МАЈКАТА ДО 40 ДЕНА ОД ПОРОДУВАЊЕТО НЕ ТРЕБА ДА ПРИСУСТВУВА НА КРШТЕВАЊЕТО НА СВОЕТО ДЕТЕ

IMG-1466584009409-V
ЦРКВАТА ГИ ПРЕДУПРЕДУВА ДВАЈЦАТА РОДИТЕЛИТЕ: ОВА МОРАТЕ ДА ГО ИСПОЧИТУВАТЕ ЗА ДА НЕ НАВЛЕЧЕТЕ ПРОКЛЕТСТВО ВРЗ НЕДОЛЖНОТО ДЕТЕ!
Крштевањето е Света тајна преку која човекот станува христијанин и член на Црквата. Само крстен човек има право на сите останати тајни и обреди во Црквата. Има голем број на обичаи поврзани со оваа Света тајна.
Според правилото на Црквата, свештеникот би требало да чита молитва на породената жена во првиот ден кога го раѓа детето, потоа на осмиот ден по пораѓањето, кога на детето му се дава име, кога стануваат огласени, и потоа во четириесетиот ден кога се врши оцрковување на детето (внесување во црквата). Но, приликите и околностите во пракса задржале само два момента врзани за оваа Света тајна, а тоа се: предназначување и крштевање.
ПРЕДНАЗНАЧУВАЊЕ
По неколку дена од породувањето кога мајката и детето ќе излезат од породилиштето, се врши предназначување на детето. Имено, некој од младите во домаќаниството, роднина или сосед, оди кај надлежниот свештеник со едно мало шише со вода. Свештеникот осветува вода, ја префрла во шишето, става во него еден страк од босилек и му дава име на детето кое тоа го носи се до крштевањето. Тоа е предназначување. Ова се врши во спомен кога малиот Христос го однеле во осмиот ден во храм и кога го добил името. Водата во шишето се носи дома и според народниот обичај, таа вода се додава четириесет дена во водата во која се бања детето или се до крштевањето.
КРШТЕВАЊЕ
Штом детето малку зајакне, по една недела или две, може да се изврши крштевањето. Црквата препорачува крштевањето да се направи колку што може порано зошто, доколку се случи несреќен случај, детето да не умре некрстено, а со тоа и над него не би можело да се изврши опело. Крштевањето се врши во храм или во манастир каде има крстилница, а може и во домовите на родителите.
ШТО Е ПОТРЕБНО ЗА КРШТЕВАЊЕ
Доколку крштевањето се врши во домот на родителите на новороденото дете, прво потребно е домот и просторијата во кое треба детето да биде крстено, да бидат свечено опремени зошто крштевањето е голема и свечена Света тајна. Потоа треба да се спреми чинија со вода, како за слава, босилек, кадилница, жар, темјан и свеќа.
Треба да се спреми и крсница-тоа е бело платно, со големина еден на еден ипол метри во кое детето се завиткува по крштевањето. Од таа крсница на детето му се шие кошулка, бенкиче или перниче за спиење. Белата кошула и крсницата ја симболизираат невиноста и безгрешноста, зошто белата боја е симбол на духовната и телесна чистота.
Водата во која детето се крштева може да се подгрее, особено во студени денови, за детето да не настине. По крштевањето, водата се истура на место кое не се гази или пак во некое цвеќе во домот.
Косичката која свештеникот ја потстрижува при крштевањето, се става во восок, па потоа се става во некој калем или пак се чува дома како спомен на овој голем настан во животот на детето. Свеќата која се пали на крштевањето се чува во домот како мил спомен.
МАЈКАТА НА КРШТЕВАЊЕТО
Доколку детето се крштева пред четириесетиот ден од раѓањето, мајката не може да присуствува зошто жената 40 дена по породувањето се смета за нечиста. Инаку, ако крштевањето се врши после четириесетиот ден, се препорачува и е пожелно мајката да присуствува на крштевањето бидејќи тоа е голем ден и за нејзиното дете и за неа.
ВРЕМЕ КОГА СЕ КРШТЕВА
Имајќи во предвид дека свечениот настан на крштевањето е проследен и со гозба, што значи подготвување на свечен ручек, црквата препорачува крштевањето да се врши во денови кои се мрсни, зошто во спротивно, ако крштевањето се врши во пост, задолжително треба да се спрема посна храна. Голем грев прават оние родители кои за толку важен и голем ден и настан за своето дете, покрај подготвување на посна храна подготвуваат и мрсна и така вршат јавно соблазнување и навлекуваат проклетство на себе и на своето недолжно дете.
Инаку, крштевањето може да се врши секој ден и во секое доба на денот и ноќта. Добро е доколку крштевањето може да се изврши за некој празник и тоа претпладне, „додека напредува денот“ и кога свештеникот ја завршил светата литургија, кога се причестил, а добро би било и родителите да се причестат на тој ден, доколку не е во оние први 40 дена, кога мајката не смее да оди во црква.
КУМОТ НА КРШТЕВАЊЕТО
Покрај свештеникот кој крштева, важна личност на крштевањето е и кумот. Кумот го дава името на детето. Тој е сведок на крштевањето и духовен отец на детето кое се крштева. Затоа кумот мора да е од православна вера, крстен, со чист и морален живот, мора да биде полнолетен, значи духовно и телесно зрела личност и да има физичка можност да учествува во Светата тајна на крштевањето. Родителите не може да бидат кумови на своите деца, исто така и монасите не може да кумуваат на крштевање. Кумот, во име на детето, при крштевањето се одрекува од сатаната и се соединува со Христа, го чита, т.е. исповеда Символот на верата во име на своето кумче. Кај нашиот народ заради тоа институцијата на кумството е на голема висина. Затоа и народот вели: „Бог на небото – кумот на земјата“.
КРШТЕВАЊЕ НА ВОЗРАСНИ
Од познати причини во последните неколку децении останале многу некрстени лица во нашиот народ. За среќа денес многумина се интересираат за својата вера и црква и сакаат да се крстат. Што е важно кога станува збор за крштевање на возрасни лица? Прво, важно е таа личност искрено и по своја волја да сака да се крсти. Потоа треба да се запознае со основните вистини на својата вера и на своето крштевање таа личност го чита Символот на верата, а не кумот како што е кај децата. Исто така, треба да се спреми за крштевање, така што ќе пости барем седум дена и по крштевањето да прими причест. И возрасните треба да имаат свој кум. Црквата, снисходувајќи кон возрасните, применила во пракса, тие да може да се крстат само со наводнување на главата, а таму каде има крстилница и каде се врши потопување, постојат соблекувални и специјални бели одежди во кои се облекуваат возрасните.
КРШТЕВАЊЕ ПРИ ПОТРЕБА
Ако се случи детето да дојде во животна опасност поради болест, се врши таканаречено крштевање при потреба. Тоа крштевање може да го изврши секоја крстена личност на следен начин:
Детето се полева или се потопува во вода и се кажуваат следните зборови: Се крштева слугата Божји (името) во името на Отецот Амин, и Синот Амин и Светиот Дух Амин, сега и секогаш и во сите векови, Амин. Тоа е формула на крштевањето, која потоа свештеникот, ако детето преживее, не ја изговара, а сите останати молитви и останати делови од обредот ги врши по редослед.
МВПЦ ПРЕДУПРЕДУВА ДО ВЕРНИЦИТЕ И ПРАВОСЛАВНИОТ НАРОД ДЕКА ВО СЕКОЈА ЕДНА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА СВЕТИТЕ ТАЈНИ НЕ СЕ НАПЛАТУВААТ
МВПЦ +++Јован Хаџи

This entry was posted in Почетна. Bookmark the permalink.

Comments are closed.