МАКЕДОНСКА ВИСТИНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР,ГО ЧЕСТВУВА

dimitrij-kalojan-21085
ДЕНЕСКА, 26 ОКТОМВРИ,СВЕТИ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈА – МИТРОВДЕН
Овој славен и чудотворен светител се родил во третиот век во градот Солун од благородни и благочестиви родители. Татко му бил војвода и градиначалник во времето на царот Максимијан кога христијаните поминувале низ тешки искушенија и мачења. Измолен од Бога од бездетни родители Димитрија бил син единец, заради што бил воспитан и однегуван со големо внимание. Бидејќи татко му бил војвода солунски, па кога умрел, го поставиле Димитрија за војвода наместо неговиот татко. Кога го поставиле за војвода, христоборниот цар Максимијан особено му препорачал да ги гони и истребува христијаните што биле во Солун. Но Димитрија не само што не го послушал царот туку напротив, јавно Го исповедал и Го проповедал Христа во градот Солун. Кога слушнал за тоа царот Максимијан многу се огорчил на него, па еднаш враќајќи се од војна, царот отишол во Солун самиот да ја испита оваа работа. Го повикал војводата Димитрија и го испитувал за верата. Димитрија јавно пред царот признал дека е христијанин и го изобличил идолопоклонството на Максимијан. Разлутен, царот го фрлил Димитрија во затвор. Знаејќи што го чека, Димитрија му го врачил сиот свој имот на својот верен ученик Луп за да го раздаде на сиромасите и отишол во затворот весел, зашто му претстоело страдање за Господа. Во затворот му се јавил ангел Божји и му рекол: „Мир на тебе, страдалецу Христов. Биди храбар!” По неколку дена царот испратил војници во затворот за да го убијат.
Војниците го нашле Божјиот Светител на молитва и го избодиле со копја. Неговото тело тајно го зеле христијаните и чесно го погребале. Тоа се случило на 26 октомври 306 година. Од телото на Христовиот страдалник потекло исцелително миро, со кое мнозина болни се излечиле. Наскоро над моштите била подигната малечка црква. Еден илирски војник, Леонтиј, бил болен од неизлечлива болест. Се поклонил на моштите на Св. Димитрија со молитва и станал наполно здрав. Од благодарност му подигнал на Св. Димитрија црква многу поголема од старата. Светителот му се јавил двапати. Кога царот Јулијан сакал да ги пренесе моштите од Солун во Цариград, од гробот излегле пламени искри и се чуло глас: „Застанете и не гибајте!” Телото на Св. Димитрија е целосно, нераспадливо и долго време бил на Запад, однесено од крстоносците, но дури во 1979 година пронајдено во Јужна Италија и положено во црквата-базилика Свети Димитрија. И така моштите на Св. Димитрија останале засекогаш во Солун. Како заштитник на Солун Св. Димитрија се јавувал многупати и многупати го спасил градот од големи неволји. Неговите чуда се навистина безбројни. Русите го сметаат и за покровител на Сибир, којшто го освоија и го присоединија кон Русија во 1581 година.
Тропар, глас 3:
Во неволјите Вселената најде голем заштитник, тебе мачениче, кој ги победуваш многубошците. Како што ја уништи Лиевата гордост и за борба си го оснажил Нестор, така моли се, Свети Димитрија, на Христа Бога, да ни дарува голема милост.
Нека Господ Бог Благослави на многаја љета

АКАТИСТ КОН СВЕТИОТ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈА
Кондак 1

Чудесен Војводо на градот Солун, голем угоднику Христов и славен, подвижнику, Свети Димитрие, тебе, кој на светот му точиш миро на милост, ние те почитуваме и ти пишуваме пофалба, а ти имајќи слобода пред Господа, од секоја беда избави не, верно да ти воскликнуваме:Радувај се, Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
Икос 1
Творецот на Ангелите и Господ на Силите те прослави тебе, достоен за восхитување, како Ангел во тело, цврст и непобедлив во мачењето и силен заштитник на верните, затоа прибегнуваме кон Твоето застапништво принесувајќи Ти ги овие радосни песни:
Радувај се, ѕвездо која блескаш над цврстата Црква!
Радувај се, светилник, кој со чудеса го осветлуваш светот!
Радувај се, непоколеблив столб на верата!
Радувај се, нескршлив штит на православните!
Радувај се, сјаен украс на Тесалија!
Радувај се, преславна пофалбо на Солун!
Радувај се, сограѓанин на Апостолите!
Радувај се, заедно со мачениците си во небесните живеалишта!
Радувај се ти, кој ги примаш молењата на оние кои те повикуваат!
Радувај се, за сите нас на Бога се молиш!
Радувај се, свети Димитрије, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 2
Гледајќи се себеси како бездетни, побожните твои мајка и татко постојано Го молеа Господа да им дарува пород. А Севишниот, примајќи ја нивната молитва, се сети на милосрдноста кои тие им ја правеа на сиромасите и тебе им те дарува, Блажени. Радосни поради тоа тие со радост Му воскликнуваа: Алилуја!
Икос 2
Имајќи боженствен ум како чедо од Бога дарувано, ја замрази измамата на идолопоклониците, мудри: побожноста на родителите ја засака и со добродетелствата од сила во сила како по лествица кревајќи се, ја здоби Божјата благодат. Моли да ја добиеме и ние кои те почитуваме со ова воскликнување:
Радувај се, молитвен наследнику на своите побожни родители!
Радувај се, наследнику на нивнвата побожност! Радувај се, зошто многумина развесели раѓајќи се! Радувај се, зошто од утробата на мајката со благодат од висините беше осенет! Радувај се, миризлив крину на девственоста и чистотата! Радувај се, осветен во душата и телото! Радувај се, ризницо на Божјите дарови! Радувај се, зошто од младост го презре служењето на идолите!Радувај се, зошто вистинското Богопочитување го засака до самата смрт! Радувај се, зошто со своето благочестие на својот Христос Му угоди! Радувај се, зошто со Неговата благодат многу плодови донесе!Радувај се, Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 3
Силата на Вишниот те направи, Димитрие, во бојот храбар, за непријателите страшен, а на сите луѓе познат. Затоа злочестивиот цар Максимијан ти го врачи градот Солун наредувајќи ти како безумник да ги гониш христијаните, кои Му пеат на Бога: Алилуја!
Икос 3
Имајќи благопријатна ревност за вистинско Богопочитување, јавно, префални, пред незнабошците го исповеда Христа и уште нив ги научи Нему да Му се поклонуваат и во Него да веруваат, така станувајќи за Солунјаните втор Павле (апостол), па и ние со нив ти пееме:
Радувај се, на Црквата Христова, многуценет бисеру! Радувај се, најголем украсу на твојот град! Радувај се, зошто боженствената ревност си ја носел во срцето свое! Радувај се, зашто расипаноста на мачителите ја победи!
Радувај се, затоа ја изобличи одвратната лага на идолослужењето!
Радувај се, просветителе на помрачените!
Радувај се, зошто злочестието како плева го гориш!
Радувај се, зошто трњето идолско го сосекуваш!
Радувај се, зошто учиш на побожност!
Радувај се, зошто на патиштата на спасението продолжуваш!
Радувај се, зошто непријателите видливи и невидливи не смеат да ти пристапат!
Радувај се, непобедлив војнику на Исуса Христа!
Радувај се, Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 4
Зафатен со бура од злобни мисли, нечесниот цар се збуни гледајќи дека ти си, сечесен, верен слуга Христов и дека ги уриваш идолите и во верата во Христа Солунјаните ги приведуваш, учејќи го слават Трисветото име Божје, пеејќи Му: Алилуја!
Икос 4
Откако слушна дека Максимијан, исполнет со бес, по тебе доаѓа во Солун, ти Димитрие, со пост и молитва се подготви за мачеништво, наредувајќи му на Лупа, твојот верен слуга, твоето привремено богатство да го раздаде на сиромашните. А ние ти пееме и со љубов те фалиме:
Радувај се, зошто не се исплаши на заканите на мачителот! Радувај се, зошто се раздаде за да Го добиеш Христа! Радувај се, зошто празната слава од овој свет ја сметаше за ѓубре! Радувај се, зошто небесната слава од Христа Бога ја доби! Радувај се, зошто сострадуваш со сите кои за помош те молат! Радувај се, на сите кои се во невоља ти си брз помошмик! Радувај се, зошто ништожните ги збогатуваш! Радувај се, зошто се завземаш за несреќните и сиромашните! Радувај се, зошто им помагаш на бедните! Радувај се, зошто ги храниш гладните! Радувај се, Свети Димитрие, славни Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 5
Стана сличен на Витлеемската ѕвезда, Димитрие, зошто, како што таа патот кон Богомладенецот го покажа, така и ти го откри вистинското Сонце на со темнина обземениот цар. Затворен од него во темница, во неа, како во раскошна палата, си го величел нашиот Христос Бог, во радост пеејќи Му: Алилуја!
Икос 5
Гледајќи дека ти, за блаженство достоен, ќе го окончаш својот подвиг, мразителот на доброто, ѓаволот, разјаден од завист, те нападна во облик на шкорпија. Ти го згазна и во голема светлина го виде Ангелот Господов, кој дојде да ти даде сила, донесувајќи ти рајски венец. А од нас земните ти прими мал венец на овие пофалби:
Радувај се, трубо, која на неверниците Христа Бога Го огласуваш! Радувај се, кавалу, кого верниците со радост го слушаат! Радувај се, зошто со машкоста ги развесели небесните жители! Радувај се, зошто во темницата исполнета со мрак и смрдеа ангелот те утеши! Радувај се, зошто на небото како маченик прими прекрасни станови! Радувај се, зошто во тело го победи ѓаволот кој тело нема! Радувај се, зошто мрежата негова како пајажина ја раскина! Радувај се, зошто светол венец на победата прими! Радувај се, зошто венецот ти го даде Царот на славата! Радувај се, зошто од Него се удостои со многукратна благодат! Радувај се, зошто голема слобода пред Него стекна! Радувај се, Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 6
Злобниот Максимијан се радуваше кога неговиот силен борач Лиј ги убиваше христијаните. Нетрпејќи го тоа, блажениот Нестор, Мачениче, од тебе измоли благослов и одејќи во борба со него го собори на копје пеејќи Му на Христа: Алилуја!
Икос 6
Запалувајќи ја во Солун светлината на вистината, ти, Свети, пред себе кон Христа преку мачеништво го испрати Нестор, кого царот го обезглави разжалостен што му ја уништи надежта во Лиј, а потоа и самиот по наредба на истиот цар за Христа со копја беше избоден. Те молиме и нас пред Него да не спомнеш, зошто со почитување се сеќаваме на твоите страдања и ти воскликнуваме:
Радувај се, зошто Лиј, закрепнувајќи го Нестор против него со своите молитви го обори! Радувај се, зошто му измоли победа како борец кој се борел слично како Давид со Голијат! Радувај се, зошто после погибелта на Лиј со Нестор си примил иста маченичка смрт! Радувај се, зошто си избоден со копја за името на Оној Кого на Крст Го прободеа со копје! Радувај се, зошто после смртта Ангелите на небо те испратија! Радувај се, зошто со душата пребиваш во незалезна светлина! Радувај се, зошто со мачениците и сите светители непрестајно ликуваш! Радувај се, заштито и покрове на оние кои те прославуваат! Радувај се, зошто се молиш за оние кои го признаваат твојот спомен, Свети! Радувај се, Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 7
Сакајќи после твоето страдање да прими од тебе благослов, Луп го зеде прстенот и ризата натопена со твојата крв. Откако со неа направи многу чуда и исцелувања, нему му ја отсекоа главата и така го удостоија со тебе и Нестор да го пее во Троица славениот Бог: Алилуја!
Икос 7
Ѕидајќи ти нова црква, достоен за восхит, Леонтиј, кого го исцели, ги најде во земја светите твои мошти кои точеа миро, од чиј мирис целиот град замириса исцелувајќи многу болни. Те молиме да не замирисаш и исцелиш и нас, кои ти воскликнуваме:
Радувај се, зошто мирисот на добродетелта од младоста го засака! Радувај се, зошто од младост ангелска природа стекна! Радувај се, саду на благодатта! Радувај се, храму на непорочноста и чистотата! Радувај се, зошто Господ во тебе се всели со Отецот и Светиот Дух! Радувај се, зошто Он ги прослави моштите твои со благодатта на нераспадливоста! Радувај се, зошто од нив мирисно миро се точи! Радувај се, зошто со него се раздаваат осветувања и исцеленија! Радувај се, зошто твоето миро е порисно од смирната и нардот! Радувај се, зошто со твојата миризба смрдеата на страстите ги истеруваш! Радувај се, зошто со својата крв облеката и местото го освети! Радувај се, зошто заради своите рани, нашите душевни и телесни рани ги исцелуваш! Радувај се, Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 8
Невидено и прекрасно чудо направи кога на ѕидарот на твојот храм, кој ја понесе со себе плаштаницата со моштите твои, му помогна со неа да ја премине брзата и голема река како по суво; а тој на Бога, кој се прослави во тебе, со срцето и усните пееше: Алилуја!
Икос 8
Леонтиј, кој целиот гореше со љубов и усрдност кон тебе, Свети, ти го соѕида и другиот храм во својата земја Илирија. Но, и таму се случуваа мноу исцелувања, како и во Солун, зошто со твоите молитви многу болни и од ѓавол поседнати ги ослободи од слабостите, и уште многу други и славни чуда се случија. Восхитувајќи се на тоа, тебе ти извикуваме:
Радувај се, моќна заштито на оние кои те прославуваат! Радувај се, чудесен покровителу на оние кои ти соѕидаат храмови! Радувај се, дарителу на здравје! Радувај се, исцелителу на болести! Радувај се, зошто си го запирал течењето на крвта кај болните! Радувај се, зошто епархот Марин од рани и гној го избави! Радувај се, зошто со облеката своја, како Павле со марамите, чудеса правиш! Радувај се, зошто со неа и на Леонтиј му помогна преку реката! Радувај се, зошто реката ти се потчини! Радувај се, зошто духовите на темнината и злобата бегаат од оние кои те повикуваат! Радувај се, зошто се надеваме дека со твоето застапништво и нас од ѓаволските напади ќе не сочуваш! Радувај се, зошто веруваме дека ќе не избавиш од поплави и други неволји! Радувај се, Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 9
Се восхитија војските Ангелски на големата слобода која ја покажа кога Господ. Сакајќи да го предаде градот на непријателите, го испрати Ангелот да ти нареди да го напуштиш Солун, а ти не сакаше да го напуштиш, Славен. Тогаш Илустриј, кој сето тоа со ужас го гледаше и слушаше удостоен да види, со трперење говореше: Алилуја!
Икос 9
Мудреците не можеа да разберат, ниту говорниците да раскажат како девојките, кои ,одведени во ропство по наредба на кнезот кој ги зароби, го врзаа твојот лик, одеднаш ги зема и ги постави крај својот гроб во црквата каде се вршеше бдение на твојот празник. Ние, благословувајќи го Господа во тебе, со умиление ти говориме:
Радувај се, зошто на земјата за вистината се до крв пострада! Радувај се, зошто на небото со чест и слобода пред Престолот Божји стоиш! Радувај се, зошто ги избавуваш оние кои Те повикуваат во неволја! Радувај се, зошто брзо им помагаш на оние кои се погодени од несреќа! Радувај се, зошто Господ молитвите твои милосрдно ги прима! Радувај се, непресушен извору на чуда! Радувај се, источнику на неоскудни чудесни знаци! Радувај се, ослободителу на заробените! Радувај се, зошто ја укротуваш дрскоста на непријателите наши! Радувај се, зошто на тажните им испраќаш утеха! Радувај се, зошто даруваш радост на ожалостените! Радувај се, Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 10
Сакајќи да го спасиш градот свој од глад, ти, Свети Димитрие, на оние кои имаа пченица во големите морски пристаништа и на островите, им јавуваше за да им наредиш со неа да пловат за Солун. А народот, со твојата грижа од смрт избавен, благодарно заради тебе на Бога Му пееше: Алилуја!
Икос 10
Како ѕид несоборлив се покажа на својот град, Богомудар, и непобедлив заштитник на сите оние кои те повикуваат, зошто така благоволи за тебе Творецот на небото и земјата. Научи не, затоа, да и ние ти пееме:
Радувај се, зошто сомилосно за сиромашните се грижиш! Радувај се, зошто ги избавуваш верните од глад! Радувај се, зошто ги сокриваш пред наездата на непријателите! Радувај се,зошто многу пати Солун од оковите на горкото ропство го избави! Радувај се, зошто смртните рани и другите повреди од нас ги оддалечи! Радувај се, војводо, зошто на тебе по машкост равен никој не е! Радувај се, воину, кој никогаш во сила не оскудеваш! Радувај се, зошто сите зла кои се креваат врз градот твој како Мојсеј Амалик го оборуваш! Радувај се, Самсон, нападите на другите народи ги одбиваш! Радувај се, зошто на верните им даваш победа врз непријателите! Радувај се, зошто на христољубивите војски во бој им помагаш! Радувај се, Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 11
Секоја песна е немоќна да го искаже блескањето на твојата слава и твоите големи чуда, зошто кога царот Јустинијан посака во Софискиот храм во престолнината честица од твоите мошти да има, од гробот излезе оган недавајќи им на царевите пратеници ниту да пријдат на твојата гробница. Воодушевувајќи се тие со страв извикаа кон Бога: Алилуја!
Икос 11
Ние, кои сме во темнината на незнаењето, те гледаме како ѕвезда со светли зраци. Така на Онисифор, помрачен од темнината, кој служеше крај гробот, со двократно јавување му забрани да краде свеќи кои верните палеле крај гробот. Затоа со вера ти извикуваме:
Радувај се, зошто до мачеништвото свето живееше! Радувај се, зошто после по чудеста се прослави! Радувај се, затоа жив преку моштите во градот живееш !
Радувај се, зошто како вечно жив безброј чуда и сега правиш !
Радувај се, зошто правдата ја ублажуваш со милосрдие!
Радувај се , зошто гориш со оган на ревност за славата на Бога !
Радувај се , зошто твоите моштите се недофатни за насилниците и тираните!
Радувај се, зошто таквите со оган како молеа ги гориш!
Радувај се, зошто ги вразумуваш оние кои грешат!
Радувај се, зошто ги казнуваш разбојниците!
Радувај се, зошто им даваш осветување на оние кои искрено и со верба ти прибегнуваат!
Радувај се, зашто со мирото ги замирисуваш сите кои верно те почитуваат!
Радувај се ,Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 12


Прими благодат, Димитрие, да ја лекуваш секоја рана и секоја слабост кај луѓето. Дади ни и нам исцелување на телото и душата со цел на Бога, Кој ни те даде тебе како помошник и исцелител, благодарно да Му викнеме Алилуја!
Икос 12
Славејќи ги твоите чуда, Блажен, достоен за почит, затоа што пред нечистите смело го призна Христа Бога, ја прославуваме твојата маченичка смрт, го почитуваме твојот спомен и во радост оба ти го принесуваме:
Радувај се, зашто за Христос Спасителот ревносно следуваше!
Радувај се, храбар подражател на Неговото страдање!
Радувај се, зошто го прославуваш Бога со силите на небото!
Радувај се, зашто за светот со Царицата на небото и земјата се молиш!
Радувај се, зошто верните со скапоцен мир ги удостојуваш!
Радувај се, зошто ги исцелуваш душевно и теленораслабените!
Радувај се, Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак 13
О,Свети мачениче и верен угоднику на Христос, Димитрие мироточив, прими ја оваа мала песна од нас и моли Го Христа Бога да се всели и да замирисаат во срцата наши православните светители, нашата вера вистинска, да се множи во животите наши елејот на добрите дела, да не се изгаснат нашите светла во полноќниот час кога ќе се сретнеме со небесниот Младоженец, и да станеме достојни за во вечност, заедно со тебе и сите светии, да Му пееме во царството на Христос, на Вечното Слово Божјо, со Отецот и со прославениот Дух: Алилуја! (три пати)
Икос11
Творецот на Ангелите и Господ на Силите те прослави тебе, достоен за восхитување, како Ангел во тело, цврст и непобедлив во мачењето и силен заштитник на верните, затоа прибегнуваме кон Твоето застапништво принесувајќи Ти ги овие радосни песни:
Радувај се, ѕвездо која блескаш над цврстата Црква!
Радувај се, светилник, кој со чудеса го осветлуваш светот!
Радувај се, непоколеблив столб на верата!
Радувај се, нескршлив штит на православните!
Радувај се, сјаен украс на Тесалија!
Радувај се, преславна пофалбо на Солун!
Радувај се, сограѓанин на Апостолите!
Радувај се, заедно со мачениците си во небесните живеалишта!
Радувај се ти, кој ги примаш молењата на оние кои те повикуваат!
Радувај се, за сите нас на Бога се молиш!
Радувај се, свети Димитрије, славен Великомачениче и Чудотворче!
Кондак14
Чудесен Војводо на градот Солун, голем угоднику Христов и славен, подвижнику, Свети Димитрие, тебе, кој на светот му точиш миро на милост, ние те почитуваме и ти пишуваме пофалба, а ти имајќи слобода пред Господа, од секоја беда избави не, верно да ти воскликнуваме:Радувај се, Свети Димитрие, славен Великомачениче и Чудотворче!
На многаја љета
МВПЦ +++ Јован Хаџи

This entry was posted in Uncategorized. Bookmark the permalink.

Comments are closed.