МАКЕДОНСКА ВИСТИНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,СПОРЕД ЈУЛИЈАНКСИОТ КАЛЕНДАР,ГО ЧЕСТВУВА

images
ВОЗЉУБЕНИ БРАЌА И СЕСТРИ ВО ГОСПОДА
Во времето кога Дева Марија го роди нашиот Господ и Бог Исус Христос, било полноќ и насекаде владеела тишина, но на витлеемските полиња, пастирите ги чувале своите стада. Таа полноќна тишина била прекината кога од небото им се јавил Ангел и Господовата слава ги осветлила сите. Пастирите се исплашиле, но затоа пак ангелот ги смирил со зборовите: „ Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; денеска ви се роди Спасител кој е Христос Господ, во градот Давидов. И ова ви е знак: ќе најдете повиено дете каде лежи во јасли“. Потоа се јавиле повеќе ангели кои го славеле Бога пеејќи: „Слава на Бога во висините и на земјата мир, а во луѓето добра волја“. По оваа божествена слава која го осветлила целото човештво, можеме со сигурност да кажеме дека денеска е оној ден кога старозаветните патријарси, кои со воздишки и солзи прорекувале за доаѓањето на Искупителот; таа ноќ можеле конечно да се радуваат бидејќи нивните молитви допреле до Господовиот трон, а нашите вековни желби денеска се исполнија. Милоста и вистината се сретнаа, правдата и мирот се прегрнаа. Ветениот Месија, Законодавецот и очекувањето на сите народи, Спасителот на вселената, Отецот на идниот век и Бог им дојде на луѓето на помош и светот е спасен. Денеска небесните сили се јавија на земјата за земските немоќи да ги кренат на небото!
На денешен ден се роди вечниот Син на пресветиот Бог, Оној Кој бил пред создавањето на светот, од вечноста; се роди, но не само за еден народ, туку се роди за сите народи и за сите луѓе. Он се роди да го спаси човештвото од првородниот грев, да го уништи неговото зло, да ги раскине неговите тешки синџири, да ја растера темнината на гревот, да ја уништи силата на смртта, да ја отвори вратата на небесното царство, да го осветли светот со својата божествена наука, да го освети човештвото и да го спаси со својата бесценета крв. Ангелите јавуваат на светот за Неговото натприродно раѓање и пеат: „Слава на Бога во висините и на земјата мир, а во луѓето добра волја“.
Не треба да се сомнева никој од нас дека од сите науки најважна е онаа преку која човекот треба да научи како да го препознае Бога како Творец на сите созданија. За човекот не може и не треба да има нешто што е повозвишно, нешто што е покорисно. Пред точно 2015 години ангелите, објавувајќи им на витлеемските пастири: „Слава на висините на Бога, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“, покажаа дека тоа што тогаш се случувало е највозвишеното од постоењето на светот. Витлеемските јасли стануваат најславно светилиште на Господа! Витлеемските јасли стануваат нов рај во кој е родено дрвото на животот од чии плодови можат да јадат сите кои сакаат да се спасат. Овоплотениот син Божји воспоставува совршено богопочитување кое прилега на Единиот и вистински Бог. На денешен ден, роден во јасли, Спасителот основа царство кое ќе нема крај. Од тоа време се станува ново, се‘ се менува и во човекот и во верата. Човекот веќе не е онаков каков што бил до тогаш во Стариот Завет, бидејќи Синот Божји стана човек, Богочовек, за човекот да го возвиши до Бога, да го препороди и возвиши на степен многу повисок, многу поблагороден и неспоредливо почесен од претходниот, за луѓето на тој начин да станат жители на небото, светители, синови Божји и браќа Божји.
Затоа, возљубени браќа и сестри во Христа, да го љубиме нашиот Господ и Спасител со тоа што ќе ги исполнуваме Неговите заповеди, што Он ќе биде пред сите наши желби или желбите на нашите најблиски, зошто ако сите ние Го имаме искрено во нашите срце, Он никогаш нема да не остави сами. Кој Го љуби Господ Спасителот, тој не ги следи лошите примери, тој не слуша лоши совети, тој не го веселат среќата, ниту го вознемируваат несреќите. Кој Го љуби Господ Исус Христос, тој целиот свој живот своите очи и надежи ги насочил кон небесните венци и небесната слава. Срцето на таквиот христијанин е Господово светилиште во кое има само чисти и невини желби кои ги радуваат родителите, ги усреќуваат децата, секоја чесна работа се извршува со леснотија, меѓу луѓето владее братска љубов и взаемно помагање. Денеска светата Црква мајчински сите не поздравува, а и ние меѓу себе се поздравуваме со зборовите:
ХРИСТОС СЕ РОДИ! ВАИСТИНУ СЕ РОДИ!
ВЕЧНА НЕКА Е СЛАВАТА ГОСПОДОВА!
Архиепископ ††† Јован – Хаџи

badnikovo-grance
БАДНИК
Денот пред Божиќ се вика Бадников ден, а ноќта Бадна вечер, затоа што тој ден и таа ноќ се бдее, не се спие, туку со нетрпение се очекува најсвечениот момент во историјата на човечкиот род – Рождеството на Богодетето Христос. Заради тоа и Неговиот видлив симбол кој со особени одредби го внесуваме во своите домови се вика Бадник. Бадниковото дрвце симболички го претставува нашиот Спасител Господ Исус Христос кој во напонот на својата снага и со силата на своето Божество, ги раскина оковите против ропството на гревот, го препородил човекот и во него го разгорел пламенот на љубовта кон доброто, доблеста кон Бога, најголемото добро, овозможувајќи му спасение од гревот, злото и вечната смрт – духовната смрт, како што и младото бадниково дрво, со својата сила го разгорува пламенот на огништето, а со својот силен пламен ги осветлува сите агли на нашите домови.
И христијанскиот Бадник како и Божиќ водат потекло од онаа чудесна божествена витлеемска ноќ кога во овчарска пештера се родил Спасителот на човештвото, а овчарите, кои „чувале ноќна стража кај стадото свое (Лк. 2,8), палеле оган и се грееле. На гласот на ангелот Господов, кој им се јавил и рекол: „Не се плашете зошто ви јавувам голема радост…денеска ви се роди Спасот, кој е Христос Господ…Ќе најдете дете повиено каде лежи во јасли“. – „Кога по договор тргнале кон Витлеем за да видат што таму се случило што им било кажано за Господ“ (Лк. 2, 10, 11 и 15), исекле и понеле многу гранки да запалат оган и покрај Новороденчето и покрај Неговата Мајка, зошто ноќта била студена.
Со текот на времето во нашиот народ се развил цел култ поврзан и за Бадник и за Бдниковата ноќ. Денес во селото и во градот каде тоа може да се направи, на Бадник рано наутро, домаќинот на куќата или некој од машките деца, оди во шумата за да донесе Бадниково дрвце, а обредот на сечењето го почнува со крсниот знак. Бадниковото дрво се прекрстува во името на Отецот и Синот и Светиот Дух и се изговара кратка молитва: „Помогни Боже и Баднику свети!“ Потоа со секира во три удари го удира дрвото кое треба да падне на источна страна од каде доаѓа Господ. Потоа наоѓа дрен, ја отсекува гранката и вели: „Нека ни е на здравје!“ Потоа Бадникот го става на себе на десното рамо и го носи дома пеејќи:„Рождество Твое Христе Боже наш..“ До ноќта Бадникот стои пред куќата, во дворот, а во повеќекатниците во град, каде Бадниковите гранчиња се купуваат на пазар, тие стојат во ходникот на станот. А кога ќе дојде Бадниковата вечер, бадникарот го зема бадниковото гранче, го става на десното рамо и го внесува во куќата. Тогаш тој со свечен глас ја поздравува домаќинката и сите деца: „Добро вечер и нека е среќна бадниковата вечер!“ Домаќинката и сите деца, облечени во празнична облека, исто така весело и свечено одговараат: „Бог нека ти даде добро и среќа да имаш!“ И го посипува Бадникот со жито, го премачкува со мед и го прелива со вино. Потоа се прекрстува, го целива Бадникот таму каде е премачкан со мед и прелиен со вино, го бакнува Бадничарот во обарз и тој вели: „Мир Божји – Христос се роди!“, а домаќинката одговара: „Вистина Христос се роди!“. Ова бакнување на Бадникот и мирбожението меѓу Бадничарот и домаќинката се повторува со сите домашни.
Симболиката на оваа средба е јасна. Господ Исус Христос – новородениот Спасител на човештвото, во вид на Бадникот, влегува во домот наш и на сите членови на домаќинството им донесува здравје (стапче од дрен), изобилство на земни плодови (жито) и духовна радост (мед), која е слатка како мед или дури е послатка од медот, зошто е осигурана со Неговата невина крв (вино), која во свое време се пролева на Голгота. Бадничарот потоа ја зема кадилницата оди пред иконата на домашната слава, пред иконата е упалено кандило, ја кади, ги поминува сите соби во домот, за се да замириса на темјан и смирна, во сите соби истура по малку слама и парички, а во собата каде е иконата става по три ореви во секој агол. Во град свиток од слама со дренови стапчиња обично се става под масата на која се спрема бадниковата вечера. Додека ова го води Бадничарот, т.е. домаќинот на куќата, се пее Божиќниот тропар: „Рождество Твое Христе Боже наш…“ Таму каде не го знаат тропарот, Бадничарот вели: Кво, кво, кво, а децата: Пиу, пиу, пиу; и така од соба во соба.
И овој дел на обичајот на Бадниковата вечер е исполнет со смислена христијанска симболика. Кога Господ Исус Христос се родил во витлеемската пештера, мајка му го повила во пелени и го положила во јасли на слама. Отаму и сламата во сите соби на нашиот дом на Бадниковата вечер кога Господ се раѓа. А кога источните мудреци, водени од ѕвездата, дошле и Му се поклониле, Го дарувале со злато, смирна и темјан, Отаму и во нашите домови по сите соби окадени со смирна и темјан се истураат и парички (злато). Оревите во сите четири агли во собата каде е иконата симболички ја претставува Светата Троица, која владее со вселената од Исток до Запад и од Север до Југ. Таа на човештворо целосно му се јави, очигледно и јасно со Раѓањето на Господ Исус Христос. Со Неговото крштевање на реката Јордан, кога ние го празнуваме Богојавление – целосно јавување на Бога пред луѓето, како Света Троица, а особено со Христовата наука во која на апостолите, пред своето вознесување на небото, остава аманет: „ Одете и научете ги да исполнат се што ви заповедав“ (Мт. 28, 19-20). Значи не во мое име, или во името на Отецот или во името на Духот, туку во името на Светата Троица. Светата Троица владее со вселената и со се она што е во неа од Отецот, преку Синот во Светиот Дух, живее со Светата Троица, која по суштина е единствен Бог, но Три различни Личности неразделни.
Кога по сите соби се стави сламата, бадникарот го става бадникот на оган да прегори. Таму каде е обичај да се внесат два Бадника, која ја симболизираат божествената и човечката природа во Господ Исус Христос, тие се вкрстуваат на огнот.
20170105175916
БАДНИКОВА ВЕЧЕРА
Бадниковата вечера е разновидна и обилна но е строго посна. „Пред се на неа мора да учествува секое дете. Се вечера не на масата, туку на подот, на кој е ставена слама. Бадниковиот колач не се сече со нож, туку се крши со раце. Не смее да се изеде се и да се испие се, туку се остава по нешто да отстои преку ноќта, на она место на кое се вечерало. На Бадниковата вечера, како и на првиот и вториот ден на Божиќ софрата не се крева, ниту ѓубрето се исфрла…“
Домаќинките месат Бадников колач кој е обична Бадникова погача без квасец кој за време на вечерата се крши. Од јадења, на софрата, или пак на подот, над сламата, домаќинката спрема, покрај лебот (погачата) и сол, риба пржена на зејтин, мед, вино и грав. Во ситото, со кое домаќинката ги пречекува Бадничарот и Бадниковото дрвце, покрај житото, спрема разновидно овошје: ореви, јаболка, крушки, суви сливи, урми, суво грозје, бадеми, лешници. Пред така подготвената Бадникова вечера домаќинот се прекрстува, ја пали свеќата, ја кади трпезата и сите деца и пее: „Рождество Твое…“ ја чита молитвата „Оче наш“, го крши Бадниковиот колач – погача и сите деца ги нуди со вечерата на која се наздравува со чаша вино.
И Бадниковата вечера, како и сите дотогашни подготовки за дочекот на Божиќ, и исполнета со осмислени христијански симболики.
Бадниковата погача го симболизира самиот Спасител наш Господ Исус Христос. Тој самиот за себе рекол: „Јас сум леб жив (леб на животот), кој се симна од небото, кој јаде од овој леб ќе живее во векови; и леб кој јас ќе го дадам за животот на светот“ (Јн. 6, 51).
Рибата, како и лебот, го симбимболизира Спасителот наш Господ Исус Христос. На грчки јазик, преку кој нашите предци го примиле христијанството, рибата е ИХТИС, а тоа е собир на иницијалите Исус Христос Божји Син (IXOYC): I=Исус; Х=Христос; О= Божји, У=Син; С=Спасител. Значи ИХ-ТИС = РИБА значи: Исус Христос Божји Син. Затоа во првите времиња на Христијанството, рибата била знак на распознавање за христијаните и се цртала по катакомбите во кои првите христијани, во страв од многубошците, ги вршеле своите заеднички богослужења и учествувале во „кршењето на лебот“ и во „вечерите на љубовта“.
Солта ја симболизира силата и благодатта Божја која го чува делото Божје како што солта го чува лебот и рибата од распаѓање.
Виното симболички ја претставува крвта на Спасителот со која Тој на Голгота даде откуп на Бога за гревот човечки; го помирил човекот со Бога и го спасил од вечната осуда и смртта духовна.
Медот – производ на најчистото суштество под небото – пчелата, најслатката земска материја, ја симболизира сладоста на вечниот живот под закрила на Трисончевиот Бог кој ни го даде Спасителот наш Господ Исус Христос прво со своето раѓање во витлеемската пештера.
Свеќата, која се пали на Бадниковата вечера и на Божиќ, во многу домаќинства, особено во селото, се спрема од чист восок. Таа е во облик на клопче и на топка. Свеќата со својата светлина симболички го претставува Божеството кое е без почеток и крај (круг, топка, клупче). Самиот Господ Исус Христос за себе вели: „Јас сум светлина на светот…“ (Јн. 8, 12). „Додека имате светлина, верувајте во светлината, да бидете синови на светлината“ (Јн. 12, 36).
После вечерата се спие на слама, а рано наутро, се оди во црква.
Тропар, глас 4:
Рождество Твоје, Христе Боже наш,возсија мирови свјат разума, в њем бо звјездам служашчи звјездоју учахусја, Тебје клањатисја солнцу у правди, и тебе вједјети с висоти востока: Господи слава тебје.
Кондак, глас 3:
Дјева днес пресушчественаго раждајет, и земља вертеп неприступному приносит, ангели со пастирми славословјат. Волсвиже со звјездоју путешествујут: нас бо ради родисја Отроча младо, превјечниј Бог.

СЛАВА ВО ВИШНИХ БОГУ
Слава во вишних Богу,
Воспјевајте људије,
Днес Христос раждајетсја,
Пеленами повивајетсја.
Бог наш правдивиј,
Агнец незлобивиј.
Царије днец, шествујте,
Христу дари дарујте,
Пастирије свирјајте,
Пјесан нову восклицајте.
Со ангели
И архангели.
Камен Мојсеј порази,
Воду људем источи,
Камен људем источи,
Камен од гори отсјечесја,
Христос од Дјеви нам родисја.
Жизан всем привед
И напајајет.
И ви гори и холми,
Возиграјте со нами,
Дебри кедри сељнија
Ливан гори преславнија.
Воздигнитесја,
И веселитесја.
Марија днес повивајет,
Спаса Христа раждајет,
Емануила
Јего нарицајет.
На небеси слава,
На земљи от человјек
Поклоњеније и умиљеније
Божјој матери.
Богу во Троице
Буди от нас хвала.

*
ВСИ ЈАЗИЦИ ВОСЛЕШЧИТЕ РУКАМИ
1.Вси јазици восплешчите
руками, јако Христос избавитељ
јест с нами.
2.Во Витлејемје Јудејстјем
родисја, јако отрок пеленами
повисја.
3.Пастирије во пјевницах
свирјајут, хвала Богу
рожденому воздајут.
4.Мудри волсви от востока
придоша, злато, ливан со
смирноју дадоша.
5.Ангел во сње Јосифу сказујет,
гдје је Ирод со
вонством готујет.
6.Да убијет нескверного
младенца прежде вјека и
всех твари первенца.
7.Востани скоро Јосифе и
бјежи, рожденому с материју
послужи.
8.Да погубит во Египтије
болвани, иже виша дијаволу
создани.
9.Сего ради сниде слово
предвјечно, да скорушит
всја идоли конечно.
10.И погубит всја сила их
вопреку, да царствујет
Христос Бог наш во вјеки.

христос се роди

РАЃАЊЕТО ХРИСТОВО – БОЖИЌ
Света Дева Марија очекувала во Назарет да се исполни она што и ветил ангелот. Но волјата Божја била Синот Божји да се роди во Давидовиот град Витлеем, како што пророкот одамна прорекол.
Римскиот цар Август посакал да го преброи народот во своето царство и затоа издал заповед да се направи попис на сите луѓе. Заради тоа секој морал да оди во својот град од каде му било потеклото. Света Дева Марија и Јосиф биле од племето Давидово и тргнале од Назарет во Витлеем.
Кога уморни од патот стасале, било веќе ноќе и никаде немало место за преспивање, ниту во гостилницата, ниту во куќите зошто дошле голем број луѓе. Тие излегле надвор од градот и се засолниле во некоја пештера, каде овчари го заштитувле стадото од временски непогоди.
И тука во ноќта Света Дева Марија го роди својот Син првенец, Го пови и Го стави во јаслите.
Во близината овчарите чувале стража покрај своите стада. Одеднаш меѓу нив застанал ангел, ги осветлила небесна светлина и многу се уплашиле. Но ангелот им рекол: „Не се плашете зошто ви јавувам голема радост која ќе биде за сите народи. Зошто ви се роди Спасител, Господ Христос, во Давидовиот град. И еве ви знак: ќе најдете дете повиено како лежи во јасли“.
Додека тој го кажувал тоа се појавиле уште многу други ангели кои го фалеле Бога со зборовите:„Слава на висините на Бога и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“. Кога ангелите отишле на небото, овчарите отишле во Витлеем и во пештерата го нашле Јосиф и Света Дева Марија и дете во јаслите. Се поклониле на Исус и кажале што виделе и што чуле од ангелот за то дете.
Потоа овчарите си заминале славејќи го и фалејќи го Бога и јавувајќи ја радосната вест на сите кои ги сретнале.
+ + +
Така се исполни ветувањето Божје, дојде часот кој луѓето одамна го чекале. Синот Божји стана човек, прими на себе човечко тело и човечка душа, за луѓето да ги спаси од гревот. Тој им носи на луѓето мир и љубов, го смирува Бога со луѓето.
И тука се покажува големата добрина и љубов Божја: самиот Господ Исус Христос слезе од небото на земјата меѓу грешните луѓе, да живее и да ги трпи маките како човек. Тој не се раѓа во царска палата, ниту во богатство, туку во овчарска пештера; не лежи во свила и во златна колевка, туку во јасли во слама. Него први го виделе и поздравиле прости, едноставни луѓе, овчари. Тој е надеж и радост на сите луѓе, големи и мали, богати и сиромашни.
Христос е Бог и човек, Богочовек. Мајката негова е Божја мајка, Богородица. Раѓањето Христово е најрадосниот настан за Христијаните.
Секоја година го празнуваме Раѓањето на Синот Божји или Божиќ, три дена од 25 декември (7 јануари). Тогаш се поздравуваме со зборовите: „Мир Божји! Христос се роди!“ Тогаш и малите и големите се радосни, како што биле радосни ангелите на небото и овчарите на земјата.
Но човекот не може да биде радосен, ако во душата носи гревови, ако некого го мрази. Затоа за Божиќ се спремаме со пост од шест недели, се смируваме со сите и се причестувме. Тогаш им помагаме на сиромашните за и тие да можат да се радуваат. Божиќ е празник на мирот и љубовта, како што пееле анѓелите.
ХРИСТОС СЕ РОДИ , ВАИСТИНА СЕ РОДИ
+++ Јован Хаџи

This entry was posted in Uncategorized. Bookmark the permalink.

Comments are closed.