збор во молитвата за умрените е како капка вода за жедните. Веднаш погрижете се и за тоа умрените секој ден да се спомнуваат на Литургија во текот на наредните четириесет дена. Обично во црквите каде се обавува богослужење секојдневно упокоените кои тука за опеани се спомнуваат 40 дена, па дури и подолго. Но, ако опелото било отслужено во храм каде нема секојдневни богослужења, самите роднини се должни да се погрижат и да обезбедат четириесетдневно спомнување на Литургија во оние храмови каде Божјата служба се обавува секој ден. Исто така е добро за упокоениот да се испрати прилог во манастири, како и во Ерусалим каде на свети места се вознесува непрестана молитва.
Четириесетдневното спомнување треба да се започне веднаш по смртта, кога на душата осбено и е потребна молитвена помош и затоа е неопходно да се започне со спомнување во најблиското место каде се врши секојдневно богослужење. Да се погрижиме да направиме се што можеме за оние кои заминале во другиот свет пред нас, сеќавајќи се на зборовите: „Блажени се милостивите, зошто ќе бидат помилувани“ (Мт. 5, 7).
ВОСКРЕСЕНИЕ НА ТЕЛАТА
Еден ден на овој пропадлив свет ќе му дојде крај, а ќе настапи вечното Царство Небесно во кое душите на спасените, соединети повторно со своите воскреснати тела занавек, бесмртни и непропадливи, ќе пребиваат со Христа. Тогаш делумната радост и слава, кои дури и сега душите на Небесата ги познаваат, ќе бидат заменети со полнотата на радоста на новата творевина за која човекот и беше создаден. Но, оние кои не го прифатиле спасението кое Христос го донесе на земјата, ќе се мачат вечно, заедно со нивните воскреснати тела – во пеколот.
По завршеното поглавје „Точно изложување на православната вера“, преподобен Јован Дамаскин добро ја опишува конелната состојба на душата после смртта: „Веруваме, исто така, и во воскресението на мртвите, зошто тоа навистина ќе се случи, навистина ќе има воскресение на мртвите. Но, говорејќи за воскресението, ние разбираме воскресение на телата. Зошто воскресението е повторно кревање на она што пропаднало. Но, бидејќи душите се бесмртни, како ќе воскреснат? Ако смртта се одредува како одвојување на душата од телото, тогаш воскресението, секако, е повторно соединување на душите и телата и повторно кревање на раздвоеното и паднато живо битие. Значи, токму она тело кое се распаднало, ќе воскресне како нераспадливо, зошто Оној Кој на почетокот го создаде од земен прав, може и да го воскресне откако тоа, по одлука на Творецот, се распаднало и се вратило назад во земјата од која и беше земено…
Секако, доколку само душата пребивала во подвиг на доблесно живеење, само таа и би била овенчана. И само таа секојдневно да се предавала на задоволства, би било праведно само таа и да биде казнета. Но, бидејќи ниту во доблеста, ниту во пороците душата не учествувала без телото, праведно е тие заедно да го примат она што го заслужиле…
Така ние ќе воскреснеме, зошто душите повторно ќе се соединат со телата кои ќе станат бесмртни и нераспадливи и тогаш ќе застанеме пред Страшниот Христов Суд. И ѓаволот и неговите демони и неговиот човек, Антихрист и нечестивите луѓе и грешниците ќе бидат предадени во вечен оган; но тоа не е вештаствен, материјален оган, каков што ние го знаеме, туку оган каков што го знае само Бог.
А оние кои правеле добро ќе заблеснат заедно со ангелите во вечен живот, заедно со нашиот Господ Исус Христос, секогаш гледајќи во Него и од Него водени ќе се насладуваат со радост која ќе исходи од Него, прославувајќи Го со Отецот и Светиот Дух во бесконечни векови. Амин“. (стр. 267-272).
+++ МВПЦ Јован Хаџи

This entry was posted in Поуки. Bookmark the permalink.

Comments are closed.