ГРЕВОТ – НАЈГОЛЕМИОТ РОБОВЛАДАТЕЛ

raj-i-pekol
Во текот на целата човечка историја можеме да видиме дека човекот постојано имал потреба да се ослободи од било какво робување бидејќи Бог и го создал како слободно битие со своја слободна волја да одлучува. Таа особина човекот ја носи во себе, без разлика дали тој верува во Бог или не, дали се повинува на Божјите заповеди или на своите правила или некакви туѓи човечки правила. Чувството на слобода е толку силно развиено во самата срж на човекот што тој во целиот свој земен живот се залага таа слобода да ја оствари.
Но какво е сфаќањето на поголемиот дел од луѓето за слободата, што тие разбираат под поимот слобода? Дали тоа е ослободување од ропство од друг народ или држава, од ропство на некаков владетел или богат човек кај кого работи како слуга? Или пак тоа е ропство наметнато од правилата и законите во едно општество, каде се забранува секаков вид на слобода особено кај жените? Кое е вистинското ропство и вистинското ослободување од него? Кога човекот станува навистина слободен или ослободен од било какво ропство?
Повторно можеме да истакнеме дека во текот на човечката историја има примери на ропства од Римското царство кое се протегало во тоа време на огромни пространства каде луѓето морале да се повинуваат и немале право да се бунтуваат зошто секој бунт бил задушуван во крв, или подоцна од Персиското царство, од Отоманското царство, од колонијалните освојувања на Англија, од австро-унгарското ропство, од германското ропство во Првата и Втората светска војна, потоа во 20-от век од ропството на советскиот сојуз, од американската политика на наметнување на волја, како и многу други видови на ропства како ропство на жената под насилството на мажот во одредени култури или домови насекаде во светот, од ропството на родителите кои своите деца ги користат за економска сигурност и така натаму.
Значи во светот имало и има многу видови на ропства наметнати од човекот и повторно човекот сака да се ослободи од нив. Но дали сите овие ропства може да нанесат вечни последици кај човекот? Дали ослободувањето од материјалното ропство може да ти обезбеди вечен живот во рајот? Дали во текот на историјата човекот размислувал на овој начин или нему му било неподносливо да го издржи ропството наметнато од некаква туѓа власт?
Во овој денешен свет се е помал бројот на луѓето кои навистина веруваат во Бога, во Светото Троиство на Бог Отецот, Бог Синот и Бог Светиот Дух, и на заповедите кои во почетокот беа предадени на пророкот Мојсеј со цел човекот повеќе да не заскитува од правиот Божји пат, туку како да остане и понатаму на патот и како да се оддржи се до својата земна смрт. Подоцна законите уште повеќе беа објаснети и изјаснети со доаѓањето на Божјиот Син во тело за ние луѓето да можеме да следиме поедноставен пример, примерот на тоа како живеел нашиот Господ Исус Христос во распадливо тело на земјата.
Но што Он им проповедал за време на трите земни години на народот и на своите ученици- дека гревот е најголемото зло кое се наоѓа во секој човек и дека гревот е нашиот најголем робовладател кој ни ја заробува слободата на размислувањето и разбирањето на словото кое Бог ни го дава. Најголемото ропство под кое човекот се наоѓа е токму гревот. Тој не му дава на човекот да ја сфати неговата суштина, не му дозволува на човекот да му се отвори умот за да ги разбере Божјите зборови кои токму укажуваат дека ние треба да се ослободиме од ропството на гревот за да можеме целосно да се ослободиме од сите ропства кои претходно ги наброивме. Зошто доколку човекот го избегнува гревот, тоа значи дека избегнува да прави зли дела, значи дека се обидува да се придржува на Божјите заповеди, а со тоа е целосната слобода, материјална, телесна и духовна.
Но на најголемиот непријател на човекот, ѓаволот, не му одговара човекот да ги следи Божјите заповеди, туку ненаметливо му шепнува дека нема потреба да Го следи Бога зошто има слобода да прави што сака. Притаено му ја наметнува гордоста како особина која ги раѓа останатите гревови – кои токму од гордоста произлегуваат. Човекот се возгордеал толку многу што во овие модерни времиња смета дека му е непотребна помошта од Бога, дека секоја човекова потреба може да ја задоволи со основање на општества доволно екононски моќни што им овозможуваат материјално безбеден живот. Но, дали економската моќ може да ги спречи болестите или пак смртта?
Се оди до таму што поголемиот дел од луѓето веќе и не веруваат во задгробниот живот токму поради тоа што доколку веруваат во него, нема да си дозволат да прават што сакаат. Таа огревовеност на човекот е толку заслепувачка што човекот одбира да не верува во пеколот бидејќи не му се допаѓа идејата за вечното казнување на оние кои правеле зло, па ја шири лажната вест меѓу луѓето дека по смртта нема ништо, човекот умира и со тоа се завршува се. Замислете си колку е тоа жално и тажно. Живееш цел живот со страв дека еден ден, кој не знаеш кога ќе дојде, ќе умреш и нема ништо да постои. Па тоа е ужас! Тоа е страдање кое многумина потсвесно или свесно го чувствуваат во својот ум. Па тоа е вистински пекол. Овие луѓе избрале да живеат целиот свој земен живот во пекол само за да можат да прават што сакаат, да им пркосат со својата гордост на Божјите заповеди, наместо да ја прифатат вистината која Господ Исус Христос ни ја кажа, се жртвуваше за нас, ни покажа дека воскресна и дека се вознесе на небото, ни го покажа нашиот пат по смртта, но исто така ни покажа и како треба да живееме: кротко, мирно, исполнети со љубов кон другите луѓе, да помагаме секогаш кога можеме и колку можеме зошто со исполнување на овие дела ние ја покажуваме и љубовта кон Бога.
Значи човекот го избира гревот, а не Бога, – гревот, а не доблеста, – гревот, а не Божјите заповеди. Зарем гревот не е поголем робовладетел од сите оние низ кои поминала човечката историја? А колку е само малку потребно да се ослободиме од него – треба само да го читаме и исполнуваме Божјото слово и кога сите би го правеле тоа би немало војни и било какви зла, на земјата би било рај, токму онаков каков што го замислил Бог од самиот почеток кога ги создал нашите прародители Адам и Ева.
Човекот, како битие со слободна волја, може да избира дали ќе го слуша Божјото слово, Божјите заповеди или ќе се потчини на својата гордост, односно ќе го послуша ѓаловот кој му вели да се оддалечи од Бога и да се одреди за вечен живот во изобилие или за вечен живот исполнет во страдања. Зошто вечниот живот постои, дали ние тоа го прифаќаме или не, а каква вечност не чека, тоа зависи само од нас.
Мили браќа и сестри во Христа, токму во овие денови на Божиќниот пост, одредете се за Бога, послушајте ги Неговите зборови, присетете се на она што Господ Исус Христос направи за нас, отфрлете ја гордоста од себе како најголемо зло и приближете се пред Бога со молитви и добри дела. Не гледајте ги оние кои прават лошо или погрешно и не ги повторувајте таквите дела, или пак не барајте оправдување за вашата неверба во Бога во лошите примери меѓу свештенослужителите, тие се исто луѓе подложни на гревови, туку читајте и верувајте во се она што е напишано во Светото Писмо, во евангелијата кои ни се оставени токму да се ослободиме од гревот – робовладетел и да си обезбедиме вечен живот во Небесата.
Администрација на МВПЦ
сестра Марија

This entry was posted in Поуки. Bookmark the permalink.

Comments are closed.