МАКЕДОНСКА ВИСТИНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

ЗА НЕВИСТИНИТЕ КОИ ДЕНЕС ОТВОРЕНО СЕ ПРЕЗЕНТИРААТ ВО РАЗНИ МЕДИУМИ КОИ САМО ПРИДОНЕСУВААТ ЗА УНИШТУВАЊЕ НА ПРАВОСЛАВИЕТО, А СО ТОА И ЦРКВАТА ХРИСТОВА, НЕГОВОТО УЧЕЊЕ И НЕГОВИТЕ ЗАПОВЕДИ
Мили браќа и сестри во Христа
Токму во овие модерни времиња треба да бидеме сите многу претпазливи зошто секојдневно ни се пласираат текстови во медиумите кои под велот на добронамерноста или современиот разум и резон, се чинат логични и правилни, а во суштина се многу опасни за нас, нашето спасение и за уништувањето на Православието воопшто.
Ние, Македонска Вистинска Православна Црква го поставуваме овој текст на нашата веб страница како опомена до вас, верниците, да не бидете излажани и заведени од вакви видови на објави кои на прв поглед се чинат разумни и неопасни. Но работата е токму обратна. Уште еднаш напоменуваме, иако до сега сме пишувале на темата за важноста на календарот, дека православниот црковен календар не е само броење на деновите, седмиците, месеците и годините и колку тој е точен од научна страна или не. Важноста на стариот Јулијански календар е таа што на Првиот Вселенски собор во 325 година во Никеа бил прифатен како Црковен од страна на повеќе од 300 свети Отци кои присуствувале на соборот и според тој календар понатаму биле воспоставувани датите на сите поважни црковни празници, тие што не се подвижни, како и понатаму сите настани кои се случувале поврзани со Црквата, спомени на свети Отци на Црквата кои маченички го завршиле овој земен живот во Христово име. Сите овие настани имаат огромно значење за животот на Црквата, за воспоставените догми и канони, нешта кои ниту може да се менуваат, ниту прилагодуваат, а ниту пак да се модернизираат само поради тоа што некаков си научник се сетил за такво нешто. Овие нешта кои се чинат неважни се токму големи поткопувачи на опстанокот на Православната црква и сега сме сведоци дека токму 100 години НЕ сите православни цркви ги слават големите празници заедно, туку поголемиот дел се приклонуваат на начинот на тоа како се слави во католичката црква која, патем не е ни црква туку една расколничка институција зошто токму поради нејзините отстапувања од догмите и каноните се случи и големиот раскол во 1054 година. (Најголема причина зошто се случи големиот раскол, освен други причини, е верувањето на папата и западниот дел од Црквата во измената во Символот на верата, каде католиците почнаа да исповедуваат дека: Светиот Дух исходи и од Отецот и од Синот, нешто што претставува флагрантно отстапување од најсветото во Црквата Христова). Ние како православни, во никој случај не можеме да бидеме со едни расколници, а да се двоиме од нашите православни браќа и пред се од Бога само поради тоа што еден календар е попрецизен од друг. Токму тој најпрецизен нов Јулијански календар направи огромна штета во Православието откако бил прифатен од голем број на цркви затоа што со тоа се губи соборноста на Хритовата Црква, уште една догма во Символот на верата, така да веќе 100 години нема соборност освен само на Велигден, Вознесение и Педесетница. Сите останати празници одредени православни цркви (ќе видите во самиот текст) ги слават празниците со католиците.
Токму сега, во очекување на еден од најголемите празници, Раѓањето на нашиот Господ Исус Христос, Неговото пристигнување на земјата во тело, ве предупредуваме да бидете претпазливи зошто доаѓаат многу лукави игри во кои не смееме да паднеме. (Насловот на тектот исто така е многу лукав).
Со благослов на Неговото Блаженство
††† Јован – Хаџи

ОВА Е ПРАВАТА ВИСТИНА И НЕМА ДА НИ СЕ ДОПАДНЕ – ГРЦИТЕ ГО СЛАВАТ БОЖИЌ СПОРЕД СРПСКИОТ КАЛЕНДАР – 25 ДЕКЕМВРИ
Секоја година, непосредно пред славењето на Божиќ во Грција, на 25 декември, добиваме прашања: „Зарем грците не го слават Божиќ на 7 јануари како и ние?“, „Зарем Грците не се православни?“ и слично. Грците се народ од православната вера, и еве објаснувања и одговори на сите прашања.
Да имаше малку повеќе мудрост која честопати е отсутна во текот на нашата историја, Србите, како и Грците, би го дочекувале Божиќ на 25 декември, а не на 7 јануари. Грците го слават Божиќ денеска на 25 декември, благодарение на српскиот математичар, геофизичар, климатолог и астроном Милутин Миланковиќ.
Добро познатиот српски и светски научник создал нов ревидиран (реформиран) Јулијански календар во 1923 година, кој веднаш бил прифатен од Грчката Православна Црква, а заради неговиот творец, и денес се нарекува „српски календар“ во грчките теолошки кругови.
Голем број Срби не знаат зошто Грците како православни го слават Божиќ на 25 декември, наместо на 7 јануари, а всушност недостасувало само малку и Српската Православна Црква да се префрли на реформираниот Јулијански календар, според кој Божиќ се совпаѓа со Грегоријанскиот календар (25 декември) на кој Римокатоличката црква одамна преминала.

ПРОБЛЕМОТ СО МНОГУБРОЈНИТЕ НЕРАБОТНИ ДЕНОВИ
Приказната за реформираниот календар започнува во 20-тите години на минатиот век, кога во тогашната нова држава, Кралството на Срби, Хрвати и Словенци, сите празници, од Божиќ до Велигден се славеле по двапати. Католиците го славеле Божиќ на 25 декември, а православните на 7 јануари. Исто така и два Велигдени, православен и католички, неволно се славеле како државни празници.
Согледувајќи го проблемот на многу неработни денови во државната служба, особено околу Нова година, што имало лошо влијание врз економијата на Кралството на Срби, Хрвати и Словенци, дури и тогашниот крал Александар Караѓорѓевиќ побарал од Собранието да изготви предлог за обединување на датумите на државните празници. Бидејќи ова било многу деликатно прашање кое во новата држава не смеело да укинува празник на ниту едната, ниту другата група на христијански верници, две години подоцна парламентот дошол до заклучок дека е невозможно да се стори тоа.
Решението го понудил Милутин Миланковиќ во 1923 година, кој веќе во тоа време, по барање на вселенскиот патријарх Милентиј IV, работел на создавање на нов Јулијански календар, кој имал за цел да го намали временскиот јаз меѓу христијанските календари.
Резултатот од пресметките на Миланковиќ бил календар што доцни само еден ден на секои 28.800 години, додека, на пример, сè уште признатиот Грегоријански календар доцни еден ден на секои 3,280 години.
После обемното истражување, познатиот српски научник утврдил дека Јулијанскиот календар, откако бил воспоставен во 325 година во Никеа, доцни по еден ден на секои 128 години. Исправувајќи ги овие недостатоци, Миланковиќ во својот календар напоменал дека сите месеци треба да имаат по 30 дена, освен за февруари со 28 дена во проста и 29 дена во престапна година.

СПРСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА ГО ОТФРЛА КАЛЕНДАРОТ НА МИЛАНКОВИЌ
Милутин Миланковиќ го претставил својот нов Јулијански календар на Сеправославниот собор во 1923 година во Цариград. Календарот на Милановиќ веднаш го усвоиле Грчката, Бугарската, Романската, Александриската, Цариградската и Антиохиската патријаршија, а подоцна и Кипарската, Полската и многу други. Календарот на Миланковиќ бил одбиен од Ерусалимската, Руската, Грузиската црква и грчките старокалендарци.
По многу дискусии, Српската Православна Црква, исто така, одлучила да го отфрли календарот на Миланковиќ со тесно мнозинство.
Официјалните причини за отфрлање на календарот на Миланковиќ биле целосно тривијални и се однесувале на промената на датумите на постовите за следната година, особено на скратувањето на Петровденскиот пост. Заднината на ова отфрлање, всушност, лежела во тивкиот конфликт помеѓу СПЦ и кралот Александар.
Црквата неофицијално сметала дека Александар сакал да стане апсолутист, и дека со преминувањето на новиот Јулијански календар, всушност би претставувало удоволување на католичките Хрвати во новата држава, за која во тоа време се сметало дека треба да се има поголема почит кон српските празници. Потоа, од Миланковиќ било побарано да направи корекција на неговиот календар, за да се совпаднат датумите во веќе отпечатените календари на СПЦ за следните неколку години, односно да се направи постепено преминување во новиот календар.
Како научник, Миланковиќ одбил да го исполни ова барање, велејќи дека тој имал најточен календар во светот и дека останува на нив да го прилагодат како што сакаат и да работат со него што сакаат, но дека тоа веќе не би бил точен календар.
Како и многу пати во српската историја, проблемот бил решен со тоа што не се решил, односно сè останало исто. Кралството СХС продолжило двојно да ги слави Божиќ и другите црковни празници, а Грците од 7 јануари го префрлил славењето на Божиќ на 25 декември, според новиот Јулијански календар на Миланковиќ.
Додуша, Божиќ според стариот јулијански календар се слави на 25 декември, освен што не се совпаѓа со новиот календар и паѓа на 7 јануари.
Не! Грците не го слават Божиќ според римокатоличкиот Грегоријански календар!
Многу Срби денес може да погрешат тврдејќи дека Грците, Романците и други православни народи го слават Божиќ на 25 декември, според римокатоличкиот Грегоријански календар, иако тие всушност го прават тоа според новиот Јулијански календар. Српската и Руската православна црква до денес не ги реформираа нивните календари, за кои верските теоретичари тврдат дека е само форма на политички отпор кон западното христијанство.
Додека Русите можеби имаат оправдување да го задржат стариот календар, за православните Срби сè уште е нејасно зошто одбиваат да се префрлат на календарот кој сеуште важи за најточен во научниот свет денес, а направен е од еден од најголемите умови на Србија, Милутин Миланковиќ. Размислете за тоа …
Приказните дека Грците го слават Божиќ според римокатоличкиот Грегоријански календар, со години ги наметнуваат оние кои се обидуваат да ја убедат јавноста дека Грците се приближиле до Римокатоличката црква и го напуштиле старото Православие без да сфатат дека само станува збор за модернизација на Црквата преку која кога – тогаш ќе мора да прејде и Српската Православна Црква, затоа што ќе дојде момент кога заради престапните години Божиќ и другите големи празници нема да им се поклопуваат – нешто што пред еден век го пресметал Миланковиќ.

Крај на текстот
Мили браќа и сестри во Христа
За повеќе да би дознале за вистината на Православието и како навидум наивните дејствувања и објаснувања придонесуваат во голема мерка за уништување на Православието воведувајќи во поново време елементи на модернизација на Христовата Црква која Он ја создаде да биде вечна и непроменлива, зошто само како таква може да биде кораб кој го спасува човекот и го упатува кон вечните Небеса, во прилог повторно ви го презентираме видеото за падот на Византија – лекција која не треба никогаш да се заборави.

This entry was posted in Соопштенија. Bookmark the permalink.

Comments are closed.