ДУШАТА ПОСЛЕ СМРТТА

61rT54+4LDL
ОТЕЦ СЕРАФИМ РОУЗ-ВИСТИНСКО ХРИСТИЈАНСКО ДОЖИВУВАЊЕ НА НЕБЕСАТА
1.„ЛОКАЦИЈАТА“ НА НЕБЕСАТА И АДОТ
Веќе сме виделе од многуте истории на светите Отци и од житијата на Светителите дека душата веднаш по смртта стапува во поднебесно воздушно царство. Исто така видовме дека движењето на душата низ воздушното царство, откако телото навистина умира и душата се одвојува од се земско, се опишува како вознесување низ митарствата. Тука почнува „посебен“ суд за да се види дали душата е достојна да престојува во Небесата. Паднатите духови, душите обременети со непокајани гревови ги урнуваат во пекол, а оние, пак, кои успешно го поминуваат испитувањето на митарствата слободно влегуваат во Небесата предводени од Ангелите.
Што се Небесата? Каде се наоѓаат? Имаат ли некое одредено место? Дали се наоѓаат „таму горе“? И овие, како и други прашања кои се однесуваат на животот после смртта, не треба да се поставуваат само од љубопитност, туку за подобро да го сфатиме учењето на Црквата за тоа и за да избегнеме било каква збунетост кои модерните идеи и некои психички експерименти можат да ја внесат дури и во душите на православните христијани.
Прашањето околу местото, „локацијата“ на Небесата (адот) е едно од оние кои денес многумина погрешно го разбираат. Не така одамна Хрушчов се потсмевал на верниците, на оние кои се уште верувале во Небесата: а ете тој ги испрати космонаутите во вселената, а тие Небесата таму не ги виделе!
Ниту еден разумен христијанин не верува во безбожната карикатура на Рајот „на облаци“, иако постојат и такви наивни протестанти кои се спремни Небесата да ги сместат во некоја далечна галаксија или созвездие.
Меѓутоа, сето видливо создание е во падната состојба и во неа никаде нема место за невидливите Божји Небеса кои се духовни, а не материјална реалност.
Но многу христијани, за да го избегнат потсмевањето на неверниците и да ја отклонат и најмалата флека на некаквата материјалистичка концепција, отишле во друга крајност тврдејќи дека Небесата не се наоѓаат никаде. Кај римокатолиците и протестантите може да се најдат високоучени апологии кои докажуваат дека Небесата се „состојба, а не место“, дека изразот: „таму горе“ е само метафора, дека Вознесението Христово (Лк. 20, 50 – 51: Дел. 1, 9-11) не било вистинско вознесение, туку само „промена на состојбата“. Учинокот на ваквите апологии е тој што Небесата и адот станале многу нејасни и неодредени поими и дека свеста за нивното реално постоење постепено исчезнува. Ова доведува до погубни последици по животот на христијаните зошто тоа се всушност оние реалности кон кои е насочен целиот наш земен живот. Според учењето на епископот Игнатиј Брјанчанинов, сите тие апологии се зановаат врз погрешната идеја на нововековниот филозоф Декарт кој вели дека се она што не е материјално, вештаствено, е „чист дух“ – неограничен со време и простор.
Епископот Игнатиј пишува: „Декартовото мрморење за независноста на духовите од времето и просторот е чиста бесмислица. Се што е ограничено, нужно зависи од просторот“ (т. III, стр. 312).
„Многубројните цитати од богослужбените книги и од делата на светите Отци на Православната Црква сосема сигурно даваат одговор на прашањето каде се наоѓаат Рајот и адот. Православната Црква сосема јасно укажува на тоа дека Рајот се наоѓа на Небесата, а адот во утробата на земјата“ (т. III, стр. 308-309, подвлекол епископ Игнатиј). Тука ќе укажеме на тоа како треба ова учење да се разбере.
Несомнено е точно, како што покажуваат многубројните цитати кај епископот Игнатиј, дека сите православни извори: Светото Писмо, богослужењата, житијата на Светителите, делата на светите Отци, – говорат за Рајот и Небесата како за нешто што е „горе“, а за пеколот како нешто што е „долу“ под земјата. А бидејќи Ангелите и душите се ограничени во простор, исто така е вистина дека тие секогаш мора да се наоѓаат на едно одредено место – во Небесата, во адот или на земјата.
Ние веќе ги наведовме учењата на преподобен Јован Дамаскин за ангелите дека „кога тие се наоѓаат во Небесата, не се на земјата, а кога Бог ќе ги испрати на земјата, тогаш тие не се во Небесата („Точно изложување на Православната вера“ т. II, стр. 206), што сосема се сложува со учењето на Свети Василиј Велики („За Светиот Дух“, гл.23), Свети Григориј Двоеслов („Поуки за книгата за Јов“, книга II, 3), и во суштина со учењата на сите православни Отци.
Значи Небесата, несомнено, се место кое, повторно несомнено, се наоѓа „горе“ во однос на било која точка на земјата, а адот несомнено е „долу“, во утробата на земјата; но луѓето тие места не можат да ги видат се додека не им се отворат духовните очи, како што објаснивме претходно, говорејќи за воздушното царство.
Освен тоа, овие места се наоѓаат надвор од „координатите“ на нашиот просторно – временски систем: авионите не пролетуваат „невидливо“ низ Рајот, ниту сателитите низ третото небо, ниту со бушењето на земјината кора може да се допре до душите кои во адот го чекаат Страшниот Суд. Тие се таму, но во друг вид на простор. Тој простор започнува токму тука, но се протега во сосема друг правец.
И во нашето секојдневно искуство на оваа страна има знаци или барем навестувања за таа друга стварност. На пример многу Светители постоењето на вулканите и огромните ровови во средиштето на земјата ги сметале за знак дека постои ад во земјината внатрешност.
Секако адот не е „материјален“, како што е лавата која избива од внатрешноста на земјата. Но, се чини дека сепак постои некакво „преклопување“ на овие два вида на стварности – „преклопување“ кое пред се може да се види и кај самиот човек кој има способност под одредени околности или по Божја дозвола, да ги согледува овие две стварности. И современите научници морале да признаат дека веќе не се сигурни во тоа каква е вистинската природа на материјата и кои се нејзините граници, т.е. каде таа престанува, а каде почнува „душевната“ реалност.
Многубројни примери од житијата на Светите сведочат за тоа како „нештата од онаа страна“ превалуваат во овој наш „нормален“ свет. Да речеме дека често се случувало некој да ја види душата на ново-претставен човек како влегува во Небесата, како што светиот Венедикт ја видел душата на свети Герман Капуански која два Ангели ја вознесуваат во Небесата во огнена топка (Свети Григориј, „Разговори“, II, 35), или како што житалите на островото Атооњак виделе како душата на Свети Герман Алјаски влегува во огнен столб или како што Старец Филарет Глински ја видел душата на Свети Серафим Саровски како се вознесува во Небесата.
Пророкот Елисеј видел како пророкот Илија заминува во Небесата во огнена кочија (III Цар. 2, 11). Други, пак, виделе како души поминуваат низ митарствата. Особено бројни се вакви случаи во житијата на Преподобен Нифонт, епископ на градот Констанца на Кипар (се слави на 23 декември) и Свети Колумбо Јонски од чие житие наведовме еден настан во поглавјето за митарствата.
Во житието на блажениот Теофил Киевски се вели дека еден од сведоците на неговото праведно окончување видел како „пред неговите очи нешто за момент поминало и како некој студеникав здив го допрел неговото лице. Димитриј зачуден погледнал нагоре и се скаменил: во ќелијата покривот полека се кревал, а синото небо како да ги раширувало рацете за да ја дочека светата душа на умрениот праведник („Животот на блажениот старец јеросхимонах Теофил“, о. Владимир Зноске, Киев, 1906 год.).
Преку тоа општо сознание дека Небесата и адот навистина се „места“, но не места во овој свет, во нашиот просторно – временски систем, нашата љубопитност не би требало да се протега. Овие „места“ толку се разликуваат од нашите земни претстави за „места“ што безнадежно ќе се заплеткаме ако се обидеме да го направиме нивниот „атлас“. Во некои житија на Светители јасно се изнесува дека „Небесата“ се над „Рајот“; во други се кажува дека постојат барем „три небеса“, но дека не е наше да ги наоѓаме „границите“ на овие места, ниту да ги утврдуваме нивните својства.
Такви описи ни се дадени по Божја промисла за да не поттикнат со христијанско живеење и смрт да ги стасаме тие места, а не ние врз нив да ги применуваме нашите земни категории на логика и сфаќање кои сосема се непримерни.
Свети Јован Златоуст правилно не потсетува на тоа што треба да ни биде вистинска грижа при проучување на Небесата и адот: „Ти прашуваш каде е адот, но зошто ти е потребно да го знаеш тоа? Ти треба да знаеш дека адот постои, а не каде тој се наоѓа…Според мое мислење тој е некаде надвор од овој свет…Да се потрудиме да дознаеме не каде тој се наоѓа, туку како да го избегнеме“ (Од „Беседа на Посланието до Римјаните“, 31, 3-4).
Во овој живот нам малку ни е дадено да знаеме за стварноста во оној свет, но знаеме доволно за да можеме да им одговориме на рационалистите кои велат дека Небесата и адот не се наоѓаат „никаде“, само поради тоа што не можат да ги видат. Всушност, тие места „некаде“ се наоѓаат и некои жители на земјата биле таму и се вратиле за да ни раскажуваат за нив; но додека сме во тело тие места ние подобро ги гледаме со вера отколку со непосредно знаење. „Зошто сега гледаме како во огледало, во загатка, а потоа лице во лице; сега знам делумно, а потоа ќе познам како што бев познат“ (1Кор. 13, 12).
2.ХРИСТИЈАНСКО ДОЖИВУВАЊЕ НА НЕБЕСАТА
Вистинското христијанско доживување на Небесата секогаш во себе носи еден ист печат на искуството од онаа страна. Оние кои ги виделе Небесата едноставно не патувале на друго место, туку стапиле во сосема различна духовна состојба. Ние кои тоа не сме го доживеале лично мораме да се задоволиме со опис на одредени надворешни обележја врз основа на кои овие доживувања можат прилично јасно да се разликуваат од сите оние доживувања на воздушното царство кое претходно го разгледавме.
Во многу житија на Светителите се опишува како луѓе од земјата набљудувале возвишување на души во Небесата. Во житието на Свети Антониј Велики читаме: „Друг пат Антониј седеше во гората и го крена погледот нагоре и виде како некој се вознесува по воздухот, а многумина со радост го пресретнуваа. Воодушевувајќи се на тоа и возвеличувајќи го тој собор, тој почна да се моли да му се открие значењето на она што го видел. И веднаш му се јави глас:’Тоа е душата на Амун, нитријски монах, кој до старост пребиваше во подвиг’( Житие на Свети Антониј).
Ава Серапион вака ја опишува смртта на Свети Марко Трачки: „Погледнувајќи нагоре, видов како душата на светителот – веќе ослободена од врската со телото – Ангелите со своите раце ја покриваат со блескава бела риза и ја вознесуваат во Небесата. Со поглед го следев нејзиниот пат на вознесување низ воздухот и ги видов Небесата отворени. Тогаш видов дека мноштво демони како стојат на тој пат и слушнав ангелски глас упатен кон нив: ‘Синови на темнината, бегајте и сокријте се од светлината на правдата!“
Светата Маркова душа беше задржана во воздухот околу еден час. Потоа од Небесата се слушна глас кој им зборуваше на Ангелите: „Земете го и доведете го тука оној кој ги засрами демоните“. Кога душата на преподобниот, целосно неповредена, помина низ демонските легии и веќе се приближуваше кон отворените Небеса, видов нешто што наликува на десна рака која се протегаше од Небесата за да ја прифати непорочната душа. Потоа ова видение се сокри од моите очи и повеќе ништо не видов“. (Житија на Светителите, 5 април).
Од овие примери веќе можеме да воочиме три карактеристики на вистинско христијанско доживување на Небесата. Тоа се: дека душата се вознесува кон Небесата, дека ја следат Ангели и дека ја дочекуваат жителите на Небесата, на чие жителство и таа се придружува.
Постојат различни доживувања на Небесата. Понекогаш душата е одведена таму пред смртта за да ја види тамошната убавина или местото кое и е припремено. Така Света Мавра, откако не прифатила две лажни виденија од паднатите духови, во текот на своето маченичко страдање (нешто што претходно го наведувавме како пример на можно искушение во часот на смртта) вака го опишува богодаденото видение кое потоа следело: „Исто така видов и трето момче, со преубав изглед, чие лице блескаше како сонце. Земајќи ме за рака, тој ме вознесе во Небесата и ми покажа престол покриен со бела одежда и прекрасен венец. Воодушевена од таа убавина, јас го прашав момчето кој ме донесе на Небесата: „Господине, чие е ова?“, а тој ми рече: „Тоа е награда за твојот подвиг…Но, сега врати се во своето тело; утре рано во шест часот ќе дојдат ангели Божји да ги земат вашите души за да ги вознесат на Небесата“ ( Житија на Светители, 3 мај).
Постои и доживување на видение на Небесата од далеку, како во случајот со првомаченикот Стефан кој ги видел „Небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога“ (Дела 7, 56). Меѓутоа, тука ќе го разгледаме само она доживување кој е најсличен со современото „посмртно“ искуство – вознесувањето во Небесата, било по смртта или во богодадено видение, „во тело“ или „надвор“ од него. Свети Салвиј Албински, галски јерарх од шестиот век, откако бил мртов речиси цел ден, се вратил во живот и на својот пријател Григориј Турински му го раскажал следново:
„Кога мојата ќелија се стресе пред четири дена, а ти ме виде како лежам мртов, два Ангели ме кренаа и ме донесоа на самиот врв на Небесата и мене ми се причини дека под моите стапала не се наоѓа само оваа една земја, туку и сонцето и месечината, облаците и ѕвездите. Потоа ме поведоа низ двери кои блескаа со светлина посјајна од сонцето и ме внесоа во здание каде сите подови блескаа како злато и сребро. Таа светлина не може да се опише. На тоа место се наоѓаше мноштво народ – по изглед ниту мажи ни жени – кое се простираше толку далеку на сите страни што не можеше да му се види крајот.
Ангелите ми направија премин низ таа маса од луѓе и ние дојдовме на местото во кое уште од далечина го вперувавме погледот. Над тоа место висеше облак кој беше поблескав од било каква светлина, иако никаде немаше сонце, ниту месец или ѕвезди. Навистина, самиот облак со својот сјај блескаше посилно од нив. Тогаш од облакот дојде глас сличен на звукот од многу води. Мене грешниот ме поздравија со голема чест некои битија од кои едни беа облечени во свештенички одежди, а други во обични наметки. Тие што ме следеа ми рекоа дека тоа се маченици и други светители кои ние на земјата ги прославуваме и кон кои усрдно се молиме. Додека стоев таму ме погоди таков сладок мирис што јас, заситен од него, не чувствував никаква потреба од храна и вода се до овој час. Потоа слушнав глас кој ми рече: „Нека овој човек се врати на земјата зошто е потребен на нашите цркви“. Го слушнав гласот, но не можев да видам кој зборува. Тоа паднав на земја и заплакав: „Ах, Господи“, реков, „зошто ми ги покажа сите овие нешта кога повторно ги одземаш од мене?“ А гласот кој ми говорече, рече: „Оди во мир, Јас ќе се грижам за тебе додека не те доведам повторно на ова место“. Оние кои ме следеа тогаш ме оставија и јас, плачејќи, се вратив низ дверите низ кои влегов“ (Историја на Франките, кн. VII, 1).
Ова доживување укажува на неколку уште поважни обележја: блескавоста на небесната светлина, невидливото Божје присуство чиј глас се слуша, трепетното почитување кое Светителите го укажуваат пред Бога и чувствителноста на Божјата благодат дадена во вид на неопислив сладок мирис. Исто така јасно се кажува дека мноштвото „луѓе“ видени на Небесата (покрај Ангелите кои ја следат душата) – се души на маченици и светители.
Исто така и еден монах од Венлок, откако од ангели бил вознесен и откако ги поминал митарствата „здогледал прекрасно место каде мноштво на многу убави луѓе ликувале со неискажлива радост, повикувајќи го и него да ја подели со нив таа среќа и радост ако му е дозволено. А од здивот на овие блажени души кои се насладувале со заедничка радост, до него допирал чудесен мирис. Светите Ангели му рекле дека тоа место е Рајот Божји. Виде уште и „величенствени ѕидини со неверојатна должина и висина кои светат со блескав сјај, а светите Ангели му рекоа: „Ова е тој свет и славен град, небесен Ерусалим, каде душите на светителите пребиваат во вечна радост.“ Тој велеше дека овие души и ѕидините на овој славен град…биле толку заслепувачки сјајни што воопшто не можел да гледа во нив“ (Писма на Свети Бонифатиј).
Можеби најпотполно и најчудесно доживување на Небесата, било кога забележан во христијанската литература, е оној кој го имал Свети Андреј јуродив ради Христа (живеел во Константинопол во деветиот век). Ова доживување, врз основа на кажувањето на самиот Светител, е запишано од неговиот пријател Никифор. Тука наведуваме само поедини делови.
Еднаш, за време на една сурова зима, Свети Андреј лежел на улица смрзнат и веќе пред смрт, кога одеднаш почувствувал топлина и здогледал едно прекрасно момче со лице кое блескало како сонце. Ова момче го повел во Рајот, на третото Небо.
„По Божја волја јас пребивав во ова слатко видение две недели…Се видов себеси во прекрасниот Рај…со ум и срце се воодушевував на неискажливата убавина на Рајот и се насладував одејќи по него…Пред мене одеше момче, со лице светло како сонце и облечен во пурпурна облека…Одејќи по него видов голем и прекрасен Крст кој наликуваше на виножито, околу кој стоеа огнени пејачи. Тие вознесуваа милозвучни поења, славејќи Го Господа, некогаш на Крст распнат.
Момчето кое одеше пред мене му пријде на Крстот, го целива и мене ми даде знак за и јас да го целивам Крстот…Додека го целивав јас се исполнив со неискажлива духовна сладост и почувстував мирис посилен од рајскиот. Откако поминав покрај Крстот, погледнав надолу и здогледав под себе нешто како длабоко море…Мојот патеводител се заврте и ми рече: „Не се плаши зошто ќе се качиме уште повисоко“. И тој ми подаде рака. Кога ја прифатив неговата рака, веќе бевме над второто небо. Таму видов прекрасни мажи, нивниот спокој и со човечки јазик неискажлива радост на нивното славење…И ете, се возвишивме на третото небо каде видов и слушнав мноштво на Небесни Сили кои со песна Го славеа Бога. И момчето што ме водеше ми рече: „Кога ќе се тргне завесата, ќе Го видиш Господ Христос. Поклони се на Неговиот престол.“ Кога го слушнав ова, целиот затреперив зошто во истиот момент почувствував ужас и неискажлива радост. И ете, некаква пламена рака ја тргна завесата и јас, како пророкот Исаија, Го видов мојот Господ „како седи на престолот висок и воздигнат и Серафимите стоеја околу Него“ (Ис.6,1)…Кога Го видов, паднав пред Него…
Дури и сега, сеќавајќи се на тоа видение, јас се исполнувам со неискажлива радост. Потоа сета небесна војска запеа прекрасна, неискажлива песна и јас повторно – ниту самиот не знам како – отидов во Рајот и одев по него“ (Житија на светители, 2 октомври).
Кога Свети Андреј помислил дека не ја видел Божјата Мајка во Небесата, Ангелот му рекол: „Си сакал тука да ја видиш Царицата, Таа која е посјајна од небесните сили? Не е тука, отиде во многустрадалниот свет да им помага на луѓето и да ги утеши оние на кои им е потребна. Би ти го покажал нејзиното свето место, но веќе нема време бидејќи мораш да се вратиш назад.“ Со ова уште еднаш се потврдува дека Ангелите и Светителите во едно исто време може да се наоѓаат само на едно место.
Дури и во XIX век, слично вистинско видение на Небесата имал схимонахот Теодор Свирски, ученик на старецот Пајсиј Величковски. Пред крајот на своите земни денови, тој го искусил силното делување на Божјата благодат врз себе. Не долго после еден таков случај, тој се разболел и три дена бил во некој вид на кома. „Кога паднал во занес и се нашол надвор од себе, пред него се појавило некое невидливо момче кое можело да се почувствува и забележи само со срцето. Тоа момче го одвело по една тесна патека на левата страна. Самиот отец Теодор подоцна раскажувал дека имал чувство дека веќе умрел и самиот на себе си рекол: „Умрев. Не знам дали ќе се спасам или ќе погинам“. „Спасен си!“ – му одговорил на тие негови помисли невидливиот глас. И одеднаш некаква сила како силен виор го потфатил и го пренел на десната страна.
„Вкуси ја радоста на рајскиот венец кој го давам на оние кои ме љубат“ – се слушнал невидливиот глас. На Отец Теодор му се сторило како да со овие зборови Самиот Спасител ја положил Својата десна рака врз неговото срце и тој бил вознесен во некое неискажливо пријатно, но сосема невидливо живеалиште кое со земни зборови не можело да се опише. Од тоа чувство тој прешол во друго, уште повозвишено, а потоа во трето, но сите тие чувства, како што тој самиот говорел, можел само да ги запамети со срцето, но не и да ги сфати со разумот. Потоа тој здогледал нешто како храм и во него, близу олтарот, како шатор во кој биле петмина или шестмина луѓе. Мисловниот глас му рекол: „Заради овие луѓе се одложува твојата смрт. Заради нив уште ќе поживееш“. Тогаш му бил откриена духовната возраст на некои негови ученици, па потоа Господ му соопштил какви искушенија ќе ја загорчат вечерта на неговиот живот… Но Божествениот глас го уверувал дека овие бесни бранови нема да го оштетат коработ на неговата душа, зошто нејзиниот невидлив навигатор е – Христос“ (Од „Животопис на оптинскиот старец јеромонах Леонид, 1876 г.).
Би можело да се наведат и други примери од житијата на светителите и подвижниците, но тоа само би било повторување на веќе кажаното. Меѓутоа, поучно би било за споредба со современите „посмртни“ искуства да се изнесе искуството на современиот грешник во Небесата. Така, авторот на текстот „Неверојатно за многумина…“, откако ги избегнал демоните во митарствата, благодарејќи на заложбата на Мајката Божја, опишува како, уште воден од Ангелите, продолжил да се движи нагоре и потоа вели: „Над себе здогледав силна светлина. Таа ми се причини како сончева, но беше многу, многу посилна од неа. Таму мора да е некое царство на светлината…
И одеднаш со голема брзина ние влеговме во областа на таа светлина и таа буквално ме ослепи. Јас ги затворив очите кревајќи ги очите кон лицето…Боже мој, што е ова, каква ли е оваа светлина? Зошто таа за мене е како темнина? Не можам да гледам и како во мрак ништо не гледам…Таа неможност да видам, да гледам, уште повеќе го зголемуваше мојот страв од неизвесност, толку природен во овој, за мене, непознат свет, и јас, силно вознемирен, помислив: Што ќе биде понатаму? Дали наскоро ќе ја поминам оваа област на светлина и има ли таа воопшто крај? Но, се случи нешто друго. Се слушна величествен, без гнев, но одлучен глас: „Не е спремен!“ А потоа…потоа за момент застанавме во нашиот брз лет нагоре – и почнавме брзо да паѓаме…“(стр. 48-49).
Во овој случај уште појасно е опишана природата на оваа небесна светлина: таа е таква што нејзиното видување може да го поднесе само оној кој, како Светите Салвиј и Андреј, со христијански живот и подвизи се спремал за тоа.
3.СВОЈСТВА НА ВИСТИНСКОТО ВИДУВАЊЕ НА НЕБЕСАТА
Ајде сега накратко да ги разгледаме главните одлики на овие вистински искуства на Небесата и да разгледаме како тие се разликуваат од искуствата на престојувања во воздушното царство опишани во претходните поглавја.
Вистинското искуство на Небесата секогаш се открива на крајот на процесот на вознесување, што обично се одвива низ митарствата (ако душата е должна таму да „плати“ некои „царини“). Од друга страна, во современите „вонтелесни“ и „посмртни“ состојби на митарства, демоните никогаш не се среќаваат, а само понекогаш се опишува процесот на вознесување.
Душата на Небесата секогаш ја водат Ангели или Ангел и таа никогаш не „заскитува“ таму случајно, ниту се движи по своја волја или од свои сили.
Ова е една од највпечатливите разлики помеѓу вистинското искуство на Небесата и современите искуства на Педесетниците и другите кои ја опишуваат „посмртната“ состојба во „Рајот“ и во „Небесата“. Овие неправославни искуства се во суштина исти како и светските, па дури и атеистичките доживувања на „рајот“, како што видовме претходно, и се разликуваат само во ирелевантни детали за толкување, што лесно може да биде плод на човечката фантазија, додека душата престојува на „астралниот план“.
Всушност, во овие неправославни искуства, душата никогаш не ја водат Ангели. Свети Јован Златоуст напиша за во толкувањето на евангелието на Лука (16: 19-31):
„Тогаш ангелите го одведоа Лазар. Напротив, душата на оној (богатиот) беше однесена од некои ужасни сили, можеби испратени за тоа. Бидејќи душата не може самата да се одведе во оној живот, тоа е невозможно. Ако ние, кога одиме од град во град, ни треба водич, колку повеќе ќе биде потребен за душата кога ќе се отргне од телото и ќе се предаде на идниот живот? “(Беседа „На Антиохискиот народ“ III,„ За Лазар“, цитирано според митрополит Макариј „Православна догматика“ II, стр. 536).
Ова навистина може да се смета за пробен камен на автентичноста на Небесното доживување. Во современите „посмртни“ искуства, на душата најчесто и се предлага да избере – дали сака да остане во „рајот“ или пак да се врати на земјата.
Сепак, вистинското доживување на Небесата никогаш не се случува според човечки избор, туку по Божја заповед, која ја извршуваат Неговите ангели. Во денешните „вонтелесни“ доживувања на „рајот“ обично нема потреба од никаков водич, затоа што сè се случува токму тука, во воздухот над нас, сè уште во овој свет. Присуството на Ангел – водич е неопходно само ако станува збор за доживување на нешто надвор од овој свет, некоја друга реалност, каде душата не може да се движи самостојно. (Ова не значи дека ѓаволите не можат да земат лик на „Ангел – водич“, но тие ретко го прават во современите искуства).
Доживувањето на Небесата се случува во заслепувачка светлина и е придружено со јасни знаци на благодатта Божја, особено со убав мирис. Ваквите знаци, за волја на вистината, понекогаш се среќаваат во денешните „посмртни“ искуства, но постои важна разлика помеѓу овие два вида на знаци, чија важност тешко можеме да ја пренагласиме.
Имено, современите искуства се површни, дури и сензитивни, тие во ништо не се разликуваат од слични искуства на неверници, освен по христијанскиот декор што набљуудувачот го гледа во текот на „вонтелесното“ искуство (или пак самиот го додава).
Ова искуство не претставува ништо друго освен природно чувство на задоволство во „вонтелесна“ состојба, обложено со тенка „христијанска“ глазура. (Исто така, во некои случаи е можно демоните да ја додадат својата измама за да можат дополнително да го вовлечат набљудувачот во гордост и да го зацврстат во неговото површно разбирање за христијанството, но нема потреба сега да се разгледува ова прашање).
Од друга страна, во вистинските христијански искуства, нивната длабочина се потврдува со навистина чудесни феномени: Свети Салвиј толку го „заситил“ благоуханието, што повеќе од три дена не чувствувал потреба од храна или вода.
Дури кога го раскажал своето доживување, мирисот исчезнал и неговиот јазик отекол и бил покриен со рани; Свети Андреј бил отсутен две недели; К. Икскул бил „клинички мртов“ 36 часа.
Во современите „посмртни“ искуства, секако понекогаш се случуваат „чудесни исцелувања“ во состојби блиски или слични на смртта, но никогаш не толку невообичаени како во горенаведените случаи. Исто така, се чини дека ништо не укажува на тоа дека овие луѓе навистина биле на Небесата, туку едноставно само сведочат дека тие ја доживеале пријатноста да бидат во „вонтелесна“ реалност (т.н. „астрална рамнина“).
Разликата помеѓу овие современи искуства и вистинските доживувања на Небесата е целосно иста како и разликата која псотои помеѓу денешното површно „христијанство“ и вистинското Православие. На пример, „мирот“ што го чувствува човекот кој „го прифатил Исус како свој личен Спасител“, или имал, во наше време толку вообичаено искуство да „зборува непознати јазици“ или имал видувања на „Христос“ ( што денес исто така не е реткост), но кој не знае ништо за свесното христијанско живеење во подвиг и покајание, ниту пак некогаш примил причест со вистинското Тело и Крвта на Христа во Светите Тајни од самиот Христос воспоставени, значи таквиот „мир“ во никој случај не може да се спореди со оној мир кој го откриваме во житијата на великите православни светители.
МВПЦ +++Јован Хаџи

This entry was posted in Написи. Bookmark the permalink.

Comments are closed.