МАКЕДОНСКА ВИСТИНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР,ГО ЧЕСТВУВА

Early-Fathers1
ДЕНЕСКА, 30 ЈАНУАРИ, ТРОЈЦАТА СВЕТИ АРХИЕРЕИ
Свети Василиј Велики, Свети Григориј Богослов и Свети Јован Златоуст, секој од нив има свој посебен ден на празнување во месецот јануари. Но овој заеднички празник бил востановен во XI век за време на царот Алексиј Комнен. Во една прилика настанало расправа меѓу народот околу тоа кој од овие тројца светители е најголем. Едни го воздигнувале Св. Василиј заради неговата чистота и храброст, други Св. Григориј за недостижната длабочина и висина на умот во богословието; трети го воздивнувале Свети Јован Златоуст со неговата чудесна благоглаголливост и јасност во изложувањето на верата. И така едни се нарекувале василијани, други григоријани, а трети јованити. По Божја Промисла овој спор бил решен во полза на Црквата и на уште поголема слава на овие тројца светители. Евхаитскиот епископ Јован имал видение во сон, имено: прво му се јавил секој од овие светители во голема слава и неискажлива чудесност, а потоа сите тројца заедно. Тогаш тие му рекле: „Ние сме едно во Бога, како што гледаш, и кај нас нема ништо противречно, … ниту има меѓу нас некој кој е прв или втор”. Светителите го посоветувале епископот да им напише една заедничка служба и да им се одреди еден заеднички ден за празнување. Со ова прекрасно видение спорот се реши на тој начин што 30 јануари се одреди како заеднички празник за тројцата Свети Архиереи.
Тропар, глас 4:
Вие кои сте со Апостолите еднакви и учители на Вселената, Владиката на сите молете Го: Да дарува мир на Вселената и на душите наши голема милост.
Кондак, глас 2:
Си ги примил, Господи, на местото на наслада и одмор Твоите угодници, свештени и богоносни проповедници и големи учители, зошто Ти си Единствен кој ги прославуваш Своите светители: Си ги примил нивните подвизи и смрт повеќе од секое изобилие.
Пост и вера – Василиј,
Богословие – Григориј,
Милосрдие – Златоусти,
Златоусти, Медоусти!
Работници на едно дело;
Тројцата особени – три ангели,
Тројцата заедно како Бог еден,
Никој главен или спореден.
Во вечноста сите се сложуваат,
Еден повикуваш – сите тројца помагаат.
На еден му пееш, сите тројца слушаат,
Еден славиш, тројца се радуваат.
Тројца мажи – едно цело,
Тројца Архиереи – едно дело,
Три имиња – една слава,
На сите тројца – Христос им е глава.
Нека Господ Бог благослови, на многаја љета, а на сите оние на кои денеска им е слава нека им е среќна слава, на здравје и спасение!
+++администрација на МВПЦ
сестра Фросина

This entry was posted in Uncategorized. Bookmark the permalink.

Comments are closed.